“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM V
Старец Симеон Благословејни
Подвижничко слово
Ова подвижничко и поучно слово, кое се состои од многу глави не му припаѓа на свети Симеон Нов Богослов; туку Симеон Благословејни, старецот на свети Симеон Нов Богослов
1. Брате, во самиот почеток на твоето одрекување од светот, потруди се да ги насадиш во себе добрите добродетели, така што да му бидеш корисен и на братството, а најпосле и на самиот себе, та Господ да те возвеличи. Не труди се да придобиеш особена слобода пред игуменот и не барај за себе особена чест. Не станувај другар со најголемите во манастирот и не задржувај се во нивните ќелии, за преку тоа страста на суетата да не почне да пушта корени во тебе, а и на самиот настојател да не му станеш здодевен. А, зошто е ова потребно да се знае, оние што разбираат, нека разберат. Седи спокојно во твојата ќелија, без оглед на тоа каква е таа; но и не одбивај го оној што сака да те посети и да поразговара со тебе, не одвраќај се од него, за да ја запазиш својата угодност пред Бога. Ако ова го правиш по совет на твојот духовен отец, нема да претрпиш никаква штета, макар и тој да е несогласен со тебе во поглед на монашките правила и мислите. Ако и не гледаш дека тоа е корисно за тебе, постапувај така, поттикнуван од сознанието дека со тоа можеш да му бидеш од корист на другиот.
2. Секогаш треба да имаш страв Божји, да истражуваш и да размислуваш што си направил добро или лошо; доброто предавај го на заборавање, за да не паднеш во суета, а за лошото што си го направил пролевај солзи, исповедај се и усилено моли се. Вака осудувај се самиот себе. Кога ќе сврши денот и кога ќе настане вечер, тогаш започни да се прашуваш: „Како го поминав, со Божја помош, овој ден? Не осудив ли никого? Дали не му бев здодевен на некого со моето зборување? Не соблазнив ли некого? Не погледнав ли страсно на некое лице? Дали не разгневив некого? Да не бев непослушен во нешто што ми го заповеда мојот духовен отец и дали не бев немарен во извршувањето на неговите наредби? Не разжалостив ли некого? Дали за време на црковните богослужби мојот ум не се занимавал со некорисни работи и дали богослужбите не ми беа здодевни и од мрзливост дали не излегував од црква и не го прекинував молитвеното правило? Дури и, ако најдеш дека за ништо од сето ова не си виновен што е секако неможно, зашто: „Кој ќе се роди чист од нечист? Ниеден“ (Јов 14, 4), дури и, ако само еден ден траел неговиот живот. „Кој може да каже: ‘Го очистив срцето свое, чист сум од гревот свој’?“ (Изрек. 20, 9). И кога ќе си спомнеш за тоа, извикај кон Бога, пролевајќи многу солзи: „Господи, прости ми сѐ што згрешив со зборови и со дела, со знаење и без знаење“. Зашто, ние грешиме во многу работи, без да сме свесни дека грешиме.
3. Секој ден исповедај му ја својата помисла на твојот духовен отец, сѐ што ќе ти каже, примај го како од Божја уста, со потполна увереност дека е неизменлива вистина; на никого не му говори за што си го прашувал твојот духовен отец и што ти одговорил. Особено треба да се пазиш да не ги распрашуваш другите дали ти дал добри совети и да ги прашуваш што треба да правиш за твоето духовно оздравување. Ваквите зборови ја пројавуваат твојата недоверба во твојот духовен отец. Ова најчесто се случува со почетниците во монашкиот живот.
4. Сите што живеат во манастирот треба да ги сметаш за свети и само себе треба да се сметаш за грешник, најголем грешник од сите; треба да мислиш дека од сите што се спасуваат само ти ќе бидеш осуден на Страшниот суд и предаден на вечни маки. Кога стоиш на богослужбите, мисли само за ова: не престанувај искрено да плачеш и да се смируваш во своето срце, без да го свртуваш твоето внимание на оние што се соблазнуваат и што се подбиваат. Само кога ќе увидиш дека почнуваш да паѓаш во суета, тогаш излегувај од храмот и прави го тоа тајно, враќајќи се набрзо пак на своето место. За почетниците ова е многу корисно, особено кога се читаат: шестопсалмието, Псалтирот и поученијата, како и за време на светата Божествена литургија. Но, внимавај, никого да не го осудуваш, и еве што треба тогаш да мислиш: „Оние што ме гледаат дека плачам, сметајќи дека сум многу грешен, се молат искрено и со чувство за мене.“ Се разбира, ако непрестано вака помислуваш и секогаш вака постапуваш, ќе имаш голема корист. Со тоа ќе ја привлечеш и Божјата благодат и ќе станеш учесник во божествените блаженства.
5. Не оди кај никого во неговата ќелија, освен кај игуменот, и тоа што е можно поретко. Но, ако сакаш да го прашаш за некоја твоја помисла, направи го тоа в црква, а од црковните богослужби оди си право во твојата ќелија, а потоа појди на послушанието што ти e дадено. По повечерието, откако ќе се поклониш пред игуменот и ќе го замолиш да се моли за тебе, наведни си ја главата и, молчејќи брзај во твојата ќелија. Подобро е со внимание да прочиташ едно Tрисвето и да појдеш на спиење, отколку без сон да поминеш во некорисни разговори. Впрочем, таму каде што има скрушеност и духовен плач, таму е и божествената светлина, а кога ќе дојде оваа светлина, тогаш отстапуваат и мрзливоста и немоќта.
6. Особена љубов не пројавувај према никого, особено кон почетниците, иако нивниот живот ти се чини добар и несомнителен. Обично, ваквата љубов од обична преминува во страсна и станува причина за многу некорисни жалости. И тоа се случува најчесто со оние што се поревносни во подвизите. Впрочем, смирението и приватната молитва даваат поука за тоа како треба да се постапува во ваквата положба. Сметам дека не е умесно овде да говорам подробно за ова. Оној што може да разбере, нека разбере.
7. По однос на секој брат во манастирот треба да се однесуваме како туѓинци, особено према оние што сме ги познавале во мирскиот живот, а треба према сите да бидеме еднакви и еднакво да ги сакаме; оние што се вистински подвижници да ги сметаме за свети, а за оние што се мрзливи треба да се молиме. Впрочем, како што рековме и погоре, сите треба да ги сметаме свети, a да се трудиме со плач себеси да се чистиме од страстите, па кoгa ќе бидеме осветени од благодатта, сите еднакво да ги гледаме и да се удостоиме со блаженствата на оние што имаат чисто срце.
8. Еве што треба да сметаш совршено: твоето име да биде достојно за оддалечување од светот, потполно умртвување на твојата волја, неприврзаност према родителите, роднините и пријателите и потполно откажување од нив.
9. Понатаму, потребно е потполно да се ослободиш од целиот твој имот со тоа што ќе им го разделиш на сиромаси, според зборовите на Господа, Кој рекол: „Продај го имотот свој и раздели го на сиромаси“ (Матеј 19, 21); како и да ги заборавиш сите луѓе, кои си ги сакал телесно или духовно.
10. Исто така, исповедање на сите тајни на твоето срце, на сѐ што си направил до тој час, пред твојот духовен отец или пред игуменот, како пред Самиот Бог, Кој ги испитува срцата и утробите; тие се тогаш како свети Јован Крстител, кој крштевал со крштевањето на покајанието, кога сите оделе кај него и ги исповедале своите гревови (сп. Марко 1,4-5). Зашто, од ова настанува голема радост во душата и олеснување на совеста според зборовите на пророкот, кој што вели: „говори за да се оправдаш“ (Иса. 43,26).
11. Уште и ова: тврдо поверувај во себе си, дека по твоето влегување во манастирот умреле и твоите родители и твоите роднини и пријатели, и дека за татко и мајка треба да ги сметаш Бога и твојот духовен отец. Потоа, да не бараш од нив ништо за задоволување на твоите телесни потреби. Ако тие, поттикнати од својата грижа и помислување за тебе, ти испратат нешто за твојата телесна поткрепа, прими го тоа што ти го испратиле и помоли се за твојот духовен отец и благодари Му на Бога за неговата грижа за тебе, а она што си го примил дај го во трпезаријата за гости или во манастирската болница. Направи го тоа со смирение, зашто тоа не е работа на совршените, туку на последните.
12. Секоја добра работа прави ја со смирение, спомнувајќи си ги зборовите на Господа: „Откако ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: ‘Ние сме слуги бесполезни, зашто го извршивме она што бевме должни да го извршиме“ “ (Лука 17,10).
13. Строго внимавај на тоа никогаш да не примаш Света Причест, ако имаш нешто против некого, дури и како помисла и искушение, сѐ додека потполно не се помириш со него преку покајание. Впрочем, молитвата ќе те научи на тоа.
14. Секојдневно труди се да претрпуваш секаква мака, помислувајќи за тоа, дека страдањата ни помагаат да се избавиме од многу гревови; благодари Му на Бога секогаш кога ги имаш. На овој начин придобиваш надеж што никогаш не посрамува, според зборовите на апостолот: „Од маката се раѓа трпението; од трпението, пак – искуство, а од искуството – наде. Надежта, пак, не посрамува“ (Рим. 5,3-5), бидејќи, според вистинското ветување, „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го љубат“ (1. Кор. 2,9). Ова им е ветено на оние, кои со помош на благодатта, покажуваат трпение во поднесувањето на маките; без Божјата благодат не можеме ништо да направиме како што треба.
15. Во твојата ќелија да немаш никакви работи, да немаш дури ни игла, освен една рогозина, овча кожа, расо и преоблека, во која се облекуваш ноќе; ако е можно да немаш ни столче. Има уште многу работи да се кажат во врска со ова, но за оној што може да разбере, доста е.
16. Од игуменот не барај ништо, освен она што ти припаѓа според манастирскиот типик, но и тоа, ако тој самиот не те повика и не ти го даде. Никако не согласувај се со помислата, која ти внушува да го размениш за друго, но такво какво што ти било дадено, примај го со благодарност и како да е од Бога, и биди задоволен со него, без да помислуваш да си купиш друго, затоа што тоа е неумесно. Бидејќи облеката се валка, неа треба да ја переме двапати годишно, барајќи тогаш смирено како сиромав и како патник во што да се облечеш, додека твојата облека не се осуши на сонцето, а потоа да му ја вратиш на својот брат со благодарност. Вака како со расото треба да постапуваш и со сите други свои облеки.
17. Труди се колку што можеш да не бидеш мрзлив во делото на послушноста, во извршувањето на твоето послушание, а во твојата ќелија труди се во молитвата со внимание, скрушеност и со често пролевање солзи. Никако не согласувај се со помислата, оти денес си се трудел во неа, утре ќе можеш да одземеш нешто од неа поради некоја телесна работа. Зашто, ти велам, колку и да го зголемуваш трудот во телото на твоето послушание, доколку тоа те одвлекува од молитвата, знај дека со тоа си загубил нешто многу големо и тоа е навистина така.
18. В црква, на богослужбите, доаѓај пред сите, а излегувај после сите освен, ако не си спречен со нешто неодложно, особено на утрената и на светата Литургија.
19. Биди му послушен во сѐ на твојот игумен кој те замонашил; без размислување извршувај сѐ што ќе ти заповеда, и тогаш кога ќе ти се чини дека тоа е неможно; биди готов дури и да умреш, извршувајќи ја неговата заповед. Дејствувајќи вака, ќе се угледаш на Оној, Кој бил послушен дури до самата смрт, смртта на крстот. Но, биди послушен и према сите манастирски браќа, особено на оној што е одговорен за послушанијата на браќата во манастирот; во ништо не смееш да му бидеш непослушен нему. Ако ти заповеда нешто што не е според твоите сили, направи поклон пред него, моли го да има разбирање за твојата немоќ. Ако биде непопустлив и остане на своето, без да размислуваш, потруди се да го извршиш она што ти е наредено, помислувајки за тоа дека „царството небесно со напор се освојува и силните го грабаат“ (Матеј 11, 12).
20. Co скрушено срце поклонувај се и паѓај пред нозете на сите браќа како да си ништожен, неизвесен и како воопшто да не постоиш. Кој се однесува вака со сите и вака го минува својот живот, тој, се осмелувам да кажам, станува проѕорлив и, со помошта на Божјата благодат, претскажува многу работи. Таквиот се моли и за простувањето на гревовите и на другите браќа, живее нерасеано и не е страсно поврзан кон материјалните работи, зашто духовната и божествена љубов не му дозволува да паѓа. Да се претскажува не е чудна работа, но ова се случува често и со демонска сила, но оној што може да разбере, нека разбере. Впрочем, кога некој ќе почне да кажува или да ги открива помислите на другите, тогаш, ако почне да размислува за помислите на другите, е лишуван од овој дар. А, ако се смири и престане да го прави тоа, тогаш одново ја добива претходната дарба. Зошто е вака, ова го знае само Бог, а јас сум опфатен од страв, и не се осмелувам да говорам за ова.
21. Умот твој нека биде секогаш во Бога и кога спиеш и кога си буден, и кога јадеш и кога разговараш, и кога се занимаваш со твојата рачна работа и кога работиш нешто друго, според зборовите на пророкот: „Секогаш Го гледав пред себе Господа, зашто Тој е од мојата десна страна, за да не се поколебам“ (Псап. 15, 8). Сметај се за повеќе грешен од секој друг човек. Зашто, кога ваквата помисла подолго време ги опфаќа твојот ум и твоето срце, тогаш внатре во тебе се појавува некаква духовна светлина, слична на сјаен зрак. И што повеќе навлегуваш во неа, ја следиш со силно внимание, со неразделна мисла, со голем труд и со солзи, со тоа станува сѐ појасна и посветла. Таа станува сакана и силна да очистува, станува способна да Го гледа Бога, да просветува и да учи да се распознава доброто од лошото. Впрочем, брате, потребен е голем труд и Божја помош, ваквата благодатна светлина потполно да се всели во твојата душа и да ја осветлува, како месечината што ја осветлува ноќта. Исто така, потребно е да се внимава да не се прикрадат мисловните напади на суетата и сомневањето, за да не биде осуден оној што ќе забележи дека прави нешто неподобно. Зашто, демоните, гледајќи дека душата, во која се вселила Божјата благодат и се внедрил мирот, ослободена од страстите и искушенијата, обично ја напаѓаат со вакви помисли. Но, нејзе ѝ доаѓа Божјата помош и ги раскинува овие демонски стапици. Ти тогаш треба да имаш и непрестан плач и да не бидеш никогаш наситен со твоите солзи. Внимавај, исто така, да не настрадаш поради преизобилната духовна радост и умилението, а ќе пострадаш, ако помислиш дека тие се плод на твојот личен труд, а не на Божјата благодат. Затоа, ќе ти бидат одземени, ќе ги бараш многу со твоите молитви, но нема да ги добиеш. Ке разбереш дека си го загубил дарот на Божјата благодат. Но, Господи, помогни ни никогаш да не бидеме лишени од Твојата благодат. Впрочем, брате, и, ако се случи ова со тебе, стави ја врз Бога твојата немоќ и, откако ќе станеш, издигни ги твоите раце и моли се вака: „Господи, смилувај се на мене грешниот, немоќниот и бедниот, испрати ми ја Твојата благодат; не давај да бидам искушуван повеќе отколку што можам да поднесам. Погледни, Господи, на моето очајание и види во какви помисли ме фрлија моите гревови. Господи, мојата гордост стана причина да бидам лишен од благодатната утеха, а тоа стана од дејството на демоните, но јас, со ова не можам да се оправдам, зашто знам оти оние што усрдно ја извршуваат твојата волја лесно им cе спротивставуваат на демонските сили. Не тие, туку моите сопствени грешни расположенија, кои се кријат во моето срце тие ме искушаа. Се каам, Господи, се каам за ова и Ти се молам, Господи мој, ако Tи е угодно Тебе и, ако е корисно за мене, Твојата благодат пак да влезе во мене, Твојот слуга, па, откако ќе ја видам, да се радувам со умиление и со солзи, да бидам осветлуван со нејзината постојана светлина и да бидам запазуван од нечисти помисли, од секоја лоша работа и од сите лоши дела и зборови, со кои грешам секој ден со знаење и незнаење, закрепувајќи со добра надеж и со смелост пред Тебе, Господи, против маките што секој ден ми ги причинуваат демоните и лошите луѓе, укрепи ме, да се откажам од мојата волја, и да мислам за благата, кои си ги подготвил за оние што Те љубат. Зашто, Ти си рекол, Господи: ,зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори“ (Матеј 7, 8). Кон ова, брате, додавајќи и друго, што ќе го вложи Бог во твоето срце, трпеливо во молитвата, не останувај со жалоста и очајанието, и благиот Бог нема да те остави.
22. Во ќелијата, која ќе ја добиеш од настојателот во почетокот, преживеј во неа трпеливо до крајот на твојот живот. Ако поради нејзината старост или поради опасноста дека може да се сруши, почнува да те вознемирува твојата помисла, тогаш поклони се пред настојателот со поклони, и кажи му го тоа со смирение. Ако те послуша, радувај се; а, ако не те послуша, благодари, спомнувај си за својот Господ, Кој немал каде да си ја потслони Својата глава. И веќе не ја повторувај твојата молба, зашто, ако го помолиш твојот настојател еднаш, двапати, трипати и четирипати, ќе му здодееш, и нема да го добиеш она што го бараш, а од тоа ќе се појави најнапред смелост према него, а потоа и недоверба, а на крајот и презир, а од сето ова твојот живот ќе се растрои. Затоа, ако сакаш животот свој да го минуваш во мир и спокој, не барај ништо од настојателот што служи за задоволување на твоите телесни потреби. Во почетокот кога си се одлучил да се замонашиш, за сето тоа и не станувало збор. Не вети ли ти тогаш дека храбро ќе ги извршуваш сите Божји заповеди, па макар сите да те презираат и понижуваат? Па затоа, ако сакаш да ги запазиш твојата вера и љубовта према твојот настојател и секогаш да го гледаш како свет човек, запази ги овие три правила: прво, никогаш не барај нешто од твојот настојател што ќе служи за успокојување на твоето тело; второ, не дозволувај да имаш смелост пред него; и трето, не обидувај се да го поучуваш. Ти треба да се користиш со неговите упатства и поуки. Ние треба да живееме и да се однесуваме како монаси, а не како световни луѓе. Кон ова додај го уште и следново: не сокривај од него ништо што наидува на тебе. Ако го запазуваш сето ова, тогаш мирно и неразбранувано ќе го препливаш морето на овој живот, а твојот духовен отец, каков и да е тој, почитувај го како да е свет. Ако дојдеш во Божјиот храм за да го прашаш твојот духовен отец, а некој друг дошол и го прашал за исто пред тебе и, кога појдеш кај него има некој друг со иста намера, а тој воопшто не ти обрнува внимание, настојувај да не се навредиш и да не помислиш нешто лошо, туку застани подалеку и чекај додека не го заврши разговорот со другиот, а тебе не те повикаат. Нашите духовни отци тоа често го прават смислено со цел да нѐ испитаат и да ги избришат нашите некогашни гревови.
23. Како треба да се пости за време на постите: за време на Великиот пост по два дена, освен кога е празник, сабота и недела; во другите денови треба да се јаде преку еден ден; во останатите денови од годината треба да се јаде еднаш дневно, освен во саботите, неделите и празниците, но да не се најадуваме до наситеност.
24. Труди се, за браќата од твојот манастир да бидеш пример за поука: во смиреност и кроткост, во љубезност и послушност, дури и према долните работи, во безгневност и непристрасност, во едноставно однесување, во незлобливост и нељубопитност, чувствителност кон секој човек, во посетување на болните, во утешување на нажалените, да не се одвраќаме од оние што ја бараат својата полза под изговор дека треба да Му се молиме на Бога; зашто љубовта е поважна од молитвата. Треба да имаме сочувство кон сите; да не бидеме суетни, премногу смели, никого да не изобличуваме, од никого да не бараме ништо ни од настојателот, ни од главниот манастирски економ; да имаш почит кон сите свештенослужители; да имаш редовност према молитвата, да имаш добро расположение и љубов кон сите; да не се трудиш од љубопитство да го изучуваш Светото Писмо и не заради слава пред луѓето, туку во ова да те поучува молитвата, проследена со солзи и која просветува со благодатта на Светиот Дух. Кога ќе те праша некој за нешто што е корисно, поучувај го со смирение – за сѐ што се однесува за побожниот живот и за богоугодните дела како што те учи Божјата благодат, со отсуство на секаква горделивост, врз основа на твоето лично животно искуство, без оглед на тоа кој бара, поучи го за она што е духовно корисно за него. Не одвраќај се ни од оној што бара од тебе духовно лекарство против некоја лоша и грешна помисла; ислушај го кога ти говори за неговите прегрешенија, какви и да се тие, и моли се со плач за него, зашто само тоа е знак за совршено сочувство и на братска христијанска љубов. И за да не добиеш штета од таквите работи, не одбивај го оној што ти приоѓа. Ако дејствуваш со љубов, со помошта на Божјата благодат нема да претрпиш никаква штета. Впрочем, за да не произлезе некаква штета за другите, потребно е да разговараш со дојдениот: да го сослушаш кога ти кажува за своите тајни помисли и кога го поучуваш по тој повод, разговорот треба да се води на некое скришно место. Но, и ако, како човек, бидеш нападнат од лоши помисли, ако си се удостоил со дејството на благодатта на Светиот Дух, нема да претрпиш никаква штета, зашто ние сме поучувани, дека не треба да ја бараме својата полза, „не ја барам својата пчолза, туку ползата на мнозина, за да бидат спасени“ (1. Кор. 10, 33). A што се однесува за дејството на благодатта, знај дека кога ќе почнеш да се сметаш за повеќе грешен од сите луѓе, тоа ќе значи дека навистина си го почувствувал дејството на благодатта. Само настојувај да немаш никаква грижа за земното и да не тежнееш да придобиеш земни богатства, и тогаш ќе се удостоиш да имаш сѐ што ти е потребно. А кога станува сето ова, јас не знам да кажам, Бог знае.
25. Часовите на бдеењето минувај ги вака: два часа читај од списите на светите отци, два часа моли се со умилни солзи; ова од себе, не според молитвеникот, а потоа крајот направи го како што сакаш било според дневниот октоих, или според минејот, или покајниот канон, или уште некој друг канон, потоа прочитај дванаесет псалми, а, ако сакаш, на крајот, прочитај ја молитвата: „Неосквернета, Пречиста…“, како и молитвата на свети Евстратиј: „Те возвеличувам…“. Кога се ноќите долги, тогаш се и молитвите подолги, а кога се ноќите кратки, тогаш и твоите молитви треба да бидат пократки, според силата што ти ја дава Бог, зашто без Него ништо добро не бива, како што говори пророкот, велејќи: „Господ ги зацврстува стапките на човекот и мили Му се неговите патишта“ (Псал. 32, 23) и како што рекол Самиот наш Господ Исус Христос: „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15, 5). Но, кога се причестуваш, никогаш не причестувај се без солзи.
26. Јади го она што е ставено пред тебе, какво и да е. Исто така, пиј го и виното што ќе ти го дадат, со воздржување и без мрморење. Ако живееш сам, поради твојата немоќ, треба да јадеш неварено зелје, овошје и салати со маслинки. Ако некој од браќата ти испрати нешто сварено, прими го со благодарност и смирение, како да си туѓинец и патник, и изеди го какво и да е, а она што ќе ти остане, испрати му го на некој брат, кој е сиромав и побожен. Ако те повика, некој за да те угости, јади од сѐ што е ставено пред тебе, но земај од сѐ по малку, запазувајќи се, според заповедта на воздржувањето. А кога ќе станеш од трпезата, поклони му се на оној што те поканил, што го прават, според обичајот, патниците и сиромасите, благодарејќи му, речи му вака: „Свети оче, Господ да те награди“. Но, тогаш, и, ако сакаш да кажеш нешто друго, повеќе од ова, не треба да го правиш ова, макар и да мислиш да кажеш нешто корисно.
27. Ако некој од браќата, е натажен од настојателот или од економот, или од некој друг, дојде при тебе и побара утеха, утеши го со следниве зборови: „Верувај брате дека тоа ти се случило за да бидеш проверен. Тоа ми се случувало често и мене, па, поради мојата малодушност, и јас се измачувам со истото чувство, но кога се уверив дека тоа ми се испраќа за проверка, истото го поднесував со трпение и со благодарност. И ти постапувај вака, и не само што нема да се жалостиш, туку ќе им се радуваш на ваквите маки. Макар тој, во борбите и маките што го имал, и да паднал, ти не одвраќај се од него, туку, како човек што си ја добил Божјата благодат, потруди се да го утешиш. Зашто, има многу приоди кон ваквата работа, но ти, откако ќе ја разбереш состојбата на тој брат и неговата состојба и неговите помисли, сообразно со нив приближи му се и помогни му; никако не дозволувај си да го испратиш неизлекуван.
28. Ако некој брат е болен, а тебе ти се случи да не го посетиш долго време, па кога ќе посакаш да појдеш при него, извести го најнапред, велејќи: „Верувај ми, оче свети, јас дури денес разбрав дека си болен и ти се молам да ми простиш што до денес не сум те посетил“. А потоа, појди кај него. Кога ќе отидеш кај него, прво поклони му се и, откако ќе се помолиш за него, прашај го, како му е и дали ја чувствува Божјата љубов према себе си. Потоа, седни и молчи. Ако кај него има и други посетители, труди се да не говориш ништо, ни од Светото Писмо, ни од областа на знаењето за природата, за потоа да не жалиш. Ова се случува најчесто со најпростите меѓу браќата.
29. Ако ти се случи да бидеш некаде на гостинска трпеза заедно со други побожни браќа, од сѐ што е ставено пред тебе треба да јадеш без размислување што е тоа што ти е предложено. Ако ти е заповедано да не јадеш нешто, на пример, риба или нешто друго од она што е ставено пред тебе, тогаш веднаш, ако е тоа лице, кое ти ја дало таа заповед присутно, појди при него и замоли го да ти дозволи да јадеш од забранетото јадење, и тогаш, ако не сакаш да ги лутиш сотрпезниците, ако твојот духовен отец не е присутен, јади и не колебај се, па потоа раскажи му зошто си јадел од она што ти било забрането и моли го да ти прости. Ако не сакаш да ти се случуваат слични работи, за тебе е подобро воопшто да не одиш на гозби. Од тоа ќе добиеш два добри плода: ќе го одбегнеш бесот на суетата и тие браќа ќе ги ослободуваш од непријатност. Добро е во ваквите случаи да јадеш од сѐ, но по малку. На сличен начин постапувај за време на трпезата, која е приготвена за сите браќа, според зборовите на апостолот, кој заповеда: „Ако ве покани некој од безверните и вие посакате да одите, јадете сѐ што ќе ви изнесат, без никакво испитување поради совеста“ (1. Кор. 10, 27).
30. Ако некој од браќата тропне на вратата од твојата ќелија, отвори му и, откако седнеш заедно со него, поразговарај со него за она што ќе предложи тој во врска со предметите корисни за душата, а, ако е тој оптоварен со жалост, потруди се да го утешиш со зборови и со дела. Потоа, откако ќе си појде тој, затвори ја вратата и заврши ја твојата молитва, почнувајќи таму каде што си бил прекинат. Зашто, утешувањето и лекувањето на оние што нѐ посетуваат е исто со помирувањето на скараните. Но, со мирските лица не постапувај така; со нив треба да го почнуваш разговорот, откако ја завршиш твојата молитва.
31. Koгa се молиш, па те нападне страв или започне некакво тропање, или блесне некаква светлина или нешто друго се случи, не збунувај се и не плаши се, туку продолжи ја твојата молитва и таа нека биде подолга отколку обично. Ваквите појави се предизвикани од демоните, со цел да те вознемират и да те исплашат, за да ја прекинеш твојата молитва. И, ако ова ти премине во навика да ја прекинуваш молитвата, тој ќе продолжи да го прави тоа сѐ до тогаш додека сосема не те зароби и не почне да раководи со тебе. Но, за време додека се молиш, ако блесне некаква светлина, која јас не можам да ја искажам со зборови, од која душата се исполнува со радост, се насладува со она најубавото и солзи сами од себе почнуваат да течат. Тогаш знај дека тоа е израз на Божјото посетување и застапништво. Ако ваквата состојба потрае подолго, па поради изобилство на солзите што ги пролеваш, да не почнеш да мислиш повеќе отколку што си, сврти го твојот ум кон нешто телесно и смири се преку тоа. Труди се и настојувај никогаш да не ја прекинуваш молитвата поради страв од демоните, туку, како што детето кога ќе се исплаши од нешто, трча кон мајката или кон таткото, и кај нив се ослободува од својот страв, така и ти, побрзај со твојата молитва кон Бога, и ќе се избавиш од стравот што ти го причинуваат демоните.
32. Кога седиш во својата ќелија и некој од браќата дојде и те праша за борбата со телото, не испраќај го без да му кажеш она што го знаеш, туку, со готовност и духовна радост, потруди се да му помогнеш со помошта на Божјата благодат и со она што си го придобил од личниот опит. А кога ќе тргне да си оди, поклони му се и речи му: „Верувај ми, брате, јас се надевам на Божјото човекољубие и верувам дека оваа борба ќе отстапи од тебе; само не предавај се и не отстапувај.“ А кога ќе излезе, стани и замисли ја неговата борба, подигни ги твоите раце кон Бога, и помоли Му се на Господа со солзи и, воздивнувајќи, речи: „Господи Боже, Ти Кој не ја сакаш смртта на грешникот, Ти знаеш што треба да направиш за да му биде добро и од полза на мојот брат.“ И Бог Кому Му е позната неговата доверба во тебе и твојата љубов и сочувство према него, како и твојата молитва за него; ќе му ја олесни неговата борба со телото.
33. Брате, сето ова е корисно за поттикнување и зајакнување на умилението; сето ова треба да го правиме со скрушено срце, со трпение и со благодарност; во тоа е причината на солзите, очистувањето од страстите и вистинскиот пат во небесното царство; царството небесно ќе им биде дадено на оние што се принудуваат и само оние што се принудуваат го добиваат. Ако го исполниш сето ова, лесно ќе се ослободиш од стекнатите навики и расположенија, а можеби и ќе бидеш ослободен и од самите демонски напади со помисла, зашто темнината бега од светлината и мракот бега од сончевата светлина. Оној што ќе биде немарен за ова, во почетокот, тој, откако ќе ослаби во своите помисли и ќе почне да се занимава со празни помисли, е лишуван од благодатта, и како последица од тоа, паѓа во лоши страсти, од опит доаѓа до познавање на своите страсти, се исполнува со страв и трепет: почнува да говори дека нема сили да го прави она што треба да го прави, иако чувствува дека треба да го прави. И оној што може да го прави доброто, нека не мисли дека го прави со своите сопствени сили, туку се да припишува на Божјата благодат. Тој е должен, пред сѐ да се очисти себе, за да може потоа да разговара со Чистиот – со Бога, како што рекол некој. Кога умот ќе биде очистен преку многу солзи и потоа ќе биде озарен од божествената светлина, тогаш, тој целиот духовно живее во иднината и неа ја соѕерцава, така како што му ја покажува Бог, и се радува со духовна радост, според зборовите на свети апостол Павле: „Плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост“ (Гал. 5, 22-23).
34. Оној што го добил ова, тој треба да внимава на себе и будно да се пази од лошите помисли. Зашто, мислам дека оној што живее меѓу многу луѓе, тешко може да ги одбегне зависта и суетата ако го слават луѓето за неговото славно живеење и за тоа што ги презира видливите работи. Но, понекогаш гледа и слуша дека некој постапува како што треба, и без да сака, го осудува. Таквиот треба да се запазува од љубопитството да знае што говори и што прави игуменот или неговиот помошник. А, ако, победен од оваа страст, дознае нешто нередно, нека настојува себе да се поправи од истото, преку покајание. Тој треба да внимава на себе во овој однос и кога стои во црква и тогаш кога ја извршува работата на своето послушание, зашто суетните помисли обично ги напаѓаат ревнителите на доброто, тогаш кога добро го извршуваат псалмопеењето, кога се молат нерасеано; но тогаш имаат и помисла дека другите браќа талкаат со своите помисли и дека само тие имаат вистинско соѕерцание, дека се насладуваат со мелодиите на духовните песни, подражавајќи им на ангелските чинови; но само Бог ги знае срцата на луѓето. Но, има и начини како сме искушувани со лоши помисли: со осудување или ублажување. Впрочем, од сето ова можеме да се избавиме, ако внимаваме на себе и се пазиме со смирение, љубов, исповед и непристрасност.
35. Труди се никого да не ожалостиш ни со зборови, ни со дела; дури и оние што те ожалостиле, утешувај ги, колку што можеш. Сепак, не мисли дека си се избавил од демонските примки и не биди суетен. Зашто, човечката природа не е во состојба да се избави од нив: само Божјата благодат може да ни помогне да се ослободиме од нив. Оние што живеат во манастирско братство, веќе рековме дека треба да му се покоруваат на настојателот. А што се однесува до оние што сакаат да живеат усамени и безмолвно, јас не можам да кажам ништо. Впрочем, ти самиот пресуди според она што реков за она што им е својствено на безмолвниците. Безмолвието бара построго и повнимателно живеење.
36. Ако имаш потполна доверба во некој од браќата на манастирското братство и пред него ги исповедаш своите помисли, настојувај тоа да го правиш секој ден и на секој час и пред него да ги откриваш своите помисли што ти доаѓаат и кои те вознемируваат. Бидејќи има меѓу браќата и такви што не сакаат да ги откриваат своите помисли пред игуменот, поради својата немоќ и недоверба према него, јас го советувам ова од милост и попустливост кон нив. Ho, не треба да ги менуваш отците кај кои се исповедаш; не оди кај повеќемина, туку само кај еден. Обично непријателот на нашето спасение ни нашепнува, дека со нашата честа исповед го оптоваруваме тој брат, кој слуша толку често за нашите тајни помисли, или затоа што толку често му говориме за исти работи. И така престануваме да се исповедаме кај него и почнуваме да одиме кај некој друг. Ако не ги послушаме овие демонски внушувања и продолжуваме да одиме постојано кај нашиот исповедник, со тоа ќе добиеме уште поголема доверба кон него и ќе имаме уште поголема полза од неговиот начин на живеење, од неговите зборови и од неговите поуки. За ова од никого нема да бидеме осудени. Напротив, сите ќе нѐ пофалат за нашето постојанство за тоа што ја пазиме довербата кон нашиот исповедник. Ако го занемариме ова често откривање на нашите помисли, ќе паднеме во поголеми страсти, а потоа, срамувајќи се да го правиме тоа, ќе паднеме во бездната на очајанието. Ако појдеме кај друг духовник, што не би смееле да го правиме, ако е тој духовник од нашето манастирско братство, сите браќа ќе нѐ осудат за тоа, што сме ја изгубиле довербата спрема својот духовник, а и Самиот Бог строго ќе нѐ осуди за тоа. А самиот духовник кај кого ќе појдеме, ќе помисли дека најпосле така ќе постапиме и кон него. Постапувајќи вака, ќе создадеме во себеси навика да преминуваме од еден духовник кај друг, и никогаш нема да се ослободиме од оваа лоша навика; ќе почнеме да се распрашуваме каде има столпници, доброволни затвореници и безмолвници, за да појдеме да се исповедаме кај нив, но и тогаш ќе преминуваме од еден кај друг, губејќи ја својата доверба и кон нив. Најпосле, ќе ја загубиме довербата кон сите, нема да му веруваме на никого и во ништо нема да имаме успех. И она што е пострашно од сѐ: ќе бидеме од сите осудени и проколнати. Затоа, труди се и настојувај да му останеш верен на оној духовник, кај кого си се исповедал во почетокот; да не го менуваш за друг. Зашто, како што веќе реков, ако го презреш него и појдеш кај некој друг, ќе те нападнат многу искушенија, па ќе почнеш на тој начин да ги осудуваш и сите други и ќе појдеш по патот што води кон пропаст. Но, Господи, Господи, Ти се молиме, избави нѐ од секаква недоверба и презирање, помогни ни со твојата благодат.
37. Ако и ти самиот придобиеш ученици, кои имаат доверба во тебе и ги исповедаат своите помисли, а видиш дека водат духовни разговори и пред нив ги исповедаат своите помисли, настојувај да не се соблазниш. Демоните им внушуваат и на оние што живеат праведно и што ги водат добро своите работи, дека таквите ученици не одат по правиот пат и со искрено срце и дека кај нив не доаѓаат со доверба да ги исповедаат своите помисли, дека го прават тоа лицемерно, и на тој начин создаваат кај нас незадоволство и недоверба кон таквите ученици. Затоа, не прифаќај ја таквата помисла, која се обидуваат демоните да ја всадат во тебе, туку, со простота и со љубов заради Бога и заради самото добро, труди се таквите да ги поправаш и духовно да им користиш, сметајќи го нивното преуспевање за твоја лична слава.
38. Ако некој од твоите ученици покаже недоверба кон тебе, ти си должен да размислиш зошто се случило тоа, бидејќи тоа може да настане поради повеќе причини и поводи: или затоа што се погордеал, што си помислил дека веќе станал совршен и не сака повеќе да биде нарекуван ученик, туку и самиот сака да биде сметан за учител; или затоа што се предал на безгрижност, што го засакал телото и има желба да им се предаде потполно па телесните задоволства; или затоа што во минатото си го сакал многу, повеќе од другите, а потоа твојата љубов си ја пренел на други, и тој бил опфатен од завист; или затоа што сака да биде ракоположен за свештеник, па заклучувајќи врз основа на своите исповеди, дека не е достоен за свештенички чин; или затоа што претпочиташ некого што дошол по него, сметајќи го, според она што ти се исповедал, недостоен, па со тоа му причинуваш голема жалост. Ова чувство кај него е посилно особено тогаш, затоа што тој не го добива она што силно го сака, особено, ако дошол кај тебе уште млад и, ако си го сакал силно заради Бога; а можеби некогаш, за да го поттикнеш кон посилни подвизи, и воздржување од страстите, си му ветил дека ќе му дозволиш да го прими свештеничкиот чин, зашто духовииците често имаат обичај да им ветуваат на своите млади ученици ракополагање, за да ги воодушеват во борбата против некоја нивна грешна наклоност, која прераснала кај нив во вистинска страст, па тој, откако не успеал да се ослободи од таа страст, се плаши дека тоа ќе биде и причина против неговото ракополагање, кај него се појавува завист и почнува да говори против другиот брат такви работи, кои не можеме спокојно ни да ги ислушаме ни да ги кажеме. Освен ова што го рековме, има и други причини за недоверба, кога на пример, некој поради мрзливост паѓа во лоши желби и во вистински гревови, па, срамувајќи се да ги исповеда, од суета тој ги премолчува, а преку премолчувањето постепено доаѓа во потполна недоверба кон својот духовен отец. А можеби некој од твоите ученици увидел дека си под влијание на некоја страст, па те осудил и се оддалечил од тебе. Како белег на ваквото одвраќање од тебе нека ти биде, ако си духовно искусен, нивниот поглед и изразот на нивното лице; ако ја немаш таа добрина, тогаш нека ти послужи како белег промената во надворешниот вид, споредена со обичниот што го имал. Зашто, ако го подучуваш таквиот, или, ако го изобличуваш или утешуваш, тој покажува израз како да ги прифаќа советите што му ги даваш, но, всушност, тој ги прима само преку слухот, но срцето негово не ги прима, затоа што му се непријатни, тој се подбива со нив и се раздразнува против нив. А, ако другпат, сакајќи да го испиташ и да го провериш дали е чист од страстите, му заповедаш да се причести или да направи нешто друго, тој веднаш се согласува, без размислување, дека ќе го направи тоа, за да не го изобличиш. Лекарството за ваквите е срдечната молитва кон Бога, молитвата со солзи, зголемувањето на љубовта, честото советување, телесното успокојување и постојаниот разговор со нив; понекогаш овој разговор треба да биде кроток и сладок, а понекогаш строг и изобличувачки, во зависност од тоа што е кога подобро и попригодно да бидат принудени да слушаат и да го поправаг своето однесување.
39. Кога твојот ученик ќе рече нешто за некои браќа, дека се побожни и ќе ги пофали, ти тогаш не говори ништо. А, ако те праша што мислиш за нив ти тогаш смирено одговори му вака: „Верувај ми, оче, јас не знам; јас, бидејќи сум умствено ограничен, морам долго да се занимавам со мојата мрзливост; што се однесува до другите, сите тие, со помошта на Божјата благодат, се добри и свети; впрочем, секој што ќе посее, тоа и ќе го ожнее.“ И ти не пофалувај и не куди никого посебно, но сите нив фали ги воопштено за да не го наведеш твојот ученик на помисла дека некого од нив пофалуваш за особена вера. На тој начин тој ќе биде избавен од таквата помисла.
40. Кога двајца млади монаси во простотата на своето срце почнат особено да се сакаат, а ти кога ќе слушнеш за тоа од другите, дека таа нивна взаемна љубов не е добра, страсна, па посакаш и почувствуваш силна желба да ја прекинеш таа и таква нивна љубов, таквата нивна страсна взаемна поврзаност, и, ако се случи тие често да доаѓаат кај тебе, тогаш треба добро да размислиш за тоа како треба да разговараш со нив за тоа, како можеш да им користиш, како и за тоа, место за корист да не им причиниш штета. Затоа, ако мислиш дека она што ти го рекле има основа и дека е близу до вистината, тогаш повикај еден од двајцата, и поразговарај со него, исполнет со вистинска љубов, па со радосно срце и со душевна пријатност, говори му за многу разни предмети, но во сето тоа во разговорот со него внеси нешто малку некако прикриено што се однесува на таа страст, а потоа речи му: „Брате, треба да внимаваме на себе, зашто одиме меѓу многу мрежи и стапици, како што говори апостолот: „Нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6, 12), и нашиот непријател „ Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1. Петр. 5, 8). Тој веќе успеал да победи и многу големи подвижници во оваа духовна борба; многу полесно може да ги победи оние, кои се како мене мрзливи и невнимателни. Затоа, внимавај на себе и пази се да не се согласиш со секакви помисли и од особена дружба со некој од браќата, за да не бидеш пак заплетен во некогашните гревови, а можеби и во полоши од тие“. Откако потоа, ќе додадеш и нешто друго корисно и за некои други работи; за да расееш секакво сомнение, -да го испратиш. А другиот воопшто не повикувај го. Ако оној, со кого си разговарал е вистински човек и вистински духовен подвижник, тогаш тој само од твоите зборови што си му ги рекол ќе се оддалечи од него, ако има вера и доверба во тебе, или таа дружба ќе ја прекине од срам, или од суета и страв, зашто и други поради овие три причини, со помошта на Божјата благодат, се ослободиле од страсти, без труд и без подвиг. Ако видиш, дека и по тоа страсната приврзаност на овие млади монаси останува и понатаму иста, тогаш повикај го и другиот, кој е можеби и помалку острастен, и објасни му, како и на првиот, за сето тоа или уште повеќе. А потоа, додај го и ова, велејќи: „Јас слушнав дека си во љубовна врска со тој и тој. Познавајќи ве вас обајцата, јас сум уверен дека таа ваша љубов е духовна. Но, за другите да не се соблазнуваат, послушај ме, ако имаш вера и доверба во мене, престани да разговараш со тој брат и да седиш со него насамо. И дотолку повеќе треба да го направиш со драго срце, затоа што игуменот има добро мислење за тебе и има намера да те предложи да бидеш ракоположен за свештеник.“ А кога ќе му го речеш ова, тогаш почни да го напаѓаш и да го прекоруваш другиот, да говориш дека тој нема страв Божји и дека припаѓа во бројот на телесните луѓе. Со ова ќе го расположиш да се оддели од него, или од чисто духовни погоди, или од страста на суетата, заради хиротонијата, за која му било речено.
Обработи
О.М.П. 2022