




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM I
Преподобен Авва Исаиј
29. Риданија
Слово на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици
29. Риданија
1. Тешко нам, кои ги сакаме властите и привремените работи и што заради привремени телесни похоти нема да ја видиме славата Господова!
2. Тешко нам, зашто, „распадливоста ја наследува нераспадливоста” (1. Кор. 15, 50), a ние ја презираме нераспадливоста, невоздржливо се стремиме кон распадливоста!
3. Тешко нам, зашто, иако нѐ очекува гниење во црви и гној, телото свое го храниме со гревови, и не се плашиме ни од огнот што вечно ќе нѐ мачи, ниту од црвот што нема да умре!
4. Тешко нам, зашто христољубивите луѓе осквернетото тело го почитуваат со поклонувања и бакнежи, а забораваме дека сме гробови варосани, кои во себе го содржат гревот смртоносен!
5. Тешко нам, зашто преку прејадување и опивање се исполнуваме со гревовни зародиши и преку тоа се распалуваме за телесна блудна страст!
6. Тешко нам, што не правиме разлика меѓу распадливото и нераспадливото и што не се плашиме од страшната Божја правда!
7. Тешко нам, што сме малодушни и спори за правење добро, а спори и неревносни – за правење добро!
8. Тешко нам, “што нашето тело, кое е погодно да биде живеалиште на вечната светлина, сме го направиле да биде живеалиште на вечната темнина”.
9. Тешко нам, што едносушниот на Бога, Кој станал Син Човечки, немал каде да ја подслони Својата глава, а лисиците – лошите и лукавите духови си направиле во нас свои дувла и живеалишта!
10. Тешко нам, оние чии души се праведни и чии тела се свети неизвалкани ќе застанат и ќе излезат пред Судијата, а ние што имаме души осквернети и нечисти тела – ќе ја чекаме само пресудата за вечните маки.
11. Тешко нам, што ние, кои ги сакаме неправдата и нечистотијата, ја бараме честа на светиите.
12. Тешко нам, што, иако сме осудени и виновни за многу гревови, се собираме заедно со светите и незлобните, како да сме чисти и слободни.
13. Тешко нам, ние преполнетите со гревови, сакаме да ги вразумуваме и поучуваме оние кои се многу подобри од нас!
14. Тешко нам, ние што имаме греда во окото наше, се правиме дека сме чисти и непорочни, им судиме на браќата наши, кои имаат само една раска на гревови и се гневиме на нив!
15. Тешко нам, што на другите им товараме бремиња тешки за носење, а ние самите, бидејќи немоќни, не сакаме ни со прст да се допреме до нив!
16. Тешко нам, што ние, иако оскудни во божествените монашки подвизи, без срам брзаме да ги учиме другите на добродетелен живот!
17. Тешко нам, ги забораваме нашите некогашни гревови, а и за најновите не се каеме и не плачеме!
18. Тешко нам, ние со Божја помош и благодат започнавме добро, a сега сме пак телесни!
19. Тешко нам, толку сме пропаднати во гревови, па, како и да не ги гледаме, се прашуваме дали некогаш во нешто сме погрешиле!
20. Тешко нам, кога јадеме и пиеме, а не помислуваме за искушенијата што доаѓаат од прејадувањето и опивањето!
21. Тешко нам, зашто ако демоните нѐ потсетат на блудните спомени, нѐ наоѓаат веднаш потполно подготвени да се насладуваме со нив.
22. Тешко нам, ги оставивме божествените молитви и читањата со размислувања, а живееме во мечтаења и празнословие!
23. Тешко нам, нашите срца се скаменети, па често, кога сакаме да зажалиме и да заплачеме, не можеме тоа да го направиме поради нашата голема мрзливост!
24. Тешко нам, Бог рекол: “Која душа греши, таа ќе умре” (Езек. 18, 4), сепак не се грижиме за неа, иако постојано грешиме!
25. Тешко нам, како телото наше лесно паѓа во грев, поради прејадување и задоволства, ние ги распалуваме со похот нашите нечисти помисли: преку очите ги примаме стрелите на лукавиот во срцето наше; преку допир до телата се распалуваме со блудна страст, не помислуваме ни за разумното наше достоинство, ниту се плашиме од вечните маки!
26. Тешко нам, многу страдаме и со страв се исполнуваме од нашите телесни болести, а за исцелувањето на болните души не се грижиме!
27. Тешко нам, владетелската сила на душата наша ѝ се потчинува на својата робинка – на телото, што господари полошото над подоброто и што заедно – и душата и телото – не Му служат на cвојот Бог!
28. Тешко нам, гревовите наши се подновуваат од лошите и нечисти помисли, а ние не сме свесни дека се оддалечуваме од Бога и за нападите на нечистите сили врз нас.
29. Тешко нам, колку сме неразумни и безумни, се восхитуваме со пофалбите на светиите, а не и со нивните подвизи и дела!
30.Тешко нам, кога ги извршуваме Божјите заповеди, не пројавуваме ни страв на робови, ниту усрдност и разумност на наемници!
31. Тешко нам, сакајќи да им угодиме на луѓето, готови сме да направиме сѐ – за да им угодиме, а не се грижиме за она што е праведно и што Му е угодно на Бога!
32. Тешко нам, кога грешиме се срамуваме од луѓето, а на вечниот срам не обрнуваме внимание!
33. Тешко нам, ние родените од сиромашни и неславни родители, за тоа не сме ни помислувале, а откако дадовме пред Бога завет за сиромаштија и неславност, настојуваме да нѐ сметаат меѓу богатите и славните!
34. Тешко нам, зашто во светот поради сиромаштијата бевме воздржливи, а сега, кога сме повикани да се воздржуваме, многу повеќе се грижиме за стомакот и за телесните удобности!
35. Тешко нам, знаеме дека ангелите се околу оние што се бојат од Бога, а демоните – околу оние што не се бојат од Него и не ги извршуваат Неговите заповеди, а сепак им се покоруваме на демонските множества!
36. Тешко нам, зашто кога ги среќаваме богатите и силните и кога разговараме со нив, се трудиме да им се допаднеме и да им угодиме, а кога сиромасите доаѓаат кај нас и ни се молат, ги сметаме за здодевни и не им обрнуваме внимание!
37 .Тешко нам, зашто не се однесуваме према луѓето како што треба, но како што сакаме!
38. Тешко нам, зашто нашите права точно ги знаеме, за нив размислуваме и учиме, а далеку стоиме од извршувањето на доброто!
39. Тешко нам, зашто внимателно ја чистиме нивата од трња и плевели, а душата наша ја занемаруваме; не ја чистиме со страв Божји од нечистите и лоши помисли, што им нанесуваат штета на светите добродетели!
40. Тешко нам, што и покрај тоа што знаеме дека ќе се преселиме од оваа земја, на која живееме како придојдени, со години се грижиме за земните и преодни работи, а кога ќе дојде времето да се преселиме оттука, со никаква власт нема да се удостоиме!
41. Тешко нам, зашто знаеме дека на Страшниот суд ќе треба да одговараме за секое наше дело, за секој празен збор, за сите наши лоши и нечисти помисли и спомнувања, а се однесуваме како да нема да даваме одговор за ништо и воопшто не се грижиме за нашите души!
42. Тешко нам, тешко ни е и горко, не само затоа што имаме премногу беззаконија и гревови, туку и затоа што ги презираме Божјите ветувања и што не веруваме во нив!
43. Тешко нам, затоа што како безумни се грижиме за преодните работи, а имајќи можност преку живеењето според Евангелието – да се соединиме со нераспадноста, но од љубов према земното – остануваме во вечно гниење!
44. Тешко нам, затоа што на вечноста ја претпоставуваме одвратната преодност и распадливост!
45. Тешко нам, зашто имаме можност да ја победиме секоја грешна желба, но поради тоа сакаме да си самоугодуваме и сме се согласиле да бидеме победувани од нашите страсти!
46. Тешко нам, што се срамуваме и што се плашиме да грешиме пред луѓето, а пред очите на Оној Кој го гледа и она што е најскриено – не се плашиме и не трепериме да бидеме нечесни и да грешиме!
47. Тешко нам, што не ги посолуваме нашите зборови со солта божествена, туку на ближните наши секогаш им говориме некорисни и од побожноста оддалечени зборови!
48. Тешко нам, кои со луѓето разговараме со лага, лукавство и притворство, а не се плашиме дека за тоа ќе бидеме осудени!
49. Тешко нам, зашто сонот и очајанието се причина што демоните ја крадат радоста на нашите срца!
50. Тешко нам, зашто се откажавме од светот, а и мирјаните ги надминуваме со нашите страсти!
51. Тешко нам, зашто и самите имаме потреба од учење и подучување, а другите ги учиме кога грешат во најмали работи!
52. Тешко нам, ако Господ нѐ казни на земјата, а нѐ изведе на суд непоправени!
53. Тешко нам, ние гледаме на она што се наоѓа во стомакот наш, затоа и биваме победувани од сластољубието и гордоста!
54. Тешко нам, секогаш ги валкаме нашите души со нечисти помисли, а сакаме луѓето да мислат дека сме свети и да не почитуваат како такви!
55. Тешко нам, што ѝ се предаваме на суетата, а забораваме на нашата борба со демоните!
56. Тешко нам, што грешиме без страв! Зашто таму ќе бидеме во неизгасливиот оган пеколен, во крајната темнина, каде што е црвот што не спие, плачот и чкртањето со заби и срамот пред повисоката и пониската твар!
57. Тешко ѝ на неразумната и непокајана наша душа! Тешко и горко, зашто по воскресението на мртвите, ќе извикува во ридања, ќе чкрта со заби и ќе офка во своето грешно тело; ќе биде очајна во страшните и неминливи маки во огнот вечен!
58. Тешко нам, што во земјата на прогонетите и придојдените ја сакаме проколнатата веселба, а за сладоста рајска не си спомнуваме и што царството небесно го презираме!
59. Тешко нам, ние сме слични на безумните девојки по немилосрдноста и што не купуваме масло за нашите светила преку правење добрини на нашите ближни!
60. Тешко нам, што секој ден Му се молиме на Бога и што непрестано повторуваме: “Господи, Господи!”, а заповедите Негови не ги извршуваме!
61. Тешко мене, што ги напишав сите овие ридања, јас кој сум виновен за сѐ што е напишано овде, a не направив ни едно покајно воздивнување!
62. Тешко на оној, што ги жали болните, кога тој не страда и не жали за своите гревовни болести!
63. Тешко нам, што сме изобличувани од нашата совест, која непрестано нѐ осудува и против нас сведочи, а ние не се срамуваме и не се плашиме ни од пресудата ниту од маките за сѐ што сме згрешиле, што не се плашиме и не трепериме од Страшниот Божји суд!
64. Тешко нам, сме исполнети од смрдеата на нашите гревови, а им се радуваме на пофалбите од луѓето!
65. Тешко нам, талкаме со умот наш насекаде, а заборавањето и расеаноста го одземаат стравот Божји од срцата наши!
66. Тешко нам, грижата наша за суетните работи срцето наше го прави како запустена земја и го затапува чувството негово за она што е духовно!
67. Тешко нам, Бог нѐ поднесува со Својата долготрпеливост и не нѐ поразува со смрт според нашите дела; нѐ удостојува со таква голема милост, а ние не сакаме да бидеме милостиви!
68. Тешко нам што не си спомнуваме за нашите гревови, а кога душата наша ќе го соблече телото свое и кога ќе се откријат сите наши гревови – и со зборови, и со дела и со помисли, тогаш со страв и покаен трепет ќе ги видиме испишани во спомените на нашето срце!
69. Тешко нам што, иако апостолот ни објавил на сите велејќи: “Koj јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово” (1. Kop.11, 29), a ние, исполнети со нашите нечистотии, пристапуваме кон страшните Божји тајни и се самоизвинуваме за сѐ што сме го направиле во нашите ноќни мечтаења, и со нашите скверни помисли! Оној што пристапува кон Бога со нечисти помисли, со очи похотливи, со нечисто тело, со нечистотии во душата и телото – тој излегува виновен, пред него! Него го чека неизмерен срам и вечна мака!
70. Тешко мене, што ги пишувам овие зборови и што проливам солзи горчливи, а што делата покајни уште не сум ги започнал!
71. Тешко мене, јас ја кажувам вистината, а добрини уште не правам!
72. Тешко мене, зашто добро поучувам, а лошо правам!
73. Тешко им на оние, што се насладуваат на гревовните сласти! Горчлив е нивниот крај и срамот им е вечен!
74. Тешко им на оние, што се грижат за непотребни и некорисни работи! Зашто се лишуваат од жалоста на покајанието – корисна за душата.
75. Тешко им на оние, што навредуват и што осудуваат; тие се отуѓиле од блажената љубов!
76. Тешко им на злобните и завидливите! Тие се оддалечиле од Божјата добрина и од Неговата милост!
77. Тешко им на човекоугодниците, зашто тие не можат да Му угодат на Бога!
78. Тешко им на лицемерите, зашто тие отпаднале од Божјата вистина!
79. Тешко им на горделивите, зашто тие не можат да Му угодат на Бога.
80. Тешко им на оние што немаат страв од Бога! Таквите паѓаат во многу гревови и биваат тепани и во овој и во другиот живот!
81. Тешко нам, што не можеме да го претрпуваме каснувањето на болвите, гнидите, вошките, мувите, комарците, пчелите и осите, се браниме и се штитиме од нив, а не преземаме ништо против нападите на големата аждаја која може да ни зададе смртоносни повреди!
82. Тешко нам, колку многу нѐ измачува ѓаволот и со сласти и co болести, и со маки и со секакви измами на овој свет, а ние не сакаме да престанеме со нашите зла!
83. Тешко нам, толку долго трае отстапувањето, многумина ја напуштија нашата православна вера, а ние збор не проговораме, срцето наше не се измачува, а и од страстите наши не се воздржуваме, туку гревовите свои ги умножуваме, па за нашите лоши дела и за нашата слаба вера – одеднаш вечни маки во пеколот ќе добиеме!
84. Тешко нам, што ги напишавме овие ридања, зашто ни дојде смртниот час и нѐ најде непокајани за гревовите на нашата младост, за гревовите неоплакани, кон кои сме ги додале уште и потешките гревови на нашата старост!
85. Тешко нам, што не се срамуваме ни од најтешките страдања и болести на нашето тело, туку се збогатуваме со гревови, та и понатаму сме невоздржливи и изобилно се храниме и ги негуваме нашите осквернети и грешни тела!
86. Тешко нам, зашто ќе минеме низ оган што баботи пострашно и од морските бранови, заборавајќи дека сите “треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло” (2. Кор.5, 10)!
87. Тешко нам, зашто не помислуваме на оној мрачен и неприроден оган, за плачот неутешен што нема да престане и за ужасното чкртање со заби! Зашто Бог ќе му ја одземе светлината на тој пламен, а пеколната жештина и темнината ќе ги остави во огнот за измачување на неверниците и грешниците!
88. Тешко ѝ на мојата несреќна душа! “Голема тага и непрестајна болка во моето срце” (Рим. 9, 2). Зашто, плачејќи и ридајќи над себе, треба да кажам; злото го помрачило разумот мој и ја скрило вистината од мене, смртта одржала победа над животот, преодното и привременото го заменило небесното, нераспадливото и вечното, а одвратното и достојното за омраза – се покажало послатко и посакано од вистинската љубов Христова и од вистинската чесност; осудувајќи ја на прогонство вистината, смртта го победила животот, ја исфрлила од мојата душа; јас сум ја избрал жалоста место радоста, срамот и понижувањето место слободата и пофалбата; горчевината сум ја претпоставил на сладоста; земјата и правот ги засакав повеќе од небесното царство; темнината на непријателот што го мрази доброто – навлегла во моето срце и му ја помрачила светлината на знаењето на умот мој.
89. Тешко мене! Во какви страшни мрежи ѓаволите ме обмотале, ме врзале и од каква височина надолу ме фрлиле! Истоштен сум и пот ме облива. Кој ќе ме одврзе? Кој ќе ме ослободи? Кој нема горко да заплаче за мене, измачен со попусти трудови, кој претрпив бродолом во пристаниште? “Смилувајте се, смилувајте се над мене, пријатели мои, – зашто раката Божја се допре до мене” (Јов 19, 21). Помолете Му се на благиот и семилостивиот Господ мој Исус Христос, да биде милостив према мене и да ја растера маглата на ѓаволот, што ја мрази вистината, од мојот ум, та да можам да видам во каква кал лежам и, можејќи да станам, не сакам да се извлечам од страшната нечистотија. Дали времето мое веќе свршило? Дали секоја моја надеж е загубена?! Нема болест поголема од мојата; нема рани пострашни од моите; нема маки поголеми од маките на моето срце; “Смрдат и гнојат раните мои поради безумието мое” (Псал. 37, 5). Раните мои не се од меч; и моите мртвоци не се мртви што паднале в бој; вжештените стрели демонски се забија во мене, го ослепија внатрешниот човек мој; “Изнемоштев од викање; засипна грлото мое; попуштија очите мои, надевајќи се на мојот Бог”; “зашто страшното, од кое се ужасував, тоа ме снајде; од што се плашев, тоа ме сполета“ (Јов 3, 25) и, “ако го бевме заборавиле името на нашиот Бог и да ги бевме протегнале рацете наши кон туѓ бог” (Псал. 43, 20).
90. Тешко мене! Душо моја, погледни ги привремените работи. И уште малку, уште сосем малку, па горчевина страшна те чека. Душо моја, помисли од какви блага и убавини се лишуваш и какви страшни маки набргу те очекуваат. Нема кој да ти помогне и да те заштити. Зошто пред смртта не се покаеш? Разбуди се! Стани и дојди и помоли Му се на Подателот на вечната светлина – да те избави од страшниот пламен, кој проголтува сѐ од крајната темнина! Само Тој може да проштева гревови и да ни подари дарови скапоцени на нас недостојните. Негова е силата и славата во векови и вековите и во сета вечност Амин.
Преведе,
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада