




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТИ ЈОВАН КРОНШТАТСКИ
КАКО ДА ДОСТИГНЕМЕ СВЕТОСТ
За гордоста
“Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат. ” (1. Петр. 5, 5)
Пројавата на сатанската гордост во луѓето
Оној што е заразен од гордоста, сите оние кои се повисоко од него, било да станува збор за власт, за возраст или способност, ги смета за рамни на себе и не поднесува да биде подолу од нив. Ако горделивиот човек е потчинет, тој не го почитува својот претпоставен, не сака да му се потчинува и не ги исполнува наредбите; се поставува на исто ниво со сите кои се образовани и, или никому не му оддава признание или пак се малкумина оние на кои им признава нешто. Без разлика дали е учен или неук, без разлика дали е син или ќерка, тој не ги почитува своите родители и своите благодетели: или ги смета за еднакви на себе, или има многу ниско мислење за нив.
Треба многу да внимаваме кога се споредуваме и се пресметуваме со другите. Секогаш имај пониско мислење за себе во споредба со сите други, макар и да си навистина подобар од нив или да си еднаков со останатите. Се што е добро во нас е од Бога, не е наше.
„И тоа не е од вас туку дар Божји! Не е од дела, за да не се пофали некој “ (Ефес. 2, 8-9). „Сето тоа го прави еден и ист Дух“ (1Кор.12, 11). А, како да се гордеам со туѓи добродетели и да се споредувам со оние, коишто Самиот Бог и општеството, кое има доверба во нив, ги поставило над мене? И така „не седнувај на почесно место, зашто, ако случајно е поканет некој со поголема чест од тебе, па да не дојде оној што ве поканил и тебе и него, па да рече:’0стапи го местото на овој!’“ (Лк. 14, 8-9) „Секој што се возвишува, ќе биде понизен, а тој што се понизува ќе биде возвишен“ (Лк. 14, 11).
Гордоста и самољубието се јавуваат најчесто и најмногу во форма на нетрпеливост и раздразливост. Тоа го заклучуваме од бројни примери, преку кои гледаме дека некои од нас не можат да излезат на крај ни со најмалата непријатност, без разлика дали некој друг ја предизвикал свесно или несвесно, ниту пак со пречките, кои свесно или несвесно ги поставуваат луѓето и предметите околу нас. Самољубието и гордоста, не само што би сакале да подредат се по свое и да уживаат во сите благодети на животот, туку нечујно и брзо се стремат кон тоа сите други луѓе да им се покоруваат на нивните заповеди: сите луѓе, та и целата природа! Ете до кои граници оди гордоста! И како тогаш ќе биде тешко нам!
Не треба да бидеме слаби во верата, ни кога правиме добро, ни кога Му угодуваме на Единствениот Владика наш! Еј, христијанину! Задолжително треба да бидеш смирен, кроток и долготрпелив, притоа не заборавајќи дека си ти кал, прав, ништо; дека си нечист; дека се што е добро во тебе е Божјо; дека и твојот живот е дар Божји, и тоа што дишеш и се друго.
Поради гревот, кој е последица од непослушноста и невоздржливоста, твоето идно блаженство во рајот треба да го откупиш со долготрпеливост неопходна во светот во кој владеат несовршенството и паднатите во грев луѓе членови на човештвото, хрането и одгледано во гревови.
„Поднесувајте го товарот еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов“(Гал. 6, 2). Кој е нетрпелив, раздразлив, тој не се запознал ниту себе, ниту човештвото и не е достоен да се нарече христијанин! Кога го велам ова, прво мислам на самиот себе, бидејќи јас сум првиот кој страда поради нетрпеливост и раздразливост.
Кога некој раскажува за нечии добри дела, горделивецот длабоко во себе се нервира, бидејќи не може да прифати некој друг да е подобар од него и да го надмине во нешто, т.е. тој се смета себе за поголем од сите и не дозволува да има и други кои ќе прават добри дела. За него е незамисливо да живее во согласност со другите луѓе.
Што е најдобро за човекот? Најдобро за него е да го одбегнува гревот, да му се опростат гревовите и да задобие светост. Зошто? Затоа што гревовите, т.е. гордоста, лошото однесување кон ближните, златна помисла, љубовта кон земните богатства и зависта не разделуваат од Бога, Изворот на Животот, не оддалечуваат од луѓето и не фрлаат во духовна смрт; а кроткото, смирено и добро однесување кон сите, па дури и кон оние кои ни прават зло, потоа чистото срце, задоволувањето со малку, т.е. со најпотребното, дарежливоста кон сите и добронамерноста не соединуваат со Бога, Изворот на животот, а влијаат и на луѓето и ги прават пољубезни. Дарувај ни Господи, сосема да го избегнуваме гревот и по Твојата благодат да се привикнеме кон сите добродетели. „Поради змиини! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто од преполнетото срце зборува устата “ (Мт. 12, 34).
Кога ќе видиме дека има некој грев или порок кај нашиот брат, или во општеството, наместо да кажеме каков било збор против неправдата и да ги скршиме роговите на грешникот, ние остануваме рамнодушни…ете на каков начин непријателот си поигрува со нас, го избличува нашето срце и го исполнува со незаинтересираност и ладнокрвност. Христе Цару! Дарувај ни ги апостолската ревност и огнот на Светиот Дух во срцето, та секогаш смело да се бориме против бесрамниот порок, а особено сега, кога осквернил мнозина, и иако се распространил нашироко меѓу нас, да не ги оставиме Твоите луѓе да се соблазнат и да паднат. „Кој ќе соблазни едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морската длабочина.“ (Мт. 18, 6) „Зашто Синот Човечки дојде да го бара и го спаси загубеното. “ (Мт. 18, 11)
Оние што ни ласкаат ни се најголеми непријатели. Тие ни ги заслепуваат очите, не дозволуваат да си ги видиме недостатоците и со тоа ни го попречуваат патот до совршенството, особено ако сме самољубиви и кратковиди. Затоа треба секогаш да ги прекинуваме лицемерните кои ни кажуваат само лаги или да се држиме што е можно подалеку од нив. Тешко му на опкружениот со ласкавци; добро му на оној, кој е опкружен со простодушни луѓе, зашто тие ја кријат вистината, макар и непријатна, а ги изобличуваат нашите слабости, грешки, страсти и пропусти.
Кога ќе ти дојде мисла во главата да ги изброиш своите добри дела, попрво изброј ги гревовите и безбројни навреди кон Себлагиот и Праведен Владика и ќе забележиш дека се многуброј ни како морскиот песок, а добрите дела во споредба со нив како и да ги нема.
Свети Јован Кронштатски