“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Македонска Православна црква
Протојереј Митко ПОПОСКИ
2012 Лето Господово
Б О Г О Р О Д И Ч Н О
Е В А Н Г Е Л И Е
КОГА ЌЕ ЈА ПРОЧИТАШ ОВАА КНИГА, ЧУВАЈ ЈА СВЕТО И ПРЕПОРАЧАЈ ЈА ДРУГИ ДА ЈА ЧИТААТ
С О Д Р Ж И Н А
1. Кон читателот
2. Вековна надеж
3. Први извори за животот на Пресвета Богородица
4. Неканонски сведоштва – апокрифи
5. Родно место и народност
6. Род и родословие
7. Родословие на пресвета Дева Марија
8. Родители
9. Света Ана ја зачнува Пресавета Дева Марија
10. Рождество Богородично
11. Во домот на родителите
12. Воведение Богородично
13. Смрт и посмртно учество на светите Јоаким и Ана
14. Обручението
15. Благовестие
16. Споделена радост
17. Збунетоста на Јосифа
18. Народно реагирање
19. Свето Благовештение – прв христијански празник
20. Рождество Христово
21. Сретение Господово
22. Бегството во Египет
23. Враќање од Египет во Назарет
24. Детството на Исус
25. Скршената стомна
26. Исус седи на сончевиот зрак
27. Птички од глина
28. Излеченото другарче
29. Во Ерусалим
30. Смртта на Јосиф обрученик
31. По патот Христов
32. Во Капернаум
33. Во Назарет
34. Првата христијанка
35. Кон Ерусалим
36. Една древна хронологија
37. Судењето
38. Застапништвото на Пресвета Дева пред Пилата
39. Кон Голгота
40. Во подножјето на крстот
41. Посинувањето на човечкиот род
42. Плачот на Пресвета Богородица
43. Симнувањето од крстот
44. Воскресение
45. После Воскресението.
46. Последниот траг Исусов
47. Трагите на Пресвета Богородица
48. После крсната смрт Исусова
49. Сионска Кујна
50. Во домот на Јована
51. Просветување во Лида
52. Сведоштвото на Игнатиј Богоносец и Дионисиј Аеропагит
53. Ждрепка на службување
54. Во Ерусалим
55. Патувања
56. Во Ефес
57. Во Антиохија
58. Во Атон, Македонијса
59. Во Кипар
60. Последните денови во Ерусалим
61. Надворешност и карактер
62. Телесен лик
63. Духовен лик
64. Успение Богородично
65. Колку години живеела Мајката Божја на земјата
66. Гробот на Пресвета Богородица
67. Празникот Успение Богородично
68. Општ преглед и поука
69. Прослава
70. Беседа, Пресвета Богородице спаси не
71. Беседа на Рождество на Пресвета Богородица
72. Беседа на Воведение во храмот на Пресвета Богородица
73. Беседа на Благовештение
74. Беседа на Успение на Пресвета Богородица
75. Беседа на Покров на Пресвета Богородица
76. Библиографија ……………………………………………………………………………………….. 230
КОН ЧИТАТЕЛОТ
Овој мој труд е книга на верата. Многу годишен труд на собирање материал за подготвување на ова книга од: Светата Библија Стариот и Новиот Завет; – Светите Преданија: во катавасии, тропари, кондаци, икоси, и други црковни песни, акатистот на Пресвета Богородица, молитвословија; – Напишани сведоштва од светите Отци за Пресвета Богородица; – Неканонски сведоштва и апокрифи; – Книгата за излегување на Дева Марија; – Од историјата на дрводелецот Јосиф; – Сирска врзија за Светото Семејство; – Арабско Евангелије; – Ерменско Евангелије; – Прво-евангелијето на Јакова; – Псевдо-евангелијето по Матеја; – Евангелијето за детството на Исуса; Евангелијето на Никодима;
Би сакал таа да постане за секој, кој ќе ја прочита, и книга на благочестност и добродетелство. Напишана е врз утврден матрејал, кој се користел низ вековите во богословската и сликарската литература, за времето на овој труд, при составувањето и размислувањето, покрај молитвеноста и созерцевањето, споредував детали според историјата, литературата, искуството, текстовите од Светото Писмо, учењето на Православната Црква и црковното Предание – многувековниот религиозен одд.
Ова го правев во духот на нашето време, каде е изразито моето христијанско, домашно и црковно воспитување, преку богословското образование, користејќи го и долгогодишното свештеничко и пастирско искуство, кое е карактеристично за религиозен македонец. Повеќе не можев.
Си поставив задача:
Кога ќе ми се наложи да повторам некои детали кои се преживеани или веќе промислени од други, истите неможев да ги преосмислам или осветлам со вера и да ги стоплам со благочестност, ниту пак да ги премолчам, а го стоплуваат срцето и ја осмислуваат верата, ширум го отварат разумот, ги потцртував.
Кога веќе се применуваат професиите на: лекар, учител или духовник, секој треба да делува според својот повик. Духовникот – како духовник. Се придржувам на тој повик, бидејќи оваа книга ме ангажира како духовник, и е прирачник за духовните потреби на верникот. И само од таа гледна точка таа може и треба да биде читана и отценета.
Се поклонувам, пред сите пристигнати сознанија низ вековите за Света Дева Марија – која е централна личност во христијанската агиографија. Ги споделувам тие познавања во рамките, во која Св.Црква соборно и богомудро ги чува, која ги осветлила и ги прима како убедување или како насоченост за благочестие . . .
Ако книгата си издејствува право на живот, ако се сочува како и многу други проучувања, кои ја имаат за предмет Света Дева Марија, а сметам, дека тоа и ќе биде, бидејќи не ја пишувам со воображена богословска наобразба, кој го проследил целото црковно догматско и етичко учење за неа, туку првенствено со почитување, со пиетитет на вообичаен верник, кој зборува од свое име за она, кое ги бранува душите.
Сакам да додадам, дека, кој со вера ќе го прими изложеното, ќе осети, дека таков труд раѓа, воздигнува, помага за духовно усовршување. Со таква корист и јас се здобив – морално задоволство, кое го испитува секој автор за време на присобирање на материјал и пишувањето.
За сите христијани, особено за упатените во православната традиција, Девицата од Назарет, Мајката Божја, Пресвета Богородица е живо, привлечно Божјо создание, која е нивна духовна мајка, и ги соединува во браќа на Христа . . .
Секој ја почитува Пресвета Богородица според духовното свое воздигнување и моралните свои погледи, едни – со вообичаена вера, други – со виталот на мислите.
Секој може да ја прочита оваа книга, кои сакаат да Го почитуваат Бога во духот на вистината. Таа е вдахновена, од чесна намера без ништо да се додава или преовеличува, да се отпушти верното срце кон Пресвета Богородица, а со тоа воопшто да постане и човечки брат.
За време на овој труд забележав, дека размислувањата за Пресвета Богородица се издигнат пункт со чудна духовна средба со проблемите: за состојбата на човечкиот дух, за вообичаените и живи (во исто време највозвишени и свети) чувства, за длабоко размислување на општата христијанска историја на Црквата, врз основа на развитокот на христијанската богословска мисла, со посредништво на Пресвета Богородица во делото на вечното спасение. И сето тоа ни се откри во утврдени нови перспективи.
На крајот му посакувам на читателот да најде во страниците на оваа книга исто такво задоволство, кое сум го и јас нашол, за време пишувањето: мир, спокојство, радост, молитвеност, кои сами по себе се предвремени предводници на Божјата благодат.
А В Т О Р О Т
Вековна надеж
Пресвета Богородица е сигурна надеж на верните души низ вековите.
Старозаветните текстови – пророчанствата и предналикувањата за неа – постанаа изпади од многугрешниот човек “како утринска роса, како ситен дожд по зеленило и како проливен дожд по трева” (Втор.32:2).
Промислителната Божја љубов, уште во рајот му даде надеж на осудените: на прамајката Ева – “Кога ќе бидеш бремена, ќе ти ги умножам и преумножам маките; со болки ќе раѓаш деца,”; и на праотецот Адам – “Со мака ќе се храниш од неа се до крајот на својот живот;” (Бит.3: 16, 19), Кон змијата (ѓаволот), пак и рече, со надеж на избавување – “И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата” (Бит.3:15). Така првиот збор за Пресвета Богородица е произнесен од Самиот Бог со ветувањето на Искупителот. Тие пророчки зборови, кои ги читаме на самиот почеток во првата книга од св. Библија, се првата блага вест, првото евангелие. Тие зборови навлегуваат длабоко во сознанието на прародителите.
Покасно, низ вековите, покрај сите искушенија и тешкотии Бог ќе го потсетува избраниот Свој народ со ред на други пророчанства и ќе ги појаснува со предобразувања, и така ќе навлезе во нивното срце во кое цврсто ќе бидат убедени во блиското време за доаѓањето на Спасителот. Секоја жена, израелка, ќе ја посакува во своето срце слатката нада, дека може да се удостои со честта, таа да биде жената, чие поколение ќе ја згазе главата на змијата. Законот Мојсеов внимателно го предвиде левиратниот брак, та секој член од домот Израилев да остави поколение, и никое семејство да не остане бесчедно. Секое израилско семејство во историската бит ќе трепти пред бесчадието како голема Божја казна и општествен срам, а раѓањето на нов човек во семејството ќе потсетува како голем Божји дар и неискажана Божја милост. Семејна добродетел, која го заштити во историјата Израилот и толку други народи, кои во историските променливи судбини исчезнаа.
Која е Таа жена, која ќе го излечи гревот на Ева, објаснува црковниот поет и писател св. Јован Дамаскин:
-Ева прва престапи, ја наруши Божјата заповед и преку неа гревот и смртта дојдоа на светот. Света Дева Марија пак, смирено се довери на вољата Божја и со тоа донесе на светот оправдување и безсмртност. Семето на жената Дева Марија, Спасителот на светот Господ Исус Христос, преку Своите страдања, смрт и воскресение навистина ја згази главата на змијата – искушителка, Го обесили гревот, ја победи смртта и на целиот човечки род му подари воскресение и вечен живот.
Св. пророк и цар Давид, прв помеѓу пророците живописно ја опишува славата на Небесниот Цар и Неговата Царица:
“Царицата стои покрај Тебе оддесно во облека украсена и со злато проткаена. Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој. Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато; во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе, ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец” (Пс.44: 9-10 и 13-15).
Царот на духовното, непреодното вечно царство е Господ Исус Христос. Небесната Царица е Пресветата, Пренепорочната Владичица и присно Дева Богородица Марија.
Светата Црква во ред на богослужбени песнопеења го сврзува тоа пророчанство со Мајката Божја. Особено торжествено е искажано тоа во догматикот на IV глас од октоихот:
-Богоотецот и пророк Давид возвестува за тебе: – Застана Царицата од Твојата десна страна. Постана Мајка на Животот, зашто Бог благоизволи да се роди од тебе без татко, и да Го востанови Својот чист образ во осквернатиот во грев човек, и да го донесе при Отца на Своите рамења како намерно изгубена овца.
Св. пророк Давид кажува и друго пророчанство за Пресветата Богородица:
-Планино Божја, планино Васанска! Планино висока, планино Васанска! Зошто вие, високи планини, гледате завидливо на планината, на која Бог благоволи да се насели и Господ вечно таму ќе остане? (Пс.67:16,17)
Според толкувањето на црковните Отци Света Дева е планината, од која извират потоци од благодат на Светиот Дух. Таа е висока планина поради високото Нејзино достоинство да постане Мајка Божја.
“Развеселете се планини – разумни суштества, кои се стремите кон високото духовно созерцание – ни кажува св. Јован Дамаскин – се раѓа чудна Господова планина, која ја надминува висината од секој врв планински – од секое ангелско и човечко величие. Врв, по-свет од Синај, покриен не од дим, мрак, бура и страшен оган, туку со силно светнат зрак на Сесветиот Дух.”
Во таа смисла Мајката Божја е наречена “висина, која тешко се искачува од човечката мисла” (Икос на Благовештение).
-Граде Божји, преславно се зборува за тебе. (Пс.86:3)
Зборува директно за градот Ерусалим, а кој во преносна смисла е за – Света Дева, која според учењето на Црквата е град како Ерусалим, во кој царува поголем Цар од прославените цареви Давид и Соломон – Самиот Бог. Затоа таа постанува како “град на сите цареви”, “палата и престол на Тој кој Царува” , “град избран”. Исто како и Ерусалим во почетокот Света Дева била скромна и неизвесна. Ерусалим се прослави, откако беше објавен за престолнина на царевите. Девицата Марија од Назарет стана известна, откако се здоби со вселенска слава и откако стана Мајка на предвечниот Бог.
Во опишувањето на Женихот и Невестата во книгата “Песна над Песните” од премудриот Соломон се дадени црти, карактеристични за Исус Христос, за Црквата и за Пресвета Богородица.
“Она што е кринот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу момите” (2:2).
“Цела си убава, мила моја, нема ни дамка на тебе!” (4:7)
“. . . но единствена е таа, гулабица моја, совршената моја; единствена е таа на мајка си, избрана кај родителката своја. Ја видоа девојките, и ја возвеличија, ја видоа цариците и наложниците, и ја пофалија. Која е таа, што болска како зора, убава како месечина, светла како сонце, страшна како војска со знамиња?” (6: 9-10).
Затоа Црквата ја воспева Пресвета Богородица како Дева Богоневеста, Невеста Божја, Невеста Неневесна, Неискусобрачна – не влезе во брачни врски. Невеста е таа според силата на Светиот Дух, а неневесна се посочува за луѓето, дека неискусила брак, останала небрачна. Меѓу човечките керки Пресвета Богородица навистина била како крин, која свети со блесок на чистота и светлина на девство.
Цар Соломон пророкува за Пресвета Богородица во книгата “Соломонови изреки” како што: “Премудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови, ги закла своите жртви, го расточи во чаша виното свое и ја приготви трпезата своја; ги испрати слугите свои да огласат од градските височини: Дојдете, јадете го лебот мој и пијте го виното, што сум го приготвила;” (9: 1-3, 5).
Тука изричито јасно се гледа, дека Премудрост е наречен Голготскиот Страдалник, Кој на Тајната вечера им рече, дека лебот е Неговото тело, а виното – Неговата крв (Мат. 26: 26-28). Додека пак изградениот од Него Божји дом е Пресвета Богородица – сесветлата ознака на Словото.
Како што наближувало времето за да се појави на земјата Спасителот на светот, толку повеќе пророчанствата добиваат поголема определеност, стануваат поконкретни. Сите старозаветни пророци претскажувале, дека тој голем настан не само што неизменето ќе се случи, туку кажувале и кога, каде и како ќе се случи.
Најголемиот помеѓу пророците, Исаија, определува, дека Спасителот ќе се јави на светот, роден од девица: “…Ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануел.” (7:14), кое значи “со нас е Бог”. Во тешки денови за јудејскиот народ, преплашен од здружените асирски и израилски цареви, светиот пророк ги бодри јудеите со уверување, дека Бог е со нив, и нема да ги остави, и ќе Го исполни даденото ветување за да продолжи родот, да го сочува царството и да го издигне јудејскиот народ преку Спасителот на светот, искажувајќи го тоа пророчанство. Тие зборови, дословно ги повторува Ангелот-благовесник на Марија (Лук.1:31; Мат. 1:21). Светата Црква ги објаснува зборовите на пророкот вака: Јасновидецот Исаија, откако дозна, дека ти безсемено ќе родиш, викаше: “Ете Девица ќе зачне.” А св. Јован Дамаскин додава: Дева Марија навистина безмажно роди Син. Таа единствена меѓу мајките остана девствена, бидејќи едновремено се случи и Мајка и Девица – нај-дивно чудо меѓу сите чуда!
Во следните пророчанства Исаија дава други детали. Очекуваниот Спасител, освен дека ќе се роди од девица, но и ќе произлезе од “Јесеевиот корен”. Точно се сопваѓа Неговиот род – со Давидовиот род. Јесеј е татко на Давид (Мат. 1:5-6).
-Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите (Рим.15:12 го цитира Иса.11:10).
Четвртата песна од катавасија на Рождество ги сврзува двете пророчанства: Ти, Христе, се роди од Дева, и постана жезол од Јесеевиот корен, расцвета како цвет од него.
Понатака, пророкот Исаија го претскажува Бегството на Пресвета Богородица со Богомладенецот во Египет, протерана од гневот на Ирода.
-“Пророштвото за Египет. Ете Господ ќе седне на лесен облак и ќе дојде во Египет. И пред лицето Негово ќе затреперат идолите египетски, а срцето на Египет ќе се стопи во него.” (Иса. 19:1). Лесниот облак е Пресвета Богородица.
Во општата катавасија во чест на Пресвета Богородица, четвртата песна, лесниот облак е посочен како начин, по кој Господ слезе од небото на земјата, за да ги спаси тие кои Го очекуваа:
-Пребожествениот Исус, Кој седеше во слава на Божјиот престол, дојде, слезе на земјата при нас, на лесен облак.
Друга црковна песна пее: Просветен од Светиот Дух, пророкот Исаија те виде како лесен облак, на кој седна Господ, та дојде и ги растури египетските идоли.
Светите толкувачи појаснуваат, дека Мајката Божја се сравнува со облак, бидејќи од неа, како низ облак, изгреа за нас Сонцето на правдата, како од облак се истури Живата вода, Господ Исус, Кој Ги мие гревовите, и кој пие од неа, никогаш нема да ожедне.
За да го објасни безмажното зачнување на Дева Марија, пророкот Исаија го кажува пророчанството за запечатената книга:
“И секое пророштво за вас е она исто, што се зборува во запечатената книга, што му ја дава на оној, кој знае да чита книга, и велат: “Прочитај ја”, а тој одговара: не можам, зашто е запечатена.” (Иса. 29:11). Црковните Отци и учители ја гледат во таа запечатена книга Пресвета Богородица. На Претпразненството на Рождество Богородично се пее: Сега се раѓа запечатена книга, која не може да се прочита со земно толкување, во таа воодушевена книга со Божји прст е напишано Словото Божјо.
Во смисла на непостижна тајна на Божјото овоплотување Пресвета Богородица е запечатена книга. Како запечатена книга не може да се прочита, како и безмажно зачнување на Света Дева не може да се разбере со природните човечки закони.
Св. пророк Езекил во пророчкото видение ја гледа Пресвета Богородица како Колесница, на која седи Бог (Јез. 1гл), на друго место како Врата од Исток, која “врата ќе биде затворена, и ниеден човек нема да влезе низ неа. Само еднаш ќе се отвори, за да влезе низ неа Господ и ќе остане пак затворена” (Јез. 44: 1-3).
Затоа Црквата ја воспева како “колесница на Сонцето”, “огненолика колесница на Словото”, “Езекил те гледа како затворена врата, Богородице, низ која помина Христос.” Таа затворена врата го симболизира приснодевството на Богородица.
Св. пророк Даниил толкува сон на Навуходоносор, кој сонил “огромен идол со златна глава, градите и рацете сребрени, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни. Потколениците железни, а нозете дел железни, дел глинени. Ти го гледаше, додека еден камен не се откачи од планината сам, удри во идолот, во неговите железно-глинени нозе и го скрши. Тогаш заедно се се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни целата земја.” (Дан. 2: 31-35). Сонот го претскажал крајот на четирите големи царства: Вавилонското, Персиското, Македонското и Римското. Каменот пак (Исус Христос), кој без рака да го потурне, се истркалал од планината (Пресвета Богородица) и се раздроби (стариот многубожачки свет), ставил почеток на ново духовно царство, кое никогаш нема да се распадне.
Во деветтата песна од катавасијата за Неделата на Православието истото ни го повторува: – Од тебе, дево, – несечена планина, се одвои камен неракододирнат, многуаголен – Христос.
Величенствено е пророштвото и на пророкот Авакум (3:3). И тој ја гледа истата таинствена планина – Пресвета Богородица, воспеена од Црквата во четвртата песна од вторите катавасии на Рождество: – Во древност пророкот Авакум, пеејќи за обновувањето на човечкиот род, неискажано се удостои да го види предвестувањето, дека од планината – Дева, доаѓа при луѓето Млад Младенец.
Внимателниот читател ќе открие во целото боговдахновено пишување различни кажувања за Пречистата Дева Марија. Таа вистина ја потцртува и св. Андреј Критски. А свети Јован Дамаскин посведочува, дека Пресвета Богородица е претскажана во различни предобрази според Божјото предопределување преку старозаветните пророци.
Уште во почетокот на светата Библија, во расказот на Мојсеј за стварењето на светот, светата Црква и богомудрите отци наоѓаат посочувања за Света Дева Марија, во првобитната девствена (безгрешна) земја. Земјата, макар и необработена од човекот, неоросена од дожд сама дала плод: треви и дрва. Од неа е земена земја за телото на човекот. Св. Иринеј Лионски вели: “Како што првиот човек Адам го зема телото од чистата, сеуште девствена земја, создадена од Божјата Десница, така и при овоплотувањето на Бог Словото се повтори истото. За населувањето на грешниот Адам во неговата рајска невиност Бог Словото благоизволи да се роди од Пречистата Девица Марија. Девствена земја, според зборовите на св. Јован Златоуст, била преобраз на жената Девица: Како и девствената земја, таа била засеана, изникнале цвеќиња со рајска убавина, така и девицата Марија безсемено го роди Исус Христос.
Во Акатистот Света Дева се нарекува “ветена земја, од која тече мед и млеко” (ик.6), “нива неорана, од која изникнува Градинарот на нашиот живот, нива, која раѓа во изобилие милост” (ик.3).
Рајот – првобитно живеалиште на човекот – бил неопишана градина, засадена со најубави дрва, кои раѓале најубави плодови. Пресвета Дева како “воодушевен рај”, покажала чудни плодови на морални добродетелства, постанала прекрасна рајска градина, во која расцветале тајните цветови на сите добродетелства. Во средината на рајот било насадено дрвото на животот, а Пресвета Богородица Го носела во Мајчината си утроба Господа Исуса – дрвото на спасението. “Чудна рајска градина си Ти, Богородице, во која за нас израсна без обработка “Христос”, пее деветтата песна од катавасијата на Воздвижение.
Ева – првата жена, се нарекува мајка на човечкиот род. Св. Епифание ја посочува како преобраз на Пресвета Дева Марија. Ева беше причина за смртта на човечкиот род – низ неа гревот влезе во светот, а со гревот и смртта. Преку Дева Марија ни е подарено спасение и вечен живот. Одвоени потцртувања од животот на Ева предобразуваат во противположност на Света Дева.
Како прамајка Ева беше создадена од реброто на Адама, така и Пресвета Дева Го роди новиот Адам Исус Христос (Ј. Дамаскин). Како што Ева беше соблазнена од ѓаволот, се оддалечи од Бога, така Дева Марија, известена од Ангелот, се доближува до Бога. Преку Ева гревот дојде во светот и човекот го изгуби рајот, а низ Марија гревот беше очистен, рајот вратен, и “Ева се ослободи од солзите” (ик.1). Оковите на Евината непослушност беа раскинати од Марииното послушание. “Тоа, кое што Ева го заврза со своето неверие, Дева Марија го одврза преку својата вера” (св. Иринеј). “Ева поверува во змијата, Марија – на Гаврил” (Тертулијан). Ева го откри патот кон гревот, Марија го приложи патот за Сонцето на правдата. Ева го послуша советот на змијата, Марија Го роди Тој, Кој ја здроби главата на змијата, Створителот на Светлината” (св. Гр.Ниски). Затоа на Ева беше кажано: Во болки ќе ги раѓаш своите деца, а на Дева Марија возвестено: “Радувај се благодатна!”
И Ноевиот ковчег е преобраз на Света Дева. Ковчегот (бродот) бил искован од негнијни дрва и Пресвета Богородица останала нетлена. Со ковчегот се спаси Ное и неговото поколение, а преку Марија добија вечно спасение сите, кои го слушат гласот на Божјата благодат. Од гулабицата со маслинесто гранче Ное во ковчегот дозна за крајот на потопот; Света Дева со раѓањето на Спасителот го возвести крајот на греовниот потоп. Затоа Црквата пее: “Радувај се, гулабице, која Го роди Милостивиот и Тој го спаси светот од потопот на гревот”, и ја слави како “замислен ковчег, издигнат високо над смртниот потоп” (ик.7), “ковчег позлатен од дух” (ик.12), “ковчег на заветот” (Ак. Покров, ик.8), “брод за оние, кои сакат да се спасат” (ик.9).
Исак бил преобраз на Исус Христос, а Сара – на Дева Марија. “Раѓањето на Исака го разубави прозорот на безчедноста за Сара и ја возвеличи во слава, а Роденото од тебе е Свето, пречиста Дево Мајко, ти ја донесе најголемата слава”, пее Црквата.
Скалата на Јакова (Бит. 28:12) истотака е преобраз на Дева Марија. Затоа и Црквата пее: “Радувај се лествице висока, која Јаков ја виде” – Со песни те величаме, Богородице – мисловна и духовна небесна скала, по која слезе нашиот Бог и преку која ние се искачуваме кон небото (ик.2). Слави ја како “небесна скала, видена од Јакова” (ик.9).
Капината што несогоруваше, која Боговидецот Мојсеј ја видел, истотака е преобраз на Мајката Божја. “Како што капината горела, но не согорувала, така и Дева – родила и пак Дева останала” (св.Гр. Ниски). Затоа Пресвета Богородица се нарекува “незапаллива капина.” Од Црквата е воспеана како “незапаллива капина, предвидена од законоположникот мојсеј” (ик.9), на икони се изобразува опкружена од огнен блесок.
Облачниот столб, кој преку денот давал сенка во пустињата, а преку ноќта лачел светлина за Израилот, е Света Богородица – “ облачен столб, кој ги заштитува сите од световните искушенија и соблазни” (ик.7). Црквата ја воспева: “Облак сесветол, кој непрестано прави сенка на верните”, “светоносен облак, во кој слезе Владетелот на се” , “светловидлив облак, кои ги предводува новите луѓе кон Ветената земја”, “непоклатлив столб на Црквата” (ик.12), “огнен столб, кој ги води останатите низ темнината”(ик.6).
“Облак е, бидејќи Го носела Бога и ни излила дожд од Божјата милост и благодат. Столб е, бидејќи ја крепи Црквата во секакви војувања и ја штити од видливи и невидливи душмани” (св. Димитриј Ростовски).
Црвеното море е преобраз на небрачната невеста – Пресвета Богородица. Бидејќи: таму Мојсеј ја раздели водата, тука Гаврил постана служител на чудото. Тогаш Израилот го помина морето како по суво, сега Дева безсемено Го роди Христа. По поминувањето на Израилот морето повторно стана непроодно, по раѓањето на Емануил непорочната остана нераспадлива (Догматик на V глас).
Преку раѓањето на Господа, Богородица стана за сотоната и неговите служители погибелно море, а за верните христијани – тие вистински израелци, кои поминуваат низ пустињата на животот кон небесната татковина, – спасително море, “море, кое го потопи духовниот фараон” (ик.6).
Храмот и скинијата со нивните утвари: кивот, трпеза, свеќник, стомна, жезол, истотака се преобраз на Дева Богородица.
“Богородице Дево, ти си храм чист и пресветол” – пее Црквата. Во првиот Соломонов храм имало ковчег на заветот. Во вториот – немало. Наместо ковчег, во него се јавила самата Пресвета Дева. “Ти, Пречиста, се покажа ковчег, позлатен од Божествениот Дух, кој ковчег ги содржи тајните на законот, Христа Господа, Кој од древност го предвестија Законот и Пророците.”
“Законот, Чиста, преславно те предвестуваше: скинија и Божествена стомна, чуден кивот, завеса и жезол.” “Скинија на Бог Слово” (ик.12), “скинија од серафими осенувана” (Ак. Усп.,ик.12). “Радувај се свеќниче светол” – пее Црквата – “свеќниче на висок свеќник поставен” (Ак. Усп., ик.11). “Ти Богородице, си навистина како светол свеќник на необјаснива светлина, златна каделница на Божествениот оган.” “Радувај се, златно грне со мана, – жезол Ааронов, – Божествено трпезо со таинствениот леб, слегнатиот од небото Христос, кој јаде од него никогаш нема да огладне, – ковчеже на заветот, – пресвета стомно златоводна, од која се излива животворно миро за верните, златна каделнице, во која се чува огнот на Бог Словото, – светилниче златен, сад на девството, – светилник, кој ја распрскува живоносната светлина – Христос, Кој ги осветлува со вечен живот оние кои седат во темница, во смртна сенка.”
“Меден умивалник”, “бања, која ја мие совеста” (ик.11).
Ангел го известил Гедеона, дека Бог го определил да го спаси Израилот од медиамците. За да се увери, дека навистина тоа било по Божјата воља, Гедеон посакал од Ангелот знак: тој ќе постави на едно рамно место (гумно) волна и кога ќе падне ноќната роса, само волната да се навлажни, а земјата и се што е наоколу да остане суво. А наредната вечер обратно: волната да остане сува, а земјата да се намокри. Така и станало. Таа случка со волната има преобразно значење за Пресвета Богородица: гумно е богоизбраниот народ. Волната – е пречистата Дева. Росата – Божјата благодат. Земјата – многубожачкиот свет и Израилот. Дева марија била оросена од божјата благодат и Го родила Словото, додека многубошците и Израилот останале исушени од потта на суеверието и неверието. Вториот пат волната на Гедеон останала сува, а земјата била оросена. Тоа пак значи, дека после раѓањето Света Дева останала неповредена, а земјата – светот, се овлажнил со росата на богопознанието, та проникнала вистинска вера за спасение на човечкиот род.
“Како на волна од небото тихо слезе во тебе, Дево, божествениот дожд и го спаси целото исушено од грев човечанство” – пее Црквата.
Соломон имал во храмот великолепен престол. Како што тој седел на тој престол, така и Исус Христос се расположил во Света Дева како на престол. Затоа Света Дева се воспева како “Царски престол” (ик.1), – “престол Господов, вознесен од земјата во Царството небесно” (Ак.Усп.,ик.3),- “огнен престол на невидливиот Цар” (Првата молитва од општиот акатист).
Трите отроци Седрах, Авденаго и Мисах, ученици на Даниил, не ја исполнија повелбата на вавилонскиот цар Навоходоносор да се поклонат на златниот кип и биле фрлени во огнена печка, Синот Божји – Господ Исус Христос – слегол во печката, го обратил огнениот пламен во роса, ги сочувал неповредени момчињата (Дан. Гл.3) и со тоа го преобразил чудното Свое раѓање од Пресвета Дева Марија. Во осмата песна на катавасиите за Крстовден настанот е прославен вака: “Отроци, рамнобосни на Св. Тројца, благословете Го Творецот Бог Отец, воспејте Го Словото, Кое слезе и во роса го преобрази огнот. . . “
Ненаштетувањето на трите момчиња во вавилонската печка го означува ненаштетувањето на Света Дева од огнот на Божеството, и второ – сочувањето на нејзиното приснодевство. Вавилонската печка која беше наменета за погибел на трите момчиња, постана нивно обновување и заштита на животот. И така преку Дева светот духовно се обнови.
Преобраз на приснодевството на Мајката Божја Светата Црква открива и во пророчанството на пророкот Јон кој беше неповреден во утробата на китот. Морскиот ѕвер го исфрлил Јона, како што го проголтал, и Света Дева после раѓањето останала непорочна, како што била и пред раѓањето.
Сите преобрази на Пресвета Богородица, кои се среќаваат во Светото Писмо, во црковните песни и во молитвословијата кажуваат за неа и за нејзините визвишени квалитети и добродетелства, со кои беше благодатно надарена, која ги пројави во животот како Мајка Господова и после успението како вечна, неуморна застапница од небото пред Својот Син и наш Бог за наше опстојување на земјата и за вечно спасение. Откако ќе го проследиме нејзиниот живот, ние ќе ги почуствуваме сите нејзини совршенства, и би и се довериле на нејзиното мајчинско и молитвено застапништво, поуверено и безбедно ќе ги поминиме престојните препреки.
Први извори за животот на
Пресвета Богородица
Се систематизирани и цврсто утврдените текстовите во канонските книги на Новиот Завет, во кои се зборува за Мајката Божја. Тајната на брануваниот мир постанува уште повеќе сомнителен и разбрануван, кога се споредува со напишаното источно многословие на апокрифите, во неканонските книги, во кои се зборува за неа.
Родословието на Спасителот, изложено од св. евангелист Матеја, најпрвин ја спомнува “Марија, од која се роди Исус, наречен Христос” (1:16).
Благовестието. Откако го раскажува чудното зачнување на Јован Крстител, Претеча Господов и син на Захарија и Елисавета, св. евангелист Лука продолжува:
“А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гаврил во галилејскиот град, по име Назарет, кај една девојка, Таа беше свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката беше Марија. И кога влезе ангелот кај неа, рече: “Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!
А таа, штом го виде, се вогнемири од зборовите негови и размислуваше што значи тој поздрав. И и рече ангелот: “Не плаши се, Марија, зашто си нашла благодат во Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, кој ќе Го наречеш со името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и Царството Негово нема да има крај.
А Марија му рече на ангелот: “Како ќе биде тоа кога јас незнам за маж?”
Ангелот и одговори и рече: “Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неротка, и таа зачна син во староста своја; нејзе и е веќе шести месец; зашто кај Бога ниеден збор не останува невозможен.”
Марија пак рече: “Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!” И ангелот си отиде од неа.” (Лк. 1: 26-38).
Посетата на Елисавета. Св. евангелист Лука ја опишува вака:
“А Марија стана во тие дни и поита во горскиот крај, во градот Јудин; па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета.
Штом го слушна Елисавета поздравот на Марија, заигра детето во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети, па извика со силен глас и рече:
‘Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И откаде за мене ова, кај мене да дојде мајката на мојот Господ? Зашто, ете, штом гласот од твојот поздрав одекна во ушите мои, од радост ми заигра детето во утробата моја. И блажена е таа, која поверува, зашто ќе се исполни она, што и рекол Господ.’
И рече Марија: ‘Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, зашто ја погледна на смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме нарекуваат блажена сите поколенија; зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име;
И милоста Негова е од колено на колено за оние што се бојат од Него. Тој покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние што се возгордеаја со мислите во срцата свои; ги симна силните од престоли и ги воздигна понижените; гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни; го прифати Израил, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста, како што им зборуваше на татковците наши, на Авраам и на семето негово довека’.
И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома.” (Лк. 1:39-56).
Збунетоста на Јосифа, е напишано од евангелистот Матеј:
“. . . по свршувачката на мајка Му Марија за Јосиф, уште пред да заживеат во заедница, се виде дека зачнала од Светиот Дух.
А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи беше праведен, не сакаше да ја посрами и намисли тајно да ја отпушти.
Но, штом помисли така, ангел Господов му се јави на сон и му рече: ‘Јосифе, сине Давидов, не плаши се да ја примиш Марија, твојата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух; таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Тој ќе го спаси народот Свој од неговите гревови’.
А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господа преку пророкот, кој вели: ‘Ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!’
Штом се разбуди Јосиф од сонот, направи така како што му беше заповедал ангелот Господов и ја прими за своја жена. И не се доближи до неа, додека таа не Го роди својот првороден Син и Го нарече Исус.” (Мат. 1:18-25).
Од Назарет кон Витлеем. Пописот за времето на кесарот Август.
“Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за управувањето на Квириниј во Сирија. И одеа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше зачнала.
А кога беа таму, нејзе и дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата. (Лк. 2:1-7).
Витлеемските пастири за Марија, Јосиф и Младенецот.
“Во тој крај имаше пастири, кои престојуваа во полето и чуваа стража ноќе кај своето стадо. И ете, ангел Господов застана меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А ангелот им рече:
‘Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли.
И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: ‘Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!’
Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: ‘Да појдеме во Витлеем и да го видиме тоа што се случило, што ни го соопшти Господ. И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосифа, со Младенецот кој лежеше во јасли. А штом го видоа, соопштија за се што им беше речено за Тоа Дете. И сите што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите. А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Бога за се она што чуја и видоа, како што им беше речено.” (Лк. 2:8-20).
Симеон ги пресретнува во храмот и го благословува светото семејство.
“А кога се навршија деновите за нивното очистување, според законот на Мојсеја, Го донесоа Младенецот во Ерусалим за да Го претстават пред Господа, како што е напишано во Законот Господов дека секое првородено машко дете треба да Му се посвети на Господ; и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две гугутки или две гулапчиња.
А во Ерусалим имаше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек, кој беше праведен и благочестив; и ја очекуваше утехата Израилева; и Светиот Дух беше во него. Нему Светиот Дух му беше открил дека нема да види смрт, дури не Го види Христос Господов. И поттикнат од Духот дојде во храмот. Па, кога родителите Го донесоа Детето Исус за да го извршат со Него она што беше вообичаено, според Законот, тој Го зеде во своите раце, Го благослови Бога и рече:
‘Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Господаре, според зборовот Твој, зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израил’.
А Јосиф и мајка Му се восхитуваа на она што зборуваше за Него. Па ги благослови Симеон и и рече на Марија, мајката Негова: ‘Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Изаил, и е знак против Кого ќе се говори. А и тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца.” (Лк. 2: 22-35).
Мудреците од Исток се поклонуваат на Младенецот и на мајка Му Марија.
“А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во времето кога царуваше Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа: ‘Каде е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме’.
Штом го чу тоа, царот Ирод се вознемири и цел Ерусалим со него. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници народни, ги праша: ‘Каде ќе се роди Христос?’ А тие му одговорија: ‘Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: ‘И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу владетелствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач Кој ќе го пасе Мојот народ – Израил.’ (Мих. 5:2).
Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и го дозна од нив времето, кога се појавила ѕвездата, па, испраќајќи ги во Витлеем, им рече: ‘Одете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да дојдам и јас да Му се поклонам’.
Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре одозгора, каде што беше Младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие многу се зарадуваа со голема радост.
И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; потоа ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна.
И откако на сон примија вест да не се враќаат кај Ирод, по друг пат заминаа за својата земја“. (Мат. 2:1-12).
Бегството во Египет. “А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосиф во сон, велејќи: ‘Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.
И откако стана, Го зеде Новороденчето и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет. И таму остана до смртта на Ирод, за да се исполни реченото од Господа преку пророкот, кој вели: ‘Од Египет Го повикав Синот Мој’ (пр.Ос. 11:1) во буквална смисла текстот се однесува за излегувањето на израелскиот народ од египетското ропство преку Мојсеја, но во преносен смисол се однесува и за Исус Христос – Првороден на Господа (Исх.4:22; Ерем. 31:9).
Следува пасосот за убивањето по заповед на Ирода 14,000 витлеемски младенци, а после тоа светиот евангелист повторно се враќа и продолжува со опишувањето на бегството во Египет: “А по смртта на Ирод, ангел Господов му се јави на сон на Јосиф во Египет и му рече: ‘Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, и оди во земјата израилева, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот’. А Тој откако стана, Го зеде Младенецот и мајка Му, и дојде во земјата Израилева” (Мат. 2:13-15, 19-21).
Во Назарет. “Но, кога чу дека во Јудеја царува Архелај, на место од татка си Ирод, се уплаши да оди таму; и откако доби вест во сон, тој замина во галилејските пределите. А кога пристигна, се насели во градот наречен Назарет за да се исполни реченото преку пророците дека ќе се нарече Назареец.” (Мат. 2: 22-23).
Мајчинска гржа – случката во храмот. “А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со мудрост; и благодатта Божја беше врз Него.
И секоја година родителите Негови одеа во Eрусалим на празникот Пасха. А кога Toj беше на дванаесет години, тие пак отидоа во Ерусалим, соред обичајот на празникот. Но, кога се завршија празничните денови, додека се враќаа дома, детето Исус остана во Ерусалим; а Јосиф и мајка Му не го забележаа тоа. Мислејќи дека е Тој меѓу сопатниците, изминаа еден ден пат и почнаа да Го бараа меѓу роднините и познатите. Па, бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат. По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува; сите што Го слушаа, беа восхитени од остроумноста и од одговорите Негови!
Кога Го видоа, се зачудија; и Неговата мајка Му рече: ‘Синко, што ни направи така? Ете, татко ти и јас со голема болка Те баравме’. А Тој рече: ‘Што сте Ме барале? Зар не знаевте дека Јас треба да бидам во она, коешто е на Мојот Отец?’ Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Тој.
И Тој слезе со нив, па дојде во Назарет и им беше послушен. А мајка Му ги зачува сите тие настани во срцето свое.” (Лк. 2:40-52).
На свадбата во Кана Галилејска. Исус веќе беше излегол во општа служба. Следниот пасос Мајката Господова се појавува во полна светлина. Св. Јован Богослов вака изложува:
“На третиот ден имаше свадба во кана Галилејска и мајката на Исуса беше таму. На свадбата беа поканети и Исус и Неговите ученици. А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исуса: ‘Немаа вино.’ Исус и рече: ‘Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час’. Но мајка Му Негова им рече на слугите: ‘Се што ќе ви рече, направете!”
Понатаму св. евангелист го опишува првото чудо што Го направи Исус, со кое Он ги отпочнува Своите чуда појавувајќи се во Својата слава, а со што ја поткрепува и верата на Своите ученици во Него.
“Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, и браќата Негови и учениците Негови; и таму остана неколку дена.” (Јован 2: 1-12).
Две загатки за Мајката. Исус веќе е излезен на општа проповед, следен од Своите ученици.
1.Првата загатка е од св. евангелист Лука: “А кога се насобра многу народ, и кога жителите од секој град доаѓаа кај Него, рече во парабола” (Лк. 8:4).
“Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да пријдат до Него поради народот. И Му јавија, велејќи: Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат. А Тој им одговори и рече: ‘Мојата мајка и Моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.” (Лк. 8:19-21).
Св. евангелист Марко го предава истиот настан со поинакви зборови: “И дојдоа мајка Му и браќата Негови, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат. А околу Него седеше народ. И Му рекоа: ‘Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат’. А Тој им одговори, велејќи: Која е Мојата мајка, и кои се браќата Мои? Па, упатувајќи поглед кон оние што седеа околу Него, рече: ‘Еве ги Мојата мајка и Моите браќа. Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка!’.” (Марко 3: 31-35).
2. Св. евангелист Лука раскажува како Исус Ги учел Своите ученици да се молат, ги поучувал, го изгонил бесот на еден од нив и Му го повратил говорот. Тогаш една жена, радосно возбудена од глетката извика со висок глас: “Блажена е утробата што Те носела, и градите од кои си се хранел! А Тој рече: ‘блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го чуваат” (Лк.11:27-28).
Во подножјето на крстот. Од тука па натака во евангелијата не се зборува за Мајката Божја. Ние ја гледаме во подножјето на крстот во последниот и највисок момент – сведок на смртта на Својот распнат Син.
Св. евангелист Јован Богослов вака го опишува настанот: “Покрај крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајака Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалина.
А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот кого посебно го љубеше, како стои, и рече на мајка Си: ‘Жено, ете ти син!’ Потоа му рече на ученикот: ‘Ете ти мајка!’” (Јаван 19: 25-27).
Со апостолите и Црквата. После крсната смрт на Исуса во евангелијата не наоѓаме ништо за Света Дева Марија. Оскудни се сведенијата за неа и во другите новозаветни книги.
Во книгата, Дела на светите апостоли, едно единствено, кратко, но категорично спомнување е сврзано со животот на апостолите и основањето на христијанската Црква. Од него се гледа јасно, дека таа присуствувала и учествувала во чудото на Педесетница.
После вознесението, ни опишува св. евангелист Лука: “Тогаш тие се вратија во Ерусалим од планината, наречена Маслинова, која се наоѓа близу до Ерусалим, колку еден саботен ден одење. И кога дојдоа, се искачија во горната одаја, каде што престојуваа Петар и Јаков, Јован и Андреј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот и Јуда Јаковов. Тие сите еднодушно беа постојано во молитва и молење заедно со некои жени и со Марија, мајката на Исус, и со браќата Негови.” (Д.ап. 1:12-14).
Малку по натака во делата на св. апостоли се опишува чудното слегување на Св. Дух: “Кога дојде денот Педесетницата, сите апостоли беа заедно и на исто место. Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветер кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат” (Д. ап. 2:1-4).
И така од тогаш и за навек беа поставени темелите на Црквата Христова, а апостолите – подготвени да се распрснат со проповет и да го освојат тогашниот многубожачки свет. На тој основачки акт на христијанството непосредно присуствувала лично и Мајката Божја – Пресвета Дева Марија.
Дали меѓу Нејзе и Црквата нема и друга врска? Да побараме по тоа прашање во Апокалипсисот на Св. Јован Богослов.
Жената од Апокалипсисот и св. Дева Марија. За таа цел внимателно да ја прочитаме дванаесетта глава од Апокалипсисот, каде се пророкува за борбата на една таинствена жена со еден страшен змев, која родила машко дете. Тој текст од Апокалипсисот со голема вероватност се однесува кон Црквата Христова. Но тука во симболички смисол живо се налага паралелизам, совпаѓање на жената со Дева Марија. Споредување е направено уште од св. Епифание Кипарски, блажени Августин и други св. Отци на Црквата. Тие еднодушно ја подржуваат натприродната прилика со сличноста на Света Дева Марија и Црквата. И од таа гледна точка тој авторитетен и обоен текст со право се однесува кон литературата од првите извори за Света Дева Марија.
“И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина – венец од дванаесет ѕвезди.
Таа беше бремена и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди.
Потоа се јави друг знак на небото. Ете, голем црвен змев со седум глави и десет рогови, а на главите негови седум круни; опашката негова повлече една третина од небеските ѕвезди и ги фрли на земјата. Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде детето нејзино.
И таа роди машко дете, кое ќе ги пасе сите народи со железен жезол; и детето нејзино беше грабнато и однесено кај Бога и Неговиот престол. А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму иљада двеста и шеесет дена.
И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но беа поразени, и за нив веќе не се најде место на небото.
И беше изфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборена на земјата, и заедно со неа и ангелите нејзини беа исфрлени.
И чув висок глас на небото како зборува: ‘Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе.
Тие го победија со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт.
Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време!
А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената, што го беше родила машкото дете.
И и се дадоа на жената две крилја како на голем орел, за да одлета во пустината на своето место, каде што ќе се храни време, две времиња и половина време, далеку од лицето на земјата.
И змијата испушти од устата своја испушти по жената вода како река, за да ја одвлече со реката. Но земјата и помогна на жената: ја отвори земјата устата своја и ја проголта реката што ја беше испуштил змевот од устата своја.
И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино, што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос.” (Апок. 12:1-17).
Неканонски сведоштва – апокрифи
Од изложените канонски текстови гледаме колку бедно е опишан таму животот на Пресветата Дева, додека во посветените и празнични богослужби струи опишување во изобилие. Од каде тоа доаѓа?
Од црковното предание, кон кое св. Отци често пати се повикуваат, да би осветлиле некој краток евангелски факт. Во таа смисла црковното предание добива авторитет на црковно искуство, кое преку апокрифи во црковни традиции стигнало до нас. Уште од самиот почеток потцртуваме, дека никои од апокрифните текстови не претендира за испитана историска вистина на фактите, но истотака одбележуваме, дека таму нема ништо, што би ја расколебал верата. Навистина, улогата на апокрифите во научниот богословски смисол, догматски – е второстепена. Но во богослужебните чинодејствија и молитвословија тие внеле ценети поединости. Отците на Црквата во своите трудови за догмата на верата ги земаат за основа боговдахновените текстови, но ги користат и апокрифите.
Продолжени црковно-богословски проучувања востановуваат, дека апокрифите се оригинали и интересни документи од животот и битот на христијанското општество од вториот до седмиот век, кога се и составени. Нивната содржина, внимателно разгледана, покажува значајно влијание врз богатството и убавината на ред богослужбени чинодејствија, а со прекрасните свои дополнувања благочестиво збогатуваат и појаснуваат ред на евангелски настани. Претставените апокрифи вклучуваат древни пишувања, кои Отците на Црквата не го дозволуваат за поширока христијанско – општествена употреба, поради опасност за неправилно ориентирање на содржината и нивната смисла. Некои од нив се набројуваат: Посланието на св. апостол Варнава, Првото послание на папа Климент Римски до Коринтјаните, Пастирот на Ерм, Евангелие кон евреите, Евангелие на Петар, Евангелие на Тома, Евангелие на Филип и др. Тука се однесува и на текстовите, кои го опишуваат земниот живот на Пресвета Богородица: Првоевангелието на Јакова, Псевдо – Евангелието по Матеј, Евангелието за детството на Исуса, Евангелието на Никодима, Книга за излегувањето на Марија, за историјата на дрводелецот Јосиф и др. Тие се познати во грчки, сиријски, коптски, ерменски, латински редакции и макар со општ предмет на содржина, носат пооделно свои карактери, народни особености. Се набројуваат повеке од четириесет такви евангелија.
Потекнуваат од времето на вториот, третиот, четвртиот и петтиот век. Некои можеби се дури и од првиот век, сочувани како усни раскажувања во Палестина, предавани од уста на уста. За такво се мисли дека е Првоевангелието на Јакова, кое низ вториот век веќе било широко распространето низ целиот христијаски Исток.
Црквата, се потпира на апостолскиот и вселенски карактер на нивната содржина, признава за вдахновени и полезни за црковна употреба и некои од нив. Особени заслуги за нивното проучување имаат: св. Атанасиј Александриски, св. Јован Златоуст, св. Кирил Ерусалимски, Јустин Филозоф, Иринеј Лионски, Тертулијан, Ориген и др. Многу црковни писатели во своите трудови понекогаш ги користат апокрифите, особено Првоевангелието на Јакова, Евенгелието на Патар и др. Се одобрува становиштето: просветениот црковен автор може да ги користи, ако се потврди, дека таа содржина ќе користи во црковниот живот и учење.
Од апокрифите, сврзани со Света Дева Марија, едни се посветени исцело и специјално на неа, а други, оддаваат првенствено внимание на Христа или на Јосифа Обручникот, а зборуваат и за неа.
“Првоевангелието на Јакова” содржи обилни и трогателни поединости за благочестивите родители на Света Дева Марија и за самата неа. Првоевангелие, се нарекува бидејќи претендира дека е прво, дека е претходник на сите евангелија, вклучувајќи ги и канонските.
Според јазичната литературна форма, по својата едноставност, но сериозност, длабоко раскажување, по благочестивост, кое струи од него, се појавува како нај-забележителен апокриф, кој стои најблиску до канонските текстови. Поради таа висока отценка тоа е користено од сите руски автори, кои пишувале за Мајката Божја. Во првите шеснаесет глави се зборува за чудното раѓање и раното детство на Марија, за воведението Нејзино во храмот и Нејзиното поверување на Јосиф Обручник. Од 17 до 21 глава се зборува за раѓањето на Исуса и поклонувањето на мудреците во согласност со евангелијата по Матеј и Лука. На крајот кажува за погибијата на Витлеемските младенци.
Преработено од друг автор и изнесено во друг редослет е и “Псевдо – Евангелието по Матеј”, бидејќи негов автор не е св. евангелист Матеј, туку некој друг, кој, за да му придаде авторитет, се послужува со името на евангелистот Матеј. Ова евангелие некои го препишуваат на апостолот Јован, некои на апостолот Онисим, дури некои на блажени Јероним. Карактеристично е, и изобилува со многу детално опишани чуда.
“Евангелието за детството” е друг апокриф, кој содржи многу сведенија за Пресвета Богородица веќе како мајка. Изобилува со легенди од раскази за секојдневниот живот на Исус. Познато е во сириската и арабската редакција. Во сириската палавиот Исус причинува многу грижи на Мајка Си, а во арабската има ред на епизоди, испеани со нежна народна поезија. Го засегнува бегањето во Египет, населувањето покрај реката Нил, враќањето во Назарет. Улогата на Мајката Божја во различни верзии се покрива со линијата, подржана од чистата православна вера – таа е претставена како посредница, застапница, благодатна помошница.
Св. Јован Дамаскин, христијанскиот поет и писател, ја прославил Мајката Божја со молитви и служби, широко го користел древниот апокриф “Излегувањето на Марија”. Во својата богословската созерцателност и строгоста во Православието Јован Дамаскин опишува ред на поединости за животот на Света Дева Марија, црпени од тој апокриф.
Така, апокрифите се сврзани со животот на Црквата и во целокупниот и историски живот кои образуваат една целина. Во морето на животот, Христовата Црква плива како брод, на кој црковната благочестивост се утврдила и ги приспоило апокрифите како мали лотки за спасување.
Односот за животот на Света Дева Марија, апокрифите полезно ги дополнуваат канонските евангелија. За да бидат така широко примени апокрифите кои се потпирале на детали и факти добро познати на широката христијанска јавност, авторите воделе рачун при нивното составување и отцениле како да опишат, бидејќи при несигурна вера живата традиција лесно може да се разобличи. Начинот за нивно користење треба да биде:
Да се познаваат добро канонските текстови во евангелијата, а потоа да се дополнуваат и појаснуваат со позајмени детали од апокрифите, доколку тие се усогласуваат со нив и не им противречат. Како што на гумно селанецот со веалката ја одвојува сламата и го собира одвоено чистото зрно, така и благочестивиот христијанин со веалката на здравиот разум и чистата вера треба да ги пресејува сите тие писанија, да ја одвојува вредната плева и да го собира во својата житница корисното зрно на богоморален живот.
Така се потрудив и ние да постапиме при користењето на тие богати историски извори за напишаниот овој труд за земниот живот на Мајката Божја, кои го пополнив и се почастивме од тие благочестиви сведоштва, белите полиња од евангелијата.
Родно место и народност
Мајката Божја се слави на секаде по земјата и како самозадолжена за земното катче како Нејзино родно место и род, чија фиданка е, секогаш ја славиме достоинствено и го повикуваме Нејзиното величие. Но Нејзиниот земен живот има свој историски почеток во еден дел на земјата и во еден град, кој преку Нејзе и преку Нејзиниот Божествен Син се возвеличи до небото. Таа дојде на земјата како долгоочекуван Божји благослов и неискажана радост за двајцата веќе остарени благочестиви сопрузи осмислувајќи им ги последните денови од нивниот живот. Нејзиното детско гласче го исполни домот и нивните срца со топлина и среќа.
Верното срце сака да знае нешто повеќе за Најзиниот роден крај и град, каде таа се роди, за родот, од кој таа потекнува, за родителите, кои ја одгледаа и воспитуваа.
А потоа, како преку Нејзе дојде Ветениот од Бога Спасител на светот. Нејзиното родно место треба да го бараме во Ветената земја, наречена во светата Библија, Хананска земја, денешната Палестина.
И го зеде Тара синот свој, Аврама, и семејството негово, па излегоа од Ур Халдејски за да појдат во земјата Хананска (Бит. 11:31). Стигнале во градот Харан во Месопотамија, каде останале подолго време. Тука Господ се јавил на Аврам, му рекол да ја напушти таа земја и да отиде во друга, од Него покажана, откако му ветил дека од него ќе произлезе голем народ, ќе го благослови и ќе му го возвеличи името. Во послушност Аврам ги земал своите чеда и стоката своја, што беше ја придобил во Харан, па излегоа и отидоа во земјата Хананска. Ја изминаа таа земја во должина дури до Сихем и до високиот даб Мамре; а тогаш во таа земја живееја Хананејци (Бит.12: 1-6). Тие биле потомци на Хамовиот син Ханаан. Тука Господ Го потврдил ветувањето на Авраам:
“Крени ги сега очите свои, па погледни од местото, каде што си, на север и на југ, на исток и на запад, зашто целата земја, што ја гледаш, ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое; ќе го умножам потомството твое да биде колку што е песокот на земјата; ако некој може да го изброи песокот на земјата, тоа ќе може да го изброи и потомството твое. Стани и изоди ја оваа земја во должина и во широчина, зашто ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое довека” (Бит.13: 14-17).
И “Во тој ден Господ направи завет со Аврама, велејќи: На потомството твое му ја давам оваа земја од реката во Египет до големата река Еуфрат: (Бит. 15:18).
На север се гледа пошумениот Антиливан, потпрен на грбот на Ермон, ги одбележува трагите кои водат до вечниот снег на Ливан, чии врвови се губат во небесното синило.
На исток, на седум до осум километри од Назарет, овиснат и обраснат од темна и густа трева Тавор испаќа пријатен мириз. Во неговото подножје Девора и Варака ги победи војските на ханаскиот цар Јавин, кој царуваше во Асор (Суд. 4 гл.) Тука стана и Христовото преображение (Мат. 7:1; Марк. 9:2; Лук. 9:28), воспеано од Давид (Пс. 88:13).
На запад, покрај брегот на Големото море (Пс. 103), пурпурните венци на Кармил, каде сонцето навечер се прибира да спие, каде што беше се притаил Господовиот пророк Илија и таму ги беше посрамил Вааловите пророци, а за Израилевата земја испроси од Господа благодатен дожд (3 Цар. 18 гл).
На југ изобилната плодородна Едрелонска или Мегидонска долина, каде зреат непрекинато десет месеци во годината грозје и смокви, портокали и лимони; пресечена од возвишениот Мал Ермон и Гелвуј, напојувана од водите на потокот Кисон, исполнета од полски работници и раздвиженоста на патници, кои одат и се враќат од Големиот град на мирот, тој главен пат кој минува низ неа е украсен од таа природна убавина.
Окото од тука ја гледа цела Галилеја, го пренесува мислата – на целиот Ханан и се што е во него: планини, реки и долини во целото историско великолепие и изобилие преку четирите годишни времиња; населението, живеело тука низ вековите, со сите негови проблеми за опстанок.
Под нејзиното сонце болскале копјата на Амаликовците, победени од Гедеон (Суд. 7: 12-25), Саул (1Цар.15 гл.) и Давид (1Цар.30 гл.); ја треселе војни колесници (коли) на египетските фараони, свиреле низ воздухот стрелите од лаковите, одзвонувале силните кораци на фалангата на Александар Македонски; ја заливале со крв и солзи турски сабји; ја пљачкале алчни крстоносци.
Метафори и символи, преобразби и соновиденија со природна убавина го одржуваат духот и верата во својот Бог и во иднината на својот народ. Ја прелистуваме св. Библија и се пренесуваме во оние времиња, кои го ловат вниманието, ја вознемируваат душата од оние настани, осветени од Божјото присуство.
При кладенецот во Нахоровиот град слугата на Авраама ја запозна убавата и добра девојка Ревека, керка на Ватуила, сестра на Лаван, и побара вода да пие. Таа веднаш ја симна стомната од рамо и рече: “На, пиј, и камилите твои ќе ги напојам”, потоа го одведе при својот брат Лаван, кој го прими гостинот и камилите негови во својот дом, го нагости и му ја даде сестра си Ревека за жена на Исак (Бит.24 гл). Ревека му ги роди на Исака близнаците: Исав и Јаков. Исав го продаде своето првенство на Јакова (Бит. 25 гл.). Господ го благослови Исака: “Јас ќе бидам со тебе, и ќе те благословам; зашто тебе и на потомството твое ќе ви ја дадам сета таа земја, и ќе ја потврдам клетвата, со која му се заколнав на Авраама, таткото твој; и ќе го умножам потомството твое како ѕвездите на небото, и ќе му ја дадам на потомството твое сета таа земја и ќе се благословат преку потомството твое сите народи земни” (Бит.26: 3-4). Исак го благословува Јакова: “Бог нека ти даде роса небеска: многу пченица и вино во изобилие! Народи да ти слугуваат и кнезови да ти се клањаат! Да бидеш господар над братот свој и да ти се клањаат синовите на таткоти твој! Проклет да биде оној, што тебе те проколнува, а благословен – оној што тебе те благословува!” (Бит. 27: 28-29).
Јаков избега од гневот на Исава, “. . .та кога го стемни на отворено, зеде еден камен од тоа место, си го кладе под главата, па заспа на тоа место. И виде сон: ете, скала стои на земјата, со врвот допира до небото, и Ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа. А ете, Господ стоеше на неа, Кој му рече: – Јас сум Господ Бог на таткото твој Авраама и Бог Исаков, не плаши се, Оваа земја, на која спиеш, тебе ќе ти ја дадам и на потомството твое; а потомството твое ќе биде како песокот на земјата; ти ќе се рашириш на запад и на исток, и на север и на југ, и сите племиња на земјата ќе се благословуваат со тебе и во потомството твое. И еве, Јас сум со тебе, и ќе те пазам секогаш каде и да појдеш, и ќе те вратам во оваа земја, и нема да те оставам се додека не го извршам она што сум го рекол” (Бит. 28: 12-15.
Седум години Јаков слугуваше на Лаван за Рахил, а тој му ја даде Лија, и уште седум, та ја доби за жена Рахил која ја сакаше. Му се родија дванаесет синови: Рувим, Симеон, Левиј и Јуда од Лија; Дан и Нефталим од Нала; Гад и Асир од Зелха; Исахар и Завулон пак од Лија; Јосиф и Венијамин од Рахил, кој плачеше пред Јакова: “Дај ми деца, ако не – јас ќе умрам!” над која Господ се смили и и ја отвори заклучената утроба (Бит. 29,30,35 глави). Тие станаа родоначалници на дванаесетте Израилеви колена. Преку трудољубивоста Јаков го обогати вујкото Лаван и самиот се здоби со многу добиток, ситен и крупен, слугинки и слуги, камили и магариња. И Господ му рече на Јаков да се врати во земјата на своите татковци (Бит. 31 гл). Исав излезе да го пресретне. А преку ноќта кога Јаков преспа во Пенуел, се бореше на сон со Бога и не го пушти се додека Тој не го благослови:
“И му рече: – Името ти е Јаков, но отсега нема да се именуваш Јаков, името ќе ти биде Израил. И го нарече Израил. И уште му рече: -Јас сум твој Бог; плоди се и множи се; народ и многу народи ќе настанат од тебе и цареви ќе излезат од твоето колено. И ти ја дадов земјата, што му ја дадов на Авраама и на Исака, твоја да биде, и на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја” Бит. 35: 10-12).
И така Јаков стигна во Хананската земја и заживеа во неа – тој и синовите негови (Бит.37 гл.).
По цел ден неговите синови трчат по стадата, ги жнееа нивите, ги врзуваа сноповите и навечер изморени легнуваа да спијат. Јосиф сонува сон, и го гледа неговиот сноп исправен а сноповите на неговите браќа му се поклонуваат. Послушноста и остроумноста на Јосиф ќе ја осили љубовта на татака си и ќе го награди со шарена кошула. Таа ќе возбуди завист од своите браќа. Тие во одмазда ќе го продадат Јосифа во ропство, а на татка си ќе му ја донесат шарената кошула искината и измачкана од козја крв и ќе му кажат: љут ѕвер го изеде Јосифа! Синовите и керките нема да можат да го утешат татка си во неговата голема тага (Бит. 37 гл.). Мудроста на Јосиф ќе го спаси Египет од гладна смрт, а завидливите негови браќа ќе ги доведе гладта за жито во Египет при него. Тој ќе ги спаси од глад и ќе ги насели во најдобрата предел на таа земја (гл.45,47). Тука ќе живеат, ќе владеат со земјата, ќе се плодат и ќе се множат. Покасно египјаните ќе ги истоштуват со тешка работа, но колку повеќе ќе ги истоштуват, толку повеќе ќе се размножуваат и ќе ја наполнат египетската земја (Исход 1гл.).
Враќањето нивно во Ветената земја ќе започне со наоѓањето во реката Нил на едно детенце во кошница од трска, понесена од брановите на реката. Спасителка ќе биде фараоновата керка. Тоа ќе израсне во нега, ке има чувствително срце, ќе убие египтјанин кој ќе малтретира евреи, ќе постане зет на Медијамскиот свештеник Јотор (Исх. 2 гл.), потоа ќе постане избраник Божји, Кој ќе му наложи да го изведе од Египет израилскиот народ и да го поведе во земјата добра и пространа, каде тече мед и млеко (Исх. 3 гл.). Тој е Мојсеј, синот Аврамов. Фараонот ќе се спротистави, жаби ќе се исполнат во целиот негов дом (Исх. 8 гл.), смртна болест ќе се всели во добитокот, силен и крупен град ќе се осипе врз посевите (Исх.9 гл.), скакулци ќе ја испасат тревата по земјата (Исх 10 гл.), сите првородени ќе погинат и дури тогаш ќе ја приклони фараонот главата своја и ќе ги пушти израилците.
После 430-те години, преживеаните во Египет (Исх.12:40), една ноќ во целото спротивставување на Господа – народот Израилев, целосно ќе излезе од Египетската земја. Во столб од облак пред нив Господ ќе ги води кон Ветената земја, ќе им помогне да го поминат Црвеното море како по суво, ќе им ја направи слатка горчливата вода (Исх.15 гл.), навечер гладот им го задоволуваше со птици, а наутро со небесен леб – мана, од која полна стомна ја чуват во Светињата над Светиите за своите идни полокенија (Исх.16 гл.), им зборуваше од капината која недогорева, им даде на Синај десет заповеди (Исх. 20 гл.) закони за раководење (Исх. од 23 до 31 гл.). Го воздигна Исус Навин за заменик на Мојсеј, го постави да го чува целиот закон, да не оди далеку од него ниту на десно ниту на лево, да постапува благоразумно со сите, да се поучува и ден и ноќ од книгата на законот, да го исполнува точно се што е напишано во неа и тогаш ќе има успех во своите патишта, ќе постапува благоразумно (Ис.Нав. 1 гл.). Го преведе Израилот преку Јордан како по суво (Ис.Нав. 3 гл.). Направи без војна, трубите штом ќе затрубат да татнат Јерихонските карпи, (Ис.Нав. 6 гл.). Фрлаше од небото врз непријателите свои големи камења по падините на Ветеронската планина. Го сопре сонцето во Гаваон и тоа не сакаше да зајде, и месечината стоеше над Ајалонската долина, додека народот со меч ги убиваше своите непријатели (Ис.Нав. 10 гл.).
Избрани судии го заштитуваат, го раководат и го учат Божјиот народ.
Кај потокот Кисон, Варак го победи хананскиот цар, а Девора со песна ги возхвали началниците Израилеви, кои јават на бели осли и покрај водите Мегидонски го победија хананскиот цар, потокот Кисон ги одвлече (Суд. 5 гл.). Гедеон, уверен преку силата на Божјата помош, излезе пред Медиамците и ги победи (Суд. 7 гл.).Судијата Ефтај пак, ги порази Амонитите (Суд. 11 гл.).
Самсон пак, беше многу силен, бидејќи Духот Господов беше врз него, расчеречи лав како јаре и го штитеше Израилот од Филистејските раце, им пушти запалени лисици во посевите и во житото и во лозјата и во маслиновите градини нивни. Подлоста на неговата жена го предаде на филистејците. Тие го ослепија и го затворија, а силата му ја употрбија да врти мелничен камен (Суд. Од 13 до 17 гл.).
Верността на Рут кон Ноемин ја направи жена на Воз, береше класје по неговите ниви и му го роди Овида, татко на Јесеја, а Јесеј го роди Давид (Рут 4 гл.).
Ана жената на Елкана, тагуваше во своето бездетство. Но Господ, Кој дава смрт и живот, соборува и издига, Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига, го поставува да седне со великодостојниците и му дава наследство на славата (1Цар. 2:6-7), се смили над неа и и даде син, Самуил (1:20). Ана возрадувана пееше: “Ми се зарадува срцето мое во Господа; се воздигна рогот мој преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе (2:1).
Самуил пак, испрати да го повикат овчарчето Давид, го помаза и Духот Господов беше врз Давида од оној ден (16 гл.). Кога Филистејците излегоа со голема војска против Саул, излезе од нив еден силен борец Голијат, шест лакти и педа на раст, та повика: Дај те ми човек од Израилот да со бориме двајцата. Давид ги слушна тие горди зборови на нахалниот филистеец и му рече на Саул: Никој да не падне со духот; јас ќе одам да се борам со тој филистеец. Лав и мечка сум убил, и со него ќе се справам. И излезе со својата овчарска торбичка со праќка в раце против Голијат и му рече: Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господа Саваот. И со праќка и камен Давид го победи Голилијат, а израилците се воздигнаа и ги прогонија филистејците (1Цар. 17 гл.). Со својата харфа Давид го веселеше Саул, со псалми го славеше Бога Израилев, Бог го воздигна на царски престол, Ерусалим беше негова престолнина, а тој го направи Израил силна држава, чија мудрост Соломонова уште повеќе го прослави. Тој пак, народот со приказни го поучуваше.
Се редат настани и појавувања на цареви и пророци, воздигнувања и паѓања, но Господ не го остави Својот народ, му проштаваше откако ќе се покае, го спасуваше од непријатели и ропство.
Преку пророкот Илија, кој се сокри во пазувите на гората Кармил поради гневот на Ахава, врана му носеше храна, преку молитви до Живиот Бог, го умножи брашното и маслото, го воскресна синот на вдовицата од Серепта Сидонска, ги посрами жреците на Ваала и по силните молитвите му испрати дожд на Израилската земја (3Цар. 17 . . ).
Пророкот Јон, тагуваше за еден корен повенета тиква, а Господ да не ли се сожали над целиот род Израилски? (Јон 4 гл.).
Во својата ревност кон богопочитувањето пророкот Исаија огласи Божји прекор према Израилот: “Јас воспитав и подигнав синови, а тие се побунија против Мене. Волот го позна стопанот свој, а Израилот не Ме позна. Ах, народе грешен, народе затрупан со безаконија, племе на злодејци и синови погубни! Го оставивте Господа, Го презревте Светецот Израилев, – се вративте назад. Каде уште да ве бијат вас, кои се уште се противете? Целата глава ви е во рани, и целото срце ви е изнемоштено. Не ми требаат ваши жртви? Презаситен сум од сепаленици на овни и од згоен добиток; Не принесувајте веќе суетни жртви; Душата Моја ги мрази вашите празници: тие се товар за Мене, тешко Ми е да ги носам. Измијте се, исчистете се; тргнете ги од очите Мои лошите дела свои; Научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица. Тогаш дојдете и како снег ќе ги побелам душите од вашите гревови. Ако барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни; ако не – меч ќе ве истреби” (Ис. 1 гл.).
И пророкот Јеремија го учеше Израилот: “Исправете ги вашите патишта и вашите дела, не притеснувајте странец, сирак и вдовица, не пролевајте невина крв (Јер. 7 гл.). И штркот под небото ги знае своите определени времиња, гугутката, ластовицата и жеравот го пазат времето, кога мораат да се вратат, а Мојот народ не знае за судот Господов”. (Јер. 8 гл.). Го укорува домот Израилев за неговото богоотстапништво: “Отсекуваат дрво во гората, го изделкуваат човечки раце, го украсуваат со сребро и злато, го објавуваат за бог, но тој не говори; нив ги носат оти неможат да одат. А нашиот Бог е вистина. Тој е жив и вечен (Јер. 10 гл.). Благословен е оној човек, кој се надева на Господа, и кому надежта му е Господ. Затоа што тој ќе биде како дрво засадено крај води, што ги пушта корењата свои покрај потокот; тоа не знае кога настанува припек; лисјата му се зелени, и во времето на суша не се плаши и не престанува да дава плод. (Јер. 17 гл.).
Стражар му постана пророкот Језекил на домот Израилев, слушаше што Господ му кажува и го вразумуваше Израилот со Божјото име: “ти вели Господ Бог” – храната јади ја и водата пиј ја со мерка (Јез. 4 гл.). “Плесни со рацете свои, тропни со ногата своја – тешко за сите поради одвратните злоделанија на домот Израилев” (6 гл.). “Беда единствена ќе дојде, а потоа пак, доаѓа бедата” (7 гл.). Старешините израилеви мислат, дека Господ не гледа, кога тие вршат неправда (8 гл.). Поради неправдите, што ги прават жителите на Израилската земја, ќе го јадат својот леб со трепет и ќе ја пијат водата своја со мака (12 гл.). Која душа греши, таа ќе умре. Покај се доме Израилев, и отргнете се од вашите престапи, бидејќи суд ќе ви суди за вашите престапи. (18 гл.). Јас сум Господ Бог ваш: Според Моите заповеди постапувајте, Моите закони пазете ги и исполнувајте ги (20 гл.). И пак повикува Господ кон Израилот: Ете началниците Израилеви, секој според силите свои, што беа кај тебе, решија крв да пролеваат. Пред тебе, татко и мајка хулат, придојден навредуват пред тебе, сирак и вдовица измачуваат во тебе, светињите Мои не ги почитуваат. Кнезовите пролеваат крв, погубуваат души. А народот, едни грабат други се измачуваат (22 гл.). Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку сакам тој да се обрати и да биде жив (33 гл.).
Горко на Израилевите пастири, кои се пасеа себе си! Се облачаа во волна, колеа и јадеа угоени овци, а стадото не го пасеа. Слабите не ги поткрепија, болната овца не ја лекуваа, раната не ја преврзуваа, пропадената овца не ја прибираа, за изгубената не обраќаа внимание – управуваа со насилство и жестокост. Се распрснаа овците без пастир и постанаа пљачка на дивите ѕверови. Јас ќе ги барам Своите овци од нивните раце, ќе ги примам Моите овци и ќе ги прегледам. И ќе поставам над нив еден пастир, кој ќе ги пасе и ќе им биде нивни пастир.
И пак, долготрпливиот и многомилостивиот Господ, Му дава надеж; Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои. И ќе живеете на земјата, која им ја дадов на татковците ваши, и ќе бидете Мој народ и Јас ќе бидам ваш Бог. Па ќе познаат народите, што ќе останат околу вас, дека Јас, Господ, одново изградувам разрушено, и засадувам запустено (36 гл.).
Разочаран од своите страдања, Израил вели; Се исушија нашите коски, и загина нашата надеж! Господ тогаш го изнесе пророкот в поле, полно со коски, и му кажал да изрече пророчанство и коските оживеале и се исправиле на своите нозе. “Еве, Јас ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши и ќе ве воведам во земјата Израилева, ќе ви вдахнам во вас Мој дух, па ќе оживеете, и ќе ве воведам во земјата ваша и ќе познаете, дека Јас сум Господ, го реков тоа, и го извршив, вели Господ” (37 гл.).
Тоа пророчанство низ вековите ќе го подржува духот на Израилот.
Новозаветната Црква, ќе го повторува ова пророчанство, на секој Велики Петок и тој ќе ги потхранува душите на христијаните со надеж на вечното воскресение.
На тој историски и богопромислителен глас, во самото срце на Израилската земја ќе се освети промислителното дело на човечкото спасение: Бог го исчува, покрај сите искушенија, Својот избран народ, од него ја избра непорочната назаретска Дева и преку неа му подари вечен живот на целиот човечки род.
Кога ќе го пристегнеме кругот, ќе дојдеме до периодот од 63 година пред Христа, кога Хананската земја беше поробена од римската империја. Уште поточно во времето на Иродовци: Ирод Велики, цар на Јудеја, царувал од 39 година до 4 г., во чие време се роди и живееше Мајката Божја, истиот Ирод, кој бараше да го убие Христа, (Мат.2:13). Четворовластникот Ирод Антипа, тетрарх на Галилеја од 4 год до 39 г. по раѓ.Христово, кој му ја отсече главата на Јован Крстител (Мк. 6 гл.) и зема учество во судењето Христово (Лк. 8:7-12). Ирод Агрипа И (37-44 г.), цар на Јудеја, кој, откако ја чул проповетта на св. апостол Павле, разбрал, дека тој човек не врши ништо што заслужува смрт или окови и самиот воскликнал: Уште малку и ќе ме убедиш да станам христијанин (Д.ап.26:28). Ирод Агрипа II, јудејски цар (52-68 г.), кој со меч го уби св. апостол Јаков и го фрли в затвор св. апостол Петар (Д.ап.12:2-3). Преминал кон римскиот император Тит и учествувал во превземањето на Ерусалим од Римјаните.
Ќе застанеме во градот Назарет, во подножјето на Тавор, покрај Ездрелонската рамнина, наводнувана од водите на потокот Кисон, каде Варак го победи Хананскиот цар, каде царот Јосија беше убиен од египетскиот фараон Нехао (2 Парал. 35:22-25). Назарет е родното место на Пресвета Дева Марија. Воодушевеноста на тој град ја подзасилува мислата, дека по падините на Тавор паселе стадата на праотец Јоаким, дека во него се родила богоизбраната Мајка на Спасителот на светот Марија, дека по улиците негови трчал и играл со еврејските деца овоплотениот Син Божји Господ Исус Христос. Кој ќе ги види назаретските деца со црвенкави коси, засмеани обравчиња, облечени со црвенкасти наметки со шарени појаси, занесени во детски забави покрај извори, полиња и потоци, може да си претстави како протекувале таму првите години од животот на малата Марија, а покасно и на божествениот Нејзин Син Исус. Потпораснати веќе, животот тука ги окупирал во своите семејни грижи и задолженија. Марија перела, шиела, ткаела, одела често пати со водоноски за вода од изворот, кој и денес дава вода и го носи Нејзиното име, готвела и ја одржавала куќата, а Исус помагал на опитниот стар дрводелец Јосиф во неговата работилница. Преку заслугата на Марија тој галилејски град (Јов. 7:41-52) се прослави сред христијанскиот свет и остана засекогаш во световната историја. Сеспасителниот подвиг на непорочната Мајка и на Божествениот Нејзин Син ги направија свети и непроценливи за христијанското срце земјата и градот, Галилеја и Назарет. Затоа секогаш, низ вековите и денес, таму доаѓале и се собираат иљади и милиони поклоници и се враќат со почесна титула – аџии.
Род и родословие
За Пресвета Богородица канонските евангелија спомнуваат многу накратко, и тоа тогаш кога се зборува за Исуса Христа, Кој е центар на нивното повествување.
За семејната Нејзина средина, во која таа влегува, откако првосвештеникот ја довери на Јосифа, и за луѓето, со кои таа ќе општи, освен нивните имиња евангелијата ништо не не известуваат.
За прв пат на нејзината средба со Елисавета, Евангелието ја нарекува Мајка на Господа и блажена (Лук.1:43-45), што и е Елисавета, зошто токму со неа ја споделува големата радост, ниту збор не кажува. Понатака, по различен повод во евангелијата се дава прекинати податоци за роднинските нејзини врски, колку што може правилно да се процени, толку може и да се згреши:
Нели е тој на дрводелецот Син? Мајка Му нели се вика Марија, Неговите браќа – Јаков и Јосија, Симон и Јуда (Мат.13:55) Или:
Кога Тој Му зборуваше на народот, мајка Му и браќа Му стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него (Мат.12:46).
И дојдоа мајка Му и браќата Негови, па, стоејќи надвор, порачаа да Го повикат. А околу Него седеше многу народ. И Му рекоа: Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат (Марко 3: 31-32).
Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и неможеа да се приближат до Него поради народот. И Му јавија велејќи: Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат (Лука 8:19-20). Или:
Нели е Тој дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јакова, Јосија, Јуда и Симона? И не ли се овде меѓу нас сестрите Негови? И се соблазнија заради Него (Марко 6:3).
И сите Му посведочија, и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови, што излегуваа од устата Негова и велеа: Нели е Овој Синот на Јосифа? (Лука 4:22).
Се разгневија против Него Јудејците, дека рече: “Јас сум лебот што слезе од небото.“ И зборуваа: Зар не е Овој Исус, Јосифовиот син, Чиј татко и мајка ги познаваме? Како тогаш Тој вели: Слегов од небото? (Јов. 6: 41-42).
Имено, тие места ги возбудуваат верните, од кои се раѓаат многу прашања:
Од каде дојдоа тие “браќа Господови”? Тие “сестри”?
Кои се тие ?
Чии синови и керки се тие?
Дали е возможно да има такво противречие во детално опишаното од евангелистите (Мт.1:18-25; Лк.1:27-38) за непорочното раѓање на Господ Исус Христос “од Духот Свети и Марија Дева” и конкретната смисла на приведените текстови?
Може ли да се допушти и да се верува, дека Дева Марија, која Го роди Господ Исус Христос на земјата, таа “ѕвезда, која Го роди Сонцето на правдата”, ги родила после тоа и Јакова, Јосија, Јуда и Симона, или кого и да било друг, освен “Единородниот“ Син Божји Исус?
Одговорот на тоа прашање посакува да се востанови и проследи родословието на Мајката Божја.
Во св. Евангелие со изненадување откриваме две родословија на праведниот Јосиф: едното е во евангелието по Матеј 1:1-16, а другото е во Евангелието по Лука 1:23-38. Две родословија за едно исто лице и совршено различни по содржина!
Црковните историчари, богослови-егзегети и свети Отци на Црквата уште од првите векови на христијанството изнесоа, дека родословието, изложено од св. апостол Матеја, е всушност вистинското родословие на Јосифа за раѓањето негово по тело. Родословието пак од св. апостол Лука е правно, законито, според регистрите за граѓанска состојба. Така, и двете се правилни, веродостојни и важни за востановување и произлегување на Обручникот Јосиф. И двете проникнале од мешовитите, левиратни бракови кај евреите.
Тие две родословија на Праведниот Јосиф се појавиле по следните причини:
Праведниот Јосиф се родил од вториот брак на мајка си, Илија – таткото на Јосифа според родословието по Лука, умрел бездетен. Тогаш Јаков – таткото на Јосифа според родословието по Матеј, се оженил, во исполнување на своите задолженија според левирата, за вдовицата на Илија и им се родил Јосиф. Илија и Јаков биле браќа од една мајка – едноутробни.
Графичко изобразување на тие родословија даваме во диаграма 1.
Тоа двојно родословие на Јосифа се објаснува со прочуениот древен еврејски закон, наречен и е в а м о т или л е в и р а т. Според тој закон на еврејското брачно право деверот (левир) бил задолжен да се ожени за вдовицата на братот свој, ако умрел и не оставил потомство, за да се зачува и продолжи родот. Децата од левиратниот брак со деверот се вбројуваат во книгите на граѓанската состојба како законски деца на првиот, на починатиот сопруг, го носат неговото име и го продолжуваат неговиот род. Според тој свештен закон живиот брат бил должен да се ожени за вдовицата на покојниот брат, кој не оставил поколение, дури и кога веќе бил и оженет. Поради тоа често се случувале двоженства, троженства и повеќе.
Примери: – Ир, првенецот Јудин, беше лош пред Господа, и Бог го погуби. Тогаш Јуда му рече на Онана: Влези при вдовицата од братот твој, и ожени се со неа, за да го запазиш потомството на братот твој (Бит.38:7-8).
Кога браќата живеат заедно, и едниот од нив умре без пород, жената на умрениот не смее да се омажи за надворешен човек, но деверот нејзин треба да влезе при неа, да ја земе за жена и да живее со неа, и првородениот, што таа ќе го роди, да го носи името на умрениот брат, за да не се уништи името негово во израилот (5.Мој.25: 5-6; сврзано со Марко 12: 19-26).
Кој брат ќе откаже да го продолжи родот на бездетсвтото од починатиот брат, подлегнувал на суд и општествено жигосување, плукање, а домот му бил презирно наречен “дом на собуениот” (5Мој. 25:7-10).
Имено според силата на тој закон за левирата при евреите се открива возможноста едно и исто лице да има две родословија. Така се појавиле и две родословија за Јосифа: Едното по евангелистот Матеј 1:1-16, – фактичко, според раѓањето негово по тело од Јакова, возвраќајќи се наназад во историското минато и доаѓајќи до цар Давид; и второто по евангелистот Лука 2: 23-37, според законот за левирата, од Илија, починатиот прв маж на мајка му, кој исто така доаѓало наназад до цар Давид (види диаграма 1).
Диаграма бр. 1.
Според Матеја 1:1-16 Царска линија: ЦАР ДАВИД потекнуваат: Натан и Соломон; Матат, Ровоам, Маинан, Авија, Мелеав, Аса, Јелејаким, Јосафат, Јоанан, Јосиф, Јуда
Според Лука 3:23-38 Свештена линија: Матат, Азор, Јосиф, Садок, Јанаев, Ахим, Малхиј, Елуид, Левиј, Елеазар, Матат, Илија.
Едно утробни браќа: ЈАКОВ И ЈОСИФ ОБРУЧНИК
Родословие според левирата и според законот Јудејски по раѓање и тело.
1 Родословието на Пресвета Дева Марија
Согласно пророштвата, Спасителот произлегува од царскиот род на Давида. За нас христијаните тоа изгледа многу чудно! Црковната песна пее, дека Дева без маж Го родила Исуса, дека и после раѓањето останала дева, каква била и до раѓањето. Како тогаш Спасителот можел да произлегува од цар Давид, кога немал физички татко? Евангелистите знаеле за непорочното зачнување. Зошто тогаш приведуваат две родословија: на Јосиф, кога не бил татко на Исус? Зошто евангелистот Лука, кога го изложува родословието на Јосиф, вели: Исус кога го отпочна Своето служење, беше триесет години, и беше, како што мислеа, син Јосифов, Илиев, (3:23). Може да се претпостави, дека и самите апостоли преку целото време на Христовото земно служење истотака “мислеле” дека Toj бил син на Јосифа. Се до после Вознесувањето Господово, кога се им станало јасно. Тогаш, во првиот век на христијанската ера, почитувањето на Мајката Божја се засилило извонредно многу и таа заземала централно место меѓу сите апостоли. Кога покасно, евангелистот Лука го пишувал своето евангелие, веќе сите знаеле, дека во изложеното од него левирантно родословие на Јосифа, неговиот пра-дедо Мелхиј бил роден брат на прадедото на Дева Марија – Панфир.
Така и природно, и законски, без да се нарушува народниот обичај, генеалогичкото дрво на Пречистата Дева Марија, претскажано од пророкот, се зачувало за целиот свет на вечни времиња и е во врска со левирантното прикажување на нејзиниот праведен Обручник Јосиф.
Генезологната линија, прикажана од евангелистот Лука, не само што докажува дека родословната лоза на Јосиф Обручник е од цар Давид, туку се јавува и главно, фактички и законско е родословието на самата Пресвета Дева Марија. Таа согласно ја подржува и целата Вселенска Православна и Католичка Христова Црква.
Согласно учењето на Св. Отци од Источната Црква: св. Игнатие Богоносец, св. Јован Дамаскин, св. Андреј Критски, и од Западната: на Алкуин и Либерман, и на многу други св. Отци; Согласно Синаксарот на празникот Рождество Богородично во руските минеи, како и во католичките, сите извори, кои заслужуваат посебно внимание, родословието на Пресветата и Пренепорочната Мајка Божја го има следното:
Од царот Давид, преку неговиот син Натан, во протек на триесет и шест поколенија, до Јанан, генезата на Јосиф и на благодатната Дева Марија е една и иста. Од Јанан родословието на Јосиф Обручник оди по еден крак. Јанан има два сина: Мехиј и Панфор. Од Мелхиј линијата пристигнува до Јосиф. Од Панфир пак до Пресвета Дева Марија. Така Јанан го родил Панфира, Панфир го родил Барпанфира, Барпанфир го родил Јоаким (таткото на Св. Дева Марија), Јоаким ја родил Присно Дева Марија. Од Духот Свети и Дева Марија пак произлегува Царот Месија,ГосподИсусХристос.
Родословието на Пресвета Дева Марија е дадено во Диаграма 2. Цар Давид, Натан, Матат, Маинан, Малеав, Елијаким, Јоанан, Јоасиф, Јуда, Матат, Јосиф, Јанаев
ПОТОА:
Панфир Левиј
Барапанфир Матат
Јоаким Илија
Присно Дева Марија Јосиф обручник
ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС
Родители
“Твоите родители смирено ги воспеваме
и славиме, сечиста Мајко Богородице ! “
Помислата за Пресветата и Пречиста Мајка Божја не води при нејзините родители. И денес во животот често слушаме за прекрасни луѓе, со телесна убавина и морална доброта, и за нив се слушаат прашања: – Чие е оваа дете ? Кој му се неговите родители? Кој не би се возбудил од исто повторување од народот: Нека му е алал мајчиното млеко, што се хранело тоа дете !
Колку повеќе не разнежнува таа мисла, кога ќе свртиме внимание на земниот живот на Пресвета Богородица и ќе го споредиме со вечното и молитвено застапништво пред Бога за човечкиот род !
Навистина, кој се и какви беа тие богоблажени сопрузи, кои му ја подарија на светот вечната и света Мајка Божја ?
Евангелијата, поради својата конкретна определена цел, не ни говорат по тој предмет. Но интересот на некои, не наведува да ги разработиме древните првохристијански извори, да ги отвориме богослужбените книги, и да се внесеме во црковните песни и молитвословија, каде се содржат обилни сведенија, кои ја дополнуваат молчаливата скромност на евангелијата. Нив ние, со голема жед ги читаме и во занос ги слушаме.
Тоа се: Првоевангелието на Јакова, Книгата за раѓање на блажената Марија и за детството на Спасителот (Псевдо-Матеевото евангелие), празничните богослуженија за светите праведни Јоаким и Ана ( 9 Септември). Зачнувањето на Св. Ана ( 9 Декември), Успението на Св. Ана (25 Јули), Рождеството Богородично (8 Септември), потоа Воведение Богородично (21 Ноември), Житијата на светиите и Творбите на светите Отци на Црквата.
Тие не водат во галилејскиот град Назарет, во домот на богатиот сточар Јоаким, Давидов потомок, од Јудиното колено. Назарет е огреан од чисто светло сонце. Улиците се измиени од топол дожд. По нејзе весело играат еврејски деца. Птиците пеејќи го прекршуваат воздушниот простор. Во големата куќа на богатиот Јоаким е мирно. Исто така во големиот широк двор не трчаат немирни деца. Повремено се забележуваат слуги, поминуваат и овчари, носејќи полни ѓумови со млеко. Од време на време се слуша тешка воздишка од градите на остарената стопанка Ана, благочестивата керка на свештеникот Матан од Левиевото колено. Со умерени чекори старецот Јоаким се искачува по падините на гората Тавор да ги погледа своите ниви, виногради и стада. Навечер најрано се стемнува во тој дом, а утредента најрано изгрева сонце во него. Радоста како птица излетала од таму. Тешкотијата свила гнездо. Изморени се добрите срца на старите сопрузи од долгогодишно бездетинство. Поминале пеесет години во брачен живот, но радоста од рожба не им ги стоплила срцата. Загрижени ги прелистуваат страниците на својот живот и се прашуваат: Дали страдалник не примивме? Протеганата рака ли одбивме? Гладен ли не нахранивме? Болен ли не посетивме? Прва берба, в храм ли не однесовме? Нас толку посакувана рожба нема ли да не израдува?! Што згрешивме, со што Бога Го разгневивме, па така жестоко не казни? Зошто Господ не лиши од среќното учествување во доаѓањето на светлината за просветување на јазичниците и во славата на Божјиот народ Израилев (Лука 2:32).
Прашуваат и неможат да си одговорат. И маката како темна, студена магла им паѓа на нивните срца.
А историјата на дванаесетте колена ни кажува, дека во праведноста ги надминувале сите луѓе, кои дотогаш живеале и кои сега живеат на земјата. Тие биле издигнати до највисокиот степен на праведност, до кој можел да се издигне старозаветниот човек. Јоаким бил заситен со богатства и принесувал во храмот двојни дарови, велејќи: “Тоа, кое што го носам одповеќе, отколку што е потребно, нека биде за сите на ред. Го подарувам за избавување од гревовите наши, надевајќи се Бог да биде Милостив кон мене”.
Тогашната јавност го сметала бездеството за голема Божја казна, последица од направените тешки гревови. По сведоштвото на преп. Андреј Критски, Јоаким бил кроток и благочестив маж, воспитан во законот Божји, живеејќи целомудрено, а Ана била богољубива, мудра жена, живеела во полно разбирање со својот маж, само многу во себе се измачувале, бидејќи биле без деца и во постојаните молитви го спомнувале примерот на мајката на пророкот Самуил, Ана (1 Цар. 1:10), која често го посетувала храмот и се надевала на Бога, да се умилостави према нив, и да им даде рожба. Но и тука, во храмот праведните старци ја пиеле горчливата чаша од жестоките гревови. Го укорил првосвештеникот Исахар, како вообичаен посетител на храмот кога му рекол: “Не си достоен да принесуваш дарови, кога тие дарови не се од чисто срце, бидејќи ти си бездетен. Кој знае за какви тешки гревови Бог те казнил од благословот!“ (Месецослов и Триодот на Православната Црква – ( 9. XII ).
РОДИТЕЛИ
Првоевангелието по Јакова, го предава случајот вака:
Еден празничен ден, кога дошол во храмот да го принесе својот дар, Јоаким ги заварил подранетите Израелски синови, веќе ги принесувале своите жртви. Јоаким смирено си го причекал својот ред, но еден од таму најдените, Рубен, го поттурнал настрана и му рекол:
– Бегај од тука ! Зар незнаеш дека не си достоен да принесеш жртва на Бога. Не е правилно, и Бог не сака жртви од бездетни, како тебе !
Тегоба се исполнило срцето на Јоаким, и тој си отишол замислен, со мисла да провери во книгите на дванаесетте колена:
Ќе видам, си рекол, во книгите на Израилот само јас ли сум бездетен помеѓу израилците. Долго барал тој и нашол, дека праведните секогаш оставаат поколение во Израилот. Си спомнал за патријархот Авраам, дека во неговите последни денови Бог му дал син, Исаак. Тој веќе е во заоѓање на својот живот, а нему Бог не Му дава, и, така занесен во длабока јад, Јоаким не се вратил дома кај жена си Ана, туку отишол во пустињата. Таму го раширил својот шатор и поминал четириесет денови и четириесет ноќи, и си рекол: – Нема да си отидам дома, нема ништо да јадам, ниту ќе пијам нешто, се додека Бог не се смили над мене. Само молитвата кон Бога ќе ми биде леб и вода.
Можам да си ја предстам положбата на богобојазливата Ана – бездетството како црв и го јаде срцето, отсуството на мажот и ја зголемило тешкотијата. Во истовреме таа оди низ куќата ги крши своите раце и во плач реди: Доста ми беше безплодноста, а сега и мажот ме остави. Осамена сум како вдовица.
На празничниот ден, нејзината слугинка ја убедувала: До кога ќе си ја измачуваш душата? Денес е Божји празник, не чини да се плаче. Земи ја оваа шамија – јас имам друга од поранешната моја господарка. Мене обичната слугинка, не ми личи да се дотерувам со неа; ти си позната жена – тебе ти прилега.
Ана и одговорила: – Те молам, остави ме! Сега не ми е до дотерување и нема зошто да се облакам, бидејќи Господ многу ме понижи и ме предаде на голем срам. А и незнам од каде ја имаш таа шамија, можеби некој лош човек ти ја дал и сакаш мене да ме поттуриш.
Засегната од овие зборови, слугинката Јудит и одговорила: – Како можам да ти донесам нешто полошо, од тоа што Господ ти ја заклучил утробата, да не можеш да зачнеш и да оставиш потомство во Израилот ?
Длабоко трогната, Ана ги соблекла ожалостените алишта, бидејќи сметала, дека мажот и загинал и го жалела. Си ја измила главата, ја облекла венчалната облека и слегла во градината да се прошета. Но од тегобата не можела да се ослободи. Ана седнала под едно убаво цвеќе и почнала да Го моли Семоќниот Бог.
Боже на татковците наши, благослови ме ! Слушни ја мојата голема молитва, како што ја благослови утробата на Сара и и го даде синот Исаак, подари ми и мене една рожба.
Кога во молитвите ги подигнала своите очи кон небото, на гранките од едно дрво видела едно гнездо, полно со врапчиња. Уште потешко и паднало и таа разочарано си зборувала самата:
Тешко на мене! Кој ме преколна уште од мајчината утроба, и сега да бидам прогонета од Божјиот храм?
Горко на мене! На што приличам! По бедна сум дури и од птиците небесни. И тие, Господи, си прават гнезда, си несаат јајца и ги оплодуваат во птици. А јас сум безплодна пустиња!
Дај ми милост! Што направив, Господи? Дури не сум слична и на диво животно. Бидејќи и дивите животни на земјата раѓаат според својот род.
Дај ми милост! На што приличам јас, Господи! Дури не сум слична и на онаа тековна вода, бидејќи и таа е полна со живот.
Дај ми милост! На што наликувам, Господи! Дури не и на онаа сува и жедна земја, бидејќи и таа, Господи, дава свој плод, кога ќе и дојде врмето.
Света Ана ја зачнува Света Богородица
Во таква душевна состојба и неискажана горчина им течеле деновите на праведните Јоаким и Ана. Како нивната горчина така и надворешните прекори, произлегувале од неправилното човечко расудување. Чистиот богоугоден живот на назареецот Јоаким и на витлеемката Ана, бил добро познат на Бога. Тој гледал, како тие, се што имаат го делат на три дела: Еден дел го давале на храмот (на црквата), другиот дел го раздавале на патници и сиромаси, а третиот го оставале за себеси и за своите блиски. Затоа Го испратил Својот Ангел со благата вест, праведните старци да ги утеши, а првосвештеникот Исахара, Рубена и многу други да ги посрами.
Во тој час, во кој Ана се преколнувала, пред неа застанал Ангел Господов и и рекол:
Ано, Ано, Господ ги слушна твоите воздишки и твојот неутешен плач. Ти ќе зачнеш и ке родиш. И целата земја ќе говори за роденото од тебе.
Ана му одговорила: – Како што Бог стои над сите нас и не слуша, така и јас, уште во овој час се заветувам: Ако ја имам среќата да ми се роди машко или женско, ќе го посветам на Бога да Му служи во сите дни од својот живот.
Тогаш пред неа застанале други два Ангели и и кажале: – Ете Јоаким, твојот маж, доаѓа кај тебе, ги собрал стадата, бидејќи и кај него слезе Ангел Господов и му рече:- Јоакиме, Јоакиме, Господ ја слушна твојата топла молитва, оди си дома, зашто ете, жената твоја Ана ќе зачне во својата утроба.
Ангелот пак, кој што му се јави на сон, на Јоаким му рече: – Јас сум твојот Ангел чувар, испратен од Бога. Стани оди си дома, при својата жена, Ана, зашто добрите дела, кои ти и жена ти сте ги направиле, се познати на Севишниот и ви се одредува таква иднина, каква што од создавањето на светот ниту пророците, ниту светителите немале.
Кога се разбуди, Јоаким ги повика свите овчари и им раскажа за своето видение на сон. Тие го прославија Бога и му рекоа:
Гледај и не се противи на Божјиот Ангел. Побрзо стани и оди си дома.
Тогаш Јоаким им рече: Доведете ми десет угоени јагниња. Тие ќе бидат за Господа мојот Бог. Доведете ми и дванаесет угоени телиња. Тие ќе бидат за свештениците при храмот и за советот на старешините. Доведете ми и сто дебели јариња, заколете ги и разделете ги на еднакви парчиња. Тие ќе бидат за народот. И се упати дома. Триесет дена беше одвоен од својот дом, кога доаѓајќи го помина Назарет, се приближи до „горниот Ерусалим, е слободен: – тој е мајка на сите нас“ (Гал. 4:26).
Во тоа време Ана се молеше, и се јави Ангел, кој и кажа:
Излези кај златната врата да го пресретнеш својот маж Јоаким, бидејќи тој треба денес да се врати.
Таа брзо со своите слугинки отиде кај златната врата и застана таму во молитва да го чека. Го чекаше долго време, и кога веќе беше изморена ги подигна своите очи, го виде Јоаким кој си доаѓаше со овчарите и со своите стада. Таа потрча и го пресретна, го прегрна благодарејќи Му на Бога, и рече:
– Сега веќе знам, дека Господ Бог милостиво ме благослови, бидејќи бев без маж, како вдовица, но веќе не сум. Бев неплодна, но ќе зачнам во својата утроба.
Тоа беше првата вечер, кога Јоаким преспа во својот дом. Голема радост се разнесе насекаде наоколу, дознаа сите кои ги познаваа, целата Израилева земја ги ублажуваше за таа слава.
Со тоа се разби лошата вест која се ширеше за нивната грешност. Бездетството им се укажа не како Божја казна, туку Божја убавина.
Не беа грешни ниту Јоаким, ниту Ана, поминаа во продолжено бездество, за да се јават преку нив Божјите дела (Јв. 9:3). За таа Божја премудрост ни покажуваат и имињата на праведните богоотци: Јоаким значи “поткрепен од Господа“, “подготвителност за Господа”, ”Бог воздигнува”, додека Ана значи “благодат.”
Јоаким и Ана ја добиле од Бога Благодатта од нив да се роди Мајката Божја. Продолженото нивно бездество застанува врз тоа народно внимание кога им се роди дете, сите наоколу зборувале за тоа невообичаено раѓање. И роденото дете, се покажа невообичаено – стана пристаниште на Оној, Кој не Го собира и вселената, Мајка на Предвечниот Господ Исус Христос.
Со присутната радост во домот на Јоаким и Ана до ангелското благовестите, со благодарствените нивни молитви, со даренијата во храмот – почнува зачетието на Св. Ана. Постепено кругот се проширува. Во радоста им влегуваат роднините, блиските и пријателите.
Сведоштвата за почетокот на славењето на тој црковен празник се оскудни. Во седмиот век црковната служба веќе е поставена. Св. Андреј Критски го напишал канонот на службата и составил беседа за празникот.
Кога се празнува зачетието на Пресвета Богородица од Св. Ана, црквата го покажува целиот човечки род да се радува и да се весели, “бидејќи со тоа зачнување започнува ткаењето на царската порфира за Царот Кој доаѓа Господ Исус Христос, Кој се принесе Себе Си за помиреноста на грешниот човек со Бога.“
Дојдете, – таа не повикува – секој чин и човечка возраст, заедно со ангелите торжествено да го отпразнуваме преславното зачетие на Пресвета Богородица: Патријарси, Мајката на Царот на сите; Пророци, за која проповедувавте; Праотци – прославената од вас Богомајка; Старци и богоотци, – Богоотроковицата, девицата – Приснодевата, верни – коренот на верата, свештеници – Сесветиот храм Божји, лик на сите светии – лозницата на вашата прослава, ангели воинства – родилката на Владетелот на сите творби и Спасител на нашите души.
Безгранична е радоста на Ана:
Ќе виде народот, пее црковната песна, дека стана мајка ! Ете, јас ќе родам, зашто Бог благоволи да го прекрати моето бездество.
Неплодната ја роди чеканата од сите Дева, која пак, ќе го роди во тело, Бога. Целата грее од радост, слави и со висок глас вели: “Радувајте се, заедно со мене сите колена Израилеви ! Јас, ја носам мојата рожба до срцето, спасена сум од прекорите за моето бездетство. Така беше угодно на Бога Творецот, Кој ја слушна мојата молитва, ја излечи мојата болка, ми даде тоа што срцето ми посакуваше.
Кондакот подвлекува – “Целата Вселена го празнува Аниното зачатие, бидејќи таа ја роди родилката на неискажаното Бог – Слово”.
Прологот во минејот од 9 Декември ја објаснува тајната на зачатието: Дева Марија беше зачната и се роди по Божјо ветување како природен плод на сопружничките врски помеѓу праведните богоотци Јоаким и Ана. Само еден Господ е роден без маж, неискажано и неизречено од Пресветата Дева Марија и Духот Свети.
На светата Литургија се чита св. Евангелие за откривањето на секоја тајна – “нема тајно што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено што не ќе се разбере и не ќе излезе на виделина“ (Лк.8:17). Во дадениот случај смислата е: Бог од небото го гледал скромниот и добродетелен живот, Ги слушна тајните, чуствителни и топли молитви на Јоаким и Ана и јавно ги награди со зачнувањето на благодатната и благословена меѓу жените Марија. Чуден пример за потврдување на Христовата светлина, да правиме милостиња и да се молиме тајно, а “Отецот, Кој гледа, ќе не награди јавно”(Мт.6:4), како што тоа го направи со примерот на Светите Јоаким и Ана.
Рождество Богородично
И за рождеството Богородично канонските евангелија молчат. Во првоевангелијето по Јаков, читаме: Месеците на Ана се исполнија и на деветиот, 8 Септември, таа роди. И ја праша бабата – што добив на светот? – таа и одговори: – Девојче.
Ана Извика: – Таа денес ми ја исполни душата со восхит! – и го прегрна бебето. Потоа, во исполнување на обичајот, таа стана, се изми, го надои бебето и го именува Марија, кое значи надеж, бидејќи се исполни долгоплачот и надата за рожба.
Св. Епифание Кипарски дава исто објаснување за името Марија. Други автори, како Николај Велимирович, сметат, дека името Марија значи горчлива вода, или солза, бидејќи со многугодишни горчливи солзи праведните богоотци Јоаким и Ана ја измолиле од Бога. Тоа објаснување стои во св. Писанија од Стариот Завет, каде Ноемин сакала нејзините снаи Орфа и Рут да не ја именуваат Ноемин, туку Марија, бидејќи Вседржителот и испратил голема горчина (Рут 1:20). Таа е основата и на расудувањето на св. Андреј Критски: остарената сопружничка двојка непрекинато пролевале горчливи солзи. Семоќната Божја сила им дошла на помош и од веќе прецветаните по својата возраст родители, како класно неплодно дрво, се родил плод – пренепорочната Дева Марија. Оковите на бесплодноста се раскинале и бездетната станала чесна мајка.
Блажени Јероним во својот труд “ За рождеството на Св. Марија “ пишува, дека тоа име било определено уште од Ангелот, кога ја известил за нејзиното раѓање. И едното и другото објаснување се веродостојни и богати во смислата: Марија – солза горчлива и на своите родители и на целиот старозаветен Израел, кој чекал избавување; Марија – трајна надеж за родителите да имаат рожба во стари години и на новозаветното човечанство, избавување од гревот и вечно спасение.
Можеме да си претставиме какви благодарни топли солзи пролевале радосните родители, какви подароци делеле на сиромашните, какви богати приноси однеле во храмот за подарената од Бога рожба. Кога пак бебето исполнило петнаесет денови, тие го однеле според обичајот, во храмот и веќе официјално го запишале во книгите со името Марија.
На семејната радост по тој случај насобраните роднини и пријатели го воскреснале споменот на нивното родословие од новородената Дева Марија па наназад – татко и Јоаким, дедото Барпанфир, прадедото Панфир, чукун дедото Јанан, дури до Давида. И посакале малото девојче да расте, да биде радост на своите родители, да го прослави својот род, да ја оживотвори надежта Израилска. Но дали можел некој од нив и во најпразничните торжествени благослови да си го претстави ублажувањето на земјата и прославата на небото на непорочната Мајка на Спасителот на светот.
На тој голем настан – рождеството на Приснодева Марија, Црквата уште од длабока древност одредила посебен празник – рождество Богородично. Пишани спомени за него има уште од IV век. Тогаш рамноапостолката св. Царица Елена, го изградила првиот храм во чест на тој празник. Во делата на св. Јован Златоуст, св. Прокло Цариградски, св. Епифание Кипарски и Блажени Августин пишуваат за него. Се спомнува и во служебниците на Геласиј (V век). Цариградскиот епископ Анатолиј (V век) напишал стихири, означени во минејот “Анатолиеви”, кои и денес ги пееме. Од Стефан Светогорски (VI век) има три стихири на Господи возвах. Од него се и литијните стихири. Св. Андреј Критски, св. Патријарх Сергеј (VII век), св. Јован Дамаскин (VIII век), Јосиф Студит (IX век) го прославиле раѓањето на Мајката Божја со повеке црковно-богослужбени химни и песни.
Во црковниот типик тој празник е вклучен во бројот на дванаесетте големи празници со оглед на неговото значење за човековото спасение.
Св. Андреј Критски во својата беседа за празникот вели: Денешниот празник за нас е почеток на сите празници, врата, преку која се влегува при благодатта и се доаѓа до вистината.
Св. Јован Дамаскин пишува: Рождеството Богородично е празник на сеспокојната радост, бидејќи преку св. Богородица целиот човечки род се обнови, и вековната тага на прамајката Ева се претвори во голема радост. Дева Марија се роди на чуден начин и со тоа чудо се подготви најголемото чудо – раѓањето на Спасителот.
На вечерната се читаат паримии за скалата на Јакова (Битие 28:10-17), преобраз на св. Дева, скала по која Синот Божји слезе од небото на земјата, и се соедини со човекот; за затворената врата (Езекил 43:27-44) – символ на приснодевството на св. Богородица; за домот, кој Премудростта си го изгради (Прит. 9:1-11), во кој дом се всели Спасителот.
Чудни се црковните песни на тој празник по својата поезија, источноалегорична славна убавина и длабока религиозна смисла, кои го изградуваат величието на празникот:
-Веселете се планини, триумфирајте апостоли и маченици, радувајте се преподобни и праведни, денес се роди мост, скала небесна, по која човечнството оди кон Спасителот, веќе почна да се разнесува мракот на злото, се раѓа духовно Сонце (од богослужбата на Претпразнинството).
Денес се најавува вселенската радост, подувнува ветрец предвесник на нашето спасние (стих. На Господи возвах – 8. IX).
Се раѓа Мајката на Животот. Кој го прогонува мракот, го обновува Адама, ја спасува Ева, подарува безсмртност; преку неа и ние божественост примивме. Се раѓа Мајката Божја и со неа светот се обновува, а Црквата во благолепие ја украсува (литијна стихира на 8.IX).
Патријархот Сергеј надахнато воскликнува:
Дојдете, сите верни, да се собереме при Дева, зашто ете, се раѓа таа, која преку промислата е определена да постане Мајка на нашиот Бог, преку девство, расцветан Ааронов жезол од коренот на Иесеја, која беше предмет на пророчките проповеди, и проникна од праведните Јоаким и Ана. Се раѓа и со неа светот се обновува. Се раѓа и Црквата се украсува со своето благолепие. Постанува свет храм, сврталиште на Бога, царско обележје, девствен сад, во кој се изврши таинството на преславното и неискажано соединување на Исуса Христа во божествената и човечка природа. На Него се поклонуваме и го воспеваме раѓањето на сенепорочната Дева! (слава и ниње на стиховните од вечерната на 8. IX).
И Кир Јован, повикува:
Дојдете, радосно верни, со божествен дух, со песни духовни да ја воспееме новородената Приснодева, која денес се роди од неплодната за спасение на сите луѓе (канон 1 песна, 1 тропар).
По ред стихири и ирмоси со религиозен ритам црковните поети го прославуваат роденото девојче Марија:
Твоето сечесно рождество, пресвета и чиста Дево, го ублажува ангелското множество на небото и човечкиот род на земјата, бидејќи си станала Мајка на Создателот на се, Христа Бога. Затоа ти се молиме, непорочна Богородице, да се застапуваш пред Него за сите нас, кои се надеваме на тебе (слава на Господи возвах на 8. IX).
Пресвата Дево, ти огреа од праведните богоотци Јоаким и Ана, како утринско сонце за радост на целиот свет, и поради големата твоја чистота постана воодушевен Божји храм, една вистинска Богородица (седален на канонот после 3-песна).
Божествениот твој лик пророците го претскажаа и те нарекоа планина, врата небесна, скала кон небото, зашто од тебе – планината, Го откри без машка сила Каменот, и ти стана врата, преку која помина Господ (Канон 8.IX , VII песна 2-тропар).
-Кој му даде на непокорливиот народ вода од каменот, Тој те подари и тебе, Пречиста Богомајко, на благонаклонетиот свет (IX песна, 1-тропар).
Не се заборавени во таа торжествена прослава и праведните боотци Јоаким и Ана. Црковната богослужба и нив ги величи:
Осветлениот како сонце Јоаким, откако се соедини со Ана – светлоносна месечина, ја роди Марија – зракот на девството, со која по тело се соедини утрото на Божественото оличие и огреа за нас ( втор канон, IX песна, 3-трпар).
Богомудрите родители на Божјата Мајка во големата тага поради бездеството со молитва се обраќаа кон Господа. Тој ги слушна и таа им се роди за радост на нив и за спасение на сите (канон на 8.IX, VI песна 1-тропар).
Кондакот на рождеството Богородично го отврла срамот на бездетството, кој ги стегал Јоаким и Ана. Во икосот се потцртува непрестаните молитви со солзи и воздишки на богоотците Јоаким и Ана поради нивното бездетство, дошле до Божјите уши, како Тој се натажил и им дал рожба животоносна за светот. А тропарот кратко, потполно го објаснува догматското значење на празникот: Твоето рождество, Богородице Дево, донесе радост на целата вселена, зашто од тебе огреа Сонцето на правдата – Христос, нашиот Бог, рушејќи ја клетвата; ни даде благослов, уништувајќи ја смртта, ни дарува живот вечен.
Во домот на родителите
Малку се деновите, поминати со Богодарованото девојче Марија во родителскиот дом. Оскудни се и сведоштвата за тоа. Интересни се бранувањата со нејзините, кои ги читаме во Првоевангелието по Јакова за тоа време од нејзиниот живот.
Девојчето растеше и крепнеше од ден во ден. Кога стана шест месеци, мајка му го исправи на назете да застане на земјата, за да провери дали ќе се заджи на нозете. Тоа застана, направи седум чекори и се врати во скутот на мајка си. Таа го зема в раце, го притисна до срцето и рече: “ гледа Бог, нема ти да згазеш повеќе на своите нозе на земјата додека не те одведам во храмот Господов, таму да проодиш“.
Мајката го зема девојчето во собата и не дозволи да стави во својата уста ништо што нее чисто. Често пати повикуваше добри девојчиња во својата куќа да играат со Марија.
Кога малата Марија исполни една година, Јоаким и подготви слава. Покани свештеници, книжници, членови на храмовото раководство и многу народ. Го доведе девојчето пред свештениците и тие го благословија:
“Боже на нашите отци, благословете го ова девојче и дајте му име, кое да биде вечно спомнувано од сите поколенија.“
А народот одговори:
“Така нека биде, така нека биде, Амин!“
Јоаким го однесе и пред Првосвештениците, кои истотака го благословија:
“Севишни Боже, Погледни кон ова мало девојче и дај му највисок благослов – благослов на кого да нема друг равно.“
После тоа мајка му Ана го одведе во детската соба и го нахрани. Тогаш Ана Му благодари на Бога со следната химна:
“Со песна сакам да Му благодарам на Господа, зошто тој ма посети и ми ја украси тагата од пред очите на моите непријатели. Господ ми подари дар за својата неискажана справедливост и несправедлива милост. Кој ќе му каже сега на Рубен и неговите синови, дека Ана стана мајка?! Знајте, научете се вие сите дванаесет Израилеви колена, дека Ана е мајка!“
Кога Му благодари на Господа, таа го остави девојчето во собата и се врати кај поканетите гости да ги опслужува и да им пригодува.
Кога заврши гозбата, сите гости си разотидоа, исполнети со голема радост фалејќи го Бога Израилев.
Месеците се нижеа еден по друг а девојчето растеше и крепнеше. Кога направи две години татко му Јоаким рече:
“Треба да ја однесеме во храмот Господов, за да го исполнеме ветувањето пред Бога. Во спротивно Семоќниот ќе го отргне своето лице од нас и нашите жртви, кои Му ги принесуваме, нема да Му бидат пријатни.„
Ана одговори:
“Да почекаме нашата рожба да наполни три години, за да се сеќава на мајка и татко.“
Јоаким и рече:
“Да почекаме!“
Воведение Богородично во храмот
Кога девојчето Марија наполни три години, Јоаким и спомна на жена си за нивното ветување пред Бога за детето и веднаш порача:
“Повикајте избрани, добри израелски девојки, нека секоја си земе по една незапалена свеќа, и да го поведеме девојчето во храмот. Кога ќе го поведеме за во храмот, да внимаваме да не се сврти тоа наназад ниту еднаш, да би копнеело срцето нејзино само за храмот Господов.“
Ана го исполни неговото барање, како што беше и рекол. Сите заедно отидоа во храмот и принесоа жртва.
Кога беше воведена во храмот Господов, Марија, одеднаш сама се искачи до петнаесетата скала, без да се сврти и да погледне наназад и без да побара помош од своите родители, како што секогаш прават малите деца. Тоа многу ги изненади присутните, и самите свештеници останаа воодушевени.
Првосвештеникот Захариј го пресретна девојчето, го зеде во своите раце, му ја покажа Светињата над Светиите, го благослови и рече:
“Таа ќе го прослави Твоето Име, Господи, помеѓу народите. Преку Тебе во последните денови таа ќе го каже избавувањето на израиловите синови.“
И тој го стави девојчето да седне на третата степеница во олтарот.
И Господ Бог ја испрати Својата благодат врз нејзе. Кога го исправија на нозете, тоа почна да си игра.
Јоаким и Ана го оставија своето девојче Марија да биде во храмот со други израилеви девојки, кои без прекин и ден и ноќ Го прославуваа Бога, и се вратија во својот дом, исполнети со голема радост.
Марија остана во храмот, каде го исполнуваше својот живот, раката на Ангелот Господов ја чуваше и бодреше, целиот народ Израилев и се восхитуваше. Животот нејзин тука беше живот за Бога.
Таа, стана мила за целиот Израилев дом, бидејќи сеуште како мало девојче одот и беше сигурен, говорот непогрешив и молитвата нејзина кон Бога беше сесрдечна, и многумина кои ја среќаваа, со кого беше секојдневно гледаа на нејзе веќе како на возрасна. Молитвите ги продолжуваше како да изгледаше триесет годишна. Лицето и сјаеше како чист, бел снег – тешко беше да се задржи човечкиот поглед на нејзе. Грижливо и вешто предеше и шиеше, дури и возрасните жени не можеа да го прават тоа, таа уште во таа кревка возраст вешто работеше.
Во храмот, таа стекна свој начин на живот. Од рано утро до три часот се отдаваше на молитва. Од три до девет часот преку денот предеше и шиеше. Од девет часот повторно отпочнуваше да се моли, се додека не и се јавеше Ангел Господов. Таа добиваше од раката на Ангелот храна и одново се оддаваше на уште поусрдна молитвена прослава на Бога.
Накрајот, заедно со поголемите девојки, кои како и таа што живееја во храмот, се одвојуваше со посебна молитвена прослава на Бога, во бденијата се оддадена, законот Божји и стана дел од животот, се исполнуваше се повеке со смирение, во пеењето на Давидовите псалми ги надминуваше сите, потоа беше пример за сите во својата нежна љубов кон Бога, со своето чисто целомудрие и во совршеното исполнување на сите добродетели. Бидејќи пречистата Дева беше одлучна, непоколеблива, настојчива и од ден во ден се повеќе се усовршуваше.
Никој, никогаш не ја виде разгневена. Никој, никогаш не ја слушна некого да оговара. Зборовите и беа благи, секогаш преку нејзината уста Самиот Бог зборуваше. Таа беше во постојана молитва, дозволувајќи законот Божји да се всади во нејзе. Беше посебно внимателна кон своите другарки, на првиот повик приоѓаше на помош, на игрите и смеата не и предаваше голема важност, и никој никогаш не открил никаква нејзина грешка. Непрестано го прославуваше Бога, дури и тогаш кога ја прославуваше некој, таа му одговараше со благослов: “Слава на Бога”. Оттогаш се до денес останал поздравот меѓу луѓето “Слава на Бога.”
Секојдневно јадење и беше само она, кое го добиваше од раката на Ангелот. Јадењето кое го добиваше од свештениците при храмот, им го поделуваше на бедните. Често и доаѓале ангели со кои таа зборувала и ги слушала со посебно внимание и нежност.
Така и животот кој го поминуваше во храмот Божји може да се нарече живот за Бога, а за луѓето, според зборовите на св. Јован Дамаскин, тој постанал висок пример на кроткост, смиреност и светост.
Во согласност на кажаното досега и св. Амвросиј Медиолански ја опишува како Дева не само во тело, туку и по дух, и тој и го насликува духовно-животворниот нејзин лик: по срце смирена, во зборовите богомудра, при разговорот умилкана, во зборувањето достоинствена, никого неогорчила, на секого добро правела, бедни неизбегнувала, никого не исмејувала. И надворешниот нејзин изглед го кажувало внатрешното, духовно совршенство. Секој ден постела, малку спиела, а кога легнувала, долго размислувала за прочитаното и на кого добро да направила. Тоа се спомнува и во една црковна песна – Богородичен, отпустителен тропар на IV глас за во недела навечер, и тоа повеќе пати во годината.
Потоа, по воведувањето во храмот на тригодишна возраст, до своето обручение, на околу дванаесет години, благословената и благодатна Дева била “воспитувана во светињата на светиите во храмот” и таму се облекла во премудрост, вера и безпрегорно девство. Тоа бара и едно објаснување: не се дозволувало понатака да живее во самиот храм, во живот на духовна атмосвера, каква храмот го создавала, таа требало да го продолжи својот живот надвор од храмот.
Ерусалимскиот храм бил опремен со околу триесет скромно подредени простории за живеење. Над нив имало уште триесет, а над нив и уште триесет – така сите вкупно биле деведесет. Во нив биле сместени најразлични лица, кој биле дирекно сврзани со храмот.
Одделно живееле девиците по периодот на послушанието до нивното посветување во служба на Бога; одделно вдовиците, ветувајќи пред Бога да не стапуваат во друг брак; назореите – отшелници. Имало посебни простории и за гости, посетители – поклоници. Во одделот за девици се наоѓала и собата на Пресвета Дева Марија, каде и поминувал вообичаениот секојдневен живот. Во храмот влегувале на молитвените часови за време на утрените и вечерни богослужби. Но воспитувањето не се извршувало само во храмот. Во целиот комплекс царувала длабока религиозност и богата духовност, во секоја просторија продолжувало религиозното воспитување. За благословената Марија се кажува, дека во одделни моменти била удостојувана да влегува и во Светињата на Светиите, за да ги принесува своите молитви во што подлабока религиозност, опкружувана со: ковчегот на Заветот, Плочите со десетте заповеди, жезолот Ааронов, стомната со мана и многу други светињи.
Во таков амбиент протекувал животот после воведувањето во храмот. Наведените поединости од Првоевангелието по Јакова по повод Воведувањето, и од псевдоевангелието Матеево, за текот на животот и во храмовните простории, земале големи податоци св. Отци на Црквата, во нивните трудови, беседи, поуки и молитви за Пресвета Богородица. Така ја создаваат религиозната служба за претпразнинството и за самиот празник, од кое се надахнувале црковните химнописци, со кои химни ги насладуваат душите на богомолците, ги заробувале со неискажаното свое поетско и молитвено внимание. Затоа го насочуваме вниманието на празникот.
Црквата Христова го одбележува на 21 ноември како еден од големите дванаесет вселенски празници. Има предание, дека уште од IV век, св. царица Елена издигнала храм во чест и слава на Воведение Богородично. Св. Гигорие Ниски (IV век) зборува во своите списи за таков празник. Цариградските патријарси Герман и Терасиј (VIII век) составиле поука за него. Георги Никомидиски и Василиј Македонски (IX век) напишале стихири, кои и денес се пеат.
Да го отвориме Минејот, за да ја напоиме својата душа и да го стоплиме своето срце со вера и благочестие, кои струјат од богослужбите на претпразнинството и празникот:
“Денес е голем претпразничен ден: се Воведува во храмот пречистата Богородица Марија, која Ангелите ја воспеваат, луѓето ја ублажуваат, а девојките ја спроведуваат во храмот Господов, весело носејќи ги запалените свеќи“ (слава и ниње светилен на празникот).
“Денес Богородица – сама во храмот Божји, се воведува, Захариј ја прима, Светињата над Светиите се радува, Ангелскиот лик торжествува, и ние со Гаврил празнуваме и пееме: Радувај се благодатна, Господ е со тебе“ (Слава и ниње на Господи возвах).
“Врснички девојки со запалени свеќи в раце ја спроведуваат кон храмот Приснодева и тие ги потврдуваат настаните на светлата духовна иднина: Зашто Богородица, – која е храм Божји, од мала се воведува во храмот со девичанска слава. Зашто од нејзе ќе се роди светлина на познание, која ќе го разнесе мракот на измамата“ (1-стихира на Господи возвах и 1-тропар од III песна на канонот).
“Родителите на Божествената Девојка, поткрепени од Божјата благодет, ја остават да се воспитува и да се исчува во храмот како чиста гулабица“ (канон, VI песна, 1-тропар).
“Ана молитвено воскликна во храмот со радост во устата: Ти ја доверувам, о Владико, мојата рожба, која ми ја даде, за да се овоплотиш од неа по големата Твоја милосрдност, и да го спасиш светот, кој си го создал, а нејзе да ја прославиш како своја Мајка“ (канон, IX песна, 3-тропар).
“Потоа рече Захариј: Слушни и Знај, старче мудри, со отворена и смела душа прими и воведи ја во светиот храм отроковицата, која ми е дар од Бога, бидејќи преку нејзе ќе се изврши спасението на сите“ (канон, VIII песна, 1-тропар).
“Дојдете сите верни да ја прославиме единствената непорочна, од пророците проповедана и во храмот воведена, вечно именувана Мајка, а истоимено постанала и Богородица. По нејзините молитви, Господи, подари ни мир и голема милост“ (слава и ниње на стиховните).
“Девојки – воспевајте, мајки – празнувајте, луѓе – прославувајте, свештеници – благословувајте ја Пречистата Мајка Божја, која уште од својата кревка возраст во храмот се воведе, за да стане свет Божји храм. Затоа, кога празнуваме духовно, да ја воспееме, зашто таа е закрилница на човечкиот род“ (ниње на седалниот 3-песна).
“Душите на сите праведници те ублажуваат, гулабице златна, зашто носиш спасение од духовниот потоп и благочестиво торжествуваш во Светињата над Светиите“ (Канон,VII песна, 3 тропар).
Службата на самиот празник ги наситува со истите чувства, но сега со поопширни и витални песнопојки:
“Изгреа радосен ден и од сите почитуван празник. Зашто денес се воведува во храмот Господов, Таа, која пред да роди и по раѓањето остана Дева. И старецот Захариј, таткото Претечов, се радува и радосно возвестува:“
“Во светиот храм дојде закрилницата на јадосаните, за да се освети во светилиштето на Царот на се. Да се весели и праотец Јоаким и Ана да се радува, бидејќи место три годишна јуница, ја принесоа за дар на Бога непорочната Владичица.“
“Мајки – радувајте се, девици – веселете се, неплодни – ликувајте, зашто се отвори за нас царството небесно, предречената сецарица. Радувајте се, луѓе, и веселете се!“ (Слава и ниње на литиите од Леонтиј Магистер).
“Сенепорочната Дева се воведува денес во храмот, за да се подготви за лежиште на Бога. Денес најчистата и света, како тригодишна јуница се воведува во Светињата над Светиите. Нека и ние како и Ангелот да воскликнеме:“
“Радувај се, единствена благословена меѓу жените!“ (Слава и ниње на хвалитне стихири од Леонтиј Магистер).
“Дево, Мајко Божја, од пророците проповедана, од апостолите славена, пофалба за мачениците, духовна обнова за земнородените, преку тебе се помиривме со Бога. Затоа го почитуваме твоето воведување во храмот Господов, и заедно со ангелите и ние, спасените по твоите молитви, торжествено ти пееме: Радувај се!“ (1 стихира на Господи возвах).
“Света и непорочна Дева се воведува од Светиот Дух во Светињата над Светиите, и Ангел Божји ја поткрепува. Стана најсвет храм за нашиот Свет Бог, Кој нејзе ја освети, а нашата природа се обожи“ (4 стихира на Господи возвах).
“Богоневесто Владичице, наскоро по твоето раѓање ти беше воведена да се воспитуваш во светилиштето како осветена. Тогаш беше испратен Ангел Гаврил, да ти донесе храна. Небесните сили се исполнија со неискажива радост, откако го видоа Духот Свети, дека се населува во тебе.“
-Затоа, пречиста и неосквернета Мајко Божја, која се славиш и на небото и на земјата, спаси го нашиот човечки род (слава и ниње на Господи возвах).
“Ангелите, кога го гледаа влегувањето на Пречистата во храмот, се чудеа како девицата влегува во Светилиштето“ (припев-величание IX песна).
“Достојно е да ја возхвалиме отроковицата Марија, која од древноста пророците ја предизвестија како стомна, жезол, скрижал и несечена планинска скала, зашто денес таа се воведува во Светилиштето да посвети на Господа“ (светилен).
Понесена од тие песнопоења и нашата душа отпочнува да го величи воведувањето во храмот Господов и благословена од рацете на свештениците Богородица.
Смрт и посмртно учество на
Св. Јоаким и Ана
Откако ја вовеле отроковицата Марија во храмот Господов, богоотците Јоаким и Ана се вратиле во Назарет со спокојни души, дека го исполниле ветувањето кон Бога. Животот нивни понатака протекува како вода во своето корито, исполнет со богоугодни свети дела. Средината во која живееле не го забележувале значајното нивно царско и првосвештеничко издигнување. Скромни и ненастојчиви го минувале својот живот во Назарет.
Се стишило детското радосно потскокнување во просториите на нивниот дом. Ги тешела само утехата, дека ја повериле единствената своја рожба во сигурни раце во храмот Божји, каде ќе се здобие со многу поголемо образование и воспитување, отколку што можеле самите тие да и дадат.
Највероватно поради големата нивна љубов кон едната рожба Назарет им одмилел од нивните срца, и по извесно време тие го напуштаат, и се населуваат во Ерусалим, поблизу храмот, каде што често можеле да го гледаат и да се радуваат на своето дете.
Тука броените денови од земниот живот на Јоаким завршуваат. Тој се прибрал во лоното Аврамово, достигнувајќи ја псаломската осумдесетгодишна возраст. Неколку години потоа и св. Ана го последовала. Таа живеела седумдесет и девет години.
Денес на поклониците во Ерусалим, кога ја посетуваат пештерата на Пресвета Богородица во Гетсиманија, им го покажуваат и местото каде биле погребани праведните нејзини родители. Православната Црква го слави споменот на Св. Ана на 25 Јули. Во светата богослужба се прославува и нејзиниот богољубен сопруг. Се нарекуваат богоотци, затоа што се претходници (дедо и баба) на Исуса Христа. Од тука се корените што внучињата им викаат “мамо” на своите баби.
Императорот Јустинијан Први – македонецот (527-565) подигнал во Цариград велелепен храм во чест на Св. Ана. Во времето на Јустинијан II (685-711) неговата сопруга ја видела на сон Св. Ана и тој го возобновил и го украсил храмот, каде биле пренесени и нејзините мошти. Почитта кон моштите била многу силна и нив ги разделиле на многу делчиња, за да има за повеќе храмови. Голем дел од моштите на Св. Ана биле однесени по различни атински манастири: раката – во Ставроника, една нога – во скитот Св. Ана, дел од левата нога – во манастирот Кутлумуш, а некои делови – во манастирот св.Пантелемон.
Секогаш на отпустот на вечерната, утрената и литургијата, Светата Црква Го моли воскреснатиот од мртвите Христос вистинскиот наш Бог, да не помилува и спаси. . . . и “по молитвите на светите и праведни богоотци Јоаким и Ана”.
Црковното прославување на св. Јоаким и Ана се гради врз благодатта на благословената нивна рожба: “Како што сонцето со своите зраци ги осветлува небесните ѕвезди и ги прави да светат со неговата светлина, така и избраната Марија со своите зраци на дадената од Бога благодат, како сонце ги озарила богоотците Јоаким и Ана, кои се исполниле со Дух Божји и кои содејствуваат за спасение на човечкиот род” (Св. Димитриј Ростовски).
Богослужбата на 25 јули за Успение на св. Ана со богатството на прекрасното песнопеење го потврдува тоа црковно сознание. Ете од содржината нивна ја дообјаснува и оправдува сецрковната нивна прослава.
Богомудрите родители на Мајката Божја во нивната голема тешкотија, породена од бесчадие, се обратија со молитва кон Господа. Тој ги слуша и таа им се роди за заедничка радост и за спасение на сите (канон, VI песна, 1 тропар).
Радувајте се, Јоакиме богопријатни и Ано сечесна, заедно почитувани, преку која се исполни божествената промислителна благодат, откако ја родија нејзе, а која Го роди Началникот на нашиот живот и тие станаа светилници, од која се запали неизгасива свеќа, Пречистата Богородица, која благодатно ги посочува добротворците. Со неа заедно молете се Бог да ви подари на душите голема милост (стиховни на вечерната, 2 стихира).
Да ги возхвалиме со песна праотците на Господа и Бога Исуса, Јоаким и Ана, украсени со праведност, поради нивната заслуга (канон, VI песна, 1 тропар).
Јоаким и Ана се преставија во небесната населба, и таму со својата керка, пречистата Дева, и ангелите, ликуваат и се молат за светот. Таа и ние благочесно собраните ја воспеваме вака:
Вие кои преку богоотроковицата и пречистата Марија станавте праотци на Христа, молете се за нашите души (слава и ниње на Господи возвах).
Кога ја прославуваме сватата спомен на Христовите праотци, чесните и непорочни Јоаким и Ана, ние ја прославуваме непрестаната милост на Избавителот и Господ, Кој ги пресели во нетрулен вечен живот (2 хвалитна стихира).
Во поголемиот дел од службата во слава на св. Ана:
Откако ги забележа правилно наредбите на законот и непорочно послужи на Бога Вседржителот, ти, св. Ано се удостои да постанеш мајка на Отроковицата, која Го роди во тело Христа. Те ублажуваме според неа и со радосни чувства го празнуваме денес твоето свето успение (1 стихира на Господи возвах).
Ано богомудра, откако ја роди небесната врата, ти одлета на небото и сега се насладуваш на божествената слава. Со неа удостојне и нас, кои го славиме твоето успение, преку твоите молитви, кои го прогонуваат мракот на маките и ја разнесуваат маглата на многу бедотии (3 стихира на Господи возвах).
Сехвална Ано, ти стана мајка на Господовата Мајка, откако ги запазуваше постојано Божјите заповеди. Затоа откако умре, премина кон вистинскиот безсмртен живот, кон неугасливата светлина (Седален после III песна на канонот).
Радувај се, мисловна ластовице, која ни ја предвести благодатната пролет и целиот свој живот го помина во целомудрост; долго се измачуваше со своето бесчадие, но во старост ја роди непорочната Богородица, а таа без маж, само според зборови, Го роди Словото, Кое те прослави, Ано, прамајко Господова, од земјата на небото (1 стихира стиховна на вечерната).
Откако си исполнила се, што е пишано во Законот, постана мајка на Мајката на Законодавачот. Затоа и сега сите со почит го славиме твојот спомен (канон, IV песна, 1-тропар).
Ана ја надмина секоја похвала, бидејќи ја роди превозвишената над сите похвали. Затоа му се придружи кон ликот на праведникот (канон, VI песна, 2 тропар).
Исполнета со добродетели, украсена со совршенство на божествените дарби, со усмерени очи кон Бога, Ана непрестано молеше: -Благословен си, преблаги Господи на отците наши (канон, VII песна, 4 тропар).
Богомудра и достачудна Ано, ти го присоедини својот свет земен живот, откако стана мајка на таа, која Го роди пресветото Слово, Кој ни подари осветување и избавување. Затоа секој верен ке те воспева (канон, VIII песна, 3 тропар).
Преславна света Ано, откако го роди новото небо – Марија, преку која изгреа за нас Сонцето на славата, денес преминуваш од земјата кон небесните сили и во радост си во близината Христова (светилен).
Твоето успение го празнуваме, праведна Ано, зашто Христос те прослави со неискажана слава како Своја прамајка (утрена, 1 седален).
Откако ја предаде својата душа во рацете на Телопримателот од Дева, поради нас, твојот Создател и Бог те пресели во нетрулежен живот. Те ублажуваме и денес како мајка на единствената и чесна и непорочна Богородица (утрена, 2 седален).
Пророчки да се собереме сите и достојно да го воспееме блаженото преставување на премајката Христова. Зашто денес радосно таа се преселува од привремениот земен живот на небото (Икос на утрената).
Дојдете сите да ја восхвалиме со псалмопевски кимвали богомудрата Ана, која ни ја роди божествената планина и денес премина во рајската населба. Нејзе да ја возхвалиме: Блажена е твојата утроба, која ја носеше родената Светлина на светот, блажена е градата, од која таа се хранеше, а која Го хранеше Христа – мислата на нашиот живот (слава и ниње на стиховните на вечерната).
О Б Р У Ч Е Н И Е Т О
Останала кревко сираче со губењето на своите родители – најскапото, кон кое може да се приврзе секој човек на земјата – идната покровителка на сираци, Дева Марија, се оддала исцело во служба на Бога. Заробена од чистота на своите небесни соговорници на чие богопоклонување се одржала, таа била опфатена од племенита љубов на серафимите кон Бога и цврсто решила да не се оддава на мислата за земната вообичаеност. Постојано поткрепувана од светите духовни собеседници ја утврдила нејзината света состојба. Целата историја на нејзиниот живот потврдува, дека таа секогаш се чувствувала слушкиња Господова и секогаш инспирирана од возвишениот свет стремејќи се да ја исполнува волјата Божја. Секадеприсутното Божјо Око ја открил возвишената надареност во нејзе, која била подобна да постане Божја Мајка. Пречистата Дева секогаш самата го предосеќала високото предназначување, кое ја очекувало, и во тоа предвестие одлучила да го помине својот живот во ангелска чистота давајќи завет пред Бога, дека никогаш во животот нема да се омажи. Така таа го разбирала и чинот на воведувањето во храмот.
Родена како Божји дар, по пламените молитви од своите праведни родители, воспитувана во храмот на свет и чист богоугоден живот, која се заветила на вечно девство – се тоа овозможило таа да се најави како неземно суштество, кое суштество дошло од небото.
Преданието ни раскажува, дека таа кога го отфрлила, го одбила предлогот за мажење со познато момче, кој по својот предлог се повлекол во планината Кармил и постанал монах.
Обврзана во поголемиот дел од денот во храмот, таа била често посетувана од Ангелот Божји, кој што и носел и земна храна. Тоа често јавување не останало скриено за првосвештеникот Захариј, колку што бил вчудоневиден од посетувањето на Ангелот, така и од тоа, што и носел вообичаена телесна храна. Поучен од Писанието, Захариј почнал да размислува – нели е тоа Дева Марија – имено таа таинствена, проповедана од пророците девица, од која ќе се роди и Месијата.
Незабележано се нижеле годините на нејзиното детство. Дева Марија исполнила петнаесет години. Според редот во храмот била обврзана со нејзината состојба. Свештениците донеле одлука, дошло време кога таа морала да го напушти храмот и да си избере маж, бидејќи настапувал моментот за исполнување на обичајот, кој забранувал зрела жена да престојува во храмот. Светата Дева тогаш им открила, дека таа уште од своето раѓање е посветена на Бога и дека нема да се мажи. Тоа нејзино откривање ги ставил свештениците во храмот пред голема одговорност. Од една страна, тие неможеле да остават полнолетна девојка во храмот, а, од друга, не било во ред со сила да ја мажат. По меѓусебното советување, му предложиле на првосвештеникот Захариј да влезе во Светињата над Светиите и во молитва да побара божјо советување. Како што Бог ќе каже – така нека биде.
Откако го облече фелонот со дванаесетте звончиња, првосвештеникот влезе во Светињата над Светиите и се помоли пред Бога за Марија. Додека тој се молеше, ете, се јави Ангел Господов и му рече:
“Захариј, Захариј, оди и донеси ги Израилевите синови, кои што немаат жена. Нека секој го донесе својот жезол, со чиј жезол Бог ќе направи чудо, нека ја земе Марија за сопруга!“
Пратеници ја обиколија целата јудејска земја, и преку свештените треби обавестија, па така на тртетиот ден сите се собраа во храмот.
Тогаш Јосиф, го зема својот жезол, и им се придружи на другите, па така сите отидоа пред првосвештеникот, носејќи ги своите жезли. Тој ги собра сите жезли, влезе во храмот и се молеше долго. Откако заврши со молитвата, тој пак ги зема жезлите и им ги врати на секого на кого им припаѓаа, но не стана никакво чудо.
Јосиф последен го доби својот жезол, и тогаш одеднаш долета еден гулаб и подзастана на неговата глава. Првосвештеникот гледајќи го ова му рече:
Ти си избран од Господа, да ја земеш под своја закрила Господовата Девојка.
Јосиф искажа воздржување:
Јас сум стар, и имам веќе синови за женење. Таа е млада, не чини да стане потсмев пред синовите Израилеви.
Првосвештеникот му рече на Јосифа:
Плаши се од Бога и спомни си, што Тој направи со Датан, Авирон и Кореј (Броеви 16 гл) и поради непослушност беа проголтани од отворената утроба на земјата. Имај страв, Јосифе, нешто слично да не се случи и во твојот дом.
Според псевдонимното евангелието по Матеја, настанот е предаден во деталности. Првосвештеникот е наречен Авиатар, а не Захариј. Дадени се и повеќе деталности за животот на Дева Марија во домот на Јосифа. Именувани се и петте девици, кои првосвештеникот ги отпуштил по барање на Јосифа за општување со Марија:
Првосвештеникот Авиатар стана и се искачи на најгорното скалило, да би го виделе сите. Настана голема тишина. Тој кажа: “Синови Израилеви, отворете ги своите уши и слушнете! Откако овој храм беше создаден од Соломона, во него се сместени жени, керки на цареви, пророци, првосвештеници и свештеници, во чудна благочестивост и големо нивно добротворство. Кога веќе ја исполнуваат својата возраст, сите се мажеле според прадедовскиот обичај. Денес Марија воведува еден нов обичај на богоугодност, таа се посвети на Бога и денес дава завет, дека целиот свој живот ќе остане немажена. Според тоа во молитва да се обратиме до Бога и да не упати на кого да ја довериме да ја чува во нејзината непорочност”.
Неговото зборување им се допадна на сите. Свештениците фрлија жрепка помеѓу дванаесетте колена Израилеви и жрепката падна на Јудиното колено. Тогаш свештеникот рече:
“Нека дојдат утре сите тука, кои се без жена, и нека ги понесат своите жезли.“ – И така стана, покрај другите дојде и Јосиф, сите ги носеа своите жезли. Тој потекнуваше од Давидовата и соломоновата лоза, беше смирен, внимателен, трудољубив и отворен по карактер.
Кога сите жезли ги собраа ги поставија пред првосвештеникот, тој принесе жртва и во молитва се обрати кон Господа и Господ му рече:
“Стави ги сите жезли во Светињата над Светиите и нека останат таму преку ноќта. Кажи им на синовите Израилеви утре пак да дојдат пред тебе, за да ги примат. Од врвот на еден жезол ќе израсне гулаб, и нему ќе му се даде Марија да ја чува и да ја надгледува.”
Така и стана, другиот ден сите рано се собраа и откако првосвештеникот покади, влезе во Светињата над Светиите и ги претстави пред народот жезлите. Откако им ги подели на секого на кого му припаѓаше, не се забележа на ниту еден да израсне никаков гулаб, Авиатар тогаш облечен во фелон со дванаесет ѕвончиња влезе во Светињата над Светиите. Одеднаш во голема светлина се осветли жртвеникот, и додека Авиатар беше длабоко паднат во молитва, му се јави Ангел Господов и му рече:
“Тука има еден мал жезал, на кого ти не обрати внимание, кога ти го положи со другите во светилиштето. Кога ќе го изнесеш и ќе му го дадеш на сопственикот, тогаш ќе се покаже знаменитоста.“
А тој жезол беше на Јосиф. Тој беше оставен на страна. А и Јосиф беше веќе стар и се плашеше да не му ја доверат Марија на чување, па затоа и се воздржа да праша и да си го побара жезалот. И како што стоеше смирено на крајот, првосвештеникот го повика со висок глас:
“Дојди да си го примиш својот жезол!“
Јосиф се приближи вцрвенат од начинот на кој беше повикан со тврд и висок глас.
И во тој час, кога тој ја пружи својата рака да го прими жезалот, од врвот на жезалот излета еден продуховен гулаб, кој беше побел од снег. Потоа, откако направи повеќе кругови – летајќи по сводовите од храмот, гулабот излета низ прозорецот и се вивна во небесата.
Целиот народ торжествено го поздрави старецот Јосиф, велејќи му:
“Каква чест ти падна на старост, каква голема чест ти се даде, ти се довери Марија на чување. Само ти си единствениот кој си достоен за ова должност.“
Свештениците и тие му рекоа:
“Земи ја, бидејќи од целото Јудино колено, тебе единствениот те избра Господ.“
Јосиф вознесуваше молитви и во збунета состојба му зборуваше на свештениците:
“Зошто токму мене ми се довери тоа девојче? Јас веќе сум стар човек и имам големи синови.“
Но првосвештеникот му рече:
“Се сеќаваш ли, Јосифе, како погинаа Датан, Авирон и Кореј, бидејќи не се потчинаа на волјата Божја. Истото и тебе ќе ти се случи, ако и ти не ја исполнеш волјата Божја!“
А Јосиф му рече:
“Што се однесува до мене, јас не сакам да се спротвставам на волјата Божја и ќе се грижам за таа девица, штом бев посочен од Бога, а од синовите мои би можел некој да се ожени со неа. Додека го чекаме знакот на вољата Божја, нека се определат неколку девици од храмот, кои ќе живеат и ќе општат со неа во домот.“
Првосвештеникот Авиатар му одговори:
“Девици ќе и се придружат на драго срце, тогаш кога ќе дојде со тебе, таа нема да се омажи за никого, ќе биде со тебе, таква е волјата Божја.“
Тогаш Јосиф ја прими со пет други девици, за да живеат со неа во неговиот дом. А тие девици беа: Ребека, Сефора, Сузана, Авигеја и Заел.
Обручението на Дева Марија за Јосиф стана по Божја промисла, за да се сочува подолго тајната на нашето спасение, што се изврши преку неа. Мисла која детално е објаснета од Св. Отци: Игнатиј Богоносец, Андреј Критски, Јован Златоуст и др. Така Божјата Премудрост го подредила богоприлично раѓањето на Словото од Дева. Праведниот Јосиф постанал мудар чувар на нејзиното девство, по обичајот кој се практикува и денес. Јосиф своето време го поминувал на својот занает. Неговата работилница не била во неговиот двор, туку на друго место, близу до домот на праведната Ана. Просторијата не била голема и таа изнесувала околу дванаесет квадратни метри. На тоа место покасно христијаните издигнаа мала црква, која е сочувана до денес. Пред работилницата имало камена клупа каде поседнувале муштерии а одмарале и поминувачи. Приклонетата палма ја фрлала својата дебела сенка врз нејзе што ги чувала одмарачите од летните горештини. Често пати Јосиф одел да работи и по домовите на Назарет и по околните населби. За ова Евангелието по Јакова навестува, дека откако ја земал Марија под своја закрила, Јосиф и рекол:
“Ете јас те примив од храмот Божји, те оставам во мојот дом а јас морам да одам по други домови и други места. Откако ќе завршам со моите работи ќе се вратам при тебе во домот. Бог да те чува!”
Во домот на обрученикот Јосиф, Дева Марија го продолжила дотогашниот свој начин на живот, кој што го водела во храмот: молитва, читање на побожни книги, ракотворби и вообичаената домашна работа. Сега домот на Јосиф постанал за неа дом за молитва. Никогаш немала време да излегува од домот, освен кога морала да отиде до изворот да наполни вода. Разговарала со керките на Јосифа, Марија и Саломија, како и со девојките од храмот, кои Јосиф ги измолил од првосвештеникот за нејзини придружнички.
Во тоа време се појавила потреба од завеса во храмот. Првосвештеникот испратил луѓе да повикаат девојки од Давидовото колено. Служителите отишле, барале и нашле седум девојки и ги довеле во храмот. Првосвештеникот се потсетил и за Марија, која беше непорочна пред Бога, таа произлегувала од Давидовото колено и добро знаела да преде и да ткае. Служителите отишле и ја довеле и нејзе. Ги вовеле сите во храмот. Дошол свештеникот и им рекол:”Фрлете ждрепка кој од вас што ке преде, бидејќи треба да се преде лен, коприна, џасмин, багреница и пурпур за да се исткае олтарната завеса.” Си фрлиле ждрепка и на Марија и паднало да преде пурпур и багреница за престолот во храмот.
Кога Марија го зема предното, девиците и рекоа: ”Ти си најмала помеѓу нас сите, повторно тебе ти падна најголема чест – го доби пурпурот”.
И откако и го рекоа тоа, се договорија да ја наречат на шала “царица на девствениците.”
Додека разговараа така, Ангел Господов застана на среде па им рече:
“Тие зборови, само што излегоа од вашите усти, нема да бидат празна насмевка, туку најдостоинствено пророчанство”.
Вознемирени од појавата на Ангелот и од неговите зборови, ја замолија Марија да им опрости за нивната шега и да се моли за нив. Марија си го зема предното и се врати во својот дом да преде.
Тука Првоевангелието по Јакова додава: Од тој момент Захариј онеме (Лука 1:22) и Самуил го заменуваше се додека не му се одврза говорот. Се потсетуваме за додавањето, бидејќи има суштествена врска со настаните, кои ќе следуваат понатака – Захариј е маж на Елисавета, првата братучетка на Дева Марија, татко и мајка на Св.Јован Крстител – Господовиот Претеча.
Б Л А Г О В Е Ш Т Е Н И Е
“Денес се разоткрива изреченото од вековите таинство. Бог Словото по големата милосрдност постанува Син на Дева Марија и Гаврил го соопштува радосното благовестие. Со него и ние восклинкуваме: Радувај се, Мајко Господова!”
(Светилен на Благовештение)
Благата вест за доаѓањето на Месијата во светот, според човечкото тумачење, требало да биде во Божјиот град Ерусалим, каде првенствено живееле јудејските учени и мудреци, кои најмногу расудувале и пишувале за Месијата и за Неговото идно Царство. Тие длабоко навлегувале со своите проучувања во пророштвата за Него, кои и грижливо ги следеле сите настани за Неговото скорашно доаѓање, и со силно разгорено нетрпение Го очекувале Неговото појавување.
Но не во славниот Ерусалим, не и во некој друг поважен град, туку во скромниот и безначаен Назарет, во кој живееле родителите на Св. Дева, било судено да се слушне спасителната вест.
Прекрасно е избрано местото за благовестието на великото таинство, но уште по прекрасно било лицето, на кого било возвестено.
Тајната за спасението на светот е откриена не на знајни и славни луѓе, не на народни раководители, или на законодавачи, или на учени, туку на скромна и сиромашна девојка, која спокојно си ги поминувала деновите во домот на дрводелецот. Навистина, и дрводелецот, и девојката биле гранка од царски род, но славата на тој род било оддамна затаена. По тој начин тајната на доаѓањето на Спасителот во светот уште од самиот почеток се оддалечува од се, кое светот го претпочитува за големо и важно: власт, мудрост, богатство, раскош, слава и почасти.
Со таа Божја Премудрост ни го насочува вниманието кон високиот духовен правец на великата тајна.
Смиреното Господово доаѓање во светот било очекувано и од состојбите на тогашното општество. Народите претиснати од железната нога на римјаните со голема тешкотија го поднесувале јаремот на гордите властодржци, кои гледале со понижување кон нив одземајќи им го имотот, честта и животот.
Интелектуалната состојба на епохата истотака не помалку била чувствителна: суровата стоичка добродетел, грубата епикурејска чувствителност, разноличното јазично многубоштво и неговото идолослужење. Сред самиот богоизбран народ богооткриената вистина за доаѓање на Месијата била замаглена, пророчанствата заборавени или неправилно објаснети, лажните заблуди на мнозинството секти го отргнувале народот од правата вера.
Да се роди нов живот во суровиот многубожачки свет, да го соедини човечанството со врската со взаемна братска љубов, премудриот Господ ја открил тајната за човечкото спасение во Среда: малкупознато градче со сочувани традиции, сиромашна куќа на вообичаен дрводелец, чиста и смирена девојка.
Живеела пречистата Дева во домот на Јосифа истотака како што живеела во храмот во благочесност и со секоја чистота. Веќе дошло и долгоочекуваното “лето Господово”, дошло и времето за спасението на човечкиот род и избавувањето на светот, изгреал денот, во кој што “милоста и вистината ќе се сретнат, правдата и мирот ќе се целуваат “(Пс.84:11) вистината и правдата, според Божјата праведност, го бараат спасението од гревот на прародителите; милоста и мирот се појавуваат како сопатници на Синот Божји – Спасителот, да би примал човечки лик, да се роди од Дева!
Кога и како тоа се случило?
Веста за раѓањето на Спасителот била донесена на земјата преку благата вест на Божјиот пратеник што и кажал на Св. Дева на 25 Март, во денот, кога Адам бил прогонет од рајот.
Веќе од овој момент Св. Евангелие ја именува Св. Богородица, макар и кратко, но сепак јасно и недвосмислено.
“Во шестиот месец беше испратен од Бога Ангелот Гаврил во галилејскиот град, по име Назарет, при една девица, обручена за маж, по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девицата беше Марија, Архангелот влезе кај неа и и рече: “РАДУВАЈ СЕ БЛАГОДАТНА ! ГОСПОД Е СО ТЕБЕ; БЛАГОСЛОВЕНА СИ ТИ МЕЃУ ЖЕНИТЕ!“
А таа, кога го виде, се возбуди од неговите зборови и си рече во себе, каков ли е тој поздрав.
А Архангелот и рече: “НЕ БОЈ СЕ, МАРИЈА, ЗАШТО СИ НАШЛА МИЛОСТ ПРЕД БОГА; И ЕТЕ ТИ ЌЕ ЗАЧНЕШ ВО УТРОБАТА, И ЌЕ РОДИШ СИН И ЌЕ ГО НАРЕЧЕШ СО ИМЕТО ИСУС. ОН ЌЕ БИДЕ ГОЛЕМ И ЌЕ СЕ НАРЕЧЕ СИН НА СЕВИШНИОТ; И ЌЕ МУ ГО ДАДЕ ГОСПОД ПРЕСТОЛОТ НА НЕГОВИОТ ТАТКО ДАВИДА; И ЌЕ ЦАРУВА НАД ДОМОТ ЈАКОВОВ СЕКОГАШ И ЦАРСТВОТО НЕГОВО НЕ ЌЕ ИМА КРАЈ.“
Овие зборови, место да ја ослободат од стравот, уште повеќе ја збуниле Света Дева Марија и таа прашала:
“Како ќе биде тоа кога јас незнам за маж?!“
Архангелот и одговорил: ”Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна и таа зачна син во староста своја; нејзе и е веќе шестиот месец; зашто нема да остане во Бога ниту еден збор без сила.“
Света Дева Марија сватила дека овие зборови што ги чула од Архангелот не се обични, а се порака од Бога, па затоа на крајот смирено рекла: “Еве ја слугинката Господова; нека ми биде по зборовите твои. Архангелот Гаврил по тие зборови си заминал.“
Тој е полниот текст според евангелието за Благовештението.
Случката основоположна, и е централна во христијанската вероисповест. Човечките умови се занимавале со векови, длабоко ја вознемирила тогашната современост, барала темелно и опширно опишување и длабоко психолошко објаснување во црковното предание, сочувана е во апокрифните книги, во светоотечките пишувања и во црковното празнично богослужение.
Тоа ќе го образложиме во понатамошниот текст.
Критскиот разбрануван евангелски расказ за благовестието е украсен од Св. Григориј Неокесариски со цвет на духовна убавина:
Откако го повикал Архангелот Гаврил, Бог Му рекол:
“Оди, Архангеле, послужи на страшното таинство, стани слуга на чудото! Поттикнат од Моето милосрдие, Јас сакам да помогнам на измамениот Адам. Гревот го обезличи создадениот, по Мојот Лик, го обезвредни створението на Моите Раце, ја згрози создадената од Мене убавина. Рајот е пуст. Дрвото на животот се чува од Ангел со огнен меч. Местото за блажена радост е заклучено. Сакам да го помилувам постраданиот и да го обвинам ѓаволот. Сакам да ја сочувам таа тајна од другите сили небесни. Само тебе ти ја доверувам.”
“Оди во галилејскиот град Назарет“ – дополнува Св. Андреј Критски, “каде живее младата Девојка, обручена за маж по име Јосиф, нејзиното име е Марија. Оди и соопшти и на таа Девојка радосната вест, од која некогаш се лиши непослушната Ева, тоа е радосна вест за сите, не за мака, туку за радост и за спокој.“
Архангелот Гаврил, откако ги слушнал Божјите зборови и ја разбрал кажаната порака, чија длабока духовна смисла го опфатила со чувство на страв и радост. Иако се чувствувал недостоен да исполни таква висока порака, тој ниту помислил да се откаже, туку потчинето на Божјата волја полетал кон земјата, во Назарет, при Дева Марија. Откако ја собра во својот разум доверената тајна, бестелесниот Архангел брзо се јави во домот на Јосифа – го пее ова денес светата Црква.
Аналогно го опишува јавувањето на Архангелот и Првоевангелието по Јакова и Евангелието по псевдонимот на Матеј, од кое може да се види, дека јавувањето на Архангелот не било само еднаш и не се случило на едно исто место. Еднаш кај изворот, потоа по втор пат во домот, а се кажува дека најпрвин и се јавил во храмот, кое се совпаѓа на христијанското благочестие и што е подобно на светоста на тајната.
Марија ја зема стомната – читаме во Првоевангелието по Јакова – и отиде на изворот да наполни пресна вода. И ете чу глас, кој и рече:
“Те поздравувам, благодатна Маријо, радувај се, зашто Господ е со Тебе! Благословена си ти меѓу жените!“
Откако се исправи, Марија се сврте околу себе, за да види од каде и доаѓа гласот, но не виде никој. Така вознемирена се врати во својот дом, ја остави стомната, ја зема пурпурата и почна да преде.
И ете, Ангел Господов застана пред неа, велејќи и:
“Не бој се, Маријо, зашто си нашла благодат пред Севишниот Господ и ете ти ќе зачнеш од Словото.“
Кога ги слушна овие зборови, вознемирена Марија му одговори:
“Ако треба да зачнам од живиот Господ Бог, дали ќе постанам како и секоја жена?“
Ангелот и рече:
“Не, Маријо, бидејќи силата Божја ќе те осени, и роденото од тебе ќе биде Свето, ќе се нарече Син на Севишниот. Ќе Му дадете име Исус и Тој ќе го спаси Својот народ од неговите гревови.“
Марија одговори:
“Ете ја слугинката Господова: нека ми биде според твоите зборови.”
Во книгата “Детството Исусово”, ерменската редакција раскажува за благовестието, го посочува датумот, денот и месецот на настанот со продолжен разговор помеѓу Св. Дева Марија и Ангелот.
Истата глава завршува вака:
Ангелот вели:
“О, блажена и Света Дево, слушни ги моите зборови и сочувај ги во своето срце тоа што ќе ти го кажам: Зачнатото во тебе нее човечко дело. Самиот Бог го оживотвори во тебе. Тој ќе те ослободи од сите потешкотии и искушенија.
Марија му рече:
“Ако е така, како што велиш, нека ми биде според твоите зборови.“
Ангелот си замина од кај неа.
Во тој момент, во кој Св. Дева смирено ги кажуваше тие зборови, Бог Словото преку нејзиното уво проникна во неа, како што духовната природа на телото така и целосно беше осветена и прочистена како злато во оган. Таа постана храм на светињата, непорочно живеалиште на Божјото Слово. Од тој момент Св. Дева зачна. Денот во кој Ангелот ја донесе веста на Марија, беше 15 Нисан, кој е 6 Април, Среда, во три часот преку денот.”
Ќе појаснеме дека, совпаѓањето на датумите е произволно. Вероватно дека ерменскиот редактор тоа го прави од причина да би го усогласил календарот на Ерменската Црква, која го празнува Благовештение на 6 Април, а Рождеството Христово на 6 Јануари. Додека пак изразот, дека Бог Словото проникнало во Св. Дева Марија преку увото, сакал да го претстави безмажното зачнување. Мотивот е благочестив и често е застапуван во црковниот живопис.
Првоизворот продолжува: Откако ја прими благата вест од Ангелот, Св. Дева Марија стана, се поклони длабоко и се помоли:
“О, Владико на моето тело и душа! Ти имаш власт да ги исполнуваш сите желби на творбите од Твојата љубов. Ти слободно, според благоволието Ти се вселуваш во секоја твар. И сега благоволи да ги удоволиш молитвите на Твојата слушкиња. Послушај и избави ми ја душата, зашто Ти си Мој Бог и Спасител и Твоето Име, Господи, Го повикувам секој ден. До денес се сочував во светост, Правда и чистота, оддадена на Тебе, Господи и Боже мој, останав непорочна, оддалечена од секоја страст и земна соблазност. А сега: Да биде Твојата воља!”
Друго предание ја претставува пречистата Дева во храмот, како вдлабочена во размислување над Св.Писмо, отворено на седмата глава од Св.пророк Исаија каде се вели: “Ете, Девица ќе зачнево утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил” (14 ст.; Мат.1:23) како што е прикажана на многу икони. Духовно внесена, таа размислува:
“Е, кога ќе дојде тоа блажено време – Бог да слезе од Небото и да постане човек!“
Во тој час на своето мачтаење пред неа застанал Архангелот Гаврил и во дворот на нејзината придојдена мисла и возвестил:
“Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“
“Господ“ – и зборувал Ангелот – “сега е со тебе и наскоро ќе се роди од тебе. Во едното Негово раѓање од века – кое е пред сите векови, а ова, ќе биде во времето до века. Самиот Господар на небото и на земјата денес присуствува и се вооплотува (прима тело) во тебе со сета Своја слава. Радувај се благодатна!
Господ е со тебе – Синот на светлината, Кој од вековите е роден од Отца, денес во времето попримува тело во тебе. Тој целосно останува на небото во Божјите недра и целосно ќе пребива во тебе. Тој е со тебе и во тебе.“ – “Благословена си меѓу жените, бидејќи ти единствена меѓу нив се удостои да постанеш Мајка на Благословениот Божји Син и целата земја ќе се исполни со Неговата Слава.”
Појавата на Ангелот не ја исплашила Светата Дева. Додека таа живеела во храмот, имала чести јавувања и разговори со ангели. Нејзината чиста душа за миг не можела да ја свати високодостоинственоста на благовестителот. Ја збунило невообичаеноста на благовестителот. Никогаш кон ниту една жена немало толку високо, возвишено и свето возвестие. Таа самата со своето смирение никогаш и не помислувала дека има некое првенство и лични достоинства со кои да заслужи таква чест. Најсмирената помеѓу жените го отценувало ангелското благовестие како многу високо за нејзе за кое сметала дека не била достојна да го прими. Во тој час во својата благоразумност се прашала, дали навистина тоа е Божјо благовестие. Со присутното нејзино вродено самонадгледување и молитвено расположение на својот дух таа размислувала молчаливо во присуство на благовестителот, и нејзината благоговејна помисла била спремна да ги отврли сите искушенија во тоа невообичаено присуство. Но во внатрешноста на својата душа се раѓале редица на прашања, за кои богоозарените и надахнати химнописци Пимен, Св. Јован Дамаскин и Теофан Никејски подобно го опишуваат нејзиниот разговор со Ангелот благовесник:
Слушни го керко, благовесниот глас на Ангелот кој ти благовести голема радост! Дај го увото и слушни ја веста моја за Божјото безсемено зачнување: си добила пред Бога благодат, каква никој никогаш немал (канон на Благовештение, И песна 1 и 2 тропар).
За да ја разберам смислата на твоите зборови, Ангеле Божји, како тоа ќе стане, кажи ми појасно: како ќе зачнам, кога сум девица; како ќе постанам мајка на Мојот Создател? (3 тропар ).
Ти Дево, сакаш да го дознаеш од мене начинот на твоето зачатие, но тоа не може да се искаже: Светиот Дух преку творечката Своја сила тоа ќе го изврши (3-песна, прв тропар).
Прамајката Ева го послуша советот на змијата и беше изгонета од рајот, затоа и јас се плашам од твојот поздрав (2-тропар).
Доаѓам испратен од Бога, да ти ја соопштам Божјата одлука. Бидејќи ти, непорочна, се плашиш од мене, а кој, се плаши уште повеќе од тебе самата! Зошто се поклонуваш кон мене, бидејќи јас, најискрено се поклонувам кон тебе! (3-тропар).
Слушнав како некогашниот пророк што претскажал (Ис.7:14), дека преосветена Девица ќе го роди Емануил. Сакам да дознам како Бог ќе прими човечка природа (4-песна, Прв тропар).
Ја објаснува светоста, капината, која гори не догорува. И со тебе таква таинственост ќе се изврши – и после раѓањето ќе останеш Дева (2-тропар).
Проповедниче на вистината, Гавриле, озарен од светлината на Бога Вседржителот, кажи ми ја вистината: Како ќе ја сочувам чистотата, откако ќе го родам во тело бестелесното Слово (3-тропар).
Исправен во страв пред тебе, Отроковице, ти појаснувам: како дожд на руно ќе слезе во тебе Словото Божјо (4-тропар).
Неможам да ти ги разберам зборовите, бидејќи со Божествената сила многу чудеса станале, но девица без маж да роди не се случило (5-песна, прв тропар).
Навистина, многу чудно, сенепорочна, несватливо е чудото кое ќе стане со тебе, бидејќи ти единствената ќе го примиш Бога да се отелотвори во тебе. Тебе имено те претскажуваат пророците (2-тропар).
Невидливиот, секадеприсутен и вечен Господ е непроменлив, како ќе го зачнам Словото на Безпочетниот Отец и Дух?! (3-тропар).
Тебе единствената Бог те избра од целиот човечки род, а му вети уште на праотецот Давид дека во тебе ќе го всади плодот на Словото (Пс.131:11; 2-Цар.7:12; 4-тропар).
Девицата одговори: Ги слушнав твоите зборови, но се плашам од твоето кажување да не ме оддалечеш од Бога, како некогаш што стана со Ева (8-песна, 1-тропар).
На тоа Гаврил одговорил: Ете, со тоа се објаснува несигурноста; ти добро рече, дека настанот е тешко сватлив, но не гледај на него како измама, туку прими го за чиста вистина (2-тропар).
Непорочната веднаш рече: Божиот закон за луѓето е, раѓањето е плот на взаемна љубов. „Како ќе биде тоа кога јас не незнам за маж“ (Лк.1:34); како така ми велиш дека ќе родам. Навистина, се плашам да не бидам измамена (3-тропар).
-Ангелот пак и рече: Зборовите, што ги кажуваш, пречиста, се точни и вообичаени за смртните луѓе. Те уверувам, дека спротивно на сознанието за човечкото отелотворување Бог Словото ќе се роди во тебе, како што зборот се одронува од човечката уста (4-тропар).
Дева рече: Ти си за мене известител на вистината и си дошол како благовесник на сеопштата радост. Откако ќе ми бидат очистени душата и телото – „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои“ (Лк.1:38), нека се всели во мене мојот Бог (8-песна, 5-тропар).
Со богоозарена проникновеност Св. Андреј Критски го разработува тој диалог помеѓу Светата Дева и небесниот известител, проникнат со така длабок психологизам, постанал помеѓу богословските средини повод за многу реплики и останал да се решава од вдлабоченоста на верата и личната духовна издигнатост на заинтересираните. Денес на повеќето црковни беседници овој диалог ја осмислува нивната проповед. Ангелот благовесник рекол:
Зошто, всеблажена, се оддаваш на сомневање? Ти реков: Господ е со тебе, а ти се сомневаш и прашуваш: Како ќе стане тоа со мене, кога не познавам маж? Јас ти благовестив за Тој, Кој е роден и бил пред моето доаѓање кај тебе, а ти зборуваш за маж и прашуваш како ќе стане тоа со тебе.
Како ќе стане тоа со тебе ли? Размисли како процвета жезалот? Како и од каде дојде и почна да извира вода од карпата? Како огнениот пламен ја опфати капиновата ‘грмушка, но таа не изгоре?! Ако веруваш во тие настани поверувај и во мене. Чинителот на сите чуда, како тие, за кои зборува Мојсеј, така и за овој, за кој јас ти благовестувам, е Еден и Ист. По некој особен, несвојствен начин ти ќе го исчуваш Зачнатиот во тебе Младенец, а не како што го одгледаа Елисавета и Ана, твојата мајка. Ти ќе родиш Син, без маж. Кога веќе сакаш да го знаеш начинот на таинствениот настан, ќе ти го објаснам: Светиот Дух ќе се всели во тебе и силата на Севишниот ќе те осени. Зачнувањето нема да биде природно, ќе се случи на чудесен начин – преку слегувањето на Светиот Дух, Кој непрестижно ќе те направи мајка. Затоа и роденото од тебе ќе биде Свето и ќе се нарече Син Божји. Тој нема да приличи на обичните луѓе, “зачнети во безаконие и родени во грев”, ќе биде чист од гревот. Тој предвечен Младенец, Кој вечно се создава од Отца преку Духот Свети, како Слово, кажано пред вековите од Севишниот, вистински ќе биде свето и ќе се нарече Син на Севишниот.
Да би ја убедил потполно, Ангелот и ја посочи за пример нејзината роднина Елисавета, која во својата старост веќе се наоѓа во шестиот месец во благословена состојба.
За обичните луѓе – продолжува Ангелот – како што е невозможно за старица да роди, истотака е и за девојка без маж да роди, но за Семоќниот Творец е можно. По Негова волја Елисавета зачна во својата старост; и пак по Негова волја и ти ќе родиш мез маж, бидејќи “каде што Бог ќе посака, се менува и редот во природата”.
Нека биде – рекла Света Дева – и Небото го испрати на земјата Синот Божји. “И Словото стана тело и се всели меѓу нас” (Јован 1:14).
Назарет се овековечи преку настан, а во самиот град за вечни сведоци денес се издигаат две великолепни цркви. Едната, е католички манастир, изградена врз два свода. Под сводовите е вградена куќата на Јосифа, во која живеела Дева Марија и каде се случило ангелското благовестие. Над сводовите се извишува црква, во која богомолците по седумнаесет мермерни скалила влегуваат во нејзе пратејќи ги со својот поглед мермерните украси и богатиот зогравски живопис. Другата, е православна трикорабна базилика, се наоѓа на крајот од градот по патот за Тавор. Таа била направена од руските цареви врз темелите на старата, која била изградена уште од времето на царицата Елена. Во нејзе е вграден длабок кладенец, од кој некогаш Дева Марија полнела, а и денес благочестивите поклоници пијат целебна, чудотворна вода. Близу до изворот се наоѓала куќата на Јосиф, каде живеел пред бегањето во Египет. Во тие цркви на Благовестието доаѓаат илјадници богомолци од градот, околината и целиот свет.
С П О Д Е Л Е Н А Р А Д О С Т
Ангелското благовестие предизвикало силна радосна возбуда во Светата Дева, за се видено и чуено, и станало јасно и таа исцело се доверила на всеможноста Божја. Го сместила најголемото чудо во длабочините на своето смирено срце, таа неможела ниту да помисли благовестието да го сподели со Јосиф или со некој друг од своите блиски, благоговејната радост, останала само нејзина, но и Божја радост.
Од друга страна, спомнувањето на Ангелот за нејзината братучетка Елисавета, која зачнала во својата старост и дознавањето за онеменоста на Захарија, нејзиниот маж, во храмот кога била на молитва во срцето на благодатната Марија и се вродила силна сорадост, дека таа, од роднинска разгорена љубов, одлучила да ја посети својата праведна сродна старица. Се разбира, дека таа со нејзе сакала да ја сподели својата радост, а и нејзината радост, и со тоа да се осведочи и вистината кај обете за чудните Божји дела. Веќе и биле испредени и пурпурата и багреницата, па требало и да ги однесе во храмот.
Тогаш Захариј и Елисавета, живееле според едни во Хеврон, а според други во Јута – град во Јудината планина, на дванаесет километри од Назарет, а според трети во самиот Ерусалим.
Според евангелското кажување од псевдонимот на Матеја (IX Глава) не известува, дека во тоа време Јосиф бил во Капернаум, покрај морскиот брег кој работел на својот занает. Затоа Дева Марија заминала за Ерусалим со група поклоници. Тука таа отишла најнапред во храмот да го предаде изработеното. Првосвештеникот ја примил нејзината рачна изработка и ја благословил: ”Маријо, Господ Бог го прослави твоето име и ти ќе бидеш благословена помеѓу сите жени и од сите народи на земјата”. Со тоа тој дословно го повторил ангелското благовестие, а на присутните во храмот тоа звучело само како вообичаена пофалба за дадената и високо-квалитетна работа.
Одтука, таа ја побарала Елисавета во Ерусалим или во Јута, тихо мало градче опколено со зелени градини по полињата на Јудината планина. Покрај бистриот поток се отцртувал домот на Захариј и Елисавета. Пред влезот се надвиснувал голем јавор, со испружени долги разгранети сенкасти гранки. На таа влезна врата тропнала и Светата Дева. Елисавета, кога го слушнала потчукнувањето, ја оставила својата работа, и притрчала да ја отвори вратата. Како помала, Марија прва ја поздравила. Ќе продолжам со зборовите на богонадахнатиот евангелист Лука: ”Штом го слушна Елисавета поздравот на Марија, заигра детето во утробата нејзината; и Елисавета се исполни со Дух Свети, па извика со силен глас и рече: “Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И од каде за мене ова, кај мене да дојде мајката на мојот Господ? Зашто, ете, штом гласот на твојот поздрав одекна во ушите мои, од радост ми заигра детето во утробата моја. Блажена е таа која поверува, зашто ќе се исполни она, што и рекол Господ.“
И рече Марија: “Мојата душата Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, бидејќи Тој милостивно погледна на понизеноста на робињата Своја; зашто ете, отсега ќе ме ублажуваат сите народи, заради Силниот што ми направи големо нешто; и Свето е Неговото Име; и Неговата милост е од род во род за оние, кои се бојат од Него; Тој ја покажа силата на Својата Десница; ги протера оние, кои се гордеат со мислите на своето срце; ги симна силните од престолот и ги воздигна смирените; гладните ги исполни со благост, а богатите ги испрати без ништо; го зема под заштита Израилот, Своето дете, кога се смилостиви – како што им кажуваше на нашите татковци, – на Авраама и на неговото поколение до века.“
И остана Марија со неа околу три месеци а потоа се врати во својот дом (Лк.1:41-56).
Така Светиот евангелист не известува за споделената радост на возрадованите сродни срца. Да се присоединиме со благочестиво размислување во содржината на евангелската содржина.
Со влегувањето во домот на Елисавета, благодатната Дева го внела Божјиот благослов на нив, младенецот заиграл во утробата на Елисавета и таа самата ги искажала запишаните зборови во Евангелието, која прва ја нарекла својата блиска роднина Марија, Мајка на Господа. “Кога поздравот твој ги погали моите уши“ – секогаш така зборувала Елисавета – “осетив, дека плодот во мене радосно заигра. Поттикната од тој осет и во исто време озарена одозгора, го видов твоето достоинство дека ти постана Мајка на предвечното Слово со мојата понизеност во споредба со тебе. Благоговејно се поклонувам пред твоето величие на Богородица и на твојата смиреност да ме посетиш – мене, обичната жена, која прва требаше да те посети. И можев ли јас да дочекам таква чест? Можев ли да се надевам, дека ќе ми дојде таа, која го носи до своето срце Оној Кој носи се во Своите Раце? И дека јас прва од сите луѓе на земјата ќе ја поздравам Мајката Божја!? Да, благословена си ти меѓу жените и благословен е плодот на твојата утроба! Многу Израелски жени, со својот праведен живот, во очекување утеха на Израилот, се удостоени да имаат деца, но ти неизмерно ги надминуваш, бидејќи преку тебе доаѓа на светот од векови чеканиот Спасител. Блажена си ти во својата вера, бидејќи се ќе се случи што тие возвестено.”
Кога ги слушнала зборовите на Елисавета кои биле преповторување на ангелското благовестие, Пресветата Дева веќе била убедена, дека сето тоа се случува по сила на Светиот Дух и дека тоа ја води во прослава. И нејзиното срце било возбудено од истата небесна сила, која овозможува во еден час да види се што е поминато и се што доаѓа, и, откако се соочат тајните на минатото и на иднината, дури тогаш ќе се дознае целото величие.
Сите пророчанства, претскажани во различни времиња од различни лица, сега веќе станале совршено јасни за нејзе, и целата далечна иднина се открила во сите поединости, се исполнувала пред нејзините очи. Чувствата, едно од друго по радосни, осеќањата едно од друго подлабоки, умот и срцето и се исполниле со скромна молчаливост. Необјаснива слава на Божјата Мајка при сето нејзино смирено прифаќање за себе; расцветена во нејзиното срце, умилна радост при мислата за избавувањето на Израилот и востановување на духовното царство Божјо на земјата; Убедувањето, дека светата тајна за овоплотувањето на Синот Божји во неа е известена и Елисавета од самиот Свети Дух, – ја исполнило благодатната Дева Марија со таква неискажана радосна возбуда, дека од устата нејзина излегле чудни, вдахновени пророчки зборови. На тоа претскажување, кое било како кадило на темјан, кон Бога, Пресветата Дева возкликнала:
“Душата моја го велича Господа, и духот мој се зарадува во Бога, Спасителот Мој, зашто Тој милостивно погледна на смиреноста на робињата Своја, зашто, ете, оддсега ќе ме ублажуваат сите народи!“
Целото духовно величие, во кое ја облече Елисавета, откако ја нарече благословена меѓу жените и Мајка на Господа, тие зборови се однесуваа кон Него, Единородниот, Великиот, Кој и ја даде таа милост, а самата себе да се осеќа само како вообичаен спроводник за разоткривање на Неговата слава. Целосната нејзина духовна храна исцело се потопува во благодатниот Извор на радост и спасение во Бога, Спасителот свој. Ги отргнала сите помисли за свои лични придонеси, таа исповедува, дека Севишниот ја зачнал понизеноста на Својата робинка – односно таа послужила само во скромното посредништво.
На тој начин ја исповедала Божјата сила, која недостижна дошла на нејзиното смирение, пречистата Дева со пророчки поглед ги гледа преку сите времиња до крајот на светот и преку тоа се гледа себе си со благоговејна почит од страна на сите верни – отсега ќе ме ублажуваат сите народи!
Исповедајќи ја вистината на овоплотувањето на Божјата Семоќност, кој ја направи прекрасен Божји кивот, со истото смирение таа додава – бидејќи Силниот ми направи големо нешто, и свето е Неговото Име!
Настанот кој доаѓа, не само со неа, но кој е и над целиот Израел, зашто со доаѓањето на Спасителот се исполниле старозаветните очекувања на избраниот Божји народ. Таа признава, дека Божјата милост се излива над сите, кои се плашат од Него, чии срца се исполнети со страв Божји, кои благочесно живеат и Неговата милост е од род во род за оние, кои се бојат! Таа Божја милост сега се дава не само на неа, туку преку неа на целиот Израелски народ.
Се открива преку јавувањето на Спасителот на земјата милоста Божја и и’ се напомнуваат на пресветата Дева изминатите старозаветни настани и таа, озарена од познатите Писанија, на кратко се потсетува за целата историја на богоизбраниот народ – Тој ја покажа силата на Својата Десница; ги распрсна оние, кои се гордеат со мислите на своето срце; ги симна силните од престолот а ги воздигна смирените; гладните ги исполни со блага, а богатите ги испрати без ништо! Таа крепка Десница Божја, ги разрушува сите аддски замисли кон Божјиот народ, насочувајќи им ги нивните стрели против самите себе а штитејќи ги премудрите и спасителните Свои цели. Целото Писмо, кое таа добро го познавала, е исполнето со безброј примери. Изведувањето на Израелскиот народ од Египет и населувањето нивно во Обеќаната земја, Господ нели го посрами фараонот и хананејските цареви, а го издигна во царско достоинство понижените робови од Авраамовото потекло!? Нели го хранеше во пустињата со мана гладниот Израел и нели ги насити со сите земни блага, откако го насели во земјата, каде што тече мед и млеко!? Потоа, нели го понижи погордеаниот Саул, а му го даде царскиот венец на смирениот Давид!? Нели го остави само со две поколенија погордеаниот пред татка си Ровоам!? Нели го примора Аман да се поклони пред презрениот од себе Мордохеј и нели тоа се го испита, што го приготви за Мордохеј!? Силни светски држави: Вавилон, Персија, Македонија, Рим – ги надмина во нивната мудрост, погордеани од својата сила, се растурија како тврдини правени со глина од детска рака, не пишуваше ли со невидлива рака за судбината нивна по зидовите: “Мене, текел упарсин!” – додека смирените верни ги издигна до височината на Божјата слава исполнети со големи духовни блага! Кога Божјиот народ се откажа неблагодарен и недостоен за даденото му доверие, и тој беше казнет приложувајќи голем плен.
Ја осетил силата на многу завојувачи, и надежтта во Божјата помош ја изгубил, и кога веќе се осеќаше, дека Бог дигнал рака од Својот народ, нели веднаш се појави, смекнувајќи го својот грев, повторно го прими Израилот под својата татковска заштита и ги исполни Своите ветувања, дадени на Авраам и на другите праотци!? И го прими тоа, што не примал во најпристапните времиња, имено – влезе во најтесното општење со него, откако прими тело и крв од семето Авраамово! Таа Божја блискост кон Израилот, докажа дека не само што не беше отврлен од Бога поради многуте гревови, туку беше удостоен да даде и Месија, да Го виде во својата средина, пресвета Дева се оддава единствено на Божјoто милосрдие, кое не само што се потсетило, туку и се исполнило, кое беше ветено на праотците – го зеде под закрила Израилот, Своето дете, откако си спомна за милоста, – што им говореше на нашите отци, – на Авраама и неговото семе во сите времиња.
Ете колку историски осврт дале зборовите на благодатната Марија, со кои таа одговорила на поздравот на Елисавета, и колку богат и религиозен осет се крие во смислата на нив.
Тоа величење на Мајката Божја е првата боговдахновена поетска песна на христијанското време, влегла во составот на црковното богослужение уште во првите векови на христијанството. Со тоа величење отпочнува деветата песна на секој богослужбен канон. Составувачите на каноните од благоговејност кон Мајката Божја не смееле да одземат или да додадат ништо од себе. Св. Козма Маумски само ја збогатил со продолжувањето “Чеснејшују херувим”.
Од тие размислувања ни се разјаснува во какви свети поучни и благоговејни разговори го поминувале времето двете богоизбрани роднини, какви чисти размислувања и воздигнати чувства ги бранувало. Пречистата Дева и кажувала на Елисавета се подетално за средбите и разговорите со Ангелот во храмот, за добиената од Ангелот ситост, за благата вест од Архангелот Гаврил, а научила од нејзе како се случило со Захариј во храмот. Тоа ги воздигнало, кое било за сите необјаснива тајна, да би ја објасниле причината за онемувањето на Захариј и тн. Биле убедени, дека навистина Господ е со нив!
Какви чудни совпаѓања ги пратеа двете плодоносни жени! Доаѓа Архангелот Гаврил, но не кај Елисавета, туку кај Захариј, бидејќи тој ќе биде татко по тело на синот на Елисавета. Исто така Архангелот Гаврил доаѓа кај Марија, но сега не кај Јосифа, а се јавува и нему, дека без маж ќе го роди Словото. Во благовестието свое Архангелот му вели на Захариј: -не плаши се, Захариј, твојата молитва беше слушната (Лк.1:13), а на Марија пак вели: Не плаши се, Марија, ти најде благодат пред Бога. Архангелот му ветува син на Захариј, ветува Син и на Марија. Захариј не поверувал на ветувањето и онемел. Пресветата Дева, дала завет пред Бога за девичанство, и затоа со страхопочит прашала за начинот на зачнувањето, без да се сомнева во Божјата сила, благоговејната нејзина вера во настанот на ангелското благовестие ја вдахнало во длабокомисловно величие и неземна радост.
Деновите се нижеле еден по друг. Неосетно протекле три месеци. Се наближувало времето кога Елисавета требало да роди. Имало кој да и помогне. Затоа благодатната Дева Марија се вратила во Назарет.
Денес Захареевијот дом е сехристијанска светиња. Во градот Јута, каде што се родил Св. Јован Претеча, ред на светли спомени се опишуваат за средбата помеѓу Елисавета и Марија. Куќата на Захариј и Елисавета е изградена во голем католички манастир со великолепна црква. Помеѓу смоквите протекува бистар поток, наречен Извор на Дева Марија. За време на тримесечниот престој Дева Марија доаѓала тука за вода.
З б у н е т о с т а н а Ј о с и ф а
По враќањето на преблагословената Дева Марија во Назарет трагите од богоовоплотувањето постепено станувале видливи. Ги забележал и Јосиф, кога се вратил во својот дом од Капернаум. Како што забележуваат Св. Отци, во почетокот не знаел за тајната на вочеловечувањето на Спасителот. Тој не ја знаел – вели Св. пророк – тајната, што се случувало со Марија, незнаел како чудесно самиот тој ќе постане служител, не знаел, дека примената кај него Марија ќе Го роди Претскажуваниот од пророците Христос. Можам да си претпоставам каква духовна збунетост настапила во неговата душа, кога се вратил во домот свој, ја затекол поверената му непорочна Дева тешка! Бура од сомневања ја растргнувале неговата душа. Се загледувал во доверената му Дева и неможел да си поверува на своите очи. Почнал да размислува за многу нешта. Му се причинувало дека сонува, такво нешто тој не очекувал ниту на сон да доживее. За доживувањето тој го прашал и небото и земјата, но одговор од никаде не доаѓал. Обземен од страшно душевно бранување, тој почнал да мисли, дека таа била “бракооткрадена” како што пее една црковна песна. За целомудрото и љубонаклонето срце на Јосиф ништо не можело да биде помачно од таа глетка. Св. Димитриј Ростовски, всадувајќи се во неговата душа, ја опишува неговата состојба: “Кој може да очекува, дека истата таа Отроковица, која беше воспитувана грижливо во храмот; која се одликуваше со таква длабока смиреност, благочестивост, која покрај заветите пред свештениците да стапи во брак, даде завет за доживотно девство, одеднаж се покажа непразна!”
Што да правам? Кон кого да се обратам, кој ќе ми каже? Од нејзе самата ли да побарам објаснување? Но зошто да ја распрашувам? Гревот е очевиден! Зошто пак да ја измачувам со распрашување, кога таа и бездруго сама се измачува во својата положба?! Но дали не се лажам се прашал самиот себе добриот старец – да не би пак погрешил преку сомневањето мое во нејзината целомудрост? Колку и да сакал да се лаже во случајот, фактите го убедувале во непријатна намера. Мрачни мисли го опфаќале и тежок камен во разочареност го претискало неговото срце.
Марија што станува со тебе? – го опишува Светата Црква, неговото разбранување. Што си направила? Гледам и неможам да верувам, се чудам и се ужасувам! Место чест, ми носи страм, наместо радост – тежина, место похвала – укор! Како ќе се појавам пред луѓето, како ќе ги погледнам? Те примив од рацете на свештениците чиста како гулабица, а што гледам сега?!
Во истото време Пречистата Марија гледала што се случувало со Јосифа, колку што повеќе размислувала толку појасно ја чувствувала неговата состојба. Таа ја знаела неговата доброта, но без Божјо укажување не смеела да му ја открие тајната на благовестието. Посматрањето на Јосифа, која таа добро го забележувала, ја наведувало да се срамува во своето непорочно срце, каде што се завивало сострадање. Но покрај сето тоа таа не си дозволила да ја издаде Божјата тајна!
Пречистата Дева молчела, ни вели Св. Јован Златоуст, зашто се плашела, наместо да го смири својот обручник, повеќе би го огорчела, ако му каже за невообичаениот настан и со тоа може да го наведе на помисла, дека се обидува да се оправда од својот грев. Кога самата таа, кога ја слушнала од Ангелот благодатната вест, се оддаде на човечки размислувања и прашала: “Како ќе стане тоа со мене, кога јас не знам за маж?” – колку повеќе би се посомневал Јосиф, кога би го слушнал расказот нејзин?! Затоа таа не смеела да ја каже тајната на благовестието. Навистина таа ја споделила својата тајна со Елисавета, таа тоа го направи бидејќи нејзината тајна веќе беше откриена на Елисавета од Светиот Дух и Тој Самиот зборуваше преку устите на двете возрадовани жени. Ако токму сега таа му кажеше на Јосиф за тајната, тоа ќе беше човечко или од страв, а не по Божјо укажување. И таа ја притаила својата тајна пред Јосифа, пред кого и било откриено целото срце. Кога немало кон кого да се обрати за совет, освен кон Бога, за Кој и таа и Јосиф страдале, таа ја положила на Него сета своја надеж со тврда вера, дека Тој со својата безкрајна мудрост ќе го избере најдобриот начин да ја ослободи од таа тежина. Молкот, бидејќи и Самиот Господ молчел, и се чинело неопходно, па затоа и таа молчела.
Во такви душевни страдања поминувале извесно време и двајцата и така предвреме станале соучесници со идните страдања на Спасителот на светот. Во страдањата Пресвета Дева се зацврстувала духовно и духовното величие се порамнувало со неискажаната Нејзина висина, висина на Мајка Господова. Тегобната состојба на Јосифа послужила да се разоткрие, безукорната негова чесност, и невообичаеното негово добросрдие. Тој непрестано се борел со себе, долго размислувал како да постапи со Марија!
Најпрвин тој имал право да го постави случајот на општествен суд. Мојсиевиот закон предвидувал специјална процедура за вонбрачно раѓање. Таквата суровост била туѓа на неговата смиреност и на големото почитување, кое го имал кон поверената му Девица.
Потоа можел да не обрати внимание на настанот, да продолжи да го носи името сопруг на таа, која ја презрел, дека е бракоукрадена. Но таков однос бил спротивен на неговата чиста совест, таа се спротивставувала од прикривањето на секој престап и од соучество во било каква неправда. Такво нешто тој претпочитувал кога е во согласност со Божјиот закон и сопствената совест.
После долги душевни тегоби и размислувања, тој застанал на третата можност, на која законот му давал право. Решил тајно да ја напушти, откако и даде разводно писмо, во кое да не се спомнува причината за напуштањето. Тука – забележува Св. Јован Златоуст – Јосиф пројавил вдахновена мудрост, што не ја прекорувал и не ја обвинувал Марија, а само намислил тајно да ја остави.
Така, бидејќи не ја знаел тајната на овоплотувањето, праведниот Јосиф според својата добрина човечки се определил да биде понастрана од бременоста, со која ја чувал честта на Марија, ја почитувал строгоста на Мојсиевиот закон, преку мирот и својата чувствителна совест – а Јосиф, мажот нејзин, бидејќи праведен, не сакаше да ја посрами, и намисли тајно да ја напушти (Мат. 1:19). Со тоа дава повод да се постави Божјата промисла за праведноста и стрпливото молчење на Марија, воедно се одбележува и добросрдечноста на Јосифа, каејќи се од обичното човечко чувство, и се така до промислителното, сеспасително Божјо дело. Колку просто и убедливо ни раскажува светиот евангелист:
Но, штом помисли така, ангел Господов му се јави насон и рече: ”Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух; таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Тој ќе го спаси народот Свој од неговите гревови.”
А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господа преку пророкот кој вели: “И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!”
“Штом се разбуди Јосиф од сонот, направи така како што му беше заповедал ангелот Господов и ја прими жената своја. И не се доближи до неа, додека таа не Го роди својот првороден Син и Го нарече Исус.” (Мат.1:20-25)
Овој евангелски текст покажува, дека Божјото Провидение иако ја криела од Јосиф тајната на овоплотувањето, преку целото време ја прателе бранувањата на нејзината праведна душа, неусогласеност со Божествените цели, во тој час се просветил умот на избраникот свој. Св. Јован Златоуст ни кажува, дека Јосиф со никого не ги споделувал своите душевни бранувања и мисли и кога на сон го виде Ангелот, кој му кажа дека тоа е Божјо дело, а Ангелот му се јавил според Божјата порака, бидејќи само еден Бог ги знае тајните на човечките срца.
“Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја; зашто зачнатото во неа е од Духот Свети!”
Преку тие зборови Ангелот му рече: “Јосифе, потомок Давидов, зошто се гневиш? Зошто не се потсетиш на древната непреодна слава на твојот род, туку се вознемируваш од тоа, кое треба да те радува? Иако родот на твојот царски праотец Давид е понижен, од коренот е истргнат, но нели од него ќе произлезе Царот на Славата, Спасителот на светот? Нели тој ќе се роди од Дева? Не бој се да ја примиш Марија, жената своја! Тука Ангелот ја нарекува Пречистата Дева жена на Јосифа, за да го разнесе неговото размислување, дека станала жена на друг маж, туку си останала и понатака негова жена, доверена на него во храмот, обручена за него.
Што значи: да ја примиш, – прашува, Св. Златоуст? И одговара: значи да ја прими во својот дом, што значи дека мисловно веќе ја отпуштил. Таа која ти си ја отпуштил, ти е дадена од Бога, а не од нејзините родители.
“Доста се оптеретуваше со мачни мисли” – така му велеше Ангелот. “Тоа е вистината, и возрадувај се, бидејќи зачнатото во нејзе, кое те вознемирува, нее од човек, туку е од Духот Свети. Таа ќе роди Син, и ќе Го наречеш Исус, бидејќи Тој ќе Го спаси народот Свој од неговите гревови.”
Чудни зборови – воскликнува Св. Јован Златоуст, – кои го надминуваат човековиот разум и ги газат природните закони! Продолжил да му зборува Ангелот на Јосифа, жена ти – според обручението, Дева – според дадениот од неа завет пред Бога, ќе роди Син од Духот Свети, и, ти, макар не си Му роден татко, ќе го застапиш татковото право и ќе Му дадеш име Исус, кое многу Му прилега, зашто Тој ќе го спаси целиот човечки род од гревот и од вечна смрт.
Сето тоа стана, за да се исполни реченото од Господа преку пророкот, кој вели: “ете, девица ќе зачне во својата утроба и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил, кое што значи: со нас е Бог.”
Според Св. Јован Златоуст тоа укажување требало да послужи на Јосифа како раководна нишка во настанот, бидејќи тој не го запамтил детално своето соновидение. Ако ги заборавил зборовите што му ги кажа Ангелот, може да се потсети, откако ќе си спомне по повторувањето на незаборавеното древно пророштво. Тие зборови можеле да ги расеат неговите мисли и сомневања во непорочноста на Дева Марија, бидејќи ги чувал во себе и неправедно расудувал, воедно да го возрадуваат, бидејќи тие покажуваат, дека обручената за него Марија е девица, која без маж ќе роди Месија. Навистина, тие зборови го разнеле секое сомневање. Неговата чиста душа ја примила оваа вест од Ангелот за вистина која немала потреба од никакви докази. Затоа тој “откако стана од сон, направи како што му заповеда Ангелот Господов, и ја прими својата жена”, т.е. ја примил од се срце, со полна љубов, како своја свршеница; со длабока почит, како богопосветена Дева; со благоговеен страв, како Мајка Божја; и со полна подготвеност да и служи, како владетелка на целиот свет.
Пречистата Дева во очите на Јосифа станала од свршеница веќе благословена и благодатна Мајка на Божиот Син, а самиот Јосиф се осеќал недостоен да биде наречен Негов татко. Таа голема слава можела да стане и за двајцата голема опасност за нивното смирение. Затоа против таа имено опасност од човекова гордост, Божјата премудрост дозволила да се провери нивната вера и нивната тврдост.
Првоевангелието по Јакова и Евангелието од псевдонимот на Матеј го прикажуваат настанот со благовестието во согласност со канонизираниот текст од Светото Евангелие по Матеја, произнесувајќи некои деталности, запазени во народното сознание, и нашироко користени од класиците на христијанската Црковна проповед.
Народно реагирање
Видливата бременост на благодатната Марија била забележана и од народот и била различно толкувана. Канонските евангелија не даваат никакво народно реагирање за Мариината непразност, но древнохристијанските први извори го објаснуваат настанот видено од свештенството, книжниците и народот. Тие го наведуваат дадениот од Мојсеј ред и начин за казнување на виновникот во нарушување на светоста во бракот, кој е даден во Броеви 5:11-31, тој бил приложен во настанот со Марија и Јосиф од Првосвештеникот, при кој се востановило полната невиност на пречистата Дева. Прекрасен е во многословието расказот по тој настан во Евангелието под псевдонимот на Матеја, истотака и во Првоевангелието по Јакова, макар е пократок но е поприфатлив и поблизок и по стил и по изложување од канонските евангелија.
Кога беше исполнето праведно-подобното плодоносење на благодатната Дева Марија, предизвика народен оддглас, за исполнетоста на ова изложување, па го приведувам расказот од Првоевангелието по Јакова:
“Книжникот Ана, дошол во посета на Јосифовиот дом и го прашал Јосифа:
-Зошто не доаѓаш веќе на нашите собранија?
Јосиф му одговори:
-Бев изморен од патот и одмарав некој ден.
А Ана, откако се сврте, ја виде Марија, дека таа нее празна. Тогаш истрча кај првосвештеникот во храмот и му рече:
-Јосиф, на кого со доверба ја даде Марија, тешко згрешил.
Свештеникот прашал:
-Што се случило?
Ана одрговорила:
-Девицата, која ја доби од храмот Господов, ја осквернал, и сега е жена, за кое нешто на никого во храмот не кажал.
Вчудоневиден, првосвештеникот извикал:
-Јосиф тоа да го направил?!
Книжникот на Ана и одговорил:
-Испрати некој друг човек за било што кај нив и, откако ќе се врати, тој нака ти каже, дека девојката нее празна.
Отидоа пратеници и дознаа се.
Тогаш ги приведоа Марија и Јосифа пред свештениците во храмот за да бидат судени.
Првосвештеникот рече:
-Маријо, зошто го направи тоа? Зошто ја посрами својата душа и заборави на Господа твојот Бог? Ти, која беше воспитувана во Светињата над Светиите, слушајќи ги торжествените химни, зошто го направи тоа?
Тогаш Марија заплака горко и рече:
-Господ Бог од небесата Кој се’ гледа, ми е сведок, дека сум чиста пред Него и непознавам маж.
Тогаш првосвештеникот се обрати кон Јосифа:
-Зошто го направи тоа?
Јосиф одговорил:
-Господ Бог, Кој, се гледа, Он ми е сведок дека сум чист во секој однос према нејзе.
Првосвештеникот додал:
-Не лажи ме, кажи ни ја вистината! Ти си ја имал тајно за жена, а не си ги известил синовите Израилеви. Зошто не ја приклони смирено својата глава под раката Господова, за да се благослови твојот род?
Јосиф молчеше (Гл.XV)
Првосвештеникот рекол:
-Врати ја девицата, која што ја прими од храмот Господов!
Јосиф горко ронеше солзи.
Тогаш првосвештеникот рекол:
-Морам да ве подложам на обидот со водата по Господовиот закон, така вашиот скриен грев ќе се покаже пред сите.
Првосвештеникот земал од Господовата вода, и му даде на Јосиф да пие, па потоа го испрати во планината, каде лесно може да си ја најде и смртта, во колку беше грешен.
Но Јосиф се врати назад неповреден.
Првосвештеникот и даде истотака и на Марија да пие од водата, и нејзе ја испрати во планината, но и таа се врати неповредена. Целиот народ се изненади, зашто не се откри грев и во двајцата.
Првосвештеникот рекол:
-Господ Бог во вас не откри грев, за кој ве обвинуваат, и јас не можам да ве осудам.
И така ги испрати слободни.
Јосиф ја зема Марија и се вратија заедно во својот дом, исполнети со радост, прославувајќи Го Бога (Гл.XVI).
Така оправдани пред народот и од свештениците во храмот, со душевно спокојство и тивка радост ги поминуваа деновите во очекување на настаните од Божјото ветување – наскоро да Го видат Месијата.
Светото Благовештение
Прв Христијански празник
Светата Црква од својата длабока древнина го востановила празникот за прославување на ангелското благовестие кон Пресвета Дева Марија – Св. Благовештение. Се празнува на 25 Март по стар стил, а по нов на 7 Април. Во тој ден Бог го создал човекот и требало во истиот тој ден да биде востановена првоначалноста во својата чистота и невиност, кој ја изгубил во гревопаѓањето (Св. Атанасиј Велики).
Црковното предание не уверува, дека празникот е востановен уште во апостолско време. За длабоката древност расудуваме од поуките произнесени во денот на празникот од: Св. Григорие Неокесариски (III век), Св. Атанасиј Александриски, Св. Јован Златоуст (IV век), блажени Јероним и блажени Августин. Во петтиот и шесттиот век, како отпор на многуте ереси (лажни учења), кои го понижувале достоинството на Дева Марија, торжествувала Вселенската Црква, каде се утврдила вистината. Во длабокосодржајните стихири, слави, тропари, кондаци, ирмоси и светилни ја прославуваат: Анатолиј Цариградски (V век), Андреј Критски (VII век), Јован Дамаскин (VIII век), Теофан (IX век) и други.
Светата Црква го одбележува како голем Господов празник.
За верните христијани Св. Благовештение е празник со длабока мистична смисла. Тој е почеток на човековото спасение. Синот Божји се овоплотува и се вочеловечува од Св. Дева Марија, слегнува од небесата на земјата, за да се принесе на жртва за исполнување на Божјата воља. Преку крсната смрт на Марииниот Син, таа жртва се принесува за сите луѓе, кои некогаш живееле, денес живеат и во иднина ќе живеат на целата земја; ги опфаќа сите времиња од создавањето на светот до крајот на вековите; ги осенува сите твари со благодатта на сеопростувањето и вечното спасение. Преку самото Благовештение е воспоставено почетното таинство на св. причастие и во него е вековечноста на мистичното влијание врз светот. Телото и крвта на Христа Спасителот, што ја јадеме и пиеме преку примањето на св. причастие, се истакнати како боголепна одежда од телото на пречистата Негова Мајка. Како што ние, преку причестувањето се присоединуваме со вистинското тело и крв на Христа, и Господ не удостојува да постанеме Негови вистински браќа, така и пречистата Негова Мајка, св. Богородица, е и наша Мајка, не само во духовна, туку и во природна смисла.
Со таа цел и по така опишаниот начин се случувало таинственото овоплотување и вочеловечување на Бог Словото. Така, Девицата стана Мајка и Мајката остана Девица. Голема тајна, непрестижен настан! Ангелот благовесник самиот се чуди:
“Архангелот Гаврил беше испратен од небото да слезе на земјата и да ја извести Дева, дека таа ќе зачне. И откако слегуваше во Назарет, си мислеше во себе и самиот се чудеше на чудото: Како ќе се роди од Дева Непостижниот, Кој секогаш Е во висините?! Како ќе се всели во Дева Тој, Кој Го има небото за престол и земјата за подножје?! Тој, кон Кого шестокрилатите серафими не смеат очи да подигнат, Самиот благоизволува и тоа само преку еден збор да се овоплоти од неа! Но тоа се Божјите вистински зборови, што ги кажа на Девицата: – Радувај се, благодатна, Господ е со тебе!“
Радувај се чиста Дево!
Радувај се невесто над невестите!
Радувај се Мајко на животот, благословен е плодот во твојата утроба! (Јован Монах – слава и ниње на Господи возвах, 25 Март).
Светата Црква така го прославува:
“Денес се полагат основите, денес е почеток на нашето спасение и исполнување на тајната, претскажана од вековите: Синот Божји станува Син на Девица, а Гаврил ни го благовестува Божјото благоволение. Затоа и ние со него пееме кон Богородица: Радувај се, благодатна, Господ е со Тебе” (тропар на Благовештение).
“Денес Гаврил благовести на благодатната: Радуј се, невесто над невестите, безмажена Мајко! Не се восхитувај на необичниот мој вид, ниту пак се плаши од мене, зашто јас сум Архангел. Нели земјата ја соблазни Ева, а денес јас Те известувам за голема радост: ќе Го родиш Господа и Девица пак ќе останеш!” (и ниње на литиите на вечерната, 25 Март).
“Денес е радосен ден на Благовестието: Адам се обновува, а Ева се ослободува од направениот грев – Црквата Божја, се востановува! О, таинство! Ангел служи на чудото, и Вишниот Господ се сожали над грешното човечанство” (слава и ниње на стиховните на вечерната, 25 Март).
“Да се веселат небото и земјата, зашто Непресушниот и Безпочетниот и сопрестолниот Бог се всели во Девица!“
“О, чудо! Бог слегува меѓу луѓето. Оној Кој што престолот не Го собира се вселува во Дева, Кој од секогаш од вековите се раѓа во од себе определено време – големо таинство!“ (Јован Монах, слава на литиите на вечерната, 25 Март).
РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО
“Дева денес Го раѓа Оној што постоел од секогаш и земјата на Недостапниот пештера Му принесува. Ангелите со пастири Го прославуваат, а мудреците со ѕвездата патуваат, зашто поради нас се роди Дете младо, Предвечниот Бог”. (кондак на Рождество).
За раѓањето на Христа зборуваат двајцата евангелисти.
Св. евангелист Матеј ја потцртува теинствената страна – безсеменото зачнување од Светиот Дух: “А раѓањето на Исуса Христа стана вака: по свршувачката на мајка Му Марија за Јосифа, уште пред да се состанат, се виде дека е тешка од Светиот Дух” (1:18).
Св. евангелист Лука го опишува раѓањето во времето, епохата, земјата, градот, местото и настаните со Него кој се случуваат:
“Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за време управувањето на Квириниј со Сирија. И одеа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше зачнала. А кога беа таму, нејзе и дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата.
Во тој крај имаше пастири, кои престојуваа во полето и чуваа стража ноќе кај своето стадо. И ете, ангел Господов застана меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се исплашија многу.
А ангелот им рече: ‘Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли’.
И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: ‘Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!’
Кога си отидоа онгелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: ‘Да појдеме во Витлеем и да видеме тоа што се случило, што ни го соопшти Господ’. И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф, со Младенецот кој лежеше во јасли. А штом видоа, соопштија за се што им беше речено за Тоа Дете. И сите, што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите. А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бога за се’ она што чуја и видоа, како што им беше речено.” (Лк. 2:1-20)
Напишаната скромност, со спокоен тон и благородна содржина на таа евангелска повест ја дава основата, дека во неа богоозарениот евангелист го опишува расказот од св. Богородица за раѓањето на Спасителот. Мајките секогаш се најточните природни историчари за детството на своите рожби. Изложеното на св. Лука носи проповед на женско кажување преку кое го нагласува карактерот на Мајката Божја. Секоја друга Мајка би дала простор при опишувањето на својата рожба на секоја вообичаена случка од животот како нешто исклучително. Но кај скромната Мајка Божја, такви преувеличувања не се присутни. За неа секое величење се слива со сознанието, дека нејзиното Дете е Божји Син. Таа не преукрасува, се’ чувала за Него во своето срце. Содржината на текстот објаснува дека само на св. апостол Лука, еден од Господовите ученици, кој синовски се грижел околу нејзе, му доверила некои деталности од детството на Учителот. Од скромност таа не му раскажала за поклонувањето на мудреците.
Тоа го прави св. авангелист Матеј:
“А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во времето кога царуваше Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа:
‘Кад е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме’.
Штом го чу тоа, царот Ирод се вознемири и цел Ерусалим со него. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници народни, ги праша:
‘Каде ќе се роди Христос?’
А тие му одговорија: ‘Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу владетелствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач Кој ќе го пасе Мојот народ – Израил’. (Мих.5,2;)
Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и го дозна од нив времето кога се појавила ѕвездата, па, испраќајќи ги во Витлеем, им рече: ‘Одете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да дојдам и јас да Му се поклонам.
Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре одозгора, каде што беше Младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие многу се зарадуваа со голема радост.
И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; потоа ги отворија своите ковчежиња, и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна. И откако на сон примија вест да не се враќаат кај Ирод, по друг пат заминаа за својата земја“. (Мат.2:1-12)
Првоевангелието по Јакова ја опишува во тој настан целата вселена. Откако ја сместил во една пештера Марија, и го оставил својот син околу неа, самиот Јосиф отишол да побара и да доведе некоја баба од еврејскиот род. “И ете, јас Јосиф, како што одев, одеднаш застанав. Ги подигнав своите очи нагоре и видов, дека воздухот беше замрел. Погледнав повисоко кон небото и видов се’ беше застанато и тивко. Птиците, кои беа летнале кон небото, во својот лет беа застанати со раширени крила. Ги свртeв очите свои кон прозорците на една фурна и ги видов фурнаџиите над месното корито, наведнати над местото со неподвижни раце. Тие кои месеа, беа застанати да месат, тие кои го разнесуваа тестото и го обликуваа лебот, стоеја и гледаа нагоре. И ете,, овците, кои минуваа беа застанати во движењето; овчарот, кој беше дигнал рака да ги потера со гегата – раката му беше застаната во воздухот. Кога погледнав кон реката, видов кози со главите наведнати, устите им беа отворени, а не пијат вода. И по кратко, во еден миг се’ отпочна со нормален одд. (гл.XVIII)
Голем настан! Бог слезе од небото на земјата, постана човек и меѓу луѓето заживеал!
И друг пат Господ слегувал да ги поправа грешките на луѓето:
-Во рајот, кажувајќи ја праведната Своја пресуда и наводно ветувањето дека “семето на жената ќе ја згази главата на змијата”
-За време на потопот, за целосното истребување на човештвото од гревот, при рушењето на Вавилонската кула и пореметувањето на јазиците, за полагање основата на живата Црква, во која сите со едно срце и една душа вистински ќе служат на Единиот Бог;
-Во откровенија и знаменитости на пророците, со гром и молња на Синај, и секогаш со една цел: Да го приготви патот кон Христа!
За тоа, – учи св. Амфилохиј – биле посебни, кратко трајни јавувања. А сега слегува почетокот на продолженото општување, на вечно осиновување со Бога на сите, копнеејќи по Бога.
Кога тоа се случува, во какво време? – “Во тие дни” (Лк.2:1), кога властта на многубожачкиот цар се простирала над целиот тогашен свет, човечкиот род беше тргнал во безаконие и гревот го покривал лицето на Земјата; кога завршувало исполнувањето на Даниловите седмици, од времето кога излезе законот за обновувањето на Ерусалим, до Христа, . . . и ќе се врати народот и одново ќе се изградат улици и ѕидови, но во тешки времиња. И по шеесет и двете седмици Христос ќе биде предаден на смрт и суд нема да има: а градот и светилиштето ќе бидат разрушени, опустошени . . . а на крилото од светилиштето ќе настапи мерзост на опустошувањето и крајот на предопределената погибел ќе го постигне опустошителот (Дан.9:24-27). Црковните толкувачи ги објаснуват Даниловите седмици. По Вавилонското ропство биле издадени три закони за обновување на Ерусалим: Од Кир Персиски во 127 година, и од Артаксеркс во 295 и во 308 година од оснивањето на Рим. Така по даниловите седмици, сите оние израелци кои правилно го разбирале св. Писмо го следеле времето од доаѓањето на Месијата и веќе нестрпливо Го чекале.
Родното место на Месијата е претскажано од св.пророк Михеј: “И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој ќе владее во Израил и чие потекло е од почетокот од вечноста” (5:2).
Најпрво било вкоренето во сознанието на еврејскиот народ пророштвото за доаѓањето на Месијата од пророкот Валаам, “маж со отворени очи”, пред моавитскиот цар Валак: “Ќе му покажам, но не сеуште, го сакам но не одблиску: Изгрева ѕвезда од Јакова, и се издига довек од Израилот” (Броеви 24:15-17).
Древните масорети го знаеле тој текст дека се однесувал на Месијата, се претпоставува како појава на Ѕвезда. Од најстарите времиња доаѓањето на Спасителот се поставувало во некаква таинствена врска со природните промени на опходот на небесните тела и во основа го покажуват времето. Верувале дека Месијата ќе дојде после долги бурни години, и како знак, на небото ќе се појави нова ѕвезда, која ќе го најави Неговото раѓање. Тешко е да се определи потеклото на тие преданија. Јудејските рави сметат, дека Самиот Бог им дал такво откровение на древните патријарси, кои ги прателе промените на ѕвезданото небо. Тоа предание го прифатиле и други народи. Древните источни народи ги препишувале тие преданија на своите научници: персијците и халдејците – ги препишувале на Зороастра, кинезите – на Конфучиј, и тн. Какво и да е објаснување кое се дава, важно е, дека тој бил присутен и бил широко распространен низ различни народи, поделени еден од друг со иљадници на километри.
Кога наближило времето предречено од пророкот Данило, св. Дева Марија да го роди својот Единороден Син, жителите на целиот Исток, особено јудеите, биле разбранувани во очекување на големи промени во светот. Светониј и Тацит со исти зборови известуваат, дека по целиот Исток се говорело за древното пророштво, според кое дошло времето јудеите да го завладеат светот. Но никој од тие народи, освен јудеите, не смееле да тврдат, дека Месијата ќе дојде од некој од нив. Во Европа Го очекувале од Исток; Во Индија и Кина од Запад; но под Исток и Запад сите ја подразбирале Јудеја. Се разбира дека кинескиот импреатор Минг Ти, испратил во Индија пратеници да научат, што се знае таму за доаѓањето на Светиот, Кој според преданијата требало да се појави на Запад.
Обединувањето по скиптарот на Рим на сите тогашни народи било дело на Божјата промисла. Тоа објаснување не било за сите подеднакво, некои сметале дека е подготовка на востановување на “едно стадо” во едно, вечно, духовно царство на мирот и љубовта. Повеќето биле во исчекување, настаните воделе кон некакво ново единство, дека величието на Рим се градело по Божја промисла. Богодаровани луѓе отворено кажувале, дека римското единоначалие во времето на Август води кон распаѓање на јазичното многубоштво и утврдување на Божјото царство на земјата.
Точната година на Раѓањето Христово тешко се определува поради многуте промени во годините. Христијанските народи денес го примат годино-броењето, востановено од скитскиот монах од VI век Дионисиј Млади. Тој израчунал, дека Раѓањето Христово станало во 754 година од основањето на Рим и го вовел христијанското годишно-броење од Раѓањето Христово, а не од смртта Христова, како што било дотогаш. Покасно астрономското броење го корегирал Дионисиј со седум години и било утврдено 747 година од основањето на Рим како година на раѓањето Христово.
Месецот и денот на раѓањето на Исуса биле востановени врз основа по настаните дадени според евангелието по Лука на следниот начин:
Кога Исус се крстил, бил 30 години (Лк. 3:23).
Крштевањето Негово во Јордан од Јован Крстител станало на 6 Јануари – на оваа дата се празнува од II век, посочено од современици очевидци.
Исус бил шест месеци помлад од Јован Крстител (Лк.1:13-26).
Зачнувањето на Јована се случило веднаш после јавувањето на Ангелот во храмот на Захариј. Служењето на Захариј во храмот е потврдено помеѓу 2 и 9 октомври 746 година од основањето на Рим. На 10 Октомври Захариј можел веќе да биде слободен од чредност и тој ден Елисавета била зачната.
Во шестиот месец од зачнувањето на Елисавета (Лк.1:26), и според најстарото предание станало зачнувањето на Господа од св. Дева Марија, кое се определува на 25 Март 747 година од основањето на Рим. Кога ќе се продолжи броењето од тој ден – девет месеци, колку што е плодоносењето на човекот, се доаѓа до датумот 25 Декември во 747 година од основањето на Рим, која се прифаќа за раѓањето на Исуса. Тоа се совпаѓа со јудејското предание за раѓањето на Месијата, кое требало да се случи во месец Кислев – деветиот месец на годината по еврејското броење, кој се однесува на месец декември по христијанското годишно броење.
Заповедта за пребројувањето на населението во Римската империја, издадена од императорот Октавијан Август, го вознемирила нормалниот живот во домот на Јосифа, кои веќе го очекувале раѓањето на Младенецот Исус.
Таа заповед предвидувала целосно пребројување на сите жители во империјата. Не објаснува детално што се барало се во пописот и која била целтта – дали се сакало ново, потполно, поправилно уредување поради данокот, или пак за поправилно административно распределување со оглед на бројот на населението.
Според заповедта секој граѓанин требало одново да го запише своето семејство во фамилијарните спискови од своето поколение. Пресвета Дева Марија немала браќа ниту сестри и како единствена претставителка на семејството на Јоаким била повикана на пребројување со мажите. Требало и таа лично да оди во Витлеем, да се запише. Таа и Јосиф живееле во Назарет Галилејски. Но тие, бидејќи и двајцата произлегувале од Давидовиот род, кои ја населувале Јудеја, требало да одат и да се запишат во Давидовиот град – Витлеем, каде Давид се родил и бил помазан за цар.
Чудни се Божјите дела! Големиот и горд во земното свое величие – римскиот император, со издавањето на заповедта за пребројување сакал да ги постигне своите земни цели, но со тоа, без да насетува, се проследува Божјата волја за исполнување на премудриот Божји план. Со заповедта тој ги повика Јосиф и Марија во Витлеем, за да се исполни волјата на Небесниот цар! Тие дојдоа тука, каде се чува родословието на Давидовото колено, и името на Исус, пред Кого се поклонува се што е небесно, земно и подземно, било запишано во текстот за вообичаените поданици на римскиот властелин! Првото докажување е, дека Христос дошол не да разруши, туку да го исполни законот.
Патот од Назарет до Витлеем бил повеќе од три деноноќија, а особено отежнат за старецот Јосиф и непразната Марија. Најдобро за нив било тие да не одат никаде, туку да останат во Назарет и да го дочекаат раѓањето. Но и покрај тие тешкотии, тие ја исполнувале заповедта, затоа што го почитувале родот и законот. Јосиф се надевал, дека брзо ќе завршат работа во Витлеем и, откако “ќе го дадат царевото на царот” ќе успеат да се вратат во Назарет, за да “го дадат Божјото на Бога”. Во исто време тој се сомневал дали може со тешкотијата на Марија и со големиот прилив на луѓе, навреме да се запишат. Со таквите бранувања тој ја оседлал ослицата, ја качил Марија, го зел со себе Јакова и тргнале за Витлеем.
Долгиот пат, а особено состојбата на света Дева Марија, бил заморен. Кога наближиле до Витлеем, на еден крстопат таа слегла од ослицата да одмори и седнала на еден камен покрај патот. Во подножјето на каменот извирала вода. Тој камен до денес е зачуван и му посочува на поклониците докази за големата почит на палестинското население кон предметите, сврзани со светото предание.
Во Витлеем светото семејство се сретнало со големи потешкотии. Малото гратче било преполнето со придојдени луѓе поради пописот. Сите анови, народни прифатилишта биле преполнети со гости. Старецот Јосиф ги обиколил и сите приватни прифаталишта, но и таму било се исполнето. Биле принудени покрив да побараат во околината на градот. Не далеку од источните порти на Витлеем, близу до Давидовиот Источник, во камењарниот планински венец имало просторна пештера. Таа била до нивата на Саломија, роднина на Дева Марија и Јосифа. Во нејзе при лошо време и студ пастирите ги прибирале овците и добитокот. Го складирале и сеното. Покрај големата карпа имало издлабено корито кое служело за јасли на животните. Тука во ладната ноќ св. Дева Марија и Јосиф нашле подслон за себе и за очекуваниот Младенец.
Раѓањето. Во истата пештера во зимната ноќ на 25 Декември, додека Јосиф барал некоја жена – еврејка, да помогне при пораѓањето, пречистата Мајка Божја без ничија помош родила “Родениот од пред вековите од Отца” Свој Син Единороден.
Какво што било чудно Нејзиното зачнување, така необично се случило и раѓањето на Младенецот. Исус се роди како изворна светлина, која го разсеја ноќниот мрак на многубоштвото и го оживотвори светот со светлина на љубов и топлина.
“Света Дева Марија, зачна без маж, роди без болки и ја сочува девственоста на својата чистота. Христос се роди од нејзе, како што плодот се раѓа од дрвото. Помина низ неа, како сончев зрак кој минува низ кристално стакло без да го повреди, правејќи го уште по чисто и силно да блеска. Тоа е Сонцето на правдата – Христос, не Го повреди девството на Својата пречиста Мајка, но уште повеќе ја прочисти и освети со престојот Свој, во Нејзе” (св. Димитриј Ростовски).
После раѓањето Мајката Божја само Го повила Бебето Исус во пелени и Го положила во јаслите. Таа прва Му оддала се од себе, мајчинско богопоклонување: Го нахранила на своите мајчини гради. На нејзиниот скут отпочнува Неговиот престој во светоста.
И само во тие први дни при многуте неудопства на мајката и љубовта не е спокојна од искажаните пророштва. Тие биле и останале за нејзе единствени дни на непомрачена мајчинска радост. Во тој благоговеен трепет и безкрајна љубов таа созерцавала за Слегнатиот на Замјата Бог, Кој бил истовремено и нејзин Син, се соживувала со тоа, кое никогаш никоја мајка не го доживеала и нема да го доживее.
Сведоци на раѓањето на Спасителот во пештерата, покрај Витлеем во ладната декемвриска ноќ, кога луѓето и природата спиеле, постепено – реално и символично – се случува: старецот Јосиф, прамајката Ева, Саломија, витлеемските пастири, Ангел Господов и целото ангелско воинство, ѕвездата небесна, мудреците од Исток – целата природа. Евангелијата го прикажуваат тој факт накратко и остават простор човештвото да го обработи во неговата неопфатна широчина, и вистински современата тогашна општественост во скромност си го украсува со благочестиви поединости, кои ќе ги приведам, бидејќи ја топлат душата.
Праведниот Јосиф во благоговејно молчење прв се поклонил пред пречистата Мајка Божја и Нејзиниот Син и наш Бог.
Со чудна радост тој го созревал натприродното чудо и наполно се убедил, дека Нејзиниот Син е навистина роден од Дух Свети. Евангелието под псевдонимот на Матеја, го претставува загрижен да најде жена еврејка, која ќе помогне при пораѓањето.
“Што се случува, и ете една жена која слегуваше од планината ми рече: – Каде си тргнал, човече? Одговорив: – Барам баба еврејка. Таа рече: – Ти израелец ли си? И кажав: – Да! Таа пак запраша: – Која е таа која раѓа во пештерата? И кажав: – Свршеница ми е. Таа праша: – Нели ти е жена? Одговорив: – Тоа е Марија, која беше воспитувана во храмот Господов и потоа ми беше доверена мене да се грижам за нејзе. Таа не ми е жена – Духот Свети ја осени. Бабата ми рече: – Тоа вистина ли е? Јас, Јосиф одговорив: – Дојди и види! И бабата дојде со мене.
Таа застана пред пештерата, и ете, светол облак ја исполнуваше пештерата. Бабата се провикна: Ти се прослави денес, душо моја, зашто очите мои видоа нешто несекојдневно: Се роди Спасител на Израилот. И одеднаш облакот исчезна, а блесна друга светлина, многу силна, очите ни ослепеа. Потоа светлината постепено се намалуваше до моментот, во кој Детето се роди и почна да се храни од Марија. И бабата рече: ‘Голем е овој ден за мене, зашто присуствував на невообичаено чудо’!”
На слегувањето од пештерата ја сретна Саломија и и’ рече: “Саломијо, Саломијо, ќе ти кажам големо чудо: денес во пештерата една девица безмажно роди. А Саломија и рече: – Бога ми, додека јас не се уверам дека девојката родила и по раѓањето пак девојка останала, нема да поверувам” (гл.XIX).
Евангелието за детството Исусово, арменската редакција, бабата ја именува по име. Таа била прамајката Ева.
“Откако пак Ева, нашата прамајка, и Јосиф брзо пристигнаа ја видоа преблажената и свата Дева Марија дека веќе беше станала Мајка. Тогаш Јосиф и прамајката Ева кога го видоа тоа, паднаа на земјата поклонувајќи се, благодарејќи на Бога со висок глас и славејќи Го велејќи: – Благословен Си, Господи, Боже на отците наши! Боже Израилев, Кој денес преку Твоето доаѓање Го изврши избавувањето на човекот! Кој што ме дигна, мене грешната Ева, ме избави од мојот грев и го востанови претходното мое достоинство. Сега душата ми ликува, бидејќи се исполни мојата надеж во Бога, Спасителот мој.”
Додека прамајката Ева зборуваше така, таа виде како едно облаче се одели од пештерата и се издигна кон небото. Од другата страна се појави една блескава светлина, која застана над јаслите од животните. И Младенецот дојде легна на мајчина Си града и таа го нахрани. Потоа се врати и седна во јаслите. При таа глетка Јосиф и прамајката Ева Му воздадоа слава на Бога, збунети се восхитуваа на чудата, кои се случуваа пред нивните очи. Се прашуваа помеѓу себе со чудење: “Навистина, кој слушнал или видел нешто слично, она што се случува сега пред нашите очи!”
Прамајката Ева влезе во пештерата, Го зема во своите раце Бебето, Го прегрна и Го милуваше, славејќи Го Бога, зашто детето беше во неопишана убавина, со зракоозарен вид и духовно процветано. Откако Го пови во пелени, таа Го стави во јаслите покрај добитокот и излезе од пештерата. Надвор веќе беше Саломија, која дојде од Ерусалим. Прамајката Ева застана и и’ рече: “Ти соопштувам важна и радосна вест: во таа пештера, една девојка без брачна врска роди Син.”
Од овој чуден настан е земена идејата, дека Дева Марија е новата Ева, определена да го искупи гревот на првата Ева. Тоа е цврст основен и ценет мотив за Отците на Црквата. “Новата Ева”, за да се уочи првородниот грев, треба себе да се прикаже со сите човечки добродетели. И затоа тука е истакнато како “пример над примерите”, жена со сите совршенства. Светите Отци на Црквата, особено во IV век, фрлат обилна светлина. Св. Амвросиј во полна восхитна нежност во своите напишани страници ја посочува неа за пример на девојките и на сопрузите. А св. Августин тврди, дека таа е пример на чист од грев, праведник.
Со присуството на Саломија, црковното предание во апокрифните текствоти сака да го потврди девството на св. Дева Марија, сочувано и после раѓањето. Известена од прамајката Ева, Саломија пристигна во пештерата и за пројавеното неверие раката и се парализира. Исплашена, таа клекна пред Семоќниот, велејќи: “Боже на моите татковци, спомни си дека сум од племето на Авраама, Исака и Јакова! Не го појавувај мојот срам пред синовите Израилеви, Ти го знаеш тоа – и преку тебе ја примив својата награда”.
И ете се јави Ангел Господов и и’ рече: “Саломијо, Саломијо, Господ те слушна. Пружи ги рацете кон Детето, земи Го во своите раце и речи: “Паѓам пред Него на колена, зашто голем Цар се роди денес во Израилот.” Саломија направи како што и рече Ангелот, и веднаш се излечи и оправда, и излезе од пештерата. И ете се чу глас, кој и рече: “Саломијо Саломијо, не раскажувај на никого за ова големо чудо, додека Детето не влезе во Ерусалим.”
Понатака, во канонските евангелија Саломија се јавува како почитувателка на Исуса и Негова последователка за време на Неговото општење и служење, како и една од жените мироносици (Марко 15:40; 16:1-8).
Ангелите први пошироко го огласуваат настанот. Најпрвин еден Ангел Господов се јавил на витлеемските пастири и им ја соопштил големата радост за сите луѓе – дека се родил во градот Давидов Спасител, Кој е Господ Христос и Кого ќе Го најдат во јаслите. Одеднаш после тоа слезе многубројно воинство на небесни ангели кои пееле: “Слава во висините на Бога, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!”
Ѕвездата. Во исто време една голема ѕвезда од вечерта до утрото греела над пештерата со облак, невообичаен настан кое не се случило откако светот светува.
За таа ѕвезда многу порано кажувале во Ерусалим, дека таа ќе го означи раѓањето на Исус Христос, Кој ќе ги исполни Божјите ветувања и не само према Израилот, туку и према сите народи.
Извонредна глетка! Благодатна песна! Но зошто пред пастирите? Зошто се јавува и целото ангелско воинство, кога е доста и само еден Ангел благовесник?
Сите небесни жители се јавуваат и сите ликуваат, зашто ширното небо неможе да го собере восхитот од настанот. Тие биле сведоци и гледале како Началникот на мирот слегува од небото, за да створи мир на земјата. До Неговото јавување на земјата немало мир. Го немало мирот ниту во човекот ниту надвор од него, ниту по земјата, ниту во односот кон небото – насекаде царувал ѓаволот и човечкиот род веќе се оддалечил од Бога. Облаците на Божјиот гнев страшно биле надвиснати над него. И одеднаш што станува? Заборавениот од народот – Бог, слегува при нив, им дарува мир, излива над нив љубов и милосрдие! Ангелите сето тоа го гледаат, се чудат, се радуваат и во благоговение воскликнуваат: “Слава во висините на Бога и на земјата мир, меѓу луѓето добро благоволение!” – восхитно радосно!
Така, не во Ерусалим – кој спие, туку на будните пастири, кои бдеат, Господ ја открива спасителната Своја тајна; под отворено небо се слави раѓањето како знак, дека радоста на спасението изгрева не само за Израилот, а ја озарува целата вселена.
Пастирите први од жителите на земјата го виделе чудото, кое се случило, но не доволно го разбрале. Веднаш по ангелското објаснување, тие станале првите благовесници за раѓањето на Спасителот. Тие биле пастирите, чии стада ноќевале на половина час од Витлеемската пештера, во колибите околу Едером. Тие биле четири. Црковното предание ги зачувало имињата на тие пастири и нивните имиња биле: Мисаил, Ахиил, Кириак и Стефан. Се претпоставува дека биле од ближното село Беит Сагјур.
Успокоени од зборовите на Ангелот, спомнатите пастири отишле во Витлеемската пештера, да видат што се случило. Тие добро ја познавале околината, лесно ја нашле пештерата, во која несреќните патници од Назарет биле подслонети. И навистина таму виделе необична глетка: сама родилка со повиено новородено Детенце, положено во јасли – Пречистата Дева Марија и Богомладенецот Исус. Смирено на колена Му се поклониле.
На радосното благовестие од Ангелот и ѕвездозрачното видение – пеејќи ангелите во осветлената како ден ноќ, опкружено со бедност и скромност Божествено Дете во јаслите им се видело уште по светло и божествено.
При поклонувањето тие Му принеле се што имале: чиста љубов, силна вера и сесрдечна прослава. И на пресветата Му Мајка и оддале благоговејна почит, откако детално и’ раскажале каква светла ѕвезда виделе на небото и каква ангелска песна се разнела од небесата.
Светата Дева внимателно ги слушала сите чудни случувања, кои се ределе со раѓањето на Богочовекот, таа ги сместувала длабоко во своето срце, и се радувала, дека тие го потврдуваат Божјото ветување и ја утврдуваат верата во Спасителот на светот.
Смирени, пастирите се поклониле повторно на Богомладенецот и на Неговата пречиста Мајка и се вратиле при своите стада, славејќи и фалејќи Го Бога. Со воодушевување раскажувале во деталности на околината за благата вест и за необјаснените чуда, кои се случиле во таа света ноќ.
Мудреците од Исток, се првите помеѓу учените луѓе (научници, јасновидци, астролози) како Валаам и Данил, пророци, а според некои – цареви, кои според новонастанатите природни необични појави, разбрале, дека се родил долгоочекуваниот Цар Јудејски. Св. Евангелист Матеј го раскажува тајното поклонување (2:1-12).
Св. Козма Мајумски во првиот канон на Рождеството Христово во поетски стил го воспева:
Преку огреаната ѕвезда од Јакова: Владико, Ти ги исполни со радост срцата на мудрите ѕвездопроучувачи, ученици и служители на словото на древниот предвесник Валаам, ги прими како први јазичници, исповедувајќи го Христа (IV песна, 2-тропар).
Керката вавилонска ги внесе во својот дом заробените момчиња на Давида, а самата сега испраќа подароци – по мудреците, да се поклонат на Давидовата керка – Дева Марија, која Го роди Бога (VIII песна, 1-тропар).
Вавилон го заплени имотот и богатството на Сионовото царство, а Христос преку царските мудреци, кои ги предводеше ѕвездата, ги привлече во Сион неговите богатства (VIII песна, 3-тропар).
Истиот настан е сочуван во многу осетливи детали и во црковното предание – старите споменици, составени во Сирија, Ерменија и во некои арабски земји, во земјите кои биле економски поврзани со Персија, од каде беа дошле таинствените мудреци.
Древен арабски текст, сочуван во Флорентијската библиотека, ги нарекува мудреците жреци и формално ги присоединува кон иранската религија со нејзиниот познат реформатор Зароастр, на кого се препишува и посоченото пророштво за доаѓањето на Месијата. Го приведуваме во целост тоа место, кое по дух, праведност и благочестие е прекрасно дополнување на канонскиот евангелски текст на св. евангелист Матеј.
“Во времето на пророк Мојсеј имаше еден човек по име Заратустра (Зароатр), кој ја откри науката за магиите. Еднаш, кога седел покрај поток, вдлабочен во обучувањето на своите ученици, кои биле посветени на науката за магиите, во самото зборување тој се поклонил и им рекол:
-Ете, Девица ќе зачне без маж. И ќе роди Син без да се оскверни нејзиното девство, и Неговото благовестие ќе се разнесе по сите краеви на земјата. Јудеите ќе го распнат во светиот град, основан од Мелхиседек. Тој ќе воскресне од мртвите и ќе се вознесе на небото. Во знак на Неговото раѓање ќе видите на Исток една ѕвезда, по блескава од сонцето и од други небесни светила, зашто всушност тоа нема да биде ѕвезда, туку Ангел Господов. И кога ќе ја видите таа ѕвезда, побрзајте и одете во Витлеем. Таму ќе се поклоните на новородениот Цар и ќе Му принесете дарови. Ѕвездата ќе се движи по небото пред вас и ќе ви го покаже патот.”
Таа ѕвезда беше пророчки знак. Има размислување кај некои црковни толкувачи, дека тој Зароастр нее никој друг, туку самиот пророк Авакум, ѕвездопроучувачот.
Ерменската верзија од истиот пишан споменик го кажува точниот број на жреците:
“И веднаш Ангел Господов брзо пристигна во земјата персиска да ги извести царевите – жреци да одат и да се поклонат на новородениот Младенец. И ете, откако беа предводени од ѕвездата девет месеци, пристигнаа во определеното време, во кое Девицата стана Мајка. Бидејќи во тоа време персиското царство царуваше над сите царства, кои беа на Исток. Царуваа тројца браќа: првиот – Мелхиор, царуваше во Персија, вториот – Валтасар, царуваше во Индија, и третиот – Гаспар, ги освојуваше арабските земји. Кога се собраа по Божја заповест, пристигнаа во тој момент, во кој Девицата стана Мајка, во моментот на раѓањето Исусово.”
По натака ерменското евангелие ги опишува скапоцените подароци на мудреците од Исток и разговорот помеѓу Марија и Јосиф, а во сирската редакција, сочувана од Месопотанија – Мосул, и во Лондонското кралско азиско општество, се кажуваат за мудреците дополнителни податоци. Приказот за Ангелот, кој се јавил во вид на ѕвезда, се задржува на кратко и во арабското евангелие:
“Истата таа ноќ Ангелот известувач беше пратен во Персија. Тој се јави најнапред на таа страна во вид на светла ѕвезда, која ја осветли цела Персија. А тоа, се кажува во 25 глава од првиот канон, празникот на Рождество Христово, во Персија се празнувал нивниот голем народен празник, таму биле и поклониците на огнот и ѕвездите. Сите жреци во раскошни одежди, торжествено ја служеле нивната празнична служба, и одеднаш многу силна светлина се разлеа над нивните глави. Сите го оставија празничното торжество и веселба, а жреците ја прекинаа празничната служба, и излегоа да видат што се случува насладувајќи се на таа глетка.
Тие видоа, една силно светната ѕвезда огреана над Персија. По својата светлина таа приличеше на сонце. Тогаш царевите ги прашаа жреците, на нивниот јазик: Каков е тој знак, кој го гледаме на небото? Според пророчките книги, кои беа ги читале, рекле:
„Се роди Цар над царевите, Бог над боговите и Светлина над светлините. Ете и еден од боговите дошол да не извести за Неговото раѓање, да одиме да Му однесеме дарови и да Му се поклониме.”
Тогаш сите управници, судии, генерали, станаа та ги прашаа жреците: “Какви подароци приличат да Му однесеме?”
Тие им кажаа: “Злато, смирна и ливан.”
Тогаш трите цареви престолонаследници, на царот Персиски, земаа од таинствените подароци: Едниот три ливри смирна, другиот три злато, и третиот три ливри ливан. Се облекоа во најскапоцената облека, ги украсоа своите глави со златни круни и ги понесоа во своите раце, подароците.
По кратко време тие ја напуштија својата земја, придружувани од девет мажи, тргнаа на пат, предводени од ѕвездата, која беше се јавила. И Ангелот кој беше го издигнал од Ерусалим пророкот Авакум, кога беше фрлен во јамата на лавовите, истиот тој Ангел, преку силата на Светиот Дух, ги доведе персиските цареви во Ерусалим.
Тргнаа од Персија наутро кога петлите пропеаа, касно вечерта влегоа во Ерусалим прашувајќи ги месните жители: “Каде е родениот Цар, кај Кого дојдовме од далечна земја?”
Од тие чудни гости, ерусалимците многу се вознемирија а некои се исплашија. Кога дозна царот Ирод, веднаш испрати свои слуги, да ги доведат персиските царски наследници пред него.
Тој ги праша: “Од каде сте? И што барате во нашата земја – кого барате?”
Тие рекоа: “Го бараме Царот, Кој се роди во Јудеа, во земјата на Ерусалим. Гласник Божји се јави, та не извести за раѓањето на Тој Цар, ете затоа дојдовме – да Му се поклониме и да Му принесеме дарови.” Голем страв го опфати Ирод пред тие синови на персискиот цар, кои поминувајќи толку долг пат, дошле во неговата земја, да го бараат родениот во Јудеа, Цар.
Самиот Ирод и сите негови блиски многу се вознемирија од средбата на тие царски синови.
Ирод им кажа: “Голема е силата, голем е Тој Цар, за Кого сте дошле да Му укажете потчит. Навистина тоа е Цар, и Цар над царевите. Одете и побарајте Го и, кога ќе го најдете, дојдете и кажете ми, та и јас да отидам да Му се поклонам.”
Впрочем, Ирод беше смислил решение да Го убие Детето, а со него и персиските кнезови, та поради тоа и си рече: “И така, сега целиот свет ќе ми биде потчинет.”
Жреците ја завршија посетата кај Ирода. И кога излегоа, повторно ја забележаа ѕвездата, која ги предводеше се додека стигнаа пред пештерата. Тогаш, си го смени својот вид, таа стана слична на голем светол столб, кој се протегаше од небото до земјата.
Тие влегоа во пештерата и ја видоа Марија, Јосиф и Младенецот, повиен во пелени, ставен во јасли. Му се поклонија, Му принесоа дарови и и’ честитаа на Марија. Јосиф и Марија останаа вчудоневидени, кога ги видоа тие тројца царски синови со круни на главите, тие патници клекнаа во потчинителен поклон пред Новороденото, без да кажат ниту збор пред овој голем настан.
Јосиф и Марија ги прашаа: “Од каде сте?”
Тие им одговорија: “Ние доаѓаме од Персија.”
Марија и Јосиф повторно прашаа: “Кога тргнавте од Персија?”
Тие им одговорија: “Тој ден беше празник. Откако го отпразнувавме празникот, вечерта еден гласник Божји ни рече: “Станете и отидете да однесете дарови на Царот, Кој се роди во Јудеја. Првите петли штом пропеаа, ние откако ги ставивме каишите на камилите тргнавме на пат, а тука пристигнавме денес, околу три часот преку денот.”
Марија зема една од пелените на Исус и им ја даде. Тие ја примија во своите раце со вера, како скапоцен подарок. И кога се пристемни, на седмиот ден по рождеството Христово, Ангел пазител во вид на ѕвезда ги понесе обратно. Тие го следеа Ангелот, разговарајќи по патот за настанот. Вечерта пристигнаа во својата земја.
Персија се возрадува на нивното враќање. Се собраа многу кнезови пратеници како и жреци и ги прашуваа: “Како им поминало одењето и враќањето? Што направивте и што ни носите?”
Им ја покажаа пелената, која им ја даде Марија. Тие ја земаа, направија нешто како магија: запалија голем оган и силно го разгореа, ја фрлија во него Божествената пелена. Таа стана слична на огнот. Потоа, кога го изгаснаа огнот, ја извадија пелената, беше бела како снег и поздрава од порано. Откако ја земаа во своите раце, ја целуваа, и ја ставаа на своите очи велејќи: “Навистина, без никакво сомневање тоа е наметка на Бога над боговите, бидејќи огнот на нашите богови не можеше да ја изгори и да ја оштети. “И така ја сочуваа таа пелена со вера и голема почит.”
Необјаснетите твари и целата природа воскликнаа на Рождеството на Спасителот кои сведочеа за Него. Животните и пештерата Му оддадоа поклонување. Во евангелието под псевдонимот на Матеј читаме, дека “на третиот ден по рождеството на Господа, Марија излезе од пештерата, влезе во едно трло, каде волот и магарето и се поклонија. Така се исполни кажаното од пророкот Исаија: “Волот го познава стопанот свој, и оселот – јаслите на господарот свој” (1:3). Тие животни непрестано Го обожаваа Детето, Кое беше во јаслите пред нив. Така се исполни кажаното и од пророкот Авакум: “Ти ќе се појавиш помеѓу две животни” (3:2 според преводот на Седумдесетте).
Сите Му принесоа по некаков дар: “Секоја твар, создадена од Тебе, учествуваа во прославувањето и Ти принесоа: Ангелите – песна, небото – ѕвезда, царевите дарови, овчарите – чудо, земјата – пештера, пустинските карпи – јасли, ние луѓето Мајка Дева” (4-стихира на Господи возвах на Рождество).
Такви сведоци на настанот, сврзани со Рождеството Христово, сврзани со Давидовиот град, Витлеемската и Јудината планина, и денес се гледаат: по патот за Витлеем – урнатините од домот на Симеон Богоприемецот, кладенецот на трите жреци – оттука ѕвездата ги поведе кон Витлеем, големата карпа покрај патот, каде одморила Мајката Божја.
Во самиот Витлеем пак, величествениот крстообразен храм посветен на Рождеството Христово, од времето на Јустинијан, изграден врз темелите на уште по стар храм од времето на царицата Елена над Витлеемската пештера. Во почетокот ѕидните камења му биле од мермер и мозаик, но од оддот на вековите и историските настани мермерот бил симнат од ѕидовите на христијанскиот храм и бил употребен за украсување на Омаровата џамија во Ерусалим и дворците на халифите. Од двете страни на главниот среден олтар, по петнаесет мермерни степеници се слегува во подземна црква. Тоа е самата Витлеемска пештера, каде се роди Христос, како што стои со латински натпис: Тука се роди Христос од Дева Марија. Мозаиците датираат од седмиот век и се добро зачувани. Неколку чекори понастрана се јаслите – издолженото камено корито, обликовано со бел мермер, каде лежал повиен Богомладенецот. Од спротивната страна на јаслите има друг престол. Тој потсетува на местото, каде св. Богородица ги повикала пастирите и со нив зборувала. Целата пештера има размер во метри – дванаесет на четири.
Голем Господов празник. За овековечување на тој историски настан Црквата го востановила уште од апостолско време големиот Господов празник Рождестото Христово со пет дена претпразнинство и шест дена попразнинство. “Од Апостолски извори” за ден на празнувањето му е определен 25 Декември (ст.стил 7 Јануари). Древното негово празнување е регистрирано од времето на св. Климент Александриски (II век), потоа за празнувањето кажува св. Иполит Римски (III век) и др. Во почетокот на IV век во огромниот христијански храм во Никомидија на денот на празникот Рождество Христово, по заповед на императорот Диоклецијан биле изгорени 20,000 христијани. Значајните црковни отци од IV век, Јован Златоуст, Григориј Богослов, Василиј Велики, Ефрем Сирин, оставиле прекрасни проповеди и беседи за тој празник. Во покасно време надахнатите химнотворци, како Козма Мајумски, Анатолиј Цариградски, Софрониј и Андреј Ерусалимски, Герман Цариградски, Јован Дамаскин, преподобна Касија и други, составиле прекрасни стихири, тропари, кондаци, икоси и канони за богосужението на Рождеството Христово, пред и по празненствата. Централната тема во нив е Големиот искупител Исус Христос. Во некои од црковните песнопевки се спомнува Божјата Мајка се прославува заедно со Божјото Чедо.
Уште во неделата пред Рождеството Христово на св. Отци, Витлеем се припрема да приготви божествени јасли, во кои онаа што не позна маж св. Дева да го роди Бога по тело и да го спаси човечкиот род (II стихира на вечерната). Се величат праотците од Адама до Јакова и од Мојсеја до Давида, пророците од Исаија до Захарија и Јована Крстител, кои се нескршливи столбови на верата, предвесници на новиот Христов завет (Славите на Господи возвах и на стиховните од вечерната). Се ублажува безмажната Мајка и процветаниот од неа Цвет – проповеданиот од пророците – Христос (Канон, I песна – богородичен). Дева Марија раѓа без маж од Светиот Дух во градот Витлеем, Син Божји, собезначално Слово, проповеданиот од пророците Исус – Емануил (Канон на Отците, VIII песна, богородичен).
“Пресвета Дево, сите твари ти се радуваат за раѓањето, со кое Витлеем ни ги отвори повторно вратите на рајот. И ете, одново сите ќе се насладуваме на плодот од дрвото на животот и ќе ти пееме: ти ни ги исполни молитвите, Владичице” (исто во IX песна).
“Весели се Витлееме, подготвувај се, Еуфрате, дека Богородица доаѓа да Го роди во пештера Бога и да Го повие во јаслите. О, големо таинство, чие божествено рождество денес светло се празнува од Авраам, Асаак и Јаков, сите патриарси и пророци, ангели и луѓе” (светилен).
“Се појави Богородица Дева, која пророците од вековите ја проповедаа, мудрите патријарси и соборите на праведниците ја возвестуваа. Со неа ликува и цветот на жените: Сара, Ревека, Рахил и Ана, и славната Маијам – сестра на Мојсеја. Се радува целиот свет, благоговејат сите твари, бидејќи Создателот на се доаѓа да се роди во тело и да не обдари со голема милост” (III стих на хвалите).
“Да се пренесеме во Витлеем, да се издигнеме мисловно и да погледнеме со духовните наши очи како Дева доаѓа во пештерата да Го роди Господ и нашиот Бог” (св. Игнатие Богоносец, ниње на стиховните на вечерната).
“Дева денес доаѓа во пештерата да Го роди предвечното Слово. Ликувај, цела Вселено, прославувај со ангелите и со пастирите вечниот Бог, Кој се јави на светот како мало Дете” (кондак).
“Безневесна Дево, од каде дојде, кој те роди, која е твојата мајка?! Како Го носиш в раце Создателот! О, велики, преславни и страшни тајни, кои ги гледаме, кои се случуваат преку тебе на земјата! Ние од нас ти приготвуваме скромна пештера, небото ѕвезда даде! Мудреците од Исток и Запад пристигнаа да Го видат повиеното во пелени човечко спасение” (21.Декември – Господи возвах на вечерната – Слава и ниње).
“Дојдете да ја воспееме Мајката на Спасителот, која и после раѓањето остана Дева. Радувај се воодушевени граде на царевите и на Бога, во кој откако поживеа, Христос Го изврши спасението. Со Гаврила да ја воспееме, со пастирите да ја прославиме: Богородице, моли Го Овоплотениот од тебе да не спаси” (III – хвалитна стихира на Рождество).
“Ангелски собор те слави, Богородице, и непрестано со песни човечки род те хвали, зашто преку божественото Рождество ти го соедини земното со небесното” (Недела после Рождеството – богородичен IX песна на канонот).
“Крв и оган, и миризба од темјан се чудесата на земјата, кои ги претскажа Јоил. Крвта го означува Овоплотувањето, огнот – Божеството, миризот од темјан – духот Свети, Кој слезе врз Дева, и се облече во облека од светата нова вера. Колку е величествено, Господи, таинството на Твоето вочеловечување – слава на Тебе” (Недела после Рождество, Слава на хвалитни).
“Ангелски сили, дојдете и пригответе ги витлеемските јасли, зашто ете, Словото ќе се роди, Мајката Божја ќе слезе на земјата, Црквата ќе биде основана. За радост кон Богородица и ние сите луѓе на земјата да речеме: Благословена си, роди славно Чедо Божјо” (I хвалитна стихира од преп. Роман Слаткопевец).
“Значењето на Рождеството Христово како настан во човечката историја е огромно. Бидејќи кон кое праотците со голема надеж Го очекувале, кое прорците Го проповедале, а праведниците копнееле да Го доживеат, се исполнило со Рождеството на Синот на Дева Марија. Во какво безумство бевме западнале, ако сонцето од небото би слегло на земјата во мразовиот зимен ден и да ги разбудило за живот полињата и дрвата, цветовите и птичките! Такво чудо би ги поразило сите! Со уште поголема восхид треба да го примиме многу по-големото чудо, слегувањето на Сонцето на правдата од небото на земјата, чии благодатни зраци ги озарува нашите души и срца” (св.Јован Златоуст).
“Со раѓањето на Исус од Дева Марија “изгреа денот на Божјата милост кон човекот. Дојдете, слепи, да примите светлина за своите очи! Пристапете, хроми, да ги окрепнете своите нозе! Побрзајте глуви и неми, да го примите бесценетиот дар на Словото” (св. Ефрем Сирин).
Св. Григорие Богослов патетично повикува: “Поклони се на Рождеството од Синот на Марија, преку кој се ослободи од оковите на гревот! Одади чест на малиот Витлеем, кој те врати одново во рајот! Поклони се пред неопишаните јасли, во кои јасли беше примен дарот на премудрото Слово! Прати ја ѕвездата, приложи заедно со мудреците дарови: злато, ливан и смирна, како на Цар и Бог, кој пострада отпосле, за тебе! Прославувај со пастирите, радувај се со ангелите, пеј со архангелското воинство! Бега ли Христос кон Египет, бегај и ти со Него! Добро е да се бега, гонет поради Христа. Се задржа ли во Египет, повикај Го со богопреданост! Прати Го упорно целиот свој живот, по трагите од Неговиот подвиг! Стави си трнов венец во тешкиот живот за Бога, облечи ја црвената кошула на искушенијата, та да се поклонат пред тебе демоните на вистината! На крајот доброволно распни се со Христа, за да воскреснеш со Него.”
Големо е значењето на Христовото Рождество и како црковен празник. Кој ќе го именува како почеток на сите празници, нема да згреши. Бидејќи според него се раководат сите Господови празници: Богојавление и Велигден, Вознесение и Педесетница. . . Ако Христос не беше се родил, немаше и да се крсти, немаше да има Богојавление; немаше да пострада, немаше да има Воскресение; немаше да ни испрати Свети Дух, немаше да има Педесетница. Така, од празникот на Рождеството Христово, како потоци од обилен извор, се произлезени и останатите Господови празници. Црквата го празнува како празник на сеопшта радост и не упатува кон чист, праведен, богоугоден живот, достоен за родениот “заради нас и поради нашето спасение” Христос.
Со славењето на Христа е прослава и на пречистата Негова Мајка.
Обрезание Господово. Во Витлеемската пештера, според Црковното предание, светото семејство останало четириесет дена. Во текот на тоа време се случиле повеќе настани. Помеѓу другите е исполнет и еврејскиот обред Обрезание и давање на името. Св. евангелист Лука го предава само во еден стих: “А кога се навршија осум дена и Детето тгребаше да Го обрезат, Му дадоа име Исус, како што беше наречено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата” (2:21).
Ништо не се кажува за Мајката Божја, но содржината на настанот обрезание и давањето на името (еврејско крштевање) и тогаш учествувала секоја мајка и се раѓале во душата и срцето истите возбудувања и чувства како и денес. Светиот евангелист не ги опишува, неговата задача е друга, тие се блиски и разбирливи. Особено кога се обраќа внимание, дека обрезанието и давањето име на Витлеемскиот Младенец е многу поразлично од обичното исполнување на тој обред.
Во осмиот ден после раѓањето на Младенецот, осмодневен по Мајка, а безпочетен по Татко, бил обрезан и наименован со името Исус, дадено од Ангелот благовесник (Лк.1:31) и повторено пред Јосифа (Мт.1:21). Себлагиот Бог не зема за срамно да се обреза по тело, но со тоа даде пример и поука на сите.
Обрезанието било свештен обред кај евреите, знак на вечниот завет на Бога со потомството на Авраама, слично на крштевањето во Христијанската Црква. Тоа било како посебен празник на избраниот божји народ, знак за народно првоначалство. Значењето на тој обред се состоело во морална чистота и светост, со кои избраниот народ требало да се одликува од други народи. Го примал првенството преку Авраама (Бит. 17:10-14), законот за обрезание бил потврден на Синај (Лев.12:2-3). Тој празник се празнува и денес од христијанските народи, неговото духовно и морално значење: “Господ, се приложува на обрезание и во благоста Своја ги обрезува човечките прегрешенија, Му дарува спасение на светот. . . “ (кондак на Обрезание).
Со обрезанието и именувањето на име Творецот на законот ги исполнува распоредбите на законот. Тој Го прими чудотворното и спасително име Исус. “Дојдете – повикува Црквата – да го прославиме славното Христово наименување, зашто денес Тој се нарече Исус, зашто е Спасител и Владетел на светот” (VIII песна од канонот на Обрезание).
И навистина целиот Нов Завет не убедува, дека славата на името Негово е по висока од секое име (Фил.2:16), народите се поклонуваат на името Негово (Мат.12:21), мнозина говорат од Негово име (Мат.24:5), хроми проодуваат (Д.А.3:8), преку тоа име, сите се спасуваме (Д.А.4:24).
Празникот обрезание и давање име на Господа, се случило во осмиот ден после раѓањето Негово на земјата, и се приклучува кон празнувањето на Рождеството Христово. Затоа светите Отци на Црквата: св. Амфилохиј, Григориј Велики и Григориј Ниски во своите излагања го нарекуваа овој празник Осми ден од Рождеството Христово.
Сретение Господово
Според еврејскиот закон во четириесетиот ден од раѓањето секоја родилка требало да отиде во храмот да и се прочита очистителна молитва и да го претсави пред Господа своето чедо. Очистителната молитва на мајката била предвидена во Мојсиевиот закон (Лев.12:2-8). Ако роденото било момче, на осмиот ден од раѓањето се извршувало обрезание, а потоа уште триесет и три дена мајката требало да се јави во храмот за извршување на очистителниот обред. За девојче времето било осумдесет дена.
Ако младенецот бил првороден, на четириесетиот ден се извршувале два обреда: еден над мајката за очистување од гревовите, се принесувало и жртва за гревовите едно јагне (поимотните) или две грлици (победните). И вториот – над детето обред за посветување на Бога (Изх.13:2). Тој обред преставувал спомнување на деновите од ропството во Египет, кога Бог, со накажување на Фараонот, дека несакал да го пушти Израилскиот народ да отиде во Ханаан, ги убил сите египетски првородени деца, а еврејските ги поштедил, но распоредил: првородените синови да Му принесат во посветување служба во скинијата. По тој начин, во лицето на еврејските првородени младенци, како идни глави на семејствата, целиот израелски народ символично се посветил да служи на Бога. Кога по наследство за служење во светилиштето било определено Левитското колено, за редовно напомнување на тој призив, према Господа, наредил, првородените од машки пол, при принесувањето во храмот да откупуваат за избавување (Изх.34:20; Броеви 18:15-16).
Во својата богопреданост Мајката Господова ревносно го чувала напишаното во Мојсеевиот закон и затоа во четириесетиот ден после раѓањето дошла во храмот со Богомладенецот да го исполни тој обред, иако како неискусобрачна и непорочна, немала потреба од такво очистување за нејзе. Но во своето големо смирение таа се чувствувала како една од вообичаените жени и го исполнила обредот, предвиден за нив.
Со посветувањето на Младенецот Исус на Бога, се исполни пророштвото на Малахија: “. . .и ненадејно ќе дојде во храмот Свој Господ, Кого Го барате, и Ангелот на заветот, кого вие Го посакувате . . .”(3:1).
Ете како св. евангелист Лука го опишува тој значаен настан: “И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според законот на Мојсеја, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господа, како што е напишано во Законот Господов, дека секое машко дете, кое прво ќе ја отвори утробата, да се посвети на Господа; и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две грлици или две гулапчиња.
А во Ерусалим живееше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек беше праведен и благочестив; и ја очекуваше утехата Израилева; и Светиот Дух беше врз него. Нему Светиот Дух му беше прорекол оти нема да види смрт, дури не Го види Христа Господа. И дојде по вдахновение во храмот. Па кога родителите Го донесоа Младенецот Исус за да го извршат над Него обичајот, според Законот, тој Го зеде во своите раце, Му благодари на Бога и рече: ‘Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си Го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот.’”
А Јосиф и Мајка Му се чудеа на она што се зборуваше за Него. Па ги благослови Симеон и и’ рече на Марија, мајката Негова: “Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и е знак против Кого ќе се говори. А на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца.”
“Таму беше и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, од Асировото колено; и беше многу остарела, а со мажот поживеала само седум години, по моминството свое. Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години и не се отстрануваше од храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва, дење и ноќе. Во тој час пристапи и таа, и почна да Го слави Господа и им прикажуваше за Него на сите, што чекаа спасение во Ерусалим.” (Лк.2:22-38).
Св. Димитриј Ростовски богонадахнато ги опишува возвишените чувства, кои ја бранувале чистата душа на Мајката Божја во храмот при исполнувањето на тие свештени обреди: тој ја гледа и слуша нејзината порака во молитвен занос:
“Оче Предвековите! Ете Го Синот Твој, Кого Ти Го испрати преку мене да го спаси погинатиот човечки род! Ти, Го роди предвековите без мајка, а јас Го родив, по Твое благоволение, без маж! Еве Ти Го, мојот Единороден Син! Ти, единствено знаеш како Тој се роди од мене. Тој е мој Единствен, но Твој, Нај-прв, Единосуштен и Собезначален со Тебе, слегол од Тебе, но останал Неоделен со Тебе. Прими Го сега од моите раце Својот Првенец, со Кого Ти го создаде времето и светот, и заповеда да биде светлина (Бит.1:3). Прими Го овоплотеното преку мене Слово, преку Кого, Ти ги утврди небесата, создаде сува земја собирајќи ја во морето водата под небото (Бит.1:8-9). Прими Го Својот Син од мене, земната Негова Мајка! Направи за Него и мене според Својата воља, и нека преку Неговото Тело и Крв се спаси од грев целиот човечки род!”
Додека св. Дева Марија се молела така во храмот, Духот Свети дејствувал на праведниот Симеон надахнувајќи го, му открил Кој е Тој Младенец. И, воден од Светиот Дух, Симеон дошол во храмот, се приближил до Пречистата дева, Го земал во своите раце Младенецот Исус, му ја бакнал Неговата Рака и ги кажал безсмртните зборови, кои ги знаеме од евангелистот и ги повторуваме на крајот од секоја вечерна богослужба. Со тоа праведниот старец благодарил на Бога, дека се удостоил да Го виде Спасителот на човечкиот род.
Долго Те очекував, така говореше Симеон. И ете настапи блажен час, кој Ти, Владико на животот и на смртта, ми претскажа. Веќе нема зошто да ме држиш повеќе на земјата, како и јас нема што повеќе да чекам од животот. Ја постигнав својата главна цел. Те видов и веќе можам да си одам, да се приберам кај татковците, да си починам! Го видов Тој, Кого многу сакаа да Го видат нашите патријарси. Не сум јас поблажен од нив? Не сум по блажен од нашиот татко Авраама, кој тука, на планината Морија, Го виде само образот на Твојот Христос (сп.Бит.22:1-18), по блажен од големиот законодавач Мојсеј, кој од планината Навав (Втор.32:48-52; 34:1-5) го виде од далеку местото, каде Ти ќе се родиш? А јас во рацете Го држам не образот, не сенка, туку самото “Спасение, кое си Го приготвил пред лицето на сите народи!” О, да можеа сите луѓе да Го познаат, дека Тој Младенец е Истиот, за Кого, Ти Боже, ни кажуваш преку устата на Твојот пророк: Те видов, и ќе Те поставам завет за народите, светлина на јазичниците (Ис.42:6), ќе Те направам светлина на народите, за да се прошири Моето спасение до краиштата на земјата (49:6) не само на Твојот народ Израилски, туку над целиот човечки род.
О, Себлаги Отче на светлината! Пред престојаната за мене темнина на смртта јас ја гледам Твојата спасителна светлина. Таа изгреа тука и ќе го огрее целиот свет, ќе ги озари сите народи, ќе го разнесе мракот на многубоштвото и ќе Те осветли Тебе, Вистинскиот Бог и Спасител, Кој произлегува од Твојот народ, ќе послужи за слава на Твојот народ Израилски. Народите од сите страни, од изгревот на сонцето до неговиот заод, одсега и довека ќе ги ублажуваат нашите патријарси, кои веруваа во доаѓањето на Искупителот; ќе ги прославуваат пророците, кои го претскажуваат Неговото доаѓање, ќе ја фалат и прославуват светата Ти Мајка; високо ќе Го почитуваат Јехова, и Твојата Божествена и вечна слава. Ти, Владико Господи, јас сега Го гледам и Го осеќам животот и светлината на целиот свет, славата на Израилот и утехата на сите верни. Чувствувам, од кога Го притиснав тоа Скровиште до моето срце, јас се соединив духовно со Него и за мене тој земен живот сврши и започна нов, безкраен, вечен живот! Затоа, отпушти го сега, Владико, Твојот раб, според Твоите зборови, со мир!
Многу се оскудни податоците за тој свет старец Симеон. Некои го гледаат во неговото лице тврдата символичност на целиот Стар Завет, кој со силна вера Го очекуваше Месијата и сега во мир и со тиха радост заминува во покој. Евангелието не му го кажува ниту чинот, ниту именувањето негово, туку накратко ги нафрла неговите морални црти, праведен и благочестив човек, со жива вера и со трепет во очекување на Искупителот, Кој доаѓа. Некои кажуваат, дека тој бил еден од свештениците при Ерусалимскиот храм. Во црковните песни се воспева како “свештеник, свештенослужител, кој принесува крвни жртви и преку тие жртви ги очистува израилците”. Има мислење, дека старецот Симеон бил син на познатиот Гилеј, и татко на Гамалило, учителот на св. апостол Павле. Се кажува, дека тој, како еден од најучените луѓе на своето време, бил во составот на 72-та преведувачи, кои по желба на египетскиот фараон Птоломеј II филаделф, ги превеле сите книги од Стариот Завет од Еврејски на јазикот на царевите кои владееле во тие земји.
На учениот толкувач Симеон му паднало да ја преведе книгата на пророкот Исаија. Во текот на работата тој дошол на тоа место, во кое се зборува, дека “Девица ќе зачне и ќе роди Син” (7:14). Тој долго размислувал и решил, дека тука ќе има грешка, која со преводот треба да се поправи, бидејќи според читателот, нема да биде сватливо девица без маж да роди. Во времето на размислувањето му се јавил Ангел Господов, кој не дозволил да се поправи пророштвото и му предрекол на Симеона, дека тој нема да вкуси смрт додека не ги виде исполнети тие пророчки зборови, во која праведност се сомневал. Евангелието по псевдонимот на Матеј, објаснува, дека старецот Симеон бил сто и дваесет години, а друго предание вели, дека по времето на Раѓањето Христово, тој веќе ги исполнил триста години. После тоа ангелско откровение праведниот Симеон живеал со непоколеблива надеж, дека ќе Го види Спасителот и стрпливо ги поднесувал тешкотиите на долгогодишноста.
На тој непроучен, но безсмртен Симеон, откако ја видел Мајката и Младенецот, нешто му кажало во срцето: “Тој е Тој, Очекуваниот, а таа, е Неговата Мајка!” Ниту еден од присутните во храмот не го разбрал големото значење на Младенецот. Секој се грижел за своите должности: свештениците принесувале жртви, левитите чистеле, првосвештеникот им давал благослов на присутните, посетителите се молеле и сите Го гледале донесениот Младенец како еден од многуте младенци. Само Симеон ја предосетил и видел вистината. Тој пристапува кон Детето молитвено, во кој момент ја осеќа озареноста на Светиот Дух. Голем момент! Во лицето на Симеон еден од најмудрите претставувачи на Стариот Завет го претставува со почит Новиот Завет, Која основа ќе ја положи Младенецот Исус.
Тука Симеон го произнел и тешкото пророштво: “И на тебе самата меч ќе ти ја пронижи душата!” Тоа јасно ги претскажало тешкотиите и патиштата, што ги вкусила Божјата Мајка на земниот пат и кои отпочнале наскоро по искажувањето на прозрачните зборови на Симеона. Се разбира била таа, која Небото ја избра за Свој престол, која стоела не само над сите луѓе, какви некогаш живееле на земјата, била и духовно возвишена и над ангелите, да ги чуе зборовите за она што ја очекува радост и страдања. Но не! За радост ниту збор, и претскажуваат само за маки и страдања. Радоста од раѓањето, радоста да биде Мајка на Овоплотениот Бог, била помрачена. Се разбира, ниту старецот Симеон, ниту таа, за која се однесувало пророштвото, не можеле да си го претстават моментот на целата таа бездна од страдања и ужаси, кои доаѓале во пресрет на Мајката Божја. Но и тогаш пророштвото било доволно да ја вознемири, саматa и исплаши, да го поттикне нејзиниот тежок впечаток.
Во животот на човекот има денови, во кои одеднаш во него настапува внатрешен прелом; кога човек, се чувствувал како дете со наивна доверливост и безгрижна радост, и одеднаш станува зрел, сообразен со настаните на времето. Радоста од животот во миг и засекогаш одлетува. Некое тешко чувство го тера да очекува беди и искушенија. Наоколу е ладно и пусто. Напред не се гледа ништо спокојно и примамливо. Таков прелом се родил во душата на Мајката Божја со зборовите на Симеон. Тие зборови ќе одекнуваат во ушите нејзини низ сите дни од нејзиниот живот, и при секое наидување на тешкотиите ќе се потсетува на тие зборови. Дотогашната радост ја напуштила засекогаш. И таа секогаш покорна на волјата Божја, примерно ќе ја наведне главата при тие зборови на старецот Симеон и без збор ќе пријде во пресрет “на она што Бог Го одредил.” Таа нејзина состојба мудро ја насликал даровитиот зограф на чудотворната икона “Света Богородица Седмострелна.” На нејзе, таа е изобразена со наведната глава. Градите и се пронижени од седум меча – четири од едната и три од другата страна. Нели е тој видлив израз на духовната состојба на страдната Мајка Божја со маките на распнатиот на крст Син, стоејќи во таа скршена близина? Зарем тоа не отпочнало уште од четириесетиот ден по раѓањето на Господа, после очистителната молитва во ерусалимскиот храм, и таа средба на Господа од праведниот Симеон нели е истовремено и прерана средба на Мајката Божја со страданиата кои и престоеле?
Св. Василиј Велики појаснува, дека тие зборови на праведниот Симеон кон Мајката Божја се пророчки и дека тие се исполниле за време на распнувањето на Христа, при кое таа била присутна. Св. Амфилохиј ги утешува верните, дека со воскресението на Христа – тие Богородични, мајчини страдања и солзи се претвориле во вистинска радост.
Јосиф и Марија се чуделе на зборовите од Симеон, кој се обраќал кон Исус, не како кон дете, туку како кон Бог. “Старецот не Ме држи, туку Јас него го држам, зашто тој Мене Ме моли да го отпуштам”, пее црковната песна.
Кога го видел Детето со Мајка Му, Симеон Богоприемецот ги благословил родителите и со растреперена возбуда им рекол: “Тоа лежи за паѓање и станување на мнозина во Израилот и за предмет на противречност.” Кое што ќе го рече, дека не сите ќе Го прифатат спасението, донесено на земјата од Божјиот Син. За оние, кои ќе поверуваат во Него и Го следат, Тој ќе послужи за издигање после паѓањето, а за оние, кои се откажат од Него – за паѓање и конечна смрт.
Пророштвото на Симеон било потврдено и од пророчицата Ана, Фануилевата керка.
Тој црковен настан, Црквата го спомнува секоја година на сехристијанскиот празник Сретение Господово, празнуван на 2 февруари. Веднаш после него, на 3 февруари се празнуваат новозаветните првоизвесници за доаѓањето на земјата, Искупителот Христос.
Ете неколку содржајни црковни празнични песни, кои преку пеењето го опишуваат Сретението Господово:
-Свештената Дева Го донесе во Светилиштето Светилникот, Симеон ги испружи рацете, радосно Го прими и воскликна: Сега го отпушташ Твојот раб, Владико, со мир, како што беше кажал (1-стиховна стихира на вечерната на Претпразнинство, 1-Февруари).
-Сенепорочна Девице Го донесе во Светилиштето Младенецот, за да Го исполни претскажаното според Законот. Праведниот Симеон Го зема во своите раце и и’ рече на Мајка Му: – Ете, Тоа лежи за паѓање и станување на многумина во Израилот и за предмет на противречност (Слава и ниње на светилниот на предпразнинството).
-Денес свештената Мајка дојде во Светилиштето со Поголемиот од секое Светилиште и Го претстави на светот Законодавачот. Него старецот Симеон Го прими на раце и радосно прозбори: – Сега го отпушташ Твојот раб, Владико, зашто веќе Те видов Тебе, Спасителот на нашите души (Сретение, Слава и ниње на мала вечерна).
Радувај се, Благодатна Богородице Дево, зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, нашиот Бог, Кој ги просветува, оние кои се во мрак. Весели се и ти, старче праведен кој го прими во твоите прегратки Ослободителот на нашите души, Кој ни подари воскресение (тропар на сретение).
Носениот од херувимите и Воспеан од серафимите, во исполнување на законот, се принесува во храмот и во рацете на старецот седи како на престол, од Јосиф богоугодно прима дарови (Слава и ниње на стиховните на вечерната).
Приведен во храмот од Духот Свети, старецот Го прима в раце Владетелот на сe и извика: – Ослободи ме сега од веригите на телото, како што вети, зашто очите мои го видоа отковението Твое за народите и спасението за Израилот (Светилен на Сретение).
Денес Симеон Го прима во своите раце Господ на славата, Кого Мојсеј неопишано Го слуша на Синајската планина, кога му ги даваше плочите; Истиот, Кој говореше преку пророците, Кој Го даде Законот, Кого Давид Го возвести, Кој има голема и богата милост и е страшно голем за сите (стихира на Господи возвах).
Свештениот Симеон со радост Те прими, Христе, Тебе, родениот од Дева и рече: – Сега го отпушташ Твојот раб Владико. Непорочната и славна Ана Те исповеда и пеејќи Те возхвали. Ние пак, Животодавче, со висок глас викаме: – Слава на Тебе, Кој одлучи да биде така (I седален на утрената на Сретение).
Бегањето во Египет
Редица на случки светото семејство го прати од Рождествената ноќ до претставувањето во храмот на четириесетиот ден. Јасната и ладна ноќ, полниот со ѕвезди небески свод и сред таа витлеемска – најсилно огреана, воодушевените пастири, отвореното небо, благовесната песна на ангелското воинство, пристигнувањето на мудреците од Исток, обрезанието во осмиот ден во храмот со преставување на Младенецот пред Господа и трогателната Негова средба со Симеон со пророчките зборови, кои раѓаат тешки размислувања: “Тој лежи за паѓање и станување на многумина”.
И какво станување, какво чудно издигнување!
За витлеемските пастири, кои од прости овчари постанаа првите гласници во Израилот “ за сe што слушнаа и видоа таа ноќ”.
За мудреците од Исток, тие жреци и цареви. Водени од ѕвездата, пристигнуват од далечна земја, се поклонуваат и принесуваат скапоцени подароци на Богомладенецот: Мелхиор – злато, како на цар, бидејќи ќе основа вечно духовно царство; Гаспар – ливан, како на Бог – знак на свештенство, кое “се кади како темјан” и е во служба на Бога; Валтасар – смирна, знак на искупителната жртва Христова Кој преку крсната смрт ќе се приложи за гревовите на сите. И по откровение во сон (Мат.2:12) се враќаат во својата земја по покажан од Бога пат. Омудрени и просветени од благодатта постануваат во многубожачкиот свет први благовесници на Христа, нашиот Цар и Бог. Ги гледаме како блиски соработници на св. апостол Тома, просветителот на Персија, од кого го примат и христијанското крштевање. Се прославуваат како светии и од нивните мошти се шири благодат и исцеление, престојувале нивните мошти во Костантинопол, Милано и Колн. Рано-христијански примери на издигање за сите оддани проповедници на Христа!
И паѓање! Како на Иродовото поколение. Тогаш Ирод Велики, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу и прати, та ги уби сите младенци во Витлеем и по целата негова околина. . .(Мат.2:16-18). И Ирод Антипа се покажа богоборец: му ја отсече главата на Господовиот Крстител и со распнувањето на Христа, конечно ја погуби својата душа. Историјата раскажува за нивната страшна смрт – во живи не зарастливи рани (Ирод Велики); додека Ирод Антипа, за време на своето разместување во Галилеја, во зимен период, минувајќи преку некоја замрзната река, се скршил мразот и ледените парчиња мраз му ја отсекле главата како со меч!
Први исповедници на Христа, жртва на варварската заповед на Ирида, постанале четиринаесетте иљади невини деца од Витлеем и неговата околина. Крстени не со вода, туку со крв, постануваат предвесници на иљадниците христијански маченици, осветувајќи ја со својата крв осквернатата земја, ја подготвиле достојна да го прими Божественото учење.
Кој може да го опише витлеемскиот плач – со патетичен риторизам прашува св. Григориј Ниски. Кој писател може да го раскаже сеопштиот плач: писокот на децата, отргнувањето на децата од мајчината прегратка, од татковската и роднинската при средбата со крвожедните убијци? Кој ќе го опише убиецот со дигнат меч над детето? Со една рака го отргнува детето од мајка си, со другата го вади мечот. Мајката, припиена за своето дете, си ја полага својата глава под острицата на мечот – неа најпрвин да ја прониже, за да ни би ја видела погибијата на својата рожба. Како да се опишат оплакувањата и смртните повици на родителите, последното опростување со рожбите? Кој би можел да ја претстави таа ужасна беда со сите поединости и глетки: притиснато на мајчината града детенце, посечено со еден удар како житен клас; или само што почнало да цица од градата на мајка си, заклано и крвта му блика во скутот на мајка си. На друга страна мечот ги пронижува и детето и мајката и крвта им се слива во еден поток. Сето тоа светиот евангелист го претставува со спомнување за страшното истребување како во времето на вавилонскиот плен, со зборовите на пророкот-историчар кој кажува за неутешниот плач на Рахил за убиените и одведени во заробеништво деца (Јер.31 гл.).
Во деновите на крволочниот Иродов гнев, раскажува првоевангелието по Јакова, Мајката Господова многу се исплашила. Во тој страшен ужас таа го повила Детето и Го сокрила (гл.XXII).
Макар била голема силата на власта и незаузданиот гнев на Ирода, Богомладенецот Исус ја избегнал опасноста, бидејќи Господ Го чувал: “Ангел Господов му се јави на Јосифа во сон, велејќи: – стани, земи Го Младенецот и Мајка Му, па бегај во Египет, и остани таму дури не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот да Го погуби. И тој стана, Го зеде Младенецот и Мајка Му ноќно време, па отиде во Египет. И таму беше до смртта Иродова” (Мат.2:13-15).
Евангелистите не даваат повеќе поединости околу патувањето на светото семејство за Египет, – по кои патишта оделе, како патувале, тешкотиите и доживувањата што им биле сопатници при тој долг пат.
Затоа пак, светите преданија и старите првохристијански спомени кажуваат околу ова, додека пак благочестивите души со голем интерес го следат и го пренесуваат еден на друг со голема љубопитност и со сите поединости.
Рускиот игумен Данил, ги посетил светите места во период од 1106 – 1108 година, и ни кажува, дека на источниот брег од реката Јордан, во заливот каде се влива во Мртвото море, имало манастир со името Каламонија (Тихо пристаниште), така е именуван, бидејќи тука застанала и преноќевала Мајката Божја со Превечниот Младенец одејќи за Египет.
Според евангелието под псевдонимот на Матеј дознаваме: – Кога дојдоа до една пештера посакаа да одморат, Марија слезе од ослицата и го седна Исус на коленото. Со нив имаше три момчиња и една девојка, кои го придружуваа Јосиф и и’ служеа на Марија. Во тој час од пештерата излегоа многу отровни змии. Момчињата кога ги видоа змиите од страв почнаа да викат. Тогаш Исус, слезе од Мајчиниот скут и го упати својот поглед кон змиите, тие веднаш се скротија и мирно си заминаа. Така се исполни кажаното од пророкот Давид: фалете Го Господа од земјата, вие, сите алли (животни) и бездни” (Пс.148:7) и (гл.XVIII).
-Исто така и леопарди и лавови Му се покорувале и Го следеле светото семејство, во пустината. “Јосиф и Марија патувајќи, тие одеа пред нив, покажувајќи им го патот, поклонувајќи си ја главата кон Исуса. Првиот ден, кога Марија ги виде лавовите и другите диви ѕверови, ја опфати страв. Детето Исус, гледајќи ја својата Мајка така исплашена, спокојно и со радост на своето лице, мисловно и рече: – Не плаши се, Мајко, тие се доближуваат и не опкружуваат, не да ни наштетат, туку да ни послужат.” Со тие зборови Исус го прогони секој страв од срцето на Мајка Си.
Лавовите патуваа со нив, патуваа со кравите, со магарињата и со другите товарни животни кои го носеа потребниот товар, и не им наштетуваа. Дури мирно патуваа меѓу овците и овните, кои Јосиф ги водеше од Јудеа, кои беа дел од нивното домаќинство. Овците се движеа меѓу волци и не се плашеа. Така се исполни кажаното од пророкот Исаија: Волк и јагне ќе пасат заедно, а лавот ќе јаде слама како вол… тие не им причинуваат зло и штета…” (65:25) (XIX гл.)
Кога поминувале покрај едно пусто место, ги опколиле разбојници и сакале да им земат се што носеле со себе со товарниот добиток. Но, еден од разбојниците, неопишано изненаден од убавината на Младенецот Исус, рекол: “Самиот Бог, да беше постанал човек, немаше да биде поубав од ова Детенце” и не им дозволил на своите другари – разбојници, да ги ограбат, и да им нанесат било какво зло. Тогаш Марија му рекла: “Тоа Дете еден ден милостивно многу ќе те награди.” Тој бил истиот разбојник, кој покасно бил распнат од десната страна на Спасителот и кој се удостоил да ги прими благодатните зборови: “Уште денес ќе бидеш со Мене во рајот.”
Еден друг расказ ја претставува св. Богородица како милостив учесник на овој настан.
Кога ги опколиле светите патници, разбојниците ги одвеле во своето разбојничко гнездо. Таму лежела болна жена со бебе – сопруга, на еден разбојник. Болеста, веќе беше длабоко навлегла во мајката, а гладното бебе смукало од веќе исушената мајчина града, која немала ниту капка млеко. Мајката Божја ја видела тешката состојба на мајката, го зела бебето во своите раце и го нахранила. Таа Богородична милост го повратила животот на повенатото дете, очињата му светнале, обравчињата му се зарумениле и тоа одново ја добило својата живост. Му се впечатило во неговото срце споменот за чудната Жена, на чии гради оживеало.
Животот не бил многу наклонет према него. Тоа тргнало по лошиот пат како и својот татко. Стремежот кон правда и добро исцело го напуштил. Може да се претпостави, тој напаѓал благородници и богати, но штител жени и деца, слаби и изнемоштени. Некаде длабоко во неговата душа се наоѓал светол образ, кој искажувал во него заштита и милост кон се што е слабо и незаштитено.
Кога се удостоил со таа чудна средба пред прагот на својот живот, поради тоа мало чисто и благоугодно, кое се сочувало во тие безпатишта и престапи, на крајот од животот Бог повторно го сретнал, Кој, фрлил таква чудна светлина по целиот негов животен пат. И кога бил распнат, од десно на Христа, измачуван од надчовечки телесни страдања, отстранет од покајание за направените престапи, ги отворил очите и ја видел светата Мајка во неискажана тешкотија гледа во распнатиот од лево на него “Исус Назареецот”, дали во тој миг не ја познал Жената, која некогаш му го поврати здравјето и сега ќе му подари преку својот Син, вечен живот?
Изгубениот светол образ се јавил пред него, одново во последниот час на својот живот. Преку Мајката, тој го познал Синот, дознал дека преку Него и Неговите заслуги се’ станува, благодатните бранови ја покориле празнината од гревовите негови и со скршено срце извикал: “Сети се за мене, Господи, кога ќе дојдеш во царство Свое!” (Лк.23:42).
Една арабска верзија на Евангелието за детството на Исуса ја предава случката именувајќи ги разбојниците на следниот начин: Кога пристигнаа во таа пуста и безводна земја, Јосиф и Марија дознаа дека таа земја е исполнета со најразлични опасности, па затоа решија да ја поминат ноќе.
“Одејќи по патот, ги видоа двајца разбојници кои стоеја покрај патот, а во долината, разбојничката банда спиеше во длабок сон. Двајцата разбојници им го попречија патот. Тоа беа Тит и Дамас. Тит му рече на Дамас:
Остави ги луѓето нека си поминат по патот додека другите не ги виделе.
Но Дамас не се согласуваше. Тит му рече:
Еве ти четириесет сребреници.
Извади и му ги даде парите само да молчи и да не кажува на никого за случката.
Кога св. Дева Марија, ја виде ова убава постапка на разбојникот, му рече:
Господ Бог ќе те земе под Своја заштите и ќе ти ги прости гревовите.
Тогаш мисловно се обрати Господ Исус на Мајка Си и и’ рече:
Мајко Моја, на триесет и три години евреите ќе Ме распнат на крст во Ерусалим. Заедно со Мене ќе ги распнат и овие двајца разбојници: Тит од Мојата десна страна а Дамас од левата и истиот ден Тит ќе Ме превари во рајот.
А Таа, Му рече:
Дај Боже тоа да не се случи тоа, Синко!
И продолжија.
По три дена пат низ пустињата Марија беше многу изморена, и кога виде една финикова палма, му рече на Јосиф:
Да застанеме и да одмориме малку под сенката на таа палма.
Јосиф побрза, ја доведе до палмата и ја симна од ослицата. Кога беше седната ги подигна своите очи угоре и забележа на врвот од палмата дека е полна со плодови.
Како би сакала да си ја наквасам устата со некоја урма.
А Јосиф и’ рече:
Колку чудно зборуваш. Гледаш колку е висока палмата, како може човек да се искачи на врвот, да би собрал плодови. Си мислам за добитокот од каде да најдам вода да би го напоил, како и за нас, како што ми се гледа нема никаде вода. Онаа резерва која ја носам во мевовите веќе е при крај и нема да стигне ниту за нас, а уште помалку за добитокот.
Тогаш малиот Исус, Кој мирно Си седеше во скутот на Мајка Си, и рече на палмата:
„Наведни се палмичко, да скине Мајка Ми од твоите слатки плодови!“
И во тој час палмата се наведна со својот врв до колената на Марија, да си наберат сите колку што им се јаде. Кога ги собраа плодовите, палмата си остана наведната во очекување на наредбата на Оној, Кој и’ заповеда да се наведне.
Тогаш Исус и’ рече:
Исправи се, палмичко! Од денес ти ќе бидеш едно од дрвата во рајската градина на Мојот Отец небесен. Подмести ги своите длабоки корени да излезе од длабочината на земјата извор, да се појави силна вода и да се напие се што е жедно.
Палмата одеднаш се исправи, а од корењата излезе студена, чиста и слатка вода. Кога ја видоа изобилната изворска вода, сите се исполнија со голема радост. Задоволувајќи ја својата жед – луѓето и животните му благодарија на Бога. (гл. XX од Ев.пс.Мт.)
Другиот ден, тие отпатуваа. Во тој момент на тргнувањето Исус се обрати кон палмата и и’ рече: „ Палмичко, му дозволувам на ангелите да однесат една гранка од твоето дрво и да го посадат во рајот. Исто така ти ја давам таа чест, секој кој ќе победи во војна или постигне голем успех да му се даде палмова гранка со зборовите: Ти се удостои со честа на палмата, ти ја заслужи палмата на победата.”
Кога го рече ова, еве Ангел Господов застана над дрвото, кога скрши една гранка летна во висините на рајот со палмовата гранка в рака. Кога го видоа тоа, останаа вчудоневидени и паднаа на земјата. Тогаш Исус им рече:
„Зошто страв ги опфати вашите срца? Зар не знаете дека на таа палма и заповедав од нејзините гранки да се однесе и да се посади во рајот, да биде радост и достоинство на сите светии кои таму се наоѓаат, како што и вие ја осетивте таа радост тука во пустината“.
Сите мирно се исправија славејќи Го Бога (гл. XXI Еванг. по псевд. на Мат.).
Долгиот пат им здодеа и Јосиф му рече на Исуса:
„Господи, топлината не измечува. Ако кажеш да појдеме покрај морето, ќе појдеме, да би се одмориле одвреме на време на брегот“.
Исус му одговори:
„Не плаши се Јосифе, Јас ќе го скратам патот кој вие треба да го одите триесет дена, ќе го поминете во еден ден“.
И зборувајќи така, одеднаш почнаа да се оцртуваат силуети од египетските планини (XXII Еванг. по псевд. на Мат.)
Наскоро по влегувањето во Египетската земја, светото семејство пристигна во населбата Матарие, каде останаа на подолг одмор. Јосиф ја оставил пречистата Дева и Божествениот Младенец под едно големо дрво да одморат, а тој самиот отишол во селото да побара место за спиење.
Дрвото ги приклонило своите гранки над уморените свети патници, за да одморат под неговата ладна сенка, после напорниот пат од пустината. Откако одмориле, дрвото повторно се вратило во својата првобитна состојба, во исто време добило лековита сила, да преку неговите листови луѓето се лекувале од многу болести. Тоа место и денес се почитува од христијаните и арабите. Денес, секој поклоник на светите места, посакува да го виде тоа место и тоа дрво. Тоа место е наречено СИКОМОРА. Шест од големите корени веќе му се суви, но четири сеуште се полни со живот со раширени гранки. Гранките и денес му растат приклонети на запад. Газдата со голема почит и милост ја подарува гранката на богомолците.
Освен тоа чудно дрво, во неговата близина извира силна чиста, слатка вода, од која вода пиеле Мајката Божја. Изворот постои и денес и водата како и листовите од дрвото имаат исцелителна моќ. Карактеристично е за изворот што водата му е слатка, додека на сите други им е солена. Можеби затоа тоа одмаралиште е наречено Матарие, кое на арабски значи “слатка вода.”
Недалеку од ова место Јосиф нашол дом во кој поминале извесно време. Рушевините од таа куќа до денес се сочувани. Понекогаш христијанските свештеници од Каиро доаѓаат тука и служат. Заштитеноста на тоа дрво и тој извор до денес, го изненадува со интерес секој посетител, бидејќи познато е од тоа време непробојните тврдини на Мемфис и Илиополис, кои се наоѓаат во близината на дрвото и изворот, од тврдините не останал ниту камен на камен.
Црковниот историчар Созомен го следи патот на светото семејство во Египет до Хермополис, низ областа на Тиваида (Горни Египет) и ни кажува за друго чудно дрво – персис. Гранка со лист или со дел од кората на тоа дрво – се излечиле многу луѓе од најразлични болести. Помеѓу египјаните имало и предание, кога Јосиф со Марија и Младенецот дошле во Хермополис, тоа било високо израснато дрво и ги наведнало своите гранки до земјата пред Христа. Созомен објаснува, дека го кажува она што го кажувале луѓето: “Дрвото служело како знак на Христовата присутност во градот, истотака било издигнато како боготворно од самото домородно население, поради неговата убавина и висина, а тоа се пренесува според многубожачките кажувања. Кога дошол под тоа дрво Исус, кое било почитувано дотогаш како дрво на некој од лажните богови се растреперило и со гранките свои направило длабок поклон пред Младенецот, кое во исто време добило и целебна моќ”. Пророкот Исаија (19: 1-21) зборува за распаѓањето на египетските идоли. Во Египет и Палестина и денес секој знае и со восхит раскажува за тој настан.
Настаните со распаѓањето на египетските идоли најдобро е опишан во ранохристијанскиот споменик во Евангелието под псевдонимот на Матеј:
“Со радост воскликнувајќи наближуваа во областа Хермопол и влегоа во египетскиот град Сотинен. Тука не познаваа никого, кој би можел да им помогне. Влегоа во храмот. Во него имаше распоредено триста шеесет и пет идоли, и секој ден од годината му се служеше на еден од нив и му се принесуваше жртва” (гл. XXII).
“Кога влезе блажената Дева Марија со Младенецот во храмот, сите идоли испопаѓаа на земјата И се искршија на парчиња. Така се докажа нивната ништожност и се исполни кажаното од пророкот Исаија: “Ете, Господ ќе седне на лесен облак и ќе дојде во Египет. И пред лицето Негово ќе затреперат идолите египетски” (19:1) (гл.XXIII).
“Тогаш Афродит, управник на градот, кога дозна за настанот, дојде во храмот со голема војска. Многубожачките свештеници при храмот, кога видоа, дека пристигна со голема војска, си помислија, дека ќе се одмазди за рушењето на нивните богови. Но откако влезе во храмот и ги виде испопаднатите идоли, тој се приближи до Марија и се поклони на Младенецот, Кого таа го држеше во своите раце. И откако Му се поклони, Афродит се обрати кон војската и кон своите пријатели, велејќи им:
“Ако овој Младенец не беше Бог над сите богови, нашите богови немаше да испопаѓаат пред Него, и со тоа тие немо признаа, дека Тој е и нивни Бог. Што се однесува до нас, ние нема да направиме како што правеа нашите богови, туку ќе ја избегнеме несреќата на нивните претходници – да не би погинале сите ние, како што му се случи на египетскиот фараон, кој не поверува на толку многу чуда и беше потопен во морето со целата своја војска.”
По тоа обраќање на Афродит, народот поверува во Единиот Бог преку Исуса Христа” (гл.XXIV).
Преданието не уверува, дека тој Афродит, подоцна станал христијанин и бил еден од поголемите проповедници на Христовото Евангелие во Шарбонези (Средна Галија), а подоцна добил и епископски чин.
Помеѓу Коптите има предание, дека Мајката Божја со Предвечниот Младенец престојувала и во градот Бен Јусеф, остаток од некогашниот Вавилон, на три дена пловење по реката Нил. Кој биле таму, ја потврдуваат вистинитоста на тоа предание, на посоченото место и денес се наоѓаат остатоци од христијански храм. Ако се погледне од филолошка гледна точка, копското предание може да се прими за прифатливо, бидејќи името на Јосиф (по еврејски Бен Јусеф) можело да послужи за именување на тоа место, каде праведниот старец се прикривал.
Во стариот Каиро, египетските христијани наследено од отците – предание, ја посочуваат една куќа, слична на пештера, обновена во христијанска црква, каде живееле избеганите од Иродовиот гнев, св. Богородица, Младенецот Исус и праведниот Јосиф. Денес ова коптско светилиште, посветено на светите маченици Сергеј и Валх. Во тоа свето место, на солејата, од левата и десна страна од олтарните двери се наоѓаат две хоризонтални, легнати подрумски врати, под кои се слегува во пештерата, каде живеело светото семејство. Во таа света помраченост имало неколку приспособени простории за живеење: во средината на предната карпа има вдлабнатина, во која св. Дева го заспивала малиот Исус, – и ја нарекуваат “лулката на Исус”. Спротивно од “лулката” има камено лежиште, каде спиела Мајката Божја. Од левата страна има голема маса, на која јаделе. Од десно на лулката имало корито за капење на Младенецот. Додека до другата продолжена карпа имало приспособено простор за алишта, дрессер.
Освен ова пештера, посочуваат и на друга, во која живеело светото семејство. Таа се наоѓала во близината на Александриската Патријаршија. Добро сочуван простор, на дваесет нозе се слегува во камена пештера. Во средината има вдлабнатина слично на корито, од каде почнало да извира вода со населувањето на Бегалците.
Светите Отци ни кажуваат, дека за времето на престојот на Исус Христос во Египет било одбележано со распаѓањето на идолите низ целата област. Благочестивите верници се потсетуваат на тој настан со голема вера.
Ако некогаш од ковчегот на Заветот, во кој се носеле само светите утвари, кога бил внесен во подрачјата на филистejците, идолите нивни се распаднале на парчиња, како тогаш да не се распаднат и египетските идоли пред лицето на Нивниот Господ? И денес пее Црквата торжествено: “Дозволи да блесне во Египет светлината на вистината, го прогони мракот на лагата, и идолите египетски Спасителе, не можеа да ја поднесат Твојата сила, и се распаднаа. . .” (Акатист на пресвета Богородица, 6 икос).
Враќањето од Египет. Колку време останало светото семејство во Египет, не се знае. Свети Епифание Кипарски ни кажува, дека Јосиф одживеал во Египет со Дева Марија и Божествениот Младенец две години; Никофор Калист – вели, три; Георги Кедрин – вели, пет; а Амониј Александриски – вели, седум години. Едно е неспорно, дека светото семејство го напуштило Египет по смртта на Ирода, кој завршил во срамна и со страшна во маки смрт: при живот во целосно сознание, внатрешните органи му се раскапале од кои низ кожата му излегувале црви; никој неможел да му се приближи, бидејќи од него се ширел неподнослив гнасен смрад, во исто време го измачувало неодолив глад. Во тие маки на смртта неговите современици го гледале Божјото накажување за направените зла дела, за кое ни сведочи јудејскиот историчар Јосиф Флавиј, кој што барал – тоа и добил.
Светиот евангелист Матеј ги одбележува настаните: “А по смртта на Ирод, ангел Господов му се јави на Јосиф во Египет и му рече: ‘Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, и оди во земјата израилева, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот’. А тој откако стана, Го зеде Младенецот и мајка Му, и дојде во земјата израилева. Но, кога чу дека во Јудеа царува Архелај, на местото од татка си Ирод, се уплаши да оди таму; и, откако доби вест во сон, тој замина во галилејски предели. А кога пристигна, се насели во градот наречен Назарет за да се исполни реченото преку пророците дека Тој ќе се нарече Назареец”. (Мт.2: 19-23). Преку тоа се исполни пророштвото на Осија: “Од Египет Го повикав Синот Свој” (11:1).
Повратниот пат на светото семејство според палестинското предание минувал преку Аскалонската долина, помеѓу градовите Азот и Газа. Во Аскалон бил роден Ирод. Тука Самсон беше убил триесет филистејци (Суд.14:19), а Давид – Голијат (1Цар.17гл). Минувајќи сега низ ова место светото Семејство каде и одмориле во населеното село Малх, каде и денес постои изворот посветен на св. Дева Марија. Патот води во долината по должина на Гигантите, да би се стигнало до Ерусалим и назарет, од каде се прошири и Неговото учење, пред кое се потресе, како и многуте египетски идоли, и целата Римска Империја.
Помеѓу долината на Гигантите и Ерусалим истотака има планински извор со прекрасна вода. Покрај тој извор светото семејство преноќевало, и тука Јосиф имал повторно видение на сон (Мт.2:22), и заминал за Назарет Галилејски, каде пристигнал без потешкотии.
Со бегањето во Египет, Јосиф и св.Богородица Го спасиле Предвечниот Младенец од пеколните намери на Ирод. Дошол на земјата да го спаси човечкиот род од неправедност и грев, Тој Самиот уште од првите денови на земјата, Ги вкуси гонењата и жестокоста на животот, кои ќе завршат со крсна смрт.
Престојот на Спасителот во Египет може да се нарече припремна проповед за Неговото благодатно Царство, која проповед ги приготви тие предели за масовно проширување на христијанството, го благослови за место на одмор, место на подвижништво и за христијанска благосостојба.
Тука ги постави светилниците кои го распнаа мракот на заблудите. Св. Јован Златоуст се восхитува од овие предели како на земен рај, каде човек тука среќава ангело-подобни луѓе, кои блеснале како маченици и преподобни испосници, па вели: “Самото небо со безбројните различни ѕвезди не свети толку, како што свети египетската пустина од луѓе – рамни на ангелите“.
Евангелието за бегството на светото семејство во Египет се чита во Светата Црква во првиот недел ден после Рождеството Христово. На тој ден се празнува споменот на светиот Обручник Јосиф, на цар Давид и на Јаков, братот Господов, за кого се смета дека го придружувал Господа при одењето, престојот и Неговото враќање од Египет.
Во Назарет. Тука, незабележливо за широкиот свет протекуваат деновите на светото семејство после враќањето од Египет во длабока неизвесност, се додека Спасителот не исполни триесет годишна возраст кога и излегол на општа проповед. Тука на преблагословената Дева се нижеле исти секојдневни задолженија како дотогаш, смирена со благочестивост за пример на сите. Таа била неуморна на рачното плетење како и порано, а времето слободно го минувала во молитва и богоразмислување, Таа Му исткајала многу убава облека (хитон), која облека Му постанала секојдневна на Исуса. Хитонот бил целосен, без шафови и од црвено платно.
Во се’ се променил животот на Мајката Божја.
Тој – Бог, кон Кого исцело била наклонета нејзината душа, сега живее со нејзе, Тој Бог е нејзиниот Син!
Се исполнил животот на светата Мајка со душевна радост, гледајќи Го Синот како расте и напредува!
Си спомнуваме кога спокојната пречиста Дева се оддавала со мислите за Мајката Божја, како си замислувала во својата машта, раѓајќи се во нејзе голема желба да постане само скромна слушкиња на Мајката Божја, тоа би било најголема награда во Нејзиниот живот. . . Сега таа Мајка, е самата таа, а претскажаниот од пророците Месија, е Тој, нејзиниот Син, нејзинијот Исус, кој расте пред нејзините очи.
Тешко било да си ги претстави мислите и осеќањата на таа, која тогаш во тоа време знаела, како обичен човек, веќе е Мајка на овоплотен Бог. . . Стварност која ја надминува секоја машта.
Небото слезе на земјата, земјата се издигна до небото!. . .
Тој растел а таа со умилканост и радост Го пратела Неговиот развој. Таа голема грижа била исполнета со неискажива радост!
Во деновите, кога Го хранела со мајчино млеко или Го милувала блажено умилкан на кoлената, спиејќи спокојно со ненагледано лице, не опишано прекрасно бебе, блеснато со ореол на божественост; или кога Го гледала заигран со Јован, синот на Захарија и Елисавета, само половина година поголем од Него, секогаш една иста мисла и одзвонувала во Нејзините уши, зборовите на старецот Симеон: “На тебе самата меч ќе ти ја прободе душата!” срцето и се грчело во тие тешки претчуства.
Детството на Исус. Раните детски години се “бело поле” во Евангелието. Затоа пак древните првохристијански спомени Евангелие за детството (арапско, сирско,ерменско) содржат многу настани, кои ја претставуваат Мајката Божја во своите лични грижи околу семејството, сочуствителна со околината, додека Детето Го претставуваат чудесно во многу настани, кои ја радуваат и загрижуваат Мајката, а околината се восхитува.
Арапскиот текст на Евангелието за детството Исусово Го прикажува следниот карактер на Мајката Божја во една случка:
“Имаше една жена, која беше родила две машки деца – близнаци. И двете се разболеа. Едното умре, а другото собираше душа. Мајка им, го зема живото, болно дете, па го однесе при св. Дева Марија велејќи и’: ‘О, Мајко Маријо, помогни ни! Имав два сина. Пред некој ден едниот го погребав, а сега и другиот син собира душа. Слушни ја големата моја молба, која молитва ја испраќам кон Бога!’ И таа почна да се моли: ‘О, Господи, Ти, Кој си благ и Кој Ги слушаш нашите молитви; Ми беше дал два сина. Веќе ми Го зема едниот. Те молам, остави ми го другиот!’”
Гледајќи ги врелите мајчини солзи св. Дева Марија се сожали и и’ рече: “Стави го твоето дете во леглото на моето Дете Исус.” А болното дете кое беше ги веќе затворило очињата и му беше разлабавено телото и рацете – веќе си заминуваше. Одеднаш при додирнувањето на алиштата на Господ Исус Христос доби руменило на своето лице и во истиот час ги отвори очињата наддавајќи глас кон мајка си: ‘Мајко, сакам да јадам!’ Таа му подаде леб и тоа јадеше, тогаш возрадуваната мајка и рече на св. Дева Марија: ‘Сега веќе разбирам, дека си удостоена со Божји дарови, штом твојот Син може да лекува со едно додирнување на Неговата облека.’”
Тоа дете, кое беше излекувано на тој начин е истото, кое Евангелието го нарекува како возрасен маж Вартоломеј, кој го следеше Исуса како Негов сеоддан апостол.
Редица на многу други настани, сочувани во апокрифите, кои ги извршил Исус, носат чудно длабокоетичен карактер, со големо символичко значење потцртувајќи ја чудотворната сила на Богомладенецот.
Скршената Стомна. “ Кога Исус беше на шест години, Мајка Му Го испрати со стомна да донесе вода. Тој отиде по вода, ја наполни стомната и враќајќи се дома се искорна од рачката за која ја носеше, се истркала и се скрши. Господ Исус ја посла својата облека и ја собра во нејзе водата и така и ја донесе на Мајка Си. Света Дева Марија, кога ја виде мудроста и моќта Негова остана вчудоневидена. И се што ќе видеше од Него, ги ставаше и ги чуваше при своето срце.
Исус седи на сончевиот зрак. “По неколку денови Исус со повеќе другарчиња Си играше на покривот од една куќа. Низ прозорецот беше блеснал убав сончев зрак. Исус скокна и седна на зракот. Друго дете, кога го виде тоа, посака и тоа да седне, скокна по зракот, но падна од покривот и умре. Другите деца, кои беа таму, кога го видоа тоа, истрчаа да му кажат на неговите родители, дека нивното дете паднало од покривот на куќата каде играле. Родителите на веќе умреното дете, дојдоа и почнаа да Го обвинуваа Исуса:
Ти го турна нашето дете!
Исус им одговори:
Не, јас него турнав. Тој самиот сакаше да седне како Мене на сончевиот зрак, и падна.
Родителите на покојното дете, Го фатија Исуса и Го одведоа во судницата, обвинувајќи Го пред судијата:
Тој го уби нашето дете, Тој е виновен за неговата крв!
Судијата го праша Исуса:
Ти ли го уби детето?
А детето Исус одговори:
Прашајте го самото дете, и тоа нека ви каже!
Сите извикаа!:
Ти се подигруваш ли со нас? Како можеме да го прашаме, кога тоа е мртво, со искршени коски!?
Тогаш Исус, го фати мртвото дете за рака велејќи му:
Енониј, така му беше името, стани и кажи кој те турна!?
И одеднаш детето ги отвори своите очи и застана на своите нозе пред сите, велејќи им:
Не, не ме турна Исус, туку самиот паднав.
И сите, кои беа во судницата, кога го видоа тоа, се зачудија и посведочија; а родителите на детето Го прославија Бога, Кој Го изврши ова чудо, поклонувајќи се пред Детето Исус.”
Птички од глина. “Кога Исус беше на пет години, во градот Назарет играше како Дете со неколку еврејчиња, Негови врсници. Покрај градот течеше мала река. Собра Исус чисти гранчиња, и од кал направи дванаесет птички. Тој ден, во кој Исус направи птички, беше сабота. Едно од децата кога виде што направи Исус во Сабота, отиде и му кажа на татка му Јосифа: ‘Твоето дете игра во рекичката. Заде кал и направи дванаесет мали птички и со тоа го оскверна саботниот ден.’
Исус плесна со рацете и им рече на птичките : ‘Летнете каде сакате , запејте и сеќавајте се за Мене Живиот.’ И летнаа во тој час птичките разнесувајќи се веселата нивна песна низ ширниот простор. Сите тоа што го видоа и деца и постари, возбудени си отидоа, раскажувајќи на секого кого сретнаа, за чудото што Го направи Исус.”
Излеченото другарче. “Еднаш некое момче во соседството сечело дрва, и како неправилно мавнало со секирата, си отсекол дел од ногата, болниот крик го слушнаа соседите и натрчаа многу луѓе сакајќи да му помогнат. Детето Исус дојде и тешко се провлече помеѓу насобраните луѓе, го фати сечениот за болната нога, и ногата веднаш му оздраве. И му рече на момчето:
Момче, стани сечи дрва и сеќавај се за Мене Исуса.
Сите кога го видоа тоа се поклонија и рекоа:
Навистина Бог живее во Него!
Во Ерусалим. Иако Ги беше надминал Исус детските години, разбрануваниот живот на Мајчиното срце, и во нејзе помислата во очекување на тешките денови,според зборовите на Симеона, не ја отпушти.
Ете ги, заедно со Јована, синот на Елисавета, седнати покрај ѕидот на една куќа и со несвојствено за деца во тивка разговорливост си зборуваат нешто.
Да можеше да се сопре времето, да можеше тие деца да останат за секогаш да си играт пред Нејзините очи! Да можеше светот и животот со сите свои тајни да не ги вовлекува во водениот вртлук. Но не, не, иднината е сурова, животот е страшен меч ќе и ја прободе душата.
Да можеше времето да се сопре – после сите направени чуда, да можеше да се направи уште едно, ново поголемо чудо: Да можеше Богомладенецот да остане засекогаш Дете, да не излезе од Назарет, да не се отргне од грижливото и полно со љубов мајчинско око! Тоа беа растреперените размислувања на загрижената Мајка!
Сите безбројни чуда што Ги направи Детето Исус, кои стојат во апокрифните евангелија, тогашното назаретско општество не ги доволно согледа а уште помалку прифати, како знак на Божјата присутност. Исус им остана во сеќавање на оние кои Го знаеа како обично, скромно Дете. Затоа св. Јован Златоуст, критички кон апокрифите се осврнува: “Ако Исус, правејќи Ги тие чуда, и ако се прославеше како Дете – Чудотворец, не би останал со толку долга и полна безбедност. Направените чуда и прослава би го разбудиле љубопитството насекаде и би се зборувало за Детето – Чудотворец.” Место тоа, го забележуваме Натанаил, кој живеел во соседното градче Кана Галилејска, само на еден час од Назарет, кој едвам од Филип научил, како “да го најде Исуса, Синот на Јосифа од Назарет, за кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!” (Јов.1:44-45).
Исус, растел приврзан околу Мајка Си, Кој бил за пример на околината, испивајќи ја чашата на благоста и нежноста. Наместо лудоста на распуштено дете по ѕидините, по реките, по улиците, како што ги опишуваат во Евангелијата детството на многу деца, Тој секогаш играл пред очите на Мајка Си во својот двор, во нивната градината каде Му доаѓале соседните деца.
Во тоа опишување, примамливо звучи компонираната и опеана легенда од Чајковски, искажана со длабока симболика: Градина со рози, имал Христос, кога бил Дете. Повикал еврејски деца да си играат во нејзе. Секој си направил со рози венче, останале трње и глогови
Од што ќе направиш Ти венец? – го прашале децата Христа.
Ги заборавивте ли вие трњето! – им одговорил Исус и си направил венец од голи розови глогови и трње. Глоговите и трњето Му Го разраниле челото.
“Наместо рози, капки крв Му Го краселе ликот. . . .”
Тоа благоугодно однесување на Исуса во играта со еврејските деца потполно се совпаѓа со краткото известување на св. Евангелист Лука: “Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост; и благодатта Божја беше врз Него” (Лк.2:40,52).
Со Неразделното единство во Него на Божественото и човечкото, Тој немал потреба од никакви грижи и потреби; но со својата длабока смиреност гледајќи ги човечките однесувања, со љубов Ги примал и високо Ги ценел грижите, со кои Го опкружувала нежната Мајка. Со смирената Синовска послушност и почит Тој ги примал зборовите на одданата човечка Мајка. Божјата Исусова совршена премудрост, светост и благодат, кај луѓето и околината се откривале постепено со самиот тек на времето. Впечатокот кој Го оставил, за време на Своето растење се одликувало како на невообичаено Дете – мудрост, што требало да потсети, дека тоа Дете е Самиот Бог.
Евангелието спомнува, дека Исус се покорувал на Јосифа и на Мајка Си Марија. Особено Јосиф со тешка работа го прехранувал своето семејство, а Христос секогаш му помагал во дрводелството, кој бил негов занает.
Една стара слика од некој си непознат уметник, која обиколила многу изложби низ светот, овозможува да се објасне тајната на Исусовите детски години. На сликата е претставена бедна работилница. Дрводелски работни маси. Бедно облечена млада жена, со бела крпа на главата, го врти тркалото на стругот. Седнат до мало тркало, кое е движено од друго, големо, стар дрводелец до него мало момче. Сончевиот зрак се пробил низ малото прозорче, и му ја отцртува главата на детето. Во рацете тоа држи парче дрво, и при спојувањето со стругот се појавуваат дожд од струготини. На прв поглед, сликата означува – предавање на занает!
Лесно се открива целтта на сликата, како стариот дрводелец Јосиф го учи на занает малиот Исус.
Ете со таква дрводелска работа, разговори со Мајката на заеднички размислувања и со тајно богоизвестие се исполнувал животот на малиот Исус.
Деновите на Мајката Божја како и секогаш протекувале во работа. Преданието раскажува, дека таа била учителка – учела еврејски деца да читат и да пишуват. Ги учела истото што Го учела и Своето Дете – Исус.
По таков тек се движел животот на светото семејство, Кој за секогаш ќе остане сокриен, во големи тајни. . . За што размислувал малиот Исус? Што Го возбудувало? Како Неговото сезнаење како Бог се усогласувало со ограниченото познавање на вообичаеното Дете Кое расте, Кое со интерес прати се што е околу себе, како земниот живот Му се открива пред очите? За што мечтаел, и како воопшто тоа Дете од Назарет – истовремено како Бог, општело со другите Две Лица на Светата Троица!?
Кога пораснал како момче, Евангелието ги отвара своите страници, да ни раскаже за нови тешкотии на Мајката:
“И секоја година родителите Неговите одеа во Ерусалим на празникот Пасха. А кога Тој беше дванаесет години, тие пак отидоа по обичајот во Ерусалим; но при враќањето, кога се завршија празничните денови, Младенецот Исус остана во Ерусалим; а Јосиф и Мајка Му не го забележаа тоа. Мислејќи дека е Тој со свои другарчиња, изминаа еден ден пат и Го побараа меѓу роднините и познатите. Па, кога не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат. По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учители, ги слуша и ги прашува; сите што Го слушаа, се восхотуваа на Неговиот разум и на Неговите одговори.
Кога Го видоа, се зачудија; и Мајка Му рече:
“Синко, што ни направи така? Ете, татко ти и јас се измачивме, барајќи Те.”
А Тој им рече:
“Зошто сте Ме барале? Зар не знаете дека јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Отец?”.
Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Тој. И излезе со нив, па дојде во Назарет; и им беше послушен. А Мајка Му ги пазеше сите тие зборови во срцето свое” (Лк.2:41-51).
Во тоа известување Мајката попатно се спомнува. Но настаните сообразени со тогашниот еврејски бит, побаруваат да се претстави истата, Преблагословена, Дева Марија со чувство на длабоко благочестие и преданост на законот Мојсиев. По тој Закон, три пати во годината – Пасха, Педесетница и Шатри, секој израелец требало да се поклони во Ерусалимскиот храм и да принесе жртва. Света Дева, како жена, била ослободена од таа обврска. Но одданоста кон верата и страв за Синот од самиот Архелај, кој не бил подобар од татка си Ирод, ја принудувале да не мисли на опасност, да биде се поблиску до својот Син, Кој веќе како дванаесет-годишен, требало да оди во Ерусалим. Според толкувањето на познатиот учител Гилел, таа возраст поминувала од детство кон младинство. Како младенец постанувал син на законот и бил должен да ги исполнува заповедите, да познава занает и да учествува во заедничките богослужби. Затоа и Таа Го придружувала. По завршувањето на празникот сите почнале да си разотидуваат. Тргнале за Назарет и Јосиф и Марија, мислејќи дека Исус си доаѓа со некои од роднините. Тие денови во Ерусалим се собирале многу поклоници и тешко било да се тргне заедно со семејството. Кога застанале да одморат во селото Михамас, тие го побарале Исуса, но не Го нашле, и, многу се вознемириле, веднаш се вратиле да Го барат. Го заборавиле уморот, и не можеле да си опростат, што дозволиле тоа да им се случи. Кога не Го нашле и во групите кои ги среќавале по патот, се вратиле во Ерусалим. Скршена од страв и грижа, Мајката влегла во Ерусалимскиот храм со надеж на утеха и вера, дека Бог ќе и’ каже, каде да Го бара Својот Син. И со големо изненадување Го видела својот Син во присуство на високи црковни старешини и учители, како Го слушаат што зборува, поставувајќи Му прашања, чудејќи се на возраста и одговорите, кои биле пристапни само на Бога. На лицата од присутните кои беа Го опкружиле Христа, им беше оцртан чуден страв и пониженост пред мудроста на Тоа Дете.
Срцето на Пресвета Богородица се исполнило со радост, кога Го видела вообичаениот Исус, обраќајќи Му се со нежен Мајчин прекор:
Чедо, зошто ни направи така? Ете татко Ти и јас многу се измачивме барајќи Те.
„Зошто сте Ме барале? Зар не знаете, дека Јас треба да бидам со она, кое Му припаѓа на Отецот?“
Тие се првите зборови, кажани од Христа, кои ги читаме од Евангелието, прво Негово кажување, дека е Син Божји, и првото не својствено кажување во очите на Мајка Си, дека Тој веќе не и припаѓа на неа, туку на делото за кое е испратен и да им послужи на луѓето.
Тешко одекнале тие зборови во срцето на Мајката Божја! Тоа можеби е првата стрела од “седмострелната икона”, која го пронижила Нејзиното срце, првото прободување, прободување со меч, кое го претскажал Симеон. Од тука почнала да и се изјаснува иднината: Синот веќе не и припаѓал исцело, како во детските години; Синот и ќе ја остави и ќе се потопи меѓу народот, со полни Мајчински права над Него, таа едвам ќе влезе кај Него, тогаш, кога сите ќе Го остават.
Кога дознала, дека нејзиниот Син веќе не и припаѓа толку нејзе, колку што на човештвото, Таа го направила истото, што го правеле секогаш во својот молчалив живот: бесчујно се подчинила на Божјата воља. А покасно направила и повеќе: станала Мајка на целото човештво, кое и го отргна вообичаениот Исус и поради кое Исус беше ставен на крст.
Колку тешка жртва било за светата Мајка да гледа како полека, полека нејзиниот Син се оддалечува од неа, прифаќајќи го патот на својата служба! Можеме да си претставиме каква внатрешна борба Таа преживувала, мајчинското чувство да се помири со мислата, дека Нејзиниот Исус кој и припаѓа како Син, на светот Тој Му припаѓа како Спасител.
Смртта на Јосиф обручник
На Пречистата Дева Марија и претстоеле и други тешкотии. Помеѓу нив е и смртта на старецот Јосиф, во чиј дом, и под негова грижа поминала толку години; со кого ги делела грижите и неволјите околу опстојувањето, потоа при раѓањето на Спасителот, па бегањето од гневот на Ирод во Египет и грижите околу Младенецот. Со еден збор, тој бил за неа сигурна семејна потпора. Но и тој, како што нема човек кој се родил а да не умре, и на деновите на Јосиф дошол крајот. Канонските евангелија ништо не известуваат за крајот на Јосифа, но црковното предание и апокрифната литература изобилуваат со интересни поединости. Една апокрифна арабска верзија “Историја за Јосиф дрводелецот” го опишува животот на семејството на Јосиф и неговите последни денови. Особено во нејзе е интересно, што разговорот се води во прво лице – зборува Самиот Исус од Свое име:
“Старецот Јосиф доживеа длабока старост. Но телото не му опадна, а и видот не му се промени. Тој немаше ниту еден расипан заб. Разумот не го изневери ниту за час. Наликуваше на млад човек, сигурен и уверен во себе. Воопшто телесно беше добро сочуван. На крајот од својот живот ја постигна својата возраст сто и единаесет години (Според прикажаното на апокрифот, за одживеаните години на Јосиф, не се совпаѓааат со годините на Пресветата Богородица и на Господ Исус Христос) ..
Јосија и Симон, неговите поголеми синови (синови се нарекуваа и неговите внуци од близок род) се оженија и отидоа да живеат одвоено. Исто така и двете керки (внуки) се омажија и отидоа да живеат во домовите на своите мажи. Во домот на Јосиф остана Јуда, малиот Јаков и Мајка Ми Марија. Што се однесува до Мене, Јас живеев при нив, како нивно дете, исполнувајќи Си ги Моите задолженија. На Марија и’ велев “мајко”, а на Јосиф – “татко.” Ги слушав и никого не го одбегнував извршувајќи ги сите потреби кои се бараа од Мене. Ги слушав како што прилега. Ниту еднаш не Сум ги изневерил. Ги сакав многу – како зениците во Моите очи. . .“
Еве точна пресметка на годините од животот на праведниот Јосиф: Тој беше четириесет години, кога се ожени. Жена му, кога умре, тој имаше четириесет и девет години. Една година по нејзината смрт свештениците при храмот му ја доверија Мајка Ми Марија, за да се грижи за неа според законот. Таа беше во неговиот дом две години и на третата година т.е. на петнаесеттата година од својата возраст, таа Мене Ме роди на чудесен начин, што ниту еден човечки ум не би можел да го свати, освен преку Мене, преку Мојот Отец и Светиот Дух, Кои сочинуваме нераздвоено единство.
Возраста на татко Ми, праведниот Јосиф, беше сто и единаесет години (??). Толку му беше одредил небесниот Отец. Денот, во кој душата му го напушти телото, беше дваесети и шестиот ден од месецот Абиб. Тој престана да јаде и да пие. . .
Мајка Ми, пречистата Дева, стана се доближи до Мене и Ми рече:
Мили Сине, на тој благочестив старец Јосиф му се наближува часот на смртта.
Јас и реков:
Мајко, сите Божји созданија, кои што се родиле на овој свет, ќе умрат, бидејќи смртта е наложена во човечкиот род. И ти самата, о, Мајко Моја непорочна, исто така ќе умреш еден ден, како сите луѓе. Но твојата смрт, многу повеќе ќе биде од смртта на овој благочестив старец, ќе биде смрт невообичаена, ќе биде непрекинат живот во вечноста. А Јас Самиот исто така ќе умрам со ова тело, кое ти Ми го даде. Но стани и влези, пречиста Мајко, кај благочестиот старец Јосиф, за да видеш што ќе стане со неговото вознесение. . .
Јосиф дишеше тешко. Јас му ги држев рацете а тој Ме гледаше давајќи знак да не го оставам сам. Ја ставив раката на неговото срце и осетив, како душата му се подготвува да го напушти телото.
Кога непорочната Моја Мајка виде, дека го додирнувам неговото чело, таа исто така го додирна за ногата осеќајќи го студеното мртвило, па Ми рече:
О, мили Сине, ете нозете веќе му се студени како лед.
Таа веднаш ги повика синовите и керќите негови, велејќи им:
Дојдете да го видете татка си, бидејќи му доаѓа последниот час.
Азија, неговата керка ми рече:
Горко нам, браќа мои! Тоа е болеста, од која умре и мајка ни.
Таа плачеше, а со неа плачеа и сите деца на Јосифа.
Јас и Мајка Ми Марија, истотака плачевме заедно со нив. . .
Го свртив погледот кон југ и видов, дека смртта се наближува, пратена од ѓаволот и неговите слуги. Облеката, лицето и устата му испуштаа оган. Кога татко Ми Јосиф го виде, дека доаѓа кон него, очите му се наполнија со солзи и многу се вознемири. Кога ги слушнав неговите тешки и тапи воскликнувања со тешки воздишки, се смилив и ја отстранив смртта и нејзините слуги, кои ја придружуваа. Се обратив кон добриот Отец небесен и реков:
О, Сесилни Боже, Око кое гледа се’, и Уво кое слуша се’, слушни го гласот Мој и Мојата молитва за овој старец Јосиф, и испрати го началникот на Твоите Ангели – Михаил и Гаврил, предводникот на светлината, и целото ангелско воинство, за да ја придружуваат душата на татко Ми Јосиф и да ја претстават пред Тебе. Во овој час татко Ми има голема потреба од Твојата помош.
А вам пак ви велам, дека сите луѓе и сите светители, кои се раѓаат во овој свет – праведни и грешни – задолжително, без исклучок ќе ја вкусат смртта.
Во тој час Михаил и Гаврил се приближија кон душата на татко Ми Јосиф. Го земаа во свое власништво и го повиткаа во светлиникова плаштаница. Тој го предаде својот дух во рацете на Мојот небесен Отец, Кој е благодатта на вечниот мир и спокој. И никој од децата на Јосиф не виде, како тој умре. Ангелите ја чуваа неговата душа од демоните на мракот, кои стоеја и гледаа. А ангелите Го фалеа и прославуваа Бога, се додека не го доведоа Јосифа во живеалиштето на праведните.
Тогаш Јосиф се вознесе на небото.
Друга верзија (Египетска на Сандите) го прикажува детално вознесението на Јосифа, кое е слично со вознесението на св. Дева Марија:
“И тогаш, кога Јас кажав “Амин”, Мојата скапоцена Мајка Марија го повтори истото, и во истиот час Архангелите Михаил и Гаврил, и со нив голем хор на мнозинство ангели, слегнаа од небото, дојдоа и застанаа до телото на татко Ми Јосиф. Во тој час, во кој издишувањето и вклучувањето се опфати целосно, јас видов дека последниот час веќе беше дошол. Тој беше опфатен со измачувања, слични на жена пред да пораѓа. Занесеноста го опфати како бура или силен оган, кој одеднаш топи големо количество на дрва. Што се однесува до самата смрт, стравот не и дозволи да влезе во телото на Мојот скапоцен татко Јосиф, да би го одвоил со душата, бидејќи, кога ја разгледа собата, виде, дека бев седнал до главата негова држејќи ја Мојата рака на неговото чело.
Кога дознав, дека смртта се плаши да влезе од мене, станав и застанав до вратата каде таа чекаше, обвиткана од страв. Тогаш Јас и реков:
О, ти патнице, која си дошла од страната на Зајдисонце, влегувај бргу, за да го исполниш она, кое ти е заповедано од Мојот Отец небесен! Но внимавај на Јосифа како на своите очи, бидејќи тој Ми е татко и тој се грижеше за Мене, од денот на Моето Рождество, бегајќи со Мене од едно на друго место, поради жестоката одлука на Ирода. И Мене Ми го даде целото воспитување, како што го дава родител на своите деца за нивно добро. Тогаш Авадон, ангелот на бездната (Откр. 9:11), влезе и ја зема душата на татко Ми Јосиф од неговото тело, напладне кога сонцето се беше високо издигнало, дванаесетиот ден од месецот на пролетта.
Животот што го одживеа скапоцениот Ми татко беше сто и единаесет години, Архангелот Михаил зема плашт од кадифено платно, и Гаврил зема други два плашта. Ја земаа душата на скапоцениот Ми татко Јосиф и ја положија на плаштовите од кадифе.
Никој од присутните кои беа до него не забележаа дека тој почина. Мајка Ми Марија сосема не забележа. Јас му порачав на Михаил и Гаврил да бидат близу него бидејќи ги има многу насилници и крадци со кои ќе се среќаваат по патот. Исто така му порачав на хорот на бестелесните ангели да продолжат да пеат и по патот, се додека не стигне во небото при мојот благ Отец. . .!”
На овој догматски апокрив, му се нема дадено никакво значење, но сепак има свое место на внимание во позадина. Многу семејства остануваат во живот без родени деца, но чедољубието му овозможува да одгледат сираче. Таков пример се случува со Јосиф, кој грижејќи се го одгледува на земјата Синот Божји; Човекот Исус, а Кој се грижи во староста и во последните денови на Јосифа, одолжувајќи му се вистински и синовски.
Смртта на Јосиф настапила, според црковното предание, неколку години после одењето на светото семејство во Ерусалим за празникот Пасха, кога Го изгубиле Исуса. На Даниил поклоник, кој во XII veк ја посетил светата земја, му го покажале гробот на Јосифа, кој бил позади пештерата на Благовештението, каде го погребал Самиот Исус. Не се знае кога покасно телото му било пренесено во Гетсиманската градина, каде биле погребани родителите на св. Дева Марија, а покасно и самата таа.
Црквата го слави праведниот Јосиф во Неделата по Рождеството Христово заедно со свети пророк цар Давид и Јаков, брат Господов.
Праведниот Јосиф, обручникот на Дева, заедно со Давида и Јакова, да ги воспееме, како што прилега. Зашто одеа по патот праведен, стигнаа до небесните одмаралишта, каде што достојно ликуваат со ангелите, молејќи за опростување на нашите гревови (седален после 3-та песна на канонот).
Да го воспееме и божествениот Јосиф, обручникот на Богородица, заедно со Божјиот брат Јакова и Богоотецот Давид, зашто, заедно со ангелите, поклониците и пастирите послужија за благолепие на Христовото рождество во градот Витлеем, пеејќи му песни како на Бог и на Владика (светилен).
Благовествувај, Јосифе, за чудното исполнување на пророчанствата на Богоотецот Давид. Ти ја виде Дева да раѓа, со пастирите Исуса Го прослави, со царевите Му се поклони, од Ангелот вест прими. Моли се на Христа Бога да ги спаси нашите души (тропар).
По смртта на Јосифа, грижата на Пресветата Богородица била поголема, да го обезбеди својот опстанок за себе и за Исуса. Останала без земниот покровител, опколена со земни грижи, таа ја предала својата надеж исцело на небесниот Отец и се посилно очекувајќи го царството на својот Син.
Годините се нижеле една по друга. Света Дева Марија се тешела со близината на Христа: Го гледала, Му Го слушала гласот, се радувала на Неговото присуство. Но Тој полека се оддалечувал од семејниот круг. Му претстоело општествено служење.
По патот на Христа Богоугодниот пат на пресвета Богородица придонело да биде воспеан и спасителен за нас. Таа самоуверено го очекуваше доаѓањето на ветеното царство на својот Син и тоа време дојде. За времето од три-ипол години на општото Негово служење таа Го пратеше невидливо, како сенката – човекот, но сепредано и сеоддано. Евангелието не зборува за тоа, но мајчиното и срце не уверува.
Исус бил на триесет годишна возраст, кога отпочнал со своето служење (Лк.3:23). Пред таа возраст, според еврејскиот закон, неможело да се отпочне со општествена служба – учител или свештеник. Запазувајќи го овој закон, Богочовекот не се јавил на општествена проповед пред да ја наврши возраста која била предвидена. Го напуштил Назарет, и отишол покрај брегот на реката Јордан, каде што гласот на Претечата Господов ги повикувал луѓето да ги исправат патеките Господови, да направат плот, достоен за покајание, бидејќи секирата веќе лежи при коренот на дрвото (Мат. 3:10). Бог се крстил со Јовановото крштевање. Тогаш се отвориле небесата и Духот Божји во вид на гулаб слегол врз Него, и глас од небесата се слушнал: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја (Мат. 3:14-17). Така било општото Богосиновско посведочување на Исуса. После тоа се одалечил во Јорданската пустиња да се подготви со пост и молитва за светото спасително дело, каде што поминал четириесет денови; бил искушуван и после победата над искушителот, духовно поткрепен, се вратил при Мајка Си, пратен од мноштво народ. Одтогаш Исус ја отпочнал својата проповед (Мат. 4:17).
По покана, на свадбата во Кана Галилејска, Тој отишол со Својата Мајка. Св. Јован Златоуст ни појаснува, дека тоа било покана како кон “знаен човек” и близок роднина. Денес Кана е мало село. На местото каде Исус Го благослови бракот е изграден храм. Во самиот трем се направени шест вински садови, од кои, неколку од нив крстоносците пренеле во Рим. Преданието ни појаснува, дека момчето, чиј брак бил посетен од Исус Христос, бил Симон Кананит, иден Христов ученик и апостол, близок роднина на Дева Марија. Семејство од средно колено. Како што често се случува на свадба, виното свршило. Во таа пристегната состојба пред своите роднини пресвета Дева Марија го пројавува своето прво застапништво, ходатаинство пред Сина си со тивко кажаните зборови: “Немаат вино” (сп. Јн. 2: 1-12).
Со такви кротки зборови таа секогаш Му се обраќала: “Тие се вознемирени, ќе им се растури свадбата. Ти ги сакаш луѓето и се можеш, помогни им, успокој ги во нивната вознемиреност!” Во нејзиното срце биле запечатени благовесните зборови на Архангелот Гаврил, настаните со пастирите и мудреците од Исток, и откако видела, дека Исус отпочнува со општото Свое служење, била исполнета во верата, дека Тој е Ветениот Месија, го прави првото чудо пред вознемирените и пред оние кои имаат потреба.
Исус и’ одговорил:
Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.
Зборовите на Спасителот не биле откажување, на молбата од Својата Мајка. Таа била сигурна во милосрдноста на Својот Син, правилно ги разбрала Неговите зборови, затоа со смиреност се обратила кон прислужинците:
Се што ќе ви рече, направете !
А тој им рекол да ги наполнат сите садови со вода, потоа да нацрпат и да му однесат на старосватот. Тој кога вкусил од виното што беше претворено од вода, го повика младоженецот и му рекол:
Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото; но ти си го зачувал доброто вино за сега.
Така отпочна Исус со Своите чудеса во Кана Галилејска и ја покажа Својата Слава (Јн. 2.11). Со тоа му кажа на присутните, дека сесрдната Застапница секогаш ќе испросува милосрдност од Својот Син за помош од тешкотиите и страдањата на луѓето по целиот свет кои ќе го повикуваат Нејзиното име за помош.
Секојдневен вообичаен случај. Можеби свадбарите си се опуштиле и рано го привршиле подготвеното вино, а тоа го вознемирило скромниот домаќин, кое тие би го примиле како немарливост. Кога тоа го забележала со својот истенчен осет, многустрадалната нивна роднина Мајката Божја, уште веднаш си земала за должност и го измолила Семожниот Свој Син да ги ослободи од вознемиреноста. Разбирлив е примерот, уверува дека во животот секој има потреба, а Бог тоа го отценува и навреме го задоволува.
Прво Христово чудо, прво застапништво на Мајката Божја!
Таа ќе остане вечна посредница пред Својот Син Божји, ќе Му кажува за се, што “имаат потреба” луѓето, и премолчно ќе се застапува, тоа да им го даде.
Во Капернаум. После свадбата во Кана Галилејска, Исус и учениците Негови пристигнаа во Капернаум (сп. Мт.4:4-13). Тука биле родени и тука живееле родителите на апостолот Петар и Андреј.
Тука често пати доаѓал Исус Христос. Како што го избрал Витлеем за родно место, Назарет место на Своето детско растење, така Го избрал Капернаум за Свое стално живеалиште. Затоа во Евангелието е наречен Негов град (9:1).
Зошто Христос ја донесе и Мајка Си во Капернаум? – прашува св. Јован Златоуст и самиот одговара: – Ми се чини, бидејќи имал намера наскоро да оди во Ерусалим, доаѓа тука, да би ја оставил Мајка Си, да не би ја водел со Себе.
Во Стариот Завет, Капернаум никаде не се спомнува, но во Новиот Завет често пати се спомнува. Во времето на Исус, тој бил многу раздвижен град, град на трговија, град на Генисаретското езеро. Во него Господ Исус Христос проповедал – во синагогата, во чесните домови, покрај брегот на Генисаретското езеро и неговата околина. Тука Исус направил многу чуда: Го излекувал слугата на стотникот (спореди – Мт.8:5; Лк.7:2) ја излечил бабата на ап. Петар (Мт.8:14; Мк.1:30,31; Лк.4:38) го дигнал раслабениот од постелата и го испрати во својот дом (Мт.9;Мк.2; Лк.5.). Потоа, додирнувајќи ја раката на умрената ќерка од началникот на синагогата Јаир, ја дигна како од сон (Мт.9; Мк.5; Лк.8), со едно додирнување на крајот од Неговата облека го излекува крвотечението на жената – кажувајки и дека верата ја спаси (Мт.9:20-22; Мк.5:25-34; Лк.8: 43-48). Од тука се разнесе гласот за Него по сите околни места (Лк.4:37) и сите кои имаат болни од разни болести ги донесуваа кај Него, а Тој ја полагал Својата Рака врз секого од нив и ги лекувал (Мт.8:16; Мк.1:32-34; Лк.4:40). Се што се случувало, пристигнувало до ушите на пречистата Мајка Божја, полнејќи и’ се срцето со блажена радост. . .
Покрај многуте чуда, кои ги направил Исус во Капернаум и околината, жителите негови останаа со скаменети срца во слепо неверие, заслужувајќи го осудувањето со укор од Спасителот:
“И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе бидеш спуштен; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше. Но ви велам дека на земјата Содомска ќе и биде полесно на судниот ден, отколку тебе” (Мт.11: 23-24).
И тие зборови се исполнија. Во деновите на блажени Јероним сеуште се зборувало за Капернаум како за град. Од тринаесеттиот век го спомнуваат како незнајно селце од неколку рибарски колиби. Во денешно време никаква патека не води кон него. За неговата место-положба со несугорност се спори. Таква запустеност дочекал тој безверен град. Некои негодуваат, дека тој се наоѓал на местото од денешното селце Тебге, или Тангум. Крајбрежните некогаш прекрасни места на Генисаретското езеро, покриени со зелени килими од лоза, денес се покриени со густи трње, преку кои со голема тешкотија може да помине човек. И преку тој бодликав плет на крајбрежието се појавуваат силуети на црните камења.
Во Назарет. По првата Пасха Христос се вратил во Назарет. Влегол во синагогата и почнал да проповеда за “благопријатната година Господова!” (Лк.4:19). Поради тоа што не ги разбирале правилно посочувањата на пророштвата во горделивоста на присутните се појавила голема недоверба према Него и тука Исус ги искажал значајните зборови: “ниеден пророк не е мил во својата земја” (Лк.4:24). Исполнети со гнев, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот на еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора. Но Он си помина меѓу нив и си отиде (Лк.4:29-30).
Преданието ни раскажува, дека на тој страшен настан присуствувала и Мајката Божја. Кога слушнала за побуната во синагогата, дошла таа тука и се пробила помеѓу разгневената толпа до врвот на ридот. Кога ја видела страшната провалија, од каде сакале да Го турнат, таа била стаписана во ужас. Провалијата била висока повеќе од пеесет метри и се спуштала стрмно кон Ездрелонската долина. Не можело ниту да се помисли кога би паднал од неа човек да би останал жив. Мајката Божја од таа глетка многу се исплашила.
Првите христијани на оваа место по повод овој настан подигнале “Црква на исплашената Мајка”, за спомен на преживеаниот страв Богородичен. Зидините на црквата и денес се оцртуваат. Местото е обраснато со бодликави трње и преставува голема тешкотија за приод на богомолците и поклониците. Дека точно тука се случил овој настан спомнато во Евангелието, освен Преданието, до денес се зачувани големи садови, од кои посетителите црпат вода, доколку во црквата се служи. Освен тоа во Назарет, во самиот град, и денес стои сочувана стара градба без прозорци, кој под е ниско во земјата, каде што има извор со некакви пропратни градби. Тоа е имено синагогата, во која одлучиле Христа да Го турнат од ридот.
Капернаум и неговата околина повторно ја слушаат Христовата проповет. Тој научи многу слушатели и ученици да се молат, продолжи да ги лечи од различни болести и да му го воздигнува духот со најразлични поучувања.
Во еден од таквите моменти една жена од народот извика и Му рече: “Блажена е утробата, што Те носела, и градите од кои Си се хранел!”
“А Он рече: Да, но блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го пазат” (Лк.11:27-28).
Тие високо достојни зборови се однесувале на Мајката Божја. Со ова јавно признавање и возвеличување на светата сечиста Дева, започнува и исполнувањето на пророчките зборови, кои Марија, вдахновена од Светиот Дух, ги кажала за време на посетата на домот од праведната Елисавета: . . .ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови (Лк.1:48).
Додека книжниците и фарисеите рекле: “во Него е Велзевул и дека бесовите ги истерува со силата на кнезот демонски” (Мк.3:22), и дека “Нечист дух е во Него” (ст.30), Му се спротивставувале и сакале да Го убијат. Тој глас дошол и до Неговите блиски, кои вознемирени, особено Неговата Мајка, дошле кај Него да Го видат, и да Го предупредат за опасноста, по можност, да Го убедат да се чува:
“Дојдоа кај Него и мајка Му и браќата Негови, и неможеа да се приближат до Него заради народот. И Му јавија велејќи: “Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат. А Он им одговори и рече: “Мојата мајка и моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат” (Лк.8:19-21).
Со овие зборови на Христос, ни кажува, дека телесното сроство се руши пред силата на светоста, дека духовното соединување на мисли и чувства е највозвишено сродство.
За пречистата Негова Мајка овие биле тешки зборови. Таа не Му била Мајка според смислата на зборовите. Го носела девет месеци при срце, долго време в раце; вложила за Него толку грижи и труд, доживеала толку тешкотии и возбудувања. И после се’ сега ја израмнува со сите исполнители на законот. Таа посакувала почесто да Го гледа Исуса, да зборува со Него, и дека за Него таа е нешто повеќе од другите. Место тоа, таа ги слуша од Неговата уста зборовите, од кои на прв поглед може да се помисли, дека таа нее ништо повеќе од секој праведен човек, кој живее според законот Божји.
Неправилно разбирање на евангелските зборови од некои родители: “Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело” (Мт.19:5) и не само едно тело, ќе бидат едно срце и една душа, – а се создаваат толку недоразбирања и огорчувања со децата и снаите. Каков чуден пример во случајот со Св. Богородица.
Тие зборови го исполниле мајчиното срце, но како и секогаш таа премолчно ја понела болката. Светата Дева, пред да Го принесе Својот Син за жртва на Голгота, таа Го принела за жртва на човечкиот род, откако Го оставила да Му посвети на Словото и Делото; таа себе се лишила од Мајчината близина со Него, се поради човечкиот род.
Мајката Божја како прв и совршен Новозаветен човек, прва ги вкусила врз себе Христовите зборови: “Не дојдов да донесам мир, туку меч на земјата” (Мт.10: 34). Тој меч на својствен начин го отсекол од нејзе Исус како земно чедо, а во исто време Го доближува до неа како Бог во степен на духовност и во личност на таква беспримарност, недостижна мудрост, а како личност на голем пример во човечка природа, таа се удостоила за родена на земјата Небесна Царица!
Прва христијанка. Со приближувањето на последната, четвртата Пасха, вознемиреноста на Мајката Божја се зголемувала поради веќе осилената омраза на фарисеите кон Исус.
Исус Веќе откриено Му кажувал на Своите ученици, дека Го чекаат тешки измачувања. На својата Мајка истотака и’ кажал откриено, во нивните отворени разговори. Вероватно на Нејзе повеќе и’ открил, отколку на своите ученици, да би ја однапред подготвил за настаните кои доаѓаат. Нејзиното пак осетливо срце ги предосеќало тешките настани, претскажани и определени од пред иљадници години, а сега неизбежно и ненадминливо приближувајќи се.
Каков испит на исчекување во нови тешкотии го очекувале нејзиното срце, кое веќе доживеало не малку испити?! Таа била христијанка – прва христијанка, Првиот облагороден плот на христијанството. Таа прва поверувала во божественоста Христова, уште пред Неговото раѓање, кога ниту една земна душа во светот не знаела за таа спасителна Божја тајна. И како христијанка не можела а да не го очекува извршениот Христов подвиг – преку Неговата жртва, распнат помеѓу небото и земјата, во божествена Христова крв човек да се измие од соблазностите и да стане почист од бел снег, ослободувајќи се од грешноста на некогашниот свој праотец и одново да се врати во изгубениот рај. . .
Можела ли Мајката Божја да не го посакува спасението на човечкиот род, разрешувањето на проклетството, општото воскресение и божествениот живот во идниот век?
Но не само што била христијанка, таа била и вистинска Мајка – Мајка на истиот Исус, преку Чии понижувања, страдања и театарска смрт, таа ги очекувала за спасение на човештвото, дозволувајќи во Нејзе да се всели Бог Словото.
Како Мајка, таа можела да поднесе Синот да се одвои од Нејзе, обиколувајќи ги градовите Јудејски и да го учи народот. Но Неговата смрт, која била неизбежна, таа ја примила како христијанка, чувствувајќи се, како Мајка во ужас. Во исто време од самото Нејзино сознание во длабочината на душата се појавува искра на надеж, дека таа смрт е за приближување на човекот со Бога Отца.
Кон Ерусалим. Христос, е на врвот од Својата слава. Гласот за чудата, кои Ги направи како гром се разнесоа низ Јудеја. Воскресението на синот на Наинската вдовица и на Јаировата керка од Витанија. Лазар, братот на Марта и Марија, кој беше болен, но “таа болест не е за умирање, туку за слава Божја” (Јн.11:4). Со закаснување, Исус доаѓа со Своите ученици, но веќе Лазар четири дена е погребан во својот гроб. Наредува да се тргне плочата надгробна, а потоа го извикува Лазара да излезе надвор, и тој обвиен со погребални обвивки излегува. На блиските негови Му вели: одвиткајте го и оставете го да оди. Чудото сите ги потресе. Многу од присутните Јудеи поверувале во Христа, а некои побрзале да им кажат на првосвештениците за направеното чудо. А тие, наместо да посакаат да слушнат повеќе, се советуваа и се согласија да Го убијат (сп. Јн.11:53).
Така прославен, Исус се упатува и влегува во Ерусалим “кроток, качен на ослица” (Мт.21:5). – Кој е тој? – прашуваат збунето некои – Пророкот од Назарет Галилејски, одговара народот, ги постилаат своите алишта, со палмови гранки Го дочекуваат, Му Го чистат патот и радосно извикуваат: “Осана на Синот Давидов! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово! Осана во висините!” (Мт.21:9).
Во тие несекојдневни моменти, срцето на пречистата Мајка Господова се стегало многу силно, гледајќи ја наклонетоста на ерусалимскиот народ пред Нејзиниот Син! Но таа го предосеќала исполнувањето на пеколната замисла.
Предаден од ученикот – предавникот Јуда Искарјотски.
Определена е уцената – триесет сребреника.
Договорен е знакот – целувка,
Одредена е сцената – темна ноќ, запалени фаќели, вооружена стража, Гетсиманската градина.
И се тече според планот.
Предаден од Јуда, Исус е фатен од војниците и е одведен од јудеите кај Кедронскиот поток, каде што бил споменикот на Авесалом, каде што од спротивната страна имало мост за преку потокот – кој и денес постои. Тука, на тоа место каде што Христос му подари вид на слепородениот, според преданието, Исус ја добил првата навреда од стражата. Тука за прв пат паднал – обележјата од колената и Неговите раце се сочувани на самиот брег. Преданието уште додава, дека, потурнат од народот во потокот и измачуван во жед, човекот Исус пиел вода од Кедронскиот поток. Со тоа се исполниле зборовите на пророкот: “Од потокот на патот ќе пие, и затоа високо ќе ја крене главата” (Пс.109:7). Понатаму кога го поминале мостот, јудеите намерно го заобиколиле околу Ерусалимските карпи на југозапад, да би Го понижиле, Го поминале преку Гнојните врати и Го одвеле во домот на првосвештеникот Ана, кај денешните Сионски порти. После тоа при Кајафа и на крајот Го спровеле низ целиот град до домот на Пилата.
До овој момент Пречистата Мајка Божја вознемирено Си Го бара исплашениот Свој Син и пред домот на Пилат се измешува со присутните очевидци, да би ги прежевеала Христовите страдања во целата трагедија од домот на Пилата до Голготската трагедија и со тоа да стане пример за сите мајки, погодени од безутешна тешкотија.
Како поминувала, што доживеала во тие моменти?
Самиот Исус, Кој дојде во светот, за да пострада; се роди, за да биде распнат, и, како Бог што се знае, од почетокот се гледа на крстот, осеќајќи како доаѓа смртта, се моли во Гетсиманија: “Отче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша” (Мт.26:39); Неговата Пречиста Мајка имала уште поголема желба, таа чаша да Го одмине нејзиниот невин Син, а со тоа и самата неа. Но таа знаела дека таа желба нема да и се исполни, бидејќи Тој дојде во светот, се роди в прочем за тоа – да пострада за човекот, да ги спаси грешните (1Тим. 1:15).
Една древна хронологија. Во книгата “Дидаскалија” на дванаесетте апостоли има една интересна хронологија на Господовите страдања, која не се среќава во друг споменик од христијанската древност:
Во третиот ден од неделата (вторник навечер) Христос ја јадеше Пасхата со апостолите и потоа отиде на Маслиновата планина, каде вечерта беше фатен, предаден од Јуда. Така да страдањата Господови започнуваат од четвриот ден на седмицата (средата). Тој ден Христос бил под стража во домот на првосвештеникот Кајафа, а насобраните јудејски старешини имале советување.
Следниот, петтиот ден од неделата (четвртокот) Го приведоа Исуса пред Пилата, и тука Тој остана под стража во ноќта после петтиот ден.
Утрото во петокот Го обвинија пред Пилат, и побараа смртна казна за Него и во истиот ден во петокот Го распнаа на крстот.
Шест часа во петокот, Тој страда на крстот и тие шест часа, се однесуваат на цел ден.
После тоа настапи мрак, кој продолжи три часа и тоа се однесува за цела ноќ.
Наредните три часа, од деветиот час до вечерта, истотака се однесуваат за цел ден.
После тоа доаѓа саботната ноќ на страданиата.
Саботата и три часа од ноќта спроти неделата Господ претстојува во гробот и воскресна. И така се исполни напишаното: “така и Синот Човечки ке биде во срцето на земјата три дни и три ноќи “ (Мт.12:40) и кај Давида “Ете, ти ми ги скрати деновите”.
Синаксарите од страсната седмица ја исполнуваат богато содржината на таа древна подобна хронологија.
Судењето. Тешки страдања Му престоеле на Христа, нив ќе ги чувствува како страшен ужас и пречистата Негова Мајка. Приведен при Кајафа, Исус пратен од целиот сенидрион со намера дека “заслужува смрт!” (Мт. 26:66). Го плукаат, Го удираат по образот, Го камшикуваат (Мт.26:27). Го приведуваат на суд при Пилат (Мт.27 гл). И тука понижувања, потсмевања и подигравање; црвена багреница и трнов венец. Велики Петок.
Огорчената Мајка ги прати сите страдања на Својот Син. Ги слуша гневните викови: ”Распни, распни Го!” Ја гледа испреплетена во трње Неговата руса коса, која некогаш нежно ја милувала, кога беше дете; оросеното Му од крв бледо чело, кое во времето на детската нежна доверливост Го приклонувал на топлите мајчински гради. А сега во таа бедотија не може да Го заштити од разгневените напади. Со истите очи, кои сега личат на бескраен океан на неискажлива мака, со кои Тој и се насмевнувал.
За целото тоа време таа, придружувана од Марија Клеопова и саканиот ученик Јован, безшумно гледала обесилена да помогне и да утеши. На нејзиното чело нема трнов венец, гневните повикувања на толпата не ја бараат нејзината смрт. Но истовремено таа го осеќа на своето чело најботликавиот трнов венец, кој и’ причинувал неискажлива мака, каква никогаш не осетило човечко срце. Без да е распната, со Божјиот Свој Син таа гледајќи Го на крстот ги чувствувала и неиздржливите измачувања, кои Тој Ги доживувал од чеканот на забиените железни клинци.
Приклонета на карпата до Пилатовиот дворец, таа ја очекувала неизбежната и веќе одредена пресуда. До денес е сочувано местото како што било и некогаш, местото каде била приклонета пречистата Дева следејќи што се случувало.
Смртната пресуда е изречена. Натоварен Му е крстот, на кој ќе биде распнат, Христос е поведен кон Голгота. Толпата на народ е во раздвиженост. Со трновиот венец, потклекнат од ударите и од тежината на крстот едвам чекори Христос. До Него вооружени римски легионари, при секое подзастанување Го удираат со камшици.
Застапништвото на св. Дева пред Пилат. Има предание, дека при формирањето на крсната поворка, Мајката Божја по неиздржливите мајчински болки се пробила до Пилата со молба да би Го помилувал Исуса. Пилат со својата колеблива нерешителност и’ откажал.
Св. Роман Слаткопевец, трагично ги опишува осеќањата на разочарената Мајка во тие моменти: “Те водат, Чедо, за да Те убијат и никој нема околу Тебе! Го нема Петар, кој се колнеше, дека нема да се одрече од Тебе и ако затреба и ќе умре! Те остави и Тома, кој ги поттикнуваше другите апостоли: Да одиме и да умреме со Него!” Сите роднини и познати, кои чекаа да судат на израилевите колена – каде се сега? Нема ниту еден! Сам умираш за сите, Чедо мое, трудејќи се да им помогнеш на сите, и сите да ги спасиш!”
Кон Голгота. Во тие моменти, поткрепена од силната мајчинска љубов, Мајката Божја обиколила по една попречна уличка позади дворецот на Пилата и ја пресретнала страшната поворка.
Еден даровит непознат уметник ја овековечил таа средба.
По стрмен, калдармиран пат, бавно се движеше поворката. Најнапред Исус Христос, подведнат до земјата од тежината на крстот. Напред на кривината чекаат Мајката Божја и уште две жени. Гледајќи Го својот Син, изнемоштен под крстот, таа – Мајката Божја, им припаѓа во рацете на жените. На лицето и’ се отцртуваат неопишани страдања. Патот станува стрмен. Му помага Симон Киринеец. На кривината Исус упатува мил поглед кон расплканите жени. Вероника ја испружи својата рака и со крпа Му го избриша Неговото лице. На крпата остана ликот на Божјиот Страдалник.
Гледајќи Го, како Го водат во смрт, Дева горко Го оплакува:
Каде одиш, Чедо! Каде брзаш? Да не одиш пак во Кана на друга свадба, и пак ли, да му ја претвориш водата во вино? Ќе дојдам ли и јас со Тебе, Чедо мое? Или пак да Те почекам? Кажи ми Чедо, не ме одминувај со молчење, Кој при раѓањето ме сочува чиста, Ти си мој Син и Бог !
Овие зборови на Мајката Божја стојат во икосот на Велики Петок.
Патот завршува пред портите на судот. Голгота! Ударите од чеканот ги приковуваат пречистите раце и на крстот. Крстот е исправен. Раскрварените раце на распнатиот Бог се растегнати за целиот човечки род. Спасителните бранови од Божествената благодат се лечат од крстот, заплискувајќи го и обновувајќи го светот.
Христос страда на крстот. Со пронижено срце од неискажана тешкотија Мајката Божја стои во непосредна близина на Својот Син, која тоа го правеше уште од Витлеемската ноќ. Во овој час се исполони и пророчанството од пред триесет и три години на старецот Симеон. Од тогаш и таа ја отпочна својата вечна благодатна мисија да биде сострадалница на оние кои страдаат во животот.
Во подножјето на крстот. Само до пред кратко време пратен од одданите свои апстоли и од восхитениот народ, Христос е оставен сам. Сите го напуштија, освен Јован. Еден дури трипати се одрече од Него.
Но во тие страшни часови сите нив ги замени безграничната љубов на Мајката!
Таа – Мајката, стои блиско до крстот. Распнатиот и Син ја гледа. Голема таинственост, никогаш не дознаена од светот, се поведува разговор помеѓу нив. Нема ништо на светот потешко од навредена светиња. За Мајката Божја, Христос на крстот бил распнатата и развлечена човекова неправда, чии измачувања ги чувствувала на своето тело И во нејзиното со меч пронижено срце. Ја крепнела само мислата, дека Тој доброволно примал да пострада, за кое често и зборувал. Ја тешела и мислата за големото значење на тие последни страдални моменти кои биле посветени на човечанството. Таа страдала преќутно. Некои вообичаени луѓе кои биле присутни на овој страшен настан не можеле да ја поднесат таа страшна слика, а Мајката Божја стоела под крстот без и да плаче. Оплакувањата кај Нејзе беа нарушени, од самото пред кратко време торжествување, и во тие единствени часови на човечката историја беше засегната човековата природа на Господа Исуса Христа.
Мајката Божја, страдала за Христа како за Син, на која и’ биле добро познати Неговите способности, Кој ги манифестирал на сите, таа најдобро Го познавала. Мајчински страдала за Него, бидејќи како земна Мајка Го одгледала “од своите пелени” и покрај толку тешкотии и грижи. Страдала за Него како христијанка за новото големо христијанско учење. Големо страдање е за сите, кои веруваат во светињата, гледајќи ја светињата како се понижува. Кој е тој што повеќе верувал, поискрено и поубедливо од св. Богородица во Христовото слово, во Спасителните принципи, кои Тој ни ги даде? Таа не можела да ја изрази на друг начин преданоста кон тие принципи, освен да стои премолчно под крстот во тие тешки часови.
Таа стоејќи молчаливо ја осеќала врз себе распнатоста на Својот Син и Бог. И колку големи да биле страдањата Христови, присуството на вечната и света Мајка барем малку Му се ублажувале. Св. Роман Слаткопевец во својата поезија кажува, дека Самиот Господ од крстот кога ја видел големата тежина на Својата Мајка, ја тешел со зборови на вера и нада: “Зошто плачеш Мајко Моја? Што ќе им дадам на другите жени, ако не пострадам и умрам! Како ќе го спасам Адама, ако не слезам во гробот? Како ќе ги издигнам во живот заробените во адот ако не отидам таму? Ти гледаш дека неправедно Сум распнат. Не плачи! Подобро кажувај дека доброволно страдам. Бидејќи Бог Словото преку тебе стана човек. Со Човековата Моја природа страдам, преку неа и спасувам. Не плачи Мајко, туку радост возвести, дека од љубов кон човекот примив, да пострадам за него!”
Посинувањето на човечкиот род. Стопена во длабока тага, дознала за неизбежната смрт на Својот Син, пречистата Мајка се потресува пред мислата за иднината на својата самотија. Нема повеќе за кого да се грижи, нема повеќе кого да сака. Севишниот распнат Син и Бог, продрел во нејзините растревожени мисли и, покажувајќи и’ со Своите очи на саканиот ученик, Ги кажал заветуваните зборови: “Жено, ете ти син! А потоа на него: Ете ти мајка”! (Јн.19:26-27).
“Ете ти мајка, сакан ученику! Укажувај и’ благоговејна синовска почит како на Моја Мајка! Опколи ја со грижи и внимание во животот! Исполнувај ја свето Нејзината волја! Слушај ги Нејзините поуки! При тешкотија и тага, побарувај ја Нејзината помош, и ќе ја имаш! Обраќај се кон Неа за заштита и ќе ја добиваш при сите потреби во животот! Меѓусебната љубов и почитување секогаш да ве сврзува!”
Во личноста на Јована, се гледа посинетоста од Мајката Божја и целиот човечки род. Христос Ги остави и зборовите:
“Јас Си одам. Ти нема повеќе да Ме гледаш. Нема да го слушаш Мојот Синовски поздрав, кој те исполнуваше со радост. Нема да Ми ткаеш пак таков прекрасен хитон. Јас, на Небото нема да имам потреба од мајчинската помош, но, место Мене, прими во своето срце друг син – сите луѓе, кои поради Мене ќе доаѓаат при тебе, кои заради Мене ќе се обраќаат кон тебе, заради Мене ќе те повикуваат тебе, и со верата своја во Мене, според Моите зборови, тебе ќе те почитуваат како своја Мајка. Прави за нив се што правеше за Мене! Во неограничената грижлива љубов биди секогаш пожртвована! Прави за нив повеќе отколку што правеше за Мене. По Божественоста твоја биди им чуварка од злото, Јас не Сум направил никакви тешкотии, но тие кои ти ги поверувам, ќе бидат нахални и грешни; често пати ќе се спротивставуваат и против Мене, одново ќе Ме распнуваат и со нивните дела како со меч ќе Ме прободуваат во Моето срце. Но со својата безопределена, сеопроштајна, сончевозрачна мајчинска љубов простувај им, и колку да се грешни, сакај ги, како никоја мајка што толку ги сакала своите деца! Во тоа ќе се состои и иднината на твојот живот, како што Јас бев исполнет со љубов, сакам и ти да покажеш на луѓето таква возвишена љубов, каква никогаш порано не го стоплувало срцето човечко. . . “
Тој миг за Пречистата, ништо помалку не бил голем од часот на Благовестието, кога и’ беше кажано, дека ќе стане Мајка на Спасителот Исус.
Кога и’ Ги кажал на Својата Мајка мајчините должности кон човечанството, Господ и’ дал признание и големо мајчинско право. Откако и го доверил човечкиот род, кој природно треба да се стреми кон небеските висини на доброто, но со својата малодушност бива заведуван од злото; човечкиот род ќе цвета во верата, но и ќе овенува во одрекувањето, Господ и’ дал право да се моли за него, и и’ дал ветување, дека ќе и’ ги слуша Нејзините молитви и за грешните и за слабите, кои секогаш ќе имаат потреба од помош, застапништво и заштита.
Во моментот на најголемото Свое страдање, откако Му дал на секого што верува во Него право на синовско сродство со Својата Мајка, Господ со тоа и Самиот се збратимил со човечанството, ги направил Свои браќа сите луѓе и со тоа Го збогатил христијанството со невообичаена топлина, радост и благодат, го осветил човековото братство и еднаквост.
Никакво човечко слово неможе да ја опише душевната состојба на Мајката Божја во последните денови од животот на Исуса; неможат да се искажат Нејзините тажни чувства, Нејзиниот трепет и ужасот пред невообичаените природни појави, кога во сред бел ден сонцето се помрачи, мрак ја обви целата земја и бледата светлина од димните факели го одбегнуваа страдалниот лик на распнатиот Богочовек. Предавајќи ја Својата душа без никаква мака, а со Неа и чувството дека големиот подвиг е исполнет, дека искупителноста веќе е свршено дело, дека настапува нов живот. Да се искаже таа состојба на мака за Синот на крстот, Кој Си заминува, – Он вели: Жеден Сум! Страдам! Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил? (Мт.27:46 Јн.19:28). Се ова го понело срцето на Пречистата Мајка Божја, сето ова таа го преживеала во премолчно страдање. На крајот: “Се сврши!” и откако ја наведнал Главата, Исус Го предаде Својот Дух (Јн.19:30).
Плачот на Пресвета Богородица. Мајчиното милостиво срце не издржало, покрај утехата и волјата, кои и’ ги дал Исус, таа Го оплакува со неиздржлив плач. Оплакување кои верните срца Го оплакуваат секоја година на повечерието на Велики Петок со тажните зборови на Симеон Логотет:
Кога Го гледам на крстот Својот Син и Бог, чистата Дева потиштена тихо Го оплакува:
Те гледам распнат на крстот, сакани Сине Мој, срцето ми се кене од мака. Отвори уста, кажи ми некој збор.
Горко на мене, лишена сум веќе од мојот Син и Бог, од мојата надеж, радост и веселост (1 песна).
Со големото Твое чудно раѓање, Сине Мој, бев возвеличена над сите жени, но денес, кога Те гледам распнат на крстот, оган силен ме гори.
Еве ја светлината на моите очи, надежта на мојот живот, мојот Бог изгасна на крстот, чувствувам како утробата ми се јади (2 песна).
Сонце мое кое не зајдуваш, мој предвечни Боже и Створителе на се што се гледа и негледа, дозволуваш да бидеш распнат? (4 песна).
Те имав на светот за единствена надеж, живот и светлина ми беше во моите очи, Сине мој, а сега од се сум лишена (5 песна).
Страдам, дека нема повеќе да ти Го слушам Твојот сладок глас, ниту пак да Го гледам Твоето прекрасно лице како порано, зашто Ти зајде, светлино на моите очи (6 песна).
Во таа грижлива и неутешна тага, искра на бодрост ја опфаќа душата од кондакот на Велики Петок: . . . Марија Го гледа распнатиот поради нас на крстот па тихо си вели: Ако си театарски распнат, Ти си мој Син и Бог!
Јосиф и Никодим Го симнаа од крстот, таа Го прими, Му ја стави главата во својот скут, рони солзи, Го целива и во тажен плач реди:
Горко на мене, тага и тешкотија ме опфаќа, сакано Мое Чедо, гледајќи Те мртов.
Нема ли да ми кажеш ниту еден збор, Боже мој, Чедо мое, нема да ја утешиш родилката Ти Мајка, – зборуваше чистата во плач и солзи целивајќи Го (6 песна на слава).
Каде отиде, Сине и Боже Мој, некогашната блага вест на Гаврила? Тој претскажа, дека ќе станеш Цар, Син на Севишниот Бог, а сега Те гледам, слатка моја светлино, мртовец (7 песна).
Мртов Те гледам, Човекољупче, Кој мртви воскреснуваше. Страда Мајчината Ти утроба. Сакам и јас со Тебе да умрам, неможам да Те гледам бездишен мртовец.
Земи ме и мене, Сине и Боже Мој, да слезам и јас во аддот со Тебе; не оставај ме сама, неможам да живеам без Тебе (7 песна).
Плаче Пречистата и при полагањето на Христа во гробот:
Горко на мене, што гледам? Каде одиш, сине Мој, а мене сама ме оставаш?
Плачете тажно со мене, зашто мојата Светлина, вашиот слаткозборлив Учител се спушта во гробот (7 песна).
Гледам страшна и преславна тајна: како се собираш во тесен гроб Ти, Кој Ги воздигнуваше мртвите од гроб!
Нема ниту од гробот Твој да се тргнам, мило мое Чедо, ниту пак ќе запрам солзи да пролевам, се додека и јас не слезам во гробот, бидејќи неможам да ја поднесам разделбата со Тебе, Сине мој (8 песна).
Никаква радост нема да ме види, зашто мојата радост и мојата светлина во гробот зајдоа. Нема да Го оставам сам, тука ќе умрам, со Него да ме погребаат.
Пречистата со плач редеше: Мојата душевна мака исцелија, Чедо мое, воскресни и болката олесни ми ја, бидејќи Ти можеш и правиш се, што ќе посакаш, иако доброволно се погреба (9 песна).
И како финален акорд на безкрајна надеж во таа тажна симфонија ведро звучат стиховите на деветата песна од плачот:
Пречистата рече: Ти ја воспевам милосрдноста, Човекољупче; Ти се поклонувам на Твојата голема милост, Владико; зашто желбата Ти е да го спасиш Твоето творештво – човекот, и си примил смрт. Но преку Твоето воскресение, Спасителе, помилувај не!
Симнувањето од крстот е извршено од Јосиф, добар и справедлив човек од Ариматеја, кој го видел неутешниот плач на Пречистата Мајка Божја, трогнат од солзите се јавил пред Пилата и го измолил телото на Исуса да Го погреба (Мт. 27: 57-60; Мк.15: 42-46; Лк.23: 50-54; Јн.19: 38-42).
Симнувањето од крстот, најдобрите уметници во светот најразлично го прикажуваат.
Едни Го сликаат, навален на крсниот столб и неговите ученици Му Ги вадаат клинците, со кои беа оковани рацете и нозете Христови, телото обвиено во бело платно И полека го спуштаат. Мајката Божја омалаксана им припаѓа во рацете на жените и Го оплакува Бесмртниот Покојник.
На други слики Мајката Божја е насликана како коленичи, Го гледа лицето Исусово, а главата Негова ја ставила на своите колена.
“А Јосиф, штом го зеде телото, го обви во чиста плаштаница, и Го положи во својот нов гроб, . . . па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде.” А јудеите, “отидоа и со стража го осигураа гробот, и каменот го запечатија” (Мт.27: 58-60, 66).
Мајката Божја со тажен поглед ја обиколува погребалната пештера и во таа состојба се прикажува сликовито целиот живот со обичниот Син! Витлеемската пештера, во која Тој се роди пред 33 години, за да биде погребан пак во пештера; бедниот и тежок живот во домот на Јосифа; смиреноста и послушноста на саканото Дете; смртта на Јосиф обручникот, после тоа кога Исус постанува нејзина единствена потпора. Возраста и Неговото излегување во јавна проповед; чудото во Кана – во исполнување на смиреноста и молбата:”Немаат вино!”. Тригодишниот секојдневен страв и немирот за Него; гласовите за Неговите чудеса: на воскреснати мртви, излечени слепи и сакати; ослабени од страшни демони. Накрајот, последните денови на ужасот: омалаксаноста од стравот покрај крстот, Нејзиното доверување на Јована и сите други останати искушенија до последната Негова воздишка.
Воскресението. Евангелието по Матеја го опишува на следниот начин: “Ангелот им се обрати на жените и им рече: ‘Не плашете се; знам дека Го барате Исуса распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, па отидете бргу и кажете им на учениците Негови, дека Тој воскресна од мртвите. И ете, ќе отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите. Ете, ви кажав’. И излегоа брзо од гробот, со страв и голема радост и отрчаа да им соопшат на учениците Негови. Кога одеа да им јават на Неговите ученици, ете, Исус, ги пресретна и им рече: ‘Радувајте се!’ А тие се приближија, ги гушнаа нозете Негови и Му се поклонија.” (Мт. 28:5-9).
Една црковна песна пее: Архангелот Гаврил во бели алишта се јави како молња на Христовиот гроб, го тргна надгробниот камен и голем страв ги опфати стражарите, и одеднаш сите станаа како мртви. Откако се соземаа, истрчаа во градот и раскажаа што се случило.
Многу црковни песни опеваат, дека Мајката Божја го видела Христовото Воскресение и била исполнета со неизмерна радост најповеќе од сите:
Ликувај, Пречиста, бидејќи ти Го виде Бога, Кого Го роди, воскреснат од мртвите.
Радувај се, Благодатна, со апостолите, ти Го виде Твојот Син и Бог, воскреснат.
Богородице, ти се исполни со радост, откако Го виде Твојот Син и Бог, воскреснат од мртвите.
Приснодево Мајко, кога го виде огрејаното од тебе Сонце на правдата како воскресна од мртвите, според твоите зборови, го просвети целиот свет, ти се исполни со голема радост.
Пренепорочна Дево, кога Го гледаше Твојот Син распнат на крстот, горко страдаше, а кога Го виде воскреснат на третиот ден, веднаш се развесели.
После Воскресението. Со самото Христово страдање на крстот, Мајката Божја го заземала првото место до Него. Која е таа мајка што не присуствувала на смртта и погребението на својот син! Тоа е потврдено и од Евангелието. Кога наидуваат радосните воскресни настани, се премолчува името на Мајката Божја, не се среќава во Евангелието од распетието на Христа па се до слегувањето на Светиот Дух на Педесетницата.
Природно било, зрното на будната Ерусалимска црква, сите луѓе здружени од верата во Христа, силно разбранувани да си раскажуваат еден на друг по воскресението Христово. Како им се јавил во неколку различни случувања, како седел со нив на трпезата, како им дозволил да Го додирнат, да би се увериле, дека е Тој. Природно е, дека при сите јавувања на Исус, Кој им се јавувал на многумина, не ја заборавил Својата родена Мајка, која најмногу од сите Го очекувала Воскресението Негово. Толку многу пострадала за Него и се разбира дека од секого многу повеќе би можела да се всади во свештениот смисол на Неговото воскресение.
Кога и при какви околност по воскресението Христос се јавил на Мајка Си?
Некои свети Отци учат, дека Мајката Божја целата ноќ во саботата спроти неделата на воскресението ја поминала при гробот на Христа. Па затоа таа многу порано од Марија Магдалена го видела слегнувањето на Ангелот од небото, била присутна на Тој светол момент.
Повторно го гледа Ангелот, кој го тргнува надгробниот камен и возвестува радост на светот! Истоштената Мајка во блажен занос мисли, дека гледа видение. Како некогаш при изворот кога и се јави Ангел, кој и’ возвести: Радувај се, Благодатна, Господ е со тебе, ќе зачнеш и ќе родиш Син и ќе Го наречеш Исус. На другото јавување рече: ”. . .Еве ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе. зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ” (Лк. 2:10-11).
Трет пат се јави кога рече: “. . .Стани, земи Го младенецот и Мајка Му, па бегај во Египет и остани таму дури не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби” (Мт. 2:13). Четврт – кога ги испрати да одат во земјата Израилева, бидејќи изумреа оние кои ја бараа да ја погубат душата на Младенецот. Петти – кога се насели во пределите Галилејски. . .и сега пак Ангел во светли бели алишта, и пак радосна вест: Тој Воскресна од мртвите! Жедните мајчински очи Го бараат Воскреснатиот. Не, тоа е сон! Пред неа надгробниот камен е тргнат, обвивките се празни. . .Тој Воскресна! Некој наближува. Таа мисли, дека е градинарот. . .и слуша, пред Марија Магдалина: Жено! Го познава Својот Син и Го гледа воскреснатиот Господ!
Голема, радосна вистина, за која после неа дознаваат и жените мироносици.
Возрадувана од воскресението на Својот Син – совршен доказ за Неговото Богосино-вство, богоизрадуваната Мајка се враќа во Ерусалим при Јована и при другите апостоли со што и нив ги израдува.
Подоцна, Господ им се јавил на Своите ученици на Сионската гора, а по една недела пак им се јавил, Св. Богородица била таму заедно со апостолите. Тоа јавување не е забележано во Евангелието, а тоа се случило.
Светите Отци на Црквата сметаат, дека св. Богородица Го видела Сина Си при чудниот, богат лов на риба во Тивериатското езеро, бидејќи во ловот учествувал и св. Јован Богослов, кој ја земал со себе и поверената полна во грижи Мајка Божја да би се разведрила.
Кога на четириесеттиот ден од воскресението Христос се вознел на небото од Елеонската планина, согласно црковното предание Пречистата Мајка Божја истотака присуствувала. Евангелијата не го одбележуваат тоа Нејзино присуство, бидејќи Евангелието е за Христа, а не е за Дева Марија, за овоплотениот небесен Син Божји, а не за Неговата земна Мајка.
Последниот траг Исусов. Вознесението на Елеонската гора на Исуса Христа на небото покасно било овековечено со прекрасна црква, изградена на самото место. Денес црквата веќе не постои, но местото е оградено, во средината на разрушените ѕидови во вид на двор има издигната осмоаголна зграда од мермер. Во нејзе е изразита издигнатина на траг од лева ногалка на човек. Преданието тврди дека таа е ногалката на Спасителот. Затоа св. Кирил Ерусалимски вели: дека Елеонската планина не потсетува на вознесението Господово а воедно не потсетува со Христовите траги за патот кон небото. Десната последна Христова ногалка била исечена од каменот од муслиманите и била пренесена во омаровата џамија во Ерусалим – некогашен христијански храм, претворен во џамија. На местото од светиот олтар денес е издигната муслиманска катедра, од која преграда се гледаат двата притвора. На подот од десниот притвор е вградена десната ногалка на Христа, пренесена од Елеон.
Трагите на Пресвета Богородица. Во истата Омарова џамија, на левиот притвор зад катедрата, на самиот под се вградени други две ногалки. Преданието ги посочува како Богородични ногалки од времето на престојот на Света Дева Марија во Ерусалимскиот храм за време на воведението.
После крсната смрт на Исуса. Во св. Евангелие ништо не се кажува за св. Дева Марија после крсната смрт на Исус. Многу се оскудни сведоштвата за неа и во другите новозаветни книги. Само во книгата “Делата на светите апостоли” на едно место се кажува за Мајката Божја, и каде се потцртува нејзиното учество во првохристијанската општина. Од ова место може да се заклучи, дека таа учествувала заедно со светите апостоли во Чудото на Педесетница. После вознесението, раскажува евангелистот св. апостол Лука, “Тогаш тие се вратија во Ерусалим од планината, наречена Елеон, која се наоѓа близу до Ерусалим, колку еден саботен пат одење (разделеченост од 2000 чекори). И кога дојдоа, се искачија во горната одаја, каде што живееја Петар и Јаков, Јован и Андреј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот и Јуда Јаковов. Тие сите еднодушно беа постојано во молитва и молење со некои жени и со Марија, мајката на Исуса, и со браќата Негови” (Дела ап.1:12-14).
Понатака во истата новозаветна книга се раскажува за чудното слегнување на Светиот Дух во денот на Педесетницата врз апостолите: “Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто место. Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветер кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат” (Д.ап.2:1-4).
Од тој час се поставени основите на Христовата Црква, а апостолите подготвени да го освојат со проповед тогашниот јазичен свет.
На тој голем, потврден акт на Црквата Христова присуствувала лично и Мајката Божја – Пресветата Дева Марија. Тоа се случило во десетиот ден после вознесението Господово.
Сионска куќа. Спомнатата куќа од евангелистот Лука е именована како “Сионска куќа”. Таа била изградена на едно ридче јужно од Сионските порти, низ кои ерусалимските жители оделе на планината Сион. Оттука и името го носи “сионска куќа”. Таа куќа остана во христијанската историја за прв храм, која христијанските писатели ја именуваат “сионска куќа”. Во таа куќа била и Тајната вечера – првата литургија, кој чин ја освети оваа куќа и ја претвори во храм. Тука низ затворени врати двапати воскреснатиот Господ им се јави на Своите ученици. Тука апостолите на местото од отпаднатиот Јуда избраа нов апостол – Матеј. Тука биле собрани верните, кога на денот Педесетница Духот Свети слегол врз апостолите. Во непосредна близина се наоѓал и домот на св. Јован Богослов, при кого живеела и св. Богородица. Тука ја посетувале апостолите и заедно разговарале за доживеаното последно време. Таа им раскажала за детсвото и полнолетството на Исус Христос. Заедно си спомнувале за деновите од страданиата и Неговата смрт. Апостолите кога ја гледале и слушале кога им зборувала им се чинело, дека Самиот Христос им зборува. Со ова св. Богородица како светол облак ги направила првите чекори на новооснованата Христова Црква.
На местото од сионската куќа по настојување на апостолите бил издигнат храм, но во 70 година римјаните го срушиле, обновен бил од Јустинијан Велики, кој храм просветувал долги години.
Во домот на Јована. Мајката Божја ги поминувала деновите при Јована, саканиот Христов ученик, кој со синовска љубов и одданос и’ послужил до крајот на Нејзините земни денови.
Апостолите ги обиколувале со проповед градовите и селата, а таа се радувала на нивните успеси и се молела, со тоа била чуден пример на молчаливо смирение. Од скромност, таа никогаш не се појавила на проповед. Посетувала болни, помагала бедни, се грижела за сирачиња и вдовици. Повеќе од животот и’ поминал во молитва на гробот Христов.
Просветување во Лида. Св. Писание ја спомнува за последен пат Пресвета Богородица на собирот во сионската куќа (Д.ап. 1:12-14). Од овој собир за останатиот земен живот го осветлува св. Предание и творбите на апостолските мажи и св. Отци од првите векови на христијанството, кои сеќавања за неа уште биле живи. Од преданието знаеме за чудотворното појавување на неракотворниот Нејзин образ во самарјанскиот град Лида. Тука апостолите Петар и Јован го проповедале словото на животот и со усрдност во новопосветениот храм на името на Мајката Божја, ја помолиле со Нејзиното присуство да го благослови и освети тој храм. Таа се согласила и ги испратила со зборовите:
Одете и радувајте се! Јас ќе бидам со вас!
Кога дошле во Лида, апостолите го виделе ликот на Пресвета Богородица на еден од столбовите во храмот, насликан од непознато и ненадминливо искуство. Наскоро пристигнала и Пресвета Богородица, заварувајќи ги верните да се молат пред Нејзината икона. Радосна во духот, таа ја надарила со благодат и чудотворна сила, таа икона.
По неколку векови кога се појавило иконоборството, било наредено да се уништи и таа икона. За таа цел во градот Лида дошол и самиот началник на иконоборството. Направиле големи напори со мнозинство на работници да го избришат ликот на Пресвета Богородица, но ликот останувал непроменет. Шкртале со остри предмети по него, дури почнале да делкат и парчиња од самиот камен, но ликот на Мајката Божја и во длабочината на каменот не се променувал, боите не се променувале. Останувало единствено само да се сруши столбот, со кое рушење би се урнал целиот храм, или пак да се откажат од светотатсвеното дело. Началникот на иконоборството го избрал второто решение. Со ова светата икона се здобила со уште поголема слава и со многу повеќе богомолци, кои започнале да доаѓаат на поклонение пред таинствениот свет образ, и славата на Пресвета Богородица се проширила на секаде.
Сведоштвото на Игнатиј Богоносец и Дионисиј Ареопагит. Славата на воскреснатиот и вознесен Господ Исус се проширила низ многу народи. Покрај тоа и за името на Неговата пречиста Мајка се кажувало со голема почит. И’ се исполнувало пророштвото: – Ете отсега ќе ме ублажуваат сите народи!
Од далеку доаѓале во Ерусалим, да ја видат и да ја слушнат Мајката Божја. Тој голем интерес кон Нејзе е опширно опишан од Нејзините современици. Св. Игнатиј Богоносец од Антиохија му испраќа послание на св. Јован Богослов, во кое пишува:
“До нас пристигна славната вест, дека Таа, Дева и Мајка Божја е исполнета со благодат и со сите добродетели. Тие гласови раѓаат во секого восхитување, почит и љубов, и сите горат од желба да го видат тоа небесно чудо. Кој ли нема да посака да ја виде и да проговори со Пречистата Дева, која Го роди вистинскиот Бог?”.
Св. Дионисиј Ареопагит во своето послание до св. апостол Павле ја нарекува “богообразна, по света од сите небески духови. Кој имал можност само за малку да ја види, целиот живот неможел со ништо да го спореди тој лик и тоа блаженство.” Св. Дионисиј бил познат по својата ученост, бил поставен на висока општествена должност – член на ареопагот во Атина. Кога ја слушнал проповедта на св. ап. Павле во Атинскиот ареопаг (Д.ап.17: 22-34) тој веднаш го примил христијанството. Поттикнат од кажувањата на св. апостол Павле за Божјата Мајка, тој посакал да ја посети и покрај далечината и тешкото време за патување во Ерусалим. Доживеаните впечатоци од благодатната средба тој ги споредил најнапред во писмото до св. ап. Павле, во кое пишува:
“Како на Господа ти се исповедувам, учителе мој и наставнику, – нема на светот друг човек, исполнет со таква божествена сила и благодат. Ниту еден човечки ум неможе да го доживее тоа, кое јас го видов и го дознав, и не само со телесните, туку и со душевните очи.”
И многу други верни во мнозинство доаѓале при Господовата Мајка. Таа ги примала, ги бодрела и ги благословувала. На болни им дарувала здравје, натажени ги утешувала, грешни ги поправала и ги упатувала на правиот пат, на сите им ја утврдувала верата, ги крепнела со надежи со божествена светлина им ги загревала срцата.
Ждрепка на службување. Во текот на десет години апостолите се занимавале со уредувањето на Ерусалимската Црква. Кога во 44 година Ирод Агрипа наредил жестоко гонење на христијаните, апостолот Јаков и апостолот Петар ги фрлил во темница со умисла да ги погуби, – апостолите, во согласност на Мајката Божја, одлучиле да се оддалечат од Ерусалим заминувајќи по други места да го благовестат учењето на Распнатиот. Си фрлиле ждрепка да видат на кого каде ќе му падне да го проповеда Евангелието. Во ждрепката била вклучена и Пресвета Богородица. И’ паднало да го благовести во Иверските краеви (Грузија) и таа почнала да се подготвува за таму. Но Ангел Господов ја известил, дека треба да остане во Ерусалим, и дека за неа е одредено просветување во други краеви, за кое Господ ќе и’ соопшти, кога ќе дојде времето. Како и секогаш послушна на Божјата волја, Пречистата Дева и сега направила според Господовите зборови. Апостолите заминале секој по своите краеви, а таа останала во Ерусалим со Јована и Јакова.
Во Ерусалим. Во времето од својот престој во Ерусалим Пресвета Богородица ги посетувала сите места, осветени од присуството, учењето, измачувањата и смртта на Нејзиниот Син и Бог, кои места многу и’ говореле во душата. Најчесто го посетувала гробот Господов и тука чувствувала неискажива инспирација. Тука, Тој бил погребан како човек, тука Тој воскреснал како Сесилен Бог и “и со смртта смртта ја победил.”
На книжинците и на фарисеите им било кажано, дека Пресвета Богородица секојдневно оди на гробот Исусов, палела свеќи и кадела со темјан. Тие испратиле специјална стража со заповет никого да не пуштат на гробот Христов, а ако дојде Дева Марија да ја убијат. Но Бог ја чувал пресветата Дева. Таа продолжила да доаѓа на гробот, но стражата не можела да ја виде и после долго време стражарите му дале извештај на фарисеите и книжниците, дека,” за целото време од стражарењето никого не виделе – и никој не доаѓал.”
Мајката Божја ја посетувала и Елеонската планина и таму таа долго се молела. Таму во близината било и лозјето на св. Јован Богослов, кое му било како татковско наследство, таму каде Христос најчесто се молел. Тука како и на Голгота, се’ било сврзано за св. Дева со свети спомени.
Воздухот во Гетсиманската градина бил исполнет со молитвен шепот, кога Синот и’ коленичел пред самото фаќање, тревата била сеуште оросена од потта од Неговиот молитвен подвиг. Тука се наоѓала и гробната пештера, во која почивале праведните Нејзини родители Јоаким и Ана, и великодушниот и’ обручник – праведниот старец Јосиф. Над свештената Гетсиманија се издигала Елеонската планина, од каде Господ се вознел на небото. Местото за молитва на Синот станало место за молитва на Мајката.
Преку целиот свој живот во Ерусалим, Мајката Божја била како јагне меѓу волци, како прекрасно цвеќе опкружено со трње. Но исцело оддадена на својот Син и наш Бог, го поминувала својот живот откриено и смело. Правела се што е можно за преуспевање на Христовото дело. Со чиста душа и срце комуницирала со луѓето. Денес многу места, сврзани со Нејзините активности, го носат Нејзиното име и стануваат чуда, како што е изворот во самото подножје на планината Морија, каде Света Дева со сиромашни сосетки доаѓала за вода.
Патувања. Животот на Пресвета Богородица не поминал еднолично само во Ерусалим. Црковното Предание и св. Отци во своите дела ни кажуваат за некои Нејзини патувања до новоформираните христијански црковни општини.
Во Ефес. Во времето на најсуровите јудејски гонења против христијаните, после убиството на првиот Ерусалимски епископ св. апостол Јаков, Пресвета Богородица отишла на кратко време во Ефес – Малоазиски град, каде според ждрепката меѓу апостолите проповедал св.Јован Богослов. Има и друго предание, дека Таа го посетила повторно Ефес, придружувана од св. апостол Андреј. По тој повод за сеќавање и за просветувањето на ефеските христијани изградиле неколку храма, посветени на Мајката Божја. Во еден од тие храмови, 431 година, одиграл голема улога на Третиот вселенски собор, кој го заштитил приснодевството на Дева Марија, а било осудено лажното учење (ерес) на Нестор.
Во Антиохија. Според Преданието, Пресвета Богородица го посетила градот Антиохија по настојчивоста на св. Игнатиј Богоносец, и поради големиот интерес на членовите на Антиохиските христијани кон Мајката Божја.
На полуостровот Атон – Македонија. Пресвета Богородица дошла случајно, непредвидувајќи – “по Божја воља” – ни кажуваат верните. Во почетокот, Таа, со кораб тргнала за Кипар, каде епископствувал, ракоположениот од св. апостол Варнава, воскреснатиот во Витанија од Исуса – 30 годишниот Лазар, брат на Марта и Марија. После своето воскресение Лазар постанал еден од најревносните проповедници на Христовата наука, но гонет од јудеите, требало да го напушти Ерусалим. Така заминал на Кипар, каде одживеал уште 30 години. Имал голема желба уште еднаш да ја види Мајката Господова, но не смеел да оди во Ерусалим “поради страв од јудеите.” Дознала за тоа Пресвета Богородица и му порачала да испрати кораб да би таа отишла. Со голема радост Лазар нашол и испратил кораб. Со него Мајката Божја, св. Јован Богослов и неколку апостолски мажи отпловиле за Кипар. Патувањето било многу пријатно, но кога наближиле до Кипар, се појавила силна бура и морнарите ја изгубиле контролата над коработ. Биле оставени на сопствената судбина, односно во Божји раце, како што ни кажува преданието, коработ останал неповреден поминувајќи помеѓу острите карпи на Архипелагот и застанал на брегот на Атон, во Македонија. Пресвета Богородица слегла на непозната земја, определена од Бога за ждрепката на апостолството. На Атон се издигал голем многубожачки храм посветен на богот Аполон и на многу гаталци, при кои доаѓале илјадници многубошци да би ја дознале својата судбина. Народот, кога ја видел жената со Божја убавина на брегот, со посебна почит се приближиле. Таа смирено и со посебна светост им се приближила и во проповет им кажала за таинственото Богоовоплотување, им објаснила за Неговото слегнување од небото на земјата, им ги опишала страдањата, смртта и Неговото славно воскресение и вознесението на небото. Сите ја слушале внимателно. Евангелската вистина им ги стоплило нивните срца. Голем број уште веднаш се покрстиле. Пресветата Богородица им ја зацврстила верата и со многу чуда. Оставила еден од апостолските мажи кои ја придружувале да раководи со покрстените, и пред да отплови за Кипар, Таа го благословила ова место со следните зборови:
“Ова место, е моја од Бога одредена ждрепка. Божјата благодат ќе ги штити оние кои тука ќе живеат со вера и благочестие. Се’ што е неопходно за живеење ќе добијат во изобилие со малку труд на земјата, и милоста на Мојот Син ќе биде со нив до крајот на светот, а на небото ќе добијат рајско блаженство. Самата јас ќе им бидам заштитница пред Бога.”
Таа непозната земја, била Македонија, а полуостровот, покасно постанал “Света Гора.”
Има предание, дека во IX век Пресвета Богородица се јавила на сон на преподобниот Петар Атонски и му рекла:
“За служење на Бога, нема друго поблагодатно место од Света Гора. Од Бога ми е дадено да бидам заштитница на ова место, можат да доаѓат тука сите кои сакаат да се отргнат од земните грижи и исцело со својата душа да служат на Бога. Ова место многу го сакам и ќе се наречува мое лозје. Ќе дојде време, ќе се исполни од едниот до другиот крај, од север до југ со монаси. И ако тие служат на Бога со сета душа и ако ги исполнуваат Неговите заповеди, ќе се удостојат со голема награда, кога ќе дојде денот на Мојот Син. Уште тука на земјата ќе ја имаат мојата помош: ќе им ги ублажувам тешкотиите, ќе им ги лекувам болестите, ќе им го олеснувам животот, ќе ги чувам од напади и бедост, ќе го прославам нивното име по целата земја.”
Благодетниот плот на тој благослов го вкуси и македонскиот народ. Тука го поминаа својот живот голем број на православни духовници. Во светогорската келијна тишина, која е дел од Македонската земја, православните македонски духовници не само што го негувале туку и го проширувале пламенот на Божјото слово, преку многу духовни дела кои ги читаме со посебна молитвеност (о.Паисиј).
Едно од најраните известувања за посетата на Света Гора од Мајката Божја го среќаваме во делата на грчкиот светогорски монах Максим, кој живеел во XVI век, протеран од турците, избегал во Русија, каде и умрел.
Без да посочи од каде црпи матрејали – од стари ракописи или од усни преданија – тој направо излага:
“Пречистата, придружувана од апостолот Јован, ја посетила Света Гора со Кораб. Коработ застанал на местото, каде што денес се издига Иверскиот манастир. Одтука пешки дошле до местото на денешниот Ветопедски манастир. На тоа место тогаш живееле многубошци. Тие го прашале св. Јован: – Која е Таа благородна жена?
Апостолот Јован им одговорил: -Тоа е Мајката на Исуса.
И тие и се поклониле.
Тука Пресвета Богородица направила многу чуда и многумина се крстиле.
После повеќе години, царот Константин Велики издигнал на тоа место манастир посветен на Пресвета Богородица. Покасно Јулијан “Отстапник” го разорал манастирот, но христијаните по време повторно го изградиле и го нарекле Ветопед, по самите капинови плодови со кои е опкружен.
Тоа опишување на грчкиот монах Максим, св. Димитриј Ростовски го ставил во своите минеи (15 август). Преданието за историската посета на Пресвета Богородица на Света Гора во стиховите преку песна е составено, според некои од архиепископот Филарет Черниговски, а според други од македонскиот монах Серафим Светогорец.
Од тука Пречистата Мајка Божја и апостолот Јован со коработ отпловиле за Кипар.
Во Кипар. Поради каснењето на бродот, кипарскиот епископ Лазар многу се вознемирил. Но еден ден очекуваниот брод од Исток на големо изненадување пристигнал од Запад. Радоста на Исусовиот пријател немало крај. Долгоочекуваната гостинка успешно пристигнала. Таа му подарила скапоцен подарок – лично од Нејзе, изработен омофор и ракавици. Им раскажала за морското невреме, за престојот во Атон, за успехот на верата таму.
Во Кипар редовно ја посетувала црквата, им зборувала на христијаните, ги благословила и се вратила во Ерусалим.
Последните денови во Ерусалим. По враќањето на Пресвета Богородица од Кипар, верните како и порано почнале повторно да ја посетуваат. Како вистинска Мајка таа секогаш ги примала: болни лекувала, напатени ги тешела, грешни на прав пат усмерувала, сите ги утврдувала во верата, ги закрепнувала во надежда, им ги стоплувала срцата со Божја љубов.
Покрај сето тоа Мајката Божја имала голема желба да го напушти тој свет, да би се преселила при Својот Син. Таа често пати испраќала топли молитви Тој да ја повика од таа долина на плачот и да се насели во небесните населби.
“Кога ќе го видам моето сакано Чедо – изговарајќи при плачот – и кога ќе застанам пред Престолот на Неговата Слава? О, преслатки Сине, време е веќе да се смилиш на Твојата Мајка, која не престана да жали за Тебе. Извади ми ја душата од темнината на телото, бидејќи како што еленот жеднее за бистра вода, така копнее и душата моја за Тебе, Сине и Боже мој.”
После воскресението и вознесението Господово, од кога божествената сила Христова се раширува со сета своја полнота и светот почнал да се поклонува на Распнатиот, Света Дева Марија исто така се здоби со големо почитување и слава како Мајка на Син Божји, Спасителот на светот. Нејзе не ја радувало таа слава на земјата, каде Нејзиниот Божји Син вкуси таква срамна смрт. Сега Неговата Црква е утврдена, брановите на христијанството го наводнуваат светот, Небесниот Отец Го воздигна Нејзиниот Син, и Му даде име кое е повисоко од секое име, и Синот ја воздигна Својата Пречиста Мајка над сите творби – небесни и земни.
Пресвета Богородица и понатака живее во домот на св. евангелист Јован, и продолжува да ги посетува местата, каде се движел и бил Господ Исус. Но сега најчесто одела на Голгота и на Елеонската гора и таму останувала долго во молитвен разговор со Синот, Бог.
Верната христијанска душа прашува: Зошто се молела Пресвета Богородица?
Таа се молела да се прошири спасителната вера на Нејзиниот Син, по целата земја; се молела, ожесточениот, против христијаните, јудејски народ да се преобрати кон вистинската вера; се молела за утврдување на новите цркви, посеани од апостолите по сите страни на светот и по различни народи; се молела и за идните цркви кои апостолите ги проширувале, се молела и за македонската земја каде лично Таа го посеа семето од учењето на Својот Син, за која земја и верен македонски народ св. апостол Павле редовно ја известуваше, кои христијани, посебно се одликуваа со силна вера во Господа Исуса Христа.
Секоја Нејзина молитва завршувала со молитвена надеж упатена кон небото со насолзени очи за побрзо ослободување од оковите на тоа привремено и тлено тело и јавување пред лицето на Синот, Кого не Го видела од вознесувањето.
Мајчините молитви секогаш ги слушал и Ги исполнувал Синот – Бог, но Тој ја оставил подолго на земјата – Пресвета Богородица (околу 70 години), за да може преку присуството, грижата и Нејзините молитви земната Црква да се прошири и утврди, и како прогресивна Црква да опстане во претстојните потешкотии. И Таа достојно го исполнила призивот:
Сите ги окрепнувала во верата, на сите им давала духовна утеха, за сите се молела.
Кога светите апостоли биле фрлани во темница, Таа силно Го молела Бога и испросувала Ангел, кој ги отварал ноќе затворските порти и ги пуштал на слобода.
Кога го воделе светиот првомаченик архиѓакон Стефан во смрт, Таа го пратела од далеку, и кога во Јосафатовата долина при потокот Кедрон го убивале со камења, Таа и евангелистот Јован од блиските рушевини биле сведоци на маченичкиот негов крај, Таа непрестано се молела на Бога да го окрепне во страданијата и да му ја прими душата.
Кога Савле најжестоко ја гонел Црквата, Пресвета Богородица испраќала кон Бога вжештени солзи, и само поради тоа Тој го преобратил од крвожеден волк во кротко јагне, од ѓавол во апостол, од гонител во ученик Господов, служител на вистината и учител на вселената, го преродил во Павле.
Со какви ли не благодати не се збогатила Црквата тогаш, од молитвите на Пресвета Богородица! Каква не пресушна благодат таа давала од вечнотековниот Извор, од Нејзе поучени и благодатно поткрепени – достигнала “полно совршенство”, окрепнала толку многу, што дури аддовите врати неможат да и се приближат.
Се исполниле зборовите на св. пророк и цар Давид – кој вели: – таа станала Мајка, која се радува на успехот од своите деца; За време првата проповед на св. апостол Петар се покрстиле 3,000 души, потоа 5,000, а после тоа – безброј.
Надворешност и карактер. Кон крајот на земниот живот на Мајката Божја треба да се опише Нејзиниот телесен образ и карактерот со своите способности, запамтени од своите современици и опишани во делата на светите Отци.
Во христијанската иконографија физичкиот лик на Пресвета Богородица е тониран според пренесеното до денес. Во православниот иконопис тој е слаб, блед, лесно затскриен, ја упатува мислата на верниот кон поважното – чувствителните добродетелства на најсветата меѓу жените, согласно евангелското толкување “духот е бодар, а телото – изнемоштено” (Мат. 26.:41). Католиците го претставуваат физички и анатомистички совршен лик, кој дава доверба, и посакува духовно совршенство. Тоа е правец на класичниот грчки принцип за убав (на вид) и добар (по срце).
Телесен лик. Историските податоци за надворешниот, телесен лик на Мајката Божја се малку. Наоѓаме кај црковниот историчар Никифор Калист, кои до него стигнале од преданијата.
“Пресвета Богородица имала среден раст или малку повисоко од среден. Таа била златокоса, бистроока со маслинести зеници, вегите и биле издолжени, средно црни, носот правилно продолжен, усните расцветани, слаткозборливи, лицето лесно издолжено, а рацете и прстите долги. Се облакала скромно. Не сакала раскош. Одот и бил стабилен, тврд, погледот строг, говорот благ и чистосрдечен.
Целиот надворешен вид ја искажувало внатрешната совршена благодушност и добросрдечност.”
Духовен лик. За време животот и подвиг на земјата на Мајката Божја се пројавило сето богатство на највозвишените христијански добродетели. За тоа старите црковни писатели со воодушевеност зборуваат и пишуваат:
Св. Игнатиј Богоносец, кој ја сретнал во Антиохија ја опишува: “Цврста при гонењата и бедата, не попустлива при лишувањата и бедноста, не се лутетела према оние кои ја навредувале, а секогаш му одговарала со добро. Помагала на бедните според своите можности. Секогаш била смирена, и кон се’ се однесувала смирено, особено кон еврејските учители и кон фарисеите, кои се нафрлале кон Неа со потсмев и плашејќи ја со убиство. Луѓе, достојни да им веруваш, ни раскажаа, дека во Мајката Исусова, според Нејзината голема светост, биле слеани во едно и човечката и ангелската природа.”
Св Дионисиј Ареопагит. Откако ја посетил Мајката Божја во Кипар, во писмо до св. апостол Павле пишува:
“Пред Бога сведочам: кога бев испратен пред лицето на Пресвета Дева блескајќи сред апостолите како сонце на небото, доживеав неискажани доживувања. Пред мене ме осветли чуден Божји сјај. Тоа го поткрепи духот мој, почуствував чуден мир и неопишани ароми, исполнет со Божја топлина, осеќав дека ниту немоќното мое тело, ниту духот не можеа да го понесат тоа чудо што е почеток на вечно блаженство и небесна слава. Нејзината благодат ми го освои срцето и умот. Ако не се потсетував на твоите учителски поуки, јас би ја сметал за вистински Бог. Неможам да си претставам поголемо блаженство од тоа, кое самиот го видов.”
Св. Григорие Неокесариски останал вчудоневиден од Нејзината телесна убавина, со силна совршена душа.
“И дали може да биде поинаку – возбудено прашува тој – кога во Нејзиното лице се гледа целата Божја благодат, што ја створило света не само со тело, туку и со духот. Умствено од Бога надарена, секогаш кон Бога усмерена; достоинственоста Нејзина кон Единиот упатувала достојна почит; додека остриот поглед кон виновникот на покајание. Сите мисли и’ биле благонамерни. Ушите и’ го слушале Словото Божјо, срцето -чисто и безпрекор – трепти за чистотата Божја. Целосна е храм на Духот, целосна е – град на живиот Бог, целосно е исправена пред Бога, бидејќи е повисока од херувимите, пославна од серафимите – тоа се доближува до Бога.”
Св. Амвросиј Медиолански ни сведочи:
“Таа беше чиста не само телесно, туку и душевно. Смирена по срце, внимателна во своите зборови, благоразумна и исцеломудрена во разговорот. За Неа било правило: никого да не навреди. На сите добро да прави. Постарите да ги почитува. Да не завидува, да не се фали, да биде умна и добродушна. Дали некогаш ги навредила своите родители, па макар и со мал трепет на лицето?! Дали било што неумесно рекла на некого?! Дали се погордеала пред смирени, дали се потсмевала над изнемоштени или откажала да помогне на бедни?! Никогаш не дозволила да испрати студен поглед, необмислени зборови, непристојни постапки. Телесниот вид бил израз на чиста возвишена душа.”
За времето на св. Кирил Александриски во самото сознание на христијаните е утврден, веќе завршен духовен лик на Пресвета Богородица. Светот ја благословува и и’ се поклонува пред Нејзиниот лик како на “драгоцена покровителка на целиот свет, светилник неугасив, венец на девичанството, жезол на Православието, храм неразрушив, Мајка и Дева.”
“Те благословуваме, бидејќи си Го примила и си Го родила во својата чистота самиот Бог. Преку тебе се слави и почитува Светата Троица; преку тебе целата Вселена го почитува и се поклонува на чесниот крст; преку тебе небото торжествува, ангелите и архангелите се радуваат, демоните треперат, преку тебе паднатата во аддот твар се издига до небото; преку тебе сите твари, вовлечени во идолослужба, ја достигнуваат висината; преку тебе верните се крстија; преку тебе се утврдија црквите во светот; преку тебе јазичниците примија покајание. Но зошто да зборувам многу: кога преку тебе изгреа Единородниот Син Божји – Светлината за сите, кои се во темнина и смртна сенка. Преку тебе апостолите проповедаа спасение за јазичниците. Преку тебе мртвите воскреснуваат, владетели, поткрепени од силата на Светата Троица, управуваат. Кого народот ја воспева и фали достојно како надфалена и преславна Дева Богородица Марија!”
Успение Богородично (упокојувањето Богородично).
Црковното Предание и напишаните дела на ранохристијанските автори подробно го опишуваат крајот на земниот живот на Мајката Божја и Нејзиното успокојување. Иако делата немаат строг канонски карактер, тие богато го отсликуваат длабокиот интерес на христијанското сознание за заминувањето на Св. Дева Марија и имаат високо вредно чувство. Многу икони, како слики од благочестив религиозен филм, се запечатени прикажените од тие сцени од смртта на Пресвета Богородица (и понатаму никогаш повеќе нема да се повтори зборот “смрт”!). Во црковните богослужби тие сцени се создадени “од збор навезен до слава слаткоиспеана” – т.е. благодаровито поетско надахнување. Никаде не се зборува за смрттен крај, кој е како казна за гревот и за вечна мака, се опишува заминување, преминување преку тајната на смртта, опишува за краток тридневен престој во гробот (успение или заспивање), во населбата на праведните за вечен и блажен живот.
Достигнала длабока старост (во тоа време одживеаните од Света Дева Марија 70 години на земјата биле вистинска одмината возраст), радосна од успехот и закрепата на младата Црква, Пресвета Богородица вистински чувствувала, дека ги исполнила земните задолженија, што им биле расподелени измеѓу апостолите, а св. апостол Павле слушнал и запишал: “Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото доаѓање” (2 тим.4:7-8). Со такво заклучно повлекување е достојно ораторскиот подвиг да го нагласи земниот живот на Мајката Божја.
И Самиот Господ Кој ги гледа срцата на секого, ја знаел желбата на Својата Пречиста Мајка, па затоа пак го испратил при неа Својот служител Архангелот Гаврил, кој се грижел за неа во детството и и’ носел храна во Светињата над Светиите, и’ благовестил дека ќе стане Богородица Мајка и потоа низ целиот Нејзин живот и’ бил чувар, и на крајот ја известил за брзото претставување пред Господа.
Преданието ни посведочува, дека таква вест Архангелот Гаврил на двапати и јавил на Света Дева Марија – првиот пат пред петнаесет денови, а вториот – три дена пред Нејзиното успение.
Тоа јавување, како и многу други поединости околу настаните со успението Богородично, е добро опишано во делата на епископот Мелитон Сардиски, од Лидија, во неговото послание до Лаодикијците. Него го пратиме во понатамошниот текст.
Тој како и Леуциус имал врска со апстолите, но вовлечен во својата дрскост, публикувал во своите книги многу нешта за апостолите, наведувајќи редица на сигурни факти од нивниот добродетелен живот, но вметнал и многу свои измислици во нивното учење, особено вели дека од нивната проповед не многумина научиле, но за себе си задржува вредности искажани од св. апостоли. Тој го опишал заминувањето на Благодатната секогаш Дева Марија, Мајка Божја на благочестив начин.
“Вие сакате да ви раскажам за апостолот Јован и јас просто опишав и се обраќам кон вашето братско благоразумие, бидејќи верувам не на лажни учења, туку на Отца и Сина во Отца, на Триединствената и неразделна по суштина божествена Личност, дека во човекот има само една природа – добра, создадена од добриот Бог, повредена од грев, извалкана од лукавата змија, и востановено во почетокот преку чистата благодат на родениот од Дева Марија Исус Христос” (1 гл.).
Мелитон го опишува успението вака:
“Еден ден, во дваесет и втората година откако Исус Христос ја победи смртта и се вознесе на небото, Света Дева Марија, ја опфати силна желба да Го види Господа, беше седната во еден ќош во собата и врели солзи лееше. Ете, еден Ангел со светли алишта застана пред неа, ја поздрави и и’ рече:
“Радувај се Благодаттна, Господ е со Тебе. Прими ја благадатната вест од Тој, Кој Го благослови Јаков преку пророците. Ете јас ти носам палмово гранче од Божјиот рај, кој ќе се носи пред твојот ковчег, и откако ќе поминат три дена ти ќе бидеш вознесена со тело на небото. Бидејќи Твојот Син те чека на небесниот Свој престол со ангелите и сите небесни сили. И ќе те земе во горното царство, за да живееш и царуваш со Него за секогаш низ вековите”.
Тогаш Марија му рече на Ангелот:
“Те молам, сите Господови апостоли сакам да се соберат и да дојдат при мене.”
Ангелот и рече:
“Уште денес со Божја помош и сила, сите апостоли ќе бидат донесени тука.”
Света Дева Марија му рече:
“Те молам, дај ми ја благодатната помош и никој од аддовите сили да не ме нападне во часот кога мојата душа ќе го напушта телото и никогаш повеќе да не го сретнам кнезот на мракот.”
Ангелот и’ рече:
“Силата на пеколот нема да те повреди. Господ, Чиј слуга сум и пратеник, ќе ти подари вечно блаженство. Бог не ми дозволи таква сила и власт да не ти дозволам да го видиш кнезот на мракот. Тоа е власт само на Оној, Кого си Го носила во својата света утроба и Чија власт е вечна.”
Кога ги кажа тие зборови, Ангелот се оддалечи, опкружен со голема светлина, додека палмовото гранче, кое го донесе, блескаше со чудна рајска светлина.
Во многу икони е прикажан тој момент.
За Мајката Божја зар имало нешто порадосно од тоа, да живее на небото со својот Син и Бог и секогаш да ја чувствува Неговата Божествена слава!
Епископот Мелитон продолжува:
“Тогаш Марија се облече во нова облека, и откако го зема в рака палмовото гранче, кое Ангелот го остави, се искачи на Маслиновата гора и почна да се моли велејќи:
‘Јас не бев достојна, Господи, да Те носам до моето срце, но Ти се смили кон мене. Го видов покровителството, кое ми Го подари. Те молам Сесилни, Царе на Славата, аддовата сила не дозволувај да ми наштети. Ако небесата и ангелите секој час трепераат пред Тебе, колку ли повеќе треба да трепери едно човечко суштество, створено со прст, во кое нема ништо добро, освен она кое го добило од Тебе! Ти си Господ Бог, благословен сега, секогаш и во вечни векови. Амин!”
Додека Пресвета Богородица се молела така, станало чудо:
Маслиновите дрва кои ја опкружувале како живи се молеле со Неа. Кога таа правела поклони и тие благоговејно ги наведнувале своите гранки а со тоа ја искажувале почитта кон Пресвета Богородица. Кога после секој поклон Пресвета Богородица се исправала, и маслиновите дрва истовремено со Нејзе ги исправале гранките.
Кога се вратила Мајката Божја од Маслиновата гора во својот дом, сите биле вчудоневидени од Нејзиниот лик. Лицето и’ било благодатно осветлено повеќе отколку што било лецето на Мојсеј, кој зборувал со Бога на Синај, но сега светлината на Мајката Божја била уште посилна со неискажана небесна убавина и слава.
Се очекувало Пресвета Богородица да триумфира (торжествува) над смртта. Како што душевната смрт станала безсилна пред Нејзе, така и телесната смрт неможела да и наштети. Заспала за кратко време со смртен сон, таа сакала да се одтараси од смртта како од сон, да ја прогони од своите очи како плава дремка и да премине кон безсмртниот живот и слава во Господа на Небесата.
Црквата од секогаш верувала и непроменето учела, дека телото на Пресвета Богородица било земено на небото, дека во Нејзе се победени законите на природата и како при раѓањето што остана Девојка, така и после смртта остана жива избавувајќи ги од смрт нашите души.
Започнуваат да се редат чуда едно по друго и се’ почудни. Првото од сите е пристигнувањето на апостолите, на облаци. Да ги чуеме зборовите на епископот Мелитон:
“И тоа се случи, кога блажениот Јован проповедаше за царството Божјо во Ефес, во три часот попладне земјата се затресе и како при голем земјотрес и пред очите на сите присутни се појави еден облак, го издигна Јована и го однесе пред вратата на домот каде што живееше Пренепорочната Мајка Божја. Ја отвори вратата и брзо влезе во куќата.
Пресветата Мајка Божја кога го виде, срцето и’ се исполни со голема радост и таа му рече: “Те молам сине Јоване, потсети се на зборовите на Господ Исус Христос, твојот Учител, Кој ме повери на тебе. Јас треба за три дена да го напуштам ова тело, а научив, дека јудеите се советувале и решиле вака:
“Да го почекаме денот, во кој таа жена, која ни го донесе Тој измамник, ќе умре, и да го изгориме Нејзиното тело.”
Таа го повика св. Јован внатре, во нејзината соба, и му ја покажа облеката за нејзиното погребение, потоа свежата рајска палмова гранка, која ја прими од Ангелот, и му порача таа, палмовата гранка да се носи пред нејзиниот ковчег, за време на поворката до гробот.
Блажениот Јован и’ одговорил на Пресветата Дева: ”Како би можел да го извршам сам твоето погребение, ако моите браќа, апостолите и ученици на Господ Исус и соработници како и јас на лозјето Господово, не дојдат и тие да оддадат почит. . . “
После тоа Пресвета Богородица го кажала истото и на домашните. Порачала да ја подредат собата и креветот, да стават темјан во каделницата, да запалат свеќи и да приготват се’ што е потребно за погребение: да ја погребат во Гетсиманската градина помеѓу гробовите на своите родители Јоаким и Ана и на Јосиф Обручник.
Св. Јован, веднаш порачал да го повикат Јакова, епископот Ерусалимски, и сите роднини и блиски на Пресвета Богородица, откако го определил самиот ден на погребението.
Светиот апостол Јаков наредил да ги известат христијаните од Ерусалим и од околните градови и села. Се собрал голем број на христијани, мажи и жени.
Апостолите, од местата на проповед, пристигнуваат на облаци во Ерусалим. Требаше апостолите – очевидци и слуги на Словото, да ја видат и телесната смрт на Неговата Мајка по тело, и не само вознесението од земјата на Спасителот да го видат, туку и да посведочат за претставувањето на родителката Негова. Затоа по Божја наредба, ангелите ги издигнаа на облаци светите апостоли, кој каде бил на проповед и ги пренеле во Ерусалим пред домот на Пресвета Богородица. Кога се виделе еден со друг, се израдувале и чудно се прашувале по каков повод Господ ги собра заедно. Ги дочекал св. апостол Јован Богослов и во солзи ги поздравил кажувајќи им за претставувањето и заминувањето на Мајката Божја. Апостолите дознале, дека Господ ги собра од различни краеви на вселената, за да присуствуваат на завршетокот од животот на Пречистата Негова Мајка, и да го погребат со почит Нејзиното свето тело. Помислата за престојната разделба на земјата со Пресветата Дева Марија многу ги натажила.
Кога влегле во собата, ја затекле Мајката Божја како спокојно седи на своето легло и духовно возрадувана, ги гледала. Тие ја поздравиле со зборовите:
“Благословена си ти од Господа, Кој го создаде небото и земјата.”
Таа ги отпоздравила:
“Мир на вас, браќа, избрани од Господа!”
После тоа ги распрашувала како патувале. Тие и’ кажале, како Божја сила ги грабнало и секој од нив на облак биле пренесени во Ерусалим.
Пресвета Богородица ги бодрела сите присутни со мајчински зборови благословувајќи ги; Им покажала на апостолите оставеното од Ангелот палмово гранче и им рекла:
“Господ ве донесе тука да ми бидете утеха во страшниот час, кој се наближува. Ве молам сите да сте во близината околу мене до моментот, во кој Господ ќе дојде и во кој душата ќе ми излезе од ова преодно тело.”
Апостолите во голема тага одговориле:
“Додека ти, Мајко Божја, беше на овој свет, ние се тешевме, како да го гледавме во тебе Самиот наш Господ и Учител. А сега како ќе ја примиме тешкотијата и тагата во нашите срца, кога ќе бидеме лишени од твоето присуство помеѓу нас? Но ти, по желбата на родениот од тебе Христос и Бог, преминуваш во небесниот свет, ние се радуваме при исполнувањето на таа Божја промисла, но ја чувствуваме и големата тага, дека остануваме сираци, дека нема повеќе да те гледаме.”
“Не плачете, туку радувајте се! Сега јас одам при мојот Син и Бог и ќе ми биде полесно во Неговата близина да ве застапувам и вас. Нема да ве оставам сами и после претставувањето (успокојувањето) и не само вас, туку и целиот свет. Ќе ве заштитувам и ќе ве посетувам. За сите ќе се молам. На сите ќе помагам.”
Во тоа време до леглото на Мајката Божја се доближил апостолот Павле и со вдахновени зборови ја ублажувал Мајката Божја:
“Радувај се, Мајко на Животот, инспираторко на мојата проповед! Иако немав можност да го гледам и да се радувам на Господа, кога беше на земјата, сега, кога зборувам со тебе, ми се чини, дека Него Го гледам, дека со Него зборувам.”
Заедно со св. апостол Павле тука биле и неговите соработници Дионисиј Ареопагит, Јеротеј Дивниот и Тимотеј, кои што беа од останатите седумдесет апостоли. Сите нив ги беше собрал Духот Свети, за да добијат благослов од Света Дева Марија и да земат учество на Нејзиното погребение. Пресвета Богородица на секој еден од нив, им давала благослов и ги окрепонувала во нивната вера поучувајќи ги за наградата од нивниот труд кои го благовествуваат Христовото Слово; им посакувала понатамошни добри успеси, молејќи се за нив за благосостојба и за мир во целиот свет.
Така поминале трите денови во славење на Севишниот.
Во еден стар ракопис, арапска редакција на книгата за успокојувањето на Пресвета Богородица, стои трогателна молитва изречена од Нејзе, за апостолите, за Црквата и за светот:
“Учениците се приближија и и’ рекоа на Марија: “О, Мајко на светлината, помоли се за светот кој ќе го напуштиш.“ И Блажената Марија почна со плач да се моли:
“О, Господи и Боже мој, Владико Исусе Христе, Ти, Кој по волјата на Отца, со силата на Духот Свети и преку силата на единственото Божество и со единствена волја го создаде небото и земјата и се’ што е на нив и во нив! Те молам, слушнија молитвата, која ја испраќам кон Тебе за Твоите служители и за синовите од крштението (христијаните), за праведните и грешните, испрати им ја Твојата благодат. Прими ги оние, кои се обединуваат во Твое име, тие кои принесуваат дарови и прават добрини за Твоја слава, кои Те повикуваат во молитвите, во желбите и во нивните тешкотии. Дај им да добијат се’, за кое со вера се надеваат. Оддалечи ги од нив злите, кои ги заплашуваат. Излечи ги од нивните болести, умножи им ги богатствата, подари им деца, на кои да им се радуваат. Помагај им во се’ што преземаат за доброто во светот. Удостој ги радосно да влезат во Твоето набесно Царство. Оддалечи ги од нивниот вечен душман и противник, секогаш злобниот Сотона. Закрепи им ја силата. Присоедини ги кон стадото на благиот и милосрден Добар Пастир. Оживотвори им ја надежта во тој свет и во идниот живот на сите, кои просат и молат Твоја помош во мое име. Нека Твојата помош ги закрили, како што Ти си ветил, Кој си непроменлив Столб во ветувањата, Кој си неисцрпен во милоста и штедроста, чие Име е достојно да се слави во сите времиња. Амин”
На третиот ден силна дремка ги легна сите, кои беа собрани во куќата, и никој не остана буден, освен апостолите и трите девици, кои ја опслужуваа Пресвета Богородица.
И на петнаесеттиот ден во месец Август, се наближил очекуваниот благословен час (третиот час на денот), во кој требало да биде претставувањето на Пресветата Мајка Божја. Запалиле многу свеќи, апостолите пееле религиозни песни, а Света Дева лежала на наместеното легло (одар) во очекување на блаженото заминување, во присуство на саканиот и’ Син и Господ.
Одеднаш невообичаена светлина го осветлил домот. И ете, пристигна самиот Господ Исус Христос со безброј ангели и светители во неопишана светлина, кои пееле химни и Го славеле Господа.
Пресвета Богородица, кога Го видела Сина Си, радосно воскликнала со некогаш од Нејзе испеаната песна:
“Душата моја Го велича Господа и духот мој се зарадува во Бога, Спасителот мој, бидејќи милосно погледна на слугинката своја. . .”
Тогаш Господ пристапил кон неа со благ поглед и рекол:
“Дојди, Избранице Моја, скапоцен бисеру и влези во вечното живеалиште!”
Тогаш Марија се поклони до земјата и Му благодари на Господа: ”Благословено да биде Твоето славно Име, Господи и Боже Мој, бидејќи ме удостои, да ме избереш за Твоја скромна слугинка доверувајќи ми ја крајната цел на Твојата тајна! Спомни Си за мене, Царе на славата. Ти знаеш, дека Те сакав од сето срце и дека го исчував скровиштето, кое ми го повери . . . И сега, Господи, прими ја слугинката Твоја, сочувај ме од силата на мракот, да не ме повреди ѓаволот и да не ги видам нечистите духови околу мене.”
Спасителот и’ одговори:
“Кога бев испратен од Отца за спасение на светот, Јас висев на крстот, се доближи и до Мене, кнезот на мракот, но откако не виде никакво обвинување во Моето срце, кое требаше да биде против Мене, тој си отиде победен. Јас го видов, и ти ќе го видеш според општиот закон за човечкиот род, на кого си и ти под власта на умирање, но тој нема да може да те повреди, бидејќи во тебе нема ништо негово, тебе те чека целото небесно воинство, да би те вовеле во рајот на вечното блаженство.”
После овие зборови на Господа, Непорочната Дева стана, и легна во своето легло, откако Му благодари на Бога, го предаде духот, без какво и да е страдање – и засекогаш влезе во тој, благодатен сон.
Тогаш апостолите видоа толку силна светлина, каква што човечки јазик неможе да ја искаже, бидејќи ја надминуваше белината на снегот и блескавоста на среброто.
Тој, Кого таа Го зачна без грев и Го роди без болка, примајќи ја Пречистата Нејзина душа, светото тело се здоби со нетрулежност. Во тој миг започнало слаткогласно ангелско пеење, во кои стихови често се повторувале зборовите, кажани некогаш од Архангелот Гаврил на Светата Дева во Назарет:
“Радувај се благодатна, Господ е со Тебе, благословена си ти меѓу жените!. . .”
Тоа торжествено спроведување од небесните ангелски чинови, душата на Света дева Марија се вознесувала во небесните простори.
Апостолите биле удостоени да ја видат таа света глетка, со милозливи погледи ја испраќале Мајката Божја на небото, како некогаш – кога се вознесуваше на небото од Елеонската гора Господ, и долго стоејќи со радост и свештен трепет, упатени со своите погледи кон небото.
Тогаш Спасителот на светот им рече: “Стани Петре, како и сите други апостоли, земето го телото на многусаканата Моја Мајка Марија и понесете го низ градот на Исток. Таму ќе најдете нов гроб. Во него положете го и почекајте додека Јас не дојдам.”
Откако Ги кажа тие зборови, Господ ја повери душата на светата Мајка Марија на Архангелот Михаил, кој е чувар на рајот и застапник пред Бога за еврејскиот народ, и на Архангелот Гаврил, а Господ и другите ангели се издигнаа на небото.
Трите девојки, кои беа таму, го земаа пречистото тело на Света Дева Марија го измија според погребниот обичај. Кога го соблекоа, тоа свештено тело, од него излегуваше чудна светлина – беше совршено чисто, ослободено од секакво несовршенство. После миењето го облекоа во ленена нова облека, светлината постепено се разлеа. Лицето на Преблажената Мајка Божја беше бело како цвет, а од телото излегуваше благопријатен мирис, кој човек незнае со што да го спореди.
Потоа, откако се соземаа од настанот, апостолите се поклониле на Господа, Кој ја вознесе на небото душата на Својата Мајка, и во таква слава, виделе дека лицето на Света Дева Марија, свети како сонце. Сите и’ целивале рака на Пресветата Богородица, и’ се поклониле и во своите срца почуствувале полнота на голема духовна радост. Се случувале чудни исцелителни случки: слепи прогледале, глуви прослушале, немоќни прооделе, само со едно додирнување до телото на Мајката Божја и до свештениот одар.
Апостолите го поставиле светото тело во ковчегот и се прашале помеѓу себе: ”Кој ќе го носи рајското палмово гранче пред ковчегот?”
Тогаш Јован му рече на Петар: “Ти секогаш првенствуваше во апостолството и ти заслужуваш да ја носиш палмата.”
Петар пак, му одговори: “Ти си единствениот помеѓу нас кој остана во непорочна безбрачна состојба и се здоби со Господовото благоволение да ја потпреш својата глава на Неговите гради за време на Тајната вечера. Дури нешто и повеќе, кога беше Тој прикован на крстот, на тебе ја довери Својата Мајка. Ти треба да ја имаш најголемата чест и да ја носиш палмата. Јас ќе го придружувам ковчегот со светото и пречисто тело до гробот.” Павле рече: “Јас како најмал меѓу вас ќе го носам ковчегот со Петар.”
Откако се договорија, Петар го подигна ковчегот и почна да пее псалми: “Откако Израил излезе од Египет,. . .” Павле му помагаше на Петар при носењето на ковчегот со пречистото тело, а Јован ја носеше најнапред палмата на освештението, и сите апостоли пееја слаткогласно.
Торжествено, пречистото тело на Мајката Божја било пренесено од Сион низ целиот Ерусалим до Гетсиманската градина.
Стана големо ново чудо: Голема колона од облаци сврзани како венец се појави над ковчегот. Тоа наликуваше на голем круг, кој понекогаш се појавува на небото опколувајќи ја осветлената месечина. Нели беше тоа крунисување на небесната Царица? Од самите облаци одекнуваше химна – песна, од безброј ангелски гласови, на кои звуци на прекрасна мелодија земјата одекнуваше. Многу народ, околу петнаесет иљади на број, излезе на улиците и се прашуваше: “Што е тоа, што се случува и од каде доаѓаат тие слаткогласни мелодии?” Си зборуваа еден на друг: “Душата на Марија, Исусовата Мајка, само што е ослободена од оковите на телото, и учениците Христови пеат пофалбени песни на Бога.” Сите гледаа како апостолите го носат ковчегот и пеат.
Во тој момент еден од насобраниот народ, началник на јудејското свештенство, по име Атониј, исполнет со омраза рече: “Гледате ли, каква почит се оддава на мртвото тело на Таа, која Го роди Тој, Кој донесе толку големо недоразбирање помеѓу нашиот народ?” и откако се доближи до ковчегот, сакаше да го преврти. Но во тој час рацете му се откинаа до лактите и останаа како приковани за ковчегот, чувствувајќи страшни и неопишани болки. Поворката продолжуваше да се движи, со песната на апостолите: “Ангелите од пренебесните висини го поразија заслепениот народ . . . “
Накажаниот јудејски свештеник во страшни болки зборуваше: “Коленоприклонето те молам, Петре – љубимец Божји, не ме оставај во такви големи страдања, помогни ми во оваа беда, бидејќи неподносливи болки имам. Потсети се, кога стражата те препозна и другите почнаа да те обвинуваат, јас се застапував за тебе, кажав добри зборови за оправдување.”
Петар му одговори:
“ Нее во моја сила да ти помогнам, но ако самиот ти веруваш со своето срце во Господа Исуса Христа, Кого вие Го распнавте, а сега ти, кој Пресветата Богородица, сакаше да ја понижеш, која Го носела во својата свештена утроба и која после раѓањето остана непорочна Дева, Тој ќе те излече. Само Бог! Само Тој со Својата голема милост, ги спасува сите, дури и оние, кои тешко згрешиле, ако се покајат!”
Постраданиот началник на јудејското свештенство рече: “Непријателот на човечкиот род, тогаш ги заслепи очите и срцата наши, за да не Го видиме и да не Го исповедаме величието на Бога и самиот тој не доведе до богохулство против Христа, во умозамрачување да кажеме: “Крвта Негова нека падне врз нас и нашите деца.”
Петар рече:
“Тоа богохулство ќе наштети само на оние, кои ќе останат во своето неверие. Божјата милосрдност пак се излива врз сите оние, кои ќе се покајат и ќе се обратат за Негова помош.”
Јудеинот одговори: “Потполно се согласувам и верувам во сето тоа, кое ми го кажуваш, но имај милост кон мене, помогни ми, за да не погинам.”
Тогаш Петар нареди да застанат со ковчегот и му рече на јудејскиот свештеник:
“Ако веруваш со сето свое срце и со сета своја душа во Господ Исус Христос, нека рацете ти се ослободат – нека Бог ти даде според твојата вера.” И штом рече: “Верувам!” веднаш рацете му се ослободија од ковчегот, но останаа вкочанети до лактите, нечувствувајќи ги, беа како суви, и големите болки продолжуваа. Петар му рече: “Дојди, прегрни го ковчегот и кажи: “Верувам во Господ Исус Христос, Синот Божји, кого Марија Го роди; исто така верувам во се’, што Божијот апостол Петар ми го кажа.”
Јудејскиот свештеник се приближи, го целива со набожност ковчегот и во тој час болките се изгубија, и рацете му оздравеа. Тој им се придружи на сите и почна да Го фали Бога, проповедајќи го Христа, како вистински Негов апостол, пролевајќи радосни солзи и славејќи Го Името Господово.
Петар му рече: “Земи ја палмата од братот Јован и оди во градот, таму ќе најдеш мнозина кои се слепи. Проповедај им за Исуса Христа, Кој ќе ги излечи, допри го до нивните очи палмовото гранче, и кој од слепите ќе поверува, ќе прогледа, кои нема да поверуваат во него ќе останат слепи.”
Јудејскиот свештеник, откако ги послуша Петровите зборови, отиде и најде мнозинство на луѓе кои повикуваа за помош: “Горко на нас, ја наследивме казната од содомските граѓани, и сега слепи сме во животот.” Кога ја слушнаа проповетта за Христа од устата на јудејскиот свештеник, над кого се беше случило целебно чудо, и тие поверуваа во Господа Исуса Христа, и очите им се отворија, тие прогледаа, штом палмовото гранче беше допрено до нивните очи. А оние кои останаа со студени срца – не поверуваа, умреа слепи.
Јудејскиот свештеник се врати кај апостолите, носејќи го палмовото гранче, радосно им раскажа за се’ што беше се случило.
Апостолите носејќи го ковчегот со пречистото тело на Мајката Господова, дојдоа до Јосафатовата долина, како што Господ им кажа. Го поставија ковчегот во една гробница, ја затворија и седнаа пред влезот, како што Господ им беше заповедал.
Долго време не можеа да се разделат од гробот, зближени од љубов кон Пресвета Богородица. Три дена, апостолите останаа тука, пеејќи над гробот на Пречистата Дева, и ден и ноќ пофалбени химни. Низ целото тоа време се разнесувало низ воздухот слаткогласното пеење на небесните сили, кои заедно со апостолите ја прославувале и славеле Мајката Божја.
Ете, Самиот Господ Исус одеднаш пристигна со безбројно воинство на свети ангели и им кажа на апостолите: “Мир на вас!”
Тие одговориле: “Нека биде Господи, милоста Твоја над нас, според онака како Ти угодивме.”
Тогаш Господ рече кажувајќи им: “Пред да се вознесам пред Својот Отец, Јас бев ви ветил, дека кога Синот Човечки ќе седне со Своето Величие на престолот на славата, вие истотака ќе седнете на дванаесет трона и ќе судите на дванаесетте Израилеви колена. Мојот Отец небесен Си дозволи да ја избере Мојата непорочна Мајка Марија од дванаесетте Израилеви колена, и да Се Всели во неа. Што би вие сакале, да направам по тој повод?”
Петар и другите апостоли рекоа: “Господи, Ти ја одбра Твојата безгрешна робинка за Свое привремено Живеалиште; Ти и нас не одбра, Твоите слуги, да го проповедаме Твоето Слово по четирите страни на светот. Пред вековите, заедно со Отецот и Светиот Дух, Ти го востанови во Тебе Самиот божественото единство со таа семожна сила. Би било праведно, според нас, Твоите служители, како што Самиот ја победи смртта и Царуваш во Слава, да го воскреснеш и телото на Дева Марија и да ја населиш во рајот на вечната радост и блаженство.”
Тогаш Спасителот им рече:
“Нека тоа биде според вашите зборови!” Тој Му нареди на Архангелот Михаил да ја донесе душата на Света Дева Марија. Веднаш Архангелот Михаил го помести каменот, со кој беше затворена гробницата, и Спасителот рече:
“Стани, Моја мила, света, пречиста и пренепорочна Мајко, ти нема да го вкусиш телесното распаѓање во гробот.”
И Марија во тој час се исправи, благословувајќи Го Господа, ја фати Неговата рака и во длабок поклон Му рече:
“Не би можела, Господи, да Ти оддадам заслужена благодарност за благонаклонетоста, со која ме удостои да бидам Твоја служителка. Да биде благословено Твоето Име, Спасителе на светот и Боже израилев, во сите векови” (XVII гл.).
Господ, ја прегрна, и ја даде во рацете на ангелите, да ја однесат во рајот.
Тој им кажа на апостолите: “Дојдете кај Мене”.
И кога се приближија, ги прегрна и им рече: “Мир на вас! Јас ќе бидам со вас до свршетокот на светот!”
Откако Ги кажа тие зборови, Господ беше издигнат од светол облак качувајќи се на небото, а ангелите Го придружуваа, откако ја однесоа богоблажената Марија, Мајката Божја во рајот Божји!
Арапската верзија за успокојувањето на Мајката Божја добива интересна епизода, а си има најдено богато место во црковната иконографија. Случката со апостолот Тома, кој задоцнил за погребението на Божјата Мајка, го пројавил истото неверие, како и при воскресението Христово. Да го проследиме арапскиот текст:
“. . . Еден облак издигнувајќи ги сите присутни ги врати од таму од каде беа дошле. Останаа само апостолите, кои три дена веќе минуваа во молитви и пеејќи религиозни песни. Кога беа така собрани, пристигна и Тома, еден од учениците, пристигна на облак во моментот, во кој телото на блажената Марија се носеше на крилата од ангелите и Тома повика да застанат, за да го благослови и да се прости . . .
Кога тој беше со апостолите за време на молитва, Петар му рече: “Брате Тома, што те спречи, за да не дојдеш на време и да присуствуваш на преминувањето од животот кон смртта на Мајката Божја? – Се случија многу чуда а не го доби и Нејзиниот благослов.”
Тома му одговори: “Делото Господово ме задржа да не дојдам на време, бидејќи Духот Свети ми откри се’ што се случуваше, Го благовествував Христа во Индија и го крштевав Годолиј, синот на царевата сестра. Кажи ми сега каде е телото Нејзино?”
Тие му рекоа: “Тоа е во гробницата.” А тој им рече: “И јас сакам да го добијам Нејзиниот благослов, за да можам да сведочам за вистината на секого, кое ми го кажавте.”
Апостолите одговорија: “Ти секогаш со неверие примаш се’, за што ти кажуваме. Не поверува истотака и тогаш во воскресението Господово, се’ додека Самиот Тој не те увери, откако ти ги покажа раните од клинците на рацете и од копјето во ребрата, и ти тогаш извика: “Господ мој и Бог мој!”
Тогаш Тома им рече: “Вие знаете, дека сум Тома и додека не видам во гробницата, во кое е погребано Нејзиното тело, нема да се смирам и нема да поверувам.”
Тогаш Петар стана брзо со голем гнев, а учениците му помогнаа, и го тргнаа каменот. Сите влегоа во Нејзината пештера, и откако не најдоа ништо таму, исплашено се изненадија и рекоа: “Јудеите го дигнале телото, кога ние не бевме тука, за да ја исполнат заканата.”
А Тома одговори:
“Не тагувајте, браќа мои, бидејќи кога доаѓав од Индија со мојот облак, ја видов Нејзе, придружувана од ангели, торжествено се вознесуваше на небото; извикав силно по блажената Марија да ме благослови. Таа ми го даде овој појас.”
На апостолот Тома му било судено да служи за откривање на тајната за воскресението на Пресвета Богородица, како некогаш со своето сомневање во воскресението на Исуса Христа помогнал поубедливо утврдување. По Божја промисла тој пристигнал во Гетсиманија дури на третиот ден од Нејзиното погребение.
Чувствувал длабока тешкотија, што неможел да присуствува за време разделбата на Нејзината душа од телото и на сите чудеса кои се проследоа во тие три дена. Од таа сочуствителност апостолите одлучиле да ја отворат гробницата, но ја нашле празна, а од погребалните покривки се разнесувало благопријатен мирис. Сите многу се вознемириле и го молеле Бога да им ја открие тајната на празната гробница. Истиот ден вечерта самата Пресвета Богородица лично им се јавила и им ја открила тајната.
Од денот на воскресението Христово апостолите секогаш оставале на трпезата едно место празно, одделувале парче леб “за Господа” во чест на Исуса Христа. После вечерата сите стоејќи, го земале поделеното парче леб, го подигнувале повисоко и оддавале слава и благодарност на Светата Троица и завршувале со молитвата: “Господи, Исусе Христе, помагај ни!” После тоа го поделувале помеѓу себе одреденото парче леб за Христа и го јаделе како благослов Божји. Така правеле апостолите, кога биле по своите страни на проповет а и кога биле заедно. Од тогаш е востановен и во манстирите да се поделува парче леб за Пресвета Богородица и на крајот на вечерата се воздига и монасите или монахињите во молитва го поделуваат помеѓу себе и го јадат. Така е востановен чинот “Панагија” – Всесјатаја. Така направиле и тие таа вечер кога се вратиле од гробот на Пресвета Богородица. Поставиле вечера, јаделе и биле замислени за празната гробница, кога на крајот на вечерата го подигнале лебот и почнале да го слават со пеење Господа, се слушнало ангелско пеење. Ги подигнале своите очи и ја виделе во воздухот Мајката Божја, опкружена од небесни ангели, оддавајќи и’ неискажана слава. Пресветата Богородица им рекла: “Радувајте се! Јас ќе бидам со вас секогаш.” Возрадувани, апостолите и сите присутни торжествено воскликнале: “Пресвета Богородице помагај ни!”
По сето тоа светите апостоли се увериле и го пренеле на целата Црква безсомненото верување, дека Мајката Божја била воскресната во третиот ден после Нејзиното погребение од Нејзиниот Син и Бог и вознесена со тело на небото.
“А, апостолите, продолжува расказот на авторот за упокојувањето Богородично, беа разнесени со облаци, како што и дојдоа, секој во своите страни, каде го проповедаа Евангелието, раскажувајќи за Божјото величие и прославувајќи Го Господа Исуса Христа, Кој царува заедно со Отецот и Духот Свети во совршено единство, со една и иста божествена природа во вечни векови. Амин!” (XVIII гл).
Така заврши земниот живот на Мајката Божја.
Светиот Евангелист Јован бил ангажиран во едно древно здание, според кој Мајката Божја му раскажала се’, што доживеала со Христа и што чула од Него. За верните има големо значење, бидејќи дава основа да се верува, дека раскажаното од апостолот Јован во XII глава на Апокаплисисот се однесува за Пресвета Богородица.
Ете го тој интересен расказ:
“Блажената Мајка Божја Марија ми ги предаде на мене, Јован, кој што го проповедам Господа, сите нешта, што Исус Христос беше и’ ги кажал, макар се осеќав недостоен за таа милост, ми рече: “Чувај ги тие зборови, запиши ги во книгите и тоа пред да го напуштам овој свет. Без да се сомневаш, многумина ќе посакаат да го слушнат и да го видат, и сите кои ќе видат и ќе поверуваат, ќе бидат исполнети со голема радост и ќе Го прослават Името Господово, а истотака и моето име, макар и да не сум достојна. Сакам да знаеш, дека во последните денови луѓето ќе бидат подложени на тешкотии и најразлични страдања, на војни и глад, на одговорност поради многуте гревови, ќе бидат лишени од милост и од сострадање на еден од друг, од многуте престапи ќе и’ натежни на земјата. И нема да остане човек, кој нема да се замисли над себе, да го осуди својот грев, да се покае и тогаш да се спаси од гревот; да ги посака небесните блага, да биде милостив и добросрдечен; кој од сесрце да врши добро, и да се плаши од Божјиот гнев.
Ќе видат многу чудеса како стануваат на небото и на земјата. Тогаш ќе дојде вечниот Син, роден од Отца пред сите векови, и ќе дојде Тој во последните денови во Витлеем и нема да најде на земјата меѓу луѓето вера и правда.”
Во разговорот со мене блажената Марија ми велеше “синко!”
А јас и реков: “О, Мајко Света, благодатта Божја да биде со тебе! Твојот благослов нека се распространи низ целиот свет, насекаде каде ќе ти се свртат очите! Се надевам на твојата молитва и на твоето застапништво! Избави го светот од неговите страдања! Насочи ги сите луѓе да појдат по правиот пат на доброто, справедливоста и вистината! Божјата љубов нека го засенува Адама и неговиот род, кој Господ Го создаде со моќната Своја Десница! Човечкиот душман – сатаната, нека биде оддалечен од секое човечко дело по големата милост и добросрдечност на Господа.”
Блажената Марија одговори: “Амин!”
Тој текст придава особена тежина на историската праведност на настаните од животот на Христа, дадени во четвртото Евангелие и дава право во лицето на жената од Апокалипсисот да ја гледаме Пресвета Богородица.
Оправдано тоа место се однесува кон Црквата, која во толкави страдања Го роди мистичниот Христос. Паралелно, претпоставката и совпаѓањето на жената и Света Дева Марија во символечен смисол живо се налага. Св. Епифание Кипарски, Блажени Августин и други ја потврдуваат натприродната идентичност помеѓу Пресвета Богородица и Црквата: Затоа, од таа гледна точка тој авторитетен и обоен текст може да се внесе кон канонските првоизвори за Света Дева Марија еднаков со Евангелијата.
“И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина – венец од дванаесет ѕвезди.
Таа беше тешка и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди.
Потоа се јави друг знак на небото. Ете, голем црвен змев со седум глави и десет рогови, а на главите негови седум круни; опашката негова повлече една третина од небеските ѕвезди и ги фрли на земјата. Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та кога ќе роди, да го изеде детето нејзино.
И таа роди машко дете, кое ќе ги спаси сите народи со железен жезол; и детето нејзино беше грабнато и однесено при Бога и Неговиот престол.
А жената побегна во пустината, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму иљада двеста и шеесет дена.
И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против ѕверот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но не опстојаа, и за нив веќе не се најде место на небото.
И беше исфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сотона, која ја мами целата вселена, беше свален на земјата, и заедно со него ангелите негови беа исфрлени.
И чув висок глас на небото да зборува: “Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе.
Тие го победија со крвта на Агнецот и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт.
Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!”
А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената, што го беше родила машкото дете.
И и’ се дадоа на жената две крила на голем орел, за да одлета во пустината на своето место, каде што ќе се храни – време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата.
И змијата испушти од устата своја вода како река по жената, за да ја одвлече со реката.
Но земјата и’ помогна на жената: и ја отвори земјата устата своја и ја проголта реката, што ја беше испуштил змевот од устата своја.
И се разлути змевот на жената и отиде да војува со други од семето нејзино, што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа. (Апокалипсис 12: 1- 17).
Колку години живеела Мајката Божја на земјата.
Повеќето св. Отци примаат, дека земниот живот на Света Дева Марија траел седумдесет години, но во книгата за блаженото успокојување нејзино, содржи интересно обрачунување, кое го приведувам:
“Бројот на годините, кои непорочната Мајка Божја ги преживеа на земјата, се точно педесет и девет.
Од раѓањето до нејзиното воведување во Господовиот храм беа поминале три години. Во Божјиот храм таа останала во молитва и бдение единаесет години и три месеци. Девет месеци Го носеше во својата утроба Господа Исуса. И со Господ Исус Христос преживеа триесет и три години. После вознесението Господово на небото, таа остана на земјата, под грижата на саканиот ученик единаесет години, а потоа при чесното упокоение ангелите ја вознесоа на небото, во населбата на праведните, каде е во вечна слава на Својот Син и Господ Исус Христос.
Целиот тој збир изнесува педесет и девет години.
Ние, недостојните, кои живееме тука на земјата, се надеваме на Нејзините молитви пред скапоцениот и’ Син да ги спаси нашите души во вечни веков. Амин!”
Гробот на Пресвета Богородица.
Денес верните зборуваат за Пресвета Богородица како за преселена од земјата на небото бесмртна, вековна наша заштитница. И навистина, дали можела да подлегне на распаѓање како и другите творби, таа која Го роди Создателот на сите творби, да биде победена од смртта, која беше “извор на животот?” Господ Исус Христос во исполнување на дадениот од Него закон – децата да ги почитуваат своите родители – Самиот Си ја зачувал непорочната Своја Мајка, и како Самиот што воскресна во третиот ден од распнувањето Свое и се вознесе на небото со пречистото Свое тело, по истиот начин ја воскресна и Својата Мајка и ја вознесе на небото. Со тоа се исполни пророчанството на Давида: “Воскресни Господи, Ти и изворот на светињата Твоја” (Пс.131:8). Во Палестина и денес постои погребната пештера на Мајката Божја, макар во нејзе пречистото тело престојувало само три дена. И таа пештера е предмет на големо благоговејно почитување. Кој сака да ја посети, треба да излезе од Ерусалим низ Овчите порти, наречени уште Порти на Света Дева Марија, и да излезе кон долината Јосафатова. Од спротива се издига Елеонската гора. Во самото подножје, преку пресушеното корито на Кедрон, откако ќе се помине Кедронскиот мост, на лево од патот кон Елеонската гора се открива одмаралиште со гробница. Тоа е гробницата на Света дева Марија. До неа се слегува по дванаесет стапала. Влезот на пештерата – гробница е украсен со готски стил. Од самиот влез 48 мермерни стапки водат во таинствениот мрак на замната пазува. Дневната светлина, која се покажува тука, се слива од светлината на запалените кандила. Кога ќе се слезе уште петнаесет стапки, во самиот хол оддесно се откриваат две гробници – на праведните богоотци Јоаким и Ана. Во достоен хол од спротива е гробницата на св. Јосиф обручник. Од тука надолу, се свртува на десно, се открива величествена слика: по самиот свод на поголема галерија блескаат венци од запалени златни и сребрени кандила. Во одвоена камена пештера, обликована со бел мермер, осветлена е со над дваесет скапоцени кандила, е веќе гробот на Мајката Божја. Внатрешноста на пештерата нема украси. Природниот камен е покриен со префрлени ткаенини. Дури и муслиманите доаѓаат тука да се молат – им е одредено посебно место од десната страна на галеријата. Таа пештера е во сопственост на Грчката и Ерменската, на двете Православни цркви. Свештеното Нејзино лежиште служи и за престол, над кој се извршува св. Литургија, а жртвеникот е од страната на влезот. Подземната галерија се спушта уште надолу и завршува со уште еден – грчки престол. Од тука некогаш се излегувало во Гетсиманската градина, каде Спасителот се молел. Денес од овој дел на пештерата па натака е во сопственост на католиците, и преминот е заграден со голем камен.
Надвор од пештерата некогаш имало манастир со великолепна црква, посветена на Успение Богородично, изградена од св. царица Елена. Манастирот заземал големо пространство над пештерите, почнувајќи од потокот Кедрон. Денес тој голем манстирски комплекс е претворен во парк. Католиците ги обградиле со камења осум маслинови дрва во паркот и со неколку камења – местото каде Јуда го извршил предавството.
Празникот Успение Богородично.
Во чест и слава на Пресвета Богородица, Црквата востановила “значаен, торжествен, божествен” празник уште во првиот век на христијанството. Тој е еден од дванаесетте големи вселенски празници, “бидејќи во тој ден Спасителот на сите во целата Своја слава ја всели Пресвета Богородица во рајот.” Кој од вознемирените во разбрануваното животно море не чувствуваат колку е спремна да помогне Мајката Божја при повикот на нашите тешкотии и при молитвените воздишки? Повикувањето на Нејзината помош влезено е во составот на христијанското богослужение од првохристијанските денови. Се’, што кажале за Пресвета Богородица во Евангелието и Преданијата, апостолските мажи Игнатие Богоносец и Дионисиј Аеропагит (I век), Мелитон Сардиски (II век), Епифание Кипарски, Василиј Велики, Јован Златоуст, Блажени Јероним, Блажени Августин, е искажано во стихири, тропари, седални, ирмоси, кондаци и канони – во целата богослужба од вдахновени химнотворци како што се: Патријархот Анатолиј (v век), Јован Дамаскин и Козма Мајумски (VIII век), Теофан Никејски (IX век), и до денес се пее на вечерно и утрено богослужение, на бденија и акатисти.
Во почетокот празникот се празнувал некаде на 14, а на други места на 15 август. После V- Вселенски Собор, бил заштитен авторитетот на Пресвета Богородица, по наредба на Императорот Маврикиј (592-603) се празнува само на 15, кој ден бил и во чест на победата негова над Персијанците. Со претпразненството, тој издолжува 10 дена (од 14 до 23 август). На сеноќното бдение во париимиите и Евангелието, како што и во апостолот и Евангелието на Литургијата стои: на Рождеството – за радост, дека се родила за живот на земјата; на Успение – за радост, дека не умрела, туку заспала и се разбудила за вечен блажен живот во небесниот рај при возљубениот Син и Бог.
Христијаните се радуваат на тој ден, бидејќи Света Дева Марија после толкуте преживеани тешкотии и страдања на земјата, доби како награда на добродетелниот свој живот, населување во рајот небесен. Со тоа Црквата укажува воопшто на новото значење на смртта – бидејќи досега казнетите за првородениот грев, отсега добиваат награда за подвизи, направени на земјата (Апокалипсис 14:13).
Радоста е уште повеќе потврдена, бидејќи после своето успение Света Дева Марија и после смирениот свој земен живот стана преславна небесна Царица, стоејќи повисоко од херувимите и серафимите. Поравнувана од химнотворците со преполна чаша на божествени дарови, во безконечно море на благодат, со непресушен вечен извор на телесни и душевни дарови.
Да го погледнеме минатото на Црквата, да ги разлистаме листовите на нашата родна историја, да ги поминиме христијанските страни, да ги посетиме посветените на Нејзе цркви, да ги преброиме чудотворните икони – насекаде ќе сретнеме безброј многу докази за безграничната милосрдност на Мајката Божја кон целиот човечки род.
Следните извадоци, од службите на успение Богородично дозволуваат да повикаме со длабока почит на посветениот и’ празник.
Од претпразненството на 14 Август:
Дојдете, луѓе, од сите земни краишта да го прославиме славното претставување на Божјата Мајка. Бидејќи Таа ја предаде својата душа во рацете на Својот Син. И така, преку Нејзиното успение светот се оживотвори и заедно со ангелите и апостолите светло се празнува со псалми и духовни песни (Слава и Ниње, Германово од стиховните стихири на утрената).
Сакаме земно создание да ликува, бидејќу Дева – Адамовата керка, не умира, туку се преселува на небото (II стихира на вечерната).
Да запееме надгробни песни за чистата Богородителка Спасителова и радосно да ја опколиме заедно со безтелесните воинства живоносниот нејзин одар почитувајќи го како божествен и свет престол (канон, III песна, 1 тропар).
Требаше очевидци и слугите на Словото да го видат и телесното успение на Неговата Мајка, и да го разберат сврзаното со него чудо. Не само да присуствуваат на вознесението на Словото од земјата, туку и да раскажуваат за претставувањето на родителката Негова. Затоа, собрани наред со Божјата сила, тие дојдоа во Сион и ја испратија тргнатата кон небото, стоејќи повисоко од херувимите, на која и ние заедно со нив се поклонуваме, како молителка за нашите души (Литии 1 стих).
О прекрасно чудо! Која Го роди Животот, се полага во гроб и гробот станува столб кон небото. Радувај се, Гетсиманијо, Богородичен свет доме! Да воскликнеме, верни, подобно на Гаврила: Радувај се, Благодатна, со тебе е Господ, Кој преку тебе му дари на светот Своја голема милост (Успен. 1 стихира на Госп. Возвах).
Бог, Кој стана твој Син, преку светли облаци Ги собра од сите краеви Божјите Свои апостоли околу твојот одар, покажувајќи на сите, дека си Богородица Цвет прекрасен, откако ти ја зема душата во Своите пречисти раце и ја постави во рајот. Таму има дрво на животот, од кое прародителите јадоа и станаа смртни, а преку тебе одново добија бесмртност. Затоа ти пееме: – Радувај се, Дево, похвала на христијаните (Икос на претпразненство).
Како и порано, кога Го роди Бога, ангели и пастири пееја, тие и сега, Дево ангелските чинови, сите апостоли и се што е живо го воспева твоето успение (Претпр. – Светилен).
Пресвета и чиста Дево, ангелите небесни и целиот човечки род го ублажуваат сечесното твое успение, зашто ти стана Мајка на Христа Бога – Создателот на се’ (Претпр, Слава и ниње на Госп. Возвах).
Кога се подготвуваше претставувањето на твоето пречисто тело, тогаш апостолите, заобиколувајќи го оддарот, те гледаа разбранувани, други беа опфатени во ужас, а Петар со солзи зборуваше: – О, Дево, те гледам легната како вообичаен смртник, ти, која даде живот на сите, во кого се всели радоста за идниот живот и се чудам! О, Пречиста, моли се прилежно на твојот Син и Бог, да го сочува твоето стадо неповредено (стих. по 50 псалом).
Богородице, апостолите од различни краеви одеднаш се најдоа околу тебе да го испратат заедно со бестелесните чинови твоето божествено тело во горниот Сион. Заедно со нив и ние, Дево, ја прославуваме твојата славна памет (1 канон, 1 тропар).
Кога Го роди Бога во тело, ти Чиста, се здоби со големи почасти. И така, достојно на твојот Син и Создател, се потчинуваш на природниот закон на смртта – како Него умираш и со Него воскреснуваш секогаш (1 канон, 2 тропар).
Сите народи те ублажуваме, Богородице Дево, бидејќи во тебе благоволи да се всели Оној кој вселената не Го собира, нашиот Бог Христос. Блажени сме и ние, дека те имаме за покровителка – зашто ден и ниќ се молиш за нас . . .(Ипакој).
Безбрачната Света Дева, небесата се радуваат во денот на славното твое успение, ангелите уште повеќе се радуваат и целата земја се весели – сите те восхвалуваат со погребални песни тебе, Мајката на Владетелот на се’, која го избави целиот човечки род од прародителскиот грев ( 1 хвалитна стихира).
Од разни краеви како облак апостолите се најдоа пред тебе, од кого Вистинскиот Бог изгреа како праведно сонце за тие, кои беа во темнина и смртна сенка (Канон В песна, 1 тропар).
Да одекнат денес трубите на богословите, прекрасниот човечки јазик да те фали; воздухот, осветлен од неискажлива светлина, да се огласи; ангелите да го воспеат успението на Пречистата Богородица (II канон,В песна, 1 тропар).
Удостој се вечни животе, бидејќи беше храм на животот, преку смртта помина во животот, таа, која Го роди Животот (II канон, V песна, 2 тропар).
Пречиста Дево, твојата памет ја прославуват: начала, власти, сили, ангели, архангели, престоли, господства, херувими и страшни серафими, а ние – целиот човечки род, те воспеваме и те славиме (II канон, VII песна, 1 тропар).
О чудо над чудата, направено од Приснодева Богородица! Откако се всели во гроб, таа ни го отвори рајот. Пред гробот нејзин стоиме денес и Го славиме Господа (3 тропар).
Дојдете, верни, да пристапиме кон гробот на Мајката Божја, со своите раце да го прегрнеме, со уста и срце, со лице и очи да го допреме и да се здобиеме од непресушниот вечен извор на изобилни и целебни дарови (II канон, IX песна, 2 тропар).
Мајко на живиот Бог, прими ја од нас песната на покојот, осени не со божествената своја и светоносна благодат, која управниците ги поткрепува, на песнопојците му простува и душите им ги спасува (II канон, IX песна, 3 тропар).
Апостолите, собрани од сите краеви на светот, во Гетсиманската градина, погребајте го моето тело, и Ти, Сине Боже мој, прими го духот мој (светилен).
Богородице, Мајко на живите, за твоето безсмрттно успение на облаци по воздухот беа пренесени распрснатите по светот апостоли и сите заедно застанаа пред твоето свето тело, кои со почит го погребаа и како Ангел Гаврил ти пееја: Радувај се благодатна Дево, безневесна Мајко, Господ е со Тебе. Со нив заедно моли го нашиот Бог и твој Син, да ги спаси нашите души (Слава и Ниње на хвалите).
Како што сите апостоли дојдоа на денот на твоето успение да го погребат твоето тело, така и ние дојдовме денес да ја целуваме со почит и љубов твојата божествена гробница.
Како што тогаш беше ветила да се јавиш на апостолите, јави се и сега на нас – твоите раби, и биди ни застапница пред твојот Син и нашиот Бог (Тропари, кој што се пеат на гробот на Пресвета Богородица за време кога народот го целива гробот).
Ангелските чинови се вчудоневидоа, кога те видоа, дека со смрттните се поравнуваш, ти која Го роди Спасителот на смрттните, го воздигна заедно со себе и Адама и ги ослободи сите од аддот (1 тропар на Богородичните “благословени”).
Зошто плачете толку тажно, о жени, за мене, која сама посакав да умрам, рече Дева радосно на натажените блиски. Не плачете, но знајте, дека и да умрам, нема да ве оставам (2 тропар на Богородичните “благословени”).
За време раѓањето девството го зачува, за време на успението светот не го остави, Богородице. Претстави се пред Животот, бидејќи си Мајка на Животот, и преку молитвите од смрт ги спасуваш нашите души (тропар на Успаение).
Сесвета Богородице, се чудам каква духовна песна да ти принесам, бидејќи со безсмртното твое успение го освети целиот свет, и, чувана од ангелите и праведните души, премина во небесниот, да се насладуваш од убавините на величието од Вседржителот и како Мајка да Му се радуваш. Со нив заедно и ти моли Го да ни подари нам и на светот мир и голема милост (Канон на 16. VIII. -3 стихира на Господи Возвах).
Ангелите се чудеа кога го гледаа својот Владетел да ја држи во рацете душата на Мајка Си и вели, како што приличи на достоен Син, која пречисто Го роди: Пречиста Мајко, дојди да бидеш прославена и ти заедно со Бога и твојот Син ( канон на 16. VIII. – IX песна, 1 тропар).
Општ поглед и поука.
Еве, со Божја помош, се запознавме со земниот живот на Пресветата Богородица
Божјото ветување на човечкиот род уште во првата глава од Светата Библија, посочената од пророците Девица, млада гранка од Давидовото колено, вековна надеж на целиот Израил, сончева утеха во староста на праведните Јоаким и Ана, Божја избраница, која свети како утро, убава како месечина, светла како сонце, во храм воспитувана, на праведниот старец Јосиф доверена, од Ангелот благовестена, од Елисавета израдувана, во Витлеем преброена и запишана, во пештера Го родила ветениот Месија!
Се разбранувавме со Нејзе: од гневот на Ирод, за да Го сочува Богомладенецот, дури во Египет бега; во Назарет да го одрасте и воспита. Ја видовме како згрижена Мајка кон храмот кога се упати во осмиот ден Новороденото на Бога да Го посвети. Се растреперивме во денот на обрезанието, кога богоприемецот Симеон со своето пророштво не натажи. Ја придружувавме со Христа на свадбата во Кана се до Крстот на Голгота. Ја споделивме радоста за воскреснатиот Син и Бог. Ја проследивме и во пројавата на прва христијанка и благовесник Христов. Се восхитувавме на Нејзиниот телесен образ и духовен лик. Ги видовме пристигнатите на облаци апостоли и со нив присуствувавме на нејзиното успение. Ја ублажувавме за славното преминување од смртта кон животот. Созерцававме за време боголепното Нејзино вознесение на небото. Се прашувавме низ опишувањата на богомудрите светители и црковните Отци како се стоплуваат срцата на верните читатели со утринско-зрачен пример на светиот и чист живот, да ги обогатиме со убедливостта, дека и тука на земјата, и горе на небото не ќе бидеме сами и во радоста и во маките, во бедата и потребите не сме сами, бидејќи Пресвета Богородица е со нас!
Пресвета Богородица блесна пред нас во своето смирение на скромна претставителка на човечанството, израсна во величието на Мајка Божја, стана молитвена заштитница пред Бога на целиот човечки род!
Навистина, каков чуден пример, каква радосна утеха е за секое христијанско срце, дека била на земјата, сега е на небото, во горниот Ерусалим Света Дева Марија, Мајката Божја, Пресвета Богородица.
Која го изгради тој вековен и никогаш ненадминат пример?! И со тоа почнува поуката!
Света Дева Марија не пишувала книги, макар во богатата Нејзина природна интелегенција св. Предание ја претставува како учителка. Што го наведе светот, денес манастири и се посветени, цркви и се изградени и се градат, и милиони луѓе со Нејзиното име се именуваат? Загонетката се крие во Нејзиниот живот и подвиг, кој почна на земјата, продолжи на небото, и никогаш нема да пресуши.
За животот Нејзин раскажавме. Да позборуваме за подвигот кој го направи и за благовестието Нејзино на земјата, помеѓу луѓето, за Богородичното евангелие.
Се знае, дека Пресвета Богородица сама не запишала ниту пак некому диктирала да запише, особено за Нејзиното благовештение за раѓањето, за животот и за учењето од Нејзе за нашиот Господ, макар некои апокрифи го тврдат обратното – и затоа се апокрифи. Единствено св. апостол и евангелист Лука ја запишал радоста и воскликот на Елисаветиниот поздрав (Лк. 1: 46-55) и ние исцело го повторуваме како припев за Честнејшују на секое утрено боголужение. По убавината на мелосот на оваа Богородична песна се рамни со најубавите псалми на св. пророк и цар Давид. А по богатство на содржината, св. Отци ја нарекле “мало евангелие” во големо.
Без сомневање Пресвета Богородица има многу проповедано, особено при посетата на Ефес, Антиохија, Македонија и Кипар, пред апостолите, особено во присуство на апостолот Јован Богослов за времето на долгогодишниот живот кога била со него и пред посетата на христијаните, за кое ни зборува св. Игнатиј Богоносец. Во преданија до нас има стигнато многу диалози и молитви, препишувани на неа, но единствениот канонски текст кој е спомнат е “Мало евангелие”.
Така била и Божјата воља!
Бог, наместо пишано евангелие за Нејзините зборови, остави да се задоволиме со делата од Нејзиниот живот. И навистина, Нејзиниот живот е вистинско осветено евангелие – блага вест за човечкиот род. Евангелие од дела и подвиг.
Да го отвориме Богородичното евангелие!
Да го упатиме погледот на првиот негов лист! На него гледаме дрвен миниатурен парк со разлистени каранфили, во средината гнездо од птички и под каранфилот бездетната застарена жена со испишана на лицето цела мака – бездетност. Од страната Ангел – благовесник, кажува, дека молитвите и’ се услишани, дека и во тој дом радоста ќе си го покаже својот глас, како птичките во тоа гнездо, ќе добие чедо, преку кое ќе се благословат сите земни колена.
Тука се собрани во една три радости. Прва е утехата, како дарува сама по себе усредна молитва со вера и надеж во Бога. Втората е чувствата и увереноста, дека молитвата е услишена (го вели тоа Ангел Господов!). И третата е радоста од исполнетата молитва, радоста на ослободувањето – на бездетноста и таа добива рожба. Тројната радост, е во тоа што молитватата била слушната од Бога, и оклопот бил пробиен исто како што пилињата кога се опилуваат ја разбиваат лушпата!
Радосно е човек да виде, кога Бог ги слуша молитвите и ги исполнува. Радосно е да се знае, дека молитвата, е испратена со вера и надеж, се исполнува дури и тогаш кога по законот на природата изгледа неисполнлива. Бог е Творец на природата – и таа Му се потчинува!
Кој го чита правилно тој прв, преукрасен со небесна светлина лист од евангелието на Света Дева Марија, ќе се исполни со длабока мудрост, ако е читател, ќе се здобие со голема награда на соживување, ако е молител.
Да свртиме на вториот лист! Таму нема зборови, туку на дело веќе е исполнето – тригодишната керка на праведните старци е воведена во Божјиот храм и е посветена да служи на Бога. И таа служела оддано, верно, чисто и свето, без никаква платена награда и тоа со радост цели единаесет години највообичаена служба, извршена низ вековите од посветени жени на Бога во храмот.
Ева во рајот беше господарка, и’ служеле сите земни созданија, но во својата гордост го послушала ѓаволот и отпаднала од својот Створител – Бога. Света Дева Марија била обична земна служителка, но верна и оддана на Бога сред грешниот свет и световните соблазности.
Нека се огледат на тој евангелски лист, живеан од Пресвета Богородица во текот на нејзините полни единаесет години, и да ги потопат своите души во обелената им од снег душевна чистота на сите оние, кои целиот свој живот им се совпаѓа со непослушноста на Ева, Каин и Савел! Кој правилно го чита тој втор лист од Богородичното евангелие ќе се прероди, просвети и спаси.
На третиот лист со живи дела е запечатено: Назарет! Пред непорочната Дева и’ се јавува Ангел Господов. Ја нарекува Благодатна. И и’ ја открива предвечната тајна на Божјата промисла: Ќе роди Божји Син, Цар над царевите, Чие царство не ќе има крај!
Да помислиме само како би се возгордеала од таа необична чест некогашната господарка на рајот Ева! Додека смирената девојка Марија сосема смирено ја примила веста. Благата вест на Архангелот ја исполнило со голема радост, но сепак таа радост ја ставила во длабочината на своето срце.
Светата радост си го нашла своето место во Нејзината душа, која покрај радост имала страв и трепет пред Бога. Таа радост никогаш не му дозволила на Божјите светители да се гордеат или да се самозаборават! Примајќи ја таа почаст, не само што не се занесувале од неа, туку размислувале какви задолженија им престојат од таа почаст. Затоа на ангелското благовестие девојката Марија смирено одговорила:
Ете ја слугинката Божја, нека биде според твоите зборови.
Тоа е третиот златен лист од евангелието на Пресвета Богородица. Чуден и пречуден лист, на кој со дело е напишано смирена и света радост. Иљадници луѓе денес го употребуваат како насушен леб тој евангелски лист. Многумина ја примаат почастта, но се откажуваат од задолженијата, не исполнувајќи го долгот – го вкусуваат суетното задоволство на почестта, но не ја вкусуваат свештената радост од исполнувањето на долгот.
Поминуваме натаму: Кога Јосиф забележал, дека Дева Марија е тешка од Светиот Дух, тој се посомневал во целомудроста, но таа не само што не се криела, туку ниту се оправдувала. Кога таа не се возгордеала од ангелското благовестие, таа и сега не се уплашила од сомневањето на Јосифа. Во тоа се состои непобедивата сила на невиноста.
Продолжила да си ја гледа стрпливо својата работа, душата Нејзина Го славела Господа Бога, а правдањето за невиноста ја оставила на Бога. Господ побрзал да ја заштити преку Ангелот, кој се јавил и го успокоил Јосифа (Мат. 1:20).
Тоа е уште еден златен лист од евангелието на Божјата робиња. Тој не учи, дека, кога служиме на Бога, не треба да се плашиме од луѓето! Ниту пак да се плашиме за своето име и чест. Ниту да се срамиме од луѓето, кога според Божја волја ќе ни наиде билошто.
Продолжуваме да го прелистуваме евангелието на Пресвета Богородица, ги разбираме неговите златни зборови и се поучуваме од неговите молчливи, но живи слики.
Пастири, мудреци, со ангели заедно, се поклонуваат на нејзиниот Син во Витлеемската пештера, но таа длабоко крие се’ во срцето свое и молчи – безпрегорно извршувa се’ само да Го повие и да Го насити Младенецот. Во секој случај на почит, таа се труди безпрегорно да го исполнува тој долг. Исто така и при наидување на секој тежок момент, нејзина прва грижа и е исполнување на долгот, а сето друго останато Го препуштала на Бога. Кога Ирод го побарал Младенецот да Го убие, таа Го послуша Божјото шепнување, Го зеде Сина си и замина во далечниот Египет без ни најмалку да се плаши од Ирода.
Кога Нејзиниот Син како благодатен дожд Ги напојува со небесна наука жедните човечки души, таа потонала во безбројните значајни слушатели, слуша и молчи како и тие, дури повеќе од нив. Кога Тој врши Божествени чуда, а народот Го хвали и превознесува, таа стои смирено, невозбудувајќи се оддалеку со други набожни жени и мисли, уште што може и треба да направи таа за Него како Мајка. Кога дала пример на една восхитена слушателка која извикала: “Блажена е утробата, што те носела, и градите, од кои си се хранел!” (Лк. 11:27), таа не се покажала да се открие дека Му е Мајка да би рекла: “Јас сум Го носела, јас сум Го хранела!” туку мирно стои во толпата на луѓе, замислена што Го чека и уште со што би могла да Му биде полезна – таа, Божја робинка.
Да ја свртиме и другата страна, каде со пророчанството на Симеон Богопримецот (Лк.2:35) го претскажува распнувањето на Божјиот Син и го претскажува пронижувањето со меч на Мајчиното срце. Времето е дојдено. Пастирот е уловен, стадото – распрснато. Но што да прави, каде да бега Мајката? Таа стои во молчлива тешкотија под крстот. Со своето присуство таа посведочува, дека Синот Човечки е нејзин Син, а таа е Негова Мајка. Секој маченички вик на распнатиот Господ се повторува, одекнува во Нејзиното срце како удар од меч, а во душата како громовен татнеж. Но устата и’ останува затворена и јазикот безгласен, зошто душата не ја изразува болката, по тој начин, присутните од мака, да ја осетат целата тежина на Неговите крстни страдања. Додека разбојникот Му се потсмева, додека Синот и’ се грчи во претсмртна мака, додека војниците рамнодушно ги гледаат Неговите страдања и си рачунаат што ќе приграбат од распнатите, и додека безбожната толпа на еврејски првенци го засилуваат ритамот на ужасот на најужасното безаконие – што прави Таа, Мајката?
Стои близу до крстот, се оддала на Божјата волја како и секогаш, со молитвен шепот и нечујно прашува: – Со што можам да Ти послужам во тие тешки за Тебе минути, Господи и Сине мој?
О, Света Мајко! Мајко над Мајките! Колку многу ти му служиш на човештвото само со стоењето твое под крстот на распнатиот твој Син! Кога стоиш на тоа страшно место, пред се ти најмногу служиш на православната вера! Со тоа ти ја затвараш за секогаш устата на еретиците, кои лажно учат, дека Христос не бил вистински човек, и дека привидно страдал!
Ако беше така, што бараш ти при крстот на крвавата Голгота? Ако привидно Си Го носела и родила, од каде дојдоа такви тешкотии за Твојата душа? Привидно требаше да биде Твоето Мајчинство, привидно ќе беше и Неговото тело, привидно ќе беа и Неговите страдања, и на крајот – целиот тој ужас! – Привидно ќе беше и љубовта Божја кон луѓето. Ти го разурнуваш целиот тој собир од богохулства со своето присуство при Неговиот крст и со крстот во Твојата душа! Освен тоа, нив му е вообичаено Твоето име, како што сме ние вообичаени, Богомајко, сите ние, кои те познаваме, те повикуваме и те прославуваме, како прв и најважен сведок – столб на православната вера:
Вера во вистинско воплотување на Бог Словото;
Вера во безгранична Божја љубов кон целиот човечки род;
Вера во Неговата вистинска жртва за спасение на грешните;
Вера во лутите рани на Неговото богочовечко тело;
Вера во проливањето на пречистата Негова крв и вистинска смрт!
Ти, сето тоа го посведочи, Патоказителко, преку своите страдања под крстот на Великиот Страдалник. На твоето посведочување се повикува и Светата Црква и секоја Среда и Петок со пеење на крстобогородични, си спомнуваме за твоите измачувања под крстот, заедно со Неговите страдања на крстот.
Кон сето тоа, и кон таа неизмерна услуга на Православната вера, уште почудна е услугата што ни ја даваш на секого од нас родителите (мајките и татковците) кога не учиш со таков пример и со таква кроткост да го носиме својот крст при смрттната разделба со своите најблиски. Со тивката болка, притаена во срцето ни ја загреваш надежта во живиот, Семоќен Бог. Како јагне смирено си стоела при пролевањето на крвта на Родениот од тебе, без корнење на косата, без кршење на рацете, без повикување за помош. Верата твоја во победата на Неговата правда ниту за миг не те расколеба во целиот тој страдален ужас, кој дојде врз Тебе, кога злосторниците ликуваа, кога сонцето се помрачи и земјата се потресе, о, ти, најсмела од сите жени! Душата цела ти беше обвиткана во тешка, претешка болка, но болка благопристојна и содржајна, свештена болка, која не бара сочувство, освен во Бога, о, вечно спокојна и вечно срамежлива Дево Богоневесто! Прекрасен пример за сите мајки, кои по судбината на човечката смрт испраќат предвреме во гробот своја рожба во самото расцветување на нивната младост, без да се порадуваат на овој свет и живот!
Така пишува, љубезни читателу, на тој златен презлатен голготски лист од Богородичното евангелие! Блажени ќе бидат оние, кои што имаат духовни очи тоа да го прочитаат. Од тој лист се закрепнува нашата вера, се ублажува тешкотијата, добива смелост, пројавува Богородична заштита. Блазе им на оние, кои можат со своите духовни очи да ја осетат Мајката Божја под Голготскиот крст, кои се обидуваат да го читаат целото евангелие, кое Таа со своето присуство на тоа страшно место во оној страшен час го напиша и им го остави на сите напатени мајки во светот.
Сега погледнете во прекрасниот воскресен лист од Богородичното евангелие. Да го прочитаме со мудрата прозирност од авторите на “Омилии” и на “Охридскиот пролог”.
Пресвета Богородица сигурно знаела, цврсто била убедена, дека Нејзиниот Син ќе ја победи смртта, и ќе воскресне од мртвите. Таа уште од своето детство научила нерасколебливо да верува на секое слово Божјо. Знаела, дека Тој ќе воскресне, но, како што пишува во евангелието, таа прва не Го видела воскресението. Први за Него дознале непријателите, душманите Христови, началниците – првосвештеници кои по нивно барање била поставена пред запечатениот гроб римска стража. После нив дознале и пријателите – Марија Магдалена, жените мироносици со Мајката Господова, апостолите и многу други.
При измачувањето на Голгота Пресвета Богородица била прва и останала неоделено до Него до последниот Негов дух, но при воскресението и прославувањето на нејзиниот Син, таа не била првиот сведок, а посведочила со други и после другите. Тоа скромност ли е или Божја промисла? И едното е, и другото!
Воскресението Христово родило голема, нескриена радост во Неговите пријатели и завид помеѓу Неговите душмани. Радоста на апостолите и на Неговите пријатели била света, придружена со страв Божји, како некогаш во Назаред, при јавувањето на Ангелот. Премудрата Божја промисла посакала за воскресението на Христа да дознаат најпрвин Неговите душмани, а потоа пријателите, додека Мајка Си ја остава на заден план, да не би кажале душманите: Го украде Мајка Му од гробот, а нам ни кажува, дека воскреснал – да се прослави и возвеличи Нејзиниот Син.
Така, воскресенскиот лист на Богородичното евангелие е извезен со златото на Божјата премудрост и украсен е со бисерите на Нејзината девичанска и мајчинска скромност и долготрпливост . . .
Останатите листови од Богородичното евангелие – од слегнувањето на Духот Свети над неа и апостолите па до славното Нејзино успение – кој ќе ги прелиста и прочита, да раскаже.
Сите знаат, дека тие листови се исполнети со духовна сила и морално – поучна убавина.
Знаеме, дека Пресвета Богородица после вознесението Господово стана Мајка на земната Црква. Куќата на св. Јован Богослов се претворила во кошница, од која излетувале како трудољубиви пчели апостолите благовестници на Царството Божјо, испраќани со благословот и молитвите од Мајката Божја, и во која се враќале полни со мед од успеси или за слаткото страдање за Христа добивале од Мајката – Царица на кошницата, Пресвета Богородица, совет и поттикнување за нови подвизи.
Во постојанен пост Таа непрекинато се молела на Бога за целата земна Црква. Резултат од Нејзината молитва се чувствувал и во близината и во далечините. Таа била се’ за сите. За евангелистите – евангелист, на апостолите – соработник, на мачениците – сомаченик, за бојазливите – поткрепа, за смелите – радост, за целата Црква – душа, Мајка – пчела на Црквата кошница. За сите новопокрстени христијани во светот таа била најпривлечната личност. Сите сакале да ја видат како и Христа. Поради Нејзе се одело на аџилак. Богат, беден, учен и прост, праведен и грешен, сите жедни за Христа оделе при неа да се напијат како од живоносниот Извор. А таа сите ги примала со смиреност на девица и со нежност на Мајка. Сите излегувале од Нејзиниот дом бодри, исправени, поткрепени и очистени, враќајќи се во домот свој уште повоодушевени за Христа и посмирени за светот.
Со се’ како што се пројавила во животот Мајката Божја, искажано е од св. апостол Павле преку зборовите: “Зашто ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица” (2 Кор.11:2). Многу грешни жени после покајанието отпочнале чист, непорочен живот, како девици. И ние сме повикани со чиста душа, како невина девојка, да бидеме свети и чисти во животот како Света Дева Марија. Тоа е целтта на нашиот земен живот. И само така можеме да се надеваме, дека ќе влеземе во рајот како царски пратеник со другите девојки, кои непрекинато се доведуваат од Светата Дева и Мајка Божја (Пс.44:14,15).
И така, Богородичното евангелие не се разликува ни во една јота од Евангелието на Христа.
Целата душа на Пресвета Богородица е благовестие, радосна вест, целата е евангелие. Богородичното евангелие не е ништо друго освен слеано со неа и приложено од неа во животот на Христовото Евангелие.
Иако Света Дева како Мајка Го дала на светот Христа од себе си, како христијанка Таа одново Го примила во себе како духовен факт, а може да се каже и како апостол: “… јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене” (Гал.2:20).
Никој никогаш на светот не бил така сличен, толку близу духовно со Христа Господа, колку што била Марија – Мајката Божја, и не поради тоа што, дека Го родила, туку затоа што Го изобразила во себе и станала како жив Христов образ. Тоа и пророкот – нејзиниот праотец Давид оддалеку го видел и богоозарено го посочил кажувајќи: “Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато” (Пс.44:13). Каква друга поголема убавина внатре во себе можела да има, од Самиот Исус Христос, Кој живее во неа, во мислите на нејзината душа, во порите на нејзиното срце?! “Со злато везена облека” повторно значи богатство од достоинства и добродетелства, со кои богато е украсена Нејзината душа.
А сега да се вратиме на нејзиниот смртен оддар во Сион. Да позборуваме со Неа заедно со апостолите, да и’ целуваме рака, да го измолиме светиот нејзин благослов.
Напразно! Таа веќе не е таму – во Гетсиманската гробница. Ние сме задоцниле многу векови, да би го добиле земниот благословот нејзин. Господ Христос, опкружен од небесни ангели, слезе од небото во Сион, ја зема Нејзината света душа и ја издигна највисоко на Небото, повисоко од херувимите и серафимите. После три дена слезе и над гробницата Нејзина во Гетсиманската градина и го вознесе и Нејзиното тело во Божјиот рај. Првата земна служителка на Господа влезе во дворецот на небесниот Цар. Застана Царицата од десната Негова страна! Служителка Господова на земјата, керка на праведните богоотци Јоаким и Ана, служителка во Ерусалимскиот храм, служителка во Назарет и Витлеем, служителка во Египет, служителка на Својот Син и Бог, служителка на ангелите и на луѓето, служителка при страдања и слава, служителка на земната Црква Христова, служителка на спасителното Христово благовестие од првиот до последниот ден на земниот свој живот, истата служителка веќе е небесна Господова Царица и стои од десната страна на Царот, Христос!
Дали можеме и сега да го побараме Нејзиниот благослов? – Можеме, се разбира, дека можеме! Иако постана прва керка на Царот Бог, Таа не престана да биде прва служителка Господова. Од љубов кон својот Создател и од човекољубието кон нас – грешните луѓе, Таа и денес служи на земната Христова Црква. И сега брза да им помогне на верните, кои од било каде и за што ќе ја помолат – за помош.
Затоа да се обратиме кон Неа и денес, и да го побараме Нејзиниот благослов!
На кого Таа милостиво ќе даде благослов, ако е грешен – ќе му се прости, ако е накажен – ќе се очисти, ако е паднал – ќе се исправи, ако е болен ќе оздраве, ако е натажен – ќе се израдува.
Блазе му на секого, кој ќе се удостои со благословот на Мајката Божја! И секој кој Нејзе ја чувствува и слави, самиот ќе добие од Нејзе чест и слава. По големата мајчинска милост таа ќе ги спаси сите, кои со топла молитва се обраќаат кон Неа!
ПРОСЛАВА
Мајката Божја го озари светот од три страни. Од Божја страна како Богопрослава, од страна на самата Пресвета Богородица како себепрослава и од страна човекот-христијанин како култ – религиозна почит и приклонување.
Богопрославата започнала како Божјо ветување со пророчанства и преобрази. Првото ветување е кажано од Бога со определување на судбината на соблазнителката змија (Бит. 3:15). Ред на старозаветни пророштва образно потсетуваат за неа и ја величат како: висока планина, на која Бог благоволи да слезе и ќе обитува вечно (Пс. 86:3); седмостолбен дом, изграден од Премудростта (Пр.9:1-5); девица, која без-маж ќе зачне и ќе роди Син – Емануил (Ис.7-14); лесен облак, на кој ќе седне Господ и ќе отиде во Египет (Ис. 19:1); Запечатена книга, која писмениот не може да ја прочита (Ис. 29:11); колесница, на која се качил Бог (Јез.1 гл.); Затворена врата, која само еднош ќе се отвори, за да помине Господ (Јез. 44:1-3); Камен од планината, кој сам од никого не дотакнат се одрони и ќе ги разбие идолите (Дан.2:35); планина, од која слегнува Бог и славата ја исполнува земјата (Ав. 3:3) и Целиот Нов Завет е расветлување на тие пророштва.
Многу се преобразите на Света Дева Марија: нај-напред Ева – првата жена, која преку гревот го лиши човекот од рајот, Света Дева Марија пак, преку раѓањето на Исус Христос го искупи човекот од гревот и му го поврати рајот. Потоа старозаветната Сара, го роди Исака – преобраз на Исуса Христа, роден од Света Дева. По-натаму земјата, незасеана роди разновидни цвеќиња и плодови, а Света Дева без маж го роди Христа. И уште колку ли: Ноевиот ковчег, лествицата на Јакова, несогорливата капина, Црвеното море, облакот во пустињата, храмот и скинијата, ковчегот на заветот, стомната со маана, медениот умивалник, волненото руно на харман, огнената халдејска печка и т.н.
Во исполнување на Богопрославата на Света Дева започнала уште од возрадованите бесчедни праведни старци Јоаким и Ана кога се здобија со од богоподарена рожба. Продолжува во растењето на Богоотроковицата во домот на своите родители и воспитувањето во храмот Господов; доверувањето во грижа на Јосифа; посетата на Ангелот благовесник; чудното раѓањето од Света Дева во Витлеемската пештера на Спасителот на светот, нејзините многугодишни и непрестани мајчински грижи околу Богомладенецот, за да заврши на земјата со сечесното нејзино успение и преселување на небото, овенчана таму како небесена Царица, секогаш стоејќи од десно на препрославениот нејзин Син и наш Бог.
Црковното предание раскажува благочестиви и поучни детали за небесната слава на Света Богородица.
“Кога после нејзиното успение, Света Дева Марија беше однесена во рајот, Господ Исус Христос дојде, придружуван од мноштво на небесни духови, зашто основите на рајот се потпират на земјата и на нејзината утроба, од каде протекуваат четири реки, и стигнуваат до небото. Кога стана потопот на земјата, Господ не дозволи на водата да влезе во рајот.
И Исус и’ рече на блажената Марија: “Разгледај ја славата до која се издигна!”
Таа стана и виде голема слава, која човечко око не може да го понесе, и ете го Енох, Илија, Мојсеј и сите пророци и патријарси дојдоа, Го славословеа Господа и блажената Марија и потоа си заминаа.
Тогаш Исус Христос и’ кажа на Марија: “Разгледај ги богатствата, кои сум ги приготвил и кои бев ги ветил на светиите.”
Кога ги подигна очите, таа виде прекрасни светли живеалишта и скапоцени круни за мачениците. Обрати поглед и кон благоуханите расцветани дрва, кои лачеа арома, која никој не би можел да ја опише.
Господ собра плодови од рајските дрва и и’ ги даде на блажената Марија, за да ја вкуси рајската сладост од тие плодови. Потоа и’ рече: “Оди и види го небото на небесата.”
Таа се поткачи и го виде првото и второто небо, а во третото го виде небесниот манастир издигнат над земните пространства. Таму виде уште многу чуда, го прослави Господа Создателот на се’, Кој ги исполнуваше небесата со најчудни нешта кои човек неможе ниту да ги опише, ниту да ги замисли.
Господ нареди сонцето да застане над небесната врата, свртено со лице кон рајот и Бог Отец беше во огнена колесница над сонцето.
Блажената Марија го виде живеалиштето на светлината, каде беа: снегот, градот, дождот, росата, грмотевиците, молнњите и другите слични нешта. Таму виде ангели со расцепени крила, во светли облеки и ги слушна како пеат “Свјат, свјат, свјат Господ Саваот.” Виде уште дванаесет одвоени простории – секоја имаше своја врата и до неа вратар. Виде и голема врата на Небесниот Ерусалим, на која беа напишани имињата на праведниот Авраам, Исаак, Јаков, Давид, и на сите пророци после Аврама.
Штом влезе блажената Марија низ првата врата, ангели и’ се поклонија и ја прославија со небесни песни. Кога помина низ другата врата, херувими и’ упатија свои молитви, а кога влезе низ третата врата – серафими молитвено ја прославија. Кога ја помина четвртата врата, милијарди ангели ја славословеа. Кога помина низ петтата врата, грмотевиците и молњите ја прославија. Кога ја помина шестата врата, ангели со песни благоизвестија: “Свјат, свјат, свјат Господ Саваот, чест и слава на тебе, Богородице! Спасение и прослава на тебе, Владичице! Господ да биде со тебе, благословена си меѓу жените! Препрославен да биде Родениот од тебе, Мајко милосрдна!” Кога ја прекорачи и седмата врата, светлина ја осипа. Кога ја помина осмата врата – ладен поветерец и ситна роса ја разведри. Кога ја помина деветата врата, архангелите Михаил и Гаврил и другите ангели ја славословеја. При десетата врата сонцето, месечината, Ѕвездите и сите небесни светила и’ се поклонија, бидејќи е посветла од нив. Кога влезе низ единаесетата врата душите на апостолите, пророците и праведниците ја валеја и благословуваа. Влегувајќи низ дванаесетата врата, таа Го виде Својот Син, седнат на светол трон, опколен со голем блесок. И таа се поклони пред величието на Отца, Сина и Светиот Дух.
Кога Пресвета Богородица го сврте погледот кон Небесниот Ерусалим и го виде сето негово великолепие и убавина, духот и’ беше поразен од восхитеност и таа неможеше да го свати сето тоа, кое се разоткриваше пред нејзините очи. Тогаш Господ ја фати за раката, и ги покажа скриените радости и скривниците на Светата Црква, и помогна да ги виде тие нешта, што око не видело, ниту уво слушнало, ниту јазик раскажал, ниту умот човечки дознал. И сите тие нешта ќе бидат дадени на праведниците, кои ќе дојдат во последниот ден со голема радост и ќе им се возхитуваат низ сите векови. Накрајот Господ и покажа и живеалиштето на Енох, во кое тој непрестано се моли за светот.
После тоа блажената Марија се сврте и го виде множеството на луѓе, кои беа разбранувани и пред нив имаше множество на дарохранилници. Наоколу се разнесуваше мирис на темјан, се слушаа религиозни песнопеења и множеството се восхитуваше на тој блесок прославувајќи Го Бога.
Блажената марија рече: “Учителе и Господе мој, кои се тие луѓе, кои стојат таму?”
Тој одговори: “Тоа се дарохранилниците на праведниците, кои таму се населени, а блескавата светлина, која се излачува, ја покажува почитта, што се користи од Мене. Во последниот ден тие ќе воскреснат, за да се насладуваат вечно на тие блага и ќе се здобијат уште со поголема радост од таа, која до сега ја уживаат, и нема да има поголема од неа, кога душите ќе се вратат во нивните тела.
Ете, блажената Марија виде и една друга, мрачна страна, од каде се издигаше густ дим и се разнесуваше тежок, непријатен мирис. Таму гореше буен оган и многу луѓе беа во огнот повикуваа со горко плачење. Блажената Марија праша: “Господи и Боже мој, кои се тие луѓе, потонати во тој мрак и страдаат во силно вивнати пламени јазици?” Тој и кажа: “Тоа е делот од огнениот ген, кој се отвара за грешниците. Тој дел е приготвен за нив и тие ќе останат таму се додека не се вратат во своите тела. Потоа тие ќе добијат уште поголеми страдања и незамислени маки, бидејќи не се покајале за своите гревови, и ќе бидат измачувани од самата нивна совест, како постојанен гризлив црв, кој ниту заспива ниту умира, бидејќи ги нарушиле Моите заповеди, ја отфрлиле Мојата благодат и се одрекле од Моето божествено достоинство.
Откако блажената Марија чу за прославата на преведниците, срцето и се исполни со голема радост, а кога виде што е приготвено за грешниците, ја опфати мака и тешкотија и Го молеше Господа да биде милостив кон грешниците, да биде по мек, бидејќи немоќна е човековата природа.
И Тој, и вети.
Тогаш Тој ја фати за рака и ја доведе во светлиот и блажен рај, придружувана од сите светии и праведници.” (Земено од арабска книга за опходот на богоблажената и непорочна Дева Марија.).
СЕБЕПРОСЛАВАТА
Пресвета Богородица ја изгради со свој чист, свет, богоугоден живот, кој ја направи достоен свет сад за богоприемство; со нејзиното кротко, но возвишено евангелие во Евангелието (Лук. 1:46-55);
Со личното нејзино пророчанство за идна прослава: “Бог милостивно погледна на смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови” (Лк.1:48);
Чудата, кои ги изврши за време на својот животот на земјата и сега продолжува да ги врши и од небото; со своето милостивно сострадно срце кон праведните и грешните, кон живите и кон умрените.
Црковното Свето Предание детално опишува случки и настани, озарени и стоплени од мајчинската нејзина милост. Настанета во Божјиот рај после славното свое успение, таа често ги обиколувала рајските населби и се радувала со праведните за блажениот им рајски живот.
Во едно тихо рајско катче таа забележала душа на мајка во бела облека, но била без раце, тажна и осамена.
Зошто си останала без раце, бедна душо? – чувствително прашала Мајката Божја.
Моето мало мило чедо, го оставив долу на земјата само да се насочува по правиот пат – кротко одговорила душата на мајката.
Таа средба ја разбранувала нежната и чувствителна душа на Божјата Мајка. Таа се потсетила на тешките мисли кога и наидувале за претстојните страдања на нејзиното Божествено Чедо, не давале мир ниту во сонот. Воскреснале во нејзиното сознание и соновите во Гетсиманската градина, на Елеонската планина, во Витлеем, кои настани им придаде прорчко значење, и денес многу мајки си спомнуваат за утеха, претиснати од тешка мака.
И сега натежено Мајката Божја се замислила:
Кога и во рајот Божји праведните души тагуваат, како ли ќе им биде состојбата на грешните во аддот?!
Го помолила Својот Син да и помогне и да и се олесни. Господ Исус, благодушно се согласил. И го дал за придружник Архистратигот Михаил – со него да слезат во аддот и да и’ покаже тој маките на грешниците. Започнал одот на Пресвета Богородица по маките.
Насекаде маки – на југ, на север, на исток, на запад, на лево, на десно. Секакви маки:
маж – книговодител, обесен за рака, кој земал несовесни камати;
жена, закачена за забите, која не го држала јазикот зад забите – оговарала;
Мажи и жени, овиснати со главите на железно дрво, закачени за јазиците, поради клеветења, оговарања, разделиле брат од брат, маж од жена.
Ги видела маките на служителите на Божиот престол, кои негрижливо правеле проскомидисување и на кои одронетите частици од просфората паѓале на земјата како ѕвезди; кои ги читат свештените книги, но не ја исполнуваат волјата Божја, живеат блудно и безаконито; кои се крстени, и крстот го признаваат само со збор, вршејќи ѓаволски дела и го испуштиле времето на каење.
Таму биле и оние, кои ја мешале пепелта со брашното, а потоа им давале на бедните.
И оние, кои ги навредувале своите татковци и мајки.
И оние, кои ја нарушувале сопружничката верност.
И оние, кои се колнеле “лажно”, кои ги нарушувале Божјите заповеди.
И нечесните судии, кои донесувале неправедни пресуди према сиромашните.
И оние, кои јаделе човечко месо -“жена, која убие дете во својата утроба, или пак, откако ќе го роди, го зема и го угушува; или маж, кој наклевети некого да го убијат” – тоа се нарекува, дека “јаде човечко месо”.
Сите најголеми и најразлични маки ги видела Пресвета Богородица, влегла во разговор со грешниците и дознала, дека се заслужени маките“ – според кој што вршел – тоа добил”.
Но не издржало нејзиното мајчино милостиво срце и таа се обартила кон Архистратигот:
Да се помолиме заедно, и јас сакам да влезам да ја вкусам маката со христијаните, и тие се нарекуваат чеда на мојот Син!
Жив Господ Бог и големо е името Негово, – одговорил тој – Кога се молиме на Повелителот седум пати на ден и седум пати на ноќ, ние се молиме, Госпоѓо, и за грешниците, но Тој малку не слуша, зашто е справедлив.
Тогаш Пресвета Богородица посакала ангелското воинство да ја издигне и да ја остави пред невидливиот Отец – Бог Саваот. Ги дигнала рацете нагоре кон благодатниот Свој Син и рекла:
Смилувај се, Владико, над грешниците, ги видов нивните маки и неможев да издржам. Сакам и јас да примам маки, како нив.
Тој, детално ја потсетил за земните нивни гревови и зклучил:
Тие не ги помилуваа Моите браќа, како Јас да ги помилувам нив?! Пресветата, пак рекла:
Смилувај се, Владико, над нив – тие се творба на Твоите раце. Го слават Твоето Име на земјата, и во своиоте маки повикуваат: – Пресвета Богородице, помогни ни!
Господ и рече:
Света Богородице, Владичице! Многумина на земјата, кои го повикуваат твоето име. Таквите Јас не ги оставам без внимание.
Тогаш Пресвета Богородица ги повикала сите светии со неа да паднат пред невидливиот Бог и да не се помрднат се додека не се смили и не ги помилува грешните. Бог Отец Го испратил Сина Си да Го покаже Своето лице на грешниците. Тој слегол, и ги потсетил што направил за нив, и дека поради непослушност тие не заслужуваат да бидат помилувани, но поради милосрдноста на Отца и по молитвите на Пресвета Богородица – “Мајката Негова, која многу плака за вас, – ви давам одмор од Големиот Четврток се до Светата Педесетница” (Земено од Оддот на Пресвета Богородица по маките).
Какво високо поучно значење се крие во тоа апокрифно древно кажување! – стародревна, безпоштедна сатира сред сите гревови и престапи, извршени под сонцето, искажано како на огледало преку живописите во многу цркви. Во повеќе цркви го земаат здивот уште пред самото влегување во храмот.
Каква утеха за верните христијани! Кога, Пречистата Мајка Божја не ги заборавила грешниците во аддот, нас ли, разбрануваните во грижи и испитувања, ќе не остави без благодатната своја помош?
Каков солидарен психолошки мотив на Богородичната себепрослава!
Какво сострадание и милосрдност се крие во спонтаната реакција на вечната Посредница пред престолот на вечниот Бог, на видените човечки маки и душевни тегоби: “…да влезам и јас да ја вкусам маката, со нив”!…
Психолошкото објаснување на благочестивиот расказ за одењето по маките го наоѓаме во друга кратка повест – Сонот на Пресвета Богородица.
Од човечката бедотија може да се возбуди и нивните тешкотии да ги сподели само таква личност која е со нежна чувствителност, отворена душа со проникнат поглед кон иднината, како што се открива Пресвета Богородица преку соновите и преку сочуваните благодатни древнохристијански списи.
Таа ги почуствувала и ги преживеала со своето срце и душа: предавањето, фаќањето, судењето и распнувањето на Божјиот свој Син, таа била спремна во природната своја состојба потполно да ги почуствува и човечките страдања, па дури и стадањата на грешниците.
Застануваме на сонот на Пресвета Богородица, бидејќи тој ја заокружува во потполност претставата за Нејзиниот внатрешниот духовно-морален лик.
Таа древна кратка повест содржи три сона на Мајката Божја: двата на Маслиновата гора и еден во Витлеем. И трите таа ги споделила со Господ Исус Христос. Во древнохристијанскиот споменик тие се изложени во диалогична форма. Ви го даваме следното:
Возљубени мој Сине, кога бев на Маслиновата гора и таму заспав, на сон видов: Ти беше предаден од еден Твој апостол, Те врзаа и трнов венец на главата Ти ставија. Безмилосно Те удираа со камшици. Пречистото Твое тело беше покриено со многу рани. Твојата пречиста крв течеше по Твоето лице и тело. Ти беа натовариле еден голем крст, на кој после многу понижувања и хулења Те распнаа. Сето тоа Ти го прими со големо трпение….
-Возљубени Сине, кога бев на Елеонската гора, сум заспала и во сон видов, дека евреите Те фатија, Те врзаа и Те одведоа во нивната судница. Видов, дека од Твојата Божествена глава течеше крв и Твоето Божествено тело се одвои од мене, како што се одвојува кората од дрвото…
Возљубено мое Чедо, кога бев во Витлеем, сонував страшен сон: Петар го распнаа во Рим. Тебе Те распнаа во Јудејскиот град Ерусалим помеѓу двајца разбојници. Во сонот уште видов, како Тебе Ти дадоа да пиеш жолчка со оцет и со копје Те прободоа во ребрата, и истече крв и вода. Тогаш сонцето и месечината се замрачија, земјата се потресе, камења испопаднаа и црковната завеса во Ерусалимскиот храм се расцепи одозгора па додолу и настана голем мрак по целата земја од шестиот до деветиот час вечерта. Видов уште, кога Јосиф и Никодим Го симнаа Твоето тело од крстот, го обвиа во чиста плаштаница и го положија во нов гроб. На третиот ден Ти воскресна, слезе во аддот, ги разруши аддовите врати, ги раскина прангите на смртта, ги изведе од темнината Адам и Ева и на сите мртви таму им подари воскресение. После тоа Ти се вознесе на Небото и седна од десно на Бога Отца…
И на трите сона Господ Исус Христос со кроткост и смиреност и одговори:
Пресвета Моја Мајко, се’, што виде на сон, се’ ќе се случи. Мојот небесен Отец ќе дозволи сето тоа да биде, ќе бидам положен во гроб, за да се уверат неверните во Моето Божествено потекло и достоинство. Но Тој ќе Ме воскресне во третиот ден. Тогаш многумина од неверните ќе поверуваат и големата тага, која го исполнува твоето срце, ќе се претвори во голема радост.
Таква голема радост ќе доживее и верникот, кој редовно го чита сонот на Пресвета Богородица, со надеж и за своето идно воскресение и за вечен живот. Поради тоа многумина го препишуваат тој сон и го носат близу своето срце. Колку мајки ја виделе на сон судбината на своите деца!
Чудата на Пресвета Богородица
Друга важна страница од Нејзината себепрослава – истотака поткрепени од безграничната нејзина милосрдност и сострадање. Тоа е Нејзиниот неисцрпен личен влог во изградбата на неизодната и’ слава, важен повод и тврда основа за понатамошната разнострана и неопфатна човечка, култова прослава на земјата.
Да се потсетиме:
За време бегството во Египет, кога светото семејство ја помина пустината, лавови и леопарди се доближувале до Пресвета Богородица “и не и наштетиле, но и послужиле.”
Во јатакот на разбојниците Пресвета Богородица го нахранила и го исцелила болното дете на нивниот водач. Легендата ќе потсети и покасно, дека тој е послушниот “благоразумен разбојник”, распнат оддесно на Христа, кој Го исповедал како Бог и Го помолил да се потсети за него во царствот небесно.
Пристигнале во Каиро, додека Јосиф барал во градот каде да се сместат Пресвета Богородица го чекала со Детето под една смоква, таа ги наведнала своите гранки над Мајката и Детето и им држела сенка, а од под каменот, на кој одмарале, бликнал извор слатка вода.
Во градот Сотинен, кој припаѓал во областа Хермополис, со влегувањето на Мајката Божја со Младенецот идолите испопаѓале и се искршиле на парчиња.
При враќањето од Египет во селото Малх, каде застанале да одморат, бликнал целебен извор, кој постои и денес, посветен на Света Дева Марија.
Чудното исцеление на идниот апостол Вартоломеј: Тој бил близнак. Братчето му умрело. Избезумената мајка побарала помош од Света Дева Мајката Божја. Таа го положила детето во лулката со алиштенцата на малиот Исус и тоа оздравело. Возрадованата мајка се обратила кон Пресвета Богородица: – Сега веќе разбирам, дека си надарена со божествени дарби, кога Синот твој лекува со едно додирнување на Неговите алишта.
Пресвета Богородица дала вода од коритцето, во кое Го капела Детето Исус, на тешко болна прокажена жена. Таа се измила и во тој час оздравела. Покасно постанала една од првите Негови последователки.
Арабското евангелие предава занимливо чудо со младо-осле: Богата жена имала син убавец. Во завидливоста една кон друга девојките, кои го сакале, го магепсале да постане осле. Не помогнале ниту гатачи ниту лечители. Несреќната мајка преку солзи ја раскажала несреќата која ја снашло, на Пресвета Богородица. Милостивата Мајка Божја трогната, истотака заплакала, Го качила малиот Исус на ослето и Му рекла:
Синко, излекувај го ова осле, и направи го пак човек, како што беше и порано.
Ослето во тој час постано прекрасно момче, како што било и порано. Момчето, мајката и сестрите му се поклониле длабоко на Пресвета Богородица и Малденецот. Го прегрнале Исуса и Му кажале:
Блажена е Твојата Мајка, о Исусе, Спасителе на светот!
На Маслиновата гора, кога Пресвета Богородица се молела за својот земен крај, дрвата кои ја опкружувале ги наведнувале своите гранки, како живи луѓе молејќи се заедно со Нејзе.
По молитвите на Пресвета Богородица, за Нејзиното успение сите апостоли пристигнале на чуден начин – пренесени на облаци.
Во денот на Нејзиното успение се случиле повеќе необјаснени исцеленија на слепи и сакати, на глуви и неми, кои го восхитиле целиот Ерусалим и неговата околина.
За време погребението поворката била пратена од колона небесни облаци, од кои се разнесувало слатко ангелско пеење.
Фанатичниот јудејски свештеник, Атониј, озлобен гледајќи го сенародното почитување кон светата покојница, се обидел да го преврти ковчегот, но рацете му се отсекле и му останале на ковчегот. По советот на св.апостол Петар и по неговото покајание добил благодатно исцеление.
При своето вознесение на небото Пресвета Богородица го пуштила својот појас за благословение на закаснатиот за погребението нејзино, св. апостолот Тома.
И после смртта на Пресвета Богородица се случувале и се случуваат многуразлични и многубројни чуда. Како што пее црковната песна, “Преблагословената Марија со своето успение ја напушти земјата, но не го остави своето тело во гробот, а со одењето на небото го осветли воздухот. Ангелите и ги отворија небесните двери, каде сега престојува со Сина си, молејќи се за мир на целиот свет”, за мир на луѓето еден помеѓу друг, за мир на секого и во секого, усредно застапувајќи се за секого при потребите, постојано помагајќи во искушенија, беди и со дивни чуда им дарува здравје, спасение и благопријатност. Такви случки на чуда пристигнувале до ушите на апостолите, кои ги запишувале сите настани и поуки. Ете некои од нив:
92 брода пловеле по морето. Одеднаш се појавил силен ветар со страшна бура. Страшните големи бранови им претеле на бродовите да ги потопат. Морнарите со молитва го повикале името на Пресвета Богородица и таа веднаш се појавила. Бурата застанала а брановите се смириле, ниту еден брод не пострадал и сите морнари се спасиле.
Патници, нападнати од разбојници, се обратиле кон Пресвета Богородица со молитва за помош. Таа се појавила и разбојниците се разбегале. Патниците го продолжиле својот пат живи и здрави и во радоста Го прославиле Господа.
Некоја вдовица имала единец син, тој еден ден отишол за вода и црпејќи паднал во длабокиот кладенец. Мајката негова преку плач извикала: “Мајко Божја, спаси ми го синот!” Блажената Марија веднаш се појавила над кладенецот, му ја подала раката на момчето, го извадила од кладенецот и тој не се удавил, а здрав и читав си отишол кај мајка си.
Еден човек, од свои петнаесет години страдал од тешка болест, потрошил многу пари за лекување, но не нашол лек. Еднаш така, со силна вера во Бога, фрлил неколку зрна темјан во огнот и се помолил: “О, Света Дево Маријо, Мајко на Спасителот, Те молам, фрли поглед кон мојата немоќ, излечи ме од таа тешка болест.” Во тој час таа му се јавила, го допрела со својата рака за вжештеното негово чело и тој оздравел. Потоа отишол в црква, и го прославил Името Божјо, благодарејќи и’ на Света Дева Марија – Исцелителка.
Голем брод, полн со патници, имал бродолом во морето. Сите излегле на палубата и во голем страв барале помош. Се обратиле со молитва кон Пресвета Богородица: “Биди милостива кон нас, благословена Богородице!” Таа се јавила како патник во бродот, и по нејзини укажувања бродот го извела од брановите во тих залив и сите патници излегле на брегот живи и здрави, но таа на брегот веќе не била помеѓу нив.
Од една пештера излегла една голема змија. И по патот пресретнала две жени која сакала да им наштети. Преплашените жени во плач се обратиле кон Света Дева: “Спаси не, Мајко Божја!” – Блажената Марија веднаш се јавила, ја чукнала змијата по главата и устата и овенела, а двете жени мирно си го продолжиле патот, фалејќи Го Бога и Пресвета Богородица.
Некој трговец земал на заем 1,000 денари да си купи стока и тргнал на пат, но по патот неосетно го изгубил кесето со парите. Тоа го осетил кога веќе поминал голем дел од патот, почнал да се удира во главата, да си ја корне косата и да плаче. Накрајот се досетил да се обрати кон Пресвета Богородица. И се помолил: – О, благодатна Дево Богородице, помогни ми во оваа беда. – Таа му се јавила и му рекла: “Дојди со мене и не тагувај.” Тој ја следел и таа го одвела право на местото, каде го нашол кесето со парите. Возрадуван, го продолжил својот пат воздавајќи му на Бога и на Пречистата Мајка Божја слава и благодарност.
Петнаесет години после вознесението Христово, Марта и Марија заедно со Максимилијан, еден од 70-те апостоли, ја извршувале својата задача. Нивната дејност, ги озлобило некои евреи, та заедно со нив ги качиле на еден коработ и Максимилијан и Колидониј, излечен од Христа, но коработ бил без платно и кормило, и така ги пуштиле петмината во морето да загинат. Обречените се помолиле и Бог го извел коработ во Марсилија. Истоштени и гладни, отишле на пазарот.
Во исто време бездетен судија сонил светла Жена, која му рекла:
-Ти одмараш спокојно, а Божјите слуги умираат од глад – не си милостив, не правиш добро. Оди на пазарот, земи ги тие гладни тугинци, та нагости ги. Судијата, збунет, отишол, ги нашол петтемината и ги довел во својот дом. Марта и Марија си проговориле помеѓу себе за Христа. Судијата забележал:
Ако е вистински Бог и таков чудотворец вашиот Бог, нека ми даде едно чедо и ќе поверувам во Него.
Не само тоа, туку се што ќе побараш со вера во Него, ќе добиеш – му рекле.
Наскоро жената му останала бремена. Тој се покрстил и посакал да отиде во Ерусалим. Но и жена му го помолила и нејзе да ја поведе. Ја повел и нејзе, а ја оставиле во својот дом Марија, овластувајќи ја да надгледува, и на целиот град да заповеда. Таа идолите ги срушила и почнала цркви да гради. Во тоа време, на пат за Ерусалим, на бродот жена му родила машко дете и умрела. Судијата веднаш го известил својот дом за трагедијата што го снашла. Застанале со бродот на еден пуст остров, и во една пештера ја оставиле мртвата мајка заедно со детето кое сеуште цицало од мајка си. Мажот земал еден прекривач и ја покрил покојната и тажно се помолил:
Пресвета Богородице, Мајко на тажните и несреќните, ти им помагаш на сите, кои се надеваат на тебе. Која Го роди Бога, сочувај го и ова дете – направи со него тоа што ти зборува мајчиното срце.
Се качиле на бродот и отпловиле за Ерусалим. Таму тој се му раскажал на св. апостол Петар, и тој му рекол:
Мир на тебе чедо, штом се си направил со вера во Бога и си ја оставил на пречистата Му Мајка. А за жената и за детето не жали, радувај се !
После тоа го одвел по местата, каде одел Христос и правел чуда. Така судијата поминал една година.
На враќањето навратил на пустиот остров, каде ги оставил мртвата своја жена и детето. За чудо мајката била цела, недотакната од гнилежот, а детето живо и лазело. Со голема благодарност тој воскликнал низ солзи;
Боже, Ти се можеш! Голем е Твојот дар – мртвата мајка една година го доела своето дете за тоа да остане живо! Бескрајно верувам, Господи, дека и мајката можеш да ја оживееш. Дај ми ги и двете радости! Еј, Господи, слушни го Својот слуга, кого Твојата пречиста Мајка го упати во верата.
И, гледај чудо! Во тој час мртвата, како од сон се пробуди, воздихна па рече:
О, моја слатка Владичице, благословено да е Твоето име! Ти го покри моето тело, ме остави нетлена во смртта и го хранеше моето дете.
А на мажот му рекла:
Да знаеш дека и јас бев со тебе по светите места, по кои те водеше св. Петар. Мене пак ме водеше Ангел Божји.
Му ги наброела посетените свети места. Радоста на мажот немала крај. Се качиле на бродот, се вратиле во својот град и раскажале за се на св. Марија. После тоа во градот многумина се покрстиле, ги искршиле сите идоли, издигнале свети цркви и направиле многу добри дела за слава на Бога и Света Троица.
Еден Цариградски евреин имал седмогодишно дете. Тоа, еден ден со своето другарче отишло во една христијанска црква и таму се причестило. Кога си дошло дома раскажало на своите родители што направило. Таткото, гневно го фрлил својот син во големата печка, па дури дотурил и дрва да го осили огнот. Мајката исплашена со своите сосетки притрчале и го извадиле детето живо, но било недодирнато од огнот. И тие гневно, го фрлиле таткото во огнот кој целосно изгорел, па го прашале детето:
Како остана не повредено?
А тоа рекло:
Онаа Жена со Детето во црквата, таму каде што се причестив, стоеше покрај мене и со својата облека ме штитеше од огнот.
Тоа била Пресвета Богородица. После тоа чудо мајката, детето и многу евреи се покрстиле.
Британски добродетелен монах многу ја почитувал Пресвета Богородица. Кога ќе и го чуел името, коленичел и произнесувал: “Богородице, Дево, радувај се!” Кога остарел неможел повеке да се опслужува. Игуменот му одредил монах да му помага. Еден ден, кога монахот бил излезен, старецот посакал да стане – но неможел. Се натажил и се помолил со силна вера на Пресвета Богородица: “Владичице предобра, помогни ми!” И одеднаш Мајката Божја се појавила и му рекла: “Поради твоето големо почитување кон мене ти давам уште триесет години живот на тој свет и тоа со здравјето и силата на триесетгодишен.” И исчезнала. Оздравениот подмладен калугер неможел место да си најде од радост. Другите калугери, кога го виделе тоа чудо, Го прославиле Бога и Пресветата Богородица, а самиот тој секогаш мислел на тоа чудно благодејание и ја славел Пресвета Богородица, која во староста дава младешка бодрост.
Криновите на девството се чудо, се случило во VII век, каде живеел многу учен испосник по име Елпидиј. Тој отишол на поклонување во Ерусалим, местото го привлекло и останал таму да живее. Една коза секое утро доаѓала пред неговата келија и му давала млеко. Во ближниот град еден учител се сомневал во непорочното зачнување на Пресвета Богородица. Дознал за испосникот, и отишол кај него да поразговара. Испосникот одалеку го познал и знаел зошто доаѓа – та го пресретнал. Благочестивиот учител го поздравил и му се поклонил. Испосникот не одговорил, но удрил со својот стап по еден камен и силно извикал: “Пред рождеството – Дева!” Во тој миг од каменот израснал еден прекрасен крин. Пак удрил и рекол: “Во раѓањето – Дева!” израснал уште еден прекрасен крин. По трет пат удрил со зборовите: “И после раѓањето пак Дева си остана!” – и трет крин се расцвета. И без да каже повеќе ниту збор, испосникот си заминал во својата пештера. Учителот се зачудил на зборовите и на чудото, се вратил веќе ослободен од сомневањето и на сите раскажал во градот што му се случило.
БЕСЕДА:
П Р Е С В Е Т А Б О Г О Р О Д И Ц Е
С П А С И Н Е
Кога дете ќе се роди, радост е во куќата. А кога дете ќе добијат родители во одминати години и кои немале до тогаш деца, радоста е уште поголема. Радосни и среќни биле Јоаким и Ана, кога во старост добиле керка. До тогаш пателе и тагувале, се срамувале и избегнувале секакво друштво, бидејќи се мислело дека немањето деца е Божја казна поради гревови од родителите. Бог, нив ги оправдал и ги наградил повеќе од било кои родители на земјата, бидејќи нивното дете постанала наша Пресвета, Пречиста, Преблагословена, Славна Владичица Богородица и Приснодева Марија.
Покрај родителите, на родената Пресвета Богородица, се возрадувал и сиот свет. Во Фалебните песни, кои на тој ден се пеат на Пресветата Дева се вели: “Раѓањето твое, Богородице, ја објави радоста на целата вселена.” И небото и земјата се возрадуваа. Со гревот на првата жена луѓето се оддалечиле од Бога. Со раѓањето на Спасителот Пресвета Дева постана скала, која одново го спои небото со земјата.
Радосниот празник: раѓањето на Пресвета Богородица, го славиме и како Мала Богородица.
Темел на верското воспитување на девојчето Марија, како многу мала го добила дома од своите родители, од побожните Јоаким и Ана, кои со молитва и солзи ја измолиле од Бога.
Потоа родителите, кои беа ја заветиле, ја посветија на Бога, одведувајќи ја во храмот да се воспитува. Со голема душевна тага се разделиле од своето девојче. Но Божјата воља била: малата Марија, Божјата избраница, да се припреми во осаменост и молитви за возвишената мисија, кој ја, очекувала. Во храмот, во тоа свето место, таа во потполност се утврдила во верата, се збогатила со особини, ја оплеменила својата душа и така, со возвишениот живот и со чисто срце, се издигнала изнад сите луѓе и изнад ангелите Божји.
Затоа го славиме Воведение, радосен празник на воведувањето во храмот на Пресвета Богородица.
По завршеното воспитување во храмот, Пресвета Дева живеела во градот Назарет кај својот роднина старецот Јосиф. Живеела скромно и повлечено, со телото на земјата а со душата на небото, таму каде хоровите ангелски без прекин го слават својот Творец. Непорочната, чиста и во мисли и во дела, била почиста и од сончевата светлина, тоа се вели и во црковните песни. Во потполност повлечена, ретко кога излегувала од својот дом, редовно го читала Светото Писмо, се занимавала со рачна изработка и единствено разговарала со керките на Јосифа.
Била потполно, со својата душа, оддадена на Божјата волја. Во потполност може да биде оддаден на Божјата волја само оној, кој има непоколеблива волја и љубов према Бога, а таква вера и љубов ја загревала чистата душа на девојката Марија.
Нејзината полна оддаденост на волјата Божја се искажала особено оној ден, кога и се јавил гласникот Божји, архангелот Гаврил, обраќајќи и се со зборовите: ,,Радувај се благодатна, Господ е со тебе, ти си благословена меѓу жените,” и кога и’ ја соопшти веста дека ќе Го роди Спасителот, таа одговорила: ,,Еве ја слугинката Божја. Нека ми биде по зборовите твои.”
Така скромната, прекрасна девојка Марија, ја добила веста, дека ќе Го роди Сонцето на правдата, Христос нашиот Бог.
Затоа тој радосен празник го славиме како Благовец – Благовест.
Како и сите праведни и чисти души и св. Дева патела на ова земја, од големото зло. Да би го спасила својот Единец од ѕверот – Ирод, таа бега дури во Египет, се измачува и пати во туѓа земја. Таа ја покажува својата голема љубов и прави извонредна жртва за своето дете.
,,Нож ќе ти ја прободе душата” – и рекол на Сретење старецот Симеон Богоприемецот, бидејќи уште тогаш го согледал со својот пророчки дух страдањето Христово. Кој може да ги свати нејзините страдања, кога стоела под крстот на својот распнат Син? Сите страдања ги поднела пресветата Дева со силна вера, издржливост и сепреданост на Божјата волја, тоа е несватливо за нас обичните смртници.
Растргнат од свирепите болки на крстот, Христос во еден момент со тага погледнувајќи ја св. Дева и го посочил својот омилен ученик Јован: Ете ти син, – и’ рече нејзе, а на Јована: Ете ти мајка. Од тој момент апостолот ја зема при себе да се грижи за нејзе и да ја чува.
Остатокот од својот живот го поминала Пресветата Дева во молитви, Бог да ја повика. Кога се успокои во Господа, Спасителот нејзината чиста душа, во вид на мало дете, – како што тоа е прикажано на светите икони, – ја земал и ја однел во своето вечно царство на блаженството, мирот и радоста.
Тој празник го славиме како Успение (заспивање) на Пресвета Богородица или како Голема Богородица.
Никој не можел ниту пак може да ја опише прекрасната и чудна личност на Пресвета Богородица. Како можеме ние, слабите и превртливи, да ја сватиме и да ја искажеме нејзината величина, непоколеблива вера? Како можеме ние, кои секојдневно грешиме, да ја сватиме онаа, која е поголема и пославна од херувимите? Па сепак, таа ни е блиска бидејќи живеала помеѓу нас грешните луѓе, страдала како и ние што страдаме, особено ни била блиска по љубовта и милосрдноста како наша заштитница и молитвеница пред Бога.
Се сеќавате браќа и сестри, на оној убав момент на свадбата во Кана Галилејска? Кога непреостанало вино, таа го моли својот Син да им помогне на луѓето, да не би се прекинала свадбената веселба и Спасителот ја претвара водата во вино.
Во нашите народни песни се опишува како Пресветата Дева ги посетила грешинците во пеколот, им се сожалила кога ги видела нивните маки и Го молела својот Син да им ги ублажи маките.
Таа е пример и идеал на сите жени-христијанки. По примерот на нејзе многу девојки и жени се одрекле од светот и својот живот го посветиле на молитвата и на работата за ближните. И многу мајки си земале за своја прва и света должност да ги воспитат своите деца во верата христијанска. И едните и другите многу направиле, благата Христова вест за царството Божјо да се прошири кај сите народи.
Проблемот на христијанското воспитување на децата е голема грижа на нашата црква. За тој проблем особено најмногу треба да се погрижат и да се размислат родителите.
Ние, најмногу се надеваме на мајките христијанки и домаќинки. Ако мајката оди по Христа, таа ќе ги води и своите деца. Таа е воспитувач на на луѓето и столб на породичниот живот. Таа најнапред е во состојба да ја пренесе својата вера на своите деца, да би дечјата душа со својата топлина згрее и преку евангелската вистина го осветли својот дом.
Да се обратиме, браќа и сестри, на Пресватата Богородица преку молитвата која нејзе и е посветена, да ни биде секогаш наша заштитница и молитвеница пред Бога:
Пресвета Владичице Богородице,
Поголема си од сите ангели и архангели
И почесна си од секоја творба,
Помагателка си на понижените,
Надеж си на безнадежните,
Покровителка си на сиротите,
Утеха на оние кои тагуваат,
Хранителка на гладните,
Облека на голите,
Исцеление на болните,
Спасение на грешните,
Помогателка и заштитница
на сите христијани.
Спаси го, Премилостива, нашиот македонски православен народ. Смилувај се на нашите Македонски архиереи, свештеници и на целиот монашки ред.
Спаси и закрили ги со светиот свој покров сите православни христијани.
Измоли Го Синот свој, Христа нашиот Бог, да ни подари сила и издржливост против нашите непријатели видливи и невидливи.
Подигни не од гревовниот понор и избави не од: глад, мора, земјотрес, поплави, пожар, уништување, навреди, туѓина, граѓанска војна, насилна смрт, насилство од непријатели, смртоносни рани, од беда и од секакво зло.
Дај ни здравје и мир, на мојот Македонски народ и на сите правослвни христијани.
Отвори ни ги духовните очи да се трудиме за душевно спасение.
Удостој не, – нас грешните, своите слуги – во царството на твојот Син, Христос нашиот Бог, на Кого нека е слава со Беспочетниот Отец, Пресветиот и животворен Дух, сега и секогаш и низ сите векови.
Покрај таа молитва, браќа и сестри, да прочитаме единствена, прикладна молитва, која се чита пред чудотворната икона на Пресвета Богородица:
,,Вековите одминуваат и поколенијата заминуваат, а Ти сите ги дочекуваш и ги испраќаш од својата светиња. Сите ги дочекуваш со мајчина грижа и ги испраќаш со мајчин благослов, Мајко наша семилостива.
Пред Твојот лик, цареви се молеле и патријарси клечеле со надеж во Тебе, свето Пристаниште, ете и нивните потомци од Тебе помош очекуваат. Не си ја отфрлила ничија надеж во Тебе па немој ниту нашата, Мајко наша семилостива.
Од неверниот другар и од демонските поттурнувања избави не. Кога во зло ќе се упатиме, спречи не. Кога во добро тргнуваме, патот отвори ни го. Сочувај не од секакво зло кое ни доаѓа. Упати не во средба на секое добро, од сесрце Те сакаме и од се срце Те молиме.
Соедини не со сите православни чеда, просвети не во верата, измири не со љубовта сите нас, смири ги силните и поткрепи ги немоќните, – Те молиме. Погледни од Твоето светилиште на својата и наша земја, на која некогаш со Јована стапна и благослов и заштита и даде, исправи се што е неправилно, осветли се што е темно, оздрави се што е болно, зашто си наше свето Пристаниште. Да Те величиме во сите векови и сите колена и да Го прославуваме Твојот Единороден Син со Отца и Духот свети. Амин.
БЕСЕДА
Р О Ж Д Е С Т В О Н А
П Р Е С В Е Т А Б О Г О Р О Д И Ц А
(21 Септември н.ст.)
Светата Црква ја слави мајката Божја со посебни молитви и ја величи во духовните песни, во кои го наоѓа изразот на величината и преку нејзиното богоприемство во светот. Таа ја надмина херувимската и серафимската слава, таа се издигна над ангелите и стана подостоинствена и од сите небески сили. Пред нејзината величанственост се клањаат сите човечки родови и секое смирено срце и принесувајќи и молитвен поздрав, пеејќи и’: ,,Радувај се благодатна, Господ е со тебе.” Во тој ангелски поздрав, кој непрестано го прифаќаат луѓето кои веруваат, се открива основна вистина на нашата вера дека од нејзе, Пресветата Дева, осенета од Духот Свети, го роди Спасителот на човечанството – Господ Исус Христос; дека од нејзината пречиста утроба, како од скриен извор на човечка надеж, го осветли Сонцето на правдата; дека од нејзе, како заштитница на немоќните, ја подигна скалата во висините која ги додирна божјите височини; од нејзе, како пристаниште за оние кои брановите ги гони, префрлувајќи ги на мостот према брегот на животот во Бога. Таа е Пречиста Мајка на нашиот Господ Исус Христос, па поради тоа, во духовна смисла, е и наша општа мајка..
Нејзиното мајчино срце е во Црквата Божја и се одзива не секое повикување кон нејзе, во молитвените воздишки, на секое страдање и повик за помош. Во текот на овие повеќе од две иљади години верата христијанска пред нејзе во молитвени поклонувања пролеале океан покајни солзи, поминале многу чуствителни воздишки, издигнувајќи се во огнен блесок на неземна чистота од небројни души, одвојуваќи се од ништожноста и грешноста, победуваќи ја немоќта на телесниот живот. Ете поради што светата Црква го слави нејзиното раѓање кое денес го славиме како радост на целата вселена, бидејќи од Пречистата Дева светна Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог, Кој, бидејќи ја раскина клетвата, го даде благословот, а бидејќи ја уништи смртта, ни дарува живот вечен.”
Оние кои Бог ги испраќа во светот со посебна мисија да ја објават и да ја остварат Неговата волја, се раѓаат во обични надворешни услови, па дури и со најобични услови, скоро од такви какви биле во совршена беда и надворешно понижување. Зарем под такви услови не се роди и Самиот Спасител на човечанството – Господ Исус Христос? Но, кај вообичаените надворешни услови во раѓањето на богоиспратените луѓе постои внатрешна невообичаеност. Јован Крстител се родил како ветено дете и според Божјиот благослов ја отворил неплодната утробата. Тоа вистински било необично во раѓањето на големиот пророк пред Бога, кој ќе оди пред Бога да би го исправил патот на Неговото служење во светот.
И света Дева Марија се родила како ветено дете, бидејќи нејзините стари и бездетни родители Јоаким и Ана во необични услови го добија благословот Божји да постанат родители, и тоа на Пречистата и Преблагословена Дева. И тука благодатта Божја ја отворила утробата на Ана, да би се родил мирисливиот и прекрасен крин на Божјата бавча – Пречистата Дева Марија.
Нејзиното раѓање светата Црква го слави како радост на целата вселена, како радост во која учествуваат сите верни луѓе. Каква е таа радост, која така силно го осветлува небројното мноштво верни луѓе и тоа повеќе од дваесет векови? Таа доаѓа од Самиот Господ Исус Христос и ја надвишува секоја друга радост.
Каква радост бараат синовите човечки (луѓето) на земјата? Тие бараат здравје, сила, убавина, богатство, веселба. И навистина, тие дарови не се така чести на земјата и секој човек само за кратко време би можел да се порадува на некои од нив. Но тие, безсомневање дека се радост на животот. Здравјето се доживува како радосна состојба; во силата човекот се чувствува почитуван; во убавината се радува човечкото срце, било каде и да ја виде; богатството дава можност за подобар живот и радосна безгрижност на срцето, која е земна радост. Па сепак, колку се малку радосните моменти во животот, и колку ли тие дарови, ги прифаќаме како неопходни услови за среќа, се ретки! Постои една радост која доаѓа од непресушниот извор – од Господа Исуса Христа. Која вистински, таа радост, Пречистата Дева ја донесе на целиот свет, бидејќи таа, го откри напресушниот извор на радоста.
Во мирната ноќ, кога небото го осветли уште една ѕвезда и која го објави раѓањето на Господа Исуса Христа, ангелот Божји им објави на пастирите радосна вест за човечкото спасение: ,,Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе” (Лука 2,10). Ангелот Божји ја поздрави земјата со поздрав на радоста, бидејќи го означи доаѓањето на Исус Христос одбележувајќи го преуредувањето на животот преку силата на Светиот Дух и во услови на една непрекината радост.
Светиот пророк Илија го пророкуваше доаѓањето на Господ Исус Христос како благослов на целата земја, бидејќи таа ќе се ослободи од својата духовна неплодност и ќе се претвори во цветна градина на плодност и мирисна убавина. Он ни вели: ,,Ќе се развесели пустината и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин; прекрасно ќе цути и ќе се радува, ќе ликува и ќе се весели; славата на Ливан ќе му се даде, великолепието – на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат славата на Господ, величината на нашиот Бог ” (Ис. 35, 1-2).
Доаѓањето на Господ Исус Христос е благослов на целата земја во нејзиниот духовен живот, бидејќи од Исуса поттекуваат благодатните извори на живата вода, кои оросуваат предели на духот; Он е Сонце кој ги испраќа своите животворни топли зраци, да би се оплодила секоја неплодност во духовните предели. Поради тоа пророкот Захарија претскажал: ,,Ликувај и весели се, ќерко Сионова, зашто ете, Јас ќе дојдам и ќе живеам во тебе” (Зах. 2, 10).
Господ Исус Христос, го оплоди човечкиот дух и на тој начин се откриени во многу земји простори на Царството Божјо, кое ,,Царството Божјо не е во јадењето или пиењето, туку во праведност и мир и радост во Светиот Дух” (Рим. 14, 17). Тие, кои го понеле во својата душа Царството Божјо, тие ја носат светлината полна со радост. Тие се радуваат и наутро, и на пладне, и навечер, бидејќи во секое време се со Оној Кој е во изобилност на животот и радоста – Господ Исус Христос. Наутро тие го поздравуваат Сонцето на правдата како победител над ноќната темнина; на пладне возрадувани во своите срца ја согледуваат величината на тоа Сонце, кое високо се издигнало над човечката судбина; навечер, кога западот е облеан со злато и пурпур, тие со радост во срцата торжествуваат во едноверие, кое никогаш не заоѓа, туку секогаш изгрева со величанственост во новиот ден. Тие луѓе полни се со радост во нивните срца и наликуваат на човекот од Христовата парабола, кој го нашол на нивата скриеното богатство, та го сокрил, па, од радост за него, отишол и продал се што имал, и ја купил таа нива (Мат. 13, 44).
Царството Божјо е непроценливо богатство, кое кога човек ќе го придобие, се здобива со непрестана радост. Зарем во Царството Божјо не е се радост? Самиот живот во тоа Царство е радост, бидејќи е полнота на духовен живот. А секое исполнување во животот е радост. Полнотата во животот преставува пред се состојба на внатрешно единство, одсуството на било каква внатрешност е противречност. Такво совршенство на духовен живот секогаш се доживува како радост. Поради тоа светлите духови имаат радост во себе, поради тоа се и изнад надворешните и внатрешни противречности на животот. Светлите духови со зборови и со својот живот го исповедуваат тоа во што веруваат.
Таква полнота на животот се добива преку општење со Господ Исус Христос. Но до таа радост на општење, а према тоа и радост во животот, се доаѓа тогаш кога ќе се доживее Божјото откровение. Така и псаломовецот боговдахновено исповедува: ,,На патот од твоите откровенија се радувам како на големо богатство (Пс. 119, 14,111)
Откровенијата на Господ Исус Христос се радост, бидејќи се тие патот на светлината кои водат до животот и Бога, односно во радоста на животот. По светлиот пат на Божјото откровение се доаѓа до самата светлина – Господ Исус Христос – и од нејзе се зема светлината на животот. И така, оние кои ја бараа светлината, преку Божјото откровение постануваа синови на светлината. Тие во себе го остваруваат божествениот живот, кој е радост, бидејќи тие со радост ја примиле науката на божествениот живот. Поради тоа и свети апостол Павле им пишува на Солуњаните: ,,И вие се угледавте на нас и на Господ, кога во големи маки го примивте словото со радост на Светиот Дух” (Прва Сол. 2ст.).
Учениците Христови секогаш биле радосни, бидејќи ја имале радоста од непресушниот извор: Господ Исус Христос. Поради тоа тие во сите околности биле радосни и затоа светиот апостол можел да исповеда: ,,Не нажалуваат, а ние сме секогаш весели; не сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а се имаме “ (Второ до Кор. 6:10). Ова можел да го каже светиот апостол, бидејќи учениците Христови го сметале својот призив христијански, за радост. Христијанинот секогаш треба да се радува во Господа. Така и светиот апостол советува: ,,Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!” (Филоп. 4,4).
Преку Господ Исус Христос, ние добиваме полна радост на животот, бидејќи Христос е Сонце на правдата, од чии зраци добиваме исцеление за сите наши немоќи; бидејќи ние ги знаеме Неговите зборови: ,,Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот” (Јов.8,12). Од Сонцето на првдата ние ја добиваме светлината и радоста.
Поради тоа и денешниот празник е празник на радоста за сите луѓе, како што и Светата Црква пее, славејќи го раѓањето на Пречистата Мајка Божја. Се радува Црквата во целиот свет; се радуваме и ние, верните луѓе, очекувајќи дека радоста, која раѓањето на Мајката Божја го открива, ќе биде наша непроменлива судбина, и секогаш ќе го носиме нашиот христијански призив, кој е наша радост.
За нас е радост што сме во Господа, а тоа значи и во Неговата Црква. Да се пребива во Божјата Црква, преку учеството во животот кој доаѓа со нејзините божествени извори, тоа е неискажива радост. Што значи, во Црквата Божја, која е царство на радоста, се наоѓа во луѓето. Поради тоа и верните се радуваат на сите радости на Црквата и тагуваат на сите нејзини тешкотии. И обратно: Црквата Божја се радува и тагува во радостите и тагувањата на своите чеда. Погледајте ја нашата многувековна историја на нашиот напатен Македонски народ и ќе се уверите, дека верните се радувале на успесите на Црквата и секоја нејзина неволја и народот ја доживувал како своја. Бидејќи и децата не се одвојувале од својата мила мајка.
Во исто време, ако обрнете внимание и на изминатите векови на нашата црковно-народна историја, ќе видите како нашата народна Македонска Црква се радувала на секој напредок и на секоја доброта на своите деца, и неутешно тагувала во нивните тешкотии, несреќи, беди и зла што и наидувале. Поради тоа нашата Црква никогаш не се одвојувала од својот Македонски народ, а секогаш се трудела според својата можност да му помогне и да му го олесне и животот и судбината. Поради тоа, таа и денес не се одвојува од својот народ и вложува големи напори да му помогне во залагањата да го преуреди својот живот на темелите на поголеми принципи, во неговите усилби да постигне добробит во мирот и слободата.
Во денешно време, на меѓународни сложености во зачувување на својата државност, своето име македонско, својот идентитет, својата историја, својот македонски јазик, својата независност, својата автокефалност, во кои сложености македонецот е ставен на испит, на искушение (како и многу пати досега низ изминатите времиња), а во исто време да го зачува мирот во себе и добрососедството со земјите кои не опкружуваат, ние како верни, молитвено се обраќаме кон Севишниот Бог со молитвата: да го благослови светот во мир и Правда, слобода и напредок. А на нашиот Македонски народ, кој си го сакаме неограничерно, да му подари се што му е потребно за негово сестрано издигнување. Така ќе имаме полна радост, бидејќи како живи луѓе сме во Црквата на спасение и радост.
На тој начин ние ќе се покажеме како градители на нашата Света Црква, во нејзините духовни архитектонски дела во кои секогаш сме спремни да помогнеме. А тоа значи дека секогаш го слушаме Господа, од Кого доаѓа секоја мудрост, секоја радост и секое добро дело. Слушајте ги, побожни браќа и сестри, вашите пастири кои Духот Свети ги поставил на тоа благодатно и одговорно место да би ве воделе по патот на спасението, во кој ќе ја имате радоста на животот.
На денешниот светол празник ние го прославуваме раѓањето на Пресветата Мајка Божја која дала радост на целиот свет. Со одушевување ја примаме таа радост и со смирени срца застануваме под крилата на Пречистата Мајка Божја, да би биле секогаш заштитени од злото и искушенијата и цврсто да бидеме во радоста и утехата со оние кои го очекуваат благословот на Господа Исуса Христа, нашиот Бог, Кој, ја раскина клетвата и ја уништи смртта, и ни даде живот вечен. Амин !
ТРОПАР: Раѓањето твое, Богородице Дево, радост и јави на целата вселена, зашто од тебе засветли Сонцето на Правдата – Христос нашиот Бог, и, откако ја разурна клетвата, благослов ни даде; а кога смртта ја уништи, вечен живот ни дарува.
БЕСЕДА
ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
ВО ХРАМОТ
(4 Декември н.ст)
Некогаш, во не сосем дамнешни времиња, но, како што по некогаш се вели, со илјадници години оддалечени од нас, животот се мерел, во прв ред духовниот, со религиозните празници. Но се разбира, сосем не сите во потполност ја знаеле содржината на секој од нив, но сите оделе во црква, за мнозина, можеби и за повеќето, празникот бил можност да се наспијат, да се најадат, да се одморат. И сепак секој, се чини, чувствувал, дури и да немал јасно сознание, дека празникот е пробивање во животот на нешто возвишено и светло, соприкосновение со светот на некои други реалности, сеќавање на нешто, што бива потиснато во заборав и се загушува од она делничното, т.е., од суетата и монотонијата на секојдневниот живот. Дури и празниците: Воведение во храмот, Рождество, Богојавление, Сретение, Преображение, дури и самите овие зборови со својата торжественост, различност во однос на секојдневноста, со својата таинствена убавина на нешто не упатуваат, кон нешто повикуваат, на нешто укажуваат. Празникот бил некаква воздишка на човекот по некоја загубена, но посакувана убавина, воздишка заради возможноста на нешто друго.
Но сегашниот наш свет станал делничен, беспразничен, та дури и накалемувањето на државните, “социјални” празници не го отстрануваат овој налет на пепел, тмурност и баналност. Зашто, ќе повторам, суштината на празникот имено е во тој пробив, во тоа воздигнување – во друга реалност, во светот на духовната убавина и светлина. Но ако ја нема ова реалност, ако всушност нема да се празнува, тогаш со никаква инсценирана еуфорија не може да се создаде празник.
Ете, празникот Воведение на Пресвета Богородица во Храмот. На што му е посветен тој? Неговата тема е проста: малечкото девојче родителите го доведуваат во Ерусалимскиот Храм. Ништо необично, во тоа време мнозина така постапувале, тоа бил општо-прифатен обичај. Зашто да се доведе во Храмот, тоа значи животот да се доведе во допир (во соприкосновение) со Бога, да му се даде на животот конечна цел и назначение, да се просвети тој одвнатре со светлината на возвишениот опит.
Но ете, црковната служба на тој ден ни кажува, дека Неа ја воведуваат онаму, каде што никој освен свештениците, не смеел да влезе; ја воведуваат во местото наречено “светинја над светите” во таинствената, свештена длабочина во Храмот. Името на тоа девојче е Марија – идната Мајка на Господ Исус Христос, т.е. Онаа низ Која, веруваат христијаните, Сам Бог дошол во светот, при луѓето, за да го раздели нивниот живот и да ја раскрие неговата божествена содржина. Што е сето ова – приказни? Или, пак, тука нешто е кажано и откриено, за што инаку, во простите човечки зборови можеби и не се кажува, нешто, што дирекно и непосредно се однесува и на нашиот живот?
Ете постоел тој прекрасен, горостасен храм – слава на Ерусалим. И со векови луѓето верувале, дека само во него, во неговите горостасни ѕидини човек може да се допре до Бога. Но, свештеникот ја зел Марија и ја вовел во најсвештеното место, и ние сега пееме: “пречистиот Храм на Спасителот се воведува во храмот Господов”. А потоа, Христос рекол: “Разурнете го овој храм, и Јас за три дни ќе го подигнам”. Евангелистот додава: “а Тој зборуваше за храмот на Своето тело.”
Смислата на сите овие собитија, на сите овие зборови, на сите овие сеќавања е проста: отсега храм постанува човекот, отсега, не камењата и не олтарите, туку човекот, неговата душа, неговото тело и сиот негов божествен центар на светот, тоа е неговата “светиња на светите”. Еден храм, жив и човечки, влегува во друг камен, материјален, и одвнатре ја исполнува неговата смисла и предзначение.
Се преместува центарот на религијата, или подобро – се преместува тежиштето на животот. Во светот влегува учењето, кое не преставува ништо повисоко од човекот, зашто Самиот Бог прима човечки образ, за да објави, дека назначението на човекот, неговиот призив е божествен. Од тој момент започнува човечката слобода. Нема ништо над него, зашто и самиот свет за него е дар Божји, кој му е даден за да ја исполни својата божествена судбина.
Од моментот кога Дева Марија влегла во “светинјата на светите” самиот живот постанал храм. И кога го празнуваме празникот на Воведение во Храмот, ние ја празнуваме божествената смисла на човекот, возвишеноста и светлоста на неговото призвание. Нив не можат да ги избришат, не можат да го искоренат од човечкото сеќавање.
Можно е без претерување да се каже дека црковното почитување на Дева Марија, Мајката Божја, изникнало како дрво од семе; созерцавајќи Ја Неа во јаслите во Витлеем, во таа за христијаните по своето значење единствена ноќ, кога се родил Господ Исус Христос, кога образот на Мајката со младенецот на раце станал, и засекогаш останал, главен, најдлабок, најрадосен образец на нашата вера, на нашата надеж, на нашата љубов. Со други зборови, сите празници, сите молитви, сета љубов, упатени кон Мајката Божја, својот корен го имаат во празникот на Христовото Рождество.
Во минатото кога се уште не беше развиен црковниот календар, единствен празник во чест на Дева Марија беше вториот ден на Рождеството Христово – 26 Декември, ден кој и до денес се нарекува “Собор во чест на Пресвета Богородица.” Токму во празнувањето на Рождеството Христово од христијанската Црква, т.е. во молитвите и песните на овој ден, го наоѓаме најдлабокиот слој на богородични теми, својствени на христијанската вера, т.е. на нашиот однос кон Марија, нашето восприемање како на Нејзиниот образ, на Нејзината личност, така и на Нејзиното место, во нашиот религиозен живот.
Една тема, еден мотив како црвен конец се провлекува низ сето празнување на Рождеството Христово: тоа е примањето на Мајката Христова како дар на светот, дар на човештвото, и значи – на нашиот дар кој доаѓа од светот, на Бога при човекот. “Што ќе ти принесеме Тебе, Христе”, – прашува една од рождествените молитви. И вака одговара: “Се е од Тебе создадено, Те пресретна со своите дарови. Небото Ти ја подари ѕвездата, ангелите – песната, мудреците – приносите, пастирите – својата радост, земјата – пештерата, пустината – јаслите. Ние, пак луѓето, Ти ја подаривме како дар Мајката – Дева.”
Во што е длабоката смисла на ова прекрасна песна? Конечно, во тоа, дека светот, со сета твар не само што жеднее за соединувањето со Бога, не само што го чека Неговото пришествие кон нас, туку и ја подготвува таа средба, така што, имено, средбата на Бога со човекот, е слободна и љубовна, го сочинува самото јадро на христијанската вера. За современиот слух, исушен, сведен на површно расудување, зборовите за небото, кое на Бога Кој доаѓа во светот Му ја принесува ѕвездата, или за поезија, која, “како што на сите им е познато” нема никакво “објективно” значење, никаква врска со реалноста. Она, што нашето разумно сознание не може да го прими, токму тоа е она, што имено поезијата, и можеби само на неа е дадено да го види, да го чуе, и нам да ни го предаде и да ни ја јави длабоката смисла, или подобро речено, длабочината на секоја појава, на секоја реалност, на нивната потисната во заборав сила и вистина, која е засенета од малечкото, самодоволно, само со надворешните нешта зафатеното разумче. Небото, за дар на Христа Му ја принесе ѕвездата! Што би значело ова, ако не, дека се во светот и пред се самиот свет во сета своја полнота и хармонија, во самата своја природност, на некој начин е предзначен, предопределен, за во него да се јави возвишената смисла, дека светот е случаен, не е бесмислен, туку напротив: дека светот е – символ, и желба, и очекување на Бога.
“Небесата објавуваат слава Божја!” Ова го знае поезијата, ова го знае верата. И затоа во Рождеството Христово поезијата и верата го гледаат не само доаѓањето на Христа, туку во движењето на светот Нему во пресрет му наидуваат: ѕвездата, пустината, пештерата, јаслите, ангелите, пастирите, мудреците, и како светлозрачно јадро, како вкрстување и полнота на сите тие движења, Марија, најдобриот, најпрекрасниот плод, божествениот цвет на сета твар. Ти ни Го даваш во Твојата љубов Твојот Син – како да му вели верата на Бога. Ние, пак, во нашата љубов, Ти ја даваме Марија, Дева – Мајка, за Синот Божји да може да стане Син Човечки, да биде еден од нас и нас во Себе да не соедини со Бога.
Во ликот на Марија на некој начин се извршува бракот на Бога со светот, исполнувањето на нивната взаемна љубов. Евангелието вели: “Така Бог го возљубил светот, што и единородниот Син Свој го даде” Црквата одговара: “Така светот го возљубил Бога, што Му ја дал Нему Онаа, во Чија убавина и чистота се раскрива длабоката содржина на светот”. И затоа, пред верата да започне во Марија да ја познава Мајката и застапничката, пред да ја достигне полнотата на својата почит кон Неа во безбројните молитви, празници, изобрази, до сето ова, како основа и извор на тоа ни е објавена божествената полнота. Божествената убавина на таа ноќ, и самото нејзино средиште од заслепувачката светлина, која изходи од образот на Марија со Младенецот на раце.
Сето она, што се беше распаднало во грев, злоба, човечка гордост – повторно е соединето: небото и земјата, Бог и човекот, природата и духот. Светот станува пофалба, зборовите – љубов и песна, материјата – дар, природата – јасли. Љубовта, со која Бог вечно го љуби светот и љубовта со која во својата најголема длабочина, светот од искона Го љуби Бога, се соединиле, се исполниле и се зацариле во овој образ, во образот, кој никој и никогаш не можел да го искорени од човековото сеќавање, од човековото сознание.
Созерцувајќи го овој образ, радувајќи му се нему, ние го созерцаваме единствениот изворен образ на светот, животот и човекот. И, нарекувајќија блажена Мајката-Дева, пред се му се радуваме на она, што во Неа ни се открива за нас самите, Божествената длабочина, убавина, мудрост и светлост на светот, кога тој повторно се соединува со Бога, Кој го создал И го љуби него.
ТРОПАР: Денес е почеток на милоста Божја, и навестување на човековото спасение. Во храмот Божји Дева јасно се покажува, и Христа на сите им Го предвествува; нејзе и ние гласно да и запееме: Радувај се, исполнување на промислата на Творецот.
БЕСЕДА
Б Л А Г О В Е Ш Т Е Н И Е
(Благовец)
(7 Април н.ст)
“Денес е почеток на нашето спасение” – пее Светата Црква, сеќавајќи се на моментот кога е поставен почетокот на спасението на човечкиот род. Многу векови очите на оние кои го очекувале спасението биле вперени кон овој ден; кон денешниот ден биле вперени сите очекувања на оние кои ги следеле непроменливите Божји ветувања за доаѓањето на големиот Спасител.
Денес е денот на пророците и на тајновидците Божји, бидејќи тие го претскажале доаѓањето на Спасителот, Кој ќе се роди од Девојка. Своевремено тие тоа го виделе, макер и од далеку но сепак ја виделе утехата и радоста на луѓето.
Драги браќа и сестри !
Гревот толку многу се раширил во светот да повеќе од потребно било да дојде Силниот и да го измири светот со Бога, принесувајќи жртва за помирување. Такво било Божјото ветување и ете, Бог го испратил ангелот Гаврил во галилејскиот град Назарет кај девојката Марија да и објави дека таа е избрана да стане мајка на Синот Божји и Спасителот на светот. “И кога влезе ангелот при неа, рече: “Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!” Марија се исплашила, но ангелот и објаснил за се што се случи и Марија во потполна послушност на волјата Божја ја изговорила молитвата “Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!”
Благочестиви христијани и христијанки!
Таа благовештенска радост била радост за целиот човечки род, бидејќи сите треба да излеземе од ропството на гревот и смртта, од духовната темнина од духовното незнаење и преку Христовата наука ја видиме светлината, а преку Божјата искупителна жртва се ослободиме од отровот на гревот и непријателството со Бога.
Денес, е ден за сеопшта радост, бидејќи се сеќаваме на почетокот на спасението. А штом, се сеќаваме на тој светол почеток, ние со тоа ја изразуваме и нашата вера во делото на Спасителот, и нашата љубов кон Него.
Да се запрашаме: Која вест за човекот е блага?
Ако си болен и страдаш, ти бараш лек. Божјиот ангел објавил дека од Пресвета Дева Марија ќе се роди Оној Кој може да не излечи, та повторно да бидеме здрави и праведни луѓе.
Според тоа, ако боледуваме телесно или пак духовно, треба да се радуваме бидејќи денес е Благовестето.
Ако си несреќен или си во беда, зарем за тебе не е блага вест дека од Дева ќе се роди голем и силен Син Човечки Кој за себе вели: “Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; да ја проповедам благопријатната година Господова !”
Нема колебање, да се радуваме сите ние, кои сме несреќни и тажни и кој бараме милост Божја бидејќи денес е Благовестие.
Ако сме во тага, која ја мачи и убива нашата вера во доброто и животот, тогаш благата вест дека од Дева ќе се роди Оној, Кој носи утеха на ожалостените и нам ни вели: “Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.”
Ако сме многу грешеле и ни е страв да излеземе пред лицето Божјо, не треба да се плашиме, од Пресвета Дева од која се раѓа Оној, Кој простува гревови и ќе ни рече: Синко ти се простуваат гревовите.
Ангелот Божји и нам ни објавува голема радост дека денес е почеток на спасението. Тој ангел е Светата Црква, тој ангел е денешната богослужба, тој ангел сме сите ние собрани денес во овој свет храм.
Исто така денес Светата Црква не поздравува: Радувајте се, бидејќи Господ е со вас !
Кога ќе го слушнеме тој збор треба да одговориме со благовештенската послушност “Еве го слугата Господов!” со вера и радост да ја примиме тајната на светото благовестие, а тоа е: од Марија Дева ќе се роди Исус, Синот Божји за да не ослободи од гревот и дека Неговото Царство не ќе има крај. Кога ќе ја примиме таа тајна, и ние да станеме благовесници и да ја објавиме таа радост.
Да го примиме тој ангелски поздрав со отворени срца како што го примаме пролетниот мирис кој буди се и со верата каква што ја имала Марија Дева да го примиме ангелскиот поздрав упатен кон неа: “Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Амин.
ТРОПАР: Денес е почеток на нашето спасение, и откривање на вековната тајна: Синот Божји син на Дева станува, а Гаврил благодат благовестува. Затоа и ние со него да и запееме на Богородица: Радувај се, Благодатна, Господ е со тебе.
БЕСЕДА
У С П Е Н И Е Н А
П Р Е С В Е Т А Б О Г О Р О Д И Ц А
(Голема Богородица)
(28 Август н.ст.)
Целиот живот на Пресвета Дева Марија, од нејзиното необично раѓање па се до нејзината блажена смрт, е божествен и за пример. Била дете на праведните Јоаким и Ана, стари и бездетни луѓе, кои не се надевале дека Господ Бог ќе ги благослови и ќе им даде пород. Бог, им ја слушнал нивната молитва, ги видел солзите на тие праведници, и и’ ја отворил утробата на Ана и таа родила ќерка – Дева Марија. Тоа чудно раѓање е опеано од страна на Светата Црква Божја како ден Господов во кој треба да се радуваме, бидејќи е поставен почеток на нашето спасение и и’ донесе голема радост на целата вселена.
Уште во рани години Пресвета Дева Марија била одведена во храмот Божји, да би таму останала на Бога посветена. Под Божјиот благослов растела и Пречистата Дева и израснала за необично посредништво во светот – да постане мајка на Синот Божји, Спасителот на светот.
А кога дошло време на тоа посредништво, Бог, го испратил во галилејскиот град Назарет архангелот Гаврил при светата Девица Марија, да и ја објави големата тајна на богоовоплотувањето и на спасението. Ангелот ја поздравил: ,,Радувај се, благодатна ! Господ е со тебе; благословена си ти меѓу жените.” Збунета и во длабока недоумица Пречистата Дева го примила ангелскиот поздрав со смиреност пред Бога: ,,Еве ја слушкињата Господова; нека ми биде според зборовите твои.”
Преблагословен е животот на Пресветата Дева и нашите величанија не можат да ја искажат нејзината светост и духовна убавина. Таа во својата утроба Го носела Синот Божји и Тој од нејзините гради се хранел. Таа Го носела на своите мајчински раце и со нежност Го притискала на своето срце. Таа била сведок на Неговото растење во благодатта и Духот, била сведок на Неговите необични манифестирања, кои биле доказ на Божјата волја и наклоност кои се наоѓале во Него. Таа била сведок на многу Негови Чуда кои Тој со Божјата моќ ги правел. Таа ги слушала Неговите свети зборови и со воодушевување ги гледала потоците од златната Божанска струја на мудроста, кои излегувале од Неговата уста. Откако го родила Исуса, во текот на целиот Негов живот па до крајот на Неговото земно спасоносно служење, мајчиното срце било прободено со меч од земните непријателства против Него (Лк. 2,35). Обземена со силна мајчинска љубов и во недоумица на последната и висока смисла на таа трагедија над Нејзиниот Син, таа се тешела со верата во промислата Божја, така чудесно прикажана во раѓањето, и во животот, во зборовите и во делата, во смртта и во воскресението Исусово.
А откако Исус воскреснал од мртвите и се вознесе на небото, Мајката Божја стоеше со Неговите верни ученици, да би била пак сведок на нови чуда како за крајот и спасоносните дела на нејзиниот Син. Таа била присутна и видела како Црквата Божја, по силата на Духот Свети била создадена и изградена на најцврсти темели – Синот Нејзин, Господ Исус Христос. Таа видела како се исполнувале зборовите на Господа, дека верните ќе бидат гонети и најсурово казнувани (Мк. 13,9); исто така видела, како Светиот Дух и нејзиниот Син се вселиле во апостолите и во верните луѓе, како е надвладеан стравот, и секое непријателство. Светата Мајка Божја била ризница, во која било сочувано се за останатите луѓе, непознати сведочења за животот на Исуса, во чие срце биле чувани нечуените зборови, кои Он ги изговорил (Лк. 2, 51), и во која биле сочувани најсветлите преданија за првобитната и величанствена изградба на Црквата Божја.
Кога ја постигнала благословената зрелост, архангелот Гаврил повторно и се јавил на Пресветата Мајка Божја, овој пат да и објави, дека се наближувал часот кога ќе биде земена на небото кај нејзиниот Син – Господ Исус Христос. Озарена со необична небесна светлина, таа со радост почнала да се подготвува за свештениот час. Нејзиниот дом бил исполнет со необична светлина. Околу нејзиниот одар биле собрани сите апостоли и свети луѓе, а Мајката Божја преку песна го величела Бога. На нејзината песна одговарал ангелски хор со поздравот со кој архангелот Гаврил ја поздравил на Благовештение: ,,радувај се, Благодатна! Господ е со тебе, бидејќи си благословена помеѓу жените.” Опкружена со светлина и молитвени величанија Пресветата Мајка Божја си заминала од овој свет.
Благословена помеѓу жените! Така ја поздравил ангелот Господов. И таа постана благословена помеѓу жените, бидејќи Бог ја издигна над сите родени на земјата, и повеќе од тоа: таа постана по почитувана од херувимите и неспоредливо по славна од серавимите, по света од сите светии.
Светата Црква молитвено ги слави нејзините спомени, ја велича со песни на слава, го слави нејзиното пресвето име, и принесува молитви, повикувајќи го нејзиното моќно застапништво пред нејзиниот Син Господ Исус Христос.
Колку ли нејзе молитви и се упатени од побожните луѓе во сите изминати векови?! Колку ли безброј верни луѓе паѓале на колена пред нејзиниот пресвет лик произнесувајќи и жалби, колебања, сомневања, возбудувања, желби, надежи, радости и благодарности?! Колку ли солзи се пролеани пред нејзината икона во који ги осветлувала чиста срдечна вера и надеж.
Свети и надарени луѓе и се воодушевувале пеејќи и песни, кои и до сега свежо мирисат како на пролетно цвеќе издигнувајќи се до Бога како благословен темјан.
Црквата веќе дваесет векови ја прославува и и’ принесува молитвени песни и величанија, ја украсува нејзината пресвета икона со свежи цвеќиња а нејзиниот духовен лик со венци на љубов и на преданост. Она е молитвена застапница за сите кои кон нејзе прибегнуваат молејќи ја за помош. Таа брзо слуша, и со отворено мајчино срце ги прима повиците на тажните срца, воздишките на изнемоштените луѓе, тивките молитви на угнетените души, радосните воодушевувања на сите ученици на нејзиниот Божји Син.
Какво светло име во светилиштето на духовната побожност! Каков светол профил во скриениот храм на човековата душа! Света Дева Марија е засолниште на изморените и во веќе изнемоштените од тешките борби со брановите на злото. Таа е брод кој плови преку длабоките бездни на земните несреќи и неуспеси кон тихите простори на царството Божјо. Таа е скала составена од молитвени воздишки, која благодатно се издига кон висините на Божјото небо.
Небесниот Отец ја удостоил Пресветата Дева Марија да во својот живот има најпријатен удел – за да биде сведок на секој збор кој доаѓал од устата Божја. Тој благ удел и нам ни е доделен во животот. Во што се состои таа среќа за нас? Исус нам ни го кажува во Своето Божанско Евангелие. Тој и покажал и на другата Марија, сестрата Лазарова, и на Марта која седела покрај Неговите нозе, да би ги слушала Неговите спасоносни зборови, заборавајќи ги сите земни и човечки грижи. Христијанинот никогаш не би требало да ги заборави Исусовите зборови кои и ги упатил на Марта: ,,Марто, Марто, ти се грижиш и се вознемируваш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија, пак, го избра добриот дел, кој нема да и се одземе” (Лк.10,41-42). Марто, Марто . . . ! Колку ли ти губиш во животот, обземена во трката за земните творби, и тогаш, кога од тие земни творби сакаш да одвоиш за дар на Бога. Марто, Марто . . . ! Кога би претпоставила да седиш покрај нозете Исусови, вдлабочена со целата духовна сила на своето срце со длабоката мудрост во очите Исусови, ти би сватила што значи врвна среќа, ти би дознала и што е најдрагоцено, бидејќи би ја вкусила сладоста на добриот дел. Марто, Марто . . . ! Твојот лик, така често се среќава на земјата и во Црквата Божја! Тој е толку мил по својата добродушност и невиност! Но ние на земјата не го гледаме така чист и духовно озарен, каков е твојот прав лик, бидејќи ти си била одадена на земните грижи од љубов према Исус. Многу луѓе во светот се оддавале и се оддаваат на земните грижи, и биваат опфатени од нивните мртви бранови и одвлечени во длабочината да бездната. Други пак – тие се во Црквата Божја – се поделуваат себе си помеѓу небото и земјата, помеѓу овоземните грижи и грижите недоволни во духовна отпорност. Таа разделеност на сопственото срце и душа не е корисна равнотежа, бидејќи таквото балансирање помеѓу духот и телото, земјата и Бога, не може да остане без штета за човекот. Бог треба да биде Господар, како што и Е, на Кого, треба целото срце и целата мисла да се потчинува. Тој е ,,добриот дел”, кој се надвишува.
Марија го избрала ,,добриот дел”, бидејќи Исус ја посетил, да би ја богато нахранил. Марија го избрала ,,добриот дел”, бидејќи таа најнапред ги почуствувала во својата душа зборовите кои доаѓале од устата Исусова. Што таа можела да му понуди на Големиот Гостин во замена на таа богата духовна трпеза? Во текот на сите векови Марија го слуша Исуса и, бидејќи богато се наситила, и премногу го исполнила своето срце со Неговата милост и душата своја од мудроста Негова, тогаш целокупната нејзина земна грижа постанала светла, радосна, корисна, постанува жртва за Бога во служба на човекот низ силата на љубовта.
Добриот дел, кој треба да го избереме, сигурно дека е животот, бидејќи зборовите Божји се живот (Дел. 7,38); тие се зборови на вечниот живот (Јв.6,68). Има ли подобар дел од тој: да го придобиеме тукашниот живот со неговата мудрост и радост, а да го придобиеме и вечниот живот? Со помош на лебот и замните плодови живее телото, а душата живее од секој збор кој излегува од устата Божја (Мт. 4,4), но кога истата ќе биде во кроткост и послушно примена (Јак. 1,21). А тоа го прават оние, кои го сакаат Исуса (Јов.14,24), бидејќи се тие извршители на Неговите живи, вечно живи зборови.
Добариот дел према вољата Божја не е плод на земјата, да би со помош на овоземните грижи се здобил.Тој доаѓа од Бога, бидејќи од Него доаѓа секој совршен дар. Затоа Исус им рекол на своите слушатели: ,,Блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го чуваат” (Лк. 11,28). Ете ја радоста на Марија; ете ја радоста на сите, кои слично на неа го присвојуваат зборот на мудроста, благодет на духовно растење и на сите спасоносни плодови кои не носат смрт, живот и воскресение на Господа Исуса Христа !
Света Дево Марије, погледни на нашите немоќи, на нашите слаби и недостојни срца, на нашите топли солзи и биди ни помошница и заштитница, како и ние да го избереме добриот дел, кој никогаш од нас нема да се одземе, туку ќе биде со нас во вечниот живот. Амин !
ТРОПАР: Во раѓањето си го зачувала девството, во успението не си го оставила светот, Богородице. Си се преселила во живот, Мајко на Животот, и со твоите молитви ги избавуваш од смрт душите наши.
БЕСЕДА
ПОКРОВ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
14 Октомври
Секогаш Црквата ја прославувала Пресвета Богородица како покровителка и заштитничка на христијанскиот род, која со своите таинствени молитви го милостиви Бога кон нас грешинците. Безброј пати се покажала помошта од Пресвета Богородица, како на поединци, така и на цели народи; како во мир, така и во војна, како во монашките пустини, така и во градовите. Случајот кој црквата денес го спомнува и го празнува, го докажува тоа постојано покровителство на Пресвета Богородица над родот христијански. На 1 октомври 911 година, во времето на царот Лав Мудриот (или филозоф) имало сеноќно бдение во Богородичната црква во Влахерна, во Цариград. Црквата била преполна со народ. Во задниот дел на црквата стоел св. Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј. Во четвртиот час од ноќта се појавила Пресвета Богородица над народот со распространет омофор во рацете, како со таа одежда да го покрива народот. Била облечена во порфира украсена со злато и целата блескала во неискажана светлина, опкружена со апостолите, светителите, мачениците и девиците. Св. Андреј кога го видел тоа јавување, со раката му покажал на блажениот Епифаниј и го прашал: ,,Ја гледаш ли, брату, Царицата и госпоѓата над сите, како се моли за целиот свет?” Епифаниј одговорил: ,,Ја гледам, оче, и многу сум изненаден!” Заради тоа се востановило тоа празнување за да не потсети, како на тој случај, така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, да го бараме тоа покровителство, тој нејзин покров, молитвено во нашите неволји.
Пресвета Богородица честопати им се јавувала на некои свети луѓе заради некоја потреба, било да ги охрабри по подвигот, било да ги излекува од болест, било, пак, да им открие некоја тајна. Два случки, донекаде слични, се случиле во Светогорската Лавра, и тоа со св.Јован Кукузел и со св. Григориј, монах, само во различни времиња.
За време на великиот Акатист, во чесниот пост, а по отпевањето на истиот, Јован се изморил и седнал на столот свртен кон иконата на Пресвета Богородица. Како што седнал така и заспал. Тогаш му се јавила Пресветата Пречиста и целата во небесна светлина, му рекла: ,,Радувај се, Јоване! Пеј и не престанувај, а јас затоа нема да те оставам!” При тие зборови таа во раката на Јован ставила еден златник. Кога Јован се разбудил од сонот, златникот навистина бил во неговата рака. После тоа, многу чуда се случувале, како од иконата на Пресвета Богородица, така и од тој златник.
Другиот случај се случил со монахот Григориј. И тој, како Кукузел, бил пеач во црквата. Патријархот Калист востановил на богослужбите на св. Василиј да се пее ,,О тебе, радуетсја”. Неговиот наследник, патријархот Филотеј, го отврлил тоа и наредил, заради тоа што е пократко, да се пее ,,Достојно”. Наеднаш, во пресрет на Богојавление, а во присуство на Александрискиот патријарх Григориј, монахот го отпеал ,,О тебе радуетсја”. После тоа веднаш му се јавила Пресвета Богородица, како на Кукузел, му ставила златник во раката и му рекла: ,,Ти благодарам многу за твоето пеење во моја чест.” Заради тоа, оттогаш се востановило, на службите на св. Василиј секогаш да се пее ,,О тебе радуетсја.”
ТРОПАР: Денес, Богомајко, ние верните луѓе светло празнуваме, штитени од твоето доаѓање и, гледајќи кон твојот пречист лик, умилно говориме: Со твојот чесен омофор покриј не, и од секакво зло избави не, молејќи Го твојот Син, Христа нашиот Бог, да ги спаси душите наши.
Пресвета Богородице, спаси не !
Сета надеж на Тебе ја оставаме ,
Мајко Божја, сочувај не под Твојот покрив !
На нашиот Троединствен Бог слава и хвала, а на богољубезниот читател мир и здравје, радост и вечно спасение по молитвите на Пресвета Богородица и сите светии. А м и н !
.
Б И Б Л И О Г Р А Ф И Ј А
Многу годишен труд на собирање материал за подготвување на ова книга од:
Светата Библија Стариот и Новиот Завет; – Светите Преданија: во катавасии, тропари, кондаци, икоси, и други црковни песни, акатист на Пресвета Богородица, молитвословија; – Напишани сведоштва од светите Отци за Пресвета Богородица; – Неканонски сведоштва и апокрифи; – Книга за излегување на Дева Марија; – За историјата на дрводелецот Јосиф; – Сирска врзија за Светото Семејство; – Арабско Евангелије; – Ерменско Евангелије; – Прво-евангелијето на Јакова; – Псевдо-евангелијето по Матеја; – Евангелијето за детството на Исуса;
Евангелијето на Никодима;