“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM IV
Светиот преподобен Теодор Студит
Животот на свети Теодор Студит
Свети Теодор бил син на благородни и истакнати родители. Неговиот татко управувал со службата за прибирање на царските давачки. Рано, бил добро христијански воспитан и ја изучил целата елинска мудрост. По завршувањето на своето образование, се покажал како прекрасен говорник, сериозен филозоф и, истовремено, облагодатен богослов. Кога, за време на византискиот император Константин Копроним, особено се засилило гонењето против иконите, неговите родители го напуштиле светот и примиле монаштво, а светиот Теодор останал во Цариград да го доусоврши своето образование. По Константин Копроним царувал неговиот син Лав, кој исто така бил еретик, а по него царувала неговата сопруга Ирина, со својот син Константин.
Царицата Ирина го пазела Православието; а и нејзиниот син бил заштитник на православната вера. Тој, заедно со светиот патријарх Тарасиј, свикал собор на светите отци, на кој била осудена и проколната иконоборската ерес. На овој собор бил присутен и Платон, вујкото на преподобниот Теодор, којшто, по завршувањето на соборот, го зел со себе и Теодор во пустината, како и неговите браќа Јосиф и Ефтимиј, кои исто така одлучиле да се замонашат и се настаниле заедно со него во Секудион, едно прекрасно место, на височина, опкружено со шума и богато со вода. Местото било осамено, а до него се стигнувало само по една стрмна патека. Тие многу го засакале тоа место и таму изградиле манастир, чија црква му ја посветиле на свети Јован Богослов. При нив почнале да се собираат браќа и набргу се развил добар монашки живот, под раководство на мудриот Платон.
Свети Теодор ги надминувал сите по образование и по добрина, а по замонашувањето напредувал повеќе од сите во подвижништвото, истоштувајќи го своето тело со пост, бденија и трудови за манастирот, кои биле и ниски и тешки: сечел дрва, носел вода, копал во градината и овоштарникот, учејќи се на смирение. А најмногу се грижел да напредува во побожноста и богоугодниот живот. Си поставил неодложно правило секој ден да се исповеда кај својот духовен отец Платон; му ги исповедал сите свои помисли и движења на срцето. Она што му било одобрувано – се трудел да го усовршува, а она, неодобреното – да го исправа. Исто така, си определил време за богомислие и умствена молитва: тој самиот да стои секој ден пред Единиот Бог – со својот невознемируван ум и да Му принесува некаква тајна служба. Многу сакал да го чита Светото Писмо на Стариот и Новиот завет и делата на светите отци, особено делата на светиот Висилиј Велики, неговите правила и уредби за монашкиот живот, кои ги почитувал толку високо и ги сметал неопходни, така што не го признавал за монах оној, кој што нив не ги извршувал.
Блажениот старец Платон, гледајќи го таквото напредување на светиот Теодор во подвижништвото, одлучил да го удостои со свештенички чин, во кој што го ракоположил патријархот Тарасиј, по негова препорака и застапување. А свети Теодор, примајќи го ракополагањето не толку доброволно, колку по принудување, не само што во ништо не ги намалил своите подвижнички подвизи, туку уште повеќе ги засилил и бил за сите браќа пример на добро подвижништво и имал многу подражатели, и во својот манастир и во другите.
По подолго време, блажениот старец Платон, чувствувајќи дека му се зголемуваат старечките слабости, посакал да се оддалечи од работите и последните години од својот живот да ги помине во безмолвие, оставајќи го за свој наследник во раководењето со манастирскиот живот светиот Теодор. И кога се разболел, ги повикал манастирските браќа и им рекол дека боледува и дека не знае кога и како ќе заврши неговата болест, па затоа би сакал да си избере наследник, а потоа ги прашал: „Кого го сакате да ви биде настојател на манастирот“? – Тие сите, едногласно, изразиле тоа да биле Теодор. – Блажениот Платон веднаш му ја предал настојателската власт и сите грижи за манастирот, а самиот се оддалечил и се предал на безмолвнички живот.
Уште во самиот почеток на своето раководење со манастирскиот живот, свети Теодор не само што ги зголемил своите подвизи, туку и од сите браќа во манастирот барал строго исполнување на монашките правила во животот, а особено се трудел да се бори против немарноста и против надворешното извршување на монашките правила, како и против среброљубието. Некои од браќата мрмореле и се спротивставувале, но, сепак, по извесно време се поправале. И, општо речено, на тој начин подвижништвото во манастирот се издигнало на повисок степен.
И така, работите внатре во манастирот оделе кон подобро, а набргу се појавиле многу непријатности и страдања однадвор. Како прв повод за тоа послужил незаконскиот брак на младиот цар Константин, кој бил непоштедно изобличуван од Теодор. Тој бил оженет со Марија, ќерката на Филарет Милостив, но потоа се вљубил во некоја друга жена, ја оставил својата законска жена и се оженил со онаа, во која бил вљубен. Овој брак го благословил некој Јосиф, црковен економ, против волјата на патријархот Тарасиј, кој настојувал потоа тој брак, на секој начин, да се поништи, но не успеал во тоа, бидејќи царот се заканувал да ја обнови иконоборската ерес, па престанал да го прекорува за тоа.
Но, блажениот Теодор не молчел; особено и затоа што дворјаните и властодржците почнале да дејствуваат. Плашејќи се таквото беззаконие да не стане закон, светиот Теодор им пишувал на сите монаси да го сметаат царот за одлачен од Црквата и за самоодлачен, бидејќи со делото што го направил, се подвел под казната за одлачување. Ова се разгласило насекаде: гласовите за истото дошле и до царот.
Во почетокот, царот се измачувал и затоа што втората негова жена Теодотија му била роднина на блажениот Теодор, по неговата мајка. Надевајќи се дека, со ласкање ќе успее да го смири, ѝ наредил на својата прељубодејна сопруга да му испрати многу подароци, со молба да се моли за неа и за нејзиното семејство. Но, блажениот не само што не ги примил подароците, туку одбил да ги прими и да ги види и оние што ги носеле. Потоа, царот решил самиот тој лично да се види со светиот човек и да поразговара со него. Затоа, уредил така за да помине покрај неговиот манастир, како да оди по некаква работа, надевајќи се дека свети Теодор ќе излезе со своите браќа да го поздрави и ќе го покани да го посети манастирот. Но, светителот, кога дознал за тоа, наредил да се затвори манастирската порта и да не биде отворена, колку и да се чука. И, навистина, тие кога дошле таму, чукале и чукале но не биле примени.
Царот многу се разгневил за оваа навреда, па заповедал жестоко да го тепаат преподобниот и да го испратат на заточение. Го тепале толку бесчовечно, така што телото почнало да му се распаѓа од страшните рани, а земјата под него се натопила со неговата крв. Потоа, го испратиле во Солун. Истовремено испратиле во заточение уште единаесет монаси од неговиот манастир. Свети Теодор добродушно ги претрпел сите измачувања и им пишувал на сите браќа што пострадале, утешувајќи ги и, убедувајќи ги трпеливо да ги истрпат сите измачувања, велејќи: „Вака Му е угодно на Бога, а сѐ што е од Бога, сѐ е за наше добро, ако искрено Му бидеме послушни Нему“. Тој му пишал и на римскиот папа, а од него примил утешно писмо со пофалба за неговата ревност за Бога и за неговата непоколеблива храброст.
Меѓутоа, царот живеел лошо, а царствувал уште полошо, заради што бил симнат од престолот и набргу умрел. – Царството преминало пак во рацете на мајка му Ирина, која го обновила иконопочитувањето. Таа веднаш заповедала да бидат вратени оние, кои нејзиниот син ги испратил на заточение. Тогаш се вратил и свети Теодор и одново ги собрал своите распрснати духовни чеда. И повторно продолжил нивниот богоугоден монашки живот во најдобар ред.
Но, по неколку дена, настанало ново страдање; тоа не било толку страшно како првото, но, сепак, било застрашувачко. Тогаш, Агарјаните се приближиле до Цариград. Не сакајќи да се изложува на страдања од нивните раце, светителот го оставил својот Секудион и се преселил, заедно со своето братство, во Цариград, каде што царицата и светиот патријарх, му го дале Студитскиот манастир, од кој што биле разгонети монасите од страна на иконоборецот Копроним, а нови монаси уште не придошле; тогаш имало таму само дваесет монаси.
Откако го примил овој манастир, свети Теодор веднаш ги направил потребните обновувања; доизградил што му било потребно, ги сместил своите собраќа и со уредност започнал новиот монашки живот. Манастирското братство се умножило и набргу се зголемило на илјада монаси. Немајќи можност да надгледува сѐ, светителот ја разделил оваа работа со други достојни старци, на кои им возложил да вршат надзор и да го запазуваат редот во разните видови на манастирски послушанија, па за секого од нив напишал соодветни правила. Преподобниот отец особено настојувал манастирските браќа да немаат потреба да излегуваат во градот за задоволување на некакви лични потреби. Затоа, основал во манастирот секакви дејности. Тие имале свои шивачници, чевларници, столарски работилници, стакларство, ковачници, каменорезни работилници и друго. Браќата се определувале за спомнатите занаети според своите способности и наклоности, а имале свој одговорен раководител и пазител. Сѐ се работело како во светот, но не на световен начин. Насекаде царувала побожноста и исправноста; нивните раце биле зафатени со работа, а во својата уста ги имале Исусовата молитва и псалмите Давидови. Секое нарушување на манастирскиот ред, мало или големо, било казнувано со одредена епитимија. За да има поретка неопходност за тоа. Преподобниот секогаш во своите поученија, изложувајќи ги општите христијански и монашки правила, говорел и за оние правила, со кои се одредувал редот на живеењето во неговиот манастир. Со ова се освежувало сознанието за она што е потребно и кај секого се засилувала ревноста да биде исправен во сѐ, дури и во најмалите работи.
Во тоа време тиранинот Никифор ја симнал од престолот царицата Ирина; првата негова работа била да ја вознемири Црквата со тоа што му го вратила свештеничкиот чин на некогашниот дворски свештеник Јосиф, којшто го венчал бившиот цар Константин со Теодотија, спротивно на каноните, и кој за тоа бил казнет со расчинување. Патријархот Никифор, кој го наследил патријархот Тарасиј, достоен да му се спротивстави на ова, во границите на своите сили, но потоа, гледајќи ја лутината на царот и опасноста да ѝ нанесе големо зло на Црквата, се согласил да го прими Јосифа во сослужение.
Но, свети Теодор и овојпат не се согласил и јавно ја изобличил неправдата на царот. Разгневениот цар го испратил светиот Теодор во заточение. Истото им го направил и на неговиот брат Јосиф и на старецот Платон, како и на некои други монаси од Студитскиот манастир.
Во тоа време Тракија ја нападнале некои народи, и царот морал да појде да се бори против нив. Пред да појде, тој се обидел со ласкање и заканување да го натера свети Теодор да му биде едномисленик, но светителот, кој бил раководен од Светиот Дух, му одговорил вака: „Царе, ти требаше сега да се подготвуваш да одиш на војна, да се покаеш и да поправиш сѐ што си разорил во Црквата Божја. Но, бидејќи ова не го направи, знај дека од оваа војна нема да се вратиш жив. Таква е Божјата праведна одлука за тебе“.
И навистина, царот бил убиен во таа војна. Него го наследил неговиот син Ставрикиј, но и тој набргу умрел од раните што ги добил во таа војна. Тогаш, за цар бил избран некој Михаил Куропалат, кој што навистина бил достоен за царската власт, затоа што бил и добар и правоверен, тој го вратил од заточение светиот Теодор, како и сите оние што биле заточени, им дал достојни почести и го вратил редот и единството во Црквата. А спомнатиот Јосиф, како недостоен, бил расчинет и оддалечен од Црквата.
Во тоа време светиот, и достоен за секаква пофалба, старец Платон се преселил кај Господа и од самиот патријарх бил опеан и погребен во Студитскиот манастир.
По смртта на својот духовен отец Платон, свети Теодор и манастирските браќа само две години живееле во мир и спокој. Потоа, пак се дигнала иконоборската бура и ја разбранувала целата Црква. Неа ја предизвикал новиот цар Лав Ерменец. Тој бил воен началник на војските во источните земји и востанал против благоверниот цар Михаил, кој што, за да ја избегне взаемната братска војна, самиот се откажал од царската власт и се замонашил, оставајќи му го царството на востанатиот тиранин.
