www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,012,011
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


5. Повторени закони

ВТОРОЗАКОНИЕ
(Петта книга MOJСЕЕВА)

Вовед

На крајот од книгата Броеви ни е претсатавено доаѓањето на израилскиот народ во ветената земја; книгата, пак, Второзаконие, која претставува нејзино продолжение во содржинска смисла, скоро целосно им е посветена на трите говора на Мојсеј упатени кон Евреите (1,1-4;43; 4,44-28,68; 28,69-30,20). Во нив Мојсеј не потсетува на делата што Бог во својата бескрајна љубов ги извршил во полза на својот народ: Тој склучил со него сојуз, го водел члетириесет години низ пустината, го штител од неговите непријатели и му ги соопштувал Своите заповеди и ветувања. Сепак не станува збор за обично повторување на законите и прераскажување на настаните опишани во претходните книги. Мојсеј тука зборува како пламене проповедник кој ревносно ги повикува своите слушатели да си спомнат за верноста на Бога и да живеат постојано општење со вистинскиот Бог: Послушај, Израиле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ, сакај Го Господа, твојот Бог, од се срце, со сета душа твоја и со сите сили твои!“ (6,4-5, цит. во Мт.22,37)
Последните четири глави од книгата содржат две поетски творби и два расказа: од една страна „Песната Мојсеева“ (32) и последниот Мојсеев благослов“ упатен кон дванаесетте израилски колена (33), и од друга страна расказот за поставувањето на Исус Навин за наследник на Мојсеј (31) и расказот за смртта на Мојсеј (34).
Во Второзаконието лежи, највероватно, онаа „Книга на законот“, која е најдена во ерусалимскиот храм во времето на царот Јосија (4 Цар. 22) и која го поттикнала овој јудејски цар да ја заврши познатата религиозна реформа. Притоа, се забележуваат одгласи од неговата порака во повеќе книги на Стариот завет (Царствата, Еремија), но и во Новозаветниот библиски текст (на пр. Мт. 4,4,7,10; Мр. 12,32).
Во Второзаконие се потсетуваат читателите дека среќата кон која стреми секој човек се наоѓа во верноста кон Бога – Спасителот и Избавителот на секое место и во сите можни околности.

1. ПРВ ГОВОР НА МОЈСЕЈ

1.Ова се зборовите што Мојсеј му ги упати на сиот Израел отаде Јордан, во пустината, во Араб спроти Суф, меѓу Фаран и Тофел, Лавон, Асирот и Дизав –
2. од Хорив до Кадис-Варниј, преку Синајската Гора, на единаесет денови одење.
3. Тоа беше во четириесеттата година, во првиот ден на единаесеттиот месец, кога Мојсеј им кажа на Израелците сè што му нареди Господ за нив.
4. Откако ги порази аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, и васанскиот цар Ог, кој живееше во Астарот и во Едраи,
5. значи од онаа страна на Јордан, во Моавската Земја, Мојсеј почна да го кажува овој Закон, и рече:
6. „Господ, нашиот Бог, ни рече на Хорив: ‘Доста престојувавте на оваа гора.
7. Тргнете на пат! Отидете во планинскиот крај на Аморејците и на сите нивни соседи, во Араб, во Горјето, во Долините и во Негев, на морскиот брег, и во Ханаанската Земја и во Ливан, сè до Големата Река, до реката Еуфрат.
8. Ете, пред вас ја ставам оваа земја. И така, отидете и заземете ја земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, дека ќе им ја даде ним и на нивното потомство по нив.’
9. Тогаш ви реков: ‘Не можам да ве водам сам.
10. Господ, вашиот Бог, толку ве размножи што денес ве има колку и ѕвезди на небото.
11. Господ, вашиот Бог, нека ве умножи уште илјадапати! Нека ве благословува како што вети!
12. Ама, како би можел јас да го носам сам вашиот товар, вашето бреме и вашите спорови?
13. Заради тоа изберете од вашите племиња умни, искусни и угледни луѓе, за да ви ги поставам за главатари.’
14. Вие ми одговоривте: ‘Добро е тоа што го предлагаш.’
15. Затоа ги зедов првенците од вашите племиња, умни и угледни луѓе, па ги поставив за главатари: за илјадници стотници, педесетници, десетници и за ваши племенски надгледувачи.
16. Во тоа време им наложив и на вашите судии: ‘Сослушајте ги своите браќа; судете праведно меѓу човекот и неговиот брат или придојденикот.
17. Немојте да бидете пристрастни во судењето; сослушувајте го малиот како и големиот. Не бојте се од никого! Па судот е Божји! Ако некој случај ви биде претежок, изнесете го пред мене, за да го разгледам јас.’
18. Така тогаш ви наложив сè што треба да правите.”
19. „Тргнавме од Хорив и, на патот кон горските краеви на Аморејците, како што ни нареди Господ, нашиот Бог, ја поминавме сета онаа голема и страшна пустина што ја видовте. Стигнавме во Кадис-Варниј.
20. Тогаш ви реков: ‘Дојдовте во горскиот крај на Аморејците, што Господ, нашиот Бог, ни го дава.
21. Ете, Господ, твојот Бог, ја стави пред тебе таа земја. Стани! Заземи ја, како што им рече Господ, Бог на твоите татковци. Не бој се! Не стравувај!’
22. Тогаш сите дојдовте кон мене и рековте: ‘Да испратиме пред себе луѓе за да ја согледаат земјата и за да ни јават за патот по кој ќе одиме и за градовите во кои ќе дојдеме.’
23. Ми се видоа добри зборовите што ги рековте. Затоа зедов дванаесет луѓе од меѓу вас, по еден од секое племе.
24. Тргнаа кон гората, стигнаа до Есхолската Долина па го извидија крајот.
25. И набраа плодови од онаа земја, ги донесоа кај нас и јавија: ‘Земјата што ни ја дава Господ, нашиот Бог, е добра.’
26. Ама вие не сакавте натаму; се побунивте против наредбите на Господа, својот Бог.
27. Викавте во своите шатори и велевте: ‘Во својата омраза кон нас, Господ нè изведе од Египетската Земја за да нè предаде во рацете на Аморејците, за да нè уништат.
28. Каде да одиме? Нашите браќа нè обесхрабрија, кога рекоа: „Народот е и поголем и посилен отколку ние; градовите се големи и нивните ѕидови стигаат до небесата. А видовме таму и Енакови потомци.”‘
29. ‘Не бојте се! – ви реков. Не плашете се од нив!
30. Господ, нашиот Бог, Кој оди пред вас, ќе се бори за вас како што го направи пред вашите очи во Египет.
31. Освен тоа, виде и во пустината, каде Господ, твојот Бог, за време на целиот пат што го поминавте додека не стигнавте на ова место, ве носеше како што човек го носи своето синче.’
32. Но, и покрај тоа, вие не Му поверувавте на Господа, својот Бог,
33. во Оној, Кој, при патувањето, одеше пред вас за да ви побара место за оптегање на шаторите – цела ноќ во оган за да ви го осветлува патот по кој ќе одите, а цел ден во облак.”
34. „Господ ја чу вашата врева и се заколна во Својот гнев:
35. ‘Ниеден единствен од овие луѓе, од ова опако поколение, не ќе ја види оваа добра земја за која се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци.
36. Освен Халев, синот Ефониев. Тој ќе ја види; нему и на неговите потомци ќе им ја дадам земјата низ која одеше, зашто верно го следеше Господа.’
37. Заради вас Господ се налути и на мене па ми рече: ‘Ни ти нема да влезеш онаму.
38. Онаму ќе влезе само Исус, синот Навинов, кој ти служи. Охрабри го ти него, зашто тој ќе го воведе Израел во неговото наследство.
39. А и вашите мали деда, за кои рековте дека ќе станат робови, вашите синови кои не знаат да го разликуваат доброто и злото, тие ќе влезат во неа; ќе им ја дадам ним во сопственост.
40. А вие завртете се и запатете се во пустината, кон Црвеното Море!’
41. Вие тогаш ми одговоривте со зборовите: ‘Согрешивме против Господа. Ќе тргнеме горе и ќе се бориме како што ни заповеда Господ, нашиот Бог.’ Секој од вас го грабна своето оружје и непромислено тргна горе во планините.
42. Тогаш Господ ми рече: ‘Кажи им: „Не одете горе и не стапувајте во борба, за да не ве поразат вашите непријатели, зашто Јас не Сум меѓу вас.”‘
43. Така и ви зборував, но не послушавте. Вие и се спротививте на Господовата заповед и, полни со дрскост, тргнавте кон планината.
44. Но Аморејците, кои живееја во гората, удрија на вас, ве збркаа, по вас се нафрлија како пчели, па ве поразуваа од Сир до Орма.
45. Откако се вративте, плачевте пред Господа, ама Господ не го слушаше вашето лелекање, ниту го сврте Своето уво кон вас.
46. Во Кадис требаше да останете долго време, онолку колку што веќе останавте таму.”

2. Поминување низ Едом, Моав и Амон

1.„Тогаш се свртивме и тргнавме во пустината кон Црвеното Море, како што ми нареди Господ. Долго се вртевме околу гората Сир.
2. И Господ ми рече:
3. ‘Доста се вртевте околу оваа гора. Завртете кон север!
4. И на народот наложи му вака: „Сега ќе поминете преку подрачјето на своите браќа, Исавовите потомци, кои живеат во Сир. Тие се бојат од вас; ама и вие припазете добро;
5. не зафаќајте бој со нив, зашто нема да ви дадам ни стапка од нивната земја: гората Сир му ја дадов на Исава во наследство.
6. Купувајте од нив храна, со платежни средства, за да имате што да јадете; и водата за пиење купувајте ја од нив со платежни средства.
7. Па Господ, твојот Бог, те благослови во сите дела на твоите раце; Тој бдееше над твоите патувања низ оваа голема пустина; овие четириесет години Господ, твојот Бог, беше со тебе и ништо не ти недостасуваше.”‘
8. Така, своите браќа, Исавовите потомци, кои живеат во Сир, ги заобиколивме по патот што води во Араб, Елат и во Есион-Гавер, а тогаш се запативме кон Моавската Пустина.
9. Тогаш Господ ми рече: ‘Не ги вознемирувај Моавците ниту војувај со нив, зашто ништо од нивната земја нема да ти дадам во твое наследство: на Лотовите синови им го предадов Ар во сопственост.’
10. (Порано таму живееја Омините. Беше тоа силен и броен народ; со крупен раст како и Енаковците.
11. Како Енаковците, и нив ги сметаат за Енакимци, ама Моавците ги наречуваат Емими.
12. Исто така во Сир живееја порано Хорејците, ама Исавовите потомци ги истераа, ги истребија, и се населија на нивното место, како што направи и Израел со земјата – со своето наследство – што Господ му ја предаде.)
13. ‘А сега станете и преминете преку потокот Заред!’ И поминавме преку потокот Заред.
14. Времето што го поминавме одејќи од Кадис-Варниј па додека поминавме преку потокот Заред, изнесуваше триесет и осум години – сè додека не изумре во логорот сето она поколение на луѓето способни за борба, како што Господ и им се заколна.
15. И навистина! Господовата рака беше против нив: ги истребуваше од средината на логорот додека ги снема.”
16. „И така, кога смртта ги истреби од народот сите луѓе способни за борба,
17. Господ им рече:
18. ‘Денес го преминуваш моавскиот предел Ар.
19. А тогаш ќе им се приближиш на Амонците. Не ги вознемирувај ниту зафаќај бој со нив. Имено, ништо од земјата на Амонците нема да ти отстапам тебе во наследство, зашто веќе ја предадов во сопственост на Лотовите потомци.’
20. (И неа ја сметаат за рефаимска земја. Во неа порано живееја Рефаимите, кои Амонците ги викаа Замзуми.
21. Тоа беше силен и многуброен народ; со крупен раст како и Енаковите синови. Но Господ ги уништи пред Амонците – кои ги избркаа и се населија на нивното место,
22. како што, впрочем, им направи и на Исавовите потомци, кои се населени во Сир, кога ги уништи пред нив Хорејците, што тие ги истераа од недвижниот имот и живеат на нивните места до денес.
23. И Авејците, кои живееја во селцата сè до Газа, беа истребени од Кафторците, кои излегоа од Кафтор и се населија на нивното место.)
24. ‘Станете! Тргнете на пат и преминете преку потокот Арнон. Ете, ти ги предавам во рацете на Амореецот Сион, есевонскиот цар, и неговата земја. Почни со освојувањето; предизвикај го на бој!
25. Од денес почнувам да сеам страв и трепет пред тебе во народите, кои се под сите небеса, така што ќе треперат и ќе се тресат пред тебе кога ќе чујат глас за тебе.’”
26. „Тогаш испратив, од пустината Кедемот, гласници при есевонскиот цар Сион со мирољубиви зборови:
27. ‘Пушти ме да поминеме преку твојата земја. Само ќе поминам по патот, не свртувајќи ни десно ни лево.
28. Продај ми храна за сребреници за да можам да јадам; и вода за пиење давај ми за сребреници. Пушти ме само да поминам пеш,
29. да поминам преку Јордан во земјата што ни ја дава Господ, нашиот Бог – како што ми дозволија Исавовите потомци, настанети во Сир, и Моавците, кои живеат во Ар.’
30. Ама есевонскиот цар Сион не сакаше да нè пушти преку своето; зашто Господ, твојот Бог, му го заслепи духот, а срцето му го закорави, за да го предаде во твоите раце.
31. Тогаш Господ ми рече: ‘Ете почнав да ти ги предавам Сион и неговата земја. Почни со освојувањето за да загосподариш со неговата земја.’
32. Сион нè пресретна при Јаса.
33. Тој се нафрли и сиот негов народ. Но Господ, нашиот Бог, ни го предаде, така што ги поразивме него, неговите синови и сиот негов народ.
34. Тогаш ги освоивме сите негови градови и ги предадовме на проклетство сите негови градови со мажите, жените и децата, не штедејќи ништо,
35. освен добитокот, што го зедовме како плен, заедно со пленот од градовите што ги освоивме.
36. Од Ароир, што се наоѓа на брегот на потокот Арнон, и од градот што е во неговата долина, па до Галад немаше град што би ни се спротивил: Господ, нашиот Бог, ни ги предаде сите.
37. Единствено не се доближувавме кон земјата на Амонците, кон крајот покрај потокот Јавок, и кон градовите во подгорјето, како што одреди Господ, нашиот Бог.”

3. Заземање на царството на Ог

1.„Тогаш се свртивме и тргнавме кон Васан. Нè пресретна васанскиот цар Ог, со сиот свој народ, и ни наметна бој кај Едреи.
2. Тогаш Господ ми рече: ‘Не бој се од него! Па во твои раце ги предадов: него, сиот негов народ и неговата земја. Направи со нив како што направи со Сион, царот аморејски, кој живееше во Есевон.’
3. Така Господ, нашиот Бог, ни го предаде во наши раце и васанскиот цар Ог со целиот негов народ. Го поразивме, така што никој не остана жив.
4. Тогаш ги освоивме сите негови градови. Немаше град што не им го одзедовме – шеесет градови, поточно целата арговска покраина, Оговото Царство во Васан.
5. Сите оние градови беа утврдени со високи ѕидови, врати и лостови. Покрај нив имаше мошне многу и отворени селца.
6. Ги предадовме на проклетство – како што направивме и со Сион, есевонскиот цар – сотирајќи го секој град со мажите, жените и децата.
7. А сиот добиток и пленот ги задржавме за себе.
8. Така во тоа време ја зедовме, од рацете на двајцата аморејски цареви, земјата што се наоѓа отаде Јордан, од потокот Арнон до гората Ермон (
9. Сидонците го наречуваат Ермон-Сирион, а Аморејците го викаат Сенир):
10. сите градови на висорамништето, сиот Галад и сиот Васан, сè до Салха и Едреи – градови на Оговото Царство во Васан.
11. Васанскиот цар Ог е единствен од останатите Рефаимовци.” (Неговото легло, од железо, уште се наоѓа во Рава, во градот на Амоновите синови: десет лакти – обични лакти – е долг, а четири лакти широк, машки лакти.)
12. „И така, тоа е земјата што ја зазедовме во она време, почнувајќи од Ароир, што е покрај потокот Арнон. Половината од Галадското Подгорје со неговите градови им ја дадов на Рувимовците и Гадовците.
13. Остатокот од Галад и сиот Васан, Оговото Царство, им го доделив на половината Манасиево племе. (Сета Арговска Краина и сиот Васан се викаат Рефаимска Земја.
14. Манасиевиот син Јаир ја зазеде сета Арговска Покраина до меѓата на Гесурците и Махатците. Тој ги нарече тие села со своето име, па уште и денес се викаат Авот-Јаир, Јаирови Села.)
15. На Махир му го дадов Галад.
16. На Рувимовците и Гадовците им доделив од Галад до потокот Арнон, – средината на потокот е меѓа – и до потокот Јавок, до амонската граница.
17. А како граница служеа Араба и Јордан од Хинерот до морето покрај Араба – (покрај Соленото Море) – во подножјето на стрмнините на Фазга кон исток.
18. Во она време ви наредив: ‘Господ, вашиот Бог, ви ја дава оваа земја во сопственост. Сите вие војници, тргнете вооружени пред своите браќа Израелеви синови.
19. Единствено вашите жени, вашите деца и вашиот добиток – знам дека имате многу добиток – нека останат во вашите градови што ви ги доделив,
20. додека Господ не им даде мирен престој и на вашите браќа како и вам; така што и тие да ја заземат земјата што Господ, вашиот Бог, им ја дава од онаа страна на Јордан. Па тогаш секој од вас нека се врати на недвижниот имот што ви го доделив.’
21. Во она време му наредив на Исуса: ‘Со своите очи виде што им стори Господ, вашиот Бог, на оние двајца цареви. Така ќе направи Господ со сите царства, преку кои ќе поминуваш.
22. Не плашете се од нив! Па Господ, вашиот Бог, се бори за вас.’”
23. ‘Тогаш замолив милост од Господа:
24. ‘Боже мој, Господи. Ти почна да му ги покажуваш на својот слуга Своето величество и Својата сила. Па кој бог, на небото или на земјата, може да направи такви дела и чудеса какви што се Твоите!
25. Дозволи ми да отидам онаму и да ја погледам онаа Блажена Земја преку Јордан, оној убав горски крај и Ливан!’
26. Ама Господ, заради вас, беше лут на мене, и не ме послуша. ‘Доста – ми рече Господ – не ми зборувај веќе за тоа!
27. Искачи се на врвот Фасга и насочи ги своите очи кон запад, север, југ и исток. Разгледај добро со своите очи, зашто нема да поминеш преку Јордан.
28. Упати го Исуса, зајакни го и охрабри го! Тој нека оди на чело на овој народ; тој нека ги воведе во наследство на земјата што ја гледаш.’
29. Така останавме во таа долина покрај Вет-Фегор.”

