“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Кратка Историја за
РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО
Според Прво-Евангелието на апостол Јаков,
Ерменската, Сирската и Арабската верзија
Извадок од книгата: „Богородично евангелие“, ќе ја најдете на оваа Веб страница во линковите „Нашата Православна Црква и на Издавачка дејност“.
“Дева денес Го раѓа Оној што постоел од секогаш и земјата на Недостапниот пештера Му принесува. Ангелите со пастири Го прославуваат, а мудреците со ѕвездата патуваат, зашто поради нас се роди Дете младо, Предвечниот Бог”. (кондак на Рождество).
За раѓањето на Христа зборуваат двајцата евангелисти. Св. евангелист Матеј ја потцртува теинствената страна – безсеменото зачнување од Светиот Дух: “А раѓањето на Исус Христос стана вака: по свршувачката на мајка Му Марија за Јосифа, уште пред да се состанат, се виде дека е тешка од Светиот Дух” (1:18).
Св. евангелист Лука го опишува раѓањето во времето, епохата, земјата, градот, местото и настаните со Него кој се случуваат: “Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за време управувањето на Квириниј со Сирија. И одеа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше зачнала. А кога беа таму, нејзе и дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата.
Во тој крај имаше пастири, кои престојуваа во полето и чуваа стража ноќе кај своето стадо. И ете, ангел Господов застана меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се исплашија многу.
А ангелот им рече: ‘Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли’.
И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: ‘Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!’
Кога си отидоа онгелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: ‘Да појдеме во Витлеем и да видеме тоа што се случило, што ни го соопшти Господ’. И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф, со Младенецот кој лежеше во јасли. А штом видоа, соопштија за се што им беше речено за Тоа Дете. И сите, што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите. А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бога за се’ она што чуја и видоа, како што им беше речено.” (Лк. 2:1-20)
Напишаната скромност, со спокоен тон и благородна содржина на таа евангелска повест ја дава основата, дека во неа богоозарениот евангелист го опишува расказот од св. Богородица за раѓањето на Спасителот. Мајките секогаш се најточните природни историчари за детството на своите рожби. Изложеното на св. Лука носи проповед на женско кажување преку кое го нагласува карактерот на Мајката Божја. Секоја друга Мајка би дала простор при опишувањето на својата рожба на секоја вообичаена случка од животот како нешто исклучително. Но кај скромната Мајка Божја, такви преувеличувања не се присутни. За неа секое величење се слива со сознанието, дека нејзиното Дете е Божји Син. Таа не преукрасува, се’ чувала за Него во своето срце. Содржината на текстот објаснува дека само на св. апостол Лука, еден од Господовите ученици, кој синовски се грижел околу нејзе, му доверила некои деталности од детството на Учителот. Од скромност таа не му раскажала за поклонувањето на мудреците.
Тоа го прави св. авангелист Матеј:
“А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во времето кога царуваше Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа: ‘Кад е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме’.
Штом го чу тоа, царот Ирод се вознемири и цел Ерусалим со него. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници народни, ги праша: ‘Каде ќе се роди Христос?’
А тие му одговорија: ‘Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу владетелствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач Кој ќе го пасе Мојот народ – Израил’. (Мих.5,2;)
Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и го дозна од нив времето кога се појавила ѕвездата, па, испраќајќи ги во Витлеем, им рече: ‘Одете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да дојдам и јас да Му се поклонам.
Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре одозгора, каде што беше Младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие многу се зарадуваа со голема радост.
И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; потоа ги отворија своите ковчежиња, и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна. И откако на сон примија вест да не се враќаат кај Ирод, по друг пат заминаа за својата земја“. (Мат.2:1-12)
Првоевангелието по Јакова ја опишува во тој настан целата вселена. Откако ја сместил во една пештера Марија, и го оставил својот син околу неа, самиот Јосиф отишол да побара и да доведе некоја баба од еврејскиот род. “И ете, јас Јосиф, како што одев, одеднаш застанав. Ги подигнав своите очи нагоре и видов, дека воздухот беше замрел. Погледнав повисоко кон небото и видов се’ беше застанато и тивко. Птиците, кои беа летнале кон небото, во својот лет беа застанати со раширени крила. Ги свртeв очите свои кон прозорците на една фурна и ги видов фурнаџиите над месното корито, наведнати над местото со неподвижни раце. Тие кои месеа, беа застанати да месат, тие кои го разнесуваа тестото и го обликуваа лебот, стоеја и гледаа нагоре. И ете, овците, кои минуваа беа застанати во движењето; овчарот, кој беше дигнал рака да ги потера со гегата – раката му беше застаната во воздухот. Кога погледнав кон реката, видов кози со главите наведнати, устите им беа отворени, а не пијат вода. И по кратко, во еден миг се’ отпочна со нормален одд. (гл.XVIII)
Голем настан! Бог слезе од небото на земјата, постана човек и меѓу луѓето заживеал!
И друг пат Господ слегувал да ги поправа грешките на луѓето:
-Во рајот, кажувајќи ја праведната Своја пресуда и наводно ветувањето дека “семето на жената ќе ја згази главата на змијата”
-За време на потопот, за целосното истребување на човештвото од гревот, при рушењето на Вавилонската кула и пореметувањето на јазиците, за полагање основата на живата Црква, во која сите со едно срце и една душа вистински ќе служат на Единиот Бог;
-Во откровенија и знаменитости на пророците, со гром и молња на Синај, и секогаш со една цел: Да го приготви патот кон Христа!
За тоа, – учи св. Амфилохиј – биле посебни, кратко трајни јавувања. А сега слегува почетокот на продолженото општување, на вечно осиновување со Бога на сите, копнеејќи по Бога.
Кога тоа се случува, во какво време? – “Во тие дни” (Лк.2:1), кога властта на многубожачкиот цар се простирала над целиот тогашен свет, човечкиот род беше тргнал во безаконие и гревот го покривал лицето на Земјата; кога завршувало исполнувањето на Даниловите седмици, од времето кога излезе законот за обновувањето на Ерусалим, до Христа, . . . и ќе се врати народот и одново ќе се изградат улици и ѕидови, но во тешки времиња. И по шеесет и двете седмици Христос ќе биде предаден на смрт и суд нема да има: а градот и светилиштето ќе бидат разрушени, опустошени . . . а на крилото од светилиштето ќе настапи мерзост на опустошувањето и крајот на предопределената погибел ќе го постигне опустошителот (Дан.9:24-27). Црковните толкувачи ги објаснуват Даниловите седмици. По Вавилонското ропство биле издадени три закони за обновување на Ерусалим: Од Кир Персиски во 127 година, и од Артаксеркс во 295 и во 308 година од оснивањето на Рим. Така по даниловите седмици, сите оние израелци кои правилно го разбирале св. Писмо го следеле времето од доаѓањето на Месијата и веќе нестрпливо Го чекале.
Родното место на Месијата е претскажано од св.пророк Михеј: “И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој ќе владее во Израил и чие потекло е од почетокот од вечноста” (5:2).
Најпрво било вкоренето во сознанието на еврејскиот народ пророштвото за доаѓањето на Месијата од пророкот Валаам, “маж со отворени очи”, пред моавитскиот цар Валак: “Ќе му покажам, но не сеуште, го сакам но не одблиску: Изгрева ѕвезда од Јакова, и се издига довек од Израилот” (Броеви 24:15-17).
Древните масорети го знаеле тој текст дека се однесувал на Месијата, се претпоставува како појава на Ѕвезда. Од најстарите времиња доаѓањето на Спасителот се поставувало во некаква таинствена врска со природните промени на опходот на небесните тела и во основа го покажуват времето. Верувале дека Месијата ќе дојде после долги бурни години, и како знак, на небото ќе се појави нова ѕвезда, која ќе го најави Неговото раѓање. Тешко е да се определи потеклото на тие преданија. Јудејските рави сметаат, дека Самиот Бог им дал такво откровение на древните патријарси, кои ги прателе промените на ѕвезданото небо. Тоа предание го прифатиле и други народи. Древните источни народи ги препишувале тие преданија на своите научници: персијците и халдејците – ги препишувале на Зороастра, кинезите – на Конфучиј, и тн. Какво и да е објаснување кое се дава, важно е, дека тој бил присутен и бил широко распространен низ различни народи, поделени еден од друг со иљадници на километри.
Кога наближило времето предречено од пророкот Данило, св. Дева Марија да го роди својот Единороден Син, жителите на целиот Исток, особено јудеите, биле разбранувани во очекување на големи промени во светот. Светониј и Тацит со исти зборови известуваат, дека по целиот Исток се говорело за древното пророштво, според кое дошло времето јудеите да го завладеат светот. Но никој од тие народи, освен јудеите, не смееле да тврдат, дека Месијата ќе дојде од некој од нив. Во Европа Го очекувале од Исток; Во Индија и Кина од Запад; но под Исток и Запад сите ја подразбирале Јудеја. Се разбира дека кинескиот импреатор Минг Ти, испратил во Индија пратеници да научат, што се знае таму за доаѓањето на Светиот, Кој според преданијата требало да се појави на Запад.
Обединувањето по скиптарот на Рим на сите тогашни народи било дело на Божјата промисла. Тоа објаснување не било за сите подеднакво, некои сметале дека е подготовка на востановување на “едно стадо” во едно, вечно, духовно царство на мирот и љубовта. Повеќето биле во исчекување, настаните воделе кон некакво ново единство, дека величието на Рим се градело по Божја промисла. Богодаровани луѓе отворено кажувале, дека римското единоначалие во времето на Август води кон распаѓање на јазичното многубоштво и утврдување на Божјото царство на земјата.
Точната година на Раѓањето Христово тешко се определува поради многуте промени во годините. Христијанските народи денес го примат годино-броењето, востановено од скитскиот монах од VI век Дионисиј Млади. Тој израчунал, дека Раѓањето Христово станало во 754 година од основањето на Рим и го вовел христијанското годишно-броење од Раѓањето Христово, а не од смртта Христова, како што било дотогаш. Покасно астрономското броење го корегирал Дионисиј со седум години и било утврдено 747 година од основањето на Рим како година на раѓањето Христово.
Месецот и денот на раѓањето на Исуса биле востановени врз основа по настаните дадени според евангелието по Лука на следниот начин:
Кога Исус се крстил, бил 30 години (Лк. 3:23).
Крштевањето Негово во Јордан од Јован Крстител станало на 6 Јануари – на оваа дата се празнува од II век, посочено од современици очевидци.
Исус бил шест месеци помлад од Јован Крстител (Лк.1:13-26).
Зачнувањето на Јована се случило веднаш после јавувањето на Ангелот во храмот на Захариј. Служењето на Захариј во храмот е потврдено помеѓу 2 и 9 октомври 746 година од основањето на Рим. На 10 Октомври Захариј можел веќе да биде слободен од чредност и тој ден Елисавета била зачната.
Во шестиот месец од зачнувањето на Елисавета (Лк.1:26), и според најстарото предание станало зачнувањето на Господа од св. Дева Марија, кое се определува на 25 Март 747 година од основањето на Рим. Кога ќе се продолжи броењето од тој ден – девет месеци, колку што е плодоносењето на човекот, се доаѓа до датумот 25 Декември во 747 година од основањето на Рим, која се прифаќа за раѓањето на Исуса. Тоа се совпаѓа со јудејското предание за раѓањето на Месијата, кое требало да се случи во месец Кислев – деветиот месец на годината по еврејското броење, кој се однесува на месец декември по христијанското годишно броење.
Заповедта за пребројувањето на населението во Римската империја, издадена од императорот Октавијан Август, го вознемирила нормалниот живот во домот на Јосифа, кои веќе го очекувале раѓањето на Младенецот Исус.
Таа заповед предвидувала целосно пребројување на сите жители во империјата. Не објаснува детално што се барало се во пописот и која била целтта – дали се сакало ново, потполно, поправилно уредување поради данокот, или пак за поправилно административно распределување со оглед на бројот на населението.
Според заповедта секој граѓанин требало одново да го запише своето семејство во фамилијарните спискови од своето поколение. Пресвета Дева Марија немала браќа ниту сестри и како единствена претставителка на семејството на Јоаким била повикана на пребројување со мажите. Требало и таа лично да оди во Витлеем, да се запише. Таа и Јосиф живееле во Назарет Галилејски. Но тие, бидејќи и двајцата произлегувале од Давидовиот род, кои ја населувале Јудеја, требало да одат и да се запишат во Давидовиот град – Витлеем, каде Давид се родил и бил помазан за цар.
Чудни се Божјите дела! Големиот и горд во земното свое величие – римскиот император, со издавањето на заповедта за пребројување сакал да ги постигне своите земни цели, но со тоа, без да насетува, се проследува Божјата волја за исполнување на премудриот Божји план. Со заповедта тој ги повика Јосиф и Марија во Витлеем, за да се исполни волјата на Небесниот цар! Тие дојдоа тука, каде се чува родословието на Давидовото колено, и името на Исус, пред Кого се поклонува се што е небесно, земно и подземно, било запишано во текстот за вообичаените поданици на римскиот властелин! Првото докажување е, дека Христос дошол не да разруши, туку да го исполни законот.
Патот од Назарет до Витлеем бил повеќе од три деноноќија, а особено отежнат за старецот Јосиф и непразната Марија. Најдобро за нив било тие да не одат никаде, туку да останат во Назарет и да го дочекаат раѓањето. Но и покрај тие тешкотии, тие ја исполнувале заповедта, затоа што го почитувале родот и законот. Јосиф се надевал, дека брзо ќе завршат работа во Витлеем и, откако “ќе го дадат царевото на царот” ќе успеат да се вратат во Назарет, за да “го дадат Божјото на Бога”. Во исто време тој се сомневал дали може со тешкотијата на Марија и со големиот прилив на луѓе, навреме да се запишат. Со таквите бранувања тој ја оседлал ослицата, ја качил Марија, го зел со себе Јакова и тргнале за Витлеем.
Долгиот пат, а особено состојбата на света Дева Марија, бил заморен. Кога наближиле до Витлеем, на еден крстопат таа слегла од ослицата да одмори и седнала на еден камен покрај патот. Во подножјето на каменот извирала вода. Тој камен до денес е зачуван и му посочува на поклониците докази за големата почит на палестинското население кон предметите, сврзани со светото предание.
Во Витлеем светото семејство се сретнало со големи потешкотии. Малото гратче било преполнето со придојдени луѓе поради пописот. Сите анови, народни прифатилишта биле преполнети со гости. Старецот Јосиф ги обиколил и сите приватни прифаталишта, но и таму било се исполнето. Биле принудени покрив да побараат во околината на градот. Не далеку од источните порти на Витлеем, близу до Давидовиот Источник, во камењарниот планински венец имало просторна пештера. Таа била до нивата на Саломија, роднина на Дева Марија и Јосифа. Во нејзе при лошо време и студ пастирите ги прибирале овците и добитокот. Го складирале и сеното. Покрај големата карпа имало издлабено корито кое служело за јасли на животните. Тука во ладната ноќ св. Дева Марија и Јосиф нашле подслон за себе и за очекуваниот Младенец.
Раѓањето. Во истата пештера во зимната ноќ на 25 Декември, додека Јосиф барал некоја жена – еврејка, да помогне при пораѓањето, пречистата Мајка Божја без ничија помош родила “Родениот од пред вековите од Отца” Свој Син Единороден.
Какво што било чудно Нејзиното зачнување, така необично се случило и раѓањето на Младенецот. Исус се роди како изворна светлина, која го разсеја ноќниот мрак на многубоштвото и го оживотвори светот со светлина на љубов и топлина.
“Света Дева Марија, зачна без маж, роди без болки и ја сочува девственоста на својата чистота. Христос се роди од нејзе, како што плодот се раѓа од дрвото. Помина низ неа, како сончев зрак кој минува низ кристално стакло без да го повреди, правејќи го уште по чисто и силно да блеска. Тоа е Сонцето на правдата – Христос, не Го повреди девството на Својата пречиста Мајка, но уште повеќе ја прочисти и освети со престојот Свој, во Нејзе” (св. Димитриј Ростовски).
После раѓањето Мајката Божја само Го повила Бебето Исус во пелени и Го положила во јаслите. Таа прва Му оддала се од себе, мајчинско богопоклонување: Го нахранила на своите мајчини гради. На нејзиниот скут отпочнува Неговиот престој во светоста.
И само во тие први дни при многуте неудопства на мајката и љубовта не е спокојна од искажаните пророштва. Тие биле и останале за нејзе единствени дни на непомрачена мајчинска радост. Во тој благоговеен трепет и безкрајна љубов таа созерцавала за Слегнатиот на Замјата Бог, Кој бил истовремено и нејзин Син, се соживувала со тоа, кое никогаш никоја мајка не го доживеала и нема да го доживее.
Сведоци на раѓањето на Спасителот во пештерата, покрај Витлеем во ладната декемвриска ноќ, кога луѓето и природата спиеле, постепено – реално и символично – се случува: старецот Јосиф, прамајката Ева, Саломија, витлеемските пастири, Ангел Господов и целото ангелско воинство, ѕвездата небесна, мудреците од Исток – целата природа. Евангелијата го прикажуваат тој факт накратко и остават простор човештвото да го обработи во неговата неопфатна широчина, и вистински современата тогашна општественост во скромност си го украсува со благочестиви поединости, кои ќе ги приведам, бидејќи ја топлат душата.
Праведниот Јосиф во благоговејно молчење прв се поклонил пред пречистата Мајка Божја и Нејзиниот Син и наш Бог.
Со чудна радост тој го созревал натприродното чудо и наполно се убедил, дека Нејзиниот Син е навистина роден од Дух Свети. Евангелието под псевдонимот на Матеја, го претставува загрижен да најде жена еврејка, која ќе помогне при пораѓањето.
“Што се случува, и ете една жена која слегуваше од планината ми рече: – Каде си тргнал, човече? Одговорив: – Барам баба еврејка. Таа рече: – Ти израелец ли си? И кажав: – Да! Таа пак запраша: – Која е таа која раѓа во пештерата? И кажав: – Свршеница ми е. Таа праша: – Нели ти е жена? Одговорив: – Тоа е Марија, која беше воспитувана во храмот Господов и потоа ми беше доверена мене да се грижам за нејзе. Таа не ми е жена – Духот Свети ја осени. Бабата ми рече: – Тоа вистина ли е? Јас, Јосиф одговорив: – Дојди и види! И бабата дојде со мене.
Таа застана пред пештерата, и ете, светол облак ја исполнуваше пештерата. Бабата се провикна: Ти се прослави денес, душо моја, зашто очите мои видоа нешто несекојдневно: Се роди Спасител на Израилот. И одеднаш облакот исчезна, а блесна друга светлина, многу силна, очите ни ослепеа. Потоа светлината постепено се намалуваше до моментот, во кој Детето се роди и почна да се храни од Марија. И бабата рече: ‘Голем е овој ден за мене, зашто присуствував на невообичаено чудо’!”
На слегувањето од пештерата ја сретна Саломија и и’ рече: “Саломијо, Саломијо, ќе ти кажам големо чудо: денес во пештерата една девица безмажно роди. А Саломија и рече: – Бога ми, додека јас не се уверам дека девојката родила и по раѓањето пак девојка останала, нема да поверувам” (гл.XIX).
Евангелието за детството Исусово, арменската редакција, бабата ја именува по име. Таа била прамајката Ева.
“Откако пак Ева, нашата прамајка, и Јосиф брзо пристигнаа ја видоа преблажената и свата Дева Марија дека веќе беше станала Мајка. Тогаш Јосиф и прамајката Ева кога го видоа тоа, паднаа на земјата поклонувајќи се, благодарејќи на Бога со висок глас и славејќи Го велејќи: – Благословен Си, Господи, Боже на отците наши! Боже Израилев, Кој денес преку Твоето доаѓање Го изврши избавувањето на човекот! Кој што ме дигна, мене грешната Ева, ме избави од мојот грев и го востанови претходното мое достоинство. Сега душата ми ликува, бидејќи се исполни мојата надеж во Бога, Спасителот мој.”
Додека прамајката Ева зборуваше така, таа виде како едно облаче се одели од пештерата и се издигна кон небото. Од другата страна се појави една блескава светлина, која застана над јаслите од животните. И Младенецот дојде легна на мајчина Си града и таа го нахрани. Потоа се врати и седна во јаслите. При таа глетка Јосиф и прамајката Ева Му воздадоа слава на Бога, збунети се восхитуваа на чудата, кои се случуваа пред нивните очи. Се прашуваа помеѓу себе со чудење: “Навистина, кој слушнал или видел нешто слично, она што се случува сега пред нашите очи!”
Прамајката Ева влезе во пештерата, Го зема во своите раце Бебето, Го прегрна и Го милуваше, славејќи Го Бога, зашто Детето беше во неопишана убавина, со зракоозарен вид и духовно процветано. Откако Го пови во пелени, таа Го стави во јаслите покрај добитокот и излезе од пештерата. Надвор веќе беше Саломија, која дојде од Ерусалим. Прамајката Ева застана и и’ рече: “Ти соопштувам важна и радосна вест: во таа пештера, една девојка без брачна врска роди Син.”
Од овој чуден настан е земена идејата, дека Дева Марија е новата Ева, определена да го искупи гревот на првата Ева. Тоа е цврст основен и ценет мотив за Отците на Црквата. “Новата Ева”, за да се уочи првородниот грев, треба себе да се прикаже со сите човечки добродетели. И затоа тука е истакнато како “пример над примерите”, жена со сите совршенства. Светите Отци на Црквата, особено во IV век, фрлат обилна светлина. Св. Амвросиј во полна восхитна нежност во своите напишани страници ја посочува неа за пример на девојките и на сопрузите. А св. Августин тврди, дека таа е пример на чист од грев, праведник.
Со присуството на Саломија, црковното предание во апокрифните текствоти сака да го потврди девството на св. Дева Марија, сочувано и после раѓањето. Известена од прамајката Ева, Саломија пристигна во пештерата и за пројавеното неверие раката и се парализира. Исплашена, таа клекна пред Семоќниот, велејќи: “Боже на моите татковци, спомни си дека сум од племето на Авраама, Исака и Јакова! Не го појавувај мојот срам пред синовите Израилеви, Ти го знаеш тоа – и преку тебе ја примив својата награда”.
И ете се јави Ангел Господов и и’ рече: “Саломијо, Саломијо, Господ те слушна. Пружи ги рацете кон Детето, земи Го во своите раце и речи: “Паѓам пред Него на колена, зашто голем Цар се роди денес во Израилот.” Саломија направи како што и рече Ангелот, и веднаш се излечи и оправда, и излезе од пештерата. И ете се чу глас, кој и рече: “Саломијо Саломијо, не раскажувај на никого за ова големо чудо, додека Детето не влезе во Ерусалим.”
Понатака, во канонските евангелија Саломија се јавува како почитувателка на Исуса и Негова последователка за време на Неговото општење и служење, како и една од жените мироносици (Марко 15:40; 16:1-8).
Ангелите први пошироко го огласуваат настанот. Најпрвин еден Ангел Господов се јавил на витлеемските пастири и им ја соопштил големата радост за сите луѓе – дека се родил во градот Давидов Спасител, Кој е Господ Христос и Кого ќе Го најдат во јаслите. Одеднаш после тоа слезе многубројно воинство на небесни ангели кои пееле: “Слава во висините на Бога, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!”
Ѕвездата. Во исто време една голема ѕвезда од вечерта до утрото греела над пештерата со облак, невообичаен настан кое не се случило откако светот светува.
За таа ѕвезда многу порано кажувале во Ерусалим, дека таа ќе го означи раѓањето на Исус Христос, Кој ќе ги исполни Божјите ветувања и не само према Израилот, туку и према сите народи.
Извонредна глетка! Благодатна песна! Но зошто пред пастирите? Зошто се јавува и целото ангелско воинство, кога е доста и само еден Ангел благовесник?
Сите небесни жители се јавуваат и сите ликуваат, зашто ширното небо неможе да го собере восхитот од настанот. Тие биле сведоци и гледале како Началникот на мирот слегува од небото, за да створи мир на земјата. До Неговото јавување на земјата немало мир. Го немало мирот ниту во човекот ниту надвор од него, ниту по земјата, ниту во односот кон небото – насекаде царувал ѓаволот и човечкиот род веќе се оддалечил од Бога. Облаците на Божјиот гнев страшно биле надвиснати над него. И одеднаш што станува? Заборавениот од народот – Бог, слегува при нив, им дарува мир, излива над нив љубов и милосрдие! Ангелите сето тоа го гледаат, се чудат, се радуваат и во благоговение воскликнуваат: “Слава во висините на Бога и на земјата мир, меѓу луѓето добро благоволение!” – восхитно радосно!
Така, не во Ерусалим – кој спие, туку на будните пастири, кои бдеат, Господ ја открива спасителната Своја тајна; под отворено небо се слави раѓањето како знак, дека радоста на спасението изгрева не само за Израилот, а ја озарува целата вселена.
Пастирите први од жителите на земјата го виделе чудото, кое се случило, но не доволно го разбрале. Веднаш по ангелското објаснување, тие станале првите благовесници за раѓањето на Спасителот. Тие биле пастирите, чии стада ноќевале на половина час од Витлеемската пештера, во колибите околу Едером. Тие биле четири. Црковното предание ги зачувало имињата на тие пастири и нивните имиња биле: Мисаил, Ахиил, Кириак и Стефан. Се претпоставува дека биле од ближното село Беит Сагјур.
Успокоени од зборовите на Ангелот, спомнатите пастири отишле во Витлеемската пештера, да видат што се случило. Тие добро ја познавале околината, лесно ја нашле пештерата, во која несреќните патници од Назарет биле подслонети. И навистина таму виделе необична глетка: сама родилка со повиено новородено Детенце, положено во јасли – Пречистата Дева Марија и Богомладенецот Исус. Смирено на колена Му се поклониле.
На радосното благовестие од Ангелот и ѕвездозрачното видение – пеејќи ангелите во осветлената како ден ноќ, опкружено со бедност и скромност Божествено Дете во јаслите им се видело уште по светло и божествено.
При поклонувањето тие Му принеле се што имале: чиста љубов, силна вера и сесрдечна прослава. И на пресветата Му Мајка и оддале благоговејна почит, откако детално и’ раскажале каква светла ѕвезда виделе на небото и каква ангелска песна се разнела од небесата.
Светата Дева внимателно ги слушала сите чудни случувања, кои се ределе со раѓањето на Богочовекот, таа ги сместувала длабоко во своето срце, и се радувала, дека тие го потврдуваат Божјото ветување и ја утврдуваат верата во Спасителот на светот.
Смирени, пастирите се поклониле повторно на Богомладенецот и на Неговата пречиста Мајка и се вратиле при своите стада, славејќи и фалејќи Го Бога. Со воодушевување раскажувале во деталности на околината за благата вест и за необјаснените чуда, кои се случиле во таа света ноќ.
Мудреците од Исток, се првите помеѓу учените луѓе (научници, јасновидци, астролози) како Валаам и Данил, пророци, а според некои – цареви, кои според новонастанатите природни необични појави, разбрале, дека се родил долгоочекуваниот Цар Јудејски. Св. Евангелист Матеј го раскажува тајното поклонување (2:1-12).
Св. Козма Мајумски во првиот канон на Рождеството Христово во поетски стил го воспева:
Преку огреаната ѕвезда од Јакова: Владико, Ти ги исполни со радост срцата на мудрите ѕвездопроучувачи, ученици и служители на словото на древниот предвесник Валаам, ги прими како први јазичници, исповедувајќи го Христа (IV песна, 2-тропар).
Керката вавилонска ги внесе во својот дом заробените момчиња на Давида, а самата сега испраќа подароци – по мудреците, да се поклонат на Давидовата керка – Дева Марија, која Го роди Бога (VIII песна, 1-тропар).
Вавилон го заплени имотот и богатството на Сионовото царство, а Христос преку царските мудреци, кои ги предводеше ѕвездата, ги привлече во Сион неговите богатства (VIII песна, 3-тропар).
Истиот настан е сочуван во многу осетливи детали и во црковното предание – старите споменици, составени во Сирија, Ерменија и во некои арабски земји, во земјите кои биле економски поврзани со Персија, од каде беа дошле таинствените мудреци.
Древен арабски текст, сочуван во Флорентијската библиотека, ги нарекува мудреците жреци и формално ги присоединува кон иранската религија со нејзиниот познат реформатор Зароастр, на кого се препишува и посоченото пророштво за доаѓањето на Месијата. Го приведуваме во целост тоа место, кое по дух, праведност и благочестие е прекрасно дополнување на канонскиот евангелски текст на св. евангелист Матеј.
“Во времето на пророк Мојсеј имаше еден човек по име Заратустра (Зароатр), кој ја откри науката за магиите. Еднаш, кога седел покрај поток, вдлабочен во обучувањето на своите ученици, кои биле посветени на науката за магиите, во самото зборување тој се поклонил и им рекол:
-Ете, Девица ќе зачне без маж. И ќе роди Син без да се оскверни нејзиното девство, и Неговото благовестие ќе се разнесе по сите краеви на земјата. Јудеите ќе го распнат во светиот град, основан од Мелхиседек. Тој ќе воскресне од мртвите и ќе се вознесе на небото. Во знак на Неговото раѓање ќе видите на Исток една ѕвезда, по блескава од сонцето и од други небесни светила, зашто всушност тоа нема да биде ѕвезда, туку Ангел Господов. И кога ќе ја видите таа ѕвезда, побрзајте и одете во Витлеем. Таму ќе се поклоните на новородениот Цар и ќе Му принесете дарови. Ѕвездата ќе се движи по небото пред вас и ќе ви го покаже патот.”
Таа ѕвезда беше пророчки знак. Има размислување кај некои црковни толкувачи, дека тој Зароастр нее никој друг, туку самиот пророк Авакум, ѕвездопроучувачот.
Ерменската верзија од истиот пишан споменик го кажува точниот број на жреците:
“И веднаш Ангел Господов брзо пристигна во земјата персиска да ги извести царевите – жреци да одат и да се поклонат на новородениот Младенец. И ете, откако беа предводени од ѕвездата девет месеци, пристигнаа во определеното време, во кое Девицата стана Мајка. Бидејќи во тоа време персиското царство царуваше над сите царства, кои беа на Исток. Царуваа тројца браќа: првиот – Мелхиор, царуваше во Персија, вториот – Валтасар, царуваше во Индија, и третиот – Гаспар, ги освојуваше арабските земји. Кога се собраа по Божја заповест, пристигнаа во тој момент, во кој Девицата стана Мајка, во моментот на раѓањето Исусово.”
По натака ерменското евангелие ги опишува скапоцените подароци на мудреците од Исток и разговорот помеѓу Марија и Јосиф, а во сирската редакција, сочувана од Месопотанија – Мосул, и во Лондонското кралско азиско општество, се кажуваат за мудреците дополнителни податоци. Приказот за Ангелот, кој се јавил во вид на ѕвезда, се задржува на кратко и во арабското евангелие:
“Истата таа ноќ Ангелот известувач беше пратен во Персија. Тој се јави најнапред на таа страна во вид на светла ѕвезда, која ја осветли цела Персија. А тоа, се кажува во 25 глава од првиот канон, празникот на Рождество Христово, во Персија се празнувал нивниот голем народен празник, таму биле и поклониците на огнот и ѕвездите. Сите жреци во раскошни одежди, торжествено ја служеле нивната празнична служба, и одеднаш многу силна светлина се разлеа над нивните глави. Сите го оставија празничното торжество и веселба, а жреците ја прекинаа празничната служба, и излегоа да видат што се случува насладувајќи се на таа глетка.
Тие видоа, една силно светната ѕвезда огреана над Персија. По својата светлина таа приличеше на сонце. Тогаш царевите ги прашаа жреците, на нивниот јазик: Каков е тој знак, кој го гледаме на небото? Според пророчките книги, кои беа ги читале, рекле: „Се роди Цар над царевите, Бог над боговите и Светлина над светлините. Ете и еден од боговите дошол да не извести за Неговото раѓање, да одиме да Му однесеме дарови и да Му се поклониме.”
Тогаш сите управници, судии, генерали, станаа та ги прашаа жреците: “Какви подароци приличат да Му однесеме?”
Тие им кажаа: “Злато, смирна и ливан.”
Тогаш трите цареви престолонаследници, на царот Персиски, земаа од таинствените подароци: Едниот три ливри смирна, другиот три злато, и третиот три ливри ливан. Се облекоа во најскапоцената облека, ги украсоа своите глави со златни круни и ги понесоа во своите раце, подароците.
По кратко време тие ја напуштија својата земја, придружувани од девет мажи, тргнаа на пат, предводени од ѕвездата, која беше се јавила. И Ангелот кој беше го издигнал од Ерусалим пророкот Авакум, кога беше фрлен во јамата на лавовите, истиот тој Ангел, преку силата на Светиот Дух, ги доведе персиските цареви во Ерусалим.
Тргнаа од Персија наутро кога петлите пропеаа, касно вечерта влегоа во Ерусалим прашувајќи ги месните жители: “Каде е родениот Цар, кај Кого дојдовме од далечна земја?”
Од тие чудни гости, ерусалимците многу се вознемирија а некои се исплашија. Кога дозна царот Ирод, веднаш испрати свои слуги, да ги доведат персиските царски наследници пред него.
Тој ги праша: “Од каде сте? И што барате во нашата земја – кого барате?”
Тие рекоа: “Го бараме Царот, Кој се роди во Јудеа, во земјата на Ерусалим. Гласник Божји се јави, та не извести за раѓањето на Тој Цар, ете затоа дојдовме – да Му се поклониме и да Му принесеме дарови.” Голем страв го опфати Ирод пред тие синови на персискиот цар, кои поминувајќи толку долг пат, дошле во неговата земја, да го бараат родениот во Јудеа, Цар.
Самиот Ирод и сите негови блиски многу се вознемирија од средбата на тие царски синови.
Ирод им кажа: “Голема е силата, голем е Тој Цар, за Кого сте дошле да Му укажете потчит. Навистина тоа е Цар, и Цар над царевите. Одете и побарајте Го и, кога ќе го најдете, дојдете и кажете ми, та и јас да отидам да Му се поклонам.”
Впрочем, Ирод беше смислил решение да Го убие Детето, а со него и персиските кнезови, та поради тоа и си рече: “И така, сега целиот свет ќе ми биде потчинет.”
Жреците ја завршија посетата кај Ирода. И кога излегоа, повторно ја забележаа ѕвездата, која ги предводеше се додека стигнаа пред пештерата. Тогаш, си го смени својот вид, таа стана слична на голем светол столб, кој се протегаше од небото до земјата.
Тие влегоа во пештерата и ја видоа Марија, Јосиф и Младенецот, повиен во пелени, ставен во јасли. Му се поклонија, Му принесоа дарови и и’ честитаа на Марија. Јосиф и Марија останаа вчудоневидени, кога ги видоа тие тројца царски синови со круни на главите, тие патници клекнаа во потчинителен поклон пред Новороденото, без да кажат ниту збор пред овој голем настан.
Јосиф и Марија ги прашаа: “Од каде сте?”
Тие им одговорија: “Ние доаѓаме од Персија.”
Марија и Јосиф повторно прашаа: “Кога тргнавте од Персија?”
Тие им одговорија: “Тој ден беше празник. Откако го отпразнувавме празникот, вечерта еден гласник Божји ни рече: “Станете и отидете да однесете дарови на Царот, Кој се роди во Јудеја. Првите петли штом пропеаа, ние откако ги ставивме каишите на камилите тргнавме на пат, а тука пристигнавме денес, околу три часот преку денот.”
Марија зема една од пелените на Исус и им ја даде. Тие ја примија во своите раце со вера, како скапоцен подарок. И кога се пристемни, на седмиот ден по рождеството Христово, Ангел пазител во вид на ѕвезда ги понесе обратно. Тие го следеа Ангелот, разговарајќи по патот за настанот. Вечерта пристигнаа во својата земја.
Персија се возрадува на нивното враќање. Се собраа многу кнезови пратеници како и жреци и ги прашуваа: “Како им поминало одењето и враќањето? Што направивте и што ни носите?”
Им ја покажаа пелената, која им ја даде Марија. Тие ја земаа, направија нешто како магија: запалија голем оган и силно го разгореа, ја фрлија во него Божествената пелена. Таа стана слична на огнот. Потоа, кога го изгаснаа огнот, ја извадија пелената, беше бела како снег и поздрава од порано. Откако ја земаа во своите раце, ја целуваа, и ја ставаа на своите очи велејќи: “Навистина, без никакво сомневање тоа е наметка на Бога над боговите, бидејќи огнот на нашите богови не можеше да ја изгори и да ја оштети. “И така ја сочуваа таа пелена со вера и голема почит.”
Необјаснетите твари и целата природа воскликнаа на Рождеството на Спасителот кои сведочеа за Него. Животните и пештерата Му оддадоа поклонување. Во евангелието под псевдонимот на Матеј читаме, дека “на третиот ден по рождеството на Господа, Марија излезе од пештерата, влезе во едно трло, каде волот и магарето и се поклонија. Така се исполни кажаното од пророкот Исаија: “Волот го познава стопанот свој, и оселот – јаслите на господарот свој” (1:3). Тие животни непрестано Го обожаваа Детето, Кое беше во јаслите пред нив. Така се исполни кажаното и од пророкот Авакум: “Ти ќе се појавиш помеѓу две животни” (3:2 според преводот на Седумдесетте).
Сите Му принесоа по некаков дар: “Секоја твар, создадена од Тебе, учествуваа во прославувањето и Ти принесоа: Ангелите – песна, небото – ѕвезда, царевите дарови, овчарите – чудо, земјата – пештера, пустинските карпи – јасли, ние луѓето Мајка Дева” (4-стихира на Господи возвах на Рождество).
Такви сведоци на настанот, сврзани со Рождеството Христово, сврзани со Давидовиот град, Витлеемската и Јудината планина, и денес се гледаат: по патот за Витлеем – урнатините од домот на Симеон Богоприемецот, кладенецот на трите жреци – оттука ѕвездата ги поведе кон Витлеем, големата карпа покрај патот, каде одморила Мајката Божја.
Во самиот Витлеем пак, величествениот крстообразен храм посветен на Рождеството Христово, од времето на Јустинијан, изграден врз темелите на уште по стар храм од времето на царицата Елена над Витлеемската пештера. Во почетокот ѕидните камења му биле од мермер и мозаик, но од оддот на вековите и историските настани мермерот бил симнат од ѕидовите на христијанскиот храм и бил употребен за украсување на Омаровата џамија во Ерусалим и дворците на халифите. Од двете страни на главниот среден олтар, по петнаесет мермерни степеници се слегува во подземна црква. Тоа е самата Витлеемска пештера, каде се роди Христос, како што стои со латински натпис: Тука се роди Христос од Дева Марија. Мозаиците датираат од седмиот век и се добро зачувани. Неколку чекори понастрана се јаслите – издолженото камено корито, обликовано со бел мермер, каде лежал повиен Богомладенецот. Од спротивната страна на јаслите има друг престол. Тој потсетува на местото, каде св. Богородица ги повикала пастирите и со нив зборувала. Целата пештера има размер во метри – дванаесет на четири.
Голем Господов празник. За овековечување на тој историски настан Црквата го востановила уште од апостолско време големиот Господов празник Рождестото Христово со пет дена претпразнинство и шест дена попразнинство. “Од Апостолски извори” за ден на празнувањето му е определен 25 Декември (ст.стил 7 Јануари). Древното негово празнување е регистрирано од времето на св. Климент Александриски (II век), потоа за празнувањето кажува св. Иполит Римски (III век) и др. Во почетокот на IV век во огромниот христијански храм во Никомидија на денот на празникот Рождество Христово, по заповед на императорот Диоклецијан биле изгорени 20,000 христијани. Значајните црковни отци од IV век, Јован Златоуст, Григориј Богослов, Василиј Велики, Ефрем Сирин, оставиле прекрасни проповеди и беседи за тој празник. Во покасно време надахнатите химнотворци, како Козма Мајумски, Анатолиј Цариградски, Софрониј и Андреј Ерусалимски, Герман Цариградски, Јован Дамаскин, преподобна Касија и други, составиле прекрасни стихири, тропари, кондаци, икоси и канони за богосужението на Рождеството Христово, пред и по празненствата. Централната тема во нив е Големиот искупител Исус Христос. Во некои од црковните песнопевки се спомнува Божјата Мајка се прославува заедно со Божјото Чедо.
Уште во неделата пред Рождеството Христово на св. Отци, Витлеем се припрема да приготви божествени јасли, во кои онаа што не позна маж св. Дева да го роди Бога по тело и да го спаси човечкиот род (II стихира на вечерната). Се величат праотците од Адама до Јакова и од Мојсеја до Давида, пророците од Исаија до Захарија и Јована Крстител, кои се нескршливи столбови на верата, предвесници на новиот Христов завет (Славите на Господи возвах и на стиховните од вечерната). Се ублажува безмажната Мајка и процветаниот од неа Цвет – проповеданиот од пророците – Христос (Канон, I песна – богородичен). Дева Марија раѓа без маж од Светиот Дух во градот Витлеем, Син Божји, собезначално Слово, проповеданиот од пророците Исус – Емануил (Канон на Отците, VIII песна, богородичен).
“Пресвета Дево, сите твари ти се радуваат за раѓањето, со кое Витлеем ни ги отвори повторно вратите на рајот. И ете, одново сите ќе се насладуваме на плодот од дрвото на животот и ќе ти пееме: ти ни ги исполни молитвите, Владичице” (исто во IX песна).
“Весели се Витлееме, подготвувај се, Еуфрате, дека Богородица доаѓа да Го роди во пештера Бога и да Го повие во јаслите. О, големо таинство, чие божествено рождество денес светло се празнува од Авраам, Асаак и Јаков, сите патриарси и пророци, ангели и луѓе” (светилен).
“Се појави Богородица Дева, која пророците од вековите ја проповедаа, мудрите патријарси и соборите на праведниците ја возвестуваа. Со неа ликува и цветот на жените: Сара, Ревека, Рахил и Ана, и славната Маијам – сестра на Мојсеја. Се радува целиот свет, благоговејат сите твари, бидејќи Создателот на се доаѓа да се роди во тело и да не обдари со голема милост” (III стих на хвалите).
“Да се пренесеме во Витлеем, да се издигнеме мисловно и да погледнеме со духовните наши очи како Дева доаѓа во пештерата да Го роди Господ и нашиот Бог” (св. Игнатие Богоносец, ниње на стиховните на вечерната).
“Дева денес доаѓа во пештерата да Го роди предвечното Слово. Ликувај, цела Вселено, прославувај со ангелите и со пастирите вечниот Бог, Кој се јави на светот како мало Дете” (кондак).
“Безневесна Дево, од каде дојде, кој те роди, која е твојата мајка?! Како Го носиш в раце Создателот! О, велики, преславни и страшни тајни, кои ги гледаме, кои се случуваат преку тебе на земјата! Ние од нас ти приготвуваме скромна пештера, небото ѕвезда даде! Мудреците од Исток и Запад пристигнаа да Го видат повиеното во пелени човечко спасение” (21.Декември – Господи возвах на вечерната – Слава и ниње).
“Дојдете да ја воспееме Мајката на Спасителот, која и после раѓањето остана Дева. Радувај се воодушевени граде на царевите и на Бога, во кој откако поживеа, Христос Го изврши спасението. Со Гаврила да ја воспееме, со пастирите да ја прославиме: Богородице, моли Го Овоплотениот од тебе да не спаси” (III – хвалитна стихира на Рождество).
“Ангелски собор те слави, Богородице, и непрестано со песни човечки род те хвали, зашто преку божественото Рождество ти го соедини земното со небесното” (Недела после Рождеството – богородичен IX песна на канонот).
“Крв и оган, и миризба од темјан се чудесата на земјата, кои ги претскажа Јоил. Крвта го означува Овоплотувањето, огнот – Божеството, миризот од темјан – духот Свети, Кој слезе врз Дева, и се облече во облека од светата нова вера. Колку е величествено, Господи, таинството на Твоето вочеловечување – слава на Тебе” (Недела после Рождество, Слава на хвалитни).
“Ангелски сили, дојдете и пригответе ги витлеемските јасли, зашто ете, Словото ќе се роди, Мајката Божја ќе слезе на земјата, Црквата ќе биде основана. За радост кон Богородица и ние сите луѓе на земјата да речеме: Благословена си, роди славно Чедо Божјо” (I хвалитна стихира од преп. Роман Слаткопевец).
“Значењето на Рождеството Христово како настан во човечката историја е огромно. Бидејќи кон кое праотците со голема надеж Го очекувале, кое прорците Го проповедале, а праведниците копнееле да Го доживеат, се исполнило со Рождеството на Синот на Дева Марија. Во какво безумство бевме западнале, ако сонцето од небото би слегло на земјата во мразовиот зимен ден и да ги разбудило за живот полињата и дрвата, цветовите и птичките! Такво чудо би ги поразило сите! Со уште поголема восхид треба да го примиме многу по-големото чудо, слегувањето на Сонцето на правдата од небото на земјата, чии благодатни зраци ги озарува нашите души и срца” (св.Јован Златоуст).
“Со раѓањето на Исус од Дева Марија “изгреа денот на Божјата милост кон човекот. Дојдете, слепи, да примите светлина за своите очи! Пристапете, хроми, да ги окрепнете своите нозе! Побрзајте глуви и неми, да го примите бесценетиот дар на Словото” (св. Ефрем Сирин).
Св. Григорие Богослов патетично повикува: “Поклони се на Рождеството од Синот на Марија, преку кој се ослободи од оковите на гревот! Одади чест на малиот Витлеем, кој те врати одново во рајот! Поклони се пред неопишаните јасли, во кои јасли беше примен дарот на премудрото Слово! Прати ја ѕвездата, приложи заедно со мудреците дарови: злато, ливан и смирна, како на Цар и Бог, кој пострада отпосле, за тебе! Прославувај со пастирите, радувај се со ангелите, пеј со архангелското воинство! Бега ли Христос кон Египет, бегај и ти со Него! Добро е да се бега, гонет поради Христа. Се задржа ли во Египет, повикај Го со богопреданост! Прати Го упорно целиот свој живот, по трагите од Неговиот подвиг! Стави си трнов венец во тешкиот живот за Бога, облечи ја црвената кошула на искушенијата, та да се поклонат пред тебе демоните на вистината! На крајот доброволно распни се со Христа, за да воскреснеш со Него.”
Големо е значењето на Христовото Рождество и како црковен празник. Кој ќе го именува како почеток на сите празници, нема да згреши. Бидејќи според него се раководат сите Господови празници: Богојавление и Велигден, Вознесение и Педесетница. . . Ако Христос не беше се родил, немаше и да се крсти, немаше да има Богојавление; немаше да пострада, немаше да има Воскресение; немаше да ни испрати Свети Дух, немаше да има Педесетница. Така, од празникот на Рождеството Христово, како потоци од обилен извор, се произлезени и останатите Господови празници. Црквата го празнува како празник на сеопшта радост и не упатува кон чист, праведен, богоугоден живот, достоен за родениот “заради нас и поради нашето спасение” Христос.
Со славењето на Христа е прослава и на пречистата Негова Мајка.
Обрезание Господово. Во Витлеемската пештера, според Црковното предание, светото семејство останало четириесет дена. Во текот на тоа време се случиле повеќе настани. Помеѓу другите е исполнет и еврејскиот обред Обрезание и давање на името. Св. евангелист Лука го предава само во еден стих: “А кога се навршија осум дена и Детето требаше да Го обрезат, Му дадоа име Исус, како што беше наречено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата” (2:21).
Ништо не се кажува за Мајката Божја, но содржината на настанот обрезание и давањето на името (еврејско крштевање) и тогаш учествувала секоја мајка и се раѓале во душата и срцето истите возбудувања и чувства како и денес. Светиот евангелист не ги опишува, неговата задача е друга, тие се блиски и разбирливи. Особено кога се обраќа внимание, дека обрезанието и давањето име на Витлеемскиот Младенец е многу поразлично од обичното исполнување на тој обред.
Во осмиот ден после раѓањето на Младенецот, осмодневен по Мајка, а безпочетен по Татко, бил обрезан и наименован со името Исус, дадено од Ангелот благовесник (Лк.1:31) и повторено пред Јосифа (Мт.1:21). Себлагиот Бог не зема за срамно да се обреза по тело, но со тоа даде пример и поука на сите.
Обрезанието било свештен обред кај евреите, знак на вечниот завет на Бога со потомството на Авраама, слично на крштевањето во Христијанската Црква. Тоа било како посебен празник на избраниот божји народ, знак за народно првоначалство. Значењето на тој обред се состоело во морална чистота и светост, со кои избраниот народ требало да се одликува од други народи. Го примал првенството преку Авраама (Бит. 17:10-14), законот за обрезание бил потврден на Синај (Лев.12:2-3). Тој празник се празнува и денес од христијанските народи, неговото духовно и морално значење: “Господ, се приложува на обрезание и во благоста Своја ги обрезува човечките прегрешенија, Му дарува спасение на светот. . . “ (кондак на Обрезание).
Со обрезанието и именувањето на име Творецот на законот ги исполнува распоредбите на законот. Тој Го прими чудотворното и спасително име Исус. “Дојдете – повикува Црквата – да го прославиме славното Христово наименување, зашто денес Тој се нарече Исус, зашто е Спасител и Владетел на светот” (VIII песна од канонот на Обрезание).
И навистина целиот Нов Завет не убедува, дека славата на името Негово е по висока од секое име (Фил.2:16), народите се поклонуваат на името Негово (Мат.12:21), мнозина говорат од Негово име (Мат.24:5), хроми проодуваат (Д.А.3:8), преку тоа име, сите се спасуваме (Д.А.4:24).
Празникот обрезание и давање име на Господа, се случило во осмиот ден после раѓањето Негово на земјата, и се приклучува кон празнувањето на Рождеството Христово. Затоа светите Отци на Црквата: св. Амфилохиј, Григориј Велики и Григориј Ниски во своите излагања го нарекуваа овој празник Осми ден од Рождеството Христово.
Извадок од книгата: Богородично евангелие, ќе ја најдете на Веб страницата на МПЦ www.
Автор
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада 2022