“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM IV
Светиот преподобен Теодор Студит
51 – 75
Во манастирот сите се трудат
51
1. Во манастирот сите се трудат, секој ја принесува својата жртва за општото; затоа сето она што го прави манастирот му припаѓа на секого.
2. Храната, пиењето и виното се ставаат пред сите, но секој има своја слобода – за да се воздржува.
3. Во која смисла е убаво да се умножува братството; со какви мисли настојателот треба да ги прима новодојдените; и браќата имаат удел во ова; наша должност е да ги примаме и престарените.
1. Според зборовите на апостолот: „Оставете ги деловите од вашето тело и да робуваат на правдноста која води во светост“ (Рим. 6, 19). Примете ја божествената мудрост, која е уште преизобилна, познајте го вистинското ангелско достоинство на вашиот чесен начин на живеење. Впрочем, вие уште не сте го познале ова и сте Му се предале на Бога со совршено смирение, секој ден доброволно поднесувајте ги вашите трудови во духовните и телесни напори, зашто и едните и другите Му се угодни на Бога, и едните со другите се дополнуваат. Едни се занимаваат со читање, други – се молат, третиот седи во ќелијата и се занимава со рачна работа, четвртиот работи нешто на отворен воздух, петтиот – копа во лозјето, шестиот ја обработува зеленчуковата градина, седмиот – завршува манастирски работи, осмиот – дрводелски: и никој не е без работа, никој не седи со скрстени раце; туку сите се трудат според своите сили. Јас мислам дека не треба да ја потценуваме ни работата на вратарот, кој пази кој влегува и кој излегува, ни на пазачите на манастирските оградни зидови, ниту на оние што ги плашат и растеруваат птиците, зашто и секој од нив му помага на целото тело, заземајќи го местото на нога или прст. Сите ние претставуваме една душа и една волја. Така и треба секогаш да се пројавуваме и никој да не се отсекува себе од сотрудништвото и сочувствувањето заедно со целото манастирско братство. Вашите раце се осветуваат: со вашиот труд Му принесувате жртва на Бога. Зар не сум во право кога го говорам ова? Зар вие не ги храните престарените? Зар не ги нахранувате нашите гости и посетители со леб, со овошје, со „чаша студена вода“ или вино или со нешто друго, што го имаме во манастирот? Не ги угодувате ли пријателите, што се посетуваат? Не се грижите ли сами за својата издршка? Не нѐ храните ли и нас? Тогаш што е сето ова, ако не е принесување жртва на Бога? Зашто е напишано: „Милост сакам, а не жртва“ (Матеј 9, 13). Кога се дава нешто од нашиот манастир, вие сте тие што ја правите таа милостина. Зашто кога го правиме тоа, не сум само јас тој што давам, туку сите ние даваме: пари, облека или нешто друго. Вие – моите чеда, сте соучесници во сето она што го правам јас, сѐ – и душевно и телесно. И срцето мое ви говори на вас: „Вам не ви е тесно во нас“ (2. Кор. 6, 12). Секого од вас го прегрнувам со духовна љубов, на секого му сочувствувам, се трудам секого од вас да го стоплам и да го успокојам. Затоа, знајте, ако е некој против некого, тој е и против мене, зашто тој некој, тоа сум јас. Затоа, нека има мир меѓу вас и духовна љубов: почитувајте се еден со друг и помагајте си заемно. Вие што сте последни, почитувајте ги првите и поголемите, како што ме почитувате мене самиот, и слушајте ги во сѐ со страв и со љубов; оној што не е послушен, тој не е мое чедо.
2. Поткрепувајте се најнапред со душевни пиења, извршувајќи ги трезвено и внимателно установените служби и светите молитви, а потоа, поради нивната тешкотија и трудот, поткрепувајте се и со телесна храна: со леб, варено овошје и вино, според пропишаната мерка. Ова е за оние што не се со крепко телесно здравје. А оној што има желба да се воздржува, со Божја помош, нека се воздржува. Но, оној што пие, да не се беспокои, како да паѓа, а оној што не пие – да не се превознесува, како да прави нешто големо, зашто „храната не нѐ приближува кон Бога“ (1. Кор. 8, 8), особено ако притоа се исполнуваме со суета. Кој ќе се спротивстави на тоа дека младите не треба да пијат вино? Но, и за сите е корисно да не пијат вино, а особено, ако се телесно силни. Впрочем, јас понекогаш намерно им дозволувам на некои да пијат вино, заради смирувањето на нивните помисли, но не засекогаш, туку само привремено.
3. Вам ви е познато, дека кај нас секој ден доаѓаат оние што имаат желба да бидат примени во нашиот манастир. Но, јас не ги примам сите, зашто не се грижам да нѐ има многу на број, повеќе отколку во другите манастири и не сакам со тоа да се фалам, иако сум суетен. Ние сакаме да се умножувате, но да се умножувате за слава на Бога и според Неговата волја. Се разбира, кога големо монаштво ќе се собере во едно, тоа поголема слава Му воздава на Бога. Не ми е непознато дека, ако Бог се радува за еден грешник што се кае, Он ќе се радува многу повеќе кога се многумина оние што се кајат. И, ако е Он меѓу двајца и тројца, кои се собрани во Негово име (сп. Матеј 18, 20), зар нема уште со поголема желба да биде и со повеќемина? Но, сознавајќи дека сум немоќен и многустрастен, немам желба да началствувам над многумина, кога и самиот со себе не умеам да управувам. И само заради заповедта, која ни заповеда: да не го враќаме оној што доаѓа при нас (сп. Јован 6, 37) и заради другата заповед: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене, и не спречувајте, зашто на таквите е царството Божјо“ (Лука 18, 16), јас се преклонувам и примам невозрасни деца, и младичи, и стари, и женети и неженети, и телесно здрави и болни, како и такви со една рака и куци. А ова го правам не по моја волја, како да правам нешто големо, туку како потчинет и обврзан, според божествените отци, та ако не правам така, ќе се покажам како престапник на заповедите. А вие што ќе ми кажете? Дали сте согласни со ова што го правам или сакате и вие да учествувате во ова? Да, или не? Нека ми одговори секој од вас, за да можам да бидам уште поусрден во оваа работа, зашто плод на вашите трудови е она, со што ќе ги храниме и ќе ги задоволуваме нивните потреби, зашто е подобар дарот на Бога: „Ти ја отвораш раката Твоја и исполнуваш сѐ што е живо со сите негови потреби“ (Псал. 144, 16). „На добитокот му ја дава храната негова и на малите врани кога гракаат“ (Псал. 146, 9) и она шго го вели Г оспод: „Погледнете ги птиците небески: тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбар собираат: но вашиот небесен Отец ги храни“ (Матеј 6, 26). Впрочем, јас се надевам, на вашата искреност и се надевам, дека секогаш заедно ќе ги исполнуваме сите заповеди, зашто заповедите се како верига и дека во ништо нема да се покажеме достојни за осудување. Зашто, ако не го примам престарениот и не го успокојам сакатиот, тогаш ќе го нарушам законот не само во една од неговите заповеди, зашто заповедите се поврзани како верига, која е нераскинлива и една алка се држи за друга, а за ова сведочи, како нивното извршување, така и нивното нарушување. Затоа, ако нарушиме и една единствена заповед, ќе бидеме наречени најмали во царството небесно (сп. Матеј 5, 19); а овде да е некој наречен најмал, според свети Јован Златоуст, не значи ништо друго, туку да биде предаден на вечни маки. – Затоа, да примаме и деца, и престарени и сакати. Тогаш преблагиот Бог нема да нѐ презре, туку ќе ни дава сѐ што ни е потребно за душата, и за телото, како и што сме добивале веќе од Него сѐ – уште од првиот ден и досега.
52
1. Братољубието пазете го; спасувајте се и очистувајте се; бегајте од многу зборување и од смеи; тешко ми е кога слушам дека некој од вас не е исправен.
2. Не давајте си еден на друг храна, без разрешение на одговорните; соблазна е ако некој не ја исполни епитимијата со љубов, туку со гнев.
3. Сакате ли секогаш и во сѐ да бидете исправни? – Спомнувајте си за смртта.
1. Не дозволувајте си да се однесувате лошо еден кон друг, но пројавувајте взаемно натпреварување во доброто и имајте братска љубов еден према друг. Ова го говорам со силна желба сите да се спасиме. Зашто нашиот Господ Исус Христос вели: „Не е волја на вашиот Отец небесен да загине ниедно од овие мали“ (Матеј 18, 14). Па така, сите спасувајте се; правете насилство врз себе и покажувајте ревност, за да застанете чисти пред Господа, како и што сме биле создадени чисти во почетокот, носејќи го божествениот образ. Не бидете расположени за расправии и за многу зборување. Кога се собирате по вечера заедно, не правете смешки и не смејте се, а и кога работите заедно, не правете го тоа и не вовлекувајте се еден друг во паѓање. Велегласниот Јеремија говори: „Утробо моја! Утробо моја! Нажален сум до дното на срцето свое, се бранува во мене срцето мое, не можам да молчам: зашто ти слушаш, душо моја, звук од труба, боен повик“ (Јерем. 4, 19). Овој богонаучен пророк говори и се возмутува од ваквите работи. А овде јас, нечистиот и грешниот, се провикнувам кон вас: „Смртна болка ме опфатила и стрелите од помисли ме пронижуваат кога слушам дека неуредно и лошо живеете!“
Чеда мои, исплашете се од страшниот Бог и не загубувајте го вашиот долг подвиг, не уништувајте ги плодовите на вашиот блажен труд. Веќе одамна успешно пловиме, па зар во самото пристаниште да претрпиме бродолом? Долг пат изминавме, па зар пред самите врати на божествените живеалишта да задремеме? Разберете што сакам да ви кажам, зашто од Бога ви е дадена моќта на разбирањето. „Бидете силни и нека крепне срцето ваше“ (Псал. 30, 24). Подвизувајте се и облекувајте се во смирена мудрост. Не попуштајте ѝ на својата волја: облекувајте се во смирена мудрост; не откажувајте се со радост да ги извршувате моите заповеди. Зашто, ако некој ја умртви својата волја, тој, колку и да му е тешко она што му е наложено, не се откажува од него, се труди, та со готовност се покорува и слуша, се согласува и не противречи, како некое врзано неразумно животно (сп. Псал. 72, 22). Но, секој самиот да се преиспита себе и да познае каков е неговиот однос кон неговото послушание. Впрочем, и јас самиот, врз основа на некои надворешни движења, можам да забележам што се крие внатре во вас. Според свети Доротеј, оној што се откажал од својата волја, што и да се случува во манастирот, секогаш е спокоен. А оној што не е таков, тој секогаш се чувствува уморен и расеан, затоа што неговата волја непрестано го влече на сите страни: час на една, час на друга; се мами де со едно, де со друго. Меѓу вас да нема ниеден ваков, туку сите ние со чисто срце да Му служиме на Бога – со еден дух. Ако сум јас едно, а вие друго, тогаш, ете, разделба и војна. Но, ако она што ви го говорам е добро, тогаш зошто војувате против мене? Зошто ме загрижувате и измачувате?
2. Сакам да ви напомнам нешто, браќа мои, зошто не извршувате една од моите заповеди, така, како што ги извршувате другите? – Иако таа можеби ви се чини мала, но знајте дека поради нејзиното нарушување ги губите сите ваши исправности. А зошто говориме за големи и за мали заповеди? Секоја Божја заповед треба да биде извршена, а секоја непослушност со право е накажувана. Многупати сум ви говорел со молба и со строга наредба: никој од вас да не му дава на братот свој храна или пиење. Тоа право ми припаѓа само мене, на економот, подекономот, на магационерот и на некој друг од помалите браќа, на кои сум им издал наредби во врска со ова. Па така, ете, пак одново наредувам ова и понатаму никој да не го прави: за ова прекршителот ќе биде накажан со епитимија, која ќе биде таква како и таа за скришно јадење. Затоа, внимавајте, поради лесномисленост, да не паѓате во овој грев. Вие за доброто не се срамувате еден од друг, а се плашите таму каде што нема причина за стравување. Велите, дека не сакате да го ожалостите братот, а, меѓутоа, Бога Го ожалостувате, ме ожалостувате и мене недостојниот. Таквата ваша совесност е последица на вашата неумност, на вашата слаба љубов према Бога, вашето самоволие и телесно другарување. Се осмелувам да ви речам, дека, макар некој да е и ангел, не примај ништо од него. Ете, често добивате овошје со благослов; него секој може да го јаде, а ако некој не сака да го јаде, нека му го врати на магационерот, а ако сака да му го даде на некого, тогаш нека го извести за тоа магационерот. Оној што постапува така, таквиот нема да биле накажан, или не знаете дека од тоа се појавува лоша дружба? А можеби вие им ги давате овие работи токму на оние, кон кои имате нечиста расположба. Но, и да нема ништо такво, не е ли соблазливо и самото дејство? И не предизвикува ли и тоа шепотења и огорчување, кога едниот нешто добива, а другиот само гледа? Овој другиот секако ќе помисли дека него не го сакаат. А, ако кажете дека тоа нема да го дадете пред други, тогаш за тоа нешто ќе треба да барате особено време и место: веќе на овој начин покажувате дека барате скришни средби на советувања. Но, што говори за ова Василиј Велики? – Замижувањето со очите и шепотењето му даваат на ближниот повод да помисли, дека се работи за нешто лошо“ Затоа, никако не е дозволено да му се дава на некого нешто за јадење, без знаење на оние кои се одговорни за ваквите работи. А кој ќе се најде виновен за ова, ќе му биде возложена епитимија, но не мислете дека тоа ќе биде направено како последица на гнев или раздразнетост. Не, јас сум го правел ова и ќе го правам – движен само од љубовта према вас. Јас настојувам во ова да се угледам на Господа, за Кого сведочи апостолот, велејќи: „Господ го казнува оној кого што го сака: го кара секој син, што го прима“ (Евр. 12, 6), како и на самиот овој апостол, кој говори за себе: „Ако јас ве нажалам, тогаш кој ќе ме зарадува, ако не оној, кого сум го ожалостил“ (2. Кор. 2, 2).
