




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – ТОМ II
Преподобен Отец Нил Синајски
1.Слово за молитвата
Сто педесет и три глави за молитвата
Предговор
Во свое време ти ме дигна мене што бев на постела од огнена треска на нечистите страсти, преку допирот на твоето богољубиво писмо, и умот мој, кој боледуваше од најсрамните болести, го закрепна со твојата утеха, угледувајќи се блажено на големиот наш Учител. И тоа не беше одамна, твоја судбина, секогаш била да го бараш она што е славно и значајно, како што правел и старозаветниот патријарх Јаков. Затоа, откако поработил добро за Рахила и ја добил Лија, ја барал и онаа што си ја засакал, па и за неа поработил уште седум години (Сп. 1. Мој. 29,20-28).
А јас не порекнувам оти сознавам, дека се трудев цела ноќ и ништо не уловив, но според твоите зборови ги фрлив мрежите и уловив многу риби, но не мислам дека се големи, но сепак ги има сто педесет и три (сп. Јован 21,11). И токму нив ти ги испраќам во кошницата на љубовта, а со ова ја извршувам твојата заповед, откако го составивив толкавиот број на главите за молитвата. Јас ти се восхитувам и ти ја ублажувам твојата желба што побара од мене не нешто друго, туку ги побара токму главите за молитвата; и што побара тие не само да бидат напишани со рака на хартија, туку да бидат внедрени во умот преку љубовта и незлобливоста. Бидејќи “Сѐ е двојно, едно спроти друго “, според зборовите на Исуса синот Сирахов (сп. Мудр.Сирах. 42,25), тогаш не примај ги само како букви, туку и разбери ги со својот дух.
Не прекорувај ме за малиот број на главите, бидејќи ти умееш да живееш и во скудност, а знаеш да живееш и во изобилие (сп. Фил. 4,12). Не прекорувај ме и не карај ме, бидејќи Господ не ги отфрлил двете лепти на вдовицата, туку ги примил со поголема наклонетост отколку и најголемите на многумина други. Туку, знаејќи дека имаш добро расположение и љубов кон твоите искрени браќа, моли се за мене болниот, за да бидам здрав, да си ја земам постелата и, со благодатта Христова, да почнам да одам.
Сто педесет и три глави за молитвата
1. Ако некој посака да направи миризлив темјан тој треба да земе по четири еднакви дела “стакта, оникс, халван миризлив и чист темјан” (2. Мој. 30,34). Тоа се четирите добродетели: воздржливоста, храброста, мудроста и правдата. Кога сите тие се присутни во душата во потполно совршенство и со еднаква сила, тогаш умот, се разбира, нема да биде предаден од некаков внатрешен предавник.
2. Душата, откако се очистила со полнотата на добродетелите, го става умот во состојба на непоколебливост, го прави способен и да навлезе во таква расположба каква што е потребна за молитвата.
3. Молитвата е разговор на умот со Бога. Од каква расположба има потреба умот, за да може, без да гледа таму-ваму, да може да се издигне кон својот Господ и да разговара со Него без некаков посредник.
4. Ако на Мојсеја, кој намеравал да ѝ се приближи на капината што горела, му било тоа забрането сѐ додека не ги собуе обувките од своите нозе (сп. 2. Мој . 3,5), – тогаш како ти – нема да се ослободиш од секоја страсна помисла тогаш, кога сакаш да Го видиш Оној, Кој е над секое чувство и над секоја помисла и да бидеш Негов собеседник.
5. Пред сѐ, моли се да добиеш солзи, така што да можеш со плачењето да ги омекнеш тврдоста и нечувствителноста, кои се наоѓаат во твојата душа, па откако Му ги кажеш Твоите беззаконија на Господа (сп. Псал. 31 ,5) – да добиеш од Него простување на твоите гревови.
6. Употребувајќи ги твоите солзи како орудие за добивање на секоја твоја прозба, зашто твојот Господ многу се радува кога Му се молиш со солзи.
7. Кога за време на твојата молитва изливаш потоци солзи, никогаш не бивај горд и не мисли дека ти си заслужен за нив, дека си над другите монаси. Тоа го примила твојата молитва одозгора, за да можеш, откако искрено си ги исповедал твоите гревови со твоите солзи да Го умилостивиш Бога.
8. Не претворај го во страст средството против страстите, за уште повеќе да не се разгневи Оној Кој ти ги подарил. Многумина, пролевајќи солзи за своите гревови, ја заборавале целта на солзите и, откако побеснувале, го загубувале својот ум и се оддалечувале од вистинскиот пат.
9. Стој трпеливо и моли се силно, одбивајќи ги помислите на животните грижи и на сѐ друго, зашто тие те возмутуваат и вознемируваат, за да го растројат твојот молитвен стрем.
10. Кога демоните ќе видат дека имаш усрдност и ревност да се молиш како што треба, тие почнуваат за време на молитвата да вложуваат во тебе помисли за нешто што е неодложно и многу потребно или за тоа дека треба да престанеш да се молиш и дека треба да се одмориш, а малку потоа пак нѐ тераат да мислиме на нешто што треба да се разруши и да се направи или како да се најде некоја загубена работа, па, откако не може да го најде тоа што го бара, почнува да се измачува и да страда. Потоа, кога тој усрден молитвеник пак ќе стане да се моли, демоните пак ќе почнат да го измачуваат со истите помисли, за да го онеспособат понатаму да се моли и неговата молитва да ја направат неплодна.
11. Труди се за време на твојата молитва да бидеш и глув и нем. Тогаш ќе можеш да се молиш како што треба.
12. Кога ќе ти дојде некое искушение или кога ќе те разгневи некој со тоа што не се согласува со тебе, така што ќе почнеш или да се гневиш на него или дури и да му кажеш некои непотребни зборови, тогаш спомни си за твојата молитва и за судот на твојата совест пред Божјото лице, и тогаш веднаш ќе се скроти твојот гнев.
13. Сѐ што ќе направиш против твојот брат што те oнеправдил, сето тоа ќе те соблазнува и ќе ти пречи за време на твојата молитва.
14. Молитвата е гранка од дрвото на кротоста и негневливоста.
15. Молитвата е пројавување на радоста и на благодарноста.
16. Молитвата е лекување на жалоста и на унинието.
17. “Оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси” (Матеј 19,21) и, откако го земеш крстот, откажи се од себе (сп. Матеј 16,24), зa да можеш да се молиш без расејаност.
18. Ако сакаш да се молиш со вистинска молитва, откажи се од себе додека се молиш и треби ја твојата душа од бодливите трње; за време на твојата молитва имај љубов према Божјата мудрост.
19. Ако ти се случи да бидеш навреден од некого, претрпи и прости; а наградата и плодот од тоа ќе ги добиеш за време на молитвата.
20. Ако сакаш да се молиш како што треба, не памети го злото што ти го направиле, инаку попусто ќе биде целиот твој молитвен труд.
21. Господ наш Исус Христос вели: ” Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот па оди и најнапред помири се со брата cи, а потоа дојди и принеси го дарот свој ” (Матеј 5, 23 -24), – и тогаш кога ќе го направиш тоа, ќе почнеш да се молиш без расејаност, зашто паметењето на злото што ни го направиле го помрачува владеачкиот ум на оној што се моли и со молитва ја заобиколува неговата молитва.
22. Оние што се исполнети со ограниченост и злоба и во таква состојба се обидуваат да се молат, слични се на оние што црпат вода и ја истураат во продупчена каца.
23. Ако си трпелив, тогаш секогаш ќе се молиш со радост.
24. Кога се молиш, како што треба, можат да ти дојдат на ум некакви работи, поради кои ќе чиниш дека си сосема во право да се разгневиш на својот ближен – внимавај и гледај да не го направиш тоа. – Нема воопшто никаков гнев против ближниот, кој би можел да биде оправдан. Ако поразмислиш, тогаш ќе видиш дека работата можела да се реши сосема добро и без гнев. Затоа настојувај никогаш да не се гневиш.
25. Внимавај, сакајќи да ги излекуваш другите, гледај ти самиот да не останеш неизлекуван, и со тоа да не ѝ станеш пречка на твојата молитва.
26. Штедејќи ги другите и не гневејќи се на нив, и самиот ќе бидеш поштеден; ќе се покажеш разумен по однос на мислењето за себе и ќе бидеш во бројот на оние што вистински се молат.
27. Вооружи се против гневот, и никогаш нема да бидеш нападнат од блудната похот; затоа што таа му дава храна на гневот, а тој го заматува окото на умот и ја расипува молитвената расположба.
28. Кога се молиш, твојата молитва нека не се сведува само на телесните движења и положби, но издигнувај го твојот ум кон чувството на духовната молитва со голем страв.
29. Понекогаш, кога ќе застанеш да се молиш, веднаш почнуваш да се молиш добро, а понекогаш – многу се трудиш, а никако не успеваш да ја постигнеш таа сакана цел. Ова бива затоа што треба уште поусрдно да ја бараш вистинската молитва, тогаш ќе добиеш сосема исправна молитва, која нема да биде во опасност да биде поткрадувана.
30. Кога ќе ни се приближи ангелот, тогаш се оддалечуваат од нас сите демони, кои нѐ искушуваат. Тогаш нашиот ум бива потполно заштитен и се моли како што треба. А понекогаш, кога сме во тешка духовна борба, нашиот ум се бори со сите сили, но нема ни богомислие, ниту чувство на сигурност. Ова е казна за тоа што пред тоа тој бил под влијание на разни страсти – им се предавал и вкусувал од нив. Впрочем, ако ја побараш причината за ова, ако не бидеш мрзлив да чукаш, ќе ти биде отворено…
31. Не моли се да биде како ти што сакаш, зашто нашите желби не се секогаш согласни со Божјата волја. Моли се и говори така, како што си научен: “Да биде Твојата волја“ (Матеј 6,10), a не мојата. За се така моли Му се на Бога, зашто Он секогаш го сака она што е добро и корисно за тебе, а ти не секогаш го бараш тоа во твоите молитви.
32. Многупати и јас, молејќи се, просев да ми биде онака, како што ми се чинеше најдобро за мене и настојував Бог да ми ја исполни прозбата, сакав да ја принудувам Божјата волја, а не Му се предавав на Бога: Он да го направи тоа што Он знае дека е корисно за мене. И го добивав од Бога она што го барав, а потоа имав големи маки токму затоа што не Му се молев на Бога да биде според Неговата волја. Работите ми се покажуваа такви, какви што јас не ги замислував.
33. Има ли нешто подобро од Бога? Да Му предадеме на Него сѐ што се однесува до нас, и тогаш ќе ни биде добро. Зашто, се разбира, Благиот дарува добри дарови.
34. Не тажи, ако Бог не ти го даде она што го бараш од Него. Он со тоа сака да ти даде некој поголем дар; со тоа те тера со трпеливост и натаму да стоиш пред Него и да Му се молиш. Зашто има ли нешто повозвишено од тоа да стоиме пред Бога, да разговараме со Него и да бидеме опфатени од Него?
35. Нерасејаната молитва е највисоката умствена дејност.
36. Молитвата е издигнување на умот кон Бога.
37. Ако ја посакуваш вистинската молитва, тогаш откажи се од сѐ, за да наследиш сѐ.
38. Пред сѐ, моли се затоа да бидеш очистен од страстите; второ, да се избавиш од незнаењето и заборавањето и, трето, да бидеш избавен од секое искушение и изоставување.
39. Во твојата молитва барај само правда и царство, односно добродетели и знаење, а сѐ друго ќе ти се придаде (Матеј 6,33).
40. Правично е да не се молиме само за нашето очистување, туку и за очистувањето и на секој човек, угледајќи се на ангелските сили.
41. Гледај дали навистина стоиш пред Бога на молитва или си победен од желбата за човечка пофалба и се грижиш неа да ја добиеш, прикривајќи ја таа грда желба со убава, па ја продолжуваш твојата молитва.
42. Кога се молиш со браќата или сам, настојувај не само да го исполниш редот, туку моли се со чувство.
43. А на молитвата со чувство ѝ се својствени: самовдлабочувањето со побожност, духовната радост и душевна загриженост, како и исповедањето на своите гревови со безгласни воздивнувања.
44. Ако твојот ум не е постојанен за време на молитвата, тогаш тој уште не се моли како монах, и е уште како мирјанин, кој ја украсува скинијата однадвор.
45. Кога се молиш, со сите свои сили чувај го умот свој, но не дозволувај му тој да ти предлага од своето, туку труди се да стоиш разумно и свесно пред Господа, да си свесен пред Кого стоиш и зашто стоиш. Зашто за време на молитвата умот, обично, често бива поткрадуван од сеќавањето; тоа често го потсетува на извесни предмети, лица и настани. Со тоа го одвлекува вниманието на умот од молитвата.
46. Сеќавањето го потсетува твојот ум за време на молитвата или на вообразбите на она што било одамна, или на некои нови грижи или на личности кои те навредиле.
47. Ѓаволот многу му завидува на оној човек што се моли и употребува најразновидни лукавства, за да ја спречи таквата негова намера. Тој затоа не престанува преку сеќавањата да му напомнува за разни работи, а преку телото да ги возбудува разните страсти и на тој начин да го попречи на некој начин неговиот молитвен труд и неговото издигнување кон Бога.
48. Кога прелукавиот демон, откако употребил многу итрини, не успее да ја спречи молитвата на ревносниот молитвеник, тогаш ги намалува своите напади, но затоа, кога тој ќе ја заврши својата молитва, тогаш му се одмаздува на тој начин што или го распалува неговиот гнев, уништувајќи ја неговата прекрасна расположба, која ја добил за време на молитвата, или, пак, раздразнува во него некоја неразумна сласт и го повикува кон некакво телесно задоволство. Ете, на тој начин се потсмева над неговиот ум.
49. Откако ќе се помолиш како што треба очекувај напади. Затоа стој храбро и запазувај го плодот на твојата молитва. Уште од самиот почеток си поставен да работиш и да вардиш (сп. 1. Мој. 2,15). Па затоа, откако работиш, откако ја завршиш молитвата како што треба, не оставај го невардено она што си го придобил со својот труд; инаку никаква полза нема да имаш од твојата молитва.
50. Сета наша борба што ја водиме со демоните, ја водиме главно заради духовната молитва, бидејќи таа им е неподнослива и одвратна, а за нас е спасоносна и многу пријатна.
51. Зошто демоните сакаат со своето дејство да ги поттикнуваат во нас: чревоугодувањето, блудот, среброљубието, гневот, злобата и другите страсти? Затоа што знаат, дека нашиот ум, откако ќе отежнее, нема да може да се моли како што треба; кога неумните сили на нашата природа почнуваат да дејствуваат, тие не му дозволуваат на нашиот ум да дејствува разумно.
52. Добродетелите ги живееме затоа што нив ги бара нашата природа; а на природата ѝ се покоруваме заради Господа Бога Словото, Кој ја создал. А Словото Божјо јасно Го доживуваме особено тогаш кога сме во молитвена состојба.
53. Молитвената состојба е бестрасност, која го издигнува нашиот ум кон висините на љубовта према мудроста и духовниот ум.
54. Оној што сака вистински да се моли не само што треба да владее над гревот и над похотта, туку треба да биде чист и од секоја страсна помисла.
55. Тој што Го љуби Бога, тој секогаш разговара со Него, како со свој Отец и се згрозува од секоја страсна помисла.
56. Не секој што добил бестрасност, веќе се моли вистински, зашто таквиот уште може да биде зафатен со помисли за некои предмети, иако нема према нив страсна приврзаност и да се занимава со многу работи во врска со нив, со нивниот изглед и токму поради тоа да биде далеку од Бога. Во тој случај нема страсни движења, но умот мечтае.
57. Зашто и тогаш кога умот не се занимава со едноставни помисли, тоа уште не значи дека стигнал до вистинската молитва, зашто тој може да размислува и да филозофира за нив и да се вдлабочува во причините за нивните взаемни односи. Иако се тие само размислувања за тие работи, тие сепак го оставаат својот печат, својот одраз во умот и го оддалечуваат од Бога. Страстите не се во раздвиженост, не дејствуваат, но умот филозофира и не се моли. Таква е состојбата на многумина учени луѓе.
58. Нека твојот ум биде над размислувањата за видливата природа, но тоа уште не значи дека тој го видел вистинското место на Бога; зашто тој може да биде зафатен и со размислувања за духовните созданија – за ангелскиог свет и да има многу претстави и мисли за нив.
59. Ако сакаш да се молиш како што треба, за тоа ти е потребен Бог, Кој My ja дава молитвата на оној што се моли. Токму Него повикувај Го во твојата молитва, велејќи: “Да се свети името Твое; да дојде царството Твое” (Матеј 6, 9-10), односно да дојдат Светиот Дух и Твојот Единороден Син. Зашто така нѐ научил Самиот Господ Исус Христос, велејќи дека на Бога треба да Му се поклонуваме во дух и во вистина (сп. Јован 4,24).
60. Оној кој се моли во духот и во вистината не ги позајмува своите мисли од создадените твари за да Го прославува Создателот, туку од Него Самиот ги црпи соѕерцанијата за да го прославува.
61. Ако си вистински богослов, ти ќе се молиш вистински; а ако се молиш вистински, ќе бидеш вистински богослов.
62. Кога твојот ум, горејќи со желба кон Бога, малку по малку се одврзува од телото и се одделува од сите помисли, кои произлегуваат од земните впечатоци, од некакви сеќавања, се исполнува со побожност и со радост, тогаш знај дека се приближил до пределите на молитвата.
63. Светиот Дух, слегувајќи во нашата нечистотија, доаѓа при нас и тогаш додека сме уште нечисти. И ако го најде нашиот ум искрено да му се моли, слегува во него и го разгонува сето мноштво на лошите помисли и претстави и тие исчезнуваат, расположувајќи нѐ преку тоа да ја сакаме духовната молитва.
64. И добрите и лошите духови преку дејствувањето на телото воведуваат во умот помисли, претстави и вообразби, а Господ дејствува спротивно на тоа: слегува во самиот ум, му дава знаење за она што Му е Нему угодно и преку умот ја скротува невоздржливоста на телото.
65. Достоен е за секој прекор оној што ја сака вистинската молитва, а се гневи и го памети злото што му го направиле; тој е сличен на човек што сака да гледа јасно, а ги затвара своите очи.
66. Ако сакаш да се молиш како што треба, не прави ништо што ѝ е спротивно на молитвата, за Бог да ти се приближи и да оди заедно со тебе.
67. Кога се молиш, не давај Му на Бога никаков облик и не дозволувај и твојот ум да добива некаков облик, како во твојот ум да се одразува некаков облик, туку духовно пристапувај кон духовното и ке се сретнеш со него.
68. Пази се од демонските мрежи, зашто често се случува кога се молиш чисто и спокојно и одеднаш имаш пред тебе необична и чудна слика. Тоа го прават демоните со цел да те доведат до тоа да имаш високо мислење за себе, внушувајќи ти ја помислата дека овде ти се јавил Бог, а, освен тоа, и за тоа – да помислиш и тоа – дека Бог, Кој ти се јавува така, е просторен, дека зафаќа место и дека има делови, а Бог всушност ниту има облик, ниту има земни особини.
69. Кога завидливиот демон не успее да влијае на твоето памтење, тогаш дејствува на крвта и на другите телесни сокови, за преку нив да поттикне во умот вообразба за нешто и да го исполни со слика. И тогаш умот, кој свикнал да ги повторува помислите, лесно се поведува по нив и, мислејќи дека се издигнува кон духовното и неземното знаење, се измамува и чадот го прима место светлина.
70. Стој на својата стража и пази го својот ум додека се молиш, грижејќи се да стоиш мирно, така што Оној кој “може да ги разбира оние, што се неумешни и заблудени ” (Евр. 5,2) – да дојде и при тебе и да ти даде да го примиш преславниот дар на молитвата.
71. Не ќе можеш да се молиш чисто, ако се вплеткуваш во земни работи и се вознемируваш со непрестани грижи, зашто молитвата е отфрлање на сите световни и земни помисли.
72. Не може да трча оној што е врзан. И умот, кој ѝ робува на некоја страст, – не може да има духовна молитва; него непрестано го вознемируваат страсните помисли и не може непоколебливо да стои.
73. Најпосле, кога умот ќе почне да се моли чисто и бестрасно, тогаш демоните го напаѓаат не од десно и не од лево; тие тогаш се трудат да го уверат дека ја гледа Божјата слава, во некаква сликовита претстава и дека тој ја постигнал целта на молитвата. Тоа е како што кажал отецот Евагриј, кој ја знае оваа работа од опит, – тоа станува од страста на славољубието и од допирање на едно место во мозокот, кое им е познато на демоните и од распалувањето на некои телесни жили.
74. Мислам дека демонот, допирајќи го тоа место, како што сакал, ја превртува светлината што е околу умот, па од тоа се појавува славољубието во умот, го тера умот лекомислено да си го присвојува божественото и суштествено знаење. И бидејќи него не го вознемируваат телесните нечисти страсти и кога се моли неговата молитва е чиста, тој воопшто не помислува, дека во тоа може да има некакво ѓаволско дејство, па затоа почнува да верува дека сето тоа е божествена појава, макар што сето тоа потекнува од демонот, кој, употребувајќи ја својата голема итрина, преку мозокот, како што рековме ја изменува светлината која е сврзана со умот, и ѝ дава вид каков што сака или го тера да ја замислува во разни вообразби.
75. Ангелот Божји, откако ќе дојде при нас, само со еден збор, го прекратува во нас ѓаволското дејство и го оспособува умот наш да дејствува неизмамливо.
76. Она што е речено во Откровението за ангелот, дека тој принесува темјан (сп. Откр. 8,3), мислам дека укажува на оваа благодат, која дејствува преку ангелот, која ни дава знаење како да се молиме. Така што умот, најпосле, стои за време на молитвите, без талкање на мислите без очајание и без малодушност.
77. Чашите со темјан, како што се вели таму се “молитвите на сите светии”, кои ги принесувале дваесет и четирите старци (Откр. 8,3; 5,8). Под чаша треба да се разбере здружувањето со Бога и совршената духовна љубов кон Него, во која молитвата дејствува со дух и со вистина.
78. Кога за време на твојата молитва ќе помислиш, дека немаш потреба да плачеш за твоите гревови, тогаш види колку си оддалечен од Бога и дека треба секогаш да живееш во Него, и тогаш ќе пролееш топли солзи.
79. И навистина е така, сознавајќи колку си беден и ништожен, слатко ќе поплачеш, прекорувајќи се, слично на Исаија: “Тешко мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста” (Иса. 6,5).
80. Ако се молиш искрено ќе добиеш голема награда, и ангелите ќе се соберат при тебе, како и при Давида, и ќе те просветат да ги знаеш причините за сѐ што станува.
81. Знај дека ангелите нѐ поттикнуваат да се молиме и дека стојат заедно со нас кога се молиме и заедно со нас се молат за нас. Па затоа, ако не сме внимателни и ако ги прифаќаме спротивните помисли, со тоа крајно ги разгневуваме, зашто тогаш кога тие толку многу се грижат за нас, ние самите не сакаме да Му се молиме на Бога, туку го занемаруваме нашето служење на Него, Го оставаме нивниот Бог и Господ и водиме разговор со нечистите бесови и нивните помисли.
82. Моли се мирно и спокојно, пеј разумно и расположено, тогаш како орел ќе се издигнеш кон висините.
83. Пеењето на псалмите ги успива страстите и ги скротува желбите кон телесната невоздржливост, а молитвата го подготвува неговиот ум кон духовната работа, која му е својствена.
84. Молитвата е вистинската работа, која му прилега на умот и, подобро речено, неговата вистинска употреба.
85. Пеењето на псалмите е слика на многувидната премудрост, а молитвата е почетокот на духовното знаење.
86. Знаењето е прекрасна работа; тоа ѝ помага на молитвата, поттикнувајќи ја духовната сила на умот кон соѕерцание на божественото знаење.
87. Ако уште не си ги добил даровите за пеењето на псалмите и на молитвата, моли се непрестано и ќе ги добиеш.
88. Во Светото Евангелие читаме: “Им кажа (Господ) и една парабола како треба секогаш да се молат и да не паѓаат со духот” (Лука 18,1). Затоа не жали и не очајувај што уште не си ја добил молитвата, зашто ќе ја добиеш. Кон оваа парабола Господ ги додал и овие зборови: “Иако од Бога не се плашам и од луѓето не се срамувам, но бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам” (Лука 18,4-5). “Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави ” (Лука 18,7). Затоа биди радосен и труди се со трпеливост и продолжувај да се молиш.
89. Не сакај да ти биде дадено она, што тебе ти се чини, дека е подобро, но секогаш оставај на Бога да биде така, како што Му е угодно Нему, и ќе бидеш невознемируван и благодарен во твојата молитва.
90. Дури и да си веќе со Бога, пази се од блудот, зашто тој е многу измамлив и опасен и настојува со сите свои сили да го совлада устремот на твојот трезвен ум и да те оттргне од Бога, дури и тогаш, кога твојот ум стои пред Бога со побожност и со страв.
91. Ако се трудиш околу молитвата, тогаш приготви се за ѓаволските напади и трпеливо поднесувај ги нивните бичувања, зашто тие ќе те напаѓаат како диви ѕверови и ќе го измачуваат и покријат со рани целото твое тело.
92. Подготви се, како искусен борец, да не се поколебаш, и ако ненадејно видиш некакво привидение; не плаши се ако против тебе биде вперен и меч или ако ти биде вперен и огнен пламен кон твоето лице; не паѓај со духот и не плаши се, ако се исправи пред тебе некакво страшилиште – злобно и опасно, стој без страв, исповедај ја смело твојата вера и смело гледај ги твоите непријатели.
93. Оној што го поднесува тажното, тој ќе се удостои и со радосното; и кој ќе го претрпи непријатното, тој нема да биде лишен и од својот дел во пријатното.
94. Внимавај да не те соблазнат бесовите со некакво видение. Ако ти се случи нешто слично на тоа, биди прибран во себе, обрати Му се во молитва на Бога, ако ти е испратено сето тоа од Него, за да те вразуми, Он Самиот да те просвети и да ти помогне, а ако не е, побргу да го прогони од тебе твојот измамник. Биди мажествен, зашто нема да се задржат тие кучиња кога ќе прибегнеш кон Господа со топла молитва: тие веднаш, невидливо поразени од Божјата сила, ќе избегаат далеку од тебе.
95. Треба да го знаеш и ова демонско лукавство. Понекогаш тие се разделуваат на групи. Едни од нив доаѓаат со соблазна и кога побараш помош, доаѓаат други во вид како ангели и ги прогонуваат првите, за да те измамат и ти да помислиш дека се вистински ангели, и да почнеш да се сомневаш дека си удостоен со тоа.
96. Потруди се да бидеш што е можно посмирен и похрабар, и демонскиот напад нема да се допре до твојата душа и нивниот камшик нема да се приближи до твоето тело: “Затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за тебе, да те чуваат на сите патишта твои” (Псал. 90,11) и тие невидливо ќе го одбијат од тебе секое демонско дејство.
97. Ако чуеш и врева, и тропање, и извикување и подбивање од страна на демоните, кои настојуваат да ја спречат твојата чиста молитва, не паѓај со духот, туку говори Му на Бога: “Нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене” (Псал, 22,4) и друго слично на ова.
98. За време на ваквите искушенија моли се со кратки и силни молитви.
99. Ако демоните почнат да ти се закануваат, така што ненадејно се појават во воздухот, за да те преплашат и да те избезумат, не плаши се од нивните закани. Тие само те заплашуваат, сакајќи да видат дали ги сметаш за нешто или сосема ги презираш.
100. Ако си застанал на молитва пред Бога Седржителот, Создателот и Промислителот, тогаш зошто така неразумно стоиш пред Него, зошто немаш страв од Него, Кого никој не може да Го победи, а се плашиш од муви и комарци? Или не го слушаш пророкот, кој вели: “Плаши се од Господа, твојот Бог”. (5. Мој. 10,20) и уште: ” Сите се плашат и треперат од лицето на силата Твоја” (2.Лет. 36 – глава молитвата на Манасија).
101. Како лебот што му служи за храна на талото, така и добродетелта ја храни душата. Исто така и духовната молитва е храна за душата.
102. Не фарисејски, а митнички моли се во свештеното место на молитвата, за и ти да бидеш оправдан од Господа.
103. Пази се во твојата молитва да не се молиш против некого, за да не го уриваш она што го градиш, правејќи ја мртва твојата молитва.
104. Оној што должел илјада таланти нека те поучи, дека, ако не му го простиш долгот на твојот ближен, ни ти самиот нема да добиеш простување на твојот долг, зашто е напишано: “И го предаде на мачителите” (Матеј 18,34).
105. Одложи ги грижите за твоето тело додека стоиш на молитва пред твојот Бог, така што каснувањето на болвата, комарецот и мувата да не те лишат од најголемата придобивка што ти ја дава молитвата.
106. До нас е дојден расказот за еден светец за тоа како тој, кога застанал на молитва, демонот толку се разбеснувал против него, така што тој кога ќе ги дигнел своите раце, тој веднаш се претворал во лав, ги подигнувал своите две предни шепи и, забивајќи ги своите нокти во слабините на светиот подвижник, не отстапувал од него сѐ додека тој не ќе ги спуштел своите раце. Но тој никогаш не ги спуштил своите раце сѐ додека не ќе ги завршел своите одредени молитви.
107. Таков бил и, како што ни е познато, Јован Малиот, или подобро е да речеме, великиот монах, кој се подвизувал во една јама и кој секогаш со својот ум стоел пред Бога, а аждајата се обвивала околу него, го гризела неговото тело и го покривала со блувотини неговото лице.
108. Секако си ги читал житијата на тиваитските маченици, во кои се вели дека, кога авва Теодор им говорел слово на браќата, две змии отровници почнале да ползат по неговите нозе, а тој ни малку не плашејќи се, ги извил своите стапала како некаков свод, ги пуштил змиите под нив, и продолжил да говори сѐ додека не го завршил своето слово. И дури тогаш им ги покажал змиите на своите браќа и им раскажал сѐ што се случило.
109. Сте читале и за еден друг духовен брат дека кога се молел тој, доаѓала една змија, се допирала до неговите нозе, но тој не се ни помрднувал, ниту ги спуштал своите раце се додека не го завршил своето обично молитвено правило. И никаква штета не претрпувал од неа затоа што Гo љубел Бога повеќе од сѐ.
110. Кога се молиш држи го твоето око непрестано отворено за Бога, и, откако се одделиш од телото, живеј со твојот ум.
111. На некој друг свет човек, кој бил силен молитвеник и безмолвник, во пустината му се јавиле демони и во текот на цели две седмици се подбивале и играле со него како со топка, фрлајќи го нагоре и го фаќале долу на рогожата, но никако не можеле да го одделат неговиот ум од неговата пламена молитва.
112. На некој, пак, богољубив монах, кој одел низ пустината и умствено се молел, му пристапиле двајца ангели и тргнале заедно со него од едната и од другата негова страна. Но тој ни за миг не го свртувал своето внимание кон нив, за да не изгуби нешто од она што е поубаво, бидејќи ги памтел зборовите на апостолот, кој вели: “Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашнината, ни иднината…. ниту, пак, кое било друго создание нема да може да не оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ” (Рим. 8,38-39)
113. Монахот преку молитвата станува еднаков на ангелите, посакувајќи да го гледа лицето на Отецот, Кој е на небесата (сп. Матеј 18,10).
114. Никогаш не посакувај и не барај за време на молитвите да видиш некаков лик или некаква слика.
115. Не сакај да ги видиш со твоите телесни очи ангелите, или силите, или Христа, за да не го загубиш твојот ум, примајќи го волкот како пастир и да им се поклониш на твоите непријатели – на демоните.
116. Почетокот на прелестувањето на умот е славољубието, со кое кога е опфатен умот, се обидува да го опише Бога во некаква видлива слика.
117. Kе го кажам она што им го говорам и на почетниците во монашкиот живот: блажен е оној ум, кој и за време на молитвата го запазува совршеното безмолвие.
118. Блажен е оној ум, кој, молејќи се без расеаност, ќе има сѐ повеќе и повеќе желба за Бога.
119. Блажен е оној ум, кој за време на молитвата станува духовен и несреброљубив.
120. Блажен е оној ум, кој за време на молитвата останува нечувствителен кон сѐ во овој свет.
121. Блажен е оној монах, кој секој човек го смета како бог после Бога.
122. Блажен е оној монах, кој на спасувањето на сите луѓе и напредувањето во тоа гледа како на свое лично спасение.
123. Блажен е оној монах, кој се смета како најлош од сите.
124. Монах е оној, кој, одделувајќи се од сите, останува во единство со сите.
125. Монах е оној, кој смета дека е во другите и кој во секого се гледа себеси.
126. Вистински се моли оној, кој своите први мисли секогаш Му ги Принесува на Бога.
127. Бегај од секаква лага и од секакво заколнување, ако сакаш, бидејќи си монах, силно да Му се молиш на Бога инаку попусто го примаш надворешниот монашки изглед.
128. Ако сакаш духовно да се молиш не позајмувај ништо од телото, и тогаш нема да имаш во себе облак, кој создава мрак пред тебе за време на твојата молитва.
129. Препушти Му ги на Бога твоите телесни потреби, со тоа ќе докажеш дека Му ги оставаш и твоите духовни потреби.
130. Ако се удостоиш да ги добиеш ветувањата, ќе царуваш. Зар не треба, очекувајќи го тоа, со задоволство да ја поднесуваш сегашната сиромаштија?
131. Не откажувај се од сиромаштијата и од животните тешкотии, од овие орудија што ја окрилуваат твојата молитва.
132. Телесните добродетели нека ти бидат залог за душевните, а душевните – за духовните, а духовните – за духовното и суштествено знаење.
133. Ако, борејќи се против секоја помисла, забележиш дека тие брзо и лесно се смириле, размисли што го причинило тоа, за да не паднеш во заседа и да не бидеш измамен, па да почнеш да мислиш високо за себе, да се самоизмамиш и да станеш свој сопствен предавник.
134. Се случува понекогаш демоните, откако ти вложат некакви помисли, тие самите да те поттикнуваат да се бориш против нив, да им се спротивставуваш, и веднаш се разбегуваат. Тоа го прават за да те измамат да паднеш во прелест и да почнеш да мислиш дека веќе си почнал да ги победуваш помислите и да ги престрашуваш демоните.
135. Ако се молиш против некоја страст или против некои демони, кои те вознемируваат, спомнувајќи си ги зборовите на псалмопеачот: “Ги гонев непријателите мои и ги стигнав, и не се вратив, додека не ги победив; ги притиснав, и тие не можеа да станат, паднаа под нозете мои” (Псал.17,37-38), кажи ги овие зборови навреме и вооружи се против твоите противници со смирномудрие.
136. Не мисли да придобиеш некоја добродетел, ако пред тоа не си приготвен да се бориш за неа до крај. Потребно е, според божествениот апостол, до смрт да стоиме и да се бориме против гревот, да се подвизуваме за да се запазиме чисти.
137. Се случува и ова: да му направиш на некого добро, а од друг по ѓаволски искушенија, да претрпиш зло, за да се налутиш и да кажеш нешто лошо и на тој начин да го загубиш доброто што си го придобил. Таква е целта на демоните. Затоа е потребно да бидеш разумен и внимателен.
138. Кога си подложен на демонски напади, внимавај да не те заробат.
139. Бесовите во текот на ноќта самите се трудат да го вознемируваат духовниот учител, а дење тоа го прават преку луѓето, опкружувајќи се со непријатни случајности од нивна страна, со клевети и со маки.
140. Не откажувај се да ги претрпуваш овие незгоди. Остави ги нека тропаат со нозете, нека тегнат и нека мазнат, но преку тоа твојата духовна облека станува поубава и посветла.
141. Сѐ додека не се ослободиш потполно од твоите страсти и додека твојот ум уште пројавува спротивставување против добродетелите и вистината, ти дотогаш не можеш да го добиеш благомиризливиот темјан во твоите гради – не можеш да ја имаш чистата и топла молитва.
142. Сакаш ли да се молиш како што треба? Пресели се од овдешниот свет и секогаш живеј на небесата и тоа не само со зборови, туку и со ангелско дејствување и со божествено разбирање.
143. Ако само тогаш, кога си во искушение и кога си во голема опасност си спомнуваш за Судијата, колку е страшен и неподмитлив, тоа значи дека уште не си научил: “Служете Му на Господа со страв и со трепет” (Псал.2,11). Знај дека и тогаш кога си во духовна леснина и во радост, дека и тогаш треба да Му служиш на Бога со страв и со побожност.
144. Мудриот човек, пред да го заврши подвигот на покајанието, не престанува со жалење да си спомнува за своите гревови и за тоа дека заслужил за нив да се измачува во вечниот оган.
145. Оној што уште живее во гревовите и што Го прогонува Бога, а се осмелува бесрамно да ги запознава божествените работи и да се моли со духовна молитва, нека ја прими забраната од ангелите и нека знае дека не е безопасно да се моли со непокриена глава. Таквата душа, ќе кажеме со зборовите на апостолот: “Треба да има на главата своја знак од власта…” (1. Кор.11,10), заради ангелите кои претстојат, и да се облече во срам и во смиреноумие.
146. Како што за оној што има болни очи не е корисно долго и напрегнато да гледа во сонцето, особено на пладне кога е сонцето најсилно, така и на оној што има страсен и нечист ум, натприродната и чудна молитва, во дух и во вистина, нема да му биде од никаква полза, напротив, против него самиот Бог ќе се разгневи.
147. Ако оној што дошол пред олтарот со својот дар не бива примен од Оној Кој нема потреба од ништо и Кој не гледа на лице, сѐ додека не се измири со ближниот што има нешто против него (сп. Матеј 5,23), затоа гледај колку голема потреба имаш од тоа да се пазиш и каква разумност треба да имаш, за да Му пренесеш на Бога угоден темјан на духовниот мислен жртвеник.
148. Не биди многу зборлив ни славољубив. Во спротивно, не на “плешките “, а на лицето твое ќе дејствуваат грешниците (Псал.128,3). Тие ќе се подбиваат со тебе за време на твојата молитва, ќе те мамат со неуредни и срамни помисли.
149. Вниманието што ја бара молитвата – ќе ја добие. По вниманието секогаш следи молитвата, за која треба вистински да се грижиме.
150. Како што сетивото за гледање е најдоброто од сите сетива, така и молитвата е побожествена од сите добродетели.
151. Пофалба за молитвата не е само тоа колку продолжува, туку и тоа каква е. Ова го покажуваат и евангелските зборови: ” Два човека влегоа во храм да се помолат” (Лука 18,10), како и следниве: “Кога се молите, не говорете многу како незнабожците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени”‘ (Матеј 6,7).
152. Сѐ додека го свртуваш твоето внимание на тоа каква е положбата на твоето тело за време на молитвата и додека твојот ум се грижи само за надворешната убавина на скинијата, како и за другите надворешни белези на молитвата, слично на тоа што е речено во 44-та глава, знај дека сѐ дотогаш ти уште не си зрел за молитвата и дека блажениот пат до неа е уште далеку од тебе.
153. Кога за време на твојата молитва ќе имаш радост, која ќе биде поголема од сите твои радости, тогаш знај дека си ја нашол вистинската молитва.
154. Молитвата и четивата се нешто прекрасно; тие го прекратуваат суетното талкање на мислите; тие ја врзуваат помислата, која се врти над нешто непотребно и корисно го задржува при себе умот нерасеан за време додека се моли или чита.
155. Молитвата нѐ расположува за разговор со Бога и преку долговремено молење се создава навика за другарување со Него, Кој ги прима ништожните луѓе со љубов и не се срамува да има пријателски односи со нив, кога љубовта што ја имаат кон Него им дава смелост да Му се приближуваат.
156. Молитвата го одврзува умот од секаква помисла за земното и го издигнува до Самиот Бог, Кој е над сѐ, за да разговара со Него и со смелост од Него да бара сѐ што му е потребно. На тој начин човекот го минува животот во чистота која доаѓа од другарувањето со Бога и кој се подготвува и понатаму да општи со Него.
157. Светиот апостол Павле нѐ учи: “Бидете во молитвите постојани” (Рим. 12,12), така што со продолжителното молење да создадеме во себе постојана навика да се молиме (сп. Кол. 4,2; Ефес. 6,18). Тој ни заповеда да се молиме на секое место (сп. 1. Тим. 2,8), за да не може ниеден од мрзливите да се извинува со тоа дека живее далеку од молитвениот дом. Секое место е погодно за молитва. Бог ги прима оние што Го повикуваат со чисто срце и со праведни дела; Он ја гледа нивната расположба, ги ислушува нивните молитви, иако некогаш местото на кое Му се молиме на Бога со ништо особено и не се одликува.
158. Некогаш за време на бдеењето псалмите треба да се читаат брзо, а понекогаш е подобро да ги пееме. Треба да го менуваме начинот на дејствувањето према тоа како нѐ напаѓаат нашите духовни непријатели. Тие понекогаш, поради нашето униние, нѐ гонат да читаме брзо, а понекогаш нѐ искушуваат и со величественото споро убаво пеење.
159. Кога некоја демонска помисла нѐ напаѓа во нашето срце, не барај во твојата молитва едно или друго, туку мечот на солзите изостри го против непријателот. Откако ќе настапиме против демоните со ваквото силно оружје, ќе ги натераме брзо да отстапат од нас.
160. Сакај да се занимаваш со рачна работа, но уште повеќе со постојаните молитвени помисли, зашто рачната работа не секогаш ни го дава својот плод, а молитвеноста секогаш е плодна. Не прекинувај ја молитвата додека потполно не го исполниш твојот молитвен долг; не слушај ги твоите помисли, кои ти напомнуваат дека е веќе време да ја продолжиш рачната работа. Не занесувај се многу во работата, за да не ти пречи – да не го возбудува твоето срце и да не го направи негодно за вистинската молитва.
161. Оној ум, од кој е одземена мислата за Бога и кој се оддалечил од спомнувањето за Него, – рамнодушно греши и со своите надворешни чувства; зашто ни на слухот, ни на јазикот може да им биде пастир – внатре во него нема веќе приврзаност кон подвижничкиот труд над себе.
