“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТИ ЈОВАН КРОНШТАТСКИ
КАКО ДА ДОСТИГНЕМЕ СВЕТОСТ
За Божествената Литургија
„ Зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите “ [Мт. 26, 28]
„На Твојата Тајна вечера, Сине Божји, прими ме денес за учесник “
„Правете го ова за спомен мој “ [1 Кор. 11, 24]
Божествената Литургија е вистинска, небесна служба на земјата, за време на која Самиот Бог е најблизу до луѓето и на посебен, најнепосреден начин присуствува и престојува во нив, бидејќи Самиот Тој е Оној Кој свештенодејствува, Кој принесува, но и Кој е принесен. Не постои ништо посвето, поголемо, повеличествено, поживотворно и посвечено од Литургијата! За време на Литургијата, храмот претставува земно небо, а свештенослужителите се олицетворение на Самиот Христос, на ангелите, херувимите, серафимите и апостолите. Литургијата претставува славење, прославување на Божјата љубов кон човечкиот род, како и моќна молба за спасение, како на целиот свет, така и на секој човек одделно, свадбата на Јагнето, Свадбата на царскиот син, во која невеста на Божјиот Син е секоја душа која верува, а венчаниот кум е Светиот Дух.
Со така подготвена, чиста и возвишена душа треба да Присуствуваме на Литургијата, за да не се најдеме во кошот со оние луѓе, на кои поради тоа што биле без свадбена облека, а осквернети од страстите, им ги врзале рацете и нозете и ги исфрлиле надвор од дворецот, во темнината. За жал, денес многумина сметаат дека не е неопходно да се оди на Литургија, други пак, одат чисто од навика, а какви влегле, такви и излегуваат без возвишени мисли, без потиштено срце и покајание во душата…. без одлучност да се поправат! Други пак, стојат без стравопочит, без каква било сосредоченост, без да се подготват преку размислување и воздржување, а многумина пред Литургијата пијат, а некои и јадат.
Кога требало Господ да слезе на Синај, на еврејскиот народ му било заповедано да се подготви и да се очисти, а овде се случува нешто не помалку од Божјото слегување во Синај, туку повеќе, бидејќи таму Бог бил виден одзади, а овде е самото лице на Законодавецот – Бог. Кога Господ се јавил на планината Хорив во капината, на Мојсеј му било заповедано да си ги собуе чевлите, а овде има повеќе од Богојавлението на Хорив, бидејќи таму е преобразбата, а овде е Самиот Тој Кој се преобразил. О, колку сме пристрасни кон земјата! Не сакаме дури ни еден час да посветиме, како што треба, само на Бога! За време на Божествената Литургија си дозволуваме да мечтаеме за земните работи, ја исполнуваме душата со претстави и желби за нечисти и земни работи. А, наместо тоа, треба ревносно и напорно да се молиме и да размислуваме за големата Тајна; треба да се каеме за гревовите и да молиме за нашето очистување, осветување, просветување, обновување и утврдување во христијанскиот живот и во исполнувањето на Христовите заповеди; треба да се молиме за живите и мртвите, бидејќи Литургијата е жртва со која молиме и бараме милост од Бога, Му благодариме и Го фалиме. О, колку величествена е Литургијата! За време на Литургијата се потсетуваме на целиот живот, не на некој голем човек, туку на Бог Кој се воплоти; Кој за нас пострада и умре; Кој воскресна и се вознесе на небото и Кој пак ќе дојде за да Му суди на целиот свет!
Литургијата е Света Вечера; таа е трпеза на Божјата љубов кон човечкиот род. На дискосот околу Божјото јагне се собираат сите: И живите, и мртвите, и светите, и грешните, и Црквата воинствена (земната) и Црквата триумфална (небесна).
Запомни дека извршувањето на животворните Тајни, Животворната Троица го предодредила уште од самото создавање на светот, и затоа не може, а да не постои. Кога се извршува Светата Литургија, Самиот Бог Отец е Оној, Кој со Светиот Дух го претвора лебот и виното во Телото и Крвта на нашиот Господ и Бог и Спасител, Исус Христос: ти си само орудие! Самиот Отец Син и Свет Дух преку тебе ја извршува Литургијата и ги осветува даровите. „Ти си Оној што е принесен и Оној Кој принесува, Христе Боже наш “, вели свештеникот во молитвата пред Херувимската песна, за време на Литургијата. Запомни ја Божјата постојаност и Неговата верност во сите негови зборови.
Светите Тајни Христови се нарекуват Божествени дарови, бидејќи Господ ни ги дава сосема бесплатно, а ние не ги заслужуваме. И, наместо да не казни за безбројните злодела, кои ги правиме секој ден, секој час, секоја минута, и да не предаде во духовна смрт, Тој со Светите Тајни ни дава: прошка и очистување од гревовите, осветување и мир, душевна сила, исцелување и здравје на душата и телото; ни дава разни награди и богатства и тоа само поради нашата вера. Па, штом Владиката секојдневно не дарува со можноста да го вкусиме Него Самиот и Неговите Божествени Тајни, не ли сме и ние должни да им подаруваме пари, храна, пиење и облека на оние кои имаат потреба од нив? И, како се осмелуваме да зборуваме лошо против оние кои јадат подарен леб, кога и ние самите јадеме од бесценетата и бесмртна храна Телото и Крвта Христови? „ Секому, кој ти бара, подај; од оној што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати!“ (Лк. 6, 30).
Лебот на животот е Христос, па затоа да ја отфрлиме грижата за земниот леб. Господ, Кој како храна и пиење ни ги дава Телото и Крвта на Својот Син, многу повеќе ќе ни даде природен леб; Кој ја облекува нашата душа во Христа, многу повеќе ќе ни испрати и материјална облека; Оној, Кој благоволил да живее во нас, нема да не лиши од материјалното живеалиште.
Што е чудно во тоа што Самиот Бог Слово, Творецот на се видливо и невидливо, ги претвора виното и лебот во Своите пречисти Тело и Крв? Во тоа вино и во тој леб, Божјиот Син не се воплотува одново, бидејќи еднаш е воплотен и тоа е засекогаш, туку се воплотува во истото тоа Тело во кое еднаш веќе бил воплотен -исто како што ги умножил петте леба и со нив се најале неколку илјади луѓе. Во природата има толку многу тајни, кои мојог разум понекогаш не може да ги разбере дури и најобичните работи, работите си остануваат да живеат со своите тајни. Истото е и со животворните Тело и Крв Христови: за мене е тајна како лебот и виното се претвораат во Телото и Крвта на Самиот Господ? Но, Тајните за претворањето на виното и лебот во Тело и Крв навистина постојат, иако тоа е несфатливо за мене. Мојот Творец (јас сум Неговиот глинен сад: од тело и крв ме создал и дувнал во мене дух животен), бидејќи Бог е бескрајно мудар и семоќен и има безброј тајни, и самиот јас, како дело на Неговите раце сум си тајна за самиот себе. За мојата душа тајна е духот Господов; за душата и телото мои тајна се Телото и Крвта Негови.
Според достоинството, отценувај го нај големото чудо на Исуса Христа, Синот на живиот Бог, кое се извршува при причестувањето со вера во Неговите Божествени Тајни. Се прашувате: кое чудо? Па, успокојувањето и оживотворувањето на твоето срце, умртвено од гревови, толку очигледни после неспокојот и духовната смрт, состојби кои претходат на Причеста. Никого не сметај го за прост и неважен! Таквите мисли и расположение ќе го разгневат Бога, и по Причеста нема да го почувствуваш ниту мирот, ниту животот. Со сето свое срце благодари му на Бога за оживотворувањето, придобивајќи живот од Него и твојата вера нека расте се повеќе и повеќе. Стравот и беспокојството се резултат на неверието. Ако се појават по Причеста, знај дека со неверието се оддалечуваш од Животот, Кој лежи во Чашата и затоа: не обрнувај им внимание! О, веро, веро! Ти самата си чудо за нас! Токму ти не спасуваш: „верата твоја те спаси“ (Мк. 5, 34). Ако имаме вера во Божјата вистина, секогаш сме во мир со Господа и обратно: со маловерието секогаш ќе немаме мир. Ах, преку недостојното причестување со Светите Тајни, во нас влегува сатаната и се труди да ја насели во нашето срце својата лага, т.е. неверието, бидејќи тоа е всушност еднаква на лага. Уште од почетокот тој е човекоубиец, па и сега со сите свои сили се труди да го убие човекот, со помош на лагата и лошите помисли; успевал да се прикраде и да влезе во нашето срце во облик на неверие или некаква страст; а подоцна доаѓа до израз, на начин, подостоен за него со нетрпеливоста и злобата! Ти гледаш дека е во тебе, но не можеш веднаш да се ослободиш од него, бидејќи тој, со помош на неверието, суровоста и другите свои лошотии се труди да ги затвори сите патишта по кои би можел да биде истеран од твоето срце.
„Залудно се трудиш во мене, паднат архистратиже! Јас сум слуга на мојот Господ Исус Христос! Понижување е за тебе, о, превознесена гордост, толку напорно да се бориш против мене, слабиот!“ така кажи му во мислите на злобниот дух, кој како тешко бреме лежи во твоето срце и те поттикнува да правиш секакви лоши работи. Овие зборови за гордиот дух се зло кое го гори, и тој, засрамен поради твојата цврстина и духовна мудрост, ќе избега од тебе. Тоа веднаш ќе го почувствуваш и ќе се воодушевиш од промената во себе; тешкотијата од срцето која ја убиваше твојата душа исчезнува; се чувствуваш се полесно и полесно и од искуство се уверуваш дека духовите на поднебесната злоба, кои ја посакуваат нашата погибел, кои го разоруваат нашето срце со отровот на мрачните и злобни помисли, кои се трудат да ја уништат нашата љубов кон луѓето и комуникацијата со нив постојат!
Кога со непоколеблива вера се причестувам со Животворните Тајни, се уверувам во Христовата сеприсутност. Се прашувате на кој начин? Еве на кој: преку секоја честица од Телото и преку секоја капка од Крвта, јас го примам сиот Христос; по некое време осознавам дека всушност Тој Самиот навистина се содржи во сите тие честици и капки, а тие се многу, бесконечно многу. Па така, сиот Господ е во секој храм. Тој не само преку Своето Божество, туку и со Својата душа и Своето тело присуствува насекаде по целата земја, во сите православни храмови; насекаде им се предава на верниците: неделив, целосен; произведува во нив слатки плодови, т.е. очистување од гревовите, осветување на христијанските души и тела, праведност, мир и радост во Светиот Дух, соединувајќи ги сите со Себе, со Отецот и Светиот Свој Дух. Освен тоа, знаеме дека и преку трудољубивата молитва се вселува во душите на верниците. Тој е присутен во целиот материјален свет, го оживува целиот, и тоа одеднаш целиот, па и секој негов дел посебно; но, уште поприсутен е меѓу луѓето, особено меѓу христијаните, бидејќи живее во нив. „Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само ако сте недостојни ” (2 Кор. 13, 5). „ Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе? “ (1 Кор. 6, 19).
Бог Отецот, Кој дејствува врз разумот и срцето преку Своето ипостасно Слово (кое во нашето слово е изразено преку Светиот Дух, Кој почива во ипостасното Слово) и преку зборовите на верата, кроткоста, љубовта и надежта кои ни излегуваат од устата, за миг ги извршува чудесните дела (определени со создавањето на светот) на нашата преродба во Христа, на нашето осветување, зајакнување, духовно хранење и лекување (макар што некогаш подготвителните обреди за тие дејства можат да бидат продолжени), бидејќи Он е единствено, семоќно Битие. Ете на пример, претворањето на лебот и виното во Тело и Крв Христови се случува во оној миг кога се изговараат зборовите: „И направи Го овој леб чесно тело на Твојот Христос: а што е во оваа чаша чесна крв на Твојот Христос, претворајќи ги со Својот Свет Дух“ по последните зборови и благословувањето со раката во облик на крст, точно во тој миг лебот и виното се претвораат во Тело и Крв Христови; но не порано, бидејќи Божествената Семоќност го чека содејството на свештеникот, т.е. зборовите од Словото, бидејќи тој е „соработник на Бога“ (1 Кор. 3, 9).
Благословувањето со движење на раката во облик на крст во име на Господа, значи дека Тајната ја извршува Светиот Дух во името на Исус Христос, само и само заради Него и заради Неговото застапништво, бидејќи така благоволи Бог Отецот.
Кога ги примаш Животворните Тајни, замисли си дека виното и лебот се Самиот Христос и над таа замисла постави си мисла натпис „Исус Христос“; па со таа мисла одведи го умот во длабочините на срцето и таму положи го Животворниот Гостин. Ако ги примиш Светите Тајни со таква, голема вера, ќе видиш како тие ќе создадат мир во твојата душа и се останато, и ќе се чувствуваш необично лесно. Во срцето на верниците, Телото и Крвта стануваат животворно парче јаглен, во зависност од степенот на подготвеност на срцето. Црквата е небото, а олтарот е престолот на животот, од кој Бог слегува за да ги нахрани и да ги оживи оние кои веруваат во Светите Пречисти Тајни.
„Големи и чудесни се делата Твои, Господи Боже Седржителе! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите!“ (Откр. 15, 3). Ти однапред не подготвуваш за согледување на престолот Свој и на Оној Кој седи на него преку гледањето на земниот престол во црквата и преку видувањето со очите на верата на Оној Кој во него седи во слава.
Со сета душа почитувај ги Тајните; спомни си за секоја Тајна во себе, пред да биде извршена, или пред причестувањето со неа, зборувај си: тоа е Божја тајна и јас сум само недостоен извршител или учесник нејзин. Инаку, нашиот горд разум ќе сака да ја истражи и Божјата Тајна; па ако не може да ја истражи, ќе ја отфрли како несоодветна за усогласување со ништожниот размер на неговото разбирање.
„Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот. Амин! ” (Мт. 28, 20). Така е, Владико, Ти си со нас преку сите дни, ниту еден ден не поминува без Тебе, без Твојата сеприсутност! Ти си со нас, особено преку Тајната на Своите Тело и Крв. О, колку вистински и колку суштествено се наоѓаш Ти во Тајните! На секоја Литургија, Ти Владико, се облекуваш во тело исто како нашето, освен во гревот, и не храниш со Своето животворно Тело. Преку Тајните, Ти целосно си со нас: Твоето Тело се соединува со нашето; и Твојот Дух се соединува со нашите души, па го чувствуваме животворното и небесно, слатко соединување; чувствуваме дека, прилепувајќи се за Тебе во Евхаристијата, стануваме еден дух со Тебе како што е кажано: „А кој се соединува со Господ, еден дух е со Него ” (1 Кор. 6, 17). Ние тогаш стануваме како Тебе: кротки, благи и смирени; како што Ти Самиот си рекол за Себе: „Бидејќи Сум краток и смирен по срце“ (Мт.11,29).
Честопати, нашето слепо и лукаво тело, т.е. кнезот на овој век, кој живее во нашето грешно тело, ни шепоти дека Тајните се само леб и вино, а не дека се Самите Тело и Крв на Господа; па, како лажни сведоци ги испраќа сетилата за вид, допир и вкус. Но, ние не му обрнуваме внимание и расудуваме вака: Господи, за Тебе се е возможно! Ти го создаваш телото на сите луѓе и животни, на рибите, птиците, инсектите на се што е од Тебе создадено! Та зар за Себе ли да не си создадеш тело, Ти, Кој си насекаде и се исполнуваш? Па, кој скулптор што го Извајал образот на другите не може да си изваја и за Себе еден? Не само тоа: ти ја претвораш мртвата материја во жива, на пр. стапот на Мојсеј го претвори во змија и за Тебе не постои нешто невозможно. Та, зар за Себе нема да создадеш тело од лебот, и виното кои се толку слични на нашето тело, бидејќи служат како храна и пиење и се претвораат во Тело и Крв. Ти нема да оставиш нашата вера да биде искушувана „повеќе од нашата сила” (] Кор, 10, 13); Ти не ја претвораш грутката земја во Твое Тело, туку белиот, мек, чист и со пријатен вкус леб; Својата Крв не ја создаваш од вода, туку од виното чија боја е слична со бојата на крвта, а во Светото Писмо тоа уште се нарекува гроздова крв, напиток кој има пријатен вкус и го весели срцето на човекот! Ти, бидејќи ги знаеш нашата немоќ и слабостите на нашата вера, си благоволил за Тајните на Своето Тело и Крвта Своја да се употреби најсоодветната материја. Затоа треба цврсто да веруваме дека во вид на леб и вино, ние се причестуваме со вистинското Тело и вистинската Крв Христова и дека преку Тајната на Светата Причест Господ ќе биде со нас „преку сите дни до свршетокот на светот “ (Мт. 28, 20).
Свети Јован Кронштатски