“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM IV
Светиот преподобен Теодор Студит
126 – 150
Подвижнички поученија за монаси
126.
1. Оставајќи го земното, стремете се кон небесното, борејќи се особено против гневот и похотата.
2. Поуки за потчинетите и почетниците.
1. (Исто). Вие сте се распнале за светот и светот се распнал за вас: оттргнете се од сѐ што е земно и издигнувајте се кон небесното живеење; живејте само за Бога, а бидете како умрени за сѐ друго. Таму е вашата вера, таму ќе бидат свртени и вашите очи; она со што сте запленети, таму ќе биде и срцето ваше, како што рекол и нашиот Господ: „Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“ (Матеј 6, 21). Гледате ли со какви блага сте се удостоиле и со каков возвишен живот? Тоа е вистински ангелски живот. Затоа, живејте како што живеат ангелите: не потчинувајте им се на случајностите: со кротоста борете се против гневот, а против похотата – со целомудрието. Да не дозволувате да бидете победени од некоја мала сласт, која ве вознемирува секој ден и секој час. Оружјето против неа го покажал оној што рекол: „Долго време се надевав на Господа, и Тој се наклони над мене и ја чу молитвата моја“ (Псал. 39, 1). И тој се избавил од таквата страст, макар и по подолго време.
2. Вам ви се познати законите на послушанието, а на вас што раководите законите на добрата расположба на оние што ви се потчинети: сочувството и љубовта. Потребно е да знаете да се спуштите, но и пак да се издигнувате: да знаете да поговорите, но и да замолчите; весело и љубезно да се насмевнете за давање душевна утеха. И потоа пак да заземете строг изглед; да бидете умни и да не си дозволувате крајности, ни од една, ни од друга страна. Очите ваши да не бидат поспани во запазувањето на правилата; бидете пријатни кога одговарате; ноздрите да не ги раширувате кога се гневите, а веѓите наши да не се подигнуваат од гордост, јазикот ваш да не говори суетно, секое ваше чувство да биде смирено, а секој член на вашето тело уреден и воздржан; устата ваша да биде орган за пеење на псалмите; умот да мисли само на небесното, а рацете да ги извршуваат само делата на побожноста и љубовта. Никој да не биде непослушен, никој своеволен и со жестоко срце, зближете се еден со друг во еднодушност, сакајте се искрено еден со друг и помагајте си во вашиот богоспасоносен живот,
127.
1. Радувајте се што пак се собравте од вашата расеаност заедно и што пак сте средени како што треба. Останете му верни на вашето призвание, и внатрешно и надворешно.
2. Посебна поука за намесникот Софрониј, како и на сите началници и нивните помошници – општо.
1. (Исто). Ме извести економот, кој беше овде, дека пак сте собрани сите заедно, и началниците и потчинетите, како и помошниците на началниците и дека сте го востановиле вообичаениот ред: дека началниците почнале да ги разделуваат послушанијата, како што треба, и дека потчинетите ги прифатиле послушно и смирено и дека почнале да работат. Притоа, ме извести дека сите сте соединети со љубов, дека се сакате еден со друг со братска љубов во Христа, дека имате една душа, едни мисли и желби и дека животот ви е мирен и среден. Колку се израдува мојата смирена душа на ова и како Му благодарив на Бога, сметам дека за ова не треба да ви пишувам. Зашто, за мене нема ништо попријатно и порадосно под небото од тоа вие да живеете добро, да ги извршувате Божјите заповеди и да останете верни на заветите од вашето ангелско призвание. Бидејќи сето е пак обновено и востановено, јас ве молам секој од вас да биде во добродушно трпение и душеспасително да живее секој ден во нелицемерна послушност. Да нема кај вас разни желби, своеволија, мрморења, шепотења, непотребни собирања, нежности, претерана смелост и смеење, да нема ни мрзливост, ни малодушност, ни горделивост, ниту нешто друго што Му е неугодно на Бога. Зашто токму затоа ние го оставаме светот и сѐ што е во него, и родителите, и браќата, и пријателите, селата, градовите, пазариштата, гледалиштата и сѐ друго што е страсно и сластољубиво, – за да Го придобиеме Христа и да живееме небесно, да ги победиме страстите, а да се збогатиме со добродетелите, та да поживееме добро и праведно во овој свет, угледувајќи се на нашите преподобни отци и да се удостоиме да ги добиеме ветените блага. Бидејќи се такви и нашето призвание и нашето чекање, и нашето дело да се покаже такво, да бидеме и по име и по живот достојни на нашето призвание, украсени со добри дела, да им даваме благодат на оние што ни се приближуваат, на оние што го имаат истото призвание и на мирјаните, за да се прославува името на нашиот Отец, Кој е на небесата, за да можеме и ние смирените да ги видиме и да ги наследиме небесните блага.
2. Чедо мое Софрониј! Од многумина јас те избрав тебе да началствуваш над браќата. Гледај да не се покажеш неискусен, за да не ме посрамиш и мене, туку светлината на твоите добродетели да свети така, што името твое да се прославува не само меѓу браќата, туку и надвор од нашиот манастир. Зашто, кој Го има Бога преку извршувањето на Неговите свети заповеди, тој станува прославен и на небото и на земјата. Биди кон браќата внимателен, благ, поучлив, разумно напомнувај им за она што е потребно, љубезно изобличувај ги непослушните, праведно наложувај им ги епитимиите на оние што погрешиле, татковски лекувај ги немоќните, вразумувај ги оние што не знаат и сѐ што правиш, прави го за доброто и користа на братството, зашто токму затоа ти ја дадов власта, која ја имам и јас смирениот од Бога, според неговата света Промисла. – И вие сите, началниците и нивните помошници, правилно извршувајте ги вашите работи, со страв Божји, за да ви се радува Бог заедно со Своите ангели. Трудете се усрдно, одете во незлобливост, однесувајте се едноставно меѓу себе; продолжете да ги откривате своите скришни мисли и желби: зашто во тоа е спасението на душата и избавувањето од страстите; извршувајте ги добро, како што е пропишано, пеењето на псалмите, стихословието, бденијата и читањата, а, исто така, учете ги псалмите и тропарите напамет, според советите на нашите духовни отци. – И, најпосле, молете се за мене смирениот: да ми дава Господ утеха и сили, за да можам да ги издржам овие страдања.
128.
Вие живеете добро; да нема меѓу вас ниеден лош. Како лозарски работници, трудете се да ја добиете својата награда од господарот на лозјето; војувајте како што војуваат војниците, за да се удостоите со венец од својот Војсководител.
Сите вие живеете според Божјата волја и придобивате изобилни плодови за спасение; оддалечувајте се од секое зло и од секој обид да направите беззаконие. – И никој од вас да не биде самонадеен, неработлив, сластољубив, гревољубив, телоугодлив, со душа исполнета со срамна омраза, крадец, макар и на мали работи, завидлив, спорлив, мрморлив, неподвижен, неработник, непослушен, горделив, недоверлив, собирач на собири, љубител на раздори, прејадувач, спанко, роб на телото и на светот, Јуда, кој го замислува предавството на својата душа и исфрлањето на некого од браќата од братството. Ваквите сами се одвојуваат од Бога, бегаат од Него и талкаат по распаќата на гревот. Не можат да ја истрпат жештината на денот, затоа и не добиваат награда од господарот на лозјето; или не сакаат да ги претрпуваат маките, што ги поднесуваат војниците Христови, да се борат храбро и да Му угодуваат на својот Господ. Затоа и не добиваат никаква награда, ќе бидат запишувани во списокот на отпадниците и дезертерите; место награда, добиваат казна кога ќе бидат фатени. Затоа, вие добри војници, вие кои сте верни, вие кои се борите заедно и никогаш не се одвојувате од своите соборци, да побрзаме, да трпиме сѐ и да чукаме на вратата од царството. Господ е близу; Он ќе нѐ овенча со вечна слава. Он Самиот го гледа од небото секого што се натпреварува и им подготвува венци на оние што ќе претрпат до крај. Затоа, сите бидете чисти преку исповедувањето, сите бидете во мир преку измирувањето, сите подвижни кон доброто со силата на љубовта. Главата, како глава, гледа на секој член да му биде добро, да го има она што му е потребно и одредува кој на што треба да работи, приведувајќи ги сите и сѐ во движење.
129.
1. Бог ги повикува сите да благодарат затоа што се ослободени од затворот.
2. Нашето искушение ги разделило браќата на вистински и лажни.
3. Тој жали за лажните браќа и се моли за нив, очекувајќи го нивното поправање, а на вистинските им советува да бидат тврди и силни и да Му благодарат на Бога за она, во што успеале и да се трудат да успеат и во она, што уште им недостасува.
1. Себлагиот наш Бог, Кој е брз на милост и богат во милосрдноста, бидејќи измолен со закрилништвото на нашата Владичица Богородица и по молитвите на нашите покровители свети Јован Претеча и свети апостол Јован Богослов, заедно со нашите прозби и моленија, го отстрани од нас искушението и нѐ поведе од затворот. Затоа, да Му запееме благодарна песна на Бога – нашиот Добротвор, што ја претвори жалоста во радост и што ги растера демонските напади, што беа подигнати против нас. Впрочем, тоа што пострадав јас, пострадав заради моите гревови, а не за нешто друго. Затоа, мислејќи вака, се утешувам и верувам, дека сето ова што го претрпив – ќе ми биде за очистување на моите гревови.
2. Во секое наше искушение ние сме проверувани, како што се проверува златото во огнената печка. Зашто, оние што живееле пред нас во Светиот Дух и со вера, нема сомневање, дека останале такви, какви што биле, дека воопшто не се измениле, напротив, за време на своите страдања, уште повеќе се утврдиле и укрепиле. А оние, што живееле со студено срце, со раздвоена душа, со љубов према телото и во неработење, тие, штом биле допрени со ударот на злото, веднаш отпаднале, како што паѓаат лисјата и, како трици, веднаш испаднале од решетото, и самите, по своја волја, го напуштле манастирот, за да се пројават и потврдат оние, кои биле слични на чиста пченица. Имајќи го ова на ум, божествениот Давид говори: „Раздели ги во нивниот живот“ (Псал 16, 14), односно грешниците и неработливите – да бидат издвоени од добродетелните и праведните! Но, о, паѓање големо! Заради личното невнимание „како кога грутка земја ќе падне се растура, така се растурија коските наши во пеколот“ (Псал. 140, 7).
3. Впрочем, јас страдам за нив и плачам и нема да престанам да се молам за нивното враќање сѐ додека го имам здивот во мене. Можеби некои од нив, од малата искра на богопознавањето што е во нив, откако ќе се загреат и обратат преку покајанието, ќе се ослободат од веригите на гревот, и, како заталкани овци, ќе се вратат од својот лош пат. А вие, по повод нивното паѓање, не бидете пристрасни, туку уште посилно продолжете го вашиот подвиг на побожноста, со вашите аскетски вежби, вашата рачна работа, со напорите во вашите борби, со храброто среќавање на сите непријатности и страдања, готови да ги претрпите дури и по цена на својот живот, зашто, како што ви е познато, ние сме го ветиле ова тогаш кога сме ја примиле светата схима. Затоа, сега секој нека види и нека пресуди самиот што извршил од она што го ветил тогаш и што не извршил. За она што го извршил, нека Му благодари на Бога, Кој му дал сила за сето тоа, а за она што уште не го извршил, нека направи нови усилби, за да може да го оствари она што му недостасува, така што, на тој начин, да бидеме достојно украсени со венецот на мачеништвото, зашто Господ говори: „Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец“ (Матеј, 7, 21).
130.
1. Ние оставивме сѐ, затоа, за да Му угодиме на Бога. Ова ќе го правиме и во иднина и ќе одиме по царскиот пат, на кој се умножуваат сиге добродетели, а сите страсти се одгонувани.
2. Ако сте вакви, тогаш и Бог е со вас, а со Него – и секое добро и секоја помош и закрила.
1. Ве поздравувам во Господа, продолжете да живеете како што живеете, извршувајќи ги заповедите на Господа и, живеејќи според Неговата волја, без да мислите на нешто друго, без да посакувате нешто што е спротивно на Божјата волја; да Му угодувате на Бога, преку умртвувањето на страстите и прифаќањето на добродетелите. Затоа сме излегле од светот и сме дошле во манастир, оставајќи ја сета суета на животот, секоја приврзаност, секакво другарство и секоја љубовна приврзаност према родителите, браќата, синовите, роднините, како и сите телесни страсти, животна слава и сѐ што е преодно и суетно. Бидејќи ова сме го засакале и вака сме одлучиле, тогаш треба и да живееме соодветно со ваквата цел и со ваквата желба, следејќи ги стапките на оние, чии животи се опишани во житијата на светиите, слушајќи ги нивните поуки и сообразувајќи се со нивните примери, без да гледаме таму – ваму, туку да одиме право по царскиот пат, на којшто се пројавуваат непоречната послушност, послушноста без размислување, богоподражателното смирение, небесната чистота, рамноангелската бестрастност, кротоста, правината, љубовта, мирот, ревноста, трпеливоста, трудољубието и секоја друга божествена расположба и секое богоугодно дело, а непослушноста, мрморењето, гордоста, суетата, неработливоста, безумната смелост, пристрастноста, љубовта према телото и сите други лоши работи се спротивни на добродетелите.
2. Од Бога се раѓаат добродетелите, а страстите и гревовите се од сатаната: и нема ништо заедничко меѓу темнината и светлината и никакво согласување меѓу Христа и сатаната. Бидете синови Божји, синови на покорноста и послушноста, а не синови на гневот, противењето и пропаста. – Никој да не се издвојува од другите со свои одделни желби и мисли, никој да не ја сака неработливоста, никој да не мрмори, никој да не биде лицемерен, туку сите бидете брзи на доброто, сите бидете благодарни, скрушени, лесно пристапни за браќата, сочувствителни и во радоста и во жалоста на своите браќа, дружељубиви, незавидливи и на тој начин да Го повикуваме Бога да биде со нас – секаде каде што се собрани двајца или тројца, и Он да биде таму, таму каде што луѓето се собираат во Негово име (Матеј 18, 20), па како нема да биде меѓу вас, кога сте толку многу, ако покажувате толкава неотстапна ревност секогаш да ги исполнувате Неговите заповеди? Но, ако е Бог во нас, кој може да не ожалости или да нѐ притесни или да нѐ обездуши? Никој, туку сѐ ќе биде подносливо, макар и тешко, била таа тешкотија душевна или телесна, зашто „ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?“ (Рим, 8, 31). И, ако Он „не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сѐ?“ (Рим. 8, 32). Затоа, стојте, не колебајте се во увереноста, дека, ако го запазите неизменлив вашиот добар живот, знајте дека ќе бидете наследници на царството небесно. – Еј, чеда мои, усрдно ве молам, запалете го во себе огнот на божествената љубов, воодушевувајте се со ревност, укрепувајте се со храброст, утврдете се во чистота и непорочност, осветувајте се со молитви, молитвословија, пеење псалми, бдеења, скрушеност, исповеди, солзи и воздивнувања.
131.
1. Наоѓајќи се на пат кон манастирот, ги моли браќата да се молат за него, а ним им посакува помош од Бога, бидејќи била жетва.
2. На Атанасиј и на Ефрем им напомнува за добро да ги раководат браќата, сообразувајќи се со особеностите и слабостите на секого од нив.
3. На сите им советува да одат право кон поставената цел.
4. Да ги запазиме заповедите на отците, принудувајќи се кон тоа со стравот од Судот и од смртта: при ова се раскажува како умира некој логотет, со правење поуки врз основа на расказот.
1. Доаѓаме кон вас, брзаме кон нашиот манастир. Пред сѐ, ве молиме да се молите за нас, за да ни помага Господ на нашиот пат, по суво и по море, да ни помогне со успех да се јавиме пред Него, и душевно и телесно. Второ, ви напомнуваме, дека не бевме безгрижни и рамнодушни према вашата положба, туку во текот на сето време сме ве имале во својата смирена душа со многу добри пожелби за вас, особено сега, во време на жетвата, кога имате големи грижи и тешка работа. Да ве укрепи Господ Бог и внатрешно и надворешно и да ви даде сили храбро да ги поднесете и надворешните и внатрешните тешкотии. Кој ли ќе ги дознае сите демонски искушенија, мрежи и соблазни?
2. Добро внимавајте, чеда мои, Атанасие и Ефреме, управувајте богоугодно со браќата, доставувајќи им го на сите и на секого она што им е потребно, и духовно и телесно, и во однесувањето со нив сообразувјте се со карактерот и особеностите на секого, зашто на сите не им е потребно едно исто: на еден му е потребен остен, на друг – узда, на трет – епитимија, на четврт – простување, на петти – изобличување и поука; секој има своја страст и свои навики; со сето ова треба да бидат усогласени и начините на лекување.
3. А вие, сите други браќа, сите сте чеда Божји. Вие сите сте го оставиле светот заради Бога и сте дошле овде; заради Него сте ги раскинале сите врски со телото и крвта, заради Него сте го ставиле Неговиот крст на своите рамења, од љубов према Него сте се презреле и ништо не сте претпоставиле на Неговите блага во идниот живот. Сте дошле во манастирот како туѓинци и придојдени и сте го примиле образот на монашкото живеење. Благословен е изборот ваш и одлуката ваша е света. Но, браќа, ве молам, да живеете достојно на вашето призвание, така што, наоѓајќи се надвор од светот, да не живееме и да не дејствуваме како оние што живеат во светот; и ние што сме избегале од телото, – да не живееме телесно. Што значи сето ова, вие знаете добро, и без да ви говорам. Зашто, ако сме сластољубиви, ако сме страстољубиви, ако настојуваме желбите наши да бидат исполнети, ако бараме првенства, ако се расправаме околу мантиите и другата облека, околу местото каде треба да стоиме, околу перата за пишување и околу други ништожни работи, тогаш зар не сме телесни? Да не дозволиме, браќа, никако да не дозволиме нашето пресвето призвание да се спушти до такви детски расправии. Славата на монахот е во тоа – да биде неславен, навредуван и клеветен – заради Бога, без да прави нешто што би било достојно за осудување и навредување. Украс за монахот е: да се облекува во најнеубава облека. Сметам дека веќе не е потребно опширно да говорам за ова.
4. Пазете ги заповедите па отците, слушајте ги и извршувајте ги зборовите на светиите, и заради привремени задоволства, не презирајте го вечното блаженство. Ке дојде, најпосле, ќе дојде и нема да задоцни Оној, Кој ќе им суди на сите, а, можеби, уште пред Неговото доаѓање – ќе дојде страшниот ангел, кој ќе ја оддели нашата душа од телото, ќе дојде времето на изнемоштеноста и последното издивнување. Страшно е и тоа и толку потресно. А што ќе биде со нас по исходот на душата, кога ќе дојдат по неа ангелите? Која страна ќе победи тогаш и кој ќе нѐ земе? – За ова ќе ви раскажам за еден мал настан, кој се случил со човек, кој не бил монах, но е многу поучен. Се говори, дека кога му дошол смртниот час на познатиот логотет (царскиот благајник) Ставракиј, во последните мигови од својот живот, воздивнувал, се потел, се тресел, крцкал со забите и извикувал силно: „Помогнете ми, спасете ме! Господи, помилуј! Каква страшна толпа црни и грди бесови излегува од морето и доаѓа кон мене!“ – Тој живеел до морскиот брег. – Иако никој од присутните ништо не можел да види, тој, некогаш страшен и немилостив логотет, гледал и бил престрашен. – Вака, ќе биде и со нас кога ќе умреме: ќе се соберат ангелски и демонски сили. Кои ќе победат? Тие што сме ги сакале додека сме живи, тие и тогаш ќе бидат поблизу до нас. Ако сме ги сакале чистотата, послушноста, смирението и другите добродетели, тогаш ќе бидат ангелите до нас, а ако сме ги сакале суетата, непослушноста, противречењето, раскошот, смеата, гледалиштата, тогаш демоните ќе ни се приближат и ќе нѐ заобиколат. Зашто страстите се демони, а добродетелите ангели. Па така, кој ќе победи? Кој ќе ја земе мојата душа? Имајте милост кон мене, браќа мои! Затоа, сите ние да ги сакаме добродетелите, за да можат ангелите да победат во тој час и тие да ја земат нашата душа, а да се бориме против страстите и да ги победиме, за да ги победиме и демоните и за да не можат во тој час тие да нѐ земат. Тешко нам, ако нѐ земат тие, ќе беше, тогаш подобро да нѐ се бевме родиле! Зашто „силните ќе бидат силно измачувани“ (Мудр. Сол. 6, 6), а особено за нас, кои сме во схима, свештенослужителите, игумените, началниците и другите одговорни во манастирското братство. Не лутете ми се што ви говорам вакви зборови, зашто ги говорам не затоа за да ве плашам без основа; ги говорам затоа што сакам добро да ја извршувам мојата должност, затоа што ве љубам и затоа што ви го сакам доброто. – Јас ви го кажувам сето ова.
132.
1. Му советувам на Софрониј да се грижи за извршување на она што го установиле отците; зашто од тоа произлегува секое добро, а од спротивното – секое зло.
2. Да ја пазиме средната мерка во душевните и телесните подвизи.
3. Да не биде оставена ниедна неисправност без да се испита.
4. Овие строгости се дело на љубовта, а не на гневот.
1. Чедо и брате, Софрониј! Твојата служба извршувај ја внимателно и со усилби, а не немарно. Наоѓам дека е неопходно секогаш да ти пишувам за ова, за да ја поттикнувам твојата усрдност. – Затоа внимавај, раководи ги твоите браќа во секое добро, имајќи го за помошник и советник авва Акакиј, моето чедо. Надгледувај го секого поодделно, гледај како се однесуваат и како работат, како живеат, така што сѐ што бива кај вас да биде според словото Божјо, вашиот живот да биде раководен според уредбите на светите отци и според заповедите на моето смирение. Зашто таму, каде што се живее и работи вака, таму Му се угодува на Бога, таму свети светлината, таму владее мирот, таму нема место за сатаната, а и страстите се оддалечени оттаму. А таму каде што не се грижат за сето ова и не дејствуваат согласно со овој дух, таму се загнездува сѐ што е спротивно место доброто злото, место светлината – темнината, место Христа – сатаната. Затоа, биди буден и внимателен, надгледувајќи ги срцата на браќата преку исповедта и насочувајќи ги кон секое добро дело.
2. Држи ја средината. Не дозволувај поради безмолвието, молитвата и читањето да бидат занемарувани делата на телесниот живот. Исто така, не дозволувај прекумерниот телесен труд да го отстранува умот од богомислието и соѕерцанието на божествените работи и да го потонуваш во земните работи. Ваков е законот на вистинската побожност. Вака и ти самиот треба да живееш, тогаш, и твоите браќа ќе те следат и ќе го прават истото, Зашто ние не сме го оставиле светот затоа, за да можеме спокојно да јадеме, да пиеме и да се облекуваме. Во тоа ли е нашето спасение? А не сме се облекле во оваа схима, за да седиме без работа и неподвижни, без храна и без облека, туку сме должни да го правиме и едното и другото, секое во свое време и да го правиме ова разумно, според зборовите на апостолот: „сѐ нека биде достојно и уредно“ (1. Кор. 14, 40). А потоа, овој голем апостол говори и за себе, дека никогаш не јадел незаслужен леб, туку за своите потреби и за потребите на оние што биле со него било доволно она што го заработувал со работата на своите раце (2. Сол. 3, 8; Дела 20, 34). Ова прави го и ти и вака живеј. „Никој нека не ја презира твојата младост“ (1. Тим. 4, 12).
3. Не оставај го без внимание она, што треба да се испита, така што преку некоја привидна добрина, да не се пропушти нешто, да остане незабележано, и да ги доведе браќата до поголеми неисправности. Ако некој јаде тајно, наложи му веднаш ептимија. Ако некој има нешто, без да има благослов за тоа, макар да е сосема ништожно, и на него наложи му веднаш епитимија. Ако се установи дека на некого му дал нешто за храна, без да има за тоа соодветна власт, ако некој менува со некого една работа за друга и направил нешто слично на ова, и нему наложи му епитимија. Ако некој мрмори, и нему наложи му епитимија. Ако некој не сака да работи, таквиот „нека и не јаде“ (2. Сол. 3, 10). Ако ги собира браќата или краде, таквиот да биде одлачен. Во сите одделни вакви случаи, постапувај како што е утврдено кај нас за ептимиите.
4. Кога го слушате ова, чеда мои и браќа, не сметајте ги моите зборови тешки и не мислете дека ова го правам од немање сочувство. Напротив, ова го правам затоа што ве сакам татковски и што се грижам за вашите души, затоа што ќе мораме да дадеме за вас одговор, ако не ви го кажеме она што сме должни да ви го кажеме, да ве одвраќаме од лошото и да ве утврдуваме во доброто. Должност е на добриот татко децата свои да не ги остава ненакажувани; тој е должен преку казни и изобличување да ги води по патот кон вечниот живот. Достоен е за прекор и осудување таткото Илиј затоа што не ги казнувал и не ги изобличувал своите синови тогаш кога го газеле Божјиот закон. Затоа тој, заедно со своите синови, бил лишен од живот.
133.
Нашите трудови не се големи, а наградите се многу големи. Да бидеме ревносни, поттикнувајќи се со мислата за смртта и за сето она што ќе биде тогаш.
Блажени сме ние, чеда мои, затоа што живееме добро и што работиме добро. Со ова ќе го придобиеме царството небесно преку нашите мали монашки напори и измачувања. Зашто целиот монашки труд, како што велат отците, е лесен, напомнувајќи дека за него нѐ очекуваат несоодветно големи блажени радости. Затоа, ако ги претрпите сега овие тешкотии, радувајте се, зашто голема ќе биде вашата награда на небото. Но, потребно е внимание и непрестано помислување во умот за тоа: каде се наоѓаме и каде ќе се преселиме, какво ќе биде нашето излегување од светот, за среќавањсто со ангелите, поклонувањето пред Бога, пресудата на Судијата и нашето испраќање на десната или на левата страна. Ете, со оваа мисла разбудувајте се, за неа размислувајте и со неа занимавајте се. Ви го сведочам ова пред лицето на Бога и пред Неговите избрани ангели, за да одиме достојно според вашето призвание, да не се свртувате на левата страна, да не дозволите да бидете вовлечени во грев и да не паднете во мрежите на лукавиот. За ова извикувам и говорам и нема да престанам да ви говорам. Отворете ги вашите уши, нека се распалат вашите срца и разберете го ова што ви го говорам: запазувајте се чисти. Тогаш, како работници во Божјото лозје, ќе добиете извонредно голема награда.
134.
Бидете исправни во сѐ, за да бидете добар квасец за оние што ќе дојдат во овој манастир по вас; имајте Го Бога секогаш пред вашите очи. Мислете за својата смрт и за Божјиот суд: дали тогаш ќе ги чуете зборовите „дојдете!“ или „одете?“ Тоа е од сѐ најважно и пред него е сѐ ништо.
Бидете точни извршители на моите совети, што сте ги примиле од мене кога дојдовте во овој манастир. Вие тогаш дадовте ветување дека ќе ги пазите додека сте живи. Вложете ги сите ваши настојувања да живеете исправно под раководство на игуменот, за да можете на тој начин – да станете добар квасец за оние што во иднина ќе дојдат во нашиот манастир, помагајќи им на тој начин и тие да го добијат истиот дух, испечете ги со огнот на вашата љубов, претставувајќи ги како богоугоден леб на небесната трпеза. Не служете се со времето за придобивање телесни уживања и за да ја извршувате вашата волја, но барајте ги небесната радост и душевниот мир, а потоа е умесно да имате и извесни телесни задоволства, зашто кога ваквите телесни задоволства следат по духовните, тогаш тие се беспрекорни. Одете во добрина и правда, имајте мир меѓу вас, имајте Го Бога секогаш пред вашите очи. Спомнувајте си непрестано за смртта, за тоа дека зад себе ќе ја оставите телесната облека: спомнувајте си за излегувањето од овој свет, за вашето стоење пред Бога и за конечната Божја пресуда, која ќе биде една од двете што се можни, или: „Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и за неговите ангели!“ Или: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот!“ (Матеј 25: 34,41). Пред ова е ништо светот, ништо се сите земни блага, ништо е – човековата слава, убавите облеки и, благоуханите мириси, гозбите, радостите и сѐ друго. – А вие наситувајте се со Бога и со божествените работи, опивајте се со благодатта на Светиот Дух, насладувајте се со слатките зборови од Светото Писмо, кои се послатки од медот: украсувајте се со целомудрието; правдата и воздржувањето; збогатувајте се со добри дела; прославувајте се со смирената мудрост, преку бестрасноста издигнувајте се на небото; Бога прославувајте Го заедно со ангелите; устрелувајте го противникот со стравот Божји и со вашата света молитва. Просветувајте се сѐ повеќе и очистувајте се, станувајте сѐ повеќе небесни, за да може Господ да ви рече и на вас: „Вие не сте од светот“ (Јован 15, 19).
135.
Подвизувајте се и спомнувајте си за својот смртен час; овде се укажува на добрите дела и особено на тоа: што е потребно за успешната борба со телесната похот.
Подвизувајте се, чеда мои, и брзајте по духовниот пат, погледнувајте нагоре кон небото, гледајќи го она што е вечно, кога и како, во зима или во лето, дење или ноќе, сега или во длабока старост, во оваа или во идната година, во овој ден или во овој час, – ќе дојде моето последно издивнување, зашто смртта неизоставно ќе дојде, ќе дојдат и оние што треба даја земат мојата душа, ќе дојде противникот мој – ѓаволот и ќе се покаже конечната победа или загубата на сѐ. Ако се возбудувате со овие и вакви помисли, вие нема да бидете брзи на грешење, нема да паднете во бездната на злото, но најпосле ќе ги видите убавините на горниот Ерусалим и ќе ги гледате во сите дни на вечниот живот (Псал. 127, 6). Правете и телесни дела, грижете се и за нив, фалете Го Бога со устата своја, говорете ја вистината со јазикот свој, според своите сили работете со рацете ваши, а со нозете чекорете по патот на мирот. Сето ваше тело е свето и сите ваши членови се членови Христови. Апостолот говори: „ќе ги земам ли деловите од Христа и да ги направам делови на блудница? Тоа никако!“ (1.Кор. 6:15). Бегајте од преголема самоувереност; никој никого да не го повредува и никој за никого да не говори лошо. Од Бога не може ништо да се скрие: „А не знае дека очите на Господа десет илјади пати се посветли од сонцето: ги гледаат сите човечки патишта, во сите скришни места проникнуваат“ (Мудр. Сир. 23, 27-28). Не смејте се без причина. Кога разговарате не седете близу еден до друг. Не разгорувајте ја својата крв со пренаситување на својот стомак. Не пијте вино, – ова е мојот добар совет за здравје. Доволно ни се внатрешните наши бранови, доволен ни е природниот оган: ако го додадеме однадвор и огнот на виното, ќе предизвикаме страшен пожар; телото тогаш не ќе може да издржи, ќе зоврие и ќе го побара своето. Еве, ве предупредувам, ви ги претскажувам погубните последици. Бог го востановил денот на испитувањето. Он ќе нѐ осуди и ќе нѐ предаде на незамисливи маки, заедно со демоните, кои ги прават таквите дела. Побрзајте кон Господа со својата исповед, откривајќи ги советите што ви ги дава ѓаволот. Сѐ што правите нека биде добро и богоугодно, спијте со мерка, па штом ќе се разбудите, извршувајте ја утврдената служба на бдението. И блажени ќе бидете, ако Господ ве најде да го правите тоа.
136.
1. Со прашања за тоа во каква состојба се наоѓаат и дали некој од нив не е наклонет кон она што не е добро, им напомнува каков треба, неизоставно, да биде нивниот живот.
2. А потоа, им советува, велејќи: Сте се труделе, трудете се уште; сте се бореле, борете се уште; не дозволувајте попусто да пропаднат вашите напори, ветувајќи им добри плодови и Божја награда на Судот.
1. Уште ве поздравувам со писмо и ве прашувам: Како ви одат работите? Како ве оградува Божјиот мир? Како ве очистува стравот Божји? Како Неговите повелби ги веселат срцата ваши? Како добриот и уреден живот ве сплотува? Како ве утврдува искрената вера? Како утврдениот завет на послушност ве сврзува? Како ве издигнува нелицемерната послушност? Каква е вашата смирена мудрост, со која Го подржувате Христа? Какви се вашите излези и влезови? И во каква состојба е вашата исповед на тајните ваши мисли, чувства и дела? Дали започна жетвата?… Известете не за сѐ ова и израдувајте нѐ. Ние се надеваме на вас, но и се плашиме. Понекогаш сме неспокојни кога помислуваме: дали некој од вас не го прави она што не е добро? Дали некој од вас не мрмори? Дали некој не му угодува на своето тело? Дали некој не мисли превисоко за себе си? Дали некои од вас не се здружуваат со ѓаволот, замислувајќи го она што го замислувале оние што се собрале против Господа и против Неговиот Христос, велејќи: „Да ги раскинеме веригите нивни и да го отфрлиме од себе јаремот нивни. Оној, Кој живее на небесата, им се смее, Господ им се подбива. Тогаш во гневот Свој ќе им говори и со јароста Своја ќе ги вџаши“ (Псал. 2, 3-5). Зашто јас сум поставен над вас со ваша слободна согласност: вие сами доброволно ми ветивте дека ми се предавате и дека ќе ми бидете послушни. Затоа и ви говорам вака, објавувајќи ви ја Господовата повелба.
2. Сте се труделе, трудете се и понатака; сте се бореле, борете се и понатака, бидете Му послушни на вашиот Господ во вашиот подвижнички живот, во вашата послушност и откажувањето од вашата волја и во совладувањето на вашите желби. Не загубувајте го она што веќе сте го придобиле. Но, како што сте сееле и како што сеете со солзи, со воздивнувања и во лишувања, така да жнеете со радост тогаш кога Судијата на сите и на секого ќе му даде според неговите дела. О, да не биде, браќа, за нас словото на пророкот: „Чујте, небеса, и слушај, земјо, зашто Господ вели: Јас воспитав и подигнав синови, а тие се побунија против Мене. Волот го познава стопанот свој, и оселот – јаслите на господарот свој, а Израилот не Ме познава, Мојот народ не разбира“ (Иса. 1, 2-3); туку да биде словото вакво: „Синовите твои – како новонасадени маслинки околу трпезата твоја. Ете, така ќе биде благословен оној човек, кој се бои од Господа“ (Псал. 127, 3-4). Слушајте, ве молам! Така мислете, согласувајте се сите во тоа, следејќи го вашиот патеводител – игуменот. Живејте – како секој ден да умирате: не грижете се што ќе јадете и што ќе пиете, не лутете се и на мрморете. Што вели апостолот? „Штом храната го соблазнува мојот брат, тогаш нема никогаш да јадам месо, за да не го соблазнувам својот брат“ (1. Кор. 8, 13). Не бидете синови на противењето, ни синови на блудот, ни чеда на гневот и гревот, прогневувајќи Го Бога со своите срамни дела. – Срцата наши да ги издигнеме кон небото! Окото на нашиот ум да гледа нагоре! -„Боже, Господи на одмаздата, Боже на одмаздата, покажи се!“ (Псал. 93, 1). „Нема создание сокриено за Бога, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме“ (Евр. 4, 13). Кој нема да се преплаши? Кој нема да се растрепери? Кој нема да Му се предаде на Бога и нема да Му угодува дури до жртвувањето на својот живот?
137.
Поучени за тоа: како да се извршуваат службите за време на жетвата, поткрепувајки се со посилна храна и со одмор, како да минува ноќта и како да се однесуваме.
Знам дека сте сега во голема работа: ве печат сончевите зраци и со пот се облевате. Сега е време на жетва и на гроздобер. Па затоа, мислев е добро токму сега да ви кажам нешто соодветно со вашите сегашни тешки работи. Чеда мои, Божјиот благослов да биде на вас! Да ве благослови Господ Бог од Својата света височина, давајќи им живот и сила на вашите души и на вашите тела, за да имате доволно сили и за вашите духовни служења и за телесните работи, да ги завршите и едните и другите без преголемо заморување. Знам какви се летните горештини за време на жетвата, знам колку се заморни, па ако особената усрдност на оние што се трудат не би им ги зголемувала силите, не би биле во состојба да ги поднесат. Ве молам заради Христовата љубов, бидете издржливи во оваа и во другите тешкотии. Откако наутро уредно ќе го извршите пеењето на псалмите и редовната молитва пред Бога, зафатете се со работата што ве чека и работете, читајќи ги во себеси псалмите, сѐ додека дојде време за третиот час. Тогаш прекратете ја телесната работа и испејте Му Го на Господа со разбирање третиот час, издигнувајќи ги своите раце кон небото и молејќи Му се да ви ја испрати благодатта на Светиот Дух, за да ги поткрепи вашите души и тела. А потоа, откако ќе направите три или четири големи коленопреклонувања, придружени со внимателна молитва, вкусете нешто што ви дал Господ, освен во среда и во петок, како што е пропишано кај нас. – Само внимавајте, за време на ова земање храна, да нема бучен разговор и неред. – А и за време на жетвената работа ни судири, ни самоволија, ни приговори, ни извикувања, ни разговори, ни смеа, ништо такво и слично да нема меѓу вас, туку работата ваша да биде благословена, како да ја извршувате пред лицето на Бога. И треба да си помагате еден на друг. Кога оној што работи близу до тебе заостане, поради немоќ или поради некоја тешкотија, сврти се кон него и помогни му, така што сите жетвари да бидете во права линија; поттикнувајте се и натпреварувајте се. А кога по заповед на оние што раководат со работата, ќе ви се даде одмор на пладне или ноќе да спиете под дрвјата или под сеници, гледајте телата ваши да не бидат близу едно до друго и особено по двајца да не се оддалечуваат на скришни места. На ова треба да обрнуваат внимание раководителите на работите. Сејачот на каколот е присутен невидливо, па за да не се прикрие и скришно да не го влее својот отров во некого и ние да не Го прогневиме преку тоа нашиот Господ Бог, потребно е сите да бидеме особено внимателни. На богослужбата треба да се гледа, бидејќи нема многу пеење на псалми, и тоа да не биде извршувано со брзање и невнимателност, туку со засилено внимание, така што да можеме да го извршуваме секое добро дело со соодветна расположба. Сите да бидете присутни на неа: никој да не отсуствува. Таквиот, макар потоа и да работи како за десет души, недостоен е да добие јадење тој ден. Сето ова ви го говорам затоа што се грижам за вашето спасение, ви го напомнувам сето ова за да не се оддалечи некој од вас од Божјиот пат. Ако е некој жалостен, нека не ја скрива жалоста; нека им ја каже на раководителите и тие ќе му помогнат. Никој не смее да остане без работа: таквиот нема дел со своите браќа и не е од бројот на оние што Го бараат Господа. – Ако не можеш да жнееш, ако немаш сили за тоа и ако не знаеш, тогаш собирај го ожнеаното; ако и тоа не може, тогаш нека бере грозје, нека носи вода или нека работи некоја друга работа, на отворен воздух или во кругот на манастирот. И Бог ќе го прими и тоа, според неговата усрдност, како што ги примил и двете лепти на вдовицата.
138.
Откако ги чул добрите вести од браќата, се радува и им советува уште повеќе да напредуваат во доброто, изложувајќи какви треба да бидат раководителите и какви – сите други браќа.
Дојдоа браќата и ни кажаа како ви одат работите и со тоа ме израдуваа многу. Зашто, за мене не е мала радоста да чујам, дека сите вие се спасувате со Христовата благодат, запазувајќи ја својата добра расположба и дека ги извршувате заповедите Божји, со кои се просветувате и станувате синови на Светлината и наследници на царството небесно. Да, чеда мои, вака мудрувајте, така оградувајте се, така живејте од ден на ден, подгревани со божествената љубов и обновувани со Светиот Дух Кој живее во вас, умртвувајќи ја секоја страст и секоја похот на огревовеното тело и, место нив, ги насадувате и враќате, како во рајот, добродетелите што секогаш живеат, претрпувајќи сѐ во вашата потчинетост, во послушноста, во добрите дела, во љубовта, во сочувството, станувајќи добри едни кон други, радувајќи се еден на друг и, покажувајќи готовност да ги носите тешкотиите взаемно еден на друг. А најнапред ти, брате Варсануфиј, службата што сум ти ја предал, извршувај ја беспрекорно, како пред лицето на Бога, Кој сѐ оживува, дејствувај непристрасно, ни од презир, ни по лутина, ниту по неразумна смиреност, ниту со расеаност на умот, но мудро и милозливо, така како што доилката ги грее своите чеда, биди готов и душата своја да си ја дадеш за своите браќа и за моите чеда. Големо нешто е да се пасе Христовото стадо. Што му рекол Господ на апостолот Петар? – Ако Го љуби, да ги пасе Неговите овци. Така и ти, чедо мое, ако Го љубиш Господа, ако ме љубиш и мене грешниот, паси ги добро моите чеда или, подобро, Христовите јагниња. Ако некои од нив потскокнуваат, како јарци, зашто слушам и за такви работи, скротувај ги, објасни им, дека, ако останат кози и јарци, дека во денот на Страшниот суд ќе бидат ставени од левата страна на Господа Исуса Христа, на страната на загинатите; во делот на сатаната; исплаши ги со ова нивните срца и потреси ги со овие страшни зборови, така што и тие да станат јагниња, зашто јагнињата се кротки, незлобливи, смирени, послушни и безгласни, а козите се потскокливи, незадржливи, тврдоглави и лоши. Тешко им на таквите, зашто нив ги очекува осудување во вечниот оган. Никој од нас, чеда мои, да не биде таков, никој, ве молам; инаку пастирот ќе биде приморан да ги измачува или со глад или да ги оддели од своето стадо. Но, ве молам, разберете што ви говорам и извршувајте ја волјата Божја. – Гледај и ти, чедо мое, Данииле, однесувај се со твоите браќа како што треба: просветувај ги, поучувај ги, вразумувај ги: не дозволувај неуреден живот, своеволни воведувања на новини, непотребни извикувања; сакај ги кротките и побожните, умерените, трудољубивите, послушните, смирените, оние што не мрморат и што не сакаат да се шегуваат и да прават смешки, а не поднесувај ги оние што го прават тоа и поправај ги, укажувајќи им примери на она што е подобро. Никој од вас да не Му биде туѓ на Бога, да не Му биде неугоден на Бога. А туѓи и неугодни на Бога се: неуредните во својот живот, тие што шепотат и мрморат, тие што прават смешки и оние што јадат скришно. Таков да не биде никој меѓу вас, но бидете сите богоугодни, богоподвижни и богоподражателни. Господ да ве запазува, чеда мои!
139.
1. Стравот Божји и љубовта ја разгоруваат ревноста и нѐ запазуваат на добриот пат; а оние што ги немаат се предаваат на неработливост и паѓаат.
2. За враќањето на таквите на правиот пат треба да се грижиме и да се молиме, меѓутоа, сами према себе треба да бидеме построги.
1. Благодат ви и мир во вашиот уреден живот, во послушноста, во смирената мудрост, во побожноста, во добрината и во вашето деноноќно молитвено пеење и стихословие. Настојувајте ова вака да продолжува. Ова не можете да го имате, ако немате страв Божји и, ако огнот на Неговата љубов не гори во вашите срца. Зашто кога овој оган ќе изгасне во некоја душа, тогаш почнуваат во неа да се пројавуваат малодушноста и мрзливоста, како и други трња и бодила на страстите, раслабеноста и телесната опуштеност, неработливоста и очајанието, прекумерното спиење, прекумерното јадење и секој друг грев, особено разгорените похоти, мрачните помисли и погубните расположби и дела. А признак за тоа дека во душата не изгаснал светиот и духовен оган на Божјата љубов е: што душата ревнува за доброто, и усрдно го прави сѐ она што Му е угодно на Бога, не ослабнува и не е малодушна, ги извршува: послушанијата, работите, стихословијата, исповедите, рачната работа, молитвите, воздржувањата и сите други дела, кои се подразбираат под блажено послушание. Блажен е ваквиот. Тој Му е угоден на Бога и од сите е сакан; тој ги изнесува од богатото сокровиште на своето срце, како цвеќиња, пројавувањата на божествена благодат, кои се одразуваат на неговото продуховено лице, како и во сите негови движења и зборови. А оние со кои владеат лошите помисли, тие постепено се отклонуваат од доброто, а потоа и сосема отпаѓаат од своите монашки завети и стануваат плен на ѓаволот.
2. Но, да Му се молиме на Бога, Кој секојдневно ги повикува сите, кои се оддалечиле од правиот пат, да ги врати во нивното стадо и гревот нивни да не ги истошти до крај. Впрочем, и вие сте должни да се трудите за изнаоѓањето на загубените. Зашто, ако оние што загубиле некој од својот неразумен добиток, не лесно ја поднесуваат загубата, зар не треба многу повеќе оние, на кои им се доверени разумните овци, усрдно да се грижат за изнаоѓањето на оние од нив што се заталкани и загубени. – Бидејќи тие паднале, останатите се должни да стојат уште посилно и да го пазат заповеданото, зашто е напишано: „Кога се умножуваат нечесните, се умножува беззаконието; но праведните ќе го видат нивното паѓање“ (Изрек. 29, 16). Исполнете се со страв и продолжете да одите повнимателно, зашто ѓаволот ви поставил стапици од сите страни. Затоа, никој да не пропушта да ги исповеда неисповеданите помисли и да не дејствува според својата волја. Никој од вас да не биде ни славољубив, ни самољубив, зашто оние со кои владеат овие лоши расположби, паднале во бездната на пропаста и избегале од нас, па сега се во очајна состојба и талкаат таму – ваму, како загубени овци. Молитвата отстапила од нив. Псалмите и духовните песни занемуваат во нивните усти. На Кого ќе Му запеат тие: „Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе се плашам?“ (Псал. 26, 1), кога од малодушност се загубиле себе си? Затоа, молете се вие за нив – да се вратат пак, но молете се и вие самите да бидете силни, велејќи: „И полк ќе се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе се надевам на Него“ (Псал. 26, 3). „Многупати војуваа против мене од младоста моја, но не ме совладаа“ (Псал. 128, 2). „Тоа е моето одморалиште засекогаш: тука ќе се населам, бидејќи многу го засакав“ (Псал. 131, 14), – така што, како војници Христови, да се борите и да не паѓате, – за да се удостоите за вашето трпение на венецот на правдата.
140.
Да жалиме за оние што ги нарушуваат своите монашки завети и го напуштаат манастирското братство и да се потрудиме да ги убедиме да се вратат на правиот пат, да останат непоколебливи во својот монашки живот.
Кога разбрав како сте и како живеете, јас се израдував, но и се натажив: се израдував што вашите проигумени и раководители се добро, што сите браќа живеат уредно, што се послушни, што се трпеливи и што Му угодуваат на Бога; а се ожалостив кога слушнав за оние што отстапиле од правиот пат и што избегале од манастирот, макар што биле повикани и што веќе се вратиле. Вас, пак, Господ да ве запазува и утврдува во доброто живеење, а кон оние што отстапиле од вистинскиот пат ќе се обратам со зборовите: „Синови човечки, до кога ќе бидете со тврдо срце; до кога ќе сакате суета и ќе барате лага?“ (Псал. 4, 3), барајќи сѐ според нивната волја, според нивните страсти, без да го имаат пред своите очи стравот Божји, ниту неподмитливиот Суд, ни неизгасливиот оган, ни крајната темнина, ни крцкањето со заби, ни сите други ужасни пеколни маки, туку се толку нечувствителни и без страв од Бога, па лекомислено мислат за Него и за својата одговорност. До кога ќе заборавате дека Бог е праведен судија и дека ќе ви суди за сите ваши гревови? До кога ќе бидете оддалечени од вистинското покајание? До кога ќе имате лукави мисли во душите ваши и ќе измислувате оправдување во срцата ваши и да се предавате на суетни надежи? Најпосле, станете вие паднатите, одгонете ја темнината што ве окружува. Прекинете ги вашите безумни стремежи. Од Кого бегате? Зар не бегате од Светиот Дух, Кого сте Го примиле во денот на избавувањето? – Но, доста е тоа што било досега. – Не додавајте кон сето тоа и други лоши работи, не правете му уште радост на ѓаволот; престанете да му угодувате на својот непријател. Засакајте Го Господа, Кој толку многу нѐ засакал, примете Го како Свој Бог и Господ. Он, како предобар, ќе ви прости сѐ заради вашето смирение. Поправете ги, ве молам, сите неисправности на вашата душа, утврдете ги основите на вашето срце и соберете ги вашите расеани мисли. Спомнете си ги вашите завети. По нив, откако сте ги дале, што и да ви се случило, и на маки да ве подложувале, не требало да отстапите од нив, а вие заради некакви ништожни работи на своите желби, сте ги погазиле и Божјиот закон и вашите свети ветувања и, како штрклени телци – се устремивте кон места безводни и непроодни, сте се населиле во села, сте живееле заедно со мирјани, мажи и жени, сте се прејадувале и сте се препивале, како да се приготвувате за колење. – Од таквите семиња какви плодови можат да се добијат? ќе беше подобро, ако ме проголташе земјата? – А сега време е да им речам заедно со пророкот: „На планините – покријте нѐ, а на ридовите, паднете врз нас!“ (Осија 10. 8). Зашто оние што сум ги родил јас – го оставиле Божјиот закон, ги оскверниле своите тела, се откажале од своето девство, се откажале од послушанието, станале присмев на демоните. Зар сатаната не ги води таму – ваму оние што му се послушни, а потоа не ли ги проголтува со устата на гревот? – Но, дојдете. Барем отсега отрезнете се, дојдете си на себе, погледнете се, согледајте ја ѓаволската прелест и својата несовесност, прекорете се сами, смирете се, скрушете се, исповедајте се, и отпочнете го постепено пак вашиот некогашен живот. Да, ве молам, сите вас што сте во домот на Господа, во дворовите на нашиот Бог! Стојте храбро и продолжете непоколебливо да чекорите напред, бидете му послушни на вашиот претстојник и на другите одговорни браќа. Оној, пак, што се одвојува од мене, или поточно, не од мене, туку тој се одвојува од Бога, заради Кого јас сум она што сум и вие сте она што сте.
141.
Оној што бега од светот – ги остава и своето мудрување и својата волја, и со вера му се предава на својот раководител – заради преуспевање во духовниот живот.
Гледајќи ги огнените напади против нас од сите страни, можам да кажам со зборовите на апостолот: „Во телото ми даде трн, ангел сатанин, да ме боцка по лицето, да не се превознесувам“ (2. Кор. 12, 7), но уште повеќе за да се смируваме кога се накажуваме, и да прибегнуваме под Неговата силна рака, свесни дека на друг начин не можеме да се спасиме. Кога со сето наше настојување ќе успееме да покориме некое наше непокорно мудрување и се познаеме себе, ќе познаеме дека сме немоќни и дека, без Бржја помош, не можеме да направиме ништо како што треба, зашто Он нѐ води и раководи: кога ќе слезе ангелот во печката на нашите страсти, како што слегол некогаш во вавилонската печка, тој ќе го искорне пламенот на похотата од срцето наше и ќе подувне росен ветрец – дар на чистотата. Затоа, да се смириме, да го потиснеме нашето мудрување и да го спуштиме нашиот поглед, а разумот нека го свие вратот свој, па тогаш е близу милоста на човекољубивиот Бог. Не никој да не биде без вера, никој нека не биде лукав и со грешна душа, нека не благословува со устата своја, а со срцето да стои далеку од Бога, каков што е оној што ги бара само своето право и својот разум. Апостолот говори: „Никој нека не ја бара својата лична полза, туку ползата на другиот“ (1.Кор.10,24). Бидете полни со светлина, бидете искрени и вистински синови Божји! Да одиме како чеда Божји, како браќа, како сонаследници. Да не прифаќаме ништо, што би можело да му наштети на братот наш и да не си дозволиме некакви нови неуредности.
142.
Ги повикува да се радуваат, затоа што живеат сиромашки, исполнети со лишувања и маки, што се трудат подвижнички и што го оставиле светот и сѐ што е во него, зашто тоа е вистинскиот пат, кој води во царството Божјо.
Макар што е донекаде смело, но јас ќе ви речам со зборовите на апостолот: „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се“ (Филип. 4, 4). Зошто? Затоа што делото Божјо го извршувате, затоа што сте облечени во схима монашка, што се наоѓате под законот на послушноста и што секојдневно го извршувате – во маки, во теснотија, во жалост; во пост, бдеења, спиење на гола земја, во трудови и изморувања, извршувајќи ги работите во врска со вашето послушание, откажувајќи се од вашата волја, прифаќајќи ненадејни наредби, со неизмиено тело, со носење на крпена облека, и лоши обувки; ќе додадам со епитимии и одлачувања и, освен ова, непрестано напаѓани и вознемирувани од демоните на блудот, мрзливоста, прејадувањето, непостојани мисли и желби и други безбројни страсти. Сами размислете: не сум ли во право што ви велам: „Радувајте се секогаш?“ Да, браќа мои, вие сте блажени и преблажени, затоа што го трпите сето ова заради Бога, затоа што сме го засакале и избрале ова. А што ќе имате од ова? Во идниот живот ќе засјаат во срцата ваши: правда, голем мир, живот, радост и спокој вечен, посиновување и царството небесно: што е толку прекрасно и блажено она што сте го побарале и што го барате; што сте го намразиле светот и сѐ што е во него: родителите, браќата, роднините и пријателите; што сте се одделиле од градовите, селата, нивите, домовите; што сте оставиле сѐ и што сте се прилепиле само кон Единиот Господ Бог и Царот на славата, што Нему Му служите и што непрестано Му пеете; вие не водите разговори ни за татко, ни за мајка; не се грижите ни за жена, ни за деца, ни за слуги, ни за слугинки; не се вознемирувате ни за богатење, ни за имот; не се борите ни за челни места, ни за одликувања; не копнеете по вкусни јадења и специјални вина; ниту да се грижите за други телесни задоволства; не грижите се за ништо земно и гниежливо, туку мислете само за тоа како да Му угодите на Бога и за тоа – како да го наследите царството небесно и вечните блага. Зар сето не е доволно – за да бидете возљубени од Бога? Зар нема достојно да ве нарече чеда Свои? Зар нема во денот на Судот со право да ви рече: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25, 34). Ете, такви се вашите подвизи, такви се вашите барања и таква е вашата надеж! Затоа пак ќе ви речам: „Радувајте се секогаш!“
143.
Подвижничкиот живот го споредува со натпреварот во трчање, и дава детални поуки како успешно да се трча и да биде добиена наградата.
Нашиот подвиг е сличен на натпревар во трчање, на што укажал и светиот апостол Павле (1. Кор. 9, 24). Но, овде за тој натпревар се одредува мал простор и се поставува кратко време, а во нашиот подвиг патот се протега од земјата до небото, во одреденото време на целиот живот, по што им даваат венци на победниците. Гледачите на нашиот натпревар се илјадници ангели, Самиот основач на нашиот подвиг, Кој седи на престолот од Својата слава, но и злобните демони, нашите непријатели, кои секако се трудат да ни постават невидливи пречки, за да нѐ препнат и да нѐ погубат. Имајќи го предвид сето ова, и самите гледате, колку треба да бидеме внимателни и претпазливи, загрижени и неуморни, за да можеме не само да трчаме добро, туку и со успех да го завршиме нашиот натпревар. Самиот почеток на натпреварот не ни придонесува никаква корист, ако не бидеме постојани, ако не трчаме со младешка сила и храбра истрајност, ако не ја гледаме постојано поставената цел пред нас. Но, и ова уште не ја означува победата, ако со ваков постојан напор не трчаме до самата наша телесна смрт, па макар животот наш и да продолжи долго. Да трчаме, браќа и отци, да трчаме уште и уште, да се стремиме да стигнеме што подалеку и подалеку, барајќи помош и сили од човекољубивиот Бог; и добро да трчаме и успешно да стигнете до поставената цел. Спасителот наш Господ Исус Христос ни го посочил овој подвиг: добро да трчаме и да победиме, ветувајќи ни неискажлива радост и слава, а на мрзливите и немарните, кои или воопшто ни од самото место не појдуваат или пред пречките застануваат и самоволно од патеката отстапуваат, им се заканува со страшна казна и судбина, велејќи: „Кој има уши да слуша, нека чуе.“ Слушајте го ова, чеда, и внимавајте; трчајте брзо, храбро, внимателно, претпазливо, знаејќи, дека лукавите демони се трудат да ни стават пречки на патеката и да нѐ препнат. Знајте, дека никој не може добро да трча, ако не се ослободи од сѐ што му пречи, задржувајќи го само штитот на верата. Овде не мислам само на оставањето на секој надворешен имот, туку и ослободувањето од внатрешните разновидни помисли и земни состојби. Во нашата состојба никој не може да има успех, ако не го научи своето тело да се задоволува со малку храна и пиење; ако место со елеј не се омасти со тврдост и неуморна трпеливост; ако не помине, како низ некој гимнастички курс, извесни подготвителни вежби пред примањето на схимата. За време на овој натпревар никој не треба да им пречи на другите учесници во натпреварот, не смее да им завидува, ниту смее да ги клевети, туку треба само умот свој и очите да ги устремува на својата крајна цел, да настојува да стигне до неа, правејќи сѐ нови и нови усилби, сѐ посилни стремежи и воодушевувања, без да гледа настрана, ни лево ни десно, да не обрнува никакво внимание на пофалбите, да не се повлекува по суетата на светот, да не биде малодушен кога ќе се умори, кога ќе наиде на пречки и кога ќе почне да се препнува и да паѓа со духот, за да може на тој начин, откако ќе направи сѐ што се бара од него, смирено, братољубиво и искрено, по успешното завршување на натпреварот, да се удостои да ја добие ветената награда од нашиот Господ.
144.
1. Да покажуваме ревност за придобивање на секоја добродетел, да се пазиме од сѐ што не е добро, особено од она што се чини дека е добро.
2. Непријателот ни поставува многу заседи. Најдобриот начин да се избавиме од нив е: често и искрено да ги исповедаме нашите помисли.
3. Против секоја страст треба да се вооружиме со соодветна борба. Како пример се наведува начинот на борба со зависта.
4. Се советува во сѐ да ја запазуваме вистинската побожност.
1. Дојдете вие што сте исполнети со желбата, која е корисна за сите и со најискрената ревност за добивање на спасението, да го правиме она што е потребно, да го засакаме она што сме должни да го сакаме сите, и малите и големите, и почетниците и старците; да се чистиме од секоја нечистотија на телото и на духот, да се направиме себе избрани садови, извршувајќи ја светињата во духот, да бегаме од секоја можност за грешење, да не си дозволуваме да бидеме горди, непослушни, сластољубиви, телољубиви, туку да се стремиме да се збогатуваме со добродетелите: смирението, послушноста, чистотата, љубовта према браќата; да ги отстрануваме од нашето срце сите телесни и сластољубиви наклоности; да ги прекинеме сите односи, кои ги условуваат, не само оние надворешните, туку и внатрешните, односно ни кон еден од браќата да немаме поголема љубов, отколку кон сите други, зашто таквата љубов е измамлива и Му е непријатна на Бога; таа на изглед е братска, а всушност е сатанска.
2. Знаете колку многу заседи ни прави ѓаволот и колку вешто се сплетени неговите мрежи, и дека никој не може да се спаси од нив, освен преку исповедање на своите мисли и желби, исполнети со доверба према својот духовен раководител, придружувано од смиреност и послушност. Оние што не одат по овој пат, како што читаме, паѓале и паѓаат, а оние што дејствувале во согласност со овие духовни закони – станале во светот како големи духовни светилници, ја одбегнале темнината на гревот и на ѓаволот, умртвувајќи ги своите гревовни желби.
3. Ве молам во името на љубовта на нашиот Господ Исус Христос – умудрувајте се за да бидете спасени. Секој, според тоа која страст го измачува, треба да употребува соодветен начин за борба против неа. На пример, против зависта треба да се презема посебен подвиг, а тоа е: омраза против взаемната преодна слава, зашто зависта нѐ тера да се покажеме со нешто подобри од нашиот ближен: или со бистрината на умот, или со убавото пеење, или со пријатното читање или со некоја друга способност, духовна или телесна; оваа страст, откако ќе се роди, почнува постепено да нѐ изгорува со тивок оган, да нѐ истоштува и да нѐ јаде. Ние сме членови еден на друг, сите сме како едно тело, па затоа треба да се радуваме еден на друг, да мислиме дека е наше сѐ со што се одликуваат другите, зашто сѐ со што имаат и што можат нашите браќа – му припаѓа на телото од нашето братство и токму со сето тоа самото братство станува совршено и честа од сето тоа му припаѓа и на секој член од братството: ако некој има мелодичен глас, твојот е можеби силен; ако некој чита разбирливо, ти го разбираш она што го чита; ако некој има бистар ум, ти си поспособен за извршување на работите; ако е некој способен во распоредување и раководење со работите, ти си секогаш готов да бидеш послушен во извршување на она што ти е наложено, а ова што го правиш ти е многу покорисно од првото. Што се мелодичноста на гласот, или убавото читање, брзото работење, или убавото пишување, или музиката пред блаженото и прекрасно смирение и пред послушноста, пред добрината и едноставноста, пред кротоста и благоста, пред незлобливоста и немрморењето, пред богољубието и силната молитва и пред другите добродетели, чие придобивање е дело на слободната волја, па и тогаш кога некој нема добар глас, кога не умее добро да чита и да пее, макар и да дʼтка, да има накриво насадени очи и грдо лице, да е куц, сето тоа е ништо, ако ги има спомнатите добродетели. Нашиот добар Бог ги направил сите добродетели лесно достижливи, поставувајќи ги во зависност не од телесните предности, туку од душевните расположби, во кои се насејува, расте и стигнува до совршенство.
4. Да бидеме задоволни со тоа што го имаме, а да се радуваме и на тоа со што се надарени нашите браќа, што го има секoј oд нив, соединувајќи се со сите нив и, вообединувајќи се во животот по Бога – во добро устројство. Ете, браќа, гледате дека се умножуваме. И затоа кај нас сѐ треба да биде во добар ред, зашто само, ако нешто не е во ред, тоа се одразува на целото братство, добродетелите ја губат својата убавина, како што е и во секое друго општество. За нас, кои сме се собрале заедно во името на нашиот Господ Исус Христос, кои сме соединети во ова ангелско живеење, треба да имаме во сѐ примерен ред и поредок: да се молиме и да пееме без врева и без пречки, да седиме и да стануваме, да спиеме и да се разбудуваме, да слегнуваме и да се издигнуваме, да молчиме и да говориме, да јадеме и да пиеме, да прашуваме и да одговараме, да се собираме и да се разијдуваме, да бараме и да даваме, да служиме и да примаме услуги, да поставуваме и да одржуваме, да се облекуваме и да се соблекуваме, да се обуваме и да се собуваме, – сето ова кај нас видливо му се дава на секого. Кога во сето има ред и поредок, тогаш сето братство е наше; тоа е како мирно море, иако во движење, но во него има мирни бранови, кои како да се движени и создавани од Светиот Дух. А кога, од невнимание, ќе настане извесна нестројност, тогаш тоа е бранувано од силни ветрови и урагани, се бранува силно и се заматува. Зар ова не го гледаме и кај нас тогаш кога се слушаат викања, смеа, и разговори, како што се случи неодамна кога се делеше богојавленска вода и кога излегувавме од трпезаријата, кога четворица едвај успеаја да востановат ред. – Не така, чеда мои и браќа, не така. Вам ви е познато она што е речено за волјата; дека таа не е само блага, туку е и „угодна и совршена“ (Рим. 12, 2), дека се пројавува во хармонијата на многумина. – Впрочем, јас не ви го реков ова за да ве прекорам, туку за да ви напомнам за она што се случуваше кај нас, за да ги одбегнуваме ваквите случаи во иднина. А Господ на мирот и Бог на секоја утеха, Кој го држи во ред сѐ небесно и земно, да ви подари сила и крепост кон секое добро дело и движење, кон секој мир и едномислие, кон секаков поредок и спокојство, во искрена взаемна љубов, за да се најдеме и во денот на Судот, заедно со сите ангели со сите светии, кои со векови Му угодиле на Бога.
145.
Трпеливиот живот во заедничката послушност е вистинско мачеништво.
Пазете се од лукаво другарување, од самонадејно однесување и од погубното нарушување на прописите во монашкото општожитие; сообразувајте се со сѐ што е дадено во манастирскиот типик од светите отци, зашто она што е пропишано кај нас, не е пропишано случајно, туку е резултат на искуствата уште од најдамнешните времиња, со многу труд и многу пот; она што е установено, установено е сообразно со потребите на ангелскиот начин на нашето живеење, како и за изобличувањето на оние, кои мислат поинаку за заповедите на Господа. Затоа, продолжувајте го вашето добро дело и живејте вака сѐ до крајот на вашиот живот, одејќи по патот на Господа, помазувајќи се со елејот на кротоста и трпеливоста и, поднесувајќи секаков вид подвижнички тешкотии, за кои ви се подготвуваат голема наслада на вечните блага. Кои се овие тешкотии? Оние со кои се среќавате во вашиот секојдневен живот: бдеењата и пеењето на псалмите, вашата рачна работа, ограниченото и недоволно јадење, надоволното пиење, постојаното менување на вашите послушанија, редот на вашето стоење на црковните богослужби, поредокот во одењето, во облекувањето и обувањето, во покривањето, тешкотии од лишувања, од претпоставување едни работи на други, од презирање и од друго слично на сето ова. И со право сведочат многумина од светите отци, а, пред сѐ, сведочи свети Василиј Велики, дека состојбата на послушанието е вистинско мачеништво. – Но, слушајте какво добро имаме од него и каква е надрадоста за него. За него нѐ очекуваат неувенливи венци на правдата, наследувањето на царството небесно, посиновување, негниежливост, бесмртност и секакво друго блаженство, што ние и не можеме да го замислиме. Имајќи ги овие и вакви ветувања, браќа мои, продолжете и понатаму да ги поднесувате тешкотиите на вашиот подвижнички живот, не плашејќи се од паѓањата, кои им се случуваат на некои од браќата, да не паѓате со духот и од тоа што ќе ве среќаваат тешкотии и жалости заради вашиот богоугоден живот; зашто, ако во овој живот немаме жалости, тогаш и во оној Голем Ден нема да се израдуваме; ако овде не претрпиме маки и не поофкаме, тогаш нема да доживееме духовна слобода и вистинска радост во идниот живот. Но, колку повеќе тука страдаме и се измачуваме, толку повеќе радости ќе нѐ пречекаат таму: место жалостите – таму ќе добиеме радости и утехи; место мали земни печалби – големи сокровишта на небото; место телесни болести – голема душевна хармонија; место откажувањето од светот повикување кон Самиот Господ, зашто како ќе се чувствуваме и каква радост ќе имаме кога ќе го слушнеме блажениот глас, кој ќе нѐ повика и ќе ни рече: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25, 34). Затоа, ако е потребно дури и секој ден да умираме заради Христовата љубов, да бидеме секогаш готови да се предадеме да бидеме изгорени, сечени и да претрпиме најстрашни страдања; да трпиме како што трпеле и страдале светите маченици. Зашто тие не биле задолжени да сакаат едно, а ние – друго, туку нивниот и нашиот подвиг е еден, еден е и стремежот, бидејќи имаме и една иста природа; сите сме Божји созданија, воведувани во овој свет со иста цел: да Го прославуваме Бога, преку извршувањето на Неговите заповеди, а за отсекувањето на телесните членови, проливањето на крвта и претрпувањето маки – не секогаш и не секаде христијаните имале можност и прилика. Ние сме удостоени да го живееме овој подвиг на возвишено живеење во послушност, а на овој начин стануваме маченици: место да ни бидат отсекувани органите на телото, ние сами ја отсекуваме својата волја; место да ни ја проливаат нашата крв, ние сами ги исфрламе од нас нашите гревовни помисли и желби; место измачувања од страна на мачителите, ние претрпуваме напади од бесовите и непријателствата на овој свет, па затоа не попусто се надеваме во идниот живот да добиеме дел заедно со светите маченици.
146.
По повод на некој земјотрес, напомнува за потресите на небото и на земјата во последниот ден и дава соодветни поуки.
По земјотресот што го имавме вчера, за нас не е поумно да разговараме за што и да е друго, туку за тоа: од што настануваат земјотресите и зошто се случуваат? Елините за ова говорат едни едно, а други – друго, а божествениот Давид ни го објаснува ова, кога говори за Бога: „Погледнува ли кон земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие се димат“ (Псал. 103, 32). Како што, кога разгневениот господар ќе го погледне својот слуга, слугата почнува да се тресе, така и вистинскиот Господар на сѐ и Создателот, пред Кого треперат сите созданија, како робови и робинки, кога сака да го пројави Своето оправдано негодување против нас заради нашите гревови, тогаш Он со окото Свое што гледа сѐ, со Својата сила ја погледнува сета твар и ја тера „да се тресе“, така што и ние, престрашени и растреперени, како слуги, кои го предизвикале гневот на својот господар против себе, веднаш се вразумуваме и почнуваме да ја извршуваме неговата волја. – Ете, браќа, колку е страшна Божјата сила! Еве како се пројавуваат Неговото негодување и Неговиот гнев! И, ако Божјиот гнев сега е ваков, какво ли ќе биде при крајот на светот? Зашто и Самиот Бог говори со закана: „ќе ги стресам сите народи – и ќе дојде Оној Кого Го бараат сите народи и ќе се исполни овој дом со слава, вели Господ Саваот“ (Агеј 2, 7), посочувајќи ја неговата необичност. Каков страв ќе доживееме, какво треперење ќе биде тогаш, кога земјата ќе ги предава сите што умреле уште од почетокот на човештвото, кога небото ќе се свие како свиток, кога ќе паднат звездите, кога ќе се изменат небесните светила и кога звукот од ангелските труби ќе се пронесе над сите што живеат на земјата, кога ќе дојде и Самиот наш Бог, со илјадни и илјадници илјади ангели, архангели и сите ангелски сили, кои ќе одат пред Неговото лице, кога ќе бидат поставени престолите, кога ќе седнат судиите и кога неподмитливиот Судија ќе го открие сѐ она што сме го направиле скриено. И кога, по сето ова, само за еден миг, ќе биде страшната и праведна одлука, со која праведниците ќе бидат повикани во царството небесно и во вечниот живот, а грешниците ќе бидат испратени во вечниот оган, во страшната темнина во крајната бездна, во мрачниот тартар, каде што црвите никогаш не спијат, каде што се непрестани крцкањата со заби и сите други пеколни маки? Кој ќе може, браќа, да го поднесе сето тоа? Кој ќе може да ги истрпи сите тие стравови, – маки и ужаси? Кој ќе може да устои пред тие страшни настани? Да го видиме небото како се отвора, да ја чувствуваме земјата која ќе се тресе, да гледаме мнозинство ангели, да Го гледаме и Самиот Бог, како доаѓа на облаци, за да им суди на живите и на мртвите, да ѝ суди на целата земја!!! – Но, навистина, сето ова не е далеку, туку е сосема близу, сосема е близу ова што го очекуваме. Судијата е близу пред вратата! – Еве Го Младоженецот, излегувајте да Го пречекаме! – Но, ако ги имаме светли светилниците на чистотата и ако имаме доволно масло на љубов и добри дела, тогаш блазе си ни нам, тогаш ние ќе Го пречекаме Младоженецот радосно и ќе влеземе заедно со Него на свадбата. А, ако го немаме сето тоа, тогаш пред нас ќе останат вратите затворени; кога ќе чукаме да ни отворат, ќе ни биде речено дека не нѐ познаваат, затоа што лошо сме мудрувале, што сме дремеле, што сме спиеле и што сме неподготвени. – Затоа, за да не ни се случи ова, да се разбудиме од сонот на безгрижноста, да се дигнеме ние раслабените од очајанието, да се отрезниме од срамните помисли, да ги исчистиме нашите души, извалкани од нечистите похоти, срцата наши да ги освежиме со силна вера, ако се поколебани од неодлучност, изменливост и угодување на телото. Да продолжиме да трчаме добро, да продолжиме да се просветуваме, да бидеме уште поревносни, да напредуваме во добродетелите и во добрите дела, да се смируваме уште повеќе, да бидеме уште попослушни; сите ние да го правиме секое добро и секоја заповед да ја извршуваме, за да се покажеме достојни да влеземе во дворецот на Младоженецот, Кој што е бескрајна радост за нашите души.
147.
Да преуспеваме сѐ повеќе и повеќе, да покажуваме ревност за придобивање на секоја добродетел; да одбегнуваме од секое зло; да се украсуваме со подвизите на ангелското општожителство, по примерот на светите отци, чекајќи ги големите ветувања.
Да не ги посрамиме нашите изминати подвизи со нашите сегашни лоши дела. Откако сме поставиле добар почеток, ревносно да ја исполнуваме секоја наша должност, да примаме сѐ поголема светлина и да напредуваме во славата. Ова се постигнува со добро однесување во сѐ, да бидеме облечени во облеката на смирението и украсени со послушност, да ја пројавуваме љубовта во дела и кротост, да бегаме од своеволноста и самоугодувањето, од кои се раѓаат: смртта, лукавството, љубовта кон првите места и славољубието, во кои се скрива брзата пропаст и од што паднале сите што паднале отсекогаш на бојното поле од послушноста. А сега, кога сте веќе очистени од трње, од лоши треви и бодила, бидете плодотворни и покажете нов живот, без да внесувате во него нешто од лошото мудрување, за да не пострадате и вие. Сите бидете искрени и чисти, поднесувајте ги добродушно навредите, понижувањата и нападите; покажувајте упорност во борбата за доброто; бидете воздржливи и постојани, зашто во тоа се состои мачеништвото на послушниот живот. И сите оние, што ќе го претрпат сето ова, ќе го добијат венецот на правдата. Бидејќи горите од љубов према Христа, и сте искушувани од неволји и страдања, храбро претрпувајте сѐ што ви се случува, и подражавајте го оној златен живот на нашите отци, во кој не среќаваме непослушност, гордост, противречења, дрскост, навредувања, и недоразбирања, туку секогаш владеела мирна ангелска состојба, која се укрепува под дејството на Светиот Дух. Вие знајте дека сето ова што ви го говорам е навистина добро; а ако е добро треба да го сакаме, а ако треба да го сакаме, тогаш зошто не го сакаме секогаш и не се трудиме да го придобиеме?
148.
1. Доброто тешко го прифаќаме, а лошото е многу полесно прифатливо.
2. Добриот пат се издигнува нагоре, а патот на грешниците се спушта надолу – како спуштање од височините.
3. Ние треба да гледаме нагоре, кон височините, и да не се спуштаме кон земните помисли. 4. Ние имаме разни дарбини и различни послушанија, но наградата ќе ја добиеме според усрдноста и трудот.
5. Спокојно да ги поднесуваме сите лишувања, неугодности, тешкотии и страдања, зашто по таков пат веќе сме тргнале.
1. Обично, се случува, кога некој говори за нешто грешно, доволно е да го каже тоа еднаш или двапати, и да ги расположи за лошото оние што го слушаат. А што се однесува за доброто, оној што говори за доброто, потребно е многупати да го повтори она што е спасително, па едвај успева да го привлече вниманието на своите слушатели и да ги расположи за него. Ете, толку тешко човечката природа го прифаќа доброто; напротив злото го прифаќа сосема лесно.
2. Да се оди по добриот пат е исто како искачувањето на планина, колку маки, напори и напријатности има во тоа? Напротив, грешниот пат е како слегување од планина: тој е лесен, и нема никакви пречки на него. Затоа, кога одиме по добриот пат – имаме потреба од особено внимание, од раководење и претпазливост.
3. Ако сакаме успешно да се искачуваме и да се издигнуваме, а не да слегуваме и да се спуштаме, не смееме да го свртуваме нашето внимание кон ништо земно и гниежливо, туку само кон она што е небесно и вечно. Зашто, како кај оној што се искачува на висина, ако погледне надолу, настанува некакво помрачување, така е и кај оној што се издигнува по патот на добродетелите, ако се прилепи со своето внимание кон земните задоволства; тогаш се помрачува неговото духовно око. Затоа, ние треба да гледаме нагоре, зашто таму е нашата слава – Христос Господ, таму е нашето сокровиште и вечниот живот. Да не се обесхрабруваме, да не паѓаме со духот, кога се искачуваме и кога ги гледаме стрмнините; ние, сами со нашите сили, не можеме да стигнеме до целтта, но до нас е секогаш близу Божјата помош и Неговата закрила.
4. Ние сме тргнале по овој пат и веќе сме напреднале по него, и секој од нас, соодветно со својата ревност и со својот труд, стои сега на извесна височина на добродетелите. Со нашите душевни расположби се разликуваме еден од друг повеќе отколку со разликите во нашиот надворешен изглед, зашто еден ги сака повеќе смиреноста и послушноста, а друг помалку; еден се одликува со дарот на љубовта према ближниот, а друг со усрдна грижа за повеќе работи: или за послушанието на неговата рачна работа, друг сака да ги полева растенијата или да се грижи за некои работи во општожитието и станува: економ, трпезарник, распоредник, чевлар, шивач или нешто друго. Секој од нас оди по Господовиот пат и секого овој пат го доведува до вечните венци.
5. Само да се трудиме да ги поднесуваме смирено и трпеливо трудот, потта, тешкотиите на работата, бдеењето, постот, пеењето на псалмите, студот, лошата облека, лошите обувки и сите други незгоди и непријатности. Бог е сведок, дека јас не сум рамнодушен кога го гледам сето ова, дека ве жалам, дека ви сочувствувам, се трудам да се успокојам на некој начин, толку колку што можам, но и вие сами гледате, дека не е мала работа – толкумина од нас да бидат облечени, обуени и да бидат задоволени сите наши потреби. – Впрочем, ние сме биле свесни за сето ова кога сме тргнале по овој пат, сме знаеле дека ќе гладуваме, ќе жедуваме, ќе одиме недооблечени и дека ќе живееме во немаштија од љубов према нашиот Господ Исус Христос, заради што и божествениот апостол живеел во глад и во жед, во студ и голотија, како и во други лишувања (2. Кор. 11, 27). И не само тој, туку и сите светии, кои „скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам, тие, за кои светот беше недостоен, скитаа по пустини, по ридови, по пештери и јами во земјата“ (Евр. 11, 37-38). Па, ако тие живееле така, како можеме да живееме поинаку, а сепак да се удостоиме со честа, со која се удостоиле тие? Не, ова е неможно. Но, ако некој види дека се наоѓа во некое од спомнатите лишувања, нека се радува, зашто се удостоил со она што им припаѓа на светите. Така треба да мисли секој од нас и да ги прима сите тешкотии, како да му е давано сѐ, како од раката на Самиот Бог, она што му го даваат како послушание одговорните манастирски распоредници, без да мрмори и да негодува. Ако дејствуваме вака, браќа и чеда мои, ние сме блажени, зашто преку тоа ќе се удостоиме да добиеме покој таму, каде што нема ни болести, ни маки, ни лишувања, ниту жалости.
149.
Ги изобличува оние што се оддаваат на демонските совети и што паѓаат, ги убедува да се борат против нив, засилувајќи им ја надежта во Господовата помош.
Мрзливоста, откако ќе се појави, малку-по малку ги заробува оние што немаат внимание и ги вовлекува невнимателните. Кога ќе почне некој да биде тешко подвижен за извршување на своите работи, да противречи кога му се одредува ново послушание и лесно да ги занемарува и да не го извршува, тогаш духовниот непријател почнува да го советува и да го поттикнува да почне да прави престапни дела и тој, секако, штом ќе се согласи со тоа, не само што паѓа самиот, туку и другите ги убедува да бидат престапници. – Што станува? – Како победува ѓаволот? – Колку ги ставаме во незгодна положба нашите ангели пазители, како ги тераме да се срамуваат и да страдаат? Како сме измамувани да застанеме на страната од нашите противници, против нашиот Бог, добриот Пастир, Кој се предал Себе, за да нѐ искупи со крстот и со својата смрт? Како ќе Му погледнеме во лицето? Како ќе го поднесеме Неговиот гнев? – Нема да се најде мака, која би била соодветна на нашиот престап? – Праведниците ќе појдат во царството небесно, а ние ќе бидеме отфрлени и предадени на демоните и турнати во пеколната бездна. Праведниците се издигнуваат до небесата по скалилата на добродетелите, а ние слегнуваме надолу по скалилата на нашите гревови. Зар сеуште нема да се отрезниме? Зар уште нема да си дојдеме на себе си? Ве молам, браќа, да побрзаме, да почнеме да работиме, да потрчаме по Божјиот пат, да ги одбегнуваме причините, кои нѐ водат кон паѓање и да се предадеме на вистинска послушност, која прима и прифаќа сѐ без размислување, да ја засилиме нашата рачна работа, да ја засакаме смирената вера, така што сѐ што правиме и што мислиме – да го откриваме на исповедта, да им се спротивставуваме на лошите помисли и во самиот нивни почеток да му говориме на демонот: бегај од моите очи, сатано, било да те влече кон похотливата сласт, или кон мрзливост да те води, или да те прави нетрпелив или да востанува против твојата вера. Зашто тој секаде и секогаш ти прави заседи, распнува мрежи и ти поставува стапици; тој никогаш не спие и не останува без работа, не бара ни храна, ни пиење, ниту нешто друго; тој има само една работа, и ноќе и дење, – да ги погубува човечките души. А првото и најглавно наше оружје против него е: да ги откриваме нашите помисли со Божја помош и со Неговата закрила. Да не се предаваме на раслабување и да не паѓаме. Нека биде тој голем со силата на гревот, нека биде итар и во начините, со кои нѐ влече кон гревот, иако е злобен по природа и пронаоѓач на секое зло и непрестано работи да нѐ погуби, – сепак, да не се плашиме од него, зашто откако Христос Бог го примил нашето тело и станал човек, тој е ослабен, бидејќи му е одземена силата, па затоа и пееме: „Непријателот остана сосема без оружје“ (Псал. 9, 6), зашто Господ, Кој го победил, ни дал сила да можеме да ја згазнуваме неговата глава. Да бидеме храбри со нашата вера, да го сметаме како немоќно врапче или како некој ништожен лазач, кого го газиме со нашите нозе.
150.
Откако кажа што сме, зошто сме, каде сме и каде одиме, го опишува Страшниот суд и состојбата на оние од десната и од левата страна, и изведува од сето тоа убедлива поука.
Ве повикувам, да мислите и да размислувате за тоа: што сме, зошто сме, каде сме и каде одиме? – Ние сме Божјо создание, создадени сме според Неговата слика и сме Негово подобие и имаме власт над сѐ што е под небото, зашто е напишано „сѐ си потчинил под нозете негови“ (Псал. 8, 6). Ние сме втори по ангелите, бидејќи тие се први по природа. – Зошто сме? Не сме за ништо друго, освен затоа – да ја прославуваме Неговата сила, слично на ангелите, преку верното извршување на сите Негови заповеди, зашто „си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го венчал“ (Псал. 8, 5), и уште помалку ќе бидеме такви кога – ќе се соблечеме од распадливоста и ќе се облечеме во нераспадливост. – Каде сме? – Ние се наоѓаме во прогонство поради несовесноста на нашите прародители, поради нивната непослушност и сластољубие, кои преминале и на нас, нивните потомци. Затоа, за ова треба да плачеме и да ридаме, да жалиме и да офкаме, помислувајќи за тоа од какво прекрасно живеалиште сме исфрлени, за тоа каков бил нашиот ангелски живот и каква била блажена нашата рајска радост. – Каде одиме и каде ќе пристигнеме? – Во тамошниот свет, во преблаженото живеалиште на ангелите, во земјата на светлината, во бесмртниот живот, откако на Страшниот суд, Судијата на сите и нашиот Бог, откако ќе седне на престолот на славата, ќе му пресуди на секого во еден миг и на секого ќе му даде според неговите дела: на оние што ги запазиле Неговите заповеди – ќе им даде да застанат од Неговата десна страна и ќе ги награди со вечни блага, ќе ги воведе во Своето небесно царство, а оние што не Го слушале и кои правеле зло поради мрзливост и од сластољубие: блуд, прељубодејство, кражба, завист, убиство, живееле неуредно, гордо и суетно и кои ги правеле сите други зла, – ќе ги предаде на вечни маки, на оган што не изгаснува и на црв што не спие и е отровен, во крајна темна и пеколна бездна; секого ќе го казни сообразно со неговите гревови. А оној што со премудрост – ја победил својата природа, кој е готов храбро да претрпи сѐ, а, ако е потребно и да умре за доброто, – тој, во тој ден, ќе засјае како сонце, ќе го има делот на светиите, ќе се радува со ангелите, ќе се весели со мачениците и ќе се насладува заедно со пророците и апостолите. Но, тешко му на оној, којшто е алчен за телесни сласти, љубов према светот и за минливи и ништожни задоволства, нему ќе му се падне да застане од левата страна, ќе биде исфрлен и неповратно испратен во бескрајните маки и во нераскинливи вериги, каде ќе се слуша само писок и крцкање со заби. – Оттаму ќе нема избавување, ќе нема никаква промена, ќе нема човекољубие ни од страна на Бога, ниту од страна на ангелите, ниту, пак, од страна на светите; маките на грешниците ќе продолжуваат во целата вечност! Ве молам, чеда, сите мислете и размислувајте за ова: и вие што трчате добро и вие што се препнувате, и вие што имате силен дух и вие малодушните, и вие топлите и вие студените, и богатите и сиромасите со добродетели, и воопшто секој човек, секое поколение и секој народ. И ние да се погрижиме за ова, да се одлучиме и да почнеме смело да трчаме по Божјиот пат, да трчаме силно; да ја отфрлиме секоја страст како што се отфрла зараза; да ги издигнеме нашите раце кон Бога, Кој спасува, изјавувајќи дека сме готови секој ден да претрпуваме мачеништво: крвта наша да биде пролиена, телесните наши членови да бидат отсечени, телото да ни биде стругано, коските кршени и искршени, а не само да бидеме лишени од храна и пиење вкусно, од облека мека и тенка, не само од обувки убаво направени, од почесни места и од сите други почести и земни убавини, за што е смешно и да се говори, така што добро да поживееме овде, според нашето монашко призвание, во смиреност и послушност, исполнувајќи ги верно нашите завети, – да излеземе од тукашната темница и зандана, да се радуваме и смело да застанеме пред лицето на Бога и со добра надеж дека ќе ги добиеме благата, кои им се ветени на оние што живеат за Божја слава.
Обработи,
О.М.П. 2022