162. Има случаи кога се трудиме молитвата да ни биде чиста, но не успеваме во тоа. Но има случаи и кога не се принудуваме да го правиме тоа, а сепак душата наша ја има чистата молитва. Првото произлегува од нашата немоќ, а последното – од благодатта одозгора, која преку тоа нѐ повикува да ја бараме духовната чистота, а со тоа нѐ поучува, ако се молиме чисто, заслугата да не си ја припишуваме на себе, туку да знаеме дека е дар од Оној што ни го подарува тоа. Апостолот за ова вели вака: “Не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување” (Рим. 8,26). Тогаш, кога се трудиме молитвата да ни биде чиста и не успеваме, не треба да очајуваме; туку треба да ги овлажниме образите наши со солзи и да Му се молиме на Господа – да ја одгони од нас ноќта на духовната борба и да огрее светлина во нашата душа.
163. Спомнувањето за телесните похоти ја вознемирува душата, затоа што не само што не ѝ дава да говори со Бога, туку и умот, кој само навидум се моли, се осквернува од нечистите и гнасни претстави. Убаво е непрестано да бидеме во молитва и да се вежбаме да разговараме со Бога. Но како бива ова во нас? – Ние често се оддалечуваме од зборовите на молитвата, одиме по помислите што нѐ водат настрана, не се одрекуваме од нив и тие како да не нѐ огорчуваат, што покажува дека се согласуваме со нив. Иако нашата надворешност покажува како да се молиме: коленичиме и даваме вид на човек што се моли, но со нашите мисли си замислуваме нешто пријатно, како разговараме со нашите пријатели, гневно говориме лошо за нашите непријатели, јадеме и пиеме со гости, и им градиме домови на роднините, садиме дрва, патуваме, се занимаваме со трговија, насилно нѐ тераат да примаме свештенослужителски чин, со голема загриженост вршиме некакви работи за Црквата, кои ги бара од нас. Со сето ова се зафатени нашите мисли и се согласуваме со сѐ што ни предлагаат нашите помисли и како што им е угодно на страстите да го настројат нашето срце.
164. Молитвата бара нашиот ум да биде чист од секаква помисла и да не пушта во себе ништо што не е молитвено, макар и кога тоа не е лошо, туку, како вдахновени од Бога, да се одалечиме од сѐ и да разговараме само со Него.
165. Оној што своето време го дели само за рачна работа и за молитва, тој го скротува, своето тело со трудот и неговите барања ги сведува само на она што е најнеопходно, а душата, која, трудејќи се заедно со телото, кога најпосле сака да се одмори, преку тоа ја расположува за молитва, како кон ова што е најлесно за неа и ѝ дава можност да ѝ пристапи со сите свои сили. Зашто и таа доживува олеснение кога преминува од една работа на друга и ѝ е здодевно кога е зафатена и се занимава само со една и иста работа. Неа ја измачува едновидноста, а разновидноста ѝ дава радост. Ѝ се чини кога остава една работа и пристапува кон друга, дека тоа го прави со подновени сили, како токму тогаш да почнува нешто да работи.
166. Оној што не сака да работи, тој со својата мрзливост ги храни страстите и со своите пожелби им дава слобода да се устремуваат кон она што им е сродно, а ова доаѓа најмногу до израз за време на молитвата, зашто тогаш вниманието на умот бива зафатено со она, со што е проникнато срцето. И тој тогаш го прави само она што настанува во него од движењето на неговите страсти, место да разговара со Бога и да го бара од Него корисното. И светиот апостол Павле, знаејќи го сето ова, со ревност го напаѓа неработењето и со својата апостолска власт ни заповеда да се трудиме (2. Сол. 3,6-12). Работата е сидро за нашите мисли и ѝ дава на душата сигурен правец. Можат да настанат и бура и силни ветрови да ѝ се закануваат со бродолом, нашата мисла стои непоколеблива и бива одржувана со работата како со сидро; ја брануваат лоши помисли, но опасноста е далеку од неа, зашто силните јажиња ја задржуваат пред бесните налети на бурата и на ветровите.
167. Тие што се откажуваат од рачна работа со изговор дека треба непрестоно да се молат, тие всушност и не се молат. Тие токму со тоа што сакаат да ѝ дадат на својата душа слобода од грижите ја воведуваат во лавиринт на безизлезни помисли и преку тоа ја прават неспособна за подвигот на молитвата. Телото, кое се труди работејќи одредена работа, ја задржува во себе својата мисла, која не помалку од очите треба да го набљудува она што го работи и да му помага на телото да биде непогрешливо во работата, а телото што ништо не работи ѝ дава можност на мислата да талка наоколу, зашто за време на неработењето страстите биваат бранувани, а мислата, при секое похотливо спомнување – бива повлекувана и станува совладувана и заробувана.
168. Постои возвишена молитва на свештените, која е некакво издигнување на умот и потполно ослободување од сѐ што е земно, кога преку неискажливи воздивнувања духот се приближува кон Бога, Кој ја гледа расположбата на срцето, кое е оптоварено и слично на испишана книга и кое во безгласни слики ја искажува својата волја. Така и светиот апостол Павле бил издигнат до третото небо и не знаел дали бил “со тело” или “и без тело“ (2. Kap. 12,2).
169. По таквиот вид молитва се наоѓа и онаа молитва, која бива изговарана со зборови, а умот со духовна радост ги следи и знае кон Кого е упатена таа прозба.
170. Онаа молитва, која бива прекинувана од ниски помисли и се соединува со телесните грижи, таа е далеку од тоа каква треба да биде духовната молитва. Оној што се моли така, тој не се слуша ни самиот што говори; него го носат мислите таму-ваму и не си спомнува што изговорил. Ако оној што се моли e таков, ако не знае што говори, тогаш како Бог ќе го слуша внимателно, кога ни тој самиот од расејаност не внимава и не знае што говори во својата молитва? Оние кои велат: “Слушни го, Господи, мојот повик, прими ја молитвата моја” (Псал. 16,1) и: “Ушите Твои нека го чујат гласот на молењето мое” (Псал. 129,2) треба со целиот свој ум да бидат средени на тоа што го говорат и да не се разливаат, како што обично се разлива мислата на оние, кои се мрзливи и кои не владеат со својата мисла.
Преведе
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада, 2022