




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM II
Свети Јован Касијан Римјанин
3. Борба на телото и на духот (Разг.4)
Преглед на духовната борба
8. Постои борба во нашите членови, како што читаме кај светиот апостол Павле: “Телото сака противни работи на духот, а духот противни на телото; тие се спротивни еден на друг, за да не го правите она што сакате“ (Гал.5,17). По Божја промисла, оваа борба е во самата наша природа. И можеме ли да не ја сметаме за неприродна, како нешто што му станало својствено на човекот по паѓањето во гревот на првиот човек, – кога им е без исклучок – заедничка на сите луѓе? Но сепак, треба да веруваме дека таа е во нас според Божјата волја, за наше добро, а не за зло, ако им е на сите својствена по природа. Таа е оставена во нас заради поттикнување на нашата ревност за придобивање на возвишеното совршенство.
9. Зборот “плот ” или “тело”, во наведеното место од светиот апостол Павле, не треба да се сфати во смисла на “човек” како суштество, во смисла на телесна волја или на лоши желби. Исто така, под зборот “дух” не треба да се разбере некакво лично суштество, туку треба да ги разбереме добрите и лоши пожелби нa душата. Ваквата смисла ја посочил самиот апостол, велејќи: “Живејте по Духот, и нема да им угодувате на телесните страсти” (Гал.5,16). Има, значи, различни желби во еден и ист човек; тие се внатре во нас и водат непрестана борба. Похотата на телото воглавно е насочена кон гревовното и наоѓа задоволство само во него, во задоволувањето на потребите на сегашниот живот, а духот, напротив, целиот сака да се посвети на духовните работи, – не посветува ни малку грижа за задоволување на ова гниежливо тело. Телото се задоволува, со земните изобилства и со телесните задоволства, а на духот му е пријатна грижата за вистинските природни потреби. Телото сака да се наситува со сон и да се пренаполнува со храна, а душата се храни со бдеења и пост, па затоа не му дава на телото сон и храна повеќе отколку што му се потребни за живеење. Тоа сака да изобилствува во големи богатства, а душата се задоволува кога има само малку леб за секојдневна употреба. Телото бара удобности и да биде заобиколено со многу ласкатели; а на духот му е мил строгиот пустински живот и вистинската слобода во неа, а не му е пријатно присуството на смртните. Телото се стреми кон човечки почести и пофалби, а за духот радосни cе гонењата и навредите.
10. Koгa нашата волја е раководена од самољубието и од земната мудрост, тогаш таа се обидува да одржува некаква средина, достојна за секаква осуда – средина меѓу овие два стремежа во нас, односно да се воздржува од телесните страсти, но да гледа да нема неугодности, кои се неизбежни кога се трудиме вистински да се воздржуваме од страстите и задоволувањето на духовните барања; кога сакаме да добиеме телесна чистота без да го накажуваме телото, без трудот на бдеењето да добиеме чистота на срцето и со давање спокој на телото да го добиеме изобилството на духовните добродетели; без борба против озборувањето да ја добиеме благодатта на трпеливоста; да го пројавуваме Христовото смирение без да ја губиме честа од луѓето; да ја следиме едноставната побожност и да не се одвојуваме од гордоста на овој живот; да Му служиме на Христа, а да не се оддалечуваме од славата и наклоноста на луѓето; да ја говориме одлучно Божјата вистина, а да немаме ни најмало навредување од луѓето. Со еден збор, сакаме да ги придобиеме идните блага – без да ги загубиме благата на овој живот. Ваквиот однос према Христа не води кон вистинското совршенство; оние што сакаат на ваков начин да се спасат, ја губат топлината на својата душа и стануваат такви, какви што се оние за кои се говори во Откровението: “Ги знам делата твои; ти не си ни студен, ни жежок; О, да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблујам од устата Своја“ (Откр.3,15-16). Но Божјата благодат, откако ќе дојде, ја поттикнува силата на духот и му дава возвишени стремежи, кои го ослободуваат од сѐ што е земно. Изложувајќи се на нивното влијание, душата веќе не може да остане рамнодушна и топло – студена, туку ќе почне да покажува ревност за она што е подобро и да жртвува за него сѐ што е од овој свет. Меѓутоа, во душата и понатаму останува тежнењето кон поранешниот спокој на рамнодушноста; таа е секогаш готова пак да се врати кон него. За да не се случи ова, во телото остануваат движења кои им се спротивставуваат на возвишените стремежи, кои, откако ќе ги вкусиме тие возвишени блага, душата веќе не ги заборава и, штом ќе ги почувствува, оживува и се разгорува со сета своја ревност и силно се труди, за да ги задржи овие блага. И тогаш, кога волјата ќе дојде во оваа душевна состојба топла и студена, настанува борбата на телото и се разбудуваат неговите сили. Од ова се гледа јасно, дека засекогаш би останале во состојбата на топлина, која Му е спротивна на Бога, ако од оваа состојба не би нѐ извела борбата која започнува во нас. Зашто во неа, кога, робувајќи му на самоугодувањето, ќе посакаме да направиме нешто што би ни причинило духовно задоволство, нашето тело веднаш востанува и ранувајќи нѐ со бодилата на гревовни движења и страсти, не ни дава да стоиме на пријатната чистинка, која толку многу ја сакаме, и нѐ вовлекува во задоволство што нѐ оладува и како да нѐ води на пат зараснат со трње. Но ова ја разбудува заспаната ревност за Бога; таа станува и ги одгонува непријателите кои ни се приближиле. Дејствувајќи во нас секој ден, оваа борба нѐ доведува до одлучност: да го отфрлиме безгрижниот живот, па со многу напори и духовна скрушеност да го чистиме нашето срце: да го чистиме и нашето тело со строг пост, гладување, жедување и неспиење; да се издигнуваме во добра духовна расположба преку читање, размислување и непрестана молитва.
11. Нешто слично таинствено изобразено е и за Божјата промисла по однос на народите, кои биле непријателски расположени према Израилот, како што читаме во старозаветната книга за судиите: “Еве ги народите, кои не знаеја за сите ханански војни, само за да знаат и да се учат на војна подоцнежните поколенија на Израилевите синови, кои порано не ја знаеја. Тие беа оставени за да биде преку нив искушан Израилот, и да се дознае дали се покоруваат на заповедите Господовн, кои Он ги беше заповедал на татковците нивни преку Мојсеја” (Суд. 3,1,-2,4). Таа и таква борба Господ ја устроил не затоа што не сакал Израилот да биде спокоен или затоа што не се грижел да му биле добро, туку бидејќи гледал, дека таа борба е корисна за него. Подложен речиси на постојани напади од страна на тие народи, израилскиот народ не можел да не ја чувствува потребата од Божјата помош, па затоа требало да биде исполнет со надеж во Бога и да Му се моли за помош; да биде во постојана молитва. Немајќи можност да го запостави делото на таа борба, немал ни време да се предава на безгрижност или да слабее духовно во мрзливост и во неработење. Зашто често сигурноста и среќата го победуваат оној, кого не можеле да го победат несреќите.
12. И од што друго ја наоѓаме душата на евнусите заспана, ако не од тоа што тие се заблудуваат себе, мислејќи дека се ослободиле од таа телесна потреба и дека немаат потреба од никаков труд и од телесно воздржување, дека немаат потреба ни од скрушеност на срцето. Оние што се ослабени од ваквата безгрижност – веќе не се грижат да придобијат вистинско совршенство и за очистувањето на своето срце од душевнитe страсти. Ваквата состојба, која се издигнува над телесната состојба, останува само душевна, таа според зборовите на Самиот наш Господ Исус Христос е достојна за отфрлање затоа што од ладно преминала кон млако и се задржала на оваа непожелна топлина.
13. Затоа во самиот почеток за одрекувањето од светот, кога престануваме да бидеме телесни, односно кога почнуваме да се оддалечуваме од светските обичаи и да се воздржуваме од очигледната телесна нечистотија, должни сме да побрзаме и со сета сила да се трудиме веднаш да ја усвоиме во себе духовната состојба, а да не почнеме да мислиме дека само заради тоа што сме се откажале од надворшниот човек или затоа што сме престанале телесно да се осквернуваме, а сме останале мрзливи, и не се трудиме да ги искорениме причините на нашите страсти, – на таков начин, сме застанале во средина меѓу телото и душата. Вака можеме да останеме таму каде што сме и да не се издигнеме до степенот на духовното совршенство. Да не мислиме дека за ова е достатно само, ако надворешно се одвоиме од задоволствата на светот и да бидеме само оддалечени од развратот и телесното соединување. Зашто, ако останеме во оваа состојба на топлотата (во рамнодушноста), која се смета за најлоша, тогаш ќе бидеме изобличени од самиот Господ наш Исус Христос, Кој вели: “Бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблуам од устата Своја” (Откр.3,16). Справедливо објавил Господ за оние, кои ги примил во Својата утроба на љубовта, а кои потоа се изладиле, дека со одвратност ќе ги исфрли од Својата уста. Зашто, полесно се обраќа за спасение и полесно се искачува кон врвот на духовно совршенство телесниот човек и незнабожецот, отколку оној, кој откако го примил јаремот Христов, не тргнал по патот на совршенството и дозволил да истине првиот оган на духовната ревност. Бидејќи, смируван со своите телесни страсти и сознавајќи дека е нечист поради своите телесни осквернувања, тој ќе дојде во скрушеност и ќе прибегне кон изворот на вистинската чистота и совршенство, па, гнасејќи се од таа студена состојба на неверието и незагриженоста, во која се наоѓал, горејќи духовно, – многу полесно ќе појде кон совршенството. Напротив, оној што со студенина го започнува Божјото дело и што без смиреност и без потребната усрдност појдува по овој нов пат, тој, откако еднаш ќе биде поразен со таа страшна зараза, не може веќе ни самиот да се вразуми и да тргне кон она што е подобро, ниту може да ги прима поуките и вразумувањата од другите. Зашто тој, според зборовите на Господа, говори во срцето свое: “Богат сум, и се збогатив, и ништо не ми треба” (Откр.3,17). А Господ му одговара така, како што заслужува, велејќи Му: “А не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол” (Откр.3,17). На таков начин тој станува полош од светскиот човек со тоа, што го загубува сознанието дека е сиромав, слеп и гол, дека има потреба да се поправи, дека има голема потреба да биде поучуван и вразумуван од страна на другите, дека страшно греши што не ги прима спасоносните поуки и што не сфаќа дека во идниот живот ќе биде неизбежно подложен на најстрашниот суд и на најужасната казна.
Обработи и презентира,
О.М.П., 2022