“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM IV
Светиот преподобен Теодор Студит
276 – 300
Верните христијани повеќе сакале да умрат отколку
да јадат месо во светата Четириесетница
276.
Наведува пример како во Бугарија верните христијани повеќе сакале да умрат отколку да јадат месо во светата Четириесетница. И врз основа на ова дава поука: да стојат до својата смрт во борбата против иконоборците.
1.Во денешново поучение сакам да ве утешам со што ќе ви раскажам нешто. Во Бугарија, како што кажуваат оние што добро го знаат овој настан, од страна на власта била издадена страшна заповед: сите христијани и браќа наши, кои се наоѓале таму како воени затвореници, во деновите на светата Четириесетница, да јадат месо, на оние, кои ќе ја послушаат заповедта и јадат месо, да бидат оставени живи, а оние што нема да се покорат – да бидат убиени. Се собрале мажите, заедно со жените и децата. Се слушал голем плач. Едни сакале да го одбранат христијанскиот закон, а други се плашеле од телесната смрт. И најпосле биле победени: се приклониле пред страшната повелба. Но, четириесет души, откако се одделиле од нив, застанале пред нив и почнале да ги убедуваат да не отстапуваат и да не ѝ се покорат на богопротивната заповед: да не се согласуваат да јадат месо за време на Великиот пост. Тогаш се слушнале гласови од народот, кои биле за тоа да се отстапи пред силата и неопходноста, а потоа преку покајание да се бара простување на гревот и да не се оди неразумно во смрт. Но, овие зборови не можеле да ги убедат, тие и понатаму стоеле пред народот, продолжувале да говорат дека не смеат да го направат гревот што им го наложуваат, гледале кон Бога и кон ветеното блаженство. Тогаш, безбожниот силник, гледајќи ја тврдата непоколебливост на тие мажи, помислил преку еден од нив да ги поколеба сите и да ги привлече на своја страна. Откако убил еден од нив, а неговата жена и децата им ги дал за робови на своите луѓе, надевајќи се дека со тоа ќе ги поколеба останатите, но тие станале уште понепоколебливи и извикувале: Ние сме христијани и сме должни да ја пазиме честа на нашиот погинат брат. Откако сите до еден ја исповедале ваквата своја вера, биле сите убиени и се упокоиле во Господа.
Гледате ли како и денес е силно Евангелието на царството Божјо? Господ говори: „Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене, и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот“ (Матеј 10, 37-38, 28). Овие ги послушале Христовите евангелски заповеди. Му останале послушни на Бога и се овенчале со маченички венци, подражавајќи им на светите маченици, на браќата Макавејски; тие биле седмина, а овие – четириесетмина. Тие пострадале затоа што не сакале да јадат свинско месо, а овие – што не сакале да јадат месо за време на Велигденскиот пост, спротивно на црковните заповеди и прописи. – О, блажени мажи! О, блажена ваша трговија! Вие само во еден миг ја придобивте вечната надеж!
Што ќе кажат на ова оние што мислат дека општењето со еретиците не значи одречување? Ако таму се сметало за одречување јадењето месо за време на постите, тогаш одречување е многу повеќе ако некој учествува заедно со нив во принесувањето на Светата Жртва. Каде се оние што говорат дека страдањето за иконите не е мачеништво? Ако таму, не сакајќи да се согласат да го нарушат црковниот закон, пострадале тие верни христијани и го претрпеле за тоа маченичкиот подвиг, зар не претрпуваме и ние денес маченички подвиг, кои не сакаме да се одречеме од Самиот Христа на Неговата икона? – Но, така говорат оние, чиј ум е помрачен од еретичкото мудрување, кои се обидуваат, вака паднати, и на другите да им ставаат препки и да им попречат право да одат по патот на правоверието. А ние да Го прославиме нашиот Бог, Кој ги прославува оние што Го прославуваат, Кој и во нашето поколение покажува маченици, помислувајки при ова на тоа, што бедни и неучени луѓе, кои имале жени и деца, оставиле сѐ заради Христа, нема ли ние, кои немаме ни жени, ни деца, кои сме го оставиле светот, кога тоа ќе биде побарано од нас, да се покажеме слични со светите ревнители на верата и на побожноста?
А тоа време е – кога Христос ќе го побара тоа од нас. Сега е тоа време. Да стоиме тврдо во мачеништвото; да не ги преклониме нашите колена пред Ваалот. Да не отстапуваме, да не сме победувани од лошите помисли, но со солзите наши да ги изгаснуваме распалените стрели на лукавиот; да ги одбиваме со нашите молитви, скрушености и со соодветни телесни воздржувања, за да можеме и ние заедно со апостолот да говориме: „Секој ден умирам, браќа, се колнам во пофалбата ваша, која ја имам во Христос Исус, нашиот Господ“ ( 1. Кор. 15, 31), како и со светиот цар Давид: „Разбуди се, зошто спиеш. Господи! Разбуди се, и не отфрлај нѐ засекогаш!“ (Псал. 43, 23), со што да се удостоиме и ние да бидеме наследници на царството небесно.
277.
1.Благовештението е почетокот на домостроителното воплотување; ние сме обврзани духовно да го празнуваме;
2. а притоа да тажиме и да се молиме за оние што не го прифаќаат и не се ползуваат со него;
3. подражавајќи им на свети апостол Павле и на пророкот Мојсеј.
1. Настана празникот на Благовештение, почетокот на Господовите празници, и ние сме должни да го празнуваме, не едноставно, како што прават многумина, туку со разбирање на тајната, заради која се празнува. Каква е оваа тајна? – Таа е во тоа: што Синот Божји станува и Син Човечки, избирајќи ја за ова како посредница – Пресветата Дева, откако се вселил во неа и од неа Си направил храм за Себе, – станал и совршен човек. А зошто? – „За да ги откупи оние што се под Закон, та да го примиме посиновение“ (Гал. 4, 5), како што е напишано, за да не бидеме повеќе робови, туку слободни и да не бидеме страсни, туку бестрасни; да не бидеме љубители на светот, туку богољупци; за да не одиме веќе според телото, туку според духот. „Зашто оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното. Копнежот на телото е смрт, а копнежот на духот – живот и мир. Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може. А оние, кои живеат по телото, не можат да Му се допаднат на Бога “ (Рим. 8, 5-8). Ете, накусо речено, таква е силата на тајната! И затоа сме должни духовно да празнуваме во негова чест и духовно да живееме додека го празнуваме: во правда и исправност, во љубов, во кротост, во мир, во долготрпеливост, во благост, во Дух Свети, за да не го покажеме бесплодно и без дејство према нас воплотеното домостроителство на нашиот Господ.
2. И не само тоа; ние сме должни да се молиме и да се скрушуваме за светот. Зошто? – Затоа што Синот Божји дојде да го спаси светот, а светот Го отфрлил: Го отфрлаат многу племиња и народи; Го отфрлаат варварските народи; Неговото име го отфрлаат и призваните: едни – со својата погрешна вера, а други со неисправноста на својот живот. Што требало Господ да направи, а не направил? – Бидејќи Бог – станал човек; се смирил и бил послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст; ни дал да го јадеме Неговото Тело и да ја пиеме Неговата Крв; не удостоил да Го именуваме Отец наш, брат, глава, Учител, Младоженец, сонаследник и направил за нас многу други работи, за што подробно овде нема потреба да се говори. – Но, сепак, Него Го отфрлаат, и Он го претрпува тоа: „Не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам“ (Јован 12, 47). Што треба да кажеме на ова? – Тоа, дека вистинските ученици жалат што нивните соученици Го одречуваат Господа, а со тоа ја пројавуваат својата љубов према Учителот и кон Неговите ученици. На овој начин и вистинските слуги Господови страдаат заради неверноста на своите собраќа.
3. Затоа големиот апостол заповеда: „Пред сѐ, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе: за царевите и за сите што се на власт“ (1. Тим. 2, 1-2). А еве што говори тој самиот на друго место: „Ви зборувам вистина во името на Христос, не лажам – тоа го сведочи мојата совест во Светиот Дух, дека ми е голема тага и непрестана болка во моето срце. Зашто повеќе би сакал јас да бидам проклет и одвоен од Христос за браќата свои, моите сродници по тело“ (Рим. 9, 1-3). Ја гледаш ли силата на љубовта? Ја гледаш ли височината на човекољубието? – Ова истото и Мојсеј го говори кон Бога: „И сега прости им го гревот нивни: ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал“ (2. Мој. 32, 32). Така и ние, како вистински, а не лажни ученици, должни сме не само да се грижиме за себе, туку и за нашите браќа и за целиот свет, да жалиме и да се молиме за нив. Зашто, на овој начин, го правиме она што Му е угодно на Бога и Господа и стануваме наследници на вечниот живот.
278.
1.На денот на Благовештение го фали девството и
2. Напомнува како непријателот се бори против него и уверува да биде силно пазено.
1. Во денот на Благовештението сакам да ви кажам нешто малку по повод овој празник, а имено да покажам: колку е важен заветот на девството, кое сме се удостоиле да го земеме на себе. Зашто на кого му рекол архангелот Гавриил: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе“ (Лука 1, 28)? Зар не на Пресвета Дева? И од кого се воплотил, станал човек Самиот Бог и Слово? – Зар не од оваа блажена Дева? – Па така, девството Го родило Животот на сите. Девството е Царица на добродетелите. Девството е Невеста и невестоводителка Христова. И, ако сакате, да чуеме што говори блажениот Павле: „Неженетиот се грижи за Господови работи, – како да Му угоди на Господа; а женетиот се грижи за световни работи – како да ѝ угоди на жената. Тука е разликата меѓу жената и девојката; Немажената жена се грижи за Господови работи – како да Му угоди на Господа, за да биде света со телото и со духот, а омажената се грижи за световни работи – како да му угоди на мажот свој“ ( 1. Кор. 7, 32-34). Ја гледате ли силата на зборовите, дека бракот нема време да се грижи за да Му угодува на Господа, а се грижи за она што е световно? Па, затоа на девството како наследство му се дава подобриот дел. – Но, и во царството небесно на девството му се дава првенство. Свети Јован Богослов во Откровението пишува: „Тие се оние што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се оние што го следеа Јагнето каде и да оди, Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Јагнето“ (Откр. 14, 4).
2. Еве, со какво предимство се удостојуваат оние што го одбрале и запазиле девството! – Тие сведочат за Христа и одат по Него, но да не заборавиме, дека доколку е нешто повозвишено и понеприродно, толку посилно се впрегнува губителот на нашиот живот, ѓаволот, да нѐ собори и да нѐ подложи на спротивната страст. И кој може да ги изброи оние, кои тој успеал да ги собори и да ги победи? И има ли нешто пожалосно од ова? А ние да ја пазиме нашата душа, како зеницата на окото, чиста за Младоженецот Христа, не предавајќи го довереното ни сокровиште на девството, и нема да дозволиме да пострадаме, како што страдаат рибите, измамени со мамката, која се става врз јадицата, па така ја проголтуваат и ја наоѓаат својата смрт. Зашто телесната страст е како јадица, која уништува, а не храни, смртоносна, а не животворна, од која да се избавиме со божјата сила и за идниот живот да бидеме запазени чисти и неизвалкани; да се пазиме сѐ додека има дишење во ноздрите наши, за победоносно да се преселиме оттука и да го добиеме царството небесно во Исуса Христа, нашиот Господ .
279.
1. Пасха – најсаканиот празник, но Пасха духовна – очистување од гревовите и страстите. 2. Нечистиот не може да ја празнува Пасхата.
3. Но, вие сте чисти; вашето живеење води кон Бога.
4. Да бидеме ревносни Пасхата наша да биде чиста и духовна, за да се удостоиме со неа и во идниот живот.
1. Откако ја изминавме средината на постот, со Божја помош, ние веќе гледаме како се приближува Пасха. Но, зошто вака силно сакаме ние да дојдеме до Пасха, која доаѓа и поминува секоја година? Зар ова не го правиме веќе многу години? Ќе дојде и ќе помине и оваа Пасха, бидејќи во овој свет ништо не стои неподвижно, а нашите денови минуваат како сенка (Јов 7, 9), „но дните мои беа побрзи од гласннкот, – далеку побегнаа, не видоа никаде добро“ (Јов 9, 25), додека најпосле не дојдеме до нашиот крај. Па што ќе речеш: зар Пасхата не е сакана? Се разбира, ја сакаме многу и копнееме по неа. И како поинаку може да биде? Но, онаа Пасха, која секојдневно може да се празнува, таа е уште попосакувана. А која е и каква е таа Пасха? Таа е: очистување на гревовите, скрушеност на срцето, солзи умилни, чистота на совеста, умртвување на земните членови на блудот, нечистотата, страстите, лошата похот и секој грев со дело извршуван. Оние што се удостоиле да бидат во ваква прекрасна состојба, тие не еднаш во годината, туку секој ден ја празнуваат Пасхата Господова – многусаканиот празник.
2. Оној што го нема спомнатото, туку е под власта на страстите, како ќе може тој Пасхата да ја празнува? Кој може да ја празнува, ако стомакот му е бог? И кој се распалува со телесна похот, или зависта кого го гризе, или кој од среброљубието е заробен, или од суетата покорен или кој на другите страсти им робува? Може ли болниот кој од оган гори да говори дека спокојно почива, а оној кој претрпел бродолом -дека пловењето негово било успешно? Такво нешто никој не може да прифати. Како што оној кој е во темнина – не е во светлина, така и оној што живее во гревовни дела – Пасхата не може да ја празнува.
3. „Од вас, возљубени, ние очекуваме нешто подобро и спасително“ (Евр. 6, 9) Зашто нашиот живот не е ништо друго, освен подготвување за празнување. Зашто, гледај, што правиме ние? Пееме и пееме псалми, читаме и пак читаме, постојано слушаме поученија, постојано се молиме; тоа е како некој круг, кој нѐ води кон Бога и нѐ соединува со Него. Како е прекрасен ваквиот начин на живеење! Како е блажено и преблажено ваквото живеење!
4. И така, кон Пасхата, како ни се покажува, сакана и посакувана, кон неа да се стремиме и неа, таквата Пасха, да се трудиме секој ден да ја празнуваме, а ова значи: да ги умртвуваме страстите, да ги воскреснуваме добродетелите, да Му подражаваме на Господа, зашто „Христос пострада за вас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петр. 2, 21). Ова не го говорам како да им се правам судија на другите: „Зашто секој ке го понесе својот товар“ (Гал. 6, 5), туку за да ја чувствуваме благодатта, која ни е дадена, и да Му благодариме на Бога и да Го прославуваме нашиот Добротвор, Кој не само што ни дава сѐ што ни е потребно во сегашниот живот, туку и на оние, кои Му работат до крајот – ќе им ги даде и сите ветени блага и на сите нас ќе ни даде да ја празнуваме оваа вечна Пасха, која да ја добиеме сите ние со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос.
280.
Блажено е да страдаме заедно со Христа. Да се воодушевиме и да се подготвиме за страдања.
Светата Четириесетница е веќе при крајот, а се приближува, како нејзина прекрасна круна, спомнувањето на животворните Христови страдања, од кои можеме да придобиеме за себе преголема утеха. Зашто, ако нашиот Бог и Господ бил фатен и затворен заради нашите гревови, тогаш чудно ли е што и нам ни се случува истото, на нас кои сме недостојни Негови слуги? И, ако Он бил одведен врзан во затвор, чудно ли е што и ние тоа го претрпуваме заради нашиот Господ? Но, дури, ако нѐ подложат на бичување, ако треба да нѐ тепаат со шлаканици, да ги истрпиме и тие маки: ако треба да нѐ плукаат, и тоа да го поднесеме; најпосле, ако е потребно и да умреме, доброволно треба да се предадеме и на таквата секогаш блажена смрт.
И блазе му на оној, што ќе се удостои да биде соучесник во некои од спомнатите страдања Христови! Ете, тоа е блаженство! Тоа е бесмртност! Зар не слушаме што говори апостолот: „Никој да не ми досадува веќе, зашто јас ги носам на своето тело белезите на Исус“ (Гал. 6, 17), а, ако е така, никој не ме презира што и јас ги носам на телото мое украсите на сецарот Христа. Таков бил и свети Игнатиј, кој се нарекол себе Богоносец, затоа што ги носел на себе Христовите страдања. Таков бил и свети Евстратиј, кој за време на своите страдања извикувал: Јас сега познав оти во мене живее Христос.
О, блажени извици! О, души преблажени! – Зашто, чии спомени празнуваме? Чии раѓања и упокојувања? Во чија чест ги изградуваме светите храмови? На чии мошти се поклонуваме? Зар не на моштите на мачениците? Зар не и на моштите на исповедниците и преподобните? А, ако тие овде се удостоиле од Господа со таква слава, тогаш какво пресјајно прославување ќе добијат во идниот живот? Ова е несфатливо и неискажливо. – Еве, ова е добрата трговија! Еве ја блажената размена: со мали трудови и подвизи да се добијат вечните и неискажливите блага. И ние да се угледаме на нив: да ја измешаме нашата крв со пресветата крв на Господа. Зашто ова и сега е можно, зашто ни природата е изменета, а не е изменет ни Оној Којшто рекол: „Оти сум Господ, Јас не се изменувам; затоа вие, синовите на Јакова, не бевте уништени“ (Малах. 3, 6). Тој ги љуби сите еднакво, умрел за сите, им припаѓа на сите, како неисцрпна сладост; Тој сака сите да се спасат. – И тоа е за Него богатство, зашто Тој е, како што говори апостолот: „Зашто еден и ист е Господ на сите, богат за сите кои Го повикуваат“ (Рим. 10, 12). Па тогаш, да Го повикаме Него во нашите сегашни околности, и Тој ќе им даде сила и крепост на нашите души; да Го гушнеме Него и Тој ќе ги уништи сите наши видливи и невидливи непријатели; да трпиме и да истрпиме сѐ за Него, и Тој ќе нѐ овенча во денот кога ќе воскреснат мртвите, во денот кога ќе се јави во слава, за кога треба да се удостоиме да застанеме неосудно од десната страна на Неговиот престол, да дадеме добар одговор и да го добиеме царството небесно!
281.
1. Откако ќе ги видиме страдањата на Господа, да посакаме да страдаме заедно со Него.
2. Вие веќе страдавте, но продолжете и понатаму да страдате и да напредувате во сите добродетели.
3. Да се одушевиме со надежта, дека со Него и ќе се прославиме, зашто каква ли ќе биде тогаш радоста на оние што учествувале во Неговите страдања, а каква ќе биде жалоста на оние што отстапуваат од нив?!
4. Помислувајќи за сето ова, да се пазиме чисти од гревови и да напредуваме во секое добро.
1. Денес е Велика Среда, третиот ден од Страсната седмица, ден свет и достоен за поклонување, зашто тогаш Господ почнува да ги прима за нас Своите крсни страдања, според зборовите на Давида: „Зошто се бунат народите, и племињата смислуваат лоши работи? Се креваат царевите земски, и кнезовите се собираат заедно против Господа и Неговиот Помазаник“ (Псал. 2, 1-2). Се собрале лоши луѓе да се советуваат против Својот Господ, кога Јуда се откажува од својот Учител и кога Го продава. А потоа, следи: предавнички целив, врзувањето и водењето на Господа да биде суден од Неговите непријатели. Него, Кој е Судија на сите, Го распрашуваат и Тој им одговара. О, страшно е и да се слуша! Еден од слугите го удара со шлаканица, а Тој долготрпеливо поднесува и говори: „Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли пак добро – зошто Ме удираш?“ (Јован 18, 23). Потоа, Го клеветат и Го осудуваат, па Го исмеваат, се подбиваат со Него, Го плукаат, Го бијат со шлаканици, со трска Го удираат по главата. Го камшикуваат, Го распнуваат на Крстот, на кој што, откако е издигнат се моли: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ (Лука 23, 34). Најпосле Го напојуваат со жолчка и оцет, и бесмртниот умира, откако Му Го предал Својот Дух на Својот Отец, и кога бил веќе мртов – Го прободуваат в ребро. Еве, накусо, такви се страдањата на Господа! И оној што разумно ќе го слуша евангелското раскажување за сето ова, тој нема веќе да се гневи, ни да се лути, ниту да се гордее, ниту да се издигнува над братот свој, ниту да завидува, ниту славољубив да биде, туку на секој начин ќе се труди да се смирува, да се скрушува, да се смета дека е земја и пепел, да сака и тој самиот да учествува во Христовите страдања, да има слична смрт на Неговата, за да биде учесник и во славата на Неговото воскресение.
2. Ви велам, бидете смели! Зашто и вие учествувате во Господовите страдања и останувате во нив. Гледајте каде сте. Зошто? Зар не за Неговите зборови и затоа што сведочите за Него – вас ве гонат и измачуваат? Зар и пред ова вие не бевте во затвори? Зар не ја проливавте вашата крв среде понижувања и навредувања? Зар некои од нашите браќа не пострадаа храбро среде страдања и измачувања? И, еве, каков е нашиот дар! Но, нашата непоколебливост е полна со надеж поради нашата неизменливост, и не можеме да знаеме што ќе ни донесе утрешниот ден; но, ве молам, стојте непоколебливо во Господа, подвизувајте се еднодушно и неизменливо за својата вера евангелска, „ниту од ништо не се плашете од противниците“ (Филип, 1, 28), „да не даваме никому никаков повод за соблазна не даваме за да не биде презрена нашата служба (2. Кор. 6, 3), „туку во сѐ се препорачуваме за служители Божји, со големо трпение, во неволји, во нужди, во текоби“ (2. Кор. 6, 4), во послушност, во смирена мудрост, во кротост, во великодушност, „најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното; зашто уште малку, Оној што иде, ќе дојде и нема да задоцни“ (Евр. 10, 36-37).
3. А, ако дојде и не се забави, тогаш да не паѓаме со духот (сп. Ефес. 3, 13), зар токму тогаш треба да бидеме подготвени да умираме за Господа секој ден? Зашто е напишано: „Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме. Ако истраеме, со Него и ќе царуваме; А ако се одречеме и Тој ќе се одрече од нас. Ако не сме верни, Тој останува верен, бидејќи Сам Себе не може да се одрече“ (2. Тим. 2, 11-13). Каква радост ќе имаат светиите, кога ќе Го видат Господа како доаѓа од небото заедно со Своите ангели, како ги повикува кон радост неискажлива, како ги наградува и овенчува и ги воведува во Своето царство за сите векови и за сета вечност! А какви ли тешки маки ќе доживеат оние, што не поверувале во Евангелието и кои ги погазиле Неговите заповеди, како што е напишано: „Тие со вечна погибел ќе бидат казнети далеку од лицето на Господ и од славата на Неговата моќ, кога ќе дојде Тој за да биде прославен во оној ден сред Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа, а исто така и вие, бидејќи со вера го примивте нашето свидоштво“ (2. Сол. 1, 9-10).
4. Соѕерцавајќи го ова со умот и, помислувајќи за ова, „да се очистиме од секаква нечистота на телото и на духот, исполнувајќи ја светоста во страв Божји“ (2, Кор. 7, 1), да се стремиме кон подоброто и да се издигнуваме кон она што е посовршено: „стојте настрана од злото, прилепувајте се кон доброто; Со својата братска љубов сакајте се срдечно едни со други; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Во усрдноста да не сте колебливи; бидете со горлив дух; служете Му на Господа; радувајте се во надежта, во мака бидете трпеливи, а во молитвата постојани“ (Рим. 12, 9-12), така што, искрено, живеејќи во ваква чистота, да ја отпразнуваме претстојната Пасха достојно и да се удостоиме вечно да се насладуваме со небесните блага.
282.
1. Зар не е прекрасно што е Господ ваков и што вака страда?
2. Сите созданија трепереле од тоа што Го гледале Господа како страда; само ние ли да останеме нечувствителни?
3. За ваквата преголема љубов према нас, и ние да возвратиме со љубов и готовност да претрпиме сѐ – и кога сме и во нашето редовно живеење и кога сме во прогонство.
1. Страдањата на нашиот Господ Исус Христос секогаш ја доведуваат нашата душа во скрушеност и во умиление, особено во деновите на Страсната седмица – на Велики Четврток и на Велики Петок. Кои и какви се страдањата на нашиот Господ? – Советувањето на еврејските старешини против Господа, фаќањето и судењето, водењето на смрт, судењето пред Понтиј Пилат, распрашувањата, тепањето, удирањето со шлаканици, навредувањето, исмевањето, подбивањето, приковувањето на рацете и на нозете врз крстот, подигнувањето на крстот, пиењето на жолчката и оцетот, прободувањето на реброто и сѐ друго, што не можело ни сѐ што е создадено да го поднесе, што не може да го искаже ни човечкиот, ни ангелскиот јазик. Да си помислиме колку е голема и необјаснива оваа тајна! – Господ ги знаел тајните на човечките срца и нивните помисли, но Тој Самиот доброволно пошол да биде суден, таму каде што ќе го осудат на смрт; Тој, Кој држел „сѐ со Својот моќен збор“ (Евр. 1, 3). Тој Самиот се предал во рацете на грешните луѓе, Тој Кој ја сврзува водата во облаците и навреме ја оросува земјата, Тој Самиот се води со она што е речено: „Кој ги исцрпел водите со раката своја и со педа го измерил небото, и со мерка го измерил правот земен, кој ги измерил на терезија планините и ридовите?“ (Иса. 40, 12). Овој Кого Го удара раката на слуга, Тој ја украсил земјата со разновидни цветови, а бил овенчан со трнов венец за да Го посрамат; Оној Кој го насадил дрвото на животот среде рајот, – Тој Самиот бил прикован на дрво за да се подбиваат со Него. О, колку е страшно и неприродно сето ова што го гледаме!
2. Сонцето го видело ова, и се помрачило: земјата почувствувала, и се потресла; почувствувале карпите, и се раздробиле; сета твар се растреперила, гледајќи Го повредувањето на Господа. Така бездушните стихии ја почувствувале неправдата, се исплашиле од Бога и од она што го гледале, ги преминале границите на своето битие и се измениле. Зар ние, кои сме надарени со разум и за кои Христос умрел – нема да се скрушиме и да се расплачеме во текот на овие денови? И нема ли по ова да бидеме понеразумни од неразумните созданија и понечувствителни и од камењата? Да не биде вака во нас, браќа, да не биде! Да се стреснеме и со добра промена да се измениме, да пролиеме солзи, страстите да ги умртвиме, за навредите што Му биле нанесени на Господа, да се отплатиме со поднесување на навреди; за раните Негови, – рани да поднесеме – и во делото на нашето послушание и во претстојното исповедништво.
3. Зар не гледаме колку поттикнувања има во сето ова кон божествената љубов? Кој кога претрпил затворенички маки? А кој за саканиот свој на смрт се предал? А нашиот преблаг Бог претрпел не едно или две страдања, туку безброј страдања претрпел за нас и за нашето спасение. Затоа со право, помислувајќи за сето ова и, чувствувајќи силна љубов према Бога, рекол: „Сигурно знам, дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ“ (Рим. 8, 38-39). Зашто и Бог имал таква љубов према нас, „зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3, 16). Во замена за таквата љубов, немајќи ништо друго достојно од своите дела, светиите се давале себе, своите тела и својата крв ја пролевале, и наоѓајќи се во подвижнички трудови и во страдања, пееле зедно со Давида: „Што да Му дадам на Господа за сите добрини што ми ги направи мене?“ (Псап. 115, 3). – Со таков глас и ние да викаме секогаш кон Господа, со ненаситна расположба на нашата душа непрестано да Му служиме и да работиме за Него и да се стремиме кон сѐ поубавото, та заедно со сите светии да ги наследиме вечните блага.
283.
1. Се радувам за вашите преуспевања во доброто.
2. Но, не задржувајте се, туку гледајте напред, угледувајќи се на светиите и, одушевувајќи се со ветувањата.
1. Јас зборувам со вас затоа што сакам, а не затоа што сум принуден, иако сум задолжен да го правам ова. Зашто ревносно се грижам за вас со Божја ревност, иако сум грешен, јас се радувам на вашето напредување со голема радост. Ако ми се случува често да ве ожалостувам, како што беше и она неодамна, тоа е затоа, за да ја познаете мојата преголема љубов према вас; и оној што ги учи и воспитува децата, тој, ако ги сака ги накажува. Великиот апостол говори: „Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син кого таткото не го казнува?“ (Евр. 12, 7), – „за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток“ (Јак. 1, 4). Зашто говорам отворено, дека сте послушни и покорни, дека строго ги исполнувате заповедите на отците, како можеби никој од оние што се во денешно време под послушништво. Ова го говорам искрено, така како што е вистински. И кој е така еднодушен со Отецот и така го следите во сѐ својот игумен, согласно со заповедите на Господа, како вие што го правите ова, вие кои сте многу искусни и во едното и во другото? А како доказ за ова служат гонењата, прогонствата, затворите, злобата, да стоите во подвигот до крв – во борбата против гревот (сп. Евр. 12, 4). А ова не е од вас, туку е дар Божји, од Кого и да ви биде пофалбата. Другите нека имаат и пари и имоти, манастири и други богатства, а мене ми е доволно што ве имам вас, што ја имам вашата добра слава и што се украсувам со вас, зашто вие сте мојата радост, венецот на мојата слава, животот и секое друго добро.
2. Само ве молам да не отстапувате од вашата добра волја, да не му ставате граница на доброто и на вашето искачување по скалилата на совршенството, туку бидете како оние што се стремат да ги зголемуваат своите земни богатства, кои никогаш не се наситуваат со она што ќе го придобијат, – така и вие во вашето духовно подобрување не престанувајте да копнеете по она што уште не сте го постигнале, сѐ до вашиот последен здив, како што вели апостолот: „Мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се открие кон вас“ (Рим. 8, 18). Зар не гледате во житијата на светиите со каков труд и со какви подвизи ја исполнувале целтта на своето живеење? Зар не гледате со какво пролевање крв и среде какви измачувања мачениците го завршувале својот живот? А зошто? – За да Го придобијат Христа, „ние не целиме кон видливото, туку кон невидливото; бидејќи видливото е времено, а невидливото – вечно“ (2. Кор. 4, 18). Зар не е убаво сонцето? Но, и тоа најпосле ќе помрачи. Зар и месечината не е убава? Но, ќе дојде време кога и таа ќе престане да свети. И звездите ќе попаѓаат од небото. И небото ќе остарее како облека. И се ќе се измени, – и ќе има ново небо и нова земја, како што е напишано и ќе почне неискажливиот живот во Христа и со Христа. Такви ветувања имаме. Со ваквите напомнувања ќе си помагаме на себе, така што со натприродното да го победуваме природното, со божествената љубов да ја победуваме телесната, како што учи апостолот: „Ако сте воскреснале заедно со Христа, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога; мислете на небесното, а не за земното“ (Кол. 3, 1), не валкајте се во тињата на похотта, не навлегувајте во калта на страстите; на таквите крајот им е „нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи. А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос“ (Филип. 3, 19-20).
284.
1. Јас добив рана и побарав лекарство, и, ете, говорам со вас. – Од ова земам поука: штом некој ќе биде духовно ранет, нека брза кон лекарството на покајанието.
2. Не одложувај го покајанието, зашто смртта може да ти дојде, а страшно е да умреме неочистени од нашите гревови, страшно е такви да застанеме на Божјиот суд.
3. Внимавај на себе и не слушај го непријателот, кој те учи да го одложуваш твоето покајание.
1. Ве ожалости раната на мојата нога, и со право, зашто вие сочувствувате со мене и во радоста и во жалоста, зашто вие имате љубов и према браќата и према отците. А јас од ова го земам и предметот на моето поучение. Како и на кој начин? Кога, според моите гревови, ја добив раната, веднаш побарав лекарство и соодветно мирување, па затоа во три дена не можев да бидам со вас. А сега, кога болеста, по Божја милост, е излекувана, јас сум пак со вас и, ете, ви говорам. – Вака бива кога добиваме и духовни повреди. – Ако некој добил рана во срцето преку погледот и слухот или бил понесен со бесовските помисли, се разгорел со злоба, лутина, омраза, завист, противречење, непослушност или од некоја друга страст, веднаш треба да пристапи кон лекување, односно кон покајание, скрушеност, плач, воздивнување и жалост во срцето, како и со други покајни лекарства и, откако ќе се востанови здравјето, треба веднаш да навлеземе во претходната добра душевна располжба. Ако ова не го направиме вака, тогаш кај нас ќе почне да се натрупуваат грев врз грев и рана врз рана, па така ќе стане страста неизлечива и нашата гревовна болест ќе ни се закани со смрт.
2. Но, браќа мои, да не биде вака кај нас. Пред сѐ, треба да се пазиме да не згрешиме, зашто има ли нешто послатко и поблажено од тоа кога ни е душата чиста и кога умот не придобил рани од страстите? А кога ќе се случи да згрешиме, поради слабоста и колебливоста на нашата природа, треба што побрзо да се поправиме, да не оставаме ни еден час во нас да остане нешто неизлекувано, зашто смртта е како крадец, а не знаеме кога ќе дојде крадецот, во полноќ или в зори, а да излеземе од телото неподготвени многу е страшно, а и без тоа многу е страшно да се застане пред Христовиот суд. Зашто, како што говори апостолот: „Словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето. И нема создание сокриено за Него, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној пред Кого ние ќе одговараме“ (Евр. 4, 12-13). „И кога праведникот одвај се спасува, тогаш што ќе стане од безбожниците и грешниците!?“ (1. Петр. 4, 18). Ако пророкот Даниил, кога го видел Божјиот Суд во видение, се престрашил и избезумил, како ли ќе пострадаме ние кога вистински ќе застанеме пред ова судилиште? Пророкот говори: „Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Дан. 7, 10). Кога ќе дојде овој час, кој ќе може да устои и да ја запази својата присебност? – Никој, освен оној што има вистинска вера и добри дела; никој, освен оној кој ги придобил храброста, правдата и целомудрието, освен синот на послушноста.
3. Затоа, треба да внимаваме на себе и да се пазиме, и секој час да го очекуваме нашето излегување од телото. И нема да се сокрие нашиот непријател, човекоубиецот, кој секогаш нѐ поткрадува, кој секогаш нѐ учи сегашното време од нашиот живот да го минуваме во безгрижност и неработење, а извршувањето на Божјите заповеди секогаш да ги одлагаме за во иднина. Таков е сатаната, тој секогаш нѐ мами со привлечниот изглед на гревот. Но, да се трудиме секогаш да го одбиваме и да го прогонуваме со силата Божја. Затоа и јас смирениот во овој час ви се обраќам со моиве зборови, за да се утешите и взаемно да се утешувате со моите напомнувања. Зашто, напомнувањето секогаш ја обновува душата. И, правејќи го ова по углед на нашите отци, јас знам и сум уверен дека на овој начин ќе успееме во нашето спасение: ќе Го умилостивиме Бога и ќе се удостоиме да го добиеме Неговото царство.
285.
1. Ги повикува браќата да Му благодарат на Бога што и во туѓа земја ги дарува со секакво изобилство.
2. А за да не бидат лишени од таквата милост, ги убедува да не се скудни во ревноста да Му угодуваат на Бога – и во верата и во надежта.
