www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,545,544
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM IV

Светиот преподобен Теодор Студит

226 – 250

Подвижнички поученија за монаси

226.

1. Да се држиме така, постоејќи во светот, да ги затвориме устите на оние, кои сакаат да го хулат начинот на нашето живеење.
2. Нашето воодушевување да биде љубовта кон Господа, која ги воодушевувала сите светии.
3. Ако понекогаш се поддаваме па грешни желби, тоа е од студенината на нашата љубов према Господа, која затоа треба да ја подновиме и да ја засилиме.

1. Ние смирените да се радуваме со голема радост, кога ве гледаме како секојдневно доаѓате овде, како на втора Пасха, и го празнуваме вашето доаѓање. Но, како вие што ни донесувате она што е телесно и за телото, секој од вас она, што го имал кај себе, така и ние, како да сакаме да се оддолжиме, ви го даваме пред вас духовното. – Па затоа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, живејте според вашето монашко призвание, достојно според исповедништвото, што го исповедавме и гонењата што ги претрпевме за Господа. „кога ќе ги видат вашите добри дела“ во светот „кога ве напаѓаат како злотворници“ – да се посрамат кога ќе го видат вашето добро однесување ( 1. Петр. 2, 12). Да се погрижиме, како за себе, така и за оние што ѝ се противат на вистината, да покажеме добро среден наш живот, запазувајќи го добриот однос, раководејќи се во сѐ според нашите добри монашки правила. Ако сме собрани во црква, да се раководиме според апостолското правило: „Секој од вас има – кој псалм, кој поука, кој јазик, кој откровение, кој толкување, – сѐ нека биде за надградување“ (1. Кор. 14, 26). Или ако одиме некаде по потреба, да одиме со побожност, така што на нашето лице да има некаква благодат, која да сјае за поука на оние што нѐ гледаат; или ако ни се случи некогаш да разговараме со жена, со неа треба да разговараме со целосно внимание, скромно да гледаме, за да не примиме бодило или стрела во нашето срце.

2. Со еден збор сѐ што правиме треба да го правиме за слава Божја, „Кој нѐ засака и Себе се предаде за нас“ (Гал. 2, 20). На оној што љуби љубовта не му дава да си припаѓа само на себе, туку припаѓа на Оној кого Го љуби. Ова може да се види и кај оние што сакаат душевно или телесно. Кога некој човек сака некоја жена, тој ѝ се предава целиот на саканата, со неа дише и само за неа мисли и мечтае, па дури и да му речат да го погледне сонцето, тој ќе сака даја гледа само својата љубена; па макар му ставиле и богата трпеза пред него, тој нема да посака да седне, да јаде и да пие; тој има само една желба: сака само да биде со својата сакана. – А што е поубаво од нашиот Господ Христа? Има ли нешто послатко од Неговата блажена љубов? Зар Он не е преубав „ во Својата красота и убавина!“ (Псал. 44, 3)? Зар не е „устата негова – сладост, и целиот тој е пожелен. Ете, кој е мојот возљубен, и ете, кој е пријателот мој, ќерки ерусалимски“ (Песна 5, 16)? Покажувајќи ја топлината на својата љубов према Него, светите луѓе извикуваат: „Душата моја жеднее за силниот и живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо?“ (Псал. 41, 2). А, апостолот вели: „љубовта Христова нѐ гони да го мислиме ова: кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себе, туку за Оној Кој умре за нив и воскресна“ (2. Кор. 5, 14-15). Еве, со каква љубов Бог го возљубил светот! И, еве, како силно бил Он возљубен од светиите!

3. А ние, бидејќи не Го љубиме така силно, сме победувани од лоши помисли и телесни желби, среќавајќи се потоа со жалости, место со задоволство, со горчевина – место со сладост, со немири – место со мир. – Но, ние треба да се разбудиме и да се отрезниме, браќа, да ја очистиме нашата душа од таквите погубни желби, за да Го имаме Христа во нас, да живее во нас, зашто таму каде што е чистотата, таму е Христос. Таков е посакуваниот блажен живот. И, ако живееме така, ќе го наследиме царството небесно во Христа Исуса, нашиот Господ.

227.

1. Со постот насобравме духовни богатства; сега да се трудиме да ги запазуваме.
2. Затоа сега не треба да се предаваме на безгрижност, туку Должни сме строго да внимаваме на себе и да дејствуваме со будна претпазливост.
3. Треба да бегаме од околности кои поттикнуваат на грев, да ги пазиме нашите сетива, а особено да ги скротуваме нашите помисли.
4. Ако не го правите ова, ќе паднете во грев, а колку големо зло ни прави гревот и ќе ни направи?

1. По празникот пак времето нѐ повикува да разговараме и да ги слушаме нашите обични поученија. Со усрдност пристапувам пак кон ова, знаејќи дека ова е моја должност, и тешко мене, ако не ви ги објавувам зборовите на вистината, според моите сили. – А што да ви кажам сега? Ќе ви кажам, дека за време на Четириесетницата секој од нас собра големо духовно богатство, и сега кога навлеговме во Пасхата (Велигден), носејќи ги со себе своите големи придобивки – добродетелите, како што се: постот, бдеењето, молитвата, трудољубието и другите слични придобивки, предмет на нашите сегашни грижи треба да биде: да се трудиме на секој начин да ги запазиме овие духовни богатства.

2. Зашто не треба да мислиме, дека во духовното пристаниште се случува она, што се случува и во земните пристаништа. Во земните пристаништа штом ќе се дојде, патниците се предаваат на безгрижен живот, сметајќи дека конечно се спасени од бесните морски бранови и од другите опасности, а овде, напротив, од спокојот на телото страстите посилно се разбеснуваат и духовите на злобата уште пожестоко напаѓаат, како некоја бура: духот на блудот, духот на чревоугодието, духот на алчноста и среброљубието, духот на мрзливоста, духот на жалоста, духот на гордоста. А притоа, уште е умесен стравот: и во самото пристаниште да не пропаднеме на дното. Некогаш светиот Давид ја погледнал жена му на Уриј некако непретпазливо, и како пострадал, знаат оние што го читаат Светото Писмо (2. Цар. 11, 1-4); „И јадеше Јаков и се насити, но се одврати од таа љубов, и откако се прошири, Го остави Бога, Кој го создаде, и отстапи од Бога, Спасителот свој“, говори Светото Писмо (5. Мој. 32, 15); некој се допрел несовесно, се распалило неговото тело, се погордеал и родил беззаконие.

3. Кога ги слушаш овие зборови, внимавај; бегај од оние места и можности, кои се опасни за поттикнување на гревот. Со строги правила врзи ги и очите, и слухот, и мирисањето, и вкусот, и допирот, и јадењето и пиењето, и спиењето, за да не бидеш потопен од брановите на страстите, Исто така, треба да знаеме, дека оној што плови по земното море се изложува на опасности од силни бури и бесни бранови, а оној што плови по духовното море, тој е господар и на бурите и на тишините. Зашто, ако храбро ги одгонува неумесните помисли, тој се исполнува со тишина, имајќи Го Светиот Дух, Кој плови заедно со него, како што се раскажува за свети Арсениј Велики. Но, ако кај некого сетивата се незауздани, ако не им пречи на похотите да се издигнуваат како бранови, тој самиот ја подигнува најлошата бура против себе. И, ако набргу не ги скроти своите разбранувани помисли, ќе дојде до таква положба да почне да извикува со очаен глас: „Изнемоштев од викање; засипна грлото мое; попуштија очите мои, надевајќи се на мојот Бог“ (Псал. 68, 3). Со ова сакам да ви кажам: во вас да господари добрата помисла и доброто што е во вас да не биде победувано од лошото. Духот да владее над сѐ и доброто – да не биде победувано од лошото и да ве води кон доброто.

4. Зар не знаете сѐ што направил гревот? Зар не го вовел тој светот во смрт? Зар не ја разнебитил земјата? Зар не го наполнил светот со гробови, од почетокот до сега? – Зашто човекот бил бесмртен и негниежлив до престапувањето на заповедта. Сѐ било во ред, сѐ додека првосоздадениот останувал непоколебливо на страната на заповедите. Гревот е виновник и за вечните маки; тој го потпалил и вечниот пеколен оган; тој е храна на неговата неизгасливост; тој човекот, кој бил овенчан со чест, го направил сличен на влекачите и на неразумните животни. Бидејќи е толку страшен и смртоносен, тогаш треба да бегаме од него што можеме подалеку; треба да ја избираме добродетелта, која од луѓето прави ангели, им се спротивставува на демоните и сите страсти ги прогонува и, најпосле, биваме удостоени да го примиме царството небесно како награда, со која да се удостоиме сите со благодатта и човекољубието на нашиот Господ.

228.

1. Не предавајте се на безгрижност, зашто смртта е секогаш блиска, а по смртта нѐ чекаат судот и казната или наградата.
2. Ако оние што му служат на земниот цар, се трудат од страв да извршуваат сѐ, и големо и мало, не треба ли да го правиме ова и ние, кои Му служиме на небесниот Цар?
3. Треба да се трудиме да извршуваме сѐ, и во богослужбите и во послушанието; особено да се трудите да имате мир меѓу себе, а ова правете го искрено.

1. Должината на сегашниот живот не треба да предизвикува кај нас здодевност и неработливост, туку ревност и загриженост како што подобро да Му угодиме на Бога, зашто секогаш сме блиски до смртта. Ниеден роб, кога ќе му се приближи на својот господар, и ниеден пратеник, кога ќе дојде кај оној што го испратил, за да му даде извештај за она што го направил, не се незагрижени, туку се возбудени, така што се, едноставно, преплашени. – И ние сме слични на нив. И ние Му се приближуваме на Господа или, поточно, Господ ни се приближува. Страшен е Неговиот Суд, пред кој ќе застанеме голи и непокриени, за да дадеме одговор за сѐ што сме направиле во животот и да добиеме за тоа: или вечно царство, или вечни маки. Кога кој мисли на ова, кој може да се предава на безгрижност? И нема ли секој разумен да се разгори со ревност да ја извршува Божјата волја, за да не се покаже како оној слуга од Евангелието, на кого му ги врзале рацете и нозете и го исфрлиле од свадбената гозба (сп.Матеј 22, 13).

2. Ако овие примери не нѐ застрашуваат, тогаш да си ја замислиме иднината во споредба со она што се случува во сегашноста. Зар не гледаме, дека непријателите на царот: едни се измачуваат во затворите, други се бичувани, трети – прогонувани, на четврти – им ги вадат очите, на петти – им го одземаат животот? – И оние, кои со ништо не погрешиле, со страв и треперење стојат и слушаат: кога ги испраќаат на војна или по некоја друга работа. И никој од нив не противречи, и никој не е виновен. Ако е вака кај смртниот цар, па зар уште повеќе не е вака кај Царот на царевите и Господарот на господарите, од Кого треба да се плашиме и да трепериме, извршувајќи ги сите Негови повелби и, освен она што ни е заповедано, ништо друго да не правиме. Слушајте што е речено во Светото Писмо: „Или, пак, го пезираш богатството на Божјата благост, стрпливост и долготрпеливост, не разбирајќи дека Божјата благост те води кон покајување? Но, поради твојата тврдокорност и непокајното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд на Бога, Кој секому ќе му даде според неговите дела“ (Рим. 2, 4-6).

3. Да нѐ преплаши ова и нас, па да почнеме секој ден да го живееме со големо внимание и будно да се запазуваме: да стануваме рано наутро, на дадениот знак, веднаш да стануваме од леглото наше, да го одгонуваме сонот, на по внимателната молитва во нашата ќелија и заедничката, секој веднаш да се зафати со својата работа: магационерот – во магацинот, готвачот – во готвачницата и секој да биде на своето место. Никаде да нема мрморење, никаде непослушност, никаде викање, никаде противречење, ниту некаква лошотија, која се скрива, па само по надворешноста да бидеме мирни, а внатре во себе да ја храниме злобата и да укасуваме тогаш кога ќе имаме можност за тоа, слично на змијата, или да се одмаздиме како што се одмаздува камилата. – Ни се случило да се налутиме и ни поминало. Но, дали искрено сме се покајале за тоа? Не распалувајте се пак со помислите ваши и не касајте се. Еве што говори светиот апостол Петар: „Не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте, знајќи дека за тоа сте повикани, за да наследите благослов. Зашто, кој го сака животот, и сака да види добри денови, нека го пази јазикот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги. Нека одбегнува зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него, бидејќи очите на Господ се вперени кон праведните, а ушите Негови – кон нивните молитви, а лицето Господово е против оние, кои прават зло, за да ги истреби од земјата“ (1. Петр. 3, 9-12).

229.

1. Сите созданија го празнуваат Христовото Воскресение, се покриваат со цвеќиња и рашируваат пријатна миризба: и ние треба да го празнуваме овој Празник над празниците на тој начин што ќе рашируваме од себе благопријатна миризба, која ќе ја подготвуваме во нас од соединувањето на сите добродетели.
2. Но, во овие денови ние треба да ја шириме од себе благопријатната миризба на Православието, по повод иконоборството, кое Го посрамува Самиот Господ.
3. Да ја пазиме вистинската вера и да ја рашируваме благопријатната миризба на добродетелите.

