![Јустинијана Прима Црква - Justiniana Prima Church, 531](https://www.m-p-c.org/static_imgs/justiniana.png)
![Охридска Архиепископија - Archbishopric of Ohrid, 873](https://www.m-p-c.org/static_imgs/ohrid_arhiep.png)
![Исус Христос](https://www.m-p-c.org/static_imgs/Isus_Hristos.jpg)
![Македонска Православна Црква - Macedonian Orthodox Church](https://www.m-p-c.org/static_imgs/mpc.png)
![Св. Климент](https://www.m-p-c.org/static_imgs/Sv_Kliment.png)
“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТИ ЈОВАН КРОНШТАТСКИ
КАКО ДА ДОСТИГНЕМЕ СВЕТОСТ
За злобата
„Љубовта е великодушна, полна е со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива “ (1 Кор. 13, 4)
Од злобата плаши се како од оган, и поради никаков, навидум добар предлог, уште помалку поради нешто непријатно, не и дозволувај да се добере до твоето срце. Злобата си е злоба и секогаш ќе биде потомок на ѓаволот. Понекогаш таа му приоѓа на срцето во форма на ревност за Божјата слава или за доброто на ближните. Во тој случај не верувај и на својата ревност, бидејќи таа или е лажна или е неразумна. Но, ти труди се да нема злоба во срцето твое. Бог ништо не Го прославува така како љубовта која се трпи, а злобата колку и да се прикрива, Го навредува и Го обесчестува. Прикривајќи ја злобата под маска на божемна грижа за бедните, Јуда Го предаде својот Господ за 30 сребреника. Запомни дека непријателот постојано и неуморно те прогонува и сака да загинеш, па затоа те напаѓа кога најмалку очекуваш. Неговата злоба е бескрајна. И затоа, не зближувај се со егоизмот и сластострастието, за да не те освојат лесно и тебе.
Кога во твоето срце ќе се разгори злоба кон некого, веднаш нека ти текне дека таа е оружје на ѓаволот, па замрази ја и таа ќе си замине од тебе (не и придавај значење и не сочувствувај со неа. Тоа, е ѓаволско дело; тој ги крие во нас главата и опашката, а ние сме слепи и мислиме дека сето она што го правиме, потекнува од нас самите и одговараме за неа како за нешто свое. Не треба да дозволиш таа да управува со тебе во односот кон другите. И ако видиш некој лошо настроен кон тебе, исполнет со злоба, знај дека неговата злоба не е негово лично дело. Тој е само орудие на злобниот непријател, а не е способен да ја види непријателската замка. Но, ти моли го Господ Бог да го оттргне неговото срце од духот на злобата. Треба да го молиме Бога за сите луѓе кои се предале на страстите, бидејќи ѓаволот постојано работи.
Ти го презираш ближниот, се исполнуваш со нетрпение и не сакаш да разговараш со него мирно и љубезно, бидејќи во неговиот карактер, во зборовите и во манирите има грубост, недоследност, невнимателност; те наведува на непријатност тоа што тој се цени повеќе одошто треба, или пак е горделив и не почитува. Но, ти лекару и учителу на ближниот, си повиновен од него: „Лекаре, излекувај се Сам! “ (Лк. 4, 23). Учителу, поучи се сам! Твојата злоба е полоша од секое друго зло! Зарем со злоба може да се поправи злото? Ако ти имаш греда, зарем можеш на другите да им ја вадиш раската од окото? Злото и недостатоците се поправаат со добрина, со љубов, со љубезност и кроткост, со смирение и трпение. Сметај се себе за прв меѓу грешниците кои ти изгледаат грешни или пак навистина се такви. Сметај се себе за полош и подолен од сите.
Искорени ги од себе гордоста и злобата, нетрпението и јароста кон ближните, па дури тогаш лекувај ги другите. Со снисходлива љубов покривај ги гревовите на другите. Ако ги забележуваш сите безаконија на ближните, што ќе се случи? Со сигурност вечно непријателство и неред, зашто кој е безгрешен? Токму затоа ни е заповедано да им ги простуваме долговите на нашите должници. „Господи, ако гледаш на беззаконијата, тогаш кој ќе се одржи Господи? “ (Пс. 129, 3) „ Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гршките нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен “ (Мт. 6, 14). На трпезата на љубовта ние седиме до Самата отелотворена љубов, а љубов еден кон друг немаме. Чудна работа! Не ни е ни најмалку грижа за тоа. А љубовта, без макотрпна и трудољубива работа нема ни да дојде!
Христијанинот нема никаква основа да носи во срцето свое злоба кои било кој. Злобата си е злоба – и е дело на ѓаволот! Христијанинот треба во своето срце да има само љубов. Љубовта не мисли зло и затоа не треба да мислиме во однос на другите ништо лошо, на пример, не треба без причина да мислам за другиот дека е тој зол, горделив и друго, или дека ако му ја опростам навредата, тој пак ќе ме навредува и ќе ме исмејува. Во нас не треба да има вгнездена злоба од никаков вид; а злобата обично е разновидна.
Не подлегнувај им на мрачните, зли настроенија кон ближните, туку преку силата на верата и со светлината на здравиот разум совладувај ги и искоренувај ги, и ќе бидеш благодушен, „бидејќи одев непорочно “ (Пс. 25, 1), оти во длабочините на срцето често се појавуваат такви настроенија. Кој нема да научи да ги совладува, често ќе биде мрачен, замислен и тежок и за себе и за другите. Но, кога ќе почнат да ти приоѓаат, ти труди се да бидеш весело расположен и тие како дим ќе се расеат. Од искуство кажувам.
Дај ми, Господи, мојот ближен да го сакам како себе; за ништо на светот да не се озлобувам кон него, за да не работам за ѓаволот. Дај ми да ги распнам самољубието, гордоста, љубовта кон придобивките, маловерието и останатите страсти… Нашето име да биде заемна љубов! Да се надеваме и да веруваме дека за нас Господ е се; да не се грижиме и да не се обеспокојуваме за ништо! Да бидеш Ти, Господи наш, единствениот Бог во нашите срца и во нив да нема ништо друго, освен Тебе.
Да живееме сите во единство на љубовта, како што ни прилега, и се што не разделува едни од други, и се што не оддалечува од љубовта да биде презрено од нас, како прав згазен со нозете. Да биде! Нека биде!
Штом Бог ни се дал Себе, штом Тој е во нас и ние во Него, според Неговите вистински зборови, зар ќе ме отфрли; зар нема да ми даде се што ќе посакам? Зар ќе ме лиши од нешто? „Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува “ (Пс. 22, 1), „ Зарем нема да ни подари со Него се“? “ (Рим. 8, 32) И така, биди потполно спокојна моја душо, и за ништо, освен за љубовта немој да се грижиш! „ Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг “ (Јн.15,17).
Свети Јован Кронштадски