Овој Лав, во почетокот, се покажал благоверен и кроток, но кога се зацврстил на царскиот престол, почнал да хули против светите икони и да ги гони иконопоклониците. Светиот патријарх Никифор, изложувајќи ја пред царот вистинската смисла на иконопочитувањето, го убедувал да не го нарушува мирот на Црквата со погрешното учење за светите икони. Но, царот не сакал да го послуша и, со силата на својата царска власт, настојувал да ги натера сите да го прифатат неговото мудрување.
Затоа ги собрал сите истакнати свештеници и монаси, а со нив и светиот патријарх, па и светиот Теодор, и јавно пред сите го изложил своето погрешно верување, пофалувајќи ги оние што не ги почитувале иконите и, прекорувајќи ги иконопочитувателите. Во основа на ваквото свое мудрување ја ставил главно втората Божја заповед: „Не прави за себе идол, ниту некаква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата, под земјата, немој да им се поклонуваш, ниту да им служиш“ (2. Мој. 20, 4). А кон ова го додавал и следното, велејќи: „Како е можно да се опише неизразливото и на икона од еден лакот да се смести безграничното?“ – „Како можеме да го именуваме божество она што е насликано со бои?“
Духовните отци со почит му објаснувале на царот, дека старозаветните закони не се безусловно задолжителни за христијаните и дека иконите Го претставуваат Бога, не како неопишан и безграничен, туку онаков како што благоволил да им се јави на светиите и особено како што се открил во Своето воплотување, дека не ги именуваат штиците и боите Бог туку Оној Којшто е насликан на иконите и кон Него духовно се издигнуваат кога ја гледаат Неговата света икона. Тие сите му говореле на царот, изложувајќи му ја оваа мисла на разновиден начин, а светиот Теодор, соединувајќи ги сите нив во едно, изговорил опширно слово за вразумување на царот, велејќи: „ Царе, од каде ти дојде оваа лоша мисла да ја дадеш оваа лоша и еретичка повелба во Светата Црква и да ја раскинуваш нејзината прекрасна риза, која е исткаена од благодатта одозгора и од апостолското и светоотечкото учење. – Ако мудруваш според Законот на Стариот завет, разумно мудрувај. Разгледај ги сите места во Стариот завет, каде што се забранува правењето на слика и подобија, како и нивното почитување. За што се говори таму? – Се говори за тоа дека, кога ќе биде направена таква слика или такво подобие, дека тоа не треба да биде почитувано како божество и дека не треба да му се поклонуваат, а не затоа дека воопшто не треба да бидат правени образи, слики и подобија и дека не треба да бидат почитувани. А Светата Црква не ги обоготворува направените со човечки образи, слики и подобија, туку само ги почитува како слики, а тоа е дозволено. Според тоа, како втората Божја заповед, така и сите други слични места од Стариот завет, слични на оваа заповед, какви што има многу, не се однесуваат на светите икони во Светата Црква. Тие се однесуваат, на пример, на Божјата повелба да бидат направени подобија на херувими и да бидат поставени на најсветото место во скинијата, над ковчегот на заветот. Бог дал повелба да се направи змија од бакар и сите што се каснати од змија – да ја погледнуваат со побожност за свое избавување. Во Светото Писмо на Стариот завет има и други слични работи.