1. За празникот на Христовото Воскресение и сите созданија како да го фрлиле покривачот на зимското мртвило од себе, пак расцутуваат и како одново да оживуваат: земјата се покрива со зеленило, дрвјата со лисја, животните скокаат и играат, морето се смири, сѐ е преобразено во една нова состојба. – Но, со што се пројавува ова во мене? Ако бездушните и неразумните твари вака му се радуваат на пресветлото Воскресение и примаат ваков празничен изглед, зар не треба многу повеќе ние, кои сме обдарени со разум и образ Божји, да се преукрасуваме со добар живот и да мирисаме благопријатно со нашиот дух? – Зашто, навистина, Христовата благопријатна миризба е оној, којшто е украсен до добродетелта, како што сведочи и апостолот, велејќи: „Зашто, како што изобилуваат Христовите страдања во нас, така изобилува и утехата наша преку Христа“. (2. Кор. 1, 5. И уште: „Зашто ние сме Му на Бога благопријатен мирис Христов, меѓу оние кои се спасуваат и меѓу оние кои пропаѓаат; на едниот сме смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот“ (2, Кор. 2, 15-16). Во врска со ова, може да се каже дека и Адам, пред да згреши, бил пријатна миризба за Бога, бил украсен со бесмртност и негниење и исполнет со небесни соѕерцанија. Затоа, како некое цветно Дрво и исполнето со благопријатна миризба, бил сместен во рајот и мирисал благопријатно. Овде може да се каже и тоа, дека старозаветниот патријарх Исак, откако ја почувстувал пријатната миризба во својот син Јаков, рекол: „И тој пристапи и го целива; Исак го почувствува мирисот од облеката негова, и го благослови, велејќи: ,Еве, мирисот на синот мој е како мирис од полето, што го благословил Господ’“ (1. Мој. 27, 27). Се разбира, оваа миризба треба да се разбере духовно. Браќа, и ние да мирисаме со оваа благопријатна миризба, а која треба да ја приготвиме од соединувањето на сите добродетели, како некој искусен приготвувач на мириси. Таква е благоуханата миризба, таква е миризбата што Му е пријатна на Бога. Таквата миризба ги привлекува ангелите и ги одгонува демоните; привлекувани од оваа миризба чистите души трчале по Христа Гспода, како што е речно во Песната на Песните (1, 2-3). Така треба секогаш да биде.

2. Но, во денешно време сме должни да ја шириме, главно, благопријатната миризба на Православието, по повод иконоборската ерес. Иконоборците извикуваат: Бог е бестелесен; Него не можеме да Го сликаме и да Го насликаме. О безумни, а дали Го исповедате Господа Исуса Христа за Бог? Мислам дека потврдно ќе ми одговорите. Слушајте што Он Самиот говори кога им се јавил на светите апостоли, воведувајќи ги во светите тајни на спасоносната вера. По неискажливата Своја снисходливост, Он се фаќа за храната, за да ги увери во вистината на Своето воскресение, иако Неговото тело по воскресението немало потреба од неа. Он тогаш јадел, пиел, и бил допиран од оние, кои мислеле дека гледаат сениште, и им рекол: „Видете ги рацете Мои и нозете Мои; Јас сум Истиот, допрете се до Мене и гледајте: зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам“ (Лука 24, 39). Што ќе каже на ова иконоборецот и Христоборецот? – Има ли Господ тело и коски? И може ли затоа да биде насликан на икона? Ако не може, тогаш и она што Христос го вели не е точно. Но, кога говори дека има тело, тогаш Тој, молчејќи за нешто што се подразбира, сведочи дека може и да биде насликан на икона, зашто овие две работи една од другата зависат. Затоа иконоборците еднакво со манихејците, како што е напишано, „со вечна погибел ќе бидат казнети од лицето на Господа и од славата на Неговата моќ“ (2. Сол.1, 9).

3. Ние, браќа, според православното учење, веруваме дека и на икона можеме да Го видиме нашиот Господ Исус Христос, дека можеме да се поклониме на иконата и истовремено да Му се поклонуваме Нему, на Оној Кој е насликан на неа, и, почивајќи врз оваа вистина, сета наша ревност да ја свртиме кон тоа, според нашата исправна вера, и животот наш да биде чист, беспрекорен, непорочен па да не кривиме на обете нозе, туку да чекориме добро и со едната и со другата, и да стигнеме успешно во царството небесно.

230.

Помислувајќи за тоа колку е издигната нашата природа со вознесението на Господа, да не дозволиме да ја помрачиме со нашето недостојно живеење.

Празникот на празниците за нас и празникот на Вознесението на нашиот Господ Исус Христос, кој е пред нас, кој претставува голема и натприродна тајна, зашто нашата телесна човечка природа е издигната зад пределите на видливото небо, како што е напишано: „Бог, Кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нѐ засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживеа во Христа Исуса (по благодат сте спасени); и нѐ воскресна со Него и нѐ постави на небесата во Христос Исус“ (Ефес. 2, 4-6). „Го постави од Својата десна страна на небесата, повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име, со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот, и сѐ Му покори под Неговите нозе и Го постави глава на сите во Црквата, која е Неговото тело, полнота на Оној, Кој исполнува сѐ во сѐ“ (Ефес. 1, 20-23). Г ледате ли на каква висока слава е издигната човечката природа? Зар не е издигната од земјата на небото? Зар не од гниежливост во негниежливост? Колку некои луѓе се трудат да им станат блиски пријатели на земните и смртни цареви? А ние, „кои некогаш бевме отуѓени од Бога, и непријатели поради помислите кон лоши дела“ (Кол. 1, 21), преку дар сме не само измирени со Бога и Отецот преку нашиот Господ Исус Христос, туку сме издигнати и до посиновување. И сега нашата природа е на небото и на неа ѝ се поклонуваат сите видливи и невидливи созданија. Таква е неискажливата големина на човекољубието на нашиот предобар Бог! Откако помислил за тоа, а знаејќи колку е тоа несфатливо за човечкиот ум, блажениот Павле се моли: „Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение, за да Го познаете и да ги посвети очите на срцата ваши, за да увидите во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите, и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила. Таа сила Тој ја покажа во Христос“ (Ефес. 1, 17-20). А така и било! – Дошол Он преблагиот при нас преку девственото раѓање, им се покорил на законите од природата, се издигнал на крстот и на него го приковал списокот на нашите гревови (сп.Кол. 2, 14), слегол во длабочините на земјата, разрешувајќи од смртната болка, воскреснал, задржувајќи ја во Себе човечката природа, а, на крајот, се вознел во слава, откако се објавил наш Закрилник пред Бога и Отецот. – Такво е накусо значењето на овој празник. Соѕерцавајќи го и разбирајќи го ова, дека сме тело Христово, побожно да го почитуваме овој дар, да го пазиме нашето благородство, да не ја предаваме благодатта, „Ќе ги земам ли деловите од Христа и да ги направам делови на блудница? Тоа никако!“ (1. Кор. 6, 15), туку да се очистиме од лоши помисли и од лоши дела, да се ослободиме од телесните похоти, кои се борат против душата, имајќи го нашиот живот добар во себеси (сп. 1. Петр. 2, 12): мирен, покорен послушен, смирен, добро среден, ваквиот живот е вистински, блажен. Задоволствата и забавите, смеите и невоздржливоста треба да им ги оставиме на оние што ги сакаат телото и животот, кои гледаат и не видат, слушаат и не чујат; нивното срце е скаменето и ушите им се глуви, за да не ги разликуваат доброто од злото, светлината од темнината и животот од смртта. А ние, браќа, да се држиме за верата, во која стоиме и се фалиме со надежта во славата Божја“ (Рим. 5, 2), да се зафатиме за нашите подвижнички трудови, во кои се подвизувале светиите, во чиј број е и сега празнуваниот блажен Пахомиј, – да гледаме добро, да слушаме добро, добро да допираме, да се користиме добро со сите наши членови, за да бидеме наследници на ветениот вечен живот.

231.

1. Со вознесението на Господа Исуса Христа го празнуваме и вознесението на нашата природа; да го почитуваме овој дар и да се украсуваме со секакви добродетели.
2. Кој не е таков, тој не е Христов член. Затоа, секој кој е поробен на некоја страст, нека се покае и нека се поправи; оној што, по извесно време, ќе потпадне пак под дејство на страстите, нека побрза да ја поправи својата духовна расположба.
3. Да побрзаме, зашто смртта е секогаш близу до нас, а по смртта ги чека осудување непокајаните.

1. Го празнуваме Господовото Вознесение, крајот на домостроителното воплотување на нашиот Господ Исус Христос. Откако завршил сѐ што било по волјата на Отецот, се вознел во слава, и нас нѐ совоскреснал и нѐ издигнал на небото во Своето свето Тело. „Колкаво е богатството на Неговата слава! И колку е неизмерна величината на Неговата сила!“ (Ефес. 1, 18-19). Тој ја издигнал нашата смирена и ништожна природа и ја поставил на Својот божествен Царски престол и сите небесни сили Му се поклонуваат Нему. Кога помислуваме за ова, да се исполнуваме со страв и трепет, со побожност да ја почитуваме големината на овој дар и да живееме достојно према нашата Глава, како членови Христови, како оние што имаат исто тело како Неговото и сонаследници „со чистота, со знаење, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов, со проповедта на вистината, со сила Божја“ (2. Кор. 6, 6-7), со секоја послушност и смирена мудрост, со секоја загриженост и внимание, без да изговараме нешто неумесно и без да правиме нешто против заповедите.

2. Па така, оној што го осквернува своето тело – тој веќе не е член Христов. И тој што има некоја страст, и тој веќе не е Христов член. И затоа е недостоен да се причестува со Светите Тајни. Затоа апостолот говори: „Секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и го пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово. Па затоа меѓу вас има многу немоќни и нејаки, а мнозина и умираат. Зашто, ако бевме се испитувале сами себе, тогаш немаше да бидеме осудени. Но судејќи нѐ, Господ не превоспитува, за да не бидеме осудени заедно со светот“ (1. Кор. 11, 28-32). Затоа, да се очистиме и да се поправиме, та достојно да се именуваме членови Христови и достојно да се причестуваме со светите тајни. Ако ни се случи од невнимание да се распалиме со лоша похот, или со гнев или со завист, или со омраза или со нешто друго што е омразено пред Бога, да се потрудиме што побрзо да се поправиме, да дојдеме до претходната добра положба, да се отрезниме и да не се задржиме во злото, зашто свесното и доброволно задржување во ова ја донесува неизвинителната осуда.

3. Зар смртта не може да дојде неочекувано? Ете, вчера го посетивме нашиот епископ. Го најдовме во висока температура и истоштен: тој се вртеше таму ваму, бараше помош, и никој не можеше да му помогне. Зар и ние не можеме оддеднаш и ненадејно да се најдеме во иста состојба? – А што се овие маки во споредба со идните? Тие, во споредба со нив, се само како сон и сенка. Тој оган не изгаснува, тој црв не умира, тој мрак не се разнесува, тие вериги не се разврзуваат: и крцкањето со забите не престанува и сите други пеколни маки се вечни. Кога помислуваме сериозно за сето ова, браќа, да престанеме да ги сакаме страстите, да престанеме да завидуваме, да се гневиме, да осудуваме, да клеветиме, и да престанеме да правиме сѐ друго што е лошо. Напротив, да почнеме да создаваме мир, да ја пазиме нашата добра расположба, да се скрушуваме, да бидеме милостиви, да се сакаме еден со друг со чиста љубов, и сѐ што ни е заповедано, да го извршуваме усрдно и доброволно – за да ги избегнеме и вечните маки и да го добиеме вечниот живот.

232.

1. Господ ветил дека ќе испрати друг Утешител, а тоа го исполнил на Светата Педесетница. Колку е ова големо!
2. Како да благодариме? Да Го исповедаме големиот Цар и да се воодушевиме за извршување на секое добро; да се бориме против сѐ што е страстно и телесно; во секоја неволја – утехата да ја бараме само од Господа.
3. Да бегаме од сѐ што Му е неугодно на Бога.

1. Ја празнуваме Педесетницата и слегувањето на Светиот Дух, за што говори Господ, велејќи: „Подобро е за вас Јас да си отидам, зашто, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде кај вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам. А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во сета вистина; но од Себе нема да зборува, туку ќе говори што чуе, и ќе ве извести за она што доаѓа.“ (Јован 16, 7. 13). Какво е ова ветување! Со колку нешто големо сме удостоени! Спасителот не ни ветил дека ќе ни испрати ангел, или човек, туку Самиот Свети Дух, Кој има иста суштина на Него. Па така, Единородниот Божји Син ја извршил работата на Отецот, се вознел на небото, а Светиот Дух слегол. Не слегол при нас друг Бог. Не, тоа никако, туку друг Утешител, како што е напишано. О, неискажливо човекољубие! Самиот Бог е наш Утешител! Тој ја утешува натажената и измачена душа: ѝ дава сила да не очајува во тешките прилики, како што сведочи и апостолот, велејќи: „Бевме притеснети во маки; однадвор борби, одвнатре страв. Но Бог, Кој ги утешува понизените, нѐ утеши“ (2. Кор. 7, 5). Он го утешува срцето, исплашено со демонски стравувања, го издигнува преку смела надеж кон непобедлива храброст, како што сведочи светиот Давид, кој вели: „Покажи со мене чудо за добро, па да видат оние, што ме мразат, и да се засрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши“ (Псал. 85, 17). – Утешителот го одушевува смутениот ум, му дава мир со Бога и тој се смирува, како што сведочи апостолот, велејќи: „Ние сме Христови пратеници, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христа: помирете се со Бога!“ (2. Кор. 5, 20). Ја гледаш ли несфатливата Божја снисходливост? Го гледаш ли неспоредливиот дар? Горе е Единиот Син Божји, Кој се застапува за нас пред Отецот, како што е напишано: „Кој е од десната страна на Бога, и се застапува за нас“ (Рим. 8, 34). А Светиот Дух долу утешува на најразлични начини.

2. Како да Му благодариме за ова на Господа? Ни останува само да ја запееме песната од псалмите и да извикуваме: „Сите коски мои ќе речат: Господи, кој е подобен на Тебе, Кој спасуваш слаб од силен, беден и сиромав од грабителите нивни?“ (Псал. 34, 10). И пак: „Помошта наша е во името на Господа, Кој ги создаде небото и земјата“ (Псал. 123, 8). И уште: „Да не ми беше помогнал Господ, душата моја брзо ќе се преселеше во адот“ (Псал. 93, 17). И: „Господ е мој помошник, нема да се уплашам: што може да направи човек?“ (Псал. 117, 6). Имајќи Го Светиот Дух, непобедливата сила, Големиот Заштитник – Бога и Помошникот, да не се плашиме од непријателот и од спротивните сили, а имајќи го Него за закрилник, да побрзаме храбро да се зафатиме со подвижнички и исповеднички борби, и дење и ноќе, не измамувајќи се од измамите на ѓаволот, не попуштајќи под неговите непрестани напади, да ја изгасиме телесната љубов, која го исполнува како со оган домот на нашата душа.

