“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
28. НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА НА СВ. ПРАОТЦИТЕ: ЗА ПРИЧЕСТУВАЊЕТО
(Лука 14:16-24)
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Поаѓајќи од содржините на литургиските молитви, очигледно е дека смислата и целта на Светата Литургија е самото причестување. Причестувањето на секоја Литургија било норма во раната Црква, а и денес останува да биде норма и идеал. Во минатите векови, за жал, се востановил обичај, кој и до ден-денес е присутен во сознанието на нашиот православен народ, а тоа е реткото причестување, еднаш или само неколку пати во годината, и тоа по исполнувањето на неколкудневен строг пост.
Околу расправиите за ова прашање, Цариградскиот собор од 1819 г. донел одредба: „А за Божествената и Света Причест, бидете сигурни и знајте, дека должни се сите благочестиви христијани на секоја света Литургија да пристапуваат и да се причестуваат со живототворното Тело, заради што и се повикуваат од свештеникот со возгласот: Со страв Божји, вера и љубов пристапете. За оној човек што е колеблив и неспособен да се причестува секој ден, на таквиот Црквата му порачува и му налага, да пристапува кон Светата Причест тогаш, кога откако ќе се исповеда кај својот духовен отец, се најде себеси достоен за Света Причест и добие од духовниот отец благослов…“. Оваа одлука ги потврдува веќе постоечките канони на Православната црква.
Светата Причест е Самиот Христос, живиот Леб што слезе од небото (Јован 6,51), Кој рече: Ако не го јадете Телото на Синот Човечки и не ја пиете Крвта Негова, нема да имате живот во Себе (Јован 6,53). Практично целата 6-та глава од Евангелието според Јован говори за важноста и неопходноста да заедничариме во Христа преку Неговите Тело и Крв, односно Светата Причест, која ја примаме за прошка на гревовите, и која за нас претставуваат извор на живот и лек за бесмртност.
Во идеалот, сите верници треба да се причестуваат на секоја Литургија, затоа што преку неа го посведочуваат своето членство и припадност во Црквата. Бидејќи, сите се причестуваме од едниот Леб на Причеста, Христос, и сите стануваме едно во Него, односно така се актуелизира Црквата. Христос за Себе кажа дека е вистинската Лоза, а ние – Неговите ученици – сме лозовите прачки, чијашто виталност зависи од поврзаноста со животодавната Лоза, без што прачките остануваат бесплодни (Јован 15:1-6). Да кажеме вака: ако сме членови на некој клуб или здружение, но не ги исполнуваме своите обврски кон него, нормално дека нашето членство автоматски ќе биде прекинато. Во духовна смисла, така е и со Светата Причест: ако подолго време не се причестуваме, ние всушност се изопштуваме од заедницата на Црквата, којашто е Телото Христово. Друга работа е тоа, што не секогаш сме подготвени за причестување.
Потребно е да се знае, дека Светата Причест ние не ја добиваме како награда или некаков „бонус“ заради нашата праведност или уредно запазениот пост. Никој никогаш не е вистински достоен за Причест, туку ние неа ја примаме единствено по милоста Божја, како Дар. Но, ова не значи дека не треба да сме подготвени за примање на овој Дар. Затоа апостолот Павле вели, „човекот да се испита прво себеси, па потоа да јаде од овој Леб и нека пие од оваа Чаша, зашто кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува Телото Господово“ (1Кор 11,29). Во поширока смисла, целиот наш живот треба да биде подготовка за причестување, како и самиот тој наш христијански живот да биде плод и резултат од благодатта на причестувањето.
Многумина православни верници, иако редовно ги посетуваат богослужбите, сепак не учествуваат во Тајната на Литургијата, бидејќи не се причестуваат. Ова е показател дека не се разбира смислата на Литургијата, а со тоа и на самата Црква. Зашто, Литургијата е, всушност, големата вечера од денешново евангелие, како и свадбената гозба која Отецот ја приготвил за Својот Син, Јагнето Божјо (Откр 19:7-9), но поканетите откажувале да дојдат. Да се биде на Литургија, а да не се причестиш, е како да одиш на свадба и да не јадеш од јадењето. А тоа е навреда за нашиот домаќин – Бог, како и наше изопштување од радоста на духовниот пир. Припадноста кон Црквата, посведочена преку причестувањето, е залог на нашата припадност и кон заедницата на Царството Божјо, со сите светии, не само од Новиот, туку и од Стариот завет. Затоа, додека има време, да се отповикаме на Божјата покана, за кога ќе дојде часот да не го слушнеме следново: „Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни“ (Матеј 22,8; Лука 14:24). Амин!
Отец Георгиј Глигоров