




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM II
Свети Јован Касијан Римјанин
7. Борбата со помислите и преку нив со лошите духови – која
ги придружува сите други борби и која ги надживува сите нив
Преглед на духовната борба
155. Не гледаме никаков успех од нашето постојано внимание и покрај сето наше настојување. Нашиот ум никако не можеме да го задржиме да не талка. Дури и тогаш кога чувствуваме дека нашето срце сочувствено се стреми кон одредено соѕерцание, нашиот ум нечувствително отстапува од тоа и со голема брзина го следи својот обичај на талкањето. И така, безброј пати во текот на секој ден тој бива зафаќан со своите талкања таму – ваму. Нас не опфаќа дури и очајание што не можеме да ја отстраниме оваа наша слабост и помислуваме дека засилувањето на нашето внимание во ваквата работа е напразен труд, кога гледаме како нашата душа и покрај сето тоа, секој миг со брзи полети трга во овие талкања. Успеваме извесно време со стравот Божји да ја привлечеме кон духовно соѕерцание, но пред да се задржи во него, пак во миг се изгубува од нашиот вид. И тогаш кога ќе ја забележиме неговата намера пак да избега, ќе го фатиме во тој ист миг и ќе го привлечеме кон соѕерцание од кое почнал да отстапува, со намера како со вериги да го врзиме со најсосредоточено внимание на нашето срце, тој и тогаш успева да избега од ова внатрешно светилиште побрзо отколку што може да го направи тоа рибата од раката на рибарот. Трудејќи се секој ден на ваков начин со сета наша усрдност да ги пазиме нашите мисли и гледајќи во тоа дека не сме постигнале никаков успех, без да сакаме, доаѓаме до заклучок, дека талкањето на мислите не зависи од нас и дека е можеби таква нашата природа.
156. Ваквото брзо изведување на заклучоци без да ги испитаме добро работите, не е без опасност. Ако не можеме или не знаеме во нешто да успееме, не е добро и справедливо да мислиме дека таквиот успех не е можен. Ова е слично на тоа, кога некој не знае да плива и нема вештина да се одржува на водата, ако од тоа изведе заклучок дека човечкото тело поради својата тежина не може да се одржува на водата, а телата на сите се такви, какво што е и неговото тело, па, затоа, ничие тело не може да се одржува на водата, и опрема тоа, никој не може да плива, дека е таква нашата природа. Колку и да му се чини правилен и точен неговиот заклучок, животниот опит не го оправдува. Такво е и нашето размислување по ова прашање. Нашиот ум, таков каков што е по својата природа, не може да биде празен, па затоа, ако нема во себе однапред смислено подготвени предмети кон кои би ги усмерувал своите движења и со кои постојано би се занимавал, тој по својата лесна подвижност од таму – ваму, лета насекаде, сѐ додека по долги вежби и со постојана навика, со силата на она што го нарекуваме напразен труд, од личен опит ќе дознаеме какви предмети за размислување треба да му подготвуваме, за нашиот ум да навратува на нив во своите неуморни летови и преку напорното и неуморно задржување во овој труд, да придобие сила да им се спротивставува на ѓаволските искушенија, кои го мамат и, го расејуваат. Со тоа нашиот ум ќе добие навика да се задржува во состојба на невознемируван внатрешен спокој кој толку многу го посакуваме. Затоа, не треба непостојанството и неуредното талкање на нашите помисли да ѝ ги препишуваме на нашата природа или на Бога, нејзиниот Создател. Зашто вистински се зборовите на Светото Писмо, дека: “Бог го направи човекот добар, но луѓето се впуштаат во многу мудрувања”(Проп.7,29). Според тоа, какви се и какви ќе бидат нашите помисли, зависи од нас. И псалмопеачот Давид вели: “Преминувајќи ја долината на плачот, тие наоѓаат извори во неа, и дожд ја покрива со благослови” (Псал. 83,6). Гледате ли дека од нас зависи, дека е под наша власт, дали ќе се издигнуваме до Бога, односно дали ќе имаме такви помисли кои ќе не издигнуваат до Бога, или ќе имаме помисли кои ќе не туркаат надолу кон она што е земно и телесно? А ако помислите не зависат од нас, ако не се во наша власт, тогаш Господ не би ги прекорил фарисеите, велејќи им: “Зошто мислите лошо во срцата ваши?” (Матеј 9,4). И преку Пророкот не би заповедал: “Измијте се, исчистете се, иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло;” (Иса.1,16) и: “Измиј го злото од срцето свое, Ерусалиме, за да се спасиш. До кога ќе стојат во тебе злосторнички мисли?” (Јерем.4,14) (Разг.7-8).
157. Вистина е дека многу наши суетни помисли дури и против нашата волја нѐ вознемируваат и речиси без нашето знаење нѐ измамуваат, влегувајќи во нас така брзо и незабележливо, што не само што не можеме да им попречиме да влезат, туку и со голема мака можеме да ги забележиме, но секој од нас може да ги прифаќа или да ги отфрла, ако со Божја помош се потруди и пројави лични усилби. Нивното настанување и појавување не зависи од нас, но тоа дали ќе ги отфрлиме или ќе ги прифатиме, зависи од нашата волја. Впрочем, и самата расејаност на помислите не треба да им се припишува само на помислите или на лошите духови кои се трудат да ги расејуваат, туку и од нас зависи како ќе го поправиме квалитетот на нашите мисли и колку се трудиме во нашите срца да настануваат духовни и свети помисли место телесни и земни, – ако не постојано, тогаш барем што почесто. Кога некој разумно и со волја го чита и го проучува Светото Писмо, ги пее псалмите и црковните песни, кога непрестано си спомнува за идниот живот и за небесното царство, тогаш лошите помисли ретко се појавуваат и се сѐ помалку. А кога, напротив, некој постојано се занимава со светски грижи и телесни работи, води суетни и некорисни разговори, тогаш лошите и грешни помисли се умножуваат во него.
158. Дејноста на нашиот ум успешно може да се спореди со воденичко тркало кое се врти брзо од удирањето на брзиот тек на водата. Тоа никако не може да престане да се врти додека е движено од текот на водата, но од воденичарот зависи што ќе меле воденичкиот камен: пченица, пченка или какол. Така и нашиот ум, бидејќи постојано е движен од потоците на впечатоците, кои отсекаде се устремуваат врз него, не може да биде лишен од бранувањата на помислите; но кои од нив ќе ги примаме и ќе ги усвоиме, зависи од нас и од нашата волја. Ако, како што рековме, постојано се занимаваме со читање и поучување од Светото Писмо, ако нашиот живот го исполнуваме со духовни предмети, ако имаме желба и надеж да го добиеме идното блаженство, тогаш од тоа во нас ќе се раѓаат духовни помисли и тие ќе го држат нашиот ум непрестано да размислува за оние работи, во кои се вдлабочуваме. А ако, поради нашата незагриженост се занимаваме со страстите и празни разговори или ако имаме светски и суетни грижи, тогаш во врска со нив во нас ќе се раѓаат мисли кои ќе бидат како плевели и ќе го исполнуваат нашето срце со штетни грижи, според зборовите на нашиот Спасител Господ Исус Христос: ” Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше” (Матеј 6,21), односно каде е сокровиштето на нашите дела, таму ќе биде и нашето внимание и нашето срце.
159. Треба да знаеме дека има три вида наши помисли: од Бога, од ѓаволот и од нас. Од Бога – тогаш Он нѐ удостојува со посетата на Светиот Дух, поттикнувајќи во нас или ревност кон духовното преуспевање и скрушеност поради малиот успех во нашиот богоугоден живот, или затоа што сме мрзливи и безгрижни; или пак, кога ни ги открива небесните тајни, и нашите намери ги свртува кон прибирање на добри дела. Така, Господ му внушува да ги побара државните дневници каде биле запишани добрите дела на Мардохеја и тоа придонело веднаш да ја одмени својата жестока одлука за уништувањето на еврејскиот народ (Естир 6 гл.). Така и на светите апостоли им било ветено: “Не сте вие што ќе говорите, туку Духот на вашиот Отец ќе говорите во вас” (Матеј 10,20) – Има помисли од ѓаволот: кога се обидува да нѐ препне возбудувајќи преку тие свои помисли во нас страсна наслада или со силата на својата итрина и на своето лукавство го претставува злото како добро, како што пишува светиот апостол Павле, велејќи: ” Самиот сатана се преправа во ангел на светлината ” (2. Kop.11,14). Така, “ѓаволот беше вметнал во срцето на Јуда Симонов Искариот за да Го предаде ” (Јован 13,2) Исуса – нашиот Господ, а на Ананија да Го излаже Светиот Дух (сп.Дела 5,3). Од нас самите се раѓаат помисли кога природно си спомнуваме што сме виделе, што сме чуле и што сме правеле.