Ве уверувам, дека тоа не е задоволство, туку дека е опасна болест, дека не е сласт, туку е застранување на умот и негово помрачување. Ова го знаат оние што го скротиле телото, што ја измиле неговата нечистотија и кои се прилепиле кон Единиот Бог со сето свое срце. А што е она што е најслатко и најпосакувано? – Оној што го добил него, тој и во телото е над телото, во светот е, а е и над светот: живее овде во овој свет, а е и над него. Во тоа се брановите на благодатта, кои се подигнуваат од поддувнувањето на Духот; ја исполнуваат со спокој душата, колку е тоа можно.

3. Зошто дозволуваме сластољубието да нѐ победува и да нѐ изменува толку многу, така што сме прилепени за земјата, за телото и за крвта, и целосно сме се отуѓиле од нашиот предобар Бог? – Да бегаме од секоја страст, од среброљубието, од изворот на предавството: да бегаме од неверувањето кое нѐ одвојува од општењето со Бога. Да бегаме и од секоја друга страст, која ја напаѓа нашата душа; од гневот, зависта, самољубието, самоувереноста, за да не нѐ најде смртта неподготвени и да нѐ отуѓи од Бога, зашто отуѓувањето од Бога е отуѓување и од царството небесно. Од ова нема да избегаат оние што го прават она што не Му е угодно на Бога. Да го избегнеме гневот што нѐ очекува; да почнеме постојано да Му угодуваме на Бога. – Да се обновиме себе си и да ги очистиме нашите души! Бидете храбри, Господ е близу до сите што Го повикуваат.

233.

1. Празник на сите светии. – Кои се тие? – Тие се сите маченици: едни се оние што ја пролеале својата крв, а другите се оние што преку своите подвизи се самоумртвувале. 2. Кон овие се прибројуваме и ние. Нашите мачители – страстите, страсните луѓе и демоните – бараат од нас да отстапиме од Бога и да преминеме на нивната страна, но бидејќи ние не им се покоруваме, трпиме надворешни и внатрешни лишувања и маки, и постојани борби.
3. Но, да останеме тврди до крајот и да се удостоиме да бидеме заедно со мачениците.

1. Се удостоивме да го отпразнуваме празникот на празниците Светата Педесетница. Ни претстои и празникот на сите светии. Колку светии се спомнуваат на овој празник? Кој може да ги изброи небесните ѕвезди и песокот покрај морето? – Толку се безбројни Божјите светии, сведоците на Божјата вистина и мачениците, кои храбро им се спротивставувале на мачителите и кои претрпеле разни мачења со храброст и со радост: оган, меч, ѕверови, тркала за измачувања, железни нокти, како и сѐ друго, што можела да измисли злобата, сметајќи ги маките за радост и пролевајќи ја својата крв за Христа; со ваквата своја вера оделе по разгорен јаглен, гасејќи ги со својата крв кладите во пламен; издржувале многу страотии, кои ги надминувале човечките сили; со тоа ги победувале мачителите и царевите, за да посведочат -што? – Тоа дека Исус Христос е Син Божји и дека во Негово име ни се дарува вечен живот, како што е напишано. Но, дали се сведоци на вистината само оние, што ја пролеале својата крв? – Не, такви се и сите оние, кои живееле божествено, за кои пишува апостолот: „Скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам – тие, за кои светот беше недостоен – скитаа по пустини, по ридови, по пештери и јами во земјата.“ А малку понатаму: „Имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно нѐ прилепува за нас, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи го пред очи Зачетникот и Давршителот на верата Исус“ (Евр. 11: 37-38; 12: 1-2). Видиш ли дека тој ги нарекува маченици и сите љубители на подвижничкиот живот, кои го живеат својот живот во доброволни лишувања со трпение?

2. Еве, на ваков начин, браќа, и ние се присоединуваме кон мачениците, зашто и ние со тоа што сакаме и што трпеливо одиме по страдалниот пат на крстоносниот живот, со тоа што го запазуваме заветот на девството и што не се откажуваме од многуте борби за нас, со страшното послушание сведочиме дека Исус Христос е Син Божји, дека ќе има Суд и награди и казни, сведочиме дека пред Христовиот страшен суд ќе даваме одговор за тоа како сме живееле, спротивставувајќи му се на ѓаволот, непријателот на Христа, кој нѐ измачува и бичува со лоши помисли и смртоносни похоти, принудувајќи не да се откажеме од Бога. Оние, кои живеат во беззаконија и со своите помисли и чувства му се покоруваат на противникот и одат по него, тие и со самата своја расположба сведочат и говорат дека за нив нема Бог, според зборовите на царот Давид: „Рече безумникот во срцето свое: ,нема Бог’“ (Псал. 52, 1). Зашто непријателот, ако претходно не предизвика во душата на луѓето заборавање на Бога или одрекување од Бога, тој не може да го склони умот кон телесните похоти, решеност да грешат, да пијат вино, кон гозби, алчност, среброљубие, кон идолопоклонство и кон секакви други нередности; кога ќе успее во тоа, тој почнува да владее со душата, и кога го оттргнува од Бога тогаш го фрла во неизгасливиот оган на вечни маки, заедно со себе. Колку е страшна ваквата измама и каков е страшен нејзиниот крај!

3. Но ние, како добри Христови сведоци, ќе продолжиме да даваме добро сведоштво, ќе продолжиме добро да исповедаме, радувајќи се заедно со сите светии, кои се удостоиле да сведочат за Христа, не приклонувајќи ги своите колена пред Ваалот, односно, не склонувајќи се кон телесните похоти и другите гревовни сласти. Да не му веруваме на непријателот кога ќе ни нафрлува помисли да се откажеме од послушанието, туку храбро да му се спротивставуваме; ако некогаш бидеме победени, да не дозволиме да бидеме конечно победени. Вие знаете каков е плодот на ваквото маченичко сведочење, знајте дека Христовите сведоци, кои им сведочеле на сите за Него, за своето вистинско сведочење претрпеле страшни маки; тие во Идниот живот ќе бидат сонаследници Негови, како што вели апостолот: „А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава“ (Кол. 3, 4). А тогаш и ние, што до крајот на нашиот живот ќе продолжиме да сведочиме за Него, ќе се удостиме да ја добиеме вечната награда и да продолжиме вечно да живееме со Христа во веселба и во радост.

234.

1. Во неделите нека ни биде поучение спомнувањето за благата, кои ги придобил за нас Господ Исус Христос со Своето воскресение.
2. Откако си спомнеме за нив, не можеме да не бидеме поттикнати да Го засакаме Господа, Кој нѐ засакал толку многу, пројавувајќи ја нашата љубов према Него во извршувањето на Неговите заповеди и во оддалечувањето од сѐ што Му е Нему непријатно.
3. Кон засилување на ваквото поттикнување да ја дадеме уште мислата за смртта, за што ни дава сега повод смртта на братот Евдоким.

1. Самиот неделен ден, што го празнуваме денес, ни дава доволен повод за поучение, ако бидеме внимателни. Нашиот Господ Исус Христос нѐ подигнал паднатите од гревот, нѐ оживеал нас, кои сме биле умртвени со гревот и со необрезаноста на нашето тело. Во овој ден, пак, ни го отворил рајот за да вкусиме од дрвото на животот, кое е Неговото жтрвотворно тело и Неговата крв. На денешен ден, како воскреснати од смртта, можеме заедно со апостолот да ги извикаме пророчките зборови: „О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?“ (1. Кор. 15, 55). Ти си победена од Оној, Кој што рекол: „Не плашете се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 16, 33). Во овој ден, говорејќи со зборовите на апостолот, Бог и Отецот „нѐ воскресна со Него и постави на небесата во Христос Исус, за да им покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус. Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји“ (Ефес. 2, 6-8). О, дар голем и несфатлив! Од што и кон што нѐ довел? – Од смрт во живот, од темнина – во светлина, од ропство – на слобода, од непријателство – во вистинско пријателство: ја дал милоста и нѐ направил, да бидеме „да бидат сообразни со ликот на Неговиот Син“ (Рим. 8, 29). Колку е голема и неискажлива оваа благодат! Колку е Неговата љубов безгранична према нас! Он Го дал Својот Единороден Син за искупување на сите нас. И како тогаш да не извикуваме кон Него: „Кој ќе ја искаже силата на Господа, кој ќе ја извести сета похвала Негова?“ (Псал. 105, 2).

2. И ние да Го возљубиме Оној, Кој нѐ возљубил така, да умреме за Него, Кој умрел за нас, да не се обраќаме кон телото и крвта, да не дозволуваме да нѐ измамува змијата, да не се занесуваме по сластите на животот, да не си дозволуваме да вкусиме од плодот на гревот, од кој се раѓа смртта, зашто е напишано: „Ако, откако ја познаеме вистината, своеволно продолжуваме да грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови, туку страшно очекување на суд и јаростен оган, што ќе ги проголта противниците“ (Евр. 10, 26-27). Затоа, со внимание и побожност да Му служиме на Господа, да работиме за Него, со разум и среденост да живееме, со разумна трпеливост да ги извршуваме служењата што ни ги возложуваат, точно да го пазиме она што ни е заповедано, не само во духовните, туку и во телесните работи, дури и во тоа: да запалиме оган и да налиеме вода.

3. Но, пред сѐ, не треба да забораваме дека ни претстои смртта. – Еве, и братот Евдоким појде при Господа. Ако и смртта на нашиот брат не нѐ вразумува, тогаш што друго може да нѐ обрати? Ако и тајната на смртта не нѐ убедува, тогаш што друго може да нѐ задржи од погубните страсти? Зар не ни е познато дека страшниот смртен час може да ни дојде и тогаш кога говориме и се советуваме за нешто? Часот на смртта е страшен за оние што им робуваат на своите гревови, кои не се очистиле од своите гревови со покајание, за оние што живеат неуредно и своеволно, но тој е сакан и сладок за оние што Го љубат Бога, за побожните и добродетелните, за послушните и смирените. За„ тоа, ве молам, браќа, да ги засакаме овие и вакви помисли, да се оддалечуваме од страстите, колку што можеме и со љубов да Го прегрнеме Христа, да напредуваме во добродетелите, така да живееме дури до смртниот час, за да Го наследиме царството небесно – во Христа Исуса – нашиот Господ.

235.

1. Некој кога умирал извикал: „Смртта ме најде неподготвен“, и веднаш потоа ја испуштил својата душа; дури не успеал да ги изговори сите зборови. Поуката е: да живееме така, за да бидеме секогаш готови да ја пречекаме смртта.
2. Откако рекол, дека ова најлесно можат да го постигнат оние, кои живеат во манастирското општожитие, искажува жалење према оние, кои живеат сами; ги пофалува оние што живеат по двајца или тројца, а особено оние што живеат во манастирска заедница.

1. Денес е недела, јас сакам да ви говорам за смртта. Ете, гледате колку често нашите браќа и отци, еден по еден, си одат од нас. Зар не е ова напомнување, дека и ние набргу ќе преминеме од другата страна, нема да преминеме во некакви земни и гниежливи места, туку во неземни и вечни живеалишта, од каде не може никој да се врати, којшто еднаш отишол таму. Навистина, страшна е смртта кога слушаме за неа, но таа ќе биде неспоредливо пострашна кога ќе ја видиме со нашите очи, како што го доживеавме ние ова пред шест дена при смртта на Халкитскиот игумен. Ние го затекнавме токму при неговото последно издивнување. Тоа беше нешто што е страшно да се чуе и да се види! Блажениот уште дишеше кога изговори со силен глас: „Ме повикаа неподготвен!“ И кога ги изговори овие зборови, ја затресе малку својата глава и раката, и замолкна, и не успеа да каже до крај, што беше почнал да говори. – Но, ние чувствуваме што значеше овој страшен настан. – Ова не ви го раскажав за да фрлам извесна сенка на упокоениот. Не, никако. Ова го раскажав, за да се исплашам себе си и за да ве поттикнам и вас, за да не нѐ најде овој час неподготвени и од нашето грло да не излезат такви зборови во часот на нашето умирање, туку да бидеме секогаш подготвени за да го пречекаме. Зашто е напишано: „Се подготвив и не се збунив да ги запазам Твоите заповеди“ (Псал. 118, 60). Но, во ова нема да успееме, ако секогаш не внимаваме на себе и ако не настојуваме да се трудиме да правиме добро и со покајание да се чистиме од нашите гревови; секогаш да бидеме во таква расположба и така подготвени, како да треба веднаш да нѐ земат на небо. – Зашто пред кого треба таму да застанеме? – Зар не пред Судијата на сите, пред Бога? Пред Исуса, пред Кого ќе „да се поклони секое колено на сѐ што е небесно, земно и подземно“ (Филип. 2, 10). А за што ќе одговараме? За сѐ што сме направиле на земјава со дела, зборови и помисли.

