www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,563,210
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


25. Псалми

Вовед

Псалмите се најдолгата гнига во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број на псаљлми се напишани од давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалом. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псами се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110,112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псами во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псами за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136.
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68-70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени песни: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26). Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псами содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109, и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава.
Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.

ПРВА КНИГА

Псалм 1

Блаженство за побожните
Зло за безбожниците

1. Блажен е оној човек, што не оди на советот безбожнички, не застанува на пат на грешници и не седи во друштво на развратници,
2. па му омилел законот на Господа и во законот Негов дење и ноќе се поучува;
3. тој е како дрво посадено крај воден извор, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не вене; и во сè што прави, напредува.
4. Но не се такви безбожниците; тие се како прав, што го растура ветар по земјата.
5. Затоа безбожниците нема да се одржат на судот, ниту грешниците – во соборот на праведниците.
6. Зашто Господ го знае патот на преведниците; патот, пак, безбожнички води во погибел.

Псалм 2

Пророкување за царството на Синот Божји и
За победата над Неговите непријатели

1. Зошто се бунат народите, и племињата смислуваат лоши работи?
2. Се креваат царевите земски, и кнезовите се собираат заедно против Господа и Неговиот Помазаник.
3. „Да ги раскинеме врските нивни и да го отфрлиме од себе јаремот нивни.”
4. Оној, Кој живее на небесата, ќе им се смее и Господ ќе ги исмее.
5. Тогаш во гневот Свој ќе им говори и со јароста Своја ќе ги збуни:
6. „Јас го помазав Царот Свој на Сион, на Мојата Света Гора.”
7. Ќе го кажам определението – Господ Ми рече: „Ти си Син Мој, Јас денес Те родив.”
8. И побарај од Мане, и ќе Ти ги дадам народите во Твое наследство, и краиштата на замјата – во Твоја власт.
9. Ти ќе ги пасеш со железен жезал; ќе ги разбиваш како грнчарски сад.”
10. И сега цареви, вразумете се; поучете се, судии земни!
11. Служете Му на Господа со страв и радувајте се со трепет.
12. Почитувајте го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не погинете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои на Него се надеваат.

Псалм 3

Надеж во Бога против сите непријатели

1. Господи, колку многу се намножија непријателите мои! Мнозина се креваат против мене;
2. мнозина велат за душата моја: нема спас за него во Бога.
3. Но Ти, Господи, си застапник мој, слава моја; Ти ја подигаш главата моја.
4. Со гласот свој викам кон Господ, и Он ме слуша од Својата Света Гора.
5. Легнувам, спијам и станувам, оти Господ ме чува.
6. Не се плашам од многу илјади луѓе, што од сите страни навалиле на мене.
7. Стани Господи! Спаси ме, Боже мој! Зашто Ти ги поразуваш сите мои непријатели и им ги здробуваш забите на грешниците.
8. Од Господа е спасението. Твојот благослов нека биде на народот Твој.

Псалм 4

Давидовата вечерна молитва
е полна со храброст против непријателите

1. Кога викам, чуј ме, Боже, правдо моја! Во маката моја дај ми простор. Помилуј ме и услиши ја молитвата моја.
2. Синовите човечки, до кога ќе бидете со тврдо срце; до кога ќе сакате суета и ќе барате лага?
3. Знајте дека Господ го запазил Својот светија; Господ слуша кога викам кон Него.
4. Не грешете, гневејќи се; размислете во срцата свои и на постелите свои, и смирете се.
5. Принесете жртва за правда и надевајте се на Господа.
6. Мнозина велат: кој ќе ни покаже што е добро? Покажи ни ја светлината на лицето Свое, Господи!
7. А мене Ти си ми го исполнил срцето со радост поголема отколку кога ќе се роди во изобилие пченица и вино.
8. Затоа мирно легнувам и спијам; +оти Ти, Господи, си ми влил надеж да живеам без опасност.

Псалм 5

Давидовата утрена молитва
за помош против безбожните непријатели

1. Чуј ги, Господи, зборовите мои, разбери ги поплаките мои.
2. Чуј го гласот на моето молење, Цару мој и Боже Мој!
3. Наутро чуј го гласот мој, наутро застанувам пред Тебе и во Тебе гледам.
4. Оти Ти си Бог, Кој не сака беззаконија; за лошиот нема место при Тебе:
5. безбожниците нема да излезат пред очите Твои; Ти ги мразиш сите што вршат неправда.
6. Ти ќе ги уништиш сите лажливци; од крвопиец и лукав Господ се гнаси.
7. А јас, пак, според Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот дом И ќе се поклонам во Твојот свет храм со страв пред Тебе.
8. Господи, упатувај ме во Твојата правда, поради непријателите мои патот Твој пред мене порамни го.
9. Зашто во устата нивна нема вистина; во срцето им е измама; грлото им е отворен гроб; на јазикот, пак, дволичност.
10. Казни ги, Боже, нека пропаднат тие и мислите нивни; поради многуте нечестни работи отфрли ги, бидејќи Те огорчија Тебе.
11. Па нека се зарадуваат сите, кои се надеваат на Тебе: вечно да се радуваат оние што Ти ги закрилуваш; и да се радуваат со Тебе оние, што го сакаат името Твое.
12. Оти Ти, Господи, го благословуваш праведникот и со оружјето на милоста Своја го закрилуваш.

Псалм 6

Покајничка молитва
Надеж во помошта од Господа

1. Господи, не ме карај во јароста Своја и не казнувај ме во гневот Свој.
2. Смилуј се на мене, Господи, оти сум немоќен; исцели ме, Господи, бидејќи коските мои се потресени;
3. и душата моја е возбудена. А Ти, Господи до кога?
4. Обрни се, Господи, избави ја душата моја, спаси ме поради милоста Своја,
5. бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе?
6. Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја.
7. Од скрб ми се помрачи окото мое, остарев поради сите мои непријатели.
8. Отстапете од мене вие сите, кои вршите неправда, оти Господ го чу гласот на мојот плач.
9. Господ ја чу молбата моја, Господ ќе ја прими молитвата моја.
10. Нека се посрамат и уплашат сите мои непријатели; да се повратат и веднаш да се засрамат.

Псалм 7

Плачна Давидова песна што Му ја пеел на Господа

1. Господи, Боже мој, на Тебе се надевам, спаси ме од сите што ме гонат, и избави ме;
2. Да не би некогаш непријателот да посака да ми ја истргне душата; ќе трга, а ќе нема кој да спасува.
3. Господи, Боже мој, ако го направив тоа, ако има неправда во рацете мои;
4. ако зло вратив на оние, кои поради правда ме напаѓаат, тогаш нека отпаднам од непријателите мои;
5. нека ја гони непријателот душата моја, и нека ја стигне, и нека го згази животот мој на земјава, и телото мое во прав нека го претвори.
6. Стани, Господи, во гневот Свој; крени се против жестината на непријателите Твои; стани, Господи, Ти кој заповедаш.
7. И многу народ ќе се собере околу Тебе; и Ти издигни се над него високо.
8. Господ им суди на народите. Суди ми, Господи, според правдата моја и според чистотата моја.
9. Да престане злобата на грешниците, а праведникот исправи го, Ти, Боже, кој ги испитуваш срцата и утробите праведно.
10. Помош очекувам од Бога, Кој ги спасува оние што се со чисти срца.
11. Бог е праведен судија, и силен, и долготрпелив и не се гневи секој ден.
12. Но ако не се покаете, Он ќе го очисти Своето оружје, ќе го затегне својот лак и ќе го насочи,
13. и затега смртна стрела, а стрелите Свои ги вжарува.
14. И, ете, кај безбожникот сè повеќе неправда, па се зачна злоба, а тоа роди беззконие,
15. па си копа и ископа јама, и падна во јамата, што ја направи,
16. и злобата негова му падна на главата негова, а врз неа и неправдата негова слезе.
17. Го прославувам Господа поради правдата Негова и му пеам на Господа Севишниот.

Псалм 8

Божјата величина во создавањето
човековата нискот и висина

1. Господи, Господи наш, колку е чудесно името Твое по целата земја! Си ја издигнал славата Своја над небесата.
2. Од устата на младенците и доенчињата си ја создал похвалата Своја заради непријателите Твои, за да го срушиш непријателот и одмаздникот.
3. Кога ќе ги погледам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти:
4. Што е тоа човек, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш?
5. Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го венчал,
6. и си го поставил над делата од рацете Твои, и сè си потчинил под нозете негови;
7. овците и воловите сите, и ѕверовите полски;
8. птиците небески и рибите морски, сè што се движи по морските патишта.
9. Господи, Господи наш, колку е чудесно името Твое по целата земја!

Псалм 9

Благодарствена песна
поради спасување од непријателите

1. Те прославувам Тебе, Господи, со сето срце свои, ги известувам сите чудеса Твои;
2. се радувам и се веселам во Тебе, му пеам на името Твое, Севишни.
3. Кога се вратија непријателите мои, се сопнаа, изгубија сила и погинаа од лицето Твое.
4. Бидејќи донесе пресуда за мене и ме одбрани; седна на престолот Свој, судија праведен.
5. Им запрети на народите и загина нечестивиот; името му го затре за сите векови.
6. Непријателот остана сосема без оружје; градовите Му ги разруши, и погина споменот за нив.
7. Но Господ секогаш живее; го подготвил престолот Свој за суд;
8. Он ќе ѝ суди на вселената по правда, на луѓето ќе им суди право.
9. И ќе му биде Господ прибежиште на сиромавиот, помошник во право време во неволја.
10. Па нека се надеваат на Тебе оние кои го знаат името Твое, бидејќи не ги оставаш оние што Те бараат.
11. Пејте Му на Господа Кој живее на Сион, кажувајте ги на народите делата Негови;
12. бидејќи Он се одмаздува за крв, ја помни; не ги заборава пискотите на неволниците.
13. Смулуј се, Господи на мене; погледај како страдам од непријателите мои, Ти, Кој ме избавуваш од вратата на смртта.
14. За да ги кажувам сите похвали за Тебе пред вратите на ќерката Сионска и да го прославувам спасението Твое.
15. Пропаѓаа народите во јама, што сами ја направија; во замка, која сами ја наместија, се фати ногата нивна.
16. Го познаа Господа, Кој суди; во делата на рацете Негови грешникот се заплетува.
17. Ќе се вратат во пеколот сите грешници, и сите народи, кои Бога Го забораваат.
18. Зашто нема засекогаш да биде заборавен сиромавиот, и надежта на бедните нема никогаш да престане.
19. Стани, Господи, за да не се засили човекот, и народите да примаат суд пред Тебе.
20. Постави, Господи, законоположник над нив, за да разберат незнабожците дека се луѓе.
21. Зошто Господи се оддалечуваш и не сакаш на неволните во право време да им помогнеш?
22. Кога нечесниот се разбесува, ги мачи бедните бездушно, и тие паѓаат во замките негови.
23. Бидејќи грешникот се гордее со желбата на душата своја и одбива да биде благословен.
24. Грешникот го дразни Господа, за многуте негови гревови, вели, дека Он не истражува: нема Бог пред него.
25. Патиштата негови се секогаш криви, а судовите Твои се многу високи, за да мисли на нив, и така над непријателите се гордее.
26. И во срцето свое си вели: нема да минувам од род во род без зло.
27. Устата му е полна со клетви, измами и навреди; под јазикот негов тежина и пропаст.
28. Седи во заседа со богати, потајно убива невини, очите негови демнат бедни.
29. Седи скришум како лав во пештера, со намера да фати беден, и кога ќе фати, го сплетува во својата мрежа.
30. Се смирува, прилегнува и тогаш бедниот паѓа совладан.
31. па вели во срцето свое: Бог заборавил, го свртел лицето свое за да не го види крајот.
32. Стани, Господи, Боже мој, нека се крене раката Тавоја, не ги заборавај за секогаш бедните Твои.
33. Зошто безбожникот Го разгневува Бога, зошто во срцето свое да вели – Бог не испитува?
34. Но Ти гледаш, оти ги забележуваш маките и навредите на бедниот; бедниот Тебе Ти се предава, Тебе Ти се остава сиромавиот и сиракот; биди им помошник.
35. Сотри ја мишката на грешникот и на лукавиот; па да се бара и да не се најде безбожноста негова.
36. Господ е вечен цар, во сите времиња; ќе ги снема народите од земјата Негова.
37. Господи, Ти ги слушаш желбите на бедните; закрепи ги срцата нивни, отвори го увото Свое!
38. Дај правда на сиракот и на смирениот, па да престане човекот на земјата да задава страв.

Псалм 10

Жалење поради недостиг на Божја помош

1. На Господа се надевам, зошто да ѝ речете на душата моја: „Одлетај во гората своја како птица?”
2. Но ете грешниците, го затегнаа лакот, ја притегнаа стрелата своја на тетивата, па од мрак да стрелаат на чистите по срце.
3. Ти што си направил, тие го разрушија; што може праведникот да прави? Господ е во својот свет храм.
4. Господ е на престолот небесни; очите Негови гледаат на сиромавиот, веѓите Негови ги испитуваат синовите човечки.
5. Господ го испитува праведникот, а безбожникот, и оној што сака неправда, ја мрази душата своја.
6. На грешниците ќе пушти дожд од разгорен јаглен, оган и сулфур, а силен ветар ќе им биде дел во чашата нивна.
7. Зашто Господ е праведен, ја сака правдата: лицето Негово ќе го гледаат праведниците.

Псалм 11

Молитва за помош

1. Спаси ме, Господи, зашто не остана праведен, зашто се намалија верните меѓу синовите човечки.
2. Суета му кажуваат секој на ближниот свој; од дволично срце устите зборуваат лага.
3. Нека ги истреби Господ сите соблазниви усти и јазик што се возвеличува;
4. оние што зборуваат: „Јазикот свој ќе го величаме; устата ни е со нас; кој е господар над нас?”
5. „Заради страдањата на сиромасите и офкањата на бедните ќе се кренам сега – вели Господ – ќе го спасам оној, кому сакаат да му напакостат.”
6. Зборовите на Господа се зборови чисти, сребро во оган исчистено од земја, седумпати пречистено.
7. Ти, Господи, ќе нè одбраниш и ќе нè запазиш од овој род и довека.
8. Нечестивите одат наоколу; според возвишеноста Своја многу си им допуштил на синовите човечки.

Псалом 12

Безнадежна состојба и молитва за помош

1. До кога, Господи, сосема ќе ме забораваш, до кога ќе го одвраќаш лицето Свое од мене?
2. До кога ќе размислувам во душата своја, и ќе жалам во срцето свое дење и ноќе? До кога непријателот мој ќе се издига над мене?
3. Погледај, чуј ме, Господи, Боже мој! Просвети ги очите мои, за да не заспијат некако со сон смртен;
4. да не рече непријателот мој: „го надвив.” Гонителите мои ќе се зарадуваат, ако почнам да премалувам.
5. Јас, пак, се надевав на Твојата милсот; срцето мое ќе се зарадува заради спасението од Тебе; ќе му пеам на Господа, Кој ми направи добрини и ќе го воспевувам името на Севишниот Господ.

Псалм 13

Воздишки за помош од Господа

1. Рече безумниот во срцето свое: „Нема Бог.” Се развратија луѓето, извршија гнасни дела, нема кој да прави добро.
2. Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки, за да види, има ли кој Го разбира и Го бара Бога.
3. Сите се застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема дури ниеден.
4. Зар нема да се вразумат сите, што вршат беззаконие, кои така го јадат народот Мој, како што јадат леб, и кои не го призовуваат Господа.
5. Таму ќе се уплашат тие од страв, каде што нема страв, зашто Господ е во родот на праведните.
6. Вие се подигрувате со сиромашниот, но Господ е негова надеж.
7. Кој ќе му даде од Сион спасение на Израилот? Кога Господ ќе ги врати заробените од Својот народ, тогаш нека се зарадува Јаков, и нека се развесели Израилот.

Псалм 14

Кој е достоен да стои пред Бога

1. Господи, кој може да престојува во Твоето живеалиште? Кој може да се настани во Твојата Света Гора?
2. Оној, што оди непорочно, што врши правда и во срцето свое говори вистина.
3. Кој не клевети со јазикот свој, не прави зло на ближниот свој и не го навредува ближниот свој;
4. ништожен е пред него оној што е злобен; Господ ги слави оние, што се бојат од Него; кој кога се колне на својот ближен, не порекнува;
5. кој не го дава среброто свое со лихва и не прима поткуп против невин. Кој така постапува, нема никогаш да се поколеба.

Псалм 15

Добро наследство на светиите

1. Пази ме Господи, зашто на Тебе се надевам.
2. Му реков на Господа: „Ти се Господ мој: моите добра Тебе не ти сè потребни.
3. На светиите, кои се на земјата Негова, им направи многу добрини и сè што сакаат да имаат.
4. Се намножија немоќта на оние, што одат кон крвави жртви; јас нема да ги принесувам нивните крвави приливи и со устата своја нема да ги спомнам нивните имиња.
5. Господ е дел на моето наследство и од чашата моја. Ти си Оној Кој го воспоставува наследството мое.
6. Меѓите ми паднаа на најубавото; зашто наследството ми е најубаво.
7. Ќе го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па дури и ноќе ме учи мојот внатрешен глас.
8. Секогаш Го гледав пред себе Господа, зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поколебам.
9. Заради тоа се возрадува срцето мое, и воскликна јазикот мој; па дури и телото мое ќе
почива во надеж,
10. оти Ти нема да ми ја оставиш душата моја во пеколот, ниту, пак, светецот Твој да види
распаѓање.
11. Ти ми ги покажа патиштата на животот: со радост ме исполнува Твоето лице; вечно блажеснтво е во Твојата десница.

Псалм 16

Праведникова молитва

1. Услиши ја, Господи, правдата моја, чуј го гласот на молбата моја, прими ја молитвата моја што не излегува од лажлива уста.
2. Од Твоето лице нека излезе судот за мене; очите мои нека ја видат вистината.
3. Ти го искуша срцето мое, ме посети ноќе; со оган ме провери и не нејде неправда во мене.
4. Човечки дела нека не зборува устата моја; поради зборовите на устата Твоја чекорев по патиштата тешки.
5. Утврди ги стапките мои на патиштата Твои, за да не ослабнат нозете мои.
6. Кон Тебе викам, зашто Ти ќе ме чуеш, Боже; приклони го увото Свое кон мене, и чуј ги зборовите мои.
7. Покажи ја чудесната милост Твоја, Ти, кој ги избавуваш оние што се надеваат на Тебе – од оние што се противат на Твојата десница.
8. Пази ме како зеница на окото; засолни ме под сенката на Твоите крила,
9. од лицето на нечестивите, кои ме напаѓаат – од непријателите на душата моја, што ме опкружуваат:
10. тие срцето свое го затворија, наоколу со устата своја – гордо зборуваат.
11. Гонејќи ме, сега ме опколуваат; тие ги управија очите свои, за да ме соборат на земја;
12. тие се како лав, подготвен за лов и како лавче, кое стои во потајни места.
13. Стани, Господи, пресретни ги и обори ги; спаси ја душата моја со Својот меч од нечестивиот;
14. од оние, Господи, кои ги има малку на земјата – раздели ги во нивниот живот, и од она што е сокриено Твое ќе се наполни стомакот нивни; откако се наситија синовите нивни, од вишокот оставија и за децата свои.
15. А јас пред лицето Твое ќе се покажам во правда, ќе се наситам кога ќе ми се покаже славата Твоја.

Псалм 17

Благодарност за чудесното спасение

1. Ќе Те возљубам, Господи, крепост моја!
2. Господ е моја тврдина и прибежиште мое, мој избавител, Бог мој, помошник мој; и ќе се надевам на Него; Он е мој заштитник, сила на спасението мое и заштитник мој.
3. Ќе Го призовувам и ќе Го прославувам Господа, и ќе се спасам од непријателите свои.
4. Смртни маки ме обзедоа, и потоци од беззаконија ме вознемирија;
5. пеколни болести ме опколија, смртини стапици ме стегнаа.
6. Во притеснение Го повикав Господа и кон мојот Бог извикав. И Он од Својот свет храм го чу гласот мој, и мојот вик стигна до Неговиот слух.
7. Се затресе и се разниша земјата; затреперија и од темел се поместија горите, зашто Господ се разгневи;
8. се крена дим од гневот Негов и од лицето Негово оган пламна; кој проголтува си; разгорени јаглења отскокаа од Него.
9. Ги приклони Он небесата и слезе, – а мрак падна под нозете Негови.
10. И седна на херувими, па полета и се понесе на ветерните крилја.
11. Од мракот направи Свој заклон, и сенка околу Себе – темна вода во воздушните облаци.
12. Од молскање бегаа од Него облаците, градот и огнените јаглења.
13. И загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас: град и разгорени јаглења.
14. И ги пушти стрелите Свои и ги распрсна, ги умножи молњите – и ги растури.
15. И се појавија извори водни, и се открија основите на вселената од страшниот глас Твој, Господи, од здивот на гневот Твој.
16. Он посегна од висините, и ме прифати, па ме извлече од многуте води.
17. А ќе ме избави од силните мои непријатели и од оние кои ме мразат, од оние што се посилни од мене.
18. Тие се кренаа против мене во денот на мојата несреќа, но Господ беше потпора моја.
19. Ме изведе Он на пространо место и ме избави, зашто ме засака.
20. Ми воздаде Господ според мојата правда, и според чистотата на моите раце ме вознагради,
21. зашто ги запазив патиштата на Господа и не се оддалечив од мојот Бог;
22. оти сите заповеди Негови се пред мене, и наредбите Негови не ги отстранив од себе.
23. Ќе бидам непорочен пред Него и ќе се пазам од беззаконија.
24. И ќе ми воздаде Господ според мојата правда, и по чистотата на рацете мои пред очите Негови.
25. Со светиите Ти постапуваш свето, со невин човек – си благ,
26. со чистиот – чисто, а со лукавиот – според неговото лукавство,
27. зашто Ти ги спасуваш угнетените и гордите ќе ги понизиш.
28. Оти Ти го осветлуваш моето светило, Господи; мојот Бог ја осветлува темнината моја;
29. Ти ќе ме избавиш од искушенијата, и со мојот Бог, и ѕид ќе прескочам.
30. Бог мој, непорочен е Неговиот пат, Господовите зборови со оган се пречистени; Он е заштитник на сите, кои се надеваат на Него.
31. Зашто, кој е Бог, освен Господа, и кој е Бог освен нашиот Бог?
32. Бог е Оној Кој ме препашува со сила и ми поставува непорочен пат;
33. ми ги прави нозете како на елен и ме поставува на височини;
34. ми ги обучува рацете за борба, и мускулите мои ги прави да затегнуваат бакарен лак.
35. Ти ми даде заштита за моето спасение, Твојата десница ме прифати, и Твоето воспитување ме исправи до крај; и тоа ќе ме научи.
36. Ти ги рашируваш чекорите мои под мене, и нозете мои не се заморуваат.
37. Ќе ги гонам непријателите мои и ќе ги стигнам, и не се враќам, додека не ги победам;
38. ќе ги притиснам, и тие не ќе можат да опстанат, ќе паѓаат под нозете мои,
39. зашто Ти ме препаша со сила за борба и ги покори пред мене оние, што станаа против мене;
40. Ти ги натера во бегство непријателите мои, и ги истреби сите оние, што ме мразат;
41. тие повикаа, но нема кој да ги спаси: и кон Господа, – но Он не ги чу;
42. ќе ги иситнам како прав на ветар, ќе ги газам како кал по патиштата.
43. Ќе ме избавиш од народ бунтовен, ќе ме поставиш за поглавар над народ, чии чуѓе не познавав, и тие сега ќе ми служат;
44. само по слух за мене ме слушаат туѓинците и ми се покоруваат;
45. туѓинците бледнеат и треперат, излегувајќи од своите градови.
46. Жив е Господ, и нека е благословен мојот Бог! И нека се превознесува Бог на моето спасение.
47. Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите,
48. Избавител од моите гневни непријатели! Ќе ме возвисиш над оние, што стануваат против мене, и ќе ме избавиш од човек неправеден.
49. Поради тоа Те исповедам пред народите, Господи, и ќе го воспевувам името Твое;
50. Ти Кој величествено го спасуваш царот Свој и му правиш милост на Твојот помазаник Давида и на потомството негово – довека.

Псалм 18

Божјата слава е во создавањето и законот Негов

1. Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески.
2. Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива.
3. Нема јазик, ниту, пак, говор, во кој не се слуша нивниот глас.
4. Нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиштата на вселената. На сонце го поставил Своето живеалиште;
5. и излегува како младоженец од брачното легло, се радува како исполин, минувајќи по патот свој:
6. од крајот на небесета е излезот негов, и патувањето негово до другиот крај; ништо не е сокриено од топлината негова.
7. Непорочен е законот на Бога – душите ги укрепува; верно е откровението на Господа – ги учи припростите,
8. и Господовите повелби се праведни – го веселат срцето; Господовата заповед зрачи светлина; ги просветлува очите.
9. Стравот Господов е чист – пребива довека; судовите Господови се вистина – сите се праведни;
10. поскапи се од злато и од скапоцени камења – послатки се од восочен мед.
11. Слугата Твој ги пази; а кој ги пази голема награда добива.
12. Кој може да ги согледа своите грешки? И од оние тајни очисти ме,
13. и од туѓите запази го слугата Твој, за да не овладеат со мене. Тогаш јас ќе бидам непорочен и ќе бидам очистен од големите престапи.
14. Зборовите на устата моја и помислите на срцето мое нека бидат благоугодни пред Тебе, Господи, помошнику мој и избавителе мој!

Псалм 19

Молитва за победа
Увереност во Божјата помош

1. Нека те услиши Господ во тежок ден, да те заштити името на Бога Јаковов.
2. Да ти испрати помош од Светилиштето и од Сион да те поткрепи.
3. Нека си спомни за секоја твоја жртва; и сепалениците твои да бидат примени.
4. Да ти го даде Господ и она што ти срце сака; и сите твои помисли да ги исполни.
5. Ќе се зарадуваме на твоето спасение и во името на нашиот Бог ќе се издигнеме. Да ги исполни Господ сите твои молби.
6. Сега знам дека Господ го спасува Својот помазаник, го слуша од светите Свои небеса; спасението е во силата на Неговата десница.
7. Едни – со коли, други – со коњи, а ние со името на Господа, нашиот Бог, се фалиме:
8. тие се препнаа и паднаа, а ние се кренавме и стоиме прави.
9. Господи, спаси го царот и услиши нè кога Ти се молиме!

Псалм 20

Благодарност за победите во минатото

1. Господи, со Твојата сила ќе се весели царот и за спасението од Тебе безмерно ќе се радува.
2. Ти му даде, она што срцето негово посака, и молбата на устата негова не ја отфрли,
3. зашто Ти го пресретна со добри благослови, му возложи на главата венец со скапоцени камења.
4. Тој побара од Тебе живот, а Ти му даде долголетие во веки веков.
5. Голема е славата негова поради спасението од Тебе; Ти го покри со чест и величие.
6. Ќе положиш на него вечен благослов, развеселувајќи го со радоста на лицето Твое,
7. зашто царот се надева на Господа и во милоста на Севишниот не се сомнева.
8. Раката Твоја ќе ги најде сите Твои непријатели, десницата Твоја ќе ги најде сите што Те мразат.
9. Кога ќе се разгневиш, ќе ги направиш како огнена печка; гневот Господов ќе ги погуби, и оган ќе ги проголта.
10. Ти ќе го уништиш плодот нивни од земјата, и семето нивно – меѓу човечките синови,
11. зашто смислија против Тебе зло, се договорија, но не можеа ништо да направат.
12. Ти ќе ги поставиш како цел, а од Твоите лакови ќе пуштиш стрели во лицето нивно.
13. Издигни се, Господи, со Твојата сила: ние ќе ја воспеваме и ќе ја прославуваме Твојата моќ.

Псалм 21

Пророштво за страдањата и
славата на Месијата

1. Боже мој, Боже мој, почуј ме; зошто ме остави? Далеку се од спасението мое зборовите со кои паѓам во грев.
2. Боже мој! Те призивам дење – и Ти не слушаш, и ноќе – и нема мир за мене.
3. Но Ти живееш во Светилиштето Свое – опкружен со пофалби од Израилот.
4. На Тебе се надеваа татковците наши; се надеваа и Ти ги избави;
5. кон Тебе викаа, и се спасуваа; на Тебе се надеваа, и не се посрамија.
6. Јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот.
7. Сите, што ме гладаа, ми се подбиваа; нишајќи ги главите, велеа:
8. „Тој се надеваше на Господа, нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден.”
9. Но Ти ме подигна од утробата, стана надеж моја преку млекото мајчино.
10. Кон Тебе сум приврзан уште од зачнувањето мое; од утробата на мајката моја Ти си мој Бог.
11. Не отстапувај од мене, зашто неволјата е близу, а нема кој да ми помогне.
12. Многу телиња ме обиколија, дебели јунци ме опкружија,
13. ја отворија устата против мене како лав, кој го раскинува својот плен и рика.
14. Јас се разлеав како вода; сите мои коски се разглобија, срцето мое стана како восок, се топи во моите гради.
15. Силата моја се исуши како цреп, јазикот ми се залепи за непцата, во смртоносен страв ме фрли.
16. Кучињата многу ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене; ми ги пробија рацете и нозете.
17. Се броеја сите коски мои, а тие гладаа и ме презираа;
18. ги разделија меѓу себе алиштата мои и за облеката моја фрлија жреб.
19. Но Ти, Господи, не оддалечувај се од мене! Сило моја! Побрзај ми на помош!
20. Избави ја од меч душата моја, и од пците еднородната моја;
21. Запази ме од устите лавовски и од роговите на еднорогите, спаси ја мојата смиреност.
22. Ќе го објавувам името Твое на браќата свои, сред собранието ќе Те фалам.
23. Вие, што се плашите од Господа, восфалете Го. Целото семе Јаковово нека Го прославува; нека се бои од Него целото семе Израилево,
24. зашто Он не ја презре ниту ја одби молитвата на страдалникот, не го сокри лицето Свое од мене, а ме послуша кога Те повикав.
25. За Тебе е похвалата моја, во великото собрание; ќе ги исполнам ветувањата свои пред оние што се плашат од Него.
26. Ќе јадат сиромасите и ќе се најадат, ќе го фалат Господа оние што Го бараат; ќе живеат срцата нивни довека!
27. Ќе се сетат и ќе се обрнат кон Господа сите земни краишта, и ќе се поклонат пред Тебе сите племиња на народите,
28. зашто царството е на Господа, и Он е владетел над народите.
29. Ќе јадат и ќе се поклонат сите силници на земјата; пред него ќе паднат сите што слегуваат во земјата. А душата моја ќе живее за Него.
30. Потомството мое ќе Му служи и ќе се наречува Господово довека;
31. тоа ќе им ја соопштува на луѓето, што ќе се родат, правдата Негова, зашто сето тоа Господ го создал.

Псалм 22

Господ е Пастир наш
Господ е добриот Пастир

1. Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува,
2. Он ме пасе на плодни пасишта и ме води на тихи води,
3. ја поткрепува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое.
4. Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезал и Твојата палка ме успокојуваат.
5. Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои, си ја помазал главата моја со елеј; и чашата твоја ме напојува со блаженство.
6. И милоста Твоја така да ме придружува преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни.

Псалм 23

Свечено влегување на
Великот Цар во Светилиштето

1. Господова е земјата и она што ја исполнува вселената е сè што живее на неа,
2. зашто Он ја основа врз морињата, и на реки ја утврди.
3. Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на Неговото свето место?
4. Оној, чии раце се невини и чие срце е чисто, кој не се колнел во душата своја напразно и не го спомнувал лажливо името Господово пред ближниот свој, –
5. тој ќе добие благослов од Господа и милост од Бога, Својот Спасител.
6. Таков е родот на оние што Го бараат Господа, кои Го бараат Бога Јаковов!
7. Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата!
8. Кој е тој Цар на славата? – Крепкиот и силниот Господ, силниот во војна Господ.
9. Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата!
10. Кој е Царот на славата? – Господ над војските – Он е Цар на славата!

Псалм 24

Молитва за заштита

1. Ког Тебе, Господи, ја издигнувам душата своја.
2. Боже мој, на Тебе се надевам, да не се посрамам довека, да не ме исмејуваат непријателите мои,
3. да не се засрамат оние што се надеваат на Тебе; да се посрамат оние, што вршат беззаконија без причина.
4. Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои.
5. Упати ме кон Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден.
6. Спомни Си ги штедростите Твои, Господи, и милостите Твои, зашто се вечни.
7. Гревовите на младоста моја и незнаењето мое не ги споменувај; по милоста Своја сети се на мене, заради Твојата доброта, Господи!
8. Благ и праведен е Господ, грешниците ги изведува на пат,
9. ги упатува кротките кон правда и ги учи кротките на Своите патишта.
10. Сите патишта Господови се милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и откровението Негово.
11. Заради Твоето име, Господи, прости ми го гревот мој, зашто е голем.
12. Кој човек е тој што се плаши од Господа? Нему Он ќе му покаже кој пат да избере.
13. Неговата душа ќе почива во добро, неговото семе ќе ја наследи земјата.
14. Близок им е Господ на оние што се плашат од Него; ним им го открива заветот Свој.
15. Очите мои секогаш се кон Господа, зашто Он ги вади од стапица нозете мои.
16. Погледни на мене и смилуј се на мене, зашто сум самотен и во мака.
17. Скрбите на срцето мое се умножија; извади ме од неволјите мои.
18. Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои.
19. Погледај ги моите непријатели, колку многу се намножија и колку многу ме мразат.
20. Запази ја душата моја и избави ме, за да не се посрамам, зашто на Тебе се надевам.
21. Непорочноста и правдата нека ме учат, зашто на Тебе се надевам, Господи.
22. Избави го, Боже, Израилот од сите невојли негови.

Псалм 25

Молитва за спасение во простота

1. Суди ме, Господи, бидејќи одев непорочно и, надевајќи се на Господа, нема да се поколебам.
2. Искушај ме, Господи, испитај ме; отвори ги утробата моја и моето срце.
3. Твојата милсот е пред очите мои, а јас одам во Твојата вистина,
4. со луѓе суетни не седев и со престапници на законот Твој нема да отидам;
5. го намразив собиралиштето на злонамерните; со нечестивите нема да седнам;
6. ќе ги мијам рацете свои во невиноста и ќе го заобиколувам жртвеникот Твој, Господи,
7. за да ја разгласувам похвалата Твоја и да ги раскажувам сите Твои чудеса.
8. Господи, го засакав живелиштето на Твојот дом и местото каде што пребива и славата Твоја.
9. Не погубувај ја душата моја со грешници и животот мој со луѓе крвници,
10. во чии раце има беззаконие, чија десница е полна со поткупи.
11. Јас, пак, одам во својата непорочност, избави ме, Господи, и помилуј ме.
12. Ногата моја стои на прав пат, во собранијата ќе Те благословувам, Господи.

Псалм 26

Во Божјата близина страв нема

1. Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се бојам? Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе се плашам?
2. Кога се приближија до мене злобни противници и непријатели, за да го изедат телото мое, ослабнаа, се сопнаа, и паднаа.
3. И полк да се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе се надевам на Него;
4. само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм,
5. зашто во злочест ден Он би ме сокрил во Својата скинија, би ме сокрил под покривот на своето живеалиште; би ме искачил на карпа.
6. Тогаш главата моја ќе се издигне над непријателите што ме опкужуваат; и јас ќе принесам во скинијата Негова жртва поради радоста, па ќе пеам и ќе го фалам Господа.
7. Чуј го, Господи, гласот мој, бидејќи кон Тебе викам помилуј ме и услиши ме.
8. Срцето мое ги повторува Твоите зборови: – Барај го лицето Мое; и јас го барам лицето Твое, Господи.
9. Не сокривај го од мене лицето Свое; не го одбивај во гневот слугата Твој. Биди мој помошник; не отфрлувај ме и не ме оставај, Боже, Спасителе мој!
10. Зошто татко ми и мајка ми ме оставија, но Господ ме прими.
11. Научи ме, Господи, на Твојот пат и упати ме по патеката на правдата, поради непријателите мои;
12. не ме предавај на своеволноста на непријателите, зашто востанаа против мене лажни сведоци и дишат злоба.
13. Но јас верувам, дека ќе ја видам Господовата благост во земјата на живите.
14. Надевај се на Господа, биди мажествен; нека е цврсто срцето твое; надевај се на Господа.

Псалм 27

Молитва за спасение од грешници

1. Кон Тебе, Господи, викам: не биди безгласен кон мене, та да не заприлегам при Твоето молчење на оној што слегува во гроб.
2. Чуј го гласот на молитвите мои, кога Ти се молам, кога кревам раце кон Твојот свет храм.
3. Не вбројувај ме меѓу нечестивци и злосторници, кои со ближните свои говорат за мир, а во срцето имаат зло.
4. Подај им, Господи, според нивните дела, според нивните лоши постапки; според делата на нивните раце, подај им го она што го заслужиле.
5. Зашто не ги разбраа делата на Господа, ниту делата на рацете Негови; Он ќе ги сосипе и нема да ги подигне.
6. Благословен Господ, зашто Он го чу гласот на молитвите мои.
7. Господ е крепост моја и штит мој; на Него се надеваше срцето мое и Он ми помогна; затоа се зарадува срцето мое и Јас ќе го прославувам со сето мое срце.
8. Господ е крепост на Својот народ и заштитник за спасението на Својот помазаник.
9. Спаси го народот Свој и благослови го наследството Твое; паси ги и издигај ги довека!

Псалм 28

Гласот на Господа е во бурата

1. Принесете Му на Господа, синови Божји, принесете Му на Господа јаганца, принесете Му на Господа слава и чест,
2. принесете Му слава на Господа и на името Негово, поклонете Му се на Господа во Неговиот свет двор.
3. Гласот Господов е над водите; Бог на славата загрми, Господ е над многу води.
4. Гласот Господов е во силата, гласот Господов е во велелепието.
5. Гласот Господов крши кедри; ќе ги скрши Господ кедрите ливански,
6. и направи како теле да потскокнува Ливан, а Сирион – како младо биволче.
7. Гласот Господов сече како огнен пламен.
8. Гласот Господов ја потресува пустињата; ќе ја затресе Господ пустињата Кадес.
9. Гласот Господов ги ослободува бремените кошути и ги оголува горите; и во храмот Негов секој ја возвестува славата Негова.
10. Господ седи на престолот над потопот, и ќе седи Господ како цар довека.
11. Господ ќе му даде сила на Својот народ, Госод со мир ќе го благослови народот Свој.

Псалм 29

Благодарствена молитва за спасение од смртта

1. Ќе Те вознесувам, Господи, затоа што ме прифати и не допушти непријателите мои да се радуваат над мене.
2. Господи, Боже мој, повикам кон Тебе, и Ти ме исцели.
3. Господи, Ти ја изведе душата моја од пеколот и ме спаси од оние што слегуваат во гроб.
4. Пејте Му на Господа, праведници Негови, и исповедајте Го, сеќавајќи се на Неговата светост,
5. зашто гневот Му е во јароста Негова, а животот – во милоста Негова: навечер настанува плач, а изутрина голема радост.
6. И јас си реков во изобилието мое: „Нема да се поколебам довека.”
7. Господи, според волјата Твоја подај ѝ на добрината моја сила; но Ти го сокри лицето Свое, и јас се збунив.
8. Тогаш кон Тебе, Господи, повикав и не мојот Бог, му се помолив:
9. „Каква полза од крвта моја, кога ќе слезам во гроб? Ќе ја исповеда ли правот, ќе ја објави ли тој вистината Твоја?”
10. Ме услиши Господ, и ме помилува, и Господ стана помошник мој.
11. Ти ја претвори тагата моја во радост, го симна од мене костретот и ме препаша со веселба,
12. за да Те слави душата моја и да не замолкнам; Господи, Боже мој, вечно ќе те славам!

Псалм 30

Молитва за помош во немирни времиња

1. На Тебе, Господи, се надевам, за да не се посрамам довека; поради правдата Своја спаси ме и очисти ме.
2. Приклони го увото Твое кон мене, побрзај да ме избавиш. Биди ми Бог заштитник и прибежиште, за да се спасам.
3. Зашто Ти си крепост моја и прибежиште мое, заради името Твое поведи ме и управувај со мене.
4. Изведи ме од оваа стапица, која потајно ми ја поставија, зашто Ти си мој заштитник.
5. Во Твоите раце го предавам духот свој; Ти си ме спасувал, Господи, Боже на вистината.
6. Не ти се мили оние што пазат суетни работи, но јас се надевав на Господа.
7. Ќе се радувам и ќе се веселам поради Твојата милост, зашто Ти погледна на смиреноста моја и ја спаси од мака душата моја,
8. и не ме предаде во рацете не непријателите мои; нозете мои ми ги постави на чистина.
9. Помилуј ме, Господи, зашто сум притеснет од скрб: се помрачија во јароста окото мое, душата моја и утробата моја.
10. Премале од жал животот мој, и годините мои – од воздишки; изнеможе силата моја, и страв во коските мои ме опфати.
11. Пред сите непријатели мои станав за прекор, дури и пред соседите мои, а и плашило за познатите мои; оние што ќе ме видат на пат, бегаат од мене.
12. Заборавен како мртовец сум во срцата на луѓето; станав како скршен сад,
13. биедејќи чув дека мнозина околу мене погубно шетаат, и кога ќе се соберат заедно, се договораат и душата моја да ми ја одземат.
14. Јас, пак, се надевам на Тебе, Господи, и си реков: Ти си мој Бог.
15. Дните мои се во Твоите раце; избави ме од рацете на непријателите мои и од гонителите мои.
16. Нека засветли лицето Твое над слугата Твој; спаси ме со Твојата милост.
17. Господи, не допушти да се посрамам, поради тоа што кон Тебе повикав; нечестивите нека се посрамат и нека замолкнат во пеколот.
18. Да онемеат лажливите усти, што говорат лошо против праведникот со гордост и презрение.
19. Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои се бојат од Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои се надеваат на Тебе пред синовите човечки!
20. Ќе ги сокриеш под покривот на лицето Свое од човечките возбуди, ќе ги заклониш од нападите на јазиците противнички.
21. Нека е благословен Господ, зашто ја пројави кон мене Својата чудесна милост во утврдениот град!
22. Во малодушноста своја си реков: отфрлен сум од очите Твои; но Ти ги услиши гласот на молитвата моја, кога повикав кон Тебе.
23. Сакајте Го Господа, сите праведници Негови, зашто Господ бара вистина и им отплатува на оние, кои премногу гордо постапуваат.
24. Вие сите бидете силни и нека крепне срцето ваше што се надевате на Господа!

Псалм 31

Блаженство поради простени гревови

1. Блажени се оние, чии беззаконија им се простени, и чии гревови се покриени!
2. Блажен е оној човек, на кого Господ не му зема за грев, и во чија уста нема лукавство!
3. Затоа што замолкнав, се исушија коските мои од секојдневното мое воздишување,
4. бидејќи и дење и ноќе тежеше над мене раката Твоја, копнеев како на летен припек.
5. Но јас го познав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: „Ќе ги исповедам на Господа моите престапи,” и Ти ми го прости гревот мој.
6. Затоа секој праведник нека Ти се помоли навреме, и тогаш притисокот од многуте води нема да го достигне.
7. Ти си мое прибежиште од маката со која сум опкружен; радост моја голема, спаси ме од оние кои ме опколија.
8. „Ќе те вразумам,” – вели Бог – „ќе ти го покажам патот, по кој да одиш; ќе ги управувам очите Мои на тебе.”
9. „Не бивајте како коњ или како маска, кои немаат разум, чија челуст со узда и оглавник се скротува за да ти се покоруваат.”
10. Многу маки ќе го снајдат грешникот, но оној кој се надева на Господа, него милост ќе го опкружува.
11. Веселете се во Господа и радувајте се, праведници: радувајте се сите кое сте со чисти срца.

Псалм 32

Похвална песна за сесилниот Бог

1. Радувајте се, праведници, во Господа: на праведниците им прилега похвала.
2. Славете Го Господа со гусли, пејте Му на псалтир со десет жици,
3. пејте Му нова песна; пејте Му силно и со восклик,
4. зашто словото на Господа е право, и сите дела Негови се вистински.
5. Он сака милостиња и суд преведен; со милоста Господова е исполнета земјата.
6. Преку словото на Господа се зацврстија небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни.
7. Он ги собира како во мев морските води; бездните ги става во сокровишта.
8. Нека се бои од Господа целата земја; нека треперат пред Него сите жители во вселената,
9. зашто Он рече и тие настанаа; Он заповеда и се создадоа.
10. Господ ги руши помислите на незнабошците, ги спречува намерите нивни и ги сопира помислите на кнезовите.
11. А замислата Господова вечно постои; мислите на срцето Негово преминуваат од род во род.
12. Блажен е оној народ, на кој Господ му е Бог, и луѓето, кои Он ги избрал за наследството Свое.
13. Од небесата погледа Господ, ги виде сите синови човечки;
14. од престолот, на кој седи, погледна на сите, кои живеат по земјата:
15. Он, Кој на сите ним им ги создал срцата, ги знае сите дела нивни.
16. Не го спасува царот голема војска; голема сила ни исполинот нема да го спаси.
17. Несигурен е коњот за спасување, со глемата сила своја не може никогаш да се избави.
18. Но, ете, очите Господови се врз оние, кои се бојат од Него и кои се надеваат на милоста Негова,
19. дека Он ќе ја спаси душата нивна од смрт и во време на глад ќе ги прехрани.
20. Душата наша се надева на Господа: зашто Он е наш помошник и наш заштитник,
21. зашто во Него ќе се весели срцето наше; оти на името Негово свето се надеваме.
22. Милоста Твоја нека биде над нас, Господи, онака како што Ти се надеваме.

Псалм 33

Треба да се слави помошта Божја и
човекот да се учи на страв Господов

1. Ќе го благословувам Господа во секое време; похвала за Него секогаш има во мојата уста.
2. Со Господа ќе се фали душата моја! Нека го чујат тоа кротките и нека се зарадуваат.
3. Возвеличете Го Господа со мене, и заедно да го превознесуваме името Негово.
4. Го побарав Господа, и Он ме чу и од сите опасности мои ме избави.
5. Пристапете Му и ќе се просветите, и лицата ваши нема да се посрамат.
6. Кога несреќниот вика, – Господ го услишува и го спасува од сите негови беди.
7. Ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува.
8. Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ! Блажен е оној човек, кој на Него се надева!
9. Бојте се од Господа, сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостига на оние кои се плашат од Него.
10. Осиромашеа и огладнеа богатите, а оние што Го побараа Господа, не ќе бидат лишени од
секакви добра.
11. Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да се боите од Господа.
12. Сака ли човек да живее и да види добри денови,
13. нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги,
14. нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него.
15. Очите на Господа се обрнати кон праведниците, и ушите Негови – кон молитвите нивни.
16. Но лицето на Господа и против оние што вршат зло; ќе го истреби од земјата споменот за нив.
17. Повикаа праведниците, и Господ ги услиши и ги спаси од сите маки нивни.
18. Блиску е Господ до оние со скрушено срце, и смирените по дух ќе ги спаси.
19. Бројни се маките на праведниците, но од сите нив Господ ќе ги избави.
20. Господ ги чува сите коски нивни; ниедна од нив нема да се строши.
21. Зла смрт го снаоѓа грешникот, а оние, што го мразат праведниот, ќе загинат.
22. Господ ќе ги спаси душите на слугите Свои, и никој од оние, кои се надеваат на Него, нема да погрешат.

Псалм 34

Молитва за спасение од пакосни непријатели

1. Пресуди им, Господи, на оние кои ме навредуваат, и собори ги оние што се борат против мене;
2. земи оружје и штит и дојди ми на помош;
3. извади го мечот и пресретни ги гонителите мои; кажи ѝ на душата моја: „Јас сум спасение Твое!”
4. Да се постидат и засрамат оние што ја бараат душата моја: нека се повратат и нека се посрамат, оние што ми мислат зло;
5. нека бидат како прав пред ветрот, и Ангел Господов да ги прогонува,
6. патот нивни нека биде темен и лизгав, и Ангел Господов да ги прогонува,
7. бидејќи без вина поставија тајна мрежа за моја пропаст, без вина ја навредија душата моја.
8. Нека дојде врз нив замка што не ја знаат и мрежата нивна, што ја поставија за мене, да ги улови самите нив; нека се сплеткаат во неа и нека загинат.
9. А мојата душа ќе се радува во Господа, ќе се весели поради спасението од Него.
10. Сите коски мои ќе речат: „Господи, кој е подобен на Тебе, Кој спасуваш слаб од силен,
беден и сиромав од грабителите нивни?”
11. Се кренаа против мене неправедни сведоци: и за она што не го знам ме сослушуваат;
12. ми враќаат зло за добро, и душата моја останува осамена.
13. А кога ми додеваа, јас се облекував во кострет, ја истоштував душата моја со пост, и молитвата ми се враќаше во градите мои.
14. Постапував така, како тој да беше ближен мој, мој брат; одев тажен со наведната глава; како оној што е загрижен и нажален, така се смирував.
15. А тие се зарадуваа и се собраа против мене, ми задаваа рани, а да не знам зошто, ме кинеа и не престануваа;
16. ме доведоа до искушение, ми се потсмеваа многу и со забите свои крцкаа против мене.
17. О, Господи, кога ќе го погледаш тоа? Оттргни ја душата моја од нивните злодела, мојата осамена душа – од тие лавови.
18. Ќе Те прославувам, Господи, на големо собрание, меѓу многуброен народ ќе Те восфалувам;
19. не допушти да се зарадуваат над мене оние, кои ми се непријатели без причина, кои ме мразат без вина и намигнуваат со очите.
20. Зашто за мир ми зборуваа тие, а во лутината своја смислуваа измами.
21. Ги отворија устите свои против мене, велејќи: „Добро! Добро! Очите наши видоа.”
22. Ти виде Госоди, немој да премолчиш; Господи, не отстапувај од мене!
23. Стани, разбуди се поради мојата правда, о Боже мој и Господи мој!
24. Пресуди ми според Твојата правда, Господи, Боже мој, та да не ликуваат оние над мене;
25. за да не речат во срцето свои: „Добро, добро за душата наша!” и да не кажат: „го проголтавме.”
26. Нека се постидат и засрамат сите, кои се радуваат на мојата несреќа; да се облчат во срам и позор, оние што се гордеат над мене.
27. Нека се зарадуваат и нека се развеселат, оние што ја сакаат мојата правда, и непрестајно нека велат: да се возвеличи Господ, Кој му пожелува мир на Својот слуга!
28. И јазикот мој ќе зборува за правдата Твоја и за Твојата похвала секој ден.

Псалм 35

Човековата расипаност и добрината Божја

1. Беззаконикот зборува во себеси – дека греши, нема страв Божји пред очите негови,
2. зашто тој се залажува себеси, место да го увиди своето беззааконие и да го намрази;
3. зборовите на устата негова се неправда и лукавство; тој не сака да се вразуми, и да врши добро;
4. на леглото свое си помислува беззконие, поаѓа на лош пат, од зло не се гнаси.
5. Господи, Твојата милост е на небесата, Твојата вистина – до облаците!
6. Твојата праведност е како горите Божји, а судовите Твои како голема бездна! И луѓе и добиток ќе спасиш Ти, Господи!
7. О колку обилно си ја пројавил Твојата милост, Боже! Синовите човечки ќе се надеваат под Твојата закрила;
8. тие ќе се наситат од изобилието на Твојот дом, и од потокот на Твојата красота ќе ги напојуваш;
9. зашто во Тебе е изворот на животот: во Твојата светлина ќе гледаме светлина.
10. Покажи ја милоста Своја кон оние кои Те познаваат, и правдата Своја кон оние со чисто срце;
11. да не ме згази ногата горда, и раката на грешникот да не ме поколеба.
12. Таму паднаа они, што вршат беззаконие; соборени се и не можат веќе да станат.

Псалм 36

Напредокот на безбожниците не треба
да ги ожесточува праведниците

1. Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие,
2. зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелено растение набргу ќе свенат.
3. Надевај се на Господа и прави добро; живеј на земјата и таа ќе те храни изобилно.
4. Утешувај се со Господа, и Он ќе ти даде срцето срцето твое што ќе посака.
5. Откриј го патот свој пред Господа и на Него надевај се и Он ќе изврши сè;
6. и ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја – како пладне.
7. Покори Му се на Господа и моли Го усрдно. Не жести се на оној, кој успева на патот свој, на човек кој врши беззаконие.
8. Престани да се гневиш и остави ја јароста, не жести се толку многу – самиот да не правиш зло,
9. зашто оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата.
10. Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш.
11. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир.
12. Грешникот ќе демнее на праведниот и ќе чкрта со забите против него,
13. но Господ ќе го измее, зашто однапред гледа, дека му се ближи крајот.
14. Грешниците ги вадат мачевите, го оптегнуваат лакот свој, за да го кутнат бедниот и сиромавиот, за да ги прободат оние, што се со чисто срце.
15. Но мечот нивни нека се забие во нивното срце, и лаковите нивни нека се скршат.
16. Малото богатство кај праведниот е многу подобро отколку големото богатство на грешниците.
17. Зашто мишките на грешниците ќе спласнат, а на праведниците Господ им ги поткрепува.
18. Господ ги знае патиштата на непорочните; и нивното наследство ќе биде вечно:
19. во зло време нема да бидат посрамени и во деновите на глад ќе бидат сити;
20. зашто грешниците ќе загинат, и непријателите Господови ќе ги снема заедно со нивната слава и величие; ќе исчезнат како дим.
21. Грешникот зема на заем и не може да врати, а праведникот е милостив и дава,
22. зашто оние, кои Господа Го благословуваат, ќе ја наследат земјата, а кои Го проколнуваат, ќе бидат истребени.
23. Господ ги завцрстува стапките на човекот и мили Му се неговите патишта:
24. кога треба да падне, нема да се разбие, зашто Господ ќе го држи.
25. Бев млад, веќе остарев, и не видов оставен праведник ниту потомците негови леб да просат;
26. тој секој ден знае да се смилува и на заем да дава, и потомството негово ќе биде благословено.
27. клони се од зло и прави добро, па ќе живееш вечно;
28. зашто Господ ја сака правдата и не ги остава праведниците Свои; нив вечно ќе ги чува. А беззакониците ќе бидат исфрлени и потомството на безбожниците ќе биде истребено.
29. Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно.
30. Устата на праведникот кажува мудрост, а јазикот негов изговара правда.
31. Законот на неговиот Бог е во срцето негово; стапките негови нема да се сопнат;
32. грешникот го демне праведникот и бара да го убие;
33. но Господ нема да го предаде во негови раце и нема да го осуди, кога ќе биде суден.
34. Надевај се на Господа и пази ги Неговите патишта; Он ќе те воздигне, за да ја наследиш земјата; и ќе го гледаш истребувањето на грешниците.
35. Видов страшен безбожник, кој се превознесуваше и издигаше како кедрите ливански.
36. Поминав и, ете, го нема; го побарав, и не го најдов.
37. Чувај ја незлобивоста и пази ја правдата, зашто наследството на таков човек е мир;
38. а безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре.
39. Спасението, пак, на праведниците доаѓа од Господа и Он е нивни заштитник во тешко време;
40. и ќе им помага Господ и ќе ги избави; ќе ги одбере од грешниците и ќе ги запази, зашто на него се надеваат.

Псалм 37

Животот на праведникот и безбожникот

1. Господи, во јароста Своја не карај ме и во гневот Свој не казнувај ме,
2. зашто стрелите Твое се забија во мене, и Твојата рака тежи врз мене,
3. За телото мое нема лек од Твојот гнев; во коските мои нема мир од гревовите мои;
4. зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа.
5. Смрдат и гнијат раните мои поради безумието мое.
6. Настрадав и се стопив сосема, цел ден натажен одам;
7. бидејќи одвнатре горам од оган, нема лек за телото мое.
8. Озлобен сум и прекумерно понизен; рикав поради воздишките на срцето Мое.
9. Господи, пред Тебе се сите мои желби, и мојата воздишка не е сокриена од Тебе.
10. Срцето ми се возбуди, и ме напушти силата моја, и светлината на очите мои, – и неа ја нема во мене.
11. Моите пријатели и моите ближни се приближија и не се доближија; застанаа подалеку од мене,
12. а оние што ја бараа душата моја, зборуваа лошо и без основа и секој ден кроеја сплетки;
13. а јас, пак, како глув не слушав и сум како нем, кој не ја отвора устата своја;
14. станав како човек, што не слуша и што во устата своја нема прекор,
15. зашто на Тебе, Господи, се надевав; Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој.
16. Оти си реков: да не се погордеат над мене моите неприајтели; и кога ми се поколебаа нозете мои, тие изговорија лоши зборови над мене.
17. Готов сум да паднам, и јадот мој секогаш е пред мене.
18. Беззаконието свое го признавам и ќе се смирувам поради гревот мој.
19. А непријателите мои живеат и сè посилни стануваат од мене, и се намножија оние што неправедно ме мразат,
20. па враќајќи ми зло за добро, бидејќи бев за правда, тие ме отфрлија како мртовец.
21. Не оставај ме, Господи, Боже мој, не отстапувај од мене;
22. побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителе мој!

Псалм 38

Молитва за утеха од Господа

1. Си реков: ќе пазам на патиштата мои, за да не згрешам со јазикот свој; се погрижив устата моја да е претпазлива додека е грешникот пред мене.
2. Онемев и се смирив, и замолкнав дури и за доброто; и јадот мој се обнови.
3. Пламна срцето мое во мене и додека размислувам оган ќе се разгори во мислите мои. Проговорив со јазикот свој:
4. кажи ми го, Господи, мојот крај, и колкав е бројот на моите дни, за да знам колку сум ништожен.
5. Ете, Ти си ми дал дни колку една педа, и векот мој е како ништо пред Тебе. И навистина, сè е суета, секој човек што живее.
6. Навистина, човек оди како сенка и залудно се возбудува; собира богатство, а не знае кому ќе му го остави.
7. И сега што да очекувам? Зар надежта моја не е во Тебе, Господи?
8. Спаси ме од сите беззаконија; си допуштил да бидам поруга на безумниот.
9. Занемев и не ја отворив устата, зашто Ти ме создаде.
10. Отстрани ги од мене ударите Твои, изнемоштувам од Твојата силна рака.
11. Преку казни заради беззаконија си го воспитал човекот и душата негова си ја расточила како пајажина. И залудно се возбудува секој човек.
12. Услиши ја, Господи, молитвата моја и почуј ја молбата моја; не биди безгласен како моите солзи, зашто сум туѓ во Тебе и придојден, како сите мои татковци.
13. Допушти ми да здивнам, пред да заминам и да ме нема веќе.

Псалм 39

Спасениот праведник му благодари на Бога

1. Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене и ја чу молитвата моја,
2. и ме изведе од длабината на јадот и од длабока тиња, па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои;
3. а во устата моја вложи нова песна – похвала на нашиот Бог. Мнозина ќе видат, и страв ќе ги опфати и ќе се надеваат на Господа.
4. Блажен е оној човек, чија надеж е името на Господа и не се загледува во ништожни работи и лажни воодушевувања.
5. Многу чудесни дела си направил. Господи, Боже мој, и по многуте мисли Твои кој може да се спореди со Тебе! Почнав да ги објавувам и да зборувам со нив, но тие број немаат.
6. Жртви и приноси Ти не побара, но телото ни го подготви; сепаленица и жртва за грев Ти не побара.
7. Тогаш реков; еве, идам; во книгата за мене е напишано;
8. одлучив да ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; и Твојот закон е во срцето мое.
9. ја објавувам Твојата правда во големото собрание; не ѝ бранев на устата моја; Ти го знаеш тоа, Господи.
10. Твојата правда не ја сокрив во срцето мое, ја објавив вистината Твоја и спасението Твое; и не је затаив Твојата милост и Твојата вистина од собранието.
11. Но, Господи, не отстранувај го милосрдието Твое од мене; Твојата милост и Твојата вистина ме пазеа постојано,
12. зашто зла безбројни ме опкружија; ме притиснаа беззаконијата мои, и не можев дури ни да гледам, – тие се повеќе од влакната на главата моја; а и срцето мое ме остави.
13. Благоволи, Господи, да ме избавиш; Господи, побрзај ми на помош.
14. Нека се засрамат и нека поцрвенат сите, кои бараат да ја погубат душата моја! Нека бидат вратени назад и нека бидат предадени на потсмев оние, кои ми сакаат зло.
15. Веднаш да си го понесат својот срам оние, кои сакајќи да ми се наругаат велат: „Добро, добро!”
16. Нека се зарадуваат и нека се развеселат во Тебе сите, кои Те бараат, и оние што сакаат спасение од Тебе непрестајно нека зборуваат: велик е, велик – Господ!
17. А јас сум сиромав и беден; Господ ќе се грижи за мене. Ти си помошник мој и заштитник мој, Боже мој, не задоцнувај.

Псалм 40

Жалење поради лоши непријатели
и неверни пријатели

1. Блажен е оној, што ги прегледува бедните и сиромасите! Во злочест ден Господ ќе го избави.
2. Господ нека го запази и нека го заштити и ублажи животот негов на земјата; и да не го предаде во рацете на непријателот негов.
3. Господ нека му помогне кога лежи болен в постела. Ти ја изменуваш целата постела негова при болеста негова.
4. Реков: „Господи, смилуј се на мене, излекувај ја душата моја, зашто згрешив пред Тебе.”
5. Непријателите мои зборуваат лошо за мене: „Кога ќе умре, и кога ќе загине името негово?”
6. И ако некој дојде да ме види, говори лага; неговото срце собира неправда во себе, и тој, штом ќе излезе надвор, расправа.
7. Сите мои непријатели шепотат меѓу себе против мене, помислувајќи ми зло:
8. „За законопрестапен збор ме набедија; кој еднаш легне веќе нема да стане.”
9. Дури и човекот, кој беше во мир со мене и на кого се надевав, кој јадеше мој леб, ја крена ногата против мене.
10. А Ти, Господи, помилуј ме, исправи ме, та да им возвратам.
11. По тоа ќе дознаам, дека сум ти мил, кога непријателот мој нема да се погордее над мене;
12. а мене, пак, ме прифати цел поради мојата незлобивост и ме зацврсти пред Себе вечно.
13. Нека е благословен Господ, Бог Израилев, од века до век! Амин, амин!

ВТОРА КНИГА

Псалм 41

Чезнеење за светилиште во туѓа земја

1. Како што кошутата жеднее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе!
2. Душата моја жедува за силниот и живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо?
3. Солзите мои беа леб за мене и дење и ноќе, кога секој ден ми зборуваа: каде е твојот Бог?
4. Се сетив на тоа и ја излив душата своја, зашто ќе поминам низ места каде што е чудесната скинија – до Божјиот дом – при гласно воскликнување и прославување, како на голем празник.
5. Зошто тагуваш, душо моја, и зошто толку ме вознемируваш? Надевај се на Бога, бидејќи јас не Него се надевам, мојот Бог е мое спасение.
6. Се возбуди душата моја во мене, поради тоа ќе си спомнувам на Тебе до земјата Јорданска, од Ермон и од гората мала.
7. Бездна повикува бездна со гласот на Твоите водопади; сите Твои води и Твои бранови навалија на мене.
8. Дење Господ ќе ја покажува милоста Своја, а јас ноќе ќе Му пеам и ќе Му се молам на Бога на мојот живот.
9. Ќе му речам на Бога: Ти си мој застапник. Зошто ме заборави? Зошто одам нажален додека непријателот ме притискува?
10. Трошејќи ги коските мои, непријателите мои се подигруваат со мене, велејќи ми секој ден: каде е твојот Бог?
11. Зошто тагуваш, душо моја, и зошто ме вознемируваш? Надевај се на Бога, бидејќи Него јас пак ќе Го прославувам, мојот Бог е моето спасение.

Псалм 42

Молитва за заштита

1. Пресуди ми, Боже, и расправи ја тужбата моја против народот кој не е свет. Избави ме од неправеден и лукав човек.
2. Бидејќи Ти си крепост моја, Боже, зошто си ме отфрлил? И зошто одам така нажален додека непријателот ме мачи?
3. Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина да ме водат и да ме доведат во Твојата света гора и во Твоето живеалиште.
4. И ќе пристапам до Божјиот жртвеник, до Бога, Кој ја радува мојата младост. На цитра ќе Те славам, Боже, Боже мој!
5. Зошто тагуваш душо моја, и зошто ме вознемируваш! Надевај се на Бога, бидејќи пак ќе Го исповедам Него, Спасителот и мојот Бог.

Псалм 43

Молитва за помош

1. Боже, со ушите наши чувме, а татковците наши ни раскажуваа за делото што си го направил во нивните дни, во деновите древни.
2. Ти со Твојата рака си истребил народи, а нив си ги населил; си поразил луѓе и си ги изгонил;
3. бидејќи тие не со меч ја придобија земјата, и нивните мишки не ги спасиле, туку Твојата десница и Твојата мишка и светлината на Твоето лице, зашто Ти беа по волја.
4. Боже, само Ти си цар мој и Бог мој, Кој му извојува победа на Јакова.
5. Со Тебе, како со рогови, ќе ги избодеме нашите непријатели, и со Твоето име ќе ги уништиме оние, што востануваат против нас;
6. зашто јас нема да се надевам на мојот лак и мечот мој нема да ме спаси;
7. туку Ти ќе нè спасиш од непријателите наши и ќе ги посрамиш оние што нè мразат.
8. Со Бога ќе се фалиме секој ден и Твоето име вечно ќе го прославуваме.
9. Но сега Ти нè отфрли и нè посрами, па не излегуваш, Боже, со нашите војски;
10. нè сврти во бегство пред непријателите наши, и оние, што нè мразат, нè ограбуваа.
11. Нè предаде како овци да нè изедат и нè растури меѓу незнабошците.
12. Ефтино го продаде народот Свој и со тоа не ја крена цената негова;
13. нè предаде за презир кај соседите наши, за потсмев и хулење на оние, кои живеат околу нас;
14. нè направи за приказ меѓу незнабошците, и мнозина ја вртат главата.
15. Секој дена срамот мој е пред мене, и црвенило го покрива лицето мое,
16. од гласот на оној што се потсмева и од клеветникот, од непријателите и одмаздниците.
17. Сето тоа нè снајде нас, но ние не Те заборавивме, Тебе и не го нарушивме Заветот Твој.
18. И не отстапи срцето наше, и стапките наши не се отклонија од Твојот пат.
19. зашто нè порази во местото, каде што бевме озлобени и нè покри со смртна сенка.
20. Ако го бевме заборавиле името на нашиот Бог и да ги бевме протегнале рацете наши кон туѓ бог,
21. зар Бог тогаш немаше да испита за тоа? Зашто Он ги знае тајните на срцата.
22. Заради Тебе умираме секој ден, нè сметаат како овци определени за клање.
23. Рабуди се, зошто спиеш, Господи! Разбуди се, и не отфрлај нè засекогаш!
24. Зошто го одвраќаш лицето Свое, ја забораваш бедата наша и неволјата наша?
25. Бидејќи душата наша се понизи до прав, а утробата ни се прилепила на земјата,
26. стани, Господи, и помогни ни, избави нè поради името Твое.

Псалм 44

Во слава на Божјиот Помазаник
и Неговата невеста

1. Од срцето мое се излива благ збор; му зборувам на Царот за делата мои; јазикот ми е како трска на брзописец.
2. Ти си најпрекрасниот меѓу синовите човечки, благодат се излива од Твојата уста; затоа Бог Те благословил довека.
3. Препаши го на бедрото мечот Свој, о силнику: во Својата красота и убавина!
4. И така украсен, поитај и царствувај заради вистината, кротоста и правдата, и Твојата десница ќе покаже чудесни дела.
5. Изострени се Твоите стрели, о јунаку, народите ќе паднат пред Тебе, – тие ќе се забодат во срцата на царските непријатели.
6. Твојот престол, Боже, е вечен: жезлото на правдата е жезло на Твоето царство.
7. Ти ја засака правдата и го намрази беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог, Те помаза со елеј на радоста повеќе од Твоите соучесници.
8. Сите Твои облеки мирисаат на смирна, алој и касија; кога излегуваш од дворците од тешка слонова коска, во што наоѓаш радост.
9. Царски ќерки се во Твојата почесна придружба; царицата стои покрај Тебе оддесно во облека украсена и со злато проткаена.
10. Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој.
11. Зашто Царот ја посака твојата убавина, оти Он е твој Господар и приклони Му се тогаш ти.
12. И ќерката тирска ќе Му се поклони со подароци и најбогатите меѓу народот ќе те замолат.
13. Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато;
14. во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе,
15. ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец.
16. Место твоите татковци, овде ќе бидат твоите синови; Ти ќе ги поставиш за кнезови по целата земја.
17. Ќе го спомнуваат името Твое од род во род; затоа народите ќе Те слават од век до век.

Псалм 45

Бог е со нас
Он е наше прибежиште и сила

1. Бог ни е нам прибежиште и сила, помошник, на секој кој во мака ќе се најде.
2. Затоа нема да се уплашам, па макар и земјата да се разниша, и горите да се преместат во срцето морско.
3. Збучеа и се креваа водите нивни, се затесоа горите од жестината нивна.
4. Речните потоци го веселат Божјиот град, Севишниот го осветли живеалиштето Свое.
5. Бог е среде него; тоа нема да се разниша: Бог ќе му помогне уште пред зори.
6. Се збунија народите; се потресоа царствата; Севишниот го пушти Својот глас, и земјата се затресе.
7. Господ на силите е со нас, Јакововиот Бог е наш застапник.
8. Дојдете и видете ги делата Божји – чудесата што ги направи Он на земјата.
9. Прекратувајќи ги војните до крајот на земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби оружјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори.
10. Застанете и разберете дека Јас сум Бог; ќе се издигам над народите и ќе се превознесувам над земјата.
11. Господ на силите е со нас, Јакововиот Бог е наш застапник.

Псалм 46

Бог е Цар на целата земја

1. Заплескајте со рацете, сите народи воскликнете кон Бога со радосен глас;
2. зашто Севишниот Господ е страшен, Голем Цар е над целата земја.
3. Он ни покори под нозете луѓе и народи;
4. за Свое наследство ни ја избра красотата на Јакова, кого го возљуби.
5. Се издигна Бог при восклици, Господ се возвисува при трубен звук.
6. Пјете му на нашиот Бог, пејте; пејте му на нашиот Цар, пејте,
7. зашто Бог е Цар над целата земја; пејте Му мудро!
8. Бог се зацари над народите, Бог седи на светиот Свој престол;
9. незнабожечките кнезови се состанаа со Авраамовиот Бог, зашто земните силници кои Му припаѓаат на Бога, силни се подигнаа.

Псалм 47

Радоста на Сион поради
Божјата помош во војна

1. Голем е Господ и многу фален во градот на нашиот Бог, на Својата света гора.
2. Прекрасна возвишеност, радост на целата земја е гората Сион; на северната страна нејзина е градот на големиот Цар.
3. Бог, Кој е во Својот дворец, знаеме дека е заштитник.
4. Зашто, ете, се собраа царевите земни и сите дојдоа заедно,
5. па, откако видоа, се восхитија, се збунија и се поколебаа:
6. страв ги опфати таму, па се мачеа како жена родилка;
7. и со силен ветар ги разби тарсиските кораби.
8. Како што чувме, така и видовме во градот на Господа на силите, во градот на нашиот Бог: Бог го основа за довека.
9. Ја примивме, Боже, милоста Твоја среде храмот Твој.
10. Според името Твое, Боже, е и Твојата похвала до краиштата на земјата: Твојата десница е полна со правда.
11. Нека се весели гората Сион, и да се радуваат јудејските ќерки заради Твоите судови, Господи.
12. Одете околу Сион и обиколете го, прикажувајте во кулите негови.
13. Положете ги срцата свои во неговата моќ; разгледајте ги неговите дворци, за да му раскажете на идниот род.
14. Зашто овој Бог е наш Бог во сите векови: Он ќе ни биде пастир вечен.

Псалм 48

Привиден е напредокот на безбожниците
и нивната безумна надеж во богатството

1. Чујте го ова сите народи; внимавајте вие сите што живеете по вселената,
2. земнородни и синови човечки, како богатите така и сиромасите.
3. Устата моја ќе кажува мудрост, и мислата на срцето мое – поука.
4. Ќе го наклонам увото свое кон раскажувањето: со гусла ќе ја отркијам гатанката моја.
5. Зошто да се плашам во тешки денови, кога беззаконието на моите патишта ќе ме опколи?
6. Вие, што се надевате на силите свои и се фалите со големото богатство свое, чујте:
7. Братот не може да се искупи; а може ли човекот да се откупи? На Бога нема да му даде откуп за него,
8. ниту цена за откуп на душата своја.
9. Некој и ќе се намачи долго, ќе живее до крајот и пак ќе пропадне, кога ќе види дека и мурдите умираат.
10. Неразумните и безумните загинуваат заедно, а го оставаат богатството на други.
11. Тие си мислат, дека горбовите нивни се вечни, живеалиштата од род во род, така што земјите нивни ги носат имињата нивни.
12. И човек со почест ова не го разбира; па заприлегува на животните, со кое се поистоветува.
13. Тој нивни пат е нивна соблазна, иако потоа со својата уста убаво ќе зборуваат.
14. Тие се како овци затворени во пеколот, смртта им е пастир, и изутрина праведните ќе господарат над нив; но силата нивна ќе се истроши во пеколот од славата нивна.
15. Но Бог ќе ја спаси душата моја од раката на пеколот, кога ќе ме прими.
16. Не плаши се кога човек богатее, кога славата на домот негов расте;
17. зашто, умирајќи, ништо нема да земе, ниту, пак, славата негова ќе појде по него;
18. макар што при животот негов душата негова ја ублажуваат, а тебе те фалат кога си угодуваш;
19. ќе отиде дури во родот на своите татковци, нема никогаш да види светлина.
20. Човек, кој неразумно живее, сличен е на животните.

Псалм 49

Вистинско богослужење

1. Бог над боговите, Господ, говори и ја повикува земјата од сончевиот изгрев до запад.
2. Од Сион, кој е врв на убавината, ќе се појави Бог;
3. иде нашиот Бог, и ќе прозбори; пред Него оган ќе се разгори, околу Него бура.
4. Одозгора Он ќе ги повика небото и земјата, за да му суди на Својот народ:
5. Соберете ги при Него светиите Негови, кои се заветуваа како жртва за Него.
6. И небесата ќе ја огласат Неговата правда, зашто Бог е судија.
7. Чуј, народе Мој, и Јас ќе ти говорам, Израиле, ќе сведочам против тебе: Јас сум Бог, Твој Бог.
8. нема да те прекорувам поради твоите жртви; твоите сепаленици секогаш се пред Мене;
9. нема потреба да примам телци од твојот дом, ниту козли од стадата твои,
10. зашто Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата.
11. Ги познавам сите птици небески, и убавината на полињата е пред Мене,
12. ако огладнам, нема да ти кажам тебе, зашто Моја е вселената и сè, што ја исполнува.
13. Зар Јас да јадам јунешко месо и да пијам крв јарешка?
14. Принеси Му на Бога благодарствена жртва и на Севишниот молитвите свои упатувај Му ги;
15. и повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, и ти ќе Ме прославиш.
16. А за грешникот Бог рече: „Зошто ги кажуваш Моите наредби и со уста го примаш Мојот завет?”
17. А самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб го фрлаш зборовите Мои?
18. Кога ќе видеше крадец, се зближуваше со него и со прељубници се дружеше;
19. устата твоја е полна со злоба, и јазикот твој лукавство плете;
20. седиш и го клеветиш братот свој, и против синот на својата мајка се соблазнуваш.
21. Ти го изврши тоа, а јас молчев; ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое гревовите твои.
22. Разберете го ова вие, кои го заборавате Бога, за да не ве грабне, па тогаш ќе нема избавител.
23. Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува, и кој го следи Мојот пат, нему ќе му го соопштам Божјото спасение.

Псалм 50

Покајничка молитва

1. Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои.
2. Многупати ме изми од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев,
3. зашто беззаконието мое го знам и мојот грев е секогаш пред мене.
4. Пред Тебе Единствениот згрешив и пред Тебе зло извршив, за да бидеш праведен кога ќе пресудуваш и да победиш кога ќе судиш.
5. Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мајката моја.
6. Но, Ти ја засака вистината во срцето, и внатре во мене ми ја објави непознатата и тајната премудрост Твоја.
7. Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег.
8. Дај ми да чујам радост и веселба, и ќе се зарадуваат коските мои ослабнати.
9. Сврти го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија.
10. Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене.
11. Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене.
12. Врати ми ја радоста, спасувајќи ме и со Својот моќен Дух зацврсти ме.
13. Беззакониците ќе ги научам да одат по Твоите патишта, и безбожниците кон Тебе ќе се обрнуваат.
14. Избави ме од крвта, Боже, на моето спасение, и јазикот мој ќе се зарадува на Твојата правда.
15. Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја;
16. оти, да сакаше жртва, јас ќе Ти ја принесев; но сепалениците не ги сакаш.
17. Жртвата пред Бога е смирен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш.
18. Господи, направи му добро на Сион, според благоволението Свое, воздигни ги ѕидовите ерусалимски.
19. Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци.

Псалм 51

Праведникова утеха

1. Зошто, се фалиш, силнику, со злоба? Беззаконија вршиш по цел ден.
2. Јазикот твој погубни работи измислува; како наострен брич ти е – и веќе си смислил измама.
3. Ти повеќе ја засака злобата отколку доброто, неправдата, отколку да говориш правда;
4. ти, лукав јазику, засака секакви погубни зборови.
5. Поради тоа Бог, до крај ќе те уништи, ќе те истргне и ќе те пресели од живеалиштето твое, и коренот твој – од земјата на живите.
6. Ќе видат праведните, ќе се уплашат и ќе му се подсмеваат, па ќе речат:
7. ете човек, кој не ја полагаше силата своја во надеж на Бога, а се надеваше на големото богатство свое, и кој се осили во лесномисленоста своја.
8. А јас, пак, сум во Божјиот дом како плодна маслина и се надевам на милоста Божја во сите векови.
9. Вечно ќе Те славам за она што го направи, и ќе се надевам на името Твое, зашто тоа е благо пред светиите Твои.

Псалм 52

Безумствата на луѓе кои не веруваат во Бога

1. Рече безумникот во срцето свое: „нема Бог.” Станаа развратни луѓето и гнасни во беззаконијата; нема кој да прави добро.
2. Бог со внимание погледна од небесата кон синовите човечки, за да види, има ли некој што е разумен или да Го бара Бога.
3. Сите тргнаа по лош пат, станаа еднакво расипани; нема кој да прави добро, нема ниеден.
4. Зар нема да се вразумат оние, што вршат беззаконие. Оние што го јадат народот Мој, како што го јадат лебот, но Бога не Го повикуваат.
5. Ќе се уплашат тие од страв, и таму каде што страв нема, зашто Господ ќе им ги растури коските на оние, што си угодуваат еден на друг. И тие ќе се посрамат, зашто Бог ќе ги понизи.
6. Кој ќе му даде спасение на Израилот од Сион? Кога Бог ќе ги врати заробените од народот Свој, тогаш ќе се зарадува Јаков и ќе се развесели Израилот.

Псалм 53

Молитва за спасение

1. Боже, со името Твое спаси ме и со силата Твоја суди ми.
2. Боже, услиши ја молитвата моја, чуј ги зборовите од устата моја;
3. зашто туѓинци се кренаа против мене, и силници го бараат животот мој; тие не мислат на Бога.
4. Ете, Бог ми помогна; Господ е заштитник на животот мој.
5. На непријателите мои Он ќе им врати за злото; ќе ги истреби со вистината Своја.
6. Со сесрдност Ти принесувам жртва, го прославувам името Твое, Господи, зашто е благо,
7. оти Ти ме избавуваш од секаква мака и окото мое презриво ги гледа непријателите мои.

Псалм 54

Молитва за помош против лажни браќа

1. Прими ја Боже, молитвата моја и не презирај го моето молење;
2. погледај ме и услиши ме. Нажален сум во тагата моја
3. и збунет сум од гласот на напријателите, од притисокот на грешниците, зашто вршат врз мене беззаконие и со гнев непријателствуваат против мене.
4. Срцето мое затрепери во мене, и смртен страв ме спопадна;
5. страв и трепет ме сполетаа, и темнина ме покри.
6. И јас реков: „Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и се успокојам.”
7. Далеку би отишол и би се сместил во пустињата;
8. се надевав на Оној Кој ме спасува од малодушноста и од бурата.
9. Потопи ги, Господи, и раздели ги нивните јазици, зашто видов насилство и расправии во градот.
10. Дење и ноќе обиколуваат покрај ѕидовите негови; и во него беззаконие, мака и неправда има;
11. а не оскудеваше ни измама и лукавство по улиците негови.
12. Да ме беше навредил непријателот мој, тоа би го поднел, и завидливецот мој да се беше покажал силен, јас ќе се сокриев;
13. но тоа беше ти, човеку, кој си како јас, водач мој и пријател мој,
14. со кого сме јале леб заедно и сме оделе заедно во Божји дом!
15. Смртта дојде на нив; да слезат живи во пеколот, зашто лукавство има среде нив, во живеалиштата нивни.
16. Јас, пак, Бога ќе го повикам, и Господ ќе ме услиши.
17. Навечер и наутро, и напладне ќе молам и ќе викам, и Он ќе го чуе гласот мој,
18. ќе ја избави во мир душата моја од оние, кои ми се приближуваат, зашто многу ги има што беа против мене,
19. Бог ќе ме чуе и ќе ги понизи; Оној, Кој вечно живее, зашто во нив нема промена; тие не се плашат од Бога.
20. Ги креваат рацете свои против оние, со кои живееја во мир, го нарушија Неговиот завет.
21. Се растурија од гневот на лицето Негово, а во срцето им е непријателство; зборовите им станаа како елеј, но тие се
стрели.
22. Пренеси ја на Господа маката своја, и Он ќе те поткрепи. Не дозволувај праведниот човек да пострада.
23. Ти, Боже, ќе ги фрлиш во погибелна јама; крвниците и лукавите луѓе да не поживеат ни половина од деновите свои. Јас, пак, Господи, на Тебе се надевам!

Псалм 55

Молитва за утеха

1. Смилуј се Боже, на мене, зашто човек сака да ме голтне; напаѓајќи секој ден, ме притиска.
2. Моите непријатели по цел ден ме газат, зашто мнозина се оние, кои ме напаѓаат со гордост.
3. Кога страв ќе ме спопадне дење, на Тебе се надевам.
4. Во Бога ќе ги фалам зборовите свои; на Бога се надевам. Нема да се плашам; што може да ми направи човек?
5. Секој ден ги извртуваат зборовите мои; сите нивни мисли упатени против мене се зло.
6. Се собираат и се кријат, ги набљудуваат петите мои, упорно работат против мојот живот.
7. Нема за што да ги спасуваш, Боже, Со гнев Боже, собери ги народите.
8. Боже, Ти го знаеш животот мој, солзите мои Си ги ставил пред себе – како во заветот Твој.
9. Непријателите мои ќе се вратат назад, секогаш кога Те призовувам; по тоа знам дека Ти си Бог мој.
10. Со Бога се фалам за Неговото слово. Со Господа се фалам за зборот Негов.
11. На Бога се надевам, не се плашам; што може да ми направи човекот?
12. Во мене се, Боже, благодарствените молитви мои кон Тебе, кои ќе Ти ги упатам.
13. Зашто Ти ја избави душата моја од смрт, а и нозете мои од сопнување, за да благоугодам пред Бога во светлината на живите.

Псалм 56

Величање на милоста Божја

1. Смилуј се, Боже, на мене. Смилуј се, зашто на Тебе се надева душата моја, и во сенката на крилјата Твои ќе ја положам надежта моја додека не минат беззаконијата.
2. Ќе повикам кон Бога Севишниот, кон Бога, Кој ми прави добро.
3. Он ќе прати од небото и ќе ме спаси; ќе ги посрами оние, кои ме презираат. Ќе ја испрати Бог Својата милост и Својата вистина.
4. И нека ја избави душата моја од лавови; лежам смутен меѓу синовите човечки; та нивни заби се копја и стрели, а јазикот им е остар меч.
5. Возвиси се на небесата, Боже, и по целата земја нека биде Твојата слава!
6. Тие подготвија стапица за нозете мои; и се обидоа да ја измамат душата моја: ископаа пред мене јама, но сами паднаа во неа.
7. Подготвено е срцето мое, Боже, спремно е срцето мое, ќе пеам и ќе свирам.
8. Разбуди се, славо моја, разбуди се псалтиру и гусле! Јас ќе станам рано.
9. Ќе Те славам, Господи, меѓу народите, ќе Те воспеам меѓу племињата,
10. зашто Твојата милост се возвеличи до небесата, и дури до облаците – Твојата вистина.
11. Вознеси се, Боже на небесата и по целата земја нека биде Твојата слава!

Псалм 57

Бог е судија на земјава

1. Дали навистина кажувате правда? Судите ли праведно, вие, човечки синови?
2. Во срцето свое кроите беззаконие на земјата, вашите раце плетат неправда на земјата.
3. Се отуѓија грешниците од мајчиното крило, се заблудеа од утробата мајчина, говорејќи лага.
4. Јароста им е како змијски отров, како отровот на глувата аспида, која ги затнува ушите свои,
5. и не го слуша гласот на бајачот, вражачот вешт во вражањето.
6. Бог неке им ги скриши нивните заби во устите нивни; разби ги, Господи, челустите лавовски!
7. Нека се разлијат како вода што истечува; ќе го растегнеш својот лак, додека не малаксаат.
8. Како восок што се топи да се растопат, оган нека падне над нив, та сонце да не видат никогаш.
9. Пред котлите ваши да осетат топлина од запаленото трње.
10. Ќе се зарадува праведникот, кога ќе ја види одмаздата на безбожниците; ќе ги измие рацете свои во крвта на грешникот.
11. И ќе рече човекот: навистина има плод за праведникот! Навистина има Бог, Кој суди на земјата!

Псалм 58

Молитва за помош против замки
од пакосни непријатели

1. Спаси ме од непријателите мои, Боже мој, заштити ме од оние што стануваат против мене!
2. Избави ме од оние, што вршат беззаконија; спаси ме и од крвниците;
3. зашто, ете, тие ја демнат душата моја; ме напаѓаат силните беа престап мој и без грев мој, Господи.
4. Без моја вина навалија на мене; стани, излези ми во пресрет и погледај.
5. Ти, Господи, Боже на силите, Боже Израилев, разбуди се и посети ги сите овие народи и не поштедувај ниеден од оние што вршат беззаконие.
6. Навечер тие се враќаат, вијат како кучиња и одат околу градот.
7. И, ете, хулат со јазикот свој; во устата имаат меч, „зашто, – си велат тие, – кој ќе чуе?”
8. Но Ти, Господи, ќе ги исмееш; Ти ќе ги посрамиш сите народи.
9. Силата моја во Тебе ја чувам, зашто си Ти, Боже, мој застапник.
10. Мојот Бог, Кој ме милува, иде пред мене; Бог мој, Кој ми ги покажува моите непријатели.
11. Не убивај ги, за да не го заборават мојот народ; растури ги со силата Своја и победи ги, Господи, заштитниче мој.
12. За гревот на устата нивна; за зборот во устата нивна нека се фатат во гордоста своја, бидејќи само клетви и лаги кажуваат.
13. Во крајниот гнев, и нема веќе да ги има; за да увидат, дека Бог управува над Јакова и до краиштата на земјата.
14. Навраќаат секоја вечер, гладуваат како кучиња, и одат околу градот;
15. Тие се радуваат кога бараат храна, а кога нема да се заситат, ги поминуваат ноќите ‘ржејќи.
16. Јас, пак, со песна ќе ја славам Твојата сила и од рани зори ќе се зарадувам со Твојата милост, бидејќи Ти ми беше застапник мој и прибежиште во денот на мојата несреќа.
17. Помошник мој си Ти, Тебе Ти пеам, зашто Ти си застапник мој, Боже мој, милост моја.

Псалм 59

Молитва за избавување

1. Боже, Ти нè отфрли и нè растури, се разгневи, но сепак се смилува на нас.
2. Ја потресе земјата и ја залула; стегни ги пукнатините нејзини, зашто таа се ниша.
3. Ти му покажа на Твојот народ жестокост и ни напои со заносно вино.
4. На оние, што се бојат од Тебе, им даде знак за да побегнат од убојник лак.
5. За да се избават Твоите возљубени, спаси ме со Твојата десница и услиши ме.
6. Рече Бог во Своето Светилиште: „Ќе се зарадувам, ќе го разделам Сихем и ќе ја премерам долината на Сокхот заради поделба.
7. Мој е Галад, и Мој е Манасија, и Ефрем е крепост на главата Моја, и Јуда е цар Мој.
8. Со Моав се мие Мојата надеж, на Идумеја ќе ѝ го подадам обувките Свои, а над Филистејците ќе славам победа.”
9. Кој ќе ме воведе во урепениот град? Кој ќе ме доведе до Идумеја?
10. Зар не Ти, Боже, Кој нè отфрли? И нема веќе да излегуваш, Боже, со нашите војски?
11. Помогни ни во маката, зашто од човекот нема спасение.
12. Со Бога ќе бидеме силни, Он ќе ги уништи нашите мачители.

Псалм 60

Молитва на потиштен цар

1. Услиши го, Боже, моето молење, прими ја молитвата моја.
2. Кон Тебе повикав од крајот на земјата, кога срцето ми папса. Ќе ме издигнеш на карма и мир ќе ми дадеш.
3. Ме упати, зашто Ти беше моја надеж, крепосен заклон од непријателот.
4. Ќе се населам вечно во Твоето живеалиште и ќе се засолнам под покривот на Твојата закрила.
5. зашто Ти, Боже, ги чу моите молитви и им даде населедство на оние, кои се бојат од Твоето име.
6. Додај му уште денови кон деновите царски и продолжи му ги годините од род во род,
7. за да биде твој вечно пред Бога; милост и вистина сака тој.
8. И така, со песна ќе го воспевам Твоето име и ќе ги извршувам своите завети од ден во ден.

Псалм 61

Ништожноста човекова

1. Па, зар во Бога не се успокојува душата моја? Та од Него е моето спасение.
2. Зашто Он е Бог мој, и мој Спасител. Застапник мој: нема повеќе да се поколебам.
3. До кога ќе притискаат врз човекот? Го уривате сите вие како наклонет ѕид и накривена ограда.
4. намисливте да го отфрлите моето достоинство со лага; со устата своја благословувате, а со срцето свое колнете.
5. А ти, душо моја, само по Бога оди, зашто на Него трпеливо се надевам.
6. Он е Бог мој и Спасител мој: застапник мој и нема веќе да се колебам.
7. Во Бога е моето спасение и мојата слава; Он е Бог Кој ми помага и надежта моја е во Бога.
8. Надевајте се на Него сите луѓе, отворете го срцето ваше пред Него: Бог е нашиот помошник.
9. Синовите човечки се само суета; синовите човечки се лажливци; кога би ги ставиле на мерило, тие сите заедно би биле полесни од здив.
10. Не се надевајте на неправда и не посакувајте отимање; кога богатството расте, не го приврзувајте срцето кон него.
11. Еднаш Бог рече, а двапати јас го чув тоа, дека силата е во Бога,
12. дека во Тебе, Господи, е силата Божја и дека во Тебе има милост, зашто Ти ќе му дадеш на секого според делата негови.

Псалм 62

Копнеж за општење со Бога

1. Боже, Боже мој, кон Тебе поранувам; за Тебе зажедне душата моја. Колку пати за Тебе копнее телото мое на замјата пуста, неплодна и безводна?
2. И така се појавив во Светилиштето Твое, за да ја видам Твојата сила и Твојата слава.
3. Зашто милоста Твоја е подобра од животот, устата моја ќе Те фали.
4. Така ќе Те благословувам во животот мој, и во Твое име ќе ги кревам рацете мои.
5. Како со маст и елеј се наситува душата моја, и со радосен глас ќе те фали устата моја.
6. Кога ќе се сетам за Тебе во постелата моја, во утринските часови за Тебе размислувам,
7. зашто Ти си ми помошник и во сенката на Твојата закрила ќе воскликнувам.
8. Кон Тебе се приближи душата моја, твојата десница ме поддржува.
9. А оние кои залудно го побараа мојот живот, ќе слезат во пеколот!
10. Ќе бидат поразени со силата на мечот; ќе станат плен на лисиците.
11. А царот ќе се зарадува во Бога, и секој ќе се фали, кој во Него се колне, бидејќи ќе им се затне устата на оние што говорат неправда.

Псалм 63

Молитва за Божјата помош против
тајни непријатели и клеветници

1. Чуј го, Боже, гласот мој, кога Ти се молам; зачувај ми го животот мој од непријателот што ме застрашува.
2. Ти ме заштити од лукавите, од многуте злочинци.
3. Кои ги наострија јазаците свои како меч, го затегнаа лакот свој – па исфрлаат ранливи зборови,
4. за да стрелаат скришно на непорочниот; тие стрелаат ненадејно врз него и нема да се уплашат.
5. Тие цврсто се договорија за зло; се договорија како да ја прикријат замката, па си рекоа: кој ќе го види?
6. Па бараа неправда, вршеа испитување, но испитување дури до внатрешнината на човекот, но длабоко е срцето.
7. Но Бог ќе се прослави: нивните стрели не полетаа.
8. И јазиците нивни папсаа на нив. А сите кои ги видоа, се зачудија.
9. И секој човек се уплаши. Се објавија делата Божји и ги разбраа созданијата негови.
10. А праведникот ќе се развесели во Господа и ќе се надева на Него; и ќе бидат пофалени сите кои се праведни по срце.

Псалм 64

Прославување на Бога

1. Тебе, Боже, Ти припаѓа похвалата на Сион, и Тебе ќе Ти се исполни заветот во Ерусалим.
2. Услиши ја молитвата моја; кон Тебе ќе прибегне секој човек.
3. Од зборовите на беззакониците, кои надвладуваат над нас и од нашите гревови, очисти нè.
4. Блажен е оној, кого Ти си го избрал и примил; он ќе живее во Твоите дворови; ќе се исполни со добрини од Твојот дом; а Твојот дом е свет, и чудесен е во праведноста.
5. Чуј нè, Боже, Спасителе наш, надеж на сите земни краишта и на оние што се далку преку морето.
6. Ти, Кој горите си ги поставил со силата Своја и со моќ си се препашал,
7. Ти Кој ја раздвижуваш морската длабочина и шумот што го прават брановите. Ќе поштукнат народите.
8. И ќе се уплашат сите оние што живеат во краиштата од чудесата Твои: ќе создадеш радост каде што утрото се раѓа и вечерта заоѓа.
9. Ти ја посетуваш земјата, ја напојуваш, ја збогатуваш: потокот Божји е полн со вода; си им приготвил храна, бидејќи тука си ја устроил.
10. Ги напојуваш браздите нејзини, и ги умножуваш житата нејзини и со дождовни капки ја благословуваш да раѓа плодови;
11. ја овенчуваш годината со Твојата добрина и полињата Твои полни се со згоен добиток.
12. Се појавуваат пасишта по пустињите и ритчињата се исполнуваат со радост;
13. Трлата се умножуваат со стада, а долините се китат со плодови: воскликнуваат и пеат.

Псалм 65

Благодарствена песна
на народот Божји за духовните дарови

1. Воскликни Му на Бога, земјо цела!
2. Воспејте го името Негово, воздајте Му слава и похвала!
3. Кажете Му на Бога: колку се страшни делата Твои! Поради големината на силата Твоја, ќе Ти се покоруваат непријателите Твои.
4. Целата земја нека Ти се покорува и да Ти пее, да Му пее на Твоето име, Севишни.
5. Дојдете и видете ги делата Божји, колку е страшен во одлуките Свои за синовите човечки.
6. Он го претвори морето во суво; преку река минува со ногата; таму се зарадувавме поради Него.
7. Со Својата моќ Он владее вечно; Неговите очи гледаат на народите, за да не се кренат бунтовниците.
8. Благословувајте Го, народи, нашиот Бог и искажете Му похвала гласно.
9. Он ѝ даде живот на душата моја и не дозволи да потклекнат нозете мои;
10. Ти нè испита, Боже, со оган нè очисти, како што среброто со оган се пречистува.
11. Ти нè воведе при мака, нанесе маки на нашите племиња.
12. Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но нè изведе да здивнеме.
13. Ќе влезам во Твојот дом со сепаленица, ќе Ти ги исполнам моите завети,
14. што ги изговорија усните мои и ги искажа устата моја кога бев во неволја.
15. Мрсни сепаленици ќе Ти принесам Тебе, со кадило од овни, ќе Ти принесам Тебе и волови и кози.
16. Дојдете и чујте вие сите кои се боите од Бога и ќе ви раскажам сè што направи Он за душата моја.
17. Повикав кон Него со устата моја и Го возвеличив со јазикот свој.
18. Да мислев беззаконие во срцето мое, Господ немаше да ме услиши.
19. Затоа ме услиши Господ, го чу гласот на молењето мое.
20. Нека е благословен Бог, Кој не ја отфрли молитвата моја и не ме остави без милоста Своја!

Псалм 66

Благодарност кон Бога
за благословот излиен врз сите народи

1. Боже, биди милостив кон нас и благослови нè; осветли нè со лицето Свое, и помилуј нè,
2. за да го познаат на земјата патот Твој, и меѓу сите народи спасението од Тебе.
3. Да Те прославуваат народите, Боже, сите народи да Те прославуваат.
4. Племињата нека се развеселат и да се радуваат, зашто праведно ќе им судиш на народите, и племиња ќе упатиш на земјата.
5. Народите нека Те прославуваат, Боже, сите народи нека Те слават!
6. Земјата го даде својот плод; благослови нè, Боже, Боже наш!
7. Да нè благослови Бог и сите земни краишта нека се бојат од Него.

Псалм 67

Благодарноста кон Бога за победата

1. Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите Негови; да бегаат од лицето Негово оние, што Го мразат.
2. Како што домот исчезнува, така да исчезнат; како што восокот се топи од оган, така да загинат грешниците од лицето Божјо.
3. А праведниците да се развеселат, да се зарадуваат пред Бога и ќе Го прославуваат во радоста.
4. Пејте Му на Бога, пејте Му на Неговото име; направете Му пат на Оној, Кој се движи по небото; името Му е Господ, и радувајте се пред Него. Ќе се смутат од Неговото лице,
5. Татко на сираците и судија на вдовиците; Он е Бог во Своето свето место.
6. Бог им дава домови на осамените, ги ослободува од окови затворениците, а непокорните остануваат да живеат во пеколна пустиња.
7. Боже, кога Ти излегуваше пред Твојот народ, кога одеше по пустињата,
8. земјата се тресеше и небесата даваа дожд од лицето Божјо, и Синај – од лицето на Бога, на Бога Израилев.
9. Изобилен дожд изли Ти, Боже, врз Твоето наследство, и кога тоа изнемоштуваше од труд, Ти го поткрепуваше.
10. Стадата Твои живеат на неа; во Својата добрина, Боже, Ти си ја спремил за сиромасите.
11. Господ ќе им даде збор на гласниците со голема сила.
12. Царот на војските е омилен и во убавината на Својот дом дели плен.
13. Ако заспиете во пределите ваши, ќе станете како гулаби со сребрени крилја, со перја – од чисто злато.
14. Кога небесниот Цар ги разбиваше царевите, снег паѓаше на Селмон.
15. Гората Божја е гора богата, гора цврста, богата;
16. зошто вие, гори високи, завидливо ја гледате гората, на која Бог благоволи да живее?
17. Божјите коли се безброј – на илјада илјади; меѓу нив е Господ на Синај, во Светилиштето.
18. Ти се возвиси високо, плени плен, прими дарови за луѓето, така и од непокорните да можат да живеат таму.
19. Нека е благословен Бог од ден во ден, ќе го помогне нашето спасение.
20. Нашиот Бог е Бог Кој спасува; во власта на Господа е вратата на смртта.
21. Но Бог ќе им ги скриши главите на непријателите Свои и косестото теме на оние што остануваат во своите гревови.
22. Господ рече: од Васан ќе ги вратам, ќе ги извлечам од морските длабочини,
23. за да ти се натопи ногата твоја во крвта на непријателите и јазикот на твоите кучиња.
24. Го видов Твоето величествено доаѓање, Боже, доаѓањето на мојот Бог и Цар во Светилиштето:
25. напред одеа кнезовите, близу до пеачите, а во средината – девици со тимпани:
26. „Во собранијата благословувајте го Бога, Господа, вие, што сте од семето Израилево!”
27. Таму беше Венијамин, најмладиот; кнезовите Јудини – нивни владетели, кнезовите Завулонови, кнезовите Нефталимови.
28. Заповедај, Боже, со силата Твоја, зацврсти го, Боже, тоа што ни го направи нам!
29. Од Твојот храм во Ерусалим; царевите ќе Ти принесуваат жртви.
30. Скроти ги ѕверовите во мочуриштата, воловите со телињата на народите, да не бидат исклучени од искушувањето со сребро; растури ги народите кои сакаат војна.
31. Ќе дојдат молитвеници од Египет; Етиопија порано ќе ја подаде раката кон Бога.
32. Цареви земни, појте Му на Бога, воспојте Му на Бога, на Господа,
33. Кој се возвисил на небо, на небесата на Исток. И, ете, Он на гласот Свој ќе му даде сила.
34. Подајте Му слава на Бога! Над Израилот е Неговото велелепие, а силата Негова на облаците.
35. Чудесен си Ти, Боже, во светоста Своја; Бог Израилев – Он ќе му даде сила и крепост на Својот народ. Нека е благословен Бог!

Псалм 68

Слугата Господов е во голема неволја

1. Спаси ме, Боже, зашто водите стигнаа до душата моја.
2. Потонав во длабока тиња, каде што нема дно; влегов во морска длабочина и бура ме потопи.
3. Изнемоштев од викање; засипна грлото мое; попуштија очите мои, надевајќи се на мојот Бог.
4. Оние, што ме мразат без вина, се намножија повеќе од косата на главата моја: непријателите мои, кои ме гонат неправедно, се засилија; она што не сум го зел, тогаш го давав.
5. Боже, Ти го знаеш моето безумие, и гревовите мои не се сокриени од Тебе.
6. Да не се посрамат поради мене сите они, што се надеваат на Тебе, Господи, Боже на силите. Да не се посрамат поради мене оние, кои Те бараат, Боже Израилев,
7. зашто заради Тебе поднесувам исмејување, и срам го обзеде лицето мое.
8. Туѓ станав за браќата свои и чуден за синовите на мајка ми моја.
9. Бидејќи ревноста за Твојот дом ме јаде, и подбивите на оние, што Те хулат, паѓаат врз мене;
10. и постам со душата своја, но и тоа ми го земаат за зло
11. место облека облекувам вреќа; и со тоа им станав за приказ;
12. против мене зборуваат оние што седат пред портите и пијаниците пеат за мене.
13. Јас, пак, молитвата моја ја упатувам кон Тебе, Господи; благопријатно е времето, Боже, со големата Своја милост услиши ме заради вистината на спасението од Тебе;
14. изведи ме од калта, за да не потонам; да се избавам од оние, кои ме мразат, а и од длабоките води;
15. за да не ме потопи водниот вртеж, и длабината да не ме проголта, да не ја затвори над мене бездната својата уста.
16. Услиши, ме, Господи, зашто блага е Твојата милост; поради големата Твоја милосрдност погледај ме;
17. не одвраќај го лицето Свое од чедото Твое, зашто сум нажален; услиши ме брзо;
18. наклони се кон душата моја и избави ја; поради моите непријатели спаси ме.
19. зашто Ти го знаеш мојот подбив, мојот срам и моето засрамување: пред тебе се сите што ме оскрбуваат.
20. Подбив и срам дочека мојата душа, очекувајќи некого во сострадание, но го немаше, и да ме утеши некој; но не го најдов.
21. И ми дадоа жолчка да каснам и кога зажеднев – со оцет ме напоија.
22. Трпезата нивна нека им биде примка, гоштевањето – стапица;
23. да ми се помрачат очите, та да не гледам, и бедрата нивни ослаби ги засекогаш;
24. излиј го врз нив гневот Свој, и јароста на Твојот гнев нека ги обземе;
25. домовите да им ги запустиш, и во шаторите нивни да не остане никој жив;
26. зашто оној кого Ти го порази, тие го гонат, и со тоа ги умножија болките од раните мои.
27. Притури беззаконие врз беззаконието нивно, за да не влезат во Твојата правда.
28. Нека бидат избришани од книгата на живите и да не бидат запишани меѓу праведните.
29. Јас, пак, сум беден и страдам; нека дојде од тебе, Боже, спасението за мене!
30. Ќе го славам името на мојот Бог со песна, ќе го возвеличувам во славословија,
31. и тоа ќе Му биде поугодно на Господа, отколку теле или јунец со рогови и со копита.
32. Нека го видат тоа оние што страдаат и нека се зарадуваат. Побарајте Го Бога за да ви оживи душата ваша,
33. зашто Господ ги услишува сиромасите и не ги презира затворениците Свои.
34. Нека Го пофалат небесата и земјата, морето и сè што живее во него;
35. зашто Бог ќе го спаси Сион, ќе се изградат градови во Јудеја, и таму ќе ги наследат;
36. и потомството на слугите Твои ќе се весели во него.

Псалм 69

Молитва за помош против непријатели

1. Боже, дојди ми на помош, побрзај, Господи, да ми помогнеш.
2. Нека поцрвенеат и нека се засрамат оние, што ја бараат душата моја! Нека се уплашат, нека се уплашат и засрамат оние, кои ми пожелуваат зло.
3. Нека отстапат и нека се посрамат оние што ми викаат: „така! така!”
4. Нека се зарадуваат и развеселат со Тебе сите, кои Те бараат, и кои Те сакаат Тебе, Боже, и кои сакаат спасение од Тебе, и нека велат: „Да се возвеличува Господ!”
5. Јас, пак, сум беден и сиромав; поможи ми Боже, Ти си, Господи, помошник мој и избавител мој, не се забавај!

Псалм 70

Молитва за милост Божја во староста

1. На Тебе Господи, се надевам, да не останам посрамен вечно.
2. Избави ме поради праведноста Своја и очисти ме; приклони го увото Свое кон мене и спаси ме.
3. Биди ми Бог заштитник, изведи ме на место сигурно – зашто Ти си моја крепост и мое прибежиште.
4. Боже мој, избави ме од рацете на грешникот, од рацете на престапникот и насилникот,
5. зашто Ти си моја надеж, Господи, моја сигурност од младоста моја.
6. За Тебе цврсто се држам од раѓањето мое; Ти си мој покровител од мајчината ми утроба; за Тебе вечно ќе пеам.
7. За многумина бев како некое чудо, но Ти си мојот силен помошник.
8. Нека се исполни устата моја со похвала, па со песна да ја величам славата Твоја; и цел ден да пеам за Твоето велелепие.
9. Не отфрлај ме на старост, кога ќе почне силата моја да исчезнува, не напуштај ме,
10. зашто непријателите мои зборуваат против мене; и оние, кои ја демнат душата моја, се договараат меѓу себе,
11. велејќи: „Го остави Бог; гонете го и фатете го, зашто нема кој да го избави”.
12. Боже мој, не се оддалечувај од мене; Боже мој, побрзај ми на помош!
13. Да се посрамат и да исчезнат оние што ја клеветат душата моја; да поцрвенат и се засрамат оние, што ми сакаат зло.
14. Јас, пак, секогаш ќе се надевам на Тебе и ќе Те восхвалувам сè повеќе.
15. Устата моја ќе ја разгласува Твојата правда, и секој ден спасението од Тебе, зашто не им го знам бројот.
16. Ќе влезам во силата Господова; Господи, ќе ја спомнувам Твојата правда – само Твојата.
17. Боже, Ти ме поучуваше од младоста моја, и јас сè досега ги објавував чудесата Твои.
18. И во староста, па и кога ќе престареам, Боже, не напуштај ме, за да ја објавувам мишката Твоја, силата Твоја и правдата Твоја на сегашниот род и на идниот,
19. силата Твоја и правдата Твоја, Боже, дури до вишното небо, и за делата Твои со кои си ме возвеличил, Боже, кој е сличен на Тебе?
20. Колку големи и тешки маки ми прати, но Ти пак ме оживуваше, кога Ти се обраќав, и пак ме изведуваше од земните длабини.
21. Зголемувајќи ги Своите добрини и свртувајќи се кон мене, ме утешуваше и, пак ме изведуваше од земните бездни.
22. И јас ќе ја славам меѓу луѓето на харфа Твојата вистина, Боже мој; ќе Те воспевам на гусла, Светецу Израилев!
23. Ќе се радува устата моја, кога ќе Ти пеам, и душата моја, која си ја избавил.
24. И јазикот мој секогаш ќе зборува за Твојата правда, кога ќе поцрвенеат и ќе се засрамат оние, кои ми пожелуваа зло.

Псалм 71

Похвала за големиот Цар
и Неговото владеење

1. Боже, дај му го на царот Својот суд, а на царевиот син – Својата правда,
2. за да им суди праведно на Твоите луѓе и на сиромасита Твои по правда.
3. Горите нека им донесат мир на луѓето, и ритчињата – праведност,
4. Он ќе им суди на бедните меѓу луѓето, и ќе ги спаси синовите на сиромасите, а клеветникот ќе го понизи.
5. И ќе живеат, додека постои сонцето и месечината – од род во род.
6. И ќе слезе како дожд на ливада, како капки што наросуваат земја.
7. Во Негово време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сè додека не се одземе месечината.
8. И ќе владее од море до море и од реката до краиштата на земјата.
9. Пред Него ќе паднат ничкум Етиопјаните, и непријателите Негови ќе ја лижат прашината;
10. царевите на Тарсис и островјаните дарови ќе му принесуваат; и царевите на Арабија и од Саба дарови ќе му донесуваат.
11. И ќе Му се поклонуваат сите цареви; ќе Му служат сите народи;
12. зашто Он ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник.
13. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите;
14. од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни, и чесно ќе биде името нивно пред Него;
15. и Он ќе поживее, па ќе му даваат арабиско злато; и ќе Му се молат непрестајно, секој ден ќе Го благословуваат;
16. Ќе има тврдина на земја, по врвовите на горите; плодот Негов ќе се издига над Ливан, а во градовите луѓето ќе се размножуваат како тревата по земјата,
17. Неговото име нека биде благословувано вечно: уште пред сонцето Неговото име постои; и во Него ќе бидат благословени сите земни премиња, а и сите народи ќе Го ублажуваат.
18. Нека е благословен Господ Бог, Бог Израилев, Кој само Он прави чудеса;
19. и нека е благословено Неговото славно име довека, и со славата Негова нека се исполни целата земја! Амин и амин!
20. Завршија молитвите на Давида, Јесеевиот син.

ТРЕТА КНИГА

Псалм 72

Вечна правда

1. Колку е добар Бог кон Израилот, кон оние што се со чисто срце!
2. А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, –
3. зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи како мирно живеат грешниците,
4. оти не страдаат сè до самата смрт, и цврстина им е во бичот.
5. во човечките работи не учествуваат и неволјите на другите луѓе нив не ги засегаат.
6. Затоа гордоста владее со нив; се облекле во неправда и нечестие;
7. неправдата им излегува како од сало, и му угодуваат на срцето;
8. се подбиваат и лукаво зборуваат, за неправдата гордо говорат;
9. ја креваат устата кон небото, а јазикот нивни ја обиколува земјата.
10. Затоа народот Мој ќе се врати ваму, и своите денови ќе ги најде исполнети.
11. И рекоа: „Како дозна Бог, и има ли знаење во Севишниот?”
12. Ете, такви се грешниците и успеваат вечно да го држат богатството.
13. И си реков: зар залудо го држев срцето свое во праведност и во невиност ги измив рацете свои.
14. и се изложував на напријатности секој ден и на срам секое утро?
15. Но ако речев: ќе расудувам и јас така, – тогаш ќе го изневерев родот на Твоите синови.
16. И сакав тоа да го разберам, но тоа беше тешко за мене
17. сè додека не влезам во Божјото светилиште и не го разбрав нивниот крај.
18. И така, заради подмолноста нивна дозволи да ги снајде зло, и ги понизи кога се возгордееја.
19. Како запустеа, како нејнадејно изчезнаа и загинаа поради своето беззаконие!
20. Како сон кога човек се разбудува, така во градот Твој, Господи, образот нивни уништи го.
21. Зашто срцето мое се разгоре и утробата моја се измени.
22. А јас поразен и не разбрав, како добиче бев пред Тебе.
23. Но Јас сум секогаш со Тебе: Ти ми ја придржуваш десницата моја,
24. ме упати со советот Свој и ме прими во Твојата слава.
25. Кого Го имам јас на небото освен Тебе? А кога сум со Тебе на земјата ништо не барам.
26. Изнемоште срцето мое и телото мое; Боже на срцето мое и наследството мое, Боже, довека.
27. Зашто, ете, оние, што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат; Ти го истребуваш секого, кој отстапува од Тебе.
28. А мене ми е добро да сум со Бога, на Господа ја полагам надежта моја, за да ги вознесувам сите похвали Твои кај портите на ќерката Сионова.

Псалм 73

Молба за помош

1. Зошто Боже, нè отфрли засекогаш? Зошто гневот Твој се разгоре на овците од Твоето пасиште?
2. Сети се на Твојот народ, кого уште од порано го придоби, ги избави со жезалот како наследсто Твое, тоа е гората Сионска, на која си се населил.
3. Крени ги рацете Свои против нивната крајна гордост, против сите зла што непријателот ги направи во светилиштето Твое.
4. И се пофалија Твоите непријатели среде празникот Твој; поставија свои бојни знаци како знамиња, но не ги познаа.
5. зашто горе при влезот многу ги имаше,
6. па како во густа горичка со секира ја исекоа нејзината врата, со секира и дрвен чекан одеднаш ја скршија;
7. го запалија со оган Твоето Светилиште, го осквернија на земјата местото, на кое името Твое престојува.
8. Рекоа во срцата свои оние што беа сродни на нив: „Ајде да отстапиме од сите Божји празници на земјата!
9. Знаците свои не ги гледаме, нема повеќе ни пророк, и за нас нема веќе да се знае.”
10. До кога, Боже, ќе се гордее над нас непријателот? Вечно ли противникот ќе го дразни името Твое?
11. Зошто ја одвраќаш раката Своја и десницата Своја во пазувите Свои ја држиш?
12. Но Бог е Царот наш уште од пред вековите, Он приготвил спасение среде земјата!
13. Боже, со силата Своја Ти си ги утврдил морињата, и ги сотре главите на водните страшила.
14. Ти ѝ ја здроби главата на змијата и им ја даде како храна на народот етиопски.
15. Ти ги отвори изворите и потоците, ти ги исуши реките итамски.
16. Твој е денот и Твоја е ноќта: Ти си ги постави светилата и сонцето;
17. Ти ги создаде сите предели на земјата, летото и пролетта Ти ги определи.
18. Сети се сепак на ова; непријателот го навреди Господа; луѓе безумни го раздразнија Твоето име.
19. Не прадавај ја на ѕверовите душата на оние кои се надеваат на Тебе; не заборавај ги засекогаш душите не сиромасите Твои.
20. Погледај на Својот завет, зашто сите мрачни домови по земјата се исполнија со беззаконици;
21. Да не се врати посрамен потиснатиот; сиромавиот и бедниот ќе го прославуваат Твоето име.
22. Стани Боже, по правдата Своја пресуди; сети се како секој ден Те хули безумникот.
23. Не заборавај го гласот на оние кои Ти се молат; гордоста на оние што Те мразат постојано се крева против Тебе.

Псалм 74

Благодарност на Бога за судење над гордите

1. Ќе Те фалиме Тебе, Боже, ќе Те фалиме, и ќе го призиваме името Твое.
2. Ќе ги разгласувам Твоите чудеса кога ќе дојде време; ќе судам по правда.
3. Ќе се заниша земјата и сите, што живеат на неа. Но Јас ги зацарив столбовите нејзини.
4. Им реков на оние, што вршат беззаконија: не отстапувајте од законот, и на грешниците: не дигајте рог,
5. не кревајте го високо вашиот рог, не говорете против Бога неправда,
6. зашто издигањето не доаѓа ни од исток, ни од запад, ниту, пак, од пустите гори;
7. но Бог е судија: едни унижува, а други возвисува.
8. Зашто чашата е во раката на Господа, со вино немешано, добро, и Он налева од неа по ред, но талогот нема да се источи; од него ќе пијат сите грешници на земјата.
9. Јас, пак, вечно се радувам, ќе Му пеам на Јакововиот Бог,
10. ќе го скршам рогот на сите грешници, а рогот на преведниците ќе се возвиси.

Псалм 75

Големо е името на Бога во Израилот

1. Познат е Бог во Јудеја; големо е Неговото име во Израилот.
2. Во светото е Неговото место, а Неговото живеалиште – на Сион.
3. Таму Он ја порази силата на стрелите, штитот и мечот и војната.
4. Светлината Твоја е чудесна од вечните гори.
5. Се збркаа сите неразумни по срце; заспаа богатите луѓе и ништо не најдоа во рацете од богатствата свои.
6. Од Твојата закана, Боже Јаковов, задремаа коњаниците.
7. Ти си страшен, и кој ќе Ти се противстави Тебе? Оттаму е Твојот гнев.
8. Од небесата се чу глас дека ќе судиш; земјата се уплаши и се смири.
9. Кога Бог стана да суди, за да ги спаси сите кротки по земјата,
10. бидејќи мислите свои луѓето ќе Ти ги исповедаат: а и остатокот од нив ќе Те прославува.
11. Заветувајте се на Господа, вашиот Бог, и исполнувајте ги заветите; сите, што сте околу Него, принесувајте дарови,
12. Страшниот, Кој ги скротува духовите и кнезовите, пострашен е од земните цареви.

Псалм 76

Утеха поради милоста на Бога која
порано Му ја укажуваше на Својот народ

1. Со гласот свој повикав кон Господа, со гласот свој кон Бога, и Он ме услиши.
2. Во денот на тагата моја Го побарав Бога ноќе, со издигнати кон Него раце и не се уморив; но душата моја не можеше да се утеши.
3. Го спомна Бога и се развеселив, размислував и духот мој стана малодушен.
4. Будни се очите мои, се возбудив и не можев да говорам.
5. Размислував за првите дни, и се сетив за годините прастари, па се поучив;
6. Размислував ноќе со срцето свое, а духот мој ме испитуваше;
7. зар Господ засекогаш те отфрли и не сака ли повеќе да биде благонаклон, или
8. засекогаш престанала Неговата милост, и Неговото слово се пресекло од род во род?
9. Зар Господ заборавил на штедроста Своја? Зар во гневот Свој ќе го затвори Своето милосрдие?
10. Па си реков: „Сега знам – десницата на Севишниот се изменила.”
11. Се сетив за делата на Господа; се сетив за Твоите први чудеса;
12. и ќе се поучам во сите Твои дела и ќе зборувам за постапките Твои.
13. Боже, Твојот пат е свет. Кој Бог е толку голем, како нашиот Бог!
14. Ти си Бог, Кој прави чудеса; Ти ја покажа силата Своја меѓу народите;
15. Ти со мишката Своја го избави Твојот народ, синовите на Јакова и на Јосифа.
16. Те видоа, Боже, водите, Те видоа водите и се разбрануваа, и бездните затрепереа.
17. Голем шум од води се слушаше, загрме од облаците, зашто стрелите Твои пролетуваа.
18. Гласот на Твојот гром се разнесуваше по небото; светкавици ја осветлуваа вселената; земјата трепереше и се тресеше.
19. Твојот пат води кон морето, но Твоите патеки во многуте води и Твоите траги не ќе се познаваат.
20. Ти ги водеше како овци луѓето Твои преку раката на Мојсеја и Арона.

Псалм 77

Верноста Божја во водењето
на неговиот непослушен народ

1. Внимавајте луѓе Мои на законот Мој, нека чуе увото ваше што зборува устата Моја.
2. Ја отворам устата своја за парабола и ќе зборувам за непознатите работи од старо време.
3. Сè чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши,
4. не остана сокриено од нивните деца, зашто на идниот род му се раскажуваше славата на Господа и силата Негова, и чудесата Негови што Он ги изврши.
5. Он подигна сведоштво во Јакова и положи закон во Израилот, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои,
6. за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца,
7. да ги полагаат надежите свои на Бога, да не ги забораваат делата Божји, да ги чуваат Неговите заповеди
8. и да не бидат како татковците нивни – род упорен и бунтовен, непостојан по срце и не му остана верен на Бога со духот свој.
9. Синовите Ефремови, вооружени, стрелајќи со лакови, отстапија во денот на битката:
10. тие не го запазија заветот на Бога и не сакаа да одат по Неговиот закон.
11. Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал,
12. чудесата што пред очите на нивните татковци ги направи во Египетската земја, во полето Танеос;
13. го раздвои морето и ги преведе преку него, и ги постави водите како мев;
14. дење ги водеше со облак, а по цела ноќ – со огнена свтлина;
15. разби карпа во пустињата и ги напои како од голема бездна.
16. Од карпата изведе вода, и води потекоа како реки.
17. Но тие продолжуваа и понатаму да грешат пред Него и да Ги огорчуваат Севишниот во пустињата:
18. го искушуваат Бога со срцето свое, барајќи храна за своите души,
19. па го нападнаа Бога, велејќи „Може ли Бог да приготви трпеза во пустиња?”
20. Ете, Он удри во карпата – и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Он да му даде и леб, може ли да му приготви трпеза на Својот народ?
21. Поради ова што го чу, Господ ги презре и пламна во гнев, и оган се разгоре против Јакова и гнев се крена против Израилот,
22. затоа што не поверуваа во Бога и не се надеваат на спасението од Него.
23. Он им заповеда на облаците одозгора и се отворија вратите на небесата,
24. па ги одожди со мана за храна, и им даде леб небесен.
25. Леб ангелски јадеше човекот: Он им испрати храна до наситување.
26. Го раздвижи од небото јужниот ветар и со силата Своја го дотера југозападниот ветар,
27. па ги одожди со месо како со прав и со птици пернати како со песок морски:
28. ги нафрла среде нивниот табор, околу нивните живеалишта,
29. и тие јадеа и се заситија: и тоа што го сакаа, им го даде.
30. Но уште не беше минала нивната желба, и храната уште им беше во устата нивна,
31. а гневот Божји дојде врз нив, ги уби нивните најсилни и Израилевите момчиња ги погуби.
32. При сето тоа тие продолжуваа да грешат и не поверуваа во чудесата Негови.
33. И така им минеа дните нивни во суета и годините нивни во смутови.
34. Кога ги убиваше, тогаш Го бараа, се обрнуваа и прибегнуваа кон Бога,
35. и се сеќаваа дека Бог е нивни помошник и дека Севишниот Бог е нивни избавител:
36. и со устата своја Го мамеа, а со јазикот свој лажеа пред Него;
37. но срцето нивно не Му беше наполно верно, и тие не беа цврсти во заветот Негов.
38. Но Он, Милостивиот, им го простуваше гревот и не ги истребуваше, многупати ја отстрануваше јароста Своја и не го разгоруваше сиот Свој гнев:
39. но Он знаеше дека се тие тело и здив што оди и не се враќа.
40. Колкупати Го беа загорчувале во пустињата и Го беа разгневувале во безводната земја!
41. И отстапуваа и одново Го искушуваа Бога и Го раздразнуваа Светецот Израилев;
42. не се сеќаваа на Неговата рака, ни на денот кога Он ги избави од оној, што ги оскрбуваше;
43. кога ги покажа во Египет Своте знаци и во полето Тенеос – Своите чудеса;
44. и ги претвори реките нивни и потоците нивни во крв, за да не можат да пијат;
45. испрати на нив бубачки да ги боцкаат и жаби да ги погубуваат;
46. житото нивно го предаде на гасеници и трудот нивни на скакулци;
47. лозјата им ги исчука со град и смоквите нивни – со слана.
48. и добитокот нивни го уништи со град, а имотот нивни – со оган;
49. го испрати врз нив гневот на јароста Своја, јарост, и гнев, и маки – одред зли ангели;
50. го отвори патот на Својот гнев, не ги поштеди од смрт ни душите нивни и добитокот нивни го предаде на помор;
51. уништи сè што беше првородено во Египет, привините од нивниот труд во Храмовите населби.
52. Тогаш го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо преку пустињата:
53. ги водеше сигурно, и тие не се уплашија; непријателите нивни ги покри морето –
54. и Ги воведе во светата Своја гора, онаа, која десницата Негова ја беше придобила;
55. и ги изгони од пред лицето нивно народите, а земјата им ја раздели со жреб во нивно наследство, и ги насели Израилевите колена во полињата нивни.
56. Но Тие го искушуваа и Го огорчуваа Бога Севишниот и не ги пазеа наредбите Негови.
57. Отстапија и се оттргнаа како татковците нивни, се претворија во искривен лак.
58. Го разгневуваа на ридовите свои и со своите идоли Го раздразнуваа.
59. Бог го чу тоа, ги презре и многу го понизи Израилот;
60. ја отфрли скинијата во Силом, во која се всели Он меѓу луѓето;
61. и ја предаде во ропство нивната крепост и убавината нивна во рацете на непријателот;
62. па го предаде Својот народ на меч и го презре Своето наследство.
63. Момчињата нивни оган ги голташе, и за девиците нивни немаше брачни песни;
64. свештениците нивни паѓаа од меч, и вдовиците нивни не беа оплакувани.
65. Тогаш се разбуди Господ како од сон, како јунак од вино совладан,
66. и ги порази непријателите Свои од зад грб и ги предаде на вечен срам.
67. И го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра коленото Ефермово,
68. туку го избра коленото Јудино, гората Сион, која ја возљуби.
69. И изгради светилиште Свое како небото и како земјата го утврди за секогаш,
70. и го избра Давида својот слуга, го зеде од овчите стада,
71. и од овците што се јагнат го доведе за да го пасе народот Негов, Јакова, и Израилот, наследството Негово.
72. И Он ги пасеше со чисто срце и ги водеше со Својата мудра рака.

Псалм 78

Плач по разорениот Ерусалим

1. Боже, незнабожците дојдоа во Твоето наследство, го осквернија светиот Твој храм, Ерусалим го претворија во урантини.
2. Мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа како храна на птиците небесни, а телата на Твоите светии – на земните ѕверови;
3. ја пролија нивната крв како вода околу Ерусалим, и немаше кој да ги погребе.
4. Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас;
5. До кога, Господи, ќе се разгневуваш постојано, до кога ќе гори лутината Твоја како оган?
6. Излеј го гневот Свој врз народите, што не Те познаваат, и врз царствата, кои не го признаваат името Твое,
7. зашто тие го испојадоа Јакова и местото негово го опустошија.
8. Не спомнувај ги нашите поранешни беззаконија, туку побрзај да нè престретнеш со Својата милосрдност, зашто многу сме осиромашени.
9. Помогни ни, Боже, Спасителе наш, поради славата на името Твое, избави нè и очисти нè од гревовите наши заради името Твое!
10. Зашто незнабожците да велат: „Каде е нивниот Бог?” Барем пред очите наши да ја видиме одмаздата над незнабожците за пролеаната крв на Твоите слуги.
11. Да дојде пред Тебе офкањето на окованите; со силата на Твојата мишка зачувај ги синовите осудени на смрт.
12. Седумкратно врати ги во пазувите на нашите соседи хулењата, со кои Те хулеа Тебе, Господи.
13. А ние, пак, народот Твој и овци од Твоето пасиште, вечно ќе Те славиме и од род во род ќе разгласуваме за Тебе похвала.

Псалм 79

Молитва Господ да го одржи народот Израилски

1. Пастиру Израилев, послушај! Ти, Кој го водиш Јосифа како стадо, Кој седиш на херувимите, јави се!
2. Пред Ефрема, Венијамина и Манасија издигни ја силата Своја и дојди да нè спасиш.
3. Боже, поврати нè; нека светне лицето Твое, и ние ќе се спасиме!
4. Господи, Боже на силите, до кога ќе бидеш гневен на молитвата од слугите Твои?
5. Ќе нè храниш ли со солзлив леб, и напојуваш со солзи изобилно?
6. Нè направи приказ за кавги меѓу нашите соседи, и нашите непријатели ни се смеат.
7. Господи, Боже на силите, поврати нè! Нека светне лицето Твое, и ние ќе се спасиме!
8. Ти ја пренесе од Египет лозата, ги изгони народите и ја посади;
9. исчисти за неа место, и ги зацврсти корењата нејзини, и таа ја исполни земјата.
10. Горите се покрија од сенката нејзина, и гранките ѝ се како кедрови Божји;
11. таа пушти гранки до морето и младици до реката.
12. Зошто ја сруши нејзината ограда, па да ја берат сите, што минуваат по патот?
13. Горскиот вепар ја подгризува, и полската ѕверка ја јаде.
14. Боже на силите! Сврти се, погледај од небесата и види го и посети го ова лозје;
15. и утврди го она што го посади десницата Твоја; погледај и на синот човечки, што си го зацврстил за Себе.
16. Тоа е со оган обгорено и раскопано; од страв пред Твоето лице нека пропаднат.
17. Твојата десница нека биде раката Твоја над човекот, и на синот човечки, кого си го зацврстила за Себе.
18. А ние нема да отстапиме од Тебе; оживи нè, и ние ќе го призиваме Твоето име.
19. Господи, Боже на силите, поврати нè; нека свети лицето Твое, и ние ќе се спасиме!

Псалм 80

Вистинско празнување

1. Радувајте се во Бога, нашиот помошник, воскликнете кон Бога Јаковов;
2. запејте песна, удрете во тимпан, во милозвучно гусле со псалтир;
3. затрубете со труба во новомесечје, во определено време, во денот на вашиот празник,
4. зашто тоа е закон за Израилот, наредба од Бога Јаковов.
5. Он го установи тоа како сведоштво за Јосифа, кога тој излезе од Египетската земја, каде што чу јазик, што не го знаеше:
6. „Јас го симнав товарот од рамениците негови, и му ги ослободив рацете негови од кошницата.
7. Во маката своја ти Ме повика, и Јас те избавив; при гром те чув, кај водите на Мерива те испитав.
8. Чуј, народе Мој, и Јас ќе ти посведичам, ако Ме послушаш, Израиле!
9. Да немаш друг бог и да не му се клањаш на друг земен бог.
10. Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од Египетската земја; отвори ја устата своја, и Јас ќе ја исполнам.
11. Но мојот народ не го послуша гласот Мој, и Израилот не Ми се поклони;
12. затоа Јас ги оставив на нивните упорни срца; нека одат по мислите свои.
13. О, да беше Ме послушал Мојот народ и Израилот да одеше по Моите патишта,
14. веднаш ќе ги смирев нивните непријатели и ќе ја свртев раката Своја против оние што го оскрбуваа.”
15. Оние, што го мразат Господа, сакаа да Му се приближат, и нивното дружење би продолжило за секогаш;
16. ќе ги хранев со најдобра пченица и ќе ги наситував со мед од камен.

Псалм 81

Господ им се заканува на неправедните власти

1. Бог застана во собранието на „боговите”; меѓу „боговите” изрече суд:
2. До кога ќе судите неправедно и спрема грешниците ќе покажувате пристрастност?
3. Пазете на сирак и беден, праведен и сиромав;
4. ослободувајте го сиромавиот и бедниот од рацете на грешниците.
5. Не знаат, не разбират, во темнина одат; сите земни основи ќе се разнишаат,
6. Јас реков: вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот;
7. но вие ќе умрете како луѓе, и ќе паѓате како секој кнез.”
8. Стани, боже, суди ѝ на земјата, зашто Твои се по наследство сите народи.

Псалм 82

Молитва за помош против непријателите на Израилот

1. Боже, кој може да се спореди со Тебе? Не премолчувај, и не смирувај се Боже,
2. зашто ете Твоите непријатели вреват, а оние, што Те мразат, кренаа глава;
3. против Твојот народ зло наумија и се советуваат против светите Твои;
4. рекоа: „Да отидеме и да го истребиме меѓу народите, па да не се спомнува повеќе името Израил.”
5. Се договорија еднодушно, склучија против Тебе сојуз;
6. населбите Едомови и Исмаилски, Моав и Агарјани;
7. Гавал, Амон, Амалик и другоплемениците се оние што живеат во Тир,
8. бидејќи и Асур се придружи кон нив, па станаа помош за синовите Лотови.
9. Направи ми го истото, како што им направи на Мадијамците, како и на Сисарите, како и на Јавин кај потокот Кисон,
10. кои беа истребени во Аендор и станаа ѓубре за земјата.
11. Постапи со нив, со нивните кнезови, како со Орив и Зива и со сите нивни кнезови, како со Зевеј и Саламан,
12. бидејќи велат: „Да го присвоиме за себе светилиштето Божјо!”
13. Боже мој, заповедај да станат како виор и како плева пред ветар;
14. како оган што изгорува дубрави, и како пламен што запалува гори.
15. Така и Ти подгони ги лицата нивни со бесчестие, па да го побараат името Твое, Господи!
16. исполни ги лицата нивни со бесчестие, па да го побараат името Твое, Господи!
17. Да се засрамат и да се збунат засекогаш, да се посрамат и да загинат,
18. и да познаат, дека името Ти е Господ, и дека Ти си единствен Севишен над целата земја.

Псалм 83

Копнеж за светилиште

1. Колку се мили Твоите живеалишта, Господи на силите!
2. Копнее душата моја сакајќи да е во Господовите дворови; срето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог.
3. И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката гнездо, каде што ќе ги положи пиоњата свои, а јас при олтарите Твои, Господи на силите, Цару мој и Боже мој!
4. Блажени се оние, кои живеат во домот Твој тие постојано Те фалат.
5. Балажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои.
6. Преминувајќи ја долината на плачот, тие наоѓаат извори во неа, и дожд ја покрива со благослови;
7. минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога, на Сион.
8. Господи, Боже на силите, услиши ја молитвата моја, послушај, Боже Јаковов!
9. Боже, заштитнику наш, погледај и види го лицето на твојот помазаник!
10. Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку – илјада дни надвор. Повеќе сакам да бидат на прагот пред Божјиот дон, отколку да живеам во населбите на грешниците.
11. Бидејќи Господ Бог сака милост и вистина, дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно.
12. Господ на силите, блажен е оној човек, кој се надева на Тебе!

Псалм 84

Молба Господ пак да го благослови народот
спрема кого порано бил милостив

1. Господи, Ти омиле земјата Твоја, го врати од пленство Јакова.
2. Ти им ги прости беззаконијата на Твоите луѓе, ги покри сите нивни гревови,
3. го смири сиот Свој гнев, ја ублажи јароста на гневот Свој.
4. Поврати нè, Боже, спасение наше, и одврати ја Твојата јарост од нас.
5. Зар вечно ќе се гневиш на нас, или ќе го протегнеш гневот Свој од род во род?
6. Нема ли, Боже, да се повратиш, и пак да нè оживееш, и луѓето Твои да се зарадуваат во Тебе?
7. Покажи ни ја, Господи, Твојата милост, и подари ни спасение.
8. Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Он ќе зборува за мир на Својот народ и на Своите светии, и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему.
9. Да, спасението од Него е блиску до оние, кои се бојат од Него, за да ја насели славата своја во нашата земја.
10. Милоста и вистината ќе се сретнат, правдата и мирот ќе се целиваат.
11. Вистината ќе изникне од земјата, а правдата ќе се појави од небото;
12. Зашто Господ ќе даде добро, и нашата земја ќе го даде својот плод;
13. правдата ќе оди пред Него и на патот ќе ги става стапките свои.

Псалм 85

Молитва во голема неволја

1. Приклони го, Господи, увото свое и услиши ја молитвата моја, зашто сум беден и сиромав.
2. Зачувај ја душата моја, зашто сум смирен; спаси го слугата Твој, Боже мој, кој се надева на Тебе.
3. Помилуј ме, Господи, зашто кон Тебе викам секој ден.
4. Развесели ја душата на Твојот слуга, оти кон Тебе, Господи, ја вознесувам душата своја;
5. зашто Ти, Господи, си добар, кроток и многумилостив кон сите, кои Те признаваат.
6. Чуј ја, Господи, мојата молитва и послушај го гласот на молбата моја.
7. Во денот на мојата мака повикав кон Тебе, и Ти ме чу.
8. Меѓу боговите нема таков каков што си Ти, Господи, и нема дела како Твоите.
9. Сите народи што си ги создал Ти, ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, Господи, и ќе го прославуваат името Твое,
10. зашто Ти си велик и правиш чудеса, – Ти си Бог единствен!
11. Упати ме, Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина; и нека се радува срцето мое, плашејќи се од името Твое.
12. Ќе Те славам, Господи, Боже мој, од сè срце и вечно ќе го прославувам името Твое,
13. зашто Твојата милост кон мене е голема: Ти ја спаси душата моја од длабините на пеколот.
14. Боже, законопрестапниците станаа против мене, и многуте насилници ја бараат душата моја: тие Те немаат Тебе пред себе.
15. Но Ти, Боже, Кој си штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистинит,
16. погледни на мене и помилуј ме; дај му ја Твојата сила на слугата свој и спаси го синот на слугинката Твоја;
17. покажи со мене чудо за добро, па да видат оние, што ме мразат, и да се засрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши.

Псалм 86

Се слави Сион затоа што обратил незнабожци

1. Основите Негови се горите свети.
2. Господ ги сака портите Сионски повеќе од сите населби на Јакова.
3. Граде Божји, преславно се зборува за тебе.
4. „Ќе им спомнам на оние кои ме знаат, за Раав и Вавилон; ете, другоплемениците, и Тир, и луѓето од Етиопија, и тие се родија таму беа.”
5. А за мајката Сион ќе речат: тој и тој човек се роди во него, и Самиот Севишни го зацврсти.
6. Кога ќе се пребројуваат народите и кнезовите, Господ ќе напише: сите досега таму се родија.
7. Оние што пеат се радуваат; пеат и велат – сите наши извори во Тебе се.

Псалм 87

Молитва во тешко искушение и во смртна опасност

1. Господи, Боже на моето спасение, дење Те призивам и ноќе сум пред Тебе:
2. за да дојде пред Тебе молитвата моја, приклони го увото Свое кон молбата моја, Господи,
3. зашто душата моја е полна со јад и животот се приближи до адот.
4. Се изедначив со оние, што слегуваат во гроб; станав како човек без помош – слободен меѓу мртвите;
5. како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш; тие се оттурнани од Твојата рака.
6. Ме положија во подземен ров, во мрак и во смртна сенка.
7. Ја истури врз мене Твојата јарост, и со сите Свои бранови ме поразуваш.
8. Ти ги оддалечи од мене моите познати, ме направи одвратен за нив; затворен сум и не можам да излезам.
9. Очите мои ослабеа од сиромаштија: цел ден викам кон Тебе, Господи, ги протегам рацете кон Тебе.
10. Зар на мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те слават?
11. Зар во гроб некој ќе кажува за твојата милост и за Твојата вистина – местото на распаѓањето?
12. Зар во темнината ќе ги познаат Твоите чудеса, и во земјата на заборавот – твојата правда?
13. Но јас повикав кон Тебе, Господи, и наутро молитвата моја Те испреварува.
14. Зошто, Господи, ја оттурнуваш душата моја и го одвраќаш лицето Свое од мене?
15. Јас сум несреќен и од младини се мачам; се возгордеав, се смирив и изнемоштен сум.
16. Над мене се надви Твојата јарост, Твоите заплашувања наполно ме скршија.
17. Секој ден ме опкружуваат како вода: сите заедно ме опседнуваат.
18. Ти го оддалечи од мене ближниот и пријателот; моите познати не се гледаат.

Псалм 88

Утеха за Давидовиот дом во дадениот завет од Бога

1. Милоста, Твоја, Господи, вечно ќе ја воспевам, од род во род ќе ја разгласувам со устата своја Твојата вистина.
2. Зашто рече: милоста е за вечност установена, а на небото Ти ја утврди Твојата вистина.
3. „Јас поставив завет со Моите избраници, му се заколнав на Мојот слуга Давида:
4. за вечност ќе го одржувам твоето потомство, од род во род и ќе го утврдувам твојот престол.”
5. И небото ќе ги прославува. Господи, Твоите чудесни дела и Твојата вистина во собранијата на светиите.
6. Зашто, кој на облаците ќе се споредува со Господа и кој од синовите Божји ќе се изедначи со Господа?
7. Во соборот на светиите Бога Го прославуваат; велик е и страшен за сите што Го окружуваат.
8. Господи, Боже на силите, кој е еднаков со Тебе. Силен Си Ти, Господи, и вистината Твоја е околу Тебе.
9. Ти управуваш со силата морска и силните бранови негови, Ти ги скротуваш.
10. Ти го поразуваш гордиот како ранет, со Твојата крепка рака ги распрснуваш непријателите Свои.
11. Твои се небесата и твоја е земјата; вселената и она, што ја исполнува, Ти си ја основал.
12. Север и југ Ти си ги создал; Тавор и Ермон за Твоето име се радуваат.
13. Силна е Твојата мишка, црвста е раката Твоја, високо е издигната десницата Твоја!
14. Правдата и судот се основа на Твојот престол; милоста и вистината одат пред Твоето лице.
15. Блажени се луѓето, што го познаваат трубниот глас. Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи;
16. за Твоето име се радуваат цел ден и со Твојата правда се возвишуваат,
17. зашто Ти си похвала на силите нивни и со Твоето благоволение се издига нашито рог,
18. бидејќи нашата заштита доаѓа од Господа и од светецот Израилев, нашиот Цар.
19. Некогаш Ти си им зборувал на Твоите синови во видение и си рекол: „Јас му дадов помош на силниот, го издигнав избраникот меѓу Мојот народ.
20. Го најдов Мојот слуга Давида; со својот свет елеј го помазав.
21. Раката Моја ќе го застапува, и мишката моја ќе го закрепнува.
22. Непријателот не ќе може ништо да му направи,и синот на беззаконието нема да го измачува.
23. Ќе ги уништам пред него непријателите негови и ќе ги победам оние, што го мразат.
24. И Мојата вистина и Мојата милост се со него, и преку Моето име ќе се возвишува неговиот рог.
25. И ќе ја положам над морето раката негова, и над реките – десницата негова.
26. Тој ќе ме призива: Ти си мој Отец, мој Бог и крепост на моето спасение.
27. И Јас ќе го направам првороден син, повисоко од земните цареви,
28. засекогаш ќе му ја зачувам Мојата милост и Мојот завет со него да биде верен.
29. И ќе го продолжам за секогаш неговото потомство и неговиот престол, – колку деновите на небото.
30. Ако синовите негови го остават Мојот закон и не одат по Моите заповеди;
31. ако ги нарушат Моите наредби и не ги запазуваат Моите повелби,
32. тогаш ќе ги посетам со жезалот поради нивното беззаконие, и со рани – заради неправдите нивни;
33. но милоста Своја нема да ја одземам од него и вистината нема да ја превртам.
34. Нема да го нарушам Мојот завет и нема да го изменам она, што излегло од устата Моја.
35. Еднаш се заколнав во светоста Своја: ќе ги излажам ли Давида?
36. Неговото потомство вечно ќе пребива, неговиот престол ќе биде како сонце пред Мене,
37. засекогаш ќе стои како месечината; и верен сведок е на небото.”
38. Но Ти го отфрли и го презре, негодуваше на Твојот помазаник;
39. го разруши заветот со Твојот слуга, го оскверни светилиштето негово на земјата;
40. ги разруши сите негови огради, ги претвори во урнатини неговите крепости.
41. Го ограбуваат сите што поминуваат по патот; тој стана за потсмев на своите соседи.
42. Ти ја возвиши десницата на неговите противници, ги зарадува сите непријатели негови;
43. Ти му откажа помош на мечот негов и во борбата не го поткрепи;
44. ја одзеде од него чистотата и го урна на земја престолот негов;
45. ги скрати деновите на времето негово и го покри со срам.
46. До кога, Господи, ќе се одрваќа непрестајно? Го кога ќе гори гневот Твој како оган.
47. Спомни си, колкав е векот мој: за каква суета си ги создал сите синови човечки.
48. Кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види, и да ја спаси душата од пеколот?
49. Каде се Твоите поранешни милости, Господи, за кои му се заколна на Давида во Твојата вистина.
50. Сети се, Господи, на подбивите од слугите Твои што ги носам во пазувите свои од многуте народи;
51. на подбивите од Твоите непријатели, Господи, со кои ја валкаат трагата на Твојот помазаник.
52. Нека е благословен Господ во сите векови! Амин, Амин!

ЧЕТВРТА КНИГА

Псалм 89

Бог е вечен, грешните луѓе не се постојани

1. Господи, Ти си ни прибежиште од род во род.
2. Дури уште пред да се појават горите, и пред создавањето на земјата и на вселената, отсекогаш и за секогаш Ти постоиш.
3. Не враќај го човекот во прав, бидејќи си рекол: „обратете се синови човечки!”
4. Зашто пред Твоите очи илјада години се како вчерашен ден, што поминал, и колку една стража преку ноќта.
5. Годините нивни минуваат; тие се како трева – изутрина;
6. наутро ќе процути и ќе помине, а навечер паѓа и се исушува.
7. Така и ние исчезнуваме од Твојот гнев, и од Твојата јарост сме во забуна.
8. Ти си ги поставил пред Себе нашите беззаконија, векот наш е во светлината на лицето Твое.
9. Сите наши дни се скратуваат и од Твојот гнев исчезнуваат, па веќе нè нема; нашите години се трудеа како пајак.
10. Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и болести, бидејќи брзо минуваат и ние летаме со нив.
11. Која ја знае силата на Твојот гнев, па во стравот пред Твојата јарост да се плаши?
12. Научи нè така со десницата Твоја, па да се здобиеме со мудро срце.
13. Сврти се, Господи, до кога вака? Смилувај се на Твоите слуги.
14. Се исполнивме изутрина со Твојата милост, Господи, и се зарадувавме и се развеселивме во сите наши дни,
15. се развеселивме за оние дни, кога нè понизуваше, за годините, во кои видовме зло.
16. па призри на слугите Твои и на делата Твои, и научи ги синовите нивни.
17. И славата на нашиот Господ Бог нека биде со нас, и во делата на рацете наши помагај ни.

Псалм 90

Бог е наш вечен заштитник

1. Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небескиот Бог.
2. И ќе Му рече на Господа: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам!
3. Зашто Он ќе те избави од стапицата на ловецот, и од збор кој збунува.
4. Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност: како што ќе те окружува Неговата вистина.
5. Нема да се уплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење,
6. од суштества што одат во темнина, од зараза и од бес што опустошува напладне.
7. Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе; но до тебе нема да се приближат;
8. само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш отплатата на грешниците.
9. Зашто, ти, си Господи, надеж моја, Севишниот го избра за Свое прибежиште;
10. зло нема да Ти се случи, и невојла нема да Ти се приближи до телото Твое;
11. затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за Тебе, да Те чуваат на сите патишта Твои.
12. Ќе Те понесат на раце, да не ја сопнеш од камен ногата Своја;
13. на отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе убиваш.
14. „Бидејќи се надеваше на Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое.
15. Ќе повика кон Мене, и ќе го чујам; со него сум во неволја; ќе го избавам и ќе го прославам,
16. ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене.”

Псалм 91

Бог благословува праведник

1. Добро е да се слави Господ и да Му се пее на името Твое, Севишни,
2. да се возвестува наутро милоста Твоја, и секоја ноќ – Твојата вистина,
3. на десетострунен псалтир, со песна на гусле.
4. Зашто Ти ме развесели, Господи, со Твоите созданија, и од делата на Твоите раце е зарадував.
5. Колку се големи делата Твои, Господи! многу се длабоки Твоите помисли!
6. Безумниот човек не ќе може да ги узнае, и неразумниот нема да го разбере тоа.
7. Кога грешниците никнуваат како трева, и кренат глава оние што вршат беззаконие, тоа е за да бидат истребени засекогаш, –
8. Ти си, Господи, Севишни секогаш!
9. Зашто, еве, непријателите Твои, Господи, ќе пропаднат и ќе се растураат сите што вршат беззаконие;
10. а мојот рог Ти го вознесуваш како рог на еднорогот, и староста моја со елеј се помазува,
11. и окото мое ги погледа непријателите мои, и увото мое ќе чуе за побунетите против мене беззаконици.
12. Преведникот процути како палма, ќе се издигне како кедар ливански.
13. Засадените во домот Господов, ќе процутат во дворовите на нашиот Бог;
14. тие и во староста ќе бидат плодни, помазани и ќе живеат угодно,
15. за да возвестуваат дека е праведен Господ, нашиот Бог, и дека нема неправда од Него.

Пселм 92

Бог е цар на вселената

1. Господ се зацари; се облече во велелепие, Господ се препаша со сила, затоа што вселената ја зацврсти и нема да се разниша.
2. Твојот престол е утврден од почетокот на времето; Ти постоиш отсекогаш.
3. Ги издигнаа реките, Господи, ги издигнаа реките гласовите свои.
4. Но од бучесњето на многуте води, чудесни се морските бранови, чудесен е Господ во висините Свои.
5. Сведоштвата Твои се многу уверливи. На твојот дом, Господи, му припаѓа светост за долго време.

Псалм 93

Бог е праведен судија

1. Бог Господ е одмаздник Боже на одмаздата покажи се!
2. Стани, Судијо на земјава, дај им отплата на гордите.
3. До кога грешниците, Господи, до кога грешниците ќе се фалат,
4. мрморат и кажуваат неправда, до кога ќе зборуваат така сите што вршат безааконие?
5. Го газат Твојот народ, Господи, и го озлобуваат Твоето наследство;
6. вдовица и сирак убија, и придојден убија.
7. па рекоа: Господ нема да види, ни Бог Јаковов нема да дознае.
8. Вразумете се, вие што сте безумни! И дали вие, луѓе, некогаш ќе се опаметите?
9. Оној, Кој го насадил увото, нема ли да чуе, и Оној што го поставил окото, нема ли да види?
10. Оној, Кој ги вразумува народите, и Кој го учи човекот на знење, зар нема да казни?
11. Господ ги знае човечките мисли, знае дека се тие суетни.
12. Блажен е оној човек, кого го казнуваш Ти, Господи, и го поучуваш на Твојот закон,
13. за да му дадеш мир во лошите денови, додека за грешникот не се ископа гроб!
14. Зашто Господ нема да го отфрли Својот народ и нема да го остави Своето наследство.
15. додека правдата не се обрне во суд и по него не се држат сите прави по срце.
16. Кој ќе се крене за мене против лукавите или кој ќе стои покрај мене против оние што вршат беззаконие?
17. Да не ми беше помогнал Господ, душата моја брзо ќе се преселеше во адот.
18. Кога ќе речев: ногата ми се поколеба, – Твојата милост, Господи, ме помагаше.
19. Кога се намножуваа тешкотиите и во срцето мое, Твоите утехи ја развеселуваа душата моја.
20. Па зар до Тебе ќе се приближи престолот безбожнички, оној што работи спротивно на законот Твој.
21. Ја ловат душата на преведникот и осудуват невина крв.
22. Но Господ е мое прибежиште и Бог мој – сигурност во надежта моја.
23. Он ќе го сврти врз нив нивното беззаконие, и според злобата нивна ќе ги погуби Господ Бог.

Псалм 94

Прославување на Создателот и Спасителот

1. Дојдете да се возрадуваме во Господа и да воскликнеме кон Бога, Спасителот наш;
2. да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнеме,
3. зашто Бог е велик Господ и Цар голем по целата земја.
4. Зашто во Неговите раце се сите краишта на земјата, а горските височини се исто така Негови.
5. Бидејќи Негово е морето, и Он го создаде, а рацете Негови го создадоа и сувото.
6. Дојдете, да Му се поклониме и да паднеме ничкум, да заплачеме пред лицето на Господа, нашиот Творец;
7. зашто Он е Бог наш, а ние сме народ од Неговото пасиште и овци од Неговите раце. О, денес да бевте го послушале Неговиот глас!
8. „Не ожесточувајте ги срцата ваши, како во Мерива, во деновите на искушението во пустињата,
9. каде што Ме искушуваа вашите татковци, Ме испитуваа и ги видоа делата Мои.
10. Четириесет години негодуваа против тој народ и реков: овие луѓе се заблудуваат во срцето свое и не ги познаа патиштата Мои,
11. па затоа се заколнав во гневот Свој, дека тие нема да влезат во Мојот мир.”

Псалм 95

Похвална песна Давидова

1. Запејте Му на Господа песна нова, запеј Му на Господа, цела земјо!
2. Пејте Му на Господа, благословувајте го името Негово, благовестите го од ден на ден спасението од Него;
3. разгласувајте ја меѓу народите славата Негова, и на сите народи – чудесата Негови;
4. зашто велик е Господ и достоен за пофалба, страшен е Оне над сите богови.
5. Бидејќи сите богови на незнабожците се бесови, а Господ го создаде небото.
6. Слава и величие се пред лицето Негово, светост и великолепие – во светилиштето Негово.
7. Воздајте Му на Господа, племиња народни, воздајте Му слава и чест;
8. воздајте Му на Господа слава на името Негово, земете жртви и влезете во неговите дворови;
9. поклонете Му се на Господа во светите дворови Негови. Да затрепери пред лицетео Негово целата земја!
10. Кажете им на народите: Господ се зацари! затоа цврста е вселената, нема да се разниша.
11. Нека се развесели небото и да се возрадува земјата, нека се раздвижи морето и она што го исполнува;
12. нека се радуваат полињата и сè што е на нив, да ликуваат сите дрвја по дубравите,
13. пред лицето на Господа, зашто иде, зашто Он иде да ѝ суди на земјата. Он ќе ѝ суди на вселената по правда, и на народите – според Својата вистина.

Псалм 96

Радоста на Сион

1. Господ се зацари: нека се радува земјата; нека се веселат многубројните острови.
2. Облак и мрак е околу Него; правда и судот се основа на Неговиот престол.
3. Пред Него оган врви и ги гори непријателите Негови наоколу.
4. Неговите молњи ја осветлуваат вселената; земјата гледа и трепери.
5. Горите се топат како восок од лицето на Господа, од лицето на Господа, по целата земја.
6. Небесата ја разгласуваат Неговата правда, и сите народи ја видоа Неговата слава.
7. Нека се засрамат сите, кои се клањаат на кипови, кои се фалат со своите идоли. Поклонете Му се сите ангели Негови.
8. Чу Сион и се зарадува, се веселат ќерките Јудини заради Твоите пресуди, Господи,
9. зашто Ти си Господи, Севишни на целата земја, повисок си од сите богови.
10. Вие, кои Го сакате Господа, мразете го злото! Ја чува Господ душата на своите светии; од раката на грешниците ќе ги избави.
11. Светлина засветли над предникот, а на правите по срце – радост.
12. Радувајте се, праведни, во Господа и славете го споменот на светоста Негова.

Псалм 97

Победите на Господа по целиот свет

1. Запејте Му на Господа нова песна, зашто создаде чудесни работи, Неговата десница, Му помогна и Неговата света мишка.
2. Господ го објави Своето спасение, пред очите на народите ја откри Својата правда.
3. Се присети Он за својата милост кон Јакова и на вистината Своја кон домот Израилев; сите краишта земи го видоа спасението од Нашиот Бог.
4. Воскликни Му на Господа, цела земјо; запеј, радуј се и пеј;
5. пејте Му на Господа со гусли, со гусли и со глас псаломски;
6. во труби ковани и во труби од рог затрубете пред Царот – пред Господа.
7. Нека шуми морето и сè она што го исполнува: вселената и сите што живеат во неа;
8. да заплескаат со раце реките и заедно со горите да се зарадуваат пред лицето на Господа!
9. зашто Он доаѓа да ѝ суди на земјата. Он ќе ѝ суди на вселената по правда и народите – правично.

Псалм 98

Свето е царството Господово

1. Господ се зацари: нека треперат народите! Он седи на херувими: нека се затресе земјата!
2. Велик е Господ на Сион и возвишен е Он над сите народи.
3. Нека го слават името Твое велико: зашто тоа е страшно и свето.
4. И геста на Царот, сака праведен суд; Ти утврди правда; суд и правда Ти изврши кај Јакова.
5. Превознесувајте Го Господа, нашиот Бог, поклонувајте Му се во подножјето на нозете Негови, зашто тоа е свето!
6. Мојсеј и Арон беа меѓу свештениците свои, а Самуил меѓу оние, кои го призовуаа името Негово. Ти го призовуваа Господа и Он ги слушаше.
7. Во облаков столб Он им говореше, зашто тие ги пазеа Неговите заповеди и наредби, што им ги даваше.
8. Господи, Боже наш, Ти ги слушаше. Боже, Ти беше милостив спрема нив и ги казнуваше сите нивни лоши постапки.
9. Возвишувајте Го Господа, нашиот Бог, и поклонувајте се пред Неговата света гора, зашто свет е Господа, нашиот Бог.

Псалм 99

Сите луѓе нека го слават Господа

1. Воскликни Му на Господа, цела земјо!
2. Служете Му на Господа со радост; излегувајте пред Него со восклик!
3. Знајте дека е Господ, дека е Он Бог наш, дека Он нè создаде нас, а не ние самите; Негови сме – Негов народ и овци од Неговото пасиште.
4. Влегувајте низ Неговите порти со славословие, во Неговите дворови со песна; славете Го, фалете го името Негово,
5. зашто благ е Господ: Неговата милост е вечна и Неговата вистина е од род во род.

Псалм 100

Молитва за непорочен пат

1. Со песна ќе го прославам милоста и судот, Господи.
2. Ќе Ти пеам и ќе размислувам за патот непорочен: кога ќе ми пријдеш? Среде мојот дом одев со чисто срце.
3. Не ставив пред очите мои ништо незаконски; престапите ги мразам.
4. Развратно срце нема да се прилепи до мене; за лукавиот не сакав да знам.
5. Оној што тајно го клевети ближниот свој, го изгонувам; со оној, што е со горделиви очи и ненаситно срце, не јадев.
6. Очите ми се управени кон верниците на земјата, за да седат со мене; кој одеше по патот непорочен, тој ми служеше.
7. Не живееше во мојот дом оној, кој гордо постапува; кој говори лага, не можеше да остане пред очите мои.
8. Од рани зори ги убивав сите грешници на земјата, за да ги истребам од Господовиот град сите, што вршат беззаконие.

Псалм 101

Молитва на страдалник

1. Господи, услиши ја молитвата моја и повикот мој нека дојде до Тебе!
2. Не одвраќај го лицето Свое од мене, во денот на мојата жалост приклони го увото Твое кон мене; во деност, кога
Те повикувам, услиши ме бргу,
3. зашто дните ми исчезнуваат како дим, а коските мои се исушија како суварки;
4. попарен сум како трева, срцето ми е исушено, така што заборавив и лебот свој да го јадам;
5. од гласот на моите воздишки коските ми се залепија за телото мое.
6. Заприлегав на несит во пустиња; станав како був во урнатини;
7. не спиев, седев како самотна птица на покрив.
8. Секој ден ме навредуваа непријателите мои, и фалејќи се, ме проколнуваа.
9. Јадев пепел како леб и пијалокот свој со солзи го растворав.
10. Поради гневот и јароста од лицето Твое бев воздигнат и соборен.
11. Дните мои исчезнуваа како сенка и јас се исушив како сено.
12. А Ти, Господи, вечно пребиваш; и споменот за Тебе е од род во род.
13. Кога ќе станеш, ќе се смилуваш на Сион, зашто време е да се смилуваш на него – зашто дојде времето;
14. бидејќи на Твоите слуги им омилеа и камењата негови и за правот негов жалат.
15. Незнабожците ќе се заплашат од името на Господа, а сите земни цареви – од Твојата слава.
16. Зашто Господ ќе го изгради Сион и ќе се појави во славата Своја;
17. ќе погледне милостиво на молитвите од беспомошните и нема да ги презре молибите нивни.
18. Нека се запише ова за следниот род, и идното поколение што ќе Го слави Господа,
19. зашто се јави од светата Своја височина, Господ од небесата погледна на земјата,
20. за да ги чуе офкањата на окованите, да ги ослободи синовите од смртта,
21. за да го разгласат името Господово на Сион и похвалата Негова во Ерусалим,
22. кога ќе се соберат народите и царствата заедно да му служат на Господа.
23. Он ми ја откажа заштитата Своја на патот мој, ме извести дека ги скратува дните мои.
24. Боже мој! Не земај ме на половината од деновите мои. Твоите години се од род во род.
25. Во почетокот Ти, Господи, ја основа земјата, небесата се дело на Твоите раце;
26. тие ќе пропаднат, а Ти ќе пребиваш; сите тие – како облека ќе оветвеат, и како наметка Ти ќе ги свиткаш, и ќе се изменат;
27. но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да завршат.
28. Синоивте на Твоите слуги ќе се веселат и потомството нивно ќе се зацврсти за навек.

Псалм 102

Благословувајте Го Господа

1. Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име.
2. Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној,
3. Кој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести;
4. Кој го избавува од распаѓање твојот живот, Кој те овенчува со милост и со добрини.
5. Кој ја исполнува со блага твојата желба, како на орел ќе се обновува твојата младост.
6. Господ им дава милост и суд на сите онеправдани.
7. Он му ги покажа Своите патишта на Мојсеја, на Израилевите синови – барањата Свои.
8. Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив;
9. Он не се гневи до крај, ниту вечно се лути.
10. Оне не ни направи ништо според нашите безааконија и не постапи според нашите гревови;
11. зашто, колку е големо растојанието од небото до земјата, толку е голема милоста на Господа спрема оние што се бојат од Него;
12. колку е далику исток од запад, толку ги оддалечил Он од нас нашите беззаконија;
13. како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него.
14. Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека сме земја.
15. Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој;
16. ќе дувне ли над него ветар, и веќе го нема, и местото веќе нема да се познава
17. А милоста на Господа е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него,
18. и правдата Негова е од синовите на синовите, кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови, за да ги исполнуваат.
19. Господ го поставил Својот престол на небото, и царството Негово владее над сè.
20. Благословувајте Го Господа – сите ангели Негови крепки по сила, кои го извршуваат Неговиот збоар, слушајќи го гласот од зборот Негов;
21. благословувајте Го Господа – сите Негови војски, Негови служители, кои ја испонувате волјата Негова;
22. благословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење. Благословувај Го, душо моја, Господа!

Псалм 103

Славата Божја е во делата Негови

1. Благословувај Го, душо моја, Господа, Господи, Боже мој, ти си се возвеличил; во слава и велелепие си се облекол;
2. Ти си се облекол во светлина како со облека, си го прострел небото како шатор;
3. со вода си ги покрил Твоите дворови, облаците си ги направил за да одиш по нив, кога се движиш – ветрот Ти служи како крилја.
4. Ветровите ги правиш Свои гласници, а слугите Свои огнен пламен.
5. Ти си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш.
6. Си ја покрил со бездна како со облака, води ќе стојат на горите.
7. Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се бојат;
8. се издигаат горите, се спуштаат долините, на места што си им ги определил.
9. Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат земјата.
10. Си управил извори во долините: меѓу горите течат води,
11. ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите осли ја гаснат жедта своја.
12. При нив живеат птици небесни, меѓу камењата пуштаат глас.
13. Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува земјата.
14. Ти правиш да расте трева за добитокот и растение за потреба на луѓето, за да произведат леб од земјата
15. и виното што го весели срцето на човекот, и елејот од кој блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот.
16. Се заситуваат дрвјата по полето, кедрите ливански, што си ги посадил;
17. на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штрковите.
18. Високите гори – на срните; камењата – прибежиште на зајаците.
19. Он ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето го знае својот запад.
20. Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови;
21. лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе.
22. Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла;
23. чвекот излегува по своја работи и работи до вечерта.
24. Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сè си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија.
25. А тоа море е големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни;
26. таму пловат кораби, таму е чудовиштето што си го создал да игра во него.
27. Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме.
28. Им даваш – примаат, ја отвораш раката Своја – се наситуваат со блага;
29. го одвратиш ли лицето Свое – се збунуваат, им го одземеш ли духот нивни – умираат и во земјата своја се враќаат.
30. Го праќаш ли духот Свој – се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата.
31. Нека пребива славата на Господа вечно; нека се весели Господ за делата Свои!
32. Погледнува ли кон земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие димат.
33. Ќе му пеам на Господа преку целиот мој живот, ќе му пеам на мојот Бог сè додека постојам.
34. Нека Му биде мила беседата моја! ќе се веселам во Господа.
35. Нека ги снема грешниците од земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Господа! Алилуја!

Псалм 104

Возвеличување на Бога поради
Неговите добрини спрема Израилот

1. Славете Го Господа; призивајте го Неговото име; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови.
2. Славете Го и пејте Му; кажувајте ги сите Негови чудеса.
3. Фалете се со Неговото свето име: нека се весели срцето на оние, кои Го бараат Господа.
4. Барајте Го Господа и утврдувајте се, барајте го секогаш лицето Негово.
5. Спомнувајте ги чудесата Негови, што ги направи, чудесата Негови и судовите од устата Негова,
6. вие, семе Авраамово, слуги Негови, синови Јаковови, избраници Негови.
7. Он е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја.
8. Он вечно го помни заветот Свој, зборот што го заповедал во илјада родови,
9. што му го ветил на Авраама, и заклетвата своја на Исака;
10. и му го поставил тоа како закон на Јакова и како вечен завет на Израилот,
11. велејќи: „Тебе ќе ти ја дадам Хананската земја во ваше наследство.”
12. Тогаш тие беа уште малку на број, многу малку, и беа придојдени во неа,
13. па преминуваа од народ во народ, од едно царство кон друг народ;
14. никому не му дозволуваше Он да ги навредува и царевите за нив ги караше:
15. „Не допирајте се до Моите помазани, на Моиоте пророци не правете им зло!”
16. И пушти глад во таа земја и секој лебен клас го сотре.
17. Испрати пред нив човек: како роб беше продаден Јосиф.
18. Ги стегнаа во вериги нозете негови; железото ја измачувало душата негова,
19. додека се исполни зборот Негов: зборот Господов го оправда.
20. Царот прати по него, го одврзаа, кнезот над народите и го ослободи.
21. Го постави за домаќин над домот свој и управител над сиот имот свој,
22. за да ги поучува кнезовите според својата волја и старешните негови да ги учи на мудрост.
23. Тогаш дојде Израилот во Египет, и Јаков се всели во Хамовата земја.
24. Го умножи Бог многу Својот народ и го направи посилен од непријателите негови.
25. Се преврти срцето нивно и тие го замразија народот Негов, и почнаа да им пакостат на слугите Негови.
26. Го испрати Мојсеја, слугата Свој, и Арона, кого го избра.
27. Ти ги покажаа меѓу нив зборовите на Неговите знаци и на чудесата Негови во Хамовата земја.
28. Испрати темнина и се смрачи, и тие не се спротивставија на зборот Негов.
29. Ја претвори водата нивна во крв и ја уништи рибата нивна.
30. Се исполни земјата нивна со жаби, дури и собите на царот нивни.
31. Он рече: и нападнаа песји муви и мушички по сите нивни предели.
32. Наместо дожд, испрати врз нив град, оган што ја гореше земјата нивна,
33. и ги уништи лозјата нивни и смоквите нивни, ги сотре сите дрвја во нивните предели.
34. Рече и нападнаа скакулци и гасеници безброј;
35. и ја изедоа сета трева по земјата нивна, ги испојадоа сите плодови на нивите нивни.
36. И го порази секое првородено во земјата нивна, првините од сиот нивни труд.
37. Ги изведе Израилците со сребро и злато, и немаше болен во племињата нивни.
38. Се зарадува Египет поради нивното излегување, бидејќи го беше обзел страв од нив.
39. Им простре облак како покрив и оган, за да им свети ноќе.
40. Бараа, и Он им прати потполошки и со леб небесен ги наситуваше.
41. Расцепи камен и потекоа води, потекоа како река по безводната земја,
42. зашто се сети на Својот свет збор кон Авраама, Својот слуга.
43. па го изведе Својот народ со радост, Своите избрани – со веселба,
44. и им даде незнабожечки земји, и така наследија плодови од други народи,
45. за да ги чуваат наредбите Негови и да ги исполнуваат законите Негови. Алилуја!

Псалм 105

Благодарствена песна за
милост Божја кога Израилот згрешил

1. Славете Го Господа, зашто е благ, зашто Неговата милост е вечна.
2. Кој ќе ја искаже силата на Господа, кој ќе ја извести сета похвала Негова?
3. Блажени се оние што го чуваат законот и вршат правда во секое време.
4. Сети се на нас, Господи, во благоволението Свое кон Твојот народ; посети нè со Твоето спасение,
5. за да ги видиме во добрини Твоите избраници, за да се развеселат со веселбата на Твојот народ, за да се пофалат заедно со Твоето наследство.
6. Згрешивме ние со татковците наши, правевме беззаконија, вршевме неправда.
7. Нашите татковци во Египет не ги разбраа Твоите чудеса, не ги помнеа многуте милост Твои и се побунија кога се приближија до Црвеното Море.
8. Но Он ги спаси заради името Свое, за да им ја покаже силата Своја.
9. Му се закани на Црвеното Море, и тоа се исуши; и ги преведе по бездните како по пустиња;
10. и ги спаси од рацете на оние што ги намразија и ги избави од рацете на непријателите.
11. Водите ги покрија нивните непријатели; не остана ниеден од нив.
12. И тие поверуваа на зборовите Негови и Му испеаја похвала
13. Но побрзаа, ги заборавија делата Негови, не го дочекаа Неговото решение;
14. се занесоа од похотливоста во пустињата, па Го искушуваа Бога во безводната земја.
15. Он го исполни нивното барање, он прати пораз за душите нивни.
16. Му позавидоа на Мојсеја во логорот и на Арона, светецот Господов.
17. Се отвори земјата, го голтна Датан и ја покри дружината Авиронова.
18. И пламна оган врз нив, и пламенот ги изгори грешниците.
19. Направија теле на Хорив и му се поклонија на идолот.
20. Ја заменија својата слава со образ на теле, што јаде трева.
21. Го заборавија Бога, својот Спасител, Кој изврши големи дела во Египет,
22. чудесни во Хамовата земја, страшни при Црвеното Море.
23. И рече дека ќе ги истреби, но Мојсеј, Неговиот избраник, се застапи за нив во пукнатината, за да ја отстрани јароста Негова, та да не ги погуби.
24. Тие ја презреа саканата земја, не Му веруваа на зборот Негов;
25. и роптаа во шаторите свои, не го слушаа гласот Господов.
26. Он крена рака против нив, за да ги погуби во пустињата,
27. да го расее нивното семе меѓу народите и да ги растури по земјите.
28. Тие се придружија кон Ваал – Фегор и јадеа жртви, принесувани на бездушните,
29. Го дразнеа Бога со делата свои, и на нив падна погибел.
30. Но стана Финес и Го умилостиви и поморот престана.
31. И тоа му се прими за правда од род во род довека.
32. И Го разгневија Бога при водите на расправија, кај Мерива, и Мојсеј настрада заради нив,
33. зашто тие го преогорчија духот негов, и тој згреши со устата своја.
34. Не ги истребија народите, за кои им беше рекол Господ,
35. туку се смешаа со незнабожците и свикнаа на нивните дела;
36. им служеа за нивните идоли, а тоа беше соблазна за нив,
37. и ги жртвуваа синовите свои и ќерките свои на бесовите;
38. и приливаа невина крв, крвта на синовите свои и на ќерките свои, што им ги жртвуваа на ханаските идоли, за земјата се извалка од таа крв;
39. се осквернија со делата свои, блудствуваа со постапките свои.
40. Се разгоре гневот на Господа против Неговиот народ, и Му омрзна налседството Негово,
41. па ги предаде во рацете на непријателите и завладеаја над нив оние што ги мразеа.
42. Непријателите нивни ги притеснуваа, и тие се смируваа под нивната рака.
43. Многупати ги избавуваше, но тие Го лутеа со упорноста своја, па беа понижувани поради своите беззаконија.
44. Но Он погледна на нивната жалост, кога ги слушаше нивните молби,
45. си спомна на Својот завет со нив, се сожали поради големата милост Своја;
46. па разбуди сострадание спрема нив кај оние што ги беа заробиле.
47. „Спаси нè, Господи, Боже наш, и собери нè од незнабожците, за да го славиме Твоето свето име, да се фалиме со Твојата слава!
48. Нека е благословен Господ, Бог Израилев, отсекогаш досекогаш! И сите луѓе нека велат: Амин! Амин! Алилуја.

ПЕТТА КНИГА

Псалм 106

Благодарствена песна на избавените кои
Го призиваат Господа во мака

1. Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова!
2. Така да велат избавените од Господа, оние што ги избавил од непријателска рака.
3. И ги собра од земјите, од исток и од запад, од север и од морето.
4. Тие скитаа по безводната пустиња и нигде пат ниту населен град не најдоа;
5. трпеа глад и жед, душата им ослабна во нив,
6. но во жалоста своја Го повикаа Господа, и Он ги избави од нивните неволји
7. и го поведе по правиот пат, за да одат кон населен град.
8. Нека Го слават Господа за милоста Негова и за чудесата Негови што им ги направи на синовите човечки:
9. зашто Он ја насити гладната душа, и душата гладна ја исполни со блага.
10. Тие седеа во темнина и смртна сенка, оковани со сиромаштија и железо;
11. бидејќи не се покорија на зборовите Божји и се притивеа на волјата на Севишниот.
12. Он го понизи нивното срце во мака, се сопнаа, и немаше кој да им помогне.
13. Тогаш во тагата своја повикаа кон Господа, и Он ги спаси од маките нивни;
14. ги изведе од темнината и смртната сенка и ги раскина оковите нивни,
15. Нека го слават Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела кон синовите човечки,
16. зашто Он ги здроби бакарните порти и ги скриши железните резиња.
17. Неразумните страдаа поради своите лоши патишта и поради неправдите свои!
18. Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта.
19. Но во тагата своја повикаа кон Господа, и Он ги спаси од неволјите нивни;
20. го испрати Своето слово, ги излекува и ги спаси од пропаст.
21. Нека Го прославуват Господа за милоста Негова спрема синовите човечки!
22. Нека Му принесуваат похвална жртва и нека ги разгласуваат делата Негови со радост.
23. Оние што тргнуваат по море на кораби, што имаат работа по големите води –
24. тие ги гледаат делата на Господа и чудесата Негови во длабочините.
25. Он рече – и настана бурен ветер и високо ги издигна морските бранови;
26. се издигаа до небесата, слегуваа до бездната; нивната присебност се губи во неволјата;
27. тие се збунуваат, се нишаат како пијани, и сета нивна мудрост им исчезнува.
28. Тогаш во скрбта своја повикаа кон Господа, и Он ги изведе од маките нивни.
29. И ѝ заповеда на бурата и таа се претвори во тивок ветрец и брановите молкнаа.
30. Тие се развеселија, зашто стивнаа, а Он ги упати кон нивното сакано пристаниште.
31. Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела спрема синовите човечки!
32. Нека Го возвеличуваат со собранието народно и нека Го слават во советите на старешините!
33. Он создава реки во пустиња, и водни извори – на суви места,
34. земја плодородна – во солница, поради злобата на оние што живеат во неа.
35. Он превори пустиња во езеро, а сува земја – во земја – со водни извори;
36. таму насели гладни, а тие изградија град за живеење;
37. засеаја ниви, насадија лози, и тие им даваат свои плодови.
38. Он ги благословуваше, и тие многу се размножуваа, и добитокот нивни Он не им го намалуваше.
39. Тие беа проредени и пострадаа од притисокот на злото и од неволјата.
40. Он изли бесчестие над кнезовите и ги остави да скитаат по пустињата, каде што нема патишта.
41. Но бедниот го извлекува од сиромаштија, го умножува родот негов како овчо стадо.
42. Праведните го гледаат тоа и се радуваат, а секоја нечесност си ја затвора устата своја.
43. Кој е мудар и го пази ова, ќе ја разбере милоста Господова.

Псалм 107

Благодарност за Божјата добрина и верност

1. Подготвено е срцето мое, Боже, подготвено е срцето мое; ќе пеам и ќе воспевам во славата своја.
2. Разбудете се, псалтиру и гусле! Ќе станам рано.
3. Ќе Те славам, Господи, меѓу народите; ќе Те воспевам меѓу племињата,
4. зашто повисока од небото е Твојата милост, и до облаците е Твојата вистина.
5. Издигни се над небесата Боже, и славата Твоја нека биде по целата земја,
6. за да се избават Твоите возљубени; спаси ме со Твојата десница и услиши ме.
7. Бог рече во своето светилиште: „Ќе се вознесам и ќе го разделам Сихем и ќе ја измерам долината Сокхот;
8. Мој е Галад, Мој е Манасија, Ефрем е застапник на главата Моја, Јуда е Мој цар;
9. Моав Ми е чаша на Мојата надеж, врз Едом ќе ја испружам обувката Своја, другоплемениците Ми се покорија.
10. Кој ќе ме воведе во укрепениот град? Кој ќе ме доведе до Едом?
11. Зар не си Ти, Боже, Кој нè отфрли и не излегуваш, Боже, со нашите војски?
12. Дај ни помош да се избавиме од маката, зашто човечката заштита е суетна.
13. Во Бога ќе имаме сила; Он ќе ги скрши непријателите наши.

Псалм 108

Молитва од гонет за да се казнат неговите непријатели
и Бог да се смилува на него

1. Боже, похвало моја, не премолчувај,
2. зашто против мене се отворени грешни и лукави усти; зборуваат со лажлив јазик против мене;
3. отсекаде ме опкружуваат со злобни зборови, и без причина се собираат против мене;
4. место да ме сакаат, тие стануваат против мене, а јас се молев;
5. ми враќаат зло за добро, омраза – за љубов.
6. Постави над него грешник, и ѓаволот да застане десно од него.
7. Кога ќе му се суди, нека биде осуден, и молитвата негова да се прими за грев;
8. дните негови да бидат кратки, а неговото достоинство друг да го земе;
9. децата негови да останат сираци, а жената му – вдовица;
10. децата негови да скитаат и да стана просјаци, изгонети надвор од своите домови.
11. заемодавецот да му земе сè што има, и туѓинци да го разграбаат трудот негов;
12. нека нема кој да го заштити, да нема и кој да се смили над сираците негови;
13. потомството негово да загине, и да се избрише името негово во следниот род;
14. да биде спомнато пред Господа безаконието на татковците негови, и гревот на мајка му да не се очисти;
15. тие секогаш да бидат пред очите на Господа, и да се избрише споменот нивни на земјата.
16. Зашто не помислил да прави милостиња, туку ги гонеше бедните, сиромасите смирените по срце, за да ги уништи;
17. засакал клетва, – па таа нека го постигне: не посакал благослов, – тој нека се оддалечи од него;
18. нека се облече во клетва како во облека; и таа нека влезе во него како вода, и како елеј – во неговите коски;
19. та да му биде како облека, во која се облекува, и како појас, со кој секогаш се опашува.
20. Таква нека биде отплатата од Господа на оние што ме мразат и на оние што лошо зборуваат против душата моја.
21. А мене, Господи, Господи, заштити ме заради Твоето име, зашто е блага милоста Твоја; избави ме,
22. оти сум беден и сиромав, и срцето мое во мене е збунето.
23. Исчезнував како сенка што се оддалечува; ме гонат како скакулец.
24. Колената ми изнемоштија од пост, а телото мое поради недостиг од масло.
25. Им станав за потсмев; оние што ме гледаат, нишаат со главите свои.
26. Помогни ми, Господи, Боже мој, спаси ме поради Твојатао милост.
27. и да разберат дека е тоа Твојата рака и дека, Ти, Господи, си го направил тоа.
28. Тие проколнуваат, а Ти, пак, благослови; и оние што стануваат против мене нека бидат посрамени, а Твојот слуга да се зарадува.
29. Нека се облечат во бесчестие противниците мои и како со облека да се покријат со својот срам,
30. и јас со устата моја многу ќе го славам Господа и меѓу мнозина ќе Го прославувам,
31. зашто застана од мојата десна страна. За да ја спаси мојата душа од оние што ме гонат.

Псалм 109

Христос – вечен цар и провосвештеник

1. Му рече Господ на мојот Господ: „Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.
2. Жезалот на Твојата сила ќе ти го прати Господ од Сион: владеј меѓу непријателите Свои.
3. Со Тебе започнува Твојата сила; во светлината на светиите Твои; Те родив уште пред да постои ѕвездата Деница.
4. Се заколна Господ и нема да се покае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.
5. Господ Кој е од Твојата десна страна, во денот на гневот Свој, Он ќе ги порази царевите;
6. ќе изврши суд над народите, ќе ја исполни земјата со трупови, ќе ги скрши главите на многумина на земјата.
7. Од потокот на патот ќе пие, и затоа високо ќе ја крене главата.

Псалм 110

Благодарствена песна за духовните
и телесните дарови Божји

1. Ќе Те славам, Господи, од сè срце во советот на праведните и во собранието.
2. Големи се делата на Господа, кои се создадени по Неговата волја.
3. Неговото дело е слава и великолепие, а правдата Негова вечно ќе постои.
4. Незаборавни ги направи чудесата Свои, милостив и штедар е Господ.
5. Им дава храна на оние, кои се бојат од Него; вечно го помни заветот Свој.
6. Силата на делата свои му ја покажа на Својот народ, за да му ги даде незнабожците во наследство.
7. Делата на рацете Негови се вистина и суд; и верни се сите заповеди Негови,
8. утврдени засекогаш, засновани врз вистина и правда.
9. Он му испрати избавување на Својот народ; засекогаш го установи Својот завет. Свето е и страшно името Негово.
10. Почеток на мудроста е стравот од Господа; здрав разум имаат сите, кои според неа постапуваат. Похвалата Негова пребива вечно.

Псалм 111

Блажени се оние кои се бојат од Бога
и кои се милостиви

1. Блажен е оној човек, кој се бои од Господа и кому му се мили Неговите заповеди.
2. Неговото потомство ќе биде силно на земјата; родот на праведните ќе биде благословен.
3. Слава и богатство ќе има во неговиот дом; и правдата негова ќе преуспева вечно.
4. На праведните во темнина им изгрева светлина од Добриот и Милостивиот.
5. Добриот човек е дарежлив и на заем дава; во судот тој уверливо ќе ги потврди зборовите свои;
6. и никогаш нема да се разниша; праведниот останува во вечен спомен.
7. Од лоши гласови нема да се уплаши; срцето му е спремно, зашто се надева во Господа.
8. Срцето му е цврсто: тој нема да се уплаши, кога – годе ќе погледне во напријателите свои.
9. Тој растура, дава на сиромаси; правдата негова останува вечно; неговиот рог ќе се возвиши во слава.
10. Грешниот, кога ќе го види тоа, ќе се јадосува, ќе крцка со забите свои и ќе се топи. Желбата на грешникот пропаѓа.

Псалм 112

Бог е милостив спрема смирените

1. Фалете Го, слуги Господови, фалете го името на Господа.
2. Нека е благословено името Господово отсекогаш и засекогаш.
3. Од исток до запад нека се прославува името на Господа.
4. Возвишен е над сите народи Господ; Неговата слава е над небесата.
5. Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој живее во висините,
6. и Кој со смиреност гледа на небото и на земјата;
7. Кој од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот,
8. за да го постави со кнезовите, со кнезовите на народот негов.
9. Кој неплодната ја вселува в куќи како мајка, што се радува меѓу многуте деца.

Псалм 113

Чудесата Божји кога Бог
го изведуваше Својот народ од Египет

1. Кога Израилот излезе од Египет, домот Јаковов – од туѓ народ,
2. Јудеја стана Божјо светилиште, Израилот област Негова.
3. Морето виде и избега; Јордан се врати назад.
4. Горите се разиграа како овни, и ритчињата – како јаганца.
5. Што ти стана тебе море, па бегаш, и тебе, Јордане, па назад се враќаш?
6. Зашто се разигравте, гори, како овни, и вие, ритчиња, како јаганца?
7. Трепери земјата пред лицето на Господа, пред лицето на Бога Јаковов,
8. Кој камен претвора во водно езеро и карпа – во воден извор.
9. Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина,
10. да не речат незнабожците: „Па каде е нивниот Бог?”
11. Нашиот Бог е горе на небото; на небесата и на земјата врши сè, што сака.
12. А идолите на незнабожците се сребро и злато, дело на човечки раце:
13. уста имаат а не зборуваат, очи имаат но не гледаат;
14. имаат уши, но не слушаат; имаат ноздри, но не мирисаат;
15. раце имаат, но не пипаат; нозе имаат, но не одат; тие не пуштаат глас од грлото свое.
16. Слични на нив нека бидат оние што ги прават, такви и оние што се надеваат на нив.
17. Доме Израилев, надевај се на Господа; Он е наш помошник и заштитник.
18. Доме Аронов, надевај се на Господа; Он е наш помошник и заштитник.
19. Оние кои се бојат од Господа, се надеваат на Господа; он е нивни помошник и заштитник.
20. Господ се сеќава на нас и нè благословил, го благословил домот Израилев, го благословил домот Аронов,
21. ги благословил оние, кои се бојат од Господа, мали и големи.
22. Нека ви придаде Господ вам повеќе, вам и на вашите деца.
23. Благословени да сте од Господа, Кој го создаде небото и земјата.
24. Небото е Господово небо, а земјата Он им ја даде на синовите човечки.
25. Не мртвите ќе Те слават, Господи, ниту оние, што слегуваат во ад,
26. туку ние живите ќе го благословуваме Господа отсега и засекогаш.

Псалм 114

Благодарност и завет на Господа поради спасувањето од смртта

1. Се радувам, дека Господ ќе го услиши гласот на моето молење,
2. зашто го приклони кон мене Своето уво, и затоа ќе Го призивам преку сите мои дни.
3. Смртни болки ме обзедоа, пеколни маки ме стигнаа; се најдов во неволја и мака.
4. Тогаш го повикав името Господово: О, Господи, избави ја душата моја!
5. Милостив е Господ и праведен, и милосрден е нашиот Бог.
6. Господ ги пази слабите: бев во мака и Он ми помогна.
7. Врати се, душо моја, во својот мир, зашто Господ добро ти прави,
8. бидејќи душата моај ја истргна од смрт, очите мои – од солзи, и нозете мои – од сопнување.
9. Ќе одам со благодарност пред лицето на Господа во земјата на живите.

Псалм 115

Исполнување на заветот Господов

1. Поверував и затоа реков: во голема мака сум.
2. Во мојата необмисленост си реков: секој човек е лажливец.
3. Што да му дадам на Господа за сите негови добрини што ми ги направи мене?
4. Ќе земам чаша на спасение и името на Господа ќе го призовам.
5. Заветите ќе Му ги упатам на Господа пред целиот Негов народ.
6. Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии.
7. О, Господи, јас сум слуга Твој, јас сум слуга Твој и син на Твојата слугинка. Ти ги скрши моите окови.
8. Тебе ќе ти принесам благодарствена жртва;
9. ќе ги исполнам заветите мои на Господа пред сиот Негов народ.
10. Во предворјето на домот Господов, посреде тебе, Ерусалиме!

Псалм 116

Похвала на Господа

1. Фалете Го Господа, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе,
2. зашто се зацврсти Неговата голема милост на нас, и вистината Господова пребива вечно.

Псалм 117

Праведните се радуваат на победата

1. Славете го Господа, зашто Он е добар, зашто милоста Негова е вечна.
2. Нека каже сега домот Израилев дека е Он добар, дека милоста Негова е вечна.
3. Нека рече сега домот Аронов: дека е Он добар, дека милоста Негова е вечна.
4. Нека кажат сега сите, кои се бојат од Господа: дека е Он добар, дека милоста Негова е вечна.
5. Кога бев на мака, Го призвав Господа и ме услиши и на ширина ме изведе.
6. Господ е мој помошник, нема да се уплашам: што може да направи човек?
7. Господ ми е помошник: и јас слободно ќе гледам на непријателите мои.
8. Подобро е да се надевам на Господа, отколку да се надевам на човек.
9. Подобро е да се надеваме на Господа, отколку да се надеваме на кнезовите.
10. Сите народи ме опколија, но со името Господово јас ги разбив;
11. ме опседнаа, ме обиколија, но со името Господово јас ги победив.
12. Ме опкружија како пчели околу сотка, па се запалија како оган во трње: со името Господово јас им се противставив.
13. Ме турнаа силно, за да паднам, но Господ ме прифати.
14. Господ е крепост моја и песна; Он стана мое спасение.
15. Глас на радост и на спасение се слуша во домовите на праведните; десницата на Господа дава сила!
16. Десницата Господова ме возвишува, десницата Господова дава сила.
17. Нема да умрам, но ќе живеам и ќе ги разгласувам делата Господови.
18. Господ строго ме казни, но на смрт не ме предаде.
19. Отворете ми ја вратата на правдата: ќе влезам во неа, ќе го прославувам Господа.
20. Ете, тоа е вратата Господова, праведните влегуваат низ неа;
21. ќе Те славам, зашто ме услиши и стана спасение мое.
22. Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот.
23. тоа е од Господа, и е прекрасно во очите наши.
24. Овој ден е што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него.
25. О, Господи, спаси! О, Господ, побрзај!
26. Нека е благословен оној, кој оди во името на Господа! Ве благословуваме од домот Господов.
27. Бог е Господ и ни се јави; образувајте празнична придружба до роговите на жртвеникот.
28. Бог мој си Ти и Тебе ќе те славам; Бог мој си Ти и Тебе ќе те превознесувам. Ќе те прославувам, зашто Ти ме услиши и стана мое спасение.
29. Славете го Господа, зашто Он е добар, зашто милоста му е вечна.

Псалм 118

Слава на законот Божји

1. Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов.
2. Блажени се оние кои ги пазат сведоштвата Негови и од си срце Го бараат.
3. Оние кои не вршат беззаконие, тие одат по Неговите патишта.
4. Ти заповеда да се пазат Твоите заповеди.
5. О, да се беа управиле моите патишта за да ги чувам Твоите заповеди!
6. Тогаш немаше да се засрамам, гледајќи ги сите Твоие заповеди.
7. Ќе Те славам Господи со чисто срце, кога ќе ги научам Твоите праведни судови.
8. Ќе ги пазам Твоите заповеди; не оставај ме сосема.
9. Како младичот ќе го запази во чистота патот свој? – Ако ги пази зборовите Твои.
10. Со сето срце мое Те побарав, не отстранувај ме од Твоите заповеди.
11. Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе.
12. Благословен си Ти, Господи! Научи ме на Твоите наредби.
13. Со устата своја ги разгласив сите судови од устата Твоја.
14. По патот на Твоите сведоштва се насладувам како во секое богатство.
15. Ќе размислам за Твоите заповеди и ќе го разберам патот Твој.
16. Од наредбите Твои ќе се поучувам, нема да ги заборавам Твоите зброви.
17. Покажи милост кон Твојот слуга, и ќе живеам и ќе ги пазам Твоите зборови.
18. Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон.
19. Придојден сум на земјава, не сокривај ги од мене Твоите заповеди.
20. И копнее душата моја во секое време да ги сака Твоите судови.
21. Им се закани на горделивите; проклети да се оние, кои се отклонуваат од Твоите заповеди.
22. Отстрани го од мене прекорот и презирот, зашто ги засакав Твоите сведоштва.
23. Кнезовите седат и ме клеветаат, а Твојот слуга размислува за Твоите наредби.
24. Сведоштвата, пак, Твои се поука моја, а наредбите Твои – советници.
25. Душата моја лежи во прав: оживи ме според зборот Твој.
26. Патиштата мои ги кажав, и Ти ме чу; научи ме на Твоите наредби.
27. Вразуми ме да го разберам патот на Твоите наредби и јас ќе размислувам за Твоите чудеса.
28. Душата моја засолзи од тага, зацврсти ме со зборовите Твои.
29. Отстрани го од мене патот на неправдата и помилуј ме со законот Твој.
30. Го избрав патот на вистината, и не ги заборавив Твоите судови.
31. Се приврзав за сведоштвата Твои, Господи: не ме посрамувај.
32. Ќе побрзам по патот на Твоите заповеди, кога ќе го рашириш срцето мое.
33. Покажи ми го, Господи, патот на Твоите наредби и ќе се придржувам за нив до крај.
34. Вразуми ме, и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое.
35. Постави ме на патеката на Твоите заповеди, зашто многу ја засакав.
36. Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва, а не кон лакомства.
37. Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат.
38. Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе.
39. Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите судови се благи.
40. Ете, ги засакав Твоите заповеди: Оживи ме според Својата правда.
41. И нека милоста Твоја, Господи, пријде на мене, и спасение од Тебе според зборовите Твои, –
42. и јас ќе им одговорам на оние што ме навредуваат, зашто се надевам на зборовите Твои.
43. Не одземај го сосема од устата моја словото на вистината, зашто јас се надевам на Твоите судови.
44. И ќе го чувам Твојот закон засекогаш и во веки веков.
45. Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди.
46. И ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам;
47. и ќе се поучувам на Твоите заповеди, кои многу ги засакав;
48. ќе ги протегнам рацете свои кон Твоите заповеди, кои ги возљубив, и ќе размислувам за Твоите наредби.
49. Внуши слово кон Твојот слуга, со кое си му дал надеж.
50. Таа ме утешува во неволјата моја, оти Твоето слово ме оживува.
51. Горделивите го престапија законот многу, но јас не се остртранив од Твоите закони.
52. Се сетив за Твоите вечни судови, Господи, и се утешував.
53. Тага ме обзема од грешниците што го напуштаат Твојот закон.
54. Наредбите Твои ми беа песна кога патувам во некое место.
55. Ноќе го споменувам името Твое, Господи, и го пазам законот Твој.
56. Он стана мој, зашто ги пазам Твоите заповеди.
57. Дел мој си Ти, Господи, – си реков – ќе го пазам законот Твој.
58. Му се помолив на лицето Твое од сè срце: помилуј ме, според словото Твое.
59. Размислувам за Твоите патишта и ги свртувам нозете мои кон Твоите сведоштва.
60. Се подготвив и не се збунив да ги запазам Твоите заповеди.
61. Замки од грешници ме опкружија, но јас не го заборавив Твојот закон.
62. На полноќ станував да те величам поради Твоите праведни судови.
63. Јас сум меѓу оние, што се бојат од Тебе и кои ги пазат Твоте наредби.
64. Со Твојата милост, Господи, земјата е полна; научи ме на Твоите наредби.
65. Добрини си му направил, Господи, на Твојот слуга според Твоето слово.
66. Научи ме на добро и на разумно, зашто верувам на Твоите наредби.
67. Пред моето страдање јас прегрешив; а сега го пазам Твојот збор.
68. Ти си добар, Господи, и поради добрината Твоја научи ме на Твоите наредби.
69. Се зголеми неправдата од гордите врз мене, но јас од сè срце ќе ги пазам Твоите заповеди.
70. Се засири срцето мое како млеко; но јас се утешувам со Твојот закон.
71. Добро ми е што ме смири, за да се научам на Твоите наредби.
72. Законот на Твојата уста за мене е подобар отколку илјадници злато и сребро.
73. Твоите раце ме создадоа и изградија: вразуми ме, и ќе се научам на Твоите заповеди.
74. Оние, кои се бојат од Тебе, кога ќе ме видат ќе се зарадуваат, затоа што се надевав на Твоите зборови.
75. Знам, Господи, дека Твоите судиви се праведни, и според справедливоста Твоја Ти ме казни.
76. Па нека ми биде милоста Твоја утеха, според Твоето слово кон Твојот слуга.
77. Нека пријде на мене Твојата штедрост, и јас ќе живеам, зашто законот Твој е утеха моја.
78. Нека се посрамат горделивите, зашто неправедно и без вина ме обвинуваат.
79. Нека се обрнат кон мене, они што се плашат од Тебе и кои ги знаат Твоите сведоштва.
80. Нека биде срцето мое непорочно во Твоите наредби, та да не се посрамам.
81. Копнее душата моја за Твоето спасение; јас се надевав на Твоите зборови.
82. Очите мои попуштија од желба за Твоето слово велејќи: кога ќе ме утешиш?
83. Зашто станав како мев на мраз, но Твоите наредби не ги заборавив.
84. Колку се дните на Твојот слуга? Кога ќе извршиш суд над моите гонители?
85. Законопрестапниците се подигруваат со мене спротивно на Твојот закон.
86. Сите Твои заповеди се вистина. Неправедно ме гонат: помогни ми!
87. За малку ќе ме убиеја на земјата, но јас не ги оставив Твоите заповеди.
88. Споерд Твојата милост оживи ме, и јас ќе ги пазам сведоштвата од Твојата уста.
89. Твоето слово, Господи, е засекогаш утврдено на небото;
90. Твојата вистина е од род во род. Ти си ја поставил земјата, и таа стои.
91. Според Твоја волја постои денот. Сè што постои, Тебе ти служи.
92. Да не беше Твојот закон утеха за мене, јас ќе загинев во неволјата своја.
93. Никогаш нема да ги заборавам Твоите наредби, зашто преку нив ме оживуваш.
94. Твој сум јас, спаси ме, зашто ги барав Твоите наредби.
95. Грешниците настојуваа да ме убијат, но јас ги разбрав сведоштвата Твои.
96. Го видов крајот на секое совршенство, но Твоите заповеди се безгранични.
97. Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него.
98. Со Својата заповед Ти ме направи помудар од непријателите мои, зашто таа е секогаш со мене.
99. Станав поразумен од сите учители мои, зашто сведоштвата Твои се моја поука.
100. Поумен станав од старците, зашто ги сакам Твоите заповеди.
101. Ги задржувам нозете свои од секаков лош пат, за да го пазам словото Твое.
102. Од твоите судови нема да се откажам, зашто Ти ме учиш.
103. Колку се слатки за грлото мое зборовите Твои, послатки се од мед во устата моја.
104. Преку твоите заповеди станав разумен; затоа го замразив секој пат на неправда.
105. Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја.
106. Се заколнав и реков да ги пазам Твоите праведни судови, и ќе ги исполнувам.
107. Многу сум нажален, оживи ме, Господи, поради Твоето слово.
108. Затоа, благослови, Господи, да примиш доброволна жртва од мојата уста, и научи ме на Твоите судови.
109. Душата ми е постјано во Твојата рака, но Твојот закон не го заборавив.
110. Грешниците ми поставија замка, но јас не се отстранив од Твоите заповеди.
111. Твоите сведоштва ги примив како вечно наследство, зашто тие се голема радост за срцето мое.
112. Го натерав срцето свое да ги извршува наредбите Твои како вечно оправдание.
113. Престапниците на законот ги замразив, но Твојот закон го сакам.
114. Ти си мој помошник и мој заштитник: на Твојата слава се надевам.
115. Иставете се од мене беззаконици, за да ги испитам заповедите на мојот Бог.
116. Застапи се според Твоето слово, и јас ќе живеам; не посрамувај ме во надежта моја;
117. помогни ми, и ќе се спасам: и во Твоите наредби постојано ќе се учам.
118. Ти ги презираш оние, кои отстапуваат од Твоите наредби, зашто нивните мисли се неправедни.
119. Сите грешници земни ги сметам како престапници, затоа засекогаш ги засакав Твоите сведоштва.
120. Од страв пред Тебе трепери телото мое, и од Твоите судови се плашам.
121. Јас вршев суд и правда; не предавај ме на оние што ми чинат неправда.
122. Прими го Твојот слуга за негово добро, та да не ме клеветат горделивите.
123. Очите ми копнеат, очекујќи го спасението од Тебе, и словото на Твојата правда.
124. Постапи со Твојот слуга според милоста Своја и научи ме на Твоите наредби.
125. Слуга Твој сум јас: вразуми ме и ќе ги познаам сведоштвата Твои.
126. Време е, Господи, да се дејствува: Твојот закон го разурнаа.
127. Затоа ги засакав заповедите Твои и од топаз и од злато повеќе.
128. Затоа се управував според сите Твои заповеди и патот на неправдата го замразив.
129. Прекрасни се Твоите сведоштва: затоа душата моја ги испитуваше.
130. Објавувањето на Твоите зборови ги просветува и вразумува младите.
131. Ја отвори устата моја и воздивнав, зашто жеден сум за Твоите заповеди.
132. Погледај кон мене и помилуј ме, како што се постапува со оние, кои го сакаат Твоето име.
133. Утврди ги стапките мои според Твоето слово и не допушти со мене да овладее никакво беззаконие.
134. Избави ме од човечко клеветење и ќе ги пазам Твоите заповеди,
135. озари го Твојот слуга со светлината на лицето Твое, и научи ме на Твоите заповеди.
136. Од очите мои потоци извори солзи, зашто не го запазив Твојот закон.
137. Праведен си Ти, Господи, и праведни се Твоите пресуди.
138. Твоите сведоштва, што си ги дал, се засновани на правда и вечна вистина.
139. Ревноста моја ме јаде, зашто непријателите мои ги заборавија Твоите слова.
140. Твоето слово е многу чисто, и Твојот слуга го сака.
141. Мал сум и презрен, но Твоите наредби не ги заборавив.
142. Твојата правда е вечна правда, и Твојот закон е вистина.
143. Скрб и мака ме обзедоа; Твоите заповеди се моја поука.
144. Правдата на Твоите сведоштва е вечна; вразуми ме, и ќе живеам.
145. Те призивам со сето срце мое, услиши ме, Господи, – и ќе ги пазам наредбите Твои.
146. Тебе Те повикувам: спаси ме, па ќе ги пазам Твоите слова.
147. Ја испреварувам зората и викам: на Твоето слово се надевам.
148. Очите мои се отворија пред утринската стража, за да се поучам на Твоите слова.
149. Чуј го мојот глас, според милоста Своја, Господи; според Твојот суд оживи ме.
150. Се приближија оние, што сакаат беззаконие; од законот Твој тие се оддалечија.
151. Близок си Ти, Господи, и сите Твои заповеди се вистина.
152. Одамна знам за твоите сведоштва, кои си ги утврдил засекогаш.
153. Погледај на мојата потиштеност и избави ме, зашто не го заборавив Твојот закон.
154. Пресуди според мојата правда и заштити ме; заради словото Твое оживи ме.
155. Далеку е спасението од грешниците, зашто тие не ги побараа Твоите наредби.
156. Голема е Твојата милост, Господи, според Твојот суд оживи ме.
157. Многумина ме гонеа и мачеа, но од Твоите сведоштва јас не отстапив.
158. Видов неразумни и тешко ми беше, зашто словата Твои не ги запазија.
159. Гледаш како ги засакав заповедите Твои, оживи ме, Господи, поради Твојата милост.
160. Вистината е основа на Твоите слова; и вечен е секој суд на Твојата праведност.
161. Кнезовите ме гонеа без вина, но срцето мое се уплаши само од Твоите зборови.
162. Се радувам на Твоето слово, како оној кој нашол големо благо.
163. Ја замразив неправдата и се гнасам од неа; а Твојот закон го засакав.
164. Седумпати на ден Те прославувам за судовите на Твојата правда.
165. Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна.
166. Го чекав спасението од Тебе, Господи, и Твоите заповеди ги засакав.
167. Душата моја ги пази Твоите сведоштва, и јас многу ги засакав.
168. Ги пазам Твоите заповеди и Твоите сведоштва, зашто сите мои патишта се пред Тебе, Господи.
169. Нека се приближи пред Тебе молбата моја, Господи; вразуми ме според Твоите зборови.
170. Нека барањето мое дојде пред Тебе; избави ме според Твоето слово.
171. Од устата моја нека се произнесе похвала, кога ќе ме научиш на Твоите наредби.
172. Јазикот мој нека ги разгласи Твоите зборови, зашто сите Твои заповеди се праведни.
173. Нека ми биде Твојата рака на спасение, зашто Твоите заповеди ги избрав.
174. Копнеев, Господи, за спасение од Тебе и Твојот закон е мојата поука.
175. Ќе живее душата моја и ќе Те слави; и Твоите судови нека ми помогнат.
176. Се заблудив како загубена овца: побарај го Твојот слуга, зашто не ги заборавив Твоите заповеди.

Псалм 119

Молитва против озборување

1. Кон Господа повикав во маката своја, и Он ме услиши.
2. Господи, избави ја душата моја од неправедна уста и од јазик лукав.
3. Што ќе Ти даде Тебе и што ќе Ти придаде лукавиот јазик?
4. Изострени стрели на силник, разгорени со пустински јаглен.
5. Тешко мене, бидејќи привремениот престој ми се продолжи, се вселив во шаторите кидарски.
6. Долго живееше душата моја со оние што го мразат мирот.
7. Јас бев мирољубив: но кога им зборував, тие војуваа против мене без причина.

Псалм 120

Господ е верен чувар

1. Ги кренав очите кон горите; од каде помош ќе ми пристигне?
2. Мојата помош е од Господа, Кој ги создаде небото и земјата.
3. Он нема да дозволи да се помести ногата твоја; нема да задреме Оној, Кој те пази;
4. не дреме и не спие Оној, Кој го пази Израилот.
5. Господ е Твој чувар; Господ е твоја закрила од кај твојата десна рака.
6. Сонцето дење нема да те гори, ниту месечината ноќе ќе ти штети.
7. Гопсод ќе те запази од секакво зло и ќе ја чува душата твоја.
8. Господ ќе го пази излегувањето твое и влегувањето твое отсега и довека.

Псалм 121

Во слава на Ерусалим

1. Се зарадував кога ми рекоа: „Ќе одиме во домот Господов.”
2. Ете, нозете наши стоеја во твоите дворови, Ерусалиме, –
3. Ерусалим, кој е изграден како град, излиен во една целина,
4. Таму се искачуваа племињата, Господовите племиња, сведоштвото Израилево, за да се исповеда името Господово.
5. Зашто таму се поставија престолите судиски, престолите на домот Давидов.
6. Барајте мир за Ерусалим и нека им биде добро на оние, кои те сакаат!
7. Нека има мир околу ѕидовите твои и изобилие во кулите твои.
8. Поради браќата мои и блиските мои зборував за мир во тебе!
9. Заради домот на Господа, нашиот Бог, ти пожелувам добро.

Псалм 122

Надежта во Бога спасува

1. Ги кревам очите мои кон Тебе, Кој живееш на небесата.
2. Ете, како што се очите на слугите свртени кон рацете на господарите нивни, како очите на слугинката – кон раката на господарката нејзина, така и нашите очи гледаат кон Господа, нашиот Бог, сè додека не се смилува.
3. Смилуј се на нас, Господи, смилуј се, зашто многу сме понизени со презир;
4. зашто се преполни душата наша од навреди на силните и од понижување на горделивите.

Псалм 123

Бог е спасител на Својот народ

1. Да не беше Господ со нас, – нека каже Израилот, –
2. да не беше Господ со нас, кога луѓето се кренаа против нас, –
3. живи ќе нè проголтаа, кога пламна нивната јарост против нас;
4. вода ќе нè потопеше, поток ќе го однесеше животот наш;
5. бурна вода ќе ја однесеше нашата душа.
6. Нека е благословен Господ, Кој не нè прададе во плен на нивните заби.
7. Душата наша се избави како птица од примка на ловци: примката се скина, а ние се избавивме.
8. Помошта наша е во името на Господа, Кој ги создаде небото и земјата.

Псалм 124

Господ го заштитува својот народ

1. Кои се надеваат во Господа, тие се како гората Сион; кој живее во Ерусалим, нема да се поколеба, ќе живее вечно.
2. Околу Ерусалим има гори, а Господ е околу својот народ отсега и засекогаш.
3. Зашто Господ нема да го остави жезлото на грешниците врз земјата на праведните, за да не ги посегаат праведниците рацете свои кон беззаконие.
4. Гопсоди, направи им добро на добрите и на оние со чисто срце.
5. А оние што свртуваат кон крив пат, нив Господ ќе ги одведе со оние што вршат беззаконие. Мир на Израилот!

Псалм 125

Благодарност на Бога поради избавување

1. Кога Господ ги врати сионските заробеници, ние бевме како утешени;
2. тогаш устата ни се исполни со радост, и јазикот наш – со весела песна; тогаш меѓу незнабожците се говореше: „Големи дела изврши Господ над нив!”
3. Големи дела изврши Господ на нас: ние се развеселивме.
4. Врати ги, Господи нашите заробеници како потоците на Негев.
5. Оние што сеат со солзи, ќе жнеат со голема радост.
6. Одеа и плачеа оние што носеа свое семе; но со радост ќе се вратат, носејќи ги своите снопја.

Псалм 126

Сите усилби попусти се без Бога

1. Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудо ќе бдее стражата.
2. Залудно вие станувате рано, доцна легнувате вие што го јадете лебот уморни; на оние кои Он ги сака ним им дава сон.
3. Ете, наследството Господово се синовите, дар од Него е породот.
4. Она што се стрелите во раката на силниот, тоа се младите синови.
5. Блажен е оној човек, кому му е исполнет тегарчикот со нив! Тие нема да се засрамат, кога ќе зборуваат со непријателите свои пред портите.

Псалм 127

Благослов и блаженство за праведните

1. Блажени се оние, кои се бојат од Господа, кои одат по Неговите патишта!
2. Ти ќе јадеш од плодовите на рацете свои: блазе тебе и добро ќе живееш.
3. Жената во домот твој ќе биде како лоза плодовита, синовите твои – како новонасадени маслини околу трпезата твоја.
4. Ете, така ќе биде благословен оној човек кој се бои од Господа.
5. Господ ќе ги благослови од Сион; и ти ќе ги гледаш добрата ерусалимски во сите дни на твојот живот;
6. и ќе ги видиш синовите на синовите твои. Мир нека е на Израилот!

Псалм 128

Молитва за помош против непријателите на Сион

1. Многумина се бореа против мене уште од младоста моја – нека каже Израилот;
2. многупати војуваа против мене од младоста моја, но не ме совладаа.
3. На плешките мои грешниците дејствуваа, продолжувајќи со своето беззаконие.
4. Но Господ праведен ги расече јажињата на грешниците.
5. Нека се засрамат и нека свртат назад сите, кои го мразат Сион!
6. Нека бидат како тревата на покрив, која се исушува пред да биде истргната,
7. со која жетварот нема да ја исполни раката своја, ни прегратката своја оној што ја врзува во снопови.
8. А минувачите не рекоа: „Благословение Господово на вас; ве благословуваме во името на Господа!”

Псалм 129

Молитва за простување на гревови

1. Од дното на душата повикав кон Тебе, Господи.
2. Господи, чуј го гласот мој. Ушите Твои нека го чујат гласот на молењето мое, –
3. Господи, ако гледаш на беззаконијата, – тогаш кој ќе се одржи, Господи?
4. Но во Тебе има простување.
5. Заради името Твое, Господи, чекав долго на Тебе, чекаше душата моја на Твојот збор;
6. душата моја се надеваше на Господа: Од утрената стража па до ноќта, од утрената стража нека се надева Израилот на Господа.
7. Зашто милоста е во Господа и голем е откупот во Него.
8. И Он ќе го избави Израилот од сите негови беззаконија.

Псалм 130

Смирност на срцето

1. Господи, срцето мое не се вознесуваше, ниту очите мои се креваа високо; не копнеев по големи работи ниту по она што е над моите сили.
2. Но се смирував во мислите свои и ја воздигав душата моја како дете кон мајката своја; така возврати ѝ на душата моја.
3. Нека се надева Израилот на Господа отсега и довека.

Псалм 131

Молитва за Давидовиот дом

1. Сети се, Господи, на Давида и на сета негова смиреност,
2. како што се заколна пред Господа, и Му вети на Јакововиот Бог:
3. „Нема да влезам под шаторот на домот свој, и нема да легнам на леглото мое;
4. нема да им дадам сон на очите мои, ни дремка на веѓите мои, ниту одмор на слепоочниците мои,
5. додека не најдам место за Господа, дом за Јакововиот Бог.”
6. Ете, ние чувме дека е во Ефрат, го најдовме во дубравите;
7. да влеземе во неговиот дом, да се поклониме пред местата каде што стојат нозете негови.
8. Стани, Господи, дојди во местото каде што е Твојата почивка, Ти и светиот ковчег Твој.
9. Твоите свештеници нека се облечат во правда; Твоите светии нека се зарадуваат.
10. Поради Давида, Твојот слуга, не одвраќај го лицето Свое од Твојот помазаник.
11. Му се заколна Господ на Давида во вистината, и од неа нема да се откаже: „Од плодот на твојата утроба ќе поставам на престолот твој.
12. Ако твоите синови го пазат Мојот завет и моите сведоштва, на кои ќе ги научам, тогаш и синовите нивни ќе седат на твојот престол.”
13. Затоа Господ го избра Сион, Му омиле да живее во него.
14. „Тоа е моето одмориште засекогаш: тука ќе се населам, бидејќи многу го засакав.
15. Ќе го благословувам и преблагословувам трудот негов сиромасите негови со леб ќе ги наситувам;
16. свештениците негови ќе ги облечам во спасение, и светиите негови радосно ќе воскликнуваат.
17. Таму ќе кренам рог за Давида, му подготвив светилник на Мојот помазаник.
18. Непријателите негови ќе ги облечам во срам, а на него ќе процути светоста Моја.”

Псалм 132

Благословена е братската љубов

1. Колку е убави и колку е мило кога браќата живеат заедно!
2. Тоа е како миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова;
3. како роса ермонска, која паѓа на горите Сионски, зашто Господ дал благослов и живот вечен.

Псалм 133

Благодарност при ноќно бдеење во домот Господен

1. Благословувајте Го сега Господа, сите слуги Господови, што стоите ноќе во домот Господов, во дворовите од домот на нашиот Бог.
2. Кренете ги рацете ваши ноќе кон светилиштето и благословувајте Го Господа!
3. Нека те благослови Господ од Сион, Создателот на небото и земјата.

Псалм 134

Похвална песна на Господа

1. Фалете го името Господово, фалете го, слуги Господови,
2. вие кои стоите во домот Господов, во дворовите од домот на нашиот Бог.
3. Фалете Го Господа, зашто Господ е добар; пејте му на името Негово, зашто тоа е мило;
4. зашто Господ го избра Јакова, Израилот, за свое наследство.
5. Бидејќи познав, дека Господ е велик, и дека нашиот Господ е над сите богови:
6. си што посака Господ, создаде на небото и на земјата, во морињата и во сите бездни.
7. доведувајќи облаци од краиштата на земјата, молњи при дожд создаде, Он, Кој ги изведува ветровите од скровиштата нивни,
8. Оној, Кој ги порази првородените во Египет од човек до добиток,
9. покажа знаци и чудеса среде тебе, Египте, на Фараонот и врз сите слуги негови,
10. порази многу народи и истреби силни цареви:
11. Сион, царот аморејски, и Ог, царот васански, и сите цареви ханански;
12. и му ја даде нивната земја во наследство на Својот народ, Израилот.
13. Господи, името Твое е вечно; Господи, споменот за Тебе е од род во род.
14. Зашто Господ ќе му суди на Својот народ и ќе биде милостив над слугите Свои.
15. Идолите на незнабожците се сребро и злато, дело на раце човечки;
16. имаат уста, но не говорат; имаат очи, но не гледаат;
17. имаат уши, но не слушаат, ниту, пак, во устата нивна има здив.
18. Слични на нив нека бидат и оние, кои ги прават, и секој кој на нив се надева.
19. Доме Израилев, благословувај Го Господа. Доме Аронов, благословувај Го Господа!
20. Доме Левиев, благословувај Го Господа! И вие, кои се боите од Господа, благословувајте Го Господа!
21. Нека е благословен Господ од Сион, Кој живее во Ерусалим!

Псалм 135

Благодарност на Бога
за Неговата непрестајна милост

1. Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова.
2. Славете Го Бога на боговите, зашто е вечна милоста Негова.
3. Славете Го Господа над господарите, зашто е вечна милоста Негова,
4. Единиот Кој прави големи чудеса, зашто е вечна милоста Негова;
5. Кој премудро го создаде небото, зашто е вечна милоста Негова;
6. Кој ја утврди земјата врз водите, зашто е вечна милоста Негова;
7. Единиот Кој ги создаде големите светила, зашто е вечна милоста негова;
8. сонцето – да управува со денот, зашто е вечна милоста Негова;
9. месечината и ѕвездите – да управуваат со ноќта, зашто е вечна милоста Негова.
10. Кој го порази Египет и провородените негови, зашто е вечна милоста Негова;
11. Кој го изведе Израилот од средината нивна, зашто е вечна милоста Негова;
12. со цврста рака и подигната мишка, зашто е вечна милоста Негова;
13. Кој го раздвои Црвеното Море, зашто е вечна милоста Негова;
14. и го преведе Израилот среде него, зашто е вечна милоста Негова;
15. а Фараонот и војската негова ги фрли во Црвеното Море, зашто е вечна милоста Негова.
16. Кој го преведе својот народ преку пустињата, зашто е вечна милоста Негова; Кој пушти вода од шилчеста крапа, зашто е вечна милоста Негова;
17. Кој ги порази големите цареви, зашто е вечна милоста Негова;
18. и ги погуби силните цаерви, зашто е вечна милоста Негова;
19. Сион, царот аморејски, зашто е вечна милоста Негова;
20. и Ог, царот васански, зашто е вечна милоста Негова;
21. и му ја даде земјата во наследство, зашто е вечна милоста Негова.
22. во наследство на Својот слуга, Израилот, зашто е вечна милоста Негова;
23. Кој се сеќава на нас во нашата смиреност, зашто е вечна милоста Негова;
24. и нè избавува од непријателите наши, зашто е вечна милоста Негова;
25. и Кој дава храна на секое тело, зашто е вечна милоста Негова.
26. Славете Го небесниот Бог, зашто е вечна милоста Негова. Хвалете Го Господарот на господарите, зашто е вечна милоста Негова.

Псалм 136

Тагување на заробените во Вавилон

1. Крај реките вавилонски – таму седевме и плачевме, кога ќе се сетевме на Сион;
2. на врбите, среде Вавилон, ги закачивме нашите харфи.
3. Зашто таму, оние што нè заробија и кои нè одведоа, побараа од нас радосна песна, велејќи ни: „Пејте ни од песните сионски!”
4. Како да зепееме Господова песна на туѓа земја?
5. Ако Те заборавам тебе, Ерусалиме, – нека ме заборави мојата десница,
6. нека се залепи јазикот мој за непцето мое, ако не те помнам, ако не го поставам Ерусалим над секоја моја радост.
7. Сети се, Господи, на синовите Едомови, во денот на Ерусалим, кога тие говореа:„Разрушете, разрушете го до темелите негови!”
8. Ќерко вавилонска, опустошителко, блажен е оној, што ќе ти врати за делото што ни го направи!
9. Блажен е оној што ќе ги заграби и ќе ги разбие од камен децата твои.

Псалм 137

Благодарност поради помош Божја

1. Ќе Те славам Тебе, Господи, со сето срце свои и ќе Ти пеам пред ангелите Твои, затоа што ги услиша сите зборови на устата моја.
2. Се поклонувам пред светиот Твој храм и го славам името Твое за милоста Твоја и за вистината Твоја, зашто го возвеличи името Свое свето над сè.
3. Во оној ден кога ќе Те призивам, услиши ме брзо, внеси бодрост во душата моја.
4. Ќе Те прославуваат, Господи, сите земни цареви, штом ќе ги чујат зборовите од Твојата уста,
5. и ќе воспеваат за патиштата Господови, зашто е голема славата Господова.
6. Зашто возвишен е Господ: и смирениот го гледа, а горделивиот оддалеку го познава.
7. Кога ќе се најдам во тага – Ти живот ми даваш, ја пружаш раката врз јароста на моите непријатели и Твојата десница ме спасува.
8. Господ ќе направи што е добро за мене! Твојата милост, Господи, е вечна; делата на рацете Свои не презирај ги!

Псалм 138

Бог сè знае и сè гледа

1. Господи, Ти си ме испитал и ме знаеш.
2. Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалку ги разбираш мислите мои.
3. Патеката моја и јажето мое – Ти си ги испитал; сите патишта мои си ги предвидел.
4. Уште зборови не ми дошле до јазикот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш:
5. Сè што ми било и сè што ќе биде. Зашто Ти си ме создал и си ја положил раката Своја врз мене.
6. Се восхитувам на Твоето знаење, – тоа е превисоко, не можам да му пријдам!
7. каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам?
8. Ако излезам на небото – Ти си таму; ќе слезам ли во пеколот, Ти си и тука.
9. Ако ги земам крилјата рано в зори и се преселам на крајот од морето, –
10. и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи.
11. Па си реков: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене;
12. но и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина.
13. Зашто Ти си ја создал мојата внатрешниот и ме прифати од мајчината ми утроба.
14. Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го сознава.
15. Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, што си ја создал тајно, и природата моја во длабините на земјата.
16. Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сè е запишано за мене, дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден.
17. Твоите пријатели во голема се чест, Боже, и нивните владенија добро се зацврстени.
18. Ќе ги пребројам – но тие се побројни и од песокта; се разбудив и сè уште сум со Тебе.
19. Кога би сакал да ги убиеш, Боже, грешниците; иставете се од мене, крвопијци!
20. Ревниви се во помислите свои, суетно се креваат Твоите непријатели.
21. Зар не ги замразив оние. Господи, кои Тебе те мразат, и зар не се изедов поради непријателите Твои?
22. Со полна омраза ги замразив; тие ми станаа непријатели.
23. Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеките мои;
24. и види дали сум на пат на беззаконија, и упати ме на вечен пат.

Псалм 139

Молитва на верна душа

1. Спаси ме, Господи, од лукав човек и избави ме од неправеден човек;
2. тие смислија зло врз срцето свое, секој ден се подготвуваат за борба;
3. ги изострија јазиците свои како змија; под устите им е аспидин отров.
4. Запази, ме, Господи, од рацете на грешник. Избави ме од луѓе неправедни, кои смислија да ми подметнат нога.
5. Горделивите тајно поставија стапица, и распнаа примки од јажиња за мене; на патот ми поставија соблазна.
6. Јас Му реков на Господа: Ти си Бог мој: услиши го, Господи, гласот на моето молење.
7. Господи, Господи, сило на моето спасение! Ти, Кој во денот на битката ја засолни главата моја,
8. не предавај ме, Господи, на грешникот против мојата желба; не давај да постигнат, што намислија за да не се возгордеат.
9. Главата своја да не ја подигнат оние што ме опколија, нека падне врз нив злобата на нивната сопствена уста.
10. Нека паднат врз нив жарени јаглења; да бидат фрлени во оган, па од маките да не станат.
11. Човек иноверец нема да се одрже на земјава; злото ќе го одвлече неправедниот човек во погибел.
12. Разбрав дека Господ ќе покаже правда за угнетените и милост за сиромасите.
13. Да, праведниците ќе ги исповедаат името Твое, и непорочните ќе се населат пред лицето Твое.

Псалм 140

Молитва Бог да нè пази

1. Господи, кон Тебе повикав: услиши ме, чуј го гласот на молењето мое, кога повикувам кон Тебе!
2. Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои – како жртва вечерна.
3. Постави, Господи, стража пред устата моја и врата на усните мои;
4. не давај да застрани срцето мое кон зборовите лукави, да врши грешни дела заедно со луѓето, кои вршат беззаконија; јас нема да се здружам со нивните избраници.
5. Преведникот нека ме казнува – тоа е милост; нека ме изобличува, не не давај елеј на грешник да ја помаже главата моја; зашто и молитвата моја се противи на нивната злоба.
6. Судиите нивни, кога ќе се распрснат по стрмни камења, ќе се чујат зборовите мои, зашто се пријатни.
7. Како кога грутка земја ќе падне се растура, така се растурија коските наши во пеколот.
8. Но кон Тебе, Господи, Господи, се управени очите мои; на Тебе се надевам, не одземај ја душата моја!
9. Запази ме од стапиците што ми ги поставија, и од соблазната на оние што вршат беззаконија.
10. Грешиците нека паднат во своите мрежи, само јас ќе поминам.

Псалм 141

Молитва Давидова во пештера

1. Со гласот свој повикав кон Господа, со гласот свој Му се помолив на Господа.
2. Ќе го излијам пред Него молењето мое: маката моја пред Него ќе ја кажам.
3. Кога изнемоштуваше духот мој, Ти ја знаеше мојата патека, на патот, по кој одев, тие скришно примки ми поставија.
4. Се обѕирав надесно и гледав, а таму никој кој ме познаваше: немаше каде да избегам; никој не се грижеше за душата моја.
5. Повикав кон тебе, Господи, и реков: „Ти си мојата надеж и мој дел во земјата на живите.
6. Прими ја молитвата моја, зашто се понизив многу; избави ме од моите гонители, оти тие се посилни од мене.
7. Изведи ја од темнина душата моја, за да го прославувам името Твое. Мене ќе ме чекаат праведните, додека не ме повратиш.”

Псалм 142

Смирена молитва на страдалник

1. Господи, услиши ја молитвата моја, чуј го молењето мое поради Твојата вистина; услиши ме поради Твојата правда
2. и не стапувај во суд со Твојот слуга, зашто пред Тебе нема да се оправда ниту еден од живите.
3. Непријателот ја прогонува душата моја, го понизил животот мој дури до земјата, ме остави во темнина како оние кои се одамна умрени;
4. опадна духот мој во мене, се вознемири во мене срцето мое.
5. Се сетив на дамнешните дни и размислував за сите Твои дела, расудував за делата на Твоите раце.
6. Ги протегнав кон Тебе рацете мои, душата моја е жедна за Тебе како сува земја.
7. Улиши ме, поскоро, Господи: духот мој малакса; не одвраќај го лицето Свое од мене, за да не заприлегам на оние, што слегуваат во гроб.
8. Соопшти ми ја утрената милост Твоја, зашто на Тебе се надевам, Господи. Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам, зашто кон Тебе ја вознесувам душата своја.
9. Избави ме, Господи, од моите непријатели, зашто при Тебе прибегнав.
10. Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог. Твојот благ дух нека ме води по прав пат.
11. Заради Твоето име, Господи, ќе ме оживиш; поради Твојата правда – ќе ја избавиш од неволја душата моја.
12. Според милоста Твоја истреби ги непријателите мои и погуби ги сите, кои ја измачуваат душата моја, зашто јас сум слуга Твој.

Псалм 143

Молитва за помош во борба и победа

1. Нека е благословен Господ, Бог мој, Кој ги учи рацете мои за борба и прстите мои за војна.
2. Он е милост моја и прибежиште мое, мој застапник и избавител мој – и јас на Него се надевам. Он ми го потчинува мојот народ мене.
3. Господи, што е човекот, па внимаваш на него, или син човечки – та да се сеќаваш на него.
4. Човекот е како здив; дните негови одминуваат како сенка.
5. Господи, приклони ги небесата Свои и слези; допри се до горите, и тие ќе се здимат;
6. болсни со молњи и ќе ги растераш, пушти ги стрелите Свои и ќе ги збуниш;
7. подај ја раката Твоја од височини, изведи ме и избави ме од многуте води, од рацете на туѓински синови,
8. чии усти кажуваат суета и чија десница е десница на неправдата.
9. Боже, нова песна ќе Ти испеам, ќе Ти свирам на харфа со десет жици.
10. Ти им даруваш спасение на царевите, Ти го избави Твојот слуга Давида од остар меч.
11. Избави ме и отми ме од рацете на туѓинските синови, чии усти лага говореа и чија десница е десница на неправдата.
12. синовите наши се како нови насади во младоста своја, нашите ќерки се накитени и украсени како столбови во храмот.
13. Полни се житниците наши, во изобилите со секаква храна; се плодат овците наши по пасиштата свои.
14. И воловите ни се угоени, па нема паѓање не оградите, ни премин, ниту офкање по улиците наши.
15. Блажен е оној народ, велат луѓето, кој го има тоа! Блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог!

Псалм 144

Прославување на небесниот Цар

1. Ќе Те превознесувам, Боже мој, Цару мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови.
2. Секој ден ќе Те благословувам и ќе го фалам името Твое сега, секогаш и во сите векови.
3. Велик е Господ и достоен за голема похвала и величието Негово нема крај.
4. Од род во род ќе се фалат делата Твои и за силата Твоја ќе се прикажува.
5. За велелепната слава на Твојата светост ќе зборуваат и за Твоите чудеса ќе известуваат.
6. Ќе говорат и за силата на Твоите страшни дела, и ќе прикажуваат и за Твоето величие.
7. Ќе ги помнат многуте добрини Твои, и ќе се радуваат на Твојата правда.
8. Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив.
9. Добар е Господ спрема сите, и Неговите штедрости се во сите Негови дела.
10. Нека Те прославуваат, Господи, сите Твои дела, и нека Те благословуваат светиите Твои,
11. и нека ја проповедаат славата на Твоето царство, а да прикажуваат и за силата Твоја.
12. За да им се кажува на синовите човечки, за Твојата сила и за велелепната слава на Твоето царство.
13. Твоето царство е царство на сите векови, а владеењето Твое над сите поколенија; верен е Господ во сите Свои зборови и свет во сите Свои дела.
14. Господ ги придржува сите што паѓаат и ги подига наведнатите.
15. Очите на сите се управени кон Тебе, и Ти им ја даваш нивната храна навреме;
16. Ти ја отвори ракта Твоја и исполнуваш сè што е живо со сите негови потреби.
17. Праведен е Господ во сите Свои патишта и свет во сите Свои дела.
18. Близу е Господ до сите, кои Го признаваат, до сите, кои вистински Го призиваат.
19. Он им ја исполнува желбата на оние, кои се бојат од Него, ги услишува молитвите нивни, и ги спасува.
20. Господ ги пази сите кои Го сакаат, а сите грешници ќе ги истреби.
21. Устата моја ќе искаже похвала на Господа; секое тело нека го благословува името свето, сега, секогаш и во сите векови.

Псалм 145

Милоста на Бога е вечна

1. Фали Го, душо моја, Господа!
2. Ќе Го фалам Господа додека сум жив; ќе Му пеам на мојот Бог додека постојам.
3. Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение.
4. Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли.
5. Блажен е ониј, кому му е помошник Јакововиот Бог и чија надеж е во Господа, неговиот Бог,
6. Кој го создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив, Кој вечно ја пази вистината,
7. Кој врши суд на навредени, им дава леб на гладни; Господ крши окови на затворени.
8. Господ им ги отвора очите на слепите, Господ ги исправа подгрбавените, Господ ги сака праведните.
9. Господ ги пази придојдените, ги поддржува сираците и вдовиците, а патот на грешниците го разурнува.
10. Господ ќе царува вечно; твојот Бог, Сионе, е од род в род.

Псалм 146

Прославување на духовните и телесните дарови Божји

1. Хвалете Го Господа, зашто е добро да Му се пее на нашиот Бог, зашто на Добриот Му прилега похвала.
2. Господ го гради Ерусалим и ќе ги собере расеаните синови на Израилот.
3. Он ги изцелува скрушените по срце и ги преврзува раните нивни.
4. Го определува бројот на ѕвездите и не сите им дава име.
5. Велик е Господ наш и голема е силата Негова, а мудроста Негова – неизмерлива е.
6. Господ ги прифаќа смирените, а грешниците ги понижува до земја.
7. Пејте Му секогаш славословија на Господа: на гусле пејте Му на Нашиот Бог,
8. Кој го покрива небото со облаци, подготвува дожд за земјата, прави да расте трева по горите и растенијата за полза на човекот,
9. на добитокот му ја дава храната негова и на малите врани кога гракаат.
10. На коњската сила не гледа Он, ниту Му е мила брзината на човечките нозе.
11. Господ ги почитува оние, кои се бојат од Него и кои се надеваат на Неговата милост.

Псалм 147

Целата вселена нека Го слави Господа

1. Пофали Го, Ерусалиме, Господа; пофали Го, Сионе, твојот Бог.
2. Он ги зацврсти резињата на вратите твои, ги благословува твоите синови во Тебе;
3. го утврдува мирот во Твоите предели, со јадра пченица те заситува;
4. го испраќа на земјата Својот благослов; Неговиот збор брзо оди;
5. дава снег како волна; сипува магла како пепел;
6. фрла град Свој како залаци; пред Неговиот мраз кој може да устои?
7. Ќе го испрати благословот, и сè се растопува; ќе дувне со ветрот Свој, и води потекуваат.
8. Он му го кажа благословот Свој на Јакова, Своите наредби и Своите судови на – Израилот.
9. на никот друг народ Он не му го направил тоа, и Своите судови ним не им ги јавил.

Псалм 148

Сион нека Го фали Господа

1. Фалете Го Господа на небесата, фалете Го, на висините.
2. Фалете Го, сите ангели Негови, фалете Го, сите војски Негови.
3. Фалете Го, сонце и месечино, фалете Го сите ѕвезди и светила.
4. Фалете Го, небеса на небесата и води над небесата.
5. Нека го фалат името на Господа, зашто Он ече и тие се јавија, заповеда – и се создадоа;
6. ги постави за секогаш и за вечни времиња; даде наредби кои нема да се нарушат.
7. Фалете Го Господа од земјата, вие, сите али и бездни;
8. огнот и градот, снегот и мразот, и ти, бурен ветру, кој го исполнуваш словото Негово;
9. гори и сите возвишенија, плодородни дрвја и сите кедри,
10. ѕверови и сиот добиток, влекачи и птици крилати,
11. цареви земни и сите народи, кнезови и сите земни судии,
12. момчиња и девојки, старци со децата –
13. сите нека го фалат името на Господа; зашто е само Неговото име возвишено; Него Го фалат на небото и на земјата.
14. Он ќе ја подигне силата на Својот народ; Он ги прославува сите Свои светии, синовите Израилеви, на народот, кој Му е близок.

Псалм 149

Сион нека Го фали Господа

1. Запејте Му на Господа нова песна; похвала за Него да се чуе во храмот на светиите.
2. Нека се весели Израилот на Својот Создател; а синовите на Сион, нека се радуваат на својот Цар.
3. Нека го фалат името Негово во оро, со тимпани и со гусли нека Го слават,
4. зашто Господ го сака Својот народ и ќе ги возвиши кротките, спасувајќи ги.
5. Ќе се развеселат светиите во слава, ќе се зарадуваат врз леглата свои.
6. Славословија за Бога ќе има во устите нивни и двоостер меч – во рацете нивни,
7. за да извршат одмазда над народите, за казна над племињата,
8. да ги врзат во верига царевите нивни и нивните властелини – со железни окови на рацете;
9. да го извршат над нив напишаниот суд. Тоа ќе биде славата за сите Негови светии.

Псалм 150

Сè што дише нека Го фали Господа

1. Фалете Го Бог во Неговата светиња, фалете Го во цврстината на силата Негова;
2. Фалете Го поради Неговите сили, фалете Го поради многуте величија Негови.
3. Фалете Го со трубен звук, фалете Го со псалтир и гусли;
4. Фалете Го со тимпани и во оро, фалете го на струни и со свирка;
5. фалете Го со милозвучни кимвали, фалете Го со кимвали громогласни!
6. Сè што дише – нека Го фали Господа! Алилуја.

Псалм 151

За борбата на Давида со Голијата

1. Бев најмал од браќата свои и најмлад во домот на таткото мој; ги пасев овците на татко ми.
2. Рацете мои направија цитра, прстите мои го нагласуваа псалтирот.
3. И кој да го известил мојот Господ? Но самиот Господ, Самиот Он ме чу.
4. И испратил известител Свој, ме зеде од татковите овци и ме помаза со елеј на Своето помазание.
5. Браќата ми беа добри и големи, но Господ не благослови да одбере од нив.
6. Излегов јас спроти туѓинецот, и тој ме проколна со своите идоли.
7. Но јас го извадив мечот негов, го обезглавив и ги спасив од срам синовите Израилеви.