“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
42. Авдиј
Вовед
За Авдиј, освен фактот дека бил пророк, друго речиси не се знае. Неговото име значи „Богослужител“ и било вообичаено име од древниот Израил.
Книгата на пророк Авдиј е толку мала, што не е поделена на глави, односно содржи само една глава. Во неа Авдиј пишува за Едомците (потомци на Исав), кои живееле јужно од Мртвото Море. Едомците се однесувале многу сурово кон Божјиот народ, Израил. Затоа Господ им навестува дека ќе ги казни, а нивната земја ќе ја даде на Израилците. Оваа книга е веројатно напишана набргу по падот на Ерусалим под Вавилонците, во 587 година пред Христос. Тогаш Едомците не само што му се радувале на падот на Ерусалим, туку и му помагале на непријателот, а и самите ги пљачкосувале градовите. Авдиј им објавува дека тие ќе бидат казнети заедно со сите други народи кои му биле непријатели на Израил.
1. Горделивоста и казната на Едом
1. Вака му вели Господ на Едом: „Чув глас од Господа, известие е испратено меѓу народите: “Станете, да се кренеме во борба против овој народ!”“
2. Еве, те направив најмал меѓу народите, многу си презрен.
3. Гордоста на твоето срце те измами, тебе, кој живееш меѓу камењата во пештери, во својот висок дом, и му велиш на своето срце: „Кој е тој што ќе ме собори на земја?”
4. И да се кренеш високо како орел, да направиш гнездо, и оттаму ќе те сметнам; говори Господ.
5. Крадци кога би дошле кај тебе, или ноќни разбојници, зар не би украле онолку колку што им треба? Берачи на грозје ако би те нападнале, зар не би оставиле нешто за доберување?
6. Како беше пребран Исав, и како му ги зедоа сите негови сокриени работи!
7. Сосема те опустошија; сите твои сојузници станаа против тебе, те измамија и они што јадат со тебе, стапица ќе ти стават, што не ќе ја забележиш.
8. Во оној ден, вели Господ, ќе ги погубам мудрите во земјата Едомска и разумните во гората Исавова.
9. И јунаците твои ќе се уплашат, Темане, за да се истребат сите од гората Исавова.
10. Поради насилството и заради убиството, што му го направи на братот твој Јакова, со срам ќе бидеш покриен и ќе бидеш отфрлен засекогаш.
11. Во оној ден кога ти беше од спротивната страна; во оној ден кога
други ја водеа во ропство војската негова, и кога туѓинци влегуваа низ вратата негова и фрлаа жреб за Ерусалим, беше и ти како еден од нив.
12. Не презирај го братот твој во денот, кога е во неволја од туѓинци, кога го водат во туѓа земја, ниту да се радуваш на синовите Јудини, кога тие пропаѓаат, а уште помалку да ја отвораш устата своја во денот на нивните страдања.
13. Не влегувај низ вратата на Мојот народ во денот на неговата неволја, не насладувај се на нивното зло во денот на нивната погибел, и не земај од имотот нивни во денот на нивната пропаст.
14. И не стој на нивните крстопати, за да ги убиваш оние што бегаат, нити да ги предаваш оние, што преживеале во денот на нивната неволја.
15. Зашто денот Господен за сите народи е блузу: како си правел, така ќе ти се прави; отплатата ќе падне на твојата глава.
16. Оти, како што пиевте на Мојата света гора вие, така ќе пијат вино сите народи, ќе се препиваат и ќе слегнат, и ќе бидат како никогаш да не биле.
17. Но на гората Сион ќе биде спасението и ќе биде света, и домот на Јакова ќе го добие своето наследство.
18. Домот на Јакова ќе биде оган, а домот на Јосифа пламен, додека домот на Исава стрниште; ќе разгорат на нив, и ќе ги запалат; и нема никој од домот Исавов да остане жив, зашто Господ така вели.
19. Другородци ќе ја наследат гората Исавова, и рамнината Филистејска; ќе го наследат и полето Ефремово и полето Самариско, а Венијаминовото ќе го наследи Галад.
20. Заробената, пак, војска на синовите Израилеви ќе го наследи Ханан до Сарепта, а робовите од Ерусалим ќе ги наследат јужните градови во
Сефард.
21. И победниците ќе се качат на гората Сион за да ѝ судат на гората Исавова, и тогаш ќе биде царството Господово.
