“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТА ВЕЛИКО-МАЧЕНИЦА ВАРВАРА
17 Декември
Тропар: гл. 8
Варвару свјатују почтим: вражија бо еси сокруши, и јако птица избависја от них, помоштију и оружием креста, всечестнаја.
Света Варвара, да ја почитуваме; зашто ѓаволските мрежи, сечесната, ги искина и како птица од нив се ослободи со помошта и оружјето на Крстот.
Речиси секој ја знае сказната за Рапанзел, односно Марулка. Убавата девојка која била затворена во висока кула и никогаш не се шишала. Косата ѝ станала толку долга што можела да се користи како јаже за качување и симнување од кулата. Еден ден, еден умен принц ја нашол девојката, се заљубиле и ѝ помогнал да избега. Потоа, си живееле среќно до крајот на животот. Верзијата на браќата Грим е помрачна. Марулка не знаела за маж, па била заведена од принц и останала бремена. Принцот ослепува и лута бесцелно по шумата, додека девојката раѓа близнаци сама. На крајот, сè завршува добро.
Сепак, оригиналната приказна која ги инспирирала сите овие верзии на сказната е најмрачна од сите. Наместо лоша вештерка, оној кој ја затворил девојката во кула бил нејзиниот татко. Станува збор за светата девојка Варвара од 3-от век. Својата единствена ќерка, која била мудра во умот и убава во ликот, Диоскор ја затворил во висока кула. По Божја промисла, таа сретнала некои христијанки кои ја вовеле во Христовата вера. Во нејзината бања имало два прозорци, па таа посакала да ѝ се отвори уште еден, та да бидат три во чест на Бог Света Троица. Заради нејзината вера, била мачена и на крајот убиена од сопствениот татко, така што во неа се исполниле евангелските зборови дека заради Вистината ќе се кренат родители против деца и деца против родители (види Лука 12:53).
Благочестивото христијанско предание ја поврзува оваа света девојка и маченичка со молитвата за запазување од ненадејна смрт и упокојување без исповед и Света Причест.
Нека светата великомаченичка Варвара ни биде напомош со своите свети молитви! За многу години!
Oтец Митко Попоски