„Па затоа, Стариот завет не го забранува правењето на иконите и нивното почитување, кога тоа и друго слично на тоа се прави разумно. А што гледаме во Новата благодат? – Самиот наш Господ и Спасител Исус Христос го направил Својот лик на убрус и му го испратил на Авгар, кој од допирот до него добил исцеление; светиот апостол Лука направил икона на Божјата Мајка со Предвечниот Младенец на нејзините раце, и кога ѝ ја дал, таа го изрекла врз неа благословот на Својот Син и Бог. Потоа, Светата Црква никогаш не била без светите икони, од кои многу се покажале чудотворни и досега остануваат такви. Зар сето ова не покажува појасно од самото сонце дека иконописот и иконопочитувањето немаат човечко потекло, туку божествено? – А ти што ми говориш? Говориш дека не сакаш невидливото и неописивото Божество да биде сликано со бои. И ние веруваме дека Бога не можеме да Го видиме и да Го опишеме, но ние на иконите не Го претставуваме каков е Тој по суштина, туку онаков каков што благоволил да ни се објави, особено во воплотувањето на Богочовекот Исус Христос. Кој не ја почитува иконата на Христа Спасителот, тој не го почитува ни самото Негово воплотување.“
Откако го ислушал сето ова, царот се разгневил и му рекол на преподобниот Теодор: „Јас одамна знам дека си склон кон расправии и горделив и дека мислиш дека си попаметен од сите; и сега говориш со такво непочитување со мене, како со обичен човек, така што заслужуваш сега да бидеш накажан. Но, јас те поштедувам додека не се раскрие правината на нашето размислување; ако и тогаш не се покориш, не чекај никаква милост.“
Потоа, отците што биле во царскиот дворец, одлучиле веќе да не говорат ништо. А, и каква е ползата од тоа што му се говори на некого кој што не ја разбира вистината и вразумувањето, туку сака со сила да ја искривува вистинската вера? А блажениот Теодор му рекол на царот: „Сфати, царе, дека не е твоја работа да се мешаш во верата на Светата Црква. Твоја работа е да раководиш со световните работи, а работата на духовните пастири и на црковните учители е да ја пазат верата и Светата Црква. Слушај што говори светиот апостол Павле: „Од вас Бог постави во Црквата прво за апостоли, второ за пророци, трето за учители“ (1. Кор. 12 28). Слушаш ли, учители, а не Цареви. И на други места во Светото Писмо се говори за тоа, дека со црковните работи треба да управуваат пастирите и учителите на Светата Црква, а не царевите.“
Тогаш царот му рекол: „Па зар ти ќе ме изгониш од Светата црква?“ – Светителот му одговорил: „Не, не јас: од Светата Црква изгонуваат каноните на светите апостоли и на светите отци. Одејќи по нив, и Ние тврдиме дека, ако и ангел од небото почне да ни објавува нешто што е спротивно на верата, да биде анатема. Па затоа, ако сакаш да бидеш во Светата Црква заедно со нас, кои ѝ се поклонуваме на Христовата икона, тогаш следи го во сѐ патријархот и целиот свет собор.“
Откако ги ислушал овие зборови, царот се налутил многу и ги избркал сите што биле кај него, а потоа издал наредба, преку грчкиот епарх, дека никој не смее да води расправии за верата, а притоа да не ја следи волјата на царот. Кога слушнал за ова светиот Теодор, тој им рекол на оние што му ја предале оваа наредба: „Просудете дали е справедливо пред Бога вас да ве слушаме повеќе отколку Бог“ (Дела 4, 19). Подобро е да дадеме да ни биде отсечен јазикот, отколку да молчиме кога треба да ја браниме верата, кога се обидуваат да ја искриват. И тогаш, почнал да ги учи сите без страв цврсто да ја пазат својата вера, кога некој сака да ја искривува верата, која им е предадена од светите отци. Едни повикувал при себе, кај другите одел тој самиот, а на некои им пишувал писма и послушанија: често одел и кај патријархот, со цел взаемно да се утешуваат со заедничката вера, а и затоа – да го охрабри за поднесување на претстојните страдања и гонења.
Набргу отпочнале гонењата и страдањата. Патријархот бил симнат од својот престол и прогонет од Цариград, а и сите православни архиереи биле испратени во прогонство: монасите биле навредувани и газени со нозе, а некои од нив биле спалувани, па во целиот град настанало големо безредие. Гледајќи го сето ова, преподобниот Теодор длабоко жалел во својата душа и решил да им даде јавно почитување на иконите „спротивно на нивното обесветување и непочитување, па наредил, на празникот Цветници, да се направи литија околу неговиот манастир, во која браќата носеле свети икони и, издигнувајки ги високо, пееле: „На пречистиот образ се поклонуваме, Благи!“, а пееле и други црковни песни.
Кога дознал за ова царот му се заканил со страшни казни, и ако не престане да ги брани иконите дека го очекуваат страдања, заточение и смрт. Но, бидејќи светителот не можел да не го прави ова со зборови и со пишување, тој бил осуден на прогонство во Аполонија – во Византија, и бил затворен во тамошната крепост, наречена Метопа.
Но, сепак, тој и оттаму испраќал, посланија, убедувајќи ги верниците дека треба да ги почитуваат иконите, како што установила Светата Црква. Неговите посланија дошле и до царот. Тогаш, тој веднаш го испратил некој Никита, син на Алексеј, да го одведе преподобниот отец уште подалеку, во местото, наречено Вонита, каде што требало да биде затворен и строго да му се забрани да разговара со некого и да пишува за иконопочитувањето. Кога пратеникот му ја соопштил царската заповед, тој одговорил: „Со радост ќе го променам местото, зашто Бог е насекаде: но, да не говорам и да не пишувам, не можам.“ И навистина, таму, каде што го одвеле, тој продолжил и да говори и да пишува.
Кога разбрал за тоа царот, силно се разгневил, го испратил истиот Никита, да го подложи на ужасни телесни измачувања. Кога пратеникот му го рекол тоа, свети Теодор со радост самиот ја соблекол својата монашка риза и го изложил своето тело за тепање. Но, кога Никита видел колку е истоштено телото на преподобниот, раката негова не се кренала да му нанесе удари. Се вратил, без да се допре до светителот.
Но, и потоа светителот Теодор продолжил без страв да ја шири вистината за светите икони, говорејќи опширно со оние што доаѓале кај него и пишувајки посланија кои што ги испраќал насекаде. Тој им пишувал и на патријарсите во Ерусалим, Александрија, Антиохија и Рим опишувајки што се прави во Цариград и, молејќи ги да му помогнат на Православието, и со молитва и со дела.
Случајно некој клирик од Азиската црква отишол кај него, кој откако слушал како говори за светите икони, ја отфрлил иконоборечката ерес и се обратил во Православието, па кога се вратил во своето место, обратил и еден друг клирик. Кога дознал за тоа надлежниот епископ, тој му се пожалил за ова на царот, а царот му заповедал па азискиот војвода: да го подложи преподобниот на големи телесни измачувања. Војводата испратил свој човек, да го подложи светителот на педесет тешки удари, но и тој, кога го видел откриеното тело на преподобниот, се засрамил да дигне рака на него и се вратил без да ја изврши лошата волја на царот.
Овој пратеник уште не успеал да се врати кај оној што го испратил, кога кај свети Теодор пристигнал нов пратеник од самиот цар, по име Анастасиј, кој бил жесток и без срце, тој со своите раце му задал сто рани. Истото му го направил и на неговиот ученик Николај, а потоа, обајцата ги заклучил во некое темно и тесно место, откако заповедал да ги пазат строго и да ги лишуваат од сѐ. Оваа строга наредба била целосно исполнета. Биле затворени во една мала, темна, смрдлива и влажна просторија. Низ еден тесен отвор им фрлале по парченце леб, кое не било доволно ни за еден: им давале по малку и вода. Тоа го правеле секој втор ден, а понекогаш и поретко, зашто имале намера да ги умрат со глад. Болката од раните и грубоста на чуварите ја зголемувале нивната тешка положба. Светиот Теодор, поткрепуван со својата силна вера, се хранел само со Пречистото Тело на Господа, со даровите подготвени за причестување на болни, кои ги имал кај себе, а сѐ што им давале за храна го оставал на својот ученик Николај.
По извесно време, минувал низ тоа место некој царски великодостојник и кога дознал за тешката положба на преподобниот Теодор и на неговиот ученик, заповедал, да им ги олеснат страдањата, да им даваат повеќе храна и пиење, и да се однесуваат со нив почовечно. И така, изминале три години. На царот му паднало в раце едно послание од преподобниот Теодор, во кое се изобличувала кривоверноста на царот и биле давани поуки силно да го пазат Православието, претрпувајќи за него гонења и маки. Се разгневил царот и испратил некој од своите великодостојници со ѕверски особености, за да му го покаже тоа послание на преподобниот и, откако се уверил дека е напишано од него, да го изнатепа до последен здив. Преподобниот признал дека посланието е од него, и тогаш бил подложен на безмилосно тепање, оставајќи го полумртов. Така постапиле и со неговиот ученик. Откако ја наситил ѕверската лошотија, пратеникот се вратил кај царот, а страдалниците за вистината почнале да се грижат еден за друг. Свети Теодор не можел да стане, лежел изнемоштен и едвај дишел, ни пиел, ни јадел. И неговиот ученик не бил во подобра положба, но се заборавил себе си и сета своја грижа му ја посветувал на преподобниот, хранејќи го со некоја чорба од јачмен и некаква трева. Кога светителот: закрепнал, тогаш тој почнал да му помага на својот ученик, особено во залечувањето на неговите рани. Си ги чистеле раните еден на друг, ги потсечувале парчињата месо што висело и ги премачкувале и измивале со она што можеле да најдат.
Така се измачувале деведесет дена и додека не биле уште закрепнати, пристигнал еден друг царски пратеник, жесток и нечовечен, со заповед: страдалниците да ги одведе во Смирна. Ова било направено со немилосрдност: со лишувања, повреди, страдања и со секаква немоќ. Само особената Божја помош им дала сила на страдалниците да можат да дојдат до тоа место. Овде биле предадени во рацете на месниот епископ, кој што бил лош човек и учител на погрешно верување. Тој ги заклучил во една ниска, темна и тесна визба, каде што трпеле големи страдања и лишувања.
По извесно време, пак пристигнал некогашниот царски пратеник Атанасиј, па, откако му задал нови сто рани на преподобниот, се вратил при царот. Но, преподобниот и сето тоа добродушно го претрпел, благодарејќи Му на Бога.
Со областа на Смирна тогаш втадеел еден внук од сестра на царот и негов истомисленик. Тој се разболел и му се заканувала смртта. Некој од оние што служеле кај него бил правоверен, па му спомнал за светиот Теодор, дека има дар да лекува. Болниот испратил молба кон преподобниот да се моли за него. Преподобниот, откако ги наброил сите негови ѕверства над православните, за кои заслужил вечни маки, му предложил да се покае, макар пред крајот на својот земен живот. Се исплашил управителот од она што го очекувало и се обратил кон преподобниот, просејќи да се моли за него и ветил дека ќе го прими Православието, ако добие исцеление. Свети Теодор му испратил икона на Света Богородица и му заповедал да ја почитува сѐ до крајот на својот живот. Откако ја примил иконата, тој веднаш почувствувал олеснување, и почнал да закрепнува. Неговото оздравување веќе се приближувало кон крајот, кога, под влијание на смирнскиот еретички епископ, пак се вратил кон иконоборците. Потоа, примил од тој епископ како благослов елеј за помазување. Но, штом се помазал, болеста му се повратила и тој ја испуштил својата грешна душа.
Повеќе од половина година страдал преподобниот во Смирна. И уште би страдал, но кривоверниот цар го убиле, а на негово место дошол Михаил Травлиј или Валвос, кој што бил рамнодушен кон верата и секому дозволувал да верува како што сака. За време на неговото царување добиле слобода сите прогонети и заточени. Дошла заповед да бидат ослободени и свети Теодор и неговите ученици. Во изгнанства и заточенија за време на Лав Ерменец, светителот Теодор поминал околу седум години, а и пред тоа пет години, за време на царот Константин, затоа што го изобличувал за неговиот незаконски брак.
Тогаш, кај преподобниот отец се собрале сите негови ученици што биле во прогонство, и сите заедно се вратиле; насекаде биле пречекувани со радости и со љубов, зашто целата Црква се радувала на нивното ослободување и враќање. Кога дошле до Халкидон, таму се виделе со патријархот Никифор; се утешиле како сострадалници за делото на правоверноста. Заедно со него, тие отишле кај царот, се обиделе да го убедат да го прими Православието. Но, тој им рекол: „Јас не сакам да им се поклонувам на иконите и не сакам да ги има во Цариград; имајте ги каде сакате и почитувајте ги како што знаете.”
Оттаму, свети Теодор, заедно со своите ученици, отишол во Крискентиевите места и, откако се населиле таму, најпосле, чекал да го добие својот спокој. Но, во времето на востанието на некојси Тома, кој сакал да го преземе царскиот престол, тој бил приморан привремено да се крие во Цариград, додека не завршиле немирите, зашто не сакал постојано да живее во Цариград, кој што бил исполнет со еретичкото иконоборство. По смирувањето на оваа бура, тој пак се вратил во Крискентиевите места, а во Акритов Херонис, во црквата на светиот Трифун, го поминал остатокот на својот живот, опкружен со своите ученици.
Најпосле, дошол и неговиот блажен крај. Починал во својата шеесет и седма година. Кога се раширила веста за ова, почнале да се собираат околу него луѓе од разни чинови и служби, блиски и далечни. Сите сакале да ги чујат неговите зборови, и преподобниот отец говорел, но бил многу истоштен и слаб, така што и оние кои биле близу до него едвај можеле да го чујат. Затоа, поставиле околу него брзописци, за да не ги лишат од поука оние што не можеле да ги чујат зборовите на светителот. Кој сака може да ги прочита овие поучни зборови во кодексот на поученијата од преподобниот отец. Но, болеста се одложила извесно време, така што светителот можел да оди, да присуствува на црковните богослужби, а во неделните денови да служи и света Литургија. Така тој, на шести ноември, на празникот на светиот Павле Исповедник, откако ја отслужил светата Литургија и ги поучил браќата, присуствувал и на вечерната богослужба, но откако се вратил во својата ќелија, легнал во својата постела и болеста негова се вратила. Боледувал четири дена, и на петтиот ден се преселил при Господа, каде што нема никакви болки и болести.
Кога се приближил часот на неговото упокојување, браќата се собрале околу него и плачеле. Гледајќи ги, и тој просолзил и им рекол: „Еве, отци и браќа, дојде крајот на мојот живот. Сите ние сме должни да ја испиеме својата чаша, некои порано, други – подоцна, но никој не може да помине покрај неа. Јас си одам од вас по патот, по кој си отишле и нашите отци; одам таму, каде што е вечниот живот, каде што е Бог и нашиот Господ, Кого Го засакала мојата душа, по Кого копнее моето срце. Чиј слуга се нареков, иако работите не ги извршив како што требаше да ги извршам. А вие браќа и чеда мои, пазете ги моите зборови што ви ги предадов, пазете ја вистинската вера и живејте богоугодно. Знаете дека не престанав да ви го проповедам Божјото слово и в црква и поодделно, а и сега усрдно ве молам: пазете го сето тоа во својот ум и живејте според него. Имам жалост во срцето свое заради вас, зашто треба да дадам одговор за секого пооделно: Потрудете се да си отидете од тука така, за да застанете невиновни пред лицето на Господа.“
Откако ги изговорил овие зборови, им рекол на своите ученици да земат свеќи, да ги запалат и да ја пеат исходната песна. И тогаш учениците негови, стоејќи околу него, почнале да го пеат 118-от псалм: „Блажени се непорочните…“. Па, кога испеале сѐ и дошле до 93-от стих: „Никогаш нема да ги заборавам Твоите правила, зашто преку нив ме оживуваш“ (Псал. 118, 93), со овие зборови преподобниот ја предал својата душа.
Неа ја примиле Божјите ангели и ја понеле кон Божјиот престол, како што вистински сведочи за ова преподобниот Иларион Далматски, кој имал видение за ова. Тој ден, 11 ноември, одел тој осамено во својата овошна градина и пеел псалми, кога слушнал пречудни гласови и почувствувал неискажлива пријатна миризба. Вчудоневидувајќи се од тоа што се случувало, погледнал кон небото и видел мнозинство белорисци како слегуваат од височините, пеејќи песни, за да пречекаат едно пречесно лице. Кога го видел сето тоа, блажениот во голем страв паднал на земјата и слушнал како некој проговорил и рекол: „Ова е душата на Теодор, игуменот на Студитскиот манастир, кој пострадал до крв за светите икони: сега него, упокоениот, свечено го придружуваат нагоре, а небесните сили слегоа, за да го пречекаат.“ Ова свое видение блажениот Иларион им го раскажал на другите добродетелници. Тие го забележале денот и часот на овој настан и, по извесно време; дознале дека токму тогаш се упокоил во Господа преславниот Теодор Студит.
Свети Теодор се упокоил на 11 ноември 826 година, во сабота. Неговото упокојување било придружено со многу чуда, какви што имало и за време на неговиот живот: многу чуда се извршиле и потоа – од неговиот гроб и од неговите свети мошти.