“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
НА ДЕНОТ НА БЛАГАТА ВЕСТ БЛАГОВЕШТЕНИЕ – БЛАГОВЕЦ
25 март/07 април 2021
Зачало 3 (Лука 1, 24-38)
Толкувањето на светото Евангелие:
Протоереј Миле Талески
„Во оние дни, зачна Елисавета, жената на Захариј и таеше пет месеци, велејќи: Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледа, за да го отстрани укорот меѓу луѓето. А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гаврил во галилејскиот град, по име Назарет, при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија. И кога влезе ангелот при неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!” А таа, штом го виде, се вознемири од зборовите негови и размислуваше: „Што значи тој поздрав?” И ѝ рече ангелот: „Не плаши се, Марија, зашто си нашла благодат во Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.” А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?” Ангелот ѝ одговори и рече: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неротка, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец; зашто кај Бога ниеден збор не останува невозможен.” Марија, пак, рече: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!” И ангелот си отиде од неа.“
Откако евангелистот прво ни го опиша зачнувањето на Претечата, сега, мудро пак, пред да премине на благата вест донесена од Архангелот Гаврил на Пресветата, го започнува расказот со Елисавета, која, зачна во оние дни. И ако некој праша кои се тие дни? Тие се дните во кои се исполни времето на доаѓањето на Бог во тело, дните кои му претходеа на великото, чудесно и таинствено раѓање на Спасителот наш, Господ Исус Христос. Тие се дни во кои се исполнија сите пророштва, и во кои настапи времето проречено од Даниил, кога на престолот на Давида веќе немаше цар од Јудиното колено; и кога човечкиот род во немоќ воздивнуваше, очекувајќи спасение. Со врската којашто тука евангелистот ја прави, всушност, сака да покаже дека не само што Јован Претечата како последен старозаветен пророк е врската помеѓу стариот и новиот Завет, туку, и мајката од која е роден, која преку својата неплодоност ја отсликува неплодноста на стариот свет, кој, како некое старо исушено дрво не можел да донесе плод без Божјата помош и сила; токму со Неговата сила и моќ, во одминати години, кога поради староста и на телото и на душата, поради немоќта на природата, објавува пролет. И затоа, таа како да се срамеше зашто зачна во стари години и криеше пет месеци. Но кога младенецот во неа радосно заигра од поздравот на Пречистата, и самата знаејќи дека Господ го отстрани укорот од неа меѓу луѓето, од тој ден, смело се однесуваше како мајка на таков син, кој, дури и пред да биде роден беше почестен со пророчко достоинство. И видете ги какви се чистите садови преку кои Бог го исполнува Својот план за спасението на луѓето. Елисавета и самата не знае ништо за Божјите планови, но нејзината кротка и исполнителна на волјата Божја душа само ќе рече: „Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледа, за да го отстрани од мене укорот меѓу луѓето“. Божјото чудо таа го толкува како милост Божја кон неа. И сосема исправно, иако ако речела дека, Бог и преку неа ја покажал милоста кон сиот стар свет кој бил неплоден, ниту малку немало да згреши. Зашто, со чудото преку неа, Бог подготвувал уште поголемо чудо, со кое сакал, да го тргне срамот и укорот на човечкиот род не само на земјата, туку, и пред ангелите на небесата.
„А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гаврил…“, а ова е времето сметано од зачнувањето на Претечата. И тука, евангелистот особено го нагласува фактот дека девојката, Пресветата Марија, беше свршена за Јосиф, кој потекнува од домот на Давида, зашто и самата беше од Давидовото колено, а со тоа да покаже дека во се’ е исполнет Законот кој предвидувал сопружниците да бидат од исто колено (види 4 Мојсеј 36, 6-9). Божјиот гласник, Архангел Гаврил, се јавува на девојка, бидејќи преку чиста утроба на девојка требаше да помине и да дојде Создателот на светот, Кој, сега доаѓа да го пресоздаде создаденото; да изврши ново создавање на паднатиот човек. А за таа цел, се’ треба да биде чисто и неизвалкано, се’ треба да биде спротивно на распаднатиот и нечист човек, кој, стана нечист со непослушност кон Создателот. Не преку жена, зашто и колку таа да биде возвишена со духот, исполнета со секакви добродетели какви што биле и Сара, и Рахила, и Ана и Елисавета, сепак, бидејќи врзана за својот маж, не е слободна од светските желби и пристрасности, но девојка, којашто, иако израсната во тело во распаднатиот и нечист свет, како на некое сметиште, сепак, останала недопрена од распадливоста на светот. И тука веднаш настапуваат противниците на чистотата на Богородица со своите безброј сомнежи, клевети и прашања и велат: Тогаш, зошто оваа одбрана од Бога девојка била свршена за Јосиф? Затоа што, вие, таквите клеветници кои само површно се допирате до верата со вашите мрачни философирања и човечки умувања, никогаш не сте можеле и не можете да проникнете во Божјата премудрост, во Неговата промисла и предвидливост. Што мислите? Кој судија од земните судии кој би размислувал како вас, во случај ова да останало непредвидено од Бога на ваков начин решено, би заштитил и не би осудил според строгоста на Законот, девојка, која родила без маж? Зарем не е јасно дека Бог само со формален брак пред Законот, сакал да ја заштити својата избраница, не само од потсмев од демоните, но и од потсмев и опасност по животот и од луѓето. Зарем не е јасно дека Бог, за да ги заштити и луѓето од искушение, предвидел и устроил Пречистата и нејзината Рожба да ја прикрие под превезот на свршувачката. Во својата беседа на евангелието по Матеј, светиот Јован Златоуст за ова рекол вака: „Кога Самиот Христос многу што од почетокот прикриваше, нарекувајќи се Себе Син Човечки и не откривајќи ја насекаде Својата еднаквост со Отецот, зошто се чудиш што и ова го прикри, подготвувајќи некоја возвишена и голема тајна?“ И зошто Јосиф? Затоа што беше богобојазлив, и како што Јосиф во Египет ја беше сочувал својата и телесна и душевна чистота, така и овој Јосиф беше чист и праведен, и врвеше праведен пред лицето на Бога, та, преку неговата чистота, на верните да им се олесни совеста во верувањето дека плодот од девствената утроба на Богомајката е навистина од Светиот Дух. Затоа, кога ќе слушнеш како евреин сомнително прашува: како роди Богородица? Одговори му и прашај го да ти каже: како родија неплодните и остарени Сара, Рахила, Ревека, Елисавета и Ана? Ако, пак, евреин и било кој друг праша: како Богородица роди без маж? Тогаш и ти прашај го: како се роди Адам без мајка и како Адам ја роди Ева без жена? Речете му на секој кој се сомнева во силата на Бога, дека неразбирајќи ја тајната за Богородица и пречистото раѓање на Спасителот, дека наликува како на оној на кого се однесуваат зборовите Божји преку пророкот Исаиј: „Секое пророштво за вас е она исто, што се зборовите во запечатената книга, што му ја даваат на оној, кој знае да чита книга, и велат: „Прочитај ја”, а тој одговара: „не можам, зашто е запечатена.” И му ја даваат книгата на оној, кој не знае да чита, и велат: „Прочитај ја”; и тој одговара: „Не знам да читам”. И рече Господ: „Бидејќи овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој Ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене, и почитувањето нивно пред Мене е само научено човечко правило; затоа, ете, Јас ќе постапам пак необично со овој народ, чудно и чудесно, така што мудроста на мудреците негови ќе загине, и разум во разумните нема да има (Исаиј 29, 11-14).
„И кога влезе ангелот при неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!” О, преубав и пресладок поздрав! Поради падот и срамот што Ева му го нанесе на Образот Божји, Бог нејзе и рече: „со болки ќе раѓаш деца“ (1 Мојсеј 3, 16), а сега, на новата Ева, Архангелот ѝ вели: „Радувај се благодатна!“ Бидејќи Ева беше проколната, сега Пречистата слуша: „Благословена си ти меѓу жените!“ Со овие зборови започнува драмата на новото пресоздавање. Овие се првите зборови што ја спуштија завесата за откривање на големата Тајна. Архангелот Гавриил ја нарекува Пресвета Богородица благодатна, затоа што, нејзината душа беше пречиста, исполнета со животворните дарови на Светиот Дух. Таа беше небесниот благопријатен мирис и небесната чистота на земјата која архангелот со трепет ја поздравува. Дури и самиот архангел ништо да не знаел за Тајната на Божјото воплотување, само со тоа што бил испратен благата вест да ѝ ја соопшти токму на оваа Девојка, тој, знаел и бил свесен за нејзината чистота, бил свесен дека е исполнета со даровите на Светиот Дух. Зашто, кога самата би била без благодат, јасно му било дека таа би била иста, или слична како оние, чија душа е затворена за Бога. Но бидејќи му било заповедано да ја поздрави со такви благослови, не можел а да не стои без трепет пред неа, која како Мајка на Живиот Бог, примајќи Го Бога во себе, ќе се нарече и поширока од небесата. „А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: „Каков е овој поздрав?” Великиот Гаврил, кој, на почетокот на времето бил присутен на создавањето на човекот, и кој имал моќ да продре во човечките души, ги видел вознемирените мисли на Пречистата, и веднаш побрзал да ја смири. „Не плаши се, Марија“, и вели архангелот, „зашто си нашла благодат во Бога“ Свети Андреј Критски во својата беседа на Благовештението како да сакал да продре во мислите на архангелот кога вели: „Не плаши се, Марија! Ти си нашла благодат во Бога, благодат што не ја доби Сара, којашто не ја почувствува Ревека; си нашла благодат, со која не се удостои ниту славната Ана, ниту Фенана, нејзината соперничка. Зашто, иако станаа мајки, тие сепак го изгубија девството во бездетството, а Ти, станувајќи Мајка, го чуваш своето девство недопрено. Затоа, не плаши се; Ти најде благодат Божја – благодат, којашто освен тебе, никој друг од вечноста не ја добил“. И откако ја смири, ѝ ја пренесе благата небесна вест: „и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.”
Од ова јасно се гледа дека Божјиот гласник зборува со голема прецизност опишувајќи притоа се’ во смисла на тоа, Кој е Оној што треба да се роди од неа; дека нејзиниот Син ќе биде очекуваниот Месија. Значи, се’ што во умот на духовно воспитаната Дева Марија се однесува исклучиво на очекуваниот Месија. Архангелот ѝ зборува на Богородица не сè за Господ Иисус Христос, туку, само за она што таа го знаела како пророштво. Значи, тој не ѝ зборува за Него како Спасител на сиот човечки род, како Судија на сите живи и мртви, и уште помалку како за Слово Божјо, Создател на се’ видливо и невидливо, Еден од Светата Троица. Таа, очигледно самата не беше подготвена да прими толку многу, а Самиот Бог ѝ објавува само толку колку што во тој момент може да носи и да не остане збунета. И затоа, на архангелот му било заповедано да се држи само во рамките до тоа време на разбирањата и поимањето на Израилците. Тој всушност, само со неколку реченици го собрал сè што е на повеќе места кажано во пророчките книги, и што и самата таа знаела, имено, кај ( Исаиј 9, 6-8; 10, 16; 11, 1; Еремиј 25, 5; 30, 9; Езекил 34, 24; Осиј 3, 5; Михеј 5, 4; Псалм 131, 11; Даниил 2, 44): „Му се заколна Господ на Давида со верност, и од неа нема да се откаже: ‘Од плодот на твојата утроба ќе поставам на престолот твој’“(Псалм 131,11), и така натаму.
Пресветата не се посомневала во зборовите Господови, објавени од архангелот, но очигледно, иако ги знаела точно зборовите од пророкот Исаиј: „ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му Го дадат името Емануил“, таа никаде не можела да прочита или да дознае на кој начин ќе стане зачнувањето. И затоа нејзиното прашање што следувало, никако не покажува неверување или сомневање во зборовите на архангелот, туку, едноставно, ја покажува нејзината искреност и навистина со ништо ненарушена чистота на нејзиниот ум и душа. „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?” О, пречисти зборови, изговорени од пречистата ѝ уста и од пречисто ѝ срце! Оваа нејзина чистота му беше повеќе од очигледна на благовесникот, зашто, прашањето не беше поставено со сомневање како што тоа го направи Захариј, и кој, заради тоа беше казнет со немост додека не се исполни зборот на благовестителот. И, иако прашањата со кои и Захариј и Марија се свртуваат кон архангелот се слични, сепак, нивните срца се сосема различни.
Единствено зачнување со директно дејство на Светиот Дух е зачнувањето на Пречистата Дева Марија. Во целата историја на создадениот свет, од Адам до Христос, немало таков случај, и ниту ќе има. „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени;…“, а ова, со други зборови значи: Таму каде што Бог сака, таму природата бидува покорена на Божјата волја. Пак така, природата и нејзините закони, а бидејќи Законодавец е сепак Самиот Бог, не можат да бидат пречка кога живиот Бог ја извршува Својата волја и Неговата промисла за спасение на луѓето. Светиот Дух дава живот на два начини, индиректно или директно. Директно давајќи првопочетно живот во Рајот, пред падот, и рече Бог – и би така! И по падот, индиректно, преку созданијата, или како ние го разбираме и го нарекуваме, со посредство на природата и законите дадени на природата. Но Бог, има неограничена моќ и дава живот директно и според Неговата волја, и во согласност со Божјиот домострој за спасение на луѓето. Како и да е, Светиот Дух, Кој, дава живот и на двата начини, Тој е и Господар на животот. Природата, таква каква што е создадена е само некој вид на работилница, низ која работи Светиот Дух.
И, откако Пресветата го слушна објаснувањето на гласникот Божји, и како што само нејзе и приличеше, најскромната и најсмирената од сите родени на земјава, својот разговор со архангелот го заврши со најсмирените и најкротките зборови што човек некогаш ги изговорил: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!” И внимавајте, таа не рече: „Еве, ја слугинката твоја“; но вели: еве ја слугинката Господова“, зашто, таа знае дека и архангелот е служител Божји, испратен од Бога да ѝ ја пренесе волјата Божја. Но внимавајте и на секој нејзин збор, зашто, секој нејзин збор е одмерен, мудар и ја покажува нејзината духовна зрелост. Зашто, таа исто така, не му вели: „нека ми биде според Господовите зборови“, иако таа знае дека тие се всушност Господови зборови, но таа сака да го почести архангелот со тоа што му ја оддаде потребната почит и нему, велејќи: „нека ми биде по зборовите твои“, а со тоа покажа и колку го смета и го прифаќа него како близок до Бога, кој е достоен да донесе на земјава таква радосна вест. Како и да е, сепак, во нејзините зборови е изразена најголемата подготвеност од било кого дотогаш, за послушност на волјата Божја, преку целосна понизност. Исто така, со голема слобода можеме да речеме дека, ваков мудар одговор можело да даде само срце исполнето со чистота, какво што било срцето на Пресветата. Срцето, пак, на Ева беше тоа коешто се извалка со гордост и непослушност, и како последица, и нејзиниот ум беше потемнет од гордоста и непослушноста кон Бога. А со тоа и првосоздадениот свет пропадна, примајќи распадливост; човечкиот род беше обезличен, и целото создание беше обесправено. Сега, пак, со новата Ева, Пречистата Богородица и Приснодева Марија, од моментот кога таа понизно ја наведна главата со смирение и послушност, се зачна Словото Божјо, Коешто требаше да прими тело, со што започнува да се гради, односно, да се пресоздаде новиот свет, кој ќе се гради врз темелот на смирението и покорноста. Послушноста и покорноста на Пресвета Богородица се со зборови неопишани, и само Нејзиниот единороден Син, Спасителот и Обновителот на сите созданија, ќе ја надмине неа во Неговата неизмерна послушност на Отецот и Неговото смирение и покорност. А ние, уште еднаш да ѝ запееме на Мајката Божја:
„Тебе, Богородице, поборнице војвотко, ние твоите слуги, од злото избавени, победна и благодарствена песна ти пееме: Како онаа што имаш сила непобедива, од секакви неволји ослободи не’, за да ти викаме: Радувај се, Невесто неневесна!“ (Кондак на празникот).
Презентира,
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада