www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,545,515
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM IV

Светиот преподобен Теодор Студит

1 – 25

Подвижнички поученија за монаси

1. Колку е возвишено монашкото служење.
2. Секое послушание, кое се извршува заради Бога, води во рајот, дури и ако е сосема едноставно.
3. Список на добродетелите што водат во рајот.

1. Бог затоа нѐ вовел во овој свет, за, угодувајќи Му со нашите добри дела, да станеме наследници на царството небесно. А нам на монасите, откако нѐ вовел во светот, ни дарувал и една особено голема благодат, со тоа што нѐ избрал од сите и нѐ поставил пред Своето лице, за да ѝ служиме на Неговата сила. Затоа, секој треба внимателно да гледа, сообразно со она за што е повикан, дали точно го извршува и за ништо друго не се грижи, туку само за она што Му е угодно на Бога.

2. Исполнувајќи го своето послушание, ние треба да дејствуваме така, како да сме примиле заповед за него непосредно од Самиот Бог. Бог од оние што се здрави бара потешка работа. Да работиме, но само од едно треба да се пазиме: да не ѝ се предаваме на суетата и да се гордееме пред другите и пред себе, како да правиме нешто големо и возвишено. Господ има готова награда за секого што се труди: оној што се труди за трпезата, ќе се радува заедно со светиот првомаченик Стефан: лебарот – самиот тој ќе биде чист леб за Господа; оној што се труди околу овошките – ќе се насладува со плодородноста на рајот и ќе се удостои да биде негов жител, а и секој друг – оној што го обработува лозјето, дрводелецот, краснописецот, вратарот и воопшто, какво и да е неговото послушание, ако го извршува, како работа што му е дадена од Господа, ќе добие достојна награда, Господ гледа и види сѐ; од Него не може да се сокрие ништо и за сѐ божествено плаќа.

3. „Бидете бодри, стојте во верата, држете се машки, бидете крепки; секое ваше дело нека биде во љубов“ (1.Кор.16,13-14); секојдневно умирајте, за да живеете вечно; бегајте од лошите помисли, како и од самите лоши дела; сметајте дека многу зборување е многу грешење, смеата сметајте ја за блуд, а пренајадувањето и пренаситувањето – како робување на телото и на похотата; горе нека ви бидат очите, а долу – мислите: бидете чисти и со телото и со душата; воодушевувајте се со добрата надеж; не приврзувајте се кон ништо што е на земјата; плашете се само од Единиот Бог. Ако живеете вака, ако сте вака добро расположени, ќе се радувате заедно со ангелите и со сите светии во вечноста.

1. Не мислете високо за себеси.
2. Живејте за сите браќа, како што секој член на телото живее за сето тело.
3. Нашите послушанија не се тешки, но преку одречувањето од својата волја – заслужуваат маченички венци.

2
1. Вие богоповикани мажи, постапивте мудро, што го оставивте светот и што очите на вашето срце ги устремивте кон Бога. Настојувајте да живеете богоугодно и, живеејќи така, „не мислете дека сте мудри“ (Рим. 12. 16), ни поради вашите духовни добродетели, ниту поради вашите телесни предимства, за да не ги слушнете зборовите: „Што имаш, што не си примил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?“ (1. Кор. 4, 7). Оној што прави многу, тоа го прави со помош на Христовата благодат, откако примил сила од Бога не заради себе, а заради ближниот.

2. Сите вие еден за друг сте послушници, помошници еден на друг; вие сите сте како живи членови на едно тело. Ако очите не ги раководат рацете, ако едната рака не ја поддржува другата, ако и ногата не застанува така како што го бара тоа доброто на целото тело, или воопшто секој одделен член почне да дејствува по своја волја, тогаш тие не само што нема да ја запазат својата сила туку со своето сопствено разградување ќе го разградат и целото тело. Затоа, нека се радува секој кога му се дава можност повеќе да се труди за другите, проднесувајќи студ, дожд, и жештина, а нека плаче и нека жали оној што седи без работа, како непотребен член, кој е во телото а не живее за телото и, како таков, достоен е да биде отсечен.

3. Да не се исплаши срцето ваше, кога го слушате ова. Напротив, радувајте се, и разберете дека преку многу трудови можеме да влеземе во царството небесно. Ние не ја пролеваме нашата крв како мачениците; членовите на нашето тело не ни ги отсекуваат, коските не ни ги кршат, но, ако кон нашите лесни и тешки трудови го придодадеме откажувањето од нашата волја, со желба да Му угодиме на Бога и на браќата да им послужиме со љубов, тогаш преку тоа стануваме слични на мачениците, па дури и на Самиот Господ, Кој заради нас и заради нашето спасение претрпел распнување и смрт. Радувајте се, кога се трудите! Вас ве очекуваат венци маченички.

3

1. Бидете будни, зашто непријателот не дреме; ова е утеха за пастирот.
2. Бидете трудољубиви, зашто за секој труд веднаш се доделува награда на небото.
3. Поуки: за канонархот:
4. За оној што ги пали и гасне свеќите и кандилата;
5. За болничарот
6. За болните.

1. Јас знам од светите отци, а најмногу од мојот праведен старец, дека ѓаволот никогаш не спие и не престанува да се труди за да ги погуби нашите души, туку секогаш е буден и готов да посее лоши семиња во нашата душа, во душите на оние што спијат (сп.Матеј 13, 25). И вие, чеда мои, бидете секогаш будни и трезвени, за да не падне некој од вас во искушение, за да не биде уловен во мрежите не ѓаволот. Многу сакам да слушам за преуспевањето на секого од вас, се утешувам со послушноста на еден, со смирението – на друг, со трудољубието – на трет. Душата моја го мрази непослушниот син, оној што мрмори и се гордее, мрзливиот и неподвижниот, брборливиот и озборувачот. – Но, кој сум јас што ви го говорам ова? – Јас сум вашиот пастир, макар и недостоен, а вие сте мои духовни овци, за кои јас ќе давам одговор пред Господа, Кој ве довери на мене.

2. Пазете се сите, пазете се добро, пазете се еднодушно и взаемно. Никој да не заостанува: оној што заостанува ѓаволот го отстранува од правиот пат и го погубува, како што заостанатата овца што ја грабнува волкот и ја однесува в шума или на планина. Делото на спасението не е лесно; патот до него е многу тежок, заморен, бара многу труд, бдеења, задоволување со малку – со малку храна, со мал одмор, со лоша облека, а најмногу од сѐ – бара откажување од својата волја. Според трудот на секого Господ ја одмерува наградата; секој што се труди – секој ден со нови венци е овенчуван.

3. Црковните служби треба да ги извршуваме правилно, со побожност и со топлина во срцето. И ти, чедо мое, ти си канонарх, ти треба да настојуваш да служиш според типикот, да се грижиш околу исправноста на нашата првенствена и голема работа. Биди буден и внимателен. Пази го точно времето што е одредено за секоја богослужба. Извршувај и сѐ друго, како што ти е заповедано во врска со псалмите и стихирите, според твојата совест. Оној што може да пее, нека пее; а оној што е поспособен за читање, него одредувај го да чита. Не биди невнимателен, туку одредувај им правилно на браќата кој што треба да чита и да пее и кој што треба да прави; одредувај читачи и пејачи за делник и за празник, сообразно со нивниот глас, по начинот и брзината на читањето, така што и оние што дошле од страна – да имаат полза од она што се чита и што се пее. И, како што пишува апостолот: „сѐ нека биде достојно и уредно“ (1. Кор. 14, 40), така и сите твои работи треба да бидат совесни и уредни, за да се удостоиш да ги чуеш зборовите на Господа: „Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар“ (Матеј 25, 21), и да бидеш придружен кон светиите, жителите небесни.

4. И ти што си задолжен со палењето и гаснењето на свеќите и кандилата, биди исполнет со страв и исправен во извршувањето на твоето послушание, зашто тоа е од Бога и божествено. Грижи се за осветлувањето на храмот, како за твоите очи, зашто тоа се извршува пред Бога. Ако оној што ги пали свеќите пред царот е целиот проникнат со внимание, за да му угоди пред неговото лице, зар не треба и ти, чедо мое, со страв и љубов да ја извршуваш твојата работа пред Бога, Царот на царевите, Кој е носен од небесните сили; ти треба да ги чистиш и кандилата, да ги палиш и да правиш сѐ што е потребно, за да даваат соодветна светлина. Грижи се и за чистотата на црквата: мети ја најмалку двапати седмично: бриши ја прашината од иконите и сѐ друго настојувај да биде во ред, трудејќи се да не оштетиш нешто во Божјиот храм.

5. А трет си ми на ум ти, чедо болничару. Прави она што ти е заповедано. Ти си достоен не за мали венци, затоа што се трудиш во оваа претешка служба, служба маченичка, во која не треба да знаеш за одмор; ова возвишено служење е достојно за голема награда. Не чекај го и не барај го спокојот овде, за да го добиеш таму на небото. Ако добро се потрудиш овде, нема сомневање дека успокојувањето ќе го примиш таму. Едни читаат, други се молат, трети во безмолвие живеат, а други нешто друго достојно за пофалба прават, но и ти еднакво со нив трчај и натпреварувај се, па дури и да ги престигнуваш. Посетувај ги почесто болните, труди се да ја знаеш состојбата на нивната болест и давај им лекарства кои им се потребни и корисни. Ако истраеш во ваквите трудови, овенчан ќе влезеш во царството небесно.

6. А вие, чеда мои, што боледувате, со благодарност примајте сѐ што ви следува: бидете задоволни со она што ви го даваат. А, ако освен тоа нешто посакате, тогаш само спомнете за тоа, а што ќе направи потоа одговорниот брат, примете го со благодарност и со љубов. Не мрморите; бидете задоволни со она што го прави, како слуга, братот ваш за вас, од љубов према Бога, та на секого му го дава она што му е потребно, според манастирските можности. Ако не се задржувате и ако вака не се однесувате, тогаш ќе бидете достојни за големи маки.

4

1. Спомнувајте си за смртта и за одговорот, што ќе треба да го дадете; со ревност трудете се дадените завети да ги извршувате.
2. Пазете ја устата ваша.
3. Кои браќа се раце, очи и нозе за игуменот.
4. Кај нас и телесниот труд е духовен; трудете се еден со друг, кон доброто да се поттикнувате. Христос е со вас.
5. Поука и воодушевување за готвачот.

1. Да ја согледаме небесната височина и длабочината на земјата: да ја разбереме и нашата природа, да сознаеме што сме како луѓе: дека умираме и дека преминуваме зад границите на овој свет. Тогаш без какво и да е прикривање ќе излеземе пред лицето на праведниот Судија, за да дадеме одговор за нашите дела; дури потоа или ќе нѐ прими во светото царство небесно, ако сме правеле добро, или ќе нѐ испрати во огнот што не гасне, ако сме живееле во гревови. Непрестано да ја подгреваме ревноста за богоугоден живот, ревноста што сме ја имале кога сме дошле во манастирот, какви зборови сме искажувале и какви завети сме дале: да ја сознаваме нашата должност и секогаш да и бидеме верни, зашто според нашите зборови ќе бидеме судени.

2. Устата своја пазете ја чиста: говорете го само она што Му е угодно на Бога. Не дозволувајте си да лажете; без право никого не прекорувајте. И „никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша“ (Ефес. 4, 29).

3. Оние од вас, кои што се трудите, сте мои раце. Трудете се, раце мои, и не уморувајте се, правејќи го она што сте должни да го правите, зашто „Раката Моја ќе остане со него, и мишката Господова ќе го закрепнува“ (Псал. 88, 21). Вие што сте одредени да ги надгледувате другите, вие сте моите очи. Гледајте право; претпазувајте ги од паѓање оние, кои што се склони кон тоа, за и вие да бидете достојни Господ да ве надгледува. Јас имам и нозе. Нозе мои, одете на правиот пат од Христовите заповеди. Тоа се оние што храбро и доброволно ги носат тешкотиите на другите браќа; ако истраат во оваа добра расположба, во вечен спокој ќе бидат однесени. Со овие мои зборови сакам паднатите да ги подигнам, мрзеливите – кон ревност да ги поттикнам, на обесхрабрените храброст да им придадам.

4. Радувајте се, утешувајте се, окрилувајте се со ревност. Од ништо не отстапувајте, ни од душевни, ниту од телесни тешкотии, зашто и она што е телесно во нас, – бидејќи Му е посветено на Бога, – духовно е. И секој што е ревносен во телесното – ревносен е и во духовното. Еден со друг поттикнувајте се кон молитва, и кон послушност и смирение. Поттикнувајте се кон секое добро и во сѐ однесувајте се уредно и богоугодно. Следете се еден по друг и помагајте се взаемно, и на тој начин ќе бидете „телото Христово, а поодделно – членови“ (1. Кор, 12, 27). Јас така и верувам, дека вашата глава е Христос. А кога Го имаме Него за глава, од кого треба да се плашите? И што ли нема да добиете со Него и од Него? Ќе бидете господари на небото и на земјата и ќе го наследите она што ви е ветено.

5. А кон тебе се овие мои зборови, чедо мое готвачу, кој секојдневно се бориш со огнот, сечеш дрва, вариш јадења, носиш вода, чистиш и измиваш овошје, го потиш своето лице, ја валкаш, твојата облека, се потиш и се вжештуваш, правиш напори, за да им ги дадеш потребните јадења на твоите браќа. Затоа, заедно со светите чест ќе имаш и во топлите прегратки на Авраама ќе се успокојуваш. Само трпи и трпи, во радост минувај го денот свој; само усрден и ревносен биди во својот труд; за служењето твое и ноќе да сонуваш. Од рано утро, устремувај се како оган во извршувањето на твоето послушание, и победник ќе бидеш: добро ќе ја завршиш работата што те чека.

5

1. Натпреварувајте се во доброто еден со друг, но не и во лошото.
2. Живееме како да пловиме по море; сите случајности во пловењето за нас имаат духовно значење.
3. Примерниот брат е благослов за манастирското братство, а лошиот проклетство.
4. Голема е наградата, не попусто се трудиме: радувајте се.

1. Сега се добрите денови, време на трудот: време кога треба да Го бараме Бога. Да не дозволиме не само попусто да загубиме година, туку да се трудиме и ден да не загубиме. Да имаме постојана ревност и непрестаен подвиг за нашето спасение, взаемна ревност во доброто и взаемно угледување во добродетелите. Ако забележиме дека кај некого некоја истакната добродетел: смирение, побожност, послушност, скрушеност или нешто друго што е достојно за пофалба, да се разгориме со желба и ние да ја придобиеме и сопатници во доброто да бидеме. Од ова меѓу нас ќе се роди сојузот на мирот и расположба на љубов. Да не бидеме поддражувачи на лошото; кога ќе видиме безгрижен, да не бидеме безгрижни; ако видиме човек што му угодува на својот стомак, да не бидеме и ние како него; ако некој зборува многу, да не се угледаме на него, туку да бидеме како мудри и од Бога научени, а учени и сами од себе, според зборовите на апостолот, кој нѐ советува: „Сѐ испитувајте, за доброто држете се“ (1.Сол. 5, 21).

2. Да се фатиме за котвата на нашата вера и со сета наша сила да се трудиме да го препловиме морето на нашиот земен живот, зашто за време на ова наше пловење, неизбежно ќе нѐ напаѓаат ветрови, односно телесните похоти; ќе нѐ среќаваат свијоци во длабочините на нашето срце од нашите порочни помисли и многу слични работи што се случуваат за време на морските пловења: пиратите се злобните бесови; плитките места – заслепувањето што доаѓа од незнаење; подводните карпи – непредвидливите искушенија против нашата душа; опасното исполнување на бродот со вода – неоткриените гревови и гревовни помисли, од кои загинува човечката душа, како што загинуваат и оние што пловат по морето од немарноста кон водата, која ја исполнува утробата на бродот, кои, потонуваат на морското дно заедно со својот брод. А ние, пречесни браќа, да се пазиме од сето ова и внимателно да одиме по Божјите патишта. Особено да се трудиме да го откриваме она што стапува во нашето срце, за да не ги преисполни нашите души водата на лошите помисли, како што вели пророкот: „Ме притиснаа водите до душата моја, бездната ме затвори: со трева морска главата моја е обвиена“ (Јона 2, 6).

3. Оној што е секогаш готов да направи сѐ за своето манастирско братство, и со своите душевни подвизи и со своите телесни трудови, тој е како небесна ѕвезда, која свети и со својата светлина води многумина. Оној што е ревносен во извршувањето на богоугодните дела, кои се достојни за небото, кој не е лицемерен и шеговит, и кој е молчалив, тој е како ангел на земјата. Му служи на Бога херувимски. Му служи на Бога и Господарот на сите созданија како да се наоѓа пред небесниот престол. Оној што со своите добродетели им користи на другите и ги поттикнува да копнеат кон духовниот живот, тој е како блескаво сонце, што ја стоплува полнотата на целото братство. А кој е мрачен и темен како ноќ, тој ги помрачува и оние што се под него; ги прави слични на себе. Кој, ако не тој, со своето високо мислење за себе, со својата сластољубивост, шеговитост, мрзливост, срамни дела, многуговорење и нечистотијата од неговите срамни помисли, – ќе се уподоби на сатаната, кој паднал од небото? Не треба да потпаѓаме под влијание на таквите.

4. Нашиот труд не трае долго, а наградата е вечна; кратко е страдањето, а радоста е вечна; тешкотијата е привремена, а спокојот – бескраен. Вие ќе се веселите таму: каде што нема плач, туку само радост. „Оние што пеат се радуваат: пеат и велат – сите наши извори се во Тебе“ (Псал. 86, 7). „ќе се вратат избавените од Господ, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава: тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе си заминат“ (Иса. 35, 10). Тогаш, дали попусто трчате? Не, никако не. Напротив, сѐ што правите е и разумно, и возвишено, и прекрасно, и светоотечки, и ангелски, и небесно, и богоугодно: вие излеговте од светот и дојдовте при нас, се родивте овде со духовно раѓање, и израснавте, и се охрабривте, и се вооруживте со оружја духовни, и ги поразувате Амаликијците, Аморејците, Хананејците и сите племиња на страстите. Го оставивте зад себе морето на светот, откако се откажавте од него, ја поминавте реката Јордан преку просветително и очистувачко второ крштевање и примивте схима, зашто таа е вистинското покајание, и отсега навлегувате во делот од своето наследство, во земјата што ни ја покажал нашиот Бог преку Своето вистинско ветување, во земјата во која тече медот и млекото на бесмртноста и вечниот живот. Радувајте се за ова, ликувајте и веселете се, гледајќи ја ваквата голема Божја љубов кон нас луѓето. Животот е пред нашите очи, пред лицето ни е радоста, кај нозете – блаженството: вратата е отворена: „Па така трчајте и вие, за да добиете“ (1. Кор. 9, 24). Кој може пред сето ова да биде неодлучен? Кој нема да се устреми и да биде се поревносен, трудејќи се и другите да ги поттикне да ги придобијат овие добрини?

6

1. Против похотата, зашто со овој оган вечниот оган се запалува и смртта може да нѐ најде на дело.
2. Разбудете се, станете, намразете го гревот и засакајте го доброто.
3. Бегајте од малите гревови, особено од празнословието; а потоа се укажуваат предметите што се достојни да разговараме за нив.

1. Бидете храбри и смело спротивставувајте се на ѓаволските напади, знајте дека нашата борба не е против плотта и крвта, туку против невидливите и злобни наши гонители, против сатаната и отстапничките сили, кои се предводени од него. Па затоа, ако некого го нападне похотлива мисла, не колебајте се, и не збунувајте се, туку потрудете се веднаш да ја одгоните со молитва, офкање и со солзи и да ја оддалечите од себе, спомнувајќи си за вечниот оган и за тоа дека овој оган е распалуван од гревовниот оган што се распалува во нашето тело. Па така, колкупати и да ве нападне лоша помисла, борете се против неа и уништувате ја докрај, за да не бидете судени. Ако со похотата заедно се случи и помрачувањето на помислите, издигнете го погледот на своето срце, заедно со чувството на тешкотијата подвижничка, пресечете ја оваа ѓаволска мрежа со помислата дека можеш да умреш секој миг. Секој што се труди нека се храбри со помислата за успокојувањето во бескрајниот и вечен живот.

2. Да ве исполни благодатта на нашиот Господ и да ви дарува сили да ги истрпувате сегашните тешкотии. Подвизувајте се во борбите и трудете се да го изодите патот што е пред вас, без да се препнете. А, ако се случи да паднете, што не ви го пожелувам, што побрзо станувајте. Потрудете се да го видите она што се гледа. Напишано е: „Како небото во висините и земјата во длабочините, така и срцето на царевите е неиспитливо“ (Изрек. 25, 3). И кој ќе се искачи на небото од оние што паднале во грев. Затоа, намразете го гревот, намразете се и оддалечете се од него; правете го доброто и она што Му е угодно на Бога.

3. Ве молам, избегнувајте ги големите гревови. На тој начин ќе ги одбегнуваме и малите, какви што се празнословието и шеговитоста. Кротко и тивко однесувајте се со секого; и тогаш кога разговарате само за тоа, за да ја одгоните здодевноста, и тогаш зборовите ваши да бидат тивки и благи. Вашиот разговор да биде или за вашата рачна работа или околу барањето смисла на некое место од Светото Писмо или за нашето одделување од телото, за доаѓањето на ангелите во тој час кај нас, за нашиот одговор пред Господа и Бога за целиот наш живот на земјава; за тоа како светците ќе појдат во неискажливата радост, а грешниците – во вечните маки, во маки без надеж. Прашувајте се еден со друг како да ја придобиеме спротивната добродетел; да говориме малку и мудро; за тоа како се леат и течат солзите и каква е нивната причина, како и за тоа, дека преку нелицемерната послушност и молчењето на устата растат растенијата на душата и цутат како дрвото на животот, среде рајот, а дека се исушува од многусловието, смеата, со неумесното и ненавремено гледање на очите, мрморењето, жестокоста на срцето, со прејадувањето и со секоја друга страст, на која доброволно ѝ се предаваме.

7

1. Големо е она во што сме повикани: да Му благодариме на Бога со тоа што ќе ги пазиме заповедите.
2. Главно е Бога да Го придобиеме.
3. Верноста кон она во што сме повикани нѐ прави граѓани на небото; кои се делата на оваа верност.
4. Кои дарови треба да Му ги дадеме на Богојавувањето.
5. Зборовите на Светото Писмо за величината на ветените блага.

1. Еве нашиот Господ и Бог им ја објавува на луѓето Својата добрина, сјаејќи со зраците на Своето човекољубие, за да ги приведе сите кои Себе; а нас, монасите, Тој нѐ извел некако особено од темнината во светлината. Каква благодарност да Му воздадеме на Бог, Кој нѐ избрал и повикал? Нашата најдобра благодарност е: да живееме со цел да преуспеваме во побожноста и да го отфрлиме страстниот и сластољубив живот. Браќа, да ја сознаеме големината на нашето достоинство во коешто сме повикани, секогаш да сме свесни за тоа што бараат од нас монашкото живеење и оние завети што сме ги искажале пред лицето на ангелите, па така да почнеме да живееме и да бидеме секогаш педготвени, штом Бог ќе нѐ повика, да преминеме од овој живот и со радост да преминеме во другиот, како од придојденост во сопствено живеалиште.

2. Гледате ли колку е ништожен сегашниот живот? Гледате ли колку е непостојан и колку брзо изминува човечкиот живот? Само едно е добро и само едно е благодатно и пожелно: Бога да Го придобиеме преку запазувањето на Неговите заповеди. Но, за ова потребен е труд и постојано самопринудување.

3. Вие сте ерусалимски жители, жители на рајот, сожители на светите ангели, ако живеете согласно со вашето службување, ако му останувате верни на него, ако го сакате со сето свое срце, ако се принудувате на соодветни дела, ако се самопринудувате. Радувајте се во Господовиот страв и очистувајте се од секое нечисто расположение; станете бели и блескави, како синови на светлината; на старите почит давајте им, бидете им послушни и покорни; взаемната љубов да се умножува меѓу вас; имајте омраза кон своеволието и високото мислење за себе.

4. Еве, дојде денот на Богојавувањето! Господ доаѓа од небото; чисти да го пречекаме! Да приготвиме во себе добри и свети расположби! Да Му Го принесеме на Бога нашиот обновен живот на Дародавецот, и нашите соѕерцанија и горењето на нашето богољубиво срце! Да му принесеме уште: некој љубов кон безмолвието, некој – постојано внимание, некој – постојана молитвеност, некој – воздржување, послушност и отсуство на мрморење, така што сите ние во сѐ да Му угодуваме на Господа и во ништо недостиг да немаме.

5. Бог преку Своите светии ни објаснува каква слава нѐ очекува во иднина. Светиот апостол Павле пишува: „Страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која треба да се открие кон нас“ (Рим. 8, 18); а светиот поет Давид говори: „Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку – илјада дни надвор“ (Псал. 83, 10); и „ќе се наситам од ликот Твој, кога еднаш ќе се покаже славата Твоја“ (Псал. 16, 15), а светиот пророк Исаија вели дека оттаму „жалоста и воздишката ќе си заминат“ (Иса. 35, 10). И уште колку многу слични места може да најде во Светото Писмо оној што сака да бара, кои ни ја покажуваат преголемата наслада, безграничната веселба и неискажливите блага, кои им се ветени од Бога на оние, кои живеат според Неговата волја. Да веруваме во ова; да се утврдуваме, да се разградуваме и да се усовршуваме во нашиот Господ Исус Христос.

8

1. Не очајувајте се: трудот е мал, а наградата е голема, неизмерно голема.
2. Не угодувај му на телото; замислувај оти веќе одиш по патот на смртта.
3. Жртвувај се за заповедта и не плаши се од ништо.

1, Не застанувајте и не предавајте ѝ се на мрзливоста кога треба да Му служите на Бога и, гледајќи ги тешкотиите од овој живот, да не се лишите од насладите во идниот живот. Сѐ поднесувајте. – и зборови и дела, – така уредувајте го својот живот, за да се прифаќате еден со друг во Божјата љубов: помагајте си еден на друг во тешките работи. Ако проживеете и цел еден век во подвиг, – и тоа не може да се спореди само со еден час од блажената полнота на бесмртниот живот. Говорам човечки, само за еден миг страдање, што е како во сон, а наградата е извонредно голема; ќе продолжува бескрајно во вечниот блажен живот.

2. Да не му угодувате на телото, кое светиите го сметале за непријател и го смирувале со секакво воздржување, зашто угодувањето на него е спротивно на духовниот живот. Уште малку, па ќе си појдеме од овој живот. Примери за ова гледаме речиси секој ден; нашите браќа еден по друг ги спуштаме во гроб. – Па зар ние ќе останеме овде? Се разбира, нема да останеме. Но, о, браќа мои, колку е страшна смртта! – Затоа е потребно, како вдахновувани одозгора, постојано да бидеме во состојба на соѕерцание и да помислуваме како веќе да умираме и дека, ете, веднаш ќе настане одделувањето на душата од телото и дека ќе дојдат ангелите. О, не дај, Боже, да речам: ќе дојдат и демоните, зашто тие доаѓаат кај оние што им робувале на страстите. Тогаш душата наша ќе го чуе гласот, кој што ќе ѝ рече: „Душо, време е, излегувај!“ Каква мака и каква болка претставува ова раскинување на врската меѓу душата и телото. Тогаш добрите дела и неосудувањето ќе бидат од голема помош, утеха и закрила за оние што се упокојуваат. Тогаш послушанието ќе добие храброст, а смирението ќе привлече милост, изобилството на добрите дела ќе прими сила над бесовите, трпеливоста ќе се застапи за нас, а непријателите ќе избегаат и ќе се вратат без ништо, па душата, заедно со ангелите, со голема радост ќе појде кон Спасителот. Тогаш, душата се исполнува со страв, ако некогаш била во страстна состојба и водена од гревот, зашто тогаш ќе победат бесовите и ќе ја турнат душата во пеколната бездна, во темнината и неизгасливиот оган на измачувањето. Еве, таква е последицата од попуштањето на страстите.

3. Да се очистиме уште додека сме тука. Да ја пролиеме нашата крв во подвизите и да нема во нас ништо што би нѐ одвојувало од Божјите заповеди: ни труд, ни болести, ни насладување, ни спокој, ни задоволство. Па дури и кога би требало и да умираме секој ден, и тоа да го претрпуваме со радост, трудејќи се да живееме над светското мудрување. Да не се плашиме од ништо и од никого, освен од страшниот Судија – од Бога; ни од човек, ни од ѕвер, ни од оган, ни од меч, ни од морето, ни од што и да е друго, што ни се чини страшно, зашто човекот, кој е создаден според Божјиот образ, е господар на сите земни созданија.

9

1. Нивата на нашата душа треба да ја обработуваме, да ја чистиме, да ја заливаме, за да ни даде духовни плодови.
2. Воздржувањето од храна и од сон, тоа се духовните плодови.
3. Да го поднесуваме недостигот во облекувањето и обувањето.
4. Доброволно да страдаме заради идното.

1. Како што добрата земја, наводнувана од благодатните струи на Светиот Дух, донесува плод и раѓа добродетели, како полни класје на животот: како што ги обработуваме нивите, така ги чистиме и нашите души од духовните трња, со огнот на стравот Божји и мечот на вистината. Затоа, според заповедта на апостолот, „Кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“ (Гал. 6, 8), учејќи се на трпение, постојанство, великодушност, смирена мудрост, взаемна братска љубов, а мразејќи ги зависта, лукавството, измамата, навредата и клеветењето.

2. Придобијте воздржување. Воздржувањето е – кога на телото му се дава храна сообразно со неговата потреба, ни премногу, ниту премалку, како што се прави при товарењето на корабите, зашто ако коработ е претоварен, тој може да потоне и да пропадне на морското дно, а кога е лесно товарен, – може лесно да се сврти со дното нагоре. Исто е и со спиењето: треба да се спие толку колку што е корисно. Лесниот сон следи со умереното јадење, како и: будност и внимателност при пеењето на псалмите, внимателното слушање на она што се чита и разумно проникнување во секој збор од божествените песни. Бидете насладувани од сето ова, душата е добро расположена, се стоплува и се просветува, насладувајќи се со плодовите на умереноста во сѐ. А од изобилното јадење настапуваат тешки сонови, па од тоа се и мрачните мисли, и неразбирањето на духовните песни, и стеснување на устата, потемнување на очите, на душата и на телото. Зашто внатрешното се сообразува со надворешното. Тогаш духовниот крадец навлегува во душата и краде од неа сѐ што ќе посака. Затоа и Господ рекол: „Бидете будни“ (Матеј 26, 41).

3. Бог ги сака кротките зборови, послушниот одговор, благото и спокојно лице, тивкото однесување и смирениот разговор. Оној што си ги поднесува страдањата со трпение и благост, кој благодари и тогаш кога нема облека, или обувки или покривка врз главата, – тој е вистински Божји работник: тој ги жртвува привремените и ништожни работи, за да ги добие идните и вечни блага. И јас се грижам сите да имате сѐ што ви е потребно, но кога ќе настане недостиг на работите што ни се потребни, никој да не се огорчува и да не мрмори. Има и такви, кои горат од љубов кон Бога, а свесно го лишуваат братот од себеси. Добро прави, се разбира, оној што со благодарност го прима она што му се дава, без оглед на тоа – какво и да е и кога и да е.

4. Царството Божјо и вечниот блажен живот им припаѓаат на оние, кои Му угодуваат на Бога. А, кој ли нема да побрза и да потрча, за да ги добие таквите духовни богатства? Кој е тој што нема доброволно да се реши и да страда, и да се измачува, и да трпи и студ и пак да се самоумртвува со тешки подвизи – заради придобивање на таквите и толкавите добрини? – Но, вие не сте лишени од таквите трудови и подвизи, зашто преку откажувањето од сѐ, преку секој вид триење и претрпување, – вие умирате секој ден, а сепак го имате вашиот живот скриен во Исуса Христа Кој е нашиот живот: – тогаш и вие ќе почнете вечно да се радувате со Него ( сп. Кол, 3, 4). Не барајте овде спокој, туку примајте ги тукашните страдања како сигурна увереност во тамошното вечно успокојување.

10

1. Има Господ, – трпете; – и со што да се поткрепуваме.
2. Нашиот крај и нашата цел е рајот; таму ќе ги заборавиме сите тешкотии.
3. Таму Господ дарува ликување за нашите страдања; и кој е тој што нема нив да ги избере? 4. Радувајте се затоа што живеете во скудност и во тешкотии, зашто такво е монашкото живеење.
5. Помагајте си еден на друг во сѐ, – и Господ е близу.

1. Одете по патот Божји и имајте го Господа, според Неговото ветување, како оди со вас. Зашто Тој Самиот, преку Своите апостоли, на сите им рекол: „Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот“ (Матеј 28, 20). Ова им го рекол на „сите патишта Господови се милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и уредбите Негови“ (Псал. 24, 10). Но, патиштата Господови и патеките Негови се неиспитливи. Тој невидливо присуствува пред очите на умот и безгласно разговара со оние што имаат чисто срце. Одете по својот прав пат и одминувајте ги нападите на завидливиот ѓавол. Земете ги врз себе крилата на Божјата љубов, за да летате и над облаците, над сите земни стапици на ѓаволот. Намажете ги нозете ваши со елејот на радоста и целомудрието и без страв чекорете по патот на Господа, по патот на страдањата. Ако сте жедни од малодушноста, пијте од водата на трпеливоста; ако сте гладни од душевна слабост, јадете од лебот што го храни и укрепува срцето на човекот – зборовите на премудроста, кои даваат голема сила и машкост. Имајте ги добро препашани вашите бедра; гледајте нагоре, не земајте врз себе товари што се тешки за носење. Под ова ги разбирам лошите демонски желби. Доволно е за оној што оди по патот кој води од земјата на небо, без малодушност да оди по овој пат и никаков товар да не става на себе.

2. Вие сте навистина разумни и премудро сте постапиле што сте го оставиле светот, што сте излегле од светот, така што сега се наоѓате сигурни во Божјиот дом, секој ден работите за Господа и Нему Му служите, одделувајќи се од сѐ што е привремено: и од радостите, и од татковината, и од сите телесни похоти. Нашата, работа е ангелска работа. Уште Малку ќе потрпиме, уште малу ќе пострадаме. Веќе се приближува крајот на нашиот земен живот: ќе нѐ земат светите ангели и ќе почнеме вечно да се радуваме, откако ќе станеме наследници на ветените блага заедно со светиите, И тогаш нема да имаме никакво жалење: ни затоа што сме се подвизувале; ни затоа што сме постеле, ни затоа што сме се лишувале од спиење, или што сме трпеле студ и жештина или на некој друг начин сме се лишувале од задоволувањето на своите желби. Напротив, ќе го благословуваме и ќе го ублажуваме тој ден и час, кога ни помогнал Бог да избегаме од светот и да ја примиме монашката схима. Таму, за секое страдање овде на земјава, ќе ни биде дадено стопати повеќе и, место жалостите што сме ги претрпеле, таму ќе добиеме секакви радости и вечен живот. Затоа, никој од нас не треба да откажува да го претрпува она што ќе го снајде, зашто место тоа – ќе добиеме радост наискажлива и вечна. Да не се случи некој од нас да ги слушне зборовите: „Сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив… меѓу вас и нас има голема провалија“ (Лука 16, 25-26). Ова се страшните зборови, кои ги одделуваат грешниците од праведниците; тие се страшни и кога само ќе помислиме на нив, а како ли ќе им биде на луѓето кога вистински ќе ги слушнат?!

3. Колку што е оддалечена земјата од небото, толку ќе бидат оддалечени грешниците од Господа, нашиот Бог, а Неговите вистински слуги ќе влезат при Него, во Неговото небесно царство, во горниот Ерусалим, во големиот град, каде што се назамисливите сокровишта, безграничната слава и вечната радост. Таму ќе се видиме едни со други и ќе се препознаеме. Јас верувам дека, ако секогаш ја исполнуваме Божјата волја, ќе бидеме заедно и таму во радоста, која нема да има крај. А, ако е така, зар не треба неуморно да се трудиме? Зар не треба доброволно да ги претрпуваме сите страдања? Зар нема да ја испиеме чашата на подбивањата и понижувањата така како што се пие млеко? Нема ли да посакаме да бидеме на последно место и да бидеме газени од сите? Нема ли да се одлучиме секој ден доброволно да умираме како вистински и кротки Христови јагниња? Да, браќа мои! Да, оци мои! Со ваква духовна расположба светиите Му угодувале на Бога.

