“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТИ ЈОВАН КРОНШТАТСКИ
КАКО ДА ДОСТИГНЕМЕ СВЕТОСТ
За самоспознанието
„ Направете плод достоен за покајание “(Лк. 3, 8)
„Да, Господи цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија, за да не го осудувам својот брат“ Молитва на Св. Ефрем Сирин
„Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеките мои; и види дали сум на пат на беззаконија и упати ме на вечен пат. “ (Пс. 138, 23-24)
Откако Адам згреши во Рајот, срцето на луѓето е толку многу помрачено од гревот, што тие честопати не ја чувствуваат и не ја осознаваат Божјата секадеприсутност; си мислат дека четирите видови и таванот ќе ги сокријат од Оној, Кој се исполнува, Кој го гледа и скриеното на тајните места… „ Може ли човек да се сокрие на место тајно, каде што Јас не би го видел? Зар не ги исполнувам јас небото и земјата? “ (Ер. 23, 24) „ бидејќи сум гол, и се сокрив“ (1 Мојс. 3, 10).
Мислат, ама не е така.
Целиот свој живот набљудувај го своето срце. Загледај се во него, ослушни го за да откриеш што го спречува да се соедини со Себлажениот Бог. Кога тоа ќе ти биде на прво место, тогаш, со Божја помош, лесно ќе забележиш што те одделува од Бога, а што те зближува, т.е. што те соединува со Него. Самото срце, кое час се соединува, час се оддалечува од Него, ќе ти го каже одговорот.
Лукавото најпрво застанува помеѓу срцето и Бога. Преку страстите, т.е. похотата на телото, похотата на очите и световната гордост, тој го оддалечува Бога од нас.
Почесто испитувај се себе: каде гледаат очите на твоето срце, кон Бога и кон животот во идниот век, кои горните, блажени и светлоносни сили и кон светиите на небото или пак кон светот и земните богатства: храната, пиењето, облеката, живеалиштето, кон грешните и суетни луѓе и нивните занимања?
Ех, да ни беа очите секогаш вперени кон Бога! А ние, само кога сме во беда и неволја ги креваме очите кон Бога, но затоа пак, кога сме во благосостојба и напредуваме, очите на суетниот свет и неговите дела се вперени кон нас. И ќе речеш што ќе добијам јас од обраќањето кон Бога? Ќе добиеш длабок мир и спокојство во срцето, светлина во умот, света ревност на волјата и спасение од канџите на ѓаволот. „ Очите мои секогаш се кон Господ“ рекол Давид и ја посочил причината: „ Зашто Тој ги вади од стапица нозете мои“ (Пс. 24, 15) „ Зашто Тој ќе зборува за мир на Својот народ и на Своите светии, и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему“ (Пс. 84, 8).
Гревот ги затвора очите на срцето и крадецот си мисли дека Бог не го гледа. Блудникот кој се предал на осквернување, исто така си мисли дека Бог не го гледа. И среброљубецот, лакомиот и пијаницата, и тие си мислат дека нивното оддавање на страстите никој не го гледа.
Но, Бог гледа и суди: „Бидејќи сум гол, и се сокрив “ (1 Мојс. 3, 10).
Најголемата и постојана заблуда на срцето, против која треба во текот на целиот наш живот постојано да се бориме, е тајната помисла: да посакаш барем за миг да бидеш некаде и со некој, но без Бога, да бидеш надвор од окото на Бога. И затоа, ние треба постојано да ја утврдуваме нашата љубов кон Бога и срцето наше да настојуваме да го приближиме кон Бога, бидејќи само со една мала помисла тоа лесно се отклонува. А, огромен успех во христијанскиот живот постигнал оној, кој може искрено да воскликне заедно со Ана, мајката на Самуил: „Ми се зарадува срцето мое во Господ; се возвиши силата моја преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе ” (1 Царст. 2:1).
Треба да се измиваме од нечистотијата, а молитвата, особено молитвата со солзи, ја измива духовната нечистотија, т.е. гревовите.
Ние грешиме со мисли, со зборови и со дела. За да бидеме чист образ на Пресветата Троица, треба да ги осудуваме нашите мисли, нашите зборови и дела да останат чисти. Чистата мисла соодејствува со Бог Отецот, зборот на Синот, а делото на Светиот Дух, и Тој се исполнува. Грешните мисли кај христијаните не се ситна работа, бидејќи според сведоштвото на свети Макариј Египетски целото наше угодување на Господа е заклучено во мислите. Мислите се начелото, бидејќи од нив произлегуваат сите зборови и сите дела. Зборовите пак, им даваат благодат на оние што ги слушаат, а ако се лоши и недолични, служат за разврат и ги соблазнуваат мислите и срцата на луѓето, а делата уште повеќе, бидејќи примерот, посилно од се друго, дејствува врз луѓето и ги мами да го следат.
Совеста на луѓето не е ништо друго, туку гласот на Сеприсутниот Бог, Кој му се обраќа на нашето срце. Тој создал се, и Тој не познава како Себе ги знае сите наши мисли, сите желби, сите намери, како и нашите дела сегашни, минати и идни. Колку и да се обидувам да избегам далеку, сам, само со мислите и надуеноста моја, Тој веќе е таму, и јас секогаш бегам заедно со него… Он е секогаш сведок на моите патишта. „Голем по мудрост и силен според делата, Чии очи се отворени врз сите патишта на синовите човечки“ (Ер. 32, 19) „Каде да одам од Твојот Дух, и од лицето Твое каде да побегнам? “ (Пс. 138, 7).
Ех, да размислувавме за последиците од гревовите наши или пак, за последиците од добрите дела! Колку внимателни сега би биле: би го одбегнувале гревот, а колку само би биле ревносни за доброто! Тогаш не сакавме да сфатиме дека секој грев, неискорнет навреме, прераснува во навика, пушта длабоки корени во срцето на човекот и понекогаш го води до смрт, го ранува и го измачува. А со секое потсетување за гревот, тој оживува и така ги осквернува мислите, чувствата и совеста. Потоци од солзи се потребни за да се измие застарената нечистотија на гревот толку е таа заразна и отровна!
И обратно, секое добро дело, извршено искрено и безусловно, го весели срцето; внесува радост во нашиот живот, бидејќи сознаваме дека не сме живееле сосема напразно, и покрај тоа што сме полни со гревови, сепак сме луѓе, а не животни; создадени сме по Божјиот образ и во нас е искрата на Божествената светлина и љубовта, т.е. сепак има неколку добри дела, кои на вагата на непоткупливата Божја правда, ќе им се спротивстават на лошите.
Ако срцето е чисто, целиот човек е чист и ако срцето е нечисто целиот човек е нечист, „зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Мт. 15, 19). Сите светии преку пост, бдение и молитва, преку богомислие и читање на Божјото слово, преку мачеништво и со многу труд стигнувале до чистотата на срцето. Духот Свети се вселувал во нив, ги очистувал од гревовите и ги осветувал. И затоа ти, повеќе од се друго, труди се да го исчистиш своето срце. „ Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене“ (Пс. 50, 10).
Колку сум повреден од гревот! Само што ќе си спомнам за лошото, злото и нечистото, веднаш го чувствувам и во срцето; а на доброто, убавото, чистото и светото само помислувам и за него зборувам, а не го чувствувам. Ах, тешко мене! Злото е поблиску до моето срце отколку доброто.
Освен тоа, само што ќе помислам на лошото или ќе го почувствувам, веднаш ми доаѓа да погрешам тоа се прави брзо и лесно, ако се нема страв Божји; „Навистина желба за добро во мене има, но не наоѓам сила да го правам тоа “ (Рим. 7, 18) во себе, и честопати замисленото добро дело потонува длабоко на дното.
Свети Јован Кронштадски