




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM I
Преподобен Авва Исаиј
27. “Пази се!” (5. Мој. 15, 9)
Слово на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици
“Пази се!” (5. Мој. 15, 9)
1. Пази се внимателно, верувајќи во Господа, и надевајќи се во Него. Да веруваме дека нашиот Господ Исус Христос, Кој е вистински Бог и Кој има неискажлива слава и величественост, станал за нас човек и образец, како што е напишано: “Христос пострада за вас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки” (1, Петр. 2,21); Он се смирил со преголемо смирение, примајќи вид на слуга, осиромашил, претрпел многу срамни понижувања, но Тој го сметал сето тоа за ништо, како што е речено кај светиот пророк Исаија: “Тој беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како јагне Тој беше одведен на колење, и како што е овцата пред стрижачите свои безгласна, така и Тој не ја отвори устата Своја. Тој беше лишен од праведен суд. Кој може да зборува за Неговите наследници? Зашто беше отсечен од земјата на живите; заради беззаконијата на Мојот народ беше осуден на смрт” (Исаија 53, 7-8). А најпосле, Тој се подложил и на смрт, која била придружена со големи навредувања заради нас и заради нашето спасение, за ние, според Неговата заповед и поради нашите гревови, доброволно да претрпуваме кога некој, со право и без право, ќе нѐ навредува или ќе нѐ клевети, па дури ако нѐ подложи и на смрт – да бидеме кротки како овци водени на колење, да бидеме како неразумниот добиток, никако да не се противиме, туку ако можеме да се молиме или во краен случај да молчиме и сето тоа да го примиме со смиреност.
2. Внимавај внимателно на себе и верувај, дека е многу корисно и спасоносно за душата да биде изложена на навредувања и понижувања заради Бога, со радост и без очајание, помислувајќи, дека сме достојни за овие маки и страдања поради нашите гревови и сето тоа да го претрпиме заради нашите гревови во името на Господа, и на тој начин барем малку да ги подражаваме страдањата на нашиот Господ Исус Христос. И секогаш кога ќе си спомнеш за оние што те навредуваат и ожалостуваат, моли се за нив со срце и со душа, како да те удостоиле со најголеми дарови. Затоа никако да не им се лутиш.
3. Пази се внимателно и пази се како од страшна смрт, од загуба на твојата душа и од вечните маки. Пази се да не ја презреш својата душа и да се предадеш на гордост и славољубие: да посакуваш слава или чест, или пофалби од луѓето или да мислиш за себе дека си нешто, дека си направил некоја голема добродетел, дека си подобар од другите. Пази се од срам на похот и бори се против нејмалата телесна сласт. Одбегнувај да се запознаваш со некого без потреба, или да се допираш до телото на другиот, или да јадеш нешто без време; владеј со себе на тој начин и оградувај се и од најмалото зло. Пази се да не паднеш во тешки гревови, особено пази се од малите гревови, за постепено да не почнеш да грешиш и со големи гревови.
4. Пази се внимателно искрено и со душа да се сметаш од сите најмал, најгрешен од сите христијани, а душата твоја секогаш да плаче и да се смирува; како недостоен и малоумник, секогаш молчи и воошпто не зборувај без потреба.
5. Внимавај на себе: секогаш памети и имај ги пред твоите духовни очи вечниот оган и вечните маки; помислувај на оние што се осудени таму и сметај се повеќе дека си еден од нив, отколку дека си меѓу живите.
6. Биди внимателен спрема себе, па со душа и со срце да се сметаш најмал од сите христијани и дека Господ наш Исус Христос умрел и воскреснал за нас, та и ти за да не живееш повеќе за себе, туку за Господа, Кој умрел за сите и воскреснал за нас (2. Кор. 5, 15), верувајќи дека секогаш се наоѓаш пред Неговото лице и дека Он непрестано го гледа твоето срце.
7. Биди секогаш внимателен и готов да ѝ се потчинуваш на Божјата волја: ако е и за смрт, за живот, за некакво страдање, со голема желба и вера – да очекуваш големи и страшни искушенија кои доаѓаат на тебе, па дури и страшни маки и најстрашна смрт.
8. Биди внимателен, како да си пред лицето на самиот Бог, да не правиш ништо без Божја волја, па ако е тоа и најмала работа. Што и да посакаш било да кажеш, било да направиш, било да појдеш кај некого, било да јадеш или да пиеш нешто, да легнеш, да спиеш или да направиш нешто што и да е, запрашај се дали му е тоа угодно на Бога, испитај се и најди ја причината зошто го сакаш тоа. Дури тогаш, тоа што ќе го правиш прави го пред Бога. Така, во сите твои дела и зборови, проверувај се пред Бога, за да стекнеш навика да ја извршуваш само Неговата волја и да се надеваш само на Него.
9. Биди внимателен тогаш, кога ќе те навреди некој и ќе се појави во тебе жалост или гнев, тогаш треба да молчиш и ништо да не говориш освен, она што е најпотребно, додека со молитва не го скротиш твоето срце. Дури тогаш, по сето тоа, проговори со твојот брат. Ако имаш потреба да го изобличиш твојот брат, а видиш дека во тебе има гнев и немир, никако да не говориш тогаш, за да не се разгневиш, дури тогаш кога ќе видиш дека сте во добро расположение и кротост, и ти, и тој тогаш проговори му, но никако како оној што изобличува, туку како оној што напомнува, со голема смиреност.
10. Биди многу внимателен секој ден очекувај ги искушенијата, страдањата, маките, па и самата смрт. Сѐ претрпувај спокојно, помислувајќи: “Во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки” (Дела 14, 22).
11. Биди особено внимателен, да не бидеш своеволен – ни во зборови, ни во дела, ниту во твоите помисли; никако не барај да биде како ти што сакаш, туку настојувај да ја исполнуваш Божјата волја во сѐ. И ако се покаже нешто многу тешко, поднесувај го и прави го заради царството небесно, верувајќи со сето свое срце, дека тоа ќе ти биде покорисно од секоја човечка мудрост, бидејќи Божјата заповед е вечен живот, како што е напишано: “Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да имате страхопочит кон Господ” (Псал. 33, 11).
12. Биди секогаш внимателен и чувствувај се како секогаш да се наоѓаш пред лицето на Бога, така што од никого ништо да не очекуваш, туку на сѐ да се надеваш со вера само од Него Единиот. И од што и да имаш потреба, моли Му се на Бога, да ти го даде она што е според Неговата волја. За сѐ што имаш, благодари Му на Бога, зашто сѐ си добил од Него; Тој ти го подарил. Ако се лишиш од нешто, никако не надевај се на човек, не тажи и не мрмори против никого, туку поднесувај сѐ со трпение и спокојно. Помислувај во себе, дека си достоен за уште поголеми страдања поради твоите гревови. Повторувај често во себе: “Ако Бог сака, Тој може да се смилува на мене”. Ако имаш ваква вера и ваква надеж во Бога, Тој може да ја задоволи секоја твоја потреба.
13. Биди внимателен и не примај ништо веднаш, додека не се увериш, дека тоа ти го испраќа Бог заради твоите искрени трудови, па дури тогаш согласи се да го примиш со секаков мир. А кога ќе се увериш дека тоа ти се нуди од лукавство, лицемерие и како повод за искушение, не согласувај се да го примиш, туку отфрли го, помислувајки си ги зборовите од Светото Писмо: “Подобро малку, но со страв Господов, отколку големо богатство, и со него немир” (Изрек. 15, 16).
14. Биди внимателен и труди се да молчиш, за да ти подари Бог сила да можеш да се бориш и да се подвизуваш. Ако некој има потреба да говори со тебе, и, ако сознаеш дека таа негова потреба е благословена од Бога, и дека е Негова волја да говориш со тој човек, а не да молчиш, тогаш отвори ја твојата уста со страв Божји и со трепет; погледот твој нека биде свртен надолу, а зборовите твои да бидат одмерени и смирени. Koгa говориш со некого, не говори многу: твоите зборови да бидат одмерени, и полни со љубов; поговори, но набргу замолчи. Ако потоа ти постават некое прашање, одговори сосем накусо само она што е потребно, а повеќе од тоа – не говори.
15. Биди особено внимателен во тоа: како да се воздржуваш од блудот, како да се воздржуваш од похотата на очите, на слухот, на јазикот и на допирот. Твоите очи нека бидат секогаш внимателни према твојата рачна работа и да не бидат свртени кон друг човек, освен кога видиш дека за тоа постои некаква неопходна потреба. На убава жена и на убав маж никако не гледај, без потреба. На твоите уши не им дозволувај да слушаат нешто против некого, ниту им дозволувај да слушаат некорисни разговори. Твојата уста да молчи; без потреба никако да не говори.
16. Возљубени, кога ќе ги читаш овие работи, потруди се да ги извршуваш. Нека ти помага Бог во часовите на искушенијата. Амин.
Преведе,
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада