




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
45. Наум
Вовед
Во книгата на пророкот Наум се искажува пророштвото за падот на Ниневија, главниот град на дотогаш моќното Асирско царство, лут непријател на Израил. Ниневија била разурната од Вавилонците во 612 година пред Христос. Наум најпрво навестува дека Господ ќе ја казни Ниневија, поради суровоста кон Израилците, но и другите околни народи. Падот на Ниневија претставува пример на Божјиот суд врз безмилосните и арогантни владетели.
Наум зборува и за Божјата милост и добрина, но само кон оние што Го почитуваат Бога (1,7). Исто така, оваа книга упатува на еден од начините на кои Господ покажува милост кон Своите, уништување на угнетувачите и поробувачите, во овој случај – Асирците (1,13-15).
Ова книга може условно да се подели на три дела:
Во Првиот дел говори за власта на Господ над сите творби и над целиот свет (1,2-8).
Вториот дел кажува дека конкретниот Историски момент Господ ќе ја искаже Својата моќ со тоа што ќе ја уништи суровата Сирија и ќе го ослободи угнетениот Божји народ (1,9-2,3).
Третиот дел е прослава по повод падот на Ниневија (2,4-3,19).
1. Лутиот Божји гнев
1. Пророштвото за Ниневија; книга за видението на Наума од Елкос.
2. Господ е Бог ревнив и одмаздник;одмазник е Господ и страшен во Својот гнев: Господ им се одмаздува на непријателите Свои; не ги поштедува ни противниците Свои.
3. Господ е долготрпелив и голема е силата Негова, така што не остава никого без казна; патот Господов е во виор и бура, а облаците се прав од под нозете Негови.
4. Ќе му се закани ли на морето, и тоа пресушува, и сите реки пресушуваат: овенува Васан и Кармил, и свенува цветот на Ливан.
5. Горите се тресат пред Него, и ридовите се топат, земјата потреперува пред лицето Негово, и вселената и сè што живее во неа.
6. Кој може да устои против Него? И кој може да го издржи пламенот од гневот Негов? Гневот Негов се излива како оган; карпи се распаѓаат пред Него.
7. Добар е Господ; Он е прибежиште во жалосен ден. Он ги познава оние, што се надеваат на Него.
8. Но со силна поплава, што сè потопува, ќе ја уништи Ниневија до темели и мрак ќе ги обземе непријателите Негови.
9. Што сте намислиле против Господа? Он ќе стави крај на сè, и неволите веќе нема да се повторат,
10. зашто, иако сплетени како трње и како од вино пијани, тие ќе бидат наполно проголтани, како сува слама.
11. Од тебе произлезе оној, што смисли зло против Господа, и кој подготви нечесен заговор.
12. Вака вели Господ: „Макар што се безопасни и многубројни, тие ќе бидат исклани и ќе исчезнат; а тебе, иако те измачував, нема веќе да те измачувам.
13. И сега ќе го скршам јаремот негов, кој лежи врз тебе, и ќе ги раскинам оковите твои.
14. А за тебе, Асире, Господ определи: нема да продолжи родот твој; од домот на твојот бог ќе ги истребам идолите резани и лиени; во него ќе ти направам гроб кога ќе бидеш презрен.
15. Ете, по горите се стапките на благовесникот, кој најавува мир: празнувај ги, Јудејо, твоите празници, извршувај ги заветите свои, зашто преку тебе нема веќе да минува нечестивиот; тој е наполно уништен.
2. Пророштво за разурнување на градот Ниневија
1. Се крева против тебе уништувач: пази ги тврдините, чувај го патот, зацврсти ги бедрата, собирај сили.
2. Зашто Господ ќе го востанови величието на Јакова, како величието на Израилот, оти пакосници ги запустија и лозјата им ги сотреа.
3. Штитот на неговите јунаци е црвен: војниците негови носат црвени облеки; колите бојни ќе фрлаат оган во денот на борбата и гора од копја ќе се лулее.
4. Колите ќе траскаат по улиците и ќе се судираат една со друга, ќе изгледаат како запалени факели, и ќе светкаат како молњи.
5. Тој ќе ги повикува јунаците свои, но тие ќе бидат бавни во одот, ќе побрзаат кон ѕидовите на градот, но опсадата е веќе подготвена.
6. Вратите од реките ќе се отворат и дворот ќе се урне.
7. Решено е: таа ќе биде оголена и во плен одведена, а слугинките нејзини ќе стенкаат како гулаби, удирајќи се в гради.
8. Ниневија, откако беше основана, беше како водобран полн со вода, а тие бегаат. „Стојте, стојте!”. Но никој не се свртува да погледа.
9. Грабајте сребро, грабајте злато; нема крај на натрупаните скапоцени работи.
10. Ограбена, опустошена и разурната е таа – срцето се топи, колената треперат; сите чувствуваат болки во бедрата, а лицата им се потемнети.
11. Каде е лавот што грабеше за да им носи на лавчињата и им даваше на лавиците, полнејќи ги со плен пештерите свои и леглата свои со грабеж?
12. Каде е сега леглото на лавовите и пасиштата на лавчињата, каде што одеа лав, лавица и лавче, и никој не ги плашеше?
13. Ете, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, и ќе ги претворам во дим твоите бојни коли, и меч ќе ги исече лавчињата твои, и ќе го истребам од земјата грабежот твој; повеќе нема да се чуе гласот на твоите пратеници.
3. Гревовите и казна за градот Ниневија
1. Тешко му на крвничкиот град! Тој е полн со измама и убиства; грабењето не престанува во него.
2. Се слуша плускање на бичеви и трескот од тркала како и од потскокнување на бојни коли.
3. Коњаниците потскокнуваат, болскаат мечеви и светкаат копја. Многу убиени и купишта трупови! На труповите им нема крај; и се сопнуваат од нив.
4. Тоа сето е за многуте блудствувања на убавата на изглед развратница, вешта во магии, која со блудот свој продава народи, а со магиите – племиња.
5. Ете, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, ќе ја кренам полата од твојата облека врз твоето лице и ќе им ја покажам на народите твојата голотија, и на царствата – срамотиите твои.
6. Ќе нафрлам врз тебе нечистотии, ќе те направам презрена, и ќе те направам за приказ.
7. И секој, штом ќе те види, ќе побегне од тебе и ќе рече: „Разурната е Ниневија! Кој ќе сака да ја пожали? Каде да најдам утешител за тебе?”
8. Зар не си подобра од Но – Амона, кој лежи меѓу реки, опколен со вода, чиј окоп е морето, и тоа му служеше како ѕид.
9. Етиопија и Египет со безбројно множество луѓе ти служеа како поткрепа; а тие ти идеа на помош со Коптите и Ливијците.
10. Но и тој е раселен, отиде во ропство; дури и децата му се здробени – по сите градски крстосници; а за првенците му фрлија жреб, и сите големци се во вериги оковани.
11. И ти така ќе се опиеш и ќе криеш; и ќе бараш заклон од непријателите свои.
12. Сите твои градови се како смокви со зрели плодови: ако ги затресеш, ќе паднат право во устата на оној што сака да ги јаде.
13. Ете, и народот твој во тебе се како жени: на непријателите твои ширум ќе им се отворат портите на земјата, и оган ќе ги проголта твоите резиња.
14. Зафати си вода за опсадата; зацврсти ги тврдините; влези во кал, гази глина, направи ја печката за печење тули.
15. Таму оган ќе те проголта, меч ќе те исече, ќе те изеде како гасеница, макар и да сте се намножиле како гасеници, па и да сте се намножиле како скакулци.
16. Трговците при тебе се повеќе од ѕвездите на небото; но тие како скакулци ќе се распрскаат и ќе одлетаат.
17. И кнезовите твои се како скакулци, а војводите – како рој мушички, кои во студено време се гнездат во пукнатини, а кога ќе изгрее сонцето се разлетуваат, и нема да го распознаеш местото каде биле.
18. Спијат твоите пастири, царе асирски, почиваат твоите големци; твојот народ се распрснал по горите, и нема кој да ги прибере.
19. Нема лек за твојата рана, лута е раната твоја. Сите, што ќе чујат за тебе, ќе ракоплескаат, зашто врз кого ли не си ја протегнал твојата постојана злоба.