“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
23. Втора книга Макавејска
Вовед
Втората книга Макавејска во голема мера се разликува од првата. Писателот исто така е анонимен, најверојатно Јудеец, кој живеел надвор од Палестина со еленистичко образование. Книгата изворно е напишана на грчки. Во неа, како што вели самиот писател, го резимира монументалното дело на Киринеецот Јасон. Стилот на писателот е историско-патетичен; тој не е првенствено историчар, туку говорник и морализатор, кој настојува да го поттикне читателот. Од таа гледна точка би требало да се оценуваат поединечните делови од книгата, која сепак е историска во својата основа. Теолошки, оваа книга, покрај книгата Мудроста Соломонова, е најдобар сведок на јудејската вера и побожност, на прагот на христијанската ера: спореди со излагањето со создавањето (7,23; 28 и понатаму), за воскресението, задгробната отплата и вечниот живот (7,11; 22; 29; 33; 37), за вредностите на мачеништвото (7,32-38) и др.
Втората книга Макавејска, според податоците од самата книга, би можела да биде напишана некаде околу 124 и 63 год. пред Христос. Нејзиниот писател обилно користел податоци од Првата книга Макавејска.
1. Писма
1. На браќата наши Јудејци во Египет – поздрав! „Браќата Јудејци во Ерусалим и во целата Јудејска земја ви пожелуваат добар мир.
2. Бог нека ви даде добро и нека си го спомне својот завет со верните Свои слуги: Авраама, Исака и Јакова!
3. Да ви даде срце да Го почитувате и да ја исполнувате Неговата света волја со сето срце ваше и со сета душа ваша.
4. Да ви ги отвори вашите срца за Својот закон, за Своите повелби и да ви дарува мир!
5. Да ги чуе вашите молитви, да биде милостив спрема вас и да не ве напушта во време на неволја!
6. Така се молиме сега за вас.
7. Во времето кога царуваше Димитриј, во сто шеесет и деветтата година, ние, Јудејците ви бевме пишале во жалост и страдања, што нè постигнаа во тие години, кога Јасон и неговите истомисленици се беа одметнале од светата земја и од царството,
8. кога ја беа запалиле големата порта и пролеале невина крв. Тогаш Му се молевме на Господа и бевме услишани; принесувавме жртви и брашнени приноси, ги палевме светилниците и принесувавме лебови.
9. А сега празнувајте го празникот Сеници, во месецот Хаслев.”
10. Во сто осумдесет и осмата година, од оние што живеат во Ерусалим и во Јудеја, старешините и Јуда до Аристовула, учителот на царот Птоломеј, кој произлегува од родот на помазаните свештеници и до Јудејците што живеат во Египет – поздрав.
11. „Избавени со Божја помош од многу опасности, ние Му благодариме свечено затоа што можевме да му се противпоставиме на царот,
12. зашто Он ги изгони оние што го беа нападнале светиот град.
13. Бидејќи, кога царот дојде во Персија и со него неговата војска, која се сметаше непобедлива, тие беа поразени во храмот на Нанеја преку измама, со која се послужија жреците на Нанеја.
14. Односно, Антиох, под изговор дека има намера да се ожени со Нанеја, отиде на она место, заедно со своите пријатели, за да земе пари како мираз.
15. Жреците на Нанеја ги изнесоа парите, а кога Антиох со неколкумина души влезе во храмот, свештениците го затворија светилиштето,
16. па, штом го отворија тајниот отвор на сводот, почнаа да фрлаат камења и го убија заповедникот и оние што беа со него, ги исекоа на парчиња и, откако им ги пресекоа главите, ги фрлија пред оние што беа надвор.
17. За сето ова нека е благословен нашиот Бог, Кој ги предаде безбожниците на смрт.
18. И така, бидејќи имаме намера на дваесет и петтиот ден од месецот Хаслев да го празнуваме очистувањето на храмот, сметавме за потребно да ви јавиме, та и вие да го празнувате празникот Сеници и празникот на огнот, установен од Неемија, кога тој, отакако го изгради храмот и жртвеникот, принесе жртва.
19. Зашто, кога нашите татковци биле одведени во Персија, тогаш побожните свештеници зеле тајно оган од жртвеникот, го сокриле во длабината на еден пресушен бунар и го покриле, така што никој не можел да го најде тоа скришно место.
20. И, откако изминале многу години, кога Му било угодно на Бога, Неемија, испратен таму од персискиот цар, го побарал тој оган од потомците на оние свештеници што го сокриле. А кога го известиле дека таму не нашле оган, туку само густа вода,
21. тој им заповедал да нацрпат од таа вода и да му донесат; кога ги приготвиле жртвите, Неемија им рекол на свештениците со таа вода да ги поросат и дрвата и жртвите што биле ставени врз нив.
22. Само што го направиле тоа, изгреало сонцето, кое дотогаш било покриено со облак, вивнал силен оган, така што сите се зачудиле.
23. Додека горел огнот, свештениците и сиот народ се молеле: молитвата ја започнувал Јонатан, а Неемија заедно со другите ја продолжувале.
24. А еве ја содржината на молитвата: „Господи, Господи Боже, Создателе на си, Ти си страшен и силен, праведен и милостив, единствен Цар и единствен Добротвор,
25. единствен Дарител на си, единствен праведен, сесилен и вечен, Ти го избавуваш Израилот од секакво зло, Ти си ги избрал нашите татковци и си ги осветил!
26. Прими ја оваа жртва за сиот Твој израилски народ, запази го овој Твој дел и освети го;
27. собери ни нас распрснатите, ослободи ги оние што им робуваат на незнабошците, милостивно погледај на понизените и презрените, та да разберат оти си Ти нашиот Бог;
28. казни ги оние што ни измачуваат и гордо што ни жалостат;
29. насели го народот Твој на Твоето свето место, како што рекол Мојсеј.”
30. За тоа време свештениците пееле свечени песни.
31. Кога жртвата ќе изгорела, Неемија заповедал со другата вода да ги полијат големите камења.
32. А кога го направиле тоа, избувнал силен пламен, но од светлината, која изгреала од жртвеникот, тој исчезнал.
33. Штом се разбрало за овој настан и кога за него бил известен и персискиот цар, оти на тоа место, каде што преселените свештеници го сокриле огнот, се нашла вода, со која Неемија и оние што биле со него, го осветиле жртвеникот,
34. царот, откако ја испитал работата, наредил тоа место да се огради како свето.
35. На оние, на кои им го дал, им ги оставил и големите приходи што ги имал од тоа место.
36. Оние, пак, што биле со Неемија тоа место го нарекле Нетар, што значи: очитсување; а многумина го нарекуваат и Нетај.
2. Еремија ги крие обредните предмети
– Библиотеката на Неемија
– Повикување на посветување.
1. Во записите на пророкот Јеремија се говори за тоа, тој им заповедал на преселуваните, да земат од гонот, како што е горе речено,
2. и, откако им го дал на преселниците Законот, им заповедал да не ги забораваат заповедите на Господа и да не се заблудуваат во своите мисли, гледајќи ги златните и сребрените идоли и украси.
3. Говорејќи им и за други слични работи, тој ги убедувал да не го отстрануваат Законот од своето срце.
4. Во записите се вели и тоа дека овој пророк, по Божјо откровение, им заповедал да ги носат со себеси Скинијата и Ковчегот, па се искачил на гората, на која се искачил Мојсеј, и оттаму го гледал Божјото наследство.
5. Откако пристигнал таму, Јеремија нашол пештерно живеалиште, каде што ги внесол Скинијата, Ковчегот и кадилниот жртвеник, а потоа го заѕидал влезот.
6. Кога потоа дошле некои од неговите сопатници, за да стават белег на патот, не можеле да го најдат.
7. А Јеремија ги укорил, штом разбрал за тоа, велејќи им дека тоа место ќе остане непознато сè додека Бог не се смилостиви и одново не го собере Својот народ.
8. Токму тогаш Господ ќе ги открие тие работи, и ќе се појави славата Господова во облак, како што се појави во времето на Мојсеја и на Соломона, кога Му се молеле на Господа храмот да биде величествено посветен.
9. Се говори и за тоа, оти Соломон, исполнет со мудрост, принел жртви за обновување и завршување на храмот.
10. Како Мојсеј што Му се молел на Господа и слегнал оган од небото и ја проголтал жртвата, така се молел и Соломон, и огнот што слегнал, ја проголтал сепаленицата.
11. Мојсеј тогаш рекол: „Затоа што жртвата за грев не е за јадење, огнот ја проголта.”
12. И Соломон празнувал осум денови.
13. Во записите и во спомените на Неемија се раскажува и за тоа како направил библиотека, како ги собрал книгите за царевите, за пророците и за Давида, а и писмата на царевите за светите приноси.
14. Исто така и Јуда ги собрал сите книги, кои биле изгубени поради војна што нè снајде, а сега ги имаме.
15. Затоа, ако имате потреба од нив, пратете луѓе да ви донесат.
16. Бидејќи имаме намера да го празнуваме очистувањето, затоа и ви пишав за тоа; но – добро ќе направите, ако и вие ги отпразнувате тие денови.
17. А Бог, Кој го запази сиот Свој народ и на сите им даде наследство, царство, свештенство и светилиште,
18. како што ни беше ветил во Законот, Он набргу, се надеваме на Него, ќе нè помилува и ќе нè собере од сите краишта под небото во светото место.
19. Зашто Он нè избави од големи неволји и местото го очисти.
20. А за делата на Јуда Макавејски и на неговите браќа, за очистувањето на великиот храм и за обновувањето на жртвеникот,
21. како и за војните против Антиоха Епифан и против неговиот син Евпатор,
22. и за појавите од небото, покажани на оние, кои се грижеа за Јудејците толку ревносно, така што, иако беа малубројни, ја ослободија целата земја и гонеа многубројни непријателски групи луѓе,
23. кои ја повратија славата на својот храм, познат во целиот свет, го ослободија градот и ги востановија законите, на кои им се заканувало пропаѓање, кога Господ се смилува на нив со Својата голема добрина –
24. сето ова го изложил Јасон Киринеецот во пет книги, но ние ќе се обидеме накратко да ги опишеме во една книга.
25. Имајќи ги предвид многуте работи и тешкотии, што произлегуваат од обемниот материјал, за оние што сакаат да се занимаваат со историски настани,
26. ние се погриживме да им дадеме душевна поука на тие што имаат желба за читање, олеснување – на оние што сакаат да помнат и полза за сите што ќе ја читаат,
27. иако за нас, кои се зафативме со тешката работа на скратување, ова ни најмалку не е лесно, а бара од нас напори и внимание,
28. како што не му е лесно ни на оној што подготвува гозба и сака да им биде корисен и на другите. Но, имајќи ја в предвид благодарноста на многумина, го преземаме овој труд доброволно врз себе.
29. Оставајќи му го на историчарот точното изложување на подробностите, ние ќе се трудиме да се раководиме од правилата на скратено изложување.
30. Како што градителот на една нова куќа треба да се грижи за целата нејзина градба, а оној што ќе се зафати со резба и живопис, своето внимание ќе треба да го сврти само на украсувањето, па така мислиме и ние за нашата работа.
31. Да се вдлабочува и зборува за сè и да се иследува секоја посебност – тоа е својствено на првичниот историчар.
32. Оној, пак, што прави кратки изложувања, треба да биде краток и да ги избегнува исцрпните истражувања.
33. И така, како што рековме, да го почнеме кажувањето, зашто не е разумно да го развлекуваме предговорот на историјата, а самата историја да ја скратуваме.
3. Илиодор доаѓа во Ерусалим
1. Кога во светиот град луѓето живееја во потполн мир и кога грижливо се пазеа законите поради побожноста и одвраќањето од злото на првосвештеникот Онија,
2. Обично и самите цареви го почитуваа тоа место и светиот храм да го чествуваат со најскапоцени дарови,
3. така што и азискиот цар Селевк даваше од своите приходи за сите расходи околу жртвените служби.
4. Но некој си Симон, од племето на Венијамина, кој бил поставен за предстојник на храмот, влегол во расправија со првосвештеникот во врска со наредбите на градското пазариште.
5. Бидејќи не можел да го наговори првосвештеникот Онија, отишол кај Трасеевиот син Аполониј, кој во тоа време била заповедник на Келе-Сирија и Феникија,
6. го известил оти ерусалимската ризница е преполна со неизмерно богатство, дека во неа е натрупано големо множество пари, кои не се потребни за принесување жртви и дека сето тоа богатство може да му припадне на царот.
7. Аполониј се состанал со царот и го известил за спомнатото богатство, а овој го определил Илиодора, државен управител, го испратил и му заповедал да го земе тоа богатство.
8. Илиодор веднаш тргнал на пат, под изговор да ги обиколи градовите на Келе-Сирија и Финикија, а всушност тргнал да ја изврши царската заповед.
9. Кога пристигнал во Ерусалим, и бил љубезно примен од првосвештеникот на градот, тој му соопштил за тоа што е известено и дека е дојден да праша дали е тоа вистина.
10. Макар што првосвештеникот му рекол дека тоа е имот на вдовици и сираци, доверени на пазење,
11. а дека еден дел е на Хиркана, синот на Товиј, еден многу угледен човек, и дека не е вистина она што клеветел нечесниот Симон, и дека има само четиристотини таланти сребро и двесте таланти злато, и
12. не треба да се навредат оние што се надевале на светото место и на достоинството, и неприкосовеноста на храмот, кој е почитуван во целиот свет, –
13. Илиодор, кој имаше царска заповед, сепак одлучно рече дека тоа треба да биде пренесено во царската ризница.
14. Тој определи ден, а кога влезе во ризницата, за да направи попис, во градот настана голема вознемиреност.
15. Свештениците, облечени во свештенички одежди, паѓаа пред жртвеникот и викаа кон Оној, Кој го дал законот да се доверува имот на храмот – да им го запази цел на оние што му го довериле.
16. Секој што ќе го погледнеше лицето на првосвештеникот, ја чувствуваше неговата душевна вознемиреност; изгледот и изменетата боја на лицето ја покажуваа душевната мака.
17. Него го опфати ужас и трепереше со сето свое тело; тоа на оние, што го гледаа, им кажуваше колку страда неговото срце.
18. Цели семејства истрчуваа од своите домови и одеа на заедничка молитва, зашто на светилиштето му се закануваше осквернување.
19. Жените опашани со кострет под градите, одеа во групи по улиците, девојки, дотогаш пазени по домовите и вардени, трчаа едни кон портите, други кон ѕидовите, а трети гледаа низ прозорците,
20. и сите креваа раце кон небото и се молеа.
21. Жално беше да се гледа како многуброен народ паѓа ничкум, а крајно возбудениот првосвештеник стоеше и чекаше.
22. Сите Му се молеа на Бога Седржителот целосно да им го запази на сопствениците она што му го довериле на храмот на пазење.
23. Но Илиодор продолжуваше да го прави она што беше одлучил.
24. А кога влезе во ризницата со своите вооружени придружници, Господ на нашите татковци и Господарот на секоја власт покажа знак; сите што се осмелија да влезат во ризницата беа поразени од страв пред Божјата сила и паднаа во немоќ и ужас,
25. зашто им се појави коњ со страшен коњаник, покриен со прекрасно покривало; па кога се исправи на задните нозе, го удираше Илиодора со предните копита, а коњаникот како да имаше златен оклоп.
26. Се појавија и други двајца младичи, еден од едната, а другиот – од другата страна, необично силни и со ретка убавина и почнаа да го бичуваат и многу рани му зададоа.
27. Кога Илиодор најпосле падна на земја, него го обви густа темнина; тогаш го кренаа и го поставија на носила.
28. Оној што пред малку беше влегол во ризницата со голема сила, тој и оние што го придружуваа, беспомошен го изнесоа со јасен доказ за Божјата сила.
29. Тој беше соборен од Божјата сила и лежеше безгласен и лишен од секаква надеж на спасение.
30. Јудејците Го прославуваа Господа, Кој го прослави Своето живеалиште; храмот, кој пред малку време, беше исполнет со страв и трепет, со појавувавњето на Господа Седржителот, се исполни со радост им веселба.
31. Потоа, некои од придружбата на Илиодора, го замолија првосвештеникот Ониј – да Му се помоли на Севишниот за да му подари живот на оној што лежеше на издивнување.
32. Првосвештеникот, плашејќи се царот да не помисли дека Јудејците направиле некакво злодело против Илиодора, принесе жртва за негово спасение.
33. Додека првосвештеникот ја принесуваше жртвата за милост, истите младичи пак му се појавија на Илиодора, облечени во иста раскошна облека, па кога застанаа пред него му рекоа: „Биди му многу благодарен на првосвештеникот Ониј, зашто Господ ти подари живот само поради него,
34. а ти, казнет од Бога, разгласувај им ја на сите Неговата голема сила.” И откако ги изговорија овие зборови, исчезнаа.
35. А Илиодор, откако му принесе жртва на Господа и направи големи ветувања на Оној, Кој му го запази животот, Му заблагодари и на Ониј и со својата војска се врати при царот,
36. сведочејќи пред сите за делата на Севишниот Бог, кои ги виде со своите очи.
37. А кога царот го запраша Илиодора кој би бил погоден човек да биде испратен пак во Ерусалим, тој му одговори:
38. „Ако имаш некаков непријател или противник на твојата држава, него испрати го таму, и ќе го пречекаш казнет, само ако остане жив, зашто на она место навистина има сила Божја:
39. Оној, Кој живее на небото, бдее на тоа место и го заштитува; оние што Му пристапуваат со лоша намера – Он ги бие и ги уништува.”
40. Ете, тоа му стана на Илиодора и така беше запазена ризницата на светиот храм.
4. Лошите дела на настојникот Симон
1. Спомнатиот Симон, кој стана предавник на храмовата ризница и на татковината, го наклевети Онија дека работи против Илиодора и дека бил виновник за лошите работи.
2. Добротворот на градот, заштитникот на своите сонародници и ревнителот на Божјите закони, тој се осмелуваше да го нарекува државен непријател.
3. И кога непријателството дојде дотаму, што преку некој од едномислениците на Симона, почнаа да се извршуваат убиства,
4. Ониј, гледајќи дека борбата станува многу опасна и дека Аполониј, управителот на Келе-Сирија и Финикија, ја поттикнува злобата на Симона,
5. отиде при царот, но не како обвинител на своите сограѓани, туку ја имаше предвид ползата на секого поодделно и на сиот народ.
6. Тој согледуваше дека без царска помош не е можно мирно да се средат работите и дека Симон нема да се ослободи од своето безумие.
7. По смртта на Селевк, кога Антиох, наречен Епифан, стана цар, Јасон, братот на првосвештеникот Ониј, се обидуваше да ја преземе првосвештеничката служба,
8. ветувајќи му на царот, при една нивна средба, триста и шеесет таланти сребро, и од некои други приходи – осумдесет таланти.
9. Освен тоа, ветил дека ќе плати уште сто и педесет таланти, ако му дозволи да има свое училиште за телесно воспитување на младичи и на ерусалимците да им дава антиохиско државјанство.
10. Кога царот се согласи и тој доби таква власт, почна веднаш своите сонародници да ги подведува под елински начин на живеење.
11. Ги укина слободите, кои им ги беше дал на Јудејците од човекољубиви чувства, по застапувањето на Јоана, таткото на Евполема, кој одеше како пратеник кај Римјаните за добивање и пријателство и сојузништво, па, со еден збор, уривајќи ги законските уредби, воведуваше нови обичаи спротивни на законот.
12. Откако изгради под самата тврдина училиште за телесно воспитување на младичи, ги привлекуваше оние од нив, што беа полични, па ги водеше во дом на срамот.
13. Така се појави наклоноста спрема елинизмот и приближувањето спрема туѓинците поради преголемата безбожничка расипаност на Јасона, на тој безбожник, а не првосвештеник,
14. така што и свештениците престанаа да бидат ревносни спрема својата служба кај жртвеникот, и презирајќи го храмот и не грижејќи се за жртвите, брзаа на знак од ѕвечка за фрлање диск да земат учество во игрите спротивни на законот.
15. Го сметаа за ништо она што нивните татковци го почитуваа; го признаваа за добро само она што го признавале Елините.
16. Затоа ги постигна страшна казна: оние што им беа пример за угледување за тоа како треба да живеат и во сè да бидат слични на нив, тие им станаа непријатели и крвници;
17. не е можно без казна да се однесуваме против божествените закони; тоа го потврдува и она што настана потоа.
18. Кога во Тир се одржуваа, во присуство на царот, петгодишните натпревари,
19. безбожниот Јасон испрати гледачи од Ерусалим, антиохијци, да однесат и триста сребрени драхми за жртва на Херкула; но, оние што ги зедоа, за да ги носат, молеа да не бидат употребени за жртви, бидејќи тоа го сметале како нешто неприлично, туку да ги потрошат за нешто друго.
20. И така, парите, што ги испрати за жртва на Херкула, беа потрошени за градба на чунови со весла.
21. Кога потоа Аполониј, синот на Менестеј, беше испратен во Египет, по повод зацарувањето на Птоломеја Филометор, Антиох се посомневал во него, сметајќи дека има лоши намери против него; затоа кога се упати во Јопија, тој дојде во Ерусалим.
22. Тогаш беше пречекан многу свечено од Јасона и од градот, со факели и восклици, а оттаму заедно со својата војска појде во Финикија.
23. Три години потоа, Јасон го испрати Менелаја, братот на спомнатиот по зло Симон, за да му ги однесе на царот парите и да го потсети на некои неодложни работи.
24. А тој, откако му се претставил на царот, ја пофали неговата власт, и издејствува да му биде дадена првосвештеничка служба, откако рече дека ќе плаќа триста таланти сребро повеќе од Јасона.
25. Откако го прими царското поставување, се врати во Ерусалим, без да донесе со себеси нешто достојно за првосвештеник, освен гневот на свиреп тиранин и бес на див ѕвер.
26. Па така Јасон, кој го измами својот роден брат, од друг беше измамен и отстранет како изгнаник во Амонитската земја.
27. Менелај ја доби првосвештеничката власт, но воопшто не се грижеше за парите што му ги ветил на царот, иако Сострат, заповедникот на градската тврдина, постојано ги бараше од него,
28. зашто тој беше одговорен за собирање на даноците; поради таа причина обајцата беа повикани при царот.
29. Менелај беше принуден првосвештенството да му го отстапи својот брат на Лисимах, а Сострата го заменил Кратит, заповедникот на Кипраните.
30. Додека стануваше ова, бунт кренаа Тарсјаните и Малотјаните, затоа што нивните градови ѝ беа дадени како мираз на царската наложница Антиохида.
31. Затоа набргу потоа царот отиде таму, за да ги измири, а за свој намесник го остави Андроника, еден од царските први советници.
32. Тогаш Менелај, сметајќи дека му се укажала погодна прилика, украде златни садови од храмовата ризница и еден дел од нив му подари на Андроника, а другите ги продаде во Тир и во соседните градови.
33. Откако разбра и се увери во тоа, Ониј го откри и се засолна во безопасно место – Дафна, што е во Антиохија.
34. Затоа Менелај, штом се состана со Андроника, го замоли да го убие Онија. Тогаш Андроник отиде кај Онија, измамнички му ја подаде својата десница, а Ониј, иако се сомневаше во него, излезе од своето скривалиште; веднаш го уби, не водејќи грижа за правда.
35. Од ова се разгневија не само Јудејците, туку и многу други народи, и негодуваа поради беззаконото убиство на тој човек.
36. Кога царот се врати од пределите на Киликија, Јудејците и побунетите Елини од градот го известија за беззаконото убиство на Онија.
37. Антиох, силно огорчен и побуден од сочувство, ги оплакуваше добродетелите на големата побожност на умрениот,
38. разгневен на Андроника, му ја соблече достоинственичката облека, му ги искина алиштата и заповеда да го водат по целиот град и на истото место, каде што тој го уби Онија, да го погубат него – убиецот; така Господ му адде заслужена казна.
39. А кога Лисимах, со знаење на Менелај, направи многу кражби на свети предмети, и затоа почна насекаде да се говори, народот се дигна против Лисимаха, зашто многу златни садови беа украдени.
40. Откако разгневениот народ востана, Лисимах вооружи околу три илјади луѓе, и прв почна да врши насилства под водство на еден тиранин, стар по години, но не помалку застарен по своето безумие.
41. Штом ги видоа насилствата на Лисимаха, едни од луѓето беа грабнале камења, други стапови, а трети земја и ги фрлаа врз главите на Лисимаховите луѓе,
42. така што многумина од нив убија, некои ранија, а останатите ги натераа да се разбегаат, додека крадецот на светите работи го фатија кај ризницата.
43. Затоа Менелај, беше изведен пред суд.
44. Кога царот дојде во Тир, тогаш тројца пратеници од советот на народните старешини му поднесоа жалба.
45. А Менелај, веќе фатен, му вети многу пари на Птоломеја, Дорименовиот син, ако се застапи пред царот за него.
46. А Птоломеј, откако откако го одведоа царот под некој трем, божем да се освежи, го изопачи судското дело.
47. Менелаја, виновникот на сите зла, царот го ослободи како невин од сите обвиненија, додека кутрите обвинители, ако беа говореле и пред суд на Скитите, ќе беа ослободени, царот ги осуди на смрт.
48. И така, оние што говореа во одбрана на градот, народот и на светите садови, веднаш беа осудени со неправедна казна.
49. Дури и Тираните, згрозувајќи се од таквата неправедна казна, дадоа голем прилог за нивниот погреб.
50. А Менелај, поради алчност на властодршците, ја задржа власта што ја имаше, па напредувајќи во злобата, им стана уште пожесток непријател на граѓаните.
5. Втората египетска војна.
1. Во тоа време Антиох започна втора војна против Египет.
2. Во тие денови, речиси цели четириесет дена, над целиот град во воздухот се гледаа коњаници, во златна облека и вооружени со копја, слични на војници;
3. стројни борбени коњички редови, напади и отстапувања на едната и на другата страна, размавнување со штитови и многу копја и мечеви, фрлање стрели, болскав сјај на златни оклопи и секаков вид оружје.
4. Затоа сите се молеа таа појава да биде за добро.
5. Кога потоа се прошири глас дека божем Анитох умрел, Јасон собра не помалку од илјада души и го нападна градот, а штом се искачија на градските ѕидови, и откако градот беше преземен, Менелај избега во тврдината.
6. А Јасон безмилосно ја пролеваше крвта на своите сограѓани, не помислувајќи оти успехот против еднородните браќа е најголемото зло, па си замислуваше дека добил победа над непријателите, а не над еднородните браќа.
7. Но сепак тој не доби никаква власт, туку срамно го заврши своето предавство и беше одново принуден да бара прибежиште во Амонитската земја.
8. Крајот на неговиот лош живот беше ваков: обвинет пред арабјанскиот владетел Арета, тој бегаше од град во град, од сите прогонуван и мразен како отстапник од законите и презиран како непријател од својата татковина и своите сограѓани, беше протеран во Египет.
9. Оној што изгони толку многу луѓе од својата татковина, самиот загина во туѓа земја, откако појде кај Лакедемонците со надеж оти меѓу нив ќе најде за себе прибежиште поради роднинството што го имаше со нив.
10. Оној кој остави многумина без погреб, и самиот остана неоплакан и неудостоен со погреб, ниту со гробот на своите татковци.
11. Кога царот разбра за сето тоа, тој помисли оти Јудеја се одвојува од него, па се дигна од Египет со разгневена душа и го зазеде градот со својата вооружена рака.
12. Тој им заповеда на своите војници безмилосно да ги бијат сите што ќе ги видат и да ги убиваат оние што се кријат по куќите.
13. Така изгинаа млади и стари, умртвија мажи, жени и деца, заклаа девојки и младичи.
14. Во три дни загинаа осумнаесет илјади: четиринаесет илјади паднаа од раката на убијците, а не помалку од убиените беа оние што беа продадени.
15. Но незадоволен ни од тоа, тој се осмели да влезе и во најсветиот храм на целата земја, имајќи го за водач Менелаја, тој предавник на законите и на татковината.
16. Тој ги земаше светите садови и другите свети предмети со своите нечисти раце, подарени од други цареви за благослов и напредок, поради славата и достоинството на ова свето место.
17. Антиох, заслепен од своите горди мисли, не можеше да разбере дека Господ за кусо време се разгневи поради гревовите на граѓаните, поради што го остави градот без заштита.
18. Ако тие не беа натрупани со многу гревови, тоа и Илиодор, кој беше испратен од царот Селевк, да ја прегледа храмовата ризница, и тој штом би влегол, би бил веднаш казнет и би се откажал од своето безумство.
19. Но Господ не го избра народот заради светото место, туку го избра светото место – заради народот.
20. Затоа и светото место, имајќи дел од народните неволји, зеде дел од Божјите добрини, па макар да беше изоставено поради гневот на Севишниот, пак беше издигнато во целата своја слава, откако се смилува Великиот Господ.
21. И така, Антиох, откако однесе од храмот осумстотини таланти, па побрза да се врати во Антиохија, мислејќи во својата гордост дека земјата може да ја направи погодна за пловење, а морето за сувоземни патишта;
22. за настојник во Ерусалим го остави Филипа, родум од Фригија, а по нарав пожесток и од оној што го постави,
23. а во Гаризин го постави Андроника, а освен нив, и Менелаја, кој управувал уште полошо од другите над јудејските граѓани.
24. Потоа го испрати својот намесник Аполонија со дваесет и две илјади војници, откако му заповедал да ги убијат сите возрасни мажи, а жените и децата да ги продадат.
25. Кога дојде во Ерусалим, тој се правеше како мирољубив човек; почекал до светиот саботен ден, и тогаш ја искористил саботната починка на Јудејците, па на своите луѓе им заповеда да се вооружат.
26. Сите што биле да ја гледаат војската, нив најнапред ги убил, а потоа заедно со својата војска се втурнал во градот и исклал многу народ.
27. Тогаш Јуда Макавејски, десетти во својот род, се повлече во пустињата и живееше со своите приврзаници по планините како ѕверовите; се хранеше со трева, за да не биде соучесник во осквернувањето.
6. Воспоставување пагански обреди
1. Набргу потоа царот испрати еден старец, Атињанин, да ги присилува Јудејците да отстапуваат со татковските закони и да не живеат по Божјите закони;
2. да го осквернваат ерусалимскиот храм и да го нарекуваат храм на Јупитера Олимпијски, а храмот во Гаризим – храм на Јупитера страноприемник, затоа што жителите на овој град се придојдени.
3. Оваа неволја беше тешка и неподнослива за народот.
4. Храмот се исполни со блудство и пијанчење од страна на незнабшците кои, дружејќи се со блудници, се собираа со таквите жени во најсветите места во храмот и внесуваа непозволени работи.
5. И жртвеникот се наполнил со недозволени жртви, спротивни на законот.
6. Не се дозволуваше празнувањето на саботата, ни празнувањето на празниците, па не дозволуваа дури да се нарекуваме Јудејци.
7. Секој месец, на роденденот на царот, сосила ги водеа Јудејците да принесуваат идолски жртви, а на Дионисовиот празник ги принудуваа да носат бршленови венци и да одат во групи свечено во чест на Диониса.
8. Таква наредба издаде царот Птоломеј и во другите соседни елински градови, а тие да дејствуваат против Јудејците и да ги принудуваат да им принесуваат жртви на идолите и да јадат од тие жртви.
9. Оние, што не се согласуваа да живеат според обичаите на незнабошците ги убиваа. Токму тогаш настана вистинска мака.
10. Две жени беа обвинети оти ги обрезале своите деца; затоа ги врзаа тие деца за градите на нивните мајки, па откако ги прошетаа низ градот пред народот, ги фрлија преку градските ѕидишта.
11. Други се собираа во блиските пештери, за да можат тајно да го празнуваат саботниот ден, но, откако беа пријавени кај Филипа, беа изгорени, зашто, поради светоста на тој ден, сметаа оти е грешно да се бранат.
12. Ги молам оние што ја читаат оваа книга, да не се плашат од овие неволји и да знаат дека овие страдања не служат за пропаст, туку за вразумување на нашиот род.
13. Зашто тоа што на нечестивите не им се дава многу време, туку набргу биваат казнувани, тоа е знак за големата Божја милост.
14. Додека другите народи Господ ги чека долготрпеливо да ги казни за нивните гревови, тогаш кога тие ќе се натрупаат, а со нас не постапува така, нас не нè чека така долготпеливо;
15. нè казнува пред да стигнеме до врвот на прегрешенијата.
16. Бог никогаш не ја оддалечувал од нас Својата милост; нè казнува со неволји, но никогаш не нè изоставува нас – Својот народ.
17. Ова што го реков, нека ни биде доволно како спомен. А сега пак да се вратиме на нашето прикажување.
18. Имаше некој си Елеазар, еден од првите книжници веќе остарен, но многу личен. Него го принудуваа, отварајќи му ја насила устата да јаде свинско месо.
19. Но тој повеќе ја сакаше славната смрт, отколку срамниот живот; доброволно се предаде да го измачуваат и го плукаше она што насила му го ставаа во устата,
20. а така требаше да постапуваат сите, решени да истрпат, отколку да јадат од она што е забрането со закон.
21. Тогаш оние, што раководеа со безбожничкото жртвување, познавајќи го тој човек од поодамна, го повикаа насамо и го убедував да принесе месо што тој самиот ќе го приготви, кое би можел да го јаде, и да се прави дека божем јаде од месото што го жртвувал царот,
22. на тој начин да се избави од смртта, ползувајќи се со нивната љубов поради нивното старо пријателство.
23. Но тој, утврден во својата благородна одлука, достојна за неговата возраст и угледна старост, за неговите славни бели коси, за побожноста уште од раното детство, а најповеќе – поради светиот и од Бога даден закон, одговори и рече:
24. „Веднаш нека ме предадат на смрт. Зашто на нашата возраст не ѝ прилега да се претвораме, така што многумнина од младите да помислат дека деведесетгодишниот Елеазар минал во верата на незнабошците,
25. па, поради мојата лицемерност, заради краткиот и ништожен живот, преку мене да паднат во заблуда, а со тоа јас би ѝ ставил дамка и срам на мојата старост.
26. Па и кога би се избавил од човечките измачувања во овој живот, во сегашново време, јас не би можел да избегам од сесилната десница на Севишниот ни во овој живот, ниту по смртта во другиот.
27. Затоа сега, откажувајќи се храбро од овој живот, ќе се покажам достоен за својата старост,
28. а на младите ќе им оставам добар пример како треба за почитуваните свети закони со гордост И храброст да се оди во смрт.” По овие зборови веднаш појде на измачување.
29. Тогаш и оние што го водеа, ја изменија дотогашната своја наклоност спрема него во омраза; неговите зборови ги сметаа за лудост.
30. Кога под жестоките удари веќе умираше, тој воздивна и рече: „Господ, Кој знае сè, добро знае дека можев да се избавам од смртта и дека на своето тело ги поднесувам тешките маки од бичувањето, ги претрпувам во мојата душа од стравопочит спрема Него.”
31. Така го заврши својот земен живот и со својата смрт остави, не само за младите, туку и за многумина од народот, пример за храброст и спомен на добродетел.
7. Мачеништвото на седмината браќа.
1. Така фатија и седмина браќа заедно со нивната мајка. Царот нареди да ги бијат со бичеви и воловски жили, сакајќи да ги присилат да јадат од забранетото свинско месо.
2. Еден од нив проговори прв и рече: „Што сакаш да прашаш и што сакаш да дознаеш од нас! Ние сакаме повеќе да умреме, отколку да ги згазиме законите на нашите татковци.
3. Тогаш царот силно се разгневи и нареди да се вжештат тави и котли.
4. Кога ги нагорештија, царот заповеда веднаш да му го отсечат јазикот на оној што прв проговори, да му ја одерат кожата и да му ги сечат рацете и нозете пред очите на другите негови браќа и пред мајка му.
5. И така, откако го осакати сосема, заповеда да го однесат до огнот и да го печат во тава, а кога од тавата се ширеше миризба на далеку, другите синови, заедно со нивната мајка, се поттикнуваа еден со друг, храбро да ги истрпат маките, велејќи:
6. „Господ Бог гледа и навистина ќе биде милостви спрема нас, како што изјави Мојсеј во својата песна пред народот: Он ќе се смилува на своите слуги.”
7. Кога умре првиот, го изведоа вториот на подбивање и, откако му ја одраа кожата заедно со косата, од главата, го прашаа: „Сакаш ли да јадеш пред дел по дел да го измачиме твоето тело?”
8. А тој, одговарајќи им на јазикот на своите татковци, рече: „Не, не сакам!” Затоа и тој ги претрпе истите маки како и првиот.
9. Испуштајќи ја својата душа, воздивна и рече: „Мачителе, ти ни го одземаш сегашниот живот, но Царот на славата ќе нè воскресне за вечен живот нас што умираме за Неговите закони.”
10. Потоа беше изложен на подбивање третиот, па кога му го побараа јазикот, тој го покажа, подавајќи ги без страв и своите раце.
11. И јуначки рече: „Од небото сум ги примил и не жалам да ги дадам за Божјите закони; се надевам дека пак ќе ги добијам од Него.”
12. И самиот цар, и оние што беа со него, се вчудовидоа од смелоста на младичот, кој ги презираше маките.
13. Кога умре тој, на истите маки го подложија и четвртиот брат.
14. Пред да умре, тој рече: „Блазе му на оној што умира од човечка рака, тој треба да се надева на Бога – дека Он ќе го воскресне! А ти, мачителе, за тебе ќе нема воскресение за живот.”
15. Потоа го доведоа петтиот и почнаа да го измачуваат.
16. Тој го погледна царот и му рече: „Иако си смртен, ти имаш власт над луѓето и правиш сè што сакаш. Но не мисли дека Бог го напуштил нашиот народ!
17. Само почекај, па ќе ја видиш Неговата голема сила: Он ќе те казни и тебе и твојот народ!”
18. Потоа го доведоа шестиот, кој, приготвувајќи се за смртта, рече: „Не мами се попусто, ние го трпиме ова поради наша вина, зашто Му згрешивме на нашиот Бог и затоа нè снајдоа сите овие маки, достојни работи за чудење.
19. Но не мисли – дека ти нема да бидеш казнет, ти кој се осмелуваш да се бориш против Бога,”
20. Најдостојна, пак, за восхит беше мајката, која гледајќи ги нејзините седум синови како умираат во еден ден, великодушно претрпуваше затоа што се надеваше на Бога.
21. Исполнета со благородни чувства и поткрепувајќи го својот дух со машка храброст, таа го поттикнуваше секого од нив со јазикот на нивните татковци, велејќи:
22. »Јас не знам како се најдовте во мојата утроба; јас не ви ги подарив ни духот ни животот, ниту преку мене се образувал составот на секого од вас.
23. Затоа, Создателот на светот, Кој го создал човечкиот род и на сè му дал почеток, пак милостиво ќе ви даде и дух и живот затоа што сега не се штедите заради Неговите закони.”
24. Антиох помисли оти го презираат, сфаќајќи дека се подбиваат со него, го советуваше најмладиот, кој беше уште жив, и не само со зборови, туку и со заколнување го уверуваше, дека ќе го направи богат и задоволен, само ако се откаже од Законот на татковците, дека ќе му биде пријател и ќе го постави на висока служба.
25. Но бидејќи младичот на внимаваше што му зборува царот, овој ја повика мајка му и почна да ја наговара да го посоветува својот најмал син за да си го спаси животот.
26. По долго убедување, мајката се согласи да го посоветува сина си.
27. Но кога се наведна над него и потсмевајќи му се на свирепиот мачител, таа му говореше вака на својот татков јазик: „Сине, смилувај се над мене. која сем те носела девет месеци во мојата утроба, три години со млеко сум те доела, сум те хранела, одгледала и воспитала.
28. Ти се молам,сине, погледни ги небото и земјата и сè што е на нив и знај дека сето тоа Бог го создал од ништо, знај дека така настанал и човечкиот род.
29. Не плаши се од убиецот, туку биди достоен за твоите браќа и прими ја смртта за да те придобијам пак, по Божја милост, заедно со твоите браќа.”
30. Додека таа уште говореше, младичот рече: „Што чекате? Јас не ѝ се покорувам на царската заповед; јас им се покорувам на заповедите од законот, што им го даде Бог на нашите татковци преку Мојсеја.
31. А ти, што си измислил вакви маки за нас Јудејците, знај дека нема да избегаш од Божјата рака.
32. Ние страдаме поради нашите гревови.
33. Па, ако живиот Бог за извесно време се разгневи на нас, за да ни покара и да ни поучи, Он пак ќе се смилува над нас, Своите слуги.
34. А ти, безбожнику и најголем престапник од сите луѓе, не гордеј се попусто, не издигнувај се со празни надежи, кревајќи ја својата рака против слугите Божји,
35. зашто уште не си избегал од судот Божји, Кој гледа си.
36. Нашите браќа, кои ги претрпеа сега овие преодни маки, според Божјиот завет, добија вечен живот, а ти, според Божјиот суд, ќе добиеш справедлива казна за твојата гордост.
37. И јас, како и моите браќа, ги предавам душата и телото за татковските закони, молејќи Му се на Бога, набгру да се смилува над Својот народ, а ти, во маки и страдања, да признаеш дека е Он единствен Бог.
38. Со мене и со моите браќа нека заврши гневот на Севишниот, кој со право го постигна нашиот народ.”
39. Царот, наполно избезумен, се разгневи на него пожестоко отколку на неговите браќа, доживувајќи го тешко особено подбивањето.
40. Така и тој го заврши својот живот, а да не се оскверни, исполнет со надеж во Господа.
41. По синовите умре и мајката.
42. Ете, толку за обредните идолски жртви и за страшните измачувања.
8. Макавејското востание
1. Јуда Макавејски и оние што беа со него, почнаа тајно да одат по селата, да ги повикуваат роднините и да ги собираат сите што му останале верни на јудејството, па собра шест илајди мажи.
2. Тие повикаа кон Господа да се смилува над народот што е измачуван од сите и над осквернетиот храм од безбожниците;
3. да се смилува над разурнатиот град, на кој му се заканува опасност да биде срамнет со земјата, да ја слушне крвта што вика кон Него;
4. да си спомне за беззаконото погубување на невините младенци, за искажаните хулења против Неговото име и да се разгневи против лошите.
5. И, кога застана на чело на својата војска, Макавеј беше непобедлив за безбожниците, откако Божјиот гнев се сврти на милост.
6. Напаѓаше ненадејно градови и села и ги гореше, заземаше погодни положаи, победи многу непријатели и ги присили во бегство.
7. Таквите напади најчесто ги правеше ноќе и насекаде се прикажуваше за неговата храброст.
8. Филип, гледајќи дека тој човек постојано напредува, добива сè поголема сила и дека често има успех во своите потфати, му пиша на Птоломеја, воениот началник на Келе-Сирија и Финикија за да му помогне во царските работи.
9. Тој го одбра Никанора, Патрокловиот син, еден од неговите први пријатели, и, откако му потчини не помалку од двесте илјади војници од разни народности, за да го уништи сиот јудејски род; кон него го придружи и војсководецот Горгиј, искусен во воените рабори.
10. Никанор имаше намера од продажбата на јудејските пленици да го исплати данокот од две илјади таланти, што им го должеше на Римјаните.
11. Затоа веднаш им испрати понуда на сите приморски градови за продажба на јудејски робови, ветувајќи им по дваесет пленици за еден талент; тој не знаеше каква казна го очекува од раката на Севишниот.
12. На Јуда му јавија за доаѓањето на Никанора; тој го соопшто тоа на оние што беа со него, за војската што се приближува;
13. тогаш се разбегаа страшливците и оние што не веруваа во Божјата правда, ги напуштија своите места.
14. А други, пак, продаваа сè што имаа при себе, и Му се молеа на Господа да ги избави од нечесниот Никанор, кој ги продал уште пред битката,
15. ако не заради нив, тогаш барем заради заветот со нивните татковци и заради тоа што се именуваат со Неговото свето и славно име.
16. Тогаш Макавеј ги собра оние, што беа со него, на број шест илјади луѓе; почна да ги охрабрува да немаат страв од непријателите, од множеството незнабошци, кои неправедно ги напаѓаат и храбро да се борат,
17. имајќи ја предвид престапната навреда, нанесена од нив на светото место, уривањето на навредениот град и уништувањето на дедовските обичаи.
18. Зашто, велеше тој дека тие се надеваат на своето оружје и на својата храброст, а ние се надеваме на Сесилниот Бог, Кој со едно замавнување може да ги собори тие што доаѓаат против нас и сиот свет.
19. Тој им раскажа и за помошта што ја добиле нивните прадедовци и како под Сенахирима биле убиени сто осумдесет и пет илјади луѓе,
20. за битката во Вавилон против Глатјаните, како се бореле осум илјади луѓе со четири илјади Македонци, па кога Македонците се поколебале, само тие осум илјади убиле сто и дваесет илјади луѓе, благодарејќи на помошта од Небото, и добиле голем плен.
21. Кога со вакви зборови ги охрабри и ги подготви да бидат готови да умрат за законите и за татковината, тој ја раздели војската на четири дела,
22. поставувајќи ги своите браќа за началници на секој од овие делови; Симона, Јосифа и Јонатана и на секого од нив потчини по илјада и петстотини души.
23. потоа му нареди на Елеазара да чита до Светата книга, па, откако ги поздрави со зборовите „Со Божја помош!” застана на чело од предниот дел и влезе во бој со Никанора.
24. Бидејќи помошник во борбата им беше Сесилниот, тие убија повеќе од девет илјади непријатели, а поголемиот дел од Никаноровата војска ја ранија и осакатија; сите други се разбегаа.
25. Им ги зедоа парите и на оние што беа дошле да ги купуваат, ги гонеа на голема далечина, но се вратија, зашто немаа време;
26. тој ден беше пред сабота, затоа и не продолжија да ги гонат.
27. Откако го собраа оружјето и го собраа пленот, тие ја празнуваа радосно саботата, благодарејќи Му на Господа и прославувајќи Го затоа што ги спаси во тој ден и што почна да им ја покажува Својата милост.
28. Откако ја отпразнуваа саботата, од пленот одделија за сакати, вдовици и сираци, а остатокот го разделија помеѓу себе и своите деца.
29. Штом ја свршија сета таа работа, се собраа на заедничка молитва, молејќи Му се на милосрдниот Господ наполно да се измири со нив – Своите слуги.
30. А од оние, кои под водство на Тимотеја и Вакхида заедно ги нападнаа, тие убија дваесет илјади луѓе и лесно ги освоија нивните високи тврдини; тогаш разделија уште многу плен на еднакви делови меѓу себеси, меѓу сакатите, вдовиците, сираците и меѓу народните старешини.
31. Кога го собраа сето оружје и грижливо го подредија на пригодни места, другиот плен го однесоа во Ерусалим.
32. Го убија и водачот на Тимотеевите одреди, најбезбожниот човек, кој им причини многу маки на Јудејците.
33. Потоа, празнувајќи ја победата на својата татковина, ги изгореа Калистена и некои други, кои ја беа изгореле светата врата, и беа избегале во една куќа; така и тие претрпеа достојна казна за нарушување на светињата.
34. А оној, најпрестапниот Никанор, кој беше довел три илјади трговци да купуваат Јудејци,
35. со Божја помош, беше посрамен од оние што ги потценуваше, ја соблече својата раскошна облека, па под вид на избеган роб, отиде по осамени патишта во Антиохија, крајно огорчен од поразот на својата војска.
36. Оној што беше ветил дека ќе им го исплати данокот на Римјаните од продажба на ерусалимските робови, мораше да рзгласува дека Јудејците Го имаат Бога за закрилник, дека остануваат неранливи затоа што им се покоруваат на законите дадени од Него.
9. Крајот на Антиоха Епифан
1. Во исто време Антиох срамно се врати од персиските краишта.
2. Тој беше навлегол во градот Персепол, обидувајќи се да го ограби тамошниот храм и да го преземе градот. Затоа народот се собра, грабна оружје и Антиох, подгонет од жителите на градот, мораше срамно да се врати назад.
3. Кога се доближи до Екбатана, разбра што се случило со војската на Никанора и Тимотеја.
4. Тој пламнат од бес, намисли да се одмазди на Јудејците за навредата од оние што го натерале на бегство, затоа му заповеда на коларот од неговата бојна кола непрекинато да вози сè додека не стигнат. Но Небесниот суд веќе го следеше, зашто гордо беше рекол: „Од Ерусалим ќе направам гробишта за Јудејците штом ќе отидам таму.”
5. Но Севишниот Бог на Израилците го порази со неизлечива и невидлива рана: веднаш штом ги изрече тие зборови, го фатија неиздржливи болки во утробата и страшни внатрешни маки,
6. наполно заслужено, зашто и тој им ги измачуваше утробите на другите со многу необични болки.
7. Но и тогаш од својата гордост не отстапуваше, туку исполнет уште повеќе со неа и дишејќи со огнена ожесточеност против Јудејците, заповеда да вози уште побрзо, кога одеднаш падна од колата и ги повреди сите делови од своето тело.
8. Оној, што мислеше во својата човечка надуеност дека може да им заповеда на морските бранови и да ги измери планинските врвови, лежеше целиот искршен на земјата, од каде потоа го дигнаа на носилка, покажувајќи им ја на сите Божјата сила јавно;
9. зашто од телото на овој безбожник, уште додека беше жив, отпаѓаа парчиња месо, така што смрдеата од отпаѓањето и гниењето со мачнотија ја поднесуваше целата војска.
10. Само пред малку мислеше да ги дофати небеските ѕвезди, а сега веќе никој, поради ужасната смрдеа, не можеше да го истрпи.
11. А сега, целиот скршен од болки, почна да попушта во својата гордост и под ударот на Божјиот бич почна да му доаѓа умот, зашто маките негови стануваат сè понеиздржливи секој миг.
12. Не можејќи ни самиот да ја издржи смрдеата на своето сопствено тело, тој призна, велејќи: „Право е човек да Му се покорува на Бога и, бидејќи е смртен, да не се изедначува со Бога!”
13. Овој безбожник Му се молеше на Бога, Кој не можеше веќе да го сака,
14. и велеше: „Светиот град што брзав да го срамнам со земја и да го птретворам во гробишта, го објавувам за слободен;
15. Јудејците, кои имав намера да не ги удостојам ни со погреб, туку заедно со нивните деца да ги фрлам на грабливите птици и на ѕверовите, сите ќе ги изедначам со Атињаните;
16. светиот храм, кој некогаш го ограбив, ќе го украсам со најскапоцени дарови, ќе ги вратам сите свети садови, и тоа многу повеќе отколку што сум зел, а нужните расходи за жртвите ќе ги плаќам од моите лични приходи;
17. и, освен тоа, и јас самиот ќе станам Јудеец, ќе го посетам секое населено место и ќе ја објавам Божјата сила.”
18. Но, откако болките никако не престануваа, зашто врз него беше дошол часот на Божјиот праведен суд, во таква очајна положба им напиша на Јудејците писмо со ваква содржина:
19. „Царот и воениот заповедник Антиох – на своите добри сограѓани, Јудејците, им испраќам поздрави и добропожелби!
20. Ако сте зрдави вие и вашите деца, а работите ви одат како што треба, јас Му оддавам најголема благодарност на Бога, имајќи потолна надеж на небото.
21. Но јас лежам болен и со љубов си псомнувам за вашата почит и добра расположба спрема мене. На враќање од Персија, тешко се разболев, па најдов за потребно да се погрижам за општата сигурност на сите.
22. Не очајувам, иако ми е состојбата многу тешка, цврсто се надевам дека сепак ќе оздравам.
23. Но, бидејќи знам дека татко ми, кога војуваше со горните краишта, си беше определил наследник,
24. та, ако се случи нешто ненадејно, или некаква незгода, жителите на нашата земја да знаат на кого му е оставено управувањето и да не се вознемируваат;
25. освен тоа, забележувајќи дека владетелите на околните држави, гледаат и чекаат да видат каков ќе биде крајот, јас го одредив за цар мојот син Антиох, кого за време на моите походи по горните земји често сум го препорачувал, а сум го претставувал и на повеќемина од вас, а и нему му напишав вакво писмо.
26. Па така, ве молам да си спомните за добрините што сум ви ги направил подеднакво на сите вас, така што вашата благодарност спрема мене да ја пројавите и спрема мојот син.
27. Јас сум уверен оти тој, следејќи ги моите желби, дека ќе постапува со вас добро и човечки.”
28. Така тој богохулник и човекоубиец, откако претрпе најтешки маки, какви знаел да им причинува на другите, својот живот го заврши во туѓа земја, и со најтешка смрт.
29. Неговото тело го пренесе Филип, неговиот пријател од детство, кој од страв пред Антиоховиот син, отиде во Египет, кај Птоломеја Филопатор.
10. Чистење на храмот.
1. Макавеј и оние, што беа со него, под водство на Господа, пак го зазедоа храмот и градот,
2. и ги урнаа жртвениците и идолските храмови, изградени од туѓинците.
3. Откако го очистија храмот, подигнаа друг жртвеник; а потоа, откако добија искри преку удирање камен со камен и до нив распалија оган, принесоа жртви, по тригодишен прекин, направија кадилница, свешници и ставија лебови на трпезата за предложение.
4. Откако го направија сето тоа, тие Му се помолија на Господа, паѓајќи ничкум, да не се најдат никогаш во такви неволи, ако некогаш и да згрешат; Господ да ги казни милостивно и да не ги предава на богохулни и безбожни мачители.
5. Очистувањето на храмот стана во истиот ден кога беше и осквернувањето негово од незнабошците – во петтиот ден од месецот Хаслев.
6. Празнуваа весело осум дена, како што е прилично за празникот Сеници, спомнувајќи како пред извесно време го поминувале овој свет празник, како ѕверови по гори и во пештери.
7. Затоа, носејќи стапови, обвиени со бршлен, зелени гранчиња и палми, Му благодарија и Го прославуваа Оној, Кој им помогна да го очистат местото Негово.
8. И тогаш заедно одлучија и со заповед наредија – сиот јудејски народ да го празнува овој празник три дена секоја година.
9. Таков му беше крајот на Антиоха, именуван Епифан.
10. А сега ќе ги изложиме настаните во времето на Антиоха Евпатор, синот на оној безбожник, ограничувајќи се само на воените неволји.
11. Кога го презеде царството, тој му го предаде управувањето со државата на некој си Лисиј, главен воен управник на Келе-Сирија и Финикија.
12. Птоломеј, нарекуван Макрон, најде за умесно со Јудејците да постапува справедливо; откако над нив беа направени големи неправди, тој гледаше со нив сите работи да ги свршува мирно.
13. Затоа беше неклеветен од љубимците на Евпатора, па слушајќи дека го нарекуваат предавник, затоа што го напуштил Кипар, кој му бил доверен од Филопатор, и преминал при Антиоха Епифан, па, откако немаше веќе чест и власт, се отру од очајание и така го заврши својот живот.
14. А Горгиј, штом стана воен управител на оние места, држеше наемни војски и постојано
војуваше со Јудејците.
15. Заедно со него и Идумејците, кои имаа тврдини на добри положаи, ги обеспокојуваа Јудејците, и прифаќајќи ги ерусалимските бегалци, настојуваа да одржуваат постојана војна состојба.
16. Макавеј и оние, што беа со него, молејќи Му се на Бога да им биде помошник во војната, ги нападнаа идумејските тврдини.
17. И, откако ги нападнаа силно, ги зазедоа тие места, им се одмаздија на сите, кои се бореа на ѕидините, уништувајќи ги сите што ги среќаваа, а убија не помалку од дваесет илјади луѓе.
18. Не помалку од девет илјади луѓе побегнаа во две добро утврдени кули, снабдени со сè што е потребно против опсадата.
19. Оставајќи ги Симона и Јосифа, а и Закхеја со доста луѓе, за да ја продолжат опсадата, Макавеј самиот отиде на такви места, каде што беше повеќе потребен.
20. А оние, што беа со Симона, бидејќи среброљубци, дозволија да бидат поткупени од оние што беа опсадени во кулите, па, откако добија седумдесет илјади драхми, им овозможија на некои од нив да избегаат.
21. Кога го известија Макавеја за она што станало, тој ги собра народните старешини и пред нив ги прекори, велејќи им дека за пари ги продале своите браќа со тоа што ги пуштиле непријателите против нив.
22. Оние луѓе, кои беа на тој начин станале предавници, тој ги предаде на смрт и веднаш потоа ги зазеде двете кули.
23. Имајќи успех во оружјето, кое беше во неговите раце, во тие две тврдини изби повеќе од дваесет илјади души.
24. А Тимотеј, кој пред тоа беше победен од Јудејците, собра многубројна војска од туѓинци и голем број коњаници од Азија и дојде до Јудеја со цел да ја завладее.
25. Кога се приближи, тогаш оние што беа со Макавеја, се обрнаа со молитви кон Господа, главите си ги посипаа со пепел и се препашаа со кострет околу половината.
26. Паѓајќи ничкум пред подножјето на жртвеникот, тие Му се молеа на Бога да биде милостив спрема нив, да им биде непријател на нивните непријатели и противник на на нивните противници, како што се вели во законот.
27. Откако завршија со молитвата, го зедоа оружјето и отидоа далеку од градот, а кога се приближија до непријателите, тие застанаа.
28. Штом почна сонцето да излегува и едните и другите влегоа во бој: едните се надеваа дека Ќе победат затоа што беа храбри и затоа што се надеваа на Господа, а другите – го поставија гневот за предводник во битката.
29. Кога започна битката, на противниците им се покажаа од небото петмина прекрасни мажи на коњи со златни узди, а двајцата од нив ги предводеа Јудејците;
30. тие го зедоа Макавеја помеѓу себе, за да го запазат неповреден со своето оружје, а на противниците фрлаа стрели и молњи, така што тие беа заслепени и збркани од страв, па почнаа да се убиваат едни со други.
31. Беа убиени дваесет илјади и петстотини пешаци и шестотини коњаници.
32. Самиот Тимотеј избега во тврдината, наречена Газара, која беше многу укрепена, а со неа управуваше Хереј.
33. Макавеј и оние, што беа со него, весело ја опсадуваа тврдината четири дена.
34. Оние, пак, што беа во тврдината, уверени дека таа е недостапна, им возвраќаа со лоши и срамни зборови.
35. Петтиот ден, кога се зазоруваше, дваесет младичи од војската на Макавеја, пламнати од гнев поради срамните зборови, храбро се искачија на ѕидините и со страшна лутина ги убија сите што ги видоа.
36. Набргу потоа и други навлегоа во тврдината, опфатени од истиот гнев, ги палеа кулите, па, откако запалија клади, живи ги гореа хулителите; други ја искршија портата, така навлезе сета војска и ја освоија тврдината.
37. А Тимотеја, кој се беше сокрил во една јама, го убија, како и неговиот брат Хереј и Аполофана.
38. Откако го извршија тоа, почнаа со песна и славословија да Му благодарат на Господа, Кој Му направи на Израилот толку голема добрина и им подари победа.
11. Првата војна на Лисија.
1. Сосема набргу Лисиј, царскиот роднина и намесник, поднесувајќи ги многу тешко и со голема огорченост последните настани,
2. собра седумдесет илјади пешаци и коњаници и појде против Јудејците со намера Ерусалим да го направи елинска населба,
3. и храмот слично на незнабожечките храмови, да го подложи на данок, а првосвештенството да се продава секоја година.
4. Никако не помислуваше на Божјата сила, бидејќи се надеваше на множесвото пешаци и коњаници и на своите осумдесет слонови.
5. Кога навлезе во Јудеја и наближи до утврденото место Ветсур, кое се наоѓа на пет стадии од Ерусалим, тој го опсади.
6. Штом Макавеј и оние, кои беа со него, разбраа за опсадата на тврдината, почнаа да плачат и со солзи да Му се молат на Господа – да им испрати добар ангел за да ги спаси.
7. А самиот Макавеј прв го зграби оружјето и ги поттикна другите заедно со него, изложувајќи се на опасност, за да им помогнат на браќата, и тие веднаш драговолно со него заедно појдоа во поход.
8. Додека се наоѓаа уште близу до Ерусалим, веднаш им се покажа коњаник предводник, во бела облека, кој мафташе со своето златно ружје.
9. Тогаш сите заедно Му заблагодарија на милосрдниот Бог и толку се охрабрија, готови да уништат не само луѓе, туку и диви ѕверови, па дури и железни врати да искршат.
10. Одеа напред под закрила на небесниот соборец, кои им дојде од небото по милоста на Господа.
11. Јурнаа на непријателот како лавови, убија единаесет илјади пешаци и илјада и шестотини коњаници, а сите други ги натераа во бегство.
12. Поголемиот дел од нив беа ранети, а се спасија голи и без оружје, а и самиот Лисиј се спаси со срамно бегство.
13. Но, бидејќи сепак разумен, размислуваше за поразот што го претрпе, па сфати дека Јудејците се непобедиви, дека Сесилниот Бог е нивни соборец; затоа прати до нив да ги увери,
14. дека е согласен со сите законски и правични услови за мир и дека ќе го убеди и царот да им биде пријател.
15. Макавеј, имајќи ја предвид само користа, се согласи со сè што му предложи Лисиј, а и самиот цар одобри си што му предложи Макавеј на Лисија во писмо по однос на Јудејците.
16. А писмото, што им го испрати Лисиј на Јудејците гласеше вака: „Лисиј го поздравува јудејскиот народ!
17. Вашите пратеници Јоан и Авесалом ни го предадоа потпишаниот одговор, застапувајќи се за тоа што беше напишано во него.
18. Јас го известив за тоа царот, со што требаше да го запознаам, а тој го одобри сето она што беше прифатливо.
19. Затоа, ако и понатаму имате добро расположение спрема државната управа, јас ќе ви помагам за добро.
20. А што се однесува за подробностите, јас им порачав и на нашите и на вашите пратеници да водат преговори со нас.
21. Останете со здравје! Сто четириесет и осма година дваесет и четврти ден од месецот Диоскор.”
22. А писмото од царот имаше ваква содржина: „Поздрав од царот Антиох до братот Лисиј.
23. Од времето, кога татко ми отиде при боговите, желба е – поданиците на нашето царство да не бидат вознемирувани, ако ги вршат своите работи.
24. Кога чувме дека Јудејците не се согласуваат со елинските обичаи на мојот татко; туку го сакаат својот сопствен начин на живеење и бараат да се раководат според своите посебни закони,
25. затоа, сакајќи тој народ да не биде вознемируван, заповедам нивниот храм да им биде вратен, така што да можат да живеат според обичаите на своите предци.
26. Затоа добро ќе направиш, ако испратиш кај нив пратеници, кои ќе склучат со нив договор, па така да ги знаат нашите намери, да бидат спокојни и да се занимаваат со своите работи.”
27. А царското писмо до јудејскиот народ имаше ваква содржина: „Царот Антиох до јудејските старешини и до сите Јудејци – поздрав.
28. Се надеваме дека сте здрави, како што ви посакуваме, а ние сме здрави.
29. Менелај ни соопшти дека сакате да се среќавате со ваши луѓе што живеат кај нас.
30. Затоа на оние, што ќе дојдат до триесеттиот ден од месецот Ксантик, им ја подавам мојата десна рака за да им ја потврдам нивната безопасност;
31. Јуејците можат да се хранат со својата посебна храна и да се управуваат по своите закони, како и порани, никој веќе нема да ги вознемирува за грешките од минатото.
32. Јас го пратив кај вас Менелаја, за да ве успокои.
33. Бидете здрави! Во сто четириесет и осмата година на петанесеттиот ден од месецот Ксантик.”
34. На Јудејците им испратија писмо и Римјаните со следнава содржина: „Квинт Мемиј и Тит Манлиј, римски старешини, поздрав до јудејскиот народ.
35. Она што ви го дозволил Лисиј, царевиот роднина, тоа ви го потврдуваме и ние.
36. А за она, што тој сметал да му предложи на царот, размислете и вие добро, па испратете некого што побрзо за да можеме да направиме вам што ви е потребно, бидејќи ние веќе тргнуваме за Антиохија.
37. Затоа побрзајте и испратете некого, за да знаеме и ние што мислите.
38. Да сте живи и здрави! Во сто и четириесет и шестата година, на петнаесеттиот ден од месецот Ксантик.”
12. Одмазда на Јуда против Јопија и Јамнија
1. Откако се завршија тие договори, Лисиј се врати при царот, а Јудејците се зафатија со земјоделие,
2. но месните воени началници, Тимотеј и Аполониј, синот на Генеј, Јероним и Димофон, а уште и Никанор, управителот на Кипар, не им даваа да живеат во мир и во безопасност.
3. Јопијците, пак, извршија големо недело. Тие ги поканија своите сограѓани Јудејци, заедно со нивните жени и деца, да влезат во подготвени кораби, божем никакво зло не им приготвуваат.
4. А кога се согласија, зашто сакаа да го запазат мирот и немаа никакво сомневање тогаш врз основа на јавна градска согласност Јопијците, откако отпловија, ги издавија, а ги имало не помалку од двесте души.
5. Кога Јуда разбра за оваа свирепост, извршена врз неговите еднокрвни браќа, за ова ги извести оние што беа со него,
6. па, откако Го повикаа праведниот Судија, Бога, се упати против убијците на своите браќа; во текот на ноќта го запали пристаништето, ги запали и корабите, а оние што избегаа од нив ги уби.
7. Бидејќи тоа место беше затворено, Јуда си отиде со намера пак да се врати и да ги истреби сите јопијски жители.
8. Откако разбра, дека жителите на Јопија сакаат на ист начин да постапат со Јудејците, што живеат таму,
9. ги нападна во текот на ноќта и им ги запали пристаништето и корабите, така што светлината од огнот се гледаше дури до Ерусалим, кој е оддалечен двесте и четириесет стадии.
10. А кога се оддалечија оттаму девет стадии, одејќи против Тимотеја, беа нападнати од Арабјани – не помалку од пет илјади пешаци и петстотини коњаници.
11. Битката беше жестока и кога оние, што беа со Јуда, со Божја помош, извојуваа победа, победените номади, Арабјаните, го молеа Јуда за мир, ветувајќи им дека ќе им даваат добиток и сè друго со што можат да им бидат корисни.
12. Јуда, гледајќи дека тие навистина можат да им бидат корисни во многу работи, се согласи да склучи мир со нив, а тие потоа си отидоа во своите шатори.
13. Тогаш тој нападна уште еден град со утврден мост, ограден со ѕидини и населен со разни народи; градот се нарекуваше Каспин.
14. Жителите на овој град, надевајќи се на градската тврдина и на својата насобрана храна, постапија многу дрско и ги навредуваа со срамни и неприлични зборови.
15. Но оние што беа со Јуда, откако Му се обратија за помош на Великиот Господар на светот, Кој го урна Јерихон без бојни машини и оружја, во времето на Исуса Навина, диво ги нападнаа ѕидините.
16. Со Божја помош, го зазедоа овој град и извршија безбројни убиства, така што блиското езеро, широко две стадии, се чинеше дека е полно со крв.
17. Откако отидоа оттаму, на оддалеченост од седумстотини и педесет стадии, дојдоа во Харан, кај Јудејците, наречени Тувиини,
18. но таму не го заварија Тимотеја, кој, не правејќи некое зло, се оддалечил од таа земја, но сепак на едно место оставил силна стража.
19. Затоа Доситеј и Сосипатар, двајца од предводниците на Макавеите, отидоа и ги поразија оние што ги беше оставил Тимотеј во тврдината – повеќе од девет илјади души.
20. Тогаш Макавеј, откако ја раздели својата војска на делови и им постави заповедници, го нападна Тимотеја, кој имаше со себеси сто дваесет илјади пешаци и илјада и петсотини коњаници.
21. Кога разбра Тимотеј дека Јуда се приближува, ги испрати жените, децата и комората во тврдината Карнион, која не беше погодна за опседнување поради недотсапноста на месноста.
22. Штом се појави првиот одред на Јуда, непријателот го опфати страв и трепет од Оној, Кој гледа си, па почнаа да бегаат на сите страни, така што се напаѓале и убивале меѓусебно, прободувајќи се еден со друг со своите остри мечеви.
23. Јуда упорно продолжи да ги гони и да ги убива злосторниците; погуби триесет илјади души.
24. А Тимотеј им падна во рацете на Доситеја и Сосипатра; тој почна да ги моли многу итро за да го остават жив затоа што кај него имало многу нивни родители и браќа и дека може да ги снајде зло.
25. Откако најпосле ги увери оти сите тие луѓе ќе им ги врати живи, тие го пуштија, за да ги избават своите браќа.
26. Потоа Јуда отиде против Карнион и Атаргатион и погуби дваесет и пет илјади души.
27. По победата и уништувањето над нив, тој тргна против утврдениот град Ефрон, каде што беше Лисиј со своите одреди, составени од многу народности; силни млади луѓе стоеја пред ѕидините и упорно напаѓаа, а таму имаше многу оружје и стрели.
28. Тие, откако го повикаа на помош Сесилниот, Кој со Својата моќ ја крши силата на непријателите, го презедоа градот и убија околу дваесет и пет илјади од неговите жители.
29. Штом се кренаа оттаму, се упатија кон градот ка Скитите, кој е оддалечен шеесет стадии од Ерусалим.
30. Но, бидејќи Јудејците, жители на тој град, посведочија дека тие луѓе имаат спрема нив добар однос и дека им помагале во тешките времиња,
31. тие, откако им заблагодарија, ги замолија и понатаму да бидат благонаклони кон нивниот народ, па појдоа кон Ерусалим, зашто се приближуваше празникот Сеници.
32. По празникот, наречен Педесетница, тие отидоа против Горгија, војководачот на Идумеја.
33. Јуда излезе со три илјади пешаци и четиристотини коњаници.
34. Кога влегоа во битка, убиени беа и некои од Јудејците.
35. А Доситеј, кој беше под управа на Вакинор, коњаник, јунак, го фати Горгија и, држејќи го за наметката, го повлече силно за да го зароби жив тој проклетник, но еден од тракиските коњаници, налета на него и му ја отсече раката во рамото, а Горгиј избега во Мариса.
36. А кога, по долгата битка, оние што беа со Ездра се истоштија, Јуда го повика Господа на помош, Он да им биде помошник и водач во битката.
37. Тогаш почна да пее пофални песни на јазикот на своите татковци колку го служеше гласот, па одеднаш се нафрли на оние што беа со Горгија и ги натера во бегство.
38. Потоа Јуда ја зеде својата војска и појде кон градот Одолам, но, бидејќи наближуваше седмиот ден, се очистија, според обичајот, и ја отпразнуваа саботата.
39. Идниот ден дојдоа луѓе на Јуда, зашто беше веќе последен час, да ги соберат телата на убиените и да ги закопаат заедно со нивните роднини во гробиштата на нивните татковци.
40. Тогаш под облеката на секој умрен најдоа предмети, посветени на јамниските, идоли што им ги забрануваше на Јудејците Законот. И така на сите им стана јасно дека тоа беше причината за нивната смрт.
41. Затоа сите Го прославија Праведниот судија, Кој го открива она што е сокриено,
42. па почнаа да се молат направениот грев да биде наполно опростен; а благородниот Јуда ги опомена војниците да се пазат од секаков грев, гледајќи сами со своите очи што се случило по вина на убиените.
43. Тогаш собра околу две илјади сребрени драхми, според бројот на убиените свои вијници, ги испрати во Ерусалим, за да принесе жртва за грев; со тоа направи убаво и благородно дело, зашто мислеше за воскресението на мртвите.
44. Оти, ако не веруваше дека убиените војници ќе воскреснат, ќе беше неразумна и залудна молитвата за умрените.
45. Но тој мислеше дека на оние што умреле во побожност им е приготвена голема награда. Каква света и побожна мисла! Затоа за покојниците принесе жртва за милост – да бидат ослободени од својот грев.
13. Молитвите на Јудејците
1. Во сто четириесет и деветтата година слушнаа оние што беа со Јуда дека Антиох Евпатор доаѓа против Јудеја со голема војска,
2. а со него и Лисиј, настојник и државен управител и дека И едниот и другиот имаат елинска војска од сто и десет илјади пешаци, пет илјади и триста коњаници, дваесет и два слона и триста бојни коли со коси.
3. Кон нив бил придружен и Менелај, поттикнувајќи го многу итро Антиоха, не затоа што сакал да ја спаси татковината, туку се надевал да го добие наследството.
4. Но Царот над царевите го поттикна гневот на Антиоха против престапникот, и кога Лисиј објасни дека Менелај е виновен за сите зла, тој заповеда да го доведат во Берија и да го погубат според тамошните обичаи.
5. Во тоа место имаше една кула, висока педесет лакти, полна со пепел, а во неа направа, која се врти наоколу и потоа се спушта во пепелта.
6. Овде го фрлаат оној што е фатен во кражба на свети предмети или оној што ја пречекорил мерката во други зла, и тука ја наоѓал својата смрт.
7. Со ваква смрт му се падна на Менелаја да умре и да не биде погребан.
8. Зашто, откако беше направил многу гревови против олтарот на Господа, чии оган и пепел се свети, во пепелот ја најде својата смрт.
9. Меѓутоа, царот ожесточен во своите замисли, го продолжуваше својот поход со намера на Јудејците да им причини поголемо зло од она што им го беше причинил неговиот татко.
10. Кога Јуда слушна за ова, тој му нареди на народот да се моли дење и ноќе, да го повикува името на Господа та и сега, како и пред тоа, да им ја даде Својата помош и во оваа опасност, за да не бидат лишени од својот закон, од татковината и од Светиот храм,
11. да не го остави својот народ, кој малку се поуспокоил, одново да биде поробен од богохулните назнабошци.
12. Сите еднодушно го направија тоа и три дена, едноподруго, со плач, пост и поклони непрестано Му се молеа на милосрдниот Господ; тогаш Јуда, откако ги охрабри, им порача да бидат приготвени.
13. Штом останаа насамо со народните старешини, одржаа со нив совет и еднодушно решија, пред царската војска да навлезе во Јудеја и да го преземат градот, да излезат пред непријателите и со Божја помош, веднаш да ја свршат таа работа.
14. Откако препушти Создателот на светот да се грижи за Своето дело, Јуда ги охрабри оние што беа со него – храбро да се борат за одбрана на законите, на храмот, на градот, татковината и граѓанските права, ја распореди својата војска околу Модин.
15. Па штом им се обрати на своите луѓе со борбениот поздрав „Божја е победата!”, се спушти ноќе со одбор силни младичи кон царскиот шатор, уби четири илјади војници; неговите луѓе го прободоа со меч и најголемиот слон заедно со војниците што беа во куќичката врз него.
16. Најпосле, откако со сета војска внесоа страв и смут, победоносно се повлекоа.
17. Тоа стана на разденување, под Божја закрила.
18. А царот, откако лично ја увиде јудејската храброст, се обиде со итрина да ги напаѓа нивните положаи.
19. Се приближи до Ветсура, силна јудејска тврдина, но претрпе пораз и беше победен:
20. а Јуда ги снабдуваше оние во тврдината со сè што им беше потребно.
21. Некој си Родок од јудејската војска им ја открил таа тајна на непријателите, но тој бил пронајден, фатен и затворен.
22. Вторпат влезе царот во преговори со жителите на Ветсура, им ја подаде својата десница, склучи со нив мир, а потоа се повлече и сврти против оние што беа со Јуда, но беше победен.
23. Откако слушна дека Филип, кој беше оставен да управува во Антиохија, се одметнал, тој се вознемири и пак почна да преговара со Јудејците, ги прифати нивните услови и со клетва се обврза дека ќе ги исполни сите нивни справедливи барања; потоа принесе жртва, му даде дарови на храмот и покажа милост спрема градот;
24. го прими Макавеја и го постави за намесник од Птолемаида до земјата на Геренците.
25. Потоа отиде во Птолемаида, но жителите на овој град беа незадоволни од договорот, негодуваа против таквите услови и бараа да биде поништен.
26. Тогаш Лисиј, откако се искачи на судиското место, го бранеше договорот што можеше подобро, па, откако ги увери жителите во неговата исправност, ги смири и потоа се врати во Антиохија. Така заврши војниот поход на царот и неговиот пораз.
14. Првосвештеникот Алким одново
разгорува непријателство
1. По три години, до Јуда и оние што беа со него, стигна вест дека Димитриј, синот на Селевк, допловил до пристаништето Триполис со голема сувоземна и поморска војска;
2. тој, откако ја завладеал земјата, ги убил Антиоха и неговиот настојник Лисија.
3. А некојси Алким, кој порано бил првосвешеник, а потоа, во текот на немирните времиња, доброволно се осквернил, гледајќи дека за него нема никакво спасение и дека зесекогаш му е оневозможено приближувањето до светиот жртвеник,
4. во сто педесет и првата година отиде кај царот Димитриј и му однесе златна круна и маслинова гранка, кои се сметаа како сопственост на храмот; инаку тој ден Алким не презема ништо друго.
5. Но при една погодна прилика за неговата безумна замисла, кога потоа го повика Димитриј во собранието на советот и го запраша за расположението и намерите на Јудејците, тој одговори:
6. „Јудејците, нарекувани Асидеи, чиј водач е Јуда Макавејски, постојано војуваат и креваат востанија, не давајќи му мир на царството.
7. Затоа и јас, кој сум лишен од честа на моите дедовци, односно од свештеничкото достоинство, сега дојдов при тебе;
8. ги имам на ум, пред сè, царските права, ги имам предвид и моите сограѓани, зашто поради неразумноста на тие луѓе – сиот народ многу страда.
9. А ти, цару, откако го слушна сето ова, според твојата љубов што ја имаш спрема сите луѓе, погрижи се и за нашата земја и за нашиот измачен народ;
10. сè додека е жив Јуда, во државата не може да има мир.”
11. Кога ги изрече овие зборови, другите царски свештеници, кои беа непријателски расположени спрема Јуда, почнаа уште повеќе да го разгневуваат царот против него.
12. Тој веднаш го повика Никанора, под чија рака беа слоновите и, откако го постави за управител на Јудеја,
13. го испрати со заповед да го убие Јуда, и неговите луѓе да ги разгони, а Алкима да го постави за првосвештеник на великиот храм.
14. Тогаш сите незнабошци, кои беа избегале од Јудеја поради Јуда, во голем број му се придружија на Никанора, надевајќи се дека страдањата и незгодите на Јудејците ќе се свртат во нивна полза.
15. А Јудејците, кога чуја за походот на Никанора и за тоа дека кон него се придружиле и незнабошците, ги посипаа своите глави со пепел и почнаа да Му се молат на Оној, Кој го одбрал Својот народ засекогаш и постојано го бранел.
16. По заповед на својот водач, тие тргнаа веднаш и се судрија со нив кај селото Десау.
