“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
НА ПРАЗНИКОТ: СОБОР НА СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ
21 Ноември
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Драги браќа и сестри
Денес нашата света Црква го прославува Соборот на светите ангели и архангели, на чело со свети архангел Михаил. Самиот празник нè поттикнува да размислуваме за бестелесниот и невидливиот свет. За светот кој се наоѓа горе на небото. На Божјата промисла ѝ било угодно, нам, во целост да не ни го открие тој невидлив и бестелесен свет. Но, ние, како луѓе, немајќи точна и јасна претстава за ангелите и за архангелите, си правиме своја перцепција за нив. Затоа, ги изобразуваме на фрески и икони како млади луѓе со крила, а тоа е поради нашето компарирање со птиците небесни, кои се издигнуваат во небесните височини.
Ние немаме точна претстава како изгледаат ангелите, но, со сигурност знаеме дека тие се битија со разум и со слободна волја. Знаеме дека еден од нив, Му се спротивставил на Бога и отпаднал. Тој паднат ангел постојано дејствува против човечкиот род, од самиот почеток на векот и светот.
Господ Бог, пред да го создаде материјалниот свет, земјата, небото, ѕвездите, човекот, Господ го создал духовниот свет – ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма.
Тие се Господови гласници (ангел значи – весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца – бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто Архангел Михаил е насликан како војвода?
Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават зло дела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Сатанаило, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво, истомисленици и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети Архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.
Кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши ги собрал Архангел Михаил сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети Архангел Михаил што се празнува на 21 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Зашто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март ноември бил деветти месец, а и девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.
Како што беше споменато се верува дека има многу ангели. Тие претставуваат цела небеска војска раководена од Господ Саваот (а Саваот значи господар или командант над војската). Тие се поделени во девет чинови, групирани по три степени, со по три чина. Во првиот степен влегуваат шестокрилати серафими, многуоки херувими и престоли, во вториот спаѓаат господствата, силите и властите и во третиот началниците, арангелите и ангелите. На некои ангели им се знаат и имињата како на пр. Гаврил, Михаил, Рафаил, Урило, Салатиј, Егудило, Вархило.
Заедно со Архангел Михаил најпознат меѓу ангелите е Архангел Гаврил. Како Божји гласник тој има пренесено неколку важни вести. Ги соопштил: зачнувањата на Богородица, Исус Христос и Свети Јован Крстител. Неговиот празник познат како Собор на Св. Архангел Гаврил се празнува следниот ден по Благовештение, денот кога на Богородица и ја пренел веста дека ќе го роди Спасителот. На Богородица и се јавил и пред смртта кога и соопштил дека е дојдено времето да оди кај својот Син и и предал маслинова гранка за да ја носат пред одарот за време на нејзиниот погреб.
Невидливиот ангелски свет, Бог го обдарил со огромна сила и енергија. Го обдарил, не да владее над земјата, односно, над човекот, туку, да владее над Космосот. Тоа најдобро ни го опишува св. ап. Павле во своето послание до Евреите: „Реченото слово преку ангелите се покажа верно… Зашто Бог не на ангелите им ја покори идната вселена… А човекот… Си го понизил нешто малку подолу од ангелите, но со слава и чест си го овенчал и си го поставил над делата од Твоите раце… А Исус Христос, Кој беше нешто малку понизен од ангелите, поради претрпената смрт се овенча со слава и чест, та, по Божјата благодат, да вкуси смрт за сите” (Евр. 2, 2 – 10). Што означува таа сила којашто Бог им ја дал. До крај, ние тоа никогаш нема да можеме да го дознаеме. Но, може само да претпоставиме со колкава колосална енергија владеат ангелските сили, за да можат да го остварат своето влијание во целата Вселена, над целиот Космос и над човекот.
Од историјата знаеме дека секој човек има свој ангел чувар. Ангел кој постојано се грижи за одредена личност и се спротивставува на нечестивиот дух. Ангел кој човекот го крепи, го поддржува, го штити и му помага во сите негови постапки, кои се во склад со верата Христова и со учењето на нашата Црква. Како што постои ангел – чувар, така постои и демон –искушувач, кој постојано се труди родот човечки да го наведе на страни патишта, кои го оддалечуваат од Бога, од правдата, од милоста, од љубовта и од вистината, а сè со цел, да ја загуби боголиката душа.
Во времето на нашето преселување (упокојување или умирање) од овој овоземен живот, нашата душа е предводена од ангел, се дотаму до каде ќе пристигне, до која царина на испитување! Ангелот, според нашиот одживеан овоземен живот на секоја царина на испитување се застапува за нашата душа, по можност во заштита на олеснување за во безконечниот живот.
Денешниот празник е особен ден. Ден во кој ние се сретнуваме со тајната на Божествената промисла за овој свет. Но, исто така, се сретнуваме и со поинаков свет. Свет невидлив, со невидливи и бестелесни битија. Тоа нè води кон размислување за нашиот живот. Но, не само кон размислување, туку и кон подготовка за соочување со оваа реалност, дека во светот постојат и лоши сили. Треба да бидеме подготвени, преку нашата вера и со нашите добри дела, а поткрепени со Божја благодат, истите да ги надминуваме и победуваме.
Затоа, ние, во нашите молитви, покрај тоа што бараме помош од Господа Христа и од Пречистата и Приснодева Марија, исто така, со молитви се обраќаме и кон нашиот ангел чувар, како и кон останатите небесни сили. Им се молиме да нѐ пазат, да нѐ чуваат и да ни помагаат во нашиот христијански одд кон царството небесно.
За сите јавувања на Архангелот Гаврил востановен е и празникот што се празнува во месец јули исто така наречен Собор на Св. Архангел Гаврил 26 јули.
Во народното верување Архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места е наречен „Архангел душевадник”. Уште еден ден од православниот календар е поврзан со името на Архангел Михаил. На 19 септември се празнува „Спомен на чудата на Св. Архангел Михаил“ во спомен на чудото во Хон, место во Фригија, кога Свети Архангел Михаил ја спасил црквата од уривање од неверниците, кога водата што требало да ја потопи црквата – ја свртел во друга насока.
Да се обратиме со искрена молитва кон светите ангели и архангели, тие да бидат наши молитвеници и поткрепувачи во нашиот христијански живот, за слава Божја и за наше спасение. Амин!
Подготви
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада 2022