1. Должни сме да Му благодариме на Бога и Господа за добрините што ни ги прави, особено за овие што ги прави за нас во оваа туѓа земја, така што, иако сме овде прогнати, живееме како да сме во манастир, и не само што ги задоволуваме нашите потреби, туку успеваме да ги задоволуваме потребите и на оние што доаѓаат при нас. Зашто, гледате ли колкумина наши браќа непрестано доаѓаат кај нас од секаде? И каде можат тие да се обратат, освен кај Бога и при нашето смирение? Гледате колку наши браќа и отци доаѓаат при нас, зашто се во голема сиромаштија? И речеси немаме ни еден ден без престојување на некого од нив? Божјата сила се познава и по ова, според нашата вера и надеж; ние, сепак, не сме имале недостаток во она што ни е потребно, напротив, сѐ имаме во изобилство. При ова што друго можеме да кажеме, освен дека верен е Оној Кој рекол: „Барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придодаде“ (Матеј 6, 33). – И навистина нам ни се додаде „во изобилие пченица и вино“ (Псал. 4, 7) и во другите потреби и сѐ друго преку нашите очекувања, така што и немаме соодветни сили достојно да Му благодариме на Бога за Неговите безбројни добрини према нас. Ако и сме малку стеснувани и оптоварувани со ваквите приеми, но гледајте колкава ни е наградата за ова. Колку голема благодарност Му должиме на Бога?! Самите управители на манастирите се чудат: како она што тие немаат сили да го прават, – како сето тоа за нас го прави Бог? Зошто? – Силата Божја се пројавува во сето ова – според нашата вера и надеж. И мене ми се чини, дека сето ова што станува сега со нас е многу слично на она што станувало со Израилците во пустината. Ете, четврта година како ние не сееме и не жиееме, и за сето ова време ни дава доволно телесна храна. Он не ни давал мана од небото, но ги отворил за нас житниците на оние што имаат во изобилство, она што е потребно за исхрана на гладните. Он не ни источи вода од карпа, но ни источи вино од винските садови на благочестивите садови со нивните сопствени раце. Бог ја покажа Својата дарежливост и на многу други начини, за што ми е неудобно да говорам. Зар сето ова не е пречудно и достојно за секаква пофалба? – Ќе кажам и нешто друго со зборовите на апостолот: „нѐ сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сѐ имаме“ (2. Кор. 6, 10).
2. Еве, вакви се даровите на нашиот преблаг Бог! Толкави се Неговите добрини према нас! И страв ме опфаќа, за со нашата нечувствителност према сето ова да не Го навредиме нашиот Добротвор. Да внимаваме, браќа, на себе, да внимаваме сите заедно, и тие што сме овде и оние што се одделени од нас, со сета наша усрдност да ја извршуваме заповедта на Господа: „Да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела“ (Евр. 10, 24), да не си дозволуваме да живееме безгрижно, да не ја извршуваме волјата на телото и на нашите помисли, да не мрмориме и не роптаме, и да не Го искушуваме Господа, слично на искушувачот, дали може Он и во иднина да ја направи таа и таа работа. Напишано е: „сѐ е можно за оној што верува!“ (Марко 9, 23). Затоа, ако веруваме искрено, Господ ќе ни даде сѐ, за што Му се молиме, сѐ што ни е потребно за нашето спасение, а и за одржување на нашиот телесен живот. И на овој начин успешно ќе поминеме низ пустината на овој живот, бидејќи просветувани со вистинската светлина, ќе ги натераме во бегство невидливите Амаликијци, кои се вооружени со силно духовно оружје, и ќе влеземе не во земјата ветена, зашто ние не го бараме она што е привремено и преодно, – туку ќе влеземе во царството небесно, зашто е верен Оној што ветил: „Блажени се гонетите заради правда, бодејќи нивно е царството небесно!“ (Матеј 5, 10).
286.
1. Надворешните искушенија се човечки и лесни.
2. Тие од демоните се потешки, но и нив ќе ги победиме со Божјата помош, ако не бидеме скудни во ревноста да се спротивставуваме.
3. Оваа борба и ова мачеништво никогаш не престануваат.
1. Кога нѐ снајдоа сите овие страдања токму сега можеме да кажеме заедно со апостолот: „Друго искушение вас не ве зафати, освен човечко“ (1. Кор. 10, 13). Ова го говориме по Повод Теоктист, добриот старец, кој е наш по сѐ. А какво е ова искушение? Тој е заточен на островот Халкит, а неговиот старец бил наклеветен од своите потчинети, дека божемски не ги спомнува државните власти, и бил подложен на страшно тепање. Искушенијата се разгоруваат, а нас нѐ сметаат за виновници на ваквите искушенија, зашто како можеме да замислиме дека оној на кого му е доверено управувањето со манастирот дека не ги спомнувал во своите молитви државните власти? Или како можеме да претпоставиме, дека оние што се спасија од затвор, браќата и отците, што живееле во градовите да не ги вознемируваат еретиците? „Затоа излезете од нивната средина и одделете се! Вели Господ, и ‘не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!’“ (2. Кор. 6, 17; Иса. 52, 11; Откр. 18, 4). Оние што постапуваат спротивно на ова доживуваат тешкотии. Затоа ние смирените се оддалечивме од оние што живеат во градот и живееме во градската околина, „но, она што го правам, ќе го правам и понатаму за да не им дадам повод на оние, кои бараат повод“ (2. Кор. 11, 12): и досега Господ нѐ запази незасегнати. Но, и понатаму ќе нѐ запазува, ако внимаваме на себе, ако не говориме неодговорно за едно и за друго, и ако не потслушнуваме зборови суетни и лоши. Еве што говори апостолот: „Зборот наш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате“ (Кол 4, 6), а братот Божји вели: „Зборувајте и постапувајте како оние што ќе бидат судени според законот на слободата“ (Јак. 2, 12). Па така, можеме да бидеме уверени, дека нема без време да паднеме во искушение и дека ќе се избавиме од сегашните зла, како од мрежи.
2. И, ете, токму тоа е човечкото искушение, кое е лесно. Демонското искушение е тешко, многу тешко и скриено. Непријателот седи покрај нас секој ден, секој час и секој миг, за да нѐ искуша, а со тоа го прави и нашето спротивставување и нашата победа многу тешки. Но, бидејќи грижата и ревноста успеваат да постигнат сѐ што бараме, тогаш ревносно да се спротивставуваме на демонските искушенија и ќе победиме со помошта на Христа, зашто Тој заедно со нас ги поднесува искушенијата, па затоа и рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15, 5). Да бидеме ревносни и да не дозволиме да паднеме од ова искушение и да не бидеме победени од раката на ѓаволот. Ова наше сегашно заточение на овој остров всушност и не е заточение. Вистинско заточение е – да се биде отфрлен од Бога и фрлен во крајната темнина. Исто така, и тукашното камшикување со толку и толку удари – и не е вистинско камшикување. Вистинското камшикување е таму, каде ударите се безбројни и страдањата бескрајни. Господ говори: „ќе излезат, кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“ (Јован 5, 29). Од ова да се исплашиме и да се растрепериме, да се бориме против него со силата на Светиот Дух, која е во нас: „Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја станува моќно за рушење тврдини; со него ние уништуваме мудрувања. И секое горделивост, што се крева против познанието за Бога, и заробуваме секој ум за да Му биде покорен на Христа; и спремни сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се исполни вашата послушност“ (2. Кор. 10, 4-6); и тоа постојано.
3. Еве ја непрестаната борба! Еве го непрестаното големо страдање! Зашто кој е тој, кој постојано е напаѓан од лоши помисли, што не им се предава и не ги преклонува своите колена пред Ваалот, ако се спротивставува и ако ги победува страстите – похотата, гневот, лутината, стравот, и кој секојдневно ги претрпува маките и може заедно со апостолот да рече: „Секој ден умирам, браќа, се колнам во пофалбата ваша, која ја имам во Христос Исус, нашиот Господ“ (1. Кор. 15, 31); а кон крајот на своите подвизи кон ова смело ќе додаде: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив, понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото појавување“ (2. Тим. 4, 7-8). Да можеме со право и сите Да кажеме и потоа да бидеме вистински украсени со венецот на правдата и да влеземе во царството небесно!
287.
1. Нашата природа е сонлива и мрзлива. Зборовите за ветувањата ја возбудуваат.
2. Преподобните и мачениците го покажале ова на дело.
3. А ние зошто спиеме? – Да станеме и да појдеме кон слободата од похотата и од страстите. 4. И ќе ги вкусиме рајските радости и имоти.
1. Каков подвиг треба да има учителот за своите ученици, покажува апостолот кога му говори на својот ученик Тимотеја: „Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука; зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење“ (2. Тим. 4, 2-3). Бидејќи нашата природа е замрена, наклонета надолу, и заборава за учењето, таа секогаш има потреба да биде поттикнувана и возбудувана, со удар на зборовите како со остен за да се разбуди како од сон и да ја види радоста што ѝ претстои. Зар на нас не ни е ветено царството небесно? Зар не ни е ветен вечниот живот? Зар не ни е ветена неискажливата веселба и рајската сладост? Зар не ни се ветени чест еднаква со ангелската и вечен спокој?
2. Зошто се овие вериги и затвори? Зошто се прогоните и озлобеностите? Зошто се маките и смртта? Не ли се затоа: за да се удостоиме со вечните блага и да ги избегнеме страшните маки? Гледајте, со каква радост мачениците ја пролевале својата крв, со каква готовност оделе под меч, во оган, пред ѕверови и секаков вид измачувања и страдања. Исто така, гледајте со каква готовност и со какво задоволство преподобните го умртвуваат своето тело, не сакајќи ништо повеќе од самите добродетели.
3. А ние зошто дремеме? Зошто им се предаваме на погубните и смртоносните страсти, кои се поостри и од стрелите, со кои го рануваат нашето срце? – „Затоа излезете од нивната средина и одделете се! Вели Господ“ (2. Кор. 6, 17). Да излеземе од нив, како од Содом и Гомор, кои изгореле во оган и распален сулфур: да го оставиме телесното мудрување, кое му се противи на духот и се бори против него; да се ослободиме од пристрасностите, кои нѐ заробуваат, – и ќе најдеме спокој за нашите души. А што може да биде поспокојно за нашата душа од тоа: кога таа не е возиемирувана од страстите и кога има мир со Бога?
4. А, ете, во ова е радоста и веселбата! Во тоа се блажената утеха и сладоста! – Сакаме ли да ја вкусиме оваа сладост и утеха? – Тогаш треба да бегаме од телесната сласт, која раѓа гниење и смрт. Зашто апостолот говори: „Кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел, а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“ (Гал, 6, 8). Сакаме ли да се покажеме славни? – Да ја презреме суетната човечка слава, да се облечеме со смирена мудрост и да се украсиме со секое добро дело. На овој начин и сегашниот живот ќе го завршиме добро, а и во идниот ќе се удостоиме со вечните блага, со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос.
288.
1. Сегашното гонење слабее, но сепак треба да се трпи; и сегашниов род има пофалба во ова.
2. Но, секогаш да бидеме готови без страв да ги претрпуваме нападите на Православието. 3. А со нашиот невидлив непријател да се бориме непрестано.
4. Да бидеме силни во надежта на Бога, и Тој ќе ни подари сила.
1. Во текот на овие три години ние живееме еден вид нов живот: не сме сосема гонети; можеме да се гледаме и да се посетуваме еден со друг. А, сепак, не можеме да кажеме дека не сме сосема гонети. И ова е дело на човекољубивиот Бог, зашто виде дека сме истоштени од претходното гонење; сега не нѐ затвораат, но, по Својата божествена промисла гонењето не го прекратил. Па затоа мислам дека малкумина се оние што се гонети заради Господа. И кога гледам колкумина браќа секој ден доаѓаат при нас овде, имам едно чувство на олеснение, што има толку многу од оние, кои не ги преклониле своите колена пред Ваалот, но се запазиле за Господа, како небесни ѕвезди, на секое Место од Неговото владеење. Така има пофалба и сегашното поколение за оние што доаѓаат, зашто Бог навистина е во нас, и Црквата не ја загубила Својата сила, според верното ветување на Господа. Напаѓањата врз неа уште од почетокот се како морска пена: тие престанувале, а Светата Црква е како камен неразрушлива; таа продолжува да постои со истата вера и со истото исповедување.
2. Ние треба да се радуваме на ова и да ликуваме, но истовремено треба да бидеме будни и подготвени, зашто искушенијата одеднаш пак можат да започнат, бидејќи ние сме должни да ја запазуваме верата низ многу и многу искушенија, во текот на целиот живот, дури до последниот здив. Да не се плашиме од страшните гласови што се шират, да не се плашиме од камшици, кои го разурнуваат телото, ни од затворите, кои го истоштуваат телото, ниту од некои други човечки напади, но да се плашиме само од Единиот Бог, по Чија волја се движи сѐ; да се плашиме и од вечните маки, кои се неискажливо страшни: сѐ што е во сегашниот живот, и радостите и жалостите, сѐ е како сон и брзо минува, па затоа е и напишано: „Нивните стрели не полетаа“ (Псал. 63, 7).
3. Но, со нив, сепак, треба да се бориме, особено со нашиот невидлив гонител, кој нѐ напаѓа секој ден, кој, не со видливи камшици, но со невидливи помисли, не престанува да нѐ удара, не престанува да нѐ гори, не со земен оган, туку со страшни похоти и со многу други страсти ја искушува и напаѓа нашата душа. Апостолот заповеда: „Стојте, откако ќе се опашете со вистина и ќе се облечете во оклопот на праведноста, и нозете да ви бидат обуени во подготвеност за да благовестите мир. А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот; земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо“ (Ефес. 6, 14-17). Така и ние смирените велиме и молиме: да не бидеме малодушни во маките и да попуштаме во искушенијата, знаејќи дека колку повеќе искушенија претрпиме, толку повеќе венци ќе добиеме.
4. А Бог да ви даде сила, зашто Тој е и силен да го направи она што го ветил; Тој е силен не само да ни помогне да ги истрпиме раните, туку да нѐ запази и од оган, и од меч, и од ѕверови и секое друго зло. Бидејќи убеден во ова, апостолот говори: „Во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној Кој нѐ возљуби. Зашто сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ“ (Рим. 8, 37-38). Ако одлучиме вака да дејствуваме, тогаш ќе бидеме во состојба на непрестаен маченички подвиг, и ќе имаме дел заедно со нив.
289.
1. Гонењето е дар: треба да живееме во гонење достојно на овој дар; се укажува како.
2. Спротивно на ова, особено се осудува животот на оние кои водат посебен живот, поради лошите последици од таквото живеење, а имено: алчноста, мрзливоста и паѓањата.
3. Ги убедува сите да живеат трезвено и ревносно.
1. Во ова гонење Бог ни го дал Својот најголем дар, како што и Самиот вели во Евангелието: „Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно“ (Матеј 5, 10). Да гледаме да не живееме недостојно на таквото ублажување, да не го претвориме ова гонење во наша осуда. Гонетиот не треба да има осамен живот, туку треба да живее заедно со другите браќа. Зашто Господ вели: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив“ (Матеј 18, 20). А потоа, тој не треба да има излегувања, освен оние најнеопходните, и да се занимава со молитва, молење, читање, пеење псалми, рачна работа и со друго нешто, што е вообичаено кај нас, да избегнува видувања со жени, да се оддалечува „од секој брат, кој живее неуредно“ (1. Сол. 3, 6), да биде добродушен, благодарен, со добра надеж, задоволен од она што го има, подготвен да прими страдања за Христа: зашто таму каде што има гонења, таму има и страдања.
2. Оној што живее сам – наследството му е лошо, зашто во Светото Писмо е речно: „Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го крене другарот свој. Но, тешко на еден, ако падне, ќе нема друг, кој да го крене“ (Проп. 4, 10); оние од нив, кои имаат слуги, тие ја загубуваат монашката слобода, а оние што купуваат ниви, лозја, волови, мулиња, – ја навлекуваат на себеси Гниежливата проказа. Од ова се раѓаат: среброљубието, алчноста, непостојанствата, немањето желба за живеење со други браќа, навиката да се живее на посебен начин и според својата волја, зашто како што вели апостолот: „Поради вас името Божјо се хули меѓу незнабошците“ (Рим. 2, 24), како и душевно паѓање, зашто, како нема да падне оној што не живее внимателно? Апостолот говори: „Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тој храм сте вие“ (1. Кор. 3, 16-17). И пак на друго место говори: „Не лажете се: ни блудниците, ниту идолопоклониците, ни ракоблудејците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни разбојниците нема да го наследат царството Божјо“ (1. Кор. 6, 9-10). А можат ли да си ги дозволуваат овие работи оние, за кои се говори: „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое заедно со страстите свои и похотите“ (Гал. 5, 24); уште: „Не сте од светот“ (Јован 15, 19): и уште: „Нашето жителство е на небесата“ (Филип. 3, 20).
3. Зошто го загубуваме нашето блаженство? Зошто го унижуваме ваквото наше благородно призвание? Зошто не се угледаме на нашите браќа, кои живеат добро и пофално и пред Бога и пред луѓето? Не е ли време најпосле да се отрeзниме? Не е ли време да се вратиме кон нашето призвание? Не е ли време да почнеме да се грижиме за нашето спасение, да си го замислиме нашето умирање и застанување пред Христовото судилиште? Не знаеме ли дека ќе треба да дадеме одговор за секој празен збор? Каков одговор ќе дадеме за нашите големи и тешки гревови? Но, да се отрезниме барем при крајот на нашиот живот, да ги отфрлиме страстите, „да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината“ (Рим. 13, 12), внимателно да ги пазиме нашите срца и да се трудиме на секој начин да Му угодуваме на Господа, за на овој начин да се спасиме и да ги наследиме вечните блага.
290.
1. Се упокои оној што го видов како умира, и со нас ќе биде вака; зошто толку многу се грижиме за нашето тело?
2. Тој се измачуваше на својата смртна постела; тогаш нѐ напаѓаат помислите што сме ги сакале: добрите нѐ утешуваат, а лошите – нѐ измачуваат.
3. Да не се врзуваме – ни со страстите, ниту со страсните помисли.
1. Има ли за душата нешто поблаготворно и поспасоносно од спомнувањето за смртта? Токму ова ме поттикнува да говорам по повод смртта на Енејскиот епископ, кого го видовте како умираше; од тоа имавме корист, нашето срце се исполни со радост, зашто видовме што имаше во него. – Така, тој си отиде и веќе нема да се врати во овој живот. За него веќе не се потребни ни небото, ни земјата, ни морето, ни сонцето, ни месечината, ни ѕвездите: тој веќе нема потреба да го дише овој воздух, ни да испушта глас низ грлото свое, ни да гледа со телесните очи, ни да слуша, ни да мириса со ноздрите, ни да допира со рацете, ни со нозете да оди и нешто друго да прави од она што му е својствено на овој живот, ни големо, ни мало; за него вратите негови засекогаш се затворени. И тој сега ги чека Судот и пресудата. Пресудата е уште скриена, како што е напишано: „Сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното, зашто Бог предвиде нешто подобро, та тие без нас да не примат совршенство“ (Евр. 11, 39-40). Зар и ние нема да се претвориме во земја, од која сме и земени? Зар и ние нема вака да умреме и да станеме прав и пепел? Да погледнеме во гробовите и да видиме каков е крајот на нашето тело. Зошто толку се грижиме за ова наше бедно тело, кое по малку време ќе го предадеме на земјата и на црвите? – Зошто се исполнуваме со страсти, со кои ќе се сретнеме по излегувањето од телото?
2. Оној што умираше говореше, дека му се јавиле двајца, жена и маж, и дека безмилосно го изобличувале. Од тоа тој стенкаше, се тресеше и бараше помош, плашејќи се од смртта, од излегувањето од телото. Гледате ли каков е судот на смртта? – Демоните застануваат како наши обвинители и судии. И тогаш бива: со какви мисли сме се занимавале, сме ги прифаќале и во дело сме ги приводиле, нив ќе ги гледаме и тогаш, кога душата наша ќе се разделува од телото ако: „Секогаш Го гледав пред себе Господа“ (Псал. 15, 8), ако чувствуваме, дека е до нас близу пазителот на нашиот живот, ангелот, ако си замислуваме некои од светиите, тогаш и ќе ги видиме при нашето последно издивнување; а ако, напротив, ако си претставуваме во себе гревовни ликови и бесовски помисли скриваме во себе, тогаш нив ќе ги сретнеме, а тоа е и жално и погубно.
3. Зашто, за добродетелниот смртта е како сон, како и Господ што рекол: „Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе одам да го разбудам“ (Јован 11, 11). А, ако е таа за ваквиот човек како сон, тогаш е таа за него и причина за успокојување и станува почеток на вечниот живот, како што вели апостолот: „Христос воскресна од мртвите, и со тоа стана првина за упокоените, а кога ова распадливото тело ќе се облече во нераспадливост, и она смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: ,Победата ја проголта смртта’“ (1. Кор. 15, 20, 54-57). – И, ете, смртта е проголтана! Ете, победата е дарувана! Зашто Господ говори: „На оној што победува ќе му дадам да јаде од дрвото на животот што е сред Божјиот рај“ (Откр. 2, 7). Еве, откриено е и отворено царството небесно! Еве, сега ни претстои многублажениот подвиг! На оној што победува му претстои венец и вкусување на вечниот живот. Да се потрудиме и ние да го победиме ѓаволот, да ги уништиме страстите, потполно да се очистиме од секое зло и да ги придобиеме добродетелите, за да станеме жители на рајот и да се удостоиме да вкусуваме од дрвото на животот.
291.
1. За спасението треба да се трудиме непрестано и со силна ревност.
2. Земните војници усрдно му служат на земниот цар заради земни ветувања, а ние треба да Му служиме на Небесниот заради небесните и вечни награди.
3. Погледнете ги светиите: какви сѐ луѓе, нема меѓу нив, но ни еден од нив не бил мрзлив и неработлив. И меѓу нив има такви што паднале, но веднаш потоа се покајале и ревносно Му служеле и угодувале на Бога.
4. Стани, мрзливецу, слушај ги советите на апостолот и биди ревносен.
1. Премудриот говори: „сѐ има свое време, и секоја работа под небото има свое време“ (Проп. 3, 1). А времето кога треба да се трудиме за нашето спасение е постојано. Зашто апостолот говори: „Радувајте се секогаш. Молете се постојано. Благодарете за сѐ“ (1.Сол. 5, 16-18). Нашето спасение се определува со овие три добродетели: зашто радоста е признак дека се извршува секоја правда; непрестаната молитва не му дава на ѓаволот можност да нѐ напаѓа, а благодарењето е сведоштво за тоа дека Го сакаме Бога, без да бидеме некогаш малодушни, без да бидеме раслабувани со неработење – ни во извршувањето на послушанието, ни во пеењето на псалмите, ни во рачната работа, туку, извршувајќи го сето тоа со доброволна расположба, „како добри управители на разнообразната Божја благодат“ (1. Петр. 4, 10).
2. Зар не гледате со каква усрдност војниците брзаат заедно со царот да ја извршуваат својата работа? – На војна, на колеж, на смрт. Тие се устремуваат на сѐ: заради преодна слава, и за брзопреодно богатство. А ние, кои сме повикани во царството небесно, во радост неискажлива, во живот вечен, зар мрзливо и безгрижно, а не со ревност и будност ќе покажеме дека сме добри Христови војници?
3. Читајте ја книгава што ја држам в раце: во неа ќе се запознаете со животите на неисплашливите наши отци. Колку е голема нивната ревност! Какво силно горење на духот! Какви подвизи! И како ги прославил преблагиот Бог, ги покажал како некакви богови преку знаците и чудесата што ги правеле. Биле прославени не само оние, кои од самиот почеток биле добри и не познале грев, туку и такви што се оддалечувале од добриот пат и кои познавале гревови, но кои се поправиле преку искрено покајание, така што никој од нас нема никакво оправдание да биде безгрижен за своето спасение. Да се покаеме и да го омекнеме нашето окаменето и нечувствително срце.
4. Кон ваквите извикува апостолот: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли“ ( Ефес. 5, 14). „Или, пак, го презираш богатството на Божјата благост, стрпливост и долготрпеливост, не разбирајќи дека Божјата благост те води кон покајување? Но, поради твојата тврдокорност и непокајното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие преведниот суд од Бога, Кој секому ќе му даде според неговите дела“ (Рим. 2, 4-6). Погледни го ова, безгрижен, исплаши се од она што те чека; стани од сонот на незагриженоста. Ете, се упокои и си замина и братот Кандид, а пред него се упокоија други, а по нив ќе појдат други, ќе појдеме сите. Нема ни еден којшто ќе остане засекогаш овде. Сите ќе преминеме од другата страна. Но, блазе му на оној кој живеел добро и кој својата трговија добро ја завршил: за привременото добил вечно и за полошото – добил подобро. Но, браќа, бидејќи пазарот е уште отворен и уште може да се придобие царството небесно, дојдете, браќа и отци, дојдете сите, сите да се разбудиме, да бидеме трезвени и да побрзаме да ги купиме божествените и вечни блага, та заедно со сите наши браќа да станеме наследници на царството небесно.
292.
1. На сите им заповедам неотстапно да се грижат ревносно за своето спасение.
2. При што, треба да се пазиме да не судиме за другите по надворешноста, зашто главна е внатрешната расположба.
3. И секој ревносно да се труди за ова внатрешно, да не ги прифаќа лошите помисли, да не го дозволува раздвижувањето на страстите, зашто ова го растројува она што е внатре.
1. Оние што се трудат ревносно за своето спасение, ги молам да се трудат уште поревносно, а оние што воопшто не се трудат да се разбудат и да почнат да се трудат, зашто, ова можеме да го направиме само додека сме живи и овде на земјава. Затоа, светиот апостол, говори: „Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!“ (2. Кор. 6, 2), кое, ако го загубиме, другпат веќе никогаш нема да го најдеме. Дури ни еден единствен ден да не ни помине во неработење и безгрижност, туку ревносно да се трудиме во текот на нашиот земен живот да се збогатуваме со нешто од вечните сокровиште: молитвата, молењето, прозбата, благодарењето, солзите, скрушеноста, просветувањето на умот и небесните соѕерцанија.
2. Затоа, за братот наш не треба да судиме според она што е во нас, туку треба да мислиме дека секој се труди за своето спасение скриено, иако однадвор ни се чини поинаку. Зар не се случувало кај нашите отци, многумина што се криеле, не покажувале што има во нив, се просветиле повеќе од оние, кои однадвор се чинеле такви? И во нашето братство многупати се случувало, дека многумина од неважните и неславните се просветувале повеќе од другите за време на исповедништвото. – Зошто е ова вака? Мислам дека ова не доаѓа од видливата ревност и грижа, туку од внатрешната расположба. Зашто таму каде што има мирна среденост и чистота на срцето, кроткост и безмолвие, таму е царството на добродетелите. И Господ погледнува токму таму, како што е напишано: „Зашто, сето тоа го создаде Мојата рака, и сето тоа е Мое, вели Господ. А еве на кого ќе погледнам: на смирениот и паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово“ (Иса. 66, 2).
3. Секој да почне ревносно да се труди да се покаже со чиста совест пред Господа, без да му ги отвора вратите на ѓаволот преку примањето на грешните помисли. Зашто знаете дека, кога ги примаме, ние тогаш подивуваме, се изменуваме, собираме во себе некаква горчина под вид на сладост и задоволство; а кога се отрезнуваме, кога пак си доаѓаме на себе си и се враќаме на доброто, тогаш пак ги вкусуваме мирот и тишината, која е послатка и од медот; се чувствуваме како оној што навлегол во тивко пристаниште по бурна разбранетост па морската шир. И затоа е вистинско чудо, што ние, иако знаеме дека добродетелта е слатка, мила, сакана, а гревот горчив, погубен и одвратен, со гревот се восхитуваме и кон него се приврзуваме повеќе, отколку кон добродетелта. Ова е главно од немоќта на нашата природа и од тоа што „и Господ го почувствува мирисот пријатен, па рече Господ Бог, помислувајќи: ,Нема повеќе да ја проколнувам земјата поради човекот, зашто помислите на срцето човечко се зли уште од младини; и нема повеќе да ги уништувам живите суштества, што ги создадовʼˮ (1. Мој. 8, 21). Но, да не се задржуваме и да не ги жалиме нашите услиби, за да се вратиме на вистинскиот пат; и Господ, гледајќи го нашиот труд, ќе се одмазди за нас и за нашите тешки усилби ќе нѐ награди со вечна награда, а за трпеливоста при овие тешкотии – ќе нѐ овенча со венци на правдата и ќе се удостоиме да се вселиме заедно со сите светии во Неговото царство.
293.
1. Да внимаваме и будно да се бориме, зашто имаме многу непријатели и тие никогаш не спијат. – Но, воопшто не треба да се боиме од нив, зашто ние имаме силни помошници и непобедливи оружја.
2. Во видливите борби на победниците им се даваат венци, а во нашата борба, оној што не му се предал на непријателот, веќе се смета за победник и е овенчуван.
3. Да покажеме храброст во противставувањето, и блажени ќе бидеме наречени.
1. Напрегнато и непрекидно да внимаваме за себе, зашто оние што војуваат против нас не отстапуваат ни дење, ни ноќе. Кои се нашите непријатели? – Духовите на злобата, оние што владеат со темнината на овој свет, чиј број е неизброив и нивната омраза против нас – неописива. Но, сепак, не треба да се плашиме и да губиме дух. Имаме и ние соборци и закрилници – Светиот Дух и нашиот Господ Исус Христос, Кој, „ги зеде на Себе нашите немоќи и ги понесе болестите“ (Матеј 8, 17). „Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне“ (Евр. 2, 18), а кон Кого со смелост извикуваме: „Пресуди им, Господи, на оние кои ме навредуваат, и собори ги оние што се борат против мене; земи оружје и штит и дојди ми на помош; извади го мечот и пресретни ги гонителите мои; кажи ѝ на душата моја: Јас сум спасение Твое!“ (Псап. 34, 1-3). Зашто навистина нашите непријатели нѐ гонат и ја бараат нашата смрт, ставајќи соблазни на нашите патишта и трудејќи се на секој начин да нѐ фрлат во бездната на гревот. Но, и ние, како Христови војници, им се спротивставуваме, „да бидеме трезни и облечени во оклопот на верата и љубовта и шлемот на надежта за спасение“ (1. Сол. 5, 8), зашто со овие оружја непријателот е прогонуван.
2. И, ете, што е чудно што ние, и за време на оваа борба, сме овенчувани со венци. А во телесните борби во арените, ако борецот не го победи својот противник, тој не е овенчуван. А овде, во нашата борба, ако не бидеме победени од нашиот противник, со тоа самото – сме овенчувани. Ова е јасно врз основа на едно откровение на еден од нашите отци за некој ученик, кој седумпати бил напаѓан да си даде одмор без благослов на својот старец, и седумпати ги одбил овие напади, и на тој начин се покажал како победник. За ваквото трпење бил овенчан со победнички венец. Па затоа, ако ни се даваат венци и за време на самата борба, ве молам, браќа, храбро да им се спротивставуваме на нашите непријатели, без да се изморуваме од продолжувањето на борбата. Не била ли света Сара четириесет години напаѓана од бесот на блудот? – Но, не била малодушна и не попуштила во борбата. Исто така, не ли ви е познато како еден послушник, кој бил напаѓан од истиот бес, кога неговиот игумен го прашал дали сака тој да се помоли за него, за да му престане таа борба, не се согласил, зашто знаел оти за претрпените напади – му се подготвуваат победни венци.
3. За одбивање на овие напади во ваквата борба ништо не е така силно, како што се силни молитвата, солзите и скрушеноста на срцето. Па затоа, кога ќе те нападне непријателот, или кога ќе ти нанесе рана поради невнимателност, кога ќе ја пушта стрелата па похотата во твоето срце, веднаш употреби ја против него молитвата, – и тој веднаш ќе избега; пролиј солзи, и веднаш ќе изгасне разгорениот јаглен па прелесната сласт. И блажен е оној што непрестано се приморува да го извршува Божјото дело, претрпувајќи ги тешкотиите на послушанието и, запазувајќи ја неповредена својата непорочност. И кога ќе дојде до крајот на својот подвиг, тој ќе премине отгука со радост неизречена и нема да се исплаши „од лоши гласови нема да се уплаши; срцето му е спремно, зашто се надева во Господа“ (Псал. 111, 7), како што пее светиот цар Давид. Зар не гледаме како се враќаат оние војници, кои ја покажале својата храброст во борбите? Се враќаат весели и радосни, покажувајќи ги своите одликувања за покажаната храброст во борбите. Така е и со оној, кој ја покажал својата храброст во духовната борба и кој се подвизувал со добар подвиг, и тој славно ќе се прослави во големиот град, чиј архитект и уметник е Бог; ќе биде пофален и од светите ангели, а ќе биде овенчан од Господа и ќе ги наследи вечните радости, кои да се удостоиме да ги придобиеме и ние со благодатта на нашиот Господ Исус Христос.
294.
Бог ни испраќа страдања и гонења, за да нѐ испита, а кога ќе нѐ испита, ги прекинува. Нашето гонење продолжува затоа што уште не сме ги претрпеле сите маки.
Желбата на нашето срце и молитвата кон Бога е за мирот на Божјата Црква. Зашто има ли нешто и поблаготворно од мирот, кога можеме тивок и невознемируван живот да имаме во нашите манастири? – Но, продолжувањето на гонењето може да биде корисно во тоа – што им дава можност да се пројават оние што се најискусни во верата. Затоа, апостолот и вели: „Затоа уживам во слабости, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христос, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Кор. 12, 10). Затоа, треба да не прашуваме до кога, туку сета наша жалост да ја возложиме на Господа, Кој знае како и на кој начин ова да го направи корисно за нас. Слушај што говори Светото Писмо: „По тие настани Бог, искушувајќи го Авраама, рече: ,Аврааме!“ А тој одговори: „Еве ме’“ (1. Мој. 22, 1). Можеби ќе речеш дека не го искушувал многу. Не, напротив, го искушувал и во текот на многу години и со многу искушенија, и кога видел дека станал совршен во верата тогаш му рекол: „И ангелот продолжи: ,Не кревај рака своја на детето, и не прави му ништо! Еве, сега знам, зашто се плашиш од Бога штом не го пожали ни саканиот свој син заради Мене“ (1. Мој. 22, 12). Го искушувал Бог и Јова со уште поголеми искушенија и во текот на повеќе години. И кога видел дека е совршен во трпењето, тогаш му рекол: „Мојот суд ли сакаш да го собориш, да Ме обвиниш, а себе да се оправдаш?“ (Јов 40, 3). Исто така, и пророците, и светите апостоли, и блажените маченици, и сите преподобни и праведни, ги испитувал преку многу страдања и во тек на многу години, и кога се посведочиле како трпеливи и верни на Бога, – ги примил. Ова истото треба да го замислиме и во однос на нас. „Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв“ (Евр. 12, 4): уште доволно не сме гореле во огнот на страдањата: уште доволно не сме ги покажале опитите на нашата вера. Ете, токму затоа Бог сѐ уште го продолжува гонењето!
295.
1. Колку и да е некој грешен, може да се покае. Примери: Давид, разбојникот, Марија Египетска и други.
2. Немој да помислиш: ете, тие се насладиле и овде со гревот и таму ќе ги имаат рајските блага. Грешникот нема радости; само добродетелта дава радост.