4 Окровението на планината Хорев

1.„А сега, Израеле, послушај ги законите и уредбите на кои ве учам, за да ги вршите и така да поживеете па да ја заземете земјата, што ви ја дава Господ.
2. Ниту додавајте нешто на тоа што ви заповедам ниту одземајте нешто од тоа; вршете ги заповедите на Господа, на својот Бог, што ви ги давам.
3. Видовте со своите очи што направи Господ со Велфегор: зашто Господ, твојот Бог, го откорна од твојата средина секој, кој го следеше Велфегор.
4. А сите вие кои се држите цврсто за Господа, живи сте и денес.
5. Ете, Јас ве поучив за законите и уредбите, како што Господ, мојот Бог, ми нареди да ги вршите во земјата во која одите, за да ја наследите.
6. Пазете ги и вршете ги: тоа ќе биде, во очите на народите, ваша мудрост и ваша разумност. Кога тие ќе чујат за сите овие закони, ќе речат: ‘Само еден народ е мудар и умен, а тоа е овој голем народ.’
7. Зашто, кој народ е толку голем за да му бидат боговите толку близу како што ни е Господ, нашиот Бог, нам, кога ќе го повикаме?
8. Кој е тој народ толку голем да би имал закони и уредби праведни како што е сиот овој Закон што јас ви го изнесувам денес?
9. Затоа внимавај и чувај се добро да не ги заборавиш делата што ги виде со своите очи; нека не ти исчезнат од срцето ниту во еден ден на твојот живот; спротивно, поучи ги за нив твоите синови и синовите на твоите синови.
10. Оној ден, кога стоеше на Хорив пред Господа, својот Бог, Господ ми рече: ‘Собери Ми го народот! Сакам да ги чујат Моите зборови, за да се научат да се бојат од Мене за целото време додека ќе живеат на земјата, па да ги поучат за нив и своите деца.’
11. Тогаш вие се приближивте и застанавте под гората. А гората гореше и пламенот се креваше до среде небото, замрачено со темен облак.
12. Господ ви зборуваше вам од средината на огнот; вие го чувте гласот на зборовите, но не видовте образ, а само глас.
13. Ви го објави Својот завет и ви наложи да ги вршите – Десетте заповеди, што ги напиша на две камени плочи.
14. А мене Господ ми нареди да ве поучам на законите и уредбите што ќе ги вршите во земјата во која одите да ја владеете.”
15. „Внимавајте добро! Во оној ден кога Господ, вашиот Бог, ви зборуваше пред огнот на Хорив, не видовте никаков лик,
16. за да не се расипете па да не си направите за себе некаков делкан лик, кип со машко или женско обличје,
17. ниту со обличје на некакво животно што е на земјата, ниту со обличје на некаква птица што лета под небото,
18. ни со обличје на што и да е што ползи по земјата, ни со обличје на некаква риба што е во водата, под земјата,
19. и за да не се заведеш, кога ќе ги подигнеш своите очи кон небото па ги видиш сонцето, месечината и ѕвездите – сета небеска војска – па да им се клањаш и да им искажуваш почитување. Господ, твојот Бог, им ги даде нив на сите народи, секаде под небото.
20. А Господ ве зеде вас и ве изведе од Египет – од онаа вжарена печка – за да станете народ на неговото наследство, тоа што сте денес.
21. Но заради вас Господ се налути на мене и се заколна дека нема да поминам преку Јордан и да влезам во Блажената Земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство.
22. Така, јас ќе умрам во оваа земја; јас нема да поминам преку Јордан. А вие ќе поминете и ќе ја завладеете онаа прекрасна земја.
23. Затоа внимавајте да не го заборавите Заветот што Господ, вашиот Бог, го склучи со вас, па не правете си за себе делкани ликови на што и да е што го забрани Господ, твојот Бог.
24. Зашто, Господ, твојот Бог, е оган што проголтува; Тој е Бог Ревнител.
25. Кога ќе народите деца и внучиња и кога ќе престојувате подолго во онаа земја, а ќе се расипете правејќи за себе било какви делкани ликови и вршејќи зло во очите на Господа, својот Бог, така што ќе Го предизвикате на гнев,
26. знајте – ги земам за сведоци против вас небесата и земјата – дека бргу ќе ве снема од земјата во која што одите преку Јордан за да ја наследите: не ќе живеете долго во неа, туку ќе бидете откорнати.
27. Господ ќе ве распрсне меѓу народите, и ќе остане само мал број од вас меѓу народите среде кои ќе ве одведе Господ.
28. Таму ќе им се поклонувате на богови што човечки раце ги направиле од дрво и камен, на богови кои не можат ни да видат ни да чујат, ни да јадат ни да мирисаат.
29. Таму ќе Го бараш Господа, својот Бог. И ќе Го најдеш ако го бараш со сето свое срце и со сета своја душа.
30. Сè тоа ќе те снајде во твојата неволја, ама во последното време ти ќе Му се обратиш на Господа, својот Бог, и ќе го послушаш Неговиот глас.
31. Па Господ, твојот Бог, е милосрден Бог; Тој нема да те остави ни да те погуби, ниту ќе го заборави Заветот што со заклетва го склучил со твоите татковци.”
32. „Испитај ги само поранешните времиња што поминаа пред тебе, сè откако Господ го создаде човекот на земјата: дали имало некогаш, од едниот крај на небесата на другиот, оволку величествен настан?
33. Дали некогаш некој народ го чул гласот на Бога како зборува пред огнот како што го чу ти и остана жив?
34. Или, дали се обиде некој бог да отиде и да си земе за себе еден народ, од средина на друг народ, со искушенија, со знакови, со чудеса и со војна, со цврста рака и со испружена мишка, покрај силни стравотии, како што сè тоа го направи за вас, пред вашите очи, Господ, вашиот Бог, во Египет?
35. Тоа ти беше покажано тебе за да знаеш дека Господ е вистински Бог и дека нема друг освен Него.
36. Од небото ти го слушаше Неговиот глас, за да те поучи; ти дозволи да го видиш Неговиот голем оган на земјата; и ги чу Неговите зборови од средината на огнот.
37. Заради тоа што ги љубеше твоите татковци, го избра после нив нивното потомство; Тој, Самиот, те изведе од Египет со Својата голема сила;
38. пред тебе растера, и побројни и посилни од тебе, народи, за да те доведе во нивната земја и за да ти ја предаде тебе во наследство, како што е и денес.
39. И така, денес сознај и засади во своето срце: Господ е Бог горе на небото и тука на земјата – друг нема.
40. Пазете ги Неговите закони и Неговите заповеди што ти ги давам денес, за да ви биде добро и тебе и на твоите деца по тебе; за да поживееш долго на земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава засекогаш.”
41. Тогаш Мојсеј избра три града преку Јордан, на источната страна,
42. каде ќе може да се засолне убиец, кој убил неволно свој ближен, а да немаше порано омраза кон него: за да може, бегајќи во некој од овие градови, да го спаси својот живот.
43. Тоа се: Восор во пустината, на високорамнината, за Рувимовците; Рамот во Галад, за Гадовците и Голан во Васан, за Манасиевците.
44. Ова е Законот што Мојсеј го постави пред Израелевите синови;
45. ова се напатствијата, законите и уредбите што Мојсеј им ги даде на Израелците кога излегоа од Египет,
46. од онаа страна на Јордан, во долината спроти Вет-Фегор, во земјата на аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, и кого го поразија Мојсеј и Израелевите синови, откако излегоа од Египет.
47. Ја зазедоа неговата земја и земјата на васанскиот цар Ог, на двата аморејски цареви кои живееја преку Јордан на исток,
48. од Ароир, што се наоѓа на брегот на потокот Арнон, до гората Сион, односно Ермон,
49. и сета Араба преку Јордан, на исток до морето во Араба, под стрмнините на Фазга.

5 Десетте Божји заповеди

1.Мојсеј го свика сиот Израел па им рече: „Чуј ги, Израеле, наредбите и заповедите што ви ги кажувам денес во вашите уши! Научете ги и пазете ги, и вршете ги.
2. Господ, нашиот Бог, склучи со нас Завет на Хорив.
3. Господ не го склучи тој Завет со нашите татковци, туку токму со сите нас, кои сме живи денес, тука.
4. Господ зборуваше со вас лице во лице на гората, од средината на огнот.
5. Во тоа време јас стоев меѓу Господа и вас, за да ви ги известам Господовите зборови, зашто вие не сакавте, заради стравот од огнот, да се искачите на гората. Тогаш рече:
6. ‘Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од домот на ропството.
7. Да немаш други богови покрај Мене!
8. Не прави си резан лик ни некаква слика на што и да е горе во небото или долу на земјата, или во водите под земјата.
9. Не клањај им се ниту им служи. Зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ги казнувам гревовите на татковците – на оние кои Ме мразат – на децата, на внучињата и на правнучињата,
10. а им искажувам милост на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди.
11. Не земај го напразно името на Господа, својот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној, кој го зема напразно Неговото име.
12. Одржувај го саботниот ден за да го осветуваш, како што ти заповеда Господ, твојот Бог.
13. Шест дни работи и извршувај ги сите свои работи.
14. А седмиот ден е сабота на Господа, твојот Бог; не врши во него никаква работа, ни ти, ни твојот син, ни твојата ќерка, ни твојот слуга, ни твојата слугинка, ни твојот вол, ни твоето осле, ниту некое твое добиче, ниту придојденикот, кој е во твоите градови; така да може да се одмори и твојот слуга, и твојата слугинка како и ти.
15. Спомни си дека и ти беше роб во Египетската Земја и дека оттаму те избави Господ, твојот Бог, со силна рака и со испружена мишка. Затоа ти заповеда Господ, твојот Бог, да го пазиш саботниот ден.
16. Почитувај ги татка си и мајка си, како што Господ, твојот Бог, ти заповеда, за да живееш долго и за да ти биде добро на земјата, што Господ, твојот Бог, ти ја дава.
17. Не убивај!
18. Не прељубодејствувај!
19. Не кради!
20. Не сведочи лажно против својот ближен!
21. Не посакувај ја жената на својот ближен! Не лакоми за куќата на својот ближен, за неговата нива, за неговиот слуга, за неговата слугинка, за неговиот вол, за неговото осле, ниту за нешто што е на твојот ближен.’”
22. „Тие зборови на гората, од средината на огнот, на облакот и на густата темнина, со силен глас Господ му ги упати на сиот ваш собир. Не додаваше ништо, туку ги напиша на две камени плочи па ми ги предаде мене.
23. А тогаш, кога го чувте гласот од темнината, додека гората пламтеше во оган, сите ваши главатари и ваши старешини пристапија кон мене
24. па рекоа: ‘Господ, нашиот Бог, ете, ни ги покажа Својата слава и Своето величие; го чувме Неговиот глас од среде огнот; денес видовме дека човек може да остане во живот иако му говори Бог.
25. А сега зошто да умреме? Овој голем оган може да нè проголта; ако го слушаме и натаму гласот на Господа, на својот Бог, можеме да умреме.
26. Зашто, кој смртник го слушал некогаш гласот на живиот Бог како зборува од среде оган – како ние – и останал во живот?
27. Приближи се и ти и слушај сè што ќе ти рече Господ, нашиот Бог. А тогаш кажи ни ти сè што ќе ти рече Господ, нашиот Бог, и ние ќе го слушаме и ќе го исполнуваме тоа.’
28. Господ ги чу вашите зборови кога ми зборувавте, па ми рече: ‘Ги чув зборовите што тој народ ти ги кажа тебе. Добро е сè што рекоа.
29. Само, кога нивните срца би биле такви секогаш да се бојат од Мене и да ги пазат сите Мои заповеди, за да бидат така постојано среќни, тие и нивното потомство!
30. Ајде, кажи им: „Вратете се во своите шатори!”
31. А ти остани тука кај Мене; ќе ти ги кажам сите заповеди, закони и уредби на кои ќе ги поучиш и кои тие ќе ги вршат во земјата што им ја давам во сопственост.’
32. И така, внимавајте, како што Господ, вашиот Бог, ви заповеда! Не свртувајте ни десно ни лево.
33. Следете го наполно патот што Господ, вашиот Бог, ви го означи, за да можете така да живеете, да имате среќа и долг живот во земјата што ќе ја добиете во сопственост.”

6 „Сакај Го Господа, твојот Бог“

1.„Ова се заповедите, законите и одредбите за кои Господ, вашиот Бог, ми заповеда да ве поучам во нив, за да ги вршите во земјата во која што одите да ја земете во сопственост
2. за да се боиш, во текот на целиот свој живот, од Господа, од својот Бог, ти, твојот син и синот на твојот син, вршејќи ги сите Негови закони и сите Негови заповеди што ти ги повелам, па да имаш долг живот.
3. Слушај, Израелу, пази ги и врши ги, за да ти биде добро и за да се размножиш во земјата во која течат мед и млеко, како што ти вети Господ, Бог на твоите татковци.”
4. „Чуј, Израелу! Господ е наш Бог, Господ е Еден!
5. Затоа љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила!
6. Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето.
7. Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш.
8. Врзи ги на својата рака за знак, и нека ти бидат како запис меѓу очите!
9. Напиши ги на довратниците на својата куќа и на своите врати!
10. А кога Господ, твојот Бог, ќе те доведе во земјата за која им се заколна на твоите татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, дека ќе ти ја даде тебе: – со големи и убави градови, што не ги ѕидаше;
11. со куќи полни со секакво благо, што не си ги полнил; со ископани кладенци, што не си ги копал; со лозја и со маслинови градини, што не си ги садел – и кога јадеш и ќе се наситиш:
12. внимавај да не Го заборавиш Господа, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството.
13. Бој се од Господа, од твојот Бог; искажувај Му Нему почитување; заколнувај се во Неговото име.
14. Не одете по други богови, од боговите на другите народи што се околу вас.
15. Зашто Господ, твојот Бог, што стои во твојата средина, е ревнив Бог; гневот на Господа, на твојот Бог, би пламнал против тебе и би те истребил од земјата.
16. Не искушувајте Го Господа, својот Бог, како што Го искушавте кај Маса.
17. Вршете ги точно заповедите на Господа, на својот Бог, Неговите упатства и Неговите закони, кои ги издаде.
18. Врши што е право и добро во очите на Господа, за да ти биде добро и за да влезеш во Добра Земја, за која Господ им се заколна на твоите татковци
19. дека ќе ги истера од неа сите твои непријатели пред тебе; така вети Господ.”
20. „А кога утре ќе те праша твојот син: ‘Што се тие упатства, закони и одредби што ви ги заповеда вам, Господ, нашиот Бог?
21. Кажи му на сина си: ‘Бевме фараонови робови во Египет, ама Господ нè изведе од Египет со силна рака.
22. Пред наши очи Господ направи големи и страшни знаци и чудеса против Египет, против фараонот и против целиот негов дом,
23. а и нас нè изведе оттаму за да нè доведе и за да ни ја даде земјата, која со заклетва им ја вети на нашите татковци.
24. И Господ ни нареди да ги исполнуваме сите овие наредби со стравопочитување кон Господа, кон својот Бог, за да бидеме секогаш среќни и за да живееме, како што е тоа денес.
25. И така, нашата праведност ќе биде: да ги пазиме и да ги вршиме сите овие заповеди пред Господа, нашиот Бог, како што ни нареди.’”

7 Израил – народ посветен на Господ

1.„Кога Господ, твојот Бог, те воведе во земјата во која одиш да ја земеш во наследство, и кога ќе истера пред тебе многу народи: Хетејците, Гергесејците, Аморејците, Ханаанците, Ферезејците, Евејците и Евусејците – седумте народи побројни и посилни од тебе –
2. па кога Господ, твојот Бог, ќе ти ги предаде и кога ти ќе ги поразиш, предај ги на проклетство; немој да склучуваш со нив сојуз ниту да им искажуваш милост.
3. Не земај жена од нив, не мажи ја својата ќерка за нивниот син, ниту жени го својот син за нивна ќерка;
4. зашто тоа би ги одвратило твоите синови од Мене; за да им служат на други богови; Господ би се разгневил против вас, и би те истребил бргу.
5. Туку, направете вака со нив: порушете ги нивните жртвеници, искршете ги нивните столбови, откорнете ги нивните ашери, а изгорете ги нивните резани ликови.”
6. „Па ти си народ посветен на Господа, на својот Бог; Господ, твојот Бог, те избра тебе меѓу сите народи, кои се на земјата, за да му бидеш негов сопствен народ.
7. Господ не ве одбра и не ве прифати дека сте побројни од сите народи – поправо вие сте најмалубројни –
8. туку затоа дека Господ ве љуби и дека ја пази заклетвата со која им се заколна на вашите татковци. Затоа Господ ве изведе со силна рака и ве ослободи од домот на ропството, од власта на фараонот, египетскиот цар.
9. Затоа знај дека Господ, Твојот Бог, е вистински Бог, верен Бог, Кој го пази Својот завет и ја искажува Својата милост до илјада поколенија на оние кои Го љубат и ги пазат Неговите заповеди.
10. А на оние кои Го мразат им враќа направо на нив самите; го уништува без одлагање оној кој Го мрази: му враќа направо на него самиот.
11. Затоа држи ги заповедите, законите и одредбите кои ти ги заповедам денес за да ги исполниш.
12. А како награда – ако ги слушаш овие закони, ако ги пазиш па ги извршуваш – Господ, твојот Бог, ќе ти ги пази Својот Завет и милоста за кои им се заколна на твоите татковци.
13. Ќе те љуби, ќе те благословува и ќе те размножува; ќе ги благословува плодот на твојата утроба и родот на твојата земја: твоето жито, твоето вино, твоето масло, рожбите на твоите говеда и прирастот на твојот добиток во земјата за која им се заколна на твоите татковци дека ќе ти ја даде тебе.
14. Ќе бидеш благословен над сите народи; во тебе ќе нема ни неплоден ни неплодна, ниту меѓу твоите деца, ниту меѓу твојот добиток.
15. Господ ќе ја отстрани од тебе секоја болест; нема да пушти на тебе ниедно од страшните египетски зла што ги познаваш, туку ќе ги притисне со нив оние што те мразат.
16. Уништувај ги сите народи што Господ, твојот Бог, ќе ти ги предаде. Нека не ги сожалува твоето око. Не клањај им се на нивните богови, зашто тоа ќе биде стапица.”
17. „Можеби ќе речеш во своето срце: ‘Тие народи се побројни од мене, како ќе ги изгонам тогаш?’
18. Не бој се од нив! Спомни си што им направи Господ, твојот Бог, на фараонот и на целиот Египет!
19. Помисли на големите искушенија што ги виде со свои очи; на оние знаци и чудеса, па на силната рака и на испружената мишка, со кои Господ, твојот Бог, те изведе. Така Господ, твојот Бог, ќе направи со сите народи од кои се плашиш.
20. Освен тоа, Господ, твојот Бог, ќе испрати меѓу нив стршели додека не изгинат оние што останаа и што се сокрија пред тебе.
21. И така, не трепери пред нив! Па Господ, твојот Бог, е во твоја средина, Бог величествен и страшен.
22. Малку по малку Господ, твојот Бог, ќе ги уништи пред тебе оние народи; и не ќе можеш да ги истребиш одеднаш, за да не се размножат ѕверовите против тебе.
23. Ама Господ, твојот Бог, ќе ти ги предаде тебе и ќе внесува меѓу нив страв додека не бидат уништени.
24. И ќе ги предаде нивните цареви во твои раце, за да го сотреш нивното име под небото. Ниеден не ќе се одржи пред тебе додека не ги уништиш.
25. Изгори ги ликовите на нивните богови! Не лакоми за среброто и златото што е на нив; не земај го, за да не бидеш заведен од него; зашто тоа би Му било гадно на Господа, твојот Бог.
26. Не внесувај гнасотии во својата куќа, за да не бидеш проколнат како и неа; презри ја длабоко и грози се од неа, зашто е проклета.”

8 Господ го поучува Израил во пустината

1.„Пазете ги и вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес, за да живеете и за да се размножувате, и за да влезете и ја земете во сопственост земјата што Господ, со заклетва, им ја вети на вашите татковци.
2. Спомнувај си за целиот пат по кој Господ, твојот Бог, те водеше низ пустината во овие четириесет години за да те смири, за да те испита и за да дознае што ти е во срцето: дали сакаш да ги држиш неговите заповеди или не сакаш.
3. Те смируваше и те мореше со глад, а потоа те хранеше со мана, за која не знаевте ни ти ниту твоите татковци, за да ти покаже дека човекот не живее само од лебот, туку дека човекот живее од сè што излегува од Господовата уста.
4. Твојата облека на тебе не се искина ниту нозете ти отечуваа во овие четириесет години.
5. Тогаш признај во своето срце дека Господ, твојот Бог, те воспитува и те поправува како што човекот го воспитува својот син.
6. И пази ги заповедите на Господа, својот Бог, одејќи по Неговите патишта и боејќи се од Него!
7. Па Господ, твојот Бог, те води во добра земја: во земја на потоци и извори, на подземни води што извираат во долините и по бреговите;
8. во земја на пченица и јачмен, на винови лози, на смокви и калинки, во земја на мед и маслинки;
9. во земја во која нема да јадеш сиромашки леб, и каде ништо не ќе ти недостасува; во земја каде камењата имаат железо и каде ќе вадиш бакар од нејзините ридови.
10. Ќе јадеш до наситка и ќе Го благословуваш Господа, својот Бог, заради добрата земја што ти ја даде.”
11. „Внимавај да не Го заборавиш Господа, својот Бог, занемарувајќи ги Неговите заповеди, Неговите одредби и Неговите закони што ти ги давам денес.
12. И откако ќе се најадеш до ситост, откако ќе изградиш убави куќи и ќе се населиш во нив;
13. кога крупниот и ситниот добиток ќе ти се намножи; кога ќе насобереш сребро и злато, и кога сè твое ќе напредува,
14. тогаш немој да се воздигне твоето срце и да Го заборавиш Господа, својот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството;
15. Кој те преведе низ онаа голема и страшна пустина, низ земјата на огнени змии и скорпии, низ сув и безводен крај; Кој ти извади вода од цврста карпа;
16. Кој те хранеше во пустината со мана, непозната на твоите татковци, за да те смири и за да те испита па да бидеш среќен на крај.
17. Тогаш не вели во своето срце: ‘ Со својата моќ и со силата на своите раце го спечалив ова богатство.’
18. Спомни си за Господа, својот Бог! Па Тој ти даде сила да го спечалиш богатството, за да го исполни така – како денес – Својот Завет, за кој им се заколна на твоите татковци.
19. Ако Го заборавиш Господа, својот Бог, и тргнеш по други богови, па им искажуваш почитување, им се поклонуваш ним, ви се колнам денес дека сосем ќе бидете истребени;
20. како народите кои Господ ќе ги погуби пред вас, така ќе ве снема и вас, зашто не го послушавте гласот на Господа, својот Бог.”

9 Победата и спасението се од Бога, а не од човекот

1.„Слушај, Израелу! Денес преминуваш преку Јордан, за да потчиниш под себе: народи и поголеми и побројни отколку што си ти; големи градови, со тврдини до небесата;
2. народ голем и со висок раст како Енаковите синови, кои веќе ги познаваш и за кои што си слушал: ‘Кој ќе устои пред Енаковците?’
3. И така, знај дека денес Господ, твојот Бог, врви пред тебе; Тој ќе ги собори, ќе ти ги потчини тебе. Тогаш ти ќе ги растераш и ќе ги погубиш скоро, како што Господ и ти рече.
4. Откако ќе ги изгони пред тебе Господ, твојот Бог, немој да речеш во своето срце: ‘Господ ме воведе да ја завладеам оваа земја заради мојата праведност.’ Спротивно, заради нечесноста на оние народи Господ ги гони пред тебе.
5. Ти не одиш да ја земеш во сопственост нивната земја заради својата праведност и заради чесноста на своето срце, туку затоа што Господ, твојот Бог, заради опакоста на оние народи ги изгонува нив пред тебе, за да го одржи зборот со кој им се заколна на твоите татковци: Авраам, Исак и Јаков.”
6. „И така, знај дека Господ, твојот Бог не ти ја дава оваа добра земја во наследство заради твојата праведност, зашто ти си народ со корав врат!
7. Спомни си и не заборавај како Го лутеше Господа, својот Бог, во пустината. Од денот кога излеговте од Египетската Земја па до доаѓањето на ова место, Му бевте непокорни на Господа.
8. На Хорив Го разгневивте Господа, и Господ така пламна на вас, што сакаше да ве уништи.
9. Се искачив на гората за да ги примам камените плочи, плочите на Заветот што Господ го склучи со вас. На гората останав четириесет денови и четириесет ноќи: ниту јадев леб ниту пиев вода.
10. И Господ ми даде две камени плочи, напишани со Божји прст, на кои беа сите зборови што ви ги кажа Господ од среде огнот на гората во денот на собирот.
11. Кога поминаа четириесет денови и четириесет ноќи, Господ ми даде две камени плочи – плочи на Заветот.
12. И Господ ми рече: ‘Стани! Слези итно оттука, зашто се расипа твојот народ, кого го изведе од Египет. Брзо слегоа од патот што им го означив: веќе си направија леан лик.’
13. Уште Господ ми рече: ‘Го набљудував тој народ. Навистина тоа е коравовратен народ!
14. Остави ме да ги уништам и да го избришам нивното име под небесата, а од тебе да направам народ и посилен и поброен отколку што е овој!’
15. Се свртив и слегов низ планина, а гората постојано пламтеше во оган. Двете плочи на Заветот ми беа во рацете.
16. Погледнав: навистина згрешивте против Господа, својот Бог. Си одлеавте теле. Така бргу се отклонивте од патот што Господ ви го беше посочил.
17. Ги грабнав двете плочи па ги фрлив од себе со двете раце – ги скршив плочите пред вашите очи.
18. Тогаш се фрлив ничкум пред Господа. Четириесет денови и четириесет ноќи – како и порано – ниту јадев леб ниту пиев вода заради сите гревови што ги направивте, правејќи зло во очите на Господа и срдејќи Го.
19. Зашто се боев од лутината и гневот со кои Господ пламна против вас за да ве сотре. Но Господ и тогаш ме послуша мене.
20. И Господ се расрди силно на Арона, сакаше да го уништи. Тогаш се зазедов и за Арона.
21. Вашиот грев, телето што го бевте направиле, го зедов и го изгорев во оган. Го иситнив во прав и неговиот прав го фрлив во потокот што тече од гората.”
22. „Кај Тавера, кај Маса и Киврот Атава, Го разгневивте Господа.
23. Кога Господ ве испраќаше од Кадис-Варниј, говорејќи: ‘Отидете и земете ја земјата што ви ја дадов,’ се побунивте против словото на Господа, својот Бог; не се надевавте во Него ниту го слушавте Неговиот глас.
24. Му бевте непокорни на Господа откако ве познавам.”
25. „Затоа паднав ничкум и лежев пред Господа четириесет денови и четириесет ноќи, зашто Господ беше рекол дека ќе ве уништи.
26. Го молев Господа и реков: ‘Господи мој, Господи! Не уништувај го Својот народ, Своето наследство што го избави со Своето величие и што го изведе од Египет со силна рака.
27. Спомни си за Своите слуги: Авраама, Исака и Јакова, а не се обѕрнувај на коравоста на овој народ, на неговата нечесност, на неговиот грев,
28. за да не се рече во земјата од која што нè избави: „Господ не можеше да ги воведе во земјата што им ја вети, или ги замрази, па затоа ги одведе во пустината за да ги уништи.”
29. А тие се Твој народ, Твое наследство, оние кои ги изведе со Својата голема сила и со испружената мишка.’”

10 Златното теле: прошката Божја

1.„Во тоа време Господ ми рече: ‘Изделкај две камени плочи како и поранешните па искачи се при Мене на планината; а направи и дрвен ковчег.
2. На плочите ќе ги напишам зборовите кои беа на првите плочи што ги скрши. А потоа положи ги во ковчегот.’
3. Направив ковчег од багремово дрво, изделкав две камени плочи какви што беа првите, па, со двете плочи во рацете, се искачив на планината.
4. И напиша Тој на тие плочи, како и порано, Десет заповеди, што Господ ви ги рече на планината, од среде огнот, на денот на собирот. Тогаш Господ ми ги даде мене.
5. Се свртив и слегов од гората. Ги положив плочите во ковчегот што го направив. И останаа таму, како што Господ ми нареди.
6. Од Вирот на Јакановите синови, Израелевите синови отидоа кон Мосер. Таму умре Арон и таму беше погребан. Место него свештеник стана неговиот син Елеазар.
7. Оттаму отидоа во Гадгад; од Гадгад во Јотват, во крај богат со потоци.
8. Во тоа време Господ го одвои Левиевото племе да го носи Ковчегот на Господовиот Завет; да стои пред Господа во Негова служба па да го благословува во Негово име, како што прави и денес.
9. Затоа Леви нема дел ни наследство со своите браќа: Господ е негово наследство, како што Господ, твојот Бог, и му рече.
10. На гората останав, како и првиот пат, четириесет денови и четириесет ноќи. И Господ ме послуша и тој пат; не сакаше да те уништи,
11. туку Господ ми рече: ‘Стани! Оди пред овој народ, за да влезат и за да ја завладеат земјата за која им се заколнав на нивните татковци дека ќе им ја дадам.’”
12. „И така, Израеле, што бара Господ, твојот Бог, од тебе? Само тоа да се боиш од Господа, својот Бог, да одиш по сите Негови патишта; да Го љубиш и да Му служиш на Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа;
13. да ги пазиш Господовите заповеди и Неговите закони што ти ги давам денес за твое добро.
14. Еве, на Господа, твојот Бог, Му припаѓаат небото, и небото над небесата, земјата, и сè што е на неа.
15. Ама на Господа само вашите татковци му омилеа, и после нив ве избра вас, нивните потомци, меѓу сите народи, како што е и денес.
16. Обрежете го своето срце; не го коравете веќе вратот!
17. Зашто Господ, вашиот Бог, е Бог над боговите, Господар над господарите, Бог голем, силен и страшен, Кој не е пристрасен и не се поткупува;
18. им дава правда на сиракот и на вдовицата; го љуби придојденикот, му дава храна и облека.
19. Љубете го и вие придојденикот, зашто и самите бевте придојденци во Египетската Земја.
20. Бој се од Господа, својот Бог; служи Му Нему; прилепи се до Него; заколнувај се во Неговото име.
21. Тој е твоја слава, твојот Бог, Кој заради тебе направи големи и чудесни дела што ги видоа твоите очи.
22. Твоите татковци, кога се спуштија во Египет, беа само седумдесет, а сега Господ, твојот Бог, те направи многуброен па ве има како ѕвезди на небото.”

11 Потсетување на тоа што Бог направил за Израил

1.„И така, љуби Го Господа, својот Бог, и врши ги во сите дни Неговите наредби, Неговите закони, одредби и заповеди.
2. Вие, а не вашите синови, кои не ги запознаа и не ги видоа поуките на Господа, вашиот Бог, денес се уверивте во Неговото величие, во Неговата силна рака, во испружената мишка,
3. за Неговите знаци и за делата што им ги направи, среде Египет, на фараонот, египетскиот цар, и на целата негова земја;
4. што им стори на египетската војска, на нивните коњи и на колите; како ги преплави со водите на Црвеното Море кога ве гонеа, и како ги сотре до денешниот ден;
5. што стори за вас во пустината додека не стигнавте до ова место;
6. што направи со Датан и Авирон, синовите на Елиав, Рувимовиот потомок, кога земјата ја отвори својата утроба па ги проголта среде целиот Израел нив и нивните семејства, нивните шатори и сè што имаа.
7. Вашите очи ги видоа сите тие големи дела што Господ ги направи.”
8. „Затоа пазете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес, за да бидете силни па да ја земете во сопственост земјата во која одите да ја освоите;
9. најпосле, за да живеете долго во земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци дека ќе им ја даде ним и на нивното потомство – земјата во која течат мед и млеко.
10. Зашто земјата во која одиш да ја земеш во сопственост не е како Египетската Земја од која излеговте, каде, откако ќе го посееше семето, требаше да го напојуваш со својата нога како што се напојува зеленчукова градина.
11. Земјата во која одите да ја земете во сопственост е земја на планини и долини, и ја натопува небескиот дожд;
12. земја над која бдее Господ, твојот Бог, на која очите на Господа, твојот Бог, почиваат постојано, од почетокот до свршетокот на годината.”
13. „‘Затоа, ако навистина ги послушате заповедите што ви ги давам денес, и ако Го љубите Господа, својот Бог, и ако Му служите со сето свое срце и со сета своја душа,
14. ќе и давам на вашата земја дожд во право време: наесен и напролет, и ќе можеш да ги собираш: своето жито, своето вино и своето масло;
15. ќе му давам трева на твоето поле за твојот добиток. Така ќе јадеш и ќе бидеш сит.’
16. Внимавајте да не биде заведено вашето срце, да не тргнете по грешен пат, да не им искажувате почитување на други богови и да не им се клањате.
17. Зашто тогаш Господ ќе пламне со гнев против вас: ќе ја затвори небесата; ќе нема дожд; земјата не ќе дава род, и вас ќе ве снема брзо од таа добра земја што Господ ви ја дава.”
18. „Вложете ги овие мои зборови во своето срце и во својата душа; врзете ги како знак на својата рака; нека ви бидат како запис меѓу очите!
19. Поучете ги на нив своите синови, изговорувајте ги кога седите во својата куќа и кога одите патем; кога легнувате и кога станувате.
20. Напишете ги на довратниците на својата куќа и на својата врата,
21. за да бидат вашите денови и деновите на вашите синови – во земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци дека ќе им ја даде – бројни како деновите на небесата над земјата.
22. Ако ги држите верно сите овие заповеди кои ви ги наредувам, ако ги вршите и ако Го љубите Господа, својот Бог, ако одите по сите Негови патишта и ако се прилепите цврсто до Него,
23. Господ ќе ги протера од пред вас сите тие народи, и вие ќе завладеете помногубројни и посилни народи од себе.
24. Секое место на кое ќе стапне вашата нога ќе биде ваше; од пустината и од Ливан, од Реката, од реката Еуфрат, до Западното Море, ќе се тегне вашето подрачје.
25. Никој не ќе се одржи пред вас; Господ, вашиот Бог, ќе внесе страв и трепет по сета земја во која ќе стапите, како што ви рече.”
26. „Гледајте! Денес ви нудам благослов и проклетство:
27. благослов, ако ги слушате заповедите на Господа, вашиот Бог, што ви ги давам денес;
28. а проклетство, ако не ги слушате заповедите на Господа, својот Бог, туку се отклоните од патот што ви го одредувам денес па тргнете по други богови, што не ги познавате.
29. Кога Господ, твојот Бог, те воведе во земјата во која одиш да ја земеш во сопственост, тогаш искажи благослов над гората Гаризим, а проклетство над гората Евал.
30. Тие гори се издигаат, како што знаете, отаде Јордан, зад патот кон запад, во земјата на Ханаанците, кои живеат во Араб, спроти Галгал, покрај Дабот Море.
31. Ете ќе преминете преку Јордан за да ја земете во сопственост земјата што ви ја дава Господ, вашиот Бог. Заземете ја и населете се во неа.
32. Но пазете ги и вршете ги сите закони и одредби што ви ги изложувам денес.”

12 ЗАКОНИТЕ ГОСПОДОВИ

1.„Овие се законите и одредбите што треба да ги пазите и да ги вршите во земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава во сопственост за сите денови што ќе ги живеете на земјата.
2. Срамнете ги со земјата сите места на кои народите, кои ќе ги изгоните, им искажуваа почитување на своите богови, без обѕир на тоа дали се наоѓаат на високите планини, на ритчињата или под некакво зелено дрво.
3. Урнете ги нивните жртвеници, искршете ги нивните столбови, изгорете им ги ашерите, здробете ги киповите на нивните богови, затрете им ги имињата од оние места.
4. На Господа, својот Бог, не искажувајте Му онакво почитување.
5. Барајте Го Господа, својот Бог, единствено на местото што Тој Самиот го одбра, среде сите ваши племиња, за да го стави таму Своето име и за да престојува таму;
6. донесувајте ги таму своите паленици и своите закланици, своите десетоци и даровите на своите раце, своите заветни приноси и доброволните приноси и првородените од својот крупен и ситен добиток.
7. Јадете таму, вие и вашите семејства, пред Господа, својот Бог; веселете се со сè што вашите раце го спечалија и што Господ, вашиот Бог, ви го додели со благослов.
8. Не правете никако како што ние правиме тука денес – секој што нему му изгледа добро –
9. зашто уште не стигнавте во Почивалиштето, во наследството што ти го дава Господ, твојот Бог.
10. Но кога ќе преминете преку Јордан и се населите во земјата што Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство, кога ќе ве смири од сите непријатели кои ќе бидат околу вас, па ќе живеете без страв,
11. тогаш ќе донесувате сè што ви наредувам: своите паленици, своите закланици, своите десетоци, даровите на своите раце и сите свои избрани заветни приноси што ќе Му ги заветувате на Господа – на местото кое Господ, вашиот Бог, ќе го одбере за да го настани таму Своето име.
12. Веселете се тогаш пред Господа, својот Бог, вие, вашите синови и ќерки, вашите слуги и слугинки, и левитот кој ќе биде во вашите градови, зашто тој нема дел со вас ни наследство.
13. Внимавај да не ги принесуваш своите жртви паленици на било кое место што ќе го забележиш,
14. туку само на местото што ќе го одбере Господ, во едно од твоите племиња. Таму принесувај ги своите паленици и таму да извршуваш сè што ти наредувам.
15. Ама секојпат кога срцето ќе ти посака, можеш да заколеш и да јадеш месо во сите свои градови, според благословот што Господ, твојот Бог, ќе ти го дава. И нечистиот и чистиот може да го јаде, како да е од срна или од елен.
16. Ама крв не јади; излејте ја на земја како вода.
17. Во своите места на живеење не јадете го десетокот од своето жито, од своето вино, од своето масло ни првородените од својот крупен или ситен добиток; ниту нешто од своите заветувани и од своите доброволни приноси, ни од приносите на своите раце,
18. туку тоа ќе го јадеш пред Господа, својот Бог, во местото кое Господ, твојот Бог, го избере, ти, твојот син, твојата ќерка, твојот слуга, твојата слугинка и левитот кој ќе биде во твоите градови. Провеселете се пред Господа, својот Бог, со сè што твоите раце создале.
19. Внимавај никогаш да не го заборавиш левитот додека си во својата земја.
20. Кога Господ, твојот Бог, го прошири твоето подрачје, како што ти рече, и речеш: ‘Јас би јадел месо” – зашто сакаш да јадеш месо – можеш да го јадеш колку што ти сака душата.
21. Ако местото, што Господ, твојот Бог, го одбра за да го смести во него Своето Име, биде далеку од тебе, тогаш можеш да заколеш што и да било од својот крупен или ситен добиток што Господ ќе ти го даде – како што веќе ти наредив – па да јадеш во кое и да е твое место на живеење колку што ти сака душата.
22. Сепак јади го онака како што се јаде срна или елен: нека го јадат заедно чистите и нечистите.
23. Само внимавај да не јадеш крв! Па крвта е живот. Не смееш да го јадеш животот со месото.
24. Не јади ја; излеј ја на земјата како вода.
25. Не смееш да ја јадеш, за да ви биде добро и тебе и на твоите синови по тебе, кога ќе го вршиш она што е право во Господовите очи.
26. Ама своите посветени приноси и своите заветни приноси земи ги и носи ги на местото што Господ ќе го избере.
27. Тука принеси ги своите паленици, месото и крвта, на жртвеникот на Господа, својот Бог. Ама крвта од своите закланици излеј ја врз жртвеникот на Господа, својот Бог, а месото изеди го.
28. Пази ги и врши ги сите овие наредби што ти ги пропишувам, за да ви биде добро засекогаш тебе и на твоите синови по тебе, кога ќе правиш што е добро и праведно во очите на Господа, својот Бог.
29. А кога Господ, твојот Бог, ги истреби народите против кои одиш да ги истераш од сопственоста пред себе, и кога ќе ги истераш па се населиш во нивната земја,
30. чувај се да не паднеш во стапица; не тргнувај по нив откако ќе бидат уништени пред тебе. Не распрашувај се за нивните богови и не зборувај: ‘Како што оние народи ги почитуваа своите богови, така ќе направам и јас.’
31. Не постапувај така кон Господа, својот Бог. Па на Господа Му е гнасно и замразено сè она што тие им правеа на своите богови. Зашто ги изгоруваа своите синови и ќерки во чест на своите богови.
32. Пазете сè што ви наредувам; не додавај му ништо на тоа и не одземај му ништо.”

13 Против идолопоклонството

1.„Ако во твојата средина се појави некаков пророк или човек со гледање во соништа, па ти изнесе некаков знак или чудо;
2. и тој знак или чудо, за кое ти зборувал, се исполни, и тогаш тој ти рече: ‘Да тргнеме сега по други богови, кои досега не ги познаваше, и ним да им искажуваме почитување,’
3. не слушај ги зборовите на тој пророк ни соништата на тој сонувач: па тоа ве искушува Господ, вашиот Бог; сака да дознае дали навистина Го љубите Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа.
4. Одете само по Господа, својот Бог; бојте се од Него; вршете ги Неговите заповеди; слушајте го Неговиот глас, служете Му; прилепете се кон Него.
5. А оној пророк или соновидец нека биде погубен, зашто поттикнуваше на отпаѓање од Господа, од вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја и ве откупи од куќата на ропството. Оној сакаше да те заведе од патот по кој Господ, твојот Бог, ти нареди да одиш. Така треба да го откорнеш злото од својата средина.”
6. „Кога твојот брат, синот на мајка ти, или твојот сопствен син, твојата ќерка, жената во твојата прегратка, или твојот пријател кој ти е како и животот, би те заведувал потајно, велејќи: ‘Ајде да им служиме на други богови,’ кои не ги познаваш ни ти ниту ги познаваа твоите татковци,
7. на боговите на оние народи што ќе бидат околу вас, било близу до тебе, било далеку од тебе, од едниот до другиот крај на земјата,
8. немој да се согласиш ниту го слушај! Твоето око нека не го сожалува; не штеди го и не сокривај го,
9. но уби го! Твојата рака нека се дигне прва за да го умртвиш, а потоа раката на целиот народ.
10. Затрупај го со камења додека не умре, зашто се обидуваше да те одврати од Господа, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од домот на ропството.
11. Кога ќе го чуе тоа, целиот Израел ќе се наполни со страв, па веќе не ќе прави такво зло во твојата средина.”
12. „Ако во твојот град, што Господ, твојот Бог, ќе ти го даде да се населиш во него, чуеш како зборуваат:
13. ‘Се појавија лоши луѓе во твојата средина и ги заведоа жителите на својот град, кажувајќи: „Ајде да им служиме на други богови!” – што вие инаку не ги познавате’
14. тогаш добро истражи, распрашај се и темелно извиди. Ако биде вистина, и навистина била направена таа грозотија во твојата средина,
15. тогаш исечи ги со остар меч жителите на тој град, предај ги на проклетство него и сите што се во него и неговиот добиток.
16. Потоа собери го сиот плен среде плоштадот па изгори го градот со сиот плен како паленица за Господа, својот Бог. Нека остане засекогаш урнатина, и веќе никогаш нека не се соѕидува.
17. Од она што беше предадено на проклетство нека ништо не се прилепи за твојата рака, за да се откаже Господ од жестокоста на Својот гнев; за да ти искаже милосрдие, да ти се смилува и да те размножи, како што им се заколна на твоите татковци,
18. ако ти го слушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги сите Негови заповеди, што ти ги наредувам денес, и вршејќи што е право во очите на Господа, твојот Бог.”

14 Забрана на обичаите во врска со мртовец

1.„Вие сте синови на Господа, својот Бог. Не правете си врз себе врезаници ниту потстрижувања на челото за покојникот.
2. Па ти си народ посветен на Господа, својот Бог; Господ те избра тебе меѓу сите народи на земјата за да бидеш Негов народ, Негова сопственост.
3. Не јадете ништо нечисто.
4. Ова се животните што можете да ги јадете: волот, овцата, козата,
5. еленот, срната, срнчето, козорогот, антилопата, биволот и дивата коза;
6. можете да го јадете секое животно што има раздвоени копита – сосем раздвоени на две – и што прежива.
7. Од преживарите или од животните со раздвоени копита само овие не смеете да ги јадете: камилата, зајакот и питомиот зајак. Имено, па иако преживаат немаат раздвоени копита, нека бидат нечисти за вас.
8. А свињата, иако има раздвоени копита, не прежива; нека биде нечиста за вас. Не јадете од нејзиното месо ниту допирајте ја нејзината мрша.
9. А од сè, што живее во водата ова можете да јадете: сè што има лушпи и перки, можете да јадете.
10. А што нема лушпи и перки не смеете да јадете. Тоа нека биде нечисто за вас.
11. Секоја чиста птица можете да ја јадете.
12. Ама овие не смеете да ги јадете: орелот-стрвник и јастребот,
13. дивата кокошка, соколот од кој и да е вид;
14. гавранот од било кој вид;
15. нојот, јастребот кокошкар, галебот ни крагујот од било кој вид;
16. бувот, утот и лебедот;
17. неситот, белиот стрвинар и нуркачот;
18. штркот, чапјата од било кој вид; пупунчето и лилјакот.
19. Сите крилести бубачки нека бидат нечисти за вас.
20. Сè крилесто чисто можете да јадете.
21. Не смеете да јадете ништо што ќе пцовиса. Дај му го тоа на придојденикот кој престојува во твоите градови нека јаде, или пак продај му го на туѓинецот. Зашто ти си народ посветен на Господа, својот Бог. Не вари го јарето во млекото на неговата мајка.”
22. „Одвојувај десеток од приходот секоја година сè што ќе роди твоето посеано поле.
23. А тогаш јади го десетокот од своето жито, од своето вино, од своето масло и од првината на својот крупен и ситен добиток во присуство на Господа, својот Бог, на местото што Тој ќе го избере за да го настани таму Своето Име; за да се научиш така да се боиш секогаш од Господа, твојот Бог.
24. Ако ти биде патот предолг, па не можеш да го донесеш десетокот – зашто е премногу далеку од тебе местото што Господ го избра за да го настани во него Своето Име – тогаш, кога Господ, твојот Бог, ќе те благослови,
25. продај го тоа за сребреници, земи ги сребрениците во раката и оди во местото што го избра Господ, твојот Бог.
26. Тогаш купи за сребрениците што сакаш: говедо, ситно животинче, вино или опоен пијалак – што ќе ти посака душата. Таму во присуство на Господа, својот Бог, јади и весели се ти и твоите домашни.
27. Не го заборавај левитот, кој ќе биде во твоите градови, зашто тој нема дел ни наследство со тебе.
28. На крајот на секоја трета година изнеси го сиот десеток на својот приход од таа година и положи го при твојата врата.
29. Па нека дојде левитот – зашто нема дел ни наследство со тебе – придојденикот, сиракот и вдовицата, кои живеат во твојот град, и нека јадат и нека се наситат. Така ќе те благословува Господ, твојот Бог, во сите работи што ќе ги преземе твојата рака.”

15 За прошталната година

1.„На крајот на седмата година проштавај ги долговите.
2. Вака нека биде прошката: секој нека му го прости своето побарување на должникот; нека не го бара долгот од својот ближен ни од својот брат, кога еднаш ќе биде прогласено Господовото проштавање на долговите.
3. Можеш да бараш од туѓинецот, ама она што ќе се најде твое кај брата ти, треба да го оставиш,
4. за да нема сиромав кај тебе. Па Господ ќе те благословува изобилно во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство за да ја имаш,
5. само ако го слушаш добро гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги и вршејќи ги сите овие заповеди што ти ги давам денес.
6. Господ, твојот Бог, ќе те благословува, како што ти вети, па ќе можеш да им даваш заеми на многу народи, а самиот не ќе треба да ги земаш; и ќе владееш над многу народи, додека тие нема да господарат над тебе.
7. Ако се најде кај тебе некаков сиромав, некој од твоите браќа, во кој и да е град во земјата што Господ, твојот Бог, ќе ти ја даде, не биди со тврдо срце ниту ги затворај своите раце спрема својот беден брат,
8. но отвори ги ширно своите раце и дај му спремно тоа што му недостига.
9. Чувај се да не ти се зароди во срцето опака мисла па да речеш: ‘Седмата година, година на проштавање на долговите, веќе наближува,’ и да не погледаш со лошо око на својот сиромашен брат и да не му дадеш ништо. Тој би Го повикал Господа против тебе, и гревот ќе биде на тебе.
10. Давај му со задоволство, а не срцето да ти биде нерасположено кога му даваш, зашто заради тоа ќе те благословува Господ, твојот Бог, во секоја твоја работа и во секој потфат на твоите раце.
11. Бидејќи бедните никогаш не ќе ги снема од земјата, ти заповедам: отвори ја ширум својата рака за својот брат, за својот беден и за оној што има потреба во твојата земја.”
12. „Ако ти се продаде тебе твојот брат – Евреин или Еврејка – нека ти служи шест години, а на седмата година пушти го слободен од кај себе.
13. Кога ќе го пуштиш слободен од при себеси, не испраќај го со празни раце.
14. Дарувај го со нешто од својот добиток, од своето гумно и од својата каца; со што веќе Господ, твојот Бог, те благословил, дај му и нему од тоа.
15. Спомнувај си како беше роб во Египетската Земја, и како Господ, твојот Бог, те откупи. Затоа ти го заповедам ова денес.
16. Но ако тој ти рече: ‘Не сакам да си одам од кај тебе,’ зашто ве љуби тебе и твојот дом, и зашто кај тебе му беше добро –
17. тогаш земи шило и продупчи му го увото при вратата, и нека ти биде роб засекогаш! Така исто направи и со својата слугинка.
18. Кога ќе го отпушташ слободен од кај тебе, нека не ти биде тешко, зашто заслужил двојна наемничка плата за шест години што ти ги служеше. Затоа Господ, твојот Бог, ќе те благослови во сè што ќе работиш.”
19. „Сите машки првородени, што ќе ги даде твојот крупен и ситен добиток, посвети Му ги на Господа, својот Бог! Затоа волот првенец не го впрегнувај ниту стрижи го првенецот на својот ситен добиток.
20. Јади го ти и твојот дом секоја година во присуство на Господа, твојот Бог, во местото што ќе го избере Господ.
21. Ама ако имаат некаков недостаток, ако бидат хроми или слепи, или ако имаат некаков грд недостаток, немој да Му ги жртвуваш на Господа, твојот Бог!
22. Изеди ги во својата куќа. И нечистиот и чистиот можат да ги јадат, како срната и еленот.
23. Единствено не смееш да ја јадеш нивната крв! Излеј ја на земјата како вода.”

16 Празникот Пасха

1.„Пази го месецот Авив и слави ја Пасхата во чест на Господа, својот Бог, зашто Господ, твојот Бог, во месецот Авив, те изведе ноќе од Египет.
2. Како Пасха во чест на Господа, својот Бог, жртвувај од ситниот и крупниот добиток во местото што Господ ќе го избере за да го настани во него Своето Име.
3. Ништо со квас не јади со неа; туку седум денови јади бесквасен леб – леб на огорчение – бидејќи набрзина излезе од Египетската Земја: за да си спомнуваш во текот на целиот свој век за денот кога излезе од Египетската Земја.
4. Седум денови нека не се гледа кај тебе квас на целото твое подрачје, и ништо од месото на жртвата што ќе ја заколеш навечер не смее да остане преку ноќта до утрото.
5. Не е дозволено да се жртвува Пасхата во кој и да е град што ќе ти го даде Господ, твојот Бог,
6. туку во местото кое ќе го избере Господ, твојот Бог, за да го настани таму Своето Име; само таму жртвувај ја Пасхата во предвечерјето, при зајдисонцето, зашто во тоа време излезе од Египет.
7. Испечи ја и изеди ја на местото што ќе го избере Господ твојот Бог. Тогаш наутро сврти се и запати се кон своите шатори.
8. Шест дни јади пресни лебови, а на седмиот ден нека биде свечен собир во чест на Господа, твојот Бог. Не работи никаква работа!”
9. „Изброј седум седмици; а тие седум недели почни да ги броиш кога српот ќе почне да го жние класјето.
10. Тогаш празнувај го празникот Седмици во чест на Господа, својот Бог, принесувајќи Му доброволен принос од своите раце, како што Господ, твојот Бог, веќе ќе те благослови.
11. И весели се тогаш пред Господа, својот Бог – на местото што Господ, твојот Бог, ќе го избере за да го настани таму Своето Име – ти, твојот син и твојата ќерка, твојот слуга и твојата слугинка, левитот кој ќе биде во твојот град, придојденикот, сиракот и вдовицата што ќе бидат кај тебе.
12. Спомни си дека и самиот беше роб во Египет. Затоа пази ги и врши ги овие одредби.”
13. „Празникот Сеници слави го седум денови, откако ќе ги собереш плодовите од твоето гумно и од својата каца.
14. Весели се на својот празник ти, твојот син, твојата ќерка, твојот слуга, твојата слугинка, левитот и придојденикот, сиракот и вдовицата што ќе се најдат во твојот град.
15. Празнувај во чест на Господа, својот Бог, седум денови на местото што ќе го избере Господ, зашто Господ, твојот Бог, ќе те благословува во сите твои жетви, во сите твои производи за да бидеш весел.
16. Трипати во годината сите твои машки нека се појават пред Господа, твојот Бог, на местото што ќе го избере: на празникот Бесквасен леб, на празникот Седмици и на празникот Сеници. Ама никој нека не доаѓа при Господа со празни раце,
17. но секој нека принесе што може, според благословот што ти го додели Господ, твојот Бог.”
18. „Во секој град, што ќе ти го даде Господ, твојот Бог, постави судии и надгледувачи за своите племиња, за да управуваат праведно со народот.
19. Не искривувај ја правдата; не биди пристрасен; не примај поткуп, зашто поткупот ги заслепува очите на мудрите, а ја загрозува работата на праведните.
20. Стреми се кон самата правда, за да живееш долго и за да ја земеш во сопственост земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава.”
21. „Не поставувај ашери и од било какво дрво околу жртвеникот на Господа, својот Бог, што ќе го издигнеш;
22. и не подигај столбови, зашто Господ, твојот Бог, го мрази тоа.”

