www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,688,924
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM II

Свети Јован Касијан Римјанин

10. За молитвата

Преглед на духовната борба

196. Непрестаната молитва треба да ни биде првата цел и врвот на духовното совршенство. Таа треба да почива врз смирувањето на душата и чистотата на срцето, заради кои треба да преземеме смирување на телото и да го скрушуваме нашето срце. Врската меѓу сите овие подвизи и молитви е нераскинлива и взаемна. Зашто сите добродетели водат кон совршенство на молитвата; тие не можат да бидат силни и постојани, ако не ги заврши и овенча молитвата. Чистата и невознемируваната молитва не можеме да ја придобиеме и да се издигнеме до нејзиното совршенство без другите добродетели. Затоа најнапред треба да разгледаме сѐ што ѝ претходи на ваквата молитва, да видиме што треба да отсечеме и што треба да приготвиме, зашто тие добродетели одат пред неа, но и тие не можат да се пројават во своето совршенство без неа – без непрестаната молитва. Затоа не би можеле веднаш да говориме за силата на молитвата, со која се завршува зградата на сите добродетели; ако не говориме за тоа како можеме да ја придобиеме, ако, според евангелската приказна за човекот, кој сакал да изгради куќа и најнапред направил сметка колку ќе чини и дали има сѐ што било потребно за нејзиното завршување (сп. Лука 14,28 30), та и ние најнапред да пресметаме и да собереме сѐ што ни е потребно за изградба на оваа највозвишена духовна кула; што сепак, иако биде сѐ приготвено, да не биде употребено неправилно како што не треба и не се дозволи погрешка во изведувањето на последните врвови на совршенството; ако пред исчистувањето и исфрлањето на сето ѓубре на страстите, ако врз живата земја на нашето срце, како на карпа, за која се говори во Светото Евангелие (сп. Лука 6, 48), не биде поставена цврстата основа на едноставноста и смиреноста, врз која би можела да се изгради таа кула – со духовните добродетели, за да биде непоколеблива и својата глава да ја издигнува во небесните височини, надевајќи се на својата цврстина. Кога таа кула ќе биде изградена на таква основа, тогаш можат да ја нападнат бури од дождови и ветрови на страстите; можат, слично на машините за уривање на ѕидови, да се устремат силни реки на гонење; може да ја нападне и страшна бура на непријателските духови, но таа не само што нема да биле разрушена, туку нема ни да ги почувствува тие удари.

197. Затоа, за да може молитвата да биде издигнувана со потребната топлина и чистота, еве што треба неизоставено да правиме. Пред сѐ, секоја грижа за телесната работа треба да биде конечно отсечена; потоа, не треба да си позволуваме не само грижа за тие работи, туку и спомнувањето за нив не треба да си го дозволуваме. Исто така, не треба да си дозволуваме никакви разоноди и празни разговори; шегите треба сосема да ги изоставиме, но од сѐ повеќе треба да ја отстраниме зашеметеноста, што настанува од гневот и страдањата, како и возбудувањата од телесните похоти и од алчноста на среброљубието. Сето ова треба да го искорнеме од себе. Откако потполно ќе ги исфрлиме и отстраниме сите овие и други слични пороци, кои се откриени и за човечките погледи, по сето ова претходно исчистување и надворешна непорочност, пред сѐ, да ја поставиме непоколебливата основа на смирението, која треба да ја издржи тежината на високата кула, која ќе допира до самото небо. Врз оваа основа треба да биде издигната зградата на духовните добродетели. Нашиот ум треба да го пазиме од постојани талкања, така што нашиот духовен поглед постепено да свикнува да се издигнува кон соѕерцанието на Бога. Зашто она што го примила во себе нашата душа пред да почне да се моли, тоа ни доаѓа на памет и за време на молитвата; тоа ни го поднесуваат спомнувањата. Затоа, какви сакаме да бидеме за време на молитвата, такви треба да се подготвиме пред да ја почнеме молитвата; и сето она што не сакаме да нѐ вознемирува за време на молитвата, треба да побрзаме тоа да го изгониме од сокровиштето на нашето срце, ако сакаме да ја извршиме заповедта на апостолот: ” Молете се непрестано!” (1. Coл. 5, 17).

198. Нашиот дух можеме со право да го споредиме со перце, кое, бидејќи сосема лесно, ако не е натопено со некаква течност и при најслабото подувнување на ветрец се издигнува обично со леснина на голема височина, а кога е натопено, место да се издигнува и да лета високо во воздухот, тоа паѓа и се залепува на земјата. Исто така, и нашиот ум, ако не е обременет со страсти и со земни грижи, ако не е повреден од влагата на похотата, но ако е лесен, ако ја има својата природна чистота, штом ќе го почувствува и најлесното подувнување на духовното размислување, се издигнува нагоре, го остава она што е долу, она што е земно, и се издигнува кон небесното и невидливото. Токму затоа нашиот Господ и Спасител ни заповеда: “Пазете се: вашите срца да не бидат натажени од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затекне оној ден ненадејно” (Лука 21 ,34). Па затоа, ако сакаме нашите молитви да се издигнуваат не само до небото, туку и над него, да се трудиме умот наш да го издигнеме до неговата природна леснина, да го исчистиме од сите земни пороци и од секоја влага на земните страсти, така што на тој начин неговата молитва да не биде оптоварена со некакво туѓо бреме и да може лесно да се вивнува кон Бога.

199. Свртете го вашето внимание на причините, кои го прават нашиот ум тежок, на кои ни укажува и нашиот Господ. Тоа не е прељубата, не е блудот, не е убиството, не е богохулството, не е кражбата, – овие, кои сите ги признаваат за смртни гревови и достојни за осудување; Он ни укажал на прејадувањето и опивањето и на грижите за овој свет, од кои не се пазат не само луѓето од овој свет и не ги сметаат срамни, туку, срамно е да се каже дека и од оние што се откажале од светот, не гледаат во нив никаква штета и никаква опасност за себе. Впрочем, ако овие три работи кои ја оптоваруваат душата ја одделуваат од Бога и ја притискаат врз земјата, ако ги разбереме како што треба, лесно можеме да ги одбегнеме, особено ние, кои сме оддалечени од светот и од однесувањата со него, кои имаме можност да ги немаме грижите за светот, пијанството и опивањето. Но има едно друго прејадување и едно друго пијанство духовно, кои тешко можеме да го одбегнуваме; има и една друга грижа и друга жалост за овој свет кои не зафаќаат и нас, кои сме се откажале од секаков имот во овој свет, кои се воздржуваме од вино и од прејадување, но нашето срце може да се опива и да се прејадува со работи, кои се уште поштетни и поопасни, иако живееме осамени во пустината. Овде ги подразбираме отстапките што му ги правиме на телото, приврзаноста кон него и кон страстите, од кои ако не се откажеме, тогаш и без опивањето со вино и без прејадувањето со јадења, нашето срце ќе биде оптоварено од нив и ќе ја претрпува штетата од нив. И само оној, чиј ум, откако се ослободил од сите страсти, ќе добие длабок мир и чие срце со сиот свој устрем се прилепило за Бога како кон свое врвно добро може совршено да ја изврши заповедта на апостолот: ” Молете се непрестано!” (1. Сол. 5,17).

200. Мислам дека не можат да бидат опфатени сите видови на молитви, без скрушеност на срцето, без чистота на душата и без просветување од Светиот Дух. Нив ги има толку, колку што во една душа или во повеќе души може да има состојби и расположби. Според тоа, колку напреднал умот во чистотата и според квалитетот на состојбата, во која се наоѓа одвреме – навреме и се издигнува кон Бога, во сите тие мигови душата се преобразува. И затоа е очигледно дека никој не може секогаш да вознесува еднакви молитви. Секој од нас се моли на свој начин и секој се моли сообразно према состојбата во која се наоѓа: инаку се моли кога е весел; инаку кога е оптоварен со тага и жалост; инаку кога цути со духовни успеси; инаку кога е напаѓан со многу демонски напади; инаку кога се моли да му се простат гревовите; инаку кога се моли да му биде дадена поголема благодат, или да придобие некоја добродетел или за изгаснување на некоја страст; инаку кога е преплашен од страв – кога размислува за пеколот и за Страшниот суд; инаку – кога се разгорува со надеж и желба за идните блага; инаку кога се наоѓа во маки и опасности; инаку кога се насладува на безопасности и на мир; инаку кога бива просветуван со откровение на небесните тајни; инаку – кога тажи поради бесплодност во добродетелите и поради суровоста на своите чувства.

201. Според предметот на молитвата апостолот разликува четири вида молитви. Тој пишува “Молам, пред сѐ, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе” (1. Тим. 2,1). – Прозба – е молење за простување на гревовите, кога некој, ќе почне да се кае за своите сегашни или некогашни гревови и Му се моли на Боа да му ги прости неговите согрешенија; Молитва – е молитва, со која нешто Му принесуваме или ветуваме на Бога, кога Му велиме: “Јас ќе направам тоа и тоа, само биди милостив према мене, Господи!” – Молба – кога се наоѓаме во разгорен дух, кога се молиме за други, за оние што ги сакаме и за мир во целиот свет; Благодарение – кога умот Му принесува благодарност на Бога, спомнувајќи си за добрините Божји према него, кога ги гледа добрините, што му ги прави во сегашноста и кога ги предвидува оние, што ќе му ги направи во иднината – оние што им ги приготвил на сите, кои Го љубат.

202. По овие четири вида молитви следува некаква највозвишена молитвена состојба, која се состои во соѕерцание на Единиот Бог и во пламена љубов кон Него. Кога нашиот ум е опфатен и проникнат со оваа љубов према Него разговара со Бога на најблизок начин и со особена искреност. А дека сме должни грижливо да ја бараме оваа состојба, ни кажува и Господовата молитва: ” Оче Наш” (сп. Матеј 6,9-13).

Ние велиме: “Оче Наш!” Со ова Го исповедаме Бога и Господарот на вселената дека е наш Отец. Исто така, исповедаме дека сме ослободени од ропската состојба и дека Бог не усвоил како Свои синови и ќерки. Понатаму додаваме: “Кој си на небесата.” Со овие зборови ја искажуваме нашата готовност да се ослободиме од секаква приврзаност кон земниот живот, како од робување, кое нѐ одвојува од нашиот Отец и дека со најсилна желба се стремиме кон небесниот живот, каде обитава нашиот Отец, како и да не си позволуваме ништо што нѐ прави недостојни за ова високо посиновување и дека тоа би нѐ лишило, како незаконски деца, од наследството на нашиот Отец и ќе нѐ изложи на сета строгост на Божјиот праведен суд.

Откако сме се издигнале до таков висок степен на Божји синови, ние не треба да гориме со синовска љубов према Бога, и да ја бараме нашата корист, туку со сета наша сила да бараме да Го прославуваме Бога, нашиот Отец, велејќи: “да се свети името Твое” со тоа да посведочиме дека сета наша желба и сета наша радост се состојат во славата на нашиот Отец – Него да Го прославуваме, побожно да Го почитуваме и да Му се поклонуваме на Неговото преславно име.

Втората прозба на очистениот ум е: “да дојде царството Твое”да дојде царството на Неговиот Отец, со кое царствува Христос во светиите и во кое, по нашето ослободување од ѓаволот и по изгонувањето на страстите од нашите души, Бог почнува да владее во нас преку благоуханието на добродетелите, она што ни е ветено во свое време, и на нас и на сите што станале чеда Божји, кога Христос ќе ни рече: “Дојдете, благословени од Мојот Отец, наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот”(Матеј 25,34).

Третата прозба, која им е својствена на чедата Божји е: “Да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата” (Матеј 6,10), што значи: Да бидат луѓето слични на ангелите, и како што ангелите ја исполнуваат волјата Божја на небото, така и сите што живеат на земјата, да ја исполнуваат Божјата, а не својата волја. Овие зборови уште значат: во нашиот живот да биде сѐ според Божјата волја. Боже, Господи Исусе Христе, во Твоите раце го предаваме нашиот живот и веруваме, дека Ти сѐ устројуваш – и среќата и несреќата – да биде за наше добро; дека повеќе се грижиш за нашето спасение од нас самите.

Понатаму: “Лебот наш насушен дај ни го денес“ (Матеј 6,11). Насуштен – насуштен – на(д)суштен повисок од сите суштности, каков што може да биде само Лебот што слегнал од небото. Кога велиме денес, тоа значи дека вчерашното јадење од Него е недоволно, ако не ни биде даден и денес – и сега, за да бидеме уверени дека е потребно секој ден да ја сознаваме Неговата нужност и секој ден да се молиме да ни биде даден овој Леб, зашто нема ден кога немаме потреба да го укрепуваме срцето на нашиот внатрешен човек со примањето и јадењето на овој Леб.

“И прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници” (Матеј 6,12). Милостивиот Господ ни ветил дека ќе ни ги прости гревовите, ако и ние покажеме пример на простување на нашите должници. Ние велиме: “како што им ги проштаваме и ние на нашите должници”. Очигледно е, дека само оној може со надеж да очекува дека ќе му биде услишена молитвата и дека гревовите ќе му бидат простени, ако и тој самиот им простува на своите должници. Оној, кој со сето свое срце не му простува на братот што му згрешил, тој со оваа своја молитвена прозба нема да проси да биде помилуван, туку да биде осуден. Зашто, ако неговата молитва биде услишена, тоа, согласно со неговиот личен пример на неопростување, што друго може да следи, освен неумолив гнев и неизоставно одредување на неговата казна? Светиот апостол Јаков вели: “Судот ќе биде безмилостен према оној кој не покажува милост” (Јак. 2,13).

“И не воведи нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот” (Матеј 6,13). Кога ќе си спомнеме за зборовите на светиот апостол Јаков: “Блажен е оној човек кој издржува искушене” (Јак. 1,12), овие зборови на молитвата треба да ги разбереме вака: не дека Бог не треба никогаш да дозволи да нѐ напаѓаат искушенија, туку Му се молиме: никогаш да не дозволи да бидеме победени од искушенијата. И многустрадалниот Јов бил искушуван, но не бил воведен во искушение, зашто, бил потпомаган од Бога “во сето тоа Јов не згреши и ништо неразумно не изрече за Бога” (Јов 1,22) и не ги осквернил своите усни со богохулно мрморење, кон што сакал да го доведе искушувачот. Искушуван бил Авраам, искушуван бил и Јосиф, но ни едниот ни другиот не паднале во искушение, зашто ни едниот ни другиот не ја исполниле волјата на искушувачот.

“Но избави нѐ од лукавиот” (Матеј 6,13) односно: не дозволувај да бидеме искушувани од ѓаволот повеќе отколку што имаме сили да се спротивставиме на неговите искушенија, како што пишува светиот апостол Павле велејќи: “Бог нема да допушти да бидете искушувани повеќе од силата ваша”(1. Kop. 10,13).

203. Иако оваа молитва која се нарекува Господова, затоа што неа ја кажал Самиот наш Господ Исус Христос, ја содржи во себе сета полнота на молитвеното совршенство, сепак Господ Своите блиски ученици ги води уште подалеку – кон една повозвишена состојба која веќе ја спомнавме. Во таа пламена молитва, која многумина не ја знаат и не ја доживуваат, која е, јас би рекол, неискажлива, која ги надминува сите човечки поими, која не се распознава ни по звукот на гласовите, ни по движењето на јазикот и ни по начинот на изговарањето на некакви зборови и која умот, озарен со некаква небесна светлина, не ја искажува со слаби човечки зборови, туку, откако ги собере чувствата, го излива незадржливо како од некој преизобилен извор, и тоа во најкраток временски миг, она со што е исполнет. Тој не е во состојба сето ова да го искаже со зборови, ниту може сето тоа да го проследи со својата мисла.

204. Ваквата молитвена состојба е Божји дар. Благодатната молитвена расположба обично се карактеризира со умиление, со чија посета опфатениот ум бива поттикнуван кон чиста и пламена молитва. Умилението, како што покажал опитот, наидува при разни случаи. Некогаш – додека молитвено пееме – зборовите од псалмите како да стануваат повод за пламената молитва, а некогаш и хармоничната мелодија на гласот од нашиот брат ги возбудувала душите на ваква молитва. Исто така, знаеме дека разбирливото и побожното пеење ги разгорува душите на оние што стојат за време на богослужбите во Божјиот храм. А често и поучните зборови на некој духовен отец или духовен разговор ги распалуваат чувствата за изобилно молитвено изливање. Има случаи кога се исполнуваме со силно умиление и тогаш кога сознаваме за загинувањето на некој од нашите браќа или на некој сакан човек. И спомнувањето за нашата студенина и нашата мрзливост понекогаш нѐ доведува да ја добиеме оваа спасоносна духовна топлина. Безбројни се случаите, во кои Божјата благодат ги разбудува нашите души од нечувствителност и духовна поспаност.

205. Умилението како што нѐ посетува во разни прилики, така се изразува и на разни начини: некогаш се изразува со некаква неискажлива духовна радост; некогаш ги нурнува сите сили и движења на душата во длабоко молчење, а има и случаи кога ова се изразува со проливање на повеќе или помалку солзи. Солзите или плачната состојба е еден од честите изрази на оваа благодатна состојба. Духовниот плач бива предизвикуван од ранетоста на срцето од сознанието на своите гревови, од созерцанието на вечните блага и од желбата за вечната слава, како и од сознанието на големите добрини на Бога према себе и своето недостоинство или чувството на нашето страдално прогонство на земјата.

206. Кој е белегот за тоа дека нашата молитва е услишена? Кога за време на молитвата не нѐ вознемирува никакво сомневање и кога надежта на нашата молитва не бива ослабувана од неочекување на она за што се молиме, како и кога за време на самата молитва чувствуваме дека веќе сме го примиле она за што сме се молеле, тогаш не треба да се сомневаме дека нашите молитви навистина се услишени. Зашто, доколку оној што се моли се удостои да биде услишен и да го добие она за што се моли, тој ќе може и да верува дека Бог го гледа и дека може да ја исполни неговата прозба, зашто се неизменливи зборовите на нашиот Господ и Спасител: “сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете и ќе ви биде” (Марко 11,24). Божјиот Син Господ Исус Христос укажува на многу причини, кои ѝ помагаат на молитвата да биде услишена. Така, молитвата бива услишена, кога двајца се согласат да се помолат (сп. Матеј 18,19); или кога некој се моли со вера, која е голема макар толку, колку што е големо синаповото зрно (сп. Матеј 17,20); или кога некој се моли неотстапно (сп. Лука 11,8 ); или кога со молитвата ја соединува и милостињата (Мудр. Сирах. 29,15), и други дела на милосрдноста (сп. Иса. 58,6-9) . Гледате на колку сѐ начини се добива благодатта за услишување на молитвата; затоа никој да не паѓа во очајание, дека не може да ги испроси од Бога спасоносните блага. Зашто, ако претпоставаме, дека ти недостасуваат многу од оние работи кои се потребни за услишување на молитвите, па зар не можеш да бидеш постојанен во молитвата, никогаш да не отстапуваш од неа? Тоа може да го прави секој само, ако сака. Само поради таа и таква молитва Господ ветил да ни даде сѐ што ќе посакаме. Затоа, да пристапуваме кон ваквата молитва без колебливост во верата, и ќе го добиеме она за што се молиме. Ова ни го ветил Самиот наш Господ, велејќи: “Зашто секој што моли – добива, а кој бара – наоѓа, и на оној чука – ќе му се отвори” (Лука 11,10). Но секој што се моли треба да знае, дека тој навистина нема да биде услишан, ако се сомнева во тоа дека ќе биде услишан.

207. По однос на молитвата, треба, пред сѐ да ја исполниме евангелската заповед за тоа: кога сакаме да Му се молиме на небесниот Отец – да влеземе во својата соба и да ја затвориме вратата. Ова треба да го правиме и буквално и во духовна смисла. Се молиме внатре во нашата соба тогаш, кога нашето срце потполно се оддалечило од сите световни грижи и помисли и Му ги принесуваме нашите молитви на Господа на некаков таинствен начин и со смелост. Се молиме при затворени врати тогаш, кога со затворена уста, молчејќи Му се молиме на Оној Кој ги испитува не зборовите, туку срцата. На скришно место Му се молиме на Бога, кога само со нашето срце и со нашиот внимателен ум Му ги принесуваме нашите прозби само Нему, така што и самите непријателски сили не можат да дознаат за што се молиме. Потребно е да се молиме со длабоко молчење не само затоа да не им пречиме во молитвата на нашите браќа, кои стојат заедно со нас и да не ги вознемируваме во нивните молитвени чувства со нашето шепотење и гласно изговарање на молитвените зборови, туку и затоа – да го сокриеме предметот на нашата молитва од нашите духовни непријатели кои нѐ напаѓаат особено за време на молитвата.

208. Нашата молитва ќе се издигне до нејзиното својство на совршенство тогаш, кога во нас ќе се изврши она за што нашиот Спасител Господ Исус Христос Му се молел на Својот Отец, велејќи: “љубовта, со која ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив ” (Јован 17,26) и уште: “Како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така И тие да бидат во Нас едно” (Јован 17,21). Тоа ќе биде тогаш, кога сета наша љубов, сите наши желби, сета наша ревност, сиот стремеж, сета наша мисла, и сѐ што гледаме, што говориме, што очекуваме, да биде Бог, и кога единството кое постои меѓу Отецот и Синот – на Отецот со Синот, и на Синот со Отецот – ќе биде влеано во нашето срце и во нашиот ум, така што, како Он што нѐ љуби нас со Својата чиста и неразделна љубов, така и ние да бидеме соединети со Него со таква чиста и неразделна љубов. Оној што стигнал до ваква состојба, кај него не може срцето негово да не биде загревано од непрестана молитва. Тогаш, секое движење на неговиот живот и секој стремеж на неговото срце ќе бидат една единствена и непрекинлива молитва, претходно вкусување и залог на вечниот блажен живот.

209. За постигнување на последното совршенство во молитвата потребно е да бидеме утврдени во постојаното спомнување за Бога, а како средство за постигнување на ова е често повторуваната кратка молитва. Нашите отци нашле, дека оној што се стреми секогаш да си спомнува за Бога треба да придобие навика често да ги повторува следните молитвени зборови: “Боже, дојди ми на помош, побрзај, Господи, да ми помогнеш” (Псал. 69,1). Овој стих од Светото Писмо со право е избран; тој ги изразува сите потребни молитвени расположби и им одговара на сите потреби на оној што се моли. Тој ја содржи смирената исповед на нашата беспомошност, признавањето дека Бог ни е единствениот Помошник, кој е секогаш готов да ни помогне, – да им помогне на нашата вера и на нашата надеж – ќе ни помогне и нам кои ја изговараме оваа молитва и ке нѐ избави од секое зло. Оној што непрестано Го повикува Бога со овие зборови, тој со својот ум Го гледа Бога и Го чувствува присутен во себе и се обраќа кон Него со срце исполнето со синовска љубов, а преку тоа ги привлекува кон себе Божјата закрила и Неговата помош. На тој начин оваа кратка молитва станува неразрушлив ѕид против демонските напади. Таа ја разгонува бучавата од помислите, ги одгонува лошите помисли, ги скротува страсните движења и ги одгледува сите добри насади во нашето срце. Светите оци ни заповедале: ако ни е здодевна страста на чревоугодието со своите разновидни пројавувања, треба да извикуваме кон Бога со зборовите: “Боже, дојди ми на помош, побрзај, Господи, да ми помогнеш ” (Псал. 69,1); ако почуствуваш потреба за построг пост заради скротување на телото и немаш надеж дека ќе можеш ти самиот да го совладаш, пак моли се вака: “Боже, дојди ми на помош ” (Псал.69,1) Ако те измачува духот на унинието и ако те истоштува унинието, одалечувајќи те од она што треба да го правиш, и тогаш моли се вака: “Боже, дојди ми на помош ” – или ако те посети некаква духовна радост и ти сакаш да ја запазиш и да ја зголемиш, и тогаш моли се со овие зборови: “Боже, дојди ми на помош “. Ако те зафати скокоткање на твоето тело со својата измамлива наслада и те опфати страв – овој оган да не го изгори слатко миризливиот цвет на целомудрието, и тогаш извикувај, молејќи се :”Боже, дојди ми на помош” Или кога те опфати спокојство и некаква свежина во сите членови на твоето тело, а имаш желба оваа добра состојба да продолжи во тебе или засекогаш да остане во тебе, тогаш уште поусредно повторувај ги овие молитвени зборови: “Боже, дојди ми на помош”. Така прави и за време на секоја потреба – читај ја оваа кратка молитва; таа ќе те избавува oд секoе зло и ќе запазува во тебе секое добро. Затоа секогаш нека се вртат нејзините зборови во твоите гради. Изговарај ја за време на секоја работа и секое служење: тогаш кога патуваш и кога седиш на трпеза, изговарај го овој библиски стих и кога си легнуваш да спиеш и кога cе разбудуваш, сѐ додека преку непрестано повторување не навикнеш да го изговараш и за време на својот сон.

210. Како прв плод од сето ова ќе биде отфрлувањето и оддалечувањето на мноштво твои помисли; преку овие зборови ќе го запазуваш единството на твојата душа, ќе свикнеш сѐ повеќе да го обединуваш својот ум со помислата за единствениот Помошник и да Го гледаш секогаш присутен до Тебе – Него Кој сѐ гледа и сѐ одржува. Оттука потоа, издигнувајќи се до живото општење со Бога, ќе почнеш сѐ повеќе и повеќе да се наситуваш со возвишените тајни и да проникнуваш во Бога, да бидеш само со Него и Он да ти биде единствено достатен. Така, најпосле, ќе достигнеш до спомнатата чиста молитва, која не со звукот на гласот и со изговарање на некакви зборови, туку живо избива од срцето и со неискажлив устрем незадржливо се упатува со умот кон Бога и се излива пред Него со непроникливи воздивнувања.

 

Обработи,
Отец Митко Попоски
Виндзор Канада 2022