“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM IV
Светиот преподобен Теодор Студит
201 – 225
Подвижнички поученија за монаси
201.
Откако ги претставил браќата совршени во сите монашки подвизи, додава: секогаш да бидеме такви; секој да ја извршува својата работа во одреденото време.
Да погледне Бог на ова вистинско лозје, кое го насадил Тој Самиот, да го напои со водите на Светиот Дух и да му ја подари мерката на совршенството до вистинската плодородност. Јас не можам да го направам ова; ова е нешто повеќе од моите сили. И што сум јас, Господи, и што е домот на Мојот татко, та си ме издигнал толку многу, мене кој сум нечист и недостоен да бидам и меѓу овците? Вака треба јас да велам. Но, Тој ме прима и долго ме трпи, го бара и го очекува моето обраќање и преправување. Зашто кој може да застане пред Него и да Го умилостиви за гревот? Кој ќе го пасе Неговото стадо со крепост? Кој Му е толку близок на Бога, за да може и другите да ги приведува при Него? – Јас сум далеку од ова колку што е далеку небото од земјата, но се радувам што вие одите право според Божјите заповеди и се поддражавате еден со друг во доброто, што сите заедно се издигнувате во совршенството. Навистина, во вас живее Бог, Кого Го прославувате и на Кого Му служите и Светиот Дух почива на вашите собири. Вашите хорови се хорови ангелски, вашето пеење на псалмите е пеење на бесплотните сили. И сето ваше однесување е однесување на небесните сили, во кое нема ни сенка од плот и од крв, ни желба самоволна, ни грижа погибелна и суетна, ни радост отфрлена и нешто измамливо и никој што се измамува, туку сѐ е тивко и мирно: сите ние имаме само една желба, една волја, една душа и едно срце, еден одд и еден стремеж – да дојдеме до Бога. Навистина, вие сте божествено братство, имате единствен живот. Вашето братство е ангелоподобно, кое, иако е во тело, тоа е над телото и над светот; тоа е по својата бестрасност надвор од светот. Вие сте постигнале добри постигнувања, одете по средниот царски пат, така ќе ги избегнете стрмнините од едната и од другата страна. Вашите подвизи и вашето воздржување Му се пријатни на Бога, пријатни Му се и вашето спиење и вашата будна состојба, и молчењето и говорот, и трудот и одморот, и молитвите и молењата. Ако понекогаш поумерено и поснисходливо кон својата немоќ дејствуваме, набргу потоа пак кон строгоста се враќаме; ако сегашниот миг малку нѐ растрои, следниот сѐ ќе поправи: ќе почне утрената, по неа литургијата, читањето на житието на светителот, па поучението, и пак се враќа својот ред на оној што отстапил од него. Ние сме помош еден за друг, и помош и радост; за ѓаволот нема место меѓу нас, по Божја помош и по молитвите на нашиот отец. Дојдете, секој со својата работа нека се зафати; никој работата Божја да не ја извршува невнимателно, да се плаши од казната за немарните и мрморливите. Сите работете, запазувајте го времето одредено за секоја ваша работа. Кога е време за работа – работете, а кога е време за одмор – одмарајте; кога е време за спиење, спијте; кога е време за молитва, молете се чисто: плачете, проливајте солзи, зашто на плач сме повиканите; кога е време да се поткрепите со храна – јадете со благодарност она што ви е принесено; кога е време да говорите, говорете разумно, зашто има време за сѐ и за сите работи, според зборовите Божји. Оној што вака живее, тој добро оди, добро чекори. Во ваквите дела и расположби да ве утврди, да ве укрепи и да ве држи нашиот Господ Бог, во слава на Своето име.
202.
1. Кога ја отсечувате својата волја вие Му се принесувате жртва на Бога. Бидете секогаш такви, бидете такви во сѐ и милоста Божја ќе биде секогаш со вас.
2. Само сѐ што правите, правете го сето тоа чисто, смирено и како што треба.
3. Збогатувајте се секој со добродетелите, секој според својот дар, зашто на сите не им се дарува сѐ, но од плодовите на сите се користиме сите, зашто сите ние сме едно тело.
1. Ви посакувам да ги добиете очекуваните блага и да Му бидете доброплодна и угодна жртва на Бога преку вашата послушност, преку одрекувањето од вашата волја, секогаш да се заколувате за жртва и да се принесувате на духовниот жртвеник за благопријатна миризба на Господа Бога. Затоа, ревнувам со божествената ревност, вашата жртва да биде чиста и служењето ваше да не биде лишено од Божјото благоволение. А ова ќе биде така, ако продолжите да бидете ревносни, трпеливи и постојани во молитвата, смирението, сокрушението, богомислието, воздржувањето, во борбата со противниците и победата над нив. Затоа ве молам, да бидете такви и да трпите, трчајте и минувајте по патеките на добродетелите; борете се и победувајте, – и ќе ги добиете небесните венци.
2. Не попусто трчајте и не попусто се трудите, но внимавајте да не се препнете и со некакви мали пропусти и неработење да не паднете и да не ја урнете и нашата надеж и со тоа потполно да не го разурнете духовниот дом на вашите добродетели. Затоа, како чисти – правете сѐ чисто за чистиот Господ; принесувајте Му на Господа сѐ што е смирено, зашто Господ им се противи на горделивите; сѐ што е невино и непорочно принесувајте и посветувајте Му Го на Младоженецот Христа. „Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинето со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате“ (Кол. 4, 6); вашиот добар живот да биде украсен со добрини, да им дава благодат на оние што ви се доближуваат, и движењето ваше, и одот ваш и разговорот да ви бидат, како управувани од Бога, поучни за оние што ве гледаат. Сакам сите да бидете, не каков што сум јас, зашто јас сум нечист и неразумен, туку како што се нашите свети отци, како Акакиј, како Доситеј, како авва Кир, како Антиох, како Петрониј, како Ефтимиј и Сава, а ќе додадам, и како свети Антониј Велики.
3. Па затоа, богатете се со добродетели, наполнувајте го своето сокровиште со солзи, скрушеност, долготрпеливост, трудови, страдања, според благодатта што ви е дадена, зашто еден има едно, а друг – друго што му е природно или од Бога дарувано. И, ако ти во едно го надминуваш твојот ближен, во друго тој тебе те надминува, па затоа не жали и не завидувај: Бог на секого му ја разделил мерката на верата. Впрочем, никој не е лишен од ништо, зашто сите ние сме едно тело со многу членови: и добродетелите ваши минуваат од едни на други, според неизмерната Божја добрина. Бог мисли за секого од нас, како и за сите нас, како и за секого поодделно.
203.
1. Ве пофалувам затоа што сте оставиле сѐ и со желба трчајте по тесниот пат.
2. Радувајте му се на ова, зашто голема е наградата.
3. Кога го знаете ова, бидете храбри и претрпувајте смирено сѐ што ќе ве сретне во вашиот живот.
1. Ве пофалувам пред Бога и пред луѓето за вашата верност према нашите правила и за вашето смирено чекорење по стапките на нашите древни отци. Со силата Божја и по молитвите на нашиот духовен отец, – вие можете да го примите најдобриот живот, и, откако се собравме заедно, живееме одделно од сите, се оддалечивме од телото и од крвта и сте родени одозгора од Бога. Па така, уште живи вие сте умрени со својата слободна волја и, додека живеете уште во тело, се стремите кон тоа што е над телото. Љубовта према родителите не ве задржала и не ве задржува, домот и татковината веќе не ве привлекуваат, на вас се исполнуваат зборовите на апостолот: „Нашето живеалиште е на небесата“ (Филип. 3, 20). И така, вие пак трпите, страдате дење и ноќе, постите, бдеете, се запазувате чисти, телото го истоштувате, се одрекувате од својата волја, и од своите желби. Токму тоа е тесниот пат, кој води во живот, по кој малкумина одат. А по широкиот и по лесниот пат, кој води во пропаст, многумина по него трчаат.
2. Радувајте се, радувајте се и веселете се што ви се подготвува голема награда на небото. Затоа, ако издржите трпеливо до крај во вашето послушание – ќе ја добиете неискажливата светлина, која е од сѐ најмногу за сакање. Ако се удостоите да бидете сожители на ангелите, што има поблажено од ова? Ако станете жители на рајот, каде е сѐ нераспадливо, и секакво изобилство на вечните блага, каде што е водата што тече во вечниот живот, има ли нешто попрекрасно и поубаво од ова? Ако се покажете со сите праведници, како сонце, како сонаследници Христови, има ли нешто повеличествено од ова? Ако, кога се соберат сите твари пред страшниот престол пред Христа, нашиот Бог, кога ќе дојде јавно во слава, заедно со безбројните ангелски војски, и кога праведниците ќе ги слушнат зборовите: „Елате, благословени!“, а грешниците: „Одете од Мене, проклети!“, а вие бидете меѓу првите, што може да се спореди со вашата тогашна радост и со вашиот восхит?
3. Затоа ви велам: храбро да ги поднесуваме сите сегашни тешкотии; храбро да ѝ се спротивставуваме на телесната борба, да го гаснеме огнот на похотата, кога се разгорува во своите страсти, по своите членови; трпеливо да ги поднесуваме трудовите на бдеењето, постот, послушанието и рачната работа: со задоволство да се откажуваме од нашата волја и смирено да ги поднесуваме навредите од браќата; да учествуваме со побожност во црковните собири па пеење псалми и молитви; да се помируваме со сиромашката облека и со лошите обувки: да не ја сакаме човечката слава: да го гаснеме пламенот на гневот; да ги одгонуваме очајанието и мрзливоста; да ги смируваме поривите на душата: да ја затвораме нашата многузборлива душа, учејќи да го говори она што е потребно и корисно, а и сѐ друго да го правиме добро, како пред лицето на Бога Кој гледа сѐ. – А пред сѐ и над сѐ, да ни дарува нашиот Господ Бог, Кој е силен и прекрасен во Своите светии, по молитвите на нашиот Отец, – една душа и едно срце, запазувајќи нѐ со Едниот Дух исправни и без пречки пред Него.
204.
1. Оддалечувајќи се од сѐ што може да ја распалува вашата нечиста похот, претрпувајте ги сите непријатности, зашто е голема наградата.
2. Колку трпат мирјаните, служејќи ѝ на суетата? А ние Му служиме на Бога заради царството небесно, па како да не го претрпуваме сето она што ни се случува на нашиот пат?