3. Сакате ли секогаш и во сѐ да бидете исправни? – Спомнувајте си за смртта, за одделувањето на душата од телото, за приоѓањето на ангелите во смртниот час, за она долго и мрачно патување (по митарствата), за среќавањето со Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос, за страшниот одговор за сите наши дела, за вечните мачилишта, за царството небесно и за ветените неискажливи блага во него.
53
1. Се одвојувам, но душата моја ја оставам со вас; бидете и без мене, какви што сте биле со мене.
2. Поуки на економот.
3. Поуки на браќата по овој случај.
1. Одвојувајќи се од вас за извесно време, јас ја оставам мојата душа со вас, ве предавам на молитвите на мојот и на вашиот духовен отец, кој може да ве запази засекогаш тврди и непоколебливи. Имајте ги секогаш со вас заповедите на нашиот Господ и Бог, преданијата на нашите свети отци и моите поуки и внушувања. „Внимавајте добро како живеете! Не како безумни, туку како мудри“ (Ефес. 5, 15), така како да не сум се одвоил од вас, туку да сум непрестано со вас. Отсуството на учителот на лажните ученици им причинува радост, а на вистинските – жалост. Вие, кои сте достојни за Бога, живејте исправно и праведно; останете вакви какви што сте. Господ говори во Светото евангелие: „Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го наоѓа дека постапува така“ (Мат. 24, 46). Ние сме недостојни да ви говориме вакви зборови, но заради вашето утврдување во добриот живот се обидуваме да ви кажеме нешто слично, иако сме свесни дека се ова зборови многу над нас. Да ве најдам пак како Го барате Бога, како и сега кога ве оставам, соединети во еднодушност, едномислие и со едно срце.
2. Знаете дека сатаната има многу искушенија, а сега е пролет и деновите се пријатни. Бидете внимателни и будни, за да не биде некој од вас погоден со стрелата на гревот. И најнапред ти, чедо мое, кој го примаш началството над браќата место мене; труди се да им бидеш корисен во сѐ, биди снисходлив према нив, задоволувај им ги место мене сите нивни духовни потреби, пази ги строго правилата за пеењето на псалмите и читањето на молитвите: едно дозволувај, кога е тоа можно, друго забранувај, кога е тоа потребно; не биди ни многу благ, ни многу строг, туку и едното и другото соединувај го во сѐ, дејствувај и со едното и со другото, за да го постигнеш доброто: боледувај со болните, тажи со тажните, помагај им на оние што работат и се трудат. Слушај што говори Павле, големиот учител на вселената: „Кој изнемоштува, без да изнемоштам и јас? Кој се соблазнува, без да се распалам и јас?“ (2. Кор. 11, 29). Господ нека ти подари разум во сѐ. Но, го имаш и нашиот заеднички духовен отец; слушај ги неговите совети и исполнувај ги во сѐ неговите повелби. Оној што извршува игуменска работа во манастирското братство голем ќе се нарече на небесата, ако управува достојно над оние што му се потчинети. Што му рекол Господ на великиот и свет апостол Петар? „Ако ме љубиш, паси ги овците Мои“ (Јован 21, 15-17).
3. Вие сте Христови овци, чеда и браќа мои. Ве молам во името на нашиот Господ Исус Христос, Кој се предал заради нашите гревови, покорувајте му се на постариот од вас: никој нека не се противи на Неговите заповеди; кој му се противи нему, се противи на Божјите повелби. Со него ќе биде подекономот: слушајте го и него. Никој да не го потценува поради неговата младост, зашто староста не е во бројот на годините, вели Светото Писмо (сп. Изрек. 4. 8 ). Оној што ја придобил старечката мудрост, тој е стар. Затоа, бидете сите мудри, сите бидете старци со своето разбирање; никој да не биде младенец со своите знаења, „за да можете да испитувате и осознавате што е волјата Божја“ (Рим. 12, 2).
54
1. Угодувајте Му во добро на Бога; грижете се еден за друг, без да си угодувате на себе; не бидете мудри за себе; бидете еднодушни.
2. Монаштвото бара труд, особено смирение; спокојот овде и во идниот живот е плод на трудот; сите манастири живеат со својот труд; покорувајте се смирено и ќе живеете мирно дури до своето преминување во вечноста.
3. Братот Пахомиј почина; спомнувајте си за неговите добродетели: неговата смиреност, воздржувањето, неговата веселост и насмеаност, и тоа само понекогаш, неговата трезвеност, подражавајте ја. Му благодарам на Бога што пројавува достојни луѓе меѓу нас.
1. Знаете што бара Бог од нас, за да живееме богоугодно: бара да се самопринудуваме во сегашниов живот, подвижнички да се притеснуваме, во очекување да го добиеме блажениот вечен живот. Плашете се од Оној Кој е единствено страшен во Својот Суд и однесувајте се добро еден према друг; вашите телесни желби не ставајте ги на прво место, вовлекувајќи се еден со друг во своите страсти. – Дознавам дека во своите заеднички разговори спорите меѓу вас, дека не размислувате за она што е корисно за сите и не го барате тоа, туку она кон што ве влече вашата расположба – за да си угодите себе. И во тоа не ја исполнуваме апостолската заповед: да се грижите еден за друг, како за членови на едно исто тело (сп.1.Кор.12, 25-26). Ако сте согласни во нешто сите, тогаш вашата работа е богоугодна, а, ако имате различни мисли, ако сте самољубиви и се правите мудри, тогаш на вас ќе се однесуваат пророчките зборови: „Тешко вам“, зашто високогласниот Божји пророк Исаија говори: „Тешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себе!“ (Иса. 5, 21). Добро живее оној што не се спротивставува и кој не говори и не прави ништо според своите мисли и одлуки, туку онака како што е наложено. Ако бидете такви, тогаш нема да се борите еден против друг и нема да дозволите да има судири меѓу вас и гордост, ниту некакво подбивање. Колку бил голем бројот на христијаните во Ерусалим во почетокот, но сите тие, како што е напишано, имале една душа, никој немал ништо свое: ни желби, ни имот.
2. Чеда мои, животот на монахот е преполн со многу работа и со многу труд: за тоа е потребна многу пот и трпење; а најмногу од сѐ – смирение. Оној што ја има добродетелта на смирението, тој нема опасност од паѓање, според светите отци; тој е како чисто злато и погоден за секаква работа; неговата вредност е голема. Јас знам дека се трудам во вашите работи до презаморување. Да ви дава Господ милост и добар живот, а по земниот живот, да ви подари вечно блаженство. Но, и овде ги наоѓаме плодовите на нашите трудови во спокојот и радостите – додека сме уште во тело. Притоа, бидете уверени, дека не само ние преку труд го добиваме она што ни е потребно во животот, туку и секој друг манастир со труд и со пот го запазува својот живот. Зашто можеме ли ние да ги покажеме лажливи зборовите на нашиот Бог на вистината, Кој му рекол на нашиот праотец: „Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“ (1. Мој. 3, 19). Никако. Покорувајќи се на овој животен закон, нашиот живот добро се движи по патот Божји. Имајте го за утеха и поткрепа благословот на нашиот духовен отец. Имајте ја и усрдната молитва на моето смирение, со која, иако сум недостоен, секојдневно Му се молам на Бога, нашиот милостив отец, да ве запази во взаемен мир и братска љубов, така што кога ќе дојде времето душата да се разреши од телото, да може со чиста совест, која нема да го осудува, и со добра надеж, да премине од овој живот – во другиот и да добие вечна и блажена награда.
3. Вчера почина брат Пахомиј. Спомнете си за добродетелите на овој човек. Спомнете си колку тој не се надеваше на себе и колку големо беше неговото воздржување. Спомнете си што говореше тој, дека кога бил градинар, освен она што се давало на трпезата, не си дозволувал во градината да употреби и најмал плод, а сум слушал, дека и она што било давано да се употребува надвор од трпезата, не го јадел во градината, за да не се јави кај некого сомневање и со тоа да не го навреди својот брат. Исто така, на сите ни е познато, дека тој никогаш не се смееше и никогаш не одеше повеќе од насмевка, запазувајќи секогаш строго внимание према себе и трезвена расположба. А тој беше неуморен Божји работник; знаете дека се трудеше дење и ноќе. И затоа премина блажен во другиот живот. Не престанувајте да го почитувате со потполна почит, но пројавувајте и ревност да се угледате на неговите добродетели, така што и секој од вас, кога ќе си појде од овој свет, да остави зад себе добри спомени и поучен пример за целото братство, така што од нас зависи кој каков пример ќе остави по своето заминување оттука. Ако некој сака да биде свет, или блажен, или преподобен или со некое друго именување да се удостои, сето тоа е можно за него, ако уште овде се настојува и живее сообразно: за тоа нема никаква несовладлива пречка и никаква неможност, за што ни служат како потврда примерите на оние, кои го посакале ова и кои се покажале такви. И ние, ако посакаме да бидеме наречни блажени, рамноангелски и богоугодни, тоа ќе ни биде, ако се воздржуваме од нашите пожелби и ако засакаме да се принудуваме на секое добро, и ја избереме смирената мудрост во сѐ. Јас сум уверен дека сте такви и дека ќе останете такви и дека многумина од вас ќе Му бидат принесени како пречесна жртва на Бога. Се восхитувам и се преисполнувам со радост, што Бог, не гледајќи го моето преголемо недостоинство, Ми подарил вакви браќа, се осмелувам да речам, кои во ништо не отстапуваат од древните подвижници, туку во сѐ се еднакви со нив: и во нивното откажување од светот, и во исправноста на нивните послушанија, во потчинувањето и во нивното предавање на Бога дури до смртта. Да Му благодариме на Бога што избрал и повикал такви Свои избраници. Зашто секаде и по целата земја има многумина, кои Му угодуваат на Бога. „Служете Му на Господ со страв и со трепет“ (Псал. 2, 11). Барајте Го Бога, и ќе Го најдете: Он ќе ви го подари царството небесно.
55
1. Ја изразува својата добра расположба према ревносните трудбеници и ги моли да покажуваат ревност и кон духовните работи и за манастирските послушанија.
2. Брзајте на работа, поттикнувајќи се еден со друг, без да чекате повторно да ве повикаат; победувајте ги страстите, макар и да придобиете и рани од нив, нема да бидете лишени од награда, што ја заслужуваат добрите војници.
3. Да бидеме милостиви не само према луѓето, туку и према животните.
4. Водете грижи и за предметите, дури и за најневредните работи.
5. Секогаш чекајте ја смртта; откако ќе ги подигнете едрата, пловете, набљудувајќи некаде да не навлезе вода…, тоа се искушенијата преку сетивата.
1. Свети Василиј Велики рекол: „Себлажениот Бог затоа ни го дал дарот на говорот, за да можеме еден на друг да си даваме совети и да си ги откриваме помислите на нашите срца“. Ете, и јас ви откривам што има во срцето на моето смирение, па иако сум самиот лош и грешен, иако имам многу гревови, но ја запоставувам мојата немоќ и опасноста на мојата положба, сета моја грижа ја свртувам кон вас, за вас се плашам и треперам, за вас се трудам во сѐ. Затоа, оној од вас, кој се грижи повеќе од сѐ за своето спасение, тој не е мое чедо, туку е мој господар и отец, и јас духовно паѓам пред неговите нозе; оној што е брз и ревносен во својата работа, тој е мојата сила и крепост; оној што е молчалив, смирено мудар и што трепери од Божјите зборови, тој е мојата душа, моето срце и мојот ум. Јас му се лутам на оној што ништо не работи, кој не заслужува дури и да јаде, според зборовите на божествениот Павле (сп. 2. Сол. 3, 10). Им се лутам и на мрзливите и на поспаните, кои не се грижат за своите работи. Затоа, ве молам, чеда мои и браќа, станете и бидете ми соработници и сопатници на патот, кој води кон небото. И, пред сѐ, зафатете се искрено и силно за духовните работи, разгорувајќи се како оган и брзајте кон ноќното пеење на псалмите и кон дневните молитви, а потоа, свртувајќи се и кон телесните работи, со кои сте задолжени, станувајќи наутро што е можно порано, да не дозволувате сонцето да ве најде на вашата постела, како што ни заповедал свети Василиј Велики. Во спарните часови во текот на денот можете малку и да поспиете, но не повеќе од еден час и веднаш потоа станувајте. Чуј што е напишано во Светото евангелие „Многу рано, тие дојдоа на гробот“ (Лука 24, 1); многу рано „излезе Петар и другиот ученик“ (Јован 20, 2-4); во „полноќ“ станале Петар и Сила на молитва (сп. Дела 6, 25), подражавајќи на она што се пее во псалмите: „На полноќ станувам да Те величам..“ (Псал. 118, 62). Гледаш ли? – Ете, апостолот, проповедникот на евангелието, ловецот на вселената, по таквото служење на словото, се свртувал кон рачната работа, давајќи ни на тој начин пример како треба да се живее за Бога.
2. Бидете „незаборавлив слушател на словото“ (Јак. 1, 25); бидете извршители на законот и негови исполнители, извршители на она што ни е објавено, според божествениот Совет. Засилувајте ја ревноста еден на друг и поттикнувајте се взаемно. Кој е побрз од другите во послушноста? – Оној што не чека повторно да му се каже, па да послуша; туку веднаш ја почнува својата рачна работа или она што му е заповедано, давајќи ни со тоа пример како треба да се живее за Бога тој бара прошка и ја прима секоја забелешка. Ако сте и вие такви, тогаш добро знам дека се радувате и веселете, дека сте исполнети со надежта кон бестрасноста дека се издигнувате кон чекорењето на небесното блаженство, останувајќи чисти по душа, незавидливи и неподатливи кон страстите, зашто иако добивате дразнење и привлечување кон страстите, но бидејќи сте украсени и вооружени со такви духовни сили, вие ги прогонувате демоните што ве напаѓаат. Впрочем, кој од оние што војува не добива рани, макар и да победува? И како нема небесниот Цар да го награди ваквиот борец, па макар и целиот да е покриен со рани, само ако не е мртов од гревови?
3. „Бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец“ (Лука 6, 36) и, како што е напишано во Стариот завет: „Праведниот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на безбожникот е жестоко“ (Изрек. 12, 10). Најнапред пројавувајте ја милоста заемно према себе – едни према други, а потоа и кон животните: не оставајте ги ненахранети и ненапоени, туку навреме хранете ги и појте ги. Тоа нека биде очигледен знак за тоа дека тој добиток им припаѓа на монасите: тоа што ќе бадат добро нахранети и силни, а ако не се такви, тогаш сите треба да знаат дека им припаѓаат на други лоши и неразумни луѓе.
4. Покажете се точни исполнители на правилата на нашето монашко живеење, па дури и на оние најмалите. Како што ревнувате да ги исполнувате овие правила точно, исполнувајте ги и во однос кон предметите, не фрлајте го овошјето, па дури ни парталите и парчињата од различни материјали не фрлајте ги, а уште помалку правете го тоа со облеката, зашто во Отечникот пишува дека монахот носи таква облека, така што кога би ја фрлил на трн, никој не би ја зел. Не фрлајте ја вашата стара облека сѐ додека може да стои на вашиот грб. Не горете ги отсечоците од штици и друг дрвен материјал; можеби сите тие работи можат уште некаде да бидат корисно употребени. Внимавајте виното и зејтинот да не се изливаат попусто. Со што можеме да го оправдаме ова?
5. Секој ден чекајте го вашето разрешување од телото. Тогаш ќе нѐ види страшното лице на Господа. – Затоа: „солзите мои беа леб за мене и дење и ноќе“ (Псал. 41, 3). Изливајте го пред Него своето срце. И јас се надевам дека вие велите: „Зошто тагуваш, душо моја, и зошто си вознемирена? Надевај се на Бога, бидејќи јас пак ќе Го славам мојот Помошник, мојот Бог“ (Псал. 41, 5). Затоа, не жалете и не очајувајте поради страстите, па макар и силно да ве брануваат, туку, откако ќе го издигнете едрото на својата душа, спокојно продолжувајте го своето пловење и трудете се да го препловите големото и опасно животно море, бидејќи сме управувани со молитвите на нашиот духовен отец. И, ако ви навлезе во коработ вода преку мали пукнатини, како преку нашите сетива: преку видот, слухот и преку другите сетива, кога погледнеш страсно, макар да е тоа и ненамерно, или кога преку слухот примиме пријатни зборови или некоја мелодија, било преку мирисот или вкусот, или преку допирот, кои можат да нѐ одведат во плен; кога ќе се фатиме за нашето тело и ќе се допреме до телото на нашиот ближен, намерно или случајно, тогаш веднаш да го исфрлиме тоа од нас, преку исповедување и солзи. А, ако страста почне да дува многу силно, тогаш треба да го спуштиме едрото, односно вистински да се смириме, а ако се скине врвката, односно – силата на триењето, брзо зафатете се да ја зацврстите преку востановувањето на силите на умот. Ако дејствувате вака, без опасност ќе влезете, со вашиот кораб на добродетелите, во мирното пристаниште на вечниот живот.
56
1. Кај почетниците во монашкиот живот искушенијата се многу силни, затоа што кај нив се уште се силни грешните и страсните навики.
2. Голем е нашиот начин на живеење и по тоа што имаме сега, како и по тоа – што чекаме во иднина, ако го споредиме со животот на мирјаните.
3. Кога се зголемуваат вашите искушенија однадвор или оние што доаѓаат од телото и страстите, – стојте и борете се сѐ додека не победите.
4. Овде се набројуваат помислите од десната и од левата страна и се предлага на вторите да им се спротивставуваме а кон првите – да се прилепуваме.
1. Не чудете се што некои од нас се препнуваат, а други сосема потпаѓаат, особено оние што го минуваат своето искушеништво, оние што неодамна дошле во манастирот. Тие не можат да го носат благиот Христов јарем затоа што во нив останале многу од лошите и грешни расположби од нивниот мирски живот: недостиг на трудољубие, љубов кон светот и нивните грешни навики. Заради тоа тие се враќаат пак, како „песот се враќа на својата блујавица, и искапената свиња – во калта“ (2. Петр. 2, 22): Малку се оние што одат по тесниот пат и што низ тесните врати влегуваат во царството небесно (сп. Матеј 7, 13, 14), затоа Спасителот вели: „Ако некој дојде кај Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик“ (Лука 14, 26).
2. Голем е и несфатлив начинот на нашето ангелско живеење; блажен е оној кого што Господ го избрал од ништожен и обичен световен живот, оној кој, откако го слушнал гласот на Господа, тргнал по Него и почнал да го живее ова преку возвишено живеење, чекајќи потоа преку соѕерцанијата на својот ум, да го види царството небесно. Зашто во долниот свет владеат темнината и мракот и секој човек што го избира она што е суетно, гниежливо и скоро преодно се наследува само со земниот живот, а е далеку од вечните и непропадливи блага, кои се неискажливи и назамисливи. Таквите се наоѓаат како во некоја ноќна борба и ништо не знаат и не гледаат од каде и како им доаѓаат ударите, не знаат како настанале тие страшни околности и како ги шибаат како разбеснети бранови. Оној што ќе го согледа и ќе го разбере сето ова, и ќе успее да се извлече од оваа толпа на заробеници во ѓаволските мрежи, тој, како ослободена птица, се издигнува нагоре и се искачува на духовната планина на богоугоден живот, а го остава долу сатаната под себе и му се потсмева и го гази, според зборовите на Господа: „Еве, ви давам власт да газите на змии и скорпии, и власт над секоја непријателска сила; и ништо нема да ви наштети“ (Лука 10, 19). Газете ги и смачкувајте ги неговите разновидни глави и сета негова горделива боречка сила, откако се облечете во сето оружје подвижничко. Ете, ова е посведочено за вашето посиновување од Светиот Дух и што е тоа што ве прави Божји синови.
3. Никако не колебајте се што и да ви се случува за испитување на вашата богољубива расположба. Не плашете се кога ќе се подигне борба, внатрешна или надворешна, стоејќи неподвижни и готови да ја пролеете вашата крв, со сигурна надеж дека преку трпението ќе се удостоите со вечна награда. Бидете храбри и борете се против лукавиот ваш непријател, кој се бори против вас. Ги знаете бунтувањата на вашето тело; ги знаете тие домашни воспламенувања против светиот дом, односно против вашата скапоцена душа; ги знаете страстите, тие арабиски волци, кои се претставуваат однадвор во облеката на овци, а однатре се полни со пакост и желба за убиство; ќе ги познаете по нивните плодови, според Светото евангелие и стојте непоколебливо на своето.
4. Кога се појавуваат во вас помисли на љубов према Бога, на целомудрие, побожност, трпење, спомнувањето за смртта, одвојувањето на душата од телото, среќавањето со ангелите, стоењето пред Бога, одговарањето пред Неговиот суд; кон ова ќе го додаде и следново, ставајќи го она што е прво – на последно место, – и помислите на послушноста, смирението, откажувањето од својата волја, поднесувањата на подбивањата и друго нешто слично на ова, тогаш знајте дека тоа се добри мисли или мисли што се од десната страна, помисли на царството небесно, кои ни помагаат по патот кон царството небесно. А потоа, ставете ги овие спротивни помисли: љубовта кон светот, љубовта кон гревот, љубовта кон телесните сласти, алчноста, празнословието, долгото спиење, суетата, напослушноста, неверувањето, самофалното служење, па зошто е потребно да ги споменуваме сите страсти? – „да ги пребројам – но тие се побројни и од песокот“ (Псал. 138, 18). Па кога на овој начин добро ги знаете кои мисли се од левата и кои од нив се од десната страна, односно кои се лоши и кои се добри, тогаш од вторите бегајте, а на првите давајте им чест. Противете им се на лошите мисли и бегајте далеку од нив, како што нѐ поучува светиот апостол Јаков, велејќи: „Покорете Му се на Бога: а противете се на ѓаволот“ (Јак. 4, 7). Извршувајте го првото и ќе го добиете она што го ветува апостолот, којшто вели: „укрепете ги срцата свои, зашто доаѓањето на Господ се приближи“ (Јак. 4, 8). Никако не дозволувајте си да бидете самољубиви, да се надевате на својот разум и ум, зашто светите отци ги сметаат овие гревови како извор на ѓаволските измами за послушниците – почетниците во монашкиот живот. Напротив, секогаш држете се за братољубието, едноставноста, простодушноста, отвореноста, омразата кон светот, искреноста, послушноста, разумноста, отстапувањето, богопочитувањето и потполната преданост на Бога.
57
1. Ние сме во состојба на војна; јас како војсководител, ве храбрам со моиве зборови; стојте на своите места.
2. Вашите подвизи не се мали, но не гледајте на она што е видливо, туку на невидливото, и радувајте се, зашто наградата е голема.
3. Господ се предал Себе за нас, да се предадеме и ние за Него и непоколебливо да стоиме во нашето монашко достоинство.
1. Ние сме во состојба на војна, во војна тешка и неизвесна. Зашто, што вели божествениот апостол? Тој вели: „Зашто вашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебeсните духови на злобата“ (Ефес. 6, 12). Затоа, како што војсководителот пред секоја борба со свои зборови ги воодушевува своите борци против непријателот и ги поттикнува храбро да се устремат и да ги победат и одгонат своите противници, така и јас, иако сум немоќен, должен сум и сакам да ве храбрам секогаш вас, војници Господови – да ги победувате демонските војски и разновидните гревовни страсти.
2. Не е мал вашиот труд и не се мали напорите на вашите духовни подвизи: тие се постојано напнати, воинствени, борбени, прекрасни и натприродни зашто секојдневно како да ја пролевате својата крв, откажувајќи се од своите желби, прекорите и навредите ги поднесувате како тешки и длабоки рани, а даденото ви послушание – како тешки подготовки пред натпревари. И на никого од вас не му е дозволено да премине преку границата од она што му е заповедано што е должен да го прави: сите заедно навлегувате во борбите и страдате до исцрпување, се стремите и се приморувате кои се што се должни да го прават подвижниците: во глад, жед, во студ и голотија, во слава и понижување и во сѐ друго, со што се фалел апостолот (сп. 2. Кор. 6, 4-8; 11, 27), Но, радувајте се, чеда мои, радувајте се, гледајќи го она што е невидливо, зашто видливото е привремено, а невидливото е вечно (сп. 2. Кор. 4, 18 ) и, имајќи на ум, дека „вашиот живот е сокриен со Христос во Бога. А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава“ (Кол. 3, 3-4) и почнете да се веселите вечно, зашто Господ, Кој ви ги наложил подвизите ќе ве награди за нив со вечни и скапоцени награди.
3. Останете, останете во љубовта, мои господа и господари, останете во Божјата љубов! И како Он што нѐ воздигнал нас и се предал за нас да биде осуден на смрт, и тоа смрт на крст, така и ние да Му се предадеме Нему и со тоа да Му дадеме благодарност Нему – на човекољубивиот Господ, за тоа што нѐ удостоил така нас, кои сме се одвоиле, во Негово име, од светот и сѐ што е во него, како и од секакво угодување на стомакот. Како ќе Му се отплатиме на Бога, Кој ни дал сили да можеме да го правиме сето ова? – Што друго, ако не тоа што поради мрзливост и бесчувство нема да го загубиме она што сме го придобиле и дека и од она што претстои нема да се плашиме, туку, ако биде потребно, дури и крвта наша да ја пролееме, и сето тоа силно да го сакаме. Затоа, бидете тврди и зајакнувајте уште повеќе и повеќе дејствувајте, уште поусрдно и поживо, богоподобно и со уште посилна љубов еден кон друг, отсега и довека.
58
1. Си спомнувам за смртта и за сѐ што бива тогаш и Му се молам на Бога да ми помогне да се очистам и да не го дочекам огнот, а вие радувајте се, очекувајќи ја наградата, макар што вашата сегашност е тешка и страдална.
2. Ете, настапува Велигденскиот пост. Да го пречекаме со радост како време на очистување и душевен мир. Исто така, да не заборавиме дека тоа е и време на духовна сеидба, па да се зафатиме со ова благотворно сеење, одејќи притоа по царскиот пат на умереноста во сѐ, а најповеќе од сѐ, да се трудиме – да бидеме смирени.
1. Си спомнав за смртта на еден од почитуваните браќа, па почнав да офкам и да јачам во мојата душа, помислувајќи за тоа какво ќе биде разединувањето и одделувањето на душата и телото, ова наше грабнување во некоја друга земја, она појдување по некој друг пат, тоа преминување во еден друг свет – необичен, неиспитан и неискажлив. Зашто, кој може да каже какви среќавања ќе доживееме таму, какви глетки и какви настани? Какви Божји слуги ќе ни бидат испратени за да ја земат нашата душа оттука на небото? И дали ова пратеништво нема да се состои од лошите ангели? Да се исплашиме од ваквата можност! И каде ќе појдеме, – дали во местото на успокојувањето, „Зошто тагуваш, душо моја, и зошто си вознемирена? Надевај се на Бога, бидејќи јас пак ќе Го славам мојот Помошник, мојот Бог.“ (Псал. 41, 5) или, напротив, во огнот, во темнината, кон црвите и кон другите безбројни измачувања? Кога помислувам за ова јас се избезумувам, се ужасувам, треперам и се молам, да ми биде дадено уште овде, со солзи да ги измијам моите безбројни гревови и барем малку да се очистам, пред да бидем фрлен во оној оган што сѐ проголтува и никогаш не завршува. А вие, бидејќи се наоѓате во подвизи и борби за придобивање на добродетелите, радувајте се, кога слушате и помислувате за ова, радувајте се, подржувајте и цутете, и во Господа живејте. Иако е жалосно сето она што е околу вас, сепак, помислувајте на вечните награди и подвизувајте се без мрзливост и без малодушност и до крајот трчајте во вашиот натпревар.
2. Еве, пак ни претстои светата Четириесетница период на пречесни денови за очистување! Никој да не се плаши и никој да не биде мрзлив. За време на овој пост слатко е умилението, возвишени се светите помисли, душата е преполна со небесни соѕерцанија, се очистуваат срцето и телото, се отфрлаат нечистите страсти, а солзната скрушеност е измивање пред Бога. Да се подготвиме за примање на овие денови: „тоа е време за успокојување на телото и на душата, и повеќе на душата отколку на телото.“ – Ова време е и време на сеење. Во телото колку и да сееме, сето тоа гние и се распаѓа; од сето тоа похотите беснеат, крвта врие и неразумното животно во човекот јакнее. И колку се заблудуваме за земното кога се грижиме и кога му служиме на непостојаното! А во душевната сеидба ништо не се загубува и ништо не пропаѓа, ништо попусто не се троши и ништо не загинува, туку сѐ се запазува и останува – да нѐ храни со вистинска бесмртна храна – за да ги храни вашите чисти души, а во сѐ: радоста, мирот, верата, надежта, љубовта, просветувањето, очистувањето, осветувањето, а, најпосле, и обожувањето. Но, сепак, да не си дозволуваме прекумерни телесни подвизи и да не се отклонуваме од утврдениот ред; по царскиот пат да одиме и во исхраната и во пиењето, во бдеењето, во осамувањето, во спиењето на гола земја и во сѐ друго што е слично на ова. Особено да настојуваме да се смириме со божественото смирение, па затоа нелицемерно да бидеме послушни, нашата лоша волја да ја искоренуваме од длабочините, како и што се трудите, да правите. Ако ова го правете, со Светиот Дух ќе се исполните, а тивко и со љубов – ќе навлезете во светлите дни на светото Воскресение Христово. – Сето ова, како ваш должник ви го напомнувам и ќе ви го напомнувам. Исполнете ја оваа моја заповед и постапувајте според моите смирени зборови!
59
1. Откако извесно време живеев среде суетата на светот, Му благодарам на Бога што заедно со вас избегав оттаму.
2. Од нашата монашка состојба ништо нема поблажено: и по она што го имаме како крајна цел и по она што веднаш го добиваме.
3. Да Го засакаме Бога, зашто кој е подостоен за нашата љубов? Кон ова пристапивте и почнавте, но крајот е уште далеку.
4. Телото наше треба да го умртвиме, особено похотата негова; да бегаме од сѐ што може да го возбудува.
1. По повелба на нашиот владика јас излегов вчера од манастирот, отидов во патријаршијата, а оттаму – на царска Литургија. Целиот ден го поминав таму. Таму видов многу работи и многу луѓе, презафатеност со световни грижи, што луѓето ги гонат таму – ваму, ги слушав нивните многубројни зборови и нивните суети и световни договори, а сето ова беше во пречесните дни на светата Четириесетница. Сето тоа ме оддалечи од мојата обична расположба: во ушите ми одзвонуваа чудни зборови, а пред погледот мој се редеа разновидни слики. И сега уште го чувствувам сето ова во мене: го ползувам сега вашето присуство и сакам да се искажам пред вас. Како што од згустените облаци паѓаат дождовни капки, така се ронеа солзи од моето стеснето срцето. И додека солзите мои капеа од моите очи, јас воздивнував од длабочината на моето срце и го смирував бранувањето на моите помисли, а со моето молитвено издигнување Му благодарев на Господа што ни помогнал да излеземе од таквата средина и да се оддалечиме од неа. Ние не сакаме дури и да се допреме до неа, до нечистотијата на светот; живееме во покорност, секојдневно се бориме со искушенијата на трпеливоста, а во духот наш се издигнуваме до висините на добродетелите со нашиот богоугоден морален живот.
2. Што е поблажено, што е поубаво и што е попожелно од вашата положба и состојба? Вие сте навистина чеда Христови, слуги на Бога и Отца, кои се откажале од телото и крвта. Целите на световните луѓе се во земното, а целите ваши се во небесното: за нив она што е главно – тоа е земното, а за вас е главно – небесното; за нив е главен овој свет, а за вас – небото. Ним им е својствено на тукашните работи да им се радуваат без радост, да богатеат со земните богатства – без чувство на богатство, да се насладуваат со земните наслади, без да ја наситат својата глад за насладување. Поинаку не можам да говорам за нив. А вие, имате веселба, која тече со надеж, со радост, за тоа што ви е ветено во идниот живот, со сиромаштијата во привременото, збогатувањето во вечноста, а и тогаш кога со маки се воздржувате – пречудно вкусувате од слатките духовни блага. Ништо друго да не посакуваме, на ништо да не погледнуваме и да не го свртуваме нашето внимание, ништо друго да не посакуваме, освен она што ни е подарено како дел одозгора, она со што сме од Светиот Дух облагодатени.
3. Дојдете, браќа, да Го прославиме Оној Кој нѐ повикал. Дојдете да Го возљубиме Оној Кој толку многу нѐ возљубил. Дојдете ропски да Му послужиме, за да се удостоиме со господарење над сите. Дојдете да се исплашиме од Него, за светот од нас да се исплаши, и да бидеме засакани од ангелските сили. Дојдете да се очистиме од лошите дела и помисли, за Тој Кој е светлина вистинска и непристапна – да нѐ озари со молњата на Духот и да нѐ изведе на високата гора од животот божествен и пред луѓето да нѐ покаже како Божји град. Сте слушнале што говори еден од светите оди во отечникот: „Ако почнеме да Го почитуваме Единиот Бог, тогаш ќе почнат да нѐ почитуваат и нас, а, ако почнеме со нашите гревови Него да Го навредуваме, нема ли тогаш да нѐ навредуваат и нас?“ – А кој нема да Го сака Господа? Кој нема да се приближи до оваа голема и недостапна Светлина? Кој нема да побрза кон Овој Голем наложувач на подвизи и на соодветни дарови? Кој не сака да царува со овој Цар на вековите? Кој не сака да биде посиновен од Оној, од Кого е сѐ што е на небото и на земјата. Отецот на штедростите и Господарот на сѐ? Кој не сака да биде сонаследник заедно со нашиот Господ Исус Христос на ветувањето на Отецот, кое не може да се искаже со зборови, не може да се смести во слухот наш, а и мислата наша не може да го сфати? Вие ова сте го избрале и засакале, сте го слушнале призивот и сте дошле, сте почнале да го извршувате и го извршувате. Но, на подвизите ваши крајот уште не дошол: уште имате да трчате, уште продолжува натпреварот ваш, како што го изразила ова онаа златна уста на Духот. Зар не слушаш што говори Павле, апостолот на вселената за оваа светлина на светот: „Јас сѐ така трчам, но не на несигурно; се борам не како оној што удира по ветар; туку го изнурувам и го поробувам телото, да не би случајно, проповедајќи им на другите и сам да станам негоден“ ( 1. Кор. 9, 26-28).
4. Слушаш ли што рекол овој Божји човек? – Потребно е умртвување и силно поробување на тој тешко скротлив коњ – на телото. Да го стеснуваме и да му ставаме узда; да не му дозволиме да го отфрли својот јавач – нашиот ум и да не нѐ направи достојни за подбивање пред непријателите наши. Да ги одбегнуваме стрмнините, за да можеме побрзо да трчаме. – Секако, ме разбирате за што ви говорам. Тешко му на оној што гледа лошо, зашто низ таквото гледање навлегува отровот на гревот во нашата душа! Тешко ѝ на безумната смелост: таа брзо го изгорува домот на добродетелите! Тешко им на оние што се насмевнуваат, без оглед дали се млади или стари: во еден миг тие нѐ фрлаат во најголемите длабочини на страстите! Тешко им на оние што се прејадуваат и што долго спијат; тие ги раѓаат и умножуваат похотните семиња! Тешко им на оние што се здружуваат двајца по двајца, кои тајно насамо седат и разговараат, особено, ако се осмелуваат еден на друг срамните помисли да си ги откриваат, под изговор дека тоа го прават за взаемна корист, зашто Христос не е меѓу нив, туку сатаната! Но, со стравот Божји оградете се, а уште повеќе и со издигнувањето ваше кон небото.
60
1. Станете и побарајте исцеление кај Господа – Лекарот што ги лекува сите болести.
2. Нашиот живот е возвишен и ангелски, а ние сме телесни и земни; затоа, за да успееме, – од нас се бара голем подвиг.
1. Станете, поправете се и трчајте добро по вашиот пат. Нека се разбуди оној што дреме во мрзливост. Оној кому рацете му се спуштиле, а нозете му се фатени, нека почне да оди право по патеките на Господовите заповеди. Оној што е заслепен со своите страсни помисли, очите свои нека ги измие во бањата на солзите, па, откако ќе прогледа со бестрастие, нека Го прославува Господа – Тој што е покриен со гревовни рани, како лепрозниот, искрено нека пристапи кон Господа, и ќе ги слушне зборовите: „Сакам, очисти се“ (Матеј 8, 3); па, откако ќе се очистиш, пази се и повеќе не греши. Кој е глув со душата и слеп со умот свој, ќе почне да слуша и ќе проговори. Божјите зборови ги лекуваат сите. Ова ви го велам поради немоќните меѓу вас, зашто „здравите немаат потреба од лекар, а болните“ (Матеј 9, 12).
2. Нашиот голем и преславен монашки живот не се усовршува лесно: за тоа се потребни многу маки и подвизи; колку е повозвишен, побожествен и сличен на ангелскиот, толку повеќе усилби и трудови се потребни, зашто ние што сме телесни, сакаме да станеме како бестелесните ангели; ние што живееме во светот сакаме да живееме како да сме на небото; ние што сме врзани со телото и крвта, – сакаме и се трудиме да живееме како да сме бестелесни, зашто „телото и крвта на можат да го наследат царството Божјо“ (1. Кос. 15, 50). За тоа треба да имаме голема тврдост, многу внимание и многу усилби, како што говори апостолот: „Телото сака. „спротивни работи на духот, а духот – спротивни на телото, тие се еден против друг“, за да не го правите она што не го сакате. Внимавајте, настојувајте да не дозволите подоброто да не биде победено од лошото, а она што треба да господари во вас, – да не им служи на телесните страсти, за да не се покажеме дека одиме со главите надолу, а со нозете – нагоре.
61
1. Измина половина на Велигденскиот пост; се потрудивме и плодовите се гледаат; Божјата милост е со нас; да Му благодариме на Бога и да се стремиме понатаму.
2. Бог, ангелите и сите светии го гледаат нашето чекорење кон небото; да се трудиме да ги победуваме пречките и да гледаме нагоре.
1. Благодатта на Светиот Дух добро нѐ доведе до средината на Велигденскиот пост, крепки и во добродетелност. Верувам дека Божјата благодат и понатаму ќе нѐ води и ќе нѐ привлекува и ќе нѐ доведе до самото животворно и свето Христово воскресение, за простување на гревовите и до осетно подобрување на нашето преуспевање. Свртете се наназад и видете каква беше вашата состојба и колку е подобрена сега. Душата, откако еднаш ќе се исполни со ревност за своето спасение, постојано се пројавува во ова издигнување кон висините на добродетелите – кон небото. Така и ние, браќа, заедно и со ревност навлеговме во овие дни и, откако ќе ги отстраневме сите тешкотии и пречки, досега одевме право и добро и станавме поинакви, ја засакавме побожноста и точното извршување на заповедите; не загубивме ништо од она што го бевме придобиле понапред, а со ново се збогативме. И се развесели срцето мое и духот мој се зарадува, што се преумножија божествените плодови на вашето дело и што вашата света равност се удостои со подобриот дел. Сето ова апостолски е речено: „Тоа зависи не од оној, кој пожелува, ниту од оној, кој трча, туку од Бога, Кој милува“ (Рим. 9, 16), со Кого немоќните моќни стануваат, а бессилните „ги препашува со сила“ (Псал. 17, 32). Но, да не се задоволуваме со она што сме го постигнале, туку со младешки сили да се насочуваме кон она што ни претстои, и „како на орел ќе се обновува твојата младост“ (Псал. 102, 5), секогаш напред да се движиме, да не го сметаме како последна граница она што сме го достигнале сѐ додека низ вратата на смртта не преминеме од привременото во ветеното. И навистина, браќа, блажени ќе бидеме заедно со ангелите.
2. Каква слава и чест ако живееме како што треба – сообразно со нашето монашко достоинство! Гледајќи нѐ такви ќе ни се радува Господарот на сѐ, а заедно со Него – ќе ни се радуваат и ќе се веселат сите светии. Како што ние со нашите телесни очи ги гледаме оние што се натпреваруваат, така и Бог, и ангелите и сите светии нѐ гледаат нас и го одредуваат достоинството на она што го правиме. Да трчаме, браќа мои, да трчаме во ова големо натпреварување по патеката, која води од земјата кон небото, да го победиме противникот наш кога ќе се обиде да се бори со нас и да го прогониме далеку од нас. Тој е страшливец, немоќен и презрен, па затоа Божјиот брат Јаков извикува: „Противете се против ѓаволот, и тој ќе побегне од вас. Приближете се до Бога, и Тој ќе се приближи кон вас“ (Јак. 4, 7-8). Да не дозволиме да се вратиме во нешто наназад, зашто ова не им е својствено на оние што трчаат и се натпреваруваат и брзаат кон победата. Но, растоварете се и олеснете се и од своите дела и од своите желби, па кога својот поглед ќе го устремите кон небото, трчањето свое со успех да го завршите, па да можеме и ние заедно со апостолот да речеме: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив. Понатаму ме очекува венецот на правдата“ (2. Тим. 4, 7-8).
62.
1. Вашата положба е заздравена; запазувајте ја.
2. Секој нека ја извршува својата работа, а најмногу ти, економе, а потоа и сите што се по тебе: кон оние што се над вас, однесувајте се добро, а кон потчинетите, трудете се да ги задоволувате нивните потреби.
3. Сакајте ги епитимиите и промените на послушанието. Стравувањето на Свети Теодор во врска со разрешувањето на душата од телото.
1. Слава Му и благодарност на Господа, Кој нѐ собра и нѐ утврди во една мисла и во една волја. Затоа се осмелувам да речам, дека нашата глава е Христос, кон Кого, како кон наш Војсководител, во сѐ послушни ќе Му бидеме и сѐ за слава Негова ќе работиме. И кој ќе биде поблажен од вас, ако до крајот останете во ваква добра расположба? – Да ви даде господ секогаш добро да се однесувате еден со друг, сѐ повеќе и повеќе да се очистувате и да се просветувате,непрестано да одите напред, макар и со придодавања на мали дела. Вашата положба е сега добра; пазете ја.
2. Секој нека го исполнува своето послушание така, како што му е заповедано. Нека внимава на себе и нека не се издигнува над братот свој, запазувајќи го доброто однесување секогаш и во сѐ. Најмногу внимавај ти, чедо економе, исполнувај ги твоите задолженија: „Со кротост да ги преваспитува противниците за да би можел Бог да им даде покајание, за да ја познаат вистината, и да се ослободат од мрежата на ѓаволот кој ги уловил живи за да ја исполнуваат неговата волјаˮ (2. Тим. 2, 25). Секогаш биди внимателен и не прави ништо со пристрасност и гнев. Апостолот говори: „Настојувај во погодно време и во невремеˮ (2. Тим. 4, 2). – Впрочем, биди таков каков што сум јас, макар што сум и јас полош од сите. Ако јас нешто дозволувам, дозволувај го и ти, ако јас проштевам, проштевај и ти; ако поштедувам, поштедувај и ти; ако сум милосрден, биди и ти; ако милувам, милувај и ти, а ако љубам – и ти прави така, за да слушнеш: „Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам: влези во радоста на својот господарˮ (Матеј 25, 21). Вака да постапува и оној што е по тебе, како и сите оние што се по него. Еве прекрасен закон за тоа како да се однесуваат поголемите кон помалите: кај оние што началствуваат да изобилува разумната сила за потчинетите, а кај потчинетите да изобилува благодарноста, а не спротивставувањето; тие треба да бидат послушни и брзи во извршувањето на она што им е заповедано.
3. Сакајте ги епитимиите и промената на послушанието и видот на рачната работа, имајќи го предвид тоа, дека оној што ги дава – ја има предвид нашата полза. – Но, кога паѓате во прегрешенија, поради мојата несовесност и моите гревови, не барајте ненавремено разрешување од мене, а јас, иако сум грешен, јас сум должен да ги запазувам овие врзувања пред Господа, Кој, кога му рекол на Својот врховен апостол: „Што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; и што ќе разрешиш за земјата, ќе биде разрешено и на небесата“ (Матеј 16, 19), тоа ми го рекол и мене. А како ќе можам јас, чеда мои, да разрешам необмислено нешто што е неразрешиво и да разврзам нешто што е наразврзливо? Гледате ли со каков страв јас треба да ги правам овие врзувања и разврзувања и дека за тоа секогаш ми е потребна Божјата помош? И каде да ја најдеме оваа светлина на разбирањето, така што нашето одлучување да се прави заедно со Бога? Иако е многу смело да се каже вака, сепак, по суштината на работата – ова навистина бива така како што бива. Јас сум поразуван со страв и се покривам со срам затоа што говорам вака, и се молам да не се отвори земјата и да ме проголта! Тешко мене! Тешко мене! На каква одговорна работа сум поставен! Кога го знаете ова, не приморувајте ме да разрешам нешто, што Бог нема да го разреши, па да ја отфрли мојата молитва, така што Тој нема да им служи на моите неразумни пориви и на моите разрешувања, нема да ги одобри дејствијата, па дури и ќе ме земе од средината на живите, како што бил земен Илија. Бог нека нѐ увери, браќа мои, дека не сакам да ве нажалам со ова што ви го говорам, и не затоа што сакам да ве притеснам и да ја ограничам вашата слобода или да сакам да го пасам стадото Божјо со присилување (сп.1. Петр. 5, 2). Господи, не давај ми никогаш тоа да биде со мене! Каква корист би имал јас од тоа? Сета моја грижа е во тоа на кој начин да ве спасувам, вас – јагнињата Христови и овците Божји. Зашто тоа ни го поставил Господ како белег на нашата љубов према Него, како прв и најголем белег, а ова се гледа и од прашањата што му ги поставил Спасителот на апостолот Петар (сп. Јован 21, 15 и понатаму). Ако овие зборови ги имате во своите срца и ги пазите верно, за да се поучувате, тогаш добро се натпреварувате, радувајќи се во Исуса Христа, нашиот Господ.
63.
1. Откако ја отпразнувавме Пасха, и понатаму да живееме во духот на Четириесетницата, за да не го загубиме она што сме го придобиле за време на постот, туку да ги продолжиме подвизите и да ги умножиме.
2. Замислувајќи каде брзаме и што ќе добиеме, да не му се поддаваме на сластољубието и да се прилепуваме на телесната убавина.
3. Неразумно е да го расфрламе она што сме го придобиле на Пасха и пред неа и да му се предаваме на она што е спротивно.
4. Браќата еден по друг си одат, нема да останеме ниту ние; Да внимаваме што правиме.
1. Ја отпразнувавме царицата на деновите – Светата Пасха: се просветивме со божествените тајни, го примивме осветувањето од Светиот Дух во сојуз на мирот и духовната љубов. Сега, пак, ставаме почеток на влегувањето во другите денови од годината. А и во нив да се менуваме со добри изменувања, Да станеме подобри отколку што сме биле, но никако не смееме да си дозволиме назад да се вратиме, срам на подвигот да му нанесеме и на духовниот труд за време на изминатата Четириесетница, туку да продолжиме со издигнувањата и сѐ повеќе да се издигнуваме, врз добродетелите и други добродетели да доградуваме. И она добро што сме го придобиле во побожноста, или во безмолвието, или во целомудрието, или во чистотата на срцето, или во постот и во некој друг подвиг, па на тој начин, не само да го запазуваме она што сме го придобиле, туку и да го умножуваме и да го усовршуваме со добри додатоци.
2. Кон Бога брзаме, копнееме кон царството небесно: кон светлината, животот, радоста неискажлива, кон сладоста и блажениот рај, кон вечните живеалишта и прекрасните места на славата, кон ангелските хорови и мнозинството на светиите, кон наследството, неизменливо и вечно. Да не си дозволиме да ја заборавиме оваа наша претстојна цел, да не ги ослабиме напорите при трчањето и да не се занесеме со неумесни помисли. Да не бидеме сластољубиви, да не го сакаме светот и телото наше, ни убавината на лицето човечко, ни на начинот на одењето и на насмевката. Да гледаме внатре во себе, како што нѐ повикува свети Григориј Богослов. Зар не гледате, дека Ева била духовно заробена со убавината на гревовниот плод? Да не ни даде Бог и ние да не пострадаме на сличен начин! – А што ќе добиеме со тоа што ќе им попуштаме на похотите и страстите? – Ништо друго, туку само внатрешно растројство и срам пред Бога и пред луѓето.
3. По великите денови на постот, Бог те вовел во великото празнување на Пасхата и те оживотворил преку причестувањето со Своето тело и крв, тогаш како се осмелуваш ти несреќниот да Му Го даваш на Бога она што ти е спротивно? Зар Бог не ти дал ум? Зар не те создал разумен? Зар немаш духовни очи? Зошто правиш неразумни работи? Зошто не си гледал од твојата десна страна на убавината Господова и душата твоја не се устреми кон неа? Туку си се свртел кон левата твоја страна, кон гревовната срамота и кон нечистотиите на страстите! Браќа, да бидеме трезвени, умот наш да го занимаваме со она што води кон вечното блаженство и кон тоа да ги свртуваме и нашите намери и нашите трудови.
4. Не ви ги упатувам јас непрестано моите зборови, за да му угодувам на вашиот слух, или само за да ја исполнам мојата учителска должност или да ги слушнам потоа вашите бучни пофалби, туку затоа што сум опфатен од стравот на моето игуманство и што треперам за вашето спасение. Ние работиме за живиот Бог: за нас се подготвува непоткуплив и неподмитлив ум, „каде што нивниот црв не умира и огнот не изгаснува“ (Марко 9, 44). Затоа и викам кон вас, паѓам пред вашите нозе и ве молам: да не дозволиме последниот час да нѐ најде неподготвени и крајот на нашиот живот да нѐ најде мрзливи и неподготвени. Постојано да го гледаме дејството на тајната на смртта. И, како што гледате, нашите браќа пред нашите очи постојано си одат од овој – во идниот живот. И кога го гледате ова, прашувајте се себе си: „А што ќе се случи со нас? Нема ли и со нас да се случи ова истото? Зар и нас не нѐ очекува гробот? Зар веќе не се гледа и нашиот гроб, нашата последна постела и починка – полна со црви и неподнослива смрдеа?“ „Кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види?“ (Псал. 88, 48).
64.
1. Ние се удостоивмс со високо признание; да се радуваме, да благодариме и да дејствуваме. Да поднесеме секаков труд и да трпиме сѐ.
2. Иако се лишуваме од многу работи, треба да знаеме дека нѐ очекува вечен живот и царството небесно; да ги засакаме овие лишувања и да брзаме воодушевено.
3. Гледајте ги примерите на светите оци како раководители.
4. Гледајте ги примерите на оние што се прославиле во послушание.
5. А и подражавајте ги, за да се удостоите со нивната чест.
1. Треба да се радуваме затоа што сме повикани од Бога и што сме избрани за ваков свет живот: да се радуваме и да ги заборавиме подвижничките трудови и да сметаме за лесно сѐ што нѐ среќава на патот на добродетелниот живот, очекувајќи ги идните наслади. Ние не сме добиле војнички чин, не сме удостоени со граѓански почести, не сме издигнати на војсководителско достоинство, а не сме ја добиле ни царската власт, толку многу посакувана од многумина; сме добиле нешто што е многу повозвишено од сето тоа: сме го добиле небесниот живот, кој не е само со зборови, туку вистински и на дело. Зашто, „ако истраеме, со Него и ќе царуваме“ вели апостолот (2. Тим. 2, 12). Кога сме го добиле од Бога ова предимство бесплатно, а не со наши усилби, колку многу треба да се радуваме и да се веселиме, да благодариме и да се мачиме, сѐ да правиме и сѐ да говориме, за да го запазиме неукраден од многувидните наши непријатели, од владетелите на светот, кои нѐ напаѓаат. Затоа, браќа мои, во извршувањето на овие наши задолженија – за нас е сладок секој наш труд, за нас е тој пријатен и сакан; за нас е пријатна секоја мака. Да примаме секакви подвижнички лишувања, да ги примаме како наслада; оддалечувањето од светот да го примаме како приближување до Бога; отуѓувањето од задоволствата, како вкусување на небесните блага, а притеснувањето на воздржувањето – како изобилна храна.
2. Иако пиеме вода и се храниме со сув леб, се преуморуваме, работејќи со своите раце, изнемоштуваме во помислите, сме обгорувани со искушенијата на плотта, и раскинувани со желби, умртвувани од лишувања, и без другари и пријатели, без роднини, во овој живот живееме без татко и мајка, па што од тоа? – Нас нѐ очекува вечниот живот, за нас се приготвува царството небесно и насладувањето со многу и незамисливи блага, преблажена бесмртност, богатство на слава и чест и мнозинство други големи блага, кои не може да ги искаже човечкиот јазик. Да трчаме бодро и засилено, да ги сакаме подвизите на самооткажувањето и добродетелните трудови, за да ги придобиеме победните венци и сокровиштата какви што „око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло“ (1. Кор. 2, 9).
3. Ние треба да го сообразуваме нашиот живот со животот на нашите древни отци, да одиме по патот на нивните добродетели, да ги сакаме нивните дела и да го изобразиме во нас начинот на нивното живеење. Таков наш духовен предводник е свети Антониј Велики, кој прв го победил нашиот противник и ни го покажал патот кон подвижничките победи. Таков е блажениот и рамноангелен Арсениј, кој постигнал висок степен подвижнички добродетели и кој ни го покажува патот кон нашата слава. Таков е светиот и божествен Пахомиј, кој се именува како наш праотец. Таков е божествениот Иларион, кој сјаел со своите добродетели, слично како звездата деница, која огрева секое утро. Таков е доброславен и сесвет Ефтимиј, споменикот на добрата слава и со него високопреподобниот Сава Освештени, светиот и рамноангелниот Теодосиј и останатите пресвети светила на светот.
4. Не ќе прекинеме да говориме и за оние, кои покажале совршени обрасци во послушанието, зашто и претходните се прославиле, откако најнапред, се подготвиле преку благодатта на послушанието. А на послушност без размислување нѐ поучува синот на Светлината, Доситеј – нашиот благодатен отец, а Дометијан, нашиот богопросветен отец; во претрпувањето на навредите и прекорите нѐ поткрепува Авакир; нашиот сечесен отец Захариј, нѐ поучува на смирена мудрост; со добра измена нѐ изменува Силван, многуплачливиот и многусмирениот отец Јона, кој нѐ поттикнува кон усрдна рачна работа: тој е и образец за тоа како треба да се извршуваат Божјите заповеди. А можно ли е без натпреварување да се спомнува љубовта према Бога на блажениот Петрониј, на божествениот Атре , и на свети Марко, и простотата на Павла, сечесниот наш отец и учител на добродетелта на смирението.
5. Но, не ќе ни стигне време за да можеме сите да ги наброиме. Но, доволно се и овие зборови за да нѐ поттикнат на смирение и желба да ги подржуваме нивните дела. Да се угледаме на нив, да дејствуваме како што дејствувале тие, да се трудиме како да сме заедно со нив и да работиме заедно со нив, а потоа и да се удостоиме со иста слава и со исти венци, во небесното царство на нашиот Господ Исус Христос.
65.
1. Потсетувајќи за тоа колку многу претрпеле пророците, апостолите и другите Божји угодници заради царството небесно, да бидеме и ние ревносни во претрпувањето на сѐ. – 2. Што сѐ, некој нема да преземе заради својата телесна љубов? Зар ние да не поднесеме сѐ заради нашиот Господ?
1. Не помислувајте дека е мала работа да се добие царството небесно. Заради него, како што е напишано „поднесоа подигрување и камшикување, па дури и окови и затвор; со камења беа убивани, со пила сечени, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам, скитаа по пустини, по ридови, по пештери и јами во земјата“ (Евр. 11, 36-38); Исаија бил пресечен со пила; Јеремија бил спуштен во јама со тиња; Јона бил фрлен в море и проголтан од кит; Даниил бил фрлен пред гладни лавови; трите момчиња во Вавилон биле фрлени во огнена фурна; Захарија, таткото на свети Јован Претеча, умрел пресечен со меч; и самиот Претеча бил обезглавен со меч. И недостигот на време не ми дозволува, да ви говорам за божествениот Павле, кој раскажува за себе, дека бил „во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија“ (2. Кор. 11, 27) и во други безбројни лишувања; за првомаченикот и архиѓаконот Стефан, кој бил каменуван; за братот Божји Јаков, кој бил убиен во ерусалимскиот храм. И можам ли да ги набројам страдањата на другите апостоли, страдањата на мачениците и тешките подвизи на нашите преподобни отци? Тие се безбројни. – Ете како се удостоиле тие да ги добијат безбројните неискажливи блага за сета вечност! И ние смирените, да се подвизуваме како нив. Зашто, според свети Василиј Велики, почестите им се даваат на оние што се трудат, а венците ги добиваат победниците. Да бидеме борци, секогаш подготвени за борба, да му се спротивставуваме на противникот; пред никакви тешкотии да не отстапуваме, да не попуштаме под силата на ударите и да не се повлечеме. Ревноста да гори како оган, во утробата наша, и ништо нема да устои пред нашите очи, туку и бесовите ќе избегаат, зашто тие, како што е напишано „како што димот исчезнува, така да исчезнат; како што восокот се топи од оган, така да загинат грешниците од лицето Божјо“ (Псал. 67, 2); ќе се исплашат и луѓето, или, во краен случај, ќе се засрамат, а ние, откако ќе изминеме низ сите тие работи, ќе влеземе таму, каде што е нашиот живот и нашиот неискажлив спокој.
2. Често гледаме, како некој, завладеан од телесната љубов, претрпува сѐ и поднесува секаков труд, имајќи го предвид само зближувањето со саканата особа, кон која силно копнее: ни со храна не се смирува и ништо пријатно и утешно не пожелува, туку секогаш е готов на семожни трудови и жртви, па дури и да го жртвува и својот живот. Тој не е свесен дека со тоа ја предава својата душа на пеколниот оган, кој никогаш не догорува. – А зар ние, кои сме должни заради нашата љубов кон доброто, прекрасното, неискажливото и заради саканиот наш Господ Исус Христос и Бог наш, да не останеме послушни под овој блажен јарем на послушноста, која е блажена и света, дури до нашата старост, претрпувајќи секое страдање и секоја стрела: од помисла, од страст, навредување, напад, искушение, лишување, подбивање, презирање, понижување, озборување или нешто друго слично на ова? – Ние сме разумни суштества и не смееме да бидеме како неразумните животни. Но, како што сме почнале и како што одиме досега со успех, така да одиме и во иднина и со конечен успех да го завршиме нашиот пат кон Господа.
66.
1. Бог ве поверил на мене и затоа јас ја имам ревноста да ве поучувам.
2. Ве молам, спасувајте се себе, зашто, кога ќе се спасите, и мене ќе ме спасите.
1. Што може за мене грешниот да биде поважно од мојата грижа за вас, моето духовно стадо, кои сте мој дел и мое наследство? Зашто, ако оној, на кого смртниот цар му довери и некои државни или воени работи, тој тогаш секој ден и секој час размислува за тоа, за да не направи нешто што царот нема да го одобри и да не биде казнет, а како тогаш јас, откако ми е дадено задолжението да се грижам за вас, кои сте Христова војска. – можам да бидам безгрижен и тоа не само во текот на една година и еден месец, туку макар и во текот на еден дел или на еден час, да не се грижам за вас и со зборови и со дела, иако сум сиромав и со едното и со другото? Ете зошто јас, иако недостојно и неумешно, не престанувам да ви напомнувам, да ви говорам, да настојувам, да ве молам, вас – кои сте моето срце, мојата светлина, мојата пофалба, – да одите достојно и соодветно со вашето достоинство.
2. Колку голема радост доживувам кога помислувам за спасението на сите вас и за големата награда што ве очекува; и колку голем страв и трепет ме обземаат кога помислувам каков одговор ќе треба да дадам за секого од вас. Помогнете ми, чеда мои, без да го свртувате вашето внимание на слабоста и слепоста на вашиот духовен раководител, спасувајте се и спасете се, за да можете, заедно со вас, да ме спасите и мене кутриот; трудете се да го извршувате сето она што ви е заповедано: пазете го вашето послушание без размислување, во смирението угледајте се на Господа, верата да ви биде силна, молете се да ви биде дарувано откровение што просветува, грижете се да имате добри дела и побожно внимание при пеењето на псалмите, воздржувајте се со радост, бидете скромни во облекувањето, не бидете премногу смели, оддалечувајте се од смеата и од спорењето, избегнувајте да се истакнувате и имајте взаемна љубов.
67.
1. Бидејќи ве сакам, се радувам кога напредувате, и тажам кога гледам некоја неуредност кај вас.
2. Вие сте се удостоиле со големо призвание и заради него сте оставиле сѐ, затоа секој од вас ќе ги чуе зборовите: „Влези во радоста на твојот Господ“.
3. Колкумина се оние што сакаат да бидат како вас, но не можат. Затоа, прославете Го Бога и бидете исправни.
1. Некогаш и јас ќе треба потполно да замолчам, но сѐ додека дишам, нема да престанам да ви напомнувам за она што треба да правите и какви треба да бидете. Ова го правам од чувство на должност према вас и затоа што искрено ве сакам. Вие сте мои чеда според волјата Божја и Неговата благодат. Затоа ме обзема голема радост кога гледам дека напредувате во вашиот богоугоден живот и кога се спасувате. Тогаш ме окрилуваат добри надежи и одам, како цар, Го прославувам Бога; и ништо друго не го развеселува повеќе моето срце. А кога гледам некоја неуредност меѓу вас, тогаш како некоја планина со сета своја тежина да ми паѓа на мојата душа, и тогаш, како скршен, одам со наведната глава, и тажам и си велам: „Па од таков настојател може ли да биде нешто добро?“. Вака некогаш се говорело за градот Назарет. Сожалете се на мене, чеда мои, и помогнете ми секогаш да се радувам и да Го прославувам Бога за вас, за вашето преуспевање и за призивот што ви е упатен од Бога.
2. Вие навистина сте влегле во свето призвание, облечени сте во преподобно живеење, присоединети сте кон светите ангели, откако сте го слушнале и послушале божествениот глас: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене“ (Матеј 19, 21). Така вие се распнавте за светот и веќе „не сте од овој свет… Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето“, но, бидејќи не сте од светот… затоа светот и ве мрази“ (Јован 15, 18-19), според зборовите на Господ Исус Христос. И затоа, во оној ден ќе се пофалите заедно со светите апостоли, велејќи Му на Господа: „Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе појдовме?“ (Матеј 19, 27) и повеќе од Тебе не ги сакавме ни нашиот татко, ни нашата мајка, ни браќата, ни сестрите, туку сѐ друго оставивме, сметајќи го за бесмислено (сп. Филип. 3, 8) И сметавме дека најголемо богатство е: Тебе да Те придобиеме. – Лажам ли? Не ја говорам ли вистината? Зар, всушност, не постапивте вака? Затоа не ќе ги слушнете ли овие зборови: „Дојдете, благословени од Мојот Отец, наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25, 34); или: „Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам: влези во радоста на мојот господар“ (Матеј 25, 21) и нешто друго слично на ова.
3. Не се радувате ли што ќе се удостоите со вакви големи блага и што ќе влезете во таков прекрасен живот, што ќе станете небесни граѓани? Не ликувате ли? Не се веселите ли заедно со Давида, кој вели: „Што да му дадам на Господа за сите Негови добрини што ми ги направи мене?“ (Псал. 115, 3). Да, но додајте ги уште и овие зборови: „ќе ја земам чашата на спасението и името на Господа ќе го призовам“ (Псал. 115, 4), а тоа ја означува готовноста да ја пролиеме нашата крв, ако тоа биде потребно. Навистина, многумина се оние што сакат да ги чујат зборовите, што ќе ги чуете вие, и да го примат она, што ќе го примите вие, но сите тие, или заради славата на овој свет, или заради богатството, или заради животните обичаи или заради некои други причини, тие немаат сили да се одделат од земното и да се устремат кон небесното, па живеат, надворешно – како да се среќни, но внатрешно, според својата невидлива состојба, тие се оптоварени со многу жалости. Да Го прославиме Бога и да се потрудиме и да додаваме добро врз добро и богоугодно – на богоугодното, за да напредуваме и да се усовршуваме, да живееме во взаемен мир и согласност; да бидеме уредни во сѐ, дури и во најмалиот збор: лесно да се движиме, чисто да гледаме; да бидеме приготвени за блажено излегување низ вратите на смртта – кон нашето блажено наследство на небесата.
68.
1. Светот се наоѓа во ништожни суети; нашите цели се возвишени и трудовите многуплодни.
2. Кој ни ја дал силата да можеме да се откажеме од светот? – Бог, откако ја благословил нашата желба. Да му бидеме верни на патот што сме го избрале.
1. Слава Му на Бога што уште од утробата на нашата мајка нѐ избрал за ова свето, прекрасно и блажено достоинство кон висините на монашкото живеење! На нас, иако е смело ова што го велиме, но ова не е несогласно со целите на монаштвото, навистина ни е дадено да ги разбереме тајните на царството небесно, повеќе, отколку на оние што живеат во светот, од кои многумина гледајќи – не видат; нивниот ум е заслепен, затоа што се занесени со своите земни работи. Зошто? Што станува со нив? – Тие го бараат блаженството во земното богатство и во минливата слава; им се радуваат на телесните задоволства и наслади, на земните миризби, на вкусните вина, на меките облеки, на убавите коњи, на мнозинството робови, на блесокот од скапоцените камења и на други земни суетности: се смеат, скокаат, танцуваат, како кози и јарци, се прејадуваат и дебелеат, како да се приготвуваат за колење. Овде не го спомнувам мнозинството обичаи, од кои се раѓаат многу гревови, и кон што ги води сето тоа; за сето ова нема сега да говорам. За нив сето тоа е и пофалба, и гордост и утеха, но не и за нас, кои сме го распнале нашето тело заедно со страстите и похотите; такви сме ние, „кои сме Христови“ (Гал. 5, 24), според зборовите на апостолот; ние сме слуги и чеда на нашиот Господ Исус Христос. Поинакви се нашите желби и поинаква е нашата расположба. Ние ги бараме утехите и радостите, кои му биле првобитно одредени на човекот во рајот, од кои нѐ лишила нашата несовесност, а сега затоа што го прифаќаме начинот на живеење, што го имале нашите древни отци, кои „скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам“ (Евр. 11, 37), се оддалечувале од овој лажлив свет и пристапувале при Бога, нагоре гледале и таму се устремувале. Од сѐ се отстрануваме и над сѐ господари стануваме. Ете, ваква е големината на нашето призвание.
2. Кој нѐ одвоил од плотта и од крвта, од родителите, од роднините и од познатите, од градовите и од селата и од сѐ со што се бевме сродиле уште од нашето детство? Кој нѐ орасположил да им се предадеме во ропство на нашите духовни отци и на игумените и да му се посветиме на подвижничкиот живот: во воздржување, бдеење, спиење на гола земја и сето ова да го правиме секој ден? Кој нѐ просветил и кој нѐ научил да ги сметаме за ништо златото и среброто, раскошот и убавината, па дури и самата царска круна и порфира, и да сметаме, дека е подостојно и почесно овие наши сиромашни облеки, закрпени со толку многу крпи, отколку со скапоцени и сјајни облеки? Кој ни дал сила да се ослободиме од сѐ сетивно и телесно, да почнеме да се сообразуваме со горните бестелесни сили и да живееме чисти и непорочни, како и самите ангели? – Бог ни го подари сето ова, затоа што сме Го засакале само Него и идните блага, вечната слава, радоста неискажлива, непрестаната веселба, непропадливото богатство, како и сето она што од векови им е ветено на нашите блажени отци и што им е подготвено на сите кои се трудат да Му угодат само на Бога. Но, ако сме се одлучиле на ова, ако сме го избрале и сме се определиле за ова, тогаш да се грижиме да стоиме цврсто, строго да внимаваме на себеси, за да не ни се случи да се расколебаме и да се вратиме назад и во судниот ден да не се покажеме и зад самите мирјани. Да се трудиме да останеме чисти и сѐ повеќе да се утврдуваме во девството и да не дозволиме да се оскверниме ни со умот, ни со окото, ни со срцето, ниту со телото.
69.
1. Треба да истрпуваме непрестано сѐ што ќе ни се случи; да бидеме достојни да застанеме заедно со оние, што претрпеле големи страдања за Христа.
2. Трудете се да Го придобиете Бога; бидете задоволни, слично на Спасителот, да бидете во смирена состојба на земјата.
1. Јас сум должен да внимавам на вашите души. Дење и ноќе треба да се грижам за вас; да ве подучувам и со зборови и со дела, за да ви помогнам да растете и да пораснете во неопходната мерка на совршенството. Но, и вие помагајте ми; не отпуштајте ги вашите раце, зашто ако јас, кој се именувам ваш учител, поднесувам нешто заради вас, тогаш и вие сте должни да поднесете и да претрпите нешто заради мене и еден за друг, да сочувствувате и да собеседувате, не примајќи го тоа како нешто туѓо за себе, не плашејќи се, не бегајќи и не паѓајќи со духот кога наидуваат страдањата. Зашто вие „во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв“ (Евр. 12, 4), „Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но нѐ изведе да здивнеме“ (Псал. 65, 12), како светите маченици, ние уште не сме покриени со рани и искршени како и секој од преподобните и праведните. И како ќе се пофалиме во идниот живот, дека сме страдале за Христа, кога не ги претрпуваме и најмалите непријатности, кои нѐ среќаваат на нашиот животен пат: некој прекор, посрамување, омаловажување, презирање. Го придодавам и ова: јадење сува храна, малку јадење, лоша облека, трудот на послушанието, раното разбудување за богослужење, стоењето за време додека ги пееме псалмите и сѐ што ни е тешко и непријатно, за да можеме со право да пееме заедно со Давида: „Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене и ја чу молитвата моја и ме изведе од длабината на јадот и од длабоката тиња, па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои“ (Псал. 39, 1-2). Во идниот живот сите Божји угодници ќе ги покажат своите плодови: мачениците својата пролеана крв; преподобните отци и мајки – своите големи подвизи и добродетели, а ние смирените – сѐ она што сме го претрпеле и што го спомнав погоре. И јас навистина знам, дека нема да бидеме лишени од почестите, за кои нѐ уверува божествениот Антониј.
2. „Побарајте Го Бога за да ви оживи душата ваша“ (Псал. 68, 32). „Барајте Го Господа и утврдувајте се, барајте го секогаш лицето Негово“ (Псал. 104, 4). Спомнувајте ги чудата Негови, што ги направи, чудата Негови и судовите од устата Негова (Псал. 104, 5), што ги правел во минатото и што ги прави сега со тоа што го умножува нашето братство, што нѐ храни и што не нѐ лишува од ништо што ни е потребно во сегашниот живот. За сѐ што ни дава и што ни прави, ние сме должни да Му вратиме. А Он од нас не бара ништо друго, – освен тоа да имаме страв од Него и да Го сакаме со сето наше срце и со сета наша мисла и, според нашите сили, да Го следиме Неговиот воплотен и богочовечки живот. Откако слегол од небото, Он бил туѓинец на земјата, за и ние да се отстраниме со нашите помисли од нашите похоти. Он Му бил послушен на Својот Отец, за и вие без мрморење да ми бидете послушни мене недостојниот. Он се смирил дури до смртта, за и вие да бидете мудри и да го правите тоа истото, да се понижувате и да се смирувате во своите помисли, зборови, дела и движења. Во што е вистинската и божествена слава, ако не е во тоа: да бидеме беславни меѓу луѓето заради Бога? Во што е честа и доброто име и на монахот, ако не е во ова: да го бесчестат заради Бога и да го потценуваат? И нашиот Спасител Бог, носејќи го човечкото тело, го избрал она што е смирено и понизно, за да го посрами она што е славно и богато кај луѓето. И затоа бил роден во пештера. во јасли бил положен, се именува син на дрводелецот Јосиф, Назареец е наречен, се облекувал во обична и проста облека, Одел пеш, се измачувал, заплашуван од Јудјците дека ќе Го каменуваат, бил навредуван, тепан, распнат, со копје прободен и во гроб положен, а потоа воскреснал, – за и нас да нѐ поттикне, слично на Него да поднесуваме сѐ пред лицето на Неговите ангели, а потоа да нѐ овенча во вечна слава во Своето небесно царство.
70.
Што бара од вас Бог? – Бара да се откажете од својата волја и да се покорувате само на волјата на својот настојател; затоа не осмелувајте се да се разликувате од другите, дури и во она што е добро.
Што барам јас или, поточно, што бара од вас Господарот на сѐ и нашиот Бог? Ништо друго, освен добро да се потчинувате и без размислување да го извршувате вашето послушание, да бидете подготвени дури и да умрете и да не се отклоните од она, што сте го ветиле пред лицето на светите ангели. Сами знаете што ветивте тогаш со вашата уста, тогаш кога го потстригував секого од вас и кога ве облеков во облеката на веселбата и радоста, откако ве разрешив од одговорноста за дотогашните ваши паѓања, во несомнена надеж што со моето смирено разрешување овде долу, ќе бидете разрешени таму горе. Па откаде се сега кај вас неразумните ваши помисли, бесмислените расудувања и неумесните желби кон нешто што не ви е заповедано и што не е установено во името на нашиот Господ Исус Христос, преку отецот мој духовен и ваш, како и со согласноста на вашите претходници? – Еден од вас посакува да пости, како што сака тој; друг сака да безмолствува, како што му е угодно нему; трет – сака да се учи, како тој што замислува; четвртиот – да работи и да се занимава – како што му нашепнува неговата волја; шестиот – да прави самоволни планови и да планира нешто за себе, па зар од сето ова не настанува распаѓање? Па зар затоа се соединивте заедно? Апостолот прашува: „Па зар Христос е разделен? Зарем Павле беше распнат за вас?“ (1. Кор. 1, 13). Овие зборови можат добро да се применат на оние, кои се поведуваат по своите желби; не внимаваат на она, што го објавувам јас и моето смирение, а кога го прават она, што тие го посакуваат. Бог не посакува и не бара ништо од нас, освен тоа: да се грижиме за запазувањето на нашето заедничко монашко живеење, во кое нѐ повикал, не се осмелувам да речам по моето недостоинство и мојата голема грешност: да живеете и да дејствувате со волјата и раководењето од Него – Началникот на пастирите, за слава на Неговото име, на Кого Му се поклонуваме. Еве, во ова треба да се пројави вашата големина и вашата духовна убавина, или поточно, маченичкиот подвиг на вашите пречесни души! Што има чудно во тоа што сме изложувани на искушенија? Никако не дозволувајте да ве надвладеат, за радост на ѓаволот; и не го свртувајте вашето внимание кон внушувањата и предлозите на вашиот и на Божјиот непријател, туку секогаш бидете подготвени да претрпите сѐ до крај, да се збогатувате со смирение и да преуспевате во љубовта, да не сакате да се истакнувате и да не копнеете да началствувате над другите, да не започнувате спорови и препирки, за штета на оние што слушаат. Апостолот заповеда: „Стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на праведноста, и нозете да ви бидат обуени во подготвеност за да благовестите мир“ (Ефес. 6, 14-15). Господ Бог да ви помага и да ве спасува!
71.
1. Причината за гревот е гордоста и непослушноста; од нив настанува секое зло. Напротив, од смирението и послушноста настанува секое добро.
2. Вие што сте дошле кај нас, а пред тоа сте биле познати и богати, не издигнувајте се, туку смирувајте се; угледајте се на Господа, Кој се смирил заради нас.
3. Да Го следиме Господа.
1. Да се пазиме да не се разболиме душевно. Да се оддалечуваме од причините за ваквото заболување, од кои се раѓаат тие болести, избегнувајќи го на тој начин злото, што ги подржува. Првата причина на душевната болест е гордоста поради кој паднал сатаната од небото; втората причина е – непослушноста, а од овие две причини произлегуваат илјадници различни гревови. Ако сакаш да се насладуваш на богоугоден живот, труди се да бидеш што подалеку од гордоста и облечи се во смирената мудрост и ненарушена послушност. Тогаш радоста и веселбата секогаш ќе бидат со тебе. Многу големи добрини ќе ти донесат овие две добродетели. Тоа се: мирот, кротоста, почитувањето кон другите, довербата, непорочната послушност, како и сѐ друго, што е добро, пријатно и пожелно, со што се карактеризира вистинскиот Божји човек.
2. Вие, кои сте дошле при нас од горделивиот живот, не мислете високо за себе, туку смирете се пред Бога; не мислете за себе високо затоа што сте дошле при него од познати и богати родители, затоа што сте имале големо богатство пред да дојдете овде, вие сте сиромашни и скудни со Божјата благодат. Но, гледајќи Го Христа, нашиот Цар и Бог, вистинскиот богат Господар на сѐ, бидете смирени и со своите мисли и со своите чувства (сп. Рим.12,16), угледајте се на Него и постапувајте, како што постапувал Он: Он бил надворешно и видливо сиромав, ги слушал Своите родители, одел пеш, често се заморувал, „Кога на Него хулеа, Тој не им одвраќаше со хули; кога страдаше не се закануваше, туку се потпираше на Оној Кој праведно суди“ (1. Петр. 2, 23), претрпел кога Го удриле по образ, со облеката не се одликувал од другите, спиел на трева или на гола земја; лебот и водата ги задоволувале Неговите потреби од храна и пиење. Ако ние, кога имаме многу повеќе од тоа што имал Он, чувствуваме тешкотии и се измачуваме, тогаш какво е нашето угледање на Него – нашиот Господ?
3. Затоа ве молам, во нашето живеење храбро да Го подржуваме Бога. Какво извинување можеме да имаме кога имаме и облека, и храна и услови за живот, кои се за сите нас подеднакви? Секој од нас треба да си спомнува што бил и што станал. Јас не сакам да правам никаква разлика меѓу вас, зашто сите вие за мене сте едно. Ова ви го говорам затоа што сакам сите вие подеднакво да го извршувате она што ви е заповедано и да размислете за она што ви наредувам; не мислете за смислата и целта на послушанието што ви го давам.
72.
1. Колку се спасоносни епитимиите и другите средства за поправање? Тие се патот што нѐ води во рајот.
2. Нашиот послушнички живот во општожитието е спасоносен за сите.
1. Подобро е за нас овде да страдаме, а таму да се радуваме; овде да бидеме под епитимија и казни, а таму да се веселиме; овде да бидеме на тесно, а таму да бидеме на широко. За тоа, казните треба да ги примаме со задоволство и да се радуваме кога нѐ поправаат, зашто кога ќе се отклониме од патот Божји, не треба ли да ги примаме лекарствата заради злото што настанало? Јас мислам, дека светите и човекољубиви отци заради оваа причина, движени од божественото сочувство, употребувале различни духовни лекарства: еднаш – поблаги, другпат – построги, за излекување и спасение на своите духовни чеда. Тие наложувале епитимии, одлучувале, па употребувале и телесни казни. Имајќи го предвид не само доброто на оние, кои биле казнувани, туку и оние што биле сведоци на ова, и современите и идните, зашто многумина, по овие казни, станувале многу добри. Зашто, ако претрпеле извесна тешкотија од мене, ве уверувам пред лицето на живиот Бог, дека ќе бидете спасени во царството небесно, каде нема никаква болка, жалост и воздивнување: ако го поднесете јаремот на потчинувањето, тогаш ќе се ослободите од гревовните страсти и ќе побрзате кон Божјото посиновување, ќе ги изгасите распалените похоти и ќе се удостоите да ја пиете студената и животворна вода во вечниот живот, добро ќе го завршите патот на послушанието и ќе ги добиете победните венци од великиот Цар.
2. Толку е големо и славно нашето општожитие. Неговиот јарем е и тежок и лесен каков што бил и јаремот на нашиот Господ Исус Христос. Ова го покажува самиот живот и самата вистина. И никој да не го ублажува и да не го именува вистински послушник ни столпникот, ни затворникот, ни пустиножителот. Јас реков вистински, зашто вистински послушник е само оној, кој својата душа му ја предал на настојателот и ја извршува неговата волја дури до смртта. Откако сме ја добиле оваа добрина, ние треба да се радуваме и да се веселиме, зашто ова е навистина прекрасно. Нема за што да му се вчудоневидуваме на оној, кој живее сам, па макар и да живее исправно: да го почитуваме нашето живеење и да го пазиме нашето искрено почитување дури и до смрт, да не го свртуваме нашето внимание на тоа дали ќе нѐ фалат или ќе нѐ навредуваат. Ако стравуваме од Бога, нема да имаме страв од луѓето и нема да бидеме победени од нивните напади. Имајќи ја предвид нашата возвишена цел, да трчаме кон неа по патот на Господа, и Он ќе го упати нашето трчање.
73.
1. Патот е тежок и мачен, но затоа нѐ очекуваат безмерни радости; да трпиме и да истрпиме. 2. Така трпеле сите свети отци, а сега се радуваат, откако заборавиле за сите свои маки; да им подражаваме.
3. Ако си слушнал некој тежок и навредлив збор, истрпи го; знај дека и нашиот Господ трпел и поднесувал. Ако се сметаш за последен, тогаш и ова и сѐ друго ќе поднесеш.
1. Бидете издржливи во борбите и во вашиот подвиг на послушноста, во вашата маченичка послушност, па така, минувајќи ден по ден, од вашиот земен живот, ќе ја збогатите вашата душа со добродетели, кои ќе бидат залог за царството небесно, и ќе ги придобиете ветените и неискажливи блага. Божјиот пат е тесен и мачен, но широка и голема е радоста што нѐ очекува. Распалените демонски стрели, една по друга, паѓаат врз домот на нашата душа, но росата на Духот, изгаснувајќи ги, ја наведува кон нас водата, која тече во вечниот живот. Наш дел се: теснотијата и страдањето, умилението и малодушноста, трудот и потта, уморот и истоштувањето, а покрај сето ова, и прекорите и изобличувањата, но за сето тоа за нас се подготвува богато сокровиште и бескрајна веселба. Дојдете, храбро да ги истрпиме овие малку денови на борба, и за сето ова ќе бидеме овенчани со венци на правдата.
2. Какви се трудови не поднеле нашите свети отци: во пост, во бдеења, во молитви и во најразлични страдања ги поминале своите денови на земјата? А сега веќе немаат никакви маки и страдања: тие ја примиле неискажливата радост и преблажениот спокој. Така и ние да ги гледаме маките и страдањата, сметајќи ги ништожни и, уште поточно, како сон и како сенка, кои бргу минуваат. Да не си дозволиме поради нив да паѓаме со духот, туку, и не гледајќи ги, со младешка сила да ги извршуваме Божјите заповеди. Да не нѐ ожалостува духовната борба, да не нѐ посрамуваат навредите, да не нѐ збркува изобличувањето, да не нѐ скршува огорчувањето и да не нѐ воздигнува гордоста, туку надолу да ги наведнеме очите, а душата нагоре да ја устремиме: благи да бидеме еден према друг, да бидеме тивки, трпеливи и да отстапуваме.
3. Се случило некој да ти рече некој груб збор, па што? Нашиот Господ и Бог слушнал како Му велат: дека бесови има во Себе (сп. Матеј 7, 20), и премолчел: Го прекореле, велејќи Му дека ѓаволите ги истерува преку Велзевула, началникот на ѓаволите (сп. Матеј 12, 24) и не се вознемирил. А ние, кои сме и по природа ништожни, и по животот наш – достојни за прекор, кога ќе слушнеме некаков сличен збор, сосема малку навредлив, веднаш се наежуваме. Зошто тогаш не се успокојуваме со сладоста на смирението? Зошто не сакаме да научиме од својот опит, дека потчинувањето е од сѐ подобро? Зошто не се послужиме при ваквите случаи со оружјето на вистинските монаси? Ова оружје не е: убавото пишување, не е убавото и слатко пеење, не е високиот раст, не е парадноста, не е изнежнетоста, не е горделивото чекорење, не е празното зборување, не е смелиот збор и спротивставувањето или нешто друго, слично на ова, туку – да се чувствуваме дека сме последни од сите; сите да ги сметаме над себе; да бидеме спори во зборувањето, да не изговараме лоши зборови; да не бидеме лесномислени, туку да обмислуваме што треба да кажеме, да бидеме трпеливи, полни со љубов и особено – да не завидуваме. Впрочем, вие сето ова го знаете, бидејќи од Бога сте научени и секогаш го правите она, што Му е угодно на Бога. – Затоа, останете такви, бидете задоволни со сѐ; секогаш бидете искрено радосни, окрилувајќи се само со надежта на нашето монашко признание.
74.
1. Кога царот поканува на вечера, сите брзаат. Нас нѐ поканил небесниот Цар, па како нема да брзаме и да поднесуваме сѐ; да не бидеме малодушни, туку храбро да се бориме со сѐ. – 2. Спомнувај си често за сѐ што претрпел Господ во Својот земен живот; радувај се, ако ти се случи нешто слично да претрпиш и ти.
1. Ако луѓето, кога ќе ги повика земниот цар да ги прослави, да им подари богатство и подобар живот, полн со задоволства и веселба, се стремат со сите свои сили навреме да стигнат, па зар нема ние кога нѐ поканува Бог и Царот на сѐ – не затоа да ни подари гниежливи и ништожни работи, туку царството небесно, да нѐ воведе во недостапната светлина и неискажливото блаженство, кон посиновување и придобивање на царството небесно, кон светлината што не престанува и животот што не завршува, кон неискажливото блаженство и наследувањето на вечните блага, ние сме тогаш должни да трчаме секој ден и час и да се стремиме, со радост и неуморна ревност, да ги победуваме и отстрануваме сите пречки, од ништо да не се плашиме и пред ништо да не застануваме, ни пред страдања и маки, ни пред глад и жед, ни пред меч и други смртни опасности, туку бодро и храбро да продолжиме да одиме по подвижничкиот пат; и се што ќе нѐ сретне на тој пат да го претрпуваме како нешто лесно, заради претстојниот спокој, кој се приближува. Духовното паѓање и малодушноста ни се случуваат затоа што нашата душа задремува. Затоа, ве молам, гледајќи го крајот на нашето дело, воодушевувајте се трпеливо да ги поднесувате сите тешкотии, пројавувајќи ја и својата смелост: откажувајте се од вашите желби, бидете брзи во послушното извршување на сѐ што ви е заповедано; молчаливо претрпувајте ги сите непријатни судири во многубројното манастирско братство, а понекогаш претрпувајте ги и навредите од оние што ви се потчинети и од оние што ви се претпоставени, така што и на нас можат да се однесуваат зборовите на апостолот: „До овој час ние и гладуваме, и жеднееме, и необлечени одиме, не бијат и скитаме по светов“ (1. Кор. 4, 11), не знаеме за спокој и изнемоштуваме, „но во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној Кој нѐ возљуби“ (Рим. 8, 37).
2. „Засилувајте се во Господ и во силата на Неговата моќ“ (Ефес. 6, 10) и кон некогашните ваши трудови и подвизи, како и во поднесувањата на искушенијата, пригодете ги сегашните и идните, сметајќи дека е голема радост што сте се удостоиле да го претрпите сето ова за Христа Спасителот и што сте биле удостоени да бидете подржатели на Неговите страдања, а и во тоа самото треба да гледаме најголема награда за себе. Да си спомнеме колку многу Тој претрпел за нас. Зар немал Он телесно детство? Не бегал ли од убиствените намери и од лукавството на Ирода? Зар не им бил послушен на Своите родители? Зар како дванаесетгодишно момче не ги изобличил насобраните во храмот: – Ова го направил за оние што не се учени, за да не тажат. – Не одел ли пеш? Зар не се уморувал? Не барал ли храна на смоквата? Зар не бил навредуван од Евреите? Зар не говореле дека има бес во Него и дека бесовите ги изгонува со кнезот бесовски којшто е во Него? Зар не сакале да Го каменуваат и Тој не ли се сокрил од нив? И пред тоа, не бил ли Тој, за време на четириесетдневниот пост, – искушуван од ѓаволот, како човек? А потоа, не ли им ги измил нозете на апостолите, како слуга? Зар не бил предаден од предавникот? Зар не Го фатиле Евреите? Зар не се подбивале Ана и Кајафа со Него? Зар не бил удрен по образот од слугата? Зар не бил бичуван од рацете на оние, што ги создал? Зар не бил овенчан со трнов венец, за да се подбиват со Него? Не бил ли издигнат на крст? Зар рацете Негови не биле приковани со клинци? Зар не слушал многу навредливи зборови додека бил на крстот? Зар реброто Негово не било со копје прободено? Зар не бил во жедта Своја напоен со жолчка? Зар не бил погребан и, како Бог, не воскреснал ли на третиот ден? – А можеме ли да речеме дека и ние сме пострадале така? Кажи ми, брате, дали е грбот твој бичуван како што бил бичуван грбот на Христа? Дали се гледаат модриците од ударите на твоите образи? А дали твоите уши слушнале толку безбројни подбивања, навреди и исмевања? Да ли се сите твои членови осветени од страдањата? – Се разбира, кај тебе нема ншто од сето тоа. Затоа, примај ги барем малите непријатности со вера и со љубов, кои ти се случуваат, а човекољубивиот Бог, по Својата бескрајна добрина, ќе те прослави за тоа во идниот живот. Прави го ова заради твојата схима, зашто схимата не е ништо друго, освен завет, – дека ќе претрпиме крст и смрт заради Господа.
75.
1. Гледајте ги добрите плодови од монашкиот живот, бидете строги према себеи и према своите монашки завети, и ќе станете живеалиште на триипостасниот Бог.
2. Раководeјќи се според напишаните зборови, бидете во сѐ исправни и богоугодни, оддалечувајќи се од сѐ што е достојно за прекор.
1. Погледнете и согледајте во каква состојба ве вовело вашето единство на мислата и на срцето и тоа што малку сте се принудувале на секое добро. И какви сѐ плодови тоа не ви донело! Оттука се вашиот мир и тишината, оттука се вашата взаемна доверба и нераскинливото единство меѓу вас, оттука се спасоносната жалост и искрената исповед, оттука вашата длабока скрушеност и смирението соодветно на неа, оттука и вашата братска љубов и расположбата на љубов кон вашите духовни отци. Говорејќи со зборовите на апостолот: „Со сѐ покажавте дека во тоа дело сте чисти“ (2. Кор. 7, 11). „Благословен да е Господ, Бог Израилев, зашто го посети и го избави народот Свој“ (Лука 1, 68): зашто вие сте Негови луѓе, Негови избрани луѓе; и Он „ и подигна за нас моќно спасение“ (Лука 1, 69), преку одново придобиената ваша расположба. Во тоа се радоста и веселбата, честа и добрата слава, премудроста, разумноста, и совршеното знаење, за да имаме живот достоен за пофалба и чист пред Господа Бога; за ова и некој од надворешните (зашто нивното мислење понекогаш се однесува и на нашето живеење) вели: „Јас го нарекувам мудар оној што има чист и беспрекорен живот, макар тој и да не е писмен и не може да размислува за она, со што сакаат грците да се занимаваат“. – Ако е ова вака и за нив, чија работа се состои само во тоа да говорат и да слушаат, па зар ние сега треба да измислуваме нешто друго од она, што го установиле нашите свети отци? Затоа, бидете мудри, за да имате страв од Господа Бога, да треперите пред Него и да ги извршувате Неговите заповеди; и благодатта да ве покаже Негови избрани садови за секоја добра употреба (сп. 2. Тим. 2, 21). Зашто таму каде што се всели Отецот и Синот и Светиот Дух, за да ни дадат душевна чистота, какво ли добро нема таму, каква ли мудрост, какво горење на духот, какво вразумување, каква поука и какво раководство? А каде го нема тоа, таму има само студени зборови, желба за истакнување на себе, а често – и прелест и заблуда, а сето тоа е секогаш некорисно.
2. Внимавајте на четивата. Зборовите на Светото Писмо памтете ги и не заборавајте ги. Задржувајте го јазикот свој од лоши зборови, особено вие помладите, кои уште не сте свикнати да го зауздувате својот јазик, кој е непостојан и исполнет со смртоносен отров и од кого најчесто паѓаме секогаш во гревови. Да не се собирате за лукави разговори, да не се здружувате за да правите нешто лукаво и на јудејски начин; да нема кај вас лажни зборови и прикривање, слично на она што го направиле Ананија и Сапфира; да немате скришни замисли и лукави планови, како фарисеите и садукеите: кај вас да нема „мое“ и „твое“ туку се да ви биде заедничко, како што не советува свети Јован Златоуст. Апостолот пишува: „Старото помина, и ете, се создаде новото“ (2. Кор. 5, 17). Затоа, за она што било во минатото треба да си спомнуваме само заради тоа: да ги избегнуваме некогашните страсти, а не – за да го потпалуваме огнот на помислите еден во друг. „Од вас, возљубени, ние очекуваме нешто подобро и спасително“ (Евр. 6, 9). А можеби сме паднале во сето тоа, за да се устремиме како од морска шир и бесни бранови кон нашето мирно и тивко пристаниште, повеќе да не посакуваме да им се предаваме на морските бранови и опасни пловења, туку да се задржиме засекогаш во тивкото и мирно пристаниште на нашиот Господ Исус Христос.
Обработи,
О.М.П. 2022