“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
БОГОЈАВЛЕНИЕ
Еве, се приближува празникот Богојавление. Денот на радоста е пред вратата. Оваа радост е навистина голема, каква што немало од почетокот на светот. Зашто Синот Божји доаѓа при нас, не во претстави и симболи, како што бил гледан од старозаветните отци, туку преку раѓањето од Дева слегнува и лично ни се јавува.
Од ова немало ништо поблажено во сите поколенија и ништо пречудно од она што било видено во дотогашните чуда, низ кои говорел Бог од создавањето на светот.
Затоа ангелите благовестат за оваа тајна: ѕвездата укажува дека на земјата се родил Оној Кој е над небесата: пастирите брзаат да го видат спасението, што им било објавено; мудреците од исток брзаат и Му носат царски дарови; се пее необичната песна за новото дело Божјо, со кое се прославува Бог на висините, на земјата се внесува мир, како што сведочи и апостолот, велејќи: „Христос е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив, откако со телото Свое го уништи напријателството, а законот на заповедите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир, и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уништи непријателството во себе“ (Ефес. 2, 14-16).
Ова сакале уште пред многу векови да го видат пророците и старозаветните праведници, но не го виделе, а само верувале. А ние „и видовме и рацете наши Го опипаа“, како што е напишано, „видовме и сведочиме“ за ова „и ве известуваме за вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави“ (сп. 1. Јов. 1, 1-2) и ние примивме посиновување.
На Овој ден Христос му се јави на светот и го просвети.
На Овој ден, врз Себе, ги зеде нашите гревови и го згази ѓаволот.
На Овој ден Божјата благодат блесна од небото за сите луѓе.
О чудо големо и преславно! Христос се труди а ние постануваме овенчани.
Тој ја уништува змиската глава во водата а ние се измиваме од гревовите.
Тој од небото прима гулаб, а ние примаме опростување на гревовите.
Тој е посведочен од Бога како Возљубен Син, а ние,преку Него, постануваме синови Божји.
На Овој ден се радува сета водна природа. Сите реки, езера, мориња и океани. Се радуваат сите води затоа што се осветија од небесната Зора, Исус Христос.
Мислено да отидеме на Јордан и да видиме како Христос се крштева и како ги очистува луѓето. Да видиме како чудесно се јавил според зборовите на пророкот Давид: „Морето виде и избега; Јордан се врати назад. Што ти стана тебе море, па бегаш, и тебе, Јордане, па назад се враќаш?” (Пс. 113, 3 и 5).
Бог Господ се јави во Јордан со Тело. Им се покажа на ангелите. Им се јави на Евреите и на незнабошците. Му се јави на светот. Беше прославен од луѓето и со крштението ни подари спасение.
Денес гледаме мисловен потоп на Јордан. При Ноевиот потоп, Бог ја потопи Земјата и ги уништи луѓето, а сега, Бог ги потопува гревовите и ги оживува луѓето. Тогаш, Ное направи кораб од негнилежно дрво, а сега, Христос примил од Марија нетлено тело. Таму, гулаб на Ное му донел маслиново гранче, а сега, Светиот Дух слегува како гулаб врз Христа.
О колку е големо Христовото смирение. Оној Кој е безгрешен, се понизи како грешник. За да ги очисти нашите гревови се крсти во Јордан како човек од Јована. Се отворија небесата и се слушна гласот на Бог Отец: „Ти си Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја” (Лк. 3, 22).
Св. Јован кога ги крштевал Евреите и фарисеите, ги потопувал целосно за да ги исповедаат гревовите, па дури, потоа излегувале од водата. Но, Христос, Кој немал грев кој би го исповедал, веднаш излегол од водата која, пак, ја освети со Пречистото Негово Тело и во неа го потопи древниот Адамов грев. Го обнови човечкиот род и му подари небесно царство.
Ете како Бог го воспостави нашето спасение и нè доведе до првобитното достоинство, кое Адам го беше изгубил. Ние, знаеме дека Бог кога нè создаде, нè направи чесни и добри, а после, поради лукавството на сатаната, постанавме нечесни и смртни. Го заборавивме Бога и паднавме во идолопоклонство. Па од милост кон родот човечки, Бог, се смили над нас и слезе од небото. Ја остави ангелската слава, постана човек, се смири како грешник, само за да нè врати на првобитната слава и убавина.
И ние денес, наоѓајќи се во овој свет храм, со покајни солзи да ги измиеме нашите престапи, грешки и гревови, и така очистени од секакви духовни нечистотии, да измолиме милост Божја. Милоста Божја да слезе врз нас. Да ни го осветли патот и да ни го просвети умот за да можеме да одиме по Христа. И така, живеејќи во Христа да спечалиме живот вечен и царство небесно. Амин!
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада 2022