




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM I
Преподобен Авва Исаиј
11. За Синаповото зрно
Слово на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици
11. За Синаповото зрно
Има една тајна во параболата Господова за синаповото зрно. Така велат отците и нѐ поттикнуваат да ја истражуваме тајната што е скриена во зборовите на нашиот Господ Исус Христос: “Царството небесно прилега на синапово зрно, кое човек го зел и посеал на нивата своја; тоа е најмало од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите зеленчуци, па станува дури и дрво, така што птиците небески долетуваат и застануваат и се вгнездуваат на неговите гранки” (Матеј 13, 31-32). Такво е синаповото зрно и такви се неговите својства. И Господ, кога ги истакнува, сака да се угледаме на него во сѐ, што ни кажал за него. Велејќи ни, дека тоа е “најмало од сите семиња”, Он ни советува да бидеме смирени – да се сметаме за подолни од секој човек. А со тоа што ни вели дека , кога израсне тоа станува поголемо од сите други зеленчуци, ни говори за кротоста и за долготрпеливоста. Тоа што ова растение има огнен цвет, – со тоа ни напомнува дека треба да бидеме чисти, да немаме никаква телесна нечистотија; со тоа што неговата внатрешност е горчлива ни напомнува да имаме омраза према страстите, зашто тешко им и горко на оние што го сакаат светот; а тоа што неговиот пријатен вкус не се пројавува се додека не биде соџвакано и иситнето, тоа говори за ползата од телесните страдања; кога го триеме, тоа ги просолзува нашите очи, ова ни напомнува за тешкотијата на трудовите. Го употребуваат за мачкање на умртвените делови на телото, за да не загнојат и да не се исполнат со црви. Тоа е смислата на овоплотувањето. Треба да си Го замислуваме Господа Исуса Христа во себе и да се грижиме за тоа; да се насочуваме кон Него и за Него – слично на синаповото зрно дали сме и ние од тоа зрно или не: дали имаме и ние такво устројство и такво смирено срце, дали има и во нас од неговиот прав и од неговата горчевина и од неговиот вкус. Божјата милост сака да не исполни со сила, за да можеме да го извршуваме она што Му е угодно Нему. Нему нека Му е слава – на Отецот, и на Синот и на Светиот Дух во сите векови. Амин.
Преведе
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада