




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM V
Теолипт, митрополит Филаделфијски
Девет глави за монаштвото
1. Умот, кога се оддалечува од надворешното и се повлекува внатре, всушност, се враќа кон себеси и на тој начин се соединува со своето природно духовно слово, почнува вистински да му служи и почнува да се моли. А преку молитвата се издигнува кон познавањето на Бога со сета сила на својата љубов и со добро расположение на своето срце. Тогаш, похотaта на телото го напушта, секое чувство на љубов према страстите престанува и сите земни убавини не се веќе привлечни за него. Зашто, тогаш душата, откако отфрлила сѐ зад себе, сѐ што е во телото и околу телото, тежнее по Христовата убавина, следејќи Го со своите добри дела и возвишени мисли и пеејќи Му: „По неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе“ (Псал. 44, 14); Христа Го гледа насекаде и Му се обраќа со зборовите на пророкот: „Господи, пред Тебе се сите мои желби“ (Псал. 37, 9); секогаш гледа кон Христа и извикува: „Очите мои секогаш се кон Господа“ (Псал. 24, 15); со Христа разговара преку чиста молитва, Го насладува со неа и говори: „Нека Му биде мила беседата моја! Ќе се веселам во Господа“ (Псал. 103, 34); зашто Бог, примајќи го духовниот разговор, и кога е израз на нашата љубов према Него и кога Го славословиме, или кога бараме нешто од Него, тогаш Бог ѝ подарува неискажлива радост на нашата душа. И душата, која си спомнува за Бога, разговарајќи молитвено со Него, се исполнува со веселба и радост, па говори заедно со пророкот: „Го спомнав Бога и се развеселив“ (Псал. 76, 3).
2. Пази ги сетивата, и ќе се ослободиш од насладата на славата. Бегај од духовните мечтаења и од сладосните чувства, и со тоа ќе ги победиш сластољубивите помисли. Умот нема мечтаења, ако не прима впечатоци од сладосни предмети, ако се наоѓа во чиста едноставност и, ако е над сите земни и духовни работи, ако своите помисли ги издигнува кон Бога, ако името Божјо е постојано во длабочината на душата и, ако непрестано Му се обраќа, како детето што му се обраќа на својот татко. И како што Адам, кој бил создаден со Божји раце од земниот прав, стана жива душа откако Бог му дувна жив дух во неговите ноздри, така и умот, пресоздаден преку добродетелите, преку честото повикување на Господа, се изменува со божествена измена, бидејќи оживува и се обожува со тоа што Го познава и што Го љуби Бога.
3. Кога преку непрестаната молитва ќе се ослободиш од похотата према земните работи и ќе се одмориш од нив и целосно ќе се утврдиш во спомнувањето само на Бога, тогаш во тебе ќе се изгради Божјата љубов како твоја помошничка. Зашто, срдечното повикување на Бога станува извор за божествената љубов, а божествената љубов го подготвува умот за разбирање на скриените тајни. Тогаш умот, исполнет со љубов, ќе се оплодотвори со премудроста и, преку дејството на премудроста, ќе објаснува прекрасни работи. Зашто, Бог словото, Кому Му се обраќаме со срдечна љубов, го зема разбирањето како ребро, а подарува знаење, неговото место го исполнува со пријатно расположение, дарува добродетел, ја создава љубовта, од која зрачи светлина и го разбудува умот, кој спиел и почивал од секоја земна похот. Токму оваа љубов се покажува како втора помошничка на умот, кој се одморил од неразумната страсна приврзаност кон земните работи со тоа што го поттикнува умот кон зборовите на премудроста. Тогаш умот, гледајќи ја и насладувајќи се со неа, со опширни зборови, на другите им ги објавува скриените расположенија на добродетелите и невидливите дејства на разумот.
4. Излези од сѐ што е земно и чувствено и остави го законот на телото, – и тогаш, духовниот закон ќе се напечати во тебе во твоето срце. Зашто, оној што оди по духот – похотите телесни не ги извршува, според зборовите на апостолот: „Живејте по Духот, и нема да им угодувате на телесните страсти“ (Гал. 5, 16). Бидејќи тие произлегуваат од земната чувственост, од делата и од светот, па така, станува да оди во духовна состојба и Духовно да мудрува. Ова можеш да го разбереш од она, што Го правел Бог за Адама пред пројавувањето на неговата непослушност.
5. Оној што се подвизувал во запазувањето на заповедите, кој живее во рајот на молитвата и непрестајно си спомнува за Бога, е ослободен од дејството на сластољубивите влијанија на телото, од сите чувствени движења и од сите вообразби на земните работи на своите мисли; претставува мртов за страстите и за гревот, постанувајќи учесник во божествениот живот. Зашто, како што оној што спие е сличен на мртов, а е жив, како според телото, така и според дејството на душата, така и оној што живее во духот се чини дека е мртов за телото и за светот, но е жив според мудрувањето на духот.
6. Ако го разбираш она што го читаш и што го пееш, ќе добиеш познавање, а од познавањето се добива сознание на она што го познаваме или совест, а од совеста никнува совршено познавање и на дело. Од ова се раѓа плодот на опитното знаење, а опитното знаење издигнува кон вистинското соѕерцание, а од него почнува да свети премудроста, со болскави зборови на благодатта, исполнувајќи го духовниот воздух, и на оние што се уште надвор – им го објаснуваат скриеното.
7. Во почетокот умот бара и наоѓа, а потоа се соединува со она што го нашол. Кога бара – бара со разумот, а се соединува со љубовта. Разумот кога бара – ја бара вистината, а соединувањето со љубовта е заради доброто.
8. Оној што се наоѓа над природните работи, што им е туѓ на природните работи на похотата, тој не гледа на земните работи и на нивната убавина со желба; неговиот поглед е свртен кон висините, ги гледа горните убавини; неговата цел е вкусување од чистото блаженство. Зашто, како што е небото заклучено за оние кои што се заинтересирани само за материјалните блага на земјава и за оние кои што се наклонети кон телесните задоволства, зашто нивните духовни очи се помрачени, исто така, и оние што ги презираат земните блага и бегаат од нив – го имаат својот ум издигнато нагоре и ја гледаат славата на вечните блага и ја добиваат светлината, која им е ветена на светиите. Таквите и Божјата љубов, која слегува одозгора, ја примаат и стануваат храм на Светиот Дух, со желба ја следат Божјата волја и се водени од Божјиот Дух; се удостојуваат да станат синови Божји; Го имаат Бога Кој ги сака и им прави сѐ според нивните свети желби, како што пишува апостолот: „Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји“ (Рим. 8,14).
9. Не оставај ја молитвата под изговор дека си немоќен; не оставај ја дури ни само еден ден, сѐ додека дишиш сѐ додека живееш, имајќи ги предвид зборовите на апостолот: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Кор. 12,10). Правејќи го ова, ќе имаш голема корист, и молитвата набрзо ќе те дигне при содејство на благодатта, зашто таму каде што е утехата на Светиот Дух, таму нема ни немоќ ни униние.
Обработи
О.М.П. 2022