17 забранети религиозни обичаи

1.„Не жртвувај Му на Господа, својот Бог, ни вол ни овен што би имал на себе недостаток или некакво зло, зашто тоа е гадно пред Господа, твојот Бог.
2. Ако во твојата средина – во било кој твој град, што ти го дава Господ, твојот Бог – се најде човек или жена да направи тоа што е зло во очите на Господа, твојот Бог, и да го престапи Неговиот Завет:
3. па отиде да им служи на други богови и им се поклони ним, на сонцето, на месечината, или на што и да е од небеското воинство, а што сум го забранил јас,
4. и ти се јави тебе за тоа и ти го чу тоа, тогаш испитај внимателно; и ако биде вистина, и навистина била направена таа грозотија во Израел,
5. тогаш тој човек, или таа жена, кои направија такво зло, изведи ги пред градската врата па каменувај ги за да загинат.
6. Осудените на смрт нека бидат погубени на изјава на двајца или тројца сведоци. На збор на еден сведок не смеат да бидат погубени.
7. Најнапред сведоците нека кренат рака на него за да го погубат, а потоа нека ја дигне целиот народ. Така ќе го откорнеш злото од својата средина.”
8. „Ако ти биде нешто претешко да го пресудиш: убиство, судир за правата, некаква повреда или караница во твојот град, тогаш стани и тргни кон местото што ќе го избере Господ, твојот Бог.
9. Обрни им се на свештениците, на левитите и на судиите кои ќе бидат за тоа време. Прашај ги нив, тие ќе ти пресудат.
10. И направи онака како што ќе ти речат во местото што Господ го избра, и настојувај да направиш сè, што тие ќе те научат тебе.
11. Постапи според напатствието што ќе ти го дадат и според пресудата која ќе ја донесат. Не отстапувај ни десно ни лево од пресудата што ќе ти ја кажат.
12. Ако некој би се спротивил дрско и не би ги послушал ни свештеникот, кој стои таму за да Му служи на Господа, твојот Бог, ни судијата, тој човек нека биде погубен. Така ќе го откорнеш злото од Израел,
13. а сиот народ, кога ќе научи, ќе се бои и веќе нема да се противи дрско.”
14. „Кога ќе стигнеш во земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог, имено; кога ќе ја земеш во сопственост и кога ќе се населиш во неа, па тогаш ќе речеш: ‘Сакам да поставам цар над себе, како што го имаат сите други народи околу мене’ –
15. тогаш ќе си го поставиш за цар оној, кого ќе го избере Господ, твојот Бог. Постави некого од своите браќа за цар над себеси, а не смееш да поставуваш над себеси туѓинец, кој не ти е брат.
16. Само нека не држи многу коњи, и нека не го праќа народот во Египет, за да го зголеми бројот на коњите. Зашто Господ ви рече: ‘По овој пат никогаш повеќе не се враќајте!’
17. И нека нема многу жени, за да не му тргне срцето по суета; и нека не натрупува за себе купови сребро ни злато!
18. А кога ќе седне на царскиот престол, нека го препише за себе на свиток овој Закон од свештениците левити.
19. Нека го држи покрај себе; нека го чита во секое време на својот живот, за да научи да се бои од Господа, својот Бог, за да ги пази сите зборови на овој Закон и да ги врши овие одредби;
20. за да не се издигне со срцето над своите браќа и за да не сврти настрана од оваа заповед ни десно ни лево, за да би царувал долго, тој и неговите синови, во Израел.”

18 Праварата на потомците Левиеви

1.„Свештениците левити – целото Левиево племе – нека немаат дел во наследството со Израел; нека живеат од жртвите палени на Господа и од Неговото наследство.
2. И така, нека немаат наследство меѓу своите браќа: Господ е нивно наследство, како што и им рече.
3. Ова нека биде свештеничка награда од народот – од оние што принесуваат жртва, било тоа да се говеда или овци, на свештеникот треба да му се дадат плешките, вилиците и желудникот.
4. Давај му и првина од своето жито, од своето вино, од своето масло и првината од волната на своите овци,
5. зашто него го избра Господ, твојот Бог, од сите твои племиња; него и неговите синови, за да стојат засекогаш пред Господа, твојот Бог, па да обавуваат служба и да благословуваат во името на Господа.
6. Ако некој левит, кој престојува во некој твој град, каде и да е во Израел, посака со сета своја душа да дојде во местото што го избра Господ,
7. може да служи таму во името на Господа, својот Бог, како и другите негови браќа, левити, кои служат таму пред Господа.
8. Нека јаде еднаков дел како и другите, без обѕир на продадениот татков имот.”
9. „Кога ќе влезеш во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, не приучувај се на одвратните гнасности на оние народи.
10. Кај тебе нека не се најде некој, кој би ги гонел низ оган својот син или својата ќерка; кој би се бавел со гатање, чародејство, вражање и волшебништво;
11. никој кој би баел, кој би повикувал духови и души на предците или кој би се обраќал на покојниците.
12. Зашто му се гади на Господа, секој што прави нешто такво; заради таквите одвратности нив и ги гони пред тебе Господ, твојот Бог.
13. Биди Му сосем верен на Господа, својот Бог.
14. Народите што наскоро ќе ги истераш ги слушаат вражалците и гаталците, но Господ, твојот Бог, не ти го дозволува тоа тебе.”
15. „Господ, твојот Бог, ќе ти издигне од твојата средина, од твоите браќа, Пророк, каков што сум јас: слушајте Го Него!
16. Сосем онака како што и молеше од Господа, својот Бог, на Хорив, на денот на собирот, кога велеше: ‘Не сакам веќе да го слушам гласот на Господа, својот Бог, ниту сакам веќе да го гледам тој силен оган, за да не загинам!’
17. Господ ми рече на тоа: ‘Право рекоа.
18. Ќе им издигнам Пророк од среде нивните браќа, каков што си ти. Ќе ги положам своите зборови во неговата уста, за да им каже сè што ќе му заповедам.
19. А ако некој не ги послуша Моите зборови што ќе ги зборува Пророкот во Мое име, тој ќе одговара пред Мене.
20. А пророкот, кој би се осмелил да зборува нешто во Мое име, што Јас не сум заповедал да зборува, и кој би зборувал во името на други богови, таквиот пророк нека биде погубен.’
21. Можеби ќе речеш во своето срце: ‘Како ќе го препознаеме словото што Господ не го изрекол?’
22. Кога пророкот зборува во името на Господа, па тоа не биде и словото не се исполни, тогаш тоа е зборот што Господ не го кажал. Тој пророк зборуваше во дрскост. Немој да се плашиш од него.”

19 Градови засолништа

1.„Кога Господ, твојот Бог, ги истреби народите чија земја ти ја дава тебе, па кога ги истераш и се населиш во нивните градови и домови,
2. во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, оддели три града.
3. Направи пат натаму, а тогаш подрачјето на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, подели го на три, така да може секој убиец да пребега таму.
4. Ова е случај во кој убиецот може да пребега таму и да го спаси својот живот: кога некој го убие својот ближен неволно, а да не го мразел пред тоа;
5. пример: кога ќе отиде со својот ближен во гората да сече дрва, па замавне со секирата во раката за да го кутне дрвото, железото летнува од дршката и го погаѓа неговиот другар, па тој загинува: таквиот убиец нека пребега во еден од тие градови, и ќе го спаси животот.
6. Инаку крвниот одмаздник, гонејќи го во својот бес убиецот кога патот би бил предолг – би можел да го стигне гонетиот и да го погуби, иако тој не заслужил смрт, бидејќи не го мразеше отпорано убиениот.
7. Затоа ти наредувам оддвои три града!
8. А кога Господ, твојот Бог, го прошири твоето подрачје, како што им се заколна на твоите татковци, и ти ја даде целата земја која им ја вети на твоите татковци,
9. и ако ги пазиш и вршиш сите овие заповеди што ти ги заповедав денес, и Го љубиш Господа, својот Бог, и одиш по Неговите патишта за сето време – тогаш кон овие градови додај уште три града:
10. така не ќе се пролева невина крв во твојата земја која ти ја дава Господ во наследство, и не ќе се извалкаш со крв.”
11. „Но ако некој го мрази својот ближен и го дебне, скокне на него и го убие, а потоа избега во еден од тие градови,
12. тогаш старешините на оној град нека го изведат убиецот и нека го предадат во рацете на крвниот одмаздник за да го погуби.
13. Твоето око нека не го сожалува! Така, во Израел, ќе го искорениш пролевањето на невина крв, и ќе бидеш среќен.”
14. „Не го преместувај соседовиот меѓник, со кој старите го разграничија твојот недвижен имот, што ќе го наследиш во земјата која ќе ти ја даде Господ, твојот Бог, во наследство.”
15. „Нека не станува еден единствен сведок против човек, ниту за каква вина и ниту за каков злостор. Каков и да е прекршокот, пресудата нека почива врз изјавата на двајца или тројца сведоци.
16. Ако некој лажен сведок стане против некого обвинувајќи го за буна,
17. тогаш двата кои се спорат нека стапат пред Господа, пред свештеникот и пред судиите кои ќе ја вршат службата во тоа време.
18. Судиите нека спроведат основна истрага. Ако се покаже дека сведокот е лажен и дека сведочел лажно против брата си,
19. направете му онака како што тој му намислил на својот брат. Откорнете го злото од својата средина!
20. Другите, кога ќе чујат за тоа, ќе се исплашат, па веќе не ќе прават такво зло во твојата средина.
21. Нека не ти се сожалува окото! Живот за живот; око за око; заб за заб; рака за рака; нога за нога.”

20 Закон во врска со војната

1.„Ако тргнеш во војна против своите непријатели па видиш коњи, коли и народ поброен од себе, не бој се од нив! Та со тебе е Господ, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја.
2. Пред бојот свештеникот нека истапи и нека му зборува на народот.
3. Нека им каже: ‘Чуј, Израеле! Денес тргнувате во бој против своите непријатели. Нека не ви премалува срцето! Не плашете се! Не бојте се! Не треперете пред нив!
4. Па Господ, вашиот Бог, иде со вас за да се бори за вас против вашите непријатели и да ве спаси.’
5. Потоа надгледувачите нека му проговорат на народот: ‘Има ли некој што изградил нова куќа а не се вселил во неа? Нека се врати во својата куќа, за да не загине во бојот па да се всели некој друг во неа.
6. Има ли некој што посадил лозје а уште не го брал? Нека се врати во својот дом, за да не погине во бојот па да не му го обере друг родот.
7. Има ли некој што се свршил а не се оженил? Нека се врати во својот дом, за да не погине во бојот па да не му ја одведе некој друг свршеницата.’
8. Воените началници нека продолжат и нека му речат на народот: ‘Кој се бои и кому срцето му е обесхрабрено, нека се врати во својот дом, за да не им се обесхрабрува срцето на неговите браќа како нему.’
9. Кога надгледувачите ќе го завршат говорот на народот, воените заповедници нека застанат на чело на народот.”
10. „Кога ќе дојдеш под некој град за да се нафрлиш врз него, најнапред понуди му мир.
11. Ако ти одговори со мир и ти ги отвори своите врати, сиот народ што ќе го најдеш во него претвори го во поданик, нека работи за тебе.
12. Но ако го одбие твојот мир и завојува против тебе, опсади го.
13. Кога Господ, твојот Бог, ти го предаде во рацете, погуби ги со остар меч сите негови машки!
14. А жените, децата, добитокот, сè што ќе биде во градот – сиот плен – земи ги за себе, и уживај го пленот од своите непријатели, што ти го дава Господ, твојот Бог.
15. Така постапувај со сите градови, кои се многу далеку од тебе, кои не се од градовите на овие народи оттука.
16. Во градовите на оние народи, кои Господ, твојот Бог, ти ги предава во наследство не оставај ништо во живот,
17. туку удри ги со клето уништување: Хетејците и Аморејците, Ханаанците и Ферезејците, Евејците и Евусејците, како што Господ, твојот Бог, ти нареди:
18. за да не ве научат да ги правите сите оние одвратности што им ги прават на своите богови, па да не согрешите против Господа, својот Бог.
19. Кога ќе нападнеш некој град па треба да го опсадуваш долго за да го освоиш, не ги уништувај неговите дрва засечувајќи во нив со секирата. Можеш да им го јадеш плодот, а немој да ги сечеш. Зашто полските дрва не се луѓе за да можат да избегаат пред тебе во тврдината.
20. Единствено дрвата за кои знаеш дека не се овошки можеш да ги ништиш; нив можеш да ги сечеш и да правиш од нив справи за опсадување на градот што е во војна против тебе, додека не падне.”

21 Убиство чиј извршител е непознат

1.„Ако во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, за да ја земеш во сопственост, се најде некој убиен како лежи во полето – а не се знае кој го убил –
2. тогаш нека отидат твоите старешини и судии и нека ја измерат оддалеченоста од убиениот до градовите наоколу.
3. Така ќе утврдат кој град е најблизу до убиениот. Тогаш старешините на тој град нека земат јуница што уште не работела: што уште не влекла под јарем.
4. Потоа старешините на оној град нека ја отераат јуницата во некој непресушлив поток, на место што не се обработува и што не се сее, и таму, при потокот, нека ја заколат јуницата.
5. Потоа нека дојдат свештениците, Левиевите потомци. Зашто нив ги одбра Господ, твојот Бог, за да Му служат и за да благословуваат во Господово име; и според нивниот збор се решава секој спор и секое насилство.
6. Потоа сите старешини од оној град, што ќе биде најблизу до убиениот, нека ги измијат рацете во потокот над закланата јуница.
7. Потоа нека изјават: ‘Нашите раце не ја пролеаја оваа крв ниту нашите очи видоа што и да е.
8. Закрили го, Господи, Својот народ Израел, што го ослободи; не дозволувај да се пролева невина крв во твојот Израелски народ!’ Така ќе биде заштитен од крвта.
9. А ти ќе го отстраниш пролевањето на невина крв од својата средина ако направиш што е право во Господовите очи.”
10. „Кога ќе отидеш во војна против своите непријатели, па Господ, твојот Бог, ти ги предаде во твои раце, па ги заробиш,
11. ако забележиш меѓу плениците убава жена и се загледаш во неа, можеш да ја земеш за жена.
12. Доведи ја во својата куќа, па нека ја избричи главата, нека ги потсече ноктите,
13. и нека ја отфрли облеката во која беше заробена. Нека помине цел месец во твојот дом, оплакувајќи ги татка си и мајка си. Потоа можеш да и пристапиш како маж, и нека ти стане жена.
14. Ако потоа не ти биде по волја, пушти ја каде што и е мило. Не смееш да ја продадеш за сребреници, ниту да постапуваш со неа како со робинка, зашто ти беше жена.”
15. „Ако некој човек има две жени: една што му е мила, а другата што му е немила, па милата и немилата му родат синови, ама првороденецот е од онаа што не му е возљубена,
16. тогаш, кога ќе дојде денот да го подели својот имот меѓу своите синови, не смее да постапи кон првороденецот од возљубената на штета на синот од немилата, кој е првенец,
17. туку треба да го признае за првороденец синот на невозљубената и да му даде нему двоен дел од сè што има. Зашто тој е првина на неговата сила – нему му припаѓа правото на првородството.”
18. „Ако некој има опак и непокорен син, кој не сака да ги слуша ни таткото ни мајката – па ни тогаш откако ќе го казнат –
19. неговиот татко и неговата мајка нека го одведат при старешините на својот град, при вратата на своето место,
20. и нека им речат на градските старешини: ‘Овој наш син е опак и непокорен; не сака да нè слуша; ништожник е и пијаница.’
21. Потоа сите луѓе, неговите сограѓани, нека го опсипат со камења додека не загине. Така ќе го откорнеш злото од својата средина: сиот Израел ќе го чуе тоа и ќе се бои.”
22. „Ако некој направи зло што заслужува смрт, па биде погубен со бесење на дрво,
23. неговото мртво тело нека не остане на дрвото преку ноќта, туку погреби го во истиот ден, зашто обесениот е Божјо проклетство. Така нема да ја извалкаш својата земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство.”

22 Да се цени имотот на ближниот

1.„Кога ќе видиш дека скита вол или овца на твојот брат, не поминувај покрај нив, туку отерај ги при својот брат.
2. Ако твојот брат не е близу, или не го знаеш, дотерај ги во својата куќа, па нека останат кај тебе додека твојот брат не дојде по нив. Тогаш врати му ги.
3. Така прави со неговото осле, и со неговата наметка, и со сè што ќе изгуби твојот брат, а ти ќе го најдеш. Не ти е дозволено да поминуваш покрај неговото.
4. Кога забележиш дека ослето на твојот брат или неговиот вол паднале на патот, не отстранувај се, но помогни му да ги дигне.”
5. „Жената не смее да става врз себе машка облека, а мажот не смее да се облекува во женски облеки. Кој го прави тоа, одвратен Му е на Господа, својот Бог.
6. Ако патем наидеш на птичјо гнездо, со птиченца или со јајца, на дрво или на земјата, а мајката лежи врз птиченцата или на јајцата, не земај ја мајката со пилињата:
7. пушти ја мајката на слобода, а земи ги пилињата. Така ќе имаш среќа и долг живот.
8. Кога градиш нова куќа, направи ограда на покривот, за да не ја извалкаш со крв својата куќа, кога некој би паднал од неа.
9. Не сеј разни семиња во своето лозје, за да не биде изгубен целиот едногодишен приход; и плодот на семето и родот на лозјето.
10. Не впрегнувај во плуг заедно вол и осле.
11. Не облекувај се во ткаенина исткана заедно од волна и лен.
12. Направи реси на четирите краишта на наметката со која се наметнуваш.”
13. Ако некој маж земе жена и влезе при неа, но ја замрази потоа,
14. и припише неубавини и ја озлогласи, велејќи: ‘Се оженив со неа ама кога и пристапив, не ги најдов во неа знаците на девственоста’,
15. тогаш таткото и мајката на девојката нека го земат доказот на девственоста на девојката, па нека го изнесат пред градските старешини при вратата.
16. Потоа таткото на девојката нека им проговори на градските старешини: ‘На овој човек му ја дадов ќерка си за жена, ама ја замрази.
17. Затоа и припишува сè што е грдо и тврди: „Не ги најдов во твојата ќерка белезите на девственоста.” Но еве ги девствените знаци на мојата ќерка!’ И нека ја распрострат облеката пред градските старешини.
18. Тогаш старешините на оној град нека го земат мажот и нека го казнат;
19. затоа што раширил лош глас за една израелска девица, нека го казнат со глоба од стотина сребреници па нека му ги дадат на таткото на младата жена. И таа нека му биде и натаму жена, да не може да ја отпушти додека е жив.”
20. „Но ако обвинението – дека не се најде девственоста во младата жена – биде вистина,
21. нека ја изведат девојката при куќната врата на нејзиниот татко, па луѓето на нејзиниот град нека ја засипуваат со камења, додека не умре, зашто направила срам во Израел, предавајќи му се на блудот во татковиот дом. Така ќе го откорнеш злото од својата средина.
22. Ако некој маж биде најден како лежи со жена мажена за друг, двата – и мажот кој лежеше со жената и самата жена – нека бидат погубени. Така ќе го откорнеш злото од Израел.
23. Ако млада девица, верена за некого во градот, ја сретне друг човек и легне со неа,
24. доведете ги двата при вратата на тој град па ги опсипувајте со камења додека не умрат: девојката зашто не викаше помош од градот, а мажот дека ја оскверни жената на својот ближен. Така ќе го откорнеш злото од својата средина.
25. Ако маж наиде во полето на свршена девојка и легне насила со неа, тогаш нека биде погубен само тој што легнал со неа;
26. а на девојката не и прави ништо: нема на неа вина со која би заслужувала смрт. Зашто тоа е како кога некој ќе се нафрли врз својот ближен и ќе го убие.
27. Тој ја затекна во полето; и ако свршената девојка викаше, немало никој да и прискокне на помош.
28. Ако маж наиде на млада девица, која не е верена, па ја грабне и легне со неа, та биде фатен на дело,
29. тогаш мажот кој лежеше со неа нека му даде педесет сребреници на моминиот татко. А бидејќи ја оскверни, нека ја земе за жена, да не може да ја пушти додека е жив.
30. Нека никој не се жени со жената на својот татко и нека не ја открива татковата покривка.”

23 Луѓе кои не се примаат во заедницата Господова

1.„Нека не биде примен во Господовото собрание скопениот или кому му е пресечен половиот член.
2. Ни вонбрачно родениот нека не биде примен во Господовото собрание; нека не бидат примани ни неговите во Господовото собрание ни до десеттото колено.
3. Во Господовото собрание нека не влегува ни Амонец ни Моавец; никој од нивните, па ни во десеттото поколение, не смее никогаш да влегува во Господовото собрание.
4. А сè заради тоа што не излегоа пред вас со леб и вода кога бевте на пат, откако излеговте од Египет; и затоа што за пари го најмија Веоровиот син, Валаам од Фегор во Арам Нахараим, за да те проколне.
5. Ама Господ, твојот Бог, не сакаше да го послуша Валаама, туку Господ, твојот Бог, го претвори проклетството во благослов, зашто Господ, твојот Бог те љуби.
6. Никогаш не ги подобрувај нивната благосостојба и нивниот имот во сите свои дни довека.
7. Не го презирај Едомецот, зашто тој е твој брат. Не презирај го ни Египетецот, зашто беше придојденик во неговата земја.
8. Нивните потомци можат да бидат примени во Господовото собрание во третото поколение.
9. Кога ќе тргнеш со логорот против своите непријатели, чувај се од секакво зло.”
10. „Ако некој меѓу твоите стана нечист заради ноќното излевање, нека излезе од логорот и нека не се враќа во него.
11. А приквечер нека се искапе во вода, па по зајдисонце може пак во логорот.
12. Имај место надвор од живеалиштето каде ќе одиш понадвор.
13. Со својата спрема носи и лопатче; со него, кога ќе одиш понадвор, ќе ископаш дупка и после ќе ја покриеш својата нечистота.
14. Та Господ, твојот Бог, оди низ средината на твојот логор за да те штити и за да ти ги предаде твоите непријатели. Затоа и твојот логор треба да биде свет. Нека Господ не забележи ништо нечисто во тебе, за да не се одврати од тебе.”
15. „Не смееш да му го предадеш на господарот робот, кој пребегал при тебе.
16. Нека престојува со тебе во твојата средина, во местото што ќе го избере во еден од твоите градови, каде ќе му се допадне.
17. Нека нема светилишна блудница меѓу Израелевите ќерки и нека нема светилишен блудник (содомист) меѓу Израелевите синови!
18. Не донесувај во Господовиот дом, ниту за каков завет, блудничина плата, ниту кучешки сребреници, зашто двете му се одвратни на Господа, твојот Бог.
19. Не барај лихва од својот брат ниту лихва за сребреници, ниту лихва за храна, ниту лихва на што и да е, каде обично се бара.
20. Од туѓинецот можеш да бараш лихви, ама не ги барај од својот брат, за да ти даде Господ, твојот Бог, благослов во секој потфат на твоите раце во земјата во која одиш да ја земеш во сопственост.
21. Кога ќе му заветуваш некаков завет на Господа, на својот Бог, не двоуми се да го исполниш. Навистина, Господ, твојот Бог, ќе го бара од тебе; и ќе имаш грев.
22. Ако не се заветуваш, нема да имаш грев.
23. Но исполни го она што ќе помине преку твоите усни, завет што му го обрече слободно со своите усни на Господа, својот Бог.
24. Ако влезеш во лозјето на својот сосед, слободно ти е да јадеш грозје колку што сакаш, но не смееш да ставаш во својот сад.
25. Ако влезеш во житото на својот сосед, можеш да кинеш класје со раката, но не смееш да принесуваш срп до житото на својот ближен.”

24 За истераната жена

1.„Кога некој ќе земе жена и ќе постапи со неа како маж, а потоа открие на неа нешто неубаво, па таа веќе не наоѓа милост во неговите очи, и тој и напишува разводно писмо, и го дава во раката и ја истерува од својата куќа.
2. А таа откако ќе излезе од неговата куќа, отишла и се омажила за друг маж,
3. па му стана замразена и на тој втор, па и тој и напишува отпусно писмо, и го дава и ја истерува од својата куќа – или ако умре тој што ја зел втор
4. тогаш, бидејќи така се онечистила, не може пак да ја земе оној прв маж, кој ја беше отпуштил. Тоа би било одвратно пред Господа, и не смееш да ја вовлекуваш во грев земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство.
5. Ако некој штотуку се оженил, нека не оди во војската; нека не му се доделува никаква служба, туку ослободен, нека остане дома една година, за да ја развеселува жената што ја довел.
6. Нека не се зема во залог мелница, ни горниот ни долниот дел; па со тоа би бил земен во залог самиот живот.
7. Ако се најде некој да грабне некого од своите браќа Израелци па постапува со него како со роб или ако го продаде, тој грабнувач нека биде погубен! Така ќе го откорнеш злото од својата средина.
8. Ако се појави лепрата, внимавај да пазиш и вршиш грижливо сè она што ќе ве поучат левитските свештеници. Пазете и вршете го тоа што им наредувам ним.
9. Спомнувај си што и стори Господ, твојот Бог, на Маријам на патот, кога излеговте од Египет.
10. Кога на својот ближен му даваш каков и да е заем, не влегувај во неговата куќа за да му земеш залог.
11. Стој надвор, а човекот кому си му дал заем нека ти го изнесе залогот надвор.
12. А ако е тој сиромав, не легнувај со неговиот залог;
13. при зајдисонце треба да му го вратиш залогот, за да може тој да спие во својата наметка и да те благословува тебе. Тоа ќе ти биде добро дело пред Господа, твојот Бог.
14. Не го онеправдувај јадниот и бедниот наемник, било да е тој твој сонародник или придојденик од некој град во твојата земја.
15. Секој ден давај му ја заработката пред зајдисонце, зашто е беден и воздивнува по неа. Така не ќе извика против тебе кон Господа, и не ќе согреши.
16. Нека не се осудуваат на смрт татковците заради синовите ниту синовите заради татковците; нека секој гине заради својот грев.
17. Не ја извртувај правдата на придојденикот ни на сирачето, и не земај ја во залог облеката на вдовицата.
18. Спомни си дека беше робје во Египет, и дека оттаму те избави Господ, твојот Бог, затоа ти налагам да ја вршиш оваа заповед.
19. Кога жниеш жито на својата нива па заборавиш некој сноп на нивата, не се враќај по него; нека остане на придојденикот, на сирачето и на вдовицата, за да те благослови Господ, твојот Бог, во секој потфат на твоите раце.
20. Кога еднаш ќе ги исчукаш своите маслинки, не пребарувај веќе зад себе; нека им остане тоа на туѓинецот, на сирачето и на вдовицата.
21. Кога ќе го обереш своето лозје, не дособерувај го зад себе; нека им биде тоа на придојденикот, на сирачето и на вдовицата.
22. Спомни си како беше роб во Египетската Земја; затоа ти заповедам да ја вршиш оваа повелба.”

25 Правила за праведно судење

1.„Кога ќе стане караница меѓу луѓето, и дојдат на суд за да им се суди, нека му се даде правото на оној кој е прав, а виновникот нека биде осуден.
2. Ако кривецот заслужува да биде бичуван, судијата нека му нареди да легне, и тука пред него нека му избројат онолку удари колку му следуваат според неговата вина.
3. Можат да му се одредат до четириесет удари, но не повеќе, за да не биде преголемо синилото, па да не се понижи пред тебе твојот брат, кога би му удриле повеќе удари.
4. Не заврзувај му ја устата на волот кога врши.
5. Кога браќата живеат заедно па едниот од нив умре, а да немал син, жената на покојниот нека не се премажува надвор од куќата, туку нека и пристапи кон неа нејзиниот девер и нека си ја земе за жена, па да ја изврши деверската должност.
6. А првиот син што таа ќе го роди нека му остане по име на неговиот брат, за да не изумре неговото име во Израел.
7. Ако, меѓутоа, човекот не сака да се ожени со својата снаа, тогаш неговата снаа нека дојде при вратата пред старешините и рече: ‘Мојот девер не сака да го запази името на својот брат во Израел; не сака да ми ја исполни деверската должност.’
8. Старешините на неговиот град нека го повикаат и нека го прашаат. Ако биде упорен и рече: ‘Не сакам да се женам со неа,’
9. неговата снаа нека пристапи кон него, пред очите на старешините, па нека му ја извади обувката од ногата, нека му плукне во лицето и нека ги рече овие зборови: ‘Вака му се прави на човек, кој не сака да го подигне домот на својот брат!’
10. Тој нека биде наречен во Израел: „Дом на босиот.”
11. Ако двајца се степат, па жената на едниот тргне да го избави својот маж од рацете на оној кој го бие, и таа ја испружи својата рака и го фати оној за срамниот член,
12. отсечи и ја раката, и нека не ја сожалува твоето око.
13. Не носи двоен тег во торбата, поголем и помал.
14. Во својата куќа пак не држи двојна ефа: поголема и помала.
15. Тегот нека ти е потполн и точен, и ефата нека ти е потполна и точна, за да живееш долго во земјата која ти ја дава Господ, твојот Бог.
16. Па на Господа на твојот Бог, му е одвратен оној кој го прави тоа, кој прави неправда.
17. Спомни си за она што ти направи Амалик додека бевте на пат, откако излеговте од Египет;
18. како те пречека на патот и ги истепа во твојата заднина сите немоќни, кога беше уморен и исцрпен, зашто не се боеше од Бога.
19. И затоа, кога Господ, твојот Бог, те смири од сите твои непријатели наоколу во земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, избриши го под небото споменот на Амалика. Не заборавај!”

26 Годината на десетоците

1.„Кога ќе стигнеш во земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, кога ќе ја земеш во сопственост и кога ќе се населиш во неа,
2. земи малку првини од секој плод, што ќе го добиваш од земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава: стави ги во кошница, отиди во местото што Господ, твојот Бог, ќе го избере за да го настани во него Своето Име.
3. Пристапи му на свештеникот, кој тогаш ќе ја врши службата, и речи му: ‘Признавам денес пред Господа, својот Бог, дека стигнав во земјата, за која Господ им се заколна на нашите татковци дека ќе ни ја даде.
4. Потоа свештеникот ќе ја земе кошницата од твојата рака и ќе ја положи пред жртвеникот на Господа, твојот Бог.
5. Тогаш ти продолжи и кажи пред Господа, својот Бог: ‘Мојот татко беше арамејски скитник, кој со малку деца стигна во Египет за да се засолне. Ама таму стана голем, многуброен и силен народ.
6. Египетците постапуваа со нас лошо; нè угнетуваа и ни наметнаа тешко ропство.
7. Извикнувавме кон Господа, кон Бога, на нашите татковци. Господ го чу нашиот извик; ги виде нашиот јад, нашата неволја и нашата мака.
8. Господ нè изведе од Египет со силна рака и со испружена мишка, со голем страв со знаци и со чудеса.
9. И нè доведе на ова место и ни ја даде оваа земја, земја во која течат мед и млеко.
10. И ете, сега, ги донесувам најпрвите плодови од почвата што си ми ја дал, Господи.’ Стави ги пред Господа, својот Бог, и искажи Му почитување.
11. А тогаш заедно со левитот и со придојденикот, кој ќе биде кај тебе, уживај ги сите добра со кои Господ, твојот Бог, те опсипа тебе и твојот дом.
12. А кога во третата година – годината на десетоците – го завршиш одделувањето на сите десетоци од своите приходи и им ги дадеш на левитот, на придојденикот, на сирачето и на вдовицата по твоите градови, за да јадат до наситка,
13. тогаш, пред Господа, својот Бог, изјави: ‘Од дома го отстранив она што беше посветено. Им дадов уште и на левитот, на придојденикот, на сирачето и на вдовицата, според сите Твои заповеди што си ми ги дал. Не прекршив и не заборавив ниедна Твоја заповед.
14. Ништо не јадев од тоа при жалост; ништо не жртвував од тоа во нечистота, ниту му дадов нешто од тоа на мртовецот; го слушав гласот на Господа, својот Бог; во сè направив како што ми нареди.
15. Погледај од небесата, од Своето Свето Живеалиште, и благослови го својот Израелски народ и земјата која ни ја даде, земјата во која течат мед и млеко – како што им се заколна на нашите татковци.’”
16. „Господ, твојот Бог, ти заповеда денес да ги вршиш овие закони и одредби. Пази ги, и така, и исполнувај ги со сето свое срце и со сета своја душа.
17. Денес се договори со Господа дека Тој ќе ти биде Бог, а ти дека ќе одиш по Неговите патишта, дека ќе ги пазиш Неговите закони, Неговите заповеди и Неговите одредби, и дека ќе го слушаш Неговиот глас.
18. Денес Господ се договори со тебе дека ти ќе бидеш Негов народ, Неговата премила сопственост, како што ти ветил, и дека ќе ги пазиш сите Негови заповеди.
19. Тој ќе те возвиши со чест, со име и со слава над сите народи што ги создал; и ти ќе бидеш народ посветен на Господа, својот Бог, како што ти рече.”

27 ИЗРАИЛ ГО ПРОСЛАВУВА ЗЕВЕТОТ

1.Потоа Мојсеј и израелските старешини му наложија на народот: „Вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес.
2. Во оној ден кога ќе преминете преку Јордан во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, подигни си големи камења, варосај ги со вар
3. и напиши ги врз нив сите зборови на овој Закон во мигот кога ќе влегуваш во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, во земјата во која течат мед и млеко, како што им рече Господ Бог на твоите татковци.
4. И така, кога ќе поминеш преку Јордан, тогаш тоа камење, како што ти заповедам денес, подигни го на гората Евал, и варосај го со вар.
5. Таму изгради Му и жртвеник на Господа, својот Бог – жртвеник од камења, врз кои не си спуштил железо.
6. Жртвеникот на Господа, својот Бог, изгради го од неделкани камења. На него принесувај Му паленици на Господа, својот Бог.
7. Принесувај и помирителни жртви и јади ги таму, радувајќи се пред Господа, својот Бог.
8. Напиши ги на тие камења сите зборови на овој Закон: врежи ги добро.”
9. Потоа Мојсеј и левитските свештеници му рекоа на сиот Израел: „Внимавај, Израеле, и слушај! Денес стана народ на Господа, својот Бог.
10. Затоа слушај го гласот на Господа, својот Бог, и извршувај ги Неговите заповеди и Неговите закони, што ти ги заповедам денес.”
11. Во оној ден Мојсеј му нареди на народот:
12. „Кога ќе поминете преку Јордан, овие племиња: Симеон, Левиј, Јуда, Исахар, Јосиф и Венијамин, нека застанат на гората Гаризим за да го благословуваат народот.
13. А овие: Рувим, Гад, Асир, Завулон, Дан и Нефталим нека застанат на гората Евал за да проколнуваат.
14. Тогаш левитите нека го преземат зборот и нека им речат со силен глас на сите Израелци:
15. ‘Проклет да биде кој ќе направи леан или делкан лик – гнасна работа пред Господа, дело на ракотворец, па иако го стави на скришно место.’ И сиот народ нека одговори: ‘Амин!’
16. ‘Проклет да биде, кој ги навредува татка си и мајка си!’ И сиот народ да рече: ‘Амин!’
17. ‘Проклет да биде кој ќе го помести меѓникот на соседот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
18. ‘Проклет да биде, кој ќе го заведе слепецот од патот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
19. ‘Проклет да биде, кој би им ја извртел правдата на придојденик сирачето или вдовицата!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
20. ‘Проклет да биде, кој ќе легне со жената на својот татко, зашто ја откри покривката на татака си!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
21. ‘Проклет да биде, кој ќе легне со какво и да е животно!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
22. ‘Проклет да биде, кој ќе легне со својата сестра, било да е таа ќерка на неговиот татко или ќерка на неговата мајка.’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
23. ‘Проклет да биде кој ќе легне со својата тешта!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
24. ‘Проклет да биде, кој ќе го убие потајно својот ближен!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
25. ‘Проклет да биде, кој ќе прими поткуп за да му донесе смрт на невиниот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
26. ‘Проклет да биде, кој не ќе ги пази зборовите на овој закон, да ги врши!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’”

28 Ветувања за благослов

1.„Ако навистина го послушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги и вршејќи ги сите негови заповеди што ти ги наредувам денес, Господ, твојот Бог, ќе те возвиши над сите народи на земјата.
2. Сите овие благослови ќе слезат над тебе и ќе те стигнат ако го слушаш гласот на Господа, својот Бог.
3. Благословен ќе бидеш во градот, благословен во полето.
4. Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, родот на твојата земја, плодот на твојот добиток: рожбите на твоите говеда и на твоите стада.
5. Благословен ќе биде твојот кош, и твоите ноќви.
6. Благословен ќе бидеш кога ќе влегуваш, благословен кога ќе излегуваш.
7. Твоите непријатели, кои ќе се кренат против тебе, Господ ќе ги положи пред тебе поразени; по еден пат ќе излезат против тебе, а по седум патишта ќе се разбегаат пред тебе.
8. Господ ќе нареди благословот да биде со тебе во твоите житници и во секој потфат на твојата рака, и ќе те благословуваат во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава,
9. Господ ќе направи од тебе народ посветен на Себеси, како што ти се заколна, ако ги пазиш заповедите на Господа, својот Бог, и ако одиш по неговите патишта.
10. Сите народи на земјата ќе видат дека се наречуваш со Господовото име, па ќе стравуваат од тебе.
11. Господ ќе те опсипе со изобилни блага: со пород на твојата утроба, со прираст на твојот добиток и со родот на твојата почва во земјата, за која Господ им се заколна на твоите татковци дека ќе ти ја даде.
12. Господ ќе ти ја отвори Својата богата ризница – небото – за да дава дожд во твојата земја во право време и да го благослови секој потфат на твоите раце. Ќе им даваш на заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем.
13. Господ ќе те држи на чело, а не на задното место; секогаш ќе бидеш на врвот, никогаш на дното, ако ги слушаш заповедите на Господа, својот Бог, што ти ги наредувам денес за да ги држиш и вршиш.
14. Немој да отстапуваш ниту од еден збор што ви го наложувам денес – ни десно ни лево, одејќи по други богови и искажувајќи им почитување.”
15. „Но ако не го слушаш гласот на Господа, својот Бог, не пазејќи и не извршувајќи ги Неговите заповеди и сите Негови закони што ти ги наредувам денес, сите овие проклетства ќе дојдат врз тебе и ќе те стигнат:
16. Проклет ќе бидеш во градот, проклет во полето.
17. Проклет ќе биде твојот кош, и твоите ноќви.
18. Проклет ќе биде плодот на твојата утроба и родот на твојата земја, младите на твоите говеда и прирастот на твоите стада.
19. Проклет ќе бидеш кога ќе влегуваш, проклет кога ќе излегуваш.
20. Господ ќе пушта на тебе проклетство, забуна и клетва во сè кон што ќе ја испружиш својата рака за да направиш, сè додека не бидеш сотрен и не пропаднеш брзо заради злото на своите дела, со кои Ме напушти.
21. Господ ќе го испрати поморот врз тебе додека те снема од земјата во која одиш, за да ја завладееш.
22. Господ ќе те удри со истоштеност, со треска, со воспаление, со жега и со суша, со сувиот ветер и со гламница; тоа ќе те гони додека те снема.
23. Небесата над твојата глава ќе станат бронза, а почвата под твоите нозе ќе стане железна.
24. Место дожд, Господ ќе и даде на твојата земја пепел, и од небото ќе паѓа прав, ќе паѓа на тебе додека не бидеш истребен.
25. Господ ќе те направи да бидеш поразен пред твоите непријатели; по еден пат ќе излегуваш против нив, а по седум патишта ќе бегаш пред нив. Ќе станеш страшило за сите земни царства.
26. И твоето мртво тело ќе им стане храна на сите небесни птици и на сите земни ѕверови. Не ќе има никој за да ги плаши.
27. Господ ќе те удри со египетски приштови, со чиреви, со красти и со јадеж, од кои не ќе можеш да се исцелиш.
28. Господ ќе те удри со беснило, со слепота и со лудило;
29. на сред бел ден ќе талкаш како што талка слепиот во мрак; не ќе имаш успеси во своите потфати; во сето време ќе бидеш притискан и ограбуван, а не ќе има никој за да те спаси.
30. Ќе се ожениш за жена, но друг ќе ја има. Ќе изградиш куќа, но не ќе живееш во неа. Ќе засадуваш лозје, но нема да го береш.
31. Ќе го заколат твојот вол пред твои очи, но ти нема да јадеш од него; ќе ти го одземат твоето осле пред тебе, но нема да ти го вратат; ќе му го предаваат твоето стадо на твоите непријатели, а не ќе има никој за да ти дојде напомош.
32. Твоите синови и твоите ќерки ќе му бидат предавани на друг народ. Твоите очи ќе солзат секој ден, но твојата рака не ќе може ништо.
33. Народ, што ти не го познаваш, ќе го јаде плодот на твојата земја и сета твоја мака, додека ти ќе бидеш, во сето време, притискуван и газен.
34. Ќе полудиш од глетките што ќе ти гледаат твоите очи.
35. Господ ќе те удри со лути приштови, по колениците и по бедрата – од стапалата на твоите нозе до темето на твојата глава – од кои не ќе можеш да се излекуваш.
36. Господ ќе ве одведе и тебе и твојот цар, кого ќе го поставиш над себе си, меѓу народ непознат и тебе и на твоите очи, па таму ќе им служиш на други богови, дрвени и камени.
37. Ќе им бидеш за чудење, за пословица и за потсмев на сите народи, меѓу кои ќе те одведе Господ.
38. Многу семе ќе фрлаш во полето, ама малку ќе жнееш, зашто родот ќе го оголат скакулците.
39. Ќе посадиш лозје и ќе го обработуваш, но вино нема да пиеш ниту ќе собереш нешто, зашто црв ќе ги јаде.
40. Ќе имаш маслинки на целото свое подрачје, но нема да се намачкаш со масло, зашто маслинките ќе ти паѓаат.
41. Ќе раѓаш синови и ќерки, но нема да бидат твои, зашто ќе одат во ропство.
42. Сите твои дрва и родот на твојата земја ќе станат плен на бубачките.
43. Придојденикот, кој ќе биде во твоја средина, ќе се воздигне над тебе, а ти ќе паѓаш сè пониско и пониско.
44. Тој ќе ти дава на заем, а не ти нему; тој ќе биде глава а ти опашка.
45. Сите овие проклетства ќе те снајдат, ќе те гонат и ќе те достигнат додека не те уништат, зашто не го слушаше гласот на Господа, својот Бог, ниту ги пазеше Неговите заповеди и закони, што ти ги даде.
46. Тие ќе ви служат за чудесен знак тебе, и на твоето потомство засекогаш.
47. Бидејќи не сакаше да му служиш на Бога, својот Бог, со весело и радосно срце заради изобилството на сè
48. ќе му служиш на својот непријател, кого Господ ќе го испрати против тебе, во глад, во жед, во голота и во секаква скудност. На твојот врат ќе навали јарем од железо, така што ќе те измачува!
49. Господ ќе доведе од далечина, од крајот на земјата, против тебе народ, што ќе слета како орел. Тоа ќе биде народ чиј јазик не ќе го разбираш;
50. бездушен народ, кој не ќе пројавува обѕир кон старите ниту ќе се смилува кон младите.
51. Тој ќе ти ги јаде: младите од твојот добиток и плодот на твојата земја додека не те уништи; не ќе ти остава ни жито, ни вино, ни масло, ни теле од крава, ни прираст од стадата, додека не те упропасти.
52. Ќе те опсадува во сите твои градови ширум низ земјата додека не ги разурне високите и утврдените ѕидови на кои што си се надевал; ќе те опсадат во сите твои градови ширум низ земјата, што ти ја даде Господ, твојот Бог.
53. Во притеснувањето и во јадот, со кои ќе те притисне твојот непријател, ќе го јадеш плодот на твојата утроба – месото на своите синови и своите ќерки, што ќе ти ги даде Господ, твојот Бог.
54. Човекот, најнежниот и најмекиот сред тебе, ќе гледа со злобно око на својот брат, на жената во својата прегратка и на своите деца што му останаа,
55. не сакајќи ниту со еден од нив да го дели месото на своите синови, што ќе го јаде, зашто заради притеснувањето и јадот, со кои твојот непријател, ќе те притиска по сите твои градови, друго не ќе му останува.
56. И жената, најнежна и најмека што ќе биде сред тебе – толку нежна и воздржана што не се осмелува да ги спушти стапалата на земја – ќе гледа со злобно око на мажот во својата прегратка, и на својот син, и на својата ќерка,
57. и на својата постелка што ќе и излезе меѓу нозете, и на децата што ќе треба да ги роди, зашто ќе ги изеде скришно, скудна во сè, заради неволјата и јадот со кои ќе те притисне твојот непријател по сите твои градови.
58. Ако не ги пазиш и не ги вршиш зборовите на овој Закон, што се напишани во оваа книга, не почитувајќи го ова славно и страшно Име – Господа, својот Бог –
59. Господ ќе ве шибне тешко, тебе и твоето потомство, со големи и долготрајни бичеви, со погубувачки и долги болести.
60. Ќе ги пушти на тебе сите египетски зла, од кои се плашеше, и тие ќе се прилепат до тебе.
61. А и секоја друга болест и бич, кои не се наведени во книжниот свиток на овој Закон, Господ ќе ги пушта на тебе додека не те уништи.
62. Ќе останете само малку од вас што бевте многубројни како небеските ѕвезди, а сè заради тоа што не го слушаше гласот на Господа, својот Бог.
63. Како што се радуваше Господ со вас, правејќи ве среќни и множејќи ве, така Господ ќе се радува да ве истреби и погуби, за да се откорнете од земјата во која одите, за да ја земете во сопственост.
64. Господ ќе ве расфрли по сите народи, од крајот до крајот на земјата; таму ќе им служиш на други богови: дрвени и камени – кои ви беа непознати и тебе и на твоите татковци.
65. Но нема да имаш мир меѓу тие народи; ниту твоите стапала ќе имаат почивалиште, туку таму Господ ќе ти даде возбудено срце, пропаднати очи, изнемоштена душа.
66. Твојот живот ќе виси на нишка; ќе се боиш и дење и ноќе, и не ќе бидеш безбеден за својот живот.
67. Од стравот, што ќе ти го стега срцето, и од глетката што ќе ја гледаат твоите очи, наутро ќе зборуваш: ‘Ох да е веќе вечер!’ а навечер ќе зборуваш: ‘Ох да е веќе утро!’
68. Господ ќе те одведе со кораби, назад во Египет, по патот за кој ти реков дека не смееш веќе да го видиш. Таму вие самите ќе им се продавате на вашите непријатели за робови и робинки, но не ќе има купувачи.”

29 ПОСЛЕДЕН ГОВОР НА МОЈСЕЈ

1.Тоа се зборовите на Заветот што Господ му го пропиша на Мојсеја за да го склучи со Израелците во Моавската Земја, освен Заветот што го склучи со нив на Хорив.
2. Мојсеј го свика сиот Израел па им рече: „Видовте пред свои очи, сè што им стори Господ, во Египетската Земја, на фараонот, на сите негови службеници и на целата негова земја:
3. големите искушенија што ги видоа твоите очи, силните знаци и чудеса!
4. Ама Господ не ви даде до денес разум за да сфатите, очи за да гледате, ни уши за да слушате.
5. Ве водев низ пустината четириесет години; облеката на вас не се искина ниту обувките на вашите нозе се скинаа.
6. Леб не јадовте; вино ни друг опоен пијалак не пиевте, за да би сте знаеле дека Јас Сум Господ, ваш Бог.
7. Кога стигнавте на ова место, Сихон, царот есевонски, и Ог, царот васански, излегоа пред нас на бој, ама ги поразивме.
8. Ја зазедовме нивната земја па им ја дадовме во наследство на Рувимовците, Гадовците и на половината од Манасиевото племе.
9. Пазете ги и вршете ги зборовите на овој Завет, за да успевате во сè што ќе преземете.
10. Денес сите стоите пред Господа, својот Бог, вашите племенски главатари, вашите старешини и вашите надгледувачи, сите Израелеви мажи,
11. вашите деца, вашите жени, и придојденикот, кој е во твојот логор – од оној, кој ти сече дрва до оној, кој ти носи вода –
12. за да стапите во Завет со Господа, својот Бог, во Завет, потврден со заклетва, што Господ, твојот Бог, го склучува денес со тебе,
13. за да направи денес од тебе Свој народ, и Тој да ти биде Бог, како што ти рече и како што им се заколна на твоите татковци: на Авраама, Исака и Јакова.
14. И не го склучувам денес овој Завет со заклетва само со вас,
15. туку и со секој, кој стои денес тука со нас пред Господа, нашиот Бог, и со секој, кој не е денес тука со нас.”
16. „Самите знаете како престојувавме во Египетската Земја и како поминавме среде народите низ кои требаше да пропатуваме.
17. Ги видовме: нивните расипаности, нивните идоли од дрво и камен, од сребро и злато, што ги имаа.
18. Нека нема меѓу вас маж ни жена, род ни племе, чие срце би се одвратило од Господа, нашиот Бог, па да оди и да им служи на боговите на оние народи. Нека нема меѓу вас корен што ќе раѓа отров и пелин.
19. Нека никој, откако ќе ги чуе зборовите на ова проклетство, не се надева на благослов, велејќи во своето срце: ‘Без оглед на тоа, ќе бидам среќен, дека ќе можам да одам според жестокоста на моето срце.’ Тоа би го погубило ситиот заедно со гладниот.
20. На таквиот, Господ никогаш нема да му прости, туку Господовиот гнев и јарост ќе се излеат врз тој човек, така што секое проклетство, запишано во таа книга, ќе падне на него, па Господ ќе го избрише неговото име под небото.
21. Според сите проклетства на Заветов, запишани во книжниот свиток на овој Закон, Господ ќе го отстрани, за негова пропаст, од сите израелски племиња.
22. Идното поколение, вашите синови по вас, и странците кои ќе дојдат од далечни земји, кога ќе ги видат лошотиите на оваа земја и болестите, што Господ ќе ги пушти на неа, ќе речат:
23. ‘Сета негова земја е само сулфур и сол; ниту се сее нешто ниту никнува нешто; никаква тревка не расте на неа; еднаква е на разурнатиот Содом и Гомор, Адма и Севоим, што Господ ги разурна во Својата лутина и гнев.’
24. И сите народи ќе се прашуваат: ‘Зошто Господ и направи вака на оваа земја? Каква ли беше жестокоста на тој силен гнев?’
25. Тогаш ќе им се рече: ‘Зашто го оставија Заветот што Господ, Бог на нивните татковци, го склучи со нив кога ги изведе од Египетската Земја;
26. и бидејќи отидоа да им служат на други богови и им се клањаа ним, на боговите кои не ги познаваа и кои Тој не им ги одреди.
27. Затоа Господовиот гнев се излеа на оваа земја, и на неа падна сето проклетство запишано во овој книжен свиток.
28. Господ ги откорна од нивната земја во лутина, во расрденост и во голем гнев, па ги фрли во друга земја. Така е и денес.’
29. Што е скриено, Му припаѓа на Господа, нашиот Бог, а објавата нам и на нашите синови засекогаш, за да ги вршиме зборовите на овој Закон.”

30 Израил ќе му се врати на Господ

1.„Кога сите овие зборови, благословот и проклетството што денес ги ставам пред тебе, те снајдат, а ти ги земеш при срце среде сите народи меѓу кои Господ, твојот Бог, ќе те протера,
2. и се обрнеш кон Господа, својот Бог, и го послушаш – и ти и твоите синови – Неговиот глас од сето свое срце и од сета своја душа во сè што денес ти наредив,
3. тогаш Господ, твојот Бог, ќе ги врати твоите заробеници; ќе се смилува на тебе и пак ќе те собере од сите народи меѓу кои те протерал Господ, твојот Бог.
4. И до крајот на небесата ако бидеш отфрлен, Господ твојот Бог ќе те собере оттаму, и ќе те земе оттаму.
5. Господ, твојот Бог, ќе те доведе во земјата, која ја имаа во сопственост твоите татковци, за да ја завладееш ти; ќе те направам посреќен и поброен од твоите татковци.
6. Господ, твојот Бог, ќе го обреже твоето срце, срцето на твоето потомство, така што ќе го љубиш Господа, својот Бог, од сето свое срце и од сета своја душа, па да живееш.
7. Господ, твојот Бог, ќе ги наведе сите овие проклетства на твоите непријатели, на твоите мразители, кои те гонеа.
8. А ти наново ќе го слушаш Господовиот глас и ќе ги вршиш сите Негови заповеди, што денес ти ги давам.
9. Господ, твојот Бог, ќе те наградува изобилно во секој потфат на твоите раце, во плодот на твојата утроба, во плодот на твојот добиток, и во родот на твојата плодна почва; зашто Господ ќе се радува пак над твоето добро, како што се радуваше над доброто на твоите татковци,
10. кога ќе го послушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги Неговите заповеди и Неговите наредби запишани во книжен свиток на овој Закон, односно кога ќе му се обрнеш на Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа.”
11. „Оваа заповед, што ти ја давам денес, не е длабока за тебе ниту е предалеку од тебе.
12. Не е на небесата, за да би рекол: ‘Кој ќе се искачи за нас на небесата, па да ни ја објави за да ја вршиме.’
13. Не е ни преку море, за да би можел да речеш: ‘Кој ќе тргне за нас преку море, за да ни ја донесе и да ни ја објави па да ја вршиме!’
14. Зашто, заповедта е сосем близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце, за да ја извршуваш.”
15. „Гледај! Денес ставам пред тебе: живот и среќа, смрт и несреќа.
16. Ако ги послушаш заповедите на Господа, својот Бог, кои ти ги давам денес – ако ги послушаш љубејќи Го Господа, својот Бог, одејќи по неговите патишта, вршејќи ги Неговите заповеди, Неговите закони и Неговите уредби, ќе живееш и Господ, твојот Бог, ќе те размножи и ќе те благослови во земјата во која влегуваш за да ја земеш во сопственост.
17. Ама ако твоето срце се одврати и не послушаш, туку тргнеш по заблуда и се клањаш на други богови и ним им служиш,
18. Јас ви изјавувам денес дека навистина ќе пропаднете; не ќе живеете долго на земјата во која, откако ќе поминете преку Јордан, ќе влезете за да ја земете во сопственост.
19. Ги земам денес за сведоци против вас небото и земјата дека пред вас ставам: живот и смрт, благослов и проклетство. И така, избери го животот,
20. љубејки Го Господа, својот Бог, за да живееш ти и твоето потомство. Па Тој е твојот живот, твојот долг век, за да можеш да престојуваш мирно во земјата за која Господ им се заколна на твоите татковци Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја даде.”

31 ЗБОГУВАЊАТА И СМРТТА НА МОЈСЕЈ

1.Мојсеј дојде да му ги упати овие зборови на целиот Израел:
2. „Мене ми се денес сто и дваесет години – им рече – не можам веќе да влегувам и да излегувам. А Господ ми рече: ‘Не ќе поминеш преку овој Јордан!’
3.Самиот Господ, твојот Бог, ќе премине пред тебе; Тој ќе ги порази пред тебе оние народи, за да ги истерате од земјата. Исус ќе врви пред тебе, како што рече Господ.
4. Господ ќе постапи со нив како што постапи со Сион и Ог, аморејски цареви, и со нивната земја кога ги уништи.
5. Господ ќе ги положи пред вас, а вие ќе постапувате со нив според сите наредби, што ви ги дадов.
6. Охрабрете се и бидете одлучни! Не бојте се и не плашете се од нив! Та Самиот Господ, твојот Бог, доаѓа со тебе; не ќе те напушти ниту ќе те остави.”
7. Тогаш Мојсеј го повика Исуса па му рече пред сиот Израел: „Охрабри се и биди одлучен! Зашто ти ќе одиш со овој народ во земјата за која Господ им се заколна на нивните татковци, дека ќе им ја даде; ти ќе им ја разделиш во наследство.
8. Самиот Господ врви пред тебе; Тој ќе биде со тебе; не ќе те испушти ниту ќе те остави. Не бој се и не трепери!”
9. Мојсеј го напиша овој Закон и им го предаде на свештениците, Левиевите синови, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, и на сите Израелски старешини.
10. Мојсеј им нареди: „Во секоја седма година – година прошка – на Празникот на шаторите,
11. кога сиот Израел ќе дојде да го види лицето на Господа, твојот Бог, на местото што Тој ќе го избере, прочитај го овој Закон во присуство на целиот Израел.
12. Собери го народот – луѓето, жените, децата и придојденикот кој ќе биде во твоите градови – за да чујат и за да се бојат од Господа, вашиот Бог, па да ги пазат и да ги вршат сите зборови на овој Закон.
13. Нивните синови, кои уште не го знаат тоа, ќе чујат и ќе се научат да се бојат од Господа, вашиот Бог, за сето време додека ќе живеете во земјата што ќе ја земете во сопственост, откако ќе поминете преку Јордан.”
14. Господ му рече на Мојсеја: „Еве наближува времето на твојата смрт. Викни го Исуса, и најдете се во Шаторот на средбата, за да му дадам заповеди.” Мојсеј и Исус дојдоа во Шаторот на средбата.
15. Господ се покажа во столб од облак во Шаторот. Облачниот столб стоеше на влезот во Шаторот.
16. Господ му рече на Мојсеја: „Еве наскоро ќе починеш со своите татковци. А овој народ ќе стане да прави блуд, одејќи по туѓи богови на оваа земја во која ќе влезе скоро; ќе Ме напушти Мене и ќе го прекрши Мојот Завет што го склучив со нив.
17. И тогаш Мојот гнев ќе се излее на него. Тогаш ќе ги оставам и ќе го скријам Своето лице од нив, за да бидат голтани. Ќе ги снајдат многу зла и неволји, и тогаш ќе речат: ‘Зар не ме наоѓаат овие неволји заради тоа што мојот Бог не е во мојата средина?’
18. А Јас ќе го скријам сосем Своето лице во тој ден заради сето зло што ќе го прават, завртувајќи се кон други богови.
19. Напишете си ја сега оваа песна. Израелците нека ја научат! Стави ја во нивната уста, за да ми биде оваа песна сведок против Израелевите синови.
20. Кога ќе ги доведам во земјата во која течат мед и млеко, и за која им се заколнав на нивните татковци, и кога ќе се најадат, кога ќе се наситат, кога ќе се згојат, тие ќе се завртат кон други богови, и ним ќе им служат, Мене ќе Ме презрат и ќе го прекршат Мојот Завет.
21. А кога ќе ги најдат многу несреќи и неволји – оваа песна – зашто нивното потомство никогаш нема да ја заборави, ќе даде сведоштво против нив. Зашто Јас ги знам нивните мисли, и што смислуваат веќе денес, пред да ги воведам во земјата, што им ја ветив со Заклетва.”
22. Во тој ден Мојсеј ја напиша оваа песна, и ги научи Израелците на песната.
23. Му наложи на Навиновиот син Исус: „Охрабри се и биди одлучен! Зашто ти ќе ги воведеш Израелевите синови во земјата за која им се заколнав. И Јас ќе бидам со тебе.”
24. Кога Мојсеј ги напиша зборовите на овој Закон во книжен свиток,
25. тогаш им нареди на левитите, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет:
26. „Земете го книжниот свиток на овој Закон и положете го во Ковчегот на Господовиот Завет. Таму нека биде сведок против тебе!
27. Та јас ги знам твојата бунтовност и твојот корав врат. Еве и денес, додека уште живеам со вас, се буните против Господа. А како не ќе се буните кога ќе умрам!
28. Соберете ги при мене сите старешини на своите племиња и своите надгледувачи, за да ги речам овие зборови во нивните уши па да ги земам за сведоци против нив небото и земјата.
29. Зашто знам дека по мојата смрт ќе се изопачите и ќе се отклоните од патот, што ви го одредив; несреќа ќе ве најде во идните времиња, коѓа ќе правите што Му е немило на Господа, и кога ќе Го разгневувате со делата на своите раце.”
30. А тогаш, на ушите на целата израелска заедница, Мојсеј ги изговори до крај зборовите на оваа песна:

32 Песната Мојсеева

1.„Слушајте, небеса, сега ќе зборувам, чуј ги, земјо, зборовите на мојата уста!
2. Мојата наука нека дожди како дожд, мојот збор нека паѓа како роса, како дождец по младо зеленило, како пороен дожд по трева!
3. Зашто, ќе го возвишувам Господовото име, а вие, величајте Го нашиот Бог!”
4. „Тој е Стена, делото Му е совршено, зашто се прави сите Негови патишта. Тој е верен Бог и нема неправда, Тој е праведен и вистинит.
5. Тие се развратија не Му се синови, туку синовски изроди, изопачен и лукав пород.
6. Така ли Му враќаш на Господа, глупав и безумен народе! Не е ли Тој твој Татко, усвоител, Кој те создаде, преку Кого постоиш?
7. Спомни си за древните денови, разгледај ги годините од век до век. Прашај го татка си, и ќе те поучи, распрашај ги постарите, па ќе ти кажат.
8. Кога Сèвишниот им го делеше наследството на народите, кога ги разместуваше човечките синови, им ги одреди меѓите според бројот на Божјите синови:
9. тогаш на Господа Му падна Неговиот народ, Јаков Му беше Негово наследство.
10. Тој го најде во степска земја, во морничава пустинска пустина. Го опкружи, го воспитуваше, и го чуваше како зеницата на Своето око.
11. Како орелот што бдее над гнездото, треперејќи над своите орлиња, така Тој шири крила, го зема, па го носи на Своите перја.
12. Самиот Господ го водеше него, туѓ бог немаше со него.
13. Го поведе по височините на земјата, го нахрани со полските плодови, му даде мед од пештера, и масло од цврста стена;
14. кравја маст и овчо млеко со мрсно од јагниња, васански овни и јарци, со жито како бубрежно сало, и го напои со пенливата крв на грозјето.
15. Јадеше Јаков и се насити, се згои Есурун па почна да удира со нозе. Си се здебелил, си се згоил, се салоса. Го заборави Бога Кој го создаде и ја презре Стената на своето спасение.
16. Со туѓите богови Го направија ревнив. Го разјарија со своите гнасотии.
17. мИм жртвуваа на злите духови што не се Бог, на боговите што не ги познаваа порано, на придојдениците кои стигнаа скоро и од кои нивните татковци не се плашеа.
18. Не се грижиш за Стената што те даде на свет, не си спомнуваш веќе за Бога, Кој те роди!”
19. „Господ го виде тоа, и во Својот гнев ги отфрли Своите синови и ќерки.
20. ‘Ќе им го скријам Своето лице – рече – и ќе видам каков ќе биде нивниот крај. Зашто е изопачено тоа колено, синови во кои нема верност.
21. Со ништожен бог ме поттикнаа на ревност, Ме раздразнија со своите ништожества, и Јас ќе ги направам нив ревниви, ќе ги огорчам со некој глупав народ!
22. Да, пламна пожарот на Мојот гнев, и ќе гори до гробните длабочини; ќе ја проголта земјата и сето она што таа го раѓа, и ќе и ги изгорам планините до основите.
23. Сите неволји ќе се навалат на нив, Своите стрели ќе ги истрошам врз нив.
24. Ќе умираат од глад, ќе ги трујат треската и лутиот помор. Ќе испратам против нив ѕверски заби и отров на оние што лазат во правот.
25. Надвор мечот ќе ги погубува децата, а стравот ќе владее внатре. Ќе гинат еднакво – момче и девојка, доенче и седокос старец.
26. Реков: „Ќе ги раселам, ќе им го избришам споменот од помеѓу луѓето.”
27. Но се боев од непријателското потсмевање: би можеле да им се излажат противниците, па да речат: „Победата е наша, тоа не го изврши Господовата рака.”
28. Зашто тоа е народ без знаење, нема остроумност во нив.
29. Да се мудри, веќе и би се досетиле, би разбрале што ги чека.
30. Како може еден да натера илјада во бегство, и двајца да гонат десет илјади, ако нивната Стена не ги предаде, ако Господ не ги предаде?
31. Но нивната стена не е како нашата Стена; нашите непријатели се осудени.
32. Зашто нивната лоза е од содомската лоза и од гоморските лозја; грозјето им е отровно грозје, гроздовите им се гроздови на горчина;
33. нивното вино е змиски отров, жесток јад и лута отровница.’
34. ‘Но не е ли тој во мене како скапоценост, запечатен во моето сокровиште?
35. Моја е одмаздата и наградата во времето кога ќе им се сопне ногата. Зашто е близу денот на нивната пропаст, нивната судбина им се доближува брзо!’
36. Господ ќе му суди на Својот народ, ќе им се смилува на Своите слуги. Ќе види дека им исчезнува силата, дека им е крај и на робот и на слободниот.
37. Тогаш ќе рече: ‘Па каде се нивните богови, каде е стената зад која се засолнуваа?
38. Тие што го јадеа салото на нивните закланици и го пиеја виното на нивните налевници? Нека се дигнат и нека ви помогнат, нека ви бидат засолниште!
39. Сега гледате дека единствено Јас Сум, и дека нема друг Бог покрај Мене! Јас усмртувам и оживувам; Јас удирам и исцелувам и никој не се избавува од Мојата рака.
40. Да, јас ја кревам Својата рака кон небото и велам: „Да не бидам Јас вечно жив
41. ако не го земам судот во своите раце, откако ќе го наоштрам Својот блескав меч, за да им се одмаздам на Своите непријатели, за да им платам на оние Кои Ме мразат Мене.
42. Своите стрели ќе ги испијанам со крв и Мојот меч ќе се најаде месо, крв од убиени и заробени, глави од непријателските кнезови.”‘
43. Воскликнувајте, о небеса, со Него обожувајте Го, Божји синови! Воскликнувајте, племиња, со Неговиот народ, вознесувајте ја Неговата сила, Господови пратеници. Зашто ќе ја одмаздам крвта на Своите слуги, со иста мерка ќе им вратам на непријателите, ќе наплати од оние кои Го мразат Него, ќе ја очисти од грев земјата на Својот народ.”
44. Дојде Мојсеј со Исуса, синот Навинов, па ги изговори во ушите на народот зборовите на оваа песна.
45. Кога Мојсеј им ги изговори сите овие зборови на сиот Израел,
46. им рече: „Во своите срца посадете ги овие зборови, што ги земам денес за сведоци против вас; наредете им на своите синови да ги пазат, вршејќи ги сите зборови на овој Закон.
47. Та тоа не е за вас празно слово, зашто тоа е ваш живот. Заради ова слово ќе живеете долго во земјата што ќе ја земете во сопственост, откако ќе поминете преку Јордан.”
48. Во тој ист ден Господ му рече на Мојсеја:
49. „Искачи се на гората Нево, во Аваримската Планина – што е во Моавската Земја спроти Ерихон – па разгледај ја Ханаанската Земја што ќе им ја дадам во сопственост на Израелевите синови
50. Потоа умри на гората на која ќе се искачиш и придружи им се на своите предци, како што и твојот брат Арон, кој умре на гората Ор, им беше придружен на своите.
51. А тоа е зашто ме изневеривте среде Израелевите синови при Мерива Кадис, при водите во пустината Син: не ја прославивте Мојата светост меѓу Израелевите синови.
52. Затоа само оддалеку ќе ја видиш оваа земја, ама нема да влезеш во неа – во земјата што им ја давам на Израелевите синови.”

33 Мојсеј ги благословува дванаестетте изрилски колена

1.Ова е благослов со кој Мојсеј – Божјиот човек – ги благослови Израелевите синови пред својата смрт.
2. Тој рече: „Господ дојде од Синај, се покажа на Сир и заблеска од гората Фаран. Заради нив дојде со десетици илјади свети, десно од Него е огнот на Законот.
3. Сепак Ти ги љубиш народите, сите нивни свети се во Твојата рака. Припаднаа пред Твоите нозе, одеа предводени од Тебе.
4. Мојсеј ни го одреди Законот. Јакововиот собор му стана Негово наследство;
5. и беше цар во Есурун кога се собраа народните главатари, кога се соединија Јакововите племиња.
6. Нека живее Рувим и никогаш нека не изумре, нека не биде малуброен!”
7. Еве што рече за Јуда: „Послушај го, Господи, Јудиниот глас и приведи го кон неговиот народ. Неговите раце нека го бранат правото, помогни му против неговите непријатели.”
8. За Левиј рече: „Дај му ги на Левиј Твоите Урими и Твоите Тумими на човекот на милоста Своја, кого го испита во Маса, со кого се препираше при Меривските Води.
9. За својот татко и за мајката тој рече: ‘Не ги видов!’ Не ги познава своите браќа, ниту се обрнува на своите деца, зашто тој го исполнуваше и го пазеше Твојот Завет.
10. Тој го учи Јакова на Твоите одредби и Израел на Твојот Закон. Тој става темјан пред Тебе и Ти положува паленица на жртвеникот.
11. О Господи, благослови му ја силата, прими го милостиво делото на неговите раце. Скрши ги бедрата на неговите непријатели; неговите мразачи веќе нека не станат.”
12. За Венијамин рече: „Тој е Господов љубимец и секогаш почива во мир. Сèвишниот го штити во сите негови денови, живее меѓу Неговите рамена.”
13. За Јосифа рече: „Господ му ја благослови земјата; неговото е најдобро од она што го дава небеската роса и што се крие долу во бездните!
14. Најдоброто од она што го дава сонцето и што носи младата месечина,
15. првините од древните планини и најдоброто од вечните брегови,
16. најдобриот род на земјата и сè што е на неа, и милоста на Оној, Кој се јави во капината. Сè тоа нека дојде на Јосифовата глава, на темето посветено меѓу сите браќа!
17. Тој е величествен како првенецот на јунецот, роговите му се биволски рогови, со нив тој ги боде народите сè до земните краишта. Такви се мноштвата на Ефрем, такви се илјадниците на Манасиј.”
18. За Завулон рече: „Среќен да си, Завулоне, во походите, и ти, Исахаре, во своите шатори!
19. На гората каде доаѓаат повиканите народи, тие принесуваат законска жртва, зашто копнеат за богатството на морето и за сокровиштата скриени во песокот.”
20. За Гад рече: „Нека биде благословен кој ќе го рашири Гад! Тој почива како лавица, откако ја раскина мишката и главата.
21. Тогаш си ги додели првините за себе зашто забележа дека му е запазен главатарскиот дел. Тој дојде на челото на својот народ ја изврши Господовата правда и Неговите одлуки со Израел.”
22. За Дан рече: „Дан е лавче што скока од Васан.”
23. За Нефталим рече: „Нефталим, заситен со милости, исполнет со Господовиот благослов: морето и југот се негова сопственост.”
24. За Асир рече: „Благословен да е Асир меѓу синовите! Нека биде воздигнат меѓу своите браќа, и нека ги натопува своите нозе во масло!
25. Нека ти бидат обувките од железо и бронза, и мирот нека ти трае колку и животот!”
26. „Никој не е како Есуруновиот Бог: Кој се пронесува на помош по небесата и по облаците во Своето величество!
27. Вечниот Бог е твое засолниште, и под тебе се вечните мишки, ги гони непријателите пред тебе; Тој извикнува: ‘уништи!’
28. Израел живее во безопасност, а Јаковиот извор во земјата на житото и виното, каде небесата дождат со роса.
29. Блазе ти, Израелу! Кој народ Господ го заштитува како тебе? Тој е твој штит и твој славодобивачки меч, непријателите ќе ти се покорат, и ти ќе им газиш по високите места.”

34 Смртта Мојсеева

1.Потоа Мојсеј отиде од Моавските полиња на гората Нево, на врвот Фазга, спроти Ерихон, каде што Господ му ја покажа целата земја: од Галад до Дан,
2. сиот Нефталим, Ефремов и Мансиев крај, сета Јудина покраина до Западното Море;
3. потоа Негев, подрачјето на Ерихонската Долина – Градот на палмите – до Сигор.
4. Потоа Господ му рече: „Ова е земјата за која им се заколнав на Авраам, Исак и Јаков дека ќе му ја дадам на твоето потомство. Дозволив да ја видиш со своите очи, но ти нема да поминеш онаму.”
5. И Мојсеј, Господовиот слуга, почина таму во Моавската Земја по Господовата заповед.
6. И Тој го погреба во долината во земјата спроти Вет-Фегор. До денешен ден никој не научи за неговиот гроб.
7. Мојсеј беше на сто и дваесет години кога умре. Окото не му ослабе ниту му попушти силата.
8. Израелците го оплачуваа Мојсеја во Моавските Полиња триесет денови. Потоа поминаа и деновите на плачењето – на тажењето за Мојсеја.
9. А Исус синот Навинов, беше исполнет со дух на мудрост, зашто Мојсеј ги имаше положено своите раце на него. Израелците го слушаа него и правеа како што Господ му нареди на Мојсеја.
10. Не се појави веќе пророк во Израел еднаков на Мојсеја – Господ го познаваше него лице во лице!
11. Според сите оние знаци и чудеса во Египетската Земја, за кои Господ го праќаше да ги прави врз Фараонот, врз сите негови службеници и врз целата негова земја,
12. според онаа негова силна рака и според сите оние големи застрашувачки дела, кои ги направи пред очите на целиот Израел.