2. Кога си спомнувам за ова, мене секогаш ме опфаќа таков ужас, така што се избезумувам. А вие, можеби, помислувате за ова без страв, затоа што со готовност го извршувате сето она што ви е возложено, зашто таков е животот во вистинската послушност. Но, какво оправдување ќе си подготват за пред Христовиот престол оние, кои го избегнуваат послушанието и живеат сами, кои одат таму-ваму и не наоѓаат место, каде да застанат цврсто со своите нозе? Каква неволја! Колку страшно зло! Како се вратиле назад оние, што почнале право да чекорат по патот на монашкото живеење? „За нив би било подобро, да не беа го познале патот на правдата отколку, откако го познаа, да отстапат од светата заповед која им е предадена. Ним им се случува според вистинската поговорка: ,песот се враќа на својата блујавица“, и ,искапената свиња – во калта“ (2. Петр. 2, 21-22). „3ошто, пријателе, зошто го носиш ропскиот јарем?!“ – Така говорат оние и така се оправдуваат кога го напуштаат манастирот и одат во осаменички живот, велејќи дека во манастирското општожитие владее ропство. Откако ќе го отфрли јаремот на светот, ќе избега од светот и ќе се ослободи од сѐ што е телесно, а сега нема ли да земеш и жена, зашто овие две работи се нераздвоени: му припаѓаат на светот и на оној што е во светот? – За оние што водат крстоносен живот, потребно е и едното и другото. Но, причината за ова е, како обично, гревот. Доколку сме страстољубиви и среброљубиви, само од себе се подразбира и љубовта према жената. А потоа, за да нема сведоци и изобличители, за она што станува со нас, ние не сакаме никого за да живее со нас и одлучуваме да живееме сами и се осамуваме, стануваме користољубиви, бидејќи веќе потполно сме се предале на гревот и сме станале робови на телото и на крвта. Од сето ова настануваат – внатрешното растројство, соблазните и паѓањата. Затоа јас плачам и жалам. Изобличувам и се заканувам, но не ме слушаат. Но, ваквите да го слушаат со внимание она што го вели Господ: „Да не бев дошол и да не им бев зборувал, грев немаше да имаат. Но, сега немаат изговор за својот грев“ (Јован 15, 22). Јас сум чист од крвта на таквите. Ние би можеле сосема да ги отсечеме од нашата заедница, според заповедта – (да ги имаме како незнабошци), но, бидејќи сега имаме гонења, ова го одложувам; „и да се ослободат од мрежата на ѓаволот кој ги уловил живи за да ја исполнуваат неговата волја“ (2. Тим. 2, 26). А вие сте благословени од Бога, вие кои живеете еден со друг, по двајца или по тројца и, што е уште попофално, живеете според уставот на манастирското општожитие, во киновија, што седите во манастирот и што без потреба не излегувате оттука, освен во исклучителна потреба, за време на свеченостите и празниците, кога си служите еден на друг, а со тоа и со тоа – господарите над светот, бидејќи сѐ што правите, го правите од љубов према Бога и према браќата. Да ви се умножат благодатта и мирот и да ги видите убавините на горниот Ерусалим – во Исуса Христа, нашиот Господ.

236.

1. Да бидеме будни и будноста наша да ја оживуваме со зборовите на Светото писмо; да го очекуваме ненадејното доаѓање на Господа, кога будните ќе бидат издигнати да Го пречекаат.
2. А кои се таквите? – Оние што се украсени со добродетели, кои се посочени во зборовите на Господа за блаженствата. – Вака загрижени да се грижиме и да работиме за нашето спасение, без да се плашиме од гонењето што почнува и да мислиме какво ќе биде.

1. Ние сме должни да говориме, и никогаш не треба да молчиме. Зашто молчењето ја успива душата, а таквиот сон е причина за смртта. Треба да Му се молиме на Бога да нѐ избави од него. Светиот псалмопејач Давид рекол: „Просвети ги очите мои, за да не заспијат некако со сон смртен“ (Псал. 12). Зборовите што се раздвижуваат во срцето се како извор на вода, која тече во вечниот живот. А што може да биде покорисно од ова? А блажениот апостол, знаејќи го ова, вели: „Словото Христово изобилно нека се всели во вас; во секоја премудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господ со благодарност во срцата ваши“ (Кол. 3, 16). Гледаш ли како ни заповеда ние самите да се учиме и да се вразумуваме еден со друг, а да не се задоволуваме само со она што ние лично го знаеме. Јас смирениот се исповедам пред вас, дека кога разговарам со вас, секогаш добивам голема корист и за себе: се повикувам себе си од метежот на овој живот, станувам потрезвен и почнувам да ги сознавам и чувствувам моите прегрешенија. Зашто навистина овој живот е многу метежен, секој ден слушаме лоши и суетни зборови, а освен тоа, и ѓаволот напаѓа со помисли, кои се спротивни на доброто. Сето ова треба да го отфрлуваме со зборови, да ја пазиме нашата совест чиста и будно да внимаваме на сѐ. Треба да мислиме за нашата крајна цел и за нашето предзначение. Нашата цел е: „да Му служиме на живиот и вистинскиот Бог“ (Евр. 9, 14); „да Го очекуваме од небесата Неговиот Син, Кого Тој Го воскресна од мртвите, Исус, Кој нѐ избави од гневот што доаѓа“ (1. Сол. 1, 10). Но, ни еден роб не дреме, не почива и не спие; тој го очекува својот господар, на кого му е потчинет, тој е буден и бдее, неспокоен е и го очекува оној кого треба да го пречека, за што и апостолот говори многу јасно, велејќи: „Бидејќи Сам Господ по заповед, при гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ“ (1. Сол. 4, 16-17).

2. Но, кои се тие? – Бедните по дух, оние што плачат, чистите по срце, кротките, миротворците, милостивите, оние што го носеле јаремот на послушанието и кои го запазиле исповедањето ненарушено, – овие ќе бидат со Него. А оние што правеле лоши дела, непослушните, непокорните, отстапниците од исповедта, оние што не сакале да бидат послушни и што правеле секакви лоши дела, – тие нема да бидат земени на облаците, туку, а што е многу пострашно. „со вечна погибел ќе бидат казнети далеку од лицето на Господ и од славата на Неговата моќ“ (2. Сол. 1, 9) и што уште не, да не ни го даде тоа Господ нам! – Затоа треба на секој начин да се трудиме за делото на нашето спасение, знаејќи дека сме соочени и со гонења и дека ни се приближуваат искушенија. „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?“ (Рим. 8, 31). Ако во текот на изминатите гонења беше со нас, зошто да не биде со нас смирените и за време на сегашните, давајќи ни крепост и сила за да можеме да издржиме сѐ, според Своето ветување? А и што можат да ни направат нашите противници? Пак да нѐ прогонат? Но, „Господова е земјата и она што ја исполнува вселената и сѐ што живее на неа“ (Псал. 23, 1). Пак да нѐ стават в затвор? – Но, ништо нема послатко од затворот кога е некој таму заради Христа. – Дали ќе почнат пак да нѐ бичуваат? – Но, со тоа само ќе ги зголемат нашите венци. А што, ако нѐ и убијат? Па и нашиот Господ Го убиле? Затоа апостолот и говори: „Ако со Него сме умреле, со Него и ќе живееме. Ако истраеме, со Него и ќе царуваме; А ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас“ (2. Тим. 2, 11-12). Таков бил свети Теодор, еден од најголемите Христови сведоци, чиј спомен денес го празнуваме. Тој претрпел сѐ со радост за Христа. И ние смирените со таква вера да Му послужиме на Господа. Со ваква надеж да истрпиме секаква мака и незгода, во кои се наоѓаме, па за нашето служење и нашето исповедништво да бидеме удостоени да го наследиме царството небесно – во Христа Исуса, нашиот Господ.

237.

1. Ние сме расеани. Всушност, треба да му се радуваме на ова.
2. Ги изобличува лудостите на иконоборечките размислувања.
3. Го оправдува она што говори против нив.
4. Ги повикува сите да ѝ служат на вистината не само со зборови, туку и со дела и со достојно живеење.

1. Вчера го празнувавме споменот на свети Јован, Претечата на Господа. Притоа си спомнавме и за нашиот монашки живот. Но, тогаш бевме сите заедно „и сме оделе заедно во Божјиот дом!“ (Псал. 54, 15). А сега веќе сме расеани кој каде, по разни места и населби. Но, бидејќи нашата расеаност е заради Бога, ние треба да се радуваме, според заповедта што ние дадена: „Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата“ (Матеј 5, 12). Освен тоа, ние бевме споредувани со Господа, Кој рекол: „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, Зашто не Го знаат Оној, Кој Ме испрати“ (Јов.15, 20-21).

2. И, навистина, како што Јудејците, кои не Го примиле Синот Божји, покажале дека не Го знаат Отецот, така и иконоборците, не примајќи ги Христовите икони, покажуваат дека не Го познаваат Христа. Вистината е јавна, а неа ја знае еден од илјада. Гледајте како се раздвојува нивното лошо мудрување: еднаш велат, дека никако не треба да се слика иконата на Христа, а другпат велат, дека таа треба да го има значењето што го имаат знаците, кои се употребуваат за време на војна или лов, но дека не треба да им се поклонуваме, како што говорат, тие не им се поклонуваат на коњот, бикот, лавот, тигарот, змијата, рибата и птицата. Слушајќи го ова, кој нема да се возбуди, кој нема да пролие солзи, кога иконата Христова, со која со почит и трепет стојат светите ангели, од која се плашат демоните, – не се срамуваат да ја споредуваат со сликите на четвороножните животни, лазачите, рибите и птиците, и дека затоа не треба да ја почитуваме ни Христовата икона. – Каква страшна измислица и каква ужасна смелост! – А потоа уште што? – Сликата на човек ја именуваат човек, на бикот – бик, на камилата – камила: според она што е насликано, така и се именува, а иконата на Господа Христа, на Божјата Мајка или на некој од светителите, никако не дозволуваат да се нарекуваат со нивните имиња, дури не и во преносна смисла, туку едноставно говорат: дека тоа е икона, не додавајќи чија, за, како што мислат, да не погрешат. Ете, тие се исполнети со таква неразумност и со таква хула! А вие, браќа, слушајте го со внимание она, што го кажале светите отци наши и знајте дека, ако има место, каде се родил Господ Исус Христос и други свети места и на нив се поклонуваат луѓето и секој, кој ќе добие таму песок или камче, го пази тоа како светиња и свето сокровиште, па зар не е повеќе достојно за почит и поклонување на Христовата икона, на која се гледа Тој јасно, како во огледало, и предизвикува чувства, кои се соодветни, како да е присутен? Бидејќи такво е својството на сликата: таа го претставува оној што е насликан на неа.

3. Затоа и јас смирениот, жалејќи со сето мое срце за заблудените иконоборци, и плашејќи се дека ќе бидам накажан, ако молчам, го говорам по неопходност ова што го говорам, иако е ова и малку и накусо. Ако кривоверниците не престануваат, поодделно и заеднички, јавно, писмено и усно, да го хулат со јазикот свој Христа, тогаш зошто ние, кои сме во нашиот заеднички дом, да не поговориме меѓу нас за она што станува околу нас така, како што мислиме и веруваме? И како би го претрпеле гневот на Господа, кога би постапиле поинаку? И какви подражатели ќе им бидеме на нашите отци, кои молчењето во ваквиот случај со право би го именувале предавство према вистината?

4. Па затоа, треба да говориме и да слушаме, треба да ѝ служиме на вистината и со зборови и со дела. И светите апостоли не само со својата проповед, туку и со својот чист и непорочен живот ја покориле вселената, ги просветиле оние што живееле во темнина и ги осолиле со солта на премудроста безумните, носејќи со себе само торба и стап. Подржувајќи ги нив, браќа, и ние ќе заслужиме пофалба, ако бидеме задоволни со она што го имаме, да не бидеме среброљубиви и користољубиви, да не излегуваме без потреба надвор од манастирот, да немаме познанства со жени, од кои е смртта. Ако живееме вака, тогаш Бог ќе се прослави во нас, ќе се зголеми исповедништвото што претстои и нашите противнападници малку ќе се посрамат и ќе бидат подготвени да се обратат. Ако не бидеме вакви, тогаш постои опасност, место да бидеме блажени, да заслужиме вечно осудување. А самиот Бог на мирот, Кој претвора на подобро, да ја умири Својата Света Црква, а нас да нѐ запази верни према вистината и да нѐ воведе во Своето небесно царство.

238.

1. Сега е време на жетва. Слична на неа е и нашата духовна жетва.
2. Нашите плодови се добродетелите.
3. Нашата житница е смирението.
4. Нашата жетва продолжува целиот наш живот.
5. Нашите земјоделски алатки се сите наши подвизи и послушанието.

1. Сега е време за жетва, време на тешка работа и потење, кога се извршуваат зборовите од псалмите: „Човекот излегува по своја работа и работи до вечерта“ (Псал. 103, 23), не давајќи си одмор сѐ додека не се сврши жетвата, додека не биде свршено ожнеаното и додека житото не биде внесено во амбар. – Што да кажеме во врска со ова? Ако за земните придобивања е потребен труд, таква тешка работа, не е ли потребно ваквата тешка работа и за придобивање на духовните вредности? И нам ни претстои жетва, како што говори апостолот: „Кој скржаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе ожнее“ (2. Кор. 9, 6). А Господ, пак, им говори на Своите ученици: „Не велите ли вие дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас, пак, ви кажувам: подигнете го погледот и видете ги нивите како веќе побелеле, готови се за жетва. И жетварот веќе добива плата и собира род за вечен живот, та да се радуваат заедно со сејачот и жетварот“ (Јован 4, 35-36).

2. Да излеземе на жетва со потполна усрдност и да ги собереме плодовите, не тековните и земните, туку духовните, кои остануваат за вечен живот. Овие плодови се: осветувањето и мирот, љубовта и радоста, добродушноста и трпението, милосрдноста и кротоста и секоја друга добродетел. Ова се духовните плодови, кои треба да ги собираме со расудување, така што кон доброто да не го мешаме лошото, односно: да сакаме, но без страст; да се натпреваруваме, но без завист; да говориме за братот, но без непријателство, и, воопшто „да можете да ја познавате, која е благата, угодна и совршена волја Божја“ (Рим. 12, 2), за да ја извршувате.

3. А плодовите од нашата духовна жетва е нивното собирање во ризницата на смирената мудрост, како што рекол Самиот Господ, велејќи: „Кога исполните сѐ што ви е заповедано, говорете: ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме“ (Лука 17, 10), а апостолот говори: „Што имаш, што не си примил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?“ (1. Кор. 4, 7).

4. Ете каква е нашата жетва, каква е нашата работа, која не продолжува два или три месеца, туку трае во текот на целиот наш земен живот, кој, ако го споредиме со идниот живот, е како еден ден, зашто тој живот ќе нема крај; во идниот живот секој ќе се храни од плодовите на овдешните трудови и вечно ќе им се радува.

