




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM II
Подвижнички поуки од
светите преподобни отци Варсануфиј и Јован
Светите преподобни оци Варсануфиј и Јован
(Овде е избрано по ред сѐ што се однесува на подвизите и борбата со страстите)
1. Настој се така за да Му благодариш на Бога за сѐ, послушај ги и исполни ги зборовите на апостолот, кој вели: “Благодарете за сѐ” (1. Сол. 5,18). Ако си во страдања или во маки, или во неприлики, или во болести или во телесни трудови, – за сѐ што те постигнува благодари Му на Бога, зашто “во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки” (Дела 14,22). Затоа, не сомневај се со твојата душа и да не ослабнува твоето срце, туку спомнувај си ги зборовите на апостолот: “Ако нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се обновува” (2. Kop. 4,16). Ако не претрпиш страдања, не можеш да се издигнеш на крстот и да станеш учесник во неговите спасоносни плодови.
2. Додека е коработ на морето, тој е изложен на опасности и на удари од ветровите. А кога ќе пристигне во тивко и мирно пристаниште, веке не се плаши од опасности, несреќи и од удари на ветровите, туку се наоѓа вон од сите опасности. Така и ти, се додека се наоѓаш со луѓе, очекувај опасности, страдања и напади од духовни ветрови. А кога ќе пристигнеш во приготвеното за тебе пристаниште на безмолвието; тогаш ќе живееш без страв.
3. Не очајувај кога страдаш и кога работиш тешки работи заради браќата во општожитието, зашто тоа значат зборовите: “Ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата” (1. Jов. 3,16) и треба да се надеваме дека ќе ни биде голема наградата за овој труд. Како што праведниот Јосиф го издигнал Господ во Египет, за да ги прехрани своите браќа за време на гладот (сп. Псал. 32,19), така те поставил и тебе во општожитието. А јас ке ти ги повторувам зборовите на апостолот, кој вели: “Чедо мое, потсилувај се во благодатта, што ти е дадена од Христа Исуса” (2. Тим. 2,1)
4. Еден со своите трудови за Бога влегува во Неговиот спокој, а друг стигнува таму со смирение. А ти биди во оваа расположба, за да го добиеш спокојот во Бога и за едното и за другото, така што кога ќе умре гневот во тебе, преку скротувањсто на раздразнителноста во твоето срце, тогаш и во тебе ќе се исполнат зборовите на Светото писмо: “Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои” (Псал. 24,18). Господ да ги запази твојата душа и твоето тело, да го запази и твојот дух од секое зло, од секоја спротивност, која доаѓа од ѓаволот и од секое мечтаење, кое предизвикува неуредност во мислите.
5. Најмногу од сѐ пази се од духот на очајанието, кој го раздразнува секое зло и наведува многу искушенија. Зошто твоето срце раслабнува и изнемоштува поради тешкотиите што ти ги причинуваат овците на Христовото стадо? Послушај ме со внимание што ќе ти кажам: долготрпеливоста е мајка на сите добрини. Погледај го Мојсеја, кој “повеќе сакаше да страда со народот Божји, отколку да има преодна гревовна наслада” (Евр. 11,25).
6. Пази се да не те заробат лукавите змии и да те отроваат со својата лутина. Злото е смртоносно. Никој никогаш не направил никакво добро преку и со помошта на злото, зашто самиот себе се победува со него. Напротив, злото се поправа и се победува со доброто (сп. Рим. 12,21). Ти стоиш како на сцена, па затоа си должен да се бориш со ѕверовите, слично на апостолот во Ефес (сп. 1. Кор. 15,32), кој се фалел откако ги победил ѕверовите. Ти си фрлен во разбрануваното море, треба да претрпиш многу опасности и да се бориш против морските разбеснети бранови. Откако ќе ги победиш со Божја помош, ќе навлезеш во тивкото пристаниште на нашиот Господ Исус Христос.
7. Тебе те вознемируваат помислите, те тераат да ги вознемируваш другите, а и ти самиот да бидеш вознемируван од нив. Но знај, брате мој, ако некој го навредува својот ближен, со дела или со зборови, потоа тој самиот страда стопати повеќе. Биди долготрпелив према сите и пази се во нешто да ја наложуваш твојата волја. Внимателно испитувај ги своите помисли, за тие да не го затрујат срцето твое со својот смртоносен отров на лутината и да не те измамат да не го гледаш комарецот како камила и камчето – како карпа, зашто тогаш стануваш како оној, кој, имајќи греда во своето око, ја гледа раската во туѓото око.
8. Ти се нарекуваш себеси грешник, а всушност со животот свој покажуваш дека не се чувствуваш таков. Оној што се смета за грешник и виновен за многу зла, тој на никого не му противречи, со никого не се кара и на никого не се гневи, туку сите ги смета подобри и поразумни од себе. Ако си ти грешен, тогаш зошто го прекоруваш својот ближен и го обвинуваш како преку него да доаѓа твојата жалост? – Од ова произлегува дека и јас и ти уште не сме почнале да се сметаме за грешници. – Гледај, брату, какви сме ние, едно зборува нашата уста, а нашите дела покажуваат нешто сосема друго. И зошто кога се бориме со нашите помисли, не добиваме сили да можеме да ги победиме? Зошто најнапред го осудуваме нашиот ближен и преку тоа ги ослабуваме нашите духовни сили? И зошто го обвинуваме нашиот брат, кога и ние самите сме виновни? – Возложи ја на Господа секоја твоја помисла и говори вака: “Бог го знае она што е корисно”. И ќе се успокоиш и малку по малку ќе добиваш сила да можеш да трпиш.
9. Ако некој не ги претрпува навредите, тој нема да ја види ни славата; ако не се очистиш од горчевината, нема да ја почувствуваш ни сладоста. Ти си влегол во манастирско братство и имаш најразновидни прилики – за да бидеш раздразнуван и испитуван. И златото се проверува само во оган. Затоа не си поставувај никакво правило, туку со помошта на стравот Божји испитувај кога што е потребно, према времето и околностите; не прави ништо со загриженост. Колку ти е тоа можно, оддалечувај се од гневот; никого не осудувај и особено сакај ги оние, кои ти се здодевни и кои те искушуваат. Ако добро проникнеш во вистината, ќе видиш дека тие ти помагаат најмногу да напредуваш во доброто.
10. Биди долготрпелив во жалостите, за да можеш да ја сфатиш пораката на Господа: “Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот” (Јован 16,33); за да ја придобиеш сепобедната љубов, која ги воведува оние што ја придобиле во царската палата и ги прави браќа Христови.
11. Биј го млекото, и ќе излезе масло, а кога се удира носот, потечува крв; кога се поттикнува гнев, произлегува кавга (сп.Изрек. 30,33). Ако некој сака да свие гранка или прачка од винова лоза и да ги направи како обрач, тој ги свива постепено; тогаш тие не се кршат, a ако ги овие одеднаш и силно, и гранката и лозинката се кршат. Ова се однесува на строгото однесување на манастирските старешини и на прекумерните подвизи на монасите.
12. Зошто се измачуваш во жалостите? Затоа што си човек со тело. Зар не си слушнал дека ти претстојат маки и жалости? Зар не знаеш?
“Бројни се маките на праведниците” (Псал. 33,19)? Праведниците биваат проверувани во нив како што се проверува златото во огнот. Затоа, ако сме праведни, да се подложиме на проверувањето преку маки и жалости, а ако сме грешни, нив пак ќе ги претрпиме, но ќе ги претрпиме како достојни за нив. – Да си спомнеме за сите светии од почетокот на светот! Сите тие трпеле, иако правеле добро, говореле добро и живееле непоколебливо во вистината. Нив ги мразеле и навредувале се до крајот на нивниот живот, а тие, според зборовите на Спасителот, се молеле за оние што ги навредувале и што ги гонеле (Матеј 5,44). Зар си бил продаден како што бил продаден, целомудрениот Јосиф? Дали си трпел огорчувања, како што трпел Мојсеј од детство до старост? Зошто раслабува твојата помисла? Не плаши се! Биди храбар! Нема Бог да те лиши од она што ти го ветил. Не плаши се како што се плашат маловерните; ободри ги твоите маловерни помисли. Засакај ги маките и страдањата во сѐ, за да бидеш искусен син на светиите.
13. Никој, кој сака да стигне во градот, не лежи; никој, кој што сака да работи, кога ќе го види сонцето да изгрева, не ѝ се предава на мрзливоста; никој, кој што сака да ја подобри нивата, не ја остава необработена. Затоа оној, кој сака навреме да стигне во градот, брза кон него, за да стигне таму пред залезот на сонцето и пред да се стемни; и оној, кој сака да ја заврши својата работа, штом го види сонцето да изгрева, брза на работа, плашејќи се нешто да не го задржи; а оној, кој сака да ја подобри својата нива, брза да ја обработи добро пред таа да стане негодна за ништо. – “Кој има уши да слуша, нека чуе!” (Матеј 13,9; Марко 4,9;23).
14. Сакаш ли да се избавиш од жалостите и да не се измачуваш со нив?- Очекувај поголеми од тие што ги имаш, – и ќе се успокоиш. Спомнувај си за многустрадалниот Јов и за многу други светии, за многуте маки и жалости што ги претрпеле, придобиј ја нивната трпеливост, – и ќе се утеши твојот дух. Биди храбар, крепи се и моли се!
15. Плачи, ридај и не барај да те сметаат за нешто; не изедначувај се со другите. Остави го светот, издигни се на крстот, симни го земното од себе, истреси го правот од твоите нозе, “презри го срамот” (Евр. 12,2), не разгорувај ги печките вавилонски, за да не бидеш и ти самиот изгорен заедно со нив од Божјиот гнев. Секој човек сметај го погорен од тебе. Плачи за твојот мртовец, извади ја гредата од твоето око; обнови го твојот разурнат дом, па извикај кон Господа: ” Исусе, Сине Давидов, помилуј ме! (Лука 18,30) и: “Господи, сакам да прогледам!” (Матеј 18,41).
16. Да внимаваме и да се учиме додека имаме време! Ако сакаш да бидеш спокоен секогаш и кон сѐ, тогаш биди мртов кон секој човек, – и ќе се успокоиш. Ова ти го велам во врска со твоите помисли, твоите дела и твоето однесување према луѓето и према твоите грижи.
17. Ти ми пишуваш да се помолам за простување на твоите гревови. И јас ти го велам истото; помоли се и ти за простување на моите гревови. Зашто е речено: “Како што сакате луѓето да постапуваат со вас, така постапувајте и вие со нив!” (Лука 6,31). И ако сум јас лош, иако сум помал од сите луѓе, но и досега го правам ова според моите сили, според заповедта: “Молете се еден за друг, за да се исцелите ” (Јак. 5,16).
18. Ако не можеш да размислуваш за верата, тогаш и не размислувај. Оној што е тврд во верата, aкo говори и расправа со еретиците или со оние што не веруваат, никогаш нема да се збуни, затоа што внатре во себе Го има Исуса, Началникот на мирот и на тишината. И таквиот, по едно спокојно расправање, може со љубов да приведе многумина еретици и неверници до познавање на нашиот Спасител и Господ Исус Христос. А ти, бидејќи е над твоите сили да размислуваш за твојата вера, – држи се за царскиот пат, верувај како што верувале 318-те свети отци (а ние треба да веруваме така, како што ја утврдиле нашата вера седумте вселенски собори), во која си и крстен; оваа и ваква вера содржи во себе сѐ со сета точност за оние што веруваат совршено и правилно. А ти повеќе внимавај на себе и помислувај на тоа како ќе се сретнеш со Бога.
19. Кога ќе слушнеш пофалба за себе, спомни си ги зборовите од Светото писмо: “Народе мој, твоите водачи те доведуваат до заблуда и го растуриле патот, по кој одиш” (Иса. 3,12).
Ваквите пофалби не ни даваат да ја видиме гнасотијата на нашите дела. Тие се штетни и за оние, кои достигнале висок степен на духовно совршенство; тие можат секого да го одделат од Бога, Кој ни вели “Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате? ” (Јован 5,44). Оној, кој го прима смирението на апостолот, тој побргу ќе избере “да стане безумен, за да биде мудар” подоцна (1. Кор. 3,18). A оној што се покажува разумен, а не е духовен, тој секако не може да го избегне осудувањето, кое е одредено за суетните и гордите.
20. Одговор на прашањето за стравот ноќе. – Луѓето се плашат од нападот на непријателите сѐ додека не ја добијат помошта од својот владетел. Кога ќе добијат известување, дека во нивниот град дошол царски војвода, тогаш веќе не се вознемируваат, зашто се уверени, дека тој со своите војски ќе ги брани. Ако и слушнат за приближувањето на непријателот, имајќи свој заштитник, тие веќе не се плашат. Така и ние, ако веруваме во Бога, нема да се плашиме од демоните, зашто Бог ни ја испраќа Својата помош.
21. Часовите и песните се црковни преданија и добро се востановени за усогласувањето на сите луѓе во молитвите, како и во манастирските општожитија – за усогласување на многумина. Оние што живеат во скитовите немаат ни часови, ниту читаат песни, туку самостојно ја работат својата рачна работа, и читаат и размислуваат, а по некое време стануваат на молитва. Кога стоиш на молитва, ти си должен да се молиш – да бидеш ослободен од стариот човек, или да ја изговараш Господовата молитва “Оче наш ……. “! или и едното и другото заедно, а потоа пак да седнеш за својата рачна работа. А за тоа колку долго треба да се молиш, ќе речам, заедно со апостолот: “Молете се постојано”! (1. Сол. 5,17), тогаш и не треба да се говори за должината на молитвата.
22. Што се однесува на ноќниот сон, моли се одвечер два часа, сметајќи го времето од залезот на сонцето, па откако ќе го завршиш славославието, спиј шест часови, а потоа стани на бдение и, биди буден четири часа. Вака прави и за време на летото, но тогаш скрати го славословието и читај ги псалмите, затоа што е покуса ноќта.
23. Господ нѐ учел како да придобиеме смирение, велејќи: “Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши” (Матеј 11, 29). Ако сакаш и ти да добиеш спокој, тогаш познај што сѐ претрпел Самиот наш Спасител и откажувај се од својата волја. Спасителот наш Господ Исус Христос рекол: “Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати” (Јован 6,38). А совршеното смирение се состои во тоа, да поднесуваме прекори и навреди и сѐ друго што претрпел нашиот Учител Исус Христос. А токму ова служи како признак дека човек се допрел до совршената молитва, односно дека него не го вознемирува и тоа – ако целиот свет го навредува.
24. Како знак за тоа дека сме навлегле во совршена молитва ни служи тоа, што некој се ослободува од расеаност на помислите и кога гледа, дека неговиот ум, просветен од Господа, се исполнува со радост. Совршено се моли оној, кој умира за светот и за спокојот негов. А кој го извршува заради Бога ова, како што треба, тогаш веќе нема расеаност, туку има ревност, која му е угодна на Бога.
25. За мерката на воздржувањето во јадење и пиење светите оци говорат, дека треба да употребуваме неколкупати помалку отколку што сме употребувале; никогаш да не го исполнуваме целиот стомак. И секој сам треба да си ја одреди мерката за себе, како по однос на јадењето, така и за тоа колку вино треба да пие. Впрочем, мерката на воздржувањето не се ограничува само на јадењето и на пиењето, туку се однесува и на разговорите, и на сонот, и на облеката, и на сите чувства. Во сето ова треба да ни биде нашата сопствена мерка на воздржувањето.
26. Како да ја одредуваме мерката на воздржувањето, така што да биде неколкупати помала од она што е соодветно и потребно? Од целата храна, од лебот и од другата храна треба да се одделува по малку, а по однос на виното и водата треба да се одделува помалку од половина чаша. Ако внимаваш на себе и ако не ти е тешко да пиеш само еднаш на ден, тоа би било добро; тогаш пиј двапати, но и едниот и другиот пат помалку отколку што треба. А тогаш кога си вознемирен и кога имаш борба на помислите, потребно е и обичната количина храна и пиење донекогаш да се намалува, односно храната уште за малку, а сето пиење – уште за една чаша, така што количината на храната да биде намалена двојно, а на пиењето – на една чаша.
27. А како да се дознае и како да се одреди вистинската мерка: кому колку е потребно да јаде и да пие? Набљудувајќи во текот на неколку дена по однос на сета храна, односно на лебот, другите јадења и овошјето, човекот може врз основа на својот личен опит да дознае колку храна и пиење му се потребни на неговото тело, така за да не се оптоварува. И од оваа мерка нека се одделува од храната по малку и од пиењето – половина чаша. А кога се наоѓаме во духовна борба, тогаш да одделуваме од храната – двојно повеќе од претходното, а од пиењето – уште по половина чаша.
28. Што е воздржувањето по својата сила? – Да се воздржуваме според нашите сили, тоа значи – да земаме храна и пиење, како што рековме, односно – да ги употребуваме нешто помалку отколку што ни е потребно. Ова истото се однесува и на сонот. Но, ако некој, поради трудот и заморувањето додаде и нешто повеќе од ова, тоа нема да биде нарушување на правилото: “Според своите сили” ќе ме прашаш: “Каква треба да ми биде мерката на спиењето?” – Отците одредуваат и велат, дека тоа треба да биде половината од ноќта. А по однос на храната, престанувај да јадеш тогаш кога сакаш да изедеш уште малку, па така, јади секогаш умерено.
29. Што значи да се јаде од желба, а што по потреба на природата? – По желба – значи да сакаме да јадеме не поради потребата за храна, а заради угодување на стомакот и на грлото: Ако забележиш дека твоето тело повеќе сака да прима една храна, не поради нејзината вкусност, а поради нејзината леснина, тогаш нејзиното примање нема да биде од желба. Ако еден пo својата природа бара слатка храна, друг – солена, трет – кисела, тоа не се желби. – Но, ако некоја храна особено и похотливо ја посакуваме, тогаш тоа е похотлива желба и слугинка на чревоугодието. – Ако сакаш да дознаеш дали си опфатен од страста на чревоугодието, еве како ќе дознаеш: ако храната владее со твоите помисли, така што не можеш да ѝ се спротивставиш, тогаш ти си чревоугодник. Но, ако нема такво овладување и ти слободно можеш да примаш секаква храна, според потребата на твоето тело, тогаш кај тебе нема чревоугодие. Друг белег на чревоугодието е и ова: да сакаш да јадеш пред време; освен, ако за тоа нема некоја оправдана причина.
30. Ако страста на чревоугодието не ме напаѓа порано, туку се појавува токму тогаш кога јадеме, што треба да правам; дали тогаш треба да престанам да јадам или не? – Тогаш кога јадеш заедно со некој друг брат, не престанувај, туку откако ќе Го повикаш Бога на помош, одгони ја похотливоста, јади малку, помислувајки на тоа дека таа храна набргу ќе се претвори во смрдеа. А кога си сам и гладен, тогаш јади леб и некоја друга храна, према која не чувствуваш похотливост.
31. Треба ли да ги прашуваме духовните старци за сите помисли, кои се раѓаат во нашето срце? – Не, не треба да се прашува за сите помисли кои навлегуваат во срцето, туку само за оние, кои се задржуваат подолго во човекот и се борат со него. Ова има сличност со онаа состојба, кога човек, иако многумина му причинуваат здодевност, ги занемарува сите непријатности и не се грижи за нив. А, ако некој го вознемирува и го напаѓа, тогаш тој за тоа го известува одговорниот.
32. Треба ли да ѝ се спротивставуваме на лошата помисла и да спориме со неа? – Не, не треба, зашто нашите духовни непријатели го посакуваат тоа и тогаш нема да престанат да нѐ напаѓаат. Многу е подобро да Му се помолиш на Господа и да побараш од Него помош на својата немоќ, а Он може не само да ги прогони, туку може и потполно да ги уништи лошите мисли.
33. Ноќните мечтаења биваат или од превознесување, или од пренаситеност или од демонска завист. За последната причина треба да кажеме, кога од наша страна не му помагаат на демонот нашето вознесување и нашата пренаситеност, тој нема можност често да ги повторува своите напади на нас. Како што оној, кој гради куќа, а ги нема потребните материјали, не може да ја изгради својата куќа, така и демонот попусто ќе се труди да нѐ измами.
34. Сакам да го ограничувам својот стомак и да му ја намалам храната, но не можам. Ако понекогаш и ја намалам, но по извесно време пак се враќам на истата мерка. Истото го правам и со пиењето? Откаде доаѓа ова? Од ова никој не може да се ослободи, освен оној кој успеал да дојде до таква состојба, за да може да рече: “заборавив и лебот свој да го јадам; од гласот на моите воздишки коските ми се залепија за телото мое” (Псал. 101, 5-6). Тој брзо успева да ги намали храната и пиењето; нему неговите солзи му служат место леб и, најпосле доаѓа до тоа – да се храни со Светиот Дух. Верувај ми, брате, и јас познавам човек, кој има таква мерка; тој јаде еднаш или двапати во седмицата, а често се издигнува до духовната храна и од нејзината вкусност ја заборава земната храна, па кога ќе му дојде времето да јаде леб, му се чини како да е наситен и не му се јаде, се самоосудува и си вели: “Зошто секогаш не сум во ваква состојба?” Па настојува уште повеќе да успева во ова.
35. Како се доаѓа до ваква состојба? – Тогаш кога сите човечки помисли се една целина во Бога; тогаш и нашето тело ја следи помислата во Бога. Тогаш се јавува и радоста на Духот во срцето, која ја храни душата и го ухранува телото, укрепувајќи ги и душата и телото. Таквиот човек не ослабнува и не се очајува, зашто тогаш нашиот Спасител Господ Исус Христос станува негов Закрилник и го поставува близу до претсобјето, таму “тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе исчезнат” (Иса. 51,11) и на него се исполнуваат зборовите од Светото Писмо: “Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше” (Матеј 6,21). Смирението го доведува човекот до ваква состојба.
36. Како да правиме разлика меѓу немоќта на телото, која доаѓа како последица од воздржувањето, односно вистинската телесна немоќ од онаа, со која нѐ напаѓа демонот? И како треба да ја јадеме нашата храна? Ако телото ја прима својата секојдневна храна, според обичната мерка на воздржувањето и пак се чувствува раслабено, тогаш чувството на раслабеност доаѓа од демоните, а, напротив, ако раслабеноста е последица од зголемената мерка на воздржувањето, тогаш таа е природна. Обичната мерка на воздржувањето е: да стануваме од трпеза со чувство на ненаситеност, како што одредиле првите духовни отци за почетниците во монашкиот живот. А кога потоа човекот ќе се утврди во ова и се научи на поголема воздржливост, тогаш, кога е научен преку својот сопствен опит, не може веќе да биде скриено од него – колку треба да јаде.
37. “Помоли се за мене; многу страдам!” Духовно израснуваат и умираат за светот само оние, кои страдаат и трпат. – О, возљубен брате мој, Господ претрпел крсни маки, па зар ти не треба да им се радуваш на маките, на страдањата и на претрпувањата кои нѐ воведуваат во царството небесно? Тоа што страдаш е добар знак за тебе. Зар не знаеш дека страдањата и искушенијата се умножуваат тогаш кога Господ му ја приготвува на некого својата милост? И воопшто не го посакувај спокојот, ако не ти го испраќа Господ, зашто телесниот спокој е одвратен пред Господа. Самиот Господ рекол: “Bo светот ќе имате маки” (Јован 16,33)
38. Каква секојдневна храна да си одредиме? Ако си одредуваш храна во твојата ќелија, тоа ќе те доведе во грижи и духовна борба. Биди задоволен со она, што ти го испраќа Бог, со тоа и ќе бидеш задоволен. Во Светото Писмо читаме: “Кој оди во непорочност, оди без страв” (Изрек.10,9).
39. Кога ги читам псалмите, треба ли по секој псалм да го изговарам “Отче наш”? – Ако го прочиташ само еднаш, тоа ќе биде достатно.
40. Одете по патот, по кој одиме и ние, следејќи ги светите наши отци. Не помнам, некогаш кога сме наоѓале совршен спокој, да сме се користеле со него, туку сме настојувале секогаш да имаме маки и страдања, плашејќи се од Оној, Кој рекол: “Синко, сети се дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив” (Лука 16,25) и имајќи секогаш на ум, “оти во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки” (Дела 14,22). Така сме постапувале и тогаш, кога големи богатства доаѓале во нашите раце, а Бог знае во каква немаштија сме живееле заради Оној Кој осиромашил за нас. Не е воопшто убаво да си даваме спокој. Кој го бара својот спокој, тој живее за себе, а не за Бога; таквиот човек не може да се откаже од својата волја.
41. Господ сака секој човек да го сметаш за поголем од себе. На својот духовен отец биди му послушен во сѐ, извршувај што и да ти рече, и кога тоа се однесува на твојата храна и твоето пиење или нешто друго. Ако те наклеветат за нешто, радувај се, зашто ова е многу корисно за спасението на твојата душа. Ако те навредат, претрпи, зашто “кој претрпи до крај ќе биде спасен” (Матеј 10,22). Благодари Му на Бога за сѐ, зашто благодарноста кон Бога ѝ помага на нашата немоќ. За сѐ и секогаш осудувај се како грешен и од демоните измамен, и Бог нема да те осуди; смирувај се во сѐ, и ќе добиеш благодат.
42. Секогаш и во сите случаи да прибегнуваш кон смирението, зашто смирениот лежи на земја, а оној што лежи на земја, каде може да падне? Може да падне само оној што стои или седи високо. Ако сме се обратиле или поправиле, тоа не е од нас и со наши сили; тоа е дар Божји, зашто “Господ им ги отвора очите на слепите, Господ ги исправа подгрбавените, Господ ги сака праведните” (Псал. 145,8).
43. Болеста е за нас вразумување од Бога и ни служи за преуспевање во доброто, ако Му бидеме благодарни на Бога. Зар Јов не бил верен Божји пријател? Но што не претрпел тој, секогаш благодарејќи Му на Бога и благословувајќи Го? И неговото трепение најпосле го одвело кон преголема слава. Потрпи и ти малку кога си болен и “ќе ја видиш славата Божја” (Јован 11, 40). A тоа што не ќе можеш да постиш кога си болен, не тажи; Бог не бара од никого она што не може и за што нема сили. А постот е всушност само казна за телото, за да го ослаби и скроти здравото тело и да го направи немоќно за страстите, според зборовите на апостолот: “Кога сум слаб, тогаш сум силен” (2. Кор. 12, 10). A болеста е повеќе и од оваа казна; таа се прима место пост, се цени дури и повеќе од него. Кој ја претрпува неа со благодарност према Бога, тој преку своето трпение го добива, како плод, своето спасение. Место да го ослабува своето тело со пост, тоа бива ослабувано и истоштувано од болеста. Благодари My на Бога што те ослободил од трудот на постењето. Ако јадеш и десетпати дневно, не жалости се; за тоа нема да бидеш осуден, зашто тоа не го правиш за да се насладуваш.
44. Демоните, завидувајќи ни што ги имаме даровите на верата, нѐ напаѓаат со неверување; ако ги примаме нивните безвернички помисли, тогаш стануваме нивни слуги и едномисленици.
45. Секојдневни вежби. – Ти си должен малку да се вежбаш во пеењето на псалмите и малку да се молиш со читање молитви напамет. Потребно ти е и извесно време и за испитување и за пазење на твоите помисли. Во пеењето на псалмите и во молитвите што ги изговараш напамет, не се врзувај со одредено време, туку прави го тоа толку колку што Бог ќе ти даде сили. Не изоставај ги ни читањето, нити внатрешната молитва. Малку од едно, малку од друго, пa така ќе го поминеш денот, угодувајќи Му на Бога. Нашите свети и совршени отци немале некое утврдено правило, туку во текот на целиот ден го извршувале своето правило: извесно време пееле псалми, потоа гласно читале молитви, па ги испитувале своите помисли, а потоа се грижеле за својата храна, и сѐ што правеле, го правеле со страв Божји. Зашто e речено: “Јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1. Кор. 10, 31).
46. Нека не те збркува непријателот во твојата жалост. Зар можат искушението и страдањата да се случат без Божјо допуштање? Не, Бог ги дозволува нив за наша душевна корист, а ѓаволот ни ги покажува работите инаку, отколку што се, како што направил и тогаш кога нашите прародители биле изгонети од рајот. Но ние не проникнуваме во ова, па заборавајќи дека Бог ни ги испраќа страдањата заради нашето очистување од секаква нечистотија, па затоа се збунуваме и паѓаме во очајание. – Ако сакаш да се спасиш, не верувај ѝ на својата помисла, зашто бесовите сеат во тебе лошо семе и настојуваат работите да ти ги претставуваат поинакви отколку што се. Никогаш, никого и за ништо не обвинувај. За никого не мисли зло, зашто преку тоа сам стануваш лош, зашто само лошите помислуваат лошо, а добриот – мисли добро. Кога ти доаѓа мислата: “Ете, тие сега зборуваат за мене”, знај дека ова ти го нашепнува ѓаволот. Не сомневај се никогаш во никого. Претрпувај сѐ, и радувај се и весели се. А на демоните не им верувај, зашто тие секогаш ти говорат за нешто што не постои или дека не е такво, какво што ти го претставуваат; тие само сакаат да те збунат и да те измамат.
47. Велиш: “Пак страдање.” Ти се вчудоневидувам, брате. Зар мислиш дека ѓаволот ќе престане некогаш да те искушува? Зар можеме да ги обвинуваме оние што паѓаат на земја и што исфрлаат пена на уста? – Не, не можеме, како што не можеме да ги обвинуваме ни оние, кои ѓаволот ги насочува против нас, за да нѐ навредуваат и да ни причинуваат маки и страдања. Не треба да ги обвинуваме нив, туку нивната страст и оние што ја разгоруваат нивната страст, тебе преку сите нив те напаѓа ѓаволот, а ти не сакаш да ги видиш твоите гревови, туку ги гледаш само гревовите на твоите ближни; говориш само за престапите на твојот брат, а за своите забораваш. – А кој си ти, за да ги забележуваш туѓите гревови? Спомни си за праведниот Лазар од Светото Евангелие, спомни си за тоа колку време страдал и трпел и постојано Му благодарел на Бога.
48. Велиш: “Јас паднав во срамни мечтаења додека спиев”. Господ дозволува да паѓаме во мечтаења и во други страсти, со цел да ја познаеме нашата немоќ и да се надеваме само на Него, на Него Единиот, а не во себе. – Но не мисли, дека по Божја волја паѓаме во гревови и во страсти; Бог ги допушта поради нашето невнимание и мрзливост и по Своето човекољубие преку злото, кое се спротивставува во нас, – нѐ доведува до смирение заради нашето спасение. Познај се таков, каков што си и смири се не само пред Бога, туку и пред луѓето, оставајќи ги сите твои грижи на Него, Кој може да ни даде неспоредливо многу повеќе, отколку што просиме од Него и што можеме да замислиме.
49. Брате, ти се жалиш и велиш: “Изнемоштувам од моите искушенија”. – Не очајувај, брате, Бог не те оставил и нема да те остави. Знај дека е неизменлива пресудата, која му ја изрекол нашиот Господ на нашиот праотец Адам, кога му рекол: “Со пот од лицето свое ќе јадеш леб” (1. Мој. 3, 19). Како златото, кое се претопува и пречистува, станува добро да биде употребено и во царската круна, така и човекот, кој гори од страдања, ако трпи со благодарност, станува син Божји и жител на царството. Верувај дека сѐ што се случува со тебе, се случува за твоја корист, за да добиеш смелост пред Бога.
50. Кон еден очаен болен. Целивај ги страдањата на нашиот Спасител, за и ти заедно со Него да ги поднесуваш и трпиш навредите, раните, унижувањата, нажалувањата преку плукањето, навредата преку пурпурната облека, срамот на трновиот венец, оцетот со жолчката, болката од прободувањето на рацете и нозете со клинците, прободувањето со копјето, изливањето на водата и крвта, – и од сето ова позајми им олеснување на твоите болки и страдања. Господ нема да ги остави попусто твоите трудови, Он дозволил да те снајде мала болест, за да не им бидеш туѓ на светиите – кога ќе ги видиш во оној ден прославени со плодовите на своето трпение, близу до Христа Исуса, нивниот близок Закрилник и Пријател. Не биди тажен, Бог не те заборавил; Он се грижи како за Свој вистински син, а не како за незаконско дете.
51. Да ни ја даде Својата голема помош нашиот Голем Брат – нашиот Господ Исус Христос, Кој благоволил да нѐ направи Свои браќа, Кој не се срамува да нѐ нарече Свои браќа, како што е речено во Светото Писмо: “ќе го возвестам името Твое меѓу браќата Мои” (Евр. 2,12). И ние сме веќе браќа Негови и ангелите затоа нѐ сметаат за блажени. – O, Кого имаме за наш брат! Силниот, Кој може да ни даде сила; Крепкиот, Кој сака богатството Свое да го раздели со нас; Военачалникот, Кој во време на војна ќе ги уништи нашите непријатели, кои нѐ напаѓаат; Лекарот, Кој ќе го излекува нашиот внатрешен човек, заедно со надворешниот, покорувајќи му го на внатрешниот; Хранителот, Кој нѐ храни нас духовно гладните; Животот, за да ни даде вечен блажен живот; Милостивиот – за да се смилува на нас; Дарежливиот – за да нѐ обдари со сите добри дарови; Царот – за да нѐ направи и нас цареви; Бога – и нас да нѐ обожи и да нѐ направи богови, – затоа, кога знаеш дека сето ова се наоѓа во Него, моли Му се, – и Он ќе ја исполни прозбата на Твоето срце, само, ако ти не Му попречиш да го направи тоа.
52. Нашиот Господ Исус Христос, Кој рекол: “Барајте и ќе добиете ” (Јован 16,24), да ги исполни сите твои добри прозби. Само ти приготви го твојот дом, очисти го внимателно, за да ги примиш Божјите дарови. Тие се пазат само во добро очистениот дом. И само таму ја испуштаат својата пријатна миризба, таму каде што нема никаква нечистотија. Тој што вкусува од нив, тој се отуѓува и оддалечува од стариот човек, кој е распнат за светот, и светот за него: тој секогаш ќе живее во Господа. Колку страшно и да удираат непријателските бранови, коработ негов не можат да го искршат; и понатаму тој станува страшен за своите непријатели, зашто врз него тие го гледаат светиот печат, а колку повеќе станува нивни непријател, толку повеќе станува искрен и сакан пријател на Великиот Цар – на Спасителот наш Господ Исус Христос.
53. Да не те раслабат немирите, кои те исполнуваат поради бесовските страсти и мечтаења. Верувај дека, иако бесовите те вознемируваат и искушуваат, нема да успеат ништо да ти направат, туку уште повеќе ќе ги зголемат твоите добродетели, само, ако внимаваш на себе, само, ако го запазиш твоето трпение. Да не ги намалуваш твоите усилби, за да не ги загубиш ветувањата, кои ти се дадени од човекољубивиот и милосрдниот Бог. Од Него зависи да ни даде, а наша задача е да го запазиме Неговиот дар. И не вчудоневидувај се што по светите ветувања и по давањето на ветените дарови, бесовите одново ги подигнуваат срамните страсти, надевајќи се да го украдат тоа неизмерно богатство, туку спомнувај си за тоа колку биле бесрамни, кога, откако Самиот Бог сведочел за светиот – многустрадален Јов, колку страшни искушенија и какви напади подигнувале против него, за да ја урнат оваа кула на трпеливоста, но сепак не можеле да го победат и да го пленат сокровиштето на неговата светла и силна вера и на неговата благодарност према Бога. Златото, откако поминало низ оган, станало почисто, а ова го означува она што станува и со праведникот кога минува низ многу искушенија. Бог дозволил и допуштил и по Неговото сведоштво за праведникот, тој да биде искушуван, заради добивање поголема чест и слава на Господа и одземање секаква можност на непријателите да се оправдаат. Затоа, не очајувај. Печатите на ветувањата се цели; “Надевај се на Господа, биди мажествен; нека е цврсто срцето твое; надевај се на Господа” (Псал. 26,14); “кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен” (Матеј 24,13), во Исуса Христа нашиот Господ.
54. Одговори. Збрканоста на помислите во тебе станува од непостојаноста на твоето срце. – Не е потребно потполно да се откажеме од пиење вино, но треба да го употребуваме сосема малку. – Да се спие седејќи, – постепено доведува до смирение. – Потребно е потполно да Му се предаваме на Бога – во страв Божји.
55. Внимавај на себе, зашто демоните сакаат да те измамат и да те привлечат кон она што е малку корисно, како, на пример, да спиеш седејќи, да не ставаш перница под својата глава, тоа е исто што и “нане, копра и кимин”, а всушност, ова требаше да се прави и она да не се остава (сп.Матеј 23,23), односно да биде изгасен гневот, ако ја исушиш раздразнителноста и ако придобиеш послушност во сѐ. Тие го сеат сето ова во тебе затоа, за да го изнемоштат твоето тело, од што ќе се разболиш и ќе побараш мека постела и различни јадења. Затоа биди задоволен со една перница и одмарај се на неа со страв Божји. Стави во твоето грне зачин од твоите лековити треви, какви што се: смирението, послушанието, верата, надежта, љубовта, зашто оној што ги има нив, тој Му приредува гозба на Небесниот Цар Христа.
56. Ти велиш: “Се поведов по лошите помисли”. Против тебе одамна почнал да војува бесот на хулата, кој ги погубува човечките души, оние што го примаат него. Тој те фатил за гривата, веригата на вратот – страста, за да те умртви. O, да не му дозволи мојот Бог да ја исполни својата волја на тебе (сп. 2. Тим. 2,26). Но не очајувај се. Еве, пред тебе стои Оној, Кој го прима твоето покајание. Разбуди се од измамата на ропството, а, пред сѐ, изгаси го гневот и раздразнатоста, знаејќи дека тие го доведуваат човекот кон погубното хулење на Бога; потруди се да придобиеш смирение, кое ги изгорува демоните; послушноста, која му го отвора на Бога влезот во човекот; верата, која го спасува човекот; надежта, која не посрамува; љубовта, која не му дозволува на човекот да отпадне од Бога. Ти не си се погрижил за овие добродетели, туку, напротив, си го избрал токму спротивното: гневот, раздразнителноста и потполната пропаст, погореспомнатото хулење. Потруди се да се поправиш, гледајќи ја Божјата добрина и помислувајќи за тоа колку е добар Господ. – Простено ти е она што изминало, поправи се отсега. – Во тек на четириесет дена принесувај Му покајание на Бога, принесувајќи Му секој ден по три поклони, изговарајќи: “Прости ми што Те хулев Тебе, мојот Бог!” И исповедај Го Него, Кого си Го похулил со твојата уста и говори трипати на ден: “Слава Ти, Боже мој, благословен си во сите векови: – Амин” – И не паѓај во истиот грев одново, за да не ти се случи нешто полошо. Од нечувствителноста на твоето срце ти си дошол во гнев, а од гневот си преминал кон тоа да отстапиш од Светата Причест; бидејќи потполно заробен, си пропаднал и во јамата на хулата. И ако не ти се приближеше раката на човекољубивиот Бог и ако не беа молитвите на светиите, душата твоја ќе пропаднеше во бездната на очајанието. Еве, преку мене најмалиот ти говори Самиот Бог: си згрешил, но не греши веќе. Моли се за простување и на твоите изминати гревови, Бог е милостив и кога сакаме да се поправиме, Он ни ги простува нашите гревови.
57. Жалење за тоа што аввата им дава предност на другите. – Брате, ти самиот се искушуваш себе! Зар не ти е познато, дека “секого го искушува неговата похот, која го влече и мами” (Јак. 1,14). Не свртувај го твоето внимание кон никој друг, туку внимавај на она што се случува во тебе и со тебе. И не љубопитствувај што станува со другите, зашто тоа воопшто не е корисно за тебе. – Гледај со каква ништожна работа сатаната го вознемирил твоето срце. – Стани, подржуван со раката Божја, и не им верувај на твоите помисли, преку кои демоните ти ги покажуваат работите, како тие што сакаат.
58. Кога ни предлагаат нешто, што значи почитување. – Запази се од тоа да се радуваш кога те почитуваат за нешто, па покажи послушност, која го одгонува спротивставувањето, кое Бог не го сака, како и оние што Го љубат Бога. Држи се за послушноста, која издигнува на небо; оние што го придобиле, – ги прави слични на Божјиот Син.
59. Како да му ставиме почеток на покајанието? Ако сакаш да му ставиш почеток на покајанието, погледни што направила блудницата. Таа, “плачејќи, почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја” (Лука 7,38). Плачот нѐ измива од секој грев. Но човекот го придобива плачот тешко, преку многу читање на Светото Писмо, многу поучување од него, преку трпеливост, размислување за Страшниот суд и вечниот срам, како и со самооткажување, како што вели Господ: “Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене” (Матеј 16,24). A да се одречеме од себе и да го земеме својот крст, значи: да ја отфрламе нашата волја во сѐ и да се сметаме за ништо.
60. Поради телесните немоќи не можам да се подвизувам слично на отците. – Ако си немоќен и не можеш многу да носиш, тогаш прави го она што можеш според своите сили, јади леб и пиј нешто помалку отколку што ти е потребно, зашто Бог ги примил и двете лепти на вдовицата и им се израдувал на нив повеќе отколку на парите од другите луѓе. – Научи се да не се однесуваш со другите слободно, и ќе се спасиш.
61. Помислите што проникнуваат во мене ми говорат: “Отиди во туѓа земја и таму спасувај се!” – Ваквата помисла е од непријателот, кој ја дава под вид на вистина, за да се потсмее со тебе, да те направи предмет на соблазна за многумина, така што ти да ја понесеш и нивната осуда. Впрочем, ти си накажан со ова поради твојата мрзливост и суета. Кон твојата мрзливост и суета и демоните ги присоединуваат своите искушенија, за да ја погубат твојата душа. Биди внимателен према себе и бори се против лошите помисли; прогонувај ги од себе мрзливоста и суетата. Ништо не прави по своја волја и не прифаќај ги помислите за самооправдувањето; кои навлегуваат во тебе; инаку ти претстои страшно паѓање. Потруди се да придобиеш одлучност; таа ќе ја оддалечи од тебе слободата во однесувањето со ближните, која е причина на сите зла во човекот. Ослободи се од сите грижи, и слободно ќе Му служиш на Бога. Стани мртов за секој човек, и тогаш ќе бидеш за секого како странец и туѓинец. Сметај се себе за никој и ништо, и мислата твоја ќе биде чиста и спокојна. Не мисли дека си направил нешто добро, – и наградата твоја цела ќе биде запазена. Освен тоа, памети дека уште долго нема да останеш во твоето тело, и труди се да направиш сѐ што е потребно, за да можеш во оној ден да кажеш: “Се подготвив и не се збунив” (Псал. 118,6). Брате, не може да се живее без труд; никој не добива награда без подвиг. Принудувај се да се подвизуваш за своето спасение, и Бог ќе ти помогне. Во Светото Писмо читаме за Божјиот Син Господ Исус Христос дека рекол: “Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината” (1. Тим. 2,4; 2. Петр. 3,9; Језек. 18,23).
62. Не се монаси сите што живеат во манастирите; монах е оној, кој си ги извршува своите монашки задолженија. Господ рекол: “Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен” (Матеј 7,21). Зошто, брате, му дозволуваш на непријателот да се подбива со тебе и да те доведува во опасност да паднеш? – Ти ме прашуваш и не се грижиш да го извршуваш она што ти го кажувам. И пак ме прашуваш и она што ти го кажувам суетно им го говориш на другите, за да им угодиш на луѓето, а ти самиот си пречиш за да успеваш брзо во доброто. Времето ни е дадено, за да ги познаеме нашите страсти и да се трудиме со плач и радание да ги излекуваме. Ако имаш расеани мисли кога седиш во твојата ќелија, прекорувај се за тоа и моли Му се на Бога да ја поткрепува твојата немоќ.
63. Оној што сака да биде вистински монах, тој никако не смее да има своја волја. На ова нѐ учел нашиот Господ Исус Христос, велејќи: “Слегнав од небото не за да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати” (Јован 6,38). А, ако правиш едно, а друго откажуваш да го направиш, со тоа покажуваш дека си поразумен од оној што ти заповеда, а тоа е она , со што бесовите се подбиваат со тебе. Затоа, треба да бидеш послушен во сѐ што и да ти се каже, пa макар и да ти се чини дека она што ти е кажано не е безгрешно. Твојот духовен отец, кој ти го заповеда тоа, тој ќе го носи твојот грев и од него ќе се бара одговор за тебе. Ако тоа што ти е заповедано за тебе е крајно неудобно и опасно; или е преку твоите сили, објасни му го тоа на твојот авва и направи така како тој што ќе расуди и ќе ти каже.
64. “Кога ќе почнам да разговарам, се занесувам и се заборавам, а потоа се срамувам и сум тажен. – За да не падне во ваква положба и во славољубие, немоќниот треба на секој начин да избегнува да зборува многу и да го прекратува разговорот, да се извини со нешто и да се оддалечи од оние што разговараат. Кога разговорот е корисен и кога не е пречка на некоја друга попотребна работа, тогаш можеш да останеш додека разговараат; ако тој разговор не е корисен, тогаш извини се дека не се чувствуваш добро и оддалечи се.
65. Како да се однесуваме при среќавањето со луѓето? – При среќавањето со кого и да е, ограничувај се само на поздравот, а потоа речи: “Помолете се за мене, јас имам работа”, и оддалечи се. А, ако те праша за нешто, а ти знаеш да му одговориш, кажи му и појди по твојата работа, а ако не знаеш, тогаш кажи му, дека не знаеш, и оддалечи се.
66. “Сакам да прекинам со некои среќавања; дали ова да го направам одеднаш или постепено?” – Ако ги прекинеш одеднаш, ќе бидеш спокоен; инаку и за тебе и за другите тоа ќе биде причина за многу збрканости и незгоди.
67. Манастирскиот болничар прашува дали да чита лекарски книги. – Читај, но кога ги читаш и кога се распрашуваш за лекарства, не заборавај дека без Божјата помош никој не добива исцеление. Оној што се посветува на лекарската вештина, тој треба да се надева на Бога и Бог ќе му помага. Лекарското искуство не му пречи на човекот да биде побожен; ти занимај се со него, како да работиш рачна работа, заради доброто на браќата. Сѐ што правиш, прави го со страв Божји, и ќе бидеш запазен по молитвите на светиите.
68. “Цел ден сум зафатен со разни работи; ова не ми дозволува да си спомнам за Бога и да се помолам” – Се случува некој многу да слуша за некој град, но кога некогаш ќе влезе случајно во него, не знае дека тоа е токму тој град, за кој слушал толку многу. Така и ти, брате, во текот на целиот ден мислиш на Бога и не си свесен за тоа. Да имаме заповед да правиме нешто и таа заповед да ја примаме како Божја заповед, во тоа се состои монашкото послушание и споменување на Бога.
69. Секојдневно имаме потреба од храна, но не треба да ја јадеме со наслада. Кога ја примаме со благодарност према Бога, Кој ни ја дал и се осудуваме како недостојни, Бог прави таа да ни служи за осветување и благослов. Исто така, ако ти е потребна некоја работа и успееш да ја најдеш, благодари Му на Бога; Кој ти помага, а себе осудувај се како недостоен; и Бог ќе ја одврати алчноста.
70. Секој го сака својот ближен според своите сили, според мерката на својата љубов, а мерката на совршената љубов се состои во тоа, така што поради љубовта што ја имаме према Бога, и нашиот ближен, да го сакаме како што се сакаме себе. – Младите што од неразумна љубов еден према друг се собираат заради лични разговори – биваат изложувани на опасности од паѓање. – Мерката на взаемната братска љубов треба да биде ваква: да не се клеветат еден со друг, да не се мразат, да не се понижуваат и презираат, да не го бараат само своето, да не се сакаат поради телесната убавина или поради работата што ја работат, да не седат заедно без голема потреба, за да не паднат во срамен грев, кој ги уништува сите монашки плодови, правејќи ги слични на суви плодови.
71. “Сакам да се спасам, ама не го знам патот на спасението” – Брате, Бог преку Светото Писмо и преку светите отци, ни го покажал патот на спасението, велејќи: “Прашај го татка си – и тој ќе ти каже, старците свои – и тие ќе ти речат” (5. Мој. 32,7). Затоа, ако сакаш да не се заблудиш во делото на спасението, не прави ништо без да го прашаш твојот духовен отец, и нема да се заблудиш со помошта на Божјата благодат, зашто Бог “сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината” (1. Тим. 2,4).
72. “Мојата помисла ми говори, дека, ако отидам некаде и почнам да живеам сам, дека ќе имам совршено безмолвие” – Нашиот Господ Исус Христос, пред Своите крсни страдања, претрпел многу навреди и мачења, а потоа бил издигнат на крстот. Исто така, никој не може да го добие совршенството и многуплодното безмолвие и успокојување на светите и совршените, ако пред тоа, живеејќи меѓу браќата, не пострада за Христа и не ги претрпи сите Негови страдања, спомнувајќи си ги зборовите на апостолот: “Само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме” (Рим. 8,17). Не мами се, нема многу патишта на спасението; патот кон спасението е само еден.
73. Зборови упатени на болен. – Оваа болест те постигнала, за да не отидеш пред Бога без плодови. Ако трпиш и претрпиш, ако Му бидеш благодарен на Бога, болеста твоја ке ти биде примена место подвизи, ќе ти се смета како да си живеал долго во монашки подвизи.
74. Не треба никаде да одиш без да ти е заповедано, зашто она што го правиме по наша волја, не My е угодно на Бога. А кога ти е тоа заповедано и кога ја извршуваш заповедта на оној што те пратил, во тоа се содржи и молитвата и угодувањето на Бога, Кој рекол: “Слегов од небото не за да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати” (Јован 6,38).
75. “Ce презаморувам во моето послушание. Дали да побарам помошник?” – Брате, оној што сака да дојде до Исуса и оди по патот на спасението, тој треба секој ден да очекува искушенија и маки. Светото Писмо вели: “Синко Мој, ако сакаш да Му служиш на Господа, приготви ја душата своја за искушение” (Мудр. Сирах. 2,1). A нашиот Господ Исус Христос рекол: “Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене” (Матеј 16,24). Затоа, кој сака да биде Негов ученик, треба до самата смрт да го исполнува послушанието што му е наложено. Да бидеш сам на таа работа, па малку и да се заморуваш, покорисно е за тебе, отколку да бараш другар за да ти помага. Слободата во однесувањето со твојот брат, кој би ти помогнал, не само што ќе се зголемува, туку ќе биде и многу голема затоа што ќе бидете постојано заедно.
76. “Кога прашувам за моите помисли, треба ли да прашувам само еден или повеќемина духовни учители? “Треба да го прашуваш оној, во кого имаш доверба и за кого знаеш дека може да ти помогне и да ги носи твоите помисли, на кого му веруваш како на Господа Бога. Ако за таа помисла прашаш некој друг, тоа е веќе недоверба према него и љубопитство. Ако веруваш дека Бог говори преку Својот светец, тогаш каква потреба имаш да го искушуваш Бога и да прашуваш за истата помисла друг духовен учител.
77. “Колкупати треба да се помолам, за да знам која помисла треба да ја извршам?” – Кога немаш можност да го прашаш за совет твојот старец, тогаш треба да се помолиш трипати за секоја работа, а потоа треба да гледаш каде ќе се наклони твоето срце, макар и за влакно, па така и постапи, зашто известувањето бива забележливо и потполно разбирливо за срцето.
78. “Како треба да се молам трипати, одеднаш или во разно време? – Зашто има работи што не можат да бидат одложувани”. Ако имаш слободно време, помоли се трипати во текот на три дена; a ако ти се случи крајна потреба, како што било во времето на Христовото предавство, тогаш послужи се со Неговиот пример; Он одел на молитва трипати едноподруго, ги изговорал трипати едни исти зборови, така моли се и ти во таквите прилики.
79. За раководењето. – Кога коработ бива удиран од бесни бранови, ако има добар кормилар, кој, со мудроста, која му е дадена од Бога, го спасува коработ, а патниците и сите што се на него – се радуваат што се спасиле. И болниот се весели кога ќе му спомнат за некој лекар, а особено, ако е тој искусен. И патникот, што се наоѓа во опасност од разбојници, се охрабрува кога ќе го слушне гласот на стражарите и особено кога ќе ги види присутни. А, ако е ова навистина така, тогаш не треба ли одговорот на твојот духовен отец да ти причини поголема радост, особено тогаш кога е тој придружен со внимателна молитва кон Бога, Кој рекол: “Молете се еден за друг, за да се исцелите; голема сила има усрдната молитва на праведникот” (Јак. 5,16).
80. Оној што ги открива своите гревови се оправдува за нив, според зборовите на Светото Писмо: “ќе се судиме; говори за да се оправдаш” (Иса. 43,26) и уште: “Ќе ги исповедам на Господа моите престапи, и Ти ми го прости гревот мој” (Псал. 31,5). Да се пазиме за во иднина, а изминатите гревови Бог ни ги простил.
81. Ако некој, кога пости, додава кон него нешто според својата волја, или пости затоа што бара слава од луѓето, таквиот пост Му е одвратен на Бога. Така е и со сите други работи. Секое добро дело, кое не се врши од чиста љубов према Бога, туку кон кои се примешува и својата волја, бива нечисто и непријатно за Бога. Ова може да се види и од Божјиот закон, во кој вели: “Да не садиш во лозјето твое лози. Да не ораш со јунец и осел заедно. Да не облекуваш облека, ткаена, мешана од волна и лен заедно” (5. Мој. 22,9-11; 3. Moj. 19,19).
82. Koгa ги учиш псалмите напамет, не мисли високо за себе, така што да не се случи да го исполнуваш воздухот со бескорисни гласови и гледај тоа да не ти послужи за осуда. Словото Божјо е семе за добро; ако тоа биде бесплодно во тебе, тогаш ќе бидеш осуден заедно со оној што го скрил своето сребро во земја, кое му било дадено да го умножи.
83. Како можеме достојно да Му благодариме на Оној, Кој најнапред нѐ создал, а потоа ни дал помош против нашиот противник, а што е најважно од сѐ: ни дал можност за покајание и ни ги дал Своето Тело и Својата Крв за простување на гревовите и за утврдување на срцето? – Никогаш не ќе успееме достојно да Му заблагодариме, но сепак треба да се трудиме да Му благодариме и со зборови и со срце, – особено со тоа што ќе претрпиме заради Него сѐ до самата смрт, – а Он, по Своето човекољубие, сето тоа ќе го спореди со двете лепти на евангелската вдовица.
84. Кога ти се дава некаква работа заради Бога, а некоја твоја помисла се спротивставува, веќе по тоа се гледа дека таа работа навистина Му е угодна на Бога. – Тогаш помоли се, и внимавај: дали твоето срце се утврдува во доброто и дали ова добро зајакнува во тебе, тогаш знај дека таа работа Му е угодна на Бога. На доброто неизоставно ќе му се спротивставува од завист ѓаволот, но доброто со помош на молитвата победува. Ако, пак, некое привидно добро ти биде внушено од ѓаволот и ако тоа бива поткрепувано од него, тогаш нашата молитва го ослабнува привидното добро, а воедно ја намалува и демонската сила на спротивставувањето. Во ваквиот случај е очигледно, дека непријателот ѝ се спротивставува на помислата, која е внушена од него, само затоа што сака преку тоа да нѐ измами и да ја прифатиме таа негова помисла за добра.
85. Кога твојата помисла те фали, а ти не можеш да ја одбегнеш штетата од неа, погрижи се да го повикуваш Божјото име. Тогаш кажи ѝ на твојата помисла: “Народе мој, твоите водачи те доведуваат до заблуда и го растуриле патот, по кој одиш” (Иса. 3,12). Истото прави го и тогаш кога те фалат други. Спомни си тогаш, дека оние што примаат пофалби од луѓето – нема да имаат од нив никаква полза, како што вели Самиот Господ: “Како можете вие да поверувате кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате? (Јован 5,44). Треба постојано во нашиот ум и во нашето срце да ги имаме зборовите на апостолот: “Koj се фали, со Господа да се фали” (2. Kop. 10,17), затоа што, ако и успеваме да направиме нешто угодно на Бога, да знаеме дека сето тоа бива со Божја помош. Затоа и апостолот, кој достигнал висок степен совршенство, не се фалел со себе, туку извикувал и велел: “Не јас, туку Божјата благодат, која е со мене” (1. Кор. 15,1О).
86. Ако за време кога пееш псалми, се молиш или читаш ти дојде лоша помисла: – да ги оставиш, – тогаш проникни повнимателно во содржината на псалмите, молитвата и четивото, за да добиеш сила од зборовите што ги изговараш. Ако лошата помисла биде упорна, потруди се да го повикуваш Божјото име, и Бог ќе ти помогне да се ослободиш од демонскиот напад – од лошата помисла.
87. “Како да добивам духовна радост во молитвата, читањето и во пеењето на псалмите?” – Духовната радост за време на молитвата доаѓа од спомнувањето на своите гревови. Оној што се моли треба да си спомнува за своите дела и за тоа како ќе бидат судени грешниците, слични на него, како и за оној страшен глас на Праведниот Судија: “Одете од Мене, проклети, во вечен оган“ (Матеј 25,41). – A зa време на пеењето на псалмите и за време на читањето, духовната радост доаѓа тогаш, кога го поттикнуваме нашиот ум да внимаваме на зборовите што ги изговараме и да ја примаме во нашата душа силата, која е заклучена во нив. Ако, и покрај тоа, нечувствителноста уште останува во тебе, не очајувај и не отстапувај, туку продолжи трпеливо да се трудиш, зашто Бог, Koj е милостив, дарежлив и долготрпелив – ги прима нашите трудови. Секогаш спомнувај си ги зборовите на псалмопеачот: “Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене и ја чуе молитвата моја” (Псал. 39,1). Поучувајќи се во ова, надевајќи се дека набргу ќе те посети Божјата милост.
88. За време кога пееш пеалми или кога си со луѓе, ти се случи да Го повикаш Бога, не мисли дека не Го повикуваш Бога кога не изговараш и зборови, туку помни дека е Бог познавач на срцето и дека го гледа, го гледа оној што Го повикува името Негово. Токму ова е искажано во зборовите на Светото Писмо: ” А ти, кога се молиш, влези во твојата скришна соба ” (Матеј 6,6). Имај го ова на ум и ако не го изговараш Божјото име во своето срце, туку само си спомнуваш за Него, дека тоа е уште побрзо и од самото повикување и дека е сосема достатно да ти помогне.
89. Вистинскиот плач, соединет со духовна радост, ги брише некогашните гревови и ја измива нечистотијата и со постојаното спомнување на Божјото име го запазува човекот, кој го придобил; ги прогонува смеата и расеаноста и ја поддржува постојаната жалост; овој плач е штитот што ги одбива “сите вжештени стрели на лукавиот” (Ефес. 6,16). Оној што го има овој плач, тој не претрпува рани во никаква борба, па ако е и меѓу луѓе, дури и со блудници.
90. Несовршениот плач, ту доаѓа, ту си оди, соодветно со тоа како ревноста за спасението наизменично се разгорува и раслабнува. А кога топлината станува постојана, тогаш духовната радост станува голема и постојана, а по неа следува вистинскиот плач, за кој треба да се трудиме да го добиеме.
91. Смирението се состои во тоа: во сѐ да се откажеме од нашата волја и да немаме грижа за ништо. – А да го отсечеме коренот на страстите – на похотта, чревоугодието и среброљубието значи: да се откажеме од нашата волја, да се ожалостуваме себе, колку е можно повеќе, како и да настојуваме да нe им дозволуваме на сетивните органи да бидат злоупотребувани. Преку ова и на овој начин се отсекува коренот не само на овие, туку и на сите други страсти.
92. Предавањето во сѐ на Божјата волја го запазува човекот од збунетост, па макар што и да му се случи. Но сепак збунетоста може да ни пречи, она што ни се случува да го примаме со благодарност и со радост. Во таков случај треба да водиме борба со збунетоста со тоа што ќе ја оживуваме преданоста на Божјата волја со зајакнувањето на увереноста, дека е сѐ од Бога и дека сѐ што бива од Бога – бива за наше добро. Ништо што е добро не станува само со наши грижи, туку бива со Божјата волја. Но, сепак, Бог бара и од нас да се грижиме да го правиме она што е согласно од Неговата волја, а не она што е засновано на некаква итрина, што доаѓа од лукавиот.
93. Молчењето е поубаво и попрекрасно од сите поучни разговори. Него го почитувале и го сакале нашите отци и со него се прославувале. Но бидејќи ние поради нашата немоќ, уште не сме стигнале до него и не можеме да одиме по патот на совршените, тогаш да се трудиме само за она што му служи на поучувањето, кога говориме да се повикуваме на светоотечките зборови и да не се впуштаме во објаснувањето на Светото Писмо, зашто ова претставува не мала опасност за неупатените – за оние што немаат знаење. Подобро е во нашите разговори да прибегнуваме кон зборовите на светите отци; таму ќе ја најдеме користа за нас, која е заклучена во нив. Но и со нив да се користиме умерено, спомнувајќи си ги зборовите на Светото Писмо: “Од многу зборување не се избегнува гревот” (Изрек. 10,19). A при ова да не паднеме во високо мислење за себе и самопофални помисли, секогаш да имаме на ум: ако не го извршуваме на дело она што го говориме – го говориме за осудување на себе.
94. Ако молчењето се смета за покорисно и од добрите разговори, тогаш тоа е многу покорисно отколку кога се говори за обични работи, како, на пример, за градови, за села, за трговија, за војни и за мир, како и за други слични работи. Но кога не можеме да молчиме и се впуштаме во разговор за таквите предмети, тогаш да настојуваме барем да не говориме долго, за да не паднеме поради нашите празни зборови – во мрежата на нашиот непријател.
95. Кога се наоѓаш со луѓе кои разговараат за светски или за духовни работи, тогаш дозволи си и на себе да кажеш и ти нешто, што не содржи некаква штета; кажи го тоа разумно, само за да ја избегнеш пофалбата од собеседниците дека си молчелив. Но и тогаш кога постапуваш така, односно кога говориш малку, пази се да не ги осудуваш оние кои говорат многу.
96. Кога мислиш нешто да направиш, и забележуваш некаква збунетост во себе, која останува во тебе и откако си го повикал Божјото име, па макар што било и сосема мало, од тоа треба да разбереш, дека работата што сакаш да ја направиш, е внушена од лукавиот и дека не треба да ја правиш, зашто сѐ што се прави со ваква збунетост не Му е угодно на Бога. Но кога ѝ се спротивставиме на збунетоста, тогаш не треба веднаш да ја сметаме таа работа штетна, туку треба да провериме дали е таа добра или лоша, па ако се покаже добра, треба да ја правиме, без да го свртуваме нашето внимание на збунетоста.
97. Ако почнеш некој разговор па сфатиш дека е погрешен, прекини го и речи: “Не, нема да говориме за ова, или, откако помолчиш малку, кажи: “Заборавив за што почнав да зборувам”, па потоа премини на нешто што е безгрешно.
98. Што e самооправдувањето? – Тоа е одрекување од гревот, не признавање дека сме згрешиле, како што го гледаме тоа кај Адама, Ева, Каина и кај други слични на нив, кои згрешиле, но, сакајќи да се оправдаат, не ги признавале своите гревови.
99. Секоја помисла и секое дело, треба, како што рековме, да ги разгледуваме дали се добри или не, дали се добри да ги правиме или се лоши – и треба да ги избегнуваме. Сепак, за да не биде доброто придружено со збунетост, треба да ја испитуваме главната помисла, помислата што преовладува во него, да видиме со каква цел се прифаќа тоа, – и кога ќе Го запрашаме Бога, Он нема да ни допушти да паднеме во заблуда. – Но и во секој друг случај не заборавај да го повикуваш Божјото име.
100. На братот, кој бива вознемируван од страшливост. – Не вознемирувај се, за да не направиш нешто непромислено, особено према оној човек, кој е вознемируван од помислите на завидливиот ѓавол. Болните што имаат висока температура, им биваат здодевни на оние што ги чуваат, без и да се свесни за тоа, затоа што нивната болест потполно ги совладала. Исто така, и оној што бива искушуван, иако ја загубува својата душа, не е свесен за тоа, зашто е опиен од страста, по дејство на ѓаволот, кој секогаш се испречува пред него, за да го фрли во бездната и во смртта. На него не треба да се гневиме и да се одмаздуваме, туку треба да го сожалуваме и да бидеме снисходливи према него. Преку нив и ние, со Божја согласност и промисла, биваме искушувани, за да се јавиме пред Него проверени. “Затоа, да бидеме снисходливи према нашиот ближен кога е искушуван телесно или духовно, зашто е речено: “Поднесувајте го товарот еден на друг и исполнувајте го така законот Христов” (Гал. 6,2). – 3aтoa, не обидувај се да се оддалечиш од твоето место на живеење, за да се разделиш со твојот брат, зашто тоа што ќе го направиш нема да биде според Божја волја, туку ќе го направиш она што го сака ѓаволот, ако го направиш ова, непријателот нема да се смири, но ќе се подигне уште пострашно. Подобро е да се помолиш за твојот брат со сета своја душа и да го засакаш заради нашиот Господ Исус Христос.
101. На братот што е вознемируван од својата болест. – Ти си должен да Му благодариш на Бога за тоа што на тебе ги оправдува зборовите на Светото Писмо, во кои вели: “Верен е Бог, Кој нема да допушти да бидете искушувани повеќе од силата ваша” (1. Кор. 1О,13). Он ти дава можност, според твоите сили, да се учиш на духовна борба; големите мажи Он ги испитува според нивните сили, со големи искушенија, а тие се радуваат на тоа, зашто искушенијата го доведуваат човекот до големи успеси. Таму каде што има богатства, таму има борба. Не плаши се од искушенијата, туку радувај им се, зашто тие те водат кон духовен напредок. Не обрнувај му внимание на ова твое искушение; Бог ти помага и Он те закрилува.
102. Труди се да придобиеш смирение и послушност; никогаш не настојувај нешто да биде според твојата волја, зашто од ова се раѓа гневот; никого не осудувај и не понижувај, бидејќи од тоа изнемоштува срцето и заслепува умот. Од ова се раѓа мрзливоста и нечувствителноста на срцето. Биди непрестано бодар, поучувај се во Божјиот закон, зашто преку ова се загрева срцето со божествениот оган, како што е речено во Светото Писмо: “И додека размислувам оган ќе се разгори во мислите мои” (Псал. 38,3). Пази ја твојата уста од зборови празни и да не свикне твоето срце на лоши зборови. Поклонувај се пред Бога и вели: “Боже, биди милостив према мене грешниот!” (Лука 18,13) и Он ќе те помилува, ќе те запази и ќе те закрили од секое зло, за да преминеш од темнина во светлина, од измама во вистина и од смрт во живот во нашиот Господ Исус Христос.
103. На твоето тело давај му толку храна, колку што му е потребно; нема да имаш од тоа штета, макар да јадеш и трипати дневно. Ако јаде човек и само еднаш дневно; но неразумно, каква полза од тоа може да има? По многу јадење следи блудната страст; по изобилното јадење ѓаволот го тера телото на сон, за потоа да го оскверни.
104. Тоа што понекогаш чувствуваш голема слабост при извршувањето на твоето молитвено правило и за време на рачната работа, – не чуди се. Таков е овој пат: еднаш се чувствуваме на еден, а друг пат – на друг начин, како што се случува и со оној што патува: извесно време оди по убав и рамен пат, а потоа го сретнуваат стрмнини и планини, но потоа пак излегува и продолжува да оди по убав и рамен пат. Не свртувај го твоето внимание на твојата слабост; продолжи да работиш и работи си ја твојата работа.
105. На болниот, кој е принуден да јаде храна што не е предвидена според монашкиот устав. – Оној што јаде не за насладување, туку за поткрепување на својата немоќ, – Бог не го осудува. Извесни храни ни се забранети затоа, за да бидеме запазени од прејадување и од телесни возбуди, а таму каде е телото болно и немоќно, таму нема и не може да има грешни телесни возбудувања; таму каде има немоќ, таму има и молитвено обраќање кон Бога.
106. На болниот, кој сака да се молиме за него кога е немоќен. – Брате мој, очаен и мрморлив, зошто си тажен? Зошто извикуваш? Зошто бараш помош оддалеку, кога го имаш Христа, Кој стои до тебе и сака да Му се обраќаш за помош? – Повикај кон Него: “Учителу!” И Он ќе ти одговори. Допри се до крајот на Неговата облека и Он ќе те излечи не само од ова твое страдање, туку и од сите твои страдања. Ако твојот ум се наоѓа таму, каде што треба да биде, тогаш ни каснувањето на отровните змии и шкорпии не би можело да те симне оттаму и по телесната болест, како што вели псалмопеачот Давид: “заборавив и лебот свој да го јадам; од гласот на моите воздишки коските мои се залепија за телото мое” (Псал. 101 ,4-5). Не жали, Божјата милост е близу до тебе.
107. Презри го телото, кое ќе биде јадено и изедено од црвите; тоа нема да ти помогне тогаш кога ќе биде предадено на гниење. Апостолот вели: “Грижата за телото не претворувајте ја во страсти” (Рим. 13,14).
108. Еден болен прашува: “Дали треба да имам разбирање за телесните немоќи?” Бог ни дал разум, за да се раководиме со него и да одиме по правиот пат, слушајќи ја Божјата волја, која е Изложена во Светото Писмо. Апостолот пишува: “Сѐ испитувајте, за доброто држете се” (1. Сол. 5,20). Човекот само треба да пази да не направи нешто поттикнуван од своите страсти, а она што го прави по немоќ или од потреба, тоа не му се смета за грев. Кога е телото здраво и ние му даваме спокој, тоа во него предизвикува похот, а кога го поткрепуваме тогаш кога е немоќно и болно, нема да ни се смета за грев, зашто кога ќе закрепне ќе ни помага во извршувањето на Божјиот закон. Ако се грижиме за домашните животни, кои ни служат во задоволувањето на нашите потреби, толку повеќе треба да се грижиме за нашето тело, како за орудие на нашата душа. Кога орудието и алатот на занаетчијата или на уметникот се истапи, тоа им задава голема тешкотија, па макар колку тие да се разумни и способни. Апостолот Божји, свртувајќи го своето внимание на слабиот стомак на свети Тимотеј, му советувал да употребува и по малку вино (1. Тим. 5,29), иако му заповедал да претрпува секое зло, и да “направи дело достојно на евангелист” (2. Тим. 4,5). Човекот во сѐ треба да се раководи со разумност, во тој случај нема да се лизне и да падне.
109. Еден брат се жали: “Духовните борби cѐ повеќе ме напаѓаат”. Времето на борбите е време на работа; биди силен и дејствувај: Бори се; и кога борбата се засилува крепи се и викај кон Господа: Господи Исусе Христе „’Ти си мојата надеж… прими ја молитвата моја, избави ме од молите гонители’ Избави ме, Господи, од моите непријатели, зашто кај Тебе прибегнав,” (Псал. 141,6-7,142,9); и помоли се да ти биде дадена сила за да Му служиш на Бога со чисто срце.
110. Две дарби им дал Господ на луѓето, со кои можат да се спасат и да се избават од сите страсти на стариот човек: смирението и послушноста, а ние не се стремиме кон нив, не сакаме да живееме во нив и да се раководиме со нив. – Остави ги сите отклонувања, преклони го својот врат пред смирението и пред послушноста, па тоа што го слушаш од светите отци, и тебе Господ ќе ти ја даде својата добра помош не само во работата што ја работиш, туку ќе направи и сите твои работи да бидат успешни, зашто Он го пази патот на оние што се плашат од Него и го упатува нивното чекорење. Зошто се бунтуваш? Зошто спориш? Божјата милост ќе ти помогне, ако останеш постојано во Божјото трпение. Престани да се гневиш, да се раздразнуваш и да завидуваш. Умри за секој човек. Кажи ѝ на помислата твоја дека си ништо. Кажи и дека си земја и пепел (сп. 1. Мој. 18,27) (сп. Матеј 15,27). He подбивај се со другите и не исмевај ги. Принудувај се да говориш дека си никој и ништо (сп. Мудр. Сирах. 39,22). Не споредувај се со другите, туку занимавај се со твојата рачна работа, живеј во страв Божји и за сето тоа ќе добиеш голема награда.
111. Кога од очајание ти доаѓа дремка и не можеш да ја вршиш твојата работа, тогаш треба да застанеш на молитва и да не престануваш да се молиш, – и Господ преку молитвата ќе ја отстрани твојата дремка.
112. На оној брат кој сакал да биде последен само да го примат во манастирското братство. За да бидеш на последно место, тоа не е твоја работа да бараш. – Тоа зависи од твојот духовен отец; твоја работа е да се приготвиш да бидеш послушен.
113. Ако човекот самиот не се потруди, според своите сили, ако не го присоедини својот труд кон молитвите на светиите тогаш, нема да добиеш никаква корист ни од молитвите на светиите. Кога тие ќе постат и ќе се молат за тебе, а ти ќе бидеш сластољубив и ќе водиш неуреден живот, каква корист можеш да очекуваш од нивната молитва? Овде се исполнува она што е речено во Светото Писмо: “Ако еден гради, а друг урива, што добиваат освен трудот и заморот?” (Мудр. Сирах. 34,23). И апостолот вели: “Голема сила има усрдната молитва на праведникот” (Јак. 5,16), односно кога свет и праведен човек се моли за грешник, тогаш, и грешникот, според своите сили, треба да се моли и со своето покајание да им помага на молитвите на светиите.
114. Кога некој бара од некого да му даде нешто, а тој го нема за да му го даде тоа што го бара, тогаш тој нема да биде осуден за тоа што не му дал. И свети апостол Петар, кога хромиот човек му се молел да му подаде милостиња, му рекол: “Сребро и злато јас немам, а што имам, тоа ти давам” (Дела 3,6), – тој не зел на заем од други за да му даде. – Исто така, ако некој има она што му е неопходно за него самиот, тој не е должен да го издржува оној што нема. За да не се случи по тоа самиот да остане без средства и да не може да ја поднесе својата сиромаштија. А кога оној што проси му станува здодевен, па ќе му рече: “Прости ми, немам што да ти дадам”, а тоа не е лага, зашто тоа што го има тој самиот му е неопходно нему и навистина нема што да му даде. Но, поправилно е во ваквиот случај да му рече на оној што проси од него: “Прости ми, јас имам само толку колку што ми е неопходно за мене”. Спомни си за петте девојки, кога нивните другарки им побарале масло за своите светилници, тие им одговориле: “Но, може да не ни стигне и нам и вам: подобро одете кај продавачите и купете си!” (Матеј 25,9). И свети апостол Павле пишува до Коринтјаните: “Вашиот сегашен вишок да го дополни нивниот недостиг” (2. Kop. 8,14) и: “Не сакам на другите да им биде лесно, а вам – тешко” (2. Кор. 8,13).
115. Koгa сакаш да дадеш милостиња, а помислата твоја те наведува на сомневање и ти вели да не дадеш, тогаш испитај ја својата помисла, и ако видиш дека тоа го прави од скржавост, тогаш дај и нешто повеќе од она што требало да дадеш.
116. “Оној што не може да даде, што не може да им помогне на другите, како може да стане учесник во блаженствата?” – Блаженството им е ветено не само на милостивите. Првото блаженство гласи: “Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно” (Матеј 5,3). Затоа, ако не можеш да дадеш милостиња, тогаш биди беден по дух за да го наследиш царството небесно заедно со светиите. Плачи за гревовите свои во овој свет, за да се утешиш со оние што плачат. Стани кроток, за да ја наследиш земјата. Биди чист по срце, за да Го видиш Бога во Неговата слава. Претрпи навреда, гонење и лажно сведочење заради Господа, за да се развеселиш во радост кога ќе ја добиеш твојата награда на небото (сп. Матеј 5,3-12).
117. Кога законот на Господа заповеда едно, а законот на светот нешто сосема спротивно, што треба да правиме? Законот Божји е поважен, зашто тој зборува за спасението на душата, а законот на светот е телесен, затоа што им говори на телесните.
118. Твојата љубов ме прашува за тоа што ти се случува да го гледаш страсно оној што стои пред тебе и твојата душа да копнее по него. Ова очигледно се однесува на борбите со ѓаволот. При тоа треба да си спомнуваме дека нашата природа е гниежлива и смрдеа, и дека ќе се измениме кога ќе бидеме во гробовите. Исто така, пред нашите духовни очи треба да го имаме идниот Страшен Божји суд и тоа каква ќе им биде вечната судба на оние што грешат, како ќе можеме да го поднесеме оној страшен срам при откривањето на нашите грешни дела пред ангелите и пред архангелите, пред сите луѓе и пред праведниот Судија и како ќе се затворат устите на сите што прават вакви лоши дела. Да се исплашиме од Оној, Кој рекол: “Не лажете се: ни блудниците, ниту идолопоклониците, ни ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољубците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни разбојниците нема да го наследат царството Божјо” (1. Кор. 6,9-10) и : “Секој што ќе погледне на жена со желба кон неа, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое” (Матеј 5,28). Ти си должен често да си спомнуваш за ова и да не бидеш со оние луѓе, во кои ја чувствуваш оваа духовна борба; со нив да не живееш и да немаш со нив никаква работа, треба да се оддалечиш од нив, за да не им дадеш повод за разни грешни помисли. – А, ако имаш потреба да говориш со нив, повикај го Божјото име на помош и вели: “Господи Исусе Христе, заштити ме и помогни ѝ на мојата немоќ!” Тогаш не плаши се; Он ќе им го скрши лакот на твоите непријатели, зашто од Неговото име не може да дејствува. Место да говориш многу, говори малку и не давај му слобода на твојот слух, ограничи ги и твоите помисли; држи се пристојно и без збунетост, така што никој да не може да забележи што се случува. Ако преку сето ова добиеш и сила, не биди смел према твоите непријатели, зашто тие немаат срам: ако бидат победени и илјадапати, одново ќе ја започнат борбата против тебе. Но Бог Победникот ѝ помага на смиреноста на човекот, заради кого, Он, доброволно и слободно посакал да се воплоти.
119. Еден брат прашува: “Како умот се повлекува по блудната помисла – Одвлекувањето или заробеноста на умот бива не само во дејството на блудната страст, туку и кај другите страсти. Умот се подложува на ова од расејаност, а кога ќе се случи ова човекот е должен да се повика себе, велејќи: “Господи, прости ми, заради Твоето име; поради мојата мрзливост јас се подложив на ова. Избави ме од расеаност и од секакви демонски мрежи”. А знакот, по кој можеш да го распознаваш ова заробување е следново: кога разговараш со некого, а умот твој се дели таму-ваму, кога се случува да говориш за едно, а умот твој се пренесува на нешто друго. Ете, тоа е расејаност или занес. На таков начин не занесува или повлекува и блудната помисла. Се случува некој да разговара со некого и, ако непријателот успее да го одвлече неговиот ум од богоугодната трезвеност, тогаш поради таа расејаност се јавува во умот и блудната пожелба. – И тоа е одвлекување, зашто тоа не настанало од размислувањето и спомнувањето,туку тоа што се расејуваме од заборавност. – И кога си дојдеме на себе, треба да се повикаме, да се прибереме себе и да прибегнеме кон Божјата милост. Господ е милостив и нѐ прима, како што го примил и блудниот син. А кога и без расејаност оваа борба се појавува во помислите, тогаш треба да бидеме трезвени и, да не се насладуваме со таквите помисли, да не се задржуваме во нив, туку што побргу да прибегнеме кон нашиот Бог и Господ.
120. Најдобро од сѐ е да се избегнува секој разговор со жени. Ако имаме потреба да кажеме или да ни кажат нешто, да побараме тоа да го направиме преку други. А, ако тоа не е можно, кога сме со нив, да бидеме внимателни како кога се приближуваме кон оган. Тогаш се пазиме да не се изгориме од огнот, така треба да се однесуваме и према жените, како да пристапуваме према оган; потребно е да бидеме потполно утврдени во стравот Божји. Не треба да ги гледаме слободно. Да не им даваме слобода на нашите очи, да не се задржуваме долго во разговор со нив, зашто од ова се распалува огнот на желбата, но да настојуваме што побргу да се оддалечиме од нив, да Му се молиме на Бога да нѐ спаси и во тој тежок час да нѐ запази од ѓаволската мрежа, која е раширена околу нас и постојано да си спомнуваме за Бога, – и големата Божја сила ќе ѝ помогне на нашата немоќ преку нашиот Господ Исус Христос.
121. “Дали ми е дозволено да ја оставам мојата жена кога имам намера да отидам во манастир? – Ти не треба да ја оставиш, зашто со тоа би ја нарушил заповедта на апостолот, кој вели: “Сврзан ли си со жена, не барај развод” (1. Kop. 7,27). Зошто, ако таа згреши и почне да живее лошо, тој грев ќе падне на тебе; само ако се разделите согласно, откако се договорите и го направите тоа заради взаемна корист. – Но оваа работа треба да Му ја оставиш на Господа, и како Му е угодно на Него, на Неговото човекољубие, Он така и ќе направи.
122. Никако не смееме да жалиме по работите од овој свет, туку само за нашите гревови. Исто така, должни сме да се радуваме со радосните, да се радуваме заедно со тие што успеваат во добродетелите според Божјата волја и се веселат во надежта за добивање на идните блага; а да плачеме заедно со оние што плачат, односно да им сочувствуваме на оние што се кајат за своите гревови.
123. Господ Исус Христос рекол: “Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји” (Матеј 5,9). – Многу е подобро да го смируваме нашето сопствено срце. Ова треба да го прави секој, и блажен е оној што го прави. А на сите не им прилега да ги измируваат скараните, туку само на оние, кои можат да го прават ова без никаква штета за себе. Немоќниот треба да му се радува на мирот на сите, но тој не треба да станува посредник за помирување меѓу сите луѓе, туку само меѓу оние што ги сака, заради Бога. И тогаш нема да претрпи никаква штета.
124. Еден брат прашува: “Трпам навредување од некого што да правам?” – Прави му добро.
125. Друг еден брат вели: “Кога ме посетуваат некои од отците, јас немам со што да ги послужам, – и жалам поради тоа.” – Ваквата помисла е од ѓаволот. Достатно е да им дадеш тоа што имаш, како што е речено: “Задоволувајте се со она што имате” (Евр. 13,5), а Бог ќе ги извести за твојата усрдност. А и ти, кога појдеш некаде, не очекувај угостување, па нема да се вчудоневидиш, а ако очекуваш нешто особено и не најдеш така, ти би го озборувал оној што те примил така, а озборувањето е смрт за душата. – Благодари за сѐ, зашто во тоа се состои духовната и телесната храна и љубезноста.
126. Треба, според советите на светите отци, да Го подржаваме нашиот Господ Исус Христос, Кој “Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек, Сам Седбе се понизи, послушен сѐ до самата смрт, смрт на крст” (Фил. 2,7-8). Човек што живее без совет на мудар учител, непријател е на себе. И Светото Писмо вели: “Разумен човек не презира совет” (Мудр. Сирах. 32,20). Корисно е со смирение да прашуваме, отколку да живееме според својата волја, зашто Самиот Господ во устата на оној што го прашуваат го става она, што треба да му го каже на оној што прашува она што е корисно за смирувањето и за исправувањето на срцето на оној што прашува.
127. Никогаш не расправај се за верата. Бог не го бара ова од тебе, туку само тоа – да веруваш правилно, онака каква што си ја примил верата од Светата Црква при Светото крштевање и да ги извршуваме Божјите заповеди. Пази го ова, и ќе се спасиш. Ако некои те прашаат нешто, речи им: “Простете, отци свети, тоа е над моите сили и знаења.”
128. Не испитувај ништо од она, што Бог не го бара од тебе, но биди задоволен, како што ти реков, со тоа да ја исповедаш вистинската вера и не пројавувај љубопитство кон ништо што е повеќе од тоа.
129. Кога ќе ти се случи да бидеш со мирјани и тие почнат да празнословат, подобро е, ако ништо особено не те задржува, да си отидеш, но, кога ќе биде погодно, помоли се со умот твој, но не осудувај ги, знаејќи ја и твојата немоќ. Впрочем, ако се тие расположени према тебе и ти знаеш дека со желба го слушаат Божјото слово, обиди се нивниот празен и некорисен разговор – да го претвориш во корисен, раскажувајќи им нешто од житијата на светиите.
130. Кога некои од твоите познати се држи до еретичките мудрувања, советувај ги да ја познаат вистинската вера, но не расправај се со нив и не сакај да ги слушаш што говорат тие, за да не се заразиш со погрешното верско учење. Ако некој од нив посака да ја чуе вистинската вера, одведи го кај светите духовни оци, кои можат да му кажат корисни работи за Христа. Но, ако тој, по првото или второто советување, не се поправи, тогаш таквиот, според зборовите на апостолот: “Бегај од човек еретик” (Тит 3,10).
131. Еден брат прашува; “Мојата помисла ми говори, дека не треба често да излегувам од мојот дом, но се случува по неколку пати седмично да сум в црква, треба ли да одам в црква или за мене е подобро да се молам во мојот дом?” – Ако знаеш, оти при излегувањето од твојот дом, среќавањата ти причинуваат штета, тогаш за тебе е покорисно да не излегуваш често од дома, па дури и поради црковните богослужби, туку само одвреме – навреме, зашто безмолвието избавува од многу зла.
132. Друг брат прашува: “Ако ми се укаже потреба да излезам од мојот дом, поради некоја лична потреба, нема ли да значи оптоварување на мојата совест, ако во таков случај не појдам в црква? ” – Ако имаш неопходна потреба да излезеш од дома, или по заповед на духовните отци, потруди се твојата работа да ја свршиш со страв Божји и немај никаква грижа на твојата совест што нема да бидеш присутен на црковната богослужба, туку врати се во твојот дом и таму спомнувај ги твоите гревови. Но, ако излезеш од дома поради мрзливост или расеаност, тогаш за тебе е покорисно да појдеш на црковна богослужба и да внимаваш на себе.
133. Исто така, еден брат прашува: “Дали е добро да одам ноќе в црква – на бдение или, пак, да останам дома и јас сам да си направам бдение?” – Убаво е дома да си направиш бдение, зашто в црква често има непотребни разговори.
134. Еден друг брат се жали и вели: “Мојата помисла ми укажува на недостатокот од потребните нешта и ми внушува, дека нема да можам да се прехранам заедно со моите домашни, што треба во овој случај да му говорам? – Тоа е општа жалост. Ако имаме надеж во Бога, Он Самиот би управувал со нас според Својата волја. – Така и се вели во Светото Писмо: “Пренеси ја на Господа маката своја” (Псал. 54,23); Oн е силен да ви даде и на тебе и на твоите домашни, сѐ што ви е неопходно потребно и нема да има потреба од стравување и од жалост. Кажи My во молитва: “Да биде Твојата волја!” (Матеј 6,10), и Он нема да те остави во загриженост и жалост.
135. Вака ми пишува еден брат: “Кога правам нешто несправедливо, а потоа се поправам, мојата помисла почнува високо да мудрува и ми вели и ми внушува дека сум направил нешто добро; што треба во ваквиот случај да му советувам? – Кажи му: “Без Бога не можеме да направиме ништо добро, како што рекол и Самиот наш Спасител Господ Исус Христос: “Без Мене не можете да направите ништо” (Јован 15,5), а и апостолот вели: “Што имаш што не си примил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?” (1. Кор. 4,7). А затоа, кога и тогаш – кога правиме добро, не можеме да имаме високо мислење за себе, толку повеќе кога се оддалечуваме од злото. Секоја безумност има пофалба во себе што не грешиме.
136. Друг еден прашува: “Во секоја храна има природна сладост, па зар таа не му штети на оној што ја прима? ” – Господ Бог на секој вид храна ѝ подарил извесна сладост, и ако оној што ја прима – ја прима со благодарност, тој нема штета од неа. Секогаш треба да се пазиме од острастеноста, зашто таа претставува штета за душата.
137. Друг прашува: “Не е ли неприлично да се прави нешто така, зa работата да изгледа чиста, – кога, на пример, ми се случи да правам зграда или да работам нешто друго? ” – Да правиш нешто така, за да излезе чисто и убаво, не е неумесно, ако ѝ служи на нејзината намена, но тоа треба да се прави без острастеност, зашто и Господ ѝ се радува на секоја чистота. Ако забележуваш извесна острастеност према некоја работа, спомнувај си за нејзиниот крај, за тоа како таа се подава на гинење и го доживува својот крај, и ќе се успокоиш, зашто нема ниедна работа, која останува постојано во една и иста состојба, туку се e изменливо и сѐ гние.
Обработи и презентира
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада