“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM IV
Светиот преподобен Теодор Студит
321 – 335
Се приближува последниот час:
да не бидеме мрзливи
321.
1. Се приближува последниот час: да не бидеме мрзливи.
2. Да Го најдеме Бога преку извршувањето на Неговите заповеди, зашто во денот на судот нема да имаме друга заштита, освен добрите дела и добродетелите.
3. Да си спомнуваме за смртниот час, и со тоа да ги умртвуваме нашите земни членови: телото и сѐ што е телесно и пропадливо; само добродетелта е вечна.
4. Се укажува на белезите на вистината и на божемските и привидни убавини.
1. Кога несомнено ни претстои смртта, оваа општа епитимија за сите, кога, од една страна, имаме надеж, дека ќе го добиеме царството небесно, а од друга нѐ заплашува огнениот пекол, дали е умесна за мене мрзливоста да ви говорам, а за вас – да ме слушате? – Никако. Напротив, и едното и другото сме должни секогаш да го правиме, и тоа повеќе – кога гледаме дека ни се приближува смртниот час. Зашто последниот ден непрестано му се приближува на секој човек, му се приближуваат последниот час и последната минута и „страшно очекување на суд и јаростен оган, што ќе ги проголта противниците“ (Евр. 10, 27), како што говори апостолот. Да не бидеме мрзливи и да не си дозволиме да испратиме некој од нашите денови без добри дела и неразумно преживеан. Секогаш да бидеме будни и трезвени.
2. Псалмопејачот говори: „Побарајте Го Бога за да ви оживи душата ваша“ (Псал. 68, 32). А како да Го најдеме Бога? Преку извршувањето на Неговите заповеди, според укажувањето на евенгелските блаженства: со смиреност, плач, кротост, чистота на срцето, со мир и светост (сп. Евр. 12, 14), до кои кога ќе стигне оној, кој Го бара Бога – тој Го наоѓа. Тој нема страв кога неговата душа излегува од телото, не се плаши од демоните, не се збунува од присуството на ангелите, се однесува према нив како кон свои и блиски и со радост оди при својот Господ, имајќи ја својата чиста совест за добра сопатиничка. Оној што не е вака подготвен, тој паѓа во страшни крајности: нема кон кого да ги сврти своите очи и нема од кого да побара помош. Овде, на пример, кога некој ќе падне во рацете на лоши луѓе, или меѓу морски бранови, или во неволја од земјотрес или во некое друго зло, тој не ја загубува својата надеж дека некако ќе се избават од злото, а таму не ќе има кој да ни помогне: ни ангел, ни човек; ни татко, ни мајка; ни брат, ни пријател, никого, и душата страдална во ужас – си оди оттука со неутешно срце, а таму ја среќава една потресна стварност, која не можеме ни да ја замислиме. Како што се подготвени добрините за оние кои Го љубат Бога, така се подготвени спротивните работи за синовите на противењето, такви какви што ни око видело, ни уво слушнало и што во срцето на човекот не му влегнало.
3. Затоа, ве молам, постојано да си спомнуваме за смртта и со неа „умртвете ги органите од земната природа“ (Кол. 3, 5) и да ја искоренуваме љубовта кон суетата. Што имаме од љубовта према нашето тело; од него немаме никаква корист, туку една страшна болка и мака? Да се приближиме кон гробовите и да видиме каква нечистотија и смрдеа се скрива во нив. Такво е секое тело – со распаѓање почнува, со распаѓање и завршува. И секоја слава е како цвет полски. Само добродетелта е нераспадлива и неа никој не може да ни ја одземе. Откако ја засакале неа, светиите Му угодиле на Бога. Затоа нивните духови се на небото во слава, а телата, кои се наше живеалиште на земјата, таму ќе бидат во сила, убавина и чуда.
4. Кога со зборовите мои се допрев до чудата, реков дека и сега, како што слушаме, има чуда. А ова и не е чудно, бидејќи силата Божја и сега дејствува така, како што дејствувала тогаш, но не треба да веруваме во сѐ што се раскажува, зашто е напишано: „Не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија на светот“ (1. Јов. 4, 1). И на многу еретици и нарушители на Божјите заповеди, како некогаш, а така гледаме и денес, а само Божјата промисла знае зошто, се дозволувало и се дозволува да се прават слични на вистинските чуда. Затоа не треба да се занесуваме по таквите чуда, туку треба да испитуваме и да проверуваме дали се нивните извршители ученици на Господа, според белезите што се дадени од Бога. Кои се тие белези и знаци? – „По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13, 35). А поучен од овие зборови апостолот потоа запрашал: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи“ (1. Кор. 13, 1-3). Гледате ли каква е височината на љубовта? Таа е како некоја царица, стои над сите дарови на Светиот Дух и никогаш не може да отпадне а оние што прават чуда понекогаш отпаѓаат, зашто Господ говори во Евангелието: „Мнозина ќе Ми речат во оној ден: Господи, Господи, нели во Твое ли име пророкуваме? И зар во Твое име бесови не изгонуваме? И нели во Твое ли име многу чуда правевме? И тогаш Јас ќе им кажам: никогаш не сум ве познавал, бегајте од Мене вие што правите безаконие!“ (Матеј 7, 22-23). Како е страшен овој одговор! И колку е ужасна ваквата пресуда! – Да се устремиме да ја придобиеме љубовта и нејзините сојузнички верата и надежта, повеќе од дарот за правење чуда, та добро да поживееме според нивниот дух, та да бидеме признати како вистински ученици на Господа и да го наследиме царството небесно.
322.
Времето брза, смртта се приближува: зошто се бунтуваме? -Следува изобличување на среброљубието кај монасите.
Деновите минуваат како часови, седмиците – како денови, а годините – како месеци. Така брза времето и ги гони сите кон последниот ден на јавувањето на Господа наш Исуса Христа, кога ќе биде „сѐ голо и откриено за очите на Оној пред Кого ние ќе одговараме“ (Евр. 4, 13), како што говори Светото Писмо. Зошто човекот попусто се измачува? Зошто царот се надева на златото и на својата војска? Зошто великопоседникот се фали со својот имот и со своите пасишта? Зошто богатиот се надева, на своето богатството? Зошто сластољубиецот потонува во тињата на гревовните сласти? – Секој ден треба да плачеме и да жалиме и, колку што имаме сили, да се чистиме, пред да ни дојде смртната пресуда, за да го избегнеме гневот против синовите на противењето. Светото Писмо вели: „Овие хулат на она што не го знаат, а во она што го знаат по природа како неразумно животно, во тоа се распаѓаат. Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, се фрлија во заблудата на Валаам и заради печалба и загинаа во бунтот Кореев“ (Јуда 1, 10-11).
Се плашам да не би овие зборови, со кои ги напаѓаме, да не се допрат и до вас, кои сметате дека сте нешто. Зашто оној кој се грижи за наследството на татковиот имот, презема натамошни одлуки, а друг, за да го зголеми она што го насобрал, употребува големи усилби, а трет – за да спечали тоа и тоа – дејствува алчно и среброљубиво и не дејствува монашки, не заслужува ли прекор, како и тие? Тие можат уште да наведат некакво оправдание за своето вакво однесување, дека тие треба да се грижат за своето семејство – за жената и за своите деца. А вие што сте се распнале за светот и во крстот го гледате сето свое сокровиште, какво оправдување можете да имате за вашето вакво однесување? Зар не сте достојни и за најтешки маки затоа што дејствувате вака? Зашто е напишано: „Зашто малиот заслужува милост, а силните ќе бидат силно измачувани“ (Мудр. Сол. 6, 6) и: „Он ќе се јави страшно и набргу, а строг е судот над управниците“ (Мудр. Сол. 6, 5); и: – „Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него, а кому е доверено повеќе, повеќе ќе се бара од него“ (Лука 12, 48). „Синови човечки, до кога ќе бидете со тврдо срце; до кога ќе сакате суета и ќе барате лага?“ (Псал. 4, 2); изнаоѓајќи оправдувања за своите страсти. „Погледајте ги поранешните поколенија и видете: дали се посрамил некој што верувал во Господа? Дали некој живеел во Неговиот страв, а бил изоставен? И дали некогаш бил презрен оној, што барал помош од Него?“ (Мудр. Сир. 2, 10). Зар патријархот Авраам не бил, според Божја заповед, преселник од својата земја? И, сепак, тој станал татко на многу народи? А патријахот Јаков не отишол ли во Месопотамија само со својот бастун? И, сепак, оттаму се вратил богат. Јосифа не ли го одведоа за да го продадат во Египет? А, сепак, тој станал таму втор човек по фараонот. Пророкот Илија, гонет од безбожната царица Језавела, избегал без пари, но, сепак, него го хранел гавран. И светите апостоли не излегле ли на проповед без ништо и без оружје? Но, сепак, не ја покориле ли целата вселена?
И ние самите не претрпевме ли во изминатите години гонења и разграбување? Но, и по однос на нас треба да ги признаеме Божјите ветувања вистински. Па, откаде е ова зло? И каква е оваа суета? Јасно е, ние сме ги заборавиле добрините Божји, слично на древните Израилци и Го искушуваме Бога, како што Го искушувале некои од нив? – Но, што се говори за нив? – „Четириесет години негодував против тој народ и реков: овие луѓе се заблудуваат во срцето свое и не ги познаа патиштата Мои, па затоа се заколнав во гневот Свој, дека тие нема да влезат во Мојот мир“ (Псал. 94, 10-11). Гледајте да не ни се рече тоа истото и нам затоа што се докажуваме неблагодарни према нашиот Добротвор, и што не сме задоволни со тоа што го имаме. И затоа нозете наши немаат спокој, талкаме таму ваму; затоа и кај нас има спорови и караници, како и кај мирјаните; затоа и ние сакаме да живееме сами и осамено, а не заедно со нашиот брат, ако сме и заедно со братот, ние сме неискрени и лицемерни, зашто како може оној, што го има среброљубието за свој сопатник, – да живее во искрена еднодушност со братот свој? Се разбира, дека не може. Но, тешко им на таквите неразумни и неискрени браќа!
Но, браќа мои, ова не го говорам за вас, и не за вас што сте тука, а не и за оние што живеат таму богоугодно, туку за оние што живеат лошо, што не живеат според заповедта што им е дадена, кои ги молам, најпосле, да одат право и да станат подобри, така што никој од нас да не загине, туку сите заедно и неразделно да се спасиме.
323.
1.Се упокои еден старец со возвишен живот. Откако ги пофалил неговото подвижништво и неговото претрпување на маките од иконоборците,
2. им дава поука на браќата – преку спомнувањето за смртта да отфрлаат од себе сѐ што е светско и ја возбудува ревноста за придобивање на сите добродетели.
3. Ги поттикнува кон ова со добрите плодови на таквото дејствување, а со лошите – она што е спротивно.
4. Напомнува дека братот, кој се вратил од Ерусалим, пак бил испратен таму, за да се моли за нас.
1. Иако има многу раскази, од кои се разгалува душата, доаѓа во умиление и сокрушение, но ни еден од нив не е толку поучен, како оние што ни говорат за смртта, бидејќи смртта е за нас страшна тајна, и кога слушаме и кога размислуваме за неа. Бидејќи сега почина еден чесен старец, треба да се каже нешто кратко за општа поука. – Особено, сакам да кажам дека тој од својата рана младост до длабоката старост Му служел на Господа со своето монашко живеење. Самото ова на упокоениот старец му служи како дополнителна пофалба. Освен тоа, тој беше еден од храбрите исповедници за нашата вера. Него го фатил нечестивиот Лав и многу го измачувале: му удриле триест стапови по грбот и по градите и илјадници шлаканици му удриле по лицето негово; му избиле два заба. Потоа, неколку години го држеле в затвор и најпосле, по неколку години го ослободиле. По ослободувањето, тој го обновил својот начин на подвижнички живот и го продолжил својот подвиг како столпник. Се заклучил во својата ќелија и останал во неа во скудност и притеснетост сѐ до крајот на својот живот и во мир Му го предал својот дух на Господа. Попусто безаконувал бездушниот гонител, храбриот борец се издигна на небесата – украсен со венецот на исповедништвото.
2. А ние, браќа, што да правиме и што да мислиме? Уште колку време ќе живееме? – Многу или малку? И кој знае што ќе ни донесе идниот ден? Но сега, најнапред, да ја примиме поуката, што ни ја дава смртта на старецот. Зашто она што го видовме кај него, по извесно време ќе биде и со нас. Зашто нема ниеден човек, кој нема да појде по патот што се отвора со смртта пред него. Затоа, никогаш да не забораваме за смртта, за да не бидеме грабнати од вечната смрт. Да не почнеме да го сакаме овој свет, за да не станеме Божји непријатели. Зашто е напишано: „Кој сака да му е пријател на светот, Му станува непријател на Бога“ (Јак. 4, 4). Или не знаете дека љубовта кон светот не ѝ дава на душата со желба да се однесува кон својот исход од телото? Зашто како Израилот што се стремел да се ослободи од египетското ропство и да влезе во ветената земја, така силно треба да сакаме и ние да се ослободиме од робувањето на пропадливото во нашето тело и да влеземе „дури зад завесата, каде што Исус влезе за нас најнапред“ (Евр. 6, 19-20), односно во сокровиштето на благата во горниот Ерусалим. Да ја намразиме суетата на светот, со желба да ги придобиваме добродетелите, да се збогатиме со божествената трговија: со молитвите, солзите, очистувањето, просветувањето, бестрастието, кои се неопходни на нашето патување во вечниот живот. А за јадење и пиење, за облека и за сѐ друго што му е потребно на телото, да се грижиме толку, колку што е потребно за да живееме и да ги извршуваме Божјите заповеди.
3. Ако вака го минуваме нашето време, тогаш секој ден ќе ни биде празник, секој ден ќе имаме свеченост. И нека дојде на нас и безбројно мнозинство непријатности и страдања, ништо не ќе може да ја помрачи нашата чиста совест. А, напротив, ако живееме во злоба и завист, во жестокост и секое лукавство, тогаш секој ден ќе умираме и пред Божјиот суд – ќе бидеме судени и осудувани. Тогаш ќе дојде смртта, како лав што рика, и како ќе ја истрпи душата својата вечна несреќа? Зашто е напишано: „Време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие? И кога праведникот одвај се спасува, тогаш што ќе стане од безбожниците и грешниците!?“ ( 1. Петр. 4, 17-18). Да бидеме секогаш претпазливи и будни, секогаш храбри и неизменливи, „бидете постојани, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господ нема да биде залуден“ ( 1. Кор. 15, 58).
4. А за братот Сократ знаете, дека дојде од Исток, каде што го извршуваше своето послушание и се извинуваше затоа што доцни. Ние сакавме да го оставиме овде, како искусен брат, но, бидејќи е напишано: „Блажен е оној што има семејство во Сион и роднини во Ерусалим“, размисливме и сметавме дека е подобро да се врати таму, чекајќи преку него да добиеме милост. И треба да се радуваме што еден од нашите браќа е во светиот Сион, кој е мајка на сите цркви, кој е ракоположен за свештеник од тамошниот свет патријарх. Благиот Бог да го запази и него и нас и „да исполни со сила секоја желба на добрина и секое дело на верата, та да се прослави во вас името на нашиот Господ Исус Христос“ (2. Сол. 1„ 11-12).
324.
1. Кога ќе нѐ нападнат невидливите непријатели, да прибегнуваме кон Оној Кој може да нѐ спаси, и Он ќе нѐ заштити. Само да бидеме постојани во служењето на Него.
2. Не чуди се што те напаѓаат лошите помисли и страсти. Тоа е последица од паѓањето на Адама во гревот. Иако сме обновувани во Христа Исуса, од невнимание пак ја подигнува својата глава.
3. Впрочем, Божјите светии со помошта на Божјата благодат ги победувале сите гревовни востанија. На нив треба да се угледаме и ние.
1. „Засилувајте се во Господа и силата Негова моќ; облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лукавство“ (Ефес. 6, 10-11), затоа што тој не спие, секогаш е буден во борбата против нас, и е уште поборбен кога ќе види души, што храбро се борат и подвизуваат против него. Па затоа, кога ќе нѐ нападне, а тој нѐ напаѓа и дење и ноќе, да стоиме против него будно и храбро, откако ќе прибегнеме кон Оној Кој може да нѐ спаси од гревовната смрт, да се молиме постојано и да проливаме солзи, и непријателот набргу ќе избега. Зашто во псалмите е речено: „И повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, и ти ќе Ме прославиш“ (Псал. 49, 15). Ако непријателот те ранил, Господ ќе те исцели. А, ако те вознемирил, ако подигнал бура во тебе, но Оној Кој рекол: „Молчи, престани!“ (Марко 4, 39) и веднаш потоа настанала голема тишина, Тој ќе ги смири и во нас нашите разбранувани помисли. И колку е голема Божјата сила! Ние само што ќе повикаме кон Него, и Тој благиот е веднаш покрај нас со Својата милост и дарежливост; Тој му дава молитва на оној што се моли, го разбива облакот на жалоста и преку добрите помисли со светлина го исполнува срцето наше. И што сѐ не прави Тој за нас?! Впрочем, ова и не може да биде поинаку. Зашто Тој Самиот се предал за нас дури и на смрт, и тоа смрт крсна, и како по сето ова нема да ни подари сѐ? Затоа, да продолжиме да Му служиме со сета наша душа, брзо да стануваме по секое случајно паѓање и усрдно да трчаме по патеката на духовното натпреварување, знаејќи дека на крајот од подвигот нѐ чекаат венци. Најмногу да се користиме со исповедта, затоа што исповедта е узда против грешењето; да ја пазиме во себе смирената мудрост, зашто преку неа се кршат сите нажежени стрели на лукавиот; да ја пазиме верата, затоа што „без вера не е можно да Му се угоди на Бога“ (Евр. 11, 6).
2. Можеби некој се вчудоневидува како ние, иако се молиме толку усрдно, сме уловувани од такви лоши и срамни помисли. – Но, ова го претрпуваме поради Адамовиот грев. Ние сме паднале во грев и нашата природа се разболела лошо од сластољубие. Но потоа, со силата на Христовото пришествие, преку Неговото воплотување, во бањата на обновувањето, – во светото крштевање и обновувањето со силата на Светиот Дух, нашата падната природа одново добила сила пак да се издигнува во својата првобитна состојба. Но, бидејќи еднаш се разболела, таа свикнала да боледува, па затоа, при секое невнимание, лесно паѓа во гревовна сласт.
3. Впрочем, светите луѓе толку окрепнале со помошта на стравот Божји и љубовта према Бога, така што не само што тие самите биле силни и непоколебливи, туку и на другите им помагале: изгонувале бесови и правеле и други чуда. – Иако сме ние далеку од нив по начинот на живеење и по нашите сили, да се трудиме да се угледаме на нив. И нашиот благ Бог ќе го прими нашиот принос и, како што ги прима нивните големи дела, ќе ги прими и нашите, и заедно со нив ќе нѐ удостои со Своето царство.
325.
Слично на обичните земни патници, кои се поттикнуваат еден со друг да го продолжуваат своето патување, и ние кои сме туѓинци на земјава и се стремиме да пристигнеме во нашата небесна татковина, не треба да се приврзуваме кон ништо земно, да не се пренатоваруваме со непотребни работи, а да се стремиме право таму, каде што сме намислиле да стигнеме, воодушевувајќи се со тамошните неискажливи блага – и плашејќи се од ужасите што нѐ чекаат, ако не успееме да стигнеме таму, каде што сме тргнале.
Обично земните патници се поттикнуваат еден со друг да го продолжуваат патот, да не се оддалечуваат ни десно ни лево, туку да одат право по царскиот пат. И не само тоа, туку и умерено да јадат, да пијат и да спијат, така што со умерената храна полесно да ги совладуваат тешкотиите на патувањето. На што ве наведува овој пример, се разбира, вие и сами гледате, односно дека и ние духовните патниците во овој живот, имаме да преминеме безбројни тешкотии, а и тоа: дека сме и ние должни да се утешуваме и да се поттикнуваме еден со друг, да пазиме да не го загубиме нашиот пат, да се воздржуваме во јадење, пиење и спиење, така што, ако се оптоваруваме, да не станеме мрзливи во натамошното патување, и да не се вратиме одново кон животните пријатности. Исто така, како што обичните патници не се враќаат назад и не се отклонуваат од патот, туку одат само во еден правец, трудејќи се да стигнат до местото на својата починка, и ние треба во оваа смисла да се угледаме на нив.
О како е прекрасно местото на нашата починка! И како е блажено тамошното живеалиште! Тоа не е привремено, туку е вечно. И полно е не со гниежливи работи, туку со негниежливи и вечни. Таму е радоста, мирот и непрестаното празнување: Еве што говори Господ во Евангелието: „Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, зарем Јас ќе ви кажев. ‘Одам да ви подготвам место’. Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум и Јас. А каде одам Јас знаете, и патот го знаете“ (Јован 14, 2-4). Гледаш ли какво е неискажливо и несфатливо ова ветување! Кој нема да стане и да потрча? Кој нема да посака да стигне до овие вечни живеалишта? Давид пее: „Колку се мили Твоите живеалишта, Господи на силите! Копнее душата моја сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог. И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката – гнездо, каде што ќе ги положи пилињата свои, а јас при олтарите Твои, Господи на силите, Цару мој и Боже мој !“ (Псал. 83, 1-3).
Еве навистина такви живеалишта, кои можат само да бидат посакувани! Овде сме како во прогонство, но нашето живеење тука нема да биде долго. А и целиот тукашен живот, спореден со идниот, е како еден единствен ден. Па, зошто да се дружиме со еден ваков свет? Зошто да се восхитуваме со него? Зошто да ги гледаме работите во овој свет, не само на една и друга работа во светот, туку зошто ги гледаме и небото, земјата и морето, сонцето и звездите и сѐ друго во овој видлив свет? – Зашто по малку време сето ова ќе го оставиме, па зошто кон сето тоа да се прилепуваме? – Псалмопејачот Давид говори: „Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм“ (Псал. 26, 4), во кој, ако некој се удостои да влезе, тој ќе се ослободи од она тешкото за кое говори пророкот: „Тешко им на оние, кои го бараат денот Господен! Зошто ви е тој ден Господен? Тој е темнина, а не е светлина“ (Амос 5, 18). Но, и блажениот апостол го нарекол тој ден – ден на гневот, велејќи: „Си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога, Кој секому ќе му даде според неговите дела“ (Рим. 2, 5-6).
За да можеме некако да ја замислиме маката на оној ден, да се послужиме со еден пример на она што станува со нас. Ако сакате да си спомнеме за оној човек, кој пред извесно време дојде кај нас, кој бил опседнат од лош дух, кој го давел и го обгорувал по целото тело; тој викаше и дење и ноќе и во ништо не наоѓаше спокој и олеснение. Што мислите: лесна ли е маката на тој човек? – Се разбира дека не е. А, како тогаш ќе можеме ние да ги истрпиме огнот што не угаснува, црвот што не спие и безбројните мноштва други вечни маки? Но, по Твојата милост, Господи, по молитвите на Твоите светии и нашиот блажен отец, да се избавиме од сите тие маки и да ги добиеме ветените блага за оние што веруваат во Тебе.
326.
Каде можеме да се скриеме за да не бидеме уловени од нашите непријатели? – Во оддалечувањето од сѐ што е грешно, од лошите помисли и порочните желби. – И да правиме така, одушевувајќи се со блаженството, кое доаѓа од мирот во срцето, како и од одвратноста од страстните бранувања.
Плашејќи се да не паднеме во рацете на неверниците, ние избегавме од поранешното место и сега живееме овде. Но, поголем страв треба да чувствуваме да не паднеме во рацете на нашите невидливи непријатели? И колку подалеку и на кое безопасно место треба да бегаме од нив? Во што се состои тоа бегање? – Во оддалечувањето од гревот, со кој ѓаволот се обидува, како со меч, да ја убие нашата душа. – Затоа, највнимателно да бегаме од него, да бегаме дури и од гревовите со помисла, зашто гревот од помисли преминува на зборови, а од зборови – на дела. Тешко е да не се биде уловен од лошите помисли; едноставно и не забележуваме како станува тоа. Но, штом ќе забележиме дека сме привлечени од нив, да побрзаме што побрзо да се избавиме од нив, со помош на молитви, солзи, чувствителни болки и со стравот Божји, зашто тие се победувани со овие духовни средства: ако им дадеме можност да се задржат во нас, тие можат да ѝ причинат смрт на нашата душа, и тоа можат да го направат секој миг. Зашто во нас напрестајно се води војна, – безгласна, а поразот можеме да го избегнеме само преку неотстапно и непрестано спротивставување на гревот со умот, со помошта одозгора.
Зар не гледаме во текот на овие три дена какви бранови беснеат во морето? Такво е и бранувањето на страстите; само ова бранување е пострашно, затоа што и бродоломот на душата е пострашен. Но, Бог е причинителот на морското бранување, Кој ги испраќа ветровите тогаш кога е потребно и корисно, а ние сме виновниците за нашите душевни бранувања. За нас е многу подобро да бидеме како мирно пристаниште, да не ги отвораме вратите на нашата душа за страстите; зашто штом ќе навлезат во нашата душа, тие како силни ветрови, со помош на духовите на злобата, во нас настанува големо бранување, и не можеме да се спасиме од него, ако не побрзаме да го смириме ова вриење. Каква потреба имаме да навлегуваме во ваков вриеж, да се изложуваме на вакво бранување и да бидеме во постојан страв да не претрпиме бродолом? Зар не е подобро да им се насладуваме на мирот и на спокојната тишина и доброволно да не се изложуваме на опасност? Зар не ги прекоруваме како неразумни оние, кои за време на страшни бури ги напуштаат тивките пристаништа и се изложуваат на опасност да бидат потопени од налетите на бесните бранови? Но, ние самите треба да се сметаме за неспоредливо понеразумни кога свесно се изложуваме на нашите страстни бранувања. Зар лошата похот не подигнува во нас страшно бранување, кога ќе почне да беснее во нашето срце? Зар ова бранување не нѐ фрла од една на друга страна и не ни се заканува да нѐ потопи? Не изнесува ли умот од себеси завист и не ги ранува ли и срцето и телото? Дали и неверието не ја помрачува душата, правејќи ја немоќна и раслабена? И секоја друга страст не го изведува ли човекот од неговата природна состојба и не го прави ли сосема неразумен?
Да бегаме од погубните страсти, за да не биде речено она што го рекол Бог за луѓето пред потопот: „И рече Господ Бог: ,Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело: ете деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години““ (1. Мој. 6, 3). Бог ги нарекол телесни не затоа што имале тело, зашто во оваа смисла и Бог „станал тело“ (Јован 1, 14), туку затоа што нивното мислење и мудрување биле телесни, кои биле потонати во срамни похоти и немале ни сила, ниту расположба да се издигнуваат кон Бога. А ние кои сме Му се посветиле на Бога, според она што е напишано „нашето живеалиште е на небесата“ (Филип. 3, 20) и, освен тоа, ќе слушнеме: „Тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот“ (Јован 17, 14).
Може ли да има нешто поблажено, не само во однос кон идниот живот, туку и кон сегашниот, од тоа човекот да им биде туѓ на похотите и да не биде управуван од телото, туку да биде воден од Духот. Тоа е блаженство! Тоа е сладост! Тоа е среќен живот! Тоа е ангелско живеење! оној што е ваков, тој по надворешност и видливо живее како и сите други што живеат во светот, но по духот свој – тој е подостоен и од оние што носат царска круна: тој е господар на светот, украсен е со небесни одликувања и секогаш е готов да излезе од овој свет и од смртта не се плаши.
Да се трудиме, колку што имаме сили, и ние да станеме такви: ова е можно, ако потполно го засакаме ова. Ако успееме да станеме вакви, и овде во целиот наш живот ќе се насладуваме на една прекрасна душевна расположба, без оглед на тоа какви и надворешни тешкотии да нѐ среќаваат, а во идниот живот ќе го наследиме царството небесно со сите светии.
327.
Убедува послушноста да биде без приговор:
1.Со примери докажува колку е послушанието благотворно, а колку е погубно непослушанието,
2, го споредува братството со тело, во кое секој член ја работи својата работа, а телото живее од тоа, па изведува заклучок и вели: така правете и вие, и ќе ви биде добро.
1. Плашејќи се да не бидам осуден за скривање на својот талант в земја, како оној на кого Господ му рекол: „Зол и мрзливи слуго! требаше моите пари да им ги дадеш на трговците, па кога дојдам да си го приберам своето со добивка“ (Матеј 25, 26-27), и по неопходност ви говорам кратки поученија, а вие треба, како добри трговци, она што ви го говорам да го приведувате во дело, што вие и го правите, со помошта на Божјата благодат, преку вашето добро послушание. – Впрочем, меѓу вас има и такви, кои не само што не го преумножуваат она што им е дадено, туку речеси и своето што го имаат го губат. – А кои се тие? – Тоа се тие што се откажуваат од своето послушание, и за свое извинување велат: „прости“. – Што говориш, брате? Ти си ветил да бидеш послушен дури до твојата смрт, а сега откажуваш да го работиш она за што си способен според Божјата благодат. Зошто говориш: „Се исплашив да го препливам морето?“ – Ова е поради твојата мала вера. Псалмопејачот говори: „Таму ќе се уплашат тие од страв, каде што нема страв, зашто Господ е во родот на праведните“ (Псал. 13, 5). Зашто кога би му бил верен на своето послушание, ти би можел да го препливаш морето во кораб, туку можеш, откако ќе ја соблечеш облеката, и гол да ја препливаш водата, угледајќи се на оној незаборавен послушник, кој по заповед на својот духовен отец ја препливал надојдената река, и кога ја препливал и не пострадал, сите што го гледале тоа се вчудоневидувале. Послушанието и ѕверовите ги скротува. Како доказ за ова служи случајот со послушникот, кој врзал, според заповедта на својот старец, хиена. Послушанието прави чуда и во мртвите, што се потврдува со Акакиј, кој се огласил од гробот. Но, зошто да говориме едно и друго? Самиот Единороден Син Божји, Кој Самиот се смири, „Сам Себе се понизи, послушен се до самата смрт, смрт на крст“ (Филип. 2, 8), го извршил домостројот на спасението на светот. Такви се чудни делата и плодовите на послушанието.
А сакаш ли сега да ги дознаеш погубните последици на непослушанието? – Спомни си за Адама, кој, откако не Го послушал Бога, и вкусил од забранетиот плод, ја вовел смртта во светот; спомни си за Саула, кој не го послушал светиот Самуил, не само царството, туку и својот живот го загубил на Гелвујските планини; спомни си и за оној човек Божји, кој, измамен од некој лажен пророк, не ја послушал заповедта на својот старец, и затоа бил изеден од лав. А Петар, блажениот апостол, кој со најдобра намера откажал да му бидат измиени нозете, од Господа: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене“ (Јован 13, 8). Така и говедарот, кој не го послушал свети Ефтимија, поради оправдани причини, како што му се чинело, не бил ли веднаш нападнат од демон и почнал да исфрла пена? Таков е судот над оние, кои не ја послушуваат заповедта што им е дадена, над оние што се спротивставуваат: „Будалиот бара само зло, затоа жесток ангел ќе биде испратен против него“ (Изрек. 17, 11).
2. Општо речено. „ние мнозина сме едно тело во Христос, а секој поединечно сме органи еден на друг“ (Рим. 12, 5): еден има место на очи, друг – на уши, трет – на нос, четврти – на јазик, петти – на раце, шести – на нозе. И, ако членовите не си ја извршуваат секој својата работа и почнат да се караат, барајќи очите – да слушаат, увото – да мириса, носот – да говори, јазикот – да допира, раката да оди, нема ли тогаш целото тело да се растрои, и да погине? А, ако е така, тогаш секој своето послушание да го извршува: нека се служи со оној дар што го примил од Бога и со тоа да служи и да придонесува за општа корист, имајќи секогаш на ум, дека нашиот крај е во Божји раце. Затоа, ако некој плови по море, не значи дека и неговата смрт ќе биде таму, и дека оној што останува на копно, – дека и смртта ќе му биде таму, но ќе биде така, како што нашиот преблаг Бог одредил уште од создавањето на светот: така како што Он му одредил време, место и начин на смртта на секого, таков и ќе биде крајот на секого од нас.
Ова го изложив не само за оние, за кои станува збор, зашто јас ги примив заради нивната покорност, – туку и за сите што слушаат, за да бидат многу внимателни према себе и какви сме пред Бога и со Неговите избрани ангели сме дале завети, дека ќе извршуваме сѐ што ни е заповедано, дека нема да се отклонуваме, дури ако она што ни е заповедано претставува смртна опасност. Вака заповедаат светите отци, а особено и пред сите нив – свети Василиј Велики. Ако живееме вака, нема да потпаднеме под гревовната смрт, туку ќе поживееме според правдата и вистината и ќе се удостоиме да го наследиме царството небесно.
328.
1. По воплотеното Слово смртта на христијаните е радосна, ако се добро подготвени да ја пречекаат.
2. Да се подготвиме како што треба.
1. Се чувствувам изнемоштен: срцето ми чукаше силно и ми се чинеше дека ќе ве оставам. – Уште колку време ќе живеам јас смирениот? Гледате, дека и староста веќе ми се приближи и врсниците мои веќе отидоа и редно е веќе крајот мој да биде близу. – Па што? Треба ли да се жалостам? – Не, никако. Нека се жалостат, ако сакаат, оние што живеат според телото, затоа што тие ќе треба да се разделат со жените, со децата, со слугите, со имотот и со сите наслади од овој живот, кој што единствено и го сакаат. А за нас, за кои светот е распнат и го имаме само крстот, кои сме се откажале од светот и сме се заветувале дека ќе бидеме послушни, не се жалостиме од ништо, туку смртта за нас треба да биде радосна. И зошто велам за нас? Таа треба да биде радосна и за сите христијани. И тие треба со радост да го чекаат своето излегување од телото.
Пред пришествието во тело на нашиот Господ Исус Христос, смртта, поради Адамовиот грев, царувала над човечкиот род; таа им била страшна дури и на светите. А, откако Христос, животот на сите, „Тој вкуси смрт за сите“ (Евр. 2, 9), ни го отворил одново патот „низ завесата, односно преку Своето тело“ (Евр. 10, 20), како што е напишано: „Победата ја проголта смртта“ (1. Кор. 15, 54), па кога умираме не слегнуваме веќе во царството на адот, туку се издигнуваме во царството небесно, и не сме „положени во подземен ров, во мрак и во смртна сенка“ (Псал. 87, 6), туку се издигнуваме во непристапна светлина и бескраен живот, кој им го ветил Бог на оние што Го љубат. Па така, смртта сега не е така страшна, за да треба да бегаме од неа, туку треба искрено да ја сакаме, се разбира, ако срцето наше е подготвено да ја пречека. – Зашто, без ваквата наша подготвеност, таа е и сега страшна, ако за време на смртниот час треба да си спомнуваме за изминатите години или да бараме дополнителни денови од животот, – за да прибереме добри дела за себе. Ова е страшно и ужасно, зашто оној што е зафатен со ваквата состојба – ќе се вознемири во срцето свое и ќе страда ужасно, зашто ќе биде свесен дека преминува таму не за награди за подвизи, што ги немал, туку за казна заради своите гревови. О, колку е страшно да се сретнеме со нешто слично!
2. За да не пострадаме и ние вака, ве молам и ви напомнувам, да бидеме секогаш подготвени за блаженото излегување на нашата душа од телото и секој ден од нашиот живот да го сметаме за последен, како што нѐ учи свети Антониј Велики. Зашто, ако почнеме ова да го правиме, тогаш никогаш нема да бидеме неуредни, неработливи, мрзливи, непослушни, незауздани, готови за смеа, туку, напротив, ќе бидеме послушни и покорни, кротки, мирни, искрени, постојани во доброто и, по углед на светиите, секогаш готови за добри дела, кои, откако поживеале така, се удостоиле да ги придобијат неискажливите духовни блага. – Сето ова ви го изложив не само заради вас, туку и за себе, трудејќи се да се утврдам во доброто, така што, откако ќе го изминам животот во вакво подготвување за последниот час, за излегувањето на мојата душа од телото, да не бидеме опфатени со страв и трепет, во збунетост, туку заедно со Давида да извикуваме: „Господ ги пази слабите: бев во мака и Он ми помогна“ и: „Бидејќи душата моја ја истргна од смрт, очите мои – од солзи, и нозете мои – од сопнување“ (Псал. 114, 6, 8). Да ни помогне Бог, вака да биде со сите нас!
329.
Отсечувањето на својата волја е најголемиот подвиг. Тоа е угледање на Христа и на апостолите, макар што сите уште не ја гледаат неговата возвишеност.
Поучителното слово ги тера да жалат оние што ги немаат добродетелите, а заедно со тоа ги учат да ги лекуваат своите немоќи. Зашто самата оваа жалост заради недостигот на добродетелите незабележливо ја расположува душата да почне да се грижи за самоисправувањето, како што говори апостолот: „Бидејќи жалоста што потекнува од Бога предизвикува неопходно покајување за спасение“ (2. Кор. 7, 10). Но, да видиме што е тоа што нѐ жалости. Дали се состои во тоа што нашите лоши помисли се подигнуваат и, слично на непријателска војска, ја опсадуваат нашата душа? – Напишано е: „И полк ќе се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе се надевам на Него“ (Псап. 26, 3). Или е во тоа што е тежок јаремот на послушанието? Но, пак е напишано: „Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја“ (Плач. 3, 27); и уште: „Јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11, 30). Или е во тоа што овој живот под јаремот на послушанието не дозволува да се има ништо свое? Но, еве ги зборовите на апостолот: „Ете, ние оставивме сѐ, и по Тебе појдовме: што ќе стане, со нас?“ (Матеј 19, 27). И на нив им е дадено ветување, кое колку е страшно, толку е преславно. – Па зар и ние не сме оставиле сѐ и не сме тргнале по Господа? Нели оставил некој родители, друг – браќа и сестри, трет – жена и деца, четврт – дом и ниви? И она што е повеќе од сѐ – ние сме ги напуштиле и својата волја и своите желби, а тоа е она што човекот може најтешко да го исполни.
Зашто, ако ми се наложи тежок пост, или бдеење, или спиење на гола земја, или да не се капам, или да живеам во пусто место или нешто друго од нашите божествени работи, – сето ова може да се извршува и со нашата слободна волја. А, она што го правиме по наша волја, макар и да е тешко само по себе, но сѐ е лесно кога се извршува со желба, иако се врши со голем труд. Ваквото дејствување светите отци го нарекле изливање на крвта, а тоа не му е својствено на никој друг, освен на послушникот, и тој може заедно со апостолот да говори: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20). Бидејќи тој не живее според својата волја, туку според волјата на својот игумен, живее за Бога и се угледа на Оној, Кој рекол: „Слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6, 38). – Ја гледате ли возвишеноста на нашето живеење? Зар тоа не е угледање на Христа? Или не е угледање на апостолското живеење? – Или јас ви говорам вака за да ве измамам? – Не, самата вистина говори за нелажливоста на моите зборови.
Ако луѓето не им плетат похвали на оние што вака го завршуваат својот живот, со тоа никако не се намалува нивната слава, зашто Бог не гледа така, како што гледаат луѓето. Еден е судот Божји, а друг е човечкиот. И колкумина од непознатите во овој свет се пред оние, што се чинат познати во овој свет, во денот на Божјиот суд ќе се покажат попознати и пославни од сите, како што е напишано: „Мнозина први ќе бидат последни, а последните први“ (Матеј 19, 30). И така, радувајте се и треперете: и поради Божјиот дар и заради изменливоста на нашиот ум, затоа што не сме секогаш еднакви. „Да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела“ (Евр. 10, 24), да не ни биде тешко да ја отсекуваме нашата волја, туку да бидеме ревносни, да не бидеме мрзливи во извршувањето на нашето послушание, да си помагаме еден на друг, носејќи ги взаемно тешкотиите, како еднодушни и како сотелесни. Ако вака се подвизувате ден по ден, ако вака трчате, несомнено ќе го добиете несвенатиот венец на славата.
330.
1. Во духовната невидлива борба секогаш одржува победа неплашливото и воодушевеното спротивставување на непријателот; од ваквите духовни борци непријателот бега.
2. Во борбата со еретиците не треба да се стапува во општење со нив; јас ова сум го забранил.
1. Иако сум немоќен и на зборови, како и на дела, потребата ми наложува да ве утешувам и да ве возбудувам духовно, толку колку што имам сили. Зашто како што оној кој војува има потреба од поттикнување од страната на своите соборци, не треба ли уште повеќе и вие, кои водите духовна војна со невидливите непријатели, да ја чувствувате потребата да бидете намачкувани со ободрувачки совети и со духовни поттикнувања со зборови, зашто и вашата борба не е еднодневна, туку продолжува во текот на целиот ваш живот, а притоа, ако победите, ќе бидете наградени со вечен венец, а ако бидете победени вечна мака на неизмерен срам? – Но, да не го доживееме ова и да не се посрамиме во нашата надеж! Напротив, да не се сомневаме, дека со Божјата помош ќе го победиме ѓаволот со нашето постојано внимание према себе и со непрестаната борба против непријателот. – Вам ви е познато, дека и обичните војници пред да навлезат во борба се во големо возбудување, се изменуваат во лицето и изгледаат сосема поинакви, отколку пред тоа: во тој час не си ги спомнуваат дури и имињата на своите жени, деца, ниту на родителите и браќата и сестрите, па и на никој друг, туку и умот нивни, и срцето, како и целото нивно тело, се устремени кон претстојната борба. Исто така, и ние сме должни, по нашиот внатрешен човек, да бидеме духовно подготвени и расположени, без да имаме ни најмалку страв од нашите противници, туку да се нафрламе смело на нив и со горлив дух, како добри Христови војници. А нашите непријатели, кога ќе не видат такви, се повлекуваат и не смеат да нѐ нападнат, а кога ќе видат дека нашата храброст е намалена, дека ни се намалени и силите и вниманието, тогаш ги оптегнуваат своите лакови и ја опсипуваат нашата душа со мнозинство стрели, односно со грешни помисли. Но, ние и во таков случај не треба да очајуваме, туку, сознавајќи ја својата погрешка, веднаш да се покаеме и пак да ги напрегнеме сите наши сили и да навлеземе во внимателна и неплашлива борба. – Така секогаш да постапуваме.
2. Но, сега е раширена по целиот свет друга борба, борба со еретиците. Ако сакате, подигнете ги вашите очи, и ќе го видите целиот свет со ранети во оваа борба. Зашто не само неверните еретици, не само блудниците и прељубодејците, како и другите што прават слични беззаконија, сатаната ги собира под своја власт, туку и оние кои се невнимателни и стапуваат во општење со нив, зашто точни се зборовите: „Кој катран допира, од него ќе се извалка; кој со горди се дружи, ќе стане како нив“ (Мудр. Сир. 13, 1). Поради ова, иако ме прекоруваат, јас им имам забрането на православните христијани да ги спомнуваат неправославните на светата божествана Литургија, како и на другите молитвени спомнувања на оние што се противат на Православието и да немаат никакво општење со ереста и со еретиците. Само, ако таквите дури и на смртниот час го исповедаат својот грев и се причестат со Светите тајни, тогаш православните можат да се молат за нив и можат за нив да служат света Литургија. Но, ако некој од нив умрел без покајание, исповед и причест, како можат православните молитвено да ги спомнуваат и да бидат во општење со нив? Апостолот говори: „Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли заедништво со крвта Христова? Лебот, што го кршиме, не е ли заедништво со телото Христово? Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите сме причесници од еден леб“ (1. Кор, 10, 16-17). Судејќи според ова приопштувањето на еретичкиот леб и еретичката чаша, го прави оној од православните што се приопштува со нив, да биде приопштен на едно тело, кое му е туѓо на Христа. На едно друго место истиот апостол говори: „Какво заедништво постои меѓу правдата и беззаконието? Што заедничко има меѓу светлината и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христос и Велијар? Или, што има заедничко меѓу верникот и безверник?“ (2. Кор. 6, 14-16). За ваквите треба да плачеме. За оние што се уште живи, да се молиме да бидат ослободени од мрежите на ѓаволот, а за себе да благодариме, „затоа што од почетокот, преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината, Бог ве избра за спасение“ (2. Сол. 2, 13), за да Му служиме и да работиме за Него до ова исповедништво, за кое, ако го извршиме чисто и беспрекорно, да нѐ удостои со Своето небесно царство.
331.
1. Сите други работи имаат свое одредено време, а делото на спасението треба непрестано да се извршува.
2. Да не ја одложуваме грижата за нашето спасение, гледајќи како смртта ги жнее сите; при ова да си спомнуваме и за мудрите и за неразумните девојки.
3. Да се разбудиме и да почнеме ревносно да се подготвуваме за пречекот на Младоженецот.
1. За сите други работи има одредено време: едно е времето за сеидба, а друго за жетва: едно е времето за тргувања, – а друго – кога не се тргува. А за делото на спасението – секое време е погодно и, ако сакаме, секој ден може да биде благопријатен. Да бидеме секогаш подвижни за доброто; да бидеме секогаш добро расположени и полни со младешки сили да ги приведеме во дело Божјите зборови: „Пред Бога не се праведни оние што го слушаат Законот, туку ќе се сметаат праведни само оние што постапуваат според Законот“ (Рим. 2, 13). Па затоа, ако ни претстои духовна борба, борба невидлива, треба да се бориме храбро и, со Божја помош, да ги победуваме демонските помисли, за да не се задржат во нас и да не ни причинат духовна смрт: кога ќе настане време за духовна жетва, усрдно треба да жнееме, за да собереме доволно богатство во нашите житници за вечниот живот, за да не умираме вечно од глад. Секогаш е време за молитвата, за очистување од гревовите и за придобивање на царството небесно.
2. Зошто се размислуваме? Зошто се задржуваме? Зошто секој ден го одложуваме нашето исправување? – „Зашто ликот на овој свет е минлив“ (1. Кор. 7, 31). Не се ли многубројни оние што секој ден нѐ напуштаат? Дали гробовите што непрестано се отвораат не празнуваат победа над нашата природа? Не торжествува ли и земјата, примајќи ги составните делови од нашето тело? А зар ние ќе останеме овде до крајот? Зар не гледаме веќе колкумина од нашето братство отидоа? Каде се нашите блажени отци? Каде се нашите духовни и телесни браќа? Каде се нашите пријатели и соработници? Каде се оние со кои работевме и пеевме псалми заедно? Колку сме заборавени? Кога умре некој од отците и браќата, веднаш се освестуваме и се скрушуваме, и даваме завет дека во иднина ќе живееме подобро, но не поминува многу време и ние одново забораваме и на нашата скрушеност и на нашите добри намери. Но, нашите свети отци не постапувале така; во текот на целиот свој живот тие мислеле за смртта, секој ден умирале, се распнувале на светот, секој ден доброволно излегувале пред Бога, а сега живеат таму блажено во животот што ќе нема крај. И не се плашиме ли од примерот на десетте девојки? Мудрите девојки Го пречекале Младоженецот кога дошол на полноќ, а неразумните, затоа што немале доволно добри дела не Го пречекале, и кога дошле потоа и викале: „Господаре, господаре, отвори ни!“ Тие го слушнале одговорот: „Вистина ви велам: не ве познавам“. Па така и останале надвор, а кон ова Господ додал: „Бидете будни, зашто не го знаете ниту денот, ниту часот, кога ќе дојде Синот Човечки“ (Матеј 25, 6, 10-13).
3. Па така, треба да бидеме будни, треба да ја разбудуваме од сон нашата душа, да бидеме трезвени, да ја пазиме нашата непорочност и чистота, да одиме во светлината, за да не нѐ снајде смртта ненадејно и да не биде пред нас затворена вратата на милоста, па да нема никој што би ни отворил и кој би ни помогнал. Затоа, да побрзаме да се подготвите за нашата смрт, та излегувањето на душата од нашето тело да Му биде угодно на Бога. Затоа, мрзливецу, стани да работиш; ти што не си послушен, почни да бидеш послушен: ти што се издигнуваш над другите – смири се; ти што имаш срце жестоко – омекни го; ти што си непокаен, – покај се; ти што не си исповедан – почни да се исповедуваш; ти што седиш без работа – почни да работиш. Сите поправете се во сѐ и зафатете се да правите добри дела. И ќе додадам уште нешто: ти што ги сакаш жените – вразуми се и не биди често со жени, не останувај долго со нив, зашто од тоа се разгорува огнот на гревот, како што слушаме и од Светото Писмо: „Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова? Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои? Истото тоа станува и со оној, кој влегува кај жена на ближниот свој: кој и ќе се допре до неа, нема да остане без вина“ (Изрек. 6, 27). Но, и мажената е девица, ако се замонашила, како и онаа што како девица дала завет монашки. И на едната и на другата Господ на славата им е Младоженец. Ова им го говорам на оние, кои се расеале насекаде и живеат како што сакаат и измислуваат оправдувања за своите гревови, а не паметат дека Господ заповедал дека и окото што нѐ соблазнува треба да го ископаме и да го фрлиме од себе (сп. Матеј 5, 29), а не само нешто друго. А на вас, еве, што имам да ви кажам: „Ние силните должни сме да ги поднесуваме слабостите на немоќните“ (Рим. 15, 1) и да бидеме образец за добри дела за неутврдените. Вие сте веќе такви со благодатта Христова, но и понатаму останете такви, – и ќе се спасиме во нашиот Господ Исус Христос.
332.
1. Укажувајќи на тоа дека целите и задачите на монаштвото се над сите други состојби и призванија, и
2. дека тоа ги привлекува кон себе сите, без оглед на тешкотиите,
3. па ги повикува да се радуваат и да Му благодарат на Господа затоа што се удостоиле да бидат монаси, како и да се трудат и понатаму да бидат вистински монаси.
1. Да Му благодариме на Бога што сме се удостоиле да го избереме добриот дел и „да седиме при нозете на Исуса и да го слушаме словото Негово“ (сп. Лука 10, 39). Другите луѓе се грижат и се трудат за многу работи: за жена и за деца, за имот и за пари, а ние имаме само една грижа: како да Му угодиме на Господа. Другите му служат на земниот цар, за него војуваат и за него ја проливаат и својата крв, а ние доброволно Му служиме на нашиот цар Христос, за Него војуваме, со надеж оти ќе го добиеме вечното небесно царство. Другите преземаат долги и тешки патувања за да спечалат ништожно и преодно богатство, а нам ни останува и дење и ноќе да доаѓаме во Божјиот храм, за да ја прославуваме Божјата величина, и преку тоа да придобиваме не злато и сребро, кои загинуваат, туку духовни и вечни сокровишта, кои никој не може да ги украде.
2. Иако понекогаш среќаваме нешто жално и тешко, било по надворешна положба или внатрешна состојба, но, бидејќи ова е за Словото Божјо и за наша надеж, лесно го поднесуваме, зашто умееме да се радуваме и во страдањата и да не се чувствуваме тешко ни во тешкотиите. Таков е нашиот живот, така што со најтажните свои работи ги привлекува оние што имаат ум. – Кој не ги сака родителите и не е расположен према нив? Но, ние сме ги оставиле од љубов према Бога и сме дошле овде. Има ли потесна врска од брачната, кога, според зборовите на Господа, две тела стануваат едно? Но, и таквите евангелскиот меч ги расекува и ги испраќа овде. Властодржецот се откажува од својата власт; богатиот го смета за ништо своето богатство; сиромавиот ја заборава својата сиромаштија; бедниот престанува да биде беден. Ќе го додадам и ова: царот ја остава својата круна и им се придружува како еднаков на другите. Зашто братството наше е како чесното тело Христово и манастирот наш општо пристаниште на спасение, кое е за сите еднакво спасително. Кај нас е сѐ поинаку, а не е како што е во светот. Така, кога некој ќе умре, овде нема плач и ридање, како оние што го сакаат животот; во тишина се свршува погребот на починатиот, зашто ни женски глас се слуша, ни плач на деца, ниту роднините тажачки погребни редат, во кои се спомнуваат различни работи. Кај нас смртта е настан радостен и погребот го правиме со добра надеж. Иако плачеме, плачеме од духовна љубов по починатиот, во што нема ништо неумесно, зашто и Господ плачел кај гробот на Лазара, според својството на нашата природа (сп. Јован 11, 35). Дали некогаш имало живот поблажен од нашиот? Имало ли друг начин на живеење, кој луѓето ги приближувал до Бога? Затоа во свое време и псалмопејачот Давид извикувал: „таму Господ дал благослов и живот вечен“ (Псал. 132, 3).
3. Да се радуваме и да сорадуваме еден со друг, да не престанеме да Му благодариме на Бога, бескрајно да Го љубиме нашиот Бог, затоа што нѐ повикал од темнина во светлина, од униженост во слава, од неизвесност – кон познатост. Секој од вас знае од кого произлегува, од каде дошол овде, со кого тогаш стапил во општење, кого сега браќа нарекува и со кого заедно живее. А сите овие предимства се само предворие на идните ветувања, па така, ако добро го завршиме подвигот што е пред нас, ако се трудиме со сите наши сили и плодови принесеме, плодови на послушноста, според уредбите и правилата на нашиот манастирски типик, тогаш, најпосле ќе го добиеме она што око не видело, што уво не чуло и што на ум на човекот не му паднало – она што Бог им го подготвил на оние што Го љубат (сп. 1. Кор. 2, 9). Дај Боже, сите ние да го добиеме ова.
333.
1. Честите умирања го утврдуваат сеќавањето на смртта, сеќавањето на смртта и допирот со неа го засилува стравот Божји, а стравот Божји го очистува срцето од страстите.
2. Да чекориме по овој пат кон блажената бестрасност.
1. Сѐ почести се вестите за смртните случаи, кои ги слушаме и од близу и од далеку, а особено оние за смртта на нашите браќа и отци. Еве не остави, меѓу другите, и братот Григориј; и неговиот живот беше достоен за пофалба, а и крајот негов е блажен, зашто почина во прогонство за Христа. – Значи, најпосле и ние треба да преминеме од другата страна, и малите и големите, и старците и младите. Зашто смртта е еднаква епитимија за сите: еден порано, друг подоцна, еден по еден сите си одат од овој живот. Па тогаш, како можеме да не мислиме за смртта и за тоа што ќе сретнеме таму, по излегувањето на душата од телото? Како ќе го издржиме стоењето пред ангелите, ако не сме се облекле во оружјата на светлината? – Како ќе појдеме по тој пат, ако не ја понесеме со себе попатнината на вечниот живот? Како ќе го одминеме кнезот на овој свет, за кого Господ рекол: „Иде кнезот на овој свет и во Мене тој нема ништо“ (Јован 14, 30), ако не бидеме слободни од страстите, кои нѐ заробуваат? Господ говори: „Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го наоѓа дека постапува така; вистина ви велам дека над целиот свој имот ќе го постави него“. Еве го толку саканиот глас! „Ако, пак, тој слуга е лош и си рече во срцето свое: ‘Господарот мој уште за долго време нема да дојде’, на почне да ги тепа другарите свои и да јаде и пие со пијаниците, господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога тој не го очекува, и во час што не го знае; и ќе го расече на две, и ќе му даде удел со лицемерите; таму ќе биде плач и крцкање со заби“ (Матеј 24, 46-51). Зар не нѐ исплашува оваа парабола? Зар нејзиното застрашување не ги истоштува нашите тела? Зашто ова не е измислена приказна и овие зборови не се празни и без значење; напротив, овие зборови ни од далеку не го искажуваат сето она што ќе биде таму, зашто и тој плач не е како овдешниот, ни тоа крцкање со заби не е како ова овде: меѓу нив има голема разлика, како што е разликата меѓу сонот и будната состојба. Потоа, и тамошниот оган не изгаснува, како овој овде што изгаснува, и црвот тамошен не умира, како овој овде што умира. Но, кој мисли и размислува за ова? Кој го гледа и кој го слуша ова? Зашто е можно и да се гледа и да не се види, и да се слуша и да не се чуе, поради скаменетоста на душата и острастеноста на срцето. – Кој го има плачот што го ублажува Господа, кој секојдневно се очистува од осквернувањата од сите страни, без да го одложува очистувањето за утрешниот ден? Зашто е речено: „На секој ден доволно му е неговото зло“ (Матеј 6, 34). Оној кој сѐ повеќе копнее кон Бога, тој се ослободува од страсната приврзаност кон тукашните работи до толку, што може заедно со Давида да рече: „Кон Тебе се приближи душата моја, Твојата Деснида ме поддржува“ (Псал. 62, 8). О, блажена бестрастност! Еве, браќа, какви треба да бидеме! Божјите зборови бараат од нас вака да се чувствуваме! Духот наш да гори! Да бидеме облечени во оклопот на верата, окрилени со надежта и подготвени за излегување од телото!
