




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM I
Преподобен Авва Исаиј
10. Заповеди за оние што се откажале од светот (Продолжение)
Слово на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици
10. Заповеди за оние што се откажале од светот (Продолжение)
1. Бог му покажал на светиот апостол Петар дека ниеден човек не треба да го смета нечист и осквернет (сп. Дела. 10, 15). Бидејќи се осветило неговото срце, секој човек за него станал свет. А за оној, чие срце е исполнето со страсти, за него ни еден човек не е свет. Поради страстите, кои се во неговото срце, тој мисли дека и секој човек е како него. Кога ќе му рече некој дека некој човек е добар, тој веднаш се гневи во своето срце. Пазете се да не понижувате никого – ни во своето срце.
2. Додека не почнал човек да се грижи за себе си, сѐ дотогаш мисли дека е пријател Божји. А кога се ослободи од своите страсти, тој почнува да се срамува да го подигнува својот поглед кон небото – пред Бога, гледајќи дека е бескрајно оддалечен од Него.
3. Некој човек имал двајца слуги и ги испратил на својата нива да жнеат пченица. Им заповедал, секој од нив, секој ден да ожнее по седум крстини снопје. Едниот од нив ја употребил сета своја сила, за да ја изврши заповедта на својот господар, но не успеал, затоа што тоа било над неговите сили, а другиот, очаен што не можел да ја изврши заповедта на својот господар, си рекол: “Кој може да направи толку многу работа во еден ден?” Па, откако потполно ја презрел заповедта на својот господар, не се грижел веќе за работата, легнал да спие; ту прозевнувал – ту спиел, се вртел ту на една – ту на друга страна, и така изминал целиот ден попусто. Вечерта се вратиле кај својот господар и му кажале што направиле. Господарот, откако ги ислушал обајцата, првиот свој слуга го пофалил, иако не извршил сѐ што му заповедал, а мрзливиот слуга го отпуштил и го избркал од својот дом. И ние не треба да очајуваме кога се наоѓаме и во најголеми страдања и маки, туку да ги вложуваме сите свои сили, да работиме напорно и да го направиме тоа што можеме. Јас верувам дека тогаш Бог и нас ќе не награди еднакво како и Своите сакани светии.
4. Секој човек треба да прави многу молитви пред Бога со голема смиреност на срцето и на телото, без да мисли дека направил нешто добро; да не им верува на пофалбите, да не се жалости од прекорите, да си спомнува за своите гревови, да се однесува спокојно спрема своите непријатели и да не дозволува лош збор да излезе од неговата уста, да не им каже лош збор, да не ги прекори, дури и пред оние што најмногу ги сака.
5. На крајот, монахот е должен да ги затвори сите врати на својата душа и да ги пази сите свои чувства, за да не падне преку тоа и да се запазува од оние од кои слуша светски зборови. Блажен е оној што мисли само за своите гревови и не се интересира за гревовите на другите луѓе.
Преведе
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада