“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
21. ДВАЕСЕТ И ПРВА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА
(Лука 8: 5)
„Излезе сејач да сее семе…“
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!
Има ли поедноставни зборови со кои би се опишала суштината и значењето на Христовата наука, отколку зборовите кои Христос ги употребил во денеска слушнатата приказна за сејачот и семето. Има ли поразбирлива споредба со која би се опишала состојбата на човечките души, кои на различен начин ја прифаќаат Христовата вистина, отколку споредбата со семето, кое паднало на разни места на нивата и кое принесло различен плод. Сепак, денес имаме убава можност уште еднаш да ја протолкуваме прекрасната приказна за сејачот и семето и да го објасниме нејзиното мистично значење:
Божествениот Сејач цели дваесет векови непрестано ја обиколува земјата вдолж и попреку, се појавува во животот низ сите епохи, како вечен патник оди по патиштата на разни народи и насекаде го сее словото за вистинскиот живот и спасението. Прифаќан или отфрлан, сакан или презиран, Он со Своето име и дело ги исполнува вековите, кои почнуваат од таинствената Витлеемска ноќ.
А какви и колку многу историски пресврти доживеало човештвото низ сите дваесет векови? Дваесет векови четирите краја на земјата се сретнуваат во љубов, но и во омраза, во радост, но и во тага, во слога, но и во крвави војни, во разбирања, но и во кавги. Но, во текот на сите тие векови на вера, но и на богоотпадништво, еден лик останува неизменет, а тоа е Неговиот лик, ликот на божествениот Сејач.
Господ Исус Христос е величенствениот божествен Сејач на семето, кое раѓа живот, зашто „Неговите зборови се дух и живот“. Неговиот збор најмногу одговара на сите потреби на човечката душа, срце и волја. Во Неговите зборови човекот го достигнува своето високо назначување, афирмацијата на својата личност, која ја збогатува со вечни вредности. Неговиот збор ги решава сите прашања од човечкото незнаење. Христовите зборови, фрлени како семе врз почвата на човечката душа, траат низ сите времиња. Колку и да се менувале условите на животот, колку и да напредувале науката и техниката, сепак, Христовите зборови нема да престанат да бидат патоказ за човекот. Признавањето на Христовите современици дека Он има зборови за вечен живот, претставува признавање за сите времиња.
А, пак, секој земјоделец ја сака својата земја. Тој вложува труд да ја обработи земјата, па откако ќе го фрли семето, се надева на плод, кој ќе биде награда за неговиот труд. Затоа тој го бира семето, кое треба да биде посеано, за да роди здрав и убав плод. Така постапуваат сите совесни и разумни земјоделци. Но, уште повеќе е важно какво семе на духовен живот се сее во светот, зашто постојат различни семиња кои се сејат во човечките души. А семето, кое го сее божествениот Сејач е Божјото слово. Тоа семе е семето на верата, љубовта, правдата, мирот, чистотата…
Зрното на верата посеано во човечките души, раѓа живот. Оној, кој искрено верува, го љуби својот небесен Отец и синовски се потчинува на Неговата волја. А Неговата волја е совршеноста на човекот. Оној, кој верува, никогаш не е сам. Можно е сите да го остават, да го запостават, но тој во себе ќе има сили да го понесе бремето на најтешката осаменост, на најтешките моменти во животот.
И посеаното зрно на љубовта раѓа богати и вкусни плодови на животот. А и љубовта раѓа живот. Љубовта претставува светлина за душата, а науката за љубовта се вика Божји закон.
Божествениот Сејач сее семе, и тоа добро и здраво семе, меѓутоа, при сеењето секое зрно не паѓа на добра земја. Како што слушнавме во приказната, едни зрна паднале покрај патот и пропаднале без род, бидејќи биле изгазени и птиците небески ги исколвале. Истото се случува и со науката, која божествениот Сејач ја сее во светот. Зрната со вистината за животот пропаѓаат без род, тогаш, кога тие ќе паднат некаде при крајот на душата. А такви луѓе се оние кои ја слушаат науката за Божјото царство, и на кои таа наука им се допаѓа, но и покрај тоа, тие не ја примаат длабоко во својата душа и таа не постанува основа на нивното убедување. Зарем многумина од нас, кои денес се наоѓаат во овој храм, и кои ја слушнаа приказната за сејачот и семето, нема во себе да заклучат: Колку е добра и вистинска денешната евангелска поука која ја слушнавме! Колку голем Учител е Христос! Колку многу е убедлива Неговата наука! Но, сепак, кога ќе излезат од храмот, тие повторно ќе продолжат со стариот грешен начин на живеење. Токму кај нив семето паднало на неплодна почва и нема да донесе плод, зашто нивната внатрешност не е препородена и не е раздвижена со силата на Христовата наука. Господовиот глас се одбил од нивните срца. Тие го слушаат само Неговото далечно ехо, како познато, блиско и блажено сеќавање за нешто божествено.
Многу зрна на Божјата наука за животот не паѓаат длабоко во срцето, во центарот на внатрешниот живот, туку остануваат настрана од животното средиште на духот. Многумина ја слушаат науката и се восхитуваат од нејзината божествена величина, но во својот живот го чуваат само споменот за неа. Има луѓе, кои ја слушаат Божјата наука, но тоа го прават потполно ладнокрвно. И тоа семе паднало покрај патот на нивната душа и нема да донесе плод. Науката за Божјото царство паѓа покрај душата и не може да донесе плод тогаш, кога човекот целото свое внимание и сите свои мисли ги вперува кон земните задачи, кои ги смета за единствени важни во својот живот. Токму затоа денес од едни можеме да слушнеме: Немаме време ни можност да се посветиме на науката за Божјото царство; од други: денес не е време да мислиме за Божјото царство, зашто животот е краток, а задоволствата и минливите земни радости за нас се нешто најубаво; трети ќе речат: Зарем науката за Божјото царство може да ни помогне? Апсолутно не, зашто се надевам дека современата наука ќе ги реши сите наши животни проблеми; од четврти ќе слушнеме: Премногу сме зафатени со животните професионални обврски, па немаме време за никакви други науки; а други, пак, ќе речат: каква наука за вистината? Секоја вистина ја ограничува слободата на нашите мисли!
А сепак, силните и здравите се радуваат на животот. А на животот треба сите да му се радуваат. Токму затоа, божествениот Сејач ги обиколува сите души и го сее семето на вистинскиот живот. Оној, кој ќе го отвори своето срце за во неговите бразди да падне божественото семе, тој ќе ја познае вистината и во неа ќе го најде животот. Во тие срца и за тие срца ќе расцути пролетта, ќе созрее летото, ќе дојде жетвата и ќе се соберат безброј плодови. За нив ќе има живот во изобилство. А оние, пак, кои ќе ги затворат своите срца, нема да го примат семето на животот. Тежок е оној живот, кој е сличен на сува почва, која е жедна за вода, која испукала зашто нема дожд и која тажно овенала во својата јаловост.
Затоа, излезе Сејачот да сее семе… За Него сонцето никогаш нема да зајде, бидејќи сите времиња се Негов ден и нема да остави ниту една почва непосеана, зашто Неговите зборови се дух и живот. Амин!
Протоереј Златко Ангелески