1. Јас би сакал да го видам секого од вас, лично да го видам, по можност, со секого да поразговарам за прашањето на вашето спасение, зашто страдам поради тоа. Но, бидејќи сегашното прогонство не ми дозволува, затоа ве молам писмено сите вас, кои се наоѓате уште заедно, а особено оние што се расеани на повеќе места, – да се пазите од суетата, да не правите ништо, освен она што ви е заповедано, особено од грубости во вашите взаемни односи: не разговарајте долго со деца, особено со жени: правете го тоа со особена претпазливост, ако веќе има потреба да ги видите и да разговарате со нив. Умот ваш да биде горе, погледот ваш долу. Зашто и Светото Писмо говори: „Не загледувај се во девојка: за да не бидеш соблазнет од нејзината убавина“ (Мудр. Сир. 9, 5. 4). Држете се и однесувајте се како оние, кои сознаваат дека Бог е присутен и дека го гледа секое ваше движење и секое ваше дело, – телесно и душевно; каде и да појдете, благодарно и со трпение поднесувајте ги сите тешкотии во врска со гонењата, очекувајќи ја наградата која ќе ви биде дадена за трпението. „Зашто Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име“ (Евр. 6, 10), уште од првиот ден на вашето одрекување од светот, кога го оставивте светот и сѐ што е во него: родителите, децата, браќата, роднините и татковината, а и самото тело го предадовте да ги носи тешкотиите на послушанието. – Колку е големо вашето призвание! А колку уште поголема е наградата што ви е подготвена!
2. Зар не ги гледате оние што живеат во светот, колку страдаат и колку се измачуваат: едни од нив се занимаваат со земјоделие и плаќаат многу давачки, така што и самите немаат доволно да преживеат: други од нив се во воена служба, – сувоземна или поморска, кои ги напаѓаат непријателите и се напаѓани од нив, победуваат и се победувани? А ние, кои сме слободни од сето тоа, удостоени сме да Му служиме на Единиот жив и вистински Бог. Зар ова не е доволно за нас, за да се радуваме и да Му благодариме на Господа? – Зашто, ако живееме внимателно, ако работиме сѐ добро и богоугодно, воздржувајќи се од телесните желби, кои ја напаѓаат нашата душа, одбивајќи ги веднаш, и пазејќи ја чистотата на душата, тогаш несомнено ќе се удостоиме со вечните блага.
205.
За време месопусната недела не треба да се предаваме на воздржување, туку треба да се вдлабочуваме во читањето на Евангелието, зајакнувајќи ја соодветната намера да живееме свето, за да го наследиме царството небесно.
Во денешниот ден (месни поклади) луѓето во светот покладуваат од месо. И што гледаме? Гледаме дека јадат многу месо и пијат многу вино, а одат и на разни игри и забави, за кои е подобро и да не говориме. Тогаш треба да се јаде умерено од она што е ставено пред нас, да Му благодариме на Бога, подготвувајќи се за претстојното уште построго воздржување во сѐ, а тие, слушајќи ги демонските совети, го прават токму спротивното на ова. – А на вас ви велам, дека ние, монасите, не треба да одиме таму ни со нашите мисли, ниту да го посакуваме она што го посакуваат тие, зашто тоа не е достојно да биде посакувано, туку треба да се гнасиме и да се одвраќаме од него. – Напротив, ние треба целосно и со внимание да се предадеме на читање на Евангелието за големиот страшен ден на доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, кога Он, како најправеден Судија, овците ќе ги стави од Својата десна страна а козите од левата. На оние од десната страна ќе им се обрати со преслатките зборови: „Дојдете, благословени од Мојот Отец: наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот“, а на оние од левата страна ќе им ја изрече Својата страшна пресуда: „Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и неговите ангели“ (Матеј 25, 34, 41). Исполнувајќи се со овој страв и трепет, помислувајки за страшната пресуда, треба да плачеме и да Му се молиме на милостивиот Бог, пред да дојде тој час и можноста да ги слушнеме тие страшни зборови. – Затоа, иако тие вака ги минуваат овие денови, ние да бидеме проникнати со силно чувство од она што го слушаме во Евангелието, да одлучиме во нашето срце да Му служиме на Господа со голем страв и трепет, да го изгониме секое зло од нашата душа и, место него, да ја настаниме во неа добрата расположба, та да живееме достојно според Христовото Евангелие, за да бидеме наследници на царството небесно, во Исуса Христа, нашиот Господ.
206.
Иако ние секогаш постиме, сепак секој од нас треба да додаде нешто од подвигот на постот за време на постот што настанува. Но, пред сѐ друго, примете го штитот на верата и шлемот на спасението.
Да не го одложуваме ден по ден нашето поправување, Како што нѐ учи нашиот непријател, велејќи: „Не му вели на пријателот свој: ,Оди си и дојди пак; утре ќе ти дадамʼ кога си во состојба да му помогнеш, зашто не знаеш што ќе роди утрешниот ден“ (Изрек. 3, 28). Ете, сега се наоѓаме пред вратите пред саканите денови на светата Четириесетница, низ која влегуваме кон дарот на постот. Толку денови постел нашиот Господ и со ова оружје го победил Својот искушувач. А кај нас не е така; ние ги минуваме сите дни од нашиот живот во пост, зашто ние немаме луксузни масни јадења: ние наутро не брзаме да испиеме чаша сикер. Ние не бараме да појдеме таму, каде што се приредуваат гозби, не спиеме на легла од слонова коска, не јадеме уште не одбиени јаренца, не пиеме искриви вина, за кои светиот пророк Исаија вели дека им припаѓаат на оние што мудруваат земно. Ова е сосема далеку од оние што живеат побожно, а особено од нас членовите на нашата монашка заедница. Ние и обична храна јадеме малку и притоа немаме ништо што ја раздразнува до безумие душата; ние јадеме само леб, и тоа со мерка, како и некои растителни јадења, и тоа по малку. Затоа нас не нѐ исплашува светата Четириесетница, зашто храната што ја препорачува е еднаква со таа што ја имаме и во другите денови. Впрочем, секој од нас да додава нешто малку кон една или кон друга од испосничките добродетели: со постот – осамување со рачна работа, во послушноста – радост, во пеењето на псалмите – тивка хармонија. Еден со голема усрдност нека се зафати со работа, друг – да го украсува молчењето со тоа што ќе го има токму кога е време за него, трет – да им биде радост и утеха на нажалените браќа: зашто голема е пофалбата на оној што говори, ако ја ублажува жалоста во срцето на брата си; четврт – ако ги умножува поклоните, или ако услужува, или ги дава потребните распоредувања. И воопшто, никој да не биде без работа. Макар и да е малку она што ќе го приложиме, тоа ќе Му биде пријатно на Бога; ако го работите со усрдност, како што го докажале тоа двете лепти на вдовицата. Исто така, трудете се во бдението, во воспевањето и во секое добро дело. А над сето ова, примете го штитот на верата, за да можете да устоите против нападите на ѓаволот и сите стрели ва лукавиот, за да ги изгасите сите негови вгорени стрели. И со шлемот на спасението покријте ја вашата глава, утврдувајќи се во Исуса Христа – нашиот Господ.
207.
Еден приложува едно, а друг друго, според манастирскиот устав. А за сите како заедничко да биде: ништо да не правите по своја волја и да внимавате на себе, за да не му дадете на непријателот влез во себе, за да можете без пречки во сѐ да успевате.
Нашиот добар Бог, Кој ни дава живот, и Кој од година во година нѐ води по патот на овој наш живот, нѐ вовел по Своето човекољубие и во сегашново време на постов, во кое секој од ревносните, како што рековме, ги умножува своите подвизи, според својата слобода: ревнителот во воздржувањето – пости најстрого по два и по три дена; ревнителот во бдеењето, поминува многу повеќе од обично во бдение; оној што прави поклони – ги прави сега во многу поголем број: оној со други свои подвижнички дела – го прави истото. И едноставно, можеме да речеме: кај сите можеме сега да видиме голема ревност и усрдност во нивните подвизи. Некој не сака да се управува по својата волја, туку по советите на својот раководител, а тоа е токму она највозвишеното, погорно од сите ревносни дејствувања, за што се добива дијадема маченичка. Така дејствуваат ревнителите. Впрочем, на кого не му е познато, дека за време на овој пост, според најдревното предание, со монашкиот устав е определено: изменување на храната додавање поклони и зголемување на пеењето на псалмите. Затоа, ве молам, да го примите дарот на постот, да го примите со радост, а не со жал; со весело лице да минуваме низ него, во незлобливост, неосудување, во безгневност, во отсуство на лукавство и завист, а најмногу од сѐ во мир и љубов братска и кротост, во послушност, во преумножување на милоста и плодовите на добрите дела. Особено треба да имаме будно внимание кон помислите, за да не им ја отвориме вратата на страстите и да не го отвориме влезот за ѓаволот, како што нѐ учи Светото Писмо, велејќи: „Ако гневот на оној што владее избувне врз тебе, не напуштај го местото свое, зашто кротоста избришува и големи грешки“ (Проп. 10, 4), зашто ѓаволот има власт да нашепнува помисли, ама нема власт да влегува во нас. Ние сме сами господари на себе, – ако не му ја отвориме вратата, тој нема да влезе во нас. Да ја оградиме нашата душа, како невеста Христова, и да ја запазиме од ранување од стрелите на помислите; зашто само на ваков начин можеме да бидеме живеалиште на Светиот Дух и да се удостоиме да слушнеме: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога“ (Матеј 5, 8). И воопшто: „На она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете. И она што го научивте, примивте, чувте, и видовте во мене, тоа правете го, – и Бог на мирот ќе биде со вас“ (Филип. 4, 8-9), ова ви го говорам со зборовите на светиот апостол.
208.
Испосничките трудови стануваат полесни со навиката, со помош на трпеливоста и постојанството, а особено преку богомислието, чии предмети се укажувани.
Како секој почеток што е тежок, тежок е и почетокот на постот, кога се менува нашата храна и предметите на нашата работа. Сето тоа е среќавано со некакви неудобност и тешкотија, но со помош на трпеливоста и неотстапувањето – тие се ублажуваат и стануваат полесни, како што е напишано: „Секоја казна во почетокот не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа оние што се поучат од неа таа ќе им принесе мирен род на праведност“ (Евр. 12, 11). Затоа, и ние, откако се удостоивме да изминеме една недела на постот, како веќе да сме придобиле извесно искуство во него, треба да бидеме уште поусрдни во натамошниот тек на постот, знаејќи дека усрдноста им дава сила и на душата и на телото, додека мрзливоста го прави тешко и она што е лесно. Но, во нашите подвизи не смееме да бидеме неумерени, за да можеме заедно со духовната утеха да го запазиме и здравјето на телото. Зашто каква ќе биде користа од тоа, ако од почетокот трчаме брзо, а потоа сосема успориме и најпосле застанеме? Многу е подобро, ако трчаме разумно и одмерено, имајќи го предвид растојанието до крајот на трчањето. Бидејќи напорите во работата во текот на целиот ден, како и во напрегнатото внимание, обично раѓаат потреба од некоја леснотија, тогаш и за време на работата и при нејзиното завршување треба да ја храниме нашата душа со богомислие и со соѕерцание, со помисли не за она што е земно и суетно, она што збркува и што е горчиво, туку за небесното, за она што насладува и развеселува. Во псалмите пееме: „Го спомнувам Бога и воздивнувам“ (Псал. 76, 3). Нашиот ум треба да се издигнува преку соѕерцанијата кон небото, кон рајските убавини, кон вечните живеалишта, кон ангелските сили и нашето преселување таму, каде што се сега душите на праведниците и грешниците; за тоа како ќе дојде нашиот Господ Исус Христос, кога, според зборовите Божји, ќе преминат небесата, стихиите ќе се разурнат, земјата и сѐ што е на неа ќе изгори, за тоа и како душата пак ќе го прими своето тело и како ќе се соберат сите луѓе од Адама и сѐ до крајот на светот, како лицето Христово ќе биде посјајно од сонцето, страшно и сакано, каков глас ќе слушнеме, најпосле, каква ќе биде Божјата пресуда за праведниците и за грешниците, повикувајќи ги праведниците во царството небесно и испраќајќи ги грешниците во вечните маки. Еве, за сето ова треба да мислиме и да се грижиме, да мислиме дека сме надвор од светот и дека немаме ништо заедничко со оние што живеат телесно и како да немаме тело. Овие и вакви помисли да нѐ доведуваат до скрушеност и солзи, и да се просветуваме, и да се научиме овој живот да го живееме мирно и спокојно, со надеж да се удостоиме со вечните блага.
209.
1. Пред сѐ треба да Му благодариме на Бога за тоа што ни го подарил животот, за тоа што нѐ посиновил преку крштевањето, за тоа што нѐ повикал во монаштво и за нашето исповедништво пред иконоборците.
2. Како и за верата, од која е сѐ и која се јавува во разни степени, но која е достапна за сите, без оглед што не се од благородничко потекло и што не се учени.
1. Бог ни посочил многу добродетели, кои ни помагаат во делото на спасението. Една меѓу првите од нив е благодарноста. Свети апостол Павле вели: „Пред сѐ, Му благодарам на Мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, зашто за вашата вера се разгласува по целиот свет“ (Рим. 1, 8). И насекаде за сѐ тој Му благодари на Господа. Но, како што тој благодарил за сѐ, така им заповедал и на сите да Му благодарат на Бога за сѐ. И за да не се помисли дека е тоа негов личен добар совет, тој додава: „Благодарете за сѐ, зашто таква е волјата Божја во Христос Исус спрема вас!“ (1. Сол. 5, 18). Во Лествицата од свети Јован Лествичник се говори, дека во молитвата благодарноста треба да претходи на сѐ. Тој пишува: „Пред сѐ, на хартијата од нашите молитви треба да биде искрената благодарност према Бога“. Откако рекол дека по благодарноста треба да следи молитвата, свети Јован Лествичник заклучува: „Овој начин на молитва му бил покажан на еден од браќата од ангел Господов“ (Слово 28, гл. 7). Затоа, да Му благодариме на Господа заради тоа што од небитие нѐ вовел во битие, „зашто ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела, што Бог ги предодредил уште од порано да живееме во нив“ (Ефес. 2, 10). Да Му благодариме и за тоа што нѐ посинил преку светото крштевање, како што е речено во Евангелието: „На сите што Го примија – на сите што веруваат во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји; кои не се родија од крв, ниту по желба на телото, ниту од похот машка, а од Бога“ (Јован 1, 12-13). – Да Му благодариме и за тоа што ни дал да бидеме во монашкиот – во најсовршен живот, претскажувајќи за него во Својата парабола за богатиот младич, велејќи: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене, кога ќе го земеш крстот“ (Матеј 19, 21; Марко 10, 21). Да Му благодариме и за тоа што нѐ зел и во сегашното исповедништво (по повод иконоборството), не давајќи ни да се измамиме и да паднеме во еретичка заблуда, зашто ние знаеме и исповедаме, дека Единородниот Син Божји, откако примил тело, се појавува описив поради Своето тело, и има Свој лик и прима поклонување. Колку луѓе се наоѓаат надвор од Евангелието – во заблуда и погрешно верување? А колкумина се и оние, кои го примиле и Евангелието, кои се заблудиле, ја загубиле вистинската вера и претрпеле бродолом, тоа дека треба да се поклонуваат на Неговиот лик, а со тоа се лишуваат од спасоносниот домострој на Неговото воплотување? Помислувајќи за ова, ние имаме за што срдечно да Му благодариме на Бога Господа, во нашата благодарност да доаѓаме во скрушеност, во скрушеноста да проливаме солзи, во солзите – да се просветуваме, а во просветувањето – да напредуваме во делото на нашето спасение.
2. Да Му благодариме на Бога за верата, за мерката на верата што ја имаме. Зашто верата е една сама по себе, но според мерката на нашето опфаќање, таа е ту голема, ту мала. Така, нашиот Господ Му говори на Петра: „Маловерниче, зошто се посомнева?“ (Матеј 14, 31), а на друго место вели: „О, жено, голема е твојата вера: нека ти биде според желбата твоја“ (Матеј 15, 28). И пак: „Во Израилот не најдов толку голема вера“ (Матеј 8, 10). Па така, верата се покажува ту голема, ту мала. Но, никој да не рече: „Јас сум прост, како можам јас да ја разберам верата?“ – Седобриот Бог на сите им ги дава зраците на Својата благодат. – Што вели апостолот? „Гледате, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте по мудри по тело, не мнозина силни, не мнозина благородни; но Бог го избра она, што е безумно за овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она што е слабо во светот, за да ги посрами силните; Бог ги избра неугледните и презрените на овој свет, и оние што не значат ништо, за да ги уништи оние, што значат нешто“ (1. Кор. 1, 26-28). Зар не гледате дека ова се однесува и на вас? Зар не си спомнувате, да не говориме за другите, за нашиот брат Тадеј? Не бил ли тој од Скитите? Зар не им служел како роб на луѓето? Зар не стапи во монаштво по ослободувањето од ропство? Меѓутоа, каков се пројави тој и во претходното и во сегашното исповедништво? – Бидејќи бил опфатен од својата вера и верата го опфатила, и ја сместил во себе како што треба, се покажа совршен, и се удостои да се украси со венец на мачеништвото, се пресели од овој во другиот живот, три дни по своето страдање. – И ние да бидеме такви, да не ја посочуваме нашата неученост, туку да бараме и да ја зголемуваме нашата вера. А ова ќе биде така, ако добриот живот ја следи верата. Зашто верата, ако ја следи љубовта, го извршува нашето спасение. Спасението е од верата и од љубовта; ни верата само за себе, ни сама љубовта не спасуваат, туку спасуваат кога се обете заедно – запазувани и соединувани. И ние да се расположиме вака добро, да израснеме до зрела возраст, да ја исполниме Христовата возраст, и да се удостоиме со ветените вечни блага, заедно со сите светии.
210.
Како воодушевување за прифаќањето на тешкотиите на постот да ни служат: неговата благотворност за запазувањето на мирната и полна со љубов расположба, како и големите ветувања на оние, што ги поднесуваат тешкотиите на постот.
Постот е добар, ако во него се запазува мирна, кротка, послушна, смирена и сострадална расположба на духот, како и секоја друга добра расположба. Но, ѓаволот се труди на секој начин да вложи во оние што постат нешто што е спротивно на ова: да ги покаж е груби, гневни, лути, горделиви, за да направи од постот да имаат повеќе штета отколку полза, но ние, „зашто неговите намисли добро ни се познати“ (2. Кор. 2, 11), да се однесуваме мирно, тивко, кротко, и добро и „поднесувајќи се еден со друг“ (Ефес. 4, 2), знаејќи дека ова Му е угодно на Бога. Ако во тебе нема ваква расположба, тогаш и ако го свиваш силно својот врат, ако се облекуваш и во кострет, ако и со пепел ја посипуваш својата глава, нема да Му угодиш на Бога. Се разбира постот го утеснува и го истоштува телото, тој ја раширува и укрепува душата; „Затоа ние не паѓаме со духот; но, ако нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се обновува. Зашто нашите сегашни незначителни страдања ни донесуваат многу побилна вечна тежина на славата“ (2. Кор. 4, 16-17), така што, гледајќи на наградата, ние можеме спокојно да ги претрпуваме тешкотиите на добродетелите. „Благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нѐ направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината, нѐ избави од власта на темнината и нѐ воведе во царството на Својот возљубен Син“ (Кол. 1, 12-13). Зар не се причестуваме често со Телото и со Крвта на Господа? А што има попријатно и послатко од ова за оние што се причестуваат со вечниот живот со чиста совест? Не разговараме ли ние секој ден со божествениот Давид и со другите свети отци преку слушање на нивните четива? А има ли нешто порадосно за душата? Но, дали сме го раскинале секој наш однос со светот и со телесните роднини? – „Нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос, Тој ќе го преобрази нашето понизено тело да стане подобно на Неговото славно тело, со силата преку која Тој може да потчинува под Себе сѐ“ (Филип. 3, 20-21). Затоа, да се радуваме и да се веселиме, да го презираме секое телесно задоволство, зашто секое тело е како трева, и секоја човечка слава – како цвет од тревата: се исуши тревата и цветот отпаѓа, а делото на добродетелта останува вечно, како што говори братот на Господа: „Ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е, нека Го фали Господа!“ (Јак. 5, 13). А, ако е некој искушуван од лоша страст (зашто искушувачот никогаш не престанува да нѐ искушува), нека трпи, слушајќи го апостолот, кој говори: „Блажен е оној човек, кој издржува искушение, бидејќи откако ќе биде проверен, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние кои Го сакаат“ (Јак. 1, 12). „Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате“ (Јован 13, 17).
211.
Поука за мирот и согласноста; за жешката љубов према Бога; за ревносниот труд во извршувањето на спасението и воопшто за исправниот монашки живот.
Се радувам за вас – што одите во едномислие, што живеете мирно и што трпеливо го преживувате времето на постот. Ова е за ваше спасение и за утврдување на вашата надеж. Колку големо добро се мирот и едномисленоста во монашкото братство? – Таквите, откако ќе го оддалечат од себе злото на лошите дела и непостојанството, противречењето и осудувањето, непослушноста и гордоста, како и секое друго лукавство, најнапред сами си прават добро на себе, а потоа и на другите им даваат пример на добродетел, а преку тоа уште повеќе напредуваат во доброто, зашто во монашкото општожитие и соблазните и добрите примери доаѓаат преку браќата; едните се проколнати, а другите благословувани. Кај нас да нема вакво отпаѓање од добрата расположба и од толку пофалното живеење или отпаѓање од Божјата љубов.
Зашто е напишано: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!“ (Лука 10 , 27). Оној што љуби на ваков начин не знае за наситување, ни за умор, ни за изнемоштеност; туку додава оган на оган, разгорува ревност по ревност, воздигнување од добродетел вложува во срцето свое и преминува од сила в сила, – и тоа непрестано.
И гледате ли како тие што се трудат според телото, како се трудат за преодното и гниежливото? И не гледаме овде пред нашите очи како оние што прават кораби, минуваат во работа дење и ноќе, без да си даваато одмор? А зошто? – За да заработат малку пари и да им ги дадат на своите домашни, за да купат што им е потребно и да ги задоволат своите потреби. А зар ние, кои сакаме да се збогатиме со она што е божествено, да го придобиеме царството небесно, да се насладуваме со вечните блага и да ги избегнеме вечните маки, па зар ние да не сакаме да поднесеме со готовност сѐ, ревносно да поднесеме секаква жртва, па дури и крв и смрт, ако е тоа неизбежно за Господа да го направиме.
Да, браќа мои, да стоиме будно, да се радуваме со надежта, да ги претрпуваме маките и да бидеме непрестано во молитва, внимателно да се занимаваме со нашата рачна работа, со пеењето на псалмите, со стихословијата и читањето, задржувајќи го со таквите работи умот наш од талкање по суетните работи, зашто неработењето е мајка на злото, а дејствувањето е стража на умот. Да не си дозволуваме да нѐ напушти нашата добра расположба: да ги претпочитаме: послушноста, добрите дела, успокојувањето на ближниот и сѐ друго, што му помага на нашето спасение, секогаш да се молиме за нашите браќа, кои живеат овде со нас и за оние што се расеани по разни места, зашто моето срце страда и за нив, без да можам да видам со моиве очи како се спасува секој од нив.
212.
Јас ги говорам моиве поуки по должност, а за да има од нив плод, помогнете ми вие со вашето напредување при содејство на поуките. – Вашето напредување е и мое, зашто ние сме едно. -Вие го пројавивте него пред иконоборците и со тоа што претрпевте маки од нив. Затоа, не посрамувајте ја оваа ваша храброст.
Едно ви е потребно за одржувањето на телото, а друго за одржувањето на духот: она што е потребно за одржување на телото го дава економот, а тоа се состои во храна, пиење и облека, а она што ви е потребно за душата, тоа го добивате преку мене смирениот; тоа се состои во зборовите и учењата. И како што првото не се дава произволно, така и ова второто се извршува по должност, зашто јас не правам ништо големо кога ви ги говорам овие куси и скудни поуки; напротив, се плашам и треперам, зашто треба да одговарам за вашите души, не пред царот или пред управителите, туку пред Судијата на сите и пред Бога, пред Кого ќе се поклони секое колено на небесните, на земните и на оние од бездната и Кого ќе Го исповедаат сите народи.
Но, ве молам, браќа, помогнете ми, помогнете си и на себе, а помогнете ми и мене, како братољубиви: со тоа што ќе напредувате во секоја добродетел, а мене ќе ми помогнете со вашите молитви за мене. Впрочем, вашето напредување е и мое напредување, зашто „вие сте телото Христово, а поодделно – членови“ (1. Кор. 12, 27) и уште: „А кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови; а кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови“ ( 1. Кор. 12, 26). И како јас што се грижам за вас и за она што е ваше, така и вие грижете се за мене и за она што е мое, зашто јас сум во вас и вие сте во мене, според силата на нашата взаемна љубов. Таков е законот на доброто устројство на вистинското монашко братство.
Запазете ја према мене искрена вашата послушност; во неа сте се родиле за овој нов живот, сте израснале, сте се усовршиле и сте стигнале, со силата на Христовата благодат, да бидете исповедници за Неговата вера. (Ова е речено по повод иконоборството). Вие не се исплашивте од царевите и од архонтите, не се исплашивте од страдањата, раните, прогонството, затворите и смртта; и со сето ова станавте познати, како што им е извесно на сите. Не откажувајте се од вашите добродетели, не посрамувајте ги вашите пофалби, да не го загубите вашето добро име и да не почне за вас да се говори лошо, туку на својата претходна пофална состојба – изградувајте и понатаму, запазувајќи се секогаш себе си, и одвнатре и однадвор, победувајќи го секое искушение и поднесувајќи ја трпеливо секоја мака. Знајте дека се наоѓаме уште во мака и гонења и не знаеме што носи утрешниот ден. Впрочем, „ако е Бог е со нас, кој ќе е против нас? Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сѐ:?“ (Рим. 8, 31-32). Вака надевајте се, вака уверени бидете, а кога живеете во ваква надеж и во ваква увереност, ве уверувам, ќе го имате наследството и честа со сите светии.
213.
Близу е смртта; треба да се подготвуваме. Како? Сѐ што правите, правете го во слава Божја. Бидете едномислени и почитувајте се взаемно; пазете ги вашите сетива; зауздувајте ги вашите мисли; покажувајте ревност према сѐ што е добро, во очекување на бесмртноста.
Со секој ден нашиот живот се скусува; се приближуваме кон смртта. Ни претстои преселување оттука и одење кај нашите браќа и отци. Затоа од нас се бара да имаме поголема трезвеност, внимание и приготвување на срцето. Го слушаме библискиот расказ за потопот, и за тоа како Господ го применува она што било тогаш кон околностите на Неговото второ доаѓање, велејќи: „Како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот, и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сѐ – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24, 37-39′, Лука 17, 26-28). Се вчудоневидуваме како тогашните луѓе неодговорно и безгрижно се однесувале кон потопот што се приближувал и не се плашеле и не трепереле од него. Но, да погледнеме и да видиме добро: зар и ние сега не се наоѓаме во иста незагриженост, заради што ги осудуваме нив? Кај нас не се подготвува ковчег, кој се изградува во тек на сто години, но ние секојдневно ја гледаме нашата коскарница, во која ќе не стават и нас, а и смртта речиси секој ден грабнува некого од нашите браќа. И ова што бива со нас многу е пострашно од она што било пред потопот. Затоа треба да бидеме и повнимателни.
Јас не ви говорам: не јадете, не пијте, не облекувајте се; не, јас тоа не ви го велам, туку ви го велам она што нѐ учи апостолот: „Јадете, или да пиете, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја. Не станувајте соблазна ни за Јудејците, ни за Елините, ниту за црквата Божја“ (1. Кор. 10, 31-32). Да, браќа, ве молам, пак како што говори блажениот Павле: „Бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени; не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себе си“ (Филип. 2, 2-3). Да ги оградиме со ограда нашите сетива: видот, слухот, мирисот, вкусот, допирот, низ кои влегува смртта; зауздувајте го својот ум, за да не оди таму, каде што не треба, да не навлегува во неумесни работи, да не замислува лоши работи, да не раѓа гревовни желби, од кои нема ни корист, ни задоволство. Напротив, да сочувствуваме и да се сокрушуваме, имајќи едно предвид и во едно наоѓајќи утеха и задоволство, за да ја очистиме нашата душа и да напредуваме во бестрасноста. Имајќи ја надежта, дека ќе ја вкусиме бесмртноста и дека ќе се зарадуваме кога ќе ја добиеме, да не очајуваме, туку да побрзаме, да трчаме по неа силно и непрестано, зашто ревноста го поправа и исполнува она што недостасува, и Бог ќе ни биде помошник, Тој е близу до оние што се бојат од Него: душата што Го бара – Го наоѓа. Ако живееме вака, нема сомнение дека ќе го добиеме царството небесно.
214.
Спомнувај си за Бога, спомнувај си и за смртта. Не приврзувајте се за овој живот, ниту за што и да е во него. Ова се бара особено од вас, кои сте се откажале од светот.
Поуката е благотворна, зашто го напомнува она што е спасоносно: таа ни помага да бидеме трезвени и будни во извршувањето на работите, кои сме должни да ги вршиме и никогаш да не престанеме да го правиме тоа; да не престанеме да помислуваме за Бога и за Неговата љубов, ниту за одделување на душата наша од нашето тело. Зашто ќе умреме и ќе се ослободиме од нашето тело, како и сите наши отци, и ќе се преселиме во другиот свет, ќе навлеземе во другиот живот, којшто нема крај. Јас овде не мислам на времето од создавањето на светот, туку на секој човечки живот, кој ретко стигнува до границата за која говори Давид, зад оваа граница ретко кој поминува; тоа се смета за нешто необично. Сите светии помислувале за овој крај, како што сведочи апостолот, велејќи: „Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и ги поздравија, признавајќи дека се гости и придојдени. Бидејќи оние што така зборуваат, покажуваат дека бараат татковина. И, ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа прилика да се вратат. Но, тие сакаа подобра, односно небесна татковина, затоа и Бог не се срами да се нарече нивен Бог: бидејќи им има приготвено град“ (Евр. 11, 13-16). Еве го нашиот град! Еве ја нашата татковина! Во неа се нашите отци и браќа и по тело и по дух. Што уште сметаме дека е достојно за љубов во овој наш привремен живот? Зошто се приврзуваме кон него? Зошто не сакаме да излеземе од него? Неразумно е кога некој не сака од туѓина да се врати во својата татковина, или кога не сака да се прекине војната и да настане мир. А ние, возљубени браќа, како разумни, бидејќи токму затоа се откажавме од светот и од сѐ што е во него, кои сме избегале од него, секогаш да мислиме за смртта, и со овие мисли да ги одбиваме од нас: секоја похот, секоја раслабеност, секое очајние, секое зло, за, правејќи го она што Му е угодно на Бога, – да станеме наследници на небесното царство.
215.
Господ ни дал мир, којшто нѐ обврзува да бидеме во мир надворешно со сите, а внатрешно – да имаме мир во себе од страстите и од грижата на нашата совест.
Денот на воскресението е ден на мирот, зашто во него Господ го победил непријателот, велејќи им на Своите ученици: „Мир вам!“ (Јован 20, 19). А кога го рекол ова, не само на нив и само за еден ден го подарил овој ден, туку овој ден го дал засекогаш и на сите; ни го подарил и на нас смирените. Да имаме мир во себе! – По нашиот надворешен човек, да немаме судир со никого од нашите браќа; со сите да бидеме расположени со љубов, зашто Господ говори: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13, 35), а во нашиот внатрешен човек, да го запазуваме мирот и спокојот од погубните страсти. Така што и ние да можеме да говориме заедно со апостолот: „Имаме мир со Бога, преку нашиот Господ Исус Христос, преку Него со верата добивме и пристап кон оваа благодат, во која стоиме, и се фалиме со надежта во славата Божја“ (Рим 5, 1-2). Бидејќи имаме неизменлива природа, се случува ние бедните да бидеме подложувани на колебања и бранувања. Веднаш потоа треба да брзаме да се вратиме во нашата претходна состојба и да имаме мир со Бога: „Христос е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата, што беше меѓу нив, откако со телото Свое го уништи непријателството, а законот на заповедите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир“ (Ефес. 2, 14-15). Така говори апостолот. И токму ова е она дело, кое го изврши Господ, како што Му говори на Својот Отец: „Јас Те прославив на земјата: го свршив делото, што Cи Ми го дал да го извршам’“ (Јован 17, 4), односно го измирив земното со небесното, одделувајќи нѐ нас – синовите на мирот и на љубовта. А некој рече: Како тоа, зар ние не сме во непрестана војна?, како што говори апостолот: „Нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес 6, 12). На таквиот треба да му речеме, дека овие зборови укажуваат на борбата, на тоа каква и колкава е, а не на тоа дека ние ја водиме, зашто истиот апостол говори на друго место: „Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е станува моќно за рушење тврдини; со него ние уништуваме мудрувања, и секоја горделивост, што се крева против познанието за Бога, и го заробуваме секој ум за да Му биде покорен на Христа“ (2. Кор. 10, 4-5). А наоѓајќи се во таква расположба, јасно е дека сме победиле во борбата и дека имаме мир.
216.
Поученијата треба да ги слушаме, и откако ќе поверуваме во нив, да го извршуваме она што ни го советуваат.
И сега ви ги предлагам моите зборови, што сум должен да ви ги кажам; тие се кратки и скудни, но се неодложни, така што и јас да не бидам осуден за молчење, а и вие да не бидете лишени од некаква поука. Зашто, иако вие сте, главно, поучувани преку читањето на списите од светите отци, сепак имате потреба и од моето скромно поучение; се осмелувам дури и да речам, дека имате поголема потреба од моите поученија, зашто таму се даваат општи размислувања, а овде се говори токму она што се однесува на вас – и за изобличување и за поправање. Псалмопејачот Давид говори: „Ти го изврши тоа, а Јас молчев; ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое гревовите твои“ (Псал. 49, 21). И нашиот Господ Исус Христос говори: „Да не бев дошол и да не бев им зборувал, грев немаше да имаат. Но, сега немаат изговор за својот грев“ (Јован 15, 22). Да не биде: ова да може да се однесува и на вас, зашто јас ви говорам не како на непокорни и виновни за гревови, туку како на синови на послушноста, како со мои возљубени чеда, како со едносушни, со исти тела и соборци, за да бидете спокојни и да напредувате, „за да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и безпрекорни во денот на Христос, полни со плодот на правдноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога“ (Филип. 1, 10-11). А зборовите мои се за вас. Се надевам дека Оној, Кој во древноста извел вода од карпа за Израилците, дека и од моето камено срце ќе источи кратки зборови, со кои ќе бидете оросувани, ќе Му благодариме на Господа, Кој го храни, напојува и управува нашиот живот во нашата монашка заедница, како и некогаш во пустината. Но, откако си спомнавме за древната историја, да му обрнеме внимание и на она што се случило со непокорните, за што говори апостолот: „Повеќето од нив не беа по волјата Божја, затоа загинаа во пустината. А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи по злото, како што тие беа похотливи. Не бидете ниту идолослужители, како некои од нив, за кои е пишано: „народот седна да јаде и да пие, па стана да игра“. И да не блудничиме, како некои од нив што блудничеа, и во еден ден загинаа дваесет и три илјади. И да не Го искушуваме Христос, како што некои од нив Го искушуваа, и загинаа од змии. Не мрморете, како што некои од нив замрмореа, па загинаа од Истребителот“ ( 1. Кор. 10, 5-10). Браќа, помислувајќи за ова, да бегаме од причините на Божјиот гнев, да бегаме од лошата похот, да бегаме од мрмрорење, да се пазиме – и Христа да не Го искушуваме. – Но, како можеме Него да Го искушуваме? – Ако паѓаме во неверни помисли и ако говориме: зар Он Ни го дава она што ни е потребно за задоволување на нашите потреби? – Дали можеме да го поднесеме бранот што ни се заканува од непријателот? Дали ќе можеме да го претрпиме тоа и тоа? Не така, браќа мои, не така. Овие зборови се зборови на неверување и сомневање, на кои не треба да им даваме место. Зашто, ако поверуваме со тврда вера, ќе можеме сѐ да поднесеме. Така поверувал Ное, и ги избегнал опасностите од потопот, така и Авраам станал татко на многу народи; така Мојсеј преминал преку Црвеното Море, како по суво; така трите момчиња и Даниил пророкот останале неповредени. И со еден збор, така се оправдале и сите светии. Така и ние, ако веруваме, сѐ ќе поднесеме и со Христа ќе победиме и ќе се удостоиме со венците на правдата.
217.
1. Откако се ослободивме од веригите на животот, – од световните и гревовните, да не дозволиме пак да се вратиме во нив.
2. И никој да не мисли да ја соединува работата за Бога со ропството на гревот и на страстите.
1. Одгонувајќи го вашето неработење и поттикнувајќи ја вашата ревност, апостолот рекол: „Господ е близу! За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања“ (Филип. 4, 5-6). Да не бидеме неработливи, туку да се крепиме и да бидеме храбри во извршувањето на делото кон кое нѐ повикал Господ. Зашто Он нѐ повикал од општиот и обичен живот на луѓето кон монашко живеење, Он нѐ облекол во облеката на спасението; Он нѐ искупил од законската клетва, станувајќи за нас Самиот клетва: „Стојте во слободата, со која Христос не ослободи, и не се подавајте пак на ропски јарем“ (Гал. 5, 1). Да не дозволиме пак да станеме доброволни робови на страстите. Робот, кој е откупен со злато, никако не се согласува пак да стане роб, туку се оддалечува што може повеќе од местото на своето робување: се радува што се ослободил од ропското измачување, иако ропството не е некое особено зло. Зашто апостолот говори: „Ако си повикан како роб, да немаш грижа; но, дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството. Зашто кој е повикан во Господа како роб, станува Господов ослободенек; исто така и кој е повикан како ослободеник, станува роб Христов“ (1. Кор. 7, 21-22). Точно е, дека оној што се ослободил не сака пак да живее под јаремот на ропството. – Колку повеќе ние, кои се ослободивме од гревот, како можеме и понатаму да бидеме под неговиот јарем? Или не знаеме сѐ што ни направил гревот? Зар тој не нѐ изнел од рајот? Зар тој од бесмртни не нѐ направил смртни? Зар не нѐ вовел во овој прежалосен живот? Зар не преку него било и бива секое зло? Да бегаме од него како од најлош непријател; да го намразиме како достоен за омраза. Повеќе да ја засакаме добродетелта, зашто таа ги прави луѓето како ангели, па дури и повеќе, таа ги прави богови, како што е напишано: „Јас реков: вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот“ (Псал. 81, 6).
2. Но, во што е суштината на добродетелта? – Во одвратноста од светот и прилепувањето кон Бога. Господ говори: „Никој не може да им слугува на двајца господари: зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамон“ (Матеј 6, 24). Не можеме да им припаѓаме и на добродетелта и на гревот, бидејќи „што има заедничко меѓу верник и безверник?“ (2. Кор. 6, 15). Христовите заповеди се лесни, а гревовите се тешки и здодевни, Но, ние се обидуваме да ги усогласиме спротивностите и мислиме дека можеме да бидеме и со телесните похоти и со духовните работи истовремено и со успех. Да се свртиме кон себеси и да видиме дали сме ја достигнале мерката на совршенството, со помошта на Бога, од Кого е секое добро дело и секој совршен дар; да се погрижиме да останеме непоколебливи, со помошта на стравот Божји да се запазуваме неизменливи во нашата добра расположба. Но, ако сме и во многу работи неуспешни и уште несовршени, да побрзаме и да се трудиме да станеме совршени, додека уште има време за дејствување: да се утврдиме со верата, со надежта да се окрилуваме, со љубовта да се поврземе, со смирената мудрост да се украсуваме, со послушноста да се веселиме, да се испитуваме преку послушноста, да се просветуваме со исповедта и да сведочиме за себе со сите наши дела, дека сме вистински монаси, вистински послушници и искусни робови во Христа Господа.
218.
1. Зборовите Божји треба да ги слушаме со внимание, зашто од ова настануваат сите добри душевни расположби.
2. Така постапувале сите светии и дале сведоштво за сите добри плодови од ова.
3. И ние да постапуваме така, имајќи на ум, колку големи добрини ни дал Господ.
1. Сите луѓе имаат и очи, и уши, но не сите гледаат и слушаат, туку само оние чии очи гледаат и чии уши слушаат. Затоа, и Господ рекол: „Кој има уши да слуша, нека чуе“ (Матеј 11, 15). За ова вака говори и пророкот: „Тогаш Он рече: ,Оди и кажи му на тој народ: ,со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате – нема да видите“ (Иса. 6, 9; Рим. 11, 8). Па така, да слушаме внимателно, а не било како, да слушаме внимателно што се чита, да не потпаднеме под заканување, туку така, за да можеме да кажеме: „Господ Бог ми го отвори увото, и јас не се спротиставив, не отстапив назад“ (Иса. 50, 5). Оној што слуша така, тој се скрушува, се очистува, се просветува, се радува, сѐ што е тукашно го смета за сенка, за ѓубре, само да може да Го придобие Христа, кога Го слуша да им говори на Своите ученици: „Нема да ве оставам сираци: ќе дојдам кај вас“ (Јован 14, 18). И пак: „Вие сте Мои пријатели ако го вршите она, што ви заповедам Јас“ (Јован 15, 14). И пак: „Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете“ (Јован 14, 19). И пак: „Вие сте оние што издржавте со Мене и во Моите искушенија, и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство, за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена“ (Лука 22, 28-30). Откако ќе го слушне сето ова, оној што Го љуби Бога, ќе биде готов секој ден доброволно да умира за Христа.
2. Вака живееле сите светии и на ваков начин одлучно и свечено ја искажувале својата љубов према Господа, Светиот пророк Јеремија говори: „Јас не брзав да станам пастир при Тебе и не го сакав бедниот ден, Ти го знаеш тоа; што излезе од устата моја, откриено е пред лицето Твое“ (Јерем. 17, 16). А светиот цар Давид вели: „Што да му дадам на Господа за сите Негови добрини што ми ги направи мене?“ (Псал. 115, 3), А апостолот говори: „Вам ви се даде дар поради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него“ (Филип. 1, 29). Така се радувале и сите апостоли. Во Делата на светите апостоли читаме: „А тие излегоа од синедрионот радосни, зашто беа удостоени да поднесат измачувања за името на Господ Исус“ (Дела 5, 41). Со еден збор, секој од светиите вака ја искажува својата голема љубов спрема Христа Господа.
3. И ние, браќа, внимателно да го слушаме она што се чита и со силна љубов да Го возљубиме нашиот Бог, благодарејќи Му секогаш за сѐ, што направил за нас, за тоа што нѐ избрал од почетокот за спасение во нашето свето призвание, што ни дарувал да Му служиме во светата православна вера, според учењето на светиите, која ни е предадена како некоја изобилна трпеза. Советот на светиот апостол е токму за нас: „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сѐ? Кој ќе ги обвини избраниците Божји? Бог е Тој Кој ги оправдува! Кој е Тој што ќе суди? Христос Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и се застапува за нас“ (Рим. 8, 31-34). Он се застапува пред Бога и Отецот Кој ни го дарува Своето вечно царство.
219.
1. Да си спомнуваме за покојниците и да ги спомнуваме нивните имиња; не само надворешно, туку и духовно.
2. Спомнувајќи си притоа, дека и ние ќе преминеме при нив; и
3, воодушевувајте се со тоа, да се подготвуваме за нашето упокојување.
1. Вчера му направивме помен на нашиот отец, го направивме исправно и како што треба, зашто духовните деца треба да му се оддолжуваат на својот духовен отец. Но, не треба да мислиме, дека овие помени и заупокојни служби, ги правиме само за да ги спомнеме и да се угостиме телесно; потребно е и духовно да се угледаме на богоугодниот покојник. Телесното ги предизвикува чувствата за извесно време и одлетува, а духовното е ненаситено и непреодно. Ако некој од нас поплакал, ако срдечно се скрушил, тој успеал добро да си спомне за отецот и братот. Спомнете си за деновите кога го имавме нашиот отец со нас, кога зборуваше со нас и кога општеше со нас, ” Да помислиме каде е сега тој, со кого живее и со кого општи, и тој и сите наши упокоени браќа. Зар кога го помислуваме сето ова и кога слушаме за ова – Душата наша не се восхитува и издигнува?
2. Да се свртиме по ова и на себе и да помислиме дали и ние нема да си појдеме оттука по извесно време и дека ќе бидеме споменувани од други, како што сега ние ги споменуваме нашите претходници? Да, така е. Таква е нашата судба: ние сме смртни луѓе и не знаеме што ќе биде утре. Зашто што е нашиот живот? – Пареа, која се појавува за малку, а потоа изчезнува; пролетен цвет, а вечерта веќе го нема, свенува. Божествениот Давид вели: „Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој“ (Псал. 102, 15). „Човекот е како здив; дните негови одминуваат како сенка“ (Псал. 143, 4). „Гласот говореше: „Разгласувај!“ и рече: „Што да разгласувам?“- „Секоја плот е трева, сета убавина нејзина е како полско цвеќе“ (Иса. 40, 6). А светиот апостол Јаков пишува: „Како што сонцето огрева и со својата жега ја исушува тревата, и цветот нејзин опаѓа, и убавината на нејзиниот изглед исчезнува, така ќе овене и богатиот во својот пат“ (Јак. 1, 11). Така ќе свенеме и ние оттука, како што рекле светите луѓе. Тоа го говорат и нивните споредувања, кои ги спомнавме.
3. „Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки, за да види, има ли кој Го разбира и Го бара Бога“ (Псал. 13, 2). Блажен е оној, кој секојдневно се присилува на трудови и на напори да биде послушен, кој не противречи, не мрмори, кој е покорен, кој е брз во своите работи, кој служи со ревност, кој има скрушено срце и кој секогаш се подготвува за својата смрт и исходот на својата душа. Ќе дојде, и нашиот крај и нема да задоцни; ќе дојде царскиот пратеник, ќе слезе од небото и ќе ѝ рече на нашата душа: „Ајде, излегувај сега, те бара Царот и Бог на сѐ“. Но, да бидеме готови, според молитвите на нашиот духовен отец, да бидеме подготвени во тој час и без страв да бидеме земени оттука и да прејдеме во вечниот живот.
220.
1. Крајот на светата Четириесетница нѐ става пред лицето на Велигден, но и целиот наш живот стои пред лицето на Велигден, како и времето на одмор и јадење на плодовите и времето на трудот; стои нашиот живот не пред временскиот, туку пред вечниот и неизмерно поубавиот Велигден.
2. Гледајте го тој Велигден, спомнувајќи си што рекол за него Господ и воодушевувајте се за уште поусилени подвижнички трудови, подражавајќи ги светиите.
3. А на сатаната, на лукавиот, кој се обидува да нѐ измами со она што е поубаво и послатко за нашето тело, не обрнувајте внимание.
1. Четириесетницата се приближува кон својот крај, а душата се радува што се приближува Велигден, како на време за одмор и вкусување од плодовите на преземените трудови. Но, зошто ви ги говорам овие зборови? – За да ви напомнам за тоа, дека и целиот наш живот е свртен со своето лице кон вечниот Велигден и дека го очекува неговото приближување. Овдешниот Велигден, иако голем и многу почитуван, е, како што размислуваат светите оци, само праобраз на вечниот Велигден. Денешниот Велигден ќе трае три дена и ќе измине, а тој Велигден тамошен, од каде одбегнува секоја болест, жалост и воздивнување, каде што се радоста, веселбата и утешната вечност, каде што е гласот на оние што празнуваат и се веселат, и светлината што никогаш не престанува, каде е блажената Христова гозба, полна со вечни блага и ново пиење, за кое нашиот Господ рекол: „Ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец“ (Матеј 26, 29).
2. А за ова царство им рекол Он на Своите ученици: „Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, зарем Јас ќе ви кажев: Одам да ви приготвам место? Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе… А каде одам Јас знаете, и патот го знаете“ (Јован 14, 2-4). И на друго место пак говори: „Во оној ден вие ќе разберете дека Јас сум во мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас“ (Јован 14, 20). И пак на друго место вели: „Оче, сакам и оние што си Ми ги дал Да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си ми ја дал, зашто ме возљуби уште пред да се создаде светот“ (Јован 17, 24). А за да се разбере, дека овие зборови не се однесуваат само на апостолите, туку и на сите што ќе поверуваат, Он пак рекол: „Но не се молам само за нив, туку и за оние, што преку нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе, па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот, дека Ти си Ме пратил“ (Јован 17, 20-21). Што има порадосно од овие зборови? И што има поубедливо? Каква душа не можат да омекнат? Кое срце не можат да го скрушат? Со право такво срце би можело да се нарече камено, а не човечко. Помислувајќи за ова, светиите доброволно трпеле сѐ, сметајќи ги страдањата за радост, стеснувањата – за широчина, маките – за наслади, подвижничките трудови – за утеха, смртта – за живот. Затоа и ние, бидејќи се стремиме кон истата цел и го бараме истиот Велигден, да поднесуваме храбро сѐ што е непријатно, да не паѓаме под неговата тежина и да не бидеме малодушни, туку да се возбудуваме кон пламена ревност.
3. Сатаната е лукав, кој устројува против нас разни искушенија со помош на нашите страсти, – се преобразува во светол ангел и ни ги покажува работите поинакви од какви што се: ја покажува темнината како светлина и горчевината – како сладост. Да не внимаваме на она што ни говори и што ни советува. Така тој го измамил нашиот праотец, го премрежил неговиот вид и му го покажал како прекрасно она, што не било прекрасно, а потоа преку вкусувањето го исфрлил од рајот. Но ние, знаејќи од опит, дека е тој измамник, да не дозволиме да излеземе од рајот на заповедите. И тогаш ќе се обиде некој плод да ни го покаже убав, да не го задржуваме на него погледот на нашата душа и на нашето тело, туку да се трудиме на секој начин да не го гледаме, за да не бидеме измамени. А кој е тој плод, кој ни се чини убав? Телесната љубов, како и лошата похот на секоја од погубните страсти; но, ако ги избегнеме ќе бидеме спасени и ќе се удостоиме заедно со сите светии да го празнуваме вечниот Велигден.
221.
1. Како што растителното царство по зимата цути и дава плодови, така и душата, по лишувањата, жалостите и тешкотиите, духовно расцутува и дава духовни плодови, со кои се насладува и храни Господ.
2. Да ги поднесуваме сите жалости и тешкотии на нашиот подвижнички живот, за да можеме да раѓаме духовни плодови, да Го насладуваме Господа со нив, зашто ништо нема поблажено од ова.
3. А дека е ова така, нѐ уверува Самиот Господ, и тогаш како да не ја претрпуваме секоја тешкотија во нашиот живот со најголема радост.
1. Измина зимата. Настана пролетта. Ги гледаме сите Божји созданија како оживуваат: растенијата цутат, земјата е покриена со зеленило, птиците пеат. Сѐ се обновува, а ние се насладуваме со сето ова и Го прославуваме премудриот Уметник и Создател на сѐ – Бог, Кој секое лето како одново да ги создава Своите творенија и да ги преобразува и преку тоа силно нѐ уверува „она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, сгледливи се уште од создавањето на светот, гледано според Неговите дела“ (Рим. 1, 20). Но ние, впрочем, не треба да се задржиме само на ова, туку со нашиот духовен поглед да одиме подалеку, така што и во себе да го видиме одразот што станува во видливиот свет. – Како? Преку следнава споредба: како што обновувањето на видливата природа ја има за причина зимата, за време на која земјата се става под непријатното влијание на снеговите, дождовите и бурите; тоа истото станува и со душата. Ако и таа не ја претрпи зимата на жалостите и страдањата, на лишувањата и непријатностите, и таа нема да процути, нема да ги даде очекуваните плодови, а ако го претрпи сето тоа, тогаш ќе ги даде очекуваните плодови и ќе го добие Божјиот благослов за тоа, како што е напишано: „Земјата, која го впива дождот што често паѓа на неа и раѓа плод добар за оние што ја обработуваат, од Бога добива благослов“ (Евр. 6, 7).
2. И ние да ги претрпуваме сите жалости, секое лишување и секое искушение, кои ни доаѓаат видливо или невидливо за време на постот, низ кој минуваме, во глад и жед, како и во сите други измачувања, за да се покажеме плодоносни и да добиеме благослов од Бога. Но, не и само тоа, туку и за да Го нахраниме Бога – Господа Исуса Христа и да Го примиме во себе како туѓинец. Зашто како што ние се насладуваме кога ја гледаме природата како зеленее, цути и дава плодови, така и Господ, гледајќи ги нашите души како цутат и даваат плодови, се радува и се весели. Тоа се: „љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливоста“ (Гал. 5, 22-23). Еве со што се храни Господ, со што се насладува. И блажен е оној кој вака Го храни Господа, затоа што и тој ќе биде хранет од Бога со вечните блага. Блажен е и оној кој го прима како туѓинец, зашто и него Господ ќе го прими како туѓинец во Своето царство. Ако некој го прима земниот цар во својот дом, колку многу се радува и се весели? – Зар радоста и веселбата на оној кој Го прима во себе си Царот на царевите и Господарот на господарите не се неспоредливо поголеми?
3. А дека вистински Го примаме Него, ова може да се види од Неговите зборови: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај Него и живеалиште во Него ќе направиме“ (Јован 14, 23). И пак: „Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе Му се јавам Сам“ (Јован 14, 21). Па, ако се вакви ветувањата, тогаш не само да поднесуваме сѐ, туку и да го правиме ова со радост, слушајќи го апостолот што говори: „Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам недостигот од Христовите маки во моето тело за телото Негово, кое е Црквата“ (Кол. 1, 24). А светиот апостол Јаков говори: „Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека проверката на нашата вера создава трпеливост; трпеливоста, пак, нека биде совршено дело за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток“ (Јак. 1, 2-4). Гледате ли, дека радоста е во искушенијата, а веселбата – во жалостите и страдањата? Така живееле светиите. Да се потрудиме и ние да живееме, да се трудиме да одиме по нивните стапки и заедно со нив да го наследиме царството небесно.
222.
Откако ги наброил подвижничките добродетели, во кои кој особено напредувал за време на постот, додава и вели: „Бидете такви секогаш, и не менувајте се со промената на времето“.
Ете, гледате, се наоѓаме при самиот крај на постот. Писмените сведоштва, кои дошле до нас уште од најстарите времиња, нѐ уверуваат, дека блажените отци тогаш се враќале во своите манастири, во околината на Ерусалим, откако светата Четириесетница ја поминале во пустината, и своите постигнувања во добродетелите како дар на својот голем Дародавец и Господ, секој од оние добродетели, во кои покажал успех, а особено во своите пустински подвизи. Не нешто малку и нешто недостојно прашува секој од вас, според своите сили: еден ја принесува господарката на сите добродетели – љубовта, друг богосвеста на смирена мудрост, трет – Христоподражателното послушание, четврт – непрестаната трезвеност во молитвата и пеењето на псламите за време на бдеењата, петти – во својата особена усрдност према трудовите во рачната работа. Не се недостојни за пофалба и: отстранувањето на расеаноста, задржувањето на непотребните погледи, скромноста во одењето, благоразумноста во одговорите и взаемното однесување. Нема да говорам за зауздувањето на претераната слобода во однесувањето со браќата, напуштање на зборливоста, воздржувањето во јадењето, за вниманието во стихословието и, на крајот, за она што би требало да биде ставено на прво место, за блаженото и маченичко отсекување на својата волја, која, како единствена вистинска жртва Му е најпотребна на Господа од нас. Секоја од наброените работи е добар и угоден принос пред Господа. И се осмелувам да речам дека никој од вас нема да се појави пред лицето на Бога празен, туку секој ќе го принесе своето добро. На овој начин, врз основата на своето подвижништво, вие сте ги наѕидале вашите „злато, сребро и драгоцени камења“, како неизгорливи во огнот на идното испитување и проверување, а не „дрво, сено и слама“ (1. Кор. 3, 12), кои, исто така, ги спомнува апостолот, кои се всушност: гревољубието, ропството на страстите, срамните зборови, скришното јадење, лагата, непријателството и сѐ друго, што е слично на ова. Бидејќи ние во текот на малку посни денови, станавме сопственици на вакви духовни сокровишта, да не си дозволиме сега да ги загубиме со промената на времето, да не му се предадеме на нашиот противник во борбата и непријател. Но, нека се измени и времето и нека настанат и други денови, но вие останете покорни на Божјата волја и во својата љубов према него останете неизменети. Или, пак, бидете и изменливи, но менувајте се со добра измена: од искра – станете светилник што гори, од ѕвезда изменете се во месечина, а од месечина – станете сонце. Затоа, ве молам, како што досега живееме во богоугодна расположба, така да го прославиме и празникот Цветници, и да ги отвориме манастирските врати и да ги примиме оние што ќе дојдат при нас, а видувањето и разговорот наш со нив да бидат такви, така што сето тоа да Му послужи на Бога и на Неговото прославување, и кога ќе ве видат и чујат, да речат дека Бог е со вас – како во Свој храм, според зборовите на апостолот: „Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас?“ (1. Кор. 3, 16). Ако дејствуваме вака, ќе ја празнуваме и Светата и велика Пасха, ќе отпразнуваме богоугодно, сообразувајќи се со Христовите страдања и со светлината на Неговото Воскресение.
223.
1. Спомнува за некаков настан, кој бил доживеан од сите и кој сите добро го преживеале. – 2. Укажува како настапува гревовното искушение и како, сообразно со тоа, треба да се спротивставуваме на гревот: прилог, одгонување и друго.
3. За да го нема ни прилогот, односно поканата на грев, не треба да се враќаме на нашето грешно минато, па дури и во мислите, а надворешно добро да се држиме за доброто однесување.
4. Најмногу од сѐ, – треба да се пазите: да не го напуштите манастирот.
5. И сѐ што правите, правете го според манастирските правила: сѐ што правите, правете го како пред Господа.
6. Се сврши постот, да Му благодариме на Господа, но да не престанеме да стануваме подобри.
1. Господ рекол во Евангелието: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица; но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои“ (Лука 22, 31-32). Такво нешто се случи и со нас смирените: „Но, Господ Бог нема да допушти да бидете искушувани повеќе, од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да издржите“ (1. Кор. 10, 13). Вие знаете за што говорам. Го примив јас вашето братољубиво сочувство, како богоугодно, спасоносно и пофално, според зборовите на апостолот: „Ете, тоа што се ожалостивте по Бога, каква усрдност предизвика во вас, какво извинување, какво огорчување, каков страв, каков копнеж, каква ревност, каква горчина. Со сѐ покажавте дека во тоа дело сте чисти“ (2. Кор. 7, 11). Таквата ваша расположба е вистински братска, каква што ја бараат и зборовите на вистината, зашто апостолот говори: „А кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови, и кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови“ (1. Кор. 12, 26).
2. А ти погледни ме мене, за да видиш каква е грижата и ревноста кај ѓаволот: како тој, „ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1. Петр. 5, 8), како да го фати, да го улови, целосно или одделно. Зашто тој кога ќе фати некого делумно, не се задоволува со тоа, туку се обидува да му направи нешто полошо: сѐ додека не му ја причини гревовната смрт. Имено, најнапред се обидува да го прифатиме неговиот предлог, а потоа да замислиме нешто лошо во нашето срце, па, откако, на таков начин, ќе ја зарази нашата душа, тој ја соблазнува да излезе надвор и од границите на природата, и ја прави безумна, неразумна и слепа, да тежнее кон непотребното: место кон светлината – кон темнината, место кон сладоста – кон горчевината, место кон животот – кон смртта. Еве, вакво зло ни прави искушувачот. – Затоа, браќа, да бидеме многу внимателни и да се вардиме, да ги вардиме нашите души; да не му даваме место на ѓаволот, туку веднаш да го одгонуваме неговиот предлог. – А, ако бидеме победени во ова, во краен случај, нема да бидеме осквернети со сочувството: а, ако и овде претрпиме неуспех, тогаш пак да правиме напори и де не си дозволиме долго да останеме во таа расположба, за да не се согласиме да згрешиме.
3. Ова ни се случува од нашите некогашни страсни приврзаности кон нешто и од нашите спомнувања. Но, да бегаме и од едното и од другото, да бегаме од спомените на нашата младост. Зашто враќањето назад бива преку вообразбата, враќањето на нашето срце одново во Египет. Од ова треба да се пазиме по нашиот внатрешен човек, така што надворешниот да го прави она што нѐ учи апостолот, велејќи: „Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, да им даде благодат на оние што слушаат. И не оскрбувајте Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето. Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хулење заедно со секоја друга злоба. Бидете еден према друг добри и милосрдни, проштевајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефес. 4, 29 – 32).
4. Притоа да го одбегнувате напуштањето на манастирот, како причина за паѓање. Твоите браќа се внатре, во дворот, а ти си надвор! Твоите браќа се во безмолвие, а ти зборуваш празни зборови! Твоите браќа се спокојни, а ти талкаш од место на место. Ете, од ова се соблазните, од ова се и паѓањата. Онаа овца што се оддалечила од стадото, на што се изложува? Тоа го очекува и оној што избегал од своето братство. Да нема вакво нешто, браќа, никако да нема.
5. Кај вас да биде сѐ добро и според манастирскиот ред; сѐ што правите, правете го со внимание и претпазливост; сѐ што правите, правете го како пред лицето на Господа, Кој гледа сѐ: и скриеното и откриеното, и дење и ноќе, сѐ што бива преку нашите душевни и телесни движења. Па така, да не им бидеме пречка и препнување на верни и на Божјата Црква. Браќа мои, да не биде ова, никогаш да не биде.
6. Бидејќи светата Четириесетница завршува. Го прославивме Бога, Којшто ни помогна да ја завршиме: да Го прославиме затоа што ни даде сили да ги извршуваме нашите великопосни подвизи. Еве, измина трудот, а наградата останува: телото се истенчи, но затоа духот зајакна. Јакнете и осветувајте се сѐ повеќе и повеќе и „целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!“ (1. Сол. 5, 23).
224.
1. Да не престанеме да си спомнуваме за страданијата и воскресението на Господа, за да не бидеме уловени од страстите.
2. Сега е пролет, оживува сѐ што е телесно: да бидеме внимателни и строги према нашето тело.
3. Во постот се трудевме и се подвизувавме, но и сега, кога замина постот, не треба да ставиме крај на нашите подвизи и трудови: во целиот наш живот треба да се трудиме над себе си.
4. Така да постапуваме.
1. Откако се удостоивме, со помошта на Божјата благодат, да ја отпразнуваме светата Пасха, да се зафатиме пак со нашите секојдневни работи, а истовремено да си спомнуваме за животворните страдања на нашиот Спасител Господ Исус Христос и за Неговото славно воскресение, зашто никако не смееме да дозволиме со изминувањето на Пасхата, заедно со тоа да престане и спомнувањето за неа, туку сме должни секогаш пред очите на умот да ги имаме спасоносните страдања на Господа, Неговото распнување, погребението и воскресението, за непрестано со тоа да го занимаваме нашиот ум, за да не бидеме уловени од страстите. А, ако некогаш, од невнимание, бидеме уловени, тогаш што побрзо да погледнеме на распнатиот наш Господ Исус Христос, и тогаш веднаш ќе засвети исцелението на нашите души. Така и Израилците некогаш, кога биле каснувани од отровните змии, погледнувале на бакарната змија и веднаш биле исцелувани (сп. 4. Мој. 21, 8-9). Нам ни е познато дека лошите помисли, слично на змии, каснуваат, влевајќи го својот отров во нашите души, кој треба веднаш со голема загриженост да биде изваден, така што од занемарувањето на раните да не станат тешко залечиви.
2. Гледате, сега е пролет. Таа е родителка на крвта, а крвта е во телото, „телото сака спротивни работи на духот, а духот – спротивни на телото“ (Гал. 5, 17), така што засилувањето на телото го ослабнува духот, а засилувањето на духот – го ослабнува телото. – Затоа, да бидеме претпазливи, во употребувањето на храната, пиењето, спиењето и на сѐ друго; да одржуваме строга мерка, за телото да не го надвладее духот, да не ја совлада душата, туку, напротив, да се трудиме душата секогаш да го победува телото.
3. Оној што се натпреварува во трчање не се прогласува за победник кога претрчал еден дел од патеката, туку тогаш кога ќе стигне до одбележената цел. Така и ние, не се сметаме за победници тогаш кога сме ги изминале добро светата Четириесетница или Педесетницата, туку само тогаш кога целиот наш живот ќе го изминеме во буден подвиг. Ако во ова не успееме, тогаш нема да ги одбегнеме мрежите на ѓаволот и нема да ја добиеме наградата.
4. Затоа, уште и уште да се подвизуваме со добар подвиг, уште и уште да се трудиме и да се потиме во придобивањето на добродетелите; да го стеснуваме и понатаму телото, да го поробуваме духот и да ги изгонуваме страстите, „секогаш во телото наше да ја носиме смртта на Господ Исус“ (2. Кор. 4, 10), „сами во себе да ја носиме смртната пресуда“ (2. Кор. 1, 9). Зашто, се разбира, и ние ќе умреме така, како што умреле нашите отци и браќа, и ќе се преселиме од овој свет во другиот: ќе појдеме во страшни места и ќе го видиме она што никогаш не сме го виделе. Страшни се овие зборови и страв и трепет предизвикуваат кај сите што имаат ум. – Затоа, да бидеме во страв и трепет, да ги држиме во ред и потчинетост нашите сетива: да се пазиме на секој начин да не слушаме суетни работи, да не го гледаме она што е штетно по нашата душа, од миризбите што изнежнуваат и од секој опасен чекор, посветувајќи Му се целосно на Светиот Бог, да Му угодуваме и да станеме достојни да ги наследме вечните блага.
225.
1. Пасха измина. Измина и страсната седмица; но пасхалната радост и сеќавањето за страдањата на Господа треба да живеат во нас, за и ние да не живееме за себе, туку да живееме за Оној Којшто умрел за нас и воскреснал за нас – за Господа.
2. Затоа и по Пасхата треба да живееме во духовни и телесни подвизи, без да се отклонуваме од нив.
3. Ги прекорува оние, кои и по дадениот совет да не се собираат на скришни места, и укажува на тоа како треба да живеат и како да се однесуваат кога се собираат за разговори и како да се однесуваат во некои други пригоди.
4. Им советува да ги спомнуваат добрите упокени браќа и да се угледаат на нив, наведувајќи го за пример братот Дометијан.
1. Пасха измина и празникот заврши, но радоста или празнувањето не се изминати: зашто ние треба секогаш духовно да се радуваме и да празнуваме, според зборовите на апостолот: „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!“ (Фил. 4, 4). И Страсната седмица измина но споменот за страдањата на нашиот Спасител Христос треба да биде кај нас секогаш, односно да си спомнуваме дека Господ на славата бил за нас распнат и погребан и дека воскреснал во третиот ден, дека нѐ воскреснал и оживеал и нас заедно со Себе, „та живите да живеат не веќе за себе, туку за Оној, Кој умре за нив и воскресна“ (2. Кор. 5, 15), за да можат смело да говорат со зборовите на апостолот: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој Ме возљуби и Себе се предаде за мене“ (Гал. 2, 20). А, еве, каков е заклучокот од оваа тајна: треба да бидеме мртви за светот и живи за Единиот Бог.
2. Затоа и по Пасхата треба да бидеме трезвени и будни, да се молиме и да се скрушуваме, да пролеваме солзи и да се просветуваме, секогаш да ја носиме смртта на Господа Исуса на нашето тело, доброволно да умираме секој ден, секогаш духовно да се разделуваме од нашето тело и да одиме кон Господа, преку оддалечувањето од мудрувањето на телото. – Не вели: сега не е Четириесетница; зашто за оној што е трезвен – секогаш е Четириесетница. Не вели: Јас веќе одамна се подвизувам; сега имам потреба од спокој. Не заборавај дека овде на земјава нема спокој. Не вели: јас веќе остарев во добродетелите, и не се плашам: треба да знаеме, дека стравот од изменувањето и паѓањето никогаш не треба да нѐ напушти, зашто многумина што остареле во добродетелите сатаната ги турка во бездната на гревот само за еден миг, па затоа, „кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“ (1. Кор. 10, 12), и тој што мисли дека е добро запазуван, тој треба добро да се пази да не биде оставен без никаква заштита, да има најбудно внимание и во сѐ да има мерка: и во спиењето, и во јадењето, и во пиењето и во сѐ друго, така што телото секогаш да му биде под притисок и во заробеност, за да не, како некој млад коњ, да се разигра, и да не нѐ фрли во бездната на гревот.
3. Во едно мое неодамнешно поучение ви говорев да не се издвојувате и да не останувате со други на скришни места, а некои од вас сепак биле на такви места. „Што сакате? Со стап ли да дојдам кај вас, или со љубов и кроток Дух?“ (1. Кор. 4, 21). Јас ви зборував, а вие не ме послушавте: секако видовте оти вашиот брат имаше за тоа епитимија, а, сепак, не се воздржавте. Гледајте некој од вас да не падне во таа бездна на гревот. Не попусто поученијата се изговарани: „Зашто Бог не е Бог на безредие, туку за мирот“ (1. Кор. 14, 33). „сѐ да се врши чесно и уредно“ (1. Кор. 14, 30), така што во сѐ во нас да се прославува Господ, Затоа, браќата, кои се собирате заедно, гледајте како се однесувате еден со друг, не како да сте добиле разрешение за сѐ, – туку да сте врзани од Духот; не како никој да не ве гледа, туку дека нѐ гледа Самиот Господ, Кој го гледа секое движење и секое ваше дејствување; не одете горе-долу, како лазачи, туку одморајте се во својата ќелија; внимавајте на својата рачна работа, како и на вашите молитви и на пеењето на псалмите; не собирајте ништо алчно и среброљубиво, туку бидете задоволни со она што го имате. Зашто Самиот Господ рекол: „Никој нема да устои пред тебе преку сите денови на твојот живот; и како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам и ниту ќе те презрам“ (Ису. 1, 5), така што секој од нас смело може да говори: „Господ е мој помошник, нема да се исплашам: што може да направи човек?“ (Псал. 117, 6).
4. Спомнувајте си за вашите браќа, – „Помнете ги и вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (Евр. 13, 7). Таков беше Дометијан, кого го опеавме и чиј спомен е со светиите. – Каков живот живееше тој? – Тој го придобил небесното царство со многу трудови и подвизи. Тој по тело беше беден и ништожен, но бидејќи ја беше избрал за себе добродетелта и беше Го возљубил Бога, тоа и Господ него го издигна, според зборовите на Светото писмо: „Затоа Господ Бог Израилев вели вака: Јас бев рекол тогаш – домот твој и домот на татко ти ќе одат пред лицето Мое за секогаш; но сега Господ вели – да не биде така, зашто Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат, а оние, што Ме обеславуваат, ќе бидат посрамени“ (1. Цар. 2, 30). За ваквите браќа треба да се радуваме и да се веселиме. Но, каква е ползата од ова, ако и ние не придонесеме нешто кон ова и од наша страна? Ако, пак, придонесеме, според нашите сили, ќе имаме дел со светиите, во Исуса Христа, нашиот Господ.
Обработи
О.М.П. 2022