“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
18. ОСУМНАЕСЕТТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА
(Лука 5: 5)
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!
„Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме“
Секој од нас сака да успее во овој живот, секој посакува зад себе да има успешна кариера, добро семејство, убаво воспитани деца, сигурна работа, добра ситуираност… Сите ние се трудиме добро да го осмислиме својот живот и да достигнеме успеси во животните активности, благодарение на сопствениот ум и разум, на сопствените сили и способности, без помош од Господа Бога и неговиот благослов. Но, токму исклучувањето на Бог и Неговиот благослов од нашите животни активности е причина за нашиот целосен неуспех, а како резултат на тоа, ни стигнуваат секакви несреќи и страдања. Ние сакаме успех, но го немаме, едноставно, затоа што не го бараме, или, пак, го бараме на погрешно место, а не на вистинското. Во контекст на ова, светиот апостол Јаков говори: „Пожелувате и немате… а немате, бидејќи не молите. Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти“ (Јак. 4: 2-3).
Ист ваков успех во својата дејност сакале да постигнат и светите апостоли, кои еднаш, според својот обичај, ги фрлале рибарските мрежи во Генисаретското Езеро, но цела ноќ ништо не уловиле. Кога Господ Исус Христос го видел тоа, им рекол повторно да ги фрлат мрежите. Апостолите го послушале, ги фрлиле своите мрежи, па уловиле голема количина риба, та дури и мрежите им се скинале. (спореди: Лука 5: 5-6). Иако тие цела ноќ се труделе нивниот риболов да биде успешен, иако времето било благопријатно, иако езерската вода била мирна и погодна за богат лов, сепак, нивните мрежи останале празни. Очајни од ваквиот резултат, тие веднаш се пожалиле пред Спасителот: „Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме!“. Но, кога по наредба на Спасителот ги фрлиле мрежите и кога сфатиле колку вреди и значи Божјиот збор и наредба, тогаш се сетиле дека не смеат да работат ништо без Божјиот благослов. А ова е доказ и за сите нас колку многу значи Божјиот благослов. Без него сите наши животни активности и напори безуспешно пропаѓаат. Затоа, благоразумно постапува секој еден, кој при почетокот на секое дело Го повикува Господа на помош. Не треба многу сила или напор да се вложува, ако пред секое започнување на било каква активност, се прекрстиме, се помолиме, и да речеме: „Господи, благослови го мојот труд“, или, пак, ако од својот парохиски свештеник побараме благослов за добар и успешен завршеток на секоја наша активност. А сигурно дека многумина од нас досега го имаат почувствувано Божјиот благослов, ако навистина го побарале пред почетокот на работата.
Според тоа, ако сакаме во нашиот живот секоја активност да биде благопријатна и успешна, ако сакаме да жнееме плодови од своите трудови, тогаш, да се трудиме со богобојажлив живот и усрдни молитви да го привлечеме од Господа Неговиот благослов врз своите дела. Секогаш да се потсетуваме на Христовите убедителни зборови: „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15: 5). А светиот пророк и псалмопејач Давид говори: „Ако Господ не ја изѕида куќата, залудно ќе се трудат градителите нејзини; ако господ не го запази градот, залудно ќе бдее стражата“ (Псал. 126: 1).
Оној, кој го започнува своето дело со Божји благослов, тој повеќе не се надева на своите сили и способности, туку го бара застапништвото од Бога, па затоа и самиот себе, но и своето дело го предава во Божја власт, а тоа е добар знак дека неговиот труд ќе има сигурен успех. А зарем има нешто, што може да попречи или да го задржи делото, кое е започнато со Божји благослов? Сè што е непријателско, пред силата на Божјиот благослов ќе се развее како прашина, ќе биде однесено од ветрот, или ќе исчезне како чад од силата на огнот. Напротив, колку се безуспешни делата на сите оние, кои случајот го преземаат во свои раце, а не го предаваат во Божјите, без небесна заштита и упатства? Колку многу има случајности, кои можат да го попречат или стопираат нашето дело, а ние не сме во можност да ги решиме или отстраниме? Колку многу сопствени грешки се случуваат за време на нашето работење, колку многу пречки и тешкотии нè снајдуваат од луѓето што се околу нас, или, пак, од безброј други причини, кои не зависат од нас, а кои негативно влијаат врз нашите трудови? Ете, и апостолите ги имале сите предуслови за богат лов и немале никакви пречки кои би можеле да го уништат нивниот труд, сепак, нивниот лов немал никаков плод. Затоа и се чуделе зошто е тоа така. Да имало ветар, или бура, можеби и ќе имале одговор зошто нивниот труд е бесплоден, но кога ги имале сите предуслови, тие навистина биле вчудовидени, па затоа и се пожалиле пред својот Учител. Затоа е неопходно да се бара Божјиот благослов, помош и застапништво, па на таков начин секогаш да бидеме сигурни во делата на своите раце.
Но уште еден момент од денешниот евангелски настан ни остава длабок впечаток. Христовите апостоли, без оглед на тоа што цела ноќ се труделе и ништо не уловиле, сепак, и покрај безуспешната работа тие не паднале со духот, не се предале на мрзливост, туку со трпение продолжиле со подготовки за риболов и во следната ноќ, па Господ Исус Христос, откако го видел таквото трпение, ги благословил за голем успех. Така сме должни и ние да постапуваме кога ќе нè снајдат несреќи и неуспеси. Потребно е со трпение и надеж на Божјата милосрдност да ги продолжиме своите трудови и животни активности. Тогаш и Самиот Господ, откако ќе го види нашето трпение и покорноста на Неговата волја, ќе ги благослови нашите напори и сигурно ќе ги овенча со успех.
Евангелието ни сведочи декаХристос влегол во Петровиот кораб и му наредил на Петар да се оддалечат од брегот, па почнал да го поучува народот од коработ. Христовото словесно семе се сеело наоколу и се таложело во човечките души, кои го слушале. Петар тогаш и не забележувал што говори Христос, но кога Спасителот му рекол: „Заплови во подлабоко“, па кога собрал огромен лов на риби, така што не можел ниту во коработ да ги внесе, дури тогаш Петар го почувствувал плодот од семето на Христовите зборови. Значи, Христос го сеел Своето слово и никој не забележувал, но кога Петар извлекол мноштво на риби, веднаш го забележал своето богатство, кое Господ го дава, а тоа значи дека словесното Христово семе расцутело. Тогаш Петар почувствувал страв, но ја почувствувал и својата ништожност пред Христа, па затоа рекол: „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!“. Петар почувствувал страв од тоа што стоел во близина со Оној, Кој прави такви грандиозни чуда. Петар се исплашил, зашто повторно ја потврдувал својата маловерност. Се плашел, но и се срамел, зашто безброј пати имал можност да ги види Христовите чуда, а во него и понатаму тлеело сомневањето во Христовата семожност. Но, Христос го смирил: „Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!“. Отсега нема повеќе да ловиш риби, туку во големата Господова мрежа ќе ставаш живи човечки души, кои ќе ги извлекуваш од бурите, од разбрануваните животни мориња, од секојдневните несреќи и искушенија, па ќе вовдуваш во спокој. И навистина, Петар оставил сè, па заедно со своите другари тргнал безусловно по Христа.
Колку е прекрасен денешниот урок, и колку сето тоа е едноставно! Да се оди по Христа, тоа не значи да се тргне бесцелно било каде. Тоа значи да се биде секогаш и во сите животни прилики и неприлики со Христа и со никој друг. Тоа значи да се остане со Него и да се сее семе онака, како што сеел и Он, но и да се собираат нашите блажини за во Царството небесно, онака, како што собирал Он, но и Неговите свети апостоли, прекрасните рибари и ловци на човечки страдални души. Наше е постојано да сееме од семето на Неговата евангелска наука, без разлика дали семето го сееме врз срцата на богатите или сиромашните, зашто, ако сеењето е со љубов, Господ сигурно ќе даде и плод. И кога ќе видиме колку е богат плодот од нашето сеење, зашто тоа е Божјо дело, тогаш ќе сфатиме дека нашето сеење било успешно, зашто е започнато со Божји благослов. Затоа, да не се плашиме како апостолот Петар, да сееме врз сите срца, зашто ни претстои да собереме богата жетва, иако и семето и жетвата се Господови. И навистина ќе дојде време, за кое и во Евангелието се говори, дека заедно ќе се радуваат и оној, кој сее, но и оној, кој ја собира жетвата. Амин!
Протоереј Златко Ангелески