1. Нема несовладлива пречка да се спаси оној, кој сака искрено да се спаси; и нема невозможност за покајание и обраќање кон Бога дури и за оној кој дошол до последните граници на злото. А дека овие зборови се вистински, за ова има многу сведоштва: покајанието на Давида, на началникот на разбојниците, расказот за кого беше неодамна во црковното четиво. Од четивото може да се види каков човекоубиец бил и исполнет со секое зло и кој, откако се покајал и пристапил кон Бога, достигнал такво духовно совршенство, така што исцелил и еден бесомачен човек. Зашто Божјиот ангел му рекол: „Давиде, Давиде, Бог ти ги прости твоите гревови, и отсега ќе правиш чуда!“ Од ова се гледа и Божјото безгранично човекољубие во тоа не само што му ги простил сите човекоубиства, туку го направил и чудотворец. – Сакаш ли да видиш и друго сведоштво? Погледни го Манасија, кој во текот на петнаесет години го одвраќал Израилскиот народ од Бога, и го терал да им служи на бездушните идоли, но и тој, откако искрено се покајал, се спасил и во својата радост Му испеал песна на Бога, која Светата Црква и до денес ја пее. А што се однесува за оние, кои биле совладани од телесната љубов и кои потоа се покајале, нивниот број е толку голем, што не може да се преброи. Во нивниот број е цар Давид, кој, по прељубодејството и убиството, се покајал и пак го добил својот пророчки дар; потоа и Марија Египетска, по ненаситното грешење со овој грев, се издигнала да стане слична на ангелите и се удостоила да добие дар на проѕорливост. Ги има голем број вакви, кои Му угодиле на Бога и биле прославени од Него. Затоа, никој нема право да мисли и да говори дека тој, заради своите безбројни гревови, не може да се покае и да се спаси.
2. Имајќи ги на ум овие и вакви примери, да се зафатиме и ние со голема ревност да почнеме да се трудиме за нашето спасение, со вера дека можеме да го добиеме, зашто Бог, по Својата голема милост, ги спасил и оние што пропаднале во страшни гревовни длабочини; ги повикал и ги спасил; толку повеќе ќе нѐ спаси и нас, кои Му се молиме и дење и ноќе. – Кога ќе чуеш за обраќање на некој грешник, не говори: „Ете, тој, откако се наслади со земните блага, ќе се наслади и со небесните“. Оној што е опфатен од гревот, тој не може да вкуси ни од сегашните, ниту од идните блага. Кажи ми: Каква сладост може да има оној што блудничи, што му служи на својот стомак, кој е среброљубив, кој краде и кој им робува на другите страсти! Не горат ли, како во оган, оние што им служат на своите похоти, слично на оние што горат од висок оган? Грешниците се измачуваат и овде и таму ќе им бидат предадени на вечните маки заради своите грешни и погубни дела. Да офкаат и да се измачуваат, а не да се насладуваат, -тоа е судбата на грешниците и развратниците. А оние што ја сакаат добродетелта и што добродетелно живеат, тие секогаш ја вкусуваат сладоста на бестрасноста, и тие, како и сите светии, секогаш се радуваат во Господа: сѐ друго го сметаат за ништо во споредба со Божјата љубов. И ние да се угледаме на нив, и да се радуваме, и да се радуваме еден на друг: со ревност да се трудиме за нашето спасение и да ги извршуваме подвизите: трпењето, послушанието, откажувањето од својата волја и сите други дејности, за да го наследиме вечниот живот.
296.
1. Мирските луѓе многу претрпуваат заради ништожни богатства, а зар ние да не трпиме заради вечните?
2. А какви се ништожни нашите маки према она што го очекуваме?
3. Да претрпуваме добродушно сѐ, имајќи сигурни надежи.
1. Тоа дека монашкиот живот е тежок и страдален, ова е јасно од Господовите зборови: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме последува“ (Матеј 16, 24). А дека и животот на мирјаните е тежок, за ова гласно сведочи она што го гледаме во него. Но, да ги оставиме мирските луѓе да се справуваат со своите тешкотии, а ние да ги гледаме нашите. Нашите тешкотии ние ги поднесуваме со радост во Светиот Дух, така што кај нас и тешкотиите и страдањата се проникнати со радост и заради надежта за она на небото. Зар не треба да се срамуваме кога ги гледаме мирските луѓе како заради некоја мала слава и незначајна награда претрпуваат толку многу, а ние не сакаме добродушно да ги претрпуваме и најмалите тешкотии заради толку големите небесни блага?
2. А и какви се нашите тешкотии? – Тоа е обично некоја работа, која ни е заповедана против нашата волја, нешто што не го сакаме, нешто што ни е непријатно во храната, пиењето, облеката, обувките, местото и видот на нашето послушание или нешто друго слично, што ни тежи и што нѐ измачува. Но, и сето ова, иако е мачно и тешко, не е толку силно да може да нѐ отклони од она што сме должни да го правиме, зашто „страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која треба да се открие кон нас“ (Рим. 8, 18), за која и секој ден кога би нѐ печеле на оган, би требало да поднесуваме сѐ, а не овие наши лесни и подносливи искушенија. А ова го говорам не затоа, за да ги раздразнувам вашите страдални чувства, туку за да ја познаеме љубовта, со која нѐ возљубил нашиот преблаг Бог, кој нѐ извел од мирскиот живот и нѐ вовел во ова свето и небесно призвание. Кој и она што го бара од нас не го бара за Себе, туку заради нас, зашто Тој нема потреба од ништо; Тој е богат со сѐ. Тој го прави сето ова за нас, за да ни биде добро и овде и за да се спасиме.
3. Затоа, да се ослободиме од секоја колебливост; со трпење да си ги спасуваме нашите души: да бидеме над сите искушенија и да не дозволуваме на никаква лоша помисла да надвладее со нас тогаш кога, заради нашето проверување и обучување, Бог допушта нешто тешко и страдално, за да можеме заедно со апостолот смело да говориме: „Од секаде сме угнетувани, но не сме потиштени; во недоумица сме, не губиме надеж; нѐ гонат, но не сме напуштени; нѐ кутнуваат, но ние не пропаѓаме. И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господ Исус, така што и животот Христов да се открие во телото наше“ (2. Кор. 4, 8-10). И со ваква добра расположба и со исправен живот да Му угодиме на Бога и да станеме наследници на царството небесно, во Христа Исуса – нашиот Господ.
297.
1. Патниците сѐ трпат со надеж дека најпосле ќе се успокојат; да трпиме сѐ и ние со надеж на вечниот спокој – кога луѓето ќе Го прославуваат Бога.
2. А кога Бог ќе биде прославуван заради нас? Тогаш кога луѓето ќе ги видат нашите добри дела. – Да бидеме такви.
3. А за да бидеме такви, треба да се угледаме на нашите свети отци, на апостолите и на Господа.
4. Господ трпел и претрпел сѐ заради нас: Да трпиме и ние; инаку нема да се спасиме.
5. Јас трпев, смирете се и вие под силната Божја рака.
1. Секој кој има долг и тежок пат се труди и трпи, поднесува разни непријатности за време на патувањето, но постојано се надева дека најпосле ќе пристигне во тивко пристаниште; ги поднесува маките и тешкотиите, прави непрестани усилби и гледа во иднината. – На каква мисла нѐ наведува ова? – И ние сме како патници во овој живот. Одиме по долг, тежок, тесен и стрмен пат. А и не може нашиот пат да биде поинаков, бидејќи во целиот наш живот треба да ги запазуваме девството и целомудрието, послушноста и покорноста; и притоа да го победуваме „секоја горделивост, што се крева против познанието за Бога, и го заробуваме секој ум, за да Му биде покорен на Христа“ (2. Кор. 10, 5), како и да правиме сѐ друго, што е сврзано нераскинливо со ова, според редот на монашкиот живот. Но, и ние чекаме добар крај. Што чекаме ние? – Го чекаме вечниот живот, кој ни го ветил вистинскиот Бог, ако Му бидеме послушни. Затоа, заради вечниот живот да трпиме сѐ со благодарност, да ги поднесуваме сите тешкотии во сегашниов живот, прославувајќи Го Бога и во нашето тело и во духот.
2. А како Бог е прославуван заради нас, ќе кажам нешто врз основа на еден неодамнешен случај. Пред два дена дојдоа кај нас некои мирјани за да нѐ видат, и кога видоа како живееме во едномислие, како со рацете наши ги извршуваме нашите послушанија и како со устите наши ги пееме песните Давидови, тие Го прославија Бога и Му благодарија, откако се поучија од сето она што го видоа и слушнаа. – Така се исполни она што го рекол Господ: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата“ (Матеј 5, 16). И, ете, во овој случај вие Го прославивте Бога во телото ваше и во духот. Но, грижете се уште да Го прославувате во сите околности, однесувајќи се добро и оддалечувајќи се од злото, како што нѐ поучува светиот цар и пророк Давид, велејќи: „Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие, зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелено растение набргу ќе свенат“ (Псал. 36, 1-2). Но, угледај се на оние што прават добро.
3. Оние што ѝ се посветиле на уметноста, не земаат правила за својата уметничка работа од лоши уметници, туку од најдобрите: дрводелецот се угледува па најдобриот дрводелец, сликарот на најсовршениот сликар; и воопшто никој од нив не сака да ги подржува лошите и несовршените, кога бара да се угледа на некого од областа на своето искуство, тој се угледува на најсовршените и најпризнатите. Па, ако е вакво правилото кај земните мајстори и уметници, зар не е потребно и во искуството над сите искуства и во науката над сите науки, и ние нашиот живот да го усогласуваме според примерите на светите луѓе, а не според оние што се спротивни на нив? Да се угледаме на оние, кои од својата младост па се до својата старост живееле во послушност. Овде не ги истакнувам како пример не само древните свети отци, туку и оние што се прославиле во нашето манастирско братство. Да се угледаме на оние, кои со својата простота ги разбивале лукавствата на ѓаволот; да се угледаме на оние, кои во непоречна послушност оделе по својот подвижнички пат. А, ако сакате, да се угледаме и на оној, кој заповедал: „Угледајте се на мене, како и јас на Христа!“ (1. Кор. 11, 1) и на друго место: „Угледајте се на Бога, како чеда возљубени, и живејте во љубов, како што и Христос ве возљуби и за нас се предаде Себеси како принос и жртва на Бога за пријатен мирис“ (Ефес. 5, 1-2).
4. Така и Христос се дал Себе си за нас жртва и принос; па зар ние да не поднесеме со благодарност незначителни маки заради Него? Христос, според реченото, примил за нас секакви навреди: „И подбивите на оние, што Те хулат, паѓаат врз мене“ (Псал. 68, 9), па зар ние да не поднесеме некој прекорен и навредлив збор заради Него? Па како ќе можеме да се вселиме заедно со светиите, кога не ги следиме и не одиме по нив? Како ќе можеме да царуваме заедно со Христа, кога не се сообразуваме со Неговата смрт и не учествуваме во Неговите пречисти страдања? „И кога праведникот одвај се спасува, тогаш што ќе стане од безбожниците и грешниците!?“ (1. Петр. 4, 18) Обрнете внимание како тој говори одредено кога вели дека „праведникот одвај се спасува“. А не може праведник да се нарече оној, кој е нетрпелив, кој ги памети дамнешните навреди и со тоа се вознемирува и распалува и со Бога нема мир. Како тогаш ќе може да се спаси? – Дали ние не сме по неопходност оттргнати од општежитејското општење? И, по нашата смрт, по нашето преселување оттука, нема ли да бидеме вечно осудени?
