




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM V
Преподобен Никита Ститат
Кратки податоци за него
Преподобен Никита бил свештеник на Студискиот манастир, најискрениот ученик на свети Симеон Нов Богослов. Живеел и дејствувал во ХI век. Во сите тајни на духовниот живот го вовел свети Симеон и во таква мерка ги усвоил сите негови добродетели, така што станува второ духовно сонце, паралелно со својот учител, одзрачувајќи ги сите негови благодатни дарови и неговото учење.
– Потоа и тој самиот, преку постојани трудови, се вдлабочувал во Светото Писмо, а нешто и тој лично го доживеал и искусил, собрал премногу прекрасни мисли за поредокот на духовниот живот, и преку ова го направил својот ум преполн со божествени и натприродни созерцанија, напишал возвишени и премудри мисли, во што можат да се уверат сите, читајќи ги трите стотици. И, ако некој рече за нив дека се точно правило на добродетелниот живот, раководство кон непогрешно знаење, огледало на благоподобен живот со еден збор, најбогата ризница на богати поуки и филозофски идеи, тој ќе ја каже вистината за нив. Тие, колку се возвишени според мислата, толку се и убави според прекрасноста на изразувањето, така што, кога ги читаме, со наслада се исполнува нашата душа и од самата мисла и од начинот на убавината на нејзиното изложување.