




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM III
Преподобниот наш отец Јован Карпатски
Кратки податоци за него
За светиот наш отец Јован Карпатски не знаеме ништо ни кој бил, ни во кое време живеел и дејствувал, ни каде се подвизувал, ниту што и да е што се однесува на неговата личност и на неговиот живот.
За него говори и сведочи само блажениот Фотиј, Цариградскиот патријарх, во 201-то изложение: „Ја прочитав книгата, во која, освен десетте дефиниции за главните добродетели и стоте поглавја од Диадох, епископот на Фотика, која се наоѓа во Епир, и неколкуте списи на преподобниот отец Нил, се наоѓа и списот од Јован Карпатски, на кој што му го дава следниот наслов „Утешни зборови кон монасите од Индија, кои му побарале утеха“.
Овој спис се состои од сто глави. Врз основа на овие зборови за свети Јован, и за свети Диадох, и за свети Нил, може да се заклучи дека бил нивни современик и дека живеел во петтиот век. Карпат е голем остров меѓу Родос и Крит. Свети Јован или бил роден таму или таму се подвизувал. Со своите поуки светиот отец ги закрепнува своите читатели со охрабрување при претрпувањето на маките и искушенијата во кои се наоѓале.