5. Само „умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомоста, која е идолопоклонство“ (Кол. 3, 5): само смирено да го носиме јаремот на послушанието, еден на друг да си помагаме; „поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов“ (Гал. 6, 2). И блажен е оној, кој пред сѐ ја поклонува својата глава, а најблажен е оној кој најмногу се потрудил, зашто колку е поголем трудот, толку е поголема и наградата; оној кој ќе го земе последното послушание, тој со првенство ќе биде награден, како што говори Господ: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да го даде животот свој за откуп на мнозина“ (Мк. 9, 35; 10, 44-45). Браќа, да размислиме за ова и така да се самопринудуваме, за да бидеме достојни да го чуеме гласот: „Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам: влези во радоста на својот господар“ (Матеј 25, 21).

239.

1. Жетва. Сите се трудат и не знаат за умор: така треба да се трудиме и ние – секој во својот дел од трудот.
2. Таму можат да се оправдуваат со своите немоќи, а овде тоа е неможно, зашто ние треба само да посакаме, и веднаш да земеме.
3. Така дејствувале отците, и сега се хранат од таквите плодови.

1. Време е за жетва, како што гледате, и секој земјоделец се труди да ги собере своите плодови. Ни напорната работа, ни сонцето што пече не го заморуваат работникот; се труди од утро до вечер: постојано се наведнува и исправува, сѐ додека не ја заврши својата работа. – А ние, кое се именуваме слуги Христови и кои живееме монашки, и ние имаме наша жетва, на која им укажал Господ на Своите ученици, велејќи: „Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас пак ви кажувам: подигнете го погледот и видете ги нивите како веќе побелеле, готови се за жетва. И жетварот веќе добива плата и собира род за вечен живот, та да се радуваат заедно сејачот и жетварот“ (Јован 4, 35-36). Очигледно е дека на овој начин ние имаме и сеидба и жетва, и таа не продолжува некое одредено време, туку продолжува без прекин, засекогаш. Браќа, да живееме усрдно: да учиме, да поучуваме, да се грижиме за сѐ: економот – во економијата, послушникот – во послушанието, безмолвникот – во безмолвието, оној што се моли – да биде трпелив во молитвата; сите да правиме сѐ, според тоа колку сили имаме. Кога телесните луѓе толку усрдно се трудат во своите работи, како можеме ние духовните да им пристапуваме на нашите духовни работи негрижливо и мрзливо, кога тие се потат, и не отстапуваат од својата работа, како смееме да имаме одвратност кон нашите аскетски задолженија? Зар царството небесно не ни припаѓа на нас? Зар не нѐ очекуваат вечниот живот и неискажливата радост? А и можно ли е да бидеме мрзливи и да го добиеме она што е најголемото и најсаканото? Никако. Да се разбудиме од сонот на мрзливоста и од неработењето и со сета наша ревност да се зафатиме со работа, зашто не го бараме она што гние и она што минува брзо, туку негниeжливото и вечното, така што и за нас да може да се говори: „Ти ќе јадеш од плодовите на рацете свои: блазе тебе и добро ќе живееш“ (Псал. 127, 2).

2. Никој да не вели дека е немоќен и дека не може да жнее. Немоќниот телесно не може да работи тешки работи, но во духовните, потребно е само да посакаш, и ќе можеш да го правиш доброто: имаш солзи, скрушеност, го пазиш својот ум, имаш мир и светиња, кои Му се мили на Бога повеќе од сѐ (сп. Евр. 12, 14). Никој да не рече: паднав и целиот сум искршен, не можам да се подигнам и да одам право. Ти само посакај, и ќе добиеш: Господ ќе те подигне, „Кој од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот“ (Псал. 112, 7). Зар „паднатите не стануваат, и оние што скршнале од патот не се враќаат?“ (Јерем. 8, 4). „Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израилев?“ (Језек. 33, 11). Какво оправдување можеме да имаме и какво извинување што не ги извршуваме заповедите ревносно, за на тој начин да ги добиеме ветените блага?

3. Гледај како се труделе светите отци: сееле, жнееле, собирале во своите житници, а сега се радуваат очекувајќи го доаѓањето на последниот ден, кога ќе засјаат како сонце. Да не дозволиме, браќа, да се оддалечиме од нашите духовни отци, и за малку и ништожни задоволства да го продадеме нашето спасение и поради тоа да бидеме вечно измачувани, туку, колку што ни дозволуваат нашите сили, да се трудиме да трчаме по нив, поднесувајќи и претрпувајќи сѐ, за да го наследиме царството небесно во Исуса Христа, нашиот Господ.

240.

1. Мирјаните пред својата смрт оставаат завештание, а и монасите оставаат завештание. Какво е нивното завештание? – Тоа дека сме овде туѓинци и придојдени и дека не треба да ги бараме тукашните работи.
2. Да го послушаме и да го прифатиме ова завештание и да се потрудиме да го исполниме. 3. Да се угледаме на отците; сите тие така правеле.

1. Времето на жетвата го ослабнува и истоштува телото; тоа го прави бдението тешко, а понекогаш тоа нѐ прави да бидеме невнимателни кон слушањето на поученијата. А, бидејќи ние, според зборовите на светиот апостол Павле, треба да бидеме како оние што умираат секој ден: оној што е на смрт обично ги кажува своите последни зборови, зборови пред заминување и пред погреб, и со тоа ги прави внимателни своите слушатели. И ние да не бидеме мрзливи, туку со внимание да ги слушаме поученијата, како да слушаме вакви завештанија. Завештанието на оние кои живеат телесно, и завештанието им е телесно; во него тие кажуваат што ѝ оставаат на својата сопруга, што на децата, што на браќата и роднините, како и други работи, кои обично се пишуваат во завештанијата. А во нашите завештанија за такви работи не се зборува. А што пишува во нашите завештанија? – Тоа дека сме туѓинци и придојдени на земјата и дека „ништо не сме донеле на светот, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме“ (1.Тим.6,7), преминувајќи од распаѓање во нераспаѓање, од бесчестие – во слава, од смртност – во бесмртност, така што нема да згрешиме, ако ваквото завештание го наречеме евангелие, зашто и апостолот пишува: „Сакам да заминам и да бидам со Христа, бидејќи тоа е многу подобро“ (Филип. 1, 23). И на друго место гак: „Јас веќе се изливам како жртва леаница, а времето за моето заминување настапи. Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото појавување“ (2. Тим. 4, 6-8).

2. Гледајте, тој како да говори од наше име, како да го благовестува евенгелието. Па така, бидејќи нашето завештание е евангелие, тогаш со сладост да послушаме што се говори во него и во неговата сила и ревносно да се зафатиме со подвизи, да не го свртуваме нашето внимание и нашето срце кон ништо земно, ни кон родителите, ни кон браќата, ни кон роднините, ни кон што и да е земно, подражавајќи му на еден од светите отци, кој кога излегувал од својата ќелија, си ставал покривало на главата, за да не ја гледа сончевата светлина, и кој, кога го прашале за причината зошто го прави тоа, одговорил: „Зошто ми е да посакувам да ја видам оваа привремена светлина?“ Овој богољубив човек, кога ќе навлезе во пределите на другиот свет, ќе биде зафатен само со љубовта према Бога и соѕерцанието на божествените работи. Тој ја разгледува и поднебесната твар, вчудоневидувајќи се и прославувајќи Го највозвишениот Уметник – Бога, но набргу, откако ќе го помине сето она што е земно, тој проникнува во соѕерцание на невидливите работи, црпејќи од сето ова радост и духовна веселба, која е од сѐ поопојна.

3. Таков бил и старозаветниот патријарх Авраам, зашто е напишано: „Со вера се всели Авраам во ветената земја, како туѓинец, и живееше под шатори со Исак и Јаков, наследници на истото ветување, зашто тој го очекуваше оној град што има основи чиј градител и творец е Бог“ (Евр. 11, 9-10). Таков е и великиот Мојсеј, кој „со вера тој го напушти Египет не плашејќи се од царскиот гнев, зашто веруваше во Оној, Кој не се гледаше, како да го гледа“ (Евр. 11, 27). А такви се и сите светии, кои не гледале на видливото, туку на невидливото, кои се стремеле не кон привременото, туку кон вечното, образувајќи се себе според подражавањето на божественото, колку е тоа доволно. Ваквиот стремеж да го прифатиме и ние и никогаш да не си дозволуваме да ги сакаме убавините на овој живот или да им се восхитуваме на оние што живеат телесно, туку да ги сожалуваме затоа што го примиле благовестието за наследувањето на ветените блага, тие се грижат за придобивање на сребро и злато и за своите преодни задоволства. А ние браќа, говорејќи заедно со апостолот: „Со откриено лице, како во огледало, гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во истиот лик, од слава во слава, како од Духот Господов“ (2. Кор. 3, 18), да го бараме она што е горе и да мислиме за она што е таму, „каде што Христос седи оддесно на Бога“ (Кол. 3, 2), така што и за нас да може да се каже: „Вие не сте од светот“ (Јован 15, 19), и „нашето живеалиште е на небесата“ (Фил. 3, 20), каде треба да застанеме неосудени во денот на праведниот Божји суд, пред страшниот Христов престол, и да го чуеме преслаткиот глас како нѐ вика да го наследиме царството небесно.

241.

1. Трпението е прекрасна добродетел, таа е патот на светиите. И ние да преуспеваме во неа.
2. Сакаш ли да успееш во ова? – Отсечи ја твојата волја, – и во сѐ лесно ќе успееш; колку повеќе претрпиш, толку подобро ќе ти биде и погоре ќе бидеш.
3. Известува, дека, иако се во прогонство, тие и таму живеат манастирски; примаат и други што сакаат да им се придружат, а потоа додава и вели: „вие постарите и подобрите – давајте им добар пример на помладите“.

1. Со радост да претрпуваме сѐ што е тешко и жално заради Бога, со надеж дека за тоа ќе бидеме наградени. Светиот апостол говори: „Надежта што се гледа не е вистинска надеж. Зашто, кој би се надевал во тоа што го гледа? Кога се надеваме, пак, на она што не го гледаме, со трпение го очекуваме“ (Рим, 8, 24-25). На тој начин, трпението е еден од најголемите добродетели. За своето трпение мачениците биле украсени со небесни круни; со трпението преподобните ги добивале венците на правдата. И ние да го пројавуваме трпението во нашето послушание, во смирението, во безгневноста, во служењето, како и во сѐ друго, каде што е потребен подвигот на трпението. Тогаш и ние зедно со нив ќе ја добиеме големата награда.

2. Го познавам јас јаремот на послушанието, јас ја знам и болката од отсечувањето на својата волја, но ја познавам сладоста на таквиот живот. Зашто тогаш кога ќе се откажеме од нашата волја, тогаш ни е патот лесен и спасението удобно: така што, потребно е само да ја отсечеме својата волја, и тогаш заедно со тоа се појавува спокојниот и блажениот живот. Во манастирското општожитие има тешкотии, но има и радости. – Ако некој се потруди повеќе од својот брат, и наградата негова ќе биде поголема: „Секој ќе ја добие својата награда според својот труд“ (1. Кор. 3, 8). Ако некој од љубов му се покорува на братот свој, тој со првенство во свое време ќе биде награден. Зашто Господ рекол: „Кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб“ (Матеј 20, 27). Ако некој не е силен да се зафати за многу тешки работи, да не биде негрижлив да ги работи оние работи, што се според неговите сили, така што Бог да се прославува во сите, и никој да не биде некорисен за нешто на своето братство. Иако за ова е говорено повеќепати, но и сега има потреба пак да се каже, зашто нам ни претстои не мал подвиг. Во Светото писмо е речено: „Ви сведочам денес со небото и со земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое“ (5. Мој. 30, 19). Затоа што се држите за животот и што ја одбегнувате вечната смрт, затоа се нашите зборови и утеха, и учење и совет. Јас знам и сум уверен дека ова што ви го говорам не е некорисно ни за мене, ниту за вас, кои ме слушате.

3. А сакам да знаете, дека ние, кои сме во прогонство за словото Божјо, живееме како во манастир. Кај нас доаѓаат сите луѓе со желба да се откажат од светот и ние не ги одбиваме. Ова го правиме преку нашите насекаде расеани браќа, на кои им е заповедано да ги примаат таквите и, по можност, да ги присоединуваат кон братството. Вистина е, многумина нѐ напуштија, но многумина и дојдоа при нас, па така нашето братство се зголеми. Бог се прославува во нас; Он ќе нѐ прослави и нас во Себе според Своето ветување. Но, бидејќи какви се раководителите, такви се и раководените, затоа, ве молам, ние што стоиме на чело, да живееме добро, праведно и богоугодно, за да им бидеме добар пример на другите, та со нашиот исправен живот да ги поправаме другите во исправноста, во зборовите и во живеењето. Кај нас да нема ни неприлични виканици, ни спорливи разговори, така што „никаков гнасен збор да не излегува од устата наша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат“ (Ефес. 4, 29), за да не биде преку тоа осквернето вашето дело и, откако ќе Му угодите во сѐ на Господа, нашиот благ Бог, да се удостоите да ги добиете ветените блага.

242.

1. Преображение – образ на идниот живот. Ние сме предназначени за таква светлина и убавина, а такви сме и создадени првобитно.
2. Бидејќи е ова така, да ја засакаме оваа светлина и ова убавина, згрозувајќи се од секоја гордост, страсност и нечистотија.
3. А, ако ни се случи нешто такво, да побрзаме да се очистиме. И никој да не вели дека не може, зашто Бог ветил дека ќе го направи ова за оние што го бараат, а за ова има многу примери.
4. Па затоа, ако некој останува туѓ на ова, тоа е само затоа што е рамнодушен и безгрижен.