2. Затоа, ве молам, да се трудиме да умираме секој ден, да се приморуваме на сѐ што е добро, колку што имаме сили, знаејќи, дека добродетелта според својата природа е самопринудување, но затоа таа нѐ издигнува горе, додека гревовното самоугодување нѐ турнува дури до дното на пеколот. Да ги придобиеме солзите што чистат, што водат кон скрушеноста на срцето и кон смиреното мудрување. Со нашиот бестрастен живот, ангелите да ги направиме наши пријатели, така што и тие, при нашето излегување од телото, пријателски да нѐ издигнат до Господа. – Ова ви го говорам не како јас нешто добро да сум направил, туку како оној кој сака и самиот да го правам доброто заедно со вас; ви говорам затоа што сум должен да ви говорам, а не да молчам, бидејќи ве љубам со љубов божествена, така што сите ние да го извршуваме доброто и да станеме наследници на вечниот живот.
334.
1. Ги прекорува што престанале да ги откриваат помислите.
2. Потоа наведува примери на страшни Божји казни за оние што не се каеле; ги поттикнува да се исповедаат.
1. Ожалостен сум јас дниве од вас: жалоста моја е преголема и не можам да ја истрпам. Престанавте со вашето обично исповедање, кое е особено големо и спасоносно во нашиот живот. И кога би видел дека сте станале подобри и посовршени, јас би се радувал многу, како да ми се олеснети работите: зашто не мала работа е потребна за исцелението на немоќите на другите. Но, кај вас забележувам спротивставување и се прашувам која е и каква е причината за ова. Откаде е оваа појава и расположбите што се појавуваат кај вас? Нели е сето ова оттаму што не се исповедувате и што ги скривате вашите грешни и погубни помисли? Зашто, лошите помисли се коренот и почетокот на нашите гревови, а ако ги откриете навреме, со Божја милост, се прогонувани, а ако ги скривате, малку-по малку преминуваат во дела на темнината. Оттука е и душевната смрт, оттука е и разделеноста еден од друг, оттука се и зборовите на самооправдување, кои се раѓаат од незнаење и заблуда.
2. Но, о, човеку, животните, што немаат разум, како што гледаме сами од себе знаат кои јадења се штетни за нив, и ги одбегнуваат; не треба ли уште повеќе ова да се очекува од човекот, кој е обогатен и со самото крштевање со секое знаење за тоа што е добро?! Зар не си слушнал што говори Светото Писмо дека Бог „не го поштеди првиот свет, туку, кога нанесе потоп врз безбожниот свет, го запази само осмочленото семејство на Ное, проповедникот на правдата“ (2. Петр. 2, 5). Зар не си читал, дека Бог „градовите Содом и Гомора ги осуди на разурнување и ги претвори во пепел, оставајќи ги како пример на идните безбожници“ (2. Петр. 2, 6). Зар не си слушал често како апостолот извикува: „Или не знаете дека неправедните нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ниту идолопоклониците, ни ракоблудјците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ниту разбојниците нема да го наследат царството Божјо“ (1. Кор. 6, 9-10). Па како, слушајќи го ова, говориш дека не знаеш што е добро и што е зло? Ова е притворство и одбегнување. Зар немаш страв? Зар не трепериш од Оној, пред Кого треперат сите негови созданија? – Браќа, ве молам, никој да не се отстранува од исповедта.
335.
1. Откако рекол дека ги љуби браќата и дека е уверен, дека и тие го љубат него, ги повикува да Му благодарат на Бога за таквата врска и за таквиот меѓусебен сојуз, напомнувајќи им, дека ги моли да го истрпуваат кога ги прекорува строго.
2. Потоа, советува доброволно да ги поднесуваат трудовите и страдањата во врска со делото на спасението, бидејќи поинаку не може и да биде; имајќи ги, пак, предвид големите ветувања, кои се соединети со ова, ги уверува дека тоа нема да им ја наруши радоста, која им е својствена на светиите.
3. Да одиме верно по Божјиот пат, а ако се случи да се препнеме и да паднеме, да брзаме веднаш да стануваме.
1. Светото писмо говори: „Ги сакам оние што мене ме сакаат, и кои Ме бараат, ќе најдат добрина“ (Изрек. 8, 17). А на друго место тоа укажува и на белегот на љубовта, велејќи: „Кој ја жали прачката своја, го мрази синот свој; а кој го сака, го казнува за да го поправи“ (Изрек. 13, 25). Бидејќи јас смирениот сум поставен да ви бидам настојател, по неопходност во претходното мое поучение ве прекорив и изобличив, но се осмелувам да ви кажам со зборовите на апостолот: „не да ве ожалостам, туку за да ја познаете преголемата љубов што ја имам кон вас“ (2. Кор. 2, 4), жалам заедно со вас кога сте жалосни и се радувам заедно со вас кога сте радосни. Зашто кого друг да го гледам? И за кого друг да жалам и со кого друг да се радувам, ако не за вас? Вие сте мои браќа, чеда, отци, пријатели, роднини, сакани, моја радост и мој венец, и сѐ друго, со што можам да го изразам моето искрено општење со вас. Ја искористувам мојата увереност, дека и вие сте такви према мене, и дека ни кон родители, ни кон браќа, ни кон роднини, ни кон татковина, ни кон што видливо не сте толку приврзани, туку само према Бога, а заради Бога и према моето смирение.
И, благодарејќи Му на Бога што нѐ соединил вака во Светиот Дух, да се сакаме вака взаемно, како да сме „едно тело сте и еден Дух, како што сте повикани кон една надеж на вашето звање“ (Ефес. 4, 4). Да се радуваме и да сорадуваме еден со друг; а тоа што се случува некогаш да ви говорам прекорно, да не се отуѓуваме еден од друг, бидејќи тоа бива од љубов и за општа корист да ја поднесуваме казната трпеливо. Зашто е напишано: „Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој, што го љуби“ (Изрек. 3, 11-12). А, апостолот на ова додава: „Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син кого таткото не го казнува? Ако пак останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови“ (Евр. 12, 7-8).
2. А потоа, богатството и власта и другите работи, што ги сакаат луѓето, не се даваат на дар, туку се бараат големи и тешки трудови и многу пот, па можеме ли да претпоставиме дека придобивањето на Бога и на Божјата награда е лесна работа и дека за ова, исто така, не се потребни големи трудови и многу пот? И зар ваквата претпоставка не би била сведоштво за нашата крајна простота и ограниченост? – Затоа слушаме, дека „во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки“ (Дела 14, 22) и дека „тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина го наоѓаат“ (Матеј 7, 14). А зошто? Затоа што не сме сакале во почетокот да живееме во живот без жалости и во бескрајна радост, туку според нашата несовесност сме избрале како нешто што е подобро за нас: да паднеме во сегашниот многустрадален живот, кој е полн со жалости. Па затоа не можеме пак да се вратиме таму додека не поминеме низ училиштето на тешкотиите и страдањата, угледувајќи се на нашиот Господ Исуса Христа, Кој „поради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божји“ (Евр. 12, 2).
Впрочем, бидејќи тешкотиите поради Бога ни стануваат полесни со надежта на вечните блага, тие обично не се премногу страдални, па затоа за светиите овој живот се именува празник. За ова сведочи божествениот Давид, велејќи: „Радувајте се, праведници, во Господа: на праведниците им прилега похвала“ (Псал. 32, 1), укажувајќи дека радоста треба да биде непрестана. Истото го потврдува и блажениот апостол кога вели: „Радувајте се секогаш во Господа!“ (Филип. 4, 4). А овие зборови им ги говорел на оние, кои тажеле и плачеле, кои се подвизувале и се наоѓале во борба, без да ја занемаруваат борбата со ѓаволот и со неговите стапици; тие страдале на најразлични начини, затоа што жалостите и страдањата за Бога, за добродетелните се извор на радост.
3. Ние, кои секојдневно со богослужби презнуваме празници, добродушно да ги поднесуваме тешкотиите заради Бога и да не попуштаме пред ѓаволските замки и препреки. Кога, пак, ќе се случи понекогаш да задремеме и ќе ни се вовлече нешто непотребно во умот, во зборот или во делата, веднаш да побрзаме да станеме и да се вратиме на претходното добро настроение, и повторно, со топла срдечност, да започнеме да соработуваме со Господа, знаејќи дека и од царот почести добива оној војник којшто се бори и се спротивставува, а не оној кој бега од бојното поле; и ќе се удостоиме за вечните награди, според милоста Божја и ќе влеземе во царството небесно на Христа Исуса, нашиот Господ.
Обработи
Отец Митко Попоски
Виндзор Канада 2022