www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,545,550
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM IV

Светиот преподобен Теодор Студит

76 – 100

Кој живее свето, тој секогаш има празник

76.

1. Кој живее свето, тој секогаш има празник. Сакате ли и вие да го имате? Бидете ревносни за светите богослужби и претрпувајте сѐ.
2. Помнете зошто сте излегле од светот, и тоа нека ви биде цел; особено пазете на чистотата на душата и на телото, оддалечувајќи се од оние што грешат против ова.

1. Кој живее свето, тој секогаш има празник, тој никогаш не престанува празнично да ги минува деновите, бидејќи се просветува, очистува, издигнува нагоре, секогаш е божествен и обожуван. Ако сакате да бидете такви, ве молам бидете самоподвижни, со добра слободна волја, сами да се поттикнувате на секое добро дело и на сѐ што Му е угодно на Бога, издигнувајќи ги своите очи во соѕерцание на вечните блага, па затоа прифаќајте и поднесувајте сѐ што е мачно и страдално во вашиот живот: притеснувања, насилства, невола, лоши зборови, трудови, измачувања, страдање и секаква друга мака и измачување, за да го добиете она што го сакате, она за што сте излегле од овој свет. О, отци мои, колку е блажено, да се живее праведно, целосообразно и со вера! И колку е преподобно и прекрасно да се минуваат деновите во скрушеност, смиреност и робовност, подготвувајќи се за излегување од телото, за среќавањето со страшниот Судија на сите – Бога и давање одговор пред Него!

2. „Арсениј, зошто си излегол од светот?“- Овој голем Божји угодник и преподобен отец често си го поставувал ова спасоносно прашање. И ние треба јасно да знаеме зошто сме излегле од светот и со сите наши сили да се трудиме тоа да го постигнеме, украсувајќи го нашиот живот со убавината на добродетелите и приготвувајќи ги нашите души за невести Христови и Божји, преку запазувањето убавината на пресветлото девство и да се запазиме себе чисти, непорочни и неосквернети, зашто сме именувани храмови Божји. Во Светото Писмо читаме: „Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие“ (1. Кор. 3, 17). Затоа, јас за некои плачам и ридам затоа што „не се обидоа да Го задржат Бога во разумот свој, затоа Бог ги предаде на нивниот изопачен ум – да го прават она што не прилега“ (Рим. 1, 28). Сакам да ви кажам, дека „А вие уште се гордеете, место да плачете. Нека се исфрли од вашата средина оној што го направил тоа дело“ (1. Кор. 5, 2). Од ова ве напаѓа невнимателноста, а понатаму и истата страст, зашто вие не се згрозувате од него, како што е потребно. Вие се дружите со него и се смеете заедно со него, станувајќи слични со она, за што со изобличување говори пророкот: „Кога ќе видеше крадец, се зближуваше со него и со прељубници се дружеше“ (Псал. 49, 18). Впрочем, не гневете се против мене за ова и вакво изобличување, зашто тешко мене, ако не ве изобличувам и не бидам на ваша страна за вашите праведни дела, а тешко и вам ако не се отстраните од оние што живеат лошо.

77.

1. Животот е многу разбрануван, но најнапред молете се – кормиларот ваш да биде внимателен и мудар, а потоа веселете се со надежта дека ќе пристигнете до добриот крај. 2. Слушам дека зборувате многу и околу незначајни работи затоа што немате смирение.
3. Нашите свети отци: Доротеј, Доситеј, Акакиј и други, сѐ примале смирено и молчејќи, и секогаш биле спокојни.
4. Нас нѐ обеспокојуваат нашите сопствени желби, нивното неизвршување нѐ вознемирува затоа што сме заборавиле за наградата што им се дава на оние, кои што се откажале од своите желби.
5. Кај нас има многу болни: вие болните трпете, а вие болничарите – трудете се смирено. Гледајте да нема неред кога го примате лекарот. Откако ќе оздравите, бидете зафатени со работа.

1. Пак и пак останете спокојни, бидете трпеливи и поднесувајте ги нападите – видливи и невидливи, од луѓето и од демоните. Кој не гледа колку е тежок и преполн со борби вашиот живот? Кој не гледа колку е тежок вашиот пат? Затоа секој ден сте напаѓани, затоа имате толку многу неволи, судири со браќата, непријатности при вршењето на вашето послушание и непријатности од сите страни, како на разбранувана морска шир, пловејќи по ова страшно животно море, издигнувајќи го едрото на надежта и, насочувајќи го својот поглед кон небото. Но, најнапред, молете се, вашиот кормилар, со помошта на божествената сила и со молитвите на отците, секогаш да ги има отворени очите на својот ум, за да гледа, да биде внимателен и правилно да раководи со вашиот брод и со вера да го насочува кон тивкото пристаниште на животот, а, потоа, радувајте се и веселете се, затоа што по толку тешкотии и опасности, сте успеале да го препловите животното море, зашто тогаш ќе го наследите вечниот живот. Никогаш да не се колебаш, па макар какви тешкотии да имаш, или да бидеш од нешто задржуван и сопиран, туку чекори сигурно, брзо и радосно, и користи ги сите можни средства, за да го победиш стариот непријател – ѓаволот, и да ги извршиш Божјите заповеди. Ако си млад и ако си почетник во монашкиот живот, прифати ги смиреноста и послушноста; држи се за нив и, по ваквиот добар почеток, малку по малку – ќе постигнеш и совршенство. А ти, ако веќе одамна ја носиш твојата схима, покажи ги и потврди го тоа со превосходството на твоите добродетели, а не со годините, што си ги минал во монаштвото.

2. Ова ви го говорам затоа што слушам, дека меѓу вас има празни разговори, спорови, несогласувања, раздразнувања, неискреност, борби, подбивања и кавги. Се разбира, ова не е кај сите вас така. Ве прашувам, браќа, откаде е ова кај вас вака? Од кои причини настанало сето ова? Јас мислам дека ова не настанало од ништо друго, освен од недостиг на смирение. Затоа, ве молам со зборовите на апостолот: „Браќа, по умот немојте да бидете како деца; за злото бидете како дечиња, а по умот зрели“ (1. Кор. 14, 20); не брборете попусто без секаква корист; кога сакате по секоја цена да бидете во право, не измислувајте многу причини и не изговарајте многу зборови. Светиот пророк прашува: „Нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги, нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него. Очите на Господа се обрнати кон праведниците, и ушите Негови кон молитвите нивни“ (Псал. 33, 12-14).

3. Од што свети Доротеј имал убав и спокоен живот? Од што со истото се насладувале прекрасниот Доситеј, секогаш споменуваниот по добро Акакиј и големо мнозинство слични на нив? Или, да не звучи премногу смело, од што и некои од нашето братство, од оние што сега живеат меѓу нас или оние што живееле и се упокоиле, – кои живееле блажено, без пречки и неволи? – Зар не затоа што биле смирени, што се сметале за ништо и што секогаш биле приготвени да му се покорат на секого и во секоја работа.

4. А мене, за да не кажам и вам, суетата и своеволието не ми даваат да живеам спокојно, мирно и едноставно, за да ги поминам без злоба малубројните дни од овој живот. Па затоа, оној што се вознемирува и измачува, нека не прекорува и обвинува никого, освен себе си, а не своите ближни. Оној што сака да оди право и да живее во мир, нека не настојува да се остваруваат неговите желби, и тогаш жалоста ќе престане, споровите и расправиите ќе замолкнат и, според Јов, дивите ѕверови ќе бидат мирни со него. Освен тоа, знајте и верувајте, дека за тоа што ќе ја носиме облеката, што не ја сакаме, за искинатите чевли, за несаканата мантија, за променетото послушание, за претрпената борба, за поднесувањето на клеветата, дека за сето тоа и за многу други мали работи ви претстои царството небесно. Да се подвизуваме, колку што имаме сили, да се подвизуваме, за да Му угоднме на Господа! И блажен е оној што својата служба вака ја извршува, секогаш свесен – дека Бога го гледа.

5. Многумина од нашите браќа се болни и боледуваат. Болничару, биди храбар, ете, дојде времето за твојата работа; не пропуштај ја оваа прилика кога можеш да насобереш голема награда за твојата грижа за болните, награда, која е поскапоцена и од златото и од скапоцените камења. А вие болните, приберете ги плодовите на трпењето; не барајте повеќе од она што ви се дава, за заедно со телото да почне да ви боледува и душата. И зошто сте така невнимателни? Зошто кога доаѓа лекарот сите притрчувате при него; сите го прашувате, сите му ги покажувате своите рани и се жалите на своите болки? Зар не се срамувате од него, кој е мирјанин? – Можеби другпат тој воопшто и нема да дојде тука. Токму затоа ви ја правам оваа забелешка и имам желба да се поправите. Зошто не се трудите да запазите ред? Секој може на ред, кога ќе му дојде редот, да пристапи кон него и да му каже што му е и што го боли: а, ако е тоа потребно, може да му се обрати и преку болничарот или неговиот помошник. А ова безредие е нешто многу лошо. Не така, чеда мои, и настојувајте во иднина да не биде вака. – И уште: не ползувајте се со вашата болест, за да бидете без работа, па кога ќе подоздравете – да не одите таму – ваму и да не ја извршувате својата работа. Исто така, не бидете невоздржливи, за да не се разболите пак и да им бидете товар на здравите. Но, и вие што сте здрави, заради Господа и заради братската љубов, трпеливо служете им на болните браќа и носете го товарот на немоќните.

78.

1. Како што при приближувањето на Арабјаните се трудиме никако да не паднеме во нивните раце, така да се пазиме и од духовните непријатели, откако ќе се наоружаме со духовно оружје.
2. Да не се предаваме, да продолжиме храбро да се бориме и ќе го добиеме мирот на бестрасноста.

1. Во денешно време Арабјаните ни влеваат страв, кои обично напаѓаат ненадејно и не само што го пленат имотот, туку ги запленуваат и луѓето, а оние што не ги запленуваат, нив безмилосно ги убиваат: убиваат мажи и жени, и стари и млади. Но, ако погледнеме внимателно, ќе видиме дека и ние сме напаѓани со не помалку страшни напади и со не помало тиранство, само не од луѓето, туку од демоните. Тие водат со нас непрестана и жестока војна, која не ни дава никогаш спокој; таа нема ни одредено време: едни ги напаѓа со стрелата на гревот, други – ги врзува со веригите на страстите и ги одведува пленици во духовниот Египет, трети – се исполнувани во секој свој член, душевен и телесен, со отровот на гревовните похоти; на четврти им го одземаат семето на Божјото слово и ги измачуваат со духовна глад. И други разни подбивања прават со нас и нѐ измачуваат. Блажен е меѓу вас оној Христов војник, кој, откако ќе се вооружи со духовниот меч на верата, нанесува рани, а тој самиот не е рануван, запленува – а тој самиот не е запленуван. Да се воодушевиме и сите ние, да се вооружиме не со телесно, туку со духовно оружје, и да се бориме храбро со оние што нѐ напаѓаат, стоејќи во збиени редови и помагајќи си еден на друг. Никој да не биде без оклоп, кој ја означува, според апостолот, силната вера; никој да не биде без штит, кој го означува смирението; секој нека има меч, – тоа е божествената молитва; никој да не биде без шлем, – тоа е послушноста; никој да не биде без душевен коњ, – тој е живата подготвеност за секое добро дело. Никој да не биде и без останатото оружје, – кое ја означува живата подготвеност за секое добро дело и за запазување на нашиот внатрешен човек. Да не им дозволиме на нашите непријатели да нѐ рануваат и да нѐ ставаат под своите нозе. Силниот во војни Господ, Кој со оружјето на крстот ги победил началствата и властите на овој свет и нивниот началник и господарот на овој живот, Он ни дал и нам власт да настапуваме на змии и скорпии, и на секаква демонска сила (сп. Лука 10, 19).

2. Внимавајте, да не бидете спори, зашто спорите се прободувани со копје и умираат. Исто така, гледајте, да не дејствувате под дејство на страстите, зашто оние што дејствуваат под дејство на страстите умираат со вечна смрт. Да ги немате во умот свој ни лукавите помисли, зашто таквите паѓаат во плен; не бидете непослушни, зашто непослушните стануваат цел за стрелите на непријателот; не бидете горди, зашто горделивите паѓаат од мечот на гревот; не бидете мрзливи и не оставајте го пеењето на псалмите и вашата рачна работа, зашто, постапувајќи така, се предавате во рацете на ѓаволот; ова се случува особено тогаш, ако скришно правите лошо, а надворешно се покажувате поинакви, отколку што сте внатре. За сето ова вака говори апостолот: „Внимавајте добро како живеете! Не како безумни, туку како мудри, ползувајте го времето, зашто дните се лукави“ (Ефес. 5, 15-16). Но, бидејќи имаме веќе доста години, треба веќе да имаме доволна воена опитност, а оној што се научил да војува, не се плаши од непријателите. Затоа, ве молам, чесни борци Господови, вие кои сте Негов народ, избрани Негови војници, не плашете се и не предавајте се. Но, ако бидеме ранети, раните со покајание ќе ги лекуваме; ако сме заклани и умртвени, преку солзи и епитимии ќе бидеме оживеани; ако сме одведени во духовниот Вавилон, ќе се ослободиме со причестувањето со чесното Тело и пречистата Крв на нашиот Господ Исус Христос. Ако вака трпеливо устоиме во борбата, тогаш борбата постепено ќе биде отстранета, непријателите ќе побегнат, бестрасниот мир ќе болсне во нас, и ќе бидеме наречени синови Божји, зашто е напишано: „Блаженн се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!“ (Матеј 5. 9).

79.

1. Времето брза; треба да внимавате што работите, – грижете се особено за смирението и кротоста, подражавајќи Го Христа.
2. Ангелите и светиите нѐ гледаат; срамота е ако не живееме како што треба да живееме, па макар и да е тешко; големи награди ни се подготвуваат.
3. И рајот и пеколот се пред нас; кој што ќе одбере, тоа и ќе добие.
4. Оној што дејствува според страстите, делата негови се дрва и сено; тој вечно ќе гори и нема да изгори.

1. Времето брза и нѐ влече кон крајот на сегашниот живот. Но, кој е тој што го разбира ова и што размислува за ова, кој е тој што попусто не го губи времето на сегашниот живот и не останува рамнодушен кон делото на своето спасение и им се спротивставува на ѓаволските лукави искушенија? Кој е оној што чекори по патот на овој живот, внимавајќи на себе, кој не се предава на безгрижност, туку секојдневно се подготвува за смртта и секое свое дело, духовно и телесно, го претставува пред лицето на Бога Седржителот? Кој е оној што го издигнува окото на својата душа кон небото и ги разгледува убавините на тамошните виденија, сета своја љубов ја пренесува во копнежот по тамошното, извишувајќи се заедно со горните сили, сметајќи ги ништожни сите тешки непријатности, туку спокојно ги поднесува навредите, и понижувањето и тешките страдања, – гладот и жедта, и се враќа кон своето братство како скапоцен камен, како што е напишано? – Впрочем, јас меѓу вас гледам не еден и двајца, туку многумина, кои со искрена вера и силна ревност го барате вистинското, а притоа сте внимателни кон поуките, послушни, трпеливи, доверливи и верни, иако не сте добиле училишно и научно образование и не го пополнувате овој недостаток ни со многу читање, ни со размислување, ниту со учење напамет; таквите имаат само едно, она што е најпотребно, а со тоа се слични на Христа, а тоа е: смирението и кротоста, според зборовите на Господа: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце“ (Матеј 11, 29). Погледнете ги со внимание светлината и вистината, правината и кротоста, смирението и добрината. Воздржувајте се, ве молам, од секое раздразнување и од негодување. Светиот пророк Давид извикува: „Синови човечки, до кога ќе бидете со тврдо срце; до кога ќе сакате суета и ќе барате лага?“ (Псал. 4, 2). „До кога, Боже, ќе се гордее над нас непријателот? Вечно ли противникот ќе го дразни името Твое?“ (Псал. 73, 10).

2. Простете ми, се срамувам од светите ангели, зашто тие гледаат, како наши пазители; се срамувам и од светите и преподобни отци, чиј образ на живеење сме го зеле на себе и се трудиме да живееме, како што живееле тие. Браќа, преподобното да го извршуваме преподобно и светото свето да го исполнуваме. Ве молам, не бидете со тврди срца и непокорни, ни противречни; не бидете груби на зборови, гневливи и горделиви; не бидете подбивни, клеветници и навредувачи; не бидете шегаџии и премногу смели. Бидете богољубиви, а не блудољубиви; бидете молчеливи, а не празнословци; бидете им облека на сиромасите, а не наконтени; очите ваши нека гледаат надолу, а умот издигнувајте го; бидете внимателни и пазете се да не бидете ранети од некоја гревовна стрела. А што потоа? Што нѐ очекува тогаш? – Место трудови – спокој ни се приготвува, место подвизи – венци, место навреди – чест и слава, место понижувања – пофалби, место поробување – поздрави радосни, место робување – власт над десет градови, место лишување од родители и роднини – наследство и сонаследство заедно со нашиот Господ Исус Христос, за откажување од својата волја – водворување заедно со првомаченикот Стефан, а ова привремено овде – како сенка преминува брзо, а тамошното – е вечно, бесмртно и бескрајно.

3. Ако сакате да го добиете царството небесно, ако сакате да го вкусите вечниот живот, ако го сакате божественото посиновување, ако сакате да бидете жители на рајот, ако сакате да се успокојувате во прегратките на Авраама, ако сакате да се удостоите со сите овие блага и со други слични на нив, сѐ е можно за вас, сѐ е достапно и сѐ ви е подготвено. Но, ако го посакувате она спротивното, огнот што не изгаснува, црвите што не спијат, пламенот пеколен, чкртањето на забите, делот на козите, судбата на проколнатите, тоа и ќе ве пречека и ќе го имате, но со вас да не биде така! Но, тоа ќе биде така, ако не живееме добро, ако не се украсуваме со добродетелите, ако не живееме монашки и богоугодно. Добриот ја запазува својата душа, ги запазува и своите браќа, ме запазува и мене бедниот. Оној што прави добро и што оди побожно пред Божјото лице, чесни се и зборовите негови и лицето негово; тој е блажен и блажен спомен зад себе ќе остави.

4. Каква полза има грубиот од своето тврдо и грубо лице? Каква полза има непокорниот од својата непокорност? Каква полза имаат непослушниот и горделивиот од својата непослушност и горделивост? Зар со ова не го собираат гневот за денот на гневот и за откривање на праведниот суд Божји? И не ли е нивното дело слично на дрва, сено и трски, и нема ли на нив да се исполнат зборовите: „Чие дело ќе изгори, тој ќе биде оштетен, а самиот ќе се спаси, но како низ оган“ (1. Кор. 3, 15). Во идниот живот таквиот ќе биде телесно горен со пеколниот оган, душевно ќе се измачува и срцето негово ќе се раскинува, прекумерно и бескрајно, ќе ја гледа славата на светиите и ќе ја посакува и ќе биде лишен од неа во целата вечност. Ниеден од нас да не биде постигнат од ова и од ваквата состојба! Затоа, додека сме уште овде – да се очистуваме со огнот на стравот Божји, за да не го почувствуваме идниот пламен.

80.

1. Ја пофалувам вашата послушност. Останете вакви; задоволувајте ги потребите на другите и бидете послушни; вака дејствувајте и имајте страв Божји.
2. Збогатувајте се со дела милостиви, угледувајќи се на Господа; не бидете горделиви, ако успеете да направите нешто, не очајувајте, ако не успеете.

1. Гледајте како растете, како се издигнувате, како се усовршувате, какви плодови Му принесувате на Бога и на нас, како напредувате во вашиот добар живот: со послушност спасувајте си ги вашите души. Во вашето смирение сте ја издигнале славата на вашиот живот, во вашата послушност се пројавува сведоштвото на вашата совест: дека без лукавство и лицемерност го извршувате вашето послушание. – Кога ќе биде некој одреден за една, а друг – за друга работа, извршувајте ги совесно вашите задолженија, но, молам, правете го тоа не пристрасно, не непријателски и не небрежно, туку како пред лицето на Самиот Бог, Кој гледа сѐ; еден го дава послушанието, е друг го прима разумно, совесно и чесно, за да може во оној ден да ги слушне зборовите: „Убаво, добар и верен слуго! Во беше верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар“ (Матеј 25, 21). Простете ми, но за овие зборови не се достојни оние, кои со страв Божји не ги гледаат потребите на своите браќа од облека и обувки; тие ќе ги слушнат зборовите: „Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа, и нека е проклет кој го задржува мечот Негов од крв!“ (Јерем. 48, 10). Зашто колку зла се раѓаат од ова? Од една страна, ропски однос, а од друга, расипување на добрите односи. Ова го говорам не затоа – тие што добиваат да стануваат против оние што раздаваат, туку затоа – вие што раздавате, да го правите ова од братска љубов и во страв Божји, на најдобар начин да ја извршувате управителската улога што ви е дадена. Ако дејствувате така, тогаш мирот и редот сѐ повеќе ќе се зајакнуваат и вкоренуваат во нашето сакано братство.

2. Ве молам, браќа, и ве преколнувам, исполнете ги вашите срца со секаква добрина, имајте љубов еден према друг, радувајте се кога браќата ваши напредуваат во доброто, и жалете кога паѓаат во гревови. Апостолот говори: „Каков е земјениот, такви се и земјените; и каков е Небесниот, такви се и небесните“ (1. Кор. 15, 48). Небесниот Бог „Он сака милостиња и суд праведен: со милоста Господова е исполнета земјата“ (сп. Псал. 32, 5); „Со Твојата милост, Господи, земјата е полна“ (Псал. 118, 64), пее светиот пророк и цар Давид. Да Го подржуваме Бога, па денес да направиме едно добро, а утре друго, па тогаш и од неуспехот нема да очајуваме, ниту од успехот ќе се гордееме. За успесите треба да Му благодариме на Бога, зашто „тоа зависи не од оној, кој пожелува, ниту од оној, кој трча, туку од Бога, Кој милува“ (сп.Рим. 9, 16); а во првиот случај ќе потрпиме, и желбата ќе ни биде исполнета, зашто Господ нѐ уверува, дека „секој што моли, добива, и кој бара наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори“ (Матеј 7, 8). На тој начин, постепено и ден по ден ќе го извршувате вашето спасение, спасението на вашите души, издигнувајќи се повисоко и повисоко. Сега е времето на вистинската трговија и време на натпреварување духовно, време кога можеме вистински да се збогатиме со вистинските и вечни блага. Блажен е оној што трча, преблажен е оној што трпи, а најблажен е оној кој огнено копнее по Бога и секој ден гори од љубов према Него.

81.

1. Беснеењето на страста е пострашно и од мечот; да внимаваме и да се оградуваме со заповедите, вооружувајќи се со одвратноста кон гревот.
2. Денес еден, а утре – друг демон станува против нас: сите треба да ги одбиваме со името на Господа и со принудување на себе кон доброто; и не бидете малодушни кога ви наложуваат епитимија.

1. Нека острат мечови против мене, нека ми нанесуваат рани, нека ме прогонуваат и со смрт нека ми се закануваат; не се плашам јас од сето тоа толку, колку што се плашам од демонскиот напад во мојата смирена душа, кога гревот што царува во мојата душа, како некоја вооружена војска, испраќа против моите добродетели мнозинство одвратни страсти. Тогаш ми е страшна стрелата на гревовната сласт, која го ранува не телото, туку душата моја ја пронижува со тој невидлив меч. Еве од што се плашам и од што треперам. Браќа мои, да внимаваме на себе, да гледаме да не навлезе во градот на нашата душа некој од овие непријатели, или некоја горда помисла, или гревовна сласт и непослушност, која внесува немир, или погубно самоволство, или нераскајана ожесточеност, или упорност непопустлива, или самооправдување неубедливо или нешто друго што може да ја вознемири душата. Но, да се оградиме со заповедите, како со оклопи, за да бидеме секогаш заштитени и во безопасност. А, ако се случи некогаш некој од овие крадци да навлезе во нашата душа, тогаш веднаш штом ќе го забележиме, што побрзо да го фатиме, да го врземе и да го отфрлиме, што подалеку од нас. Да се вооружиме особено против страстите, срцето наше да го направиме тврдина и духот наш недопирлив, та кога ќе се бориме – да не паѓаме, туку далеку од нас да ги одбиваме оние што нѐ напаѓаат – нашите невидливи непријатели.

2. Сега нѐ напаѓа еден демон, утре нѐ напаѓа друг, а потоа некој друг, па некој друг демон, на пример, духот на блудот, на чревоугодието, на високото мислење за себе, гордоста, дрскоста, самоволието и духовите на другите безбројни страсти. Против сите нив треба да се бориме, и сите да ги победуваме со името на нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе нѐ украси со венци за победа во денот на судот. Блажен е оној што го слуша ова, што го разбира и што го применува и, ќе го додадам и ова, кој секојдневно се принудува да ја води оваа духовна борба. Зашто делото на спасението бара напори и него го добиваат само оние, кои се самопринудуваат на напори. Затоа, не треба да се чудиме кога нѐ напаѓаат искушенија: тие се случуваат за да бидеме испитани и да се приучиме на духовна борба. Не бидете малодушни кога ве вразумуваат, кога ве изобличуваат и кога ви наложуваат епитимија и, ако е потребно, и кога ве одлачуваат, но бидете храбри и борете се со уште поголема ревност, зашто во тоа е нашето спасение, во тоа е нашето преуспевање, во тоа е и нашето мачеништво и нашите венци.

82.

1. Еден од нашите браќа си отиде. Зоштo? – Затоа што не внимаваше на себе и затоа што им се предавал на измамливите помисли; ако беше внимавал, стиховите на псалмите ќе го вразумеа и волјата негова ќе беше утврдена.
2. Војниците им се верни на земните цареви заради даровите што им ги даваат овде на земјава, па зар ние, зар да не Му бидеме верни на нашиот небесен Цар, Кој ни го ветува царството небесно? Да бидеме такви, да ги подржуваме нашите духовни отци.

1. Јас ве потсетував дека треба да внимавате против нападите на нашите духовни непријатели. А сега ќе ви укажам на еден плод од ова невнимание према себе; кутриот наш брат Авакум избега од нас. Се разбира, ова стана затоа што не внимавал на себе и што немал духовна одбрана. Тој имал добри мисли, кои можеле да се борат за него, ги имал тој, но тие биле измамливи; тие Го скривале Бога и Неговата правда од неговата душа. Затоа тој и пострада вака: самиот се одвои од нашата средина и отиде по ѓаволот. И каде талка сега, како овца фатена од зверови, без духовен пастир и без пасиште? – Како може сега да Му пее пофалба на Бога, од Кого отпадна со нарушувањето на заповедите свои? Како може да го пее овој стих од првиот псалм: „Блажен е оној човек, што не оди на совет безбожнички, не застанува на пат на грешници и не седи во друштво на развратници“ (Псал. 1, 1), кога тргнал по овој пат? Или како ќе може да ги изговара следниве зборови: „Тоа е моето одморалиште засекогаш: тука ќе се населам, бидејќи многу го засакав“ (Псал. 131, 14)? Далеку се од него зборовите: „Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене и ја чу молитвата моја“ (Псал. 39, 1). Многу повеќе ќе му одговараат нему овие зборови: „Им се закани на горделивите; проклети да се оние, кои се отклонуваат од Твоите заповеди“ (Псал. 118, 21). Тој е проколнат и ќе остане проколнат, ако Господ Бог, по молитвите на мојот и вашиот духовен отец, не го приведе кон обраќање. Но, зошто бива ова вака со нас“? Зошто сатаната успева да нѐ покори и да нѐ плени? Зошто дозволуваме да не бидеме приврзани со стравот Божји и да не бидеме облечени во оклопот на љубовта према нашиот Христос Бог? Зошто дозволуваме да бидеме победувани од нашите похоти и на тој начин да се покажуваме студени, прељуботворни колебливи и бесплодни? Каде е верата према нашите отци? Каде е нашата љубов према браќата? И како ќе можете да се спасите од вашите телесни и духовни искушенија кога ве нападнале тешкотии и кога немате сили, кога го напуштате бојното поле пред започнувањето на борбата?

2. Гледате ли како војниците на земниот Цар му остануваат верни, како се борат за него, се изложуваат на опасности и ја пролеваат својата крв? Зошто го прават тоа? – За да добијат од него почести и високи звања. Нашите подвизи не се такви. Ние ги правиме заради Бога, Кој е вечен и невидлив Цар на сѐ; не го правиме за придобивање на нешто земно, туку за царството небесно, за да станеме сонаследници на Господ Исус Христос, за да го вкусиме она, што око не видело, уво не слушнало и што на човекот на ум не му паднало. Но, сепак, ние не сите и не секогаш Му остануваме верни на Бога; нас можат демоните да нѐ измамат и да нѐ одвлечат. Но, зошто не сме трезвени и внимателни? Зошто не сме силни? Зар не сме синови на Светлината? Зошто да не бидеме чеда на послушноста? Зошто не покажуваме дека сме семе свето? Зошто секоја наша помисла не Му е послушна на Христа? Зошто да не се издигнуваме над световните мудрувања? Зошто не умираме за Христа, па дури, ако е потребно, и повеќепати на ден? – Еј, чеда мои, да бидеме синови на силата, војници Христови, вистински народ Божји, хор ангелски, војска непоколеблива, според примерот на нашите свети отци и сите блажени нивни чеда, кои живееле под нивно раководство, та да го газиме сатаната со нашите нозе и да го посрамуваме, како што го правеле тоа свети Силван, преподобен Доситеј и секогаш спомнуваниот Захариј и сите нивни преподобни следбеници. Зашто не биле прославени само Доситеј, преподобниот отец наш, и не само Силван, и не само Захариј, туку и сите нивни верни ученици и следбеници се учесници во нивната слава. Ве молам, да бидеме и ние меѓу нив. Да не дозволиме да бидеме победени од непријателските напади, да не се плашиме од нив, да не си дозволиме да умреме со гревовна смрт, туку во сите останати денови и часови од нашиот живот да поживееме, угодувајќи Му на нашиот Господ Бог.

83.

1. Ништо да не нѐ одвојува од љубовта Божја; да се задржиме во подвизите и добродетелите сѐ додека не дојдеме до големината на Христовата мерка.
2. Големо нешто сме направиле што сме се откажале од светот; да не го посрамиме ваквиот наш почеток: да не бидеме мрзливи и да не си угодуваме на себе, туку во сѐ да ги подржуваме светите отци.

1. Кога ќе настане некоја сенародна неволја и кога се сите избезумени, ние да Му се молиме на Бога дење и ноќе, да Му се молиме со солзи и со воздивнувања за да го претвори гневот во милост и да го востанови мирот во светот. Неговата премудрост е непрониклива и Он може сѐ да сврти на добро, особено со што би можела општата несреќа да нѐ зафати и нас. Зашто, како што говори апостолот: „Знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро“ (Рим 8, 28), така што ни оваа неволја, ни некоја друга – пострашна од оваа, или, искажувајќи се со зборовите на апостолот: „Сигурно знам, дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било создание нема да може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ“ (Рим. 8, 38-39). Затоа, вознесувајќи се кон Бога и гледајќи ги благата, што сме ги отфрлиле, од таква височина, да го правеше подвигот, што сме го презеле, со радост, со одлучност, со ревност, без очајание, без колебање, без да ослабуваме од постот, без да се изморуваме од бдеењата, без да бидеме натажувани од молитвата, без да се преплашуваме од трудовите во извршувањето на заповедите, туку кон сето ова и да брзаме и да трчаме, како да одиме на некој празник или веселба, или подобро е да се рече, како кон светлина, како кон Самиот Бог, и на тој начин да минуваме од сила во сила во извршувањето на заповедите, и од слава во слава во украсувањето на себе со добродетелите, збогатувајќи се сѐ повеќе и повеќе со божествените совршенства, сѐ „додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на возраста на Христовата полнота“ (Ефес. 4, 13), за нашиот Господ Исус Христос, за Кого се распнавме за овој свет и светот се распна за нас (сп. Гал. 6, 14), за Кого оставивме сѐ и го сметавме за ништо, за само него Единиот да Го придобиеме (сп. Филип. 3, 8).

2. Гледате ли, драги чеда, каква и колку голема работа сме завршиле со тоа што сме избегале од светот и што сме се откажале од сѐ во овој живот, од роднини и татковина, од родители, од браќа и сестри, од градови, од домови и воопшто од сѐ со што се утешуваат телото и крвта? – Да не ја посрамиме и оваа и ваква наша работа со мрзливоста, негрижата и невниманието, а тоа би било тогаш кога би почнале да ги исполнуваме желбите на нашето тело и да дејствуваме според нашите душевни страсти. Не биле такви нашите свети и преподобни отци, кои ни оставиле примери за смирение слично на она што ни го покажал нашиот Господ Исус Христос, послушност без размислување, искрена вера, одвратност кон светот, љубов кон Бога, прекрасните подвизи и преподобните дела. И ние да ги подржуваме, приморувајќи се да одиме по нивните стапки, та да се удостоиме и со нивната чест.

84.

1. Кои не се вакви? Оние што живеат лошо, особено оние што не се задоволни со сиромаштијата на манастирското живеење, оние што живеат во спротивност со своите монашки завети.
2. Треба да се задоволуваме со она што ни се дава на манастирската трпеза, секое давање да го сметаме како дар од вечноста, а вака и јас секогаш сум чувствувал.
3. Нашата трпеза не е лоша, а во нашата болница и храната и се друго е многу добро.
4. Кон ова ќе го додадам и следново: ние не сме донеле ништо во манастирот; и овде не придонесуваме многу, туку зависиме од другите браќа, кои се во сѐ подобри од нас и се трудат многу повеќе од нас и трпат: преведен е Божјиот гнев на вас.

1. Господ говори: „Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот и која: ќе ви ја даде Синот Човечки, зашто врз Него ставил печат Бог Отецот.” (Јован 6, 27), односно извршувајте ги заповедите, поучувајте се во законот Господов дење и ноќе, за да бидете како дрво насадено покрај вода и да ви биде даден плод во свое време, а листот на вашето спасение да не опадне во идниот живот. А не е така со богопротивните, со нив не е така: тие ќе бидат развеани, како што бива развејуван правот од лицето на земјата (Псал. 1, 3-4). А за богопротивни ние треба да ги сметаме не само оние, кои неправилно веруваат во Бога, туку и оние што не ги извршуваат заповедите на Господа; тоа се непослушните, горделивите, лукавите во своите зборови, суетните, претерано смелите, оние што скришно јадат, оние што мрморат, што сакаат да се украсуваат, љубознателните, кои насекаде гледаат и за сѐ испрашуваат, мрзливите, безгрижните, шепотливите, своеволните, клеветниците, а особено неблагодарните и оние што бараат повеќе отколку што им припаѓа. – Тие не се благодарни со даровите, кои им се даваат од Бога: со она што му се дава на секого во манастирот, туку, занемарувајќи ја својата душа, повеќе се грижат за своето тело, и бараат јадење и пиење, за кои не се достојни, а се борат за нив, истакнувајќи дека имаат потреба за подобра храна со оглед на својата телесна состојба, своите немоќи и навики. И, можеби, би било подобро кога би се разболеле, зашто преку својата телесна болест би се избавиле од својата најголема болест, неблагодарноста. – Тие како да заборавиле, несреќните, при своето влегување кај нас што ветиле пред Бога и изјавиле пред лицето на многу сведоци, видливи и невидливи. Зар не ветиле дека ќе живеат во глад и жед и дека ќе поднесуваат секаква незгода и теснотија, гонења, маки и смрт? – А сега војна водат за храна и за вино! – Но, како што се подбиваат со својот завет, така и со нив ќе се подбиваат. И кога заборавиле дека Бог го слушал нивното ветување, па затоа се плашам Бог да не „ги предаде на нивниот изопачен ум – да го прават она што не прилега“ (Рим. 1, 28).

2. Вие што сте вакви, отрезнете се; одгонете ја дремката од вашите души, ослободете се од негрижата за божественото, од вашата приврзаност кон земното и од вашата млакост, нека се разгорат во вас божествената љубов и стравот Божји. Примете ја казната и облечете се во оружјето на правдата. Треперете и плашете се и не војувајте околу тоа што ви се дава на трпезата. Не говорам само за тогаш кога ви се дава варено јадење, риба и сирење, туку и тогаш кога ви се дава само леб со маслинки, разварен грав и нешто друго слично; и ова треба да го сметате за голема утеха. И кој од оние, кои имаат вистинско смирение, нема да се исплаши, кога ќе помисли – дека и за ваквата утеха ќе биде лишен од вечните блага? Ќе кажам за себе, дека сметам секое јадење и пиење, особено она што ми се давало за време на моите телесни немоќи, дека е расчистување на патот што води во пеколот. Верувајте ми, иако зборувам безумно, ако не бев опфатен од страв да не се покажам непослушен према нашиот духовен отец, јас никако не би ја променил вообичаената мерка на земање храна сѐ до самата смрт. Само поради таа причина јадев и пиев разни работи, но, пак ќе речам во моето безумие, дека го правев тоа со болка на срцето, дека офкам со огорченост, од една страна, поради моето недостоинство, а од друга, поради загриженоста за вас немоќните и поради немаштијата во нашиот манастир.

3. Впрочем, според благодатта на Христа Господа, ние имаме сѐ што ни е потребно: о неблагодарни, благодарете Му на Бога! Ние и вино пиеме, и зејтин и риба јадеме, се одмараме и се лекуваме во нашата болница, – и не еднаш или двапати, туку секој ден. Нашиот избран брат, кој добил опитност во лекувањето од болестите, е главен наш болничар: тој има тројца помошници, а понекогаш и четворица. Во болницата има посебен готвач, одделен набавувач, посебен приготвувач на лекарства, завои и други потребни материјали. Работите таму не престануваат ни за миг. И расходите за таму не се мали. Таму секој ден се дава риба, која се набавува или директно од рибарите или на пазарот. Таму се трошело и се троши многу вино, маслинки, мед, чист леб и многу други работи. И како за сето ова, ние неблагодарните, да не Му благодариме на Бога? – Како да не Го прославуваме? Како да не Го восфалуваме?

4. Ќе го додадам уште и ова: ние самите не сме донеле ништо во манастирот, а и од нашата работа нема некоја особена полза, а сакаме да ни биде дадено и едно и друго. – А не сме способни за ништо: ни да бидеме вратари, ниту да служиме на трпезата. Но, ние нечувствителните и неразумните, не чувствуваме и не разбираме, дека можеби ние сме последните, и дека другите наши браќа и отци се многу повредни и подостојни од нас, оние што се во манастирот и надвор од него, кои се изложени на студ и ветер, на жештина и на пот, кои, како робови, копаат, ораат, го режат лозјето, перат, шијат, коваат, одат пеш по работа в град, по поле и в шума, – се трудат и се преуморуваат, но сето го поднесуваат спокојно. -Навистина, царството небесно е на таквите! А ти што си слеп, со тврдо срце, лукав и очаен, труди се во оној страшен ден да не ги слушнеш зборовите: „Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби!“ (Матеј 22, 13). Тешко вам! Вие не се плашите од Божјиот гнев, затоа што гледате дека Он не накажува овде. Навистина, за вас е речено: „Рече безумникот во срцето свое: ,нема Бог’“ (Псал. 52, 1). Зошто? Затоа што „рече безумникот во срцето свое: ,Нема Бог“. Се развратија луѓето, извршија гнасни дела, нема кој да прави добро. Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки, за да види, има ли кој Го разбира и Го бара Бога“ (Псал. 13, 1-2) и таквите ги запазува во книгата на животот, а другите ги изоставува. Се плашам да не дојде светиот Божји пророк Давид, да не запее за нас и да не се исполни врз нас она што се пее: „Раздели ги во нивниот живот“ (Псал 16, 14). Кого? – Тие, лошите од оние што живеат добро. Туку: „Разберете го ова вие, кои го заборавате Бога, за да не ве грабне, па тогаш ќе нема избавител“ (Псал. 49, 22). Чеда мои сакани, простете ми мене неразумниот, затоа што ги изреков овие зборови од љубов према вас, мислејќи дека е подобро да ве ишибам сега со камшикот на моите зборови, отколку потоа да бидете подложени на вечните казни, од кои да бидеме избавени сите со благодатта на нашиот Господ Исус Христос.

85.

1. Жално е што уште двајца од нашите го напуштија манастирот.
2. Не треба да се надеваме ни на себе, ни на другите.
3. Кога ќе успееме да направиме нешто и сосема малку, ние веднаш почнуваме да се гордееме, а токму поради тоа и паѓаме.
4. Внимавајте на себе, а молете се за другите.

1. Пак искушение, пак соблазна: пак сум јас кутриот во плач и во жалост затоа што двајца од нашите браќа нѐ напуштија и избегаа од нас. Паднале оние што мислеле дека живеат возвишен живот, што се помрачиле, што се сметале мудри, кои поднеле голем труд и пролеале многу пот на побожноста во текот на многу години, а сето тоа го загубиле само во еден миг, а за мене станале место лозје – трње, место веселба – жалост и место очекување среќа – несреќа. И не знам што да кажам за духовното паѓање и искршеноста на нашите браќа. Зар треба само да седнеме и да плачеме, велејќи: „Ако е ова така, тогаш кој може да се спаси, Господи?“

2. Затоа и не треба да фалиме никого пред неговата смрт. Толку е тежок патот на нашето спасение. И кој може да ги избегне сите итрини на ѓаволските искушенија? Еден од светите отци, кој ја знаел добро оваа вистина, кога бил веќе пред вратата на самата смрт и кога ѓаволот му рекол: „Ти избега од мене,“ му одговорил: „Не знам“. Ете, толку бил недоверлив према себе, така што дури ни во тој последен час не смеел да има тврда увереност во своето спасение, иако имал големи богоугодни трудови.

3. А ние, ако поживееме пет или десет години во манастирот и свикнеме со манастирскиот ред, ако научиме извесни стихови од Светото Писмо напамет, ако направиме толку и толку поклони, или подолго се помолиме или попостиме, тогаш сметаме дека сме совршени и почнуваме високо да мислиме за себе. Поради тоа паѓаме како лисја (Изрек. 11, 14); „како кога грутка земја ќе падне се растура, така се растурија коските наши во пеколот“ (Псал. 140, 7), и ние сме „како тревата на покрив, која се исушува пред да биде истргната“ (Псал. 128, 6). Се сметаме мудри, а сме простаци, се сметаме разумни, а сме неразумни; сами се прогласуваме за учители, ревнители на побожноста и нејзини вистински претставници; изјавуваме дека вистината се задржала само во нас. Затоа вакви работи се случуваат со нас, затоа темнината ја сметаме за светлина, па затоа сме изгонувани од Христовиот двор и од Неговото стадо, како од вистинскиот рај.

4. Затоа, браќа мои, ве молам, внимавајте на себе и не трошете ги малку по малку вашите добродетели и вашата добра вера, за да не осиромашите потполно и да не паднете духовно. Да се помолиме усрдно за оние што си отишле и што се загубиле, за да ги вразуми Господ и да ги врати пак при нас.

86.

1. Се утешувам со вашата тврдост и со вашата постојаност; напредувајте уште повеќе и присилувајте се. Тогаш Божјиот благослов ќе биде на вас; оние што не се вакви, тие не се Божји.
2. Ние сме стапнале сосема изменети и нови во крштевањето, покајанието и во нашето монашко живеење: да не го градиме одново она што сме го разурнале, да не се свртуваме одново кон светот, од кој сме излегле, слично на Израилците, кои, откако излегле од Египет, воздивнувале по него. Да ве поттикнат кон доброто овие мои зборови, и Господ да ви помогне.

1. Секој ден Му благодарам на Бога мојот Отец, што ви дава сила и крепост да стоите тврдо во вашето послушание и смирено Му се молам на Бога – сѐ повеќе и повеќе да ви ги отвора вашите духовни очи, за да ги гледате Неговите патишта, да ја прифатите со сета своја душа љубовта према Него, за смирување на секоја телесна похот и да ја победите силата на страстите, така што, „да бидете совршени и исполнети со секаква волја Божја“ (Кол. 4, 12). А тоа, како што знаете, не бива без напрегнати усилби и не без големи страдања, и не одеднаш; потребно е да вршиме насилство над нашата природа и трпеливо да поднесуваме сѐ што ни се случува во нашиот манастирски живот, било тоа од луѓето, било од демоните. Зашто оној што под тежината на сето ова не ќе изнемогне и ќе претрпи сѐ:, „тој ќе добие благослов од Господа и милост од Бога, Својот Спасител“ (Псал. 23, 5) и ќе се удостои со царството небесно. Затоа е добро и блажено да ги претрпуваме овие страдања, да ги поднесуваме Христовите страдања и да не одбегнуваме од нив, да не се предаваме на она што не е добро: на гнев и кавги, на претерана смелост, на противречења и непријателства, непослушност и спорење, лаги и засмејувања. Како можат таквите да бидат и да се именуваат Христови? Зар таквите не се повеќе синови на злото, чеда на гневот и не наследници на вечните блага, туку на вечните маки?

2. Браќа, зар вашето призвание не е ангелско? Зар вашиот живот не е свет? Зар вашиот одд кон небото не е избран од Бога? – Но, што говори апостолот? – „Ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник“ (Гал. 2, 18). Ние сме го соблекле стариот човек, кој гние и се распаѓа поради разновидната измама на змијата: сме се отстраниле од она што било плод на првото горчливо вкусување и на непослушноста, достојна за изгонување, а преку што влегла во светот многустрадалната смрт; нашата виновност на нашето раѓање во болки, прво преку крштевањето со вода и преку Духот, а потоа, преку големата Божја човекољубивост, – во второто крштевање на покајанието и откажувањето од светот, вашите ветувања се запишани кај Бога при сведоштво на светите ангели, а запишани се и кај мене бедниот. – Ете, така сме се измиле, осветиле, одврзале од веригите на гревот, облечени сме во нов човек, кој е создаден според Бога во исправност и правда, па зошто тогаш да се враќаме назад? Зошто да се враќаме на нашата блувотина? Зошто погледот наш не е свртен кон царството небесно? Затоа што, според зборовите на Господа, сме ја ставале раката наша на ралото, а се свртуваме назад (Лука 9, 62). Господ ми е сведок дека ви го говорам ова затоа што ве љубам, што се грижам за вас и дека тешко се измачувам. Што говори Светото Писмо на Стариот завет за Израилците? – Дека со срцето свое се свртеле кон Египет затоа што си спомнувале за кромидот, месото и египетските котли и за своето страдално живеење таму (2. Мој. 16, 3). Така и ние се свртуваме кон она што е во светот, кон она што сме го правеле некогаш таму и почнуваме да го правиме и овде. – Тешко мене! Како ние, кои сме требале да бидеме еднакви со ангелите, не сме еднакви и дури со побожните мирјани, така поради нашата мрзливост малку по малку стигнуваме и до ваквите наши гревовни паѓања? – Ве молам, оваа моја смирена поука да им биде за закрепнување на оние што не паднале, лекарство за оние што паднале, за мрзливите – застрашување, за ревносните – засилување на нивната ревност, за очајните – поттикнување, помош за оние што продолжуваат да се борат, и воопшто, да им стане на сите сѐ, за да се спасат (1. Кор. 9, 22). Зашто за вас јас и зборувам и дишам; самиот за себе, јас сум без зборови, па дури и не сум човек. А Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, да го поправи и она што го грешиме, исправното да го утврди и недоволното – да го дополни; и како што нѐ извел од световниот Египет и нѐ водел преку гревовната пустина, да нѐ преведе и преку лукавото море на страстите, откако ќе го раздели и исуши и да го направи за нас проодлив патот на добродетелите, па како што нѐ нарекол пак да нѐ нарече: „Вие сте избран род, царско свештенство, свет народ“ (1.Петр. 2, 9) и да нѐ всели во добрата земја на добродетелите, преку смртта да се вселиме во земјата на кротките.

87.

Неразумно е и погубно да гледате кон светот откако веќе сте се откажале од него. Ве молам, отрезнете се!

Како разумни луѓе, вие сте оставиле сѐ: и родителите, и браќата, и роднините и светот и сѐ што е во него, и сте го зеле на себе лесниот Христов јарем, а зошто потоа со своите дела пак почнувате да му се приближувате на светот и на неговите суети? „Ако оној, што го прекршил Мојсеевиот закон, безмилосно се казнува со смрт, тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној што Го погазил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот преку која е осветен и Го похулил Духот на благодатта?“ (Евр. 10, 28-29). Не е ли таков оној што го раскинува заветот на Духот, според свети Василиј Велики, преку нарушувањето на послушанието, како и „крвта на заветот“, со која се помазавме во денот на одречувањето од непријателот и од светот и соединувањето со Христа – преку измивање на нечистотијата? Така ли треба да се постапи? Така ли не можевте ни еден час од вашиот живот (целиот наш земен живот е само како еден час во споредба со бескрајната вечност) – да пробдеете заедно со Господа? Такви ли се вашите завети пред Бога, кои ги слушнале светите ангели и сведочат за нив? Тоа ли значеше она, кога ми ги дававте ножиците со вашите раце, како со рацете на Господа? Тогаш пролевавте солзи и бевте смирени и скрушени и со погледи и со однесување. О, чеда мои, како го заборавате сето тоа и како отстапивте од вашите некогашни одлуки? Но, ве молам, чеда мои, утробо моја и членови мои, отрезнете се, обновете се духовно, соединете се сите во едно мудрување, во една надеж, во едно срце, вие со мене и јас со вас, пред лицето на Господа, и да започнеме да живееме и да одиме така, како што е потребно, за да го добиеме царството небесно.

88.

1. Се радувам што се средивте, но ова не е моја заслуга, туку дар Божји, а се радувам што сме едно вие и јас! Господ да ве запазува и да ви помага да напредувате во доброто.
2. Ние сме го претпоставиле лошото и ништожното на она што е добро и скапоцено, но да не очајуваме.
3. Маченичките венци се пред нас; да бидеме храбри; да го носиме товарот на послушноста и истоштувањето на телото, гледајќи ги почестите во возвишеното призвание.

1. Добро е да не ги скриваме добрините што ни ги прави Бог, туку да говориме кога е време за тоа, за да бидеме уште поревносни во нашата работа. Ги гледам ваквите добрини на вас. Зашто, со помошта на Христовата благодат, преку честите поуки и напомнувања за она што треба да правиме како монаси, за она во што треба да бидеме убедени, вие веќе чекорите по патот на духовното напредување со добра расположба и богољубива ревност. А тоа дека ви ја говорам вистината, за тоа сведочите и вие самите, а сведочам и јас, зашто добив олеснување во моите маки по вас, па, по толку многу грижи, навлеговте како во тивко пристаниште, почнавте без вознемирувања да го извршувате доброто. Душевно му се радувам на сето ова. Навистина, не се лажни зборовите: „Секоја казна во почетокот не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на оние што ќе се поучат од неа таа ќе им принесе мирен род на праведност“ (Евр. 12, 11), на оние, кои биле под вакво поучување. Но, ова не е плод на моето дејствување, на моите грижи и на моите страдања, туку е дар Божји за вашата ревност и поради помошта на нашиот духовен отец. А што сум јас бедниот и ништожниот, што навлегувам во туѓи трудови и се веселам и се радувам? Тоа е затоа што сме ние потполно едно, вие во мене и јас во вас, и вашите и моите дела Господ ги прима и нѐ наградува за нив. А Господ, Кој е страшен во Својата сила и силен во Својата крепост, отсега и во иднина да ми подари и мене да бидам ревносен и силен во потребното проучување и објаснување на светите заповеди, а вам – да ги запазувате во постојана послушност, во нелицемерна послушност и во неизменлива вера, покажувајќи ве сѐ подобродетелни, поревносни, приготвени да бидете храбри и исполнети со ревност кон секој духовен подвиг, во поднесување на секое страдање и притеснетост, на глад и жед, во поднесување на секаков труд и претрпување на сите тешкотии и непријатности, да се покажете непобедливи и да ги примите венците за вашата трпеливост во денот на праведниот Судија.

2. Навистина добро е вашето купување, зашто го оставивте гниежливото и го добивте она што не гние и што не се распаѓа, па откако се лишивте од вашите земни родители, Го добивте за Отец Господа; се откажавте од вашите браќа, а ваши сожители станаа светиите. „Вие сте избран род, царско свештенство, свет народ“ (1. Петр. 2, 9): место татковината, каде што сте родени и воспитани, ваша татковина е горниот град, „чиј градител и творец е Бог“ (Евр. 11, 10); наместо преоден и разрушлив дом, вие сега ја имате скинијата на преподобните и на праведните, а место преодна слава и непостојана чест – божествено и рамноангелско достоинство; место привремена среќа и телесни задоволства – насладување со вечните блага; место потчинетоста и откажувањето од својата волја радост заедно со мачениците, место вашето осамено живеење, без роднини и пријатели – роднините најблиски; сите светии. Зошто треба да очајуваме? Зошто да паѓаме со духот и да бидеме жалосни? Нека извикува секој од нас со божествениот Давид: „Зошто тагуваш, душо моја, и зошто ме вознемируваш? Надевај се на Бога, бидејќи Него јас пак ќе Го прославувам, мојот Бог е моето спасение“ (Псал. 41, 11). „Но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме“ (Рим 8,17; 2.Тим. 2, 12).

3. Маченичките венци и овде можат да се добијат, и начинот на заедничкото живеење на монасите со право се нарекува борилиште. И колку е блажен послушниот? Колку е прекрасен оној кој кажува сѐ кога се исповеда и кој не сокрива ништо од својот исповедник!? Колку е исправен трпеливиот?! Колку е блажен во Бога оној што е послушен во извршувањето на заповедите?! Затоа, да не се одвраќаме и да не се отклонуваме од она што сме го почнале, да го запазуваме редот, со кој сме свикнале; да не си дозволуваме да се враќаме кон некогашните грешни навики! Да не го штедиме телото: времето е кратко, животот продолжува уште малку; да продолжи животот до седумдесет или до осумдесет години, сепак и тоа е ништо во споредба со вечноста. Ке исплатиме еден, а ќе добиеме десет илјади златници; ќе дадеме еден миг од времето на нашиот живот, а ќе добиеме бескрајни векови; ќе поднесеме едночасовен труд, а ќе добиеме бескрајно спокојство. Да поплачеме малку, за вечно да се радуваме во вечни веселби. Гледајќи ги вака почестите на вашето возвишено призвание, подвизувајте се со добар подвиг и радувајте се, сѐ додека не дојде времето на крајот од вашиот земен живот и не преминете од овој во вечниот живот, во нашиот Господ Исус Христос.

89.

1. Откако сте го слушнале Божјото призвание, слично на Авраама, вие оставивте сеʽ: не тажете, воодушевувајте се со надеж, претрпувајте сѐ; ве очекуваат венци.
2. Не правете ништо што не прилега и не крадете: тоа со ништо не се оправдува и нема да остане без казна.
3. Почнува постењето од месо; не оптоварувајте го својот стомак, туку преисполнувајте се со добродетели.

1. Што да ви кажам вам, Божјите чеда, кои сте ги послушале евангелските зборови и сте го оставиле светот, а сте го зеле врз себе ова големо, блажено и многу сакано дело на послушноста? – Но, Бог Кој ги утешува смирените, да ве просвети со Светиот Дух, да ви помогне добро да трчате по патот на Своите заповеди и да ве направи наследници на Своето царство. Браќа мои, колку добра работа сте завршиле, каква мудра одлука сте донеле, кога Бог ве повикал, а вие, следејќи го примерот на праотецот Авраам, сте излегле од својата земја, од своите роднини, од домот на вашиот татко и сте дошле на ова место на подвизи, кое ви го покажал Самиот Господ и ве довел овде! Вие сте ги победиле телесните мудрувања и сте се издигнале над нив. Не сте дозволиле заради Бога ни љубовта према родителите и роднините да ве задржи во светот; не ве задржале ни животните навики, ниту ве приврзала можноста да го наследите имотот на вашите татковци и дедовци, а ништо друго не можело да ви попречи да ја исполните силната желба на вашата душа – да живеете за Бога. Затоа сте блажени и преблажени. Не очајувајте, не тажете и не паѓајте со духот, туку со надеж на вечните блага, издигнувајте се над сегашните тешкотии и подвижнички притеснувања и ограничувања, радувајте се и веселете се и одете по својот пат: трпете храбро и бодро живејте ги деновите – ден по ден, седмица по седмица, месец по месец и година по година. – И што ќе биде крајот? – Ќе бидете украсени со венец што не гние, кога Господ ќе ги повика небото и земјата да му судат на Неговиот народ.

2. Не предавајте ѝ се на мрзливоста, не дремете, не бидете млаки, не карајте се, не изговарајте нечисти и празни зборови, не угодувајте му на стомакот. Ке додадам и нешто што не треба ни да се слушне, но ова го велам само заради некои од вас, – не крадете. Оној што почнал да краде ореви, ќе почне да краде и нешто повеќе, а оној што свикнал да краде пера за пишување, тој ќе посегне и по туѓа облека. Па затоа, кај нас се случуваат кражби на облека, појаси, обувки и други работи. Добро ли е ова? Можат ли да се именуваат Христови слуги оние што го прават тоа? Тоа ли се оние што му станале туѓи на светот? Тоа ли се оние што не бараат земни богатства, туку само небесни? Тоа ли се оние што се нарекуваат свети и благословени, оние пред кои луѓето со почит се поклонуваат? Ваква ли е вашата грижа? Такви ли се вашите духовни напредувања и усовршувања? – Впрочем, ова не е далеку од општиот грев, и не чудете се што од пофалби преминувам кон прекорувања: за едни изговарам едни зборови, а за други – други. – А, ако сето тоа и било досега, гледајте отсега натаму – да не биде. Ве молам, заповедам и прекорувам. Ако некој од вас и по ова напомнување направи нешто слично, да биде одлачен од Светата Црква Христова, ако не се потруди преку покајание и исповед да Го умилостиви Бога. Но, и оној што крал и пред ова – не може да биде излекуван поинаку освен преку признавање и откривање на својот грев. Како што некогаш кражбата и скривањето на украдените работи го довело Ахар да биде каменуван (Ису. 7, 21, 25). Така и оној што е заробен од оваа страст, ако не го признае својот грев ќе биде убиен од невидливи камења. Затоа, паднатиот треба да стане и да почне да живее во Господа.

3. Еве почнува постењето од месо. Не мислете за она што некогаш сте правеле од суета и не бидете слични на оние, кои се хранат како пред колење. Оној што е заробен од стомакот, неговиот бог е стомакот (Филип. 3, 19). Погледни некој од таквите, и ќе видиш каков е и по душа и по тело. – Тоа ли е она што го посакуваме, кажи ми? Ова ли е она што е достојно за подржување? – Се разбира, дека не е. Напротив, тоа е достојно за одвратност и презир. А ти задоволувај се со скромна храна, без месо и без вино. Не грижи се затоа за да го пренаполниш телото, туку душата твоја да ја преисполниш со плодовите на Светиот Дух: со мир, љубов, надеж, вера, молитва, пеење псалми, стихословие, послушност, смирение, бдеење, рано разбудување, незлобливост, едноставност, чисти помисли, скрушеност, очистителни солзи, – и сето ова да биде во тебе твојот постојан пост.

90.

1. Како што мојата должност се состои во тоа: непрестано да ве воодушевувам за духовната борба, така вашата должност е: секогаш да бидете духовно вооружени и да се борите.
2. Не е паметно да се жалите на тоа, што оваа борба продолжува многу; се наведуваат примери на духовни борци и се даваат совети за одржување на храброста.
3. Не плаши се од привиденија: бестрашноста и молитвата се најсилните средства против нив.

1. Јас сум неизоставно задолжен секогаш да ви говорам утешни и поучни зборови вам, кои се трудите во извршувањето на Божјото дело до заморување, во вашето блажено и многу тешко послушание. Ако вашиот подвиг и вашата борба против нападите на вашиот духовен непријател би престанале во некое определено време, тогаш би престанеле и моите утешувања и поуки. А, бидејќи тие никогаш не престануваат, не си давате оддив ни дење ни ноќе, така, соодветно со тоа, и јас сум должен да внесувам во вашите души утеха, поттикнување, охрабрување, засилување на вашата надеж, придодавајќи ви сили, бодрост и ревност за одбивање на нападите против вас и за уништување на вашите непријатели. Како што знаете, војникот секогаш треба да дејствува војнички и строго да го пази она, што се бара од него како борец. Затоа, и вие, вистинските Христови војници, сте должни секогаш да водите грижа за тоа: дали е исправно вашето оружје, дали секој од вас го има мечот на послушноста, оклопот на верата, шлемот на надежта за спасение, штитот на смирението, лакот на молитвата и сѐ друго што е потребно за успех во вашата духовна борба. Не е така прекрасно и достојно за вчудоневидување да се види телесниот војник со сето свое оружје, колку што е прекрасно да го видиме Христовиот војник – да ги има исправни и во ред сите спомнати оружја. Затоа, чеда мои, вооружувајте се, оградувајте се, бидете во строј, војувајте и победувајте го ѓаволот што ве напаѓа. Не чудете се на ништо она, што се случува со вас, ни на тоа што добивате удари и рани, ниту на тоа што се препнувате и што паѓате; само станувајте што можете побрзо.

2. Нека се измачуваат и се избезумуваат, па дури и очајуваат, што ги измачуваат или срамната телесна похот, или лутината, или хула, или завист, или непостојанство или нешто слично. А јас, напротив, им се чудам на ваквите. Кажи ми, брате, како можеш без труд и страдања, без маки и борби да очекуваш да ги добиеш победните венци? – Треба ли да говориме вака: „Јас имам толку и толку години, толкупати сум постел и сум се подготвувал да се причестам, сум се исповедувал и сум се причестувал, сум пријавил тоа и тоа, сум имал изобилство солзи и воздивнувања, а сум им бил корисен и на браќата во нивните немоќи, на оние што живееле со мене.“ Леле, каква мудрост! Кажи ми, брате, колку години се бориш духовно? Колку: три, пет, десет? Но, блажената Ама Сара се борела храбро четириесет години со демонот на блудот, и храбро поднесувала сѐ. Се осмелувам да спомнам и за авва Пахом, кој самиот се соблекол во црква, како и за еден друг, кого го поткрепил авва Аполос. Но, и зошто е потребно да наведувам безбројни примери, како и преку какви подвизи и борби искрените борци се покажувале победници, еден на еден, друг – на друг начин, но ниеден не си дозволувал да се огорчи, да биде малодушен, да ја загуби својата храброст; сите тие продолжувале да се борат сѐ додека не ги победиле своите слабости, одбивајќи ги демонските напади со помошта одозгора. А ние малодушните говориме и дејствуваме неразумно. – Ова го напомнувам затоа што сакам да се подигнеме од духовната паднатост, да застанеме храбро и неподвижно, па исполнети со надеж на Бога, секој од нас да пее во себе: „И полк ќе се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе се надевам на Него“ (Псал. 26, 3).

3. Не плашете се од заплашувањата и од страшилата, кои понекогаш ги предизвикува преку нашите мечтаења ноќе, покажувајќи ни едно или друго, преобразувајќи се и видоизменувајќи се, како што ќе посака; понекогаш дава некаков звук, другпат не вика по име, а има случаи кога ни се покажува и како лав. Но, ти биди смел и повреди го со својата бестрашност, и ќе видиш како прашина ќе се растури, ќе го разнесат ветриштата. Ако ти се покаже многу висок, рамен со покривот тогаш почни да се молиш, па слично на свети Антониј Велики, ќе видиш како ќе исчезне. Нека ти се покаже и тебе, дека те напаѓа, или дека го потресува твоето живеалиште и дека ќе го сруши врз тебе, – не плаши се, сето тоа ќе помине, како и самото мечтаење. Ова се случува со оние, кои се плашат од самиот страв таму, каде што нема никаков страв (Псал. 13, 5). Затоа, внимавајте и не плашете се од она што воопшто нема никаков страв. Нека се плаши повеќе оној што ве заплашува со силата на вашата надеж на Бога и со молитвите кон Него.

91.

1. Дојде пролетта: пазете се, ве советувам да се воздржувате од вино, да не јадете леб до наситување, а кога одите во град, да бидете внимателни, и оттаму да не внесувате световни зборови во манастирот.
2. Кога станува збор за ова, да не заборавам да ви напомнам, кога одите во овошната градина, да не берете овошје спротивно на правилата.

1. Стојте сигурно и неподвижно со надеж на Бога и, откако ќе ги искинете ѓаволските стапици, издигнете се над страстите, победувајќи ги телесните сласти и похоти, оградувајте се со чистотата душевно и телесно. Гледајте, сега е пролет, кога сета жива природа се движи кон размножување на животот. Сообразувајќи се со ова, треба да внимавате колку ќе спиете и што и колку ќе јадете. Апостолот говори: „Подобро е да не јадеш месо, да не пиеш вино и да не правиш ништо, од кое братот твој би можел да се сопне, или да се соблазнува, или пак, да слабее“ (Рим. 14, 21). Браќа мои, ова ви го давам само како совет, а не ви поставувам закон и ви заповедам: ова го правам заради вашите скапоцени души, и тоа не за оние што сте болни, туку за вас што сте здрави: добро е да не пиете вино, особено вие помладите, зашто од него се распалуваат страстите. Ние и без тоа имаме во себе бранувања, кои ѝ се својствени на нашата природа, бранувања на нашите сласти, па зошто, и покрај тоа, да внесуваме во себе возбудување, кое доаѓа од виното? Вкусете и видете колку е добро воздржувањето од виното. Оној што се воздржува од него, ќе види дека нема да биде носен од помислите, дека нема да го обгоруваат лошите помисли, нема да биде изгорувана неговата душа, туку секогаш ќе биде трезвен во својата љубов према Бога и ревносен кон сѐ што е добро и кон она што го помага неговото спасение. Оној што се воздржува од вино – Го носи Светиот Дух во себе. Оној што пие вода, тој се облекува во облеката на духовната радост. Чеда мои, во однос на храната ви го советувам истото. Бегајте од неразумното пренаситување и постојаното потполно наситување од кои се раѓаат семињата на блудот и на содомскиот грев. Употребувајте ги јадењето и пиењето така, со многу внимателност, за да можете да владеете над сластите и да не бидете под нивна власт, за да можете да владеете со своето тело. Најдобриот ред е по однос на душата и на телото: да не му се дозволува на ниското – да прави насилство над она што е возвишено. А што се однесува до вашите излегувања од манастирот, строго придржувајте се за правилото, – кога се враќате – да не внесувате зборови и разговори, кои сте ги слушнале во светот, кои можат да ги вознемират браќата.

2. Дознавам, дека некои од вас кога одат во овошната градина, бараат од овоштарот да им даде овошје, па откако тој ќе одбие да им даде, тие се караат со него. Тоа е сатанска работа и не треба да се случува. Таквите ќе добијат епитимија. Зар не ти е доволно она што ти се дава на трпезата? Како ќе ја победиш страста, кога тебе те победува овошјето? Смирениот мој брат ќе биде полесен и од перо, ако се укрепи во помислата на воздржанието. Се надевам дека како што станувале и што стануваат од невоздржливи воздржливи и од страстни бестрастни, така ќе бидеме и ние, ако не бидеме мрзливи строго да се држиме во сѐ. Господ да ве укрепи и да ве утврди.

92.

1. Откажувањето од својата волја е нашата прва добродетел.
2. Времето тече, па, ете, и смртта е близу, а потоа веднаш ќе има суд, на кој ќе бидат одобрени само делата на добрите; да бидеме и ние добри и да одбегнуваме сѐ што е лошо. 3. Неразумно е мрморењето против таа што деца се воспитуваат во манастирот.

1. Има многу патишта што водат во царството небесно, а сепак тоа е еден пат: еден е затоа што е една и добродетелтта што се извршува и се приведува во дело преку разни добри дела. Да ја прифатиме оваа единствената и сесилната, да одиме по патот на послушноста, која ѝ подражава на божествената послушност, по патот на кој нема пречки и прекини; вториот пат е патот на Христовото смирение, по патот, кој е и најрамен и најкус. И едниот и другиот треба да го сака откажувањето од својата волја, како чиста жртва. Јас ќе прашам заедно со пророкот: „Кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види?“, а ќе одговорам: оној што вистински се откажува од својата волја и сака „да ја спаси душата од пеколот“ (Псал. 88, 48), избавувајќи ја својата душа од рацете на пеколот. Син на Светлината е оној, чија душа е очистена од секоја страстност, зашто тој заедно со коренот ја искорнува секоја страст. Откаде се кај нас огорчувањата, непријатностите, борбите, недоразбирањата и зависта? Зар не од тоа што се обидуваме да стоиме на она што сме го рекле и што сакаме да ги браниме нашите одлуки и желби? И навистина е така. И нема друг начин за избавување од ѓаволските прилики, освен преку откажувањето од нашата волја.

2. Деновите течат еден по друг, доаѓаат и одминуваат. И нашиот живот брза како речен тек и се приближува до смртта: Блажени сте вие што преку ништожни и привремени работи го придобивате за себе вечното и небесното. И ќе дојде денот кога ќе седне Бог на Својот престол на Славата, а со него ќе бидат и светите ангели; тогаш ќе нѐ повика и ќе нѐ воведе во живеалиштата на праведниците. – Но, кого ќе повика? Ќе ги повика послушните, покорните, побожните, доброљубивите, тие што имаат љубов према отците и браќата, тие што го сакаат спокојот и што ја љубат молитвата, оние што го извршуваат сето она што е добро. Има меѓу вас такви, кои не се украсени само со една добродетел, туку со многу; тие се прекрасни со својата убавина повеќе од сите човечки синови, сјаејќи со многу благодатни дарови на Светиот Дух. Да не си дозволуваме да се приближуваме до одвратните и гниежливи гревовни срамотии, туку да бегаме од прекумерната смелост, од лоши погледи, невоздржани насмевки, од сатански мрморења и од злобни огорчувања, туку сѐ што ни се дава, да го примаме со благодарност: и храната, и пиењето и облеката, да бидеме послушни, без оглед на тоа што ќе ни се каже и што ќе ни се даде. Токму тоа е добриот подвиг за вас: сведоштво на вашата добра совест, а тоа е и гаранција за вашиот духовен успех и уверување дека ќе бидете овенчани со венци во царството небесно.

3. Слушам, дека некои неразумни луѓе, гледајќи дека во нашиот манастир се воспитуваат деца, говорат: „Еве од што ќе пропаднеме ние, еве од што ќе се разурнат и нашите манастири!“ Каква безумност? Ове не е ништо друго, туку осудување на Самиот наш Господ Исус Христос. Кој вели: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на такви е царството Божјо“ (Марко 10, 14). Зар и Христос не бил дете? Зар не бил хранет со млеко? Зар не бил дванаестгодишно момче? (Лука 2, 42). Зар не бил и совршен маж, зашто кога имал триесет години почнал да проповеда и да прави чуда (Лука 3, 33). Па, зошто тогаш говорат безумности? Зошто не се жали на себе, гледајќи дека тој самиот е причина на својата пропаст? Таквите се прават поразумни и помудри од самиот игумен и дека одат по пат, кој е полесен од лесниот и тврдат дека Го љубат Бога повеќе од другите, а всушност талкаат надвор од определените правила. Кон ова ќе го додадам следново: ако нема ниеден, кој говорел вака, тогаш моите зборови ќе поминат, како што минува ветерот, и јас никого нема да изобличам, а ако има таков, тогаш тој нека се поправи, за да не падне во ѓаволската мрежа. Некој свет старец рекол: „Она што ќе ми заповеда едно дете, јас ќе го прифатам, како да ми го заповедал тоа Самиот Син на мојот Бог и Господ“. Или, пак, не го разбирате ова што го читате?!

93.

1. Вие се подвизувате добро во сѐ: голем е вашиот труд, но и наградата е поголема.
2. Вие имате многу искушенија, не бидете малодушни: Господ е близу. Исто така, имајте го на ум и идниот спокој, и никогаш нема да ја загубите храброста.

1. Според зборовите на Господа: „Со трпение спасувајте ги душите свои“ (Лука 21, 19), вие ги претрпувате трудот и потта на вашиот подвижнички живот без малодушност, и „тој е како дрво посадено крај воден извор, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не вене; и во сѐ што прави, напредува“ (Псал. 1, 3). Вие имате многу маки и многу напори, но повеќе се Божјите дарови: проливате многу пот, но и наградата ќе ви биде голема и вечна. Знам дека се подвизувате, дека се принудувате на секој начин, дека живеете маченички, дека ве прободуваат со копје, дека сте распнувани на тој начин што се откажувате од својата волја, но радувајте се, зашто за вас се подготвува царството небесно, – блажена бесмртност, усиновување, сонаследство со Христа, добро живеење, блаженство, радост и спокој што нема крај. Кога такви и толкави блага ви претстојат, тогаш кој може да очајува? Кој може да биде сопрен пред некаква тешкотија и пред некој подвиг сѐ додека низ смртта не премине кон она, на што се надева? – „Зашто мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата која треба да се открие кон нас“ (Рим. 8, 18); за она што би поднеле и вие: и жештината на похотта, и тешкотијата на очајанието, и заморот, и напорите, и гладот од воздржувањето и сѐ друго – притеснување и скудност; така што, можете да кажете заедно со апостолот: „Заради Тебе секогаш нѐ убиваат; нѐ сметаат како овци за клање“ (Рим. 8, 36). Вие не се плашите од демонските мечтаења и од нападите на похотите; вие преуспевате и се издигнувате на висината на добродетелите. Но, овие зборови не се потребни само за оние што се мрзливи, колебливи и за оние што се разделени, туку се и за вас, за да се утврдите, за ваша поткрепа, за да можете да го извршите вашиот одд на побожноста. Затоа, дојдете сите, страв на страв да придодадеме, да бидеме добри еден кон друг, тивки, исполнети со љубов, покорни, радосни, незавидливи, несебични, негорделиви, несуетни, незбркани, немрморливи, туку да го имаме трпението како основа на нашиот живот.

2. Секој ден имате многу жалости: ова не го откажувам, не е ли тоа заради вашето спасение? Не е ли заради тоа да ги наследите вечните блага? Па, ако заради тоа се и трудот и маките, и усилбите и брзањето, и потта и гладот, и теснотиите и офкањето, збунетоста на помислите и брановите на искушенија, нападите на нас од страна на невидливите непријатели кога сме во разбрануваното море од овој живот, тогаш никако да не си дозволиме да бидеме малодушни, да се исплашиме и да паднеме во очајание, Христос е со нас: Он ја пружа Својата рака и ќе му рече на морето: „Молчи, престани!“ (Марко 4, 39), и ќе настане голема тишина. Само должни сме да правиме сѐ повеќе и повеќе напори, да брзаме, да трчаме и понатаму да продолжиме да се подвизуваме. Јас сум потполно уверен дека успешно ќе го завршиме нашето пловење, ќе се спасиме од опасностите и успешно ќе навлеземе во пристаништето на царството небесно. А оттаму „ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава: тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат“ (Иса. 35, 10). А има ли нешто поблажено од ваквата работа и од ваквиот труд, од кој ќе засјае светлина, живот, радост, мир, утеха и бескраен спокој? Кој со ваква вера и со ваква надеж трча по патот на добродетелите, не застанува и не се свртува назад, ни поради маките, ни поради страдањата, ни поради тешкотиите што претстојат, па дури ни од самата смрт, прободувањето на ребрата и изливањето на крвта? Затоа мачениците се предавале на измачување и претрпувале разни видови страданија; затоа и преподобните го барале духовното совршенство и биле готови да преземаат и најтешки подвижнички трудови; затоа и јас ве повикувам и ве убедувам да навлезете во подвигот, за да бидете наградени со вечни венци за вашата покорност и послушност. Ве молам, да не дозволиме да бидеме лишени од оние неискажливи и незамисливи блага: да бидеме наречени синови и наследници на царството небесно, радостите на Младоженецот Христос, стоењето од десната страна, каде што се сите светии во бескрајната радост и веселба и се насладуваат со неискажливите божествени блага.

94.

1. Знаете зошто сте дошле во манастир, и не дозволувајте си ништо што е спротивно на ова. Вие така и правите, но не дозволете вашите трудови да пропаднат попусто.
2. Јас се грижам за вас и ви укажувам на она што е најдобро за вас, а зошто вие самите си измислувате подвизи – вериги или пустина? Тоа не е добро. Нашиот манастир е погоден за подвижнички живот.
3. За оној што сака да биде над сите други, кои се трудат да ги надминат сите во подвижничките добродетели, и телесните и душевните, во кои никаде не е можно така да се преуспева како во заедничкиот манастир – во општожитието.
4. Се набројуваат добродетелите, во кои се успева во манастирот; ревнителите се повикувани да им подражаваат на нив.

1. Зошто сме дошле овде? Зошто сме го оставиле светот и сме се отуѓиле од нашите родители, роднини и пријатели, како и од градовите, селата, домовите и татковината? Зар не сме дојдени овде за да ги спасуваме нашите души? Зар не затоа за да ни бидат простени гревовите, кои сме ги направиле додека сме биле уште во светот? Зар не затоа – за да Му угодиме на Бога? Зар не затоа – за да ги придобиеме вечните блага? Зар не затоа – за да поживееме ангелски, да им подражаваме на небесните сили, со бестелесните сили и со светите преблажени наши отци? – Па како можеме да го правиме она, што е спротивно? Место да плачеме – да се смееме, место да се скрушуваме – да се веселиме, место да бидеме набожни – да правиме богопротивни работи, место да се молиме – да живееме во суета, место да живееме во спокој – бесцелно да талкаме, место да безмолствуваме – да се грижиме за многу работи, место да се постиме – да се валкаме, место да бидеме тивки и кротки – да бидеме викачи, место да постиме -да се предаваме на невоздржливост, место да пееме псалми – да зборуваме, место да бидеме послушни – да се предаваме на самоволие, место да бидеме смирени- да се предаваме на горделивост? – Така обично нашиот спротивен образ ги привлекува оние, кои ги забораваат своите ветувања и почнуваат да го прават она што е спротивно. Но, вие добро знаете зошто сте се собрале овде и ревносно се трудите да ги постигнете своите цели: ги очистувате вашите гревови и се осветувате. Ве молам, чеда мои, да не дозволите трудот ваш да биде напразен. – Како и колку трпите? Колку сте постеле и постите? Колку сте биле усрдни и колку сте усрдни? Колку сте поднесувале и колку поднесувате понижувања, навреди и лишувања? И колку веќе сте направиле и колку правите за усовршувањето на својот живот? Не дозволувајте некакво оладување и некаква преодна наслада да ги уништат овие ваши многуплодни и многупожелни дејствувања, туку кон вашите претходни трудови додајте и нови, па на тој начин потрудете се добро да го завршите овој кус живот и со добра надеж да навлезете во тивкото пристаниште на вечниот живот.

2. Господ знае колку се грижам за успокојувањето на секого од вас, и душата моја ја расположувам сообразно со тоа како ви е на вас: со тажните тажам и јас, со немоќните – изнемогнувам, со оние што се борат – се борам и јас, со оние што страдаат – страдам и јас, со немоќните – и јас сум како немоќен, со малодушните сум малодушен, се борам заедно со оние што се борат, со оние што се искушавани – духовно богатеам и јас. А, ако е така, тогаш зошто ми пречите во ова и не се сообразувате со она што ви се заповеда, туку се спротивставувате и се раководите со своите желби, со вашите штетни похоти и со вашата горделива волја, спротивно на правилата за послушност и на заедничкиот манастирски начин на живеење, изнаоѓате некакви свои нови правила и докажувате дека токму тие се она што е најсвето и најбожествено, а тие се всушност и беззакони и богопротивни? Едни од вас, по своја волја, или поточно по заповед од ѓаволот, скришно и без мое знаење, ставаат вериги врз своето тело, а и други кон тоа наведуваат и им помагаат да го прават тој грев; други од вас го фалат испосничкиот пустински живот, му се покоруваат на ѓаволот, кој се обидува да ги уништи, а има и такви, кои измислуваат и предлагаат нешто друго се разбира, по совет на нашиот непријател и погубувачот на нашите души; има и такви работи, кои не сакам ни да ги откријам. А зошто го правите сето тоа и не го свртувате вашето внимание на вашиот сегашен живот, таков каков што е, – целесообразен, богоугоден и спасоносен? – Кој од нашите преподобни отци правел така? А, ако и правел нешто слично, го правел по некакво укажување одозгора или со благослов на својот духовен отец. А вие, кои уште не сте се очистиле од своите некогашни гревови, или, пак, ако сте се и очистиле, уште не сте го придобиле внатрешниот мир и не сте ја искусиле сладоста на различните работи затоа што сте слепи од несовесност и самоволие, поттикнувани сте, како топка на стрмнина, која е турната надолу од измамливата змија. Па така, чеда мои, никако не треба да постапувате вака, туку верувајте, дека е за вас од мудро помудро, од свето посвето и од добро подобро – да живеете согласно со она призвание, во кое Бог ве повикал – во манастирското општожитие и под раководство на духовен отец, во заедничко живеење со вашите браќа, во овој духовен расадник, кој е спасуван од Бога. Оној што излегува од него е уловуван од зверот, а оној што останува во него ги прима неговите карактеристични својства: еднодушноста, едномислието, соработувањето, сочувствување-то и заедничкото прославување на Бога. Затоа, не треба да измислуваме ништо, со што би се разликувале од другите.

3. Оној што сака да ги надмине сите во добродетелите, тој треба во своите помисли да се става под сите, да не му противречи на никого, во устата негова да не се најде ни лага, ни мрморење; да биде спор на гнев, брз да послушува, а уште повеќе да биде брз да вели: „Прости!“ – во среќавањата со оние што му противречат и не се согласуваат со него: лицето да му биде светло и радосно, кое е последица на неговата добра расположба и молитвеното обраќање кон Бога; очите свои секогаш да ги има свртено надолу: умот свој да го устремува кон Бога; секогаш да се возддржува од смеа; да не се оддалечува од обичната насмевка; да биде воздржлив и во своите зборови, да не си дозволи да изговори некој лош збор и нешто друго, што нема да им користи духовно на луѓето; да се задоволува со она што му се дава на заедничката трпеза, и тоа да не се најадува до ситост; да се задоволува со определеното време за спиење; на светите богослужби да стои трезвено и бодро, да се труди да не пропушти ни еден стих без внимание; секој ден да му става почеток на својот живот и крајот да не го запишува подолго отколку до вечерта тој ден: секогаш да биде готов да Му ја предаде својата душа на Бога и да ја гледа својата разделба со телото; секој ден да течат реки од солзи од неговите очи, особено да ги оросува своите образи со солзи и постојано да офка, помислувајќи за своите лоши дела и за одделување на својата душа во смртниот час, за тоа како ќе го повикаат и ќе го поведат ангелите, како ќе ги премине демонските митарства и како ќе дава одговор за сѐ што направил во животот со зборови, со дела и со помисли, а потоа, каде ќе ѝ биде одредено на неговата душа да биде – од левата или десната страна; во прегратките на Авраама и во младоженска Христова соба или ќе биде испратен заедно со демоните и заедно со нив ќе ги слушне зборовите: „Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели“ (Матеј 25, 41). Ете, во овие работи треба да се трудите без мрза да ги надминувате другите. Но, во сѐ ова вие не можете никаде да успеете вака, освен во манастирското општожитие, кое, според свети Василиј Велики, е најпогодно за растење во добродетелите.

4. Сакам да ги објавам добродетелите на некои од вас, без да ги посочувам нивните имиња, за да ги поттикнам на натпреварување оние, кои не живеат исправно. Меѓу вас има такви, кои во некои денови, движени од искрена вера и пламена љубов према Бога, воопшто не спијат: има такви, кои немаат ни еден ден без пламен, без горчливи солзи; има такви кои не пристапуваат кон Светото Причестие, ако пред тоа не се оросат со солзната вода; има такви љубители на чистотата, кои воопшто не ги погледнуваат лицата на другите, за да не си нанесат духовна повреда; има и такви кои својата потреба од сон ја задоволуваат само, седејќи; има и такви, кои освен на трпезата, ништо не јадат и не пијат; има такви, кои никогаш не ми се обратиле со молба за облека, за обувки или за нешто друго, туку ме прашувале само за мерката на својот пост и на своето бдеење и за нешто во врска со спасението на својата душа. – Еве, ова се оние што имаат добро срце, оние што го бараат вистинското богатство, оние што се грижат за своето спасение и за тоа да не им бидат штетни на своите ближни, и не само тоа, туку се трудат да им бидат духовно корисни, напомнувајќи им со самите свои дела за тоа какви треба да бидат и што треба да прават, поттикнувајќи ги мрзливите да бидат работливи и паднатите – да станат и да се покајат. Кој сака, нека се угледа на ваквите. А, ако нема таква желба, поучувајте се од нивните добри дела, зашто умереноста е спасоносна, и ако некој се придржува само со неа, несомнено ќе добие венци од милосрдниот и дарежливиот Бог.

95.

1. Ние сме Христова војска, кои сме избрани од целиот свет за угоден и сесвет принос на Бога; борете се, зашто непријателот не дреме.
2. Секој нека си го носи своето послушание; нашиот живот е само еден миг, но ние можеме и само во еден миг – да го добиеме вечното блаженство. Трудете се, не бидете мрзливи.

1. Ние сме Христова војска, принос свет избран за Бога, „Нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите против световните управители на темнината од овој век, – против поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6, 12). Затоа, за нас е неопходно да се собираме заедно, да се советуваме и да размислуваме, и тоа не еднаш, не двапати и не трипати во годината, туку непрестано, затоа што нашата борба со нив е непрестана: постојано сме изложувани на искушенија и непрестано сме напаѓани. Гледајте добро, борци Христови, дали вашите души се заштитени со оклоп? Го имате ли оклопот на верата? Имате ли штит на смирение? Дали го држите приготвено копјето на послушноста? Дали главата ваша ја покрива шлемот на надежта и на послушанието? Го имате ли во своите раце мечот на храброста? Пред сѐ, дали е покриено вашето пречесно тело, дали е увежбано да трча брзо и да биде лесно задржувано, за да не би, ако ја загризе уздата, да го фрли јавачот? – Да, вие го имате сето тоа, ете, јас ќе одговорам место вас. Но, потрудете се да имате и уште нешто, „зашто мнозина се оние што ме напаѓаат со гордост“ (Псал. 55, 2), зашто вжештени се стрелите на лукавиот, кој ни еден миг не отстапува, не јаде, не пие, и, не спие, а нѐ напаѓа дење и ноќе, како што вели еден од нашите свети отци. Во тоа и се состои неговиот безживотен живот и неговото погубно дејство: „за да го кутнат бедниот и сиромавиот, за да ги прободат оние, што се со чисто срце“ (Псал. 36, 14). „Но мечот нивни нека се забие во нивното срце, и лаковите нивни нека се скршат“ (Псал. 36, 15). Како? Ако го повредуваме и одбиваме со споменатите оружја, кои ни стојат на располагање. Како и самиот наш противник сознава, – него го победуваат смирението, смирената мудрост и послушноста, молитвата го тера да бега, постот го умртвува со глад, а братољубието и извршувањето на сите други добродетели – потполно го уништуваат.

2. Ве молам јас, браќа, да одиме достојно према нашето призвание. Бидете секогаш трпеливи, примајќи секаков труд во вашите раце: во обработувањето на нивите и градините, во шиењето на облека, во препишувањето и пишувањето книги, во дрводелството, лебарството и во секоја друга работа, во секое послушание. За сето ова ви се подготвува голема награда на небесата. Нашиот живот брзо минува, лета – како што летаат птиците. Но, сепак, браќа, и во вака краткиот живот можеме да добиеме голема придобивка. Само и во еден миг можеме да станеме наследници на вечното блаженство. Навистина, сѐ што ќе проживееме во текот на целиот наш живот – претставува само еден единствен миг, во споредба со бескрајната вечност. Блажени се оние што ја придобиле оваа единствено потребна мудрост; преблажени се оние што го намразиле светот и блажени се оние што заради Господа ги оставиле: родителите, роднините, пријателите, браќата и сѐ што е во светот. – Па како и вие нема да бидете прославени кога и вие сето ова сте го направиле? Зашто Самиот Господ рекол: „Затоа Господ Бог Израилев вели вака: Јас бев рекол тогаш – домот твој и домот на татко ти ќе одат пред лицето Мое за секогаш; но, сега Господ вели – Скраја да е од Мене, зашто Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат, а оние, што Ме презираат, ќе бидат презрени“ (1. Цар. 2, 30). Вие навистина Го прославувате Бога во своите членови и сте Христови осветени членови, се принесувате себеси на жртва и давате изобилни плодови преку вашето послушание. Затоа никој од вас да не престанува да го извршува доброто што го започнал, да не се предава на очајание: да не станува мрзлив и да не дреме, да не се предава на спиење. Одете сите заедно. Бидете поврзани со сојузот на љубовта; имајте исти мисли и чувства, бидете брзи извршители на Божјата волја, секогаш готови и подвижни.

96.

1. Да си спомнуваме какви сме биле повикани и какви сме сега; – и да Му благодариме на Бога и со зборови, но уште повеќе со исправноста на нашиот живот.
2. Откако сме излегле од Египет – од овој свет, да минуваме трпеливо низ пустината на овој живот, под Божјата закрила и со Негово раководење, очекувајќи да влеземе во ветената земја.

1. Имајќи ги во себе чувството кон Господа и желбата кон вечните блага, како светилник, ние сме должни непрестано да доливаме во него зејтин на помазание, за овој светилник да не изгасне и да не нѐ остави во темнина, па, талкајќи таму – ваму во темнината, да не паднеме во погубната бездна на страстите. А што означува овој зејтин? – Ги означува спомнувањето, мислењето и размислувањето за она што било некогаш, што е сега и што ќе биде во иднина. – Да си спомнуваме на оние денови на нашата младост, кога сме биле или оделе во незнаење, како во темнина, или сме биле носени од брановите на суетниот живот, или сме биле пропаднати во нашите телесни задоволства, како во некоја водна бездна. Потоа да си спомнеме за тоа како благиот Бог нѐ повикал оттаму, како ни ја пружил Својата рака, нѐ дофатил, нѐ извлекол од бездната и ни го посочил патот на мирот, и ни внушил да прибегнеме кон овој светол и свет начин на живеење. Да си споменеме и за тоа колкумина наши роднини, блиски и пријатели останале и понатаму да живеат во таа страшна состојба, а ние, како да сме биле ослободени од египетското ропство и сме изведени да живееме на оваа висока гора, да живееме нов живот, па оттука, гледајќи што станува таму долу како се бранувани во некоја длабока бездна, се судруваат еден со друг, се потат, трудејќи се да се дофатат до богатствата на овој свет, кои се непостојани и брзо минливи, а што е уште пожално – наградата за сите тие нивни напори и маки се вечните пеколни измачувања. Колку голема благодарност сме должни да Му оддадеме на Бога само затоа што нѐ избавил од сето тоа. Да Му пееме непрестано благодарствени песни, да Му пееме и да воспеваме посилно и од некогашниот Израил: „Тогаш, Мојсеј и синовите Израилеви ја запеаја оваа песна на Господа, велејќи: ,Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњите и коњаниците ги фрли в море’“ (2. Мој. 15, 1). Но, и оваа и ваква благодарност нема да биде потполна, ако не ја одржуваме во себе постојаната одвратност кон светот, отуѓеност од своите најблиски, ако не ги сметаме за ништо богатствата на овој свет и, ако не бидеме блажени затоа што се потчинуваме на нашите манастирски правила.

2. Откако сме се ослободиле од светот и неговите похоти, ние сме должни добро да одиме низ пустината на овој живот, да бидеме покорни, послушни, трпеливи, великодушни, да ги сакаме чистотата и Божјите заповеди, никако да не си дозволуваме да мрмориме, како некогаш што мрмореле Израилците, да не бидеме упорни и непослушни, да не ги љубиме телото и телесните сласти, да не стануваме и против Самиот Законодател, тогаш кога ќе си спомнуваме за египетските котли, од кои сме се откажале со помошта на Божјата благодат. Ве молам, браќа, да не биде така. Туку, како Божји свет народ, да бидеме во сѐ послушни, доброволно да ги поднесуваме сите наши тешкотии, секогаш да се раководиме според Божјата волја; добродушно да ги поднесуваме тешкотиите на патувањето, недостигот од храна и сите други тешкотии. Ако бидеме вака послушни во сѐ, Божјиот ангел ќе оди пред нас и Господ ќе ни помогне да ги победиме нашите страсти, како што им помогнал на Израилците да ги победат туѓите народи, и така ќе можеме да навлеземе не во земјата на Аморејците, Хананејците, Феризејците и Евеовите, туку во земјата на кротките и праведните, во земјата, каде што тече свет мед и свето млеко и ќе ги наследиме сите ветени блага и ќе царуваме заедно со Господа Исуса Христа. Браќа, ги гледате наградите што се подготвени за нас, ги знаете радостите што ве чекаат, а ги знаете и казните и маките што ги очекуваат оние што живеат безгрижно. Да трчаме по патот што стои пред нас, да трчаме со радост, со усрдност и непоколеблива трпеливост, исполнувајќи го ревносно секое послушание, што ни е дадено, како дело свето и богоугодно, слично на синовите на Каат и Мерариј (4. Мој. 4, 15), кои некогаш ги носеле светите садови од скинијата. Никој да не биде непослушен, никој да не мрмори, никој да не биде самонадежен, никој да не лаже, никој да не им прави смешка на другите, никој да не заведува, никој да не клевети, никој да не биде мрзлив, никој да не го посрами нашето свето живеење, туку со сите ваши сили трудете се да го правите она што Му е угодно на Бога, та добро да го завршиме нашиот добар подвиг и најпосле да го примиме венецот на правдата од Исуса Христа.

97.

Вие несомнено ќе го наследите вечното блаженство затоа што сте се откажале од светот, што имате маченичка послушност и за тоа што се борите со вашите страсти и со вашите невидливи непријатели. Затоа бидете непоколебливи и стојте.

Сите вие, преку вратите на смртта, издигнете се во небесните и наднебесните области, таму, откаде „ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици и вечна радост ќе биде над нивната глава: тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат“ (Иса. 35, 10). Јас недостојниот така очекувам, дека ќе појдете таму и дека ќе бидете таму, каде што е живеалиштето на сите што се веселат. Каде што се мноштвата на оние што се радуваат, каде што се слуша гласот на оние што празнуваат, откако ќе го добиете она што им е ветено на сите светии, кои од векови Му угодиле на Христа, затоа што сите добро трчале и за вашиот блажен живот, достоен за пофалба, затоа што сте избегале од светот, затоа што сте се оддалечиле од телесните роднини, што сте ги отсекле вишите желби, што сте биле непоколебливи и постојани во вашата борба, што сте ја претрпеле маченичката послушност, со што навистина Го исповедате Господа и се откажувате од сезлобниот ѓавол, примајќи ги и одбивајќи ги неговите удари, кои непрестајно ни ги нанесува – и духовно и телесно – било заради нашите телесни похоти или поради демонската омраза, или од судирот со браќата, или од прекорите и приговорите од страна на економите, раководителите на занаетчиските работилници или од оние што ги распоредуват сите други послушанија; никогаш и во ништо не нарушувајте ги своите завети што сте ги дале пред Господа, туку одете смело по патот на спасението, трудејќи се да ги посрамите и да ги одбиете демонските мноштва, кои се насочуваат против вас, и тогаш ќе можете заедно со апостолот да велите: „Кој ќе нѐ одвои од љубовта кон Христос? Дали неволјата? Или маката? Или прогонот? Или гладот? Или голотијата? Или погибелта? Или мечот? Како што е напишано: „заради Тебе секогаш ќе нѐ убиваат; нѐ сметаат како овци за клање“ (Рим. 8, 35-36). Затоа, вие сте блажени и преблажени не заборавајте, само тогаш, ако неизменливо и до крајот го одржувате овој подвиг пред Божјото лице: зашто секој ден ќе ви претстои борба, иако, заедно со тоа, ќе добивате и секојдневни венци.

98.

1. Ние сме сиромаси, но Господ нѐ храни. Да Му благодариме на Бога, но и ние не треба да безделничиме и да лежиме: секој треба да работи според своето послушание; тогаш и Бог ќе го умножи она малку што го имаме.
2. Кај нас ни е сѐ заедничко; и работата од едниот преминува на другиот, и обратно. Сите ги очекува од Бога награда според нивниот труд и нивната ревност; оние што работат телесно нема да добијат помалку од оние што работат духовно. – И болните ќе добијат награда, ако трпеливо и добродушно ја поднесуваат својата болест.

1. Првиот предмет на моите молитви е: да бидете запазени чисти, да бидете усрдни работници, да живеете свето и добродетелно, да не бидете соборени од ѓаволските напади, туку сите да бидете трезвени и бодри во извршувањата на вишите блажени послушанија. Зашто кога послушанието е во ред, тогаш јас за другите работи не се грижам, иако сум обично опфатен од грижи за вас, но, сепак, оваа грижа ја сметам за широчина; немаштијата ја сметам за богатство, скудноста – за изобилство, раководејќи се притоа со надежта, која дава увереност, дека Господ нема да ги умори со глад душите на праведниците и нема да ги остави Своите угодници, какви сте и вие со помошта на Христовата благодат, хранети со промислата на Севишниот, која ве покрива, и загрева и напојува, не само душевно, туку и телесно. А кој може вакво мнозинство, составено главно од сиромаси, кои немаат никаква помош од луѓето, – да прехранува, како што треба, и да им даде сѐ што им е потребно, ако прстот Божји не е присутен, ако Бог не помага? Подигнете ги вашите очи и погледнете, колкумина нѐ има во овој град, во овој наш манастир, и колку старци, немоќни, болни и дечиња има меѓу нас, и потребите на сите Господ ги задоволува: па зар сето ова не е чудно? Браќа, не треба да се сметаме за блажени? – Да, да, браќа мои и чеда, но, и ние не треба да лежиме: и ние треба да се трудиме, да работиме и да се потиме, за да ги задоволуваме потребите на нашето братство. Зашто тогаш и Бог ја пројавува Својата милост кога гледа дека целото братство сложно ги извршува Неговите заповеди; тогаш Он од Своите невидливи извори испраќа во изобилство за задоволување на нашите потреби. Затоа ви напомнувам и ве молам, секој од вас, со каква работа и да е задолжен, да работи со сите свои сили и да настојува да придонесе голем плод – и духовен и телесен; оној што не се труди за духовното, тој не се грижи ни за телесното.

2. Нам ни е сѐ заедничко, и не само она што е телесно и материјално, туку и духовното: добродетелите и добрите дела на едни стануваат заеднички за сите, и обратно, истото бива и со телесните трудови, како што говори светиот апостол Павле: „Како што е телото едно, а има многу делови, и сите делови од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се; така и Христос. А кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови, и кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови“ (1. Кор. 12, 12, 26). И како што во телото, од главата до нозете, од десната и од левата страна, во секој член се чувствува одредена поттикната потреба и нејзиното задоволување, така разбери го ова и во однос на душата. Мојот и вашиот духовен отец е првиот член, јас сум вториот, а потоа – сите вие, сѐ до последниот во однос на Страшниот суд ќе бидеме пофалени или прекорени. Знаејќи го ова, чеда мои, сите да трчаме, сите да се подвизуваме, секој да го дава својот дел во општиот труд, никој од вас да не биде помал од братот свој; нека се труди според своите сили во службата што ја има. Но, вие секако знаете, дека степените не ги одредува така, како што ги одредуваме ние, зашто едно е судот Божји, а друго е човечкиот суд. Можеби оној што ние го поставуваме на тристото место – Он да го постави на третото или четвртото, десеттиот да го постави некаде во средината, а последниот да го издигне на првото место: секого според неговата ревност и според неговите добродетели. Иако е страшно да се каже ова, но можно е – Он некого од нашата средина нема сосема да го отфрли и да го испрати во пеколот, оној што и овде бил со друг дух, имал друго мудрување и сосема друга расположба. Но, се осмелувам да ве уверам, дека никој од нас што се трудиме овде не се трудиме попусто: ни оној што ора – не ора попусто, ни оној што ја готви нашата храна – не готви попусто, ни лебарот попусто не го приготвува нашиот леб, ни оној што служи при трпезата – попусто не служи и така натаму. И сите оние, кои помалку од другите пеат псалми и што помалку стихословуваат, не помалку ќе бидат наградени од оние кои седат во своите ќелии, кои ќе бидат наградени според своите дела, ако не работат со помала ревност, а притоа – заради Господа. Со каква мерка некој со својот труд и со својата усрдност му одмерува на своето братство, со таква мерка ќе му се одмери и нему. Знаејќи го ова, вие што работите внатре во манастирот, не потценувајте ги оние што работат надворешни работи, а вие што работите надвор од манастирот, не очајувајте и не помислувајте дека со тоа сте понижени. Мерката за секого е трудот и усрдноста. А која е мерката за оној што боледува? Ќе праша некој: која е неговата мерка кога тој не може да работи? – Неговата мерка е: благодарноста, отсуството на мрморење и трпеливост.

99.

1. Поуките не се некорисни: тие ги разбудуваат заспаните, ги поткрепуваат бодрите и ги раководат. На овој начин сите сме поттикнувани напред.
2. Ја искажуваме Божјата милост према нас: злото се намалува меѓу нас, а доброто се зголемува и зајакнува. Има и такви што паѓаат, но тие не остануваат паднати, туку веднаш стануваат. Пазете ја вашата добра расположба и вашата ревност.

1. Ќе речат некои: „Каква е ползата од поуките, што ни се даваат, кога не го остваруваме она што ни се говори? Често слушаме дека не треба да се смееме, но ние и понатаму го правиме тоа и не се исправуваме; често сме поучувани дека не треба да говориме празни зборови, но ние уште го правиме тоа; често сме советувани дека не треба да им завидуваме на нашите ближни, се уште ѝ робуваме на оваа страст; често ни се напомнува дека не треба да бидеме сонливи и невнимателни кога ги пееме псалмите и кога се молиме, дење или ноќе, но ние уште талкаме со нашите мисли кога се молиме и дремеме. Со еден збор, во ништо не се исправуваме.“ – Оние што говорат вака грешат и далеку се од вистината. Прво, не е можно никој да не остане непоправен, а неможно е и сите одеднаш да се поправат, туку денес еден, утре друг почнува и го продолжува својот труд над себеси: второ, како што е неможно при искачување по скала – оддеднаш да се искачиме од првиот на последниот стапалник, туку е потребно да се искачуваме постепено – од првиот на вториот, од вториот – на третиот и така да се искачиме до самиот врв; така е и со добродетелите: преуспевајќи малку по малку, го достигнуваме самиот врв. А, за едното и за другото поуките се многу корисни, затоа што ја поттикнуваат и ја поддржуваат ревноста и укажуваат на начините и средствата, кои ѝ помагаат на нашата душа постепено да се издигнува и да јакнее од сила во сила: да се издигнува од земјата кон небото. И, еве, уште што можеме да кажеме: ако сега, кога се говори толку многу за тоа дека треба да се потрудиме да се поправиме, сепак, не можеме веднаш да ги зауздаме нашите страсти, тогаш што ќе се случи, ако заради молчење, не ни се посочува доброто? Мене ме научиле отците, дека зборовите се пат кон делата; добрите зборови кон добрите, а лошите – кон лошите дела. И јас добро знам дека е така: кога се говори за добриот начин на живеење, секогаш сме расположени за подобро живеење. Можам да ви кажам, чеда мои, врз основа на она што сум го читал во боговдахновените списи, а од поуките на мене смирениот, сите вие се трудите да се издигнувате во вашиот живот и да напредувате во духовниот живот: страстите се разбудуваат од својот духовен сон и почнуваат да се поправаат, а оние што напредуваат добро тие се воодушевуваат кон сѐ подобро живеење.

2. Во сето ова ја исповедаме и признаваме Божјата благодат и не ја скриваме Неговата милост. Зашто, гледајте, кај нас нема речеси караници, ниту има клеветење, осудување, навредување, прислушкување, скришно јадење, но, ако и се случи нешто такво, бидејќи носиме тело, кое лесно се склонува кон злото, тие што згрешиле – веднаш го сознаваат својот грев, се кајат и се поправаат, со помошта на епитимиите што им се возлагани, како и со оддалечувањето од трпезата, наложување суво јадење, стоење и поклони. При ова се има на ум што е покорисно за лекувањето на дадената немоќ. Затоа, никој да не говори дека нема никаква полза од поученијата. Преку нив и корист имаме и, со помошта на Христовата благодат и содејството од молитвите на мојот и вашиот духовен отец, ние се издигнуваме на гората на добродетелите, сме просветувани, осветувани и обожувани, а тоа се постигнува со многу труд и со многу пот. Затоа, ве молам, да бидеме постојани во нашата слободна волја и добра расположба; да отфрлиме од себеси секаква неодлучност; да ја изгониме од нас малодушноста засекогаш; да се воодушевиме со добра надеж и очекување на идната награда и вечните блага, – и тоа сѐ додека дишиме, за да можеме, по овој страдален и тежок живот, да се удостоиме да бидеме во смртта наследници на царството Христово во Исуса Христа нашиот Господ.

100.

1. Тешко е да се управува со другите, но јас го претрпувам и ова заради Господа, Кој пострадал дури до самата смрт заради нас и заради нашето спасение; трпете и вие.
2. Пренесете се со вашите мисли и спомнете си како трпеле древните отци.
3. Да се угледаме на нив.

1. Кога би го гледал она што се случува со нас со моите телесни очи, кога би ги гледал секој ден сите страдални непријатности, јас одамна би изнемоштил и би се откажал од настојателството, но, бидејќи мојот смирен ум при сето ова погледнува кон Бога, заради Кого сте и вие повикани овде, а и јас сум ви се предал на вас, затоа не се откажувам и не се очајувам; поткрепуван од Христа Господа, готов сум да претрпам сѐ, по молитвите на мојот и вашиот духовен Отец, заради вас – моите сакани – и заради мојот Господ и Владика. Зашто, ако Он, Кој создал сѐ, благоволил заради мене, откако по Својата промисла таинствено се воплотил, се согласил да биде искушен, поруган, понижен, исмеан, да биде распнат, прободен со копје и да биде погребан, тогаш што се не треба јас да претрпам? Или подобро, на што јас и вие не треба доброволно да се подложиме? – Затоа, нека дојдат на нас и страдања, и тегоби, и рани, и лишувања и смрт. Што е сето ова, при несомнената вера, дека, ако добро војуваме, ако стоиме храбро и достојно се бориме, и дека ќе ги добиеме вечните блага? А кога ќе почне немоќната плот да изнемогнува, да си припомнеме дека, ако ѝ угодуваме, го умножуваме гневот за денот на гневот и за откажување на праведниот суд Божји, и тогаш веднаш ќе се исполниме со воодушевена храброст.

2. О, каде се сега оние древни свети души! Колку е денес осиромашена ревноста на подвижниците! Радост и веселба за нив биле телесните страдања, а славата и величината – крајно понижување! Нив ги исполнувала пламената љубов кон Господа; нив ги исцрпувала ненаситната желба – не за да ја извршуваат својата волја, туку – никогаш да не ја извршат; тие не барале да началствуваат, туку сакале да бидат под духовно раководење и во послушност дури до самата своја старост. Каде е онаа блажена престарена глава, која смирено стоела сѐ до завршувањето на трпезата? Каде е оној многуиспитуван бисер на послушанието во продолжение на триесет години? Каде се? – Ете, како хор од звезди, пред мојот ум, стои тој собир на светии, кои биле украсени со секаков вид добродетели. Да поминеме со нашите мисли низ нивните манастири. Еве ги монашките живеалишта во општожитието на свети Пахомиј Велики! Да се задржиме таму пред светиот отец Јона, достоен секогаш да си спомнуваме за него: да се задржиме духовно и пред преславниот Петрониј, и пред Теодор Осветениот. Да преминеме, потоа, во манастирот на свети Теодосиј Велики. Да застанеме и таму пред секогаш живиот Василиј, пред прекрасниот Лециј, како и пред многумина од нив и да ги погледнеме. Оттаму да прејдеме кај светите места на подвизи, блажени Теоктист, Евтимиј Велики, Сава Осветен. За да бидам покус, ќе кажам: со мислите наши да ги посетиме сите што биле во древните, средните и во последните манастири, да видиме како секој од нив се подвизувал и како го завршил својот подвиг.

3. И ние треба на ист начин да живееме и да се подвизуваме, ако сакаме да добиеме живот и вистинска светлина; сѐ да поднесуваме, сѐ да претрпуваме, така што, „никому никаков повод за соблазна да не даваме, за да не биде презрена нашата служба“ (2. Кор. 6, 3); „а над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот“ (Ефес. 6, 16), останувајќи непобедиви, радувајќи се еден со друг, во добра волја, здружени во хармонија со единственото дишење на Светиот Дух како едно единствено Христово тело.

Обработи,
О.М.П. 2022