




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM II
Свети Ефрем Сирин
2. Поуки за покајанието
1. Тешко мене! Во каков срам се наоѓам! Она што е скриено во мене не е како она што се гледа! Јас имам само надворешен вид на побожност, но силата на побожноста ја немам. Со какво лице ќе излезам пред Господа? Он ги знае тајните на моето срце. Бидејќи сум одговорен за толку многу лоши дела, и на молитва кога стојам, треперам од страв да не слегне оган од небото и да не ме уништи. Но сепак, јас не се очајувам, зашто на Господа се надевам.
2. Тврдо е срцето мое. Помрачен е умот мој и размислувањето мое е изменето. Јас сум како пес, кој “се враќа на својата блујавица” (2. Петр. 2,22) . Чисто покајание немам, немам солзи кога се молам, иако воздивнувам и во гради се удирам – во ова живеалиште на страстите.
3. Таму ќе се открие она што го правам тајно и она што е јавно. Каков срам ќе ја опфати душата моја кога ќе ме видат осуден оние, кои сега ме сметаат беспрекорен! Откако го оставив она што е духовно, им се потчинив на страстите. Имам желба да учам, а не учам; не сакам да се потчинувам, а сакам да ми се потчинуваат; не сакам да се трудам, а на другите труд тежок им наложувам; не сакам чест на другите да им давам, а сакам тие мене да ме почитуваат; сакам да прекорувам, а јас прекори не поднесувам; не сакам да ме понижуваат, а јас понижувам. Јас сум мудар – совети на другите да им давам, а јас самиот тоа не сакам да го извршувам; говорам што треба да се прави, тоа го говорам, а што не треба да се прави – тоа го правам.
4. Никогаш не вели: “денес ќе погрешам, а утре ќе се покајам.” Подобро е денес да се покаеш, зашто не знаеш дали утрешниот ден ќе го дочекаш.
5. Ако згрешиме, веднаш треба да се покаеме. Господ секогаш го прима покајанието, ако искрено се каеме.
6. Ако братот наш згреши, со задоволство го изобличуваме; а ако згрешиме ние, изобличувањата со непријатност ги примаме.
7. “Не противречи ѝ на вистината, срамувај се од своето незнаење. Не срамувај се да ги исповедаш своите гревови и не задржувај го текот на реката ” (Мудр. Сирах. 4. 29-30). Не вели: “Ете, згрешив, па што ми стана? Знај дека Господ е долготрпелив. Не двоуми се дали да се вратиш при Господа, не одложувај го од ден на ден твоето обраќање” (Мудр. Сирах. 5,4.8). “Помни дека гневот не задоцнува” (Мудр. Сирах. 7,18).
8. “О, да ми беше главата извор, а очите кладенец на солзи, па да плачам ден и ноќ за убиените на ќерката на мојот народ? (Јерем. 9,1). Ha смеата ѝ реков: “Лудуваш и на веселбата што правиш? (Проп. 2,2), бегај од мене, и на солзите: “дојдете кај мене'”, зашто гревот мој е многу голем пред Господа и нема број на моите паѓања во грев.
9. Знаете ли дека кај луѓето има три вида на солзи? Има солзи за видливи нешта; и тие се многу горчливи и суетни. Има солзи за покајание кога душата ги посакува вечните блага; тие се многу слатки и корисни. А има солзи покајни и таму каде “ќе биде плач и чкртање со заби” (Матеј 8,12). Тие солзи се горчливи и некорисни, зашто се пролеваат тогаш, кога поминало времето за покајание.
10. По нашата надворешност – ние сме смирени, а всушност сме жестоки и нечовечни; по надворешноста – сме побожни, а всушност сме убијци; по надворешноста – полни сме со љубов, а всушност сме непријатели; по надворешноста наша – ние сме подвижници, а всушност сме срам за подвижништвото; по надворешност сме испосници, а всушност сме морски разбојници; по надворешноста сме невини по душа и по тело, а всушност прељубодејци; по надворешноста сме отшелници и безмолвници, а всушност, и во срцето наше сме талкачи по светот; по надворешноста сме кротки, а по душа сме горделиви; по надворешност сме советници, а по срце сме соблазнувачи; по надворешност сме простодушни, а всушност сме опасни. Зошто е ова така? Затоа што немаме вистински страв Божји и што заповедите или не ги знаеме или, и ако ги знаеме, ги толкуваме така како што сакаме.
11. И сега, после многу години на самоисправување, кај мене има уште многу нечисти помисли: завист, лоши желби, самоугодување, угодување на стомакот, гневливост, славољубие, среброљубие. Јас сум ништо во себе, а се сметам за нешто; припаѓам во бројот на лошите луѓе, а се трудам да си придобијам слава на свет човек; живеам во гревови, а за свет сакам да ме сметаат. Јас самиот сум лажливец, а против лажливците зборувам; со помисли се осквернувам, а против прељубодејците станувам; ги осудувам крадците, а на сиромасите навреди им нанесувам; чист се покажувам, а душата цела ми е нечиста; во црквата стојам на почесно место, а и за последното не сум достоен; чест барам да ми се оддава, а за бесчестие сум достоен; пред жените љубезен се правам, а пред богатите – побожен. Koгa сум навредуван се одмаздувам; кога ме изобличуваат – се лутам; се гневам – кога ме мамат; ги презирам повисоките од мене, а лицемерам, кога пред нив стојам; на достојниот чест не сакам да му дадам, а јас, иако недостоен, за себе почести барам. Нема да ги опишувам мислите што секој ден ги имам, грижите за земната суета, мрзливоста во молитвата и страста да озборувам. Нема да говорам ни за моето одење во црква на свој сопствен начин, за задоцнувањата што намерно ги правам, за бараните среќавања, за лицемерните разговори со жени побожни, за ненаситноста во примањето на дарови, ласкањето – за да добијам повеќе. Ете, ваков е мојот живот и вакви се моите недостатоци.
12. Можеби некој ќе рече дека помислите не се важна работа. Тие се многу важни, а еве ви и докази од Светото Писмо. Јов принесувал жртви за своите деца, велејќи: “Можеби синовите мои згрешиле и Го навредиле Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите такви денови” (Јов 1,5). Ако помислите беа неважни и ако за нив не сме одговорни, зошто за мислите на своите деца Јов жртви би принесувал? За лоши мисли биле осудени и оние што биле со Кореа: казнети биле затоа што имале лоши мисли. И нашиот Господ Исус Христос прељубната мисла ја нарекол прељубодејство, желбата за жена – ја нарекол блудство, гневот – убиство, а омразата – човекоубиство. За нашата одговорност и за помислите ни сведочи и блажениот Павле, кога вели дека Господ на Својот суд “ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата” (1. Кор. 4,5). Затоа, не говорете дека помислите ништо не значат, кога желбата за гревот се смета како гревовно дело.
13. Ho не треба да ги разгледуваме само мислите, туку и нашите гревовни расположби. И земјоделецот од она што го сее в земја сѐ не никнува, така и умот наш сее во волјата, но не се прифаќа сѐ и не се одобрува сѐ. Од она што никнало од земјата земјоделецот бара плод; и Бог бара сметка за cѐ што е одобрено и што нашата волја слободно го примила.
14. Луѓето што постапуваат телесно апостолот ги нарекол душевни, а оние што постапуваат противприродно ги нарекол телесни. Духовни се оние што и самата природа ја преобразуваат во дух. Бог ги знае и природата и силите на секого од нас. Тој го сее Своето слово во нив и бара дела според нивната мерка; Тој проникнува натприродно во душата и духот, во природата и во слободната волја, без да извршува насилство врз нашата слободна волја. Ако човекот се задоволува со она што е природно, Бог не пребарува, зашто Тој ѝ ја одредил мерката на природата и ѝ поставил закон. Но, ако слободната волја бива победувана од природата, тогаш бара одговорност за ненаситноста и за нарушување на Божјиот закон.
15. Го мразам гревот, но живеам со страстите; се откажувам од безаконијата; но без да сакам му се покорувам на задоволството. Јас му ја потчинив мојата природа на гревот и тој, откако ја поткупил мојата слободна волја, прави насилство над мене. Како река ме заплискуваат страстите, затоа што умот мој го соединив со телото и не можам да ги разделам. Брзам да ја изменам мојата слободна волја, но претходната моја состојба ми се спротивставува на ова. Се обидувам да ја ослободам мојата душа, но ми попречува мноштвото на моите долгови.
16. Ѓаволот е лош заемодавач; никогаш не напомнува долгот да му биде вратен. Тој дава штедро, а не напомнува за враќање на долгот. Сака само да нѐ зароби, а долгот не го бара; ни позајмува затоа што сака да се богатееме во страстите, па затоа она што ни го “дал, не дава да му го вратиме. Јас сакам долгот да му го вратам, а тој кон стариот долг и нов ми додава. А кога го принудувам да го земе, тој и нешто друго ми дава, за да се види дека му давам од она што ми позајмил. Со нови долгови ме натоварува, зашто дотогашните страсти ги уништува со други, кои дотогаш не биле. Се чини дека стариот долг е платен, а ме вовлекува во нови страсни обврски, воведува во мене нови пожелби. Ме тера да молчам за моите страсти и да не се исповедувам, убедувајќи ме да се стремам кон нови страсти, кои како да не се вредни. Свикнувам со страстите што дотогаш сум ги немал и, расејуван од нив, доаѓам во состојба: претходните страсти да ги заборавам. Склучувам договор со оние што дошле однадвор и одново станувам должник. Се приврзувам кон нив како кон пријатели и оние што ми дале заем – пак стануваат мои господари. Јас сакам да се ослободам, а тие одново роб за продажба ме прават. Брзам врските да ги разврзам, а со нив се врзувам. Се трудам да се избавам од војувањето под знамињата на страстите; но поради нивното засилување и нивните дарови, станувам управител на нивниот дом.
17. Ox, нека се оддалечи од мене ова робување на змијата! Нека се оддалечи од мене власта на страстите! Да го нема во мене овој застарен грев. Он ми дал и заложби, за умот мој да го купи; телото го измамувал, за да му ја дадам душата нему да му служи. Ја грабна младоста, за разумот да не знае што станува; несовршеното расудување кон себе го приврзал и преку него, како со верига железна, го држи неоддалечениот ум; а, ако тој сака да избега, не го пушта; го држи врзан. Гревот умот го заградува и ја затвора вратата на знаењето. Страста непрестано стражари кај разумот, за да не повика кон Бога – да не почне да се крева против телото, на кое му е предаден. Се колне дека ни малку не е лошо да се занимаваме со телото и дека за таква мала работа нема да одговараме. Наведува пример на мноштво испреплетени помисли и не уверува дека е неможно да ги подложиме на испитување, тврдејќи дека тие и не се важни; нѐ уверува дека сето тоа ќе биде предадено на заборавање. Ете, како непријателот не задржува и врзува, не врзува со измами и со лаги.
18. Блажениот Павле за оној што греши рекол дека е тело (Рим. 7,14). Гревот се приводи на дело преку наведување на него, но меѓу природата и гревот посредува навиката. И страстите се нешто што е дадено од гревот и што е примено од природата. Ова станува преку потчинувањето на душата, помрачувањето и ропството. Зашто гревот, наоѓајќи се во телото, владее над умот и ја совладува душата, совладувајќи ја преку телото. Гревот го употребува телото како управител. Преку телото ја оптоварува и самата душа и станува како нејзин домоуправител, зашто задава да се изврши извесна работа и бapa извештај за тоа како е извршена таа работа. Ако е потребно да употреби и тепање, тој го прави тоа преку телото. Зашто телото го претворил во своја верига, ја држи со неа душата врзана и ја води душата како овца на колење; со оваа верига ја врзал како птица, која високо лета и како на некој силен исполин – ѝ ги отсекол и рацете и нозете. Затоа не можам да избегам од него и не можам да си помогнам. Јас сум жив, но како мртов сум; со очите мои гледам, но слеп сум; од човек станав пес; разумен, а како неразумно животно се однесувам.
19. Но јас сакам, ако ми помогне Господ, да се ослободам од оваа жална страсна состојба. Ако Тој се однесе према мене според големината на Својата милост, да ме избави од гревот, да ја излие врз мене Својата благодат, – само тогаш ќе можам да се спасам. Јас сум уверен дека Бог може да го направи ова и затоа не се очајувам дека можам да се спасам. Знам дека Неговата голема милост ќе ги победи мноштвото мои гревови. Ова го велам затоа што сум се користел со ваквата Божја благодат. Имам потреба да бидам излекуван од гревовите, кои сум ги направил по крштевањето; на Оној Кој воскреснал од мртвите не Му е неможно и од нив да ме излекува. Јас сум слеп, но Тој и слепороден излекува. Отфрлен сум како лепрозен, но ако сакам, Тој може и мене да ме очисти. Преполн сум со гревови, но од нив нема да биде спречена Божјата добрина. Тој, Закхеја го помилувал како достоен; и мене како недостоен ќе ме помилува.
20. За секој празен збор ќе одговарам на Божјиот суд. А што е празниот збор? – Тоа е ветување на верата, кое не се извршува на дело. Човекот верува во Христа и Го исповеда, но останува без дела; не го прави она што го заповеда Христос. И во друг случај зборот бива празен, а тоа е тогаш кога ветува да се поправи, а не се поправа; кога говори дека се кае за своите гревови што ги направил, и пак продолжува да ги прави. Има и еден трет вид на празен збор, а тоа е: кога раскажуваме дека сме направиле нешто што не сме го направиле и дека сме виделе нешто што не сме го виделе.
21. Грешнику, пристапи при Добриот Лекар, и излекувај се без мака. Отфрли го од себе товарот на гревот, принеси молитва и со солзи натопи ги загноените рани. Зашто овој Небесен Лекар раните ги исцелува со солзи и воздивнувања. Пристапи и пренеси ги твоите солзи, – тоа е најдобро лекарство. Токму тоа Му е угодно на Небесниот Лекар: секој со своите сопствени солзи да се лекува и да се спасува. Ова лекување не продолжува, не ја преврзува раната повеќепати, туку веднаш дејствува и потполно ја исцелува раната. Овој Лекар чека само да ги види твоите солзи. Пристапи при Него и не плаши се. Покажи му ја само раната и истовремено принеси ги лекарствата – солзите и воздивнувањето.
22. Koj нема да се зачуди? Кој нема да се вчудоневиди? Кој нема да благодари за големата милост на Божјата добрина, Спасителе на нашите души, кога Ти ги примаш нашите солзи како цена за Твоето лекување? О, сило на солзите, до каде дојде ти? До самото небо се осмелуваш без пречки да се издигнеш. O, сило на солзите! Силите ангелски и сите небесни сили непрестано ѝ се радуваат на твојата смелост. О, сило на солзите! Само, ако сакаш, ти можш со радост да стоиш пред возвишениот и свет престол на пречистиот Господ. О, сило на солзите! Само за миг се искачуваш на небото и го добиваш она што го бараш од Бога; Тој излегува да те пречека и со радост простување ти дарува.
23. Како ќе Ти се молам, Спасителе мој, кога устата моја е преполна со лоши зборови? Како ќе Те прославувам, кога совеста моја е нечиста? Како ќе Те повикувам, кога заповедите Твои не ги извршувам? Но, Преблаги, Ти се молам, не отфрлај ме мене ништожниот; не гнаси се од мене одвратниот; не оставај ме безнадежниот. Зашто непријателот мој многу сака очаен да бидам; очајанието мое него го весели; тој сака преку моето очајание – роб негов да бидам. Ти се молам, Спасителе, со милосрдноста Твоја – посрами го; оттргни ме од неговите заби, избави ме од неговите лукави замисли и од сите негови мрежи, кој околу мене ги раширил! Ги молам сите оние, чија совест ги прекорува за нивните лоши дела и им велам: “Не очајувајте! Не правете му радост на противникот свој! Пристапете без срам пред Бога, плачете пред Него и не загубувајте ја својата надеж; нашиот Господ многу ги сака покајниците и го чека нивното покајание. Самиот наш Господ Исус Христос сите нѐ повикува, велејќи: “Дојдете пкај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам ” (Матеј 11,28). Затоа никој, иако згрешил да не очајува. Бог е строг само према оние што Го отфрлаат и не се кајат.
24. Блажен е оној што свесно посакал да плаче и што со скрушеност ги пролева своите солзи, како скапоцени бисери, пред Господа.
25. Блажен е оној, чија душа е слична на новонасадено дрво и секогаш ги источува солзите пред Бога – како чиста роса.
26. Блажен е оној, кој во својата душа ги насадува добрите растенија – добродетелите – и кој она што го насадил го оросува, молејќи се со солзи, за она што го посадил да Му биде угодно на Господа и да биде плодородно.
27. Сакам да ви ја претставам силата на солзите. Ана со својата coлзнa молитва го испросила од Бога пророкот Самуил, искажувајќи ја својата мака и прославувајќи Го Бога во своето срце, – Жената грешница во домот на Симеона, плачејќи и измивајќи му ги светите нозе на Господа со своите солзи, добила од Него простување на своите гревови. Умилението (срдечниот плач пред Господа) е исцеление на душата. Тоа го вселува во нас Единородниот Син, кога Го посакуваме, и во душата наша Го привлекува Светиот Дух. На земјата нема поголема радост од таа што ни ја дава умилноста. Дали некој од нас бил озарен од оваа солзна радост во Бога? Ако некој од вас ја доживеал оваа радост и се насладил со неа, издигнувајќи се за време на својата молитва на земјава, во тој час тој целиот бил вон од своето тело, вон од овој земен свет, – тој тогаш не бил на земјава. Светите и чисти солзи, кои се пролеваат заради Бога, секогаш ја измиваат душата од гревовите и ја очистуваат од нејзините беззаконија. Ваквите солзи секогаш ѝ даваат смелост на душата пред Бога. Нечистите помисли никако не можат да ѝ се приближат на таквата душа, која го има умилението од Бога во својата душа. Умилението е сокровиште што никој не може да ни го одземе; тоа не се прекратува; не трае само еден ден, туку продолжува дење и ноќе до крајот на животот. Умилението е чист извор, кој ги напојува плодоносните растенија на нашата душа – добродетелите.
28. Пред извршувањето на некакво беззаконие, ѓаволот го намалува неговото значење во нашите очи; особено го намалува значењето на сластољубивата похот, претставувајќи ни ја сосема неважна, нѐ уверува дека таа е нешто како да сме истуриле чаша студена вода на земјата. Така ѓаволот го намалува значењето на гревот во нашите очи пред да го направиме, но, откако ќе го направиме, тој – лукавиот – до крајни граници го зголемува неговото значење во нашите очи. Тој тогаш ги издигнува во нас брановите на очајанието и често се вооружува против нас, велејќи ни: “Што направиш сега ти, кој попусто се трудеше и се подвизуваше? На што личи ова што го направи? Еве на што личи. Слушај ме. Некој насадил лозје. Го обработувал и го пазел додека лозјето не го дало својот плод, па, откако го обрал грозјето, ги наполнил своите бочви со вино. А потоа станал, зел секира и ги искршил сите бочви и сето вино се излило на земја и загинало. Ете, таква е и сета твоја работа”. Ете, овие и вакви мисли му внушува лукавиот дух на човекот со намера да го турне во длабочината на очајанието.
29. Затоа, знаејќи ги однапред стапиците на непријателот, бегај од гревот. А, ако паднеш во некој грев, не задржувај се во него, туку веднаш стани и обрати се кон својот Господ Бог и обрати Му се со сето свое срце, за да се спаси твојата душа. А на лукавата помисла речи ѝ: “Иако ги искршив бочвите, иако го упропастив виното, мојата цел е лозјето, а Господ е долготрпелив, многумилостив, милосрден и праведен. Јас се надевам дека, при содејството на Неговата благодат, одново ќе го обработувам лозјето и ќе берам грозје и ќе ги наполнам моите бочви, како и првиот пат. Затоа Бог вели и преку Својот пророк Исаија: “Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур, – како волна ќе станат бели” (Иса. 1,18).
30. Помислата на лукавиот на друг му вели вака: “Ти си уште млад, во староста твоја ќе се покаеш”. А на оној што веќе остарел му вели: “Ти си веќе стар, како можеш да ги издржиш трудовите на покајание? Тебе ти е потребен спокоен живот.”
31. Не очајувај и не вели: “Јас не можам да се спасам”. Напротив, можеш да се спасиш – засакај го стравот Божји со сета своја душа; тој ќе ги исцели твоите рани и во иднина ќе те направи да бидеш ненаранлив. И сѐ додека твојата душа го сака стравот Божји, нема да паднеш во ѓаволските мрежи, туку ќе бидеш како орел, кој лета високо на небото. – Но, ако душата твоја, по ова го занемари стравот Божји, и не се труди за своето спасение, откако паднала од висините, станува игралиште на пеколните духови. И тие, откако ќе ѝ ги затворат духовните очи, ја фрлаат во ропство на срамните страсти и таа станува како волк впрегнат во јарем.
32. Ако те рани стрелата на лукавиот, не паѓај во очајание. Колку пати и да те победи, не дозволувај да останеш победен, туку веднаш станувај и продолжувај да се бориш со непријателот, зашто Бог секогаш е готов да ти ја подаде на помош Својата десница и ќе те подигнува. Ти треба само прв да Му ја пружиш твојата десна рака за да те подигне. Сета грижа на нашиот нечист непријател е во тоа – да нѐ фрли во безнадежност по нашето паѓање. Не верувај му; и седумпати да паднеш во еден ден, труди се да стануваш и да го омилостивиш Господа со твоето покајание.
33. И ако сме биле измамени, и ако сме паднале, да се потрудиме да се излекуваме преку покајанието. Иако сме биле совладани од страстите да не се очајуваме; да Го слушаме Бога и да Го послушуваме. Тој ни вели: “‘Покајте се, зашто се приближи царството небесно” (Матеј 4,17). Бог не одредил покајание само за некои гревови, а за други не, туку напротив, Лекарот на нашите души ни го дал ова лекарство за лекување на секоја гревовна рана.
34. Покајанието е нива, која треба да се обработува секој ден и секој час. Тоа е како плодородно дрво, кое Му донесува на Бога многу прекрасни плодови. Тоа е дрво на животот, кое ги воскреснува умртвените од гревови. Тоа Му е блиску на Бога и Бог се весели со него, како со силата на Светото творештво, зашто оние, кои биваат погубувани од гревот, тоа ги пресоздава за Бога и за Неговата слава. Тоа е како духовна лихва, зашто жнее каде што не сеело и зема каде што не давало.
35. Добрите работници со покајание ја подобриле Божјата нива. Преку него тие ја збогатиле Црквата, исполнувајќи ги Божјите житници. Преку него земјата станала небо, зашто се наполнила со светии, со тие земни ангели. Добрите слуги биваат пофалувани затоа што со своето покајание многукратно го умножиле посеаното.
36. Бог предвидел дека човечкиот род ќе биде вознемируван од духовниот непријател, па затоа, заради победата над него го подготвил покајанието. Непријателот нѐ убедува да згрешиме, а покајанието е готово да го прими оној што згрешил. Тој нѐ влече кон очајание, а ова ни ветува надеж на спасение. Гревот ја соборува нашата совест, а покајанието ѝ служи како поткрепа и помош за издигнување. Псалмопеачот Давид вели: “Господ крши окови на затворени” (Псал. 147,5); ова го прави преку покајанието.
37. Во покајанието законот служи како светилник; преку него оние што згрешиле пак Го среќаваат Бога. Беззаконикот се помрачува и не ја гледа Божјата добрина, затоа што непријателот душата негова ја наполнил со очајание. Но покајанието, како добар лекар, ослободувајќи ја душата од маглата и од сѐ што ја измачува ѝ ја покажува светлината на Божјата добрина. Ѓаволот на нечувствителните не им дава да си дојдат на себе, предочувајќи им ја суровоста на покајанието. А покајанието, гледајќи ја неговата итрина, приоѓа со нежност и говори: “Спомнете си само за Бога, и ќе се потрудам да ви помогнам. Замислете си ја Божјата милосрдност и јас со воздивнување ќе се застапувам за вас. Грешници, вие само малку воздивнете со скрушеност, јас ќе ве направам да бидете Божји слуги. Светиот пророк Исаија рекол: “Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте” (Иса. 30,15). Еве, ти приведувам и сведоштво, ти само покај се”. Ако оној што згрешил воздивне, со неговото воздивнување ќе падне и неговиот гревовен товар, кој му е товарен од ѓаволот. Тогаш и од неговиот ум ќе биде одвоена маглата на незнаењето; очите на неговата душа ќе се разјаснат, – и покајанието ќе почне да ја раководи неговата душа кон спасение.
38. Кога покајниот грешник ќе ја согледа Божјата добрина, тогаш не само што ќе воздивнува, туку и со искрено жалење солзи ќе пролева. Бидејќи тогаш душата, по долговремена оддалеченост од Бога, откако одново ќе Го види и ќе Го почувствува Својот Отец, таа се возбудува и пролева солзи. Таа е свесна за тоа колку Бог ја сака, Својот Создател, и се радува на Неговата расположеност према неа. На тој начин се очистува од сите демонски нечистотии. Или не си го слушнал ли она што го вели светиот пророк Давид: “Секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзите свои ја натопувам постелата моја” (Псал. 6,7). Но тој најнапред воздивнал, а потоа плачел. И во природата е така: прво грми, а потоа се образуваат облаци и почнува да врне дожд.
39. И Давид, откако воздивнувал, својата постела ја натопувал со солзи, затоа што бил осквернет од прељуба. Со солзи тој ја измил својата постела, кој ја извалкал со своето беззаконо телесно сврзување. Тој велел: “Се уморив воздивнувајќи” (Псал. 6,7), а трудот на воздивнувањата е плод од болката на срцето, која раѓа и мноштво солзи. Така солзите се умножуваат од претходните воздивнувања.
40. Совеста има природен стремеж кон Бога, се стреми кон Бога и сѐ што е Божјо и ја отфрла измамата, која се приклала во неа. Гревот често бесрамно нѐ напаѓа, но совеста служејќи се со временските можности го победува. Ако некој почнува да се плаши, ако се наоѓа во темнина, таа објаснува дека тоа станува поради гревот, зашто и Светото Писмо вели: “Нечесниот бега, кога никој не го гони” (Изрек. 28,1). И кога некој патувајќи по вода, кога бура се подигнува, тој од совеста своја ќе биде изобличуван; таа ќе му го напомнува неговото нечесно дело. Таа ни ги напомнува нашите беззаконија и за време на земјотресите. Нашите страсни дела таа ни ги напомнува и тогаш кога сме на пат. И, најпосле, ако душата на грешникот не се обрати, совеста го изобличува и тогаш кога паѓа во телесни болести; тогаш од желба да си го запази животот, тој ветува пред Бога дека гревот свој ќе го победи и ќе го остави. Плашејќи се од својата смрт и од тоа дека може да го загуби вечниот живот, измачуван од совеста, тој прибегнува кон покајанието, – кон овој посредник меѓу Бога и луѓето.
41. Спомнатиот младич во Светото Евангелие, откако го зел од татка си своето наследство, отишол во далечна земја и го потрошил со блудници. Потоа кога останал без средства за живот, почнал да се измачува од страшна немаштија. И токму тогаш кога почнал да се измачува од товарот на своите маки, тогаш покајанието почнало да го изобличува за тоа што го направил и што го загубил спокојниот живот во домот на својот татко. Тоа ја родило во него желбата да се врати кај татка си и ја зародило во него надежта дека ќе го трогне својот татко со тоа што се кае. Тогаш извикал: “ќе станам и ќе отидам кај татко ми и ќе му речам: ʽТатко, згрешив против небото и пред тебе,ʼ” (Лука 15,18). Тогаш, кога младичот исполнет со силни гревовни желби, бил напаѓан од непријателот, и правел со него сѐ што сакал, покајанието било отстрането и мирувало; тогаш и совеста молчела и долго време не дејствувала. Но, кога настанале тешкотиите, тогаш се покажало покајанието, како мајка: ги раширило своите прегратки, го гушнало, го отргнало oд маштеата – од сластољубието, за да го врати кон неговата вистинска мајка – кон вистинската побожност.
42. Блудниот син извикал: “Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твојот син!” (Лука 15,21). Синот што згрешил го познал својот татко, жалејќи се дека оној што го измамил – не му мислел добро. Видел тој дека е измамен и прибегнал кон покајанието – како кон своја мајка. Долго време се Хранел тој со рокчиња и гладувал, но покајанието, како нежна мајка, го примила своето чедо и одново го хранела со млеко, давајќи му ги своите гради, затоа што ѓаволот ги истоштил неговите сили преку неговиот срамен живот. Ако не било мајчиното млеко, тој не би можел да биде излекуван. Покајанието го издигнува секого што не може да стане, хранејќи го со своето млеко. Тоа го нахранило крајно исцрпениот блуден син и му го предало во рацете на неговиот татко.
43. Гледаш ли дека покајанието им се покажува на грешниците отпрвин благо и лесно, а не строго, жестоко и тешко! Тоа не го продолжило постот, не барало продолжување ни на воздржувањето, ниту на бдеењето, туку барало едноставно да се почне со признавањето за сопствената вина во согрешувањето. Почнува со она што е најлесно, знаејќи дека сѐ што преостанува ќе го заврши совеста. Таа му е првата помошничка на покајанието; таа ја зема душата под своја грижа и брза да ја очисти. Нејзе ѝ е позната послушноста на душата, и таа управува со неа како добар јавач. Таа настојува само едно: покајанието да биде прифатено; сака тоа да биде утврдено во грешниците – тоа да проникне во нивниот ум како сончевина и да го осветли. Така таа лесно ги приведува кон Бога и во подолго време, успева тие да Го примат.
44. Браќа, не треба да се очајуваме и да помислуваме дека нема да се спасиме, кога ја имаме ваквата мајка – покајанието. Не треба да ја губиме нашата надеж кога нѐ утешува ваквата мајка. Покајанието ги воведувало во рај и оние што биле ужасно измамени од демоните, па зар ќе се одврати од нас? Тоа ги помилува оние што биле надвор од Црквата, па зар над нас нема да се смилостиви. Никој не му дозволува да го расфрла она, што тој самиот го собрал со голем труд; па како тогаш нашиот Бог и Отец ќе му дозволи на нашиот непријател да владее со нас, кои сме придобиени со скапоцената крв на Неговиот Син? Ние сме Негово стадо, а Тој е наш Пастир. Тој ни го дал покајанието, како вода за очистување, за, ако погрешиме во нешто да се измиваме со неа. Ние имаме не само бања за повторно раѓање, туку и бања за обновување. Ако згрешиме во нешто и се измиеме со покајанието – стануваме чисти.
45. Покајанието е Божји жртвеник, бидејќи оние што грешат, преку него Го умилостуваат Бога. Оние што биле под законот, откако згрешиле, биле задолжувани да принесат видлива жртва и за тоа морале да одат во Ерусалим. А извршувањето на ова било попречувано со тоа што некои од нив биле скржави, – други сиромашни и трети мрзливи. Во новата благодат сето ова го извршува покајанието со тоа што – жртвата ја принесува во совеста. Таа не бара козел, туку го бара само покајанието. Воздивни и Бог ќе ти го прими тоа повеќе отколку да си Му принел грлица. Затоа, грешнику, ако немаш грлица, не очајувај; Бог го бара твоето покајание. Ако немаш лулаб, исповедај ги само твоите гревови пред Господа, тоа ќе биде твојата жртва сепаленица. Ако немаш никаква друга птица, тогаш плачи; плачот твој ќе ти биде примен место жртва. Ако се помолиш Бог ќе ја прими твојата молитва место тебе. Ако пријдеш кон Него со искрено срце, твојата усрдност ќе биде поголема и од тоа – како да си Му принесол вол на жртва. Немаш потреба да Му принесуваш на Бога благопријатна миризба; покај се, -покајанието ќе те очисти без издигнувањето од жртвениот чад.
46. Покајанието е Божја трпеза; преку него Бог се насладува со човековото спасение. И Спасителот вели: “Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној Кој Ме пратил” (Јован 4,34). Покајанието е чуден Божји леб; во него Бог ја вкусува исповедта на совеста. Во покајанието Бог ги пие солзите на умилението; во него се насладува со благоуханата миризба – со искреното чувство во воздивнувањата, зашто тие се за Бога благопријатната миризба на кадењето. Еве ја многувидната Божја храна: воздржувањето, постот, бдеењето, добрата молитва, послушноста со смирението, зашто сето ова на Бога Му е попријатно од многу жртви.
47. Покајанието е празник за Бога, зашто во светото Евангелие се вели: ″На небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од пчокајание” (Лука 15,7). Покајанието, кога го празнува својот празник на Бога, тоа и небото го повикува на онаа духовна гозба. Ангелите се радуваат кога покајанието ги повикува на оваа трпеза. Сите небесни сили, поттикнувани од веселбата на покајанието, се веселат и се радуваат.
48. Покајанието ги принесува на жртва оние што погрешиле, но тоа пак ги оживува; ги умртвува, но пак ги оживува, – ги воскреснува од мртвите. Како бива ова? Слушај, тоа ги зема грешни и ги прави да бидат праведни. Тие вчера биле мртви за Бога, а денес, преку покајанието, се живи за Него; вчера биле туѓи за Бога, а денес се Божји; вчера биле беззаконици, а денес се свети. Покајанието е голема печка, која во себе прима бакар, и го претвора во злато; се става во неа олово, а го дава како сребро. Ако си видел како стаклото прима боја на хијацинт, или на смарагд или на сафир, тогаш нема да се вчудоневидите од ваквата претворачка сила на покајанието. Покајанието, по Божја волја, го исполнува оној што се кае – со благодатта на Светиот Дух и го прави сецело син Божји.
49. Законот на Стариот завет заповеда сите свештени предмети да бидат правени од злато. Законодавецот сакал тие скапоцености да бидат направени од она што е најскапоцено, за да знаеме дека Божјите светии имаат во себе потполна светост. Слушај, покајнику, пристапи при Бога со сето свое срце, и Тој ќе ти даде сецело прочистување. Ти самиот си сакал да бидеш измиен и прочистен преку огнот на покајанието; не оставај ништо во себе што нема да биде измиено и прочистено. Еве, што сакам да ти кажам. Да претпоставиме, дека сакаш да се покаеш за твојот блуд. Внимавај, отфрли ги од себе сите видови на блудот, зашто од нив се родиле сите нередности. И не само тоа, туку отфрли од себе сѐ што те осквернува: смеата, шегите, лошите и срамни зборови, угодувањето на стомакот, зашто сите тие се патишта што водат кон блудот.
50. Отфрли од себе сѐ што е грешно. Кога згрешил народот, светиот пророк Мојсеј наредил да се распне змијата, односно да се уништат гревовите и затоа направил целосна и излиена змија од бакар. Зошто? Затоа, за да ти покаже дека треба да се откажеш од секое лукавство. Мојсеј ја направил таа змија од бакар, затоа што коренот на секое зло е среброљубието. Кога змијата била излиена, тој ја исфрлил од печката, за ти да му ставиш крај на распалувањето, кое се шири во тебе и го повредува твојот ум. Ја обесил таа излеана змија на дрво, та и ти, кога се каеш, да се распнеш за овие три пороци, зашто од нив настанува душевната смрт.
51. Покајнику, кон тебе се обраќам. Послушај ме: да немаш во тебе празно место, биди одлучен во борбата против секој грев и да стоиш цврсто во доброто, да бидеш цврст како камен, според зборовите на пророкот: “на добриот човек срцето му е цврсто” (Псал. 111,5,8). Ти треба да принесеш одлучно покајание, како Петар, затоа што си бил одлучен и во грешењето. Бог не го прима поинаквото покајание. Многумина настојуваат да одат како што оди царот, но не Го почитуваат Царот како Цар. Исто така, и оние што се кајат, ако не го принесат своето покајание одлучно, ќе имаат само вид на покајници, без да ја почувствуваат силата, која ја дава покајанието. Тие што се кајат само привидно, прават не еден, туку многу гревови, зашто и на другите им даваат пример да принесуваат само надворешно покајание. На таквите не само што не им биваат простувани нивните гревови, туку им биваат придодавани и други.
52. Откако ќе згрешиш покај се одлучно, за да добиеш спасение. Оние што вистински – се покајале, вистински и се спасиле. Светиот апостол Павле рекол, дека оние што ѕидаат на основа од дрва, сено и трски, нема да добијат награда. Ова го рекол не само за учењето, туку и за покајанието. Ако некој одлучно не се кае, тој во неговата основа поставува трски и дрва, кои пливаат над водата. А тој што вака се кае, не само што ќе биде отфрлен, туку ќе биде и изгорен со оган. Зошто? Затоа што мислел да се подбие со Бога.
53. Да се покаеме, како што се покајале Ниневијците, за да добиеме спасение. Тие вистински се покајале, вистински и се спасиле. Како што згрешиле, така и се покајале, – и биле примени. Тие не се обратиле половично, туку се покајале целосно; подеднакво плачеле и царот и неговите поданици. Не се поправиле само некои од нив затоа што плачеле и се каеле искрено сите – и господарите и робовите. И не се каеле кусо време; цели три дена, мажи и жени, деца и старци, – не престанувале да ги исповедаат своите гревови. Тие поверувале во Божјата пресуда, па, како да се приготвувале за смрт, со сочувство страдале еден за друг. Јас под Ниневија го разбирам целосниот човек, а под мноштвото на нејзините жители ги разбирам деловите на душата и движењата на умот. Тие сенародно пристапиле кон покајанието, така и ние, со сите наши сили, со целиот наш состав, треба да пристапиме кон покајанието.
54. Во Законот Бог заповедал не само да ги уништат идолите и нивните жртвеници, туку и да ги изгорат камењата и дрвата, и пепелта од нив, како нечиста, да ја исфрлат надвор од логорот. И ти кога се каеш, имај на ум, дека си должен да ги уништиш во себе сите последици на гревот. Ако пепелта на гревот остане во тебе, во тебе ќе бидат привлечени нечистите животни и лазачите. А, ако исфрлиш од себе сѐ што е гревовно, нема да те вознемируваат ни мушичките, ни комарците. Очисти го потполно твојот ум од гревовните мртовци, тогаш и смрдеата што доаѓа од нив ќе исчезне од твојата душа. Тие гревовни мртовци се твоите страсни спомнувања. Ако останат во тебе, тие ќе ја помрачат твојата мисла и твоите помисли ќе почнат да кружат и, како густа магла, ќе се спуштат на твоите очи.
55. Исцеди се преку покајанието за да не ја загубиш благодатта на простувањето, што е нејзина вистинска особеност. Исцелувањето е потполна победа над непријателот. Зашто на тој и таков начин навлезеното во нас простување, откако се утврди во нашите души веќе нема да нѐ напушти. Грижливо изми се со твоите солзи, така, како што бојаџиите ја перат волната, предај му се на смирението; воздржувај се во cѐ; на тој начин, откако претходно ќе се очистиш ќе пристапиш кон Бога веќе подготвен да ја примиш Неговата благодат.
56. Некој од оние што се кајат одново се враќаат кон своите гревови, затоа што не ја знаеле змијата што се криела во нив, не знаеле дека не ја исфрлиле потполно од себе, оставајќи ги во себе трагите на нејзината слика, и таа како да се зачнувала во нивната утроба, односно одново израснувала со потполната своја злоба. Кога ќе видиш покајник, кој повторно греши, знај дека тој не се променил во својот ум затоа што ги оставил во себе сите гревовни поттици. Знаци на вистинското покајание се: строг и среден начин на живеење, отфрлање на секаква желба за истакнување, високо мислење за себе, а, исто така, и постојана устременост на духовните очи и на умот кон саканиот Господ Исус Христос со желба, со Неговата благодат да станеме нови луѓе.
57. Огради се од сѐ што им е спротивно на добродетелите. Ако постиш, а при тоа и безумно се смееш, лесно ќе бидеш уловен. Ако за време на молитвата плачеш, а кога си меѓу луѓето – се однесуваш световно, тогаш набргу ќе бидеш уловен во демонските мрежи. Ако си и целомудрен, но ако си невнимателен и безгрижен, твоето паѓање нема да се забави. Покајанието треба да биде принесувано со сето срце. Покајникот треба да биде постојано ист, односно да биде каков што бил во почетокот, – кога почнал да се кае. Ако има некакви недостатоци, тоа е знак дека не се обратил совршено и потполно. Ако се измени, ако почне пак да греши, тој треба самиот да се обвинува за тоа, затоа што во своето срце не ја поставил трврдата основа на животот во Бога. Таквиот човек се кае како некое дете кога го учат; плаче кога е тепано по потреба, а не по својата слободна волја. Законите на овој свет ги поправаат луѓето и нивното однесување, но тие не се во состојба да ја изменат расположбата на нивното срце – исто така, некој се кае со задна мисла, дека можеби понекогаш ќе може да му се предаде и на гревот.
58. Светиот пророк Михеј рекол: “Во она време ќе се зборува за вас, ќе плачат многу и ќе велат: наполно сме разорени; делот од мојот народ е даден на друг; како да ми се врати?” (Мих.2,4). Co ова пророкот не го отфрла покајанието и не го нарекува клетва исповеданието на смиреното срце пред Господа, туку вели дека со лоша намера лажно биваат пролевани солзи, тогаш тоа покајание не е вистинско и сигурно. И светиот пророк Јоил вели: “Раскинете ги срцата свои, а не облеката и вратете се кај Господ, вашиот Бог” (Јоил 2,13). Зашто сака да не се вознесува со покајанието, туку вистински да се каеме. И светиот пророк Давид вели: “Со солзи свои ја натопувам постелата моја” (Псал. 6,6). Нема да плачам во храмот Божји и со тоа да се покажувам надворешно пред луѓето и да барам од нив слава, за да ме сметаат за праведен, туку на постелата моја секоја ноќ ќе плачам и постелата своја ќе ја навлажнувам за да Го послушам Господа Исуса Христа, кој ми говори: „откако ќе ја затворам вратата помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награи јавно“ (Матеј 6,6).
59. Многумина тргуваат со исповедта, често покажувајќи им се на другите подобри отколку што се, скривајќи ги притоа своите гревови. А други сакаат со своето покајание да станат славни пред луѓето. Некои, пак, прават од своето покајание повод за гордости. На тој начин, место да добијат простување на своите гревови, тие си допишуваат нови долгови пред Бога. Уште не си се ослободил од својот некогашен долг, а веќе се врзуваш со нови долгови. Си дошол да си го платиш својот долг, а, ете се врзуваш со нови задолжувања. Настојуваш да се ослободиш од својот долг, а се приготвуваш за ново робување. Ете, токму ова го означуваат зборовите на Светото Писмо: ” Молитвата негова да се прими за грев ” (Псал. 108,7). И како таквиот нема да се врати кон гревот? Како одново нема да им се предаде на страстите? Дали демонската змија ќе го остави спокоен? Дали лазачите ќе престанат да го вознемируваат? Да, тешко му нему, над него ќе се исполнат зборовите, кои ги кажал нашиот Господ Исус Христос, дека во него ќе се населат “други седум духови, полоши” (Лука 11,26).
Обработи и презентира,
О.М.П. 2022
Виндзор, Канада