“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – TOM I
Авва Евагриј
14. За славољубието
Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј
14. За славољубието
13. Од сите помисли само славољубивата помисла опфаќа повеќе предмети. Таа ја опфаќа речиси целата вселена; им ги отвара вратите речиси на сите демони и затоа е како некаков одвратен предавник на некој утврден град. Таа му го поткрадува умот на отшелникот, го исполнува со многу зборови и предмети, ја уништува неговата молитва, со која се обидува да ги лекува раните на својата душа. Оваа помисла ја оплодуваат сите веќе победени демони, кои преку неа добиваат пак пристап и вход во душата, правејќи на тој начин “последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата“ (Лука 11, 26). Од оваа помисла се раѓа и помислата на гордоста која го турнала демонот од небото на земјата. ”Сине човечки, плачи за тирскиот цар и кажи му – вака вели Господ Бог: ‘ти си печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината’“ (Језек. 28, 12). „за да не го дадеш животот свој на друг и годините свои на мачител!“ (Изрек. 5, 7-9). Срдечната молитва го прогонува овој демон, како и тоа да не говориш и да не правиш ништо што води кон проколнатото славољубие.
14. Кога умот на отшелникот ќе добие малку безтрасност, тогаш се качува на коњот на славољубието, патува по градови и села и невоздржливо се опива со пофалби и со својата слава. Но, по Божја промисла, откако ќе го сретне духот на блудот и откако ќе го заклучи во некоја шупа учејќи го да не станува од својата постела сѐ додека не оздраве, да не се угледа на оние нетрпеливи болни, кои, уште не оздравени, тргнуваат на пат, почнуваат да посетуваат лековити води, па затоа повторно се разболуваат од истите болести. Затоа, седејќи во својата ќелија, подобро е да внимаваме на себе, па напредувајќи во добродетелите да станеме неподвижни за злото; да го обновуваме и преумножуваме духовното знаење, а да се удостоиме со мноштво различни соѕерцанија; да се издигнуваме во молитвата и појасно да ја гледаме светлината на нашиот Спасител.
15. Јас не сум во состојба да ги опишам сите злосторства на демоните; срам ми е прво да ги пребројам сите нивни итрини и лукави искушенија. Се плашам за оние мои наивни читатели, кои не минувале низ вакви страшни искушенија. Но, послушај за лукавите напади на блудниот дух. Кога некој ќе придобие некаква безтрасност во похотниот дел и кога неговите срамни помисли ќе се оладат, тогаш овој срамен демон му претставува помисли за мажи и жени, му ги покажува како играат заедно едни со други, терајќи го отшелникот да ги гледа нивните срамни дела и телесни движења. Но, ова искушение не е од бројот на оние што се задржуват во умот, затоа што внимателната молитва и строгиот пост со бдеење, како и вежбите во духовните соѕерцанија го прогонуваат како некој безводен облак. Но, се случува овој лукав демон да се допре дури и до телото, распалувајќи во него неразумно возбудување и подготвувајќи му илјадници други итри искушенија, за кои сметам нема потреба да пишувам и да ги објавувам. Против ваквите помисли многу е корисно разгорувањето на нашиот гнев и неговото устремување против демонот, кој се плаши многу од овој наш гнев, зашто тогаш биваат уништувани сите негови замисли. Токму вакво значење имаат зборовите на псалмопеачот Давид: ”Не грешете, гневејќи се“ (Псал. 4,4). Ова е корисен лек за душата кога е изложена на искушенија. На овој демон се угледа и демонот на гневот кој му нашепнува на умот на отшелникот дека божем некој од неговите родители, роднини или пријатели се изложени на навреди од некои ништожни луѓе. На тој начин го распалува неговиот гнев, внушувајќи му да каже нешто или да направи нешто лошо против оние кои ги замислува како непријатели на неговите блиски. Ова треба да го забележиме и што побргу да се ослободиме од таквите вообразби, да не дозволиме тие да се задржуваат во нас за да не ни чадат како гламји за време додека се молиме. На вакви искушенија биваат подложувани главно гневливите луѓе кои лесно се распалуваат во своите устремувања против другите луѓе, кои се далеку од чистата молитва и од вистинското познавање на нашиот Спасител Господ Исус Христос.
16. Помислите на овој свет, Господ му го предал на човекот како што му се предаваат овци на добриот пастир, давајќи му ги за помошници желбата и гневот, за да може гневно да ги натера во бегство мислите на волците (демоните), а со