160. Оваа тројна причина на нашите помисли треба секогаш да биде предмет на нашето внимание: за да ги разликуваме и да знаеме според тоа, како да се однесуваме према нив. Во овој однос треба да се угледаме на искусните менувачи на монети кои знаат точно дали златото е чисто или во него има примеси и на други метали, дали е тоа вештачко и дали ја има со закон определената тежина. И ние треба токму вака да постапуваме по однос на нашите помисли. Пред сѐ, треба да провериме дали е вистина тоа што влегло во нашите срца или не е. На пример, ако ни се изложи некакво учење, треба да го провериме и да видиме дали е исчистено со божествениот оган на Светиот Дух, или му припаѓа на јудејското суеверие или потекнува од горделивите светски филозофи и има само надворешен вид на побожност. Ако постапиме така, ние ќе ја исполниме пораката на апостолот кој вели: “Не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите дали се од Бога ” (1.Јов.4,1). Тогаш ќе бидеме сигурни дека нема да се отклониме од вистината. А оние што не се потрудиле да го исполнат ова предупредување, тие се изложиле на страшно отпаѓање од верата. Слаткоречиви измамници отпрвин ги привлекле кон себе со некои побожни чувства и умувања согласни со светата вера, како со некаков сјај на златото, а потоа ги научиле и на некои свои мудрувања кои ѝ се спротивни на вистинската вера. Измамени со првиот добар впечаток, не помислиле да ги подложат на проверување, па така измамени ги примиле фалсификуваните монети за вистински и паднале на тој начин во еретички заблуди. Пред сѐ, треба да се грижиме да знаеме точно дали од тие луѓе не слушаме лажно толкување на Светото Писмо кое ни се нуди како чисто злато, како вистинско толкување на Божјото откровение, дали не нѐ мамат со привлечната надворешност на своето учење – искривување на Божјата вистина. Така сатаната се обидувал да Го искуша Самиот наш Господ и Спасител Исус Христос. Така нѐ искушува и сите нас и не без успех, како што не можел да Го измами Него. Исто така, треба да бидеме многу внимателни ѓаволот кој ги изменува божествените зборови на Светото Писмо со своето лукаво толкување, да не успее да нѐ измами со своето лажно толкување, обидувајќи се да нѐ убеди и да го прикрие тоа со светото предание, кое како да му припаѓа на некој од светите отци, служејќи се на тој начин престапно со царскиот печат за потпечатување на фалсификувани пари. Тој успева да го прави тоа кога нѐ мами да започнеме прекумерен подвиг кој ги надминува нашите сили: предолго бдеење, неуредни молитви, несообразно читање и, мамејќи нѐ дека нѐ води кон она што е добро за нашата душа, на крајот ја доведува до она што е од сѐ штетно за неа. Или кога ни советува да правиме непотребни пости за да нѐ изгони од нашата ќелија и да нѐ лиши од блаженото безмолвие; кога ни советува да почнеме да се грижиме за некои немоќни побожни жени, за да нѐ сопне со погубни грижи; или кога нѐ поттикнува да сакаме да добиеме свештенослужителски чин под верувањето дека тоа ќе биде од духовна корист за многумина, одалечувајќи нѐ со тоа од смиреноста на монашкиот живот. Сите такви предлози, покриени под покривот на милосрдието, побожноста и преуспевањето во возвишените работи, ги воведуваат во прелест и измама неопитните. Надворешно, тие се како вистински монети на вистинскиот цар, но тие не се проверени од вистинските вештаци за духовните монети од искусните православни отци; тие се излиени од лукавите бесови за наша штета и пропаст. На нив потполно се однесуваат зборовите на премудриот Соломон: “Има патишта кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта “(Изрек. 16,25). Последното проверување на опитниот специјалист за монети, оние кои се однесуваат на тежината, ние во духовна смисла ќе го извршиме, кога некоја помисла ни предлага нешто да направиме, ако тоа го ставиме на терезиите на нашата совест и со големо внимание и строгост провериме дали ја има соодветната тежина: дали ја има тежината на Божјиот страв, дали во нив има сѐ што е неопходно по смислата и значењето, дали не ги прави монетите лесни надворешноста и новината, и дали нивната тежина не ја намалуваат славољубието и човечката слава. Откако сето тоа ќе го провериме и ќе го измериме според сведоштвата на апостолите и пророците, должни сме или да ги прифатиме како согласни со нив, или сосема решително да ги отфрлиме, како нешто што е спротивно и погубно.
161. Така треба непрестано да ги набљудуваме и најтајните места на нашето срце, и со големо внимание да ги забелуваме трагите на оние што влегуваат во него, за да не се прикрие и некаков духовен ѕвер или самиот лав и ламја, и, откако ќе ги остави тајно своите траги таму, да им направи слободен пат во нашето срце и на други наши непријатели, ако бидеме невнимателни према помислите. Обработувајќи ја на тој начин секој час и секој миг земјата на нашето срце со евангелското рало, односно со спомнувањето за Господовиот крст, ќе можеме лесно да ги разориме дувлата на дивите ѕверови и гнездата на отровните змии и да ги изгониме од себе.
162. Слика за совршен ум, за ум што успешно управува со своите помисли, прекрасно ни е дадена во лицето на евангелскиот стотник. Во расказот за него, моралната сила, која не им дава можност на сите и на секаквите помисли да навлегуваат во нас, туку размислува за нив, и добрите ги прима, а непријателските лесно ги прогонува, опишана е во следниве негови зборови, ако ги разбереме алегориски: “Зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‘Оди!’ и тој оди: на другиот ʽДојди!ʼ и тој доаѓа: и на слугата мој: ‘Направи тoa!’ и тој прави” (Матеј 8,9). Ако и ние храбро се бориме против неуредните внатрешни движења и страсти, ако ги потчиниме на својата власт и на своето расудување, да ги изгаснуваме похотите кои војуваат во нашето тело, да ги држиме мноштвото неуредни наши помисли под власта на разумот и да ги прогонуваме лошите непријателски сили од пределите на нашето срце со силата на Господовиот крст, тогаш за таквите славни победи би биле унапредени за “стотници” во духовна смисла. На тој начин и ние, откако ќе се издигнеме на височината на таквото достоинство, ќе имаме таква сила и власт, како и тој, – да не им дозволуваме на лошите помисли да се вселуваат во нас, туку да им даваме пристап во себе само на оние, со кои ќе можеме духовно да се насладуваме и кон нив да се прилепуваме, па да можеме со власт да им заповедаме на лошите помисли да се оддалечуваат од нас, и тие ќе се оддалечуваат; добрите помисли ќе ги повикуваме да дојдат во нас, и тие ќе доаѓаат; а на робот наш на телото ќе му заповедаме за сѐ што ни е потребно за нашето целомудрие и воздржување, и тој без какво и да е спротивставување – ќе го исполнува тоа што ќе му го заповедаме, нема веќе да ги поттикнува порочните желби, туку во сѐ ќе му биде покорен на духот.
163. Но како да го постигнеме ова? Тоа ќе дојде само од себе тогаш, кога искрено ќе се соединиме со Бога и кога Он ќе почне да дејствува во нас. Во ова не уверува и апостолот кога вели: ” Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја станува моќна за рушење тврдини; со него ние уништуваме мудрувања” (2. Кор.10,4). Што и да преземеме со цел да ги победиме лошите помисли, нема да успееме сѐ додека не почне самиот Бог да дејствува во нас, по Своето соединување со нас. Тогаш и нашите немоќни сили ќе станат силни и победоносни, и ќе ги урнат непријателските тврдини и ќе ги изгонат и победат сите лоши помисли. И ќе се исполнат пророчките зборови: “Прековајте ги плуговите свои во мечеви, а срповите во копја; и слабиот нека вели: јунак сум; Побрзајте, вие околни народи, и соберете се. Господи, доведи ги јунаците Свои!” (Јоил 3, 10-11) и она што го пишува светиот апостол Павле: ” Кога сум слаб, тогаш сум силен” (2. Кор.12, 10), “зашто силата Божја наполно се покажува во слабоста” (2. Кор 12,9). Затоа, со сета желба на нашето срце да се устремиме кон соединувањето со Господа, та и во нас да се исполни она што го доживеал блажениот Давид кој вели: “А оние кои сакаат да ме лишат од мојот живот, ќе слезат во длабочината на Земјата” (Псал. 62,9) и секој од нас заедно со него да почне да пее: “А мене ми е добро да сум до Бога, на Господа ја полагам надежта моја, за да ги раскажувам сите дела Твои кај портите на ќерката Сионова” (Псал. 72,28). Се разбира, за ова се потребни постојани усилби и постојан труд, а без тоа во ништо не можеме да имаме успех. Па затоа не треба да го чекаме ова во ваквата важна работа. Ниедна добродетел не доаѓа до своето совршенство без труд, ни до смирување на помислите никој не може да дојде без личен труд, без голем и напорен труд на срцето. Токму на ова се однесуваат следниве зборови на Господа: “Царството небесно со напор се освојува и силните го грабаат” (Матеј 11,12) за да „го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота” (Ефес. 4,13) и да станеме “еден дух со него” (1. Кор. 6,13), co Господа, за тоа ни е неопходно потребно секогаш да бидеме будни и со непрестана ревност да се трудиме со пот за тоа. А оној што ќе може да го постигне тоа, тој ќе може заедно со апостолот да извикува: “сѐ можам преку Исус Христос, Кој ме крепи” (Фил.4,13).
164. Затоа сето наше внимание секогаш треба да биде вперено само кон тоа, да можеме живо да ги враќаме нашите мисли кон спомнувањето за Бога од нивното постојано оддалечување и талкање, онака како што оној што сака да направи правилен свод на купола постојано се служи со канап, кој поаѓа од центарот и постојано ја обвива градбата и на тој начин ја оформува нејзината тркалезност. А кој се обидува ова да го постигне без помошта на канапот, тој, колку и да е вешт и искусен, не може да ја запази непогрешна тркалезноста и не може само со својот поглед да одреди колку отстапил од неа, ако не се послужи со укажувачот за постигнување на правилноста. Така и нашиот дух, ако го утврди во себе живото спомнување за Бога како некој неподвижен центар, ако потоа појдувајќи од него и ако со него не ги придружуваме сите наши дејства и трудови со него како со исправувач, ако не ги проценуваме какви се нашите помисли и почетоци за да можеме едни од нив да прифаќаме, а други да отфрламе, и со него, како со точна мерка, да му одредуваме правец на сѐ што работиме, – тогаш никогаш нема да можеме да ја изградиме нашата духовна зграда, на која е градителот светиот апостол Павле (сп.1. Кор.3,10), и нема да можеме да го известиме за убавината на тој дом, кој сакајќи да Му го изгради на Господа во своето срце, блажениот Давид велел: “Господи, го возљубив домот, во кој престојуваш и местото каде што пребива славата Твоја” (Псал.25,8), но во лошо изградениот дом нема да се насели Светиот Дух и тој самиот ќе биде затрупан под неговите урнатини.
165. Преку помислите, на нас главно дејствуваат темните сили и ние лесно би можеле да се справуваме со нив, ако не бевме постојано заобиколувани од голем број демони. Но, не треба да се плашиме од ова. Точно е дека овие наши непријатели постојано нѐ напаѓаат, но тие само го сеат и поттикнуваат злото во нас, но не нѐ принудуваат на него. Кога би им била дадена власт не само да напаѓаат со искушенија, туку да можат и насилно да нѐ повлекуваат кон нив, тогаш тие би можеле да нѐ приморуваат да ја извршуваме секоја нивна желба. Тогаш човекот не би можел да им се спротивставува на гревовите. Но гледаме, како што ним им е дадена сила да можат да нѐ поттикнуваат кон злото, така и нам ни е дарувана сила да ги одбиваме нивните напади, и слободно да ги одбиваме или да ги прифаќаме. Од што треба да се плашиме? Впрочем, ако некој се плаши од нивното насилство и од нивните напади, ние од спротивната страна ги предлагаме Божјата закрила и Божјата помош која е посилна од нив, како што вели свети Јован Богослов: “Зашто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот ” (1. Јов. 4,4). A тaa закрила со неспоредливо поголема сила ни помага повеќе отколку што е силата на оние од непријателската страна. Зашто Бог не само што нѐ поттикнува кон добри дела, туку и ни помага да можеме да ги вршиме, така што понекогаш и без наша волја и без наше знаење нѐ привлекува кон спасението. Затоа, никој не може да биде измамен од ѓаволот, освен оној кој ќе посака да се согласи со него преку својата слободна волја. Проповедникот ова јасно го изразува со следниве зборови: “Бидејќи не се врши суд над лоши работи, затоа не се плаши срцето на синовите човечки да прави зло” (Проп. 8,11). Очигледно е дека секој греши ако кога ќе го нападнат лоши помисли, тој веднаш не им се спротивставува. Зашто е речено: “Противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас” (Јак. 4,7).
166. Големо прашање е тоа како лошите духови влегуваат во општење со душата, како разговараат со неа, како ги сеат помислите во неа, како ги гледаат нивните помисли и движења и како се користат со нив за нејзина штета. Но, во ова нема ништо чудно; духот може да општи со другиот дух и таинствено да влијае врз него, да го поттикнува кон она кон што тој сака. Зашто меѓу нив, како и меѓу луѓето постои некоја сличност и некое сродство по природа, но да влегуваат едни во други и да владеат едни со други, тоа е наполно неможно. Ова може вистински да Му се препише само на Бог.
167. На ова што го рековме пред малку не му противречи она што станува со поседнатите од демоните, кога тие, заробени од нечистите духови, говорат и прават нешто што не го сакаат и биваат принудувани да изговараат зборови кои не ги разбираат. Познато е дека не сите од нив се потчинети со еднаква сила на влијанието од лошите духови. Некои од нив толку се завладеани од лошите духови, што не знаат ни што прават ни што говорат, а други го сознаваат тоа и потоа си спомнуваат за него. И едното и другото бива и под дејство на нечистиот дух, но не така како да проникнал во самата суштина на душата, како да се слеал со неа, како да се облекол во неа, изговара зборови преку устата на страдалникот. Тоа тие никако не можат да го прават. Тоа бива така што нечистиот дух се сместува во нивните членови, преку кои душата дејствува, и им наложува неподнеслива тежина, со страшно помрачување ги покрива чувствата и разумот на душата, и ја оневозможува нивната слободна дејност. Ова, како што знаеме, понекогаш се случува и во состојба на пијанство, при висока температура, од голем студ и други болести кои доаѓаат однадвор. Сатаната за да не му го причини ова и на блажениот Јов, зашто добил власт над неговото тело, Господ со особена заповед му забранил да го направи тоа велејќи: “Ете, тој е во твојата рака; само душата не земај му ја”(Јов 2,6), односно само да не го направи безумен, да не го растрои седалиштето на душата, да не го нападне огнот на неговиот разум и да ја повреди способноста за расудување, со помошта на која Јов можел да му се спротивставува на демонот .
168. Впрочем, иако на тој начин духот некако се измешува со таа тврда и груба материја, со телото, тоа може да биде сосем лесно, од тоа не треба да следи дека тој може и со душата која е исто така дух, да се соедини со неа, така за да може и неа, како и телото, да ја направи живеалиште на своето суштество. Ова е можно само за Света Троица, која секое разумно суштество не само што го опфаќа, туку и го проникнува. Само Бог е секаде и во сѐ, така што ги гледа и сите наши помисли, и сите внатрешни движења, и сите скриени тајни на душата, како што вели апостолот: “Нема создание сокриено за Него, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној пред Кого ние ќе одговараме“ (Евр. 4,13), „и затега смртна стрела, а стрелите Свои ги вжарува“ (Псал. 7,13).
169. Но, како нечистите духови ги знаат нашите мисли? Тие не ги читаат нив во нашата душа, туку ги препознаваат по надворешните видливи пројавувања од нашите зборови и дела. Тие никако не можат да проникнат во оние мисли кои уште не излегле надвор од душата. Па тие дури не можат да знаат дали нивните предлози се примени или не се примени; тоа тие го дознаваат не во самата душа, не во нејзината внатрешност, туку по пројавите што ги правиме видливо, надвор од душата. Така, ако посеал во нас чревоугодна помисла, тој гледа дали монахот почнал да гледа низ прозорот, дали гледа уште колку време има до залезот на сонцето или сака да дознае колку е часот, тој по тоа дознава дека тој го прифатил неговиот предлог, ја прифатил чрвоугодната помисла. И не е чудно што лошите воздушни сили го дознаваат ова по надворешните знаци, зашто и паметните луѓе ја дознаваат внатрешната положба на човекот по неговиот поглед, по лицето и по другите надворешни знаци на неговото тело. Се разбира, точно е дека по тие знаци, демоните можат да го дознаваат тоа многу полесно од луѓето, зашто тие се многу поумни и попроникливи од нив.
170. Треба да знаеме, дека сите демони не ги поттикнуваат и распалуваат сите страсти во луѓето; еден од нив се насладува со нечистите и срамни похоти, други го сакаат богохулството, а трети – гневот и лутината, четврти ѝ се радуваат на жалоста, петти ги поттикнуваат славољубието и гордоста. Секој од нив ја посејува во човечкото срце онаа страст, со која и тој најмногу се насладува. И не сите заедно и истовремено ги разгоруваат сите страсти, туку наизменично де една, де друга зависно од времето, местото и од приемчивоста на искушуваниот.
171. И ова треба да се знае дека сите тие не се подеднакво лоши, ниту со еднаква сила. Почетниците и немоќните ги напаѓаат послабите духови и кога тие ќе бидат победени, тогаш биваат испраќани посилните, па така Христовиот војник треба да издржува сѐ посилна и потешка борба, соодветно со своите поголеми успеси и со зголемувањето на своите духовни сили. И никој од Божјите светии никако не би можел да ги издржи пакостите на сите тие многубројни непријатели, ако за време на ова наше духовно војување не е постојано со нас нашиот премилостив Закрилник и Помошник во борбите, ако Господ Исус Христос не би ни давал нови сили нам што се бориме и кога не би ги спречувал нападите на нашите противници, зашто „верен е Бог, Кој нема да допушти да бидеме искушувани повеќе од силата ваша“ (1. Kop.10,13).
172. Дека демоните немаат власт да му нанесуваат штета на секој човек, докажува на најјасен начин примерот на блажениот многустрадален Јов, кого непријателот не можел да го искушува повеќе отколку што My било допуштено со Божјата волја. За ова сведочи и искажувањето на лошите духови во светото Евангелие. Едно од нив е следново: “Ако нѐ изгониш, дозволи ни да влеземе во крдоно свињи”(Матеј 8,31). Затоа треба уште повеќе да веруваме дека тие не можат по своја волја да влезат ни во еден човек создаден по Божјиот образ, кога немале сила без Божја дозвола да влезат ни во тие нечисти и неразумни животни. Ако им била дадена власт да можат да го искушуваат и да го напаѓаат човекот кога сакаат и како сакаат, тогаш никој не само од помладите монаси, туку и од оние најсовршените не би можел да продолжи да живее во пустината, зашто сме заобиколени со големо мноштво на толку лоши и пакосни непријатели.
173. Познато е и тоа дека нечистите духови не навлегуваат во телата на луѓето на друг начин, освен преку овладувањето најнапред со нивниот ум и со нивните помисли. Откако најнапред ќе ги лишат од стравот Божји, од духовните поуки и од спомнувањето за Бога, тогаш смело ги напаѓаат како обезоружени и лишени од Божјата помош и закрила, па затоа лесно ги победуваат и, најпосле си прават живеалиште во нив, како во нешто што им е дадено во владение. Впрочем, точно е и тоа дека уште потешко биваат од нив измачувани оние кои, иако не се заробени од нив телесно, биваат духовно поробувани, а тоа се оние, кои се врзани со демонските страсти и похоти, зашто, според зборовите на апостолот: “Кога некој некого го победува, тој и го поробува” (2. Петр.2,19).
174. Светото Писмо сведочи дека кај нас секогаш има два ангела: еден добар и еден лош. За добрите ангели Спасителот вели: “Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата постојано го гледаат лицето на Мојот Отец небесен” (Матеј 18,10). Блажениот Давид вели: “Ангел Господов се улогорува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува.” (Псал.33,7), а за ова се сведочи и во книгата Дела на светите апостоли: “Тоа е вистинскиот ангел” (Дела 12,15). За овие два ангела опширно се говори во Псалтирот. Ако размислиме и за тоа дека лошиот дух барал од Господа власт за да може да му се приближи на Јов, ќе ни стане јасно дека тој и дотогаш го напаѓал, но никогаш не можел да го придобие за гревот, па затоа барал од Господа власт над него, признавајќи дека дотогаш бил победуван од Јов не поради неговата добродетел, туку поради Божјата закрила која постојано го покривала и го бранела. А за предавникот Јуда се вели: “Постави над него грешник, и ѓаволот да застане десно од него ” (Псал. 108,6).
Обработи и преставува
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада 2022