1. Откако се удостоиме да го свршиме претпразнинството на Преображение, го составивме и ова кусо поучение, исполнувајќи ја нашата должност. Сите Господски празници ни ја напомнуваат тајната на воплотувањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос, Неговото појавување во тело, а имено: дека бил роден, крстен, бил распнат, погребан, дека воскреснал во третиот ден и се вознел во слава, а празникот на Господовото Преображение ни ја опишува состојбата на идниот живот. На таков начин како што сјаело лицето на Господа како сонце, за време на преобразувањето и облеката Негова станала бела како снег, Он ќе дојде така пак од небото, како молња, во сила и голема слава, за да им суди на сите. И како што на гората Тавор, за време на Неговото преобразување ги имал со Себе и Своите ученици Петар, Јаков и Јован, така тогаш со Него ќе бидат во небесното царство Неговите избраници и ќе се насладуваат со неискажливото Богојавление и небесната радост. Бидејќи чист, нашиот Бог ќе ги прими при Себе само чистите. Бидејќи Тој ја вложил нашата душа чиста во нас, ќе ја бара чиста и тогаш. Зашто, ако е создадена чиста и според Божјиот образ и Неговото подобие, тогаш е јасно, дека, бидејќи одраз на божествената убавина, таа убавина е причина и за духовната убавина на луѓето. И псалмопејачот Давид, знаејќи го ова, вели: „Господи, според волјата Твоја, подај ѝ на добрината моја сила“ (Псал. 29, 7), односно на душевната убавина, за да не би, ако се свртиме кон грдите гревовни страсти и, станувајќи на тој начин духовно грди, – душата наша да не отпадне од Бога и да се лиши од божествената награда.

2. Бидејќи на овој начин исповедаме, дека имаме ваква душа, прекрасна и добра, и таква, како примен залог, треба да Му ја претставиме на Бога, во последниот ден на воскресението, тогаш, ве молам, да ја засакаме оваа нејзина убавина, таква да ја запазиме, без да обрнуваме внимание на убавините од овој живот и срцето наше да не го сврзуваме со нив, како и со убавината на добрината на телото и на крвта, зашто сето тоа не е убавина, туку вистински идоли на убавината; тие се гниење и прав. А ова го гледаме и со она што се случува пред нашите очи: сега го гледаме некого здрав и убав, а утре веќе го спуштаат в гроб, издава смрдеа од себе и сите ги растерува. Па затоа, овде на земјава ништо не е вистински убаво и прекрасно, освен добродетелта со сите свои убавини; затоа кон неа и треба најмногу да се стремиме.

3. А, ако, како што признаваме, често ни се случува, нашата неутврдена душа да биде осквернета со нечисти помисли, зашто „кој може да каже: ,Го очистив срцето свое, чист сум од гревот свој?“ (Изрек. 20, 9), треба што побрзо да ја очистиме и да ја вратиме во нејзината исправна положба и расположба, да не би инаку, ако се задржи подолго во злото, да те повлече кон смртта. – И никој да не говори: јас не можам да се исчистам, затоа што сум натоварен со многу гревови. Слушајте што вели Господ: „Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и како бакар, – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур, – како волна ќе станат бели“ (Иса. 1.18). Гледате ли колку е големо Божјото човекољубие, со кое не само ветува дека ќе го очисти покајникот, туку и дека ќе го издигне на врвот од богообразната убавина. Царот Давид бил пророк, но паднал во гревовите на блудот и убиството, но сепак не се очајал, туку веднаш прибегнал кон покајанието и пак го примил својот пророчки дар. – Царот Манасија педесет години го отклонувал Израилот од вистинскиот Бог, но се покајал и примил спасение. – Врховниот апостол, откако се одрекол од Господа, го употребил лекарството на солзите, и пак го примил товарот на апостолството. – Марија Египетска, минува молкум преку многу други безбројни примери, кога стигнала до последната граница на похотната нечистота, затоа што се покајала исправно, се издигнала на самиот врв на добродетелта.

4. Затоа никој не треба да вели дека е немоќен, бидејќи штом искрено посакаме да се спасиме и ревносно пристапиме кон делото на спасението, Бог ни дарува сили и тоа станува можно. Тоа е неможно само за оној што е потполно нечувствителен и кој доброволно се предава во рацете на смртта. – За тоа и слушаме: „Отфрлете ги од себе сите свои гревови, со кои сте згрешиле, и направете си ново срце и нов дух; и зошто да умирате? – доме Израилев“ (Језек. 18, 31). Зошто, кога ни претстои вечниот живот, ја избираме вечната смрт? Нашиот благ Господ секој ден извикува: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11, 28). Но, ние не сакаме да го отфрлиме товарот на гревот од нашите плеќи. Он извикува: „Јас сум светлината на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8, 12). А ние се свртуваме на спротивната страна, и со нашите дела ги изговараме хулните зборови: „А меѓутоа, Му велат на Бога: – ,Отстрани се од нас, не сакаме да знаеме за Твоите патишта!“ (Јов 21, 14). А потоа, ни останува само да ја чуеме осудата и отфрлувањето: „Ете, сите вие што палите оган, кои сте вооружени со запалени стрели – Одите во пламенот на вашиот оган и на стрелите, што сте ги вжештиле! Тоа ќе ви биде од Мојата рака: во маки ќе умрете“ (Иса. 50, 11). Сепак треба да знаеме, дека таквите „зависти, пијанство,пирови и други слични работи; однапред ви велам, нема да го наследат царството Божјо“ (Гал. 5, 21), како што говори апостолот. Но, да не биде овие зборови да можат да бидат речени и за нас! Господ вели: „Вие сте ми пријатели, ако го вршите она што ви заповедам Јас“ (Јован 15, 14). Затоа, да го извршуваме сето она што ни е заповедано, да се удостоиме да бидеме пријатели на Господа и да го наследиме царството небесно.

243.

1. Почина блажениот Михаил, митрополитот Синадски; да му оддадеме почит на неговиот спомен, зашто тој е уште наш молитвеник.
2. Но, и да се поучиме од крајот на неговиот живот: секогаш да бидеме подготвени за смртниот час, зашто смртта може одеднаш да нѐ снајде, како што ни покажуваат безбројните примери.
3. Не говори, дека не можеш, зашто тоа зависи од нашата волја.

1. Нашиот духовен отец, блажениот митрополит Синадски Михаил, се пресели при Господа. Неговиот живот беше достоен за пофалба и неговите зборови беа силни. Ние веруваме дека, во претстојното наше исповедништво, заедно со другите отци и исповедници, – и тој ќе биде наш молитвеник и заштитник пред Господа. Нека не се истрчуваат по зло познатите иконоборци, кои говорат дека исповедниците Христови се ожалостени и со смртта на свети Михаил, но нека се потрудат да сфатат, дека упокојувањето на ваквите личности за Божјата Црква стануваат непоколеблива тврдина, а за нас кои остануваме уште овде се: тврдина на вистината и одгонување на прелеста.

2. Но, бидејќи човекот го спасува „верата, која дејствува преку љубовта спасува“ (Гал. 5, 6), затоа, ве молам, и сега, како и секогаш, да ги исполнувате точно божествените заповеди и секогаш да бидеме готови за нашиот смртен час, поради тоа што е тој неизвесен. Зашто, знајте дека и блажениот наш отец Михаил, бил одеднаш нападнат со страшни болки и страшен оган, и веќе идниот ден станал безгласен, а веќе третиот ден Му ја предал својата душа на Бога. Но, и пред него, Атанасиј, познатиот игумен на манастирот на светите апостоли Петар и Павле, не лежел болен ни еден ден, туку веднаш бил земен од меѓу луѓето. Слушаме како едни биле удрени од гром и веднаш умреле, други се дават в море. Со еден збор, има многу неочекувани случаи, поради што треба да внимаваме и да се плашиме, зашто ѓаволот нѐ измамува, нѐ тера да забораваме на смртта, и тогаш одеднаш нѐ доведува во последниот час до крајно избезумување; така што стануваме потполно неспособни да се покаеме. – Зар не нѐ плашат посочените примери? Дали сето ова не нѐ доведува во треперење, кога помислуваме дека во тој час ќе ни биде врзан јазикот и дека не ќе можеме да испуштиме глас? Како и за тоа како ќе излезе нашата душа, извлечена од телото, кога можеби ќе има многумина присутни, што ќе плачат, но никој од нив не ќе може да ни помогне, освен нашата чиста совест. Затоа, ве молам, да се грижиме секогаш да бидеме во исповед, солзи, молитви, во послушност, во смирена мудрост, во засилено послушание и во секое добро дејствување, така што во последниот час да не бидеме најдени во мрзливост и незагриженост, така што да не заспиеме во вечна смрт, за избавувањето од што се моли светиот цар Давид (Псал. 12, 4).

3. Но, можеби некој ќе рече: И јас имам желба, но не можам. – Ако се работи за природни можности, и јас сум согласен, дека, на пример, не можеме да летаме во воздухот, да одиме по морето, да говориме со носот, да мирисаме со јазикот. Сето ова е и неприродно и неможно. А, ако станува збор за она што е природно и што зависи од нашата слободна волја, тогаш таквите зборови не се вистинити, зашто ние можеме да бидеме расеани и да се смееме. а можеме да бидеме и воздржани и да пролеваме солзи; можеме да се осквернуваме со грешни желби и со неумесни помисли, а можеме да се запазуваме и чисти од страстите; и како што можеме да се ожесточуваме и да бидеме упорни во злото, така можеме и да се скрушуваме и да се каеме. Макар лошата похот, која станала кај нас веќе навика и нѐ направила немоќни за извршување на доброто и силни за злото, сепак не треба да очајуваме. Тоа никако, туку сме должни да се трудиме и да работиме, така што да не измине ни еден ден и ни еден час кога би биле безгрижни, туку секогаш да бидеме будни и трезвени, непорочни и чисти, за да можеме и ние да ги изговараме зборовите: „Кон Тебе се приближи душата моја, Твојата десница ме поддржува“ (Псал. 62, 8). На овој начин, откако добро ќе го изминеме овдешното живеење, ќе се преселиме таму со добра надеж и ќе го добиеме царството небесно.

244.

1. Откако се вратил од погребот на Халкидонскиот епископ Јован, ги пофалува браќата, затоа што ги нашол во добар ред и искажува желба – секогаш да бидат такви.
2. Потоа, ја прекорува неразумноста на она што го слушнал. Едни велеле: епископот беше свет и по својата вера и по својот живот, тогаш зошто имал таква смрт – од пролив? А второто мислење било: по воскресението нема да се распознаваме еден со друг, зашто тогаш телата наши изгниваат и се разнесуваат насекаде.
3. На крајот ја дава поуката, велејќи: „Пазете ја верата, зашто гледате какви отклонувања има. Исто така, треба да живеете свето, зашто знаете какви и колкави ветрови насочува ѓаволот против нас“.

1. Откако се одвоив од вас во претходните неколку денови, па сега кога се вратив и ве најдов да живеете во мир и согласност, јас Му благодарев на Бога за вашето добро живеење, кое им е својствено на добрите и опитните во доброто послушници, во кое и понатаму се утврдувате со помошта на благодатта на нашиот Господ Исус Христос, така што и кога е присутна мојата смиреност и кога сум отсутен, секогаш да бидете разумни и духовно неповредени. Причината за моето отсуство беше, како што знаете, смртта на блажениот Халкидонски митрополит Јован, кој се подвизуваше со добар подвиг, натпреварот го заврши и верата ја запази, појде при Господа да го прими венецот на исповедништвото заедно со своите претходници со светите наши браќа и отци.

2. Но, тој не умре, како што се мисли, од истоштеност од дизентеријата, и затоа некои се прашуваат и велат: ако тој бил навистина добар, тогаш зошто крајот на животот му бил така лош? – Оние што говорат вака боледуваат од незнаење на работите, зашто добрата или лошата смрт не зависи од тоа на каков начин ќе умре некој, туку од тоа дали ја запазил православната вера и ако имал беспрекорен живот, а нашиот покојник беше токму таков. Да умреше тој и од водена болест или од нешто друго, на суво или на море, во тоа нема ништо лошо, зашто сето тоа не зависи од нас, туку се наоѓа скриено во Божјите тајни, Бог знае што е за кого корисно, па така и прави по однос на продолжувањето или скратувањето на животот. А некои други тврдат нешто друго за штета на оние што ги слушаат, односно, дека при воскресението на мртвите, кога Синот Божји ќе дојде да им суди на сите, дека тогаш нема да можеме да се распознаваме едни со други. Тие велат: па како може тоа да биде, кога ние тогаш од гниежливи ќе станеме негниежливи и бесмртни и кога нема да бидеме ни Грк, ни Јудеец, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, ни маж, ни жена, туку сите ќе бидат како ангели? А јас ве уверувам, дека ќе можат да се распознаат еден со друг, а, пред сѐ, спомнете си ги зборовите: „Неможното за луѓето е можно за Бога“ (Лука 18, 27), бидејќи ни самото воскресение не го исповедаме врз основите на човечкото мудрување. Зашто и такво мудрување воопшто не може да разбере како може изгниеното тело, насекаде разнесено, од ѕверови изедено или од птици исколвано, или од риби проголтано, може во последниот ден да биле собрано во едно и воскреснато, и секоја Душа ќе си го распознае своето сопствено тело, со кое го преживеала целиот земен живот, но дека, откако ќе го познае своето, ќе може да го познае и телото на својот брат, во тоа нема сомневање.

Понатаму, таквото размислување води и кон непризнавање на идниот суд, зашто судот се извршува над познати личности и не ги изведува пред судот оние што не се познаваат себе и кои не ги познаваат другите, туку оние што го знаат тоа, како што е и напишано: „ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое гревовите твои“ (Псал. 49, 21). Зашто, ако нема да се познаеме еден со друг, тогаш и нема да бидеме судени, нема да ги добиеме ни заслужените награди или казни за нашите дела. А и како ќе се исполни она, што им рекол Господ на апостолите: „ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите на дванаесетте Израилеви колена“ (Матеј 19, 28), ако тие нема да ги познаваат оние на кои ќе им судат?

На овој начин, со ова се докажува колку е неумесна таквата претпоставка, која е по својата богопротивност еднаква на Оригеновите фантазии. А ние, браќа, веруваме и ќе веруваме, дека и ќе воскреснеме, и дека ќе се распознаеме еден со друг, и според земните убавини, по својствата на нашето сегашно гниежливо тело, но такви какви ќе бидеме во нашата бесмртна убавина, според неискажливата Божја волја, како и нашите прародители во рајот што се познавале кога биле негниежливи, и потоа, по паѓањето во грев, станале гниежливи. Затоа треба да веруваме, дека во идниот живот братот ќе го распознае својот брат, таткото своето чедо, жената – мажот и мажот својата жена, пријателот – својот пријател. И ќе го додадам уште и ова: подвижник – подвижникот, исповедник – исповедникот, маченикот – својот сострадалец, апостолот – својот соапостол; сите ќе ги распознаат и познаат сите. Живеалиштето за сите што ќе се веселат ќе биде во Бога, како и со сите добрини и убавини, кои произлегуваат од взаемното препознавање.