4. Да не бараме овде да имаме живот полн со задоволство, без непријатности и тешкотии. Но, треба уште и да се радуваме кога страдаме, да се веселиме кога сме во тешки околности, кога нѐ навредуваат, кога сме притеснувани, кога сме лишени од она што ни е најпотребно; од живеалиште, од храна и пиење, од облека и обувки, и од други неопходни работи. Во ова се состои нашето сведоштво. И затоа монахот е ублажуван кога е во непрестана борба и постојани подвизи. Ако вие не сте такви, тоа покажува дека не сте на монашкиот пат, иако го носите името монашко; ова покажува дека го носите лажно и лицемерно. Впрочем, јас знам дека вие искрено живеете според монашките правила, дека добро го знаете патот, по кој чекорите. Знам дека живеете ангелски, дека десницата Божја ве води по овој пат, утешувани од Светиот Дух, од светите ангели, од сите богоблажени маченици и од преподобните, кои ни помагаат.

5. Според зборовите на громогласниот пророк Исаија: „ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‘Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бог Јаковов; Тој ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим – словото Господово’“ (Иса. 2, 3). Никој од вас да не се задржува, да не приседнува; помагајте си еден на друг, бидете поврзани со врската на љубовта. Поттикнувајте се кон извршување на доброто еден со друг. Потпомагајте си во доброто еден на друг. Никој од вас да нема смеа неприлична, да нема ни разоноди и разнежнувања, ниту долги и празни разговори, а взаемните судири и непослушноста да не се спомнуваат меѓу вас. Пожелно е да говорите смирено и чесно; еден према друг да имaте добра расположба; еден со друг однесувајте се тивко и љубезно. Светиот апостол нѐ советува; „Сѐ испитувајте, за доброто држете се! Клонете се од секакво зло!“ (1. Сол. 5, 21-22). А Господ на мирот да ви даде сила и крепост на вашите души и Тој Самиот да ве храни и да ве брани. Тој самиот, „Тој ме одмара на зелени пасишта и ме води на тихи води“ (Псал. 22, 2). – Тој да ве упатува по правите патеки, да ве запазува од нападите на злобната змија; Тој да ве развеселува, Тој да ве утешува и да ве удостои да бидете жители на Неговото небесно царство.

11

1. Непријателот ги разгорува нашите страсти, но спротивставувајте му се и ќе го победите; Господ е ваш помошник.
2. Извршувајте ги вашите должности и на работата и на богослужбите. Вршете ги беспрекорно и не занемарувајте ги.
3. Да се потрудиме и да се подготвиме, за да не нѐ сретнат страотиите во часот на нашата смрт и по неа, а да го видиме само она што е радосно.

1. Дојдете сите со готовност и ревност и понатаму да Му служиме и да Му угодуваме на Бога. Ништо да не ни пречи во ова и да не нѐ задржува. Уште повеќе да се откажеме од светот и телото наше да го победиме: од роднините да се отстраниме; да ги презреме задоволствата, а трудот да го прифатиме: сите добри дела и добродетели да ги извршуваме, за да го наследиме царството небесно. Страшната змија, злобниот ѓавол, неотстапно ползи околу нас, барајќи да нѐ погуби: тајно се поткрадува, навлегува во нашето срце и ги всејува семињата на злото во нашето срце: во некого сласт гревовна, за кратка наслада за да го лиши од насладата со вечните блага и да го испрати во огнот што не изгаснува: во некого ја распалува убиствената страст на зависта поради добрата слава на братот: зависта го помрачува неговиот ум и тој оди по темна ноќ: не му дава да ја види Божјата слава, за да го покаже во него новиот братоубиец Каин: некого вовлекува во чревоугодие, за да го потчини на, ниските телесни наслади и да го оддалечи од Бога: некого го напаѓа со очајание: некого со одвратност кон својот монашки повик, или кон оние што се подвизуваат заедно со него или кон самиот манастир: некого го тера да му бидат здодевни и пеењето на псалмите, и читањето и осамувањето: некого, пак, го напаѓа со ужасна разгореност на страсните помисли и движења, за да го оддалечи од вистинскиот пат и да го погуби. Но, „бидете силни и нека крепне срцето ваше“ (Псал, 30, 24), зашто ние се надеваме на Господа, Кој ја уништил силата на смртта и ни дал власт „да газите на змии и скорпии, и власт на секоја непријателска сила“ (Лука 10,19). За ова е пример свети Антониј Велики, кој толку ја ослабел силата на непријателот, што тој не можел да ја поднесува неговата сенка. А и сите богоносни отци го победувале, а и во денешно време – сите што искрено и со сета душа Му служат на Бога, – лесно го победуваат.

2. Гледам дека усрдно се трудите, дека својот труд на Бога Му го принесувате, но трудете се напорите ваши да бидат целосно беспрекорни и достојни за награда. „А како може да го постигнете ова? – Работете тивко и мирно. Зборовите од вашата уста да не излегуваат ненавремено; бегајте од превознесувањето; пазете се од одолговлечување; Облечете се во смирение; присилувајте се да бидете послушни. Бидете внимателни – со некој свој грев да не навлечете смрт на себе, и не приближувајте се еден до друг кога сте опфатени од страст. Не осмелувајте се двајца да бидете насамо, зашто тука се наоѓа огнот на гревот. Не допирајте ги деловите на телото на братот свој, кои секогаш им раздава дарови на бодрите. За жалење е кога од пред лицето на Царот едни си одат со дарови, а други се испраќани без ништо. И едните и другите работеле една иста работа, но едните работеле мрзливо и поспано, а другите – искрено и со усрдност, настанала разликата меѓу нив: едните да бидат наградени, а другите да останат без награда.

3. Брзајте, подвизувајте се, трчајте, престасувајте, за да не ви биде затворена вратата, да не биде пресечено времето на вашиот живот; да не бидеме спуштени во гроб неподготвени, да не бидеме виновни кога ќе дојде разрешувањето на сојузот меѓу душата и телото; да не ги видиме во тој час ангелите обесхрабрени, за да не бидеме зграпчени од демонот заради, нашите гревови, од оној голем исполин, висок до небесата, кој му бил покажан на свети Антониј Велики, за да не нѐ проголта хаосот и бездната, бучниот оган што не престанува да гори или во други некои измачувања, каде што се слуша само плач и крцкање со заби. Но, да најдеме таму мирен и блажен вечен живот, да се поклониме пред Христа, нашиот Господ и Бог, и да ја видиме онаа неизмерлива убавина и недостапната слава на Неговото лице, да учествуваме во пеењето на хорот, заедно со ангелите и со сите светии, и да се веселиме таму, откаде „ќе се вратат избавените од Господ, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава: тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе си заминат“ (Иса. 35, 10).

12

1. Да излеземе оттука, од областа на страстите, преку воздржување на стомакот, очите, јазикот, слухот, рацете и нозете.
2. Поуки за економот, надгледникот на работите, магационерот, градинарот, овоштарот, коњушарот и воденичарот.

1. Ве повикувам, како некогаш Господ што ги повика Своите ученици и им рече: „Станете да си одиме одовде!“ (Јован 14, 31). Ви говорам не во таа смисла, за да се ослободиме од телото, пред да бидеме повикани од Бога, Кој нѐ врзал со Него, за да ги испита нашите добродетели, туку ве повикувам, додека сме уште во телото, да мислиме и да размислуваме за она што е над телото и, како што рекол за себе светиот апостол Павле, велејќи: „За мене светот е распнат и јас за светот“ (Гал. 6,14) и: „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“ (Гал. 5, 24). Храбро поднесувајте сѐ што е тешко и мачно: во сѐ бидете воздржливи. Зашто, ако нашиот праотец бил во сѐ послушен кон заповедта, која му била дадена од Бога, тој не би ја засакал смртта повеќе од животот, преку невоздржувањето. Затоа, постете и не вкусувајте од прегорчливото дрво на гревот: ако е можно, не правете го тоа, ни со својата мисла, туку пазете се да не го направите и на дело. Со жедни очи не гледајте страстно и не потчинувајте им се на лошите сили. Затворајте ги своите уши, за да не слушнете неразумни зборови и некорисни приказни. Привикнете ја својата уста само на она што Му е угодно на Бога; не изговарајте празни и непотребни зборови. Вашите раце, нозе и сите членови на вашето тело да бидат заштитени од сѐ што е страсно.

2. Ти што си добил послушание по економските работи, труди се да работиш бескорисно за себе и без соблазна да одиш меѓу своите браќа, со сите однесувај се со смирена мудрост.

Ти, на кого му е дадено послушанието за да се грижиш за полските работи, со мудроста и тврдоста, кои ти се својствени, внимателно раководи со ова дело, извршувај го точно сѐ она што е потребно и сѐ нека биде извршувано по ред. Имај сочувство кон преморените, особено према почетниците. „Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинето со сол, за да знаете како треба на секого да му одговорате!“ (Кол. 4, 6; Ефес. 4, 29). Бидете љубезни, благи со зборови, готов да утешиш, да направиш добро и добро да раководиш со работата што ти е доверена.

Ти, магационеру, надевај се на Бога и дејствувај со Неговата крепка сила (сп.Ефес. 1, 19). Грижи се за твоите браќа со усрдност. Придобивајќи ги твоите браќа, Бога Го придобиваш за себеси, зашто не ги нахрануваш луѓето, туку, ако сакаш, и апостолите Божји. Готви и давај им за јадење и пиење, најдобро што можеш, но во нив не треба да има зачини и запршки, за да не дојде до неумереност и прејадување. Ова да не се случува. Ова нам не ни прилега. Нам ни прилега да јадеме овошје и леб и да пиеме вода. Во ова нашите отци наоѓале голема утеха.

И ти, чедо мое, добар готвачу, грижи се за браќата, готви им добро, за да ги утешуваш, за да засјаеш во царството небесно.

Вие, лозари и градинари, работете и грижете се браќата да имаат сѐ доволно, давајќи им, секаков вид овошје, за да угодувате. На овој начин и на Бога ќе Му угодите и ќе се удостоите да го добиете царството небесно.

Вие, кои му помагате на магационерот, трудете се со сета своја усрдност и доброволност. Работата своја работете ја со сета ваша сила, дури до истоштување. Однесувајте се добро со главниот магационер, зашто вие зависите од него.

Вие, кои се занимавате со уредувањето и чистотата на манастирскиот двор имате убаво послушание, кое Му е пријатно на Бога. Со ова му служите на вашето братство. За ова ќе бидете наградени со двојни венци. Секој од вас, кој се грижи повеќе за другите или работи и се труди, нема сомневање дека ќе добие голема награда.

Дојдете при мене и вие, кои работите во водениците, и вам ви велам, дека треба да се грижите многу за вашата работа, но не пропуштајте ништо од она што ви е речено во врска со храната, пиењето и за другите работи. По однос на она, што е предвидено во правилото за пеењето на псалмите и другите служби, и ние не сакаме така да биде, но поради неопходност, така треба да биде; инаку не може да се направи. Но, не очајувајте, место вас ние го исполнуваме она, што вие не можете да го исполнувате во овој однос, иако сме грешни. Бидете внимателни и будни према себе и одбегнувајте ги световните разговори.

13

1. Откако ќе станете, најнапред треба да ја отслужите утрената, па потоа првиот час, а потоа се почнува работата.
2. Предмети на разговорите; натпреварување; нерасположение кон спокојот; топла љубов према Бога и трпеливост кон трудовите.
3. Да трпнме, како што трпел нашиот Господ; да ги пречекуваме Неговите милости.
4. Да бегаме од самоугодливи дела и од нељубезност према браќата.
5. Блажен е оној што е задоволен со наредбите на настојателот; не треба да се сомневаме во исправноста на тие наредби; Господ да ги воведе неуредните во ред.

1. Да живееме според правилата и поредокот што се установени за нас, трудејќи се да бидеме исправни во сѐ, и во големите и во малите работи.

Штом ќе чукне клепалото, брзајте сите да се соберете во црква со радост, како да сте повикани од ангелите, за да поразговарате со Бога и да Му послужите со духовни песни, а како награда за тоа да добиете не нешто привремено, нешто што минува бргу, туку Божји дарови, кои ја раздвижуваат душата.

Откако ќе дојдете во црквата, со висок глас и еднодушно запејте Му славословие на Бога и Господа, а потоа со внимание слушајте ги псалмите и со разбирање следете го читањето, така што, просветувајќи се преку едното и другото, со радост и благодатно да стоиме на богослужбата и да го посрамиме ѓаволот. Но, притоа, не заборавајте внатрешно и трезвено да се молите, за да бидете чисти од Чистиот, за да излезете од светиот храм почисти отколку што сте влегле, а не помрачени.

Откако ќе заврши богослужбеното правило, тивко и мирно излезете од домот на молитвата. А потоа, еден нека се зафати со учење, трудејќи се да не го загуби сокровиштето што го собрал за време пеењето на псалмите, туку, напротив, кон тоа богатство да го придодаде и она што сега ќе го научи. А друг, ако сака и ако има потреба, може да се одмори и да прилегне во својата постела, но и овде, откако ќе се прекрсти, во себе нека чита некој псалм со размислување, за да не биде подложен на некое искушение од демонот и непријателот. Зашто, демоните сакаат по богослужбите да ги вознемируваат нашите души преку лоши раздвижувања, за да се одмаздат за поразот, што го претрпеле во храмот од внимателното и побожно стоење, за да го загубиме попусто она што сме го собрале добро за време на црковното пеење и читање. Поради тоа, тие ги помрачуваат нашите помисли, а нашето тело го прават неподвижно, како последица од заморот за време додека се пееле псалмите, предизвикувајќи лажно сочувство. Се разбира,подобро прави оној што се воздржува од спиење и се занимава или со вдлабочување во псалмите и со некоја друга богоугодна работа, а не легнува веднаш в постела, ако веќе не го гони кон тоа несовладлива поспаност, зашто во тој случај тој ќе биде слободен од искушение.

Откако ќе го изминеме така тоа време, треба брзо и да не застануваме зад другите, да побрзаме да го извршиме првиот час, зашто, ако тоа не го направиме, ја оптоваруваме нашата совест. Потоа, Му се молиме на Бога: „И благословението на нашиот Господ Бог нека биде со нас, и дај да ни успеат делата на рацете наши“ (Псал. 89, 17), и целиот ден се свршува добродетелно; па пристапете кон вашите работи, како што ќе ви биде заповедано, или сите заедно или поодделно, според потребата. Вашата работа да биде придружена со молитва и со добри мисли, каде и да е вашето работно место: на нива, во лозје, во кујна или на некое друго место, сите ваши работи извршувајте ги совесно и со читање на кратки молитви.

2. Вашите разговори секогаш да се однесуваат на она што е потребно, во врска со телесениот или со духовниот ваш живот, во врска со некој тропар или со некаква работа. Натпреварувајте се во доброто. Секој од вас има некоја своја добра особеност, но она што му недостасува, другиот брат го има; нека биде како пчела, која собира мед од сите цветови, и нека се научи од братот свој на она што му недостасува. – Љубовта кон удобноста да биде далеку од вас, а мрзливоста изгонете ја. – Да имаме топла љубов према Бога и да бидеме трпеливи во нашиот подвиг: ништо да не биде преграда меѓу нас и нашата љубов кон Бога: ни постот, ни бдеењето, ни студот, ни жештината, ни навредите, ни скудноста од најпотребното: сѐ да сметаме за второстепено и спасението да ни биде најважно од сѐ.

3. Сѐ да претрпуваме со благ дух, спомнувајќи си какви страшни страдања претрпел нашиот Господ за нас и за нашето спасение. – Може ли да се спореди слугата со Господа? Затоа, што и да претрпиме, ништо е. Но, бидејќи добар, Господ по Својата добрина го прима и она малку, што сме го принеле доброволно: Тој е близу до оние што трпат, како што е напишано (Псал. 144, 18). Него Го наоѓаат сите што Го бараат; ако почукаме, ќе ни отвори, – ако сме постојани во нашите молитви, ќе нѐ прими и ќе нѐ воведе во Својата небесна радост и во неракотворната брачна палата во царството небесно.

4. Викам кон вас, повикувајќи ги за сведоци небото, земјата, и светите ангели, не бидете немарни према своето спасение, не презирајте ниту една заповед, не одете во темнината на прикривањето на своите помисли, бегајте од тајно јадење, не заплетувајте се во сласти, не пронижувајте ги со мечови вашите души, односно не фрлајте во нив оган на дрскост, па дури и во однос на вашите сопствени членови; не заборавајте дека сте Христови и достојни за почит; не говорете лошо еден за друг и не разгорувајте се против вашите браќа; не држете ја зависта во себе; не враќајте зло за зло; не барајте први места и власт над другите; не барајте свештенослужителски чинови и не насладувајте се со нив во своите мисли, туку искрено и непринудено откривајте ги пред вашите духовни отци. Преку тоа се лекувате, преку тоа придобивате здравје; бидете со срце послушни во сѐ. Ете, ова е и свештенството, и свештенодејствувањето и обожувањето!

5. Оној што открива смирение, смирено е сѐ што има во себе, кој што смирено мисли и размислува за себе, кој се смета понизок од сѐ што диши и не сака ништо повеќе од тоа што го примил од моето смирение, – ете, тој е, според моето мислење, вистински монах и достоен за почитување! А, ако ги разгледува моите распоредувања, ако ги опсудува, ако размислува за тоа зошто на еден сум му дал едно, а на друг – друго послушание; зошто еден сум вовел во свештенство, а друг сум одредил за друга работа; тоа не е корисно и не е прилично.

Нашиот Господ Бог, Кој го издвојува достојното од недостојното и „Кој од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот“ (Псал. 112, 7), Кој им дава на смирените благодат и разум, Кој ги препашува немоќните со сила, да ви даде мир, да ве прими како Свое жребе, да ви дарува добар живот, да ве укрепи во секоја добра работа, да ве укрепи во сѐ за сѐ што е совршено, за извршување на Неговите заповеди, да Му угодувате на Бога, да им подражавате на ангелите, за да го наследите царството небесно.

14

1. Устремете се кон Бога, а сѐ друго сметајте го за ништо.
2. Оној што се труди во секаква работа за доброто на манастирот, тој оди сигурно кон горниот град, за да вкуси од тамошните блага.
3. Вашата надворешност е добра, но гледајте дали во вас внатре не се скрива Јуда, Гиезиј и некој сличен на нив.
4. Не говорете: тоа и тоа ќе го направам, и тоа и тоа ќе го постигнам; но, трудете се, сѐ да Му предадете на Господа.

1. Дојдете. чеда, послушајте ме, внимавајте на моите зборови, разберете ги моите смирени зборови! Кон сите вас извикувам, издигнувајте се кон Бога, одрешувајте се од пристрастностите. Еве, каде нѐ викаат и зборовите на светиот пророк: „Дојдете, да се искачиме на Гората Господова, во домот на Бога Јаковов“ (Иса. 2, 3), да влеземе во домот на бестрасноста и со нашите духовни очи ќе ја видиме радоста, која е подготвена за нас – ветените небесни блага. Бидете ревносни, примете крила огнени, летајте како гулаби и издигнете се одовде таму, каде што е десниот дел на добродетелите, ќе ја примите радоста, силната љубов и копнежот кон Бога, љубовта преслатка: сѐ друго ќе го сметате второстепено. Уништете ја суетната слава, и телесната похот, и ѕверскиот гнев; и ништо од сето она што овде се чини привлечно, не ќе може да нѐ зароби, туку, како добро препашани, ќе бидеме и лесни, и со остро око, и брзоноги по патот што води во царството небесно.

2. Оние што патуваат неизбежно трпат и се измачуваат. И со нас е така. Зашто, како што гледате, нашите работи бараат труд, подвиг и измачување: ете, вие работите, се истоштувате, се потите, трпите глад и жед: некој од вас е на орање, некој во лозјето, некој во работилниците каде што се цеди маслото, некој е во кујната, некој е на градилиштето и, едноставно, секој од вас го извршува послушанието, што му е дадено. Сите вие одите по Божјиот пат, се приближувате кон големиот град и преку смртта ќе бидете воведени во радоста на вкусувањата на тие блага, кои се подготвени за оние што Го љубат Бога.

3. Ние се радуваме кога ги гледаме оние што одат добро, а тажиме кога ги гледаме оние што одат лошо: се трудиме, според нашите можности, да им помогнеме и да ги поправиме. Она што е скриено во вас, го знаете само вие и Бог. – Но, нема ни еден меѓу вас, кој би се обидувал да прави нешто нередно скришно, како во темнина, зашто од Божјото око, што гледа сѐ, ништо не може да се сокрие, иако од нашите очи може да се скрие. Јас секогаш за вас го мислам она што е најдобро, но кој знае дали меѓу вас не се наоѓа и некој Јуда? Дали нема кај добриот учител и некој лукав Гиезиј, кој носи вечна лепра во својата душа? Дали нема и меѓу вас да се најдат такви, какви што биле синовите на свештеникот Илиј, кои јадат тајно и Бога Го прогневуваат, чиј крај ќе биде пострашен, отколку за грешниот Илиј? – Господи, поштеди нѐ, за да не пострадаме од нешто, од нешто слично, како што пострадале Ананиј и Сапфира, кои, откако се обиделе да ги измамат апостолите, паднале со горчливо паѓање, зашто се случува, можеби и меѓу нас да има некој таков, кој има лага во своето срце, не ја кажува вистината кога го прашуваме. Се плашам и од слично паѓање на она што го имал Симон врачот, кој сакал да биде со свети апостол Петар, врховниот апостол меѓу апостолите, само заради чест и слава пред луѓето; само надворешно покажувал дека сака да биде негов ученик. Никој од вас да не се свртува наназад и да не се откаже од својата првобитна намера!

4. Никој да не вели: јас ќе направам тоа и тоа, и за толку и толку години тоа и тоа ќе го постигнам. Како може човек да го каже ова, кога не знае дали ќе го преживее и денешниот ден? Треба секогаш да помислуваме, дека можеме да ги слушнеме зборовите: „Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја; тоа, што си го приготвил, чие ќе биде?“ (Лука 12, 20). Да подражаваме на нераскинливото единство што го имале апостолите со Својот Учител и Бог на сѐ и, како да сме пред очите на Господа секогаш, да го забрзаме нашиот одд кон спасението, а сѐ друго да го оставиме во Божјите раце, со готовност да трпиме сѐ, за да се радуваме вечно. Бог нѐ повикува на ова, Светиот Дух ни помага да можеме да успееме; во ова нѐ поткрепува и Самиот наш Господ Исус Христос. Не плашете се! Ѓаволот е победен и уништен; Христос воскресе, и смртта веќе не царува.

15

1. Сме избегале од светот, но не сме избегале од страстните бранувања и од демонските искушувања; треба да внимаваме и да се спротивставуваме.
2. Примери на оние, кои преку вера пројавиле чуда на послушанието: Доситеј, Ананиј, Захариј и други.
3. Одете по патот на заповедите, носете го послушанието без мрморење, и ќе се спасите.

1. Иако сме избегале од светот и од сѐ што е светско, и примајќи ја нашата схима, – како да сме навлегле во тивко пристаниште, но сепак уште живееме во овој свет, се наоѓаме како во море, без да знаеме кога ќе се подигне бесниот ѓаволски ветар, кој ќе се обиде да го потопи коработ на нашата душа: не знаеме каде и како ќе ги сретнеме духовните пирати; на какви подводни карпи, на какви страсти, незабележливо, ќе налетаме; не знаеме дали во текот на целиот наш вечен живот, на патот од земјата кон небото, ќе останеме без духовен бродолом. Затоа, чеда мои, треба да внимавате и да се пазите, да бидете будни и да ги предвидувате нападите на лукавиот непријател, за да не нѐ најде неподготвени за налетите на страстите, да го одбиеме нивниот напад и безбедно да го продолжиме своето пловење, држејќи го цврсто кормилото на нашата вера.

2. Со добрите примери на отците се просветуваат оние што се учат на подвижнички живот и стануваат непоколебливи и силни благодарение на својата силна вера. – Свети Доситеј го извршил текот на своето послушание, без да го испитува и проверува она што му било заповедувано, извршувајќи ја без приговор секоја заповед од својот духовен отец, понекогаш без мрморење претрпувал и шлаканици, а понекогаш претрпувал дури и подбивања. – Блажениот ава Кир, во текот на петнаесет години, храбро и младешки поднесувал тепања, подбивања и гонења, иако чувствувал многу непријатности, и не само што не се оплакувал, туку ги бранел пред својот духовен отец оние што го напаѓале. Свети Теодор Осветен, со вера бил принуден трпеливо да поднесува одлачување во тек на три години, што му било наложено од свети Пахомиј Велики; тоа го поднесувал без мрморење и спротивставување и со вера го собрал зрелиот плод на послушноста, зашто три години го полевал жезлото на својот духовен отец. Со вера што била секогаш жива, свети Акакиј, често имал модрици под очите или на образите, а понекогаш му била повредена рака или нога; сето тоа смирено и без ропот го поднесувал. За сето тоа се удостоил со бесмртност. – Преподобниот отец Захариј, за кого поменот е секогаш жив, иако бил преполн со Светиот Дух, често бил телесно накажуван од својот духовен отец, но од него не се откажувал. – Некој брат, исполнет со силна вера, бил пренесен преку една река врз грбот на еден крокодил. И сите почитувани отци и браќа, вооружени со силата на верата, низ оган и вода, низ силни искушенија на лукавиот, преминале во областа на вечното успокојување.

3. Ако сакате да се спасите, знајте за тоа немате никакви пречки и прегради. Имајте ги секогаш пред своите очи вистинските примери на оние кои се спасувале и кои се спасуваат. Мене не гледајте ме: слушајте ги само моите зборови, зашто и јас сум грешен, но она што ви го говорам е вистина и правиот пат ви го кажувам. Трудете се, чеда мои; отфрлете ја непослушноста и ослободете се од неверувањето. Одете со страв по патот на Христовите заповеди.

Господ Исус Христос ни говори: „Барајте и ќе најдете“ (Матеј 7, 7). Ова точно го знам, и потполно сум убеден во него. Носете ги вашите послушанија без мрморење. Трудете се да го извршувате она што ви е заповедано, трудете се без да имате мрзливост. Бидете секогаш задоволни со својата состојба: не противречете и не одмаздувајте се. Не бидете своеволни, за да не ја загубите својата душа. Не барајте ја славата, и тогаш ќе ја најдете, не само во идниот живот, туку ќе ја добиете и овде, и тоа веднаш и блескаво. Не борете се еден со друг и не раздразнувајте се еден со друг со зборови навредливи, затоа што на едни им даваат возвишенија, на други – пониски нешта: тогаш ќе добиете прв повик и ќе имате прво место во блажените вечни живеалишта. А, ако постапуваме спротивно на ова, спротивното и ќе нѐ снајде, тоа што ја снајдува секоја душа, која прави зло (сп. Рим. 8, 8-9); ќе нѐ снајде зло и посрамување и во овој и во идниот живот – да не биде вака со нас!

16

1. Јас се радувам кога го гледам вашето преуспевање; но се плашам да не застанете. Ве молам, не прекинувајте го вашето напредување; оддалечувајте со од она што е неприлично и ревнувајте кон она што сте должни да го правите.
2. Гледајќи ја смртта пред себе, да го средуваме нашето срце. Ако не можеме да поднесуваме тешки телесни подвизи, да ја запазиме добрата расположба во нашето срце, тогаш, и при умерено воздржување во сѐ што е предвидено во нашите монашки правила, нема да изостанете зад големите наши отци.
3. Прекрасно е братството во општожитието и според својот состав и според чудата; зашто секоја победа над страстите е изгонување на бесот.

1. Мојата смирена душа копнее со силна желба вие да се спасите, да одите по вистинскиот пат и да се трудите секој ден да напредувате. Гледајќи го вашето одречување, самооткажување и оддалечување од светот, вашето неповратно отуѓување од вашите блиски и роднини, како сите еднодушно и со иста мудрост се стремите кон она што е единствено потребно, – јас се утешувам и се радувам. Но, ме опфаќа и загриженост некој од вас, на некој начин, да не се отстрани од благата, за кои се надеваме да ги добиеме. Затоа, силно ве молам: не престанувајте да напредувате, туку покажувајте сѐ поголема ревност да правите добро и да им помагате на вашите ближни да напредуваат секој ден во доброто, да бидете беспрекорни секој ден и пред Бога и пред братството; да не им се подавате на зависта, ни на погубното мрморење, ни на богопротивната гордост, ниту на ропската потчинетост на страстите, туку да бидете послушни, тивки и мирни, – без да бидете суетни и честољубиви, да дејствувате разумно и добросвесно, заради самото добро, заради вашето заедничко свето живеење, заради Божјите заповеди и заради нашата игуменска повелба и, општо речено, заради вашето лично спасение. Стремете се само кон ова, што Му е угодно на Бога, стремете се дење и ноќе, сѐ додека не дојде крајот на земниот живот.

2. Не стои последниот час, брзо се приближува, а за некои од нас тој е веќе пред вратата. Затоа, да го замислуваме дека стои пред нашите очи и пред нашите нозе, да се плашиме од него, да се смируваме, да се чистиме од гревовите, да ја оттргнеме од нас виновноста за сѐ што е грешно и лошо, да се каеме за секое скршнување од правиот пат; да се учиме заедничкиот наш живот да го имаме во побожност, во спокој и едномислие, да го изучуваме и Светото Писмо и списите на нашите свети отци, да бидеме постојано во чиста молитва и труд според нашите сили. И постот е силно орудие за успешен духовен живот, па макар да е и телесен, ако го предводи светото смирение. Ние немаме сили да ги преземеме големите подвизи на нашите свети отци, а тоа и не е корисно за нас. Но, да го запазуваме она што го рековме пред малку: спомнувањето за смртта, побожноста, спокојот, едномислието, проучувањето на светите книги, чистата молитва, трудот и постот што е според нашите сили и во нашето послушание; да го одбираме она што ни прилега, држејќи се строго за Манастирските правила, како за нешто што е утврдено со закон, хранејќи се не само со леб и овошје и, пиејќи вода, туку и со вино и со елеј, а понекогаш и вино и сирење, со воздржливост што ни прилега, но не според нашето расудување, туку онака како што е установено, однесувајќи се во сѐ мудро и разумно, – и кога стоиме, и кога се одмораме, и кога одиме и кога седиме, и кога се собираме заедно и разговараме, и кога празнуваме, како и тогаш кога садиме, сееме, градиме, кога правиме дрводелски работи, – така да се однесуваме, и, ве уверувам, нема да бидеме далеку за величината на нашите свети отци од минатото.

3. Едно од големите чуда е ова наше собрание и заедничко живеење на луѓе од разни земји, народности, возрасти и начин на живеење, кои сме собрани во името на нашиот Господ Исус Христос, како едно тело, во хармонија, устремени кон единство во дејствување и служење, така што, иако братството е составено од многу души, многу срца и многу умови, живееме како да имаме една мисла и едно срце, а не за да постигнеме нешто лошо, туку за да Му угодиме на Бога и да работиме за слава на Пресветата Троица. Ете, и нашето братство, и само по себе е големо и достојно за почит, со право може да се смета за едно од големите и најголемите чуда. И не само тоа, во него стануваат вистински чуда, ако живееме уредно и како што треба да живееме. – Зашто, не се ли и овде изгонувани бесовите? – Да, се, и тоа не само во еден и друг ден, туку секој ден и секој час, – се изгонувани и обгорувани. Секој од нас, победувајќи ја страста, го изгонува и го изгорува бесот на таа страст, со тоа што го изгонува духот на мрзливоста, што ги победува духот на гневот и на зависта, а победувајќи ги осудувањето и мрморењето, ги изгонува духот на осудувањето и мрморењето. Па, тогаш, нели сте и вие чудотворци? – И Господ затоа ќе го прими вашиот заеднички живот, како што ги прими подвизите на жителите во пустините и на столпниците, кои правеле такви чуда.

17

1. Зошто излеговте од светот? За да се очистите. И блажен е секој што го живее овој живот во духот свој, особено со целосна доверба кон настојателот.
2. Кај нас во нашиот манастир доаѓаат, за да се спасат; дајте им на нив пример на монашко живеење и манастирско работење.

1. Да внимаваме на себе, да бидеме будни и со нашите помисли да се издигнуваме кон Бога. Што почесто да си ги спомнуваме зборовите на свети Арсениј Велики: „Арсениј, зашто си излегол овде?“ – И ние да си ги упатуваме овие зборови на себе, зашто и ние сме излегле од светот, сме се оддалечиле од него, а зошто? – Не за да му дадеме спокој на нашето тело, не за придобивање задоволства, не само и за да се описмениме и да станеме калиграфи, да придобиеме знаења, да станеме добри читачи и пејачи, не за да си самоугодуваме и да служиме на себе, да бараме слава, да се издигнуваме над другите и да сакаме да началствуваме; не, за ништо слично не сме се оддалечиле од светот, а зошто сме го направиле тоа? – Затоа, за да се очистиме од гревовите, за да се облечеме во стравот Божји, за да се смириме дури до смртта, до крсната смрт, односно за да се откажеме од нашите душевни желби и да ги умртвиме нашите телесни похоти, за да се бориме против нашиот противник ѓаволот, да се бориме, „не против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6, 12), за да не им се поддаваме на разновидните искушенија на телото и, најпосле, затоа, – за да ја придобиеме силната доверба во закрилништвото во нашиот духовен раководител, во нашиот игумен, „А над се, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот“ (Ефес. 6, 16). Сега, кажете како стојат овие работи кај нас?- Разгледајте, размислете, испитајте. И блажен е секој од вас, кој што ќе ги запази заповедите, кој нема да им се предаде на гревовите, кој ќе биде исправен во извршувањето на своето послушание, кој ќе се просветува со совршена исповед, кој ќе се осветлува со богодадената смирена мудрост, кој ќе сјае како злато со христоподобната послушност и кој ќе се облече во порфирната облека на несомнена доверба кон својот духовен раководител – кон игуменот, кој не се колеба во ништо што му е речено и заповедано, кој не го изменува она што му е наредено и не смета ништо поспасително за себе на земјава од она, што нивниот раководител го смета за такво. Забележувам, дека јас овде не мислам на себе, туку на оние, кои строго ги извршуваат Божјите заповеди.

2. Кај нас доаѓаат души, кои навистина Бог ни ги испраќа, за да се спасат во нашето манастирско општожитие. Затоа, кај нас извршувањето на заповедите треба да биде потполно и строго. Тие доаѓаат овде за да се просветат, а не за да се помрачат. Сјајте вие, браќа мои, иако сум јас темен: осолувајте се со благодатните добродетели, макар што јас и да сум исполнет со пороци. – Во што треба да се состои вашата пофалба? – Во тоа што ќе отстапуваме пред братот свој во зборови, што никогаш нема да му противречите, што против никого нема да мрморите, што ќе бидете јагниња непорочни, кои не бодат: послушни во сѐ на Пастироначалникот наш Христа, кои што ги избегнувате непотребните смешки и срамни разговори, што ќе бидете внимателни во пеењето на псалмите и трезвени во молитвите. Чеда мои, бидете сѐ помудри, очистувајте се, станувајте сѐ поцеломудрени, усовршувајте се и осветувајте се, обожувајте се станувајте богови, макар и да се многу смели овие мои зборови, како што рекол Спасителот наш, преку псалмопејачот: „Јас реков: богови сте’“ (Псал. 81, 6: Јован 10, 34).

18

1. Општожитието е достојно за секоја пофалба; блажен е оној што живее според неговиот дух.
2. Сѐ повеќе и повеќе треба да напредуваме во доброто и попусто да не ги живееме нашите денови.
3. Нека им е слава на нашите отци! Тие внимавале на зборовите на вистината, живееле вистински монашки живот сообразно со нив. Угледајте се на нив.

1. Не престанувам да ве убедувам, за да бидете ревносни во спасувањето на вашите души. Зашто мислам дека не можам со ништо друго да бидам за вас покорисен, отколку со ова што ве потсетувам како треба да живеете. Нека не ви биде здодевно што постојано ви повторувам едни и исти работи. – А за што друго треба да говориме и да размислуваме? – Не, не треба никогаш да престанеме многупати да го повторуваме она што е добро; никогаш не треба да престанеме да го пофалуваме доброто и да го прекоруваме лошото, да говориме и да објавуваме колку е добро и блажено оддалечувањето од светот и еднодушното монашко и братско општожитие и да ве уверуваме, дека навистина тоа е миро, „тоа е како скапоцено миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова“ (Псал. 132, 2), ако некој веќе стапил во она општожитие, ако се облекол во смирена мудрост, се облекол во послушност и се одрекол од својата волја, ја придобил бездната на љубовта према Бога, во духот свој се издигнува од сила во сила, кон сите има љубов и сѐ трпеливо извршува, што го заповеда манастирскиот типик, правилата на манастирското општожитие, во ништо не е неискрен, нема никакви подозрителни мисли и замисли, кои го оттргнуваат послушникот од Бога и од игуменот. Браќа, засакајте го со голема љубов сѐ што е во општожитието и што станува во него, како нешто свето и спасоносно, иако нешто ќе се покаже и како непријатно, зашто преку него се изгладуваат нашите острини и ние се заокружуваме, за полесно да се искачуваме кон нашата цел.

2. Трудете се еден на друг да му користите и да не го барате своето: барајте го она што е потребно и корисно за заедничкиот живот. И сѐ повеќе и повеќе да се укрепуваме и усовршуваме во нашите души. Настојувајте да бидете постојано во покорност; обновувајте се секој ден и со изминувањето на деновите, месеците и годините, минувајте од добро кон подобро, сѐ додека има време за подобрување и збогатување. Не бидете мрзливи, не предавајте им се на сонот и безгрижноста, не живејте ги попусто деновите на вашиот живот: кога ќе дојде времето за давање сметка, тогаш јасно ќе ги видиме плодовите на трудовите и неплодноста на мрзливоста; тогаш ќе видиме што сме придобиле, ако сме внимавале на себе и на својата работа, а што сме загубиле, ако сме биле невнимателни према себе и кон овојата работа.

3. Нека им е слава на душите од преподобните и свети наши отци, кои навистина биле разумни и умни! Ние не попусто ги слушаме зборовите на вистината; тие не ги занемарувале и не ги газеле со своите нозе, туку искрено се труделе со пот на своето лице, се смирувале, се откажувале од својата волја, сакале да бидат последни: ги сакале сиромаштијата и немаштијата во сѐ; одбегнувале да противречат, поднесувале сѐ доброволно и трпеливо, со радост ги слушале повелбите на духовните отци, гореле со својата вера, го сакале молчењето, ги носеле немоќите на немоќните, готови биле и својата крв да ја пролијат за нив, слично на мачениците. И зошто да говориме многу? Вие самите добро ги знаете вашите претходници и вашите духовни водачи и учители; угледајте се на нив, одете по нив, за да се удостоите да ја добиете нивната слава.

19

1. Секој нека преуспева сѐ повеќе во својата добродетел: послушниот – во послушанието; смирениот – во смирението; трудољубивиот – во своите трудови.
2. Кое послушание ти е дадено, во него биди исправен.
3. Ако постапувате вака, Господ ќе ве утеши и овде и во идниот живот.

1. Како што почнавте, така и продолжувајте: и не само што не треба да престанете да правите добро, туку сѐ повеќе разгорувајте го својот дух и брзајте кон висините на небесниот живот. Послушниот да биде сѐ попослушен, за да го собере плодот на послушноста; да им биде послушен не само на оние што раководат, туку и на оние што немаат никаква власт; нека го прават тоа без шум и без спротивставување, па макар што и да им заповедаат. Смирениот се повеќе нека се смирува, нека прави отстапувања во сѐ, со сѐ нека се согласува, нека се понижува свесно, нека има сиромашна надворешност; зборовите негови нека бидат малку и тивки, нека не мисли за тоа дека некогаш бил благородник или затоа што веќе одамна ја има схимата, или затоа што има некоја голема должност во братството. Кон ова ќе го придодадам и следново; не подигнувај ги своите очи и не мисли дека си умен, дека си висок и личен, дека имаш пријатен говор, дека си способен за сѐ или дека имаш некоја друга особеност, која е достојна за пофалба. Трудољубивиот и оној што се труди да го изврши она што му е заповедано, да работи и да се труди како тоа да му е заповедано од Бога, а не од човек; на тој начин ќе се удостои да прими уште потешки задачи и ќе се радува кога ќе може да направи нешто за својот ближен, уверен дека со сето тоа му се подготвува голема награда на небесата.

2. Сите ние воопшто, – и магационерот, и болничарот и калиграфот, и градинарот, и готвачот, и економот, и учителот, и чуварот, и оној што се труди за извршувањето на типикот, и пекарот, и дрводелецот, и задолжениот за палење и гасење на кандилата и свеќите, и секој оној што има послушание за извршување на некоја работа во општожитието, голема или мала, непрестано да се труди да напредува и да има неизгаслива желба да ги добие вечните блага; тој треба храбро да ја продолжува својата работа и доброволно да претрпува сѐ, да го прави тоа што Му е угодно на Бога и со тоа да си придонесува секое добро за својата душа, да се жртвува за својот брат до таква мерка, така што да биде готов да си го жртвува својот живот за братот свој.

3. Ако работите така, вас ќе ве утеши Единородниот Син Божји, Кој од послушност према Бога Отецот, се истоштил до крајна смиреност, така што станал слуга на сите. Иако бил Создател и Господар на сѐ, вкусил смрт, и тоа смрт на крстот. – Ќе биде неискажлива радост и веселба, и за мене грешниот и за вас, ако ги извршуваме заповедите, и ќе бидеме прославувани од сите, не само овде од оние што ги гледаат вашите добри дела, вашите борби со духовниот непријател, што ги одбивате сите негови напади и искушенија, туку ќе се веселите и ќе се радувате и во идниот живот пред славата на Христа Бога, заедно со хоровите на ангелите, каде што е живеалиштето на сите што се веселат.

20

1. Јас им се радувам на вашите успеси: во некого од вас има смирение, во друг… (ги набројува монашките добродетели).
2. Притоа, што подалеку одгонувајте ја од себе мислата, дека ќе живеете уште долго, како и мислата за вашите успеси.
3. Не превознесувајте се со вашите природни дарби, ниту со нешто што сте го придобиле, тогаш и Бог уште повеќе ќе ви даде; а од она што е спротивно на ова – ќе имате само загуби.

1. Земјоделецот се радува на родната нива, а игуменот уште повеќе се радува на духовната плодородност на душите, кои му се доверени. И вие ми поставувате радост, чеда мои: „Јас посадив, Аполос полеа, но Бог направи да израсне“ ( 1. Кор. 3, 6). Се радувам, гледајќи ја вашата грижа и ревност за сѐ што е потребно за спасението. Јас се радувам: кај еден – на неговата кротост, кај друг – на неговата неуморливост, кај трет – како ги одбива и победува демонските напади, кај четврти – на готовноста да изврши без приговор сѐ што му е заповедано, кај петти – мирот и душевната тишина, кај шести – едноставноста во животот и довербата во моето смирение, кај седми – бестрасноста и мирољубивоста. Со еден збор, се радувам на вашето духовно преуспевање, усовршување и љубовта, кои ве соединуваат во едно тело, со помошта на Божјата сила одозгора, по молитвите на мојот и вашиот отец. Се радувам на ова и се восхитувам, зашто сето ова е достојно за вчудоневидување и восхит.

2. Се плашам, заради моето невнимание и моите гревови, да ја поведе од нас својата десница, со која нѐ штити и одеднаш со нас да се случи нешто, нешто за што е страшно не само да се говори, туку и да се мисли, – да се појави мрзливост во некоја душа или паѓање, тајно или јавно. Затоа, внимавајте на себе, одете право по својот пат: бидете постојани во ова, осветлувајте се и просветувајте се, сѐ повеќе и повеќе. Бидете цврсти и неподвижни, не излегувајте од кругот на својата работа, за која сте дале завет пред Бога и пред ангелите, како и пред моето смирение, туку трудете се, сѐ повеќе и повеќе. Пазете се, не дозволувајте да ве растрои мислата за вашата долговечност, да не ја ослаби вашата силна решеност да живеете во самопринудување и спротивставување на себе. Оваа мисла е лажна, зашто, што е нашиот живот? Оваа мисла нѐ измачува: место да го засилуваме нашето смирение, таа нѐ учи да си даваме олеснување, кое често доведува до потполно растројство на богоугодниот живот.

3. Пазете се и не дозволувајте да се претвори во гревовен остен она што ни се чинело дека е совршенството во нас: набргу потоа ќе ги загубите и вашите способности, и вашите знаења, и опитноста што ја имате во духовниот живот, ни трудољубието, ни вештината во рачната работа, ни пријатниот глас, ни убавото пеење, ни надворешната големина и убавина, и ништо друго нема да остане. Сѐ ова се Божји дарови, кои треба да ни служат за зголемување на стравот Божји и смирението пред Бога, Кој што ни го дарува сето тоа. Ако сме свесни за ова, Тој ќе биде уште помилостив према нас и ќе ни даде уште повеќе дарови: ќе се збогатиме со секое добро и ќе станеме свет храм Божји, украсувани со сѐ повеќе дарови. Напротив, ако ја подигнеме нашата глава пред Бога, ако се погордееме пред нашите браќа, ако ги подигаме веѓите, ако одиме горделиво, ако почнеме да мислиме зошто нешто што е направено, не било направено поинаку, зошто не ни е дадено друго некое послушание, да мислиме дека работата што ни е дадена е сосема непотребна и дека попусто си го губиме времето и трудот: ако почнеме да правиме вака, времето на плодородноста ќе го претвориме во неплодност, времето на придобивките – ќе го претвориме во време на загуби, времето на трудот ќе направиме да биде време на неработење и на лошо работење, па, место да се издигнуваме кон висините на добродетелите, ќе почнеме сѐ подлабоко да пропаѓаме во бездната на гревот.

21

Бидете во доброто и на непријателот не дозволувајте му да влезе во вас, за да не почне да извикува, дека сите станале лоши.

Држете ја чиста патеката на заповедите пред очите на вашата душа, сознавајќи го смирено и, исправајќи го секое прегрешение и секоја непослушност, достојни за осудување. Одете по правиот пат и ќе најдете спокој на вашите души. Нашиот непријател ја ползува секоја прилика, за да навлезе во нашето братство и да внесе немир во него. Не примајте го. Оградувајте се со штитот на верата и со мечот на Божјото слово, и тој губител никогаш нема да најде место во вас и нема да се пофали дека ве довел до паѓање. Покажете непобедлива надеж на Божјата војска, недостапна за непријателот, па, место да се фали, да се оплакува, како некогаш што му се оплакувале на свети Макариј Велики. Имајте Го за војвода Христа Господа, а ангелите – за свои помошници и закрилници. Псалмопеачот Давид говори: „Тој нема да дозволи да се помести ногата твоја; нема да задреме Оној, Кој те пази“ (Псал. 120, 3) .

22

1. Сѐ е од Бога, но потребни се напори и од наша страна, за да можеме да се запазуваме и да одиме напред.
2. До сега добро нѐ запазуваше Бог и вие добро напредувавте; продолжете да бидете во молитви, молчење и во исполнување на сите досегашни подвизи.
3. Претрпувајте ги тешкотиите и страдањата; целиот наш живот е како еден ден, но преку нив можеме да го придобиеме вечното блаженство.

1. За секој наш успех благодарност Му должиме на Бога, зашто сѐ што е добро во нашиот живот е дело на Божјата љубов према нас, „зашто сѐ е од Него, според Него и за Него“ (Рим. 11, 36). А, ако некој се осмели да се пофали, дека тој е нешто големо, тогаш нека ги слушне зборовите на светиот апостол Павле: „Што имаш, што не си примил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?“ (1.Кор.4,7). Но, сепак, потребни се подвизи и напори од наша страна, потребни со непрестани усилби од наша страна, со смирение, кое го утврдува нашиот ум, го оградува и го запазува, за да не отстапи од нашето добро започнување, да не ги посрамиме нашите претходни трудови со мрзливоста што нѐ зафатила, да не дозволиме нашиот сегашен добродетелен живот да биде загубен и да се вратиме кон некогашните пороци, туку постојано да се чистиме, да се просветуваме и да се издигнуваме, да стануваме од светли – посветли, од звезди – да се претвориме во сонца и од сила – да прераснеме во голема сила. Ве молам, отфрлете го секое телесно мудрување, како и светската слава, која е најголемата пречка на добродетелите, а со мечот на верата отсечете ја секоја телесна страст, прилепете се до Бога и издигнувајте се кон Него по духовната скала, започнувајќи секој ден нови богоугодни почетоци, вдлабочувајќи ги духовните основи, борејќи се против телесните желби, гасејќи ги страсните распалувања преку пролевање солзи, а желбата за јадење и пиење, како и сите други суетности, се прогонуваат со соѕерцанието на идните блага.

2. По молитвите на мојот и на вашиот духовен отец, Господ нѐ запази досега: вие напредувавте, одејќи по царскиот пат на добродетелите, светнавте со убавината на бестрасноста, се уверивте, дека нема ништо подобро од избавувањето од страстите, па откако ќе бидат победени, да се издигнеме над нив, за да можеме да владееме царски над сѐ што е земно и да Го соѕерцаваме Бога. Не заборавајте го ова и да не задремете, да не го изоставите она што ви е предадено, туку продолжете да живеете добро, туку сѐ повеќе и повеќе „Влегувајте низ Неговите порти со славословие, во Неговите дворови со песна; славете Го, фалете Го името Негово“ (Псал. 99, 4); збогатувајте се со плодовите на вашето послушание и преку нив да се напојувате со виното на умилението, веселејќи ги вашите срца; не прекратувајте ги вашите добри навики во извршувањето на доброто; држете ја вашата уста молчалива, не покажувајте се пред својот брат дека се воздржувате и постите, не давајте му строг израз на вашето лице, не говорете многу и не говорете празни зборови, не претпоставувајте го својот личен спокој пред доброто на вашиот ближен. Бидете сите такви како да имате една душа, едно срце и една волја во нашиот Господ Исус Христос; Тој нека ви биде глава на сите.

3. „Браќа, засилувајте се во Господа и во силата на Неговата моќ!“ (Ефес. 6, 10), и храбро претрпувајте го сѐ она што е непријатно и страдално, имајте ја пред очите на умот тајната на нашата смрт, сметајќи го кус целиот тек на нашиот живот. Свети Григориј Богослов пишува: „Целиот живот, за оние што се зафатени главно со делото на своето спасение, е како еден ден. Но, во тој ден, во тоа време, кое тече брзо како во сон, можеме да го добиеме царството небесно, царството на бескрајна веселба и радост.“

23

1. Спротивставувајте му се на непријателот, кој ги поттикнува вишите страсти.
2. Вие постарите, помагајте им на помладите.
3. Колкупати и да се подигне страста, секогаш спротивставувајте ѝ се со молитва, и ќе стивне.
4. Не очајувајте се, близу е Господ.

1. Подвизувајте се, чеда мои сакани, подвизувајте се, мои господа и господари, подвизувајте се против ѓаволските напади, против нивните секојдневни искушенија, против огнот на похотата, против помрачувањето на очајанието, против опасното тапкање од место во место, против змијата на зависта, против невоздржливоста на ненавремено говорење и засмејување, против секоја страст, која ни се спротивставува и која се бори против нас.

2. Вие што сте први – давајте им помош на последните: вие искусните – помагајте им на неискусните; вие што сте богати со духовни плодови – збогатувајте ги оние што ги немаат: вие што сте дамнешни во монашките подвизи – помагајте им на почетниците; помагајте им со зборови и совети, вразумувајте ги, посочувајте им го она што е подобро и воодушевувајте ги за она што е покорисно, па така, сите да се спасиме.

3. Спомнете си колку се годините на вашиот монашки подвиг, колку и какви искушенија изминале досега! Спомнете си колкупати ве напаѓале искушенија, колкупати сте биле немоќни, колкупати сте се очајувале и сте биле малодушни, а потоа, одеднаш, сте добивале сила, добра расположба, живост и воодушевување, било преку зборовите или преку молитвата на браќата, а потоа, пак зајакнал вашиот подвиг, пак закрепнување со Божјата сила. Така ќе биде и во натамошниот наш подвижнички живот, па дури и нешто повеќе: „Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но нѐ изведе да здивнеме“ (Псал. 65, 12).

4. Па затоа, да не очајуваме; никој да не паѓа со духот! Да си помагаме еден на друг, да се утешуваме и да се воодушевуваме: да љубиме, да трпиме, и да бидеме ревносни во исполнувањето на Божјите заповеди. И Господ наш Исус Христос, вистинскиот Бог, Кој е надеж на очајаните, издигнување на тие што паднале, лекар на болните, сопатник па тие што патуваат и помошник на оние што се во маки, или општо речено: Тој е надеж на сите краишта на земјата и на оние што се далеку преку морињата, – Тој да ви помогне и да го исправи вашиот пат, да ви помага во секоја работа и во секое движење, во вашиот прав од кон совршеното спасение и стигнувањето до градот на Неговото живеалиште.

24

Божјото слово помага против распалување на страстите, како и пазење на сетивата, особено на видот, и не давање спокој на телото. Пази се; ти си паднал по светото крштевање, гледај да не паднеш и по давањето на монашките завети.

Времето на сегашниот живот е жешко и огнено. Овде не мислам на видливиот, туку на невидливиот оган, кој ја изгорува душата, кој произлегува од гревовните јаглења кои се распалуваат од искрите на страстите, кои ги фрлаат непријателските духови во нашите срца. Но, вие ја имате реката, која излегува од божествената уста, односно словото Божјо, за да можете да го изгаснете тој оган и, слично на трите момчиња на вжарената фурна, да останете недопрени и необгорени од овој оган. При ова треба да ги пазиме сетивата, особено видот, преку кој, ако бидеме невнимателни во служењето со него, непријателот наш сака да го фрла страсниот оган во нашата душа. Треба да се пазиме од другите начини, од страна на телото, преку кои, се дава повод, преку неумереноста во јадењето и пиењето и преку сите видови успокојување на телото. Зашто како што од сестраното воздржување се појавува силата на добродетелите, така и од невниманието во овој однос – настапува секаква тиранија на гревот. Бидете внимателни, гледајте пак да не се вратите кон ова робување, откако веќе се ослободивте од него преку вашето замонашување и давањето на монашките завети; не навлекувајте двојни маки врз својата глава: маки заради вашите паѓања по крштевањето и по примањето на схимата.

25

1. На оние што ги победуваат страстите ќе им бидат подарени венци; на оние што ќе бидат победени од нив – мака; добро е, ако сте меѓу првите, а, ако сте меѓу вторите, побрзајте да се поправите.
2. Стремете се да ги исполнувате заповедите; никој да не биде мрзлив, колеблив и горделив.
3. Секој нека ја даде својата лепта – од своето послушание; Господ ќе го прими, колку и да е малку.
4. Не застанувајте пред тешкотиите; продолжете да одите и помагајте си едни на други.
5. И надворешните и внатрешните тешкотии се променливи; потрпи, по нив ќе дојде и леснотија.
6. Кој бил овенчан без трудови? – Смртта е секој час сѐ поблизу, а тогаш ќе биде и крајот на сите маки; тогаш ќе бидеш прибран меѓу светиите.

1. Овде е местото за натпреварување! Овде е борбата! Оној што се бори подвижно, што трча, добро и што го држи умот свој одвоен од сѐ видливо и страсно, тој ја добива победата и станува наследник на небесните блага уште овде на земјава, се овенчува со венец на бесмртната слава и се прогласува за Божји син. А оној што се повлекува по гревовните страсти, тој самиот навлегува во ѓаволските мрежи и претрпува вистински пораз, се покрива со срамот на своите гревови, станува син на ѓаволот и наследник на пеколниот оган и на другите разни вечни маки. Затоа, влезете внатре во себе, испитајте ја вашата вера и познајте каде стоите и каде одите. И, ако сте на правиот пат, ако одите по царскиот пат, тогаш е добро и предобро! – Но, ако сте го погрешиле патот, ако сте тргнале по гревовните стрмнини, побрзајте да се вратите на правиот пат пред да се заврши овој седми ден, сѐ додека не се стемни и не настане осмиот, кој го носи со себе судот – наградите или казните.

2. Устремете се кон Божјите заповеди, сејте ги семињата на добродетелите во вашите срца, за, во свое време, да ги познаете плодовите на правдата. Никој од вас да не биде легач и неработник, за да не ги слушне зборовите од премудриот Соломон: „Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар. Таа нема ниту началник, ни настојник, ниту заповедник; но, ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја. Или оди кај пчелата и види, колку е трудољубива, каква пофална работа извршува; трудот нејзин за здравје го употребуваат и царевите и обичните луѓе. Неа сите ја сакаат, и таа е славна; Иако по силата е слаба, по мудроста е почитувана“ (Изрек. 6, 6-8). Никој да не биде лукав и неискрен, едно да мисли, а друго да говори, за да не биде осуден со страшната осуда на псалмопејачот Давид, кој вели: „Нека ги истреби Господ сите лажливи усти и секој јазик што се возвеличува“ (Псал. 11„ 3). Никој да не останува без работа, за да не потпадне под пресудата на светиот апостол Павле, кој вели: „Кој не сака да работи, тој нека и не јаде“ (2. Сол. 3, 10). Никој нека не се прави премудар, за да не го доживее она, со што заплашува светиот апостол Јаков, велејќи: „Бог се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат“ (Јак. 4, 6).

3. Сите будно одете во Господа и заповедите Негови извршувајте ги; секој нека придонесува во заедничкото сокровиште, секој нека пушти во заедничкото ковчеже според своите можности, што се според неговите сили: некој економство, друг – света послушност, трет – грижа за болните, четврти – пеење и читање, петти – градинарство, шести – краснопис, и воопшто никој да не остане што не ќе придонесе ништо за заедничкото добро и да не биде празен и некорисен пред Господа. Господ ќе ги прими не само големите придонеси; Тој ќе ја прими дури едната единствена помисла за смртта, ако тој навистина нема сили ништо друго да направи, како што ги примил и двете лепти на вдовицата. Ние Го имаме Бога, Кој е предобар и многумилостив, Којшто сака да се спасиме повеќе отколку што го сакаме тоа ние; да одиме по Неговите прави патишта, и ќе најдеме спокој на нашите души.

4. Никој да не престане да се труди и да се подвизува затоа што ќе го сретнат случајни тешкотии на евангелскиот пат; колку и да е стрмен и тежок патот, да продолжи да оди по него, нека не се плаши, нека биде храбар и брзо нека преминува од рид на рид, додека не се искачи на планината Господова и не застане на Неговото место на бестрасноста. Заедничкото патување го олеснува патот, како што вели апостолот: „Поднесувајте го товарот еден на друг и исполнувајте го така законот Христов“ (Гал. 6, 2).

5. Секогаш е така: денес сме малодушни, а утре ќе бидеме храбри; сега имаме жалосна расположба, а оддеднаш се воодушевуваме, во овој миг нѐ напаѓа бура на страсти, а малку попосле ни се дава Божјата помош, која ја смирува страсната бура. Нема да бидеш утре каков што си бил вчера: нема секогаш да бидеш еднаков; Божјата благодат се дава, а потоа се одзема. Ти ќе речеш: „Каде беше досега, Господи?“ – А Господ ќе ти одговори: „Те гледав како се бориш и чекав да видам што ќе направиш.“ Затоа да бидеме трпеливи и великодушни; да се стесниме и да го стегнеме нашето тело, да го заробуваме и страстите да ги одгонуваме далеку од нас.

6. Кој бил овенчан без да се подвизува? Кој се успокоил, а пред тоа да немал страдања? Кој собира плодови на животот, без да ги насадил и без да ги обработил добродетелите во својата душа? Садете, калемете, трудете се, испитувајте се, чеда мои: бидете Божји работници, подражавајте им на бестелесните ангели! Зар не го гледате крајот на вашите подвизи? Зар не умираат често нашите браќа? Зар секој ден не се молиме за нашите покојници? – Зошто си малодушен и зошто се измачуваш? Ќе дојде смртта и при тебе. Ако не денес, утре ќе умреш. Со каква и со колкава радост ќе излезеш Од овој свет и ќе се издигнеш на небото, кон Бога, во непристапната светлина, во неискажливата радост, во славата незамислива, во ангелската скинија, во дворовите на Господа, во прегратките на Авраама? И кого ќе го видиш таму? – Нашиот Господ Бог и Спасител, Божјата Мајка, Господарката на светот, бестелесните сили, херувимите и серафимите и сите светии: апостолите, пророците, јерарсите, мачениците, преподобните и сите светии, на кои бројот не им се знае. Зар сето ова не те восхитува и не те воодушевува? Зар не те издигнува над сите трудови, непријатности и страдања?

Обработи,
О.М.П. 2022