“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА НА ПРВА ЈУСТИНИЈАНА ГОСПОДИН, ГОСПОДИН С Т Е Ф А Н

Слово при отворањето на изложбата Црковната традиција во Скопје и Скопско од IV век до денес, во „Музеј на град Скопје“, на 9.7.2008 година. Објавено во Сл. лист Весник бр. 4/08
СКОПСКАТА МИТРОПОЛИЈА
НИЗ ВЕКОВИТЕ
Да се говори за толкувековен христијански живот на Скопје, особено за црковната традиција во самиот град и во неговата окол
ина, верувам сте согласни, не е ни лесна, ни кратка тема. Скопје, и како Скупи, бил не само економски и административен, политички и стратешки, туку бил и духовен центар. Градот, како и неговата околина, во вековите пред нас, изобилувале со духовност, со градби и дела, со личности и настани коишто Скопје или Скупи, Скупи или Скопје, го потврдуваат како вистинска духовна тврдина, како место во кое се раѓале, растеле или со кое, во неговото долго опстоување, владееле истакнати личности.
Изложбава што е пред нас, иако е само мал дел од богатото духовно наследство на градот на Вардар, претставува прекрасен прилог во одбележувањето на полувековното самостоно дејствување на МПЦ како возобновена Охридска Архиепископија, со Одлуката на Црковно-народниот собор во Охрид, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година. Музејот на град Скопје е меѓу првите институции што се сети на скорешниот јубилеј на нашата Света Црква и што избра вистински начин за да ги посведочи и долгите и длабоките духовни траги на овој дел од македонската земја.
Инаку, во Македонија, за евангелската вистина се слушнало уште во средината на (првиот) I век. Во 51 година, светиот апостол Павле ги посетил македонските градови Филипи, Солун, Бер и други помали населби и области, и ги формирал првите црковни општини. Во следните години. се до Миланскиот едикт од 313 година. на Македонските простори, во областа Дарданија и во нашето древно Скупи, христијанизацијата се одвивала под истите услови што важеле како за целиот Источен Илирик, така и за целата Империја. Христијанството не било слободна религија, а христијаните биле прогонувани и измачувани за својата вера во Господа Исуса Христа.
Со Миланскиот едикт од 313 г., донесен од царот Константин, христијанството добило слобода, со што се овозможило процесот на покрстувањето да се одвива со забрзано темпо. До крајот на IV и V век, христианството речиси целосно ги потиснало паганството и другите присутни верувања.
Во тој период, центар и главен град на областа Дарданија било древното Скупи. Црковниот живот во овој регион бил солидно организиран, така што веќе во V век (451 г.) Скупската епархија прераснала во Митрополија. Нешто малку подоцна, во Источниот Илирик веќе имало околу 120 епархии. Во тие години, црковните градби во Скупската митрополија главно биле сконцентрирани во три региони: во самиот град, на Скопска Црна Гора и по течението на реката Треска.
Во архитектурата и во живописот, нашите предци го вградувале својот духовен живот, со што се вброиле во најцивилизираните народи на стариот континент. Драгоцен придонес во духовниот живот на Скупската митрополија во тој период, дале нејзините Митрополити: Дакус – учесник на Првиот вселенски собор 325 г., Паригориј – учесник на Соборот во Сардика – Софија, во 343 г., Јован и др. Духовниот растеж на Скупската митрополија бил прекинат со земотресот во 518 година.
Од VI век, поконкретно од 535 г., Скупската митрополија влегла во рамките на познатата Архиепископија Јустинијана Прва, чие седиште, исто така, било во Скопската Котлина.Таквата положба траела се до крајот на векот – до 602 г. Јустинијана Прва оставила силен духовен печат на нашите простори. И на територијата на Скупската митрополија има голем број археолошки остатоци, посебно од еднобродни базилики од таа епоха.
Христијанизацијата и утврдувањето на верата во Источниот Илирик, како процес не бил завршен ни во VII век. Тоа траело и во времето на императорите иконоборци, во VIII век, а се потврдува и со мисиите на светите Браќа од Солун, како и со издадениот државен декрет за покрстување на сето население во државата од 864 година. Но, и по тој официјален државен акт, христијанизацијата не била целосно завршена. Дури со доѓањето на светите Климент и Наум во краевите на Западна Македонија, кон крајот на IX и почетокот на Х век, тој процес на христијанизација конечно бил завршен.
Со создавањето на Самоиловата држава, во 976 година, Скопската епархија се нашла во рамките на Охридската Архиепископија. Меѓу архиепископските столици, што се наоѓаат во апсидата од олтарот на Соборниот храм „Св. Ахил”, на истоимениот остров во езерото Мала Преспа, имало и столица за скопскиот владика. Од зачуваните археолошки наоди, се гледа дека Црквата во Самоиловата држава развила богат духовен живот, што се одразил и во Скопската епархија. Меѓутоа, веќе во 1004 година, Византија успеала да му го одземе на Самоил градот Скопје, со што и епархијата била ставена под іурисдикција на Цариградската Патријаршија и истата не ја наоѓаме во бројот на епархиите што и припаѓале на Охридската Архиепископија при пропаѓањето на Самоиловото Царство во 1018 година.
Сепак, со првата Повелба што царот Василиі II jа издал за Охридската Архиепископија во 1019 г., Скопската епархија била ставена под јурисдикција на Охрид. Од списокот на местата со кои управувал скопскиот владика, се гледа дека епархијата се простирала во повеќе места на север – односно на Косово. Низ целиот XI и XII век, Скопската епархија е под ингеренција на Охридската Архиепископија, која е во рамките на Источното Римско Царство, односно Византија, кое се простирало се до Сава и Дунав. Таа се наоѓа и во трите нотиции на епархиите на Охридската Архиепископија од крајот на XI век, а исто така, се сретнува во кореспонденцијата и во актите на Охридскиот Архиепископ Теофилакт, од краот на XI и почетокот на XII век. Тоа е можеби најсјајната епоха на Охридската Архиепископија, кога истата претендирала да стане и Црква од екуменски карактер. Тогаш и духовниот живот во Архиепископијата, па и во Скопската епархија, е со највисок подем. Тоа, веројатно, се должи и на многубројното монаштво кое во тој период бегало од Мала Азиа и се доселувало на балканските простори. Од епохата за која станува збор, останати ни се манастирските светилишта: “Свети Прохор Пчињски”, “Св. Гаврил Лесновски”, “Св. Јоаким Осоговски” и др. Сепак, најоригинална зачувана градба, која плени со своето архитектонско решение и со својот живопис, е манастирот “Св. Пантелемон”, кој датира од 1164 година. Големи светилишта во тој период биле и: манастирот “Св. Вмач. Георгиј”, на левиот брег од реката Серава, наспроти денешниот Бит Пазар; потоа храмовите „Пресвета Богородица Троерачица” и „Св. Архангел”, кои не се зачувани.
Од крајот на ХII и почетокот на ХIII век, на нашите простори започнуват големи воени потреси и политички промени од кои ќе биде засегната и Скопската епархија. Така, со создавањето на ІІ Бугарско Царство во 1185/7 г., Скопската епархија била приклучена кон Трновската Црква, што ќе потрае се до 1207 г., кога севастократорот Стрез ќе успее да jа врати во составот на Охридската Архиепископија. Во периодот 1207-1214 година, таа е под ингеренција на Охридската Архиепископија, а во рамките на Стрезовото Кнежество. Во понатамошниот тек на XII век Скопската епархија останала под јурисдикциа на Охридската Архиепископија, иако политичките господари се менувале: Епирско Деспотство, Бугарија, Византија и Србија… Впрочем, XIII век е меѓу најтешките периоди за македонскиот народ, а согласно со тоа и за Скопската епархија. Меѓутоа, нако „црковните споменици преживеале многу бурни векови во своето драматично минато, се уште можат да jа подарат својата убавина и својата вредност на новото време”.
Од 1261 година – со почетокот на обновувањето на Византија, па се до осумдесеттите години на векот, Скопската епархија имала мирен, спокоен и плодотворен живот, кој потсетува на XI и XII век.
Од 1281/82 г. започнуваат експанзивните освоувачки походи на Српската средновековна држава кон југ, наскоро биле освоени градовите: Скопје, Куманово, Кратово, Полог и Дебар. Во црковната дипломатија, кралот Милутин бил мошне мудар. Иако ги освоил териториите на Скопската, Дебарската и Брегалничката епархија, не ги приклучил кон Српската Црква, туку му ги оставил на Охрид се до постигнувањето на мировниот договор со Византија, во 1299 година, кога цела Македонија jа добил како мираз со византиската принцеза Симонида. Откако Скопската епархија се нашла во рамките на српската држава, некаде по 1347 година, истата била подигната на повисок ранг, веднаш по Пеќ и Охрид. По помирувањето меѓу Цариградската Патријаршија и Пеќската Архиепископија, во 1375 година, Охридската Архиепископија се обидела да ги поврати епархиите што и припаѓале порано, пред сё, Скопската и Горнополошката, Но, по се изгледа, Скопската епархија останала во рамките на Пеќската Архиепископија се до паѓањето на Скопје под отоманска власт во 1392 година.
Од XIV век останати ни се бројни црковни градби, како што се: манастирот „Св. вмч. Димитриј” – Марков манастир кај Маркова Сушица, „Св. архангел Гаврил”, „Пресвета Богородица”, „Св. Никита”, „Св. Илија” – сите на планината Скопска Црна Гора, потоа „Пресвета Богородица”, „Св. Андреј” и „Св. Никола” на реката Треска и др.
Со паѓањето на Македонија под отоманска власт, Скопската епархија дошла под ингеренција на Охридската Архиепископија и таквата положба се задржала се до 1557 година – до обновувањето на Пеќската Архиепископија, под чија јуриздикција со мали исклучоци, останала се до 1766 година. Од овој период датираат храмовите: “Св. Георгиј”- Бањани, „Св. Спас”
– с. Добри Дол, „Св. Николај” – с. Радишани, “Успение Богородично” – с. Дивље и др.
По укинувањето на Пеќската Архиепископија во 1766 г., Скопската митрополија потпаднала под јуриздикција на Цариградската Патријаршија.
Со создавањето на Егзархијата – 28 февруари 1870 г., по потпишаните истилијами, Скопската епархија влегла во рамките на споменатата Црква. Градот Скопје бил изложен на црковно двовластие, но и на активностите на странските црковни и национални пропаганди. Сведоштво за тоа е што при крајот на XIX век, српската пропаганда успеала да се избори за митрополитско место во Скопје. Така, Скопската епархија станала центар на борбите на македонската граѓанска класа за црковни и за национални права, и за обнова на Охридската Архиепископија. Пример за тоа се напорите на Митрополитот Теодосиј Гологанов, во деведесеттите години на XIX век, за обнова на Охридската Архиепископија.
Во духовниот, како и во економскиот и во просветниот живот, ХІХ век битно се разликувал од претходните периоди. Откако со Гулханскиот хатишериф биле добиени дозволи за градба на храмови, за триесетина години македонскиот народ го направил тоа што не го постигнал можеби ни за четири века пред тоа – биле изградени соборните храмови речиси во сите македонски градови. Таквата активност се манифестира и во Скопската епархија.
Балканските војни во 1912/13 г., предизвикале големи промени во животот на македонскиот народ, како на национален, така и на духовен план. За време на Првата светска војна, од октомври 1915 г., па се до нејзиното завршување на 11.11.1918 г., српското владеење било заменето со бугарско.
Со создавањето на Кралството СХС, Скопската епархија и останатите македонски епархии во Вардарскиот дел, како и Рашкопризренската и босанските епархии, добиле канонски отпуст од Цариградската Патриаршија, откако биле платени еден и пол милион златници, за влегување во рамките на обединетата СПЦ, во чии рамки останале се до 6.4.1941 година.
Во текот на Втората светска војна (1941-1944г.), Скопската епархија повторно ќе се најде во рамките на Егзархијата. По ослободувањето и создавањето на ФНРЈ, односно од 1944 до 1958 година, во Македонија нема висок црковен клир.
Во февруари 1945 година, во Скопје е одржан Првиот црковно-народен собор, при што претставници од домородното македонско свештенство и верници-делегати од македонскиот народ донеле одлуки за формирање на Иницијативен одбор за организирање на МПЦ, како возобновена Охридска Архиепископија.
Во декември 1946 година, во Скопје се одржала Свештеничка конференција која, немајќи друг избор, прифатила Српскиот Патријарх, покрај СПЦ, да ја преставува и МПЦ, како и тоа на чело на МПЦ да стои Архиепископ Охридски и Митрополит Македонски.
Во 1958 година, во Охрид, од 4 до 6 октомври, се одр-жал Вториот црковно-народен собор, на кој е донесена Одлука за обнова на Охридската Архиепископија и за создаване на МПЦ, и е избран и првиот Архиепископ, во лицето на блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј. На тој Собор е донесен и Уставот на возобновената Охридска Архиепископија како МПЦ. Денес, Скопје, главниот град на нашата држава Република Македонија, е и седиште на МПЦ.
Еве, токму по повод тој историски Собор, годинава одбележуваме 50 години. Во тоа чествување, со оваа прекрасна изложба учествува и „Музејот на град Скопје”. За тоа, од името на соборјаните од пред половина век и од името на сите градители на славата на древната Охридска Архиепископија, а со тоа и на Скопската епархија, упатувам благодарност и до Музејот и до сите што дадоа придонес за поставката.