17. Симон, братот на Јуда, влезе во бој со Никанора, но набргу потоа, поради ненадејниот напад од непријателите, претрпе пораз.
18. Но Никанор, откако слушна за храброста на оние, што беа со Јуда во битките за татковината, се уплаши исходот на војната да го реши со пролевање крв.
19. Затоа ги испрати Посидониј, Теодот и Мататија да склучат мир со Јудејците.
20. По сестрано разгледување на тие предлози, Јуда им ги соопшти на народот, па тогаш сите пројавија еднодушна желба да се согласат на преговорите.
21. Штом го определија денот кога требаше да се сретнат и кога дојде тој ден, поставија седиште за секого.
22. Јуда постави вооружени луѓе на погодни места, за веднаш да се спречи секакво злодело од страна на непријателите. Разговорите се завршија мирно.
23. Никанор остана извесно време во Ерусалим, и не направи никакво зло, а ги отпушти и луѓето што се беа собрале околу него.
24. Јуда, пак, го имаше постојано покрај себеси, зашто чувствуваше душевна наклоност спрема него;
25. тој го убеди да се ожени и да има деца. Јуда потоа се ожени, живееше во благосостојба и му се радуваше на животот.
26. А Алким, кога ги виде нивните заемни односи и направениот сојуз, се уплаши, па појде кај Димитрија и му рече, дека Никанор има непријателски намери спрема царството, бидејќи го постави Јуда, непријателот на царството, за свој наследник.
27. Царот, разгневен од клеветите на тој лош човек, му напиша на Никанора писмо дека е многу незадоволен од таквиот договор и му заповеда веднаш да му го испрати Макавеја во окови во Антиохија.
28. Кога го прими писмото, Никанор се ожалости многу што треба да го раскине склучениот сојуз со човекот, кој не се огрешил во ништо.
29. Но бидејќи не можеше да не ја исполни царската наредба, побара погодна прилика тоа да го направи со лукавство.
30. Кога забележа дека Никанор се однесува студено со него, дека станува за време на средбите сè погруб, Макавеј заклучи оти таа грубост не доаѓа од нешто добро, па собра околу себе не мал број свои приврзаници и почна да го одбегнува Никанора.
31. А Никанор кога дозна дека овој маж итро го надмудрил, отиде во големиот и светиот храм, токму тогаш кога свештениците принесуваа редовни жртви и им нареди да му го предадат Јуда.
32. Па, кога тие се заколнаа и му рекоа, дека не знаат каде е човекот што го бара,
33. тој ја пружи десната рака кон храмот, се заколна и рече: „Ако не ми го предадете Јуда врзан во вериги, овој Божји храм ќе го срамнам со земјата, ќе го разурнам жртвеникот и на ова место ќе му изградам храм на Диониса.”
34. И штом го рече тоа, си отиде. А свештеницте, кревајќи ги своите раце кон небото, кон Оној, Кој отсекогаш го заштитувал нашиот народ, велеа:
35. „Господи, Ти Кој немаш потреба од ништо, си благоизволил овој храм да биде Твој дом меѓу нас.
36. И сега, Господи, Ти си светоста на секоја светиња, запази го засекогаш чист и неосквернет овој неодамна очистен дом и затвори ја неправедната уста.”
37. Тогаш на Никанора му го предложија некојси Разис, еден од ерусалимските старешини, човек што ги сакаше своите сограѓани и беше на многу добар глас, па поради неговата добрина го нарекуваа татко на Јудејците.
38. И во претходните немирни времиња тој се беше истакнал во јудејското движење и до сè срце и со сета своја душа постојано се жртвуваше за својот народ.
39. Никанор, сакајќи да покаже колкава е неговата омраза спрема Јудејците, испрати повеќе од петстотини војници да го фатат,
40. зашто си мислеше дека, ако го фати, ќе им зададе тежок удар и ќе им направи непријатности.
41. И кога народот јуреше кон кулата и речиси ја беше освоил, кршејќи ја портата, кога беше заповедано да донесат оган за да ја изгорат, тој, наоѓајќи се во неизбежна опасност, со меч се прободе,
42. сакајќи повеќе храбро да умре, отколку да падне во рацете на безбожниците, да поднесува навреди недостојни за неговата благородност.
43. Но, бидејќи ударот поради брзината беше неуспешен, а народот навлегуваше низ портата, смело се искачи на ѕидот и храбро се фрли врз народот.
44. А кога сите што стоеја брзо се потргнаа, па остана празен простор, тој падна среде нив на земјата.
45. Уште жив и пламнат од негодување, не гледајќи ја сопствената крв, која течеше од него, ниту тешките рани, тој се исправи, потрча кон народот, па застана на една стрмна карпа.
46. И кога крвта речиси му беше веќе истекла, си ја извлече утробата со обете раце и ја фрли врз народот. молејќи Му се на Господарот на живото и на духот, пак да му даде живот и дишење. Така го заврши тој својот земен живот.
15. Хулењето на Никанора.
1. Кога Никанор разбра дека Јуда и неговите луѓе се наоѓаат во Самарија, одлучи, без да се изложува на некаква опасност, да ги нападне во саботен ден.
2. И кога Јудејците, кои присилно го придружуваа, му велеа: „Не уништувај ги така жестоко и нечовечно; дај му чест на денот, кој е посветен од Оној, кој бдее над сите нас,”
3. тогаш тој безбожник ги праша: „Зар има Господ на небото, Кој заповедал да се празнува саботниот ден?”
4. И тие му одговорија: „Има жив Господ, Господар Небесни, Кој заповедал да се празнува саботниот ден,”
5. Тој пак рече: „А јас сум господар на земјата, кој заповеда да се земе оружје и да се извршуваат царските работи.” Сепак не успеа да ја оствари својата злонамерна одлука.
6. Исполнет со голема гордост, Никанор се надеваше дека ќе извојува целосна победа над оние што беа со Јуда.
7. А Макавеј не престануваше да се надева со увереност оти ќе добие помош од Господа.
8. Тој ги храбреше оние, кои беа со него, и им велеше да не се плашат од нападот на незнабошците, да си спомнат за помошта што порано им била давана од Небото, па и сега да ја чекаат својата помош и победа од Седржителот.
9. Утешувајќи ги со ветувањата на Законот и на пророците, припомнувајќи им ги нивните сопствени подвизи во изминатите битки, тој ги заврсти во храброста.
10. Кога на таков начин го подигнуваше нивниот дух, тој им укажа и на вероломноста на незнабошците и нарушувањето на нивните ветувања и клетви.
11. Тој го вооружи секого од нив не толку со остри мечеви и копја, колку со убедливи добри зборови; и ги зарадува сите, откако им раскажа и еден веродостоен сон.
12. Еве го неговиот сон: го видел некогашниот првосвештеник Ониј човек чесен и добар, скромен во однесувањето, со блага нарав, кроток, слаткоречив, кој уште од детство беше усвоил со ревност сè што води кон придобивање на добродетелите. – Него го видел со издигнати раце како се моли за сиот јудејски народ.
13. Потоа се појавил еден друг маж, украсен со бели коси и со болскот, окружен со чудна и необична величественост.
14. А Ониј рекол: „Овој е братољубецот Јеремија, Божјиот пророк, кој се моли многу за народот и за светиот храм.”
15. Тогаш Јеремија ја пружи својата десна рака и му даде на Јуда златен меч, и подавајќи му го рече:
16. „Земи го овој меч, тој ти е дар од Бога. Со него ќе ги скршиш непријателите.”
17. Утешени и охрабрени од овие убави зборови на Јуда, кои многумина ги вдахновија со јунаштво, а младите срца ги исполни со храброст, Јудејците решија да не се улогоруваат, туку веднаш да ги нападнат непријателите, гради в гради, и јуначки да решат сè, зашто градот, светињата и храмот се наоѓаат во опсаност.
18. Борбата за жените и децата, за браќата и роднините, им се чинеше помалку важна, отколку што беа загрижени пред сè за Божјиот храм.
19. Не помалку се вознемируваа и оние што беа останале во градот; тие беа загрижени и исплашени поради битката на отворено поле.
20. И тогаш кога сите очекуваа, кога чувствуваа дека се приближува решавачката битка, кога непријателите се соединија и кога војската беше наредена за борба, кога слоновите беа доведени на нивните соодветни места, а коњицата разместена на двете страни,
21. Макавеј, штом го виде приближувањето на многубројната војска, разновидното оружје и страшниот изглед на слоновите, крена раце кон небото и повика кон Господа, Кој гледа сè и Кој прави чуда, бидејќи знаеше оти победата не се добива со оружје и дека Он им ја дава на достојните.
22. Тој се помоли вака: „Господи, Ти му испрати ангел на Јудејскиот цар Езекија и тој изби сто осумдесет и пет илјади луѓе од војската на Сенахирим,
23. и сега, Господи на небесата, испрати ни добар ангел пред нас за страв и трепет на нашите непријатели.
24. Со силата на Твојата мишка удри ги оние што дошле со хули против светиот Твој народ.” Така ја заврши Јуда својата молитва.
25. Оние што беа со Никанора, се приближуваа со звуци од труби и со бојни извици,
26. а оние, што беа со Јуда во битките против непријателите, влегуваа со молитва во устата.
27. Борејќи се со своите раце, и молејќи Му се на Бога со своето срце, тие избија не помалку од триесет и пет илјади души и многу ѝ се израдуваа на очигледната Божја помош,
28. Кога, по бојот, се враќаа весело, слушнаа дека Никанор паднал мртов со целата своја бојна опрема.
29. Кога стивна вревата и шумот, тие го прославија Господа на јазикот од своите татковци.
30. Тогаш Јуда, кој со душа и со тело се бореше за своите сограѓани, кој ги посвети своите најубави години за своите сонародници, нареди на Никанора да му биде отсечена главата и десната рака заедно со плешката и да бидат однесени во Ерусалим.
31. Штом стигна таму, ги повика своите сонародници и свештениците пред жртвеникот. Тогаш ги повика и оние од тврдината;
32. па им ја покажа главата на хулителот Никанор и раката негова, што ја беше подигнал против домот на Седржителот, опиен од својата неразумна гордост;
33. Нареди да му се отсече и јазикот на безбожниот Никанор, да го издробат и парченце по парченце да им даваат на птиците, а десната рака на тој безумник – да биде обесена спроти храмот.
34. Тогаш сите, свртувајќи ги своите очи кон небото, Го прославува Господа, Кој им даде помош, велејќи: „Да е благословен оној, Кој го запази неосквернето Своето место!”
35. А главата на Никанора ја обеси на тврдината – на сите да им биде очигледен доказ за помошта од Господа.
36. Тогаш сите еднодушно одлучија: тој ден никогаш да не биде заборавен, туку да се празнува секоја година тринаесеттиот ден во дванаесеттиот месец, кој на арамејски јазик се именува Адар, ден пред денот на Мардохеја.
37. Бидејќи работата со Никанора беше завршена, а Јудејците оттогаш завладеаја со градот, затоа и јас со ова го завршувам моето прикажување.
38. Ако ова мое излагање сум го составил добро и убаво, тогаш и мојата желба е исполнета. Ако, пак, сум го направил слабо и недоволно, тогаш сум го направил она што сум можел.
39. Зашто, како што е штетно и невкусно да се пие само вино и потоа веднаш само вода, туку виното помешано со вода е повкусно и поздраво, така е и со добро распоредената содржина на еден состав; тогаш е пријатен за слухот на оние што го читаат, како и на оние што го слушаат. Со ова завршувам.