




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Зошто БУГАРИТЕ ја запалиле Црквата Св. Богородица во Скопје
пишува Петар Богојески, национален лидер
Во далечната 1836 година, пред точно 186 години во Скопје било отворено првото македонско келијно училиште на народен македонски јазик.
Во тоа време на почетокот на 19-ти век, во Скопје доаѓа еден човек од Дебар, Хаџи Трајко кој станува најбогат човек во градот и општо во тој дел од Отоманска Турција, побогат и од турскиот Амзи Паша, на кој му бил советник.
Митрополитот Натанаил Кучевишки за него пишува дека сите Македонци од целиот вилает, и за добро и за лошо, прво доаѓале кај дедо Хаџијата Трајко, па после оделе низ градот. Што ќе кажел Хаџи Трајко, тоа потпишувал Пашата.
Хаџи Трајко бил лидер на борбата против Цариградската Патријаршија во Скопје, заедно со сите македонски првенци барале народно школо и владика Македонец. Тие успеале за само пет години (1829-1834) да сменат дури пет грчки владици во градот.
На иницијатива токму на тој Хаџи Трајко, заедно со сите македонски еснафи и првенци и целиот нарот, во Скопје била изградена нова, велелепна, импозантна Црква, единствена во Отоманското Царство во тоа време. Храмот бил изграден на земјиште подарок од Хаџи Трајко, на левиот брег на река Вардар. Градбата започнала 1834, а на 1 мај 1835 година била свечено отворена и наречена Св. Богородица.
Целата била во мермер, клесан камен и највеличенствен дуборез – иконостас. Целиот во ореово дрво, изработен од легендарниот мајстор Станишев, изработувач на уште полегендарниот иконостас во градскиот Храм во Крушево. За ова известува бугарскиот историчар Васил Кнчов и пишува во самото Жизнеописание на митрополит охридско – пловдивски Натанаил, објавено во 1909 година од НУНК во Софија.
Во 1841 година по пријава на фанариотите, Хаџи Трајко заедно со Амзи Паша биле притворени и однесени во затвор во Цариград. Тој докажал дека е чесен, еснаф Македонец, бил ослободен и се вратил во Скопје, по што починал. Бил погребан со огромна народна почест во портата на Храмот Света Богородица, со што вечно останал во срцата на локалните жители.
Во народните работи бил наследен од Хаџи Ѓорѓе, кој продолжил со делото и отварање на народни школи и библиотеки, вклучително и со финансирање на издавањето на делата на Јоаким Крчовски.
Скопје од секогаш бил центар на македонската просвета. Уште во 1569 година, скопјанецот Кара Трифун отворил во градот словенска книжарница. Околу 1790 година во рамки на црквата Свети Димитриј постоело македонско келијно училиште. Такви имало и во околните манастири околу Скопје, а најстарото било во манастирот Св. Арханѓел во село Кучевиште.
Во тоа време, околу 1820 година во Скопје било отворено првото приватно келијно училиште на даскалот Димитрие Кратовлијата, родум од Кратово, кој потоа во 1831 година отворил школа и во Ниш.
Во исто време со Кратовлијата, приватно школо во својата куќа во Скопје отворил и крушевчанецот даскал Никола, родум од Крушево. Тој ги учел децата на грчки и на македонски јазик. До 1838 година во крушевското школо во Скопје се образувале стотици скопјани, меѓу кои и самиот митрополит Натанаил Кучевишки. Тој дипломирал кај даскал Никола во 1835 година, за што известува во неговата автобиографија.
Токму тогаш се случил и клучниот историски настан, поради кој покасно Бугарите го спалуваат Храмот Св. Богородица. Во 1835 година, веднаш по пуштање во употреба на Храмот, во неговата порта, каде бил погребан покасно и Хаџи Трајко, било отворено првото народно, македонско, келијно црковно училиште.
За главен даскал бил донесен човек дури од Света Гора, хилендарскиот монах Павле, родум од Хрватска, па го викале даскал Павле Хрват. Тој бил монах и во легендарниот Св. Јован Бигоски, а во Скопје работел за плата од 800 гроша годишно.
Тоа било првото училиште, надвор од контрола на грчката, српската или бугарската пропаганда, плаќано и создадено со пари на скопјани и се учело на народен македонски јазик. Со тоа, било трн во окото и на Софија и на Белград и на Атина.
За ова сведочи не било кој балкански преварант, туку францускиот писател, интелектуалец и патеписец Ами Буе, кој престојувал во Скопје во 1837 година. Тој попишал три христијански училишта во Скопје, едно грчко, второ приватно на крушевчанецот даскал Никола, и трето ова црковното, македонско народно школо во Црквата Св. Богородица, покрај црковна литература, се учело и географија, историја и филозофија, што било реткост во тоа време низ цел Балкан.
Патеписецот Гедеон Јуришиќ, кој исто тогаш пристигнал во Скопје, пишува дури дека во ова школо во Св. Богородива се учела народна граматика на македонскиот народен јазик и народна историја како посебен предмет, покрај општа и плус црковна историја.
Веќе по смртта на монахот Павле Хрват, црковното народно училиште во портата на Св. Богородица било предадено во рацете на преродбеникот Јован Хаџи Константинов – Џинот, кој во 1848 година од црковно го претворил во световно народно училиште на народен македонски јазик.
За ова зборува во едно своерачно писмо на Џинот, објавено во 1856 година во Белград, во кое кажува дека дошол во Скопје на барање на скопските жители, а не на црковните пропаганди.
Дотогаш ќелијно, училиштето при црквата „Св. Богородица добило современа, модерна физиономија. За намената што ceгa ja добило училиштето била подагната и нова училишна зграда во дворот на црквата. Таа била изградена на инициатива и со материјална помош на градските првенци браќата Хаџи Торги и Хаџи Ристо Поповиќи, со кои Џинот бил во многу добри односи, а и со паричните прилози на други скопски граѓани.
Најголеми прилози дале: браќата Поповиќи — 5.000 гроша, браќата Хаџи Кочози — 5.000 гроша, Зафир Малев — 5.000 гроша и Васил Икономов —15.000 гроша и својата библиотека со 500 книги. Значајни средства за своето издржување, училиштето примало и од црквата Св. Богородица.
Џинот ги разделил учениците на одделенија, вовел во наставата световни предмети и новиот, заемниот систем на настава; вовел и клупи и современи наставни средства (заемни таблици, песочница, географска карта, глобус и др.) и современи наставни методи, ги исфрлил физичките казни. Тоа било значително различно школо од тоа кое го направил во Велес.
Ова школо низ времето прераснало и во гимназијално образование, стариот систем на трет клас – гимназија. Често нарачувале книги од Цариград и од Белград, но и од Виена или Одеса, а школото станало многу популарно помеѓу сите македонски чорбаџии, кои децата ги праќање на „чколија“ во Скопје.
Сето ова, вклучително и наставниот план на Џинот, е објавено во Цариградски Весник бр.59 од 1851 година.
Во 1851 г. скопското училиште добило подарок 1090 книги од Министерството за просвета на Србија (Држ. Архив CP Србије, Ф. I, № 29, 1852 г.); Истата година училиштето добило од Александар Егзарх од Цариград 1200 различии книги на бугарски јазик (Шумадинка, 1852, бр. 5, с- 3).
Постојат податоци дека на инициатива на J. X. Константинов – Џинот било основано првото читалиште во Скопje, несомнено едно од најстарите читалишта во Македонија. Ова читалиште, познато под името „Славјански дом”, веројатно постоело и почнало организирано да работи уште пред 1853 година. Тоа одиграло значајна улога во просветното и културното издигање на скопските граѓани.
За жал, огромна жал, тука веќе свои прсти вмешала Русија. Особено поради тоа што Хаџи Торга од 1851 година станал почесен руски конзул во Скопje и во почетокот на Кримската војна (1853 г.) биле уапсени и интернирани во Серез, скопските првенци, накодошени од грчкиот владика Јоаким кај Турците дека и Џинот е руски шпион. Кон крајот на 1853 година владиката Јоаким и приврзаниот на него гркоман Никче X. Трајков го наклеветиле Џинот пред власта и тој бил отстранет од училиштето.
Со ова започнува војната помеѓу Џинот, поткрепен од македонските сепаратисти, како што покасно бил и самиот владика Натанаил Кучевишки, а тој лично пишува подоцна во едно свое писмо до „Друштво српске словесности” следново:
„На 1853 от Скопле ме обклевети скопски владика и четири Грека между них и 4 Бугарски отпадници, на Турци како да сам бил Росийски соиладатай, и подстрекавам Србли и Бугари да се бунат; Пет пути шпион пред паши ме судеха; седм пути ноће ме влекоха; — найпосле владиката и X. Трајковић и греци немилостиви на Турци в мезличо дадоха потпис да ме погубат, па што ке дойде они да се отговарат. — На мезлич мене ме призваха и ми рекоха до три дни ако не си станет, ке те убиеме; и тако Скопско училище владика и греци го разориха..“
Џинот и покрај тоа што бил принудно избркан од Скопје и Велес и однесен во Цариград, тој повторно се вратил и во неговиот ракопис го кажува најважното, што се чувствувал по народност: „Я от него испросих да ме врати още еднаш в Скопле за инат на греците и владиката, и да знаят как сам прави тврдн Славян…“!!!
Во тоа време како Славјани се кажувале Македонците, за да се одвојат од Бугарите и Србите, а со султански ферман им било забрането да се кажуваат како Македонци и да се користи името Македонија.
Тука отворено Џинот објавува дека и Бугарите учествувале во уништување на ова прво, величенствено, македонско, народно училиште и читалиште на народен македонски јазик. Тоа и после негово затворање останало жариште на македонскиот сепаратизам и борба за македонска национална посебност.
Црковниот Храм Света Богородица во Скопје била симбол на таа неприкосновена македонска борба за црковна и народна слобода и посебност и од Грци и од Срби и од Бугари. Тоа била и клучната причина зошто бугарската армија на заминување од Скопје во 1944 година до темел го пеплосува овој славен македонски православен храм.
Бог даде и тој македонски храм е денес обновен и повторно е центар на македонската вистина и посебност. Вечен да е!