3. Ве молам, цврсто да ја пазиме светата вера, зашто гледате колку отклонувања произлегуваат од погрешното верување. Колку треба да Му благодариме на Бога што не сме паднале во некоја верска заблуда, туку ја држиме превославната вера, таква каква што сме ја примиле. Исто така, да живееме чисто и непорочно, зашто знаете со какви ветришта вее против нас ѓаволот дење и ноќе, но ништо не може да ни направи, ако секогаш бидеме оградени со верата и со љубовта према Христа Господа. Затоа, да стоиме тврдо и ќе избега од нас оваа аждаја; да плачеме и со тоа ќе ги изгасиме вжештените стрели на похотите; да се смириме под силната Божја рака, и Он ќе нѐ издигне; да живееме во потполна трпеливост, и ѓаволот ќе исчезне; а ние ќе бидеме спасени и ќе влеземе во царството небесно.

245.

1. Празници обични и духовни: трговија – обична и духовна.
2. И ние сме трговци, добродетелите се нашите бисери, а нашиот скапоцен бисер е Христос. Секој од нас нека биде мудар трговец.
3. Нашиот пазар се послушанијата; тие се нашите бисери, и трговијата и цената.

1. И таму и овде повремено се прават одбележувања и празници, како и она што се одржува сега во Никомидија. На тие свечености се собираат многу луѓе, кои продаваат и купуваат. И тоа не продолжува долго, зашто набргу се разидуваат. Но, душевниот празник е еден и единствен, тој никогаш не престанува, тој продолжува во текот на целиот живот на секого од нас, на кој предметите за купување и продавање не се ни златото, ни среброто, ни облеките, ниту нешто друго од преодните и гниежливите работи, туку се спасението на душата, вечниот живот, царството небесно, за кои луѓето треба сериозно да се грижат, но малкумина се оние што го прават тоа, а мнозинството се оние што се грижат за овие работи и сите свои усилби ги насочуваат кон она што е суетно и гниежливо.

2. А ние, браќа, да не дозволиме да се оддалечиме од нашата главна цел и од нашата добра трговија, туку, слушајќи Го Господа, Кој ни говори: „Царството Божјо е во вас внатре“ (Лука 17, 21), да се трудиме секој ден да го придобиваме: да не собираме злато и сребро, туку да ги собираме: вистинската вера, и чистиот живот, послушноста, трпеливоста, смирената мудрост, великодушноста и „љубовта, која е врска на совршенството“ (Кол. 3, 14). А ова и Господ го покажал во евангелието, велејќи: „Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува“ (Матеј 13, 45-46). И вие сте добри трговци, зашто оставивте сѐ, и место сето тоа го купивте добриот и скапоцениот бисер – Христа, тогаш кога решивте да го земете Неговиот крст и да одите по Него, – во исправност и правда. – Но, бидејќи празникот е време на радост и на будност и недремење, и ние да се радуваме и да бидеме будни, купувајќи го на овој празник нашето спасение. Добар продавач е оној, кој во сѐ дејствува со богоугодно внимание и кој никогаш не излегува од себе, а добриот купувач е оној, кој понижувањата ги прима со радост: Добриот менувач е оној, кој ја дава својата крв и Го добива Духот, преку трпението, со кое го извршува своето послушание.

3. Но, кога е зборот за послушанието, да им изразиме почит на оние што работат во кујната според своите смени, кои се трудат извонредно многу, носејќи ги тешкотиите еден на друг и исполнувајќи го така Христовиот завет преку својата љубов; да им изразиме почит и на оние, кои се трудат за неопходните потреби на браќата, како добри и опитни економи во Господа; почит и за оние, кои учествуваат во пеењето на псалмите така усрдно и побожно, и тие се достојни за голема награда. – И гледајте каков е нашиот живот, какво е нашето работење, каква е нашата блажена трговија, која ја воделе нашите свети отци со потполна усрдност, која и ние, откако ќе ја завршиме добро и успешно, со радост ќе се вратиме дома, според зборовите на светиот Давид: „Врати се душо моја, во својот мир, зашто Господ добро ти прави“ (Псал. 114, 7). О, да можеме и ние на смртниот час да ги изговараме овие зборови, како молитва пред патување и потоа да го добиеме вечниот живот во Исуса Христа, нашиот Господ.

246.

1. Бог го испрати својот Единороден Син во светот, за да ги исцели сите наши духовни и телесни болести и да ни ги подари сите добрини. Она што го правел кога бил на земјата, Тој го прави и сега, што секој го знае од својот личен опит.
2. Како да не Го сакаме ваквиот наш Добротвор со сета наша душа? И како да не го мразиме ѓаволот, нашиот злосторник и убиец?

1. Дојде почетокот на новата година, кога во евангелското четиво за овој ден се читаат зборовите: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза да им соопштам радосна вест на сиромашните. Ме прати да ги исцелам оние со скрушено срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените: да ја проповедам и благопријатната година Господова!“ (Лука 4:18-19). Па така, бидејќи Единородниот Син Божји е испратен од Отецот во светот, како исцелител, тогаш да побараме од Него да ни ги просвети нашите слепи очи, да нѐ ослободи од ропството и да ни помогне на нас скрушените. – А кој не е слеп, ако е приврзан кон страстите? Кој не е заробен, ако е исполнет со лоши и неумесни помисли? Кој не е скрушен, ако е натоварен со гревови? – Господ ги исцелува сите што се вакви, зашто Тој не е лекар само за телата, туку ги лекува и душите; не само тогаш кога телесно живеел на земјата, туку и денес е присутен невидливо при сите, благовестувајќи, земајќи ги врз Себе гревовите на светот и, лекувајќи секаква болест, како и тогаш. Затоа никој да не остане непросветен и неизлекуван, туку да пристапува со вера, „тој ќе добие благослов од Господа и милост од Бога, Својот Спасител“ (Псал. 23, 5). О, неискажливо човекољубие! Ние што не сме постоеле, од Него сме воведени во битие, а кога сме паднале во грев, пак нѐ подигнал и ни ја дарувал својата трета благодат – монашкото совршенство. Но, ако и уште грешиме, не се згрозува од нас, туку ги прима сите кога Му пристапуваат: кога сме скрушени, ни подава помош; кога плачеме, нѐ утешува; кога трчаме, ни помага; кога сме изнемоштени, нѐ укрепува; кога сме ранети, нѐ лекува, и кога сме пропаднати на самото дно од пеколот, ја пружа Својата рака и човекољубиво нѐ ослободува и од ваквата неволја, така што секој од нас треба со чувство да вели: „Да не ми беше помогнал Господ, душата моја брзо ќе се преселеше во адот“ (Псал. 93, 17). „Ме турнаа силно, за да паднам, но Господ ме прифати“ (Псал. 117, 13). И секој знае во какви искушенија паѓал и како веднаш Го наоѓал Бога за помошник во своите неволји. Преблагиот наш Бог нѐ храни секој ден телесно со сите земни плодови, а духовно со пречистите Тајни, подобро и од мајка и од доилка, сожалувајќи нѐ и гушкајќи нѐ со љубов. Мајката со своето млеко го храни своето чедо до извесно време, а вистинскиот наш Господ и Отец ни го дава Своето тело за храна и питие, и тоа го прави непрестано. О, неиспитлива добрино! О, дар преголем и неповторлив!

2. И како да не Го сакаме ваквиот Добротвор? И како да не се прилепиме неразделно до Него? И навистина, ако не бидеме вака расположени према Него, тогаш небото и земјата ќе извикаат и ќе станат против нас, и самите камења ќе нѐ изобличат за нашата нечувствителност. Затоа, за да не се случи ова, да Го засакаме силно Господа, да го намразиме ѓаволот со сите наши сили и да се одвратиме од него. Зашто колку што треба да Го љубиме и да Го посакуваме нашиот Добротвор, со таква сила треба да го мразиме лукавиот наш непријател и да се згрозуваме од него. Зашто тој е губителот на нашиот живот, „тој е човекоубиец од почетокот“ (Јован 8, 44); тој го исекол нашиот род на мнозинство разделби и секти, според нивното мудрување, го ранува со мнозинство гревовни стрели и сака сосема да го проголта. Па, зар ваквиот наш непријател не го мразиме? Ако му се приближуваме и ако го слушаме него, нашиот душегубец нема да се најде соодветна мака, која ја заслужуваме за тоа. Но, да бегаме, браќа, од него, да избегаме од него колку што можеме подалеку. А што значи ова бегање? Тоа е воздржување од лоши дела и помисли, како и прилепување кон Бога и посветување на себеси само на добри дела. Затоа, да се зафатиме да правиме добро и да Му служиме на Господа, да работиме за Него со смиреност, кротост и потполна послушност, со увереност, дека секое добро, ако не е оградено со смиреност, не е зрело и постојано. Ако има меѓу нас такви, кои се горделиви со високо мислење за себе, да се смириме под силната Божја рака, та да не трчаме попусто, туку да се удостоиме да го наследиме царството небесно.

247.

1. Сега е време на гроздобер. Ова ќе биде и нашата поука, зашто и ние сме лозје. – Ние сме должни, како Божјо лозје, да раѓаме гроздови на добродетелите, посветувајќи Му се целосно на Господа.
2. Да не се враќаме назад и да не одиме по две патеки.
3. Кога непријателот ќе почне да нѐ искушува, да стапиме во борба и да го победиме.

1. Сега ќе говориме за она, што е пред нашите очи. А што е тоа? Сега е време на гроздобер. И гледаме таму каде што лозите се натоварени со гроздови, таму има и радост и благодарност, а каде ги нема, таму има жал и мака. Некој ќе рече: па каква врска има ова со нас? – Ова има голема сличност со нас, зашто и ние се нарекуваме Господово лозје. Зар не знаете кои и какви песни се пеат за време кога се дава схимата? Зар сите ние не ги пееме овие песни? – „Боже на силите! Сврти се, погледај од небесата и види го и посети го ова лозје; и утврди го она што го посади десницата Твоја“ (Псал. 79, 14-15). А и Господ не говори ли во Евангелието: „Јас сум лозата, а вие прачките: кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу род; зашто без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15, 5). Да бидеме во нашиот преблаг Господ, зашто Он нѐ насадил како лозје и на Него да Му ги принесуваме гроздовите на добродетелите, за да бидеме удостоени со Неговиот благослов. И да не раѓаме трње и бодила на страстите и да паднеме под онаа страшна осуда: „Секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган“ (Лука 3, 9). Применето на нас, отсекувањето ја означува смртта, а фрлањето во оган – вечниот оган, во кој ќе бидат фрлени грешниците, сите оние, што прават лоши дела, кои отстапуваат од исповедувањето и кои своите тела ги извалкале со пороци, „тоа се оние што ги поганат вашите трпези на љубовта, јадејќи со вас без страв и напасувајќи се. Тие се безводни облаци што ветровите ги пренесуваат, есенски неродни дрвја, двапати искушени и искорнати; свирепи морски бранови, што како пена ги испуштаат своите срамни дела; ѕвезди лажни, за кои се чува мракот на темнината засекогаш“ (Јуд. 1: 12-13). Затоа и светиот апостол Павле извикува: „Бегајте од блудството! Секој грев, што го прави човекот, е надвор од телото, а блудникот греши против своето тело. Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе? Зашто скапо сте платени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји (1. Кор. 6, 18-20).

2. Како да не се срамуваме од небото и од земјата ние, кои сме купени со пречесната Христова крв, пак да се враќаме назад? Како да не црвенееме пред себе си затоа, што однадвор се покажуваме светли и убави, а однатре сме исполнети со секаква нечистотија? До кога ќе куцаме на обете нозе? Кога најпосле ќе се утврдиме само на правиот пат? Зашто премудриот Исус син Сирахов вели: „Тешко им на плашливите срца, на мрзливите раце и на грешникот, кој оди по две патеки“ (Мудр. Сир. 2, 12), кој оди по патеката на гревот и по патеката на добродетелта; кои немаат ништо заедничко меѓу себе. Не можеме да го наречеме разумен оној слуга, кој не му служи на својот господар, туку му служи на непријателот негов. Ние треба потполно да Му се посветиме на Бога, зашто само на тој начин можеме да се присоединиме на Неговиот живот, на животот според Божјата волја. Затоа, да не се задржуваме само на сетивното, како неразумните животни, туку со нашите душевни сили да се издигнеме кон соѕерцанијата небесни, свртувајќи ги нашите чувства од гниежливото кон негниежливото и од изминливото кон вечното.

3. Исто така, да не му дозволуваме на итриот искушувач да ги труе нашите души со отровот на лошите помисли; и штом ќе успее да ја посее во нас похотната сласт или некое друго зло, да побрзаме што поскоро да го одгониме од нас. Како? Со нашите молитви и молења, со солзи и воздивнувања и со скрушеност на нашето срце. Таква е нашата невидлива борба, такви се борбите што не се однапред објавувани. Да се угледаме на телесните војници, духовно да гориме и да ги прогонуваме нашите духовни непријатели. И како што тие, надевајќи се да бидат наградени, и рани примаат и пак не отстапуваат, така и ние, макар добиле и безбројни рани, да не бегаме, туку храбро да стоиме и да се бориме против нив, укрепувани притоа со Божјата помош. Ве молам, вака да постапувате и ова да го правите, зашто заради ова се трудам и ви ги говорам моите поученија. Затоа се радувам за оние што продолжуваат да одат и воздивнувам за оние што се препнуваат и паѓаат. Но, сите да одиме право, да правиме добро, да бидеме смирени, да бидеме внимателни во пеењето на псалмите и во читањето на молитвите, во богослужбите, во послушанијата; и Бог на мирот ќе биде со вас.

248.

Откако ќе го добиеме дарот на посветувањето, да го пазиме и најмногу да бегаме од телесната похот, зашто таа ѝ е спротивна на благодатната состојба; таа нѐ турка во ропство и нѐ исполнува со страв. А нејзиното умртвување ни го дава спротивното.

Со голема радост се радуваме кога ќе ни дојде Господов празник. И со право, зашто тогаш се просветуваме, ги соѕерцаваме тајните, поради кои е установен празникот. Така е и денес, кога го празнуваме споменот на воздвижението на чесниот и животворен Крст, зашто голема е радоста и редок е восхитот од тоа што дрвото, на кое стоеле нозете на Исуса Христа, нашиот Господ, на кое бил распнат и врз кое ја пролил Својата животворна крв, ние сме удостоени не само да го гледаме, туку и да го целиваме и да го прегрнуваме. Како што некој се труди да собере што повеќе од преодното злато, а ние еве веднаш го добиваме и дарот, бидејќи штом го целиваме крстот, – веднаш сме примиле просветување, осветување и избавување. Ете, така е брза благодатта, таков е дарот без труд! – А за да ја запазиме ваквата благодат, неопходно е потребно да се трудиме: да се молиме и будно да внимаваме, зашто лесно добиеното – лесно се загубува; зашто оние што лесно го добиле, не го чуваат како што треба. Ете, затоа вe велам: да се пазиме од ваквата негрижност, и со внимание и грижа да го чуваме дарот. Да не ги оскверниме нашите осветени усни со нечисти зборови и празни разговори; очите наши осветени да не ги помрачиме со погледи блудни; срцето наше да не го поцрниме со нечисти спомнувања. Апостолот говори: „Гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади! Не препушрајте му ги на гревот вашите органи на телото како орудија на неправдноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото да станат како орудија на правдноста. Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под законот, туку под благодатта“ (Рим. 6, 12-14). Гледаш ли дека во законот царувал гревот? А во благодатта царува правдата; откако се зацари, таа нѐ избавува од секој грев, како што е напишано: „Се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христ преку Духот на нашиот Бог“ (1. Кор. 6, 11).

Затоа, ве молам, да го почитуваме очистувањето и да го запазиме осветувањето. Зошто одново пропаѓаме во нечистота кога веќе сме станале чисти? Зошто се грижиме за телото повеќе отколку што е потребно, кое набргу ќе го оставиме во гробот? Зошто мислиме дека похотната страст е пријатна, кога таа е навистина смртоносна болест? Похотната сласт е ѓаволска јадица; таа е потпалување на неизгасливиот оган, а ние луѓето одиме по неа, како вистински робови, кои сами се предале во ропство.

Јас имам слушнато како некој брат, кој бил под власта на оваа страст, говорел, дека е подобро да ни стават јамка околу вратот, отколку да и робуваме на оваа страст, зашто ѓаволот, како жесток деспот, му заповеда на својот роб и му вели: оди – и тој оди; дојди – и тој доаѓа; направи го тоа – и тој го прави. На овој начин тој му прави уште нешто, што е многу полошо на оној што му е потчинет, а имено тој му вели: говори срамни зборови, и тој зборува; направи ја таа и таа глупост – и тој ја прави.

Обично, слично на Каин, таквиот ќе почне да се тресе и да се плаши од сѐ: ако плови по море, се плаши од бродолом: минува ли низ пустина, – се плаши од разбојници; удри ли гром, – тој помислува дека токму него ќе го погоди; болсне ли молња, – помислува дека токму него ќе го изгори; тој гледа и невиди, и слуша и не чуе; сетивата негови се разнебитени. Има ли нешто пострашно од ваков живот? Мене ми се чини, дека е подобро за човекот да им се предаде на дивите ѕверови, отколку на погубните страсти, зашто таму само телото ќе загине, а овде загинуваат и телото и душата.

Кај добродетелниот сѐ е поинаку. Тој, бидејќи слободен од гревот (не само од похотната сласт, туку и од сите страсти), се радува и чувствува задоволства во себе: тој праведно царува; не се плаши ни на суша ни на море, зашто Го има Бога, Кој живее во него, кон Кого вика кога е во опасности: „Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезал и Твојата палка ме успокојуваат“ (Псал. 22, 4): „Не се плашам од многу илјади луѓе, што од сите страни навалиле на мене. Стани, Господи! Спаси ме, Боже мој! Зашто Ти ги поразуваш сите мои непријатели и им ги здробуваш забите на грешниците“ (Псал. 3, 6-7); „Затоа нема да се уплашам, па макар и земјата да се разниша, и горите да се преместат во срцето морско“ (Псал. 45, 2). Гледаш ли што значи доброто живеење? Тоа е токму блажен живот во сегашнината. Него сме го добиле по Божја милост. И сега сета наша грижа е само за ваквото блажено живеење. Да бидеме ревносни и сѐ повеќе да напредуваме во него, доброволно да се потчинуваме, на дело да ја покажуваме послушноста: да имаме смирена мудрост и секаква душевна чистота.

249.

1. Гледајќи како ги сеат нивите, да се поучиме како да ги сееме духовните расположби во себе.
2. Ноќите се зголемија, настојувајте да се воздржувате од многу спиење, како и од излишното задоволување на другите телесни потреби.
3. Царот се врати од воениот поход, но не паѓајте со духот; нашата жалост да ја оставиме на Господа.

1. Сега е време за сеење на нивите. Гледаме како луѓето од рано утро брзаат на работа. Таму остануваат до вечерта и работат неуморно. Се трудат да посеат добри семиња, за да ги задоволат своите телесни потреби. А зошто спиеме ние духовните сејачи и остануваме незасеани со добри духовни семиња? Да се разбудиме и да почнеме да работиме уште поусрдно од сејачите на земните семиња! „Кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее, а кој богато сее, богато и ќе жнее“ (2. Кор. 9, 6). Но, што сееме ние? Молитви, молења, прозби, благодарења, вера, надеж, љубов. Еве, ова се семињата на побожноста: со нив се храни душата. Во земната сеидба земјоделецот е многу трпелив, ги очекува дождовите кога ќе дојдат – наутро или навечер. А во нашата духовна сеидба од нас зависи наводнувањето, односно, ако се скрушуваме и ако плачеме, а тоа можеме секогаш кога посакаме. А, ако оваа работа зависи од нас, од нас самите и од нашата слободна волја, ве молам, да сееме што повеќе и да поливаме – што поизобилно; да го умножуваме родот на нашата душа, така што кога ќе дојде духовната жетва, да можеме да имаме богати плодови, за да можеме да се удостоиме да слушнеме: „А минувачите не рекоа: ,Благословение Господово на вас; ве благословуваме во името на Господа’!“ (Псал. 128, 8). „Нека е благословен оној, кој оди во името на Господа! Ве благослувуваме од домот Господов“ (Псал. 117, 26). „Ти ќе јадеш од плодовите на рацете свои: блазе тебе и добро ќе живееш“ (Псал. 127, 2). Еве ова се нашите зборови за духовната сеидба.

2. Сакам да ви напомнам, браќа, дека ноќите почнаа да се зголемуваат, а деновите стануваат се понамалени. Вам ви е познато дека, како што бдеењето го истенчува телото, така продолженото спиење го здебелува, а со здебелувањето на телото се хранат страстите. По овој повод имам нешто да ви кажам. А што? Апостолот говори: „Кога ќе се собирате, и секој од вас има – кој псалм, кој поука, кој јазик, кој откровение, кој толкување, – сѐ нека биде за надградување“ (1. Кор. 14, 26), сето тоа да биде корисно за изградување на душата. „за да не ве искуша сатаната, поради вашето невоздржување“ (1. Кор. 7, 5). Ова не го говорам само по однос на сонот и спиењето, туку и во врска со храната и пиењето, како и во врска со сѐ друго, зашто прекрасно е сѐ што е умерено, затоа што тоа нѐ запазува од опасноста да се отклонуваме на една или на друга страна, како и од препнувања и од искушенија.

3. А сега сакам да ви говорам во врска со враќањето на царот од воениот поход, и дека тоа може да ги предизвика помислите за тоа: како сега ќе појдат црковните работи, а посебно нашите. За ова ние имаме раководство во Светото писмо. Таму е речено: „Пренеси ја на Господа маката своја“ (Псал. 54, 22), и Он ќе се погрижи; и уште: „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?“ (Рим. 8, 31). Како што во претходните години го запази Toj нашиот живот, избавувајќи нѐ од разни искушенија и страдања, така, како што се надеваме, ќе нѐ пази и во иднина. Само да се трудиме да живееме соодветно според Евангелието, да имаме небесен живот, како да сме туѓинци и придојдени на земјава. Зашто кој од оние што се родиле на земјата останал овде засекогаш? Зар сите жители од земјава не си отишле, како туѓинци, оттука? Бидејќи тукашното наше живеење е како живеење на туѓина, а нашиот вистински живот и нашето наследство е во другиот, во задгробниот живот, во кој кога ќе се преселиме, да се удостоиме да бидеме наследници на царството небесно.

250.

1. Укажува на тоа колку големо богатство за нас е обновувањето на животот во Исуса Христа.
2. Какво е значењето на трите душевни сили и каква повреда им нанело паѓањето?
3. Повикува кон правилно дејствување на сите овие сили и да биде пазено благородството, со кое сме облагодарени во Господа.
4. Заклучува, дека и ние треба да дејствуваме, како што дејствувале светите оци.

1. Големо и неискажливо е човекољубието на Господа Исуса Христа према нас, „И, откако дојде, Тој благовести мир вам далечни и блиски“ (Ефес. 2, 17), туку и со тоа што, откако се вознел на небото, ни ги оставил апостолите да ни го благовестат истото, како што пишува блажениот Павле: „Ние сме Христови пратеници, како Бог да зборува преку нас. Ве молам во името на Христа: помирете се со Бога! Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја“ (2. Кор. 5, 20-21). Каква безгранична грижа за нас! Колку неискажливо човекољубие! „Оној Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев!“ (2. Кор. 5, 21). Како и на кој начин? Тој овде не говори за гревот, кој е справедливо осудуван, како за беззаконо дејство. Не, никако! Зашто „Тој не неправи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1. Петр. 2, 22), туку говори за тоа дека Тој се облекол во нашата од гревот повредена природа, дека „Тој ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите“ (Матеј 8, 17), дека бил распнат за нас и бил подложен на срамна смрт, Ете, тоа значат зборовите: „Оној Кој не знаеше грев, Тој место нас Го направи грев“ А зошто? – „Преку Него да станеме праведни пред Бога“ (2. Кор. 5, 21). Како? – Откако ќе се Избавивме од гревот, кој е достоен за осудување, во Него живееме и се движиме. Затоа, апостолот и говори: „Бидејќи сме соработници Христови, ние ве молиме, да не ја примите напразно благодатта Божја“ (2. Кор. 6, 1). Гледате ли како убедува? – Што значат зборовите: „Да не ја примите напразно благодатта Божја?“ Тоа дека не треба да се враќаме назад, да не им се потчинуваме на истите страсти, од кои сме се откажале и да не бидеме нарушувачи на ветувањата, што сме ги дале пред лицето на Бога и светите ангели. – А што значат зборовите: „И ние така да живееме нов живот“ (Рим. 6, 4), живот чист и непорочен, добродетелен и небесен.

2. Кога веќе дојдовме до тука, сакам да ви покажам извесна скриена сила на зборот. А што е тоа? – Човечката душа има три сили: мисловна, раздразителна и пожелна. Делото на мисловната сила е да верува во Света Троица: делото на раздразнителната сила е – да се гневи на сатаната, искушувачот и никако да не му дозволи да се приближи; делото на пожелната сила е – да Го посакуваме и да Го љубиме Бога, Кој нѐ создал. – Но ѓаволот, откако ги изменил и извртел овие душевни сили, почнал преку нив да нѐ води во пропаст. Како? – Пожелната сила во нашиот праотец Адам, ја соблазнил да вкуси од забранетиот плод; раздразнителната сила кај Каина ја поттикнал да го убие брата си Авела; а мисловната сила го отклонила човештвото кон идолопоклонство. Еве каков е начинот на дејствувањето на нашиот завидлив непријател!

3. А ние да останеме такви, какви што сме создадени: со сите наши душевни сили да се утврдуваме во доброто и да се украсуваме со Светиот Дух, да не дозволиме да го загубиме нашето благородство, со кое нѐ облагодарил нашиот Господ Исус Христос, откако нѐ посиновил на Бога Отецот. Во Евангелието се говори: „На сите што веруваат во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји“ (Јован 1, 12). А, бидејќи на тој начин сме станале синови Божји, да не си дозволиме да станеме чеда на гневот; бидејќи се именуваме наследници Божји, да не дозволиме да станеме наследници на вечниот оган; бидејќи сме повикани да станеме членови Божји, да не се направиме членови на блудница; да не го гледаме светот и тоа што е во него; да не го свртуваме нашиот поглед на убавините од земниот живот, кои се суетни и минливи. Ако се и наситиме со задоволување на телесната похот и на крвта, „каква полза од крвта моја, кога ќе слезам в гроб?“ (Псал. 29, 9). Да ги погледнеме гробовите, и ќе видиме со што завршува похотната сласт. Ако сме преполни со имоти и со пари, од каква полза ни е тоа? – Зар не дојдовме голи на овој свет? Голи и ќе излеземе од него: од него нема да изнесеме ништо освен нашите праведни и грешни дела. Затоа светиот пророк Давид и се провикнува: „Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм“ (Псал. 26, 4).

4. Еве го блажениот живот! Еве го добриот дел што го одбрале светите отци, како и денес спомнуваниот блажени Павле Исповедник, за чии борби и подвизи имаме слушано нешто малку и на кого треба да се угледаме и да ги продолжуваме трудовите на нашето подвижништво и да ја поднесуваме тешкотијата на гонењето, со кое сме удостоени, и да не отстапуваме од нашите секојдневни задолженија; неуморно да трчаме по нашиот пат, а ако се препнеме и паднеме, да побрзаме веднаш да станеме, победувајќи го нашиот непријател ѓаволот, за да го добиеме и ние венецот на правдата заедно со сите светии – во Исуса Христа, нашиот Господ.

Обработи,
О.М.П. 2022