www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,545,533
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM IV

Светиот преподобен Теодор Студит

26 – 50

Погледнете на светот од височините на монашкиот живот

26

1. Откако ќе погледнете на светот од височините на монашкиот живот, ќе го видите разбрануваното море на суетата; радувајте се, зашто вие сте избавени од него.
2. Потоа, свртувајќи го својот поглед кон себе, ги гледате родителите, роднините, имотот и сѐ друго; само сега, сето тоа го гледате во Божја светлина; затоа, трчајте добро, за да дојдете до целта.
3. Добрините нѐ издигнуваат нагоре, а лошотиите нѐ уриваат надолу.
4. Жалење за монашките неисправности.

1. Мојата поука кон вас ќе ја започнам со повикот на апостолот: „Радувајте се секогаш во Господа“ (Филип. 4, 4). И како да не се радувате и да не се веселите, кога Бог, Кој создал сѐ со Својата премудрост, ве предупределил и повикал во оваа монашка состојба, ве удостоил да бидете примени во оваа евангелска схима, па сега, седејќи како на високо место, од каде можете да ги гледате ништожните човечки суети, кои се брануваат како во разбранувано море и се фрлени таму – ваму од постојаното движење на световните работи. И, како што гледате, таму ништо не е постојано, ништо не останува во иста положба: и царевите се менуваат, кнезовите паѓаат, и великопоседниците како луѓе умираат, и оние што се во брак се разделуваат, биваат оставени од своите брачни другари или тие нив ги оставаат; убавината овенува, младоста брзо пролетува, бргу минуваат насладите, секој имот се губи и исчезнува, како сенка и како сон; се слуша плач и удирање в гради при разделбата со умрените, очајување – при одделувањето со саканите, неподнослива мака од неуспесите да се придобие она што се сака; или брак со сакан човек или чин и положај, или имот, или радости и наслади; измачување од завист и злоба; од случајни понижувања и посрамувања и уште многу и многу други работи.

2. Вие кои што сте повикани, кога ќе се искачите на гората Господова што гледате? – Ете, вам ви припаѓа, место земјата, – небото, место родителите – Бог, вистинскиот и возвишен Отец небесен, како и вишите соподвижници и еднородните по дух ваши браќа, место пријатели – ги имате бестелесните и богоподобни ангели, место сокровишта на земни богатства – богатството на добродетелите, место високи положаи и чинови – неискажливите небесни убавини. Кога го знаете сето ова, исплашете се од единиот и Живиот Бог, оградете се духовно, облечете се во оклопот на Божјото сѐ оружие, во оружјето на Божјите заповеди, земете го духовниот меч, кој ги претставува Божјите зборови и турнете ги владетелите на светот, духовите на злобата, за да можете да речете заедно со светиот апостол Павле: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија“ (2.Тим. 4, 7-8).

3. Светиот цар пее: „Се искачуваат до небесата и слегнуваат до бездната.“ Разбирајќи ги овие зборови духовно, ја добиваме следнава поука: оној што постепено го исправува она што треба да се исправи, тој се издигнува до високите степени на добродетелите, а оној што се предава на мрзливост, тој се спушта дури во бездната на пропаста. А сега да видиме што е она што нѐ издигнува и што нѐ урива надолу. – Горе нѐ издигнува послушноста, која е подражавање на Христа, смирената мудрост, која нѐ соединува со Бога, отуѓувањето од самопрославувањето, како и од сѐ и сешто, од желбата да се истакнеме пред другите, од лукавството, од злобата, од честољубието, од шегите и подбивањата, од гордеењето со нешто од нашиот некогашен живот, така што некој говори: јас имав тоа и тоа, јас бев таков и таков и правев и направив такви и такви работи. – Ова е вистински срам! Она што треба да го сокрива, тој го велича, заборавајќи дека е повикан да Му подражава на Бога. Кон сето ова, ќе ги додадам и следните работи: собраноста во себеси, љубезноста према сите браќа, брзината во извинувањето, наведнувањето на својата глава, и на очите кон земјата, скромното држење на рацете и на нозете, безгрижноста за тоа во што да се облечеме, а пред сѐ друго, искреното откривање и кажување на сѐ што се случува во нашата душа, како и тоа да не ги развлечуваме нашите зборови, како и сето она што е угодно, а не неугодно на Бога. А надолу нѐ води; немањето страв од Бога, зашто таму каде што го нема стравот Божји, таму се: секое огрешение, и јарост, гнев, викање и хулење (сп. Ефес. 4, 31), а нивните последици се: гордото мудрување, гордите изрази на лицето, вртењето на очите, раширувањето на ноздрите и другите признаци на човечката гордост.

4. Поради моите гревови јас гледам, дека некои од браќата се оддалечиле од своите завети дадени пред Бога и ги заборавиле, заборавиле дека еден ден ќе застанеме пред страшното судилиште. „О, безумни и тврди по срце“ (Лука 24, 25), да го паметите она на што сте се согласиле и одлучиле во почетокот на вашиот монашки живот. Зар ние не дадовме ветување, дека ќе трпиме и жед и глад, дека ќе одиме лошо облечени, ќе трпиме да нѐ исмејуваат, да нѐ тепаат, па дури и да нѐ убијат? Малкумина се оние што ги пазат овие завети, туку штом им се случат некакви непријатности веднаш духовно паѓаат. Размислете се, чеда мои, и исполнете се со страв Божји. Никој од вас да не се осмелува да се врати пак кои она, од што се откажал. Да не дозволиме, жалејќи ги мирјаните поради суетата во нивниот живот, и ние самите да бидеме оплакувани и во овој и во идниот живот поради нашата гревовност. Што имаме од тоа што луѓето ни се обраќаат со зборовите: „Оче свет!?“ Или што бараат од нас да ги благословиме кога ние самите остануваме неблагословени и што остануваме незауздани како диви ѕверови?! – Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос да ги запази оние што се препнале и паднале, одново да ги поведе по патеката на Своите заповеди.

27

1. Многу труд и многу трпение бараат црковните богослужби, скудноста на она што треба да ги задоволи нашите потреби, извршувањето на правилата во монашкото општожитие, казните и епитимиите, но, бидејќи сето ова го правиме заради нашето спасение, и затоа се добиваат награди на небото, да бидеме храбри и трпеливи.
2. Напредувајте, за да бидете мудри за извршување на доброто и неразумни за правење лошо; внимавајте особено вашите зборови да бидат обмислени и разумни.

1. Молете Му се на Господа да ја отвори мојата смирена душа и да ми даде зборови, за да можам да ве утешувам и да ги воодушевувам вашите души, зашто гледам, браќа мои, колку голем труд имате секој ден: во извршувањето на бденијата, и вашето молитвено правило, разбудувајќи се за неговото извршување на полноќ, па и пред тоа, а и потоа, во одредени часови, седумпати дневно застанувате пред Господа, исповедувајќи ги судбите на Неговата правда, со коленопреклонувања и многу поклони, при одбивањето на лошите помисли и нивното откривање пред отците, претрпувајќи срам од сето тоа и епитимии за исповеданите гревови, преку што се одбивани накалемените стрели на лукавиот. Кон ова ќе го додадам: победувањето на сонливоста и дремката, воздржувањето од желбите кон извесни јадења и пиења, одмори и прошетки, кон кои е толку склоно нашето тело, судрувањето со браќата, послушното носење на облека, која некогаш не е чиста, здрава и лошо скроена. И уште: не гледај каде што не треба, не допирај се до она што ти е забрането, притеснувај се и не биди малодушен, секогаш биди готов да го правиш она што ти е заповедано, не отстапувај од него… Сето ова и она што е слично на ова – тешко е и горчливо. Но, бидејќи сето ова е усмерено кон спасението на душата, за нас треба да биде слатко, лесно и удобно, така што да можеме заедно со апостолот да речеме: „Во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној Кој нѐ возљуби“ (Рим. 8, 37). Небесниот венец ни е подготвен: тоа е венецот на мачеништовото. Ни е подготвена и неискажливата радост како насладата со вечните блага. Псалмопејачот Давид говори: „Бидете силни и нека крепне срцето ваше, сите вие што имате верба во Господ!“ (Псал. 30, 24).

2. Уште и уште вежбајте се во вашиот подвижнички и блажен живот, така што преку долговременото живеење во него да го придобиете богатството на добродетелите, па така, преку растењето на телото, да растете и духовно, да станете мудри и искусни во смирението, послушноста и откажувањето од својата волја, а да бидете немудри и неразумни во превознесувањето, во противречењето и во лукавствата: „Зашто оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господ, ќе ја наследат земјата“ (Псал. 36, 9). Не дозволувајте си да станете препка и соблазна еден за друг, туку секој од вас нека се труди да го избира и да го прави она што не е штетно за неговиот ближен. Свети апостол Павле ни вели: „Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговорате“ (Кол. 4, 6), не горделиво, не грубо, не тешко, не ранливо, да не дише со страста, не срамно на злобата и суетата, не противречно: не спорливо, не со многу зборови, не шеговито, не невнимателно и не празно, туку полно со почит, кротко, разумно, просто и срдечно, мирно, со отстапување, полно со скрушена и смирена мудрост, покорно, тивко, одмерено, средено, за да може со него да се послужи на взаемното братско спасение и взаемното поучување. – Потиснувајте ги поривите на ѓаволските помисли и прогонувајте ги, зашто од ова зависи нашето душевно здравје, нашето преуспевање и нашата подготвеност за сѐ што е добро.

28

1. Вие како добра земја, некои едни, а други – поинакви добродетелни плодови раѓате. – Јас се утешувам со ова, и се восхитувам, како некои од вас, по угодниот и знаменит живот, се помириле со нашата скудост и како сите вие сте успеале да се ослободите од тиранијата на роднинските приврзаности и од другите пристрасности. Навистина, тоа е мачеништво.
2. Наградата е голема, па затоа и тешкотиите се подносливи, иако се страдални и сосема слични на проливање на сопствената крв.

1. Вие, како некоја добра и плодна земја, прифаќајќи ги зборовите на моето смирение, секогаш давате добри плодови; вие сте како рај, кој е украсен со разни убавини на добродетелите. Зашто гледам и распознавам што правите и во што ја пројавувате вашата ревност, па се утешувам со кротоста на еден, со топлината од усрдноста – на друг, со безмолвието – на трет, со молитвеноста- на четврт, со трудољубивоста- на петтиот, со долгото бдеење – на шестиот и со многу други работи; со тоа што сите сте непобедени и неослабнати, постојани во редот и поредокот на нашето монашко општожитие, и се восхитувам како оние, кои порано живееле во светот среќно и задоволно, откако почнале да живеат во Христа Господа, постепено заборавиле за сето тоа и станале сосема поинакви: храбро ги поднесуваат тешкотиите и лишувањата, отстранувајќи ги и, победувајќи ги своите некогашни гревови. Навистина, сѐ може Христовата љубов, која им помага на горделивите да се смират, на оние што живееле во изобилство – со малку да бидат задоволени и оние што имале многу – да станат сиромашни. И не само со ова се восхитувам, туку и со она, што некои заради Евангелието Господово оставија сѐ: родители, браќа, жени, роднини, татковина, домови, обичаи. Секој оставил нешто што му било драго и редок е оној, кој жртвувал нешто малку, па и оние, што оставиле -во светот нешто малку, им се чини дека оставиле нешто големо. Големо е и тоа што тие се откажале од роднинските врски и од своите пристрасности: и ова е доволно за да ги сметаме за маченици, слично на врховниот меѓу апостолите, кој извикал кон Христа Господа: „Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе појдовме, што ќе стане со нас?“ Да бидеме удостоени со честа да чуеме: „Вистина ви велам, дека вие што врвите по Мене, во новиот свет, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви колена“ (Матеј 19, 27-28).

2. Кога ни се подготвени вакви и толкави награди, како нема сите ние да се принудуваме сѐ повеќе и повеќе да го правиме и да го извршуваме она што сме должни да го правиме и да го извршуваме? Како нема да го поднесуваме сето она што е тешко и страдално во животот по Господа? Сѐ: трудовите на воздржувањето, бденијата, прекорувањата, послушанијата, поученијата, исповедањата и сѐ друго, зашто и на нас се однесуваат зборовите на пророкот: „Заради Тебе нѐ убиваат секој ден, нѐ сметаат како овци определени за клање“ (Псал. 43, 22).

И навистина, вие не сте далеку од тоа. Зар и од вас не се отсечувани вашите желби и со тоа што сте подложени на измачувања и тешкотии во вашиот заеднички живот во вашето монашко општожитие? Зар и од вашите срца во таквите случаи не тече вашата крв? Но, се радувам затоа што не страдате бесплодно, туку со тоа си подготвувате „венец на слава што никогаш не свенува“ (1.Петр.5,4). Да засјае во вас светлината на вистинското знаење, љубовта кон Бога, која нѐ одврзува од светот, ја засилува во нас желбата кон вечниот живот и ги умртвува похотите. Бог да нѐ води и да ве одведе до возвишениот степен, до самата цел на нашиот побожен живот, која се состои во силата на срцето и непоколебливата утврденост на помислите.

29

1. Уште малку, па ќе се преселиме оттука; но, да биде преселувањето лесно и патот да ни биде отворен.
2. Во текот на целиот ден се наоѓате во трудот на послушанието и молитвите, но не ослабувајте ги вашите трудови, зашто во тоа е вашето спасение.
3. Живејте со трпеливост во монашкото општожитие среде лишувања, во отсечувањето на вашата волја и вашите желби, во смирување и страдање; ова е мачеништво.
4. Сѐ до крајот треба да трпиме, очекувајќи да бидеме ученици на радоста, заедно со сите светии да ја гледаме нашата Владичица Богородица и Самиот Господ.

1. Мислам, дека ни јас попусто не се трудам, упатувајќи ви ги зборовите на моето смирение, а и вие напразно не го губите вашето време што ме слушате. Но, не е сѐ овде, зашто ќе дојде времето на потполното молчење. Зашто овде нема да живееме вечно, но уште сосема малку, па или јас или некој од вас ќе излеземе од овој живот. Но, ние се молиме нашиот исход да биде лесен, со извршување на заповедите и со угодување на нашиот Господ Исус Христос.

2. Гледам дека секогаш сте усрдни на своите послушанија: едни во приготвувањето и печењето на лебот, други – во обработувањето на лозјата и овошните градини, трети – во извршувањето на разни задачи, четврти – во извршувањето на рачни работи: шиење, препишување, перење, печење, готвење, служење во трпезаријата, работење во ковачницата, во магацин, во болницата, а притоа редовно одите на сите црковни богослужби: првиот, третиот, шестиот и деветтиот час, на вечерната и повечерието, се собирате заедно на молитва, побожно стоите, пеете, се молите, а сето тоа го правите внимателно и без пропуштање. Целиот овој ваш труд и оваа тешкотија, јас секогаш ги имам во моите мисли, зашто, како што пишува апостолот: „Но во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној, Кој нѐ возљуби“ (Рим. 8, 37), така што, иако овој труд е многу голем, преку него ни сјаат вечното спасение и безграничната радост, па затоа треба да се радуваме и да се веселиме кога сме во вакви трудови и да преземаме уште поголеми трудови и подвизи и непоколебливо да стоиме во оваа борба на нашиот живот, според типикот на нашиот општежителски живот, да не паѓаме под никаков товар, да не се свртуваме наназад и да не отстапуваме пред никакви страдања и тешкотии.

3. Ве молам, стојте, трудете се за извршувањето на секое добро и секоја добродетел и, според зборовите на Господа, во трпение спасувајте ги вашите души. Гледајќи го духовно вашиот смртен час, обновувајте се секој ден, сметајте дека сѐ е второстепено, пазете да го извршувате она што е добро: бидете разумни и имајте духовна љубов. Пазете се од грубости, кои ве водат кон пропаст; бидете послушни еден на друг, не мрморете едни против други, не судрувајте се. Бидете послушни еден на друг, трудејќи се на секого да му биде добро, поднесувајте го невниманието на некој од браќата према вас, – примајте ги благоразумно и смирено прекорите и навредите, како духовни лекарства. Правете го ова кротко и искрено, откриено, без лукавство, мислејќи дека го правите секогаш пред лицето на нашиот жив Бог. Еве, токму ова е нашето мачеништво! – И токму заради тоа некој од ревнителите бара да пострада за Христа од надворешните мачители. – Претрпувај ги сите маки храбро овде, во киновијата – во монашкото општожитие: поднесувајте ги подвизите и исповедувањата, без да ги преклонувате вашите колена пред Ваала, без да ја принесувате вашата душа – жртва на страстите. Не откажувајте се од она што сте го ветиле што сте се заветувале, без да се повлечете од духовното поле сѐ до крајот на вашиот живот; не напуштај го местото, на кое стоите. Тогаш ќе имате еднаква награда со оние, кои ја пролеале својата крв за Христа, со мачениците, како што сосема јасно сведочат светите отци.

4. Не мислете дека е доволно некој да претрпи еднаш или двапати, па да се спаси, – потребно е постојано, што и да ни се случува, доброволно да поднесуваме и да претрпуваме сѐ до крајот. Тогаш ќе бидеме спасени. Ако некој, на средината и при крајот, се откаже од своето блажено послушание, тој ќе претрпи уривање, достојно за голема жалост и ридање, зашто преку тоа ќе ги загуби сите дотогашни трудови, особено затоа што ќе потпадне под осудување во денот на Божјиот праведен суд. Затоа, пазете се чисти и непорочни во сѐ и во текот на целиот ваш живот, заради славата Божја, спасението на своите души и заедничкото живеење со нашите отци на небесата, за да се удостоиме таму да ликуваме и да се радуваме – таму, каде што е свети Антониј, ова светило на светилата, каде што се богоносниот Ефтимиј, христоносниот Пахомиј, многувоспеваниот Сава, себлажениот Теодосиј, богопросветениот Доротеј, рамноангелниот Дометијан, сесветиот Акакиј, богоугодниот Доситеј, секогаш живиот Василиј, кој секогаш ги слуша нашите молитви, со Духот облечениот Захарија, слугата Божји Атре. А што да кажеме за другите? – Таму каде што се врховните апостоли Петар и Павле, каде што се великите јерарси, свештениците и мачениците. Зашто, ако и не успееме да се наредиме заедно со нив, секако дека нема да бидеме лишени од нивните зборови и закрилништво. Се надеваме до го доживееме и присуството на нашата небесна Царица и Владичица Богородица и да се поклониме пред нејзините нозе. Но, чекаме да Го видиме и Самиот Господар на сѐ – Господ наш Исус Христос, макар ова и да е многу смело. Зашто божествениот Павле рекол дека при второто Негово пришествие, „ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ“ (1. Сол. 4, 17). И така, кога ни претстојат таква слава, таква радост и таков живот, кој нема да заигра, кој нема да се радува, кој нема да се вознесе и да се окрили со љубовта према Бога и кој нема да се воодушеви да прави сѐ, што е потребно, па макар со какви тешкотии и жртви да е поврзано?

30

1. За да се избегне непостојаноста, потребно е да се потчинуваме на манастирскиот општежителски устав, кој исклучува секаква разлика меѓу браќата, кој се однесува еднакво према сите и на тој начин ги претпазува од паѓање.
2. Вие и понапред сте имале искушенија, но Господ ви помагал и сте ги победувале; не очајувајте, и сега ќе победите.
3. Стоејќи како на суд пред Господа, запазувајте ги монашките добродетели во својот монашки живот и напредувајте сѐ повеќе и повеќе во нив.

1. Гледајќи го вашето преуспевање, јас Го прославувам Бога и се радувам во Господа, но се плашам од променливоста и непостојанството на човечките одлучувања поради немоќта на нашата волја и поради нашето лесномислие. Зашто не е блажен само оној што почнал некоја добра работа, туку оној што се усовршил во неа, кој постигнал совршенство во неа. Но, колку е тешко секогаш да се биде во една расположба и да не паднеме под власта на сезлобниот грев, затоа, ве молам, да одиме по вистинскиот Божји пат, по средниот царски пат, да не се отклонуваме ни десно ни лево, туку да живееме според манастирскиот устав и секогаш да го правиме она што е потребно во секој миг од животот. Во општожитието е потребно сите да гледаат еднакво во сѐ и сѐ подеднакво да сакаат: во него нема посебни желби и стремежи, нема надевање само на својот ум и своеволен избор, нема скриена снаодливост и лукавство, нема љубопитни разгледувања и разузнавања за сѐ, нема занес по многу работи и многустрани стремежи, кои доведуваат до изнемоштеност и истоштување на нашите сили. Потребно е да ги сакаме само: воздржувањето, молитвата, скрушеноста, спиењето на гола земја, како и постојаноста во другите работи, но особено во сѐ да се раководиме само со правилото за блаженото послушание, со него да опфаќаме сѐ и според него да живееме, како што заповедале отците.

2. Ве молам, стојте внимателно на каменот на верата и без препнување одете по патеката на добродетелите, и да не Го видат некого од вас да биде плен на ѓаволот поради некој грев, било поради похотата на телото, или поради болеста да се биде прв, или поради горделивата надуеност, или поради суета или поради некоја друга страст. Вие се потрудивте и го собравте во вашите души богатството на добродетелите. Секој од вас нека си спомнува под какви и под колку многу искушенија паѓал од времето кога се замонашил, како ослабнувал, паѓал со духот, не се надевал да остане жив, бивајќи уловуван и рануван со сатански помисли и со тешкотиите на општожителскиот живот, и како нашиот предобар Бог, како преку некое бранување – преку безбројни бранови, кои наидувале едни преку други, нѐ пренел преку сѐ, ве избавил од претстојниот бродолом и ви дал награда соодветна со вашето трпение. Гледајќи ги сите тие подвизи, како и сѐ она што сме претрпеле и придобиле – да не заборавиме нашиот поглед да го свртуваме и кон ова што го доживуваме сега, како и кон она што нѐ очекува во иднината, за да не може да нѐ одвои никаква случајна мака од нашата добра намера, било да доаѓа од луѓето или од лукавите бесови.

3. Ве молам, подвизувајте се, секогаш гледајте кон Господа и замислувајте дека се наоѓате во својот претсмртен час: како гледаш мнозинство ангели, како му даваш одговор на сеправедниот Судија и како добиваш награда или казна за секое добро и зло, што си ги направил. Подвизувајте се добро, пресекувајте ги искушенијата, чистете го вашиот пат од камења и од сѐ, од што се препнувате и храбро искачувајте се кон гората на небесниот живот, сѐ додека не дојде делот што го чекаме. Придобијте искреност и отвореност, отсуство на желба да управувате, взаемно почитување, еднодушност, усрдност во служењето, љувов кон рачната работа, пеењето на псалми, бдеењето и кон сите добри и богоугодни дела. Вие веќе го имате сето ова, но јас ви говорам затоа што сакам да бидете уште поревносни и да се збогатувате со нив сѐ повеќе и повеќе. Јас ви напомнувам, за да се устремувате кон нив и да сакате да ги придобиете сѐ повеќе во Исуса Христа нашиот Господ.

31

1. Што и да претрпиме овде, таму за тоа ќе добиеме преголема награда; да брзаме неуморно по нашиот тежок пат, следејќи ги светиите, кои чекореле по него, кои биле исто така луѓе, како што сме и ние.
2. Ги набројува подробно сите служби, кои се извршуваат и во манастирот и на сите им дава заповед: извршувајте ги сите ваши работи така како да ги извршувате пред Бога, како Божји работи – за слава на Бога.

1. Бидејќи вие така усрдно и внимателно ги слушате моите смирени зборови, и јас сум полн со усрдност да ви ги зборувам. Јас сум како ненаситен при сеењето на смирените зборови од мојата уста во вашите души. Во времето на земниот наш живот ние се трудиме и да говориме и да слушаме, а кога ќе дојде времето за жетва, за собирање плодови, тогаш ќе му се радуваме и ќе се веселиме на она, за што сме се труделе, воздивнувале, измачувале, што сме биле жалосни, што не сме знаеле за спокој, што сме ја наведнувале нашата глава, што сме гладувале, жеднееле, што сме ги оставиле нашите родители, пријатели, браќа, роднини и целото наше земно богатство, – ќе бидеме весели кога ќе ја добиеме наградата од Бога, Кој е најсправедливиот дарител на заслужените награди. – И тоа какви награди? – Славата и честа, кои не овенуваат и кои се вечни, радоста и веселбата, кои никогаш не престануваат, вечно ненаситна наситеност, бескрајна наслада со вечните блага, невидени, за кои не сме слушнале, за царството небесно, за нашето посиновување и наследувањето на нашиот Господ Исус Христос, вистинскиот Бог и Царот на вековите. Имајќи го предвид сето ова, да не бидеме мрзливи и малодушни, без оглед на тоа какви тешкотии да ни се случат во нашиот живот и во нашата работа, тогаш кога нѐ тераат да работиме час едно и час друго и кога за време на нашето послушание чувствуваме бодила во нашето срце, но, според зборовите на апостолот: „Се стремам да го достигнам она со кое Христос ме достагна мене… а се стремам кон она што е пред мене“ (Филип. 3, 12, 13), натпреварувајќи се со оние светии, кои се усовршиле или преку мачеништво или преку чист живот. Па што? – Зар и тие не биле луѓе, какви што сме ние, со еднакви страсти, какви што се и нашите? Но, бидејќи доброволно посакале, тие Му се приближиле на Бога и живееле возвишен живот.

2. Ве молам, бидете внимателни кон вашето служење и трудете се во него: оној што пишува – да пишува убаво и стројно, со еднаква љубов и трпение; магационерот – тоа да го прави во својата работа, во задоволувањето на телесните потреби, во немрзливо давање и примање, со потребно спокојство, со пристојност и извинување, како што е потребно: копачот – во обработувањето на лозјето; и што и да работи некој – во земјоделието, во пренесување товари и што и да е нешто друго, да работи без мрморење, да не заборави да стихословува – да повторува повеќепати некој стих од псалтирот, да го запазува своето молчење и да бега од празнословие. Овоштарот и градинарот да се трудат во обработувањето на овоштарникот и градината и да му даваат на братството доволно овошје и зеленчук; готвачот да приготвува јадења, поднесувајќи ги без мрморење жештината и сите други непријатности од својата работа; болничарот – да се труди околу негувањето на болните браќа; на некого да му дава подобра храна, некого – да го утешува и да го смирува, да се грижи околу лекувањето на телесните и душевните болести; канонархот – да се труди околу редот на богослужбите, убаво да се пее и разбирливо да се чита. На тој начин, и оној што ги пали и гасне кандилата и свеќите, и ножарот, и оној што послужува во трпезаријата, и оној што го прави пергаментот, и пекарот и златарот, и казанџијата, и шивачот, и чевларот, и вратарите, и стражарите, и оние што нѐ разбудуваат, и учителите, и, на крајот, и економот и неговиог помошник, и сите своите задолженија треба да ги извршуваат, како пред Бога, како дело Божјо – за слава на Бога.

32

1. Царскиот пат се состои во тоа – сѐ што се прави да се прави според манастирскиот устав; оној што отстапува од него – се отклонува или во излишност или во намалување; дозволено е и отстапување, но со знаење на игуменот, без што – тоа не завршува добро.
2. Подвигот на почетникот во монашкиот живот се состои во тоа: да го одвикне од душевното и телесното и да го привикне кон духовното, но, откако ќе ја вкуси духовната сладост, бесовите поставуваат други тешкотии, потешки од првите; но, оној што се препушта да биде раководен од игуменот – во ова е во безопасност.

1. Како што при патувањето, ненавикнатоста на труд го прави патувањето тешко и мачно, но со неговото продолжување мускулите зајакнуваат и телото свикнува, и тоа станува помалку тешко и мачно; тоа станува и побрзо и полесно, – така бива и со одењето по патот на Господа. И Бог веќе ни дал, по доживувањето на тешкотиите и искушенијата, да познаеме и да согледаме, – кој пат е погрешен и како постепено се доаѓа до неговиот крај. Да одиме по царскиот пат, да го измеруваме, како што кажале светите отци, да ги одбегнуваме стрмнините од обете страни, како што се недоволноста и излишноста, што се случува кога некој не дејствува според правилата на манастирскиот устав или според дадената заповед: во јадењето, пиењето, бдението, стихословието, во читањето на псалмите и молитвите напамет, во молчењето и во скриеното дејствување на срцето. Дозволени се и отстапувањата од востановеното според овој поредок, но потребно е тоа да го правиме со совет и со знаењето на игуменот. И ќе ви кажам, иако сум јас грешник, дека сето она што го правите со мое знаење и што ми се открива мене – светлина е, а оној што крие од мене, тој оди во темнина и ништо не гледа, зашто оди по стрмнините на пропаста и, мислејќи да Му угоди на Бога, Го разгневува, станувајќи и за другите виновник за препнување и паѓање. Па така, чеда мои, одете по патот, по кој нѐ повикува да одиме законот на послушноста, не обидувајте се да го познаете она, што тешко можеме да го познаеме и не осмелувајте се да го разберете делото на послушанието и сѐ она што е во врска со распоредот, што го дава игуменот.

2. Подвигот на почетникот треба да му помогне да ги отфрли световните обичаи и навики и да ги напушти претходно оформените стремежи на срцето, и како од бура и бранувања треба да се труди да се ослободи од постојаните грижи и од стресните дела и да навлезе во пристаништето на сигурноста и љубовта према Бога. Но, не е помал, туку е уште поголем, така да се каже, поголем е и потежок е подвигот, откако ќе се вкуси спокојот преку избегнувањето на мирскиот метеж, тогаш и потешко да се запазиме неранети, зашто тогаш се појавуваат кај нас други помисли, со некои од нив нѐ напаѓаат пиратите во морето на животот – демоните, кои се обидуваат да го потонат бродот на нашата душа со сето богатство што го носи во себе. Но, ако усрдно се ползуваме со поволните ветрови на смирената мудрост и не го унижиме достоинството на нашиот кормилар преку доброволна согласност за друг правец на нашиот брод, тогаш несомнено ќе пристигнеме во пристаништето на небесното царство. Чеда мои, да бидеме „мудри како змии и незлобни како гулаби“ (Матеј 10, 16), правејќи добри дела и секој да ја работи примерно својата рачна работа. Блажени се оние што трпат и што се смируваат, а не оние што талкаат и што се носени како облаците и кои попусто ги живеат часовите и деновите, кои не ни се угодни ни нам, ни на Господа.

33

1. Кога го знаеме Божјото слово за тоа како треба да живееме, треба да си спомнуваме за житијата на светиите, кои на дело го исполнувале тоа, почнувајќи со стравот Божји и завршувајќи со длабоко смиренне.
2. Не треба да се гордееме со нашите природни дарбини: со гласот, пеењето и другите слични работи, туку секогаш да се украсуваме со смирението, од кое доаѓа секое добро и заради кое се даваат сите дарови на благодатта.
3. Преку смирената мудрост преуспевајте во сите добродетели, но најмногу во борбата со похотите, отфрлувајќи ги првите искушенија и, оградувајќи се дури и од нив.

1. Зборовите на моето смирение кон вас не се законодавни, принудителни и празни, туку се, како што мислам, поучни и утешни, напомнувајќи ви ја науката и живеењето на нашите божествени оци. Божјата благодат веќе ни открила што е добро, праведно и богоугодно; и вие точно знаете на каде и како да го насочувате своето чекорење, за да го добиете царството небесно. Паметете и спомнувајте си секој ден во што е Божјото спасение и какви биле божествените дела на светиите и по нивниот образец живо да ги украсувате вашите души со боите на побожноста, трудејќи се да го подражавате нивниот живот. Тие го имале стравот Божји за почеток и за крај на своето подвижништво, кој бил длабоко всаден во нивното срце. Од него сјаела во нив возвишената и смирена мудрост пред Бога, и, поткрепувани со неговата сила, тие не само што за ништо не ги сметале сатанските мрежи, туку во нив го фаќале и заплеткувале и самиот оној што ги плетел, го ставале за подножје на своите нозе, го газеле и се подбивале со него, според зборовите на Светото евангелие (сп. Лука 10, 19). Од многуте светии ќе ви го наведам како пример оној, за кого се говореше во нашето вчерашно четиво. Се читаше за свети Силван и вашите уши со внимание беа отворени кон овие зборови. Знаете колку прекрасен се покажал по изречувањето на првите завети при стапувањето во манастирскиот живот, како го поразил ѓаволот со оружјето на смирението и го потопил во морето на своите солзи и се издигнал до висините на монашкиот живот, успеал да го покаже во себе совршениот лик на нашиот отец Пахомиј. Затоа, без оглед на тоа што не живеел долго, се покажал совршен повеќе и од Теодор Освештен, Петрониј Преблажен, Орсисиј Превоспеан и на сето тоа свештено братство, така што бил пренесен од земјата на небото со пеење на ангелски песни.

2. Толку е голем божествениот дар на смирената мудрост! И нема ниеден од светите, којшто не Му угодил на Бога на овој начин. И вие облечете се во него, па затоа нашето внимание да биде оддалечено и од убавото пеење, и од прекрасните мелодии, и од пријатното читање и од сите други природни дарбини и способности, а сите наши усилби да ги усмериме кон достигнувањето на оваа цел. Јас не сакам да кажам дека треба да ги запоставиме и отфрлиме сите добри особености, туку дека треба да ги сметаме второстепени, да ги поставиме така, така што да одат по господарката на добродетелите. Зашто, ако поради тие добри особености почнеме да се гордееме со нашиот убав глас пред оние што имаат лош глас, да се воздигаме со нашето добро читање пред оние што не читаат добро или да ги подигнуваме своите веѓи пред оние што не пеат убаво, тогаш ќе биде попусто целиот наш труд, попусто ги испуштаме нашите стрели, зашто на тој начин ние сами му помагаме на ѓаволот да станеме негов плен за во пеколната бездна. Не така, чеда мои, не така, туку со смирение и да разговараме, и да работиме, и да читаме, и да пееме, и да одиме, и да пишуваме, и да даваме одговори. Сѐ што правиме да го правиме со смирение, и ќе видиме колку е сладок и колку е светол плодот на оваа добродетел, која нѐ прави да Му подражаваме на Бога Кој говори: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши“ (Матеј 11, 29). Зашто во оваа добродетел навистина живее спокојот, заради неа се подигаат брановите на благодатта во нашите души, преку неа сјае чистотата во срцето, од неа е изобилното течење на солзите, од неа избива силно врутокот на смирението, во неа се разумот, мудроста, побожноста, воздржувањето, безмолвието, како и секое друго добро и постои, и се гледа и се прославува.

3. Ете, вакви се моите зборови за прекрасната смирена мудрост. А вие, чеда Божји и чеда на моето смирение, откако ќе ги примите, како семе, раѓајте плодови, како добра земја, некој триесет, некој шеесет и некој сто, соодветно со Божјите дарови: пазете се од секое лошо и лукаво дело, бегајте од грубости, барајте го братољубието, згрозувајте се од секое зло, сакајте ја безгрижноста, зашто е речено: „Непорочноста и правдата нека ме учат, зашто во Тебе се надевам, Господи“ (Псал. 24, 21). Да не сакаме никого повеќе од другите, младите да не се однесуваат невнимателно и смело со постарите, да не се задржуваат во скришни и неосветлени места. – Стојте против сите ѓаволски искушенија и напади напобедливи, гаснејќи го пожарот на похотите со божествените молитви и извикувања. Тоа што страстите наидуваат, тоа е нешто обично, но наша должност е да ги одбиваме уште од нивното прво појавување. На пример, дошол ѓаволот, те устрелал и избегал. Затворај ги твоите очи тогаш, кога ѓаволот те наведува да гледаш нешто што не треба да го гледаш. Отфрлај ја што подалеку јадицата на сластите, кога тој страшен ловец го примамува нашето срце. Затни ги твоите уши кога ќе почне да ти нашепнува лажливи зборови, кои водат кон смртта, како што ѝ нашепнувал и на Ева. Апостолот заповеда: „Не се фаќај, не вкусувај, не пипај“ (Кол. 2, 21), кога подготвувачот и подносителот на гревовните сласти ќе пристапи при тебе, било да седиш или да одиш, било да си кај тебе или да си на пат. Затвори се од сите страни и не примај никого, биди како ѕид од бронза и камен неподвижен: колку и да те шибаат налетите на ветриштата, остани цврст и непоколеблив. Храбро одбивај ги демоните, за да бидеш добар Христов војник, да ги носиш Христовите рани, да бидеш маченик на благодатта, за да имаш храброст да кажеш заедно со апостолот: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата“ (2. Тим. 4, 7-8).

34

1. За предупредување на возмутувањето, против редот во манастирското општожитие треба да биде известуван настојателот веднаш по забелешките и бунтувањата.
2. Обично секој треба да си ја работи својата работа, да трпи и да се бори со страстите и похотите.

1. Да го работиме тоа што ни е наложено: да не замислуваме нешто, што е над нашите сили, па, ако ни се случи нешто такво, да не бидеме упорни во тоа. Чедо, ако видиш некои често да се заедно и да другаруваат, одвој се од нив, ако некој ти пристапи со сличен предлог, оддалечи се од него, па дури не согласувај се ни да го ислушаш. Бегај како од оган кога ќе слушнеш таков предлог и такви зборови, кои можат да ја поколебаат твојата љубов во настојателот и да ја ослаби твојата љубов према него. Зашто, заедно со тоа постепено ќе навлезе и во твоето срце, ќе дојде и до самите основи на твоето спасение. Освен мене, да немате друг на кого ќе му ги кажувате и исповедате вашите тајни, ако сакате да бидете мои вистински послушници: не омаловажувајте го значењето на лошите зборови и не потценувајте го злото, кое настанува од нив. Не така, чеда мои, не така. Но, кога некој од вас ќе навлезе во неверие и ќе почне да се занимава со него за општа штета, веднаш, дојдете при мене и раскажете ми сѐ. А можеби некој неразумно ќе рече: „Но, поради тоа браќата ќе ме осудат и ќе ме мразат!“ Ова не е така, зашто, ако тие не се вистински мои чеда, тогаш зошто ти е нивната пофалба? А вистинските мои чеда ќе сметаат дека правиш добро, па ќе те пофалат. – Со еден збор, ве молам, имајте доверба во мене во сѐ; никој од вас да не скрива од мене; никој од вас да нема нешто неоткриено пред мене. Инаку, сето тоа ќе се претвори во страшна рана.

2. Продолжувајќи ги вашите претходни добри дела, продолжете заедно да се подвизувате и еднодушно да го издржите вашиот живот и да го доведете до крај. Поднесувајте храбро сѐ: и навреди и тешкотии, и радости и телесни леснотии, и помрачувањето на помислите, и нападот на мрзливоста и очајанието и сѐ што обично се случува со нас, имајќи ја во сето ова помошта од Бога и, исполнувајќи ги точно Божјите заповеди, имајќи го постојано спомнувањето за смртта и, откажувајќи се од својата волја. Само на ваков начин ќе успеете да се удостоите со маченички венец и заедно со ангелите да се радувате во царството небесно.

35

1.Пројавување во нас на делата што се од Светиот Дух и оние што се од лошите духови, така што кога го знаеш ова, да покажуваш ревност кон првите, а од другите да се одвраќаш.

1. Непријателот секогаш нѐ напаѓа жестоко, но секогаш е победуван со Божјата сила и со молитвите на мојот и на вашиот духовен отец, и само тогаш наоѓа свој плен, кога некој му дава можност да дејствува, одгонувајќи Го од себе Светиот Дух и, вселувајќи го во себе туѓиот дух, кој го научува и да прави и да говори само она што тој го сака. За да можете да се научите да ги распознавате овие две дејствувања, ќе ви укажам на специфичните цртежи на едното и на другото. Оној што Го има Светиот Дух – пројавува радост, мир, долготрпеливост, љубов, а изговара зборови – послатки од мед, за што тие, како што рекол нашиот Господ, излегуваат од полнотата на срцето, за просветување и утеха на оние што ги примаат. Од нив можеме постојано да слушнеме: „Простете! Благословете, отче! Јас сум неразумен! Јас сум грешник, недостоен да се присоединам кон ова братство; јас сум понизок од секое создание!“ – Да говориме вака и да се чувствуваме вака, тоа е знак оти имаме во себе Дух Свети. Сакате ли да чуете кои се знаците на спротивниот дух? Еве, оној што го има тој дух, неговото срце исфрлува разбеснетост, гнев, осудување, клевети, неверување, одвраќање, омраза, дрскост, непослушност, противречење и инает. Од ваквата душа одбегнуваат: светлината, светоста, и богоугодниот живот; од неа отстапиле: смирението, скрушеноста и трпението; кај нив пресушиле солзите, плачот и срдечното сочувство, исчезнало небесното соѕерцание, спомнувањето за смртта, за ангелите што ги придружуваат душите по нивното одделување од телото, од нив се скриени мислите во мракот на заборавањето за тоа дека сите луѓе ќе застанат еден ден пред Страшниот Христов суд, за ужасниот суд и за нивната неможност да се оправдаат за сѐ што зборувале, мислеле, и правеле од времето на своето раѓање, а не само откако се замонашиле. Сето ова ви го кажав затоа, за да видите што треба да правите и од што да одбегнувате. Зашто јас имам само една желба и само една молитва: сите вие да станете синови на светлината и на денот, наследници Божји, а сонаследници Христови, садови избрани и осветени, од духот соединети во едно, тоа на дело да го познаете и со срцето свое да го доживеете она што го рекол псалмопејачот Давид, велејќи: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно!“ (Псал. 132, 1), – мирно и еднодушно.

36

1. Подвизите се неопходни, но, бидејќи за секој подвиг има соодветна награда, тие не ги задржуваат мудрите од преуспевање.
2. Кон моето раководење приложувајте го и своето разбирање на доброто и поткрепувајте се еден со друг, зашто нашата работа е заедничка.
3. Живејте во доброто; пазете ја ревноста; задржувајте го јазикот; пазете ги алатите и работите и молете се.

1. Подвизите се неопходни, како и духовната пот, вистинската ревност, душевните напори, за да се излезе на местото на натпреварувањето, да се стигне успешно до крајот и, по добрата смрт, да бидеме овенчани со победнички венци. Вие и сами добро знаете дека трудовите даваат успокојување, дека страдањата се наградувани со радости, офкањата нѐ напојуваат со духовна утеха, непријатностите водат кон слобода, гладувањето и постот – водат кон бесмртна радост, жедта и исушувањето на грлото – ја источуваат онаа вода „што ќе тече во живот вечен“, за која говори Господ (Јован 4, 14) и дека воопшто „оние што сеат со солзи, нека жнеат со голема радост“ (Псал. 125, 5), како и што нѐ уверува псалмопејачот Давид. А нашиот Господ вели: „Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате“ (Јован 13, 17). „Безумниот човек не ќе може да ги узнае, неразумниот нема да го разбере ова“ (Псал. 91, 6).

А вие сте умни, добросрдечни, благоразумни, внимателни и расудливи. Затоа некои од добродетелите веќе ги придобивте, а другите ги придобивате и, ќе додадам, ќе ги придобиете, зашто заповедта нема мерка: но колку подобро некој го познава Бога, толку подобро сознава дека е подалеку од заповедта.

2. Јас ви давам духовни закони и ве раководам. – Во едно ве задржувам, во друго ве утврдувам и ви укажувам на каде да одите. Вие ми верувате во сѐ и ми се покорувате како што се покорува железото во рацете на ковачот: ме слушате и го извршувате сето она што го барам од вас. Поради тоа вашето пловење и вашиот живот се сигурни и безбедни. Но, и вие самите меѓу себе, знаејќи веќе што е добро и корисно – тоа го правите, а истото им го напомнувате на вашите браќа. Зашто сите ние го имаме предвид истото – она што им е воопшто на сите корисно, како на коработ, што плови по морето, на кој и кормиларот и сите морнари се трудат заедно со една заедничка работа. Токму во таков однос и сооднос се наоѓаме и ние меѓу себе, – јас и вие. Моја работа е да го држам добро кормилото и внимателно да управувам со бродот, да ги имам своите очи свртени кон небото, да ги набљудувам звездите на правдата и да управувам со пловењето. Но, и вие треба да бидете будни и секој од вас да ја извршува својата работа, да се обзирнува на сите страни, да не наидеме на нешто што може да предизвика бродолом – на плиткост или подводна карпа, да правите сѐ што можете, сѐ што зависи и од вас, за нашиот кораб да пристигне во пристаништето на спасението на нашите души. Затоа сме го оставиле светот, неговите обичаи и сите негови телесни задоволства и веселби.

3. Браќа, да останеме во подвизите, трпеливо да се вежбаме во сѐ што е потребно. Јас сум уверен дека ќе добиеме венци и ќе станеме – граѓани на небото и дека таму ќе бидеме блажени, откаде „жалоста и воздишката ќе си заминат“ (Иса. 35, 10). Бидете издржливи, примајте нови сили, а светилникот на вашата ревност да гори од елејот на вашата постојана грижлива работа, за да не изгасне, та и ние да не бидеме исти по судба со неразумните девојки. Отци, придобијте го безмолвието; не ви велам воопшто ништо да не говорите, зашто тоа не се согласува со нашиот начин на живеење, туку ви велам – да не говорите за неподобни работи и со тоа да не ги засмејувате другите, зашто, како што нѐ уверува премудриот: „При многу зборување не се избегнува гревот, а разумен ќе бидеш ако ја воздржуваш устата своја“ (Изрек. 10, 19). Бидете внимателни во извршувањето на вашите послушанија, да не работите невнимателно, за да не ги оштетувате неопходните работи, како, на пример, колите, ралата, секирите, чашите, чиниите или нешто друго. Од ова може да настане застој и времето, кое би можеле да го употребиме на нешто духовно, – да го загубиме попусто на непотребни работи. Исто така, молете се секогаш, за да ви биде испратена помош одозгора против видливите и невидливите непријатели, со помошта, на нашиот Господ Исус Христос.

37

1. Бидете мои работници во верата и љубовта; распоредници на работата, разумно распоредувајте се и точно извршувајте го она што ви е заповедано.
2. Бидете ѝ туѓи на смеата и на взаемните огорчувања; бидете добри еден према друг и почитувајте се, и бегајте од сѐ што е прекорно и соблазнително.

1. Му се молам на Бога да не биде скудна вашата вера и да не олади вашата духовна љубов према мене смирениот, но сите да бидете утврдени во „еден дух и во исто мислење“ (1. Кор. 1, 10) и да имате еднаква ревност во исполнувањето на заповедите на нашиот Господ Исус Христос. Знам дека се измачувате и дека трпите лишувања, преземате тешки трудови и проливате пот. Но, не ослабувајте, ве молам, заради љубовта Господова и продолжувајте да се подвизувате со добри подвизи, за да бидете овенчани со радост на небесата. И јас би сакал да се трудам заедно со вас, ако нозете не ми беа болни; и јас би сакал заедно со вас да одам на работа и со работата да го смирувам моето тело. Зашто е блажено, според нашите сили, да се трудиме заедно со браќата и да учествуваме братски во нивните полски работи. Со таквите трудови ги осветувате своите тела, а душите свои ги правите бестрасни, како вистински Божји работници, само ако разумно го извршувате она што ви е заповедано, ако распоредителите распоредот го прават со страв Божји и со сочувство према своите браќа, а потчинетите го извршуваат со послушност и покорност она што им е заповедано. – Затоа, внимавајте, вие распоредниците, не наложувајте труд врз труд кога давате распоред за работа, правете го тоа со сочувство, и со почит, праведно, нежно, братољубиво и разумно, зашто не се сите браќа еднакви по ќуд, по возраст и по сили. Само под овој услов сте го добиле началствувањето над браќата. И блажени сте, ако така постапувате, зашто големи се вашите дарови и блага во вечноста. А гледајте и вие, потчинетите, со послушност примајте ја и извршувајте ја работата, која ви ја одредуваат вашите предводници и работете покорно и со срце.

2. Кај вас да нема смеа, која му е непријатна на Бога и да нема спротивставување, кои Го ожалостуваат Светиот Дух; да нема меѓу вас ни лутина, која е непријатна и тешка. Зашто апостолот рекол: „Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хулење заедно со секоја друга злоба“ (Ефес. 4, 31). И уште: „Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за наградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат“ (Ефес. 4, 29). „Бидете еден према друг добри“ (Ефес. 4, 32). „Поднесувајте го товарот еден на друг“ (Гал. 6, 2), бидете снисходливи, проштавајте, почитувајте се еден со друг и правете си отстапувања – со побожност и страв Божји. Ако така чекорите, ако така живеете, тогаш, драги мои, вие сте свети, вие сте тогаш Божји ангели на земјата, поклоници на Неговата сила и слава, наследници на царството небесно, сожители на светиите и жители на рајот; на вас ќе ви биде дадено да се насладувате со незамисливите блага, кои се подготвени за вас. Затоа, секогаш се молам за ова: стапките ваши секогаш да бидат насочени кон Бога, да крепнете во силата Негова и сред вас да нема соблазни, ни препки, ни смртоносна непослушност, ни опасно мрморење, ни смртноносна дрскост, ни некоја зла и прекорна желба, ни нешто друго што е забрането и престапно. Светлината на Божјиот разум да оди пред вас во секое ваше движење и дело, мирна расположба да раководи со вас и спокојот на братската љубов да владее меѓу вас. – Господ Бог да ви даде ангел мирен, верен раководител, пазител на вашите души и тела и дење и ноќе да ги одгонува од вас лошите демони и да нѐ раководи во добриот живот!

38

1. Образот на послушноста во живеењето е над сѐ друго; неа и Господ ја избрал.
2. Добро брзајте по овој пат, трпете и не знајте за заморување, зашто уште малку, и ете ја смртта, ете го крајот, но при ова, не заборавајте ги ни другите добродетели, а особено љубовта.

1. Ве молам, браќа, трпете храбро, бидете добродушни, мажествени; помислувајки за тоа со каква слава ќе се удостојат преблажените и свети послушници. Според тоа кој како Му угодил на Бога, сообразно со тоа ќе ги добие своите блага во идниот живот. Но, кој начин е најдобар? – Слушајте! – Големи се оние што Му служат на Бога „по пустина, по ридови, по пештери и земни бездни“, отшелниците, столпниците, затворениците и оние што Го прославиле Бога на некој друг начин. Но, како што ви е познато, нашиот Господ Исус Христос, Кој ги дели Своите бескрајно богати дарови, кога слегол на земјата, не засакал пустински, столпнички, или некој друг начин на живеење, туку благоволил да биде послушник. Зашто Тој Самиот рекол за Себе: „Слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6, 38). И уште: „3боровите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам; туку од Отецот, Кој е секогаш со Мене, Тој ги врши делата“ (Јован 14, 10;12, 49). Исто така, се препашал со крпа, им ги измил нозете на учениците и, бришејќи ги рекол: ,Јас сум меѓу вас како слуга“ (Лука 22, 27). А, ако Тој, како Господ на сѐ, благоволил, повеќе од секој друг, да го прифати нашиот послушнички живот, тогаш како да не се радуваме, како да не ликуваме, како да не се одушевуваме – што живееме така како што живеел Тој – нашиот Господ? По ова што го рековме, има ли за вас нешто друго, што би било повеќе за ублажување? И можете ли да имате повеќе желба за друг начин на живеење? Па затоа, не ублажувајте друг начин на живеење повеќе од вашиот, ако добро го живеете. Затоа и во Отечникот, во расказите за светите старци – подвижници, преку откровение им било објавено дека најславен од сите е послушникот, повеќе од пустиножителот и од болниот, кој со благодарност ја претрпувал и поднесувал својата болест. Да, навистина ви велам, поголем е вашиот начин на живеење и посвет, и, ако го живеете како што треба, ќе бидете прославени заедно со Авраама, ќе се радувате заедно со мачениците и ќе бидете настанети заедно со праведниците.

2. Брзајте, не застанувајте, за да не ве умртви завидливото око на ѓаволот. Помажете ги вашите нозе со елејот на трпението, за да можете, распалени со вашите душевни стремежи, да бидете способни за здогледувањето на вашиот пат. Облечете се во облеката на правдата и радоста, пијте од водата на чистотата и целомудрието и не прашувајте се: а, до кога? Вака прашуваат мрзливите. Ние не живееме илјада години; денес или утре ќе дојде смртта. Секој ден ова треба да ни биде пред очите на нашиот ум; добро правиме што одиме по патот на нашите отци. Да имате во вас, по светите молитви на мојот духовен отец, милост, љубов, добра мисла за секоја умереност, добра послушност, добри зборови, соработување, взаемно сочувства и смирена мудрост. Вака живејте и вака работете!

39

1.Секогаш гледајте Го Господа пред себе, за да не се насочите кон ништо лошо; принудувајте се на секое добро, спомнувајќи си за својот смртен час, а повеќе од сѐ, – спомнувајте си за Страшниот суд и за неговата пресуда.

1.Пазете ја меѓу себе љубовта во сојузот на мирот и имајте Го Господа од својата десна страна та да не се насочите ни на гнев, ни на завист, ни на смеа, ни на празнословие, ниту кон нешто друго, преку што можете да паднете во некоја пеколна стапица. Дали си спомнувате што говорел светиот Доротеј? – Тој говорел дека целиот орел може да биде слободен, а само со еден нокт да биде заплеткан во мрежа, тој целиот е веќе во мрежата, и тогаш ловецот без мака може или да го фати или да го застрела. Внимавајте на себе и принудувајте се, зашто царството небесно е на оние што се самопринудуваат. Каков страв и трепет ќе имаме при разделувањето и исходот на душата од телото, ако живееме невнимателно. Стравот наш ќе биде особено голем во оној страшен ден, кога архангелската труба ќе ги разбуди сите луѓе, секој народ, секое племе и секој јазик?! Помислете како ќе биде тогаш! – Небото ќе се расцепи, стихиите ќе изгорат и целата твар ќе се измени. Судијата на сите ќе седне на судискиот престол и безброј ангели ќе застанат околу Него. Потоа делата на сите ќе бидат откриени пред нив, како и нивните зборови и помисли, според нивниот ред, место, време, и начин на извршување. И сето тоа ќе биде само во еден миг, а на крајот, според зборовите на Светото Писмо, оние што правеле добро – ќе отидат во живот вечен, а оние што правеле зло – во вечни маки, каде ќе биде плачење и крцкање со заби, неизгаслив оган и црв што никогаш не спие, во сожителство со страшни, ужасни и злобни демони. – А каде ќе појдеме ние? – ќе појдеме во вечниот живот, ако до крајот на нашиот земен живот сме го запазиле стравот Божји и љубовта кон Него. – Таква љубов, што од длабочината на нашето срце можеме да речеме: „Кој ќе нѐ одвои од љубовта кон Христа Бога“ (Рим. 8, 35).

40

1. Стравот Божји ги одвраќа мечовите на нашиот непријател.
2. Претрпувајте ги навредите.
3. Не фалете се со надворешните предимства, туку бидете смирени и покорни.
4. За ова ќе бидете со мачениците.

1. Врз основа на долговременото свое лично искуство, вие наполно го познавате богоугодниот начин на монашкото живеење. Не колебајте се и не отстапувајте од тоа што го знаете. Сакајте го она што ви е заповедано и пазете го во сѐ. Имајте љубов и кон мене, како и јас што ве љубам повеќе од сѐ во светот. Но, нашиот непријател има многу начини на борба против нас; тој лесно сее зло и меѓу нас и во нас. И само оние, што се проникнати со стравот Божји успеваат да ги одбиваат неговите мечови, кои, според зборовите на Давида, најпосле бидуваат ослабнати (сп. Псал. 75, 4; 88, 44); оние што се бодри во своите подвизи на побожноста и усрдно се предаваат на небесните соѕерцанија и богоугодни дела, тие победуваат.

2. Ете јас, како да сум заедно со вас, гледам и слушам, го гледам и слушам секој лош збор што излегол од устата на некого од браќата – прекор, навреда или нешто друго. Но ти, брате мој, кога ќе ти биде нанесена таква навреда, не бивај малодушен, туку биди тврд и непоколеблив. Зашто навредите паѓаат на оние што навредуваат, а оној што ги прима и поднесува без страст, нему му припаѓа победата: тој се покажува како човек Божји, а навредувачот е слуга непослушен и безумен, кој во истиот час себе се погубува.

3. Настојчиво ве молам, не карајте се, не навредувајте се еден со друг, не превознесувајте се еден со друг, не фалете се, затоа дека поубаво пеете, дека подобро работите, дека сте попобожни и дека имате поубаво лице. За тоа не е ни прилично овде да се говори. Туку во сѐ однесувајте се со смирена мудрост, преку потчинување и послушност паѓајте како пред Господа и пред оние што го раководат и управуваат манастирското општожитие.

4. Одете по овој пат, и вашиот труд нема да биде попусто, а подвизите ваши ќе бидат успешни. Ова ви го благовестувам пред лицето на нашиот Господ Бог, на Неговите свети ангели и на сите созданија, дека вие, откако добро го завршивте својот живот на земјава, ќе ликувате заедно со мачениците во прегратките на Авраама, во вечни векови, и хорот на праведниците ќе ве прими во својата средина.

41

1. Однесувајќи се према економот како кон самостојна власт, вие правите двовластие и разделување, а кога е власта разделена царството пропаѓа.
2. Јас целиот му припаѓам на братството; друго нешто не ми е потребно.
3. Господ благоволил и во човечкото општество да има единствена власт.

1. Незнам, дали од незнаење или од невнимание или, пак, со некоја лоша намера, вие му оддавате чест на нашиот економ, со цел да ме унижите мене и да ме посрамите. Често се слуша: „Ако беше овде економот, тоа и тоа немаше да се случи, туку ќе се направеше нешто многу подобро. И, каде ли е економот? Како би погледнал тој на оваа работа?“ – Ова се говори и јас го слушам со моите уши. А некои други додаваат и велат: „Почекајте, почекајте, сето ова економот ќе го исправи и ќе го среди.“ – И вака ли треба да биде сето ова? И дали е ова добро и за него, и за мене и за сите вас? Со ова покажувате дека сте лоши, непослушни чеда; него – го издигнувате претерано, му давате власт што не му припаѓа, а мојата власт ја намалувате. Ова го правите спротивно на Божјата волја. Не гледате ли дека на овој начин вие воведувате двајца господари и две власти. А Самиот наш Господ Исус Христос рекол: „Секое царство, ако се раздели самото против себе, запустува“(Матеј 12, 25). Двовластието е исто што и многувластието: многувластието создава повеќе партии, а партиите се причина за разделби и распаѓање. Зошто вие сами си правите зло, не сакате да го пазите она што е установено и се оддалечувате од она што е добро?

2. Јас сум грешен и недостоен, но, како сум разрешен и лишен од сѐ, смело останувам на своето место, на ова свето место. Во мојата безумност се осмелувам да говорам вака: за ништо не се отклонувам од она што е добро – ни заради мојот вујко, ниту заради мојот брат, ни заради мојот татко, ниту заради мојата мајка; ниту заради моите роднини и заради нешто телесно; туку, ако биде потребно да го предадам и телото мое и да ја пролијам мојата крв, готов сум и нема да се откажам од ова, со Божјата помош и по молитвите на мојот духовен отец, само затоа, за да не направам нешто што нема да биде корисно за вас.

3. Како што е напишано, еден е Господ и Законодател, една е власта и едно е Божјото владение над сите. Оваа единствена власт е изворот на секоја премудрост, добрина и добро дејствување; таа се спростира над сите, зашто својот почеток го добила од Божјата добрина; секое создание го добива тоа без свое слободно согласување зашто само човекот има своја слободна волја. Зашто божествениот Мојсеј, во своето опишување за создавањето на светот, ги наведува зборовите што излегле од Божјата уста, велејќи: „Потоа рече Бог: „Да создадеме човек според Нашиот образ и според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над молрските риби, над небеските птици, над ѕверовите и над добитокот – над целата земја и над сите гадинки што лазат по земјата!“ ( 1. Мој. 1, 26). Оттука произлегува основањето на секое началствување и на секоја власт меѓу луѓето, особено во Божјата црква; еден патријарх во старозаветниот патријархат, еден митрополит во митрополијата, еден епископ во епископијата, еден игумен во манастирот, а и во светот на мирјаните, ако сакаш да слушнеш, еден цар, еден војсководач и еден капетан на бродот“. Разделеноста носи распаѓање и пропаст.

42

1. Великиот пост или Четириесетница, бара не само телесно воздржување, туку и душевно. 2. Мерката на постот во општожитието е средна, – секој ден по малку.
3. Да се плашиме од Бога, од страшниот Судија и од тоа: смртта да не нѐ најде неподготвени.
4. Јас многу се плашам од смртта и од сѐ што ја придружува.
5. Да станеме и да се устремиме кои богоугодни дела.

1. На сите оние што управуваат во својата премудрост, Бог Кој предобро и премудро управува со времињата и со годините, ни одредил во текот на годината и некои дни, корисни за душата дни на постење, кои треба да Му ги посветиме само Нему и за очистување од нашите гревовни осквернувања, кои ни се случуваат. Ете, и сега се доближуваме до нив. Ние сме должни секогаш да живееме чисто и непорочно и да ги извршуваме сите Божји заповеди, а особено сме должни тоа да го правиме за време на постот. Сега е времето за очистување, да се очистиме; сега е времето за воздржување, – да се воздржуваме, – и не само од јадење и пиење, зашто тоа не е доволно, туку да се воздржуваме и од сластољубието во срцето наше, од срамните вообразби, од зависта на добрата слава од нашиот брат, од гневот против ближниот, од незадоволството на јазикот, да не му дозволуваме да говори што сака, туку да му поставуваме граница, време и мерка за разговор само за она, што е добро, од блудните погледи на очите, од слушањето на лоши зборови, кои Му се одвратни на Бога. Да, чеда мои, ве молам, настројте се, како што се настројува псалтирот и харфата на Светиот Дух; запазувајте ги вашите раце од она што е неразумно и од похотни допири, за да не се оскверните, и живејте во мир еден со друг.

2. Иако е светата Четириесетница тегобна за телото, не паѓајте со духот; постепено ќе свикнете и ќе престане постот да ви биде оптоварување, особено откако ќе измине првата седмица; доста ни е само леб и вода и уште нешто, за да можеме да се прехраниме. Нашите преблажени отци, како што ви е познато, тогаш не земале никаква храна, живееле воопшто без храна, некои така го постеле целиот овој пост, некои – една, некои – две, а некои и три недели, а некои јаделе секој ден по сосема малку леб. А ние секој ден земаме храна, и тоа не еднообразна, но Господ да „се сеќава на нас во нашата понижување, зашто е вечна милоста Негова“ (Псап. 135, 23), и ова малку да го прими од нас, како што го примил постот на свети Антониј. Зашто ние живееме во општожитие и по царскиот пат одиме, кој светите отци го претпочитале над сѐ друго. Пазете се само чисти во својата внатрешност и не дозволувајте да направите нешто погубно за вашите души.

3. Да се плашиме од Бога. „Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата“ (1. Кор. 4, 5), и: „Кој секому ќе му даде според неговите дела“ (Рим. 2, 6), и според зборовите и помислите. И, кој ќе може да остане пред Божјиот гнев? Кој може да се јави чист и невин пред Неговото лице? – И кој, по сето ова, нема да пројави ревност да почне да оди по правиот пат? Кој нема да направи напор да ја отфрли незагриженоста и мрзливоста своја? Станете! Исправете се! Ноќта измина и веќе огреа денот на идната награда. Смртта да не нѐ најде неподготвени и да не остане на нас некоја наша рана неисцелена, и вечно со неа.

4. Јас кутриот, кој сум најгрешниот или подобро да речам: кој сум единствениот достоен за вечните маки, се плашам и треперам при помислата на одделувањето на мојата душа од телото, кога ќе дојдат ангелите по мојата душа и за тоа како ќе ги изминам воздушните простори и како ќе ја пружам својата рака према управителот со светот, како што е напишано во житието на свети Атнониј Велики? О, немоќ моја! Што ме очекува? И колку сум невнимателен, се предавам на дремење и негрижа за моите гревови? Како ќе излезам пред Бога и Господа, Кој е Судијата на сите?! Како ќе се осмелам да Го погледнам, Него, Кој со Својот поглед ја исушува бездната и со Својот страшен збор ги разурнува планините? Што ќе кажам таму за свое оправдување? Кого ќе го најдам да ми биде закрилиик? Како ќе Го измолам Оној Којшто ќе остане неумолив? Со какви плачевни зборови и солзи ќе барам милост, со какви срдечни воздишки ќе се обраќам за милост на правдата Божја? – Тешко мене, тешко мене, браќа мои! Уште оттука ја гледам својата состојба. Само една надеж имам јас; тоа се молитвите на мојот духовен отец и вашето блажено закрилништво!

5. Да станеме! Да се исправиме! И уште еднаш да почнеме да се принудуваме на богоугодни дела, храбро да ја поднесуваме сегашнината и да се утешуваме со надежта на иднината. Да го презреме нашето тело; да не се плашиме од трудовите, од страдањата, од навредите, ни од лагата и ни од жедта; да не се плашиме од ништо, освен од нашите лоши дела. – Ако живееме така, тогаш несомнено ќе се спасиме и ќе бидеме примени на небото меѓу светиите, за да се радуваме заедно со сите светии, кои низ сите векови Му угодиле на Бога.

43

1. Трудбениците на општежитијата се ублажувани, – радувајте се!
2. Нашето живеење е притеснето, но и древните подвижници живееле така, и сегашните така живеат; не бидете тажни и очајни.
3. Извршувајте ги наредбите на манастирскиот типик, помагајте си едни на други, внимавајте кога се читаат четивата, со страв изградувајте го своето спасение; бегајте од разговори со жени.

1. Да е благословен Бог, Кој по Својата преголема милост, и човекољубие, нѐ повика кон светост, според Својот предвечен совет, во оваа света схима, за да Му се предадеме целосно, да им се посветиме на овие подвизи, да ги подржуваме светите ангели во славословието, па, откако така се расположиле нашите срца, да се откажеме од нашите родители и роднини, од нашата татковина, и од сѐ друго во светот, и да го земеме врз себе Неговиот благ и спасоносен јарем, – и, нашата смиреност се удостои да се соедини со вас за заеднички живот, се разбира, – да ве води и духовно да ве пасе, за што јас тогаш и не сонував, макар што тоа така се случи. Секогаш радувајте се во Господа, чеда мои возљубени, радувајте се, граѓани небесни и земни изгнаници, жители на горниот Ерусалим, наследници на царството небесно и лишени од секакви земни блага. Радувајте се, вие што брзо одите по патот на прогонството и страдањата, заради Божјите заповеди. Радувајте се вие, кои сте сметани последни по мислењето на светот, но кои ги имате благата, кои се над секој ум. Радувајте се, вие сте го здружиле доброто и собраното од Бога, кои имате една душа и едно срце, вие сте собир, кој ги сака отците и браќата, вие сте ангели на земјата и обновувачи на древното живеење на нашите сепреподобни отци. Радувајте се, работници и трудбеници Божји, кои дење и ноќе работите со своите раце, за да не му бидете товар на некого, и не само што го заработувате она што ви е потребно; се грижите и за вашите немоќни браќа, а им помагате и на надворешните кога имаат потреба од вашата помош. Радувајте се, вие сте нераскинлива заедница, која не може да ја раздвои ни заканување на цареви, ни некаков страв, па ни самата смрт. Радувајте се, вие се радувате еден на друг, секој од вас му го сака доброто на братот свој, меѓу вас нема ни завист и лошо натпреварување, туку кај вас владеат само мирот, љубовта и желбата за заеднички и братски живот. Говорам вака, не зашто ние не сме имале борби, зашто кој бива овенчуван, ако не се борел и ако не бил напаѓан, ако не бил устрелуван и ако не ги устрелувал своите противници; овенчувани биваат оние што не паднале под сатанските удари. Навистина, чеда мои богоизбрани, вие се храните од даровите на Духот, пиете од водата што Господ ви ја дава, како што е напишано: „кој пие од водата што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедне; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен“ (Јован 4, 15).

2. Дојде зимата, а нашите живеалишта се далеку, а и тие што ги имаме се лоши и тесни. Но, не паѓајте со духот, зашто, и покрај тоа, вие сте широки во добродетелите и во овој однос сте навистина чудни; и она што е тешко, за вас не е тешко, зашто се трудите само за она што Му е угодно на Бога. А, освен тоа, ако си спомнеме за нашите древни отци, па дури и за оние што се подвизуваат во наши дни, ќе видиме дека ние живееме во палати. Зар не гледате дека и денес едни од Божјите слуги живеат под отворено небо, други се затвораат во пештери и гробници, трети носат железни вериги врз своето тело и сосема малку јадат – се задоволуваат само со леб и вода, а се воздржуваат дури и од самиот леб; својата потреба од храна ја задоволуваат со плодовите на овошните дрвја и тоа секој втор ден? Навистина, вакви ограничувања во својот живот прават многу подвижници и денес. Но, и вие не ожалостувајте се, зашто никако нема да бидете зад нив, туку ќе бидете признати еднакви на нив, па можеби повозвишени од нив, како што нѐ уверуваат светите отци; само никогаш не бидете мрзливи и секогаш имајте желба за работа, за секаква работа. Вашата ревност да биде сѐ поголема, бидете сѐ посилни и похрабри. Победувајте го непријателот, победувајте го со вашето смирение, со мечот на вашето искрено исповедање и со ножот на послушноста. Сонцето на правдата секогаш да сјае во вашите срца, да ја одгонува темнината на страстите; зашто тоа кога ќе зајде, ѕверовите се прибираат на своите легла „изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла“ (Псал. 103, 22). Овие зборови разбирај ги духовно. А ние да излеземе за работа Божја уште од утрото на нашиот живот и да работиме сѐ до вечерта на нашиот живот – до смртта ( сп. Псал. 103, 23). Уште малку и ќе победиме.

3. Запазувајте ги правилата, заповедите и уредбите. Паднатиот подигнете го: ослабениот – поткрепете го: и воопшто во сѐ помагајте си еден на друг, за да се исполнат зборовите на премудриот и на вас: „Кога брат, братот свој го помага“ (Изрек. 18, 20). Внимавајте на она што се чита, забележувајте кои изреки за кого се попотребни. Секој нека ја работи работата со желба, така што сите „со страв и трепет градете го своето спасение“ (Филип. 2, 12). Не забивајте го мечот во своето срце и не бидете невнимателни за својата душа. Браќа, некои од вашите браќа ми имаат кажано, дека во извесни работи не се однесувате добро: дека се загледувате во жени и навлегувате во разговор со нив, кои нѐ изгонуваат од рајот. Зар не сте чуле што му направила Ева на Адама? Бегајте, бегајте од нив, како што бега и великиот Мартинијан, ако не телесно, тогаш секако бегајте духовно. Се слушаат зборовите на некои од вас: „А зашто тој и тој или таа и таа не дојдоа кај нас минатата недела? Секако дека нема да заборават да дојдат идната недела.“ – Ве молам, браќа, давајте ми секогаш можност да слушам добри сведоштва за вашето однесување! – Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој секојдневно ме извлекува од длабината на моите прегрешенија со Својата силна рака, по застапништвото на мојот духовен отец и по вашите молитви, да ви даде и на вас да бидете едномислени и по истото правило да следувате (сп. Филип. 3, 16); и во вас да биде еден дух, едно разбирање и една волја, па, откако ќе поживеете преподобно и праведно, да се удостоите да ги добиете ветените блага, заедно со сите светии, кои уште од почетокот Му угодиле на Бога!

44

1. Стравување за себе по повод настојателството.
2. Да преуспеваме во откажувањето од сѐ; споменувајќи си за судот, да се принудуваме на секое добро, и лесно ќе ни биде.
3. Одбегнувај да ги гледаш лицата и страсните допири до телото на другите и своето.

1. Мене не ми е здодевно да ви говорам и да ве утврдувам со зборовите на вистината. Ова го правам што е можно почесто, за некој од вас од незнаење или од негрижа да не биде наранет со бодилата на смртта, со гревот, преку престапувањето на заповедта и извршувањето на нешто неподобно. И кога го правам ова, наоѓам дека злобниот сатана сепак успева да дејствува на некои од вас, за кои јас многу плачам и се скрушувам. Зашто за сите ваши гревови, на каков начин и да згрешите, јас недостојниот ќе одговарам на денот на Страшниот суд, кога ќе биде откриено сѐ што направиле моите браќа, ако однапред не ви кажам сѐ, ако однапред не ве научам и утврдам, како што пишува апостолот, велејќи: „Тешко мене, ако не проповедам“ (1. Кор. 9, 16). Особено ќе ми биде тешко затоа што, бидејќи не сум достоен да се наречам ни овца, а земам место на пастир! Какво оправдание ќе има за мене и какво извинување, кога ги просветувам другите, а јас самиот сум темнина, кога се обидувам да ги лекувам другите од нивните страсти, кога и јас самиот сум привлекуван и воден од нив?! Но, од љубов према вас и од послушност кон заповедта на мојот духовен отец, повеќе сакам да бидам храна за вечниот оган, отколку да ви нанесам штета на вас. Секој ден мислам и размислувам за тоа каков ќе биде Божјиот суд, и за тоа како Бог бара од секој човек – да биде во сѐ совршен и да биде исполнет со секоја добродетел, особено, пак, тогаш кога е тој задолжен да проповеда. Што да правам? Кој Може да ми помогне? Ми останува само едно: да се надевам на Вашите молитви, како и на молитвите на мојот духовен отец, та поткрепуван со вашите молитви, да можам добро да ве раководам и да се борам против моите сопствени страсти, сообразувајќи се во сѐ со волјата на Господа.

2. Царството небесно ни претстои. Да го придобиеме со исполнувањето на Божјите заповеди. Да не бидеме сластољубиви, да не бидеме мрзливи; сѐ повеќе да го зголемуваме нашето откажување од светот и од сѐ што е во светот; да ги победуваме лукавите духови, сѐ додека не навлеземе во тивкото пристаниште на вечниот живот. Какво страшно измачување ги очекува мрзливите! „Јарост, пак, и гнев на оние што и се непокорни на вистината“. „Неволја и мака за секоја човечка душа, која прави зло!“ (Рим. 2, 8-9). Зашто колку поголема чест ни е дадена, толку поголема чистота на животот се бара од нас. Од самопринудувањето имаме овде кратковремени тешкотии, но од нив произлегуваат вечните наслади, ако со ова самопринудување придобиеме постојана расположба за правење на секое добро. Ова се однесува и на исхраната, и на сонот, и на раздразнителноста, и на лошите помисли и на сѐ друто. Зашто, ако го засакаме доброто и почнеме да се принудуваме на него, тогаш и Бог ќе ни даде сили да го правиме. Тогаш патот на добродетелите ќе стане за нас лесен. Гревот за оние што му се предаваат е исполнет со тешкотии, стрмнини, страдања, мрак, одвратности и опасности. Дојдете, чеда мои, да појдеме по патот Божји, кој е и тежок и лесен, и тесен и широк. За време на вашите бдеења бидете добро расположени, добро пејте, молете се добро, имајте љубов према браќата и извесна ограничена смелост.

3. Големо и убиствено зло е неограничената смелост. И многуискусниот ѓавол, ако некој не е внимателен према себе, брзо ја напаѓа, ја пленува нашата душа и ја ранува со стрелата на својата злоба, ги привлекува очите кон убавите лица на младите и со слатки насмевки кај нив и кај другите го поттикнува разгорувањето на страстите. Кога ќе успее да измами некого од нив на оваа нечиста љубов, тогаш се обидува и кај оној, кон кого е насочена неговата страст – да го орасположи за страсна љубов кон него. Потоа, почнуваат взаемните гледања, душевни изливања и сладострасни изгорувања, а најпосле, ако не биде пројавена особената Божја помош, закрилништвото на нивните духовни отци, како и сознанието за големиот грев кај самите искушувани, настанува паѓањето: содомскиот пожар и гоморската пропаст. Но, сите да бегаме од ова! Јас прв, бидејќи претходно искушен, ја пружам мојата рака кон вас искушаваните. Големата поткрепа и ограда против ова големо зло е: пазењето на очите и искрената исповед. – Но, и во однос према себе не треба да си дозволуваме слична невнимателна смелост, зашто и овде се крие смртта, за што оние што не го занаат тоа – подобро е и да не го откриваат. Вие што сте пострадале, знаете за што говорам. Впрочем, и сите треба да се пазат од ова. Затоа, не допирај се, не фаќај се себе, а и не гледај ја својата голотија, за да не паднеш под Ханаановата клетва. Зашто оној пустински столб не паднал со некое друго паѓање, за кого говори свети Антониј Велики, туку токму со ова, иако премудриот отец и не го искажал ова. Затоа? браќа, гледајте колку опасно одите, за да не ја гушнете самата смрт. О, беден човеку! Знаеш што говори апостолот: „Кој ќе ме избави од ова тело на смртта?“ (Рим. 7, 24). Со ова твое тело ти живееш како со див ѕвер и како со лав. Ако не го пружиш мечот твој против него, тој ќе те дофати, ќе те искрши и ќе те погуби.

45

1. Бесовите нѐ привлекуваат преку возбудувањата на страстите и нѐ погубуваат; потребно е да се бориме.
2. Ако си паднал, стани, оплакувај го својот грев, и Господ ќе те исцели.
3. Да го слушнеме Неговиот глас; да не бидеме малодушни и да се вооружиме.
4. Бегајте од сѐ што е прекорно во манастирското општожитие, а во сѐ што е препорачливо – напредувајте.

1. Со што ќе го исправиме нашиот пат? Со што, ако не со тоа, што ќе ги запазиме Божјите зборови и судбата на оправдувањето со Неговите зборови ( сп. Псал. 118, 9). Но, освен тоа, ние имаме вистинска непрестана борба со оние што ја одржуваат темнината на овој свет. И голема е нивната лутина против нас, која не престанува, како што е напишано во книгата Лествица (сл. 4, 35; 26, 126). Тие напаѓаат, вознемируваат, измачуваат со похоти, ги скокоткаат срамните органи, ја разгоруваат печката на похотите, го умножуваат злото и го прават разновидно; смртоносни се и нивните пијалоци. Секој од нас се уловува на нешто, ако не внимава: или со завист, која е еднаква со убиството, – или со суета, или со тајно јадење, и преку согласување со лошите помисли, зашто и само заради тоа можеме во пеколните маки и да пострадаме. Но, и со што и да е, од реченото, да биде некој уловен, тој веќе Го нема Бога, го нема ни царството небесно и се лишува од вечниот живот, ја загубува вечната радост, го наследува вечниот и неизгасливитот оган, црвот што никогаш не спие, најкрајната темнина и заедничкото живеење со бесовите. – А нас, браќа, да нѐ запазува Бог – да не пострадаме од нешто вакво. Да се трудиме да ги избегнеме непријателските мрежи, храбро да се бориме, да го претрпиме огнот на похотата, – и тој конечно ќе изгасне. Зашто Бог, ако се бориме, нема да дозволи да изгориме во овој оган; ќе бидеме изведени преку свежата роса на чистотата, прославувајќи Го Бога заедно со трите момчиња. Нека нѐ нападне и зависта, но да се вооружиме и против оваа страст, но и таа, откако ќе се задржи извесно време, ќе измине; ќе се задржи час или два, а можеби и цел ден, но кога ќе бидеме на леглото наше – ќе исчезне. И ти, откако ќе се бориш на таков начин, ќе се присоединиш со Христовите војници, кои нема да бидат измачувани, туку ќе добијат венци во царството небесно.

2. Си бил ранет, но и ти самиот си ранил; си паднал ли, но не паѓај веќе, стани побрзо; си бил повлечен со збор кон она што е неприлично; си бил искушан, затоа што си погледнал со твоите очи; си бил пленет во мечтаење поради бездејствувањето на твојот ум; со смеата своја – си избувнал? – Пак врати се кон она што треба да биде, пак издигни се таму, откаде што си паднал; прослави Го Бога, исповедај се, пролиј топли солзи од длабочината на твојата душа, воздивни од длабочината на твоето срце, стани, наведни ја својата глава, скруши се и исполни се со смирена мудрост. Такво е лекарството на душата! Зашто е напишано: „Вака вели Господ Бог, Светецот Израилев: ,Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте; во кротката надеж е вашата сила, но вие не сакавте (Иса. 30, 15); и: „Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Тој ќе рече: ,Еве Ме“ (Иса. 58, 9) и уште: „Ги видов патиштата нивни, но ќе ги излекувам, ќе ги водам и ќе ги утешувам, нив и оние што ги жалат“ (Иса. 57, 18). Гледај каков добар Бог имаме, колку е милостив, како нѐ утешува и колку бргу ги слуша нашите молитви. Светиот апостол и евангелист Јован вели: „Тој е жртва за измирување за нашите гревови“ (1. Јован 2, 2); заради нас станал сиромав, заради нашето спасение се жртвувал; примил рани, страдања, подбивања, потсмевања и ја пролил Својата пресвета крв. – „А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија, казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекуваваме“ (Иса. 53, 5). Затоа, дојдете да пристапиме и „зашто Тој е Бог наш, а ние сме народ од Неговото пасиште и овци од Неговите раце. О, денес да бевте го послушале Неговиот Глас!“ (Псал. 94, 7).

3. Денес да го слушнеме Неговиот глас и веќе да не Го жалостиме, како древните Евреи во пустината, поради нивното неверување; да не бидеме мрзливи во ветената земја, во која се доаѓа по тесен и тежок пат. Ако беа го послушале Исус Навин и Халев Јефониев, тие ќе го наследеа она што им беше ветено од Бога. И како тие што се измачувале и што биле малодушни кога оделе по тој тежок пат, плашејќи се и од спротивставувањето на народите што ги среќавале, иако знаеле дека ја имаат за себе непобедливата Божја сила, биле предадени на уништување и споменот за нив се загубил во врева. Тоа истото ќе се случи сега и со нас. Зашто, ако нѐ слушате нас недостојните и не ни го свртите грбот, нема да им се предадете на котлите на угодувањето на плотта и да мислите на египетското ропство и за робувањето на страстите од овој свет, од кој сте ослободени со благодатта и милоста Божја, туку се воодушевивте заедно со нас и станете со пламена ревност, откако ќе ги обуете нозете свои со подготвеност да благовестите мир и се облечете во оклопот на верата несомнена и се молите со секаква молитва со духот свој во секое време (сп. Ефес. 6, 14-18); тогаш и вие и ние ќе го изминеме заедно духовниот пат успешно, победувајќи ги другородните и варварски народи и нивните страсти, и Јордан ќе го преминеме духовно преку солзи, и ќе ја наследиме земјата, во која расте вечниот живот и плодородноста на умот на неземните и возвишени блага.

4. Не со многу и не со достојни зборови сеам јас, и сега, како и секогаш, за обработување на вашите души. Но, примете ги, иако се малку и скудни, па со вашата работа овие мои зборови умножете ги од еден – на триесет, шеесет и сто. Ве молам, браќа, поднесувајте ги добродушно тешкотиите на вашиот живот и најусрдно извршувајте ги послушанијата што ви се дадени. Радувајте се и сорадувајте се заедно со мене сите и имајте успех во сѐ што е добро. Никој да не мрмори, никој да не го посакува послушанието на својот брат, никој да не се гордее пред својот брат, зашто таквиот е одвратен и пред Бога и пред луѓето. Никој да не прави срамни работи, ни со душата; ни со телото; никој да не осудува; никој да не ги прекорува другите; не останувај никогаш без работа; не измислувај извинување за своите гревови; никогаш не биди дволичен; не потшепнувај и не озборувај; не изговарај големи и горделиви зборови; не биди неискрен и не мрази го братот свој и не биди груб према него. Напротив, одете сите по Божјиот пат, здружувајте се, ислушувајте ги браќата и бидете љубезни кон сите; бидете неуморни, главата да ви биде наведната; не ја сакајте претераната смелост; сакајте се еден со друг, бидете искрени, не бидете лукави, за да можете, ако вака живеете и, ако вака се однесувате, подвигот што ви претстои добро да го завршите, да Му угодите на Бога и да ги добиете ветените блага.

46

1. Ние сме повикани кон возвишен живот, но дали живееме така, како што имаме намера да живееме и како што и другите очекуваат?
2. Да бидеме неизменливи во доброто и да не се повлекуваме по страстите не само на дело, туку и во нашите мечтаења.
3. Зошто го напуштивме светот? – Затоа, за да живееме во лишувања и во надеж.

1. Според зборовите на свети апостол Павле: „Бидејќи се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе. Таа нѐ учи да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век“ (Тит 2, 11-12). Да го засакаме монашкиот живот, „да чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос“ (Тит 2, 13). Кој на едни „кои со трпение во добрите дела“, живеат богоугодно, ќе им даде царство небесно, а на другите „и се покоруваат на неправдата“ (Рим. 2, 7-8) и ја извршуваат волјата на своето тело, па се откажуваат од ревноста за доброто и добрите дела, го имаат гневот Божји и ќе се измачуваат во неизгасливиот Божји оган. А гледајте, дали ние живееме вака? Дали живееме така, како што сме намеравале да живееме кога сме дошле овде? Па затоа, кога сме веќе именувани светии и подвижници, да се трудиме да не бидеме подоцна посрамени; нашите подоцнежни дела да не бидат полоши од оние што сме ги имале во почетокот; да не бидеме слични на темјанот, кој кога ќе се запали дава добра миризба, а кога догорува – ја губи миризбата; ниту на светилникот, кој во почетокот, кога ќе го запалиме гори светло и ги осветлува сите во просторијата, а потоа, ако го ставиме под поклоп или ако, го изгаснеме, престанува да свети.

2. Суштествениот белег на вистинската добродетел е: постојано да ја задржува својата особеност. И во тоа е целта на нашиот труд. Зашто ние луѓето сме подложни на промени и обично го менуваме доброто за полошото, како што е речно во Светото Писмо: „Па рече Господ Бог: ,..помислите на срцето човечко се зли уште од младини..“ (1.Мој. 8, 21). Ние што сме се откажале од светот, да не се вратиме пак во него и да се чувствуваме како што сме се чувствувале пред да го оставиме и да бидеме завладеани од нашите некогашни страсти; откако го победивме славољубието, пак да не се вратиме кон оваа лудост; откако сме се исповедале и откажале од нашите некогашни гревови, повторно да не пристапиме кон нив со желба одново да ги правиме пак, откако веќе сме се отпуштиле од нив. Зашто, бидејќи сме ги заборавиле нашите завети, дадени пред сведоштво на ангели и луѓе, сега бараме: – некој првенство, друг – учителство, трет – спокој. А некои покажуваат крајно незадоволство, ако некој не им покаже внимание или ако не им укажуваат чест како на свети луѓе, не гледајќи го пред себе ни Страшниот суд, ниту осудувањето на нивните зборови и дела, не чувствувајќи го товарот на своите гревови, туку само она кои што ги влече нивното срце, кон она што го посакува тоа; кои она што им го претставува нивната овоземна мисла, која во своите мечтаења едниот го воведува во клир, другиот – го издигнува и го прави игумен, на третиот му доверува грижа за потребите на манастирот. Зар сето ова не е сатанска прелест и измама? Не сите вас ве прекорувам за вакви работи, но меѓу вас има и такви; моите зборови ви ги упатувам воопшто на сите, со цел во сите вас да се утврдат добри мисли и чувства.

3. Откако сметавме сѐ за второстепено и неважно, од сѐ земно и светско се откажавме, да мислиме и да се грижиме за она, за што се одлучивме. А зошто излеговме од светот? – Излеговме, за да живееме во немаштија, да плачеме, да гладуваме, да жедуваме, да ги очистиме нашите срца, да бидеме миротворци, да нѐ навредуваат, да нѐ прогонуваат, да нѐ клеветат, да бидеме сметиште на светот и, најпосле, ако настане време на гонење, да се предадеме и на смрт за Оној Кој умрел за нас и за нашето спасение, зашто оние што се одлучиле на ова, секогаш се готови да страдаат и да се присоединат кон оние што пострадале, та заедно и да се прослават и да царуваат заедно со единиот наш Бог и Царот на сите – Христос.

47

1. Биди издржлив во животот, за кој си се одлучил да го живееш, и самиот не лишувај се од радостите, кои ти претстојат.
2. Какви страданија можеш да поднесеш, кои Господ не би ги претрпел за тебе – пред тебе? 3. Тага по оној што избегал од манастирот и поука.
4. Повикување на молитва за избеганиот од манастирот.

1. Ве молам со љубовта на нашиот Господ Исус Христос, Кој се предал Себе за нашите гревови, бидете непоколебливи и неподвижни во точното извршување на светите и животворни заповеди на Господа. Никој да не мисли дека тој не може да падне во грев; никој да не му се предава на искушението, со кое нѐ искушува ѓаволот; никој нека не се обидува итро да го скрива својот грев од нас, па само нешто да ни кажува, а другото да го скрива од нас. Пред Бога сѐ е откриено; Тој ги знае сите наши тајни и за Него нема ништо скриено. Не лишувајте се вие самите од радостите во вечниот живот, кои се приготвени за вас; спасувајте се од овој лош и развратен род, намразете го светот и сѐ што е во него, од сѐ што ве врзува со страстите, слатките уживања, од својата волја и од самоугодувањето. Ете, ние веќе не сме пријатели со светот; сме пристапиле кон Божјиот страв. Ние сме мртви за гревот и не треба да се враќаме кон ништо, од што сме се откажале; не треба да трчаме по тие работи и пак да ги прифаќаме. Ти си дошол, си избегал од светот и од световните работи: држи го цврсто даденото ветување дека ќе се предадеш да бидеш роб на послушноста, дека доброволно ќе претрпуваш за Христа, па дури и крвта своја да ја пролиеш за Него. Ова си го ветил во самото твое одречување од светот пред лицето на Бога и на Неговите ангели. Тебе ти е познато ова: дали си таков и дали живееш така, како што си ветил. Но, човеку знај, „Бог не е за подигрување“ (Гал. 6, 7). „Ако оној што го прекршил Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци безмилосно се казнува со смрт, тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној што Го погазил Синот Божји и ја осквернал крвта на заветот, преку која е осветен и Го похулил Духот на благодатта?“ (Евр. 10, 28-29).

2. Господ пострадал за нас, а можеш ли ти, како роб, да пострадаш еднакво како твојот Господ? Зошто, сакан мој, се раздразнуваш? Зошто излегуваш надвор од себе? Зошто се возбудуваш? Зошто? Се подбиле ли со тебе? Па тоа го претрпел и твојот Господ. Те удриле ли по твојот образ? Зар Он не го предал Своето лице на оние што Го тепале? – Се потсмевале ли со тебе? Па, се потсмеале и со твојот Господ, зашто Тој рекол преку пророкот: „Навредите на оние што Те хулат, паѓаат врз мене;“ (Псал. 68, 9); И уште: „Ми ги прободоа рацете и нозете. Можам да си ги пребројам сите коски мои, а тие гледаа и ме презираа“(Псал.21,16-17). Кое камено срце нема да омекне кога помислува за животворните страдања на Христа Господа и за Неговата смрт за нас и за нашето спасение? Зар вие не одлучивте доброволно да се принесувате секој ден на жртва за Него? Впрочем, сето ова всушност е вака. И, како што мислам, вие Го подржавате Спасителот и сакате да страдате заедно со Него, за да се прославите заедно со Него во царството Негово. Се разбира, еден од нас бива подобар од другиот и го надминува, соодветно со добродетелите, што се во него. Но, Господ Бог да ви подари сила и моќ на сите вас, за да постигнете до мерката на Христовата возраст!

3. Кога јас се радувам за нешто, сакам и вие да се радувате, а кога жалам, сакам и вие да жалите заедно со мене. Сега мојата жалост не е мала по нашиот брат Орсисиј. Вчера исчезна тој од пред нашите очи. А причината за тоа се само моиве гревови како на лош пастир, кој не предвидел, не претпазил и претходно не се потрудил да го излекува немоќниот. Тешко ми мене! Со право да бидам одговорен пред судот и ќе бидам осуден, ќе бидам предаден на маки и измачувања. Сожалете се над мене и пазете се, за да не направите моето настојателство над вас да стане причина на мојата вечна пропаст. Секој од вас нека се утврди во соодветните правила и решете: кога се исповедате да не скривате ништо од мене. Секој нека живее во она, во што е повикан. Гледајте и внимавајте особено вие постарите и поголемите, да не ви се случи нешто, поради вашата несовесност, за да ги погазите границите на она што треба да го правите, да не го држите редот што е установен, така како што сакам и пожелувам јас, така како што треба да се однесува секој според своето послушание. Слушам дека тепате, а јас вакво нешто не сум ви заповедал, како нешто што е забрането во Светото Писмо, макар што светите отци го дозволувале, по потреба, само во некои случаи и за одделни браќа, но без врева и преку други; тоа да не се прави страсно и со лутина, но кај некои ова станало навика. Браќата наши треба да ги приведуваме кон доброто со убедување, со кротост и со пројавување на добродетелите, зашто нашата власт не е тиранска; нашата власт ја почитува слободата и доброволното потчинување. Зборовите за скарување, какви што се: „безумни Галатјани“, „безумни“, „рожби ехидни“, како и некои други, слични на овие, да не бидат изговарани меѓу вас, иако строгиот збор, кога не е кажан со лутина и страст, туку загрижено и со љубов, постанува спасоносно лекарство. Зашто и лекарот се служи со нож и со обгорувач, кога е тоа неопходно за лекувањето на некоја болест. И ние имаме свои ножеви и обгорувачи, какви што се епитимиите и изобличителните зборови. Ние сме должни да се користиме со нив, имајќи предвид само едно: паднатиот да стане и пак да појде по својот пат, но притоа сме должни да бидеме благи и милостиви, особено кога се работи за оние, кои се уште несовршени. Оваа строгост не треба да ја употребуваме ни во однос кон сонот, ни кон храната, ни кон одморот, не треба да се однесуваме еднакво со сите што свикнале со овие работи. Затоа, сакам према почетниците да се прават отстапки сѐ додека не свикнат со строгоста на нашиот живот; подоцна, кога ќе свикнат со него, и тие со ревност ќе извршуваат сѐ. Зар ние ги имаме нашите браќа само за извршување на работите: за обработување на нашите лозја и маслинови градини? – Не, никако, туку само затоа, да им помогнеме да го придобијат своето спасение. За ова се должни првите луѓе во манастирот и на прво место тие треба за тоа да се грижат; на второ место се нашите работи за придобивање на материјалното. Секоја смирена и скрушена душа, според Светото евангелие, од доброто сокроваште на своето срце изнесува добри зборови; за таквата душа и изобличувањето и прекорот се слатки, послатки и од најслатките пијалаци, а срцето на горделивиот ги раѓа овие плодови: караници, горчливи и груби зборови, проследувани со остри погледи, со раширување на ноздрите и со ѕверски изрази на лицето. На кој начин може со вакви грубости да се излекува братот што погрешил?

4. Молете се, за да Го умилостивиме Господа – да ни открие каде е нашиот брат, зашто ова ме исполни со голема жалост и проливање на многу солзи. Не мислете дека бегството на братот Орсисиј не претставува ништо, дека тоа не е некоја голема работа, за тоа што тоа беше еден од последните во нашиот манастир. Но, за мене тоа е нешто големо, зашто Христос умре за него.

48

1. Еве, еве, и смртта е овде: подготвувајте се, очистувајте се од страстите.
2. Потребно е да напредуваме.
3. Бегајте од празните зборови и од смеата, сакајте го молчењето; а, ако веќе говорите, тогаш говорите за она што е корисно.

1. Брзаат деновите еден по друг, течат како река која тече, устремена напред, и никако не стои. И смртта не чека. И „кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види?“ (Псал. 88, 48). „Дните мои исчезнуваа како вечерна сенка и јас се исушам како сено“ (Псал. 101, 11). „Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој“ (Псал. 102, 15). Да не дозволиме да бидеме изложени на подбивање, да се покажеме неподготвени во часот кога ќе дојдат по нас ангелите. Да бидеме внимателни кон секоја наша постапка, кон секој миг, сметајќи го како последен во нашиот земен живот. Да внимаваме и на секое наше движење и на секој наш збор. Тогаш ќе бидеме добро подготвени и со нетрпение ќе го очекуваме мигот кога душата треба да излезе од нашето тело и да појдеме кон Бога и Спасителот на сите. Ако постапуваме вака, тогаш никакво зло не може да ни се случи и заборавањето нема да го скрива Божјиот суд од нас. Тогаш нема да се бориме еден со друг, нема да се караме; нема да бараме еден пред друг поголема чест и нема да жалиме што не сме научиле нешто и што не сме станале помудри. Туку сето тоа ќе го сметаме за бесмислено (сп. Филип. 3, 8); тогаш ќе бараме само едно: да ја очистиме нашата душа од страстите и да Му станеме свои на Бога. – Ова ви го велам не затоа што ви заповедам да не учите, зашто и тоа го барам од вас; и јас самиот ви дадов подробни правила за тоа: што да учите и како да учите, дека едно е важно, а другото е поважно од него, а дека нешто трето – треба да се смета поважно од сѐ. Нашиот Господ Бог, Кој ги препашува немоќните со сила. „Кој од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот“ (Псал, 112, 7), и нас кои сме новородени во побожноста ден по ден нѐ преобразува и нѐ усовршува, и нас да нѐ исполни со таква сила и совршенство, да нѐ покаже достојни за вечните блага.

2. Апостолот нѐ учи да бараме сѐ поголемо и поголемо совршенство (сп. Кол. 3, 1). Да не престанеме да го бараме она, што уште ни недостасува во нас, туку да се погрижиме сѐ повеќе да преуспеваме и да се збогатуваме со секое добро. Ако си ѕвезда, настојувај да станеш сонце; а ако веќе се наоѓаш меѓу оние што влегуваат во дворот Божји и си присоединет кон оние што се спасуваат, потруди се да го постигнеш – тоа да бидеш поставен над пет или десет градови. Умножи го својот талант, за да бидеш издигнат над многумина; сакај многу, и многу ќе ти биде дадено; биди верен слуга на Господа, за да бидеш прв меѓу сите, кои се во домот. Такви се божествените гласови – страшни, – и кога ќе ги чуеш, и кога помислуваш за нив, тие ни ја покажуваат славата Божја.

3. Борете се против ѓаволот и одбивајте ги неговите напади против вас. А слушав дека многумина од вас се предаваат на празни разговори и дека, кога се собирате заедно, без страв правите многу смешки: ова е погубно и за оние што ги прават смешките, а и за оние што ги слушаат и што се смеат. И ѓаволот се радува, зашто тој е оној што раководи и со ова нему му се прави задоволство, а Господ со Своите ангели се посрамува од вашето вакво лошо однесување. Исплашете се од Бога и станете сериозни. Ако ова не е вистина, докажете ми дека лажам, и јас ќе замолчам; а, ако е вистина, почнете да се воздржувате од ова. Зошто не се воздржувате од непотребното зборување и зошто не молчите сѐ додека не ве прашаат да кажете нешто? Навистина, вие не ја знаете сладоста на молчењето, кое ја исполнува душата на оној што молчи со радост, која е поголема од сите радости, зашто таквиот разговара со Светиот Дух. Вам ви се чини дека тоа е мала работа, а не знаете дека во тоа е собрано секое зло. Зашто, како што рекол божествениот Јаков, јазикот „е немирно зло и полн со смртоносен отров“ и оној што го обуздува, тој е совршен човек. Не лутете ми се, иако јас ве налутувам. Јас сум ваш духовен татко, и ќе ви кажам со зборовите на светиот апостол Павле: „Ако јас ве нажалам, тогаш кој ќе ме зарадува, ако не оној кого сум го ожалостил?“ (2. Кор. 2, 2). Ако сте почнале да разговарате, добро, говорете за тропарите и за стихирите, размислувајте за работи што се корисни, раскажувајте за свети настани, за работи што ви доликуваат. Говорете за некоја нива или овошна градина, говорте за некој бик или за некоја преграда, или за нешто друго, што има врска со вашата работа. Прашувајте го за овие работи оној што може да ви даде одговор. Ако немате за нешто корисно да разговарате, тогаш е подобро да седите во својата ќелија и да молчите. Повторувам, оној што молчи, тој Го има во себе за носител Светиот Дух, а спротивното е во оние, што невоздржливо и неразумно разговараат.

49

1. Слика на страдањата на Спасителот за нас: нека Му е слава и благодарност!
2. Слово по повод промена на послушанието, – кон оние што мрморат и кон непослушните. 3. Прекор кон оние, кои со зборови се готови да прават сѐ, но на дело ги нема.

1. Еве, пак навлегуваме во светата и голема седмица, кога си спомнуваме за Христовите страдања, и одново се поучуваме колку пострадал нашиот Господ и Спасител да претрпи за нас и за нашето спасение. И која скаменета душа нема да се скруши и да затрепери, кога ќе помисли за тоа како Господа Го предал Неговиот ученик, како останува во рацете на беззакониците, како бил врзуван од војниците, како бил воведуван во судницата и, како вистинската Вистина, слуша како Му велат: лажливец и злосторник. Спасителот на сите Го удираат по образите и Тој трпи, Го плукаат и не се противи, Го овенчуваат со трнов венец, нанесувајќи Му страшна болка, но Тој не ги изгорува, Го облекуваат во царска облека, а како злосторник Го удираат со трска по главата, и најпосле, Го распнуваат, со копје Го прободуваат. Он Кој што е живот на сѐ – вкусува смрт; но набргу потоа – воскреснува, издигнувајќи нѐ и нас од нашата паднатост и ни дарува вечна бесмртност. О, Господи, Боже наш и Спасителе! Што соодветно ќе Ти принесеме ние Тебе, – ние кои сме прав и пепел?! По Твојата бескрајна богата добрина, не си Го презрел Твоето создание што загинува, но си дошол да нѐ спасиш на начин неискажливо смирен. И, ете, исполнети со чувство на спасение и сила, која сме ја добиле од Тебе, ние со нашата грешна и недостојна уста Те фалиме и прославуваме со благодарност, која нѐ преисполнува.

2. Кај вас настана промена во послушанијата: еден оставил едно, а примил друго послушание, односно двајца си ги размениле послушанијата. Ова е направено и според правилото, кое ни е дадено од отците: зашто на овој начин најдобро се запазува и се зајакнуваат братољубието, еднодушноста и едномислието. – Некои од вас го примија ова без обременување, другите го примија со тешкотија, затоа што едни свикнале да се откажуваат од својата волја, а други се покажаа неподготвени за ова. Едните не биле силно приврзани кон послушанието и на нив им е сѐ едно на што ќе бидат одредени, а на другите им е драго само послушанието, па едно го сметаат исправно, а другото нешто што понижува. И така, едни од овие, откако биле малку тажни, се победиле себе и се помириле со новото послушание, а другите продолжуваат да бидат упорни и не сакаат да го прифатат нивното послушание. – А, кон сите вас, еве ги зборовите на моето смирение. Оние што ја прифатиле нашата одлука, така како да произлегува од Самиот Бог, и се откажале од својата волја, со готовност пристапиле кон она што му било на секого одредено; тие се блажени, угодни Му се и на Бога и на нас, тие се вистински слични на мачениците. А оние, кои најнапред ги примиле со незадоволство и жалост, потоа со смиреност се свртиле кон подоброто: тие се покажаа добри борци и Му го принесоа на Бога изливањето на својата крв. А третите сѐ уште остануваат непокорни и настојуваат да се оправдаат; ова е дело на нивните страсти, па стојат отпадпати, за кои е право да се рече, дека тие не се и не биле од нас.

З. Господ рекол: „Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец, Кој е на небесата“ (Матеј 7, 21). И уште: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јован 14, 15). Затоа и јас, соодветно на ова, говорам: секој кој ми говори: отче, отче, – не е мој ученик, туку само оној што ме љуби и ги исполнува моите наредби. Да не бидеме мудри само на зборови, а кога ќе дојде да се прават дела, да не сакаат да нѐ послушаат што им говориме: ќе ја пролиеме нашата крв, ќе умреме за тебе, ако сакаш, ќе се фрлиме и в море, ако сакаш, ќе одиме голи, ако е твоја волја, ќе дадеме членовите на нашето тело да бидат отсечени, ако само посакаш. Слушајќи ги овие зборови, јас сум се радувал и сум Му благодарил на Бога, но потоа, кога сум доаѓал при вас и сум ве наоѓал несогласни со вашите зборови, сум плачел и сум велел: „Овие луѓе со своите усти ме благословуваат, а срцето им е далеку од мене“. Се разбира, ова не го говорам за сите вас, зашто сум ја испитал добрата послушност на многумина, како на Божји ангели, но ова го говорам за другите: но и тие не сите и не секогаш се упорни во своите желби. Ова го говорам однапред, така што сите да бидеме прави во сѐ. Да живееме според правилата на светите отци, како пред Бога. На нив да се угледате. Ако не дејствувате вака, тогаш по исходот на вашата душа светите ангели нема да ја придружуваат вашата душа и нема да се вселите меѓу вашите отци. Знам дека сите сакате да се спасите и да бидете во бројот на оние што се спасуваат. Затоа, добро да одиме, а кога сме во искушение, да не дозволиме да паднеме или побрзо да станеме, а, ако задремеме, – да се разбудиме. Не ве осудувам, туку ве сметам за Божји слуги и ве носам во моето срце.

50

1.Поука при гледање на умрен: не за телото, туку за небото грижи се.

1.Каква е оваа тајна, што станува со нас? Какво живеалиште ги очекува сите? – Гроб од три аршина. Од земјата сме земени, и во земјата пак ќе појдеме; телото останува овде, а душата се издигнува горе. Што сме биле понапред и што се сме станале по престапувањето на заповедта? Овој престап ја родил смртта, и затоа сме станале гниежливи. Ете, вакви ќе се видиме и ние, зашто и ние ќе умреме. Што нѐ очекува? Каде ќе појдеме? Што ќе сретнеме? Зошто толку многу се грижиме за нашето тело, кое е наше и не е наше, кое е и другар и противник, обвинител и бранител, кој погубува и спасува? Колку и да го храниме, колку и да го успокојуваме и колку и да го насладуваме, – нема ли тоа да се претвори во црв и во смрдлива кал? Каква корист имам, ако се грижам за пепелта и, ако се борам за правта? – Светото Писмо вели: „Телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо“ (1.Кор. 15, 50). Затоа, да се грижиме за себеси како што треба и да не си дозволуваме да живееме како што живеат животните. На неразумните животни им е својствено да го љубат телото, да го полнат стомакот, да ги потхрануваат телесните стремежи, да имаат врела крв, да имаат силно тело и да ги насладуваат сите свои сетила, а на човекот, кој е создаден според Божјиот образ, ништо од сето ова не му е својствено. Неговата работа е ангелска работа: да ги соѕерцува небесните блага, да ги набљудува убавините на создадениот свет; ништо од телесното нему не му е својствено. Тој треба да пламенее со љубов кон Бога, вистински да ги мрази бесовите, да се грижи малку и за телото: да му го дава само она малку, што му е неопходно. Да, ве молам браќа, правилно да мудруваме и ќе познаеме дека не сме погрешиле што сме се однесувале вака; ова ќе го видиме во идниот живот, кога на сите ќе им биде дадено според нивните дела, мисли и чувства, – на праведниците – живот вечен, а на грешниците – оган што не изгаснува.

Обработи,
О.М.П. 2022