5. Безумно говорам, па зар и јас не сум бил послушник? Зар и јас над себе не сум имал игумен, економ и духовен и телесен отец? Зар не сум имал духовни и телесни браќа? Сум вриел јас меѓу нив, како во оган, сум бил фрлан таму-ваму и сум се борел во двете спротивни живеења. Но, не сум можел поинаку да се спасам, освен преку трпење, исповедништво и самообвинување, зашто инаку нашата душа не може да биде мирна за време на страдањата. „Понизете се под крепката рака Божја“ ( 1. Петр. 5, 6); и ќе најдете спокој на својата душа. „Еве, сега е времето благопријатно, ете, сега е денот на спасението!“ (2. Кор. 6, 2). Да го отфрлиме лукавството од нашите души и да се научиме да правиме добро, да се претставиме чисти пред Оној, Кој ни направил добрини, пред да дојде оној страшен ден, во кој ќе треба да дадеме одговор за секој празен збор, така што да се трудиме, колку е можно, од овој свет да излеземе со чиста совест и да се покажеме достојни да го наследиме вечниот живот.
298.
1. Колку и да испитувам, кај некои од вас наоѓам некаков немир.
2. Тоа е од недостиг на љубов, а без неа какви Христови ученици ќе бидеме?
3. Мирот ќе го добиете откако ќе покажете добра ревност.
1. Може некому да му се чини, дека често ви говорам и дека нема веќе потреба да ве поучувам, дека знаете доволно што и како треба да правите и веќе немате потреба да ви се напомнува. Меѓутоа, јас гледам дека е ова крајно неопходно, затоа што, иако често ве подучувам, кај некои од вас не престануваат да дејствуваат немирот и упорството. И јас се вчудоневидувам како тие, кои би требало веќе да бидат учители, судејќи по времето проведено во монаштво, а тие се сеуште како младенци: дејствуваат бесмислено и безумно.
2. Причина за ова е недостигот на љубовта. Зашто, ако, според зборовите на апостолот: „љубовта е великодушна, полна со добрини, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправда, туку се радува на вистана, сѐ покрива, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ поднесува“ (1. Кор. 13, 4-7), и јасно е кога неа ја нема, тогаш зема сила она, што е спротивно на неа: неверувањето, безнадежноста, нетрпеливоста, раздорот, грубоста. – Па како, ако се наоѓаме во таква состојба, ќе можеме да се именуваме Христови ученици? А потоа, зошто ни е и самиот живот на нас кутрите? Зашто Самиот Господ ги говори овие одлучни зборови, велејќи: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13, 35). И пак на друго место: „Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8, 31-32). Па затоа, ако немаме вистинска љубов, тогаш ќе имаме раздори, непријателства и взаемни борби; тогаш не сме Христови ученици, туку Негови непријатели, иако се тешки овие зборови. Зошто треба да живееме по сето ова? Зошто да го дишеме овој воздух, ако не го правиме она, со што Му се угодува на Христа Господа?
3. „Оној, кој ве збунува, – кој и да бил, – ќе претрпи осуда“ (Гал. 5, 10). Затоа, ве молам, „Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа: гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат, да не би некој горчлив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина“ (Евр. 12, 14-15). А што е тоа? – Треба да покажеме ревност по однос на лукавите, кои прават зло и да се одвраќаме од него и од нив самите, „но не сметајте го за непријател, туку поучувајте го како брат“ ( 2. Сол. 3, 15), за да бидете на апостолското одобрување, кој говори: „Со сѐ покажавте дека во тоа дело сте чисти“ (2. Кор. 7, 11). А јас ви го говорам ова затоа што ве сакам и што ве штедам, и затоа што се плашам од судбината на првосвештеникот Илиј, кој не ги поучувал своите синови. Ако сега не мислите вака, по кратко време ќе дојдат денови, кога веќе нема да бидам со вас и нема да ви говорам; тогаш ќе разберете дека било вистина сето ова што сум ви го говорел јас смирениот. – А Бог на мирот, Кој сака сите да се спасат, да ве запази сите вас во мир на патот на Своите заповеди и да ве воведе во Своето вечно царство.
299.
Свети Теодор не го примил она, што било испратено во манастирот од оние, кои се покајале за своето еретичко иконоборство, а потоа пак отпаднале. Некои од православните го укорувале, дека со тоа го поттикнува непријателството против Православието и самото гонење. – Свети Теодор ја оправдува својата постапка.
Велат дека пак се разгорела војна, меѓусебна војна меѓу иконоборците, од која нема ништо посрамно кога христијаните меѓусебно се убиваат. Но, ние сме должни да Му се молиме на Бога секогаш да ги смирува нашите сограѓани, како во однос на нивните работи во светот, така и по однос на верата. Заради тоа ние смирените и седиме овде, но не треба да седиме како и да било, туку со големо внимание и со верност према нашата цел, инаку може да ни се случи -да им проповедаме на другите и ние самите да станеме негодни.
Ова го говориме, имајќи ги предвид оние, кои, откако ја издржаа епитимијата, пак прејдоа на страната на еретиците. Неодамна откажавме да го примиме она што го испратија тие, како штетно и опасно за нашите души, за што, кога разбраа некои од отците, кои се со нас, негодуваа и велеа, дека тоа го распалува смутот. Ние не сакаме распалување на непријателство, но не можеме поради некои, кои се колебаат, да одземаме нешто од вистината и да го осквернуваме Христовото исповедништво, плашејќи се од рамнодушност кон верата, која еден од пророците вака ја изобличува, велејќи: „Свештениците нејзини го нарушуваат Мојот закон и ги осквернуваат Моите светињи, не одвојуваат свето од несвето и не прават разлика меѓу чисто и нечисто; од саботите Мои ги покриваат очите свои, и Јас сум понизен меѓу нив“ (Језек. 22, 26). Согласно со ова и апостолот говори: „Какво заедништво постои меѓу правдата и беззаконието? Што заедничко има меѓу светлината и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христос и Велијар? Или, што има заедничко меѓу верник и безверник? Каква споредба има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: ‘ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог и тие ќе бидат мој народ’“ (2. Кор. 6, 14-16). И пак: „Ви заповедам, браќа, исто така во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат кој живее неуредно, а не според преданието, што го добивте од нас“ (2. Сол. 3, 6). И уште: „Да не се дружите со оној кој, нарекувајќи се брат, си останува блудник, или користољубец, или идолопоклоник, или хулник, или пијаница, или грабач; со таков дури и да не јадете“ (1. Кор. ‘ 5, 11).
Сето ова го застрашува и притеснува нашето срце, и затоа сметавме, дека е подобро да поднесеме секаква тага и притеснување, отколку да се однесеме предавнички према нашата вера и спасението. Но, бидејќи е напишано: „Кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови; и кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови“ (1. Кор, 12, 26), – а вие сте наши членови искрени и наша срдечна утроба, – затоа најдовме за потребно да ве известиме за сѐ што станува, за да знаете, и знаејќи да страдате заедно со нас, помислувајќи за она што се случува овде.
Размислете и сами за она што се говори: дали е правилно изгонетите за вистината од нивните манастири и оние што ги зеле нивните манастири преку предавството на вистината, да ги сметаме еднакви и да имаме со нив еднакво општење како и со другите? Тогаш, дали изгонетите попусто го трпат прогонството? Освен тоа, нас нѐ посочуваат како измамници: едни говорат едно, а други – друго. Со право ќе станат против нас, оние, кои ја држат вистинската вера, кога ќе видат дека ние општиме со оние, кои ѝ биле соблазна на Црквата. Но, да не се случи да ги соблазниме нив и заедно со нив да се погубиме и себе си.
Во минатото се држевме одлучно, како што бараше од нас времето. И сега така треба да се држиме и да не се менуваме, зашто апостолот говори: „Праведниот преку верата ќе биде жив; Јас не се радувам за ниеден кој отстапува. Ние, пак, не сме од оние што отстапуваат и гинат, туку оние, кои веруваат и се спасуваат“ (Евр. 10, 38-39). Гледаш ли дека тој отстапувањето го нарекува погибел? Па затоа на друго место и говори: „Ви сведочам дека сум чист од крвта на сите, бидејќи не пропуштив да ви ја соопштам во целост волјата Божја“ (Дела 20, 26-27).
Така и ние, утврдувајќи се на апостолското учење и на учењето на нашите свети отци, се ограничуваме од општењето со еретиците и со нивните последователи, го заштитуваме точното исповедање на верата. „во која стоиме, и се фалиме со надежта во славата Божја“ (Рим. 5, 2), трудејќи се да одиме право и во сите други добродетели, да бидеме „совршени и целосни, без никаков недостаток“ (Јак. 1, 4), „и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исус Христос“ (Филип. 4, 7).
300.
1. Да ги истрпуваме сите тешкотии, и однадвор и одвнатре, служејќи се со обичните средства, а најмногу со молитвата и со несомнената вера.
2. Нашите прехрамбени продукти беа веќе при крајот, но Господ ни помогна, како и на Јаков, и на Илија и на другите.
1. Маченик не е „ако пак, некој се натпреварува, нема да добие венец воколку не се борел според правилата“ (2. Тим. 2, 5). Да не изнемоштуваме, да поднесуваме сѐ добродушно: приговорите и прекорувањата се како удари со камшик, одречувањето од својата волја – како пролевање на својата крв, навлегувањето на лошите помисли – како демонски пожари. Огнот се гаси со истурање вода, а пламенот на похотата – со проливање солзи. Уморот од трудот минува од спокојното лежење на постелата, а оптовареноста на умот со лоши помисли – се лекува со исповед полна со доверба. Еве, ова се спасоносните лекарства. Ползувајте се со нив разумно и оздравувајте во Господа, како што говори братот на Господа: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја побара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без приговање – и ќе му се даде. Но, да моли со вера и никако да не се сомнева, зашто оној кој се сомнева, прилега на морски бран, кого ветрот го издига и растура; таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господ. Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан“ (Јак. 1, 5-8). „За ништо не грижете се, туку во се преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања“(Филип. 4, 6), и тогаш секако ќе го добиеме она што го бараме: ќе изгасне туѓиот оган; лошите мисли ќе се развеат и ние, со Божја помош, успешно ќе го завршиме нашиот подвиг на послушанието.
2. Сакам, при ова, да знаете, дека во нашето ковчеже малку се става, а расходите се прават: немаме веќе ни вино, за што жалат најмногу немоќните. Но, не плашете се; неодамна Господ ни испрати и пченица и вино и други работи што ни се потребни, и уште ќе ни даде, ако на Него целосно ја положиме нашата надеж и ако секогаш го правиме она што Му е Нему угодно, без отстапување од нашата вера во Него. Зашто Тој Самиот рекол: „Никој нема да устои пред тебе преку сите денови на твојот живот: и како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам и ниту ќе те презрам“ (Ису. 1, 5); и пак: „Барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6, 33). Ако некогаш и не ни достига нешто, тоа воопшто не е чудно, зашто тоа е проверување на добродетелта. Зар патријархот Јаков не бил праведен? Но, сепак, бил измачуван од глад, ги испратил нашите отци во Египет да купат жито. Зар и пророкот Илија не бил праведен? Меѓутоа, и тој кога дошол во Сарепта Сидонска, повикал кон вдовицата: „И стана тој, па отиде во Сарепта. Кога дојде при градските порти, ете, таму една вдовица жена собира дрва. Тој ѝ се обрати и ѝ рече: ,Донеси ми малку вода во сад да пијам!“ Таа отиде, за да земе, а тој повика по неа и рече: ,Донеси ми в раце и парче леб!“ (3. Цар. 17, 10-11). И не побарал ништо друго, освен она што е најнеопходно за да се нахрани. А кој е тој? Илија, кој со своите зборови го заклучил небото да не дава дожд, и пак со својата молитва ја разрешил својата забрана. А ние, кои сме ништожни и по нашата надворешна состојба, и по нашето внатрешно устројство, нема да биде ништо необично. И не треба да се оптоваруваме и да се иамачуваме со ова, туку да бидеме секогаш благодарни и тогаш кога имаме сѐ во изобилство, така и тогаш кога сме во скудност, зашто таков е белегот на Христовите ученици: како што ги носиме тешкотиите на сегашниот живот, така ќе се удостоиме и со идните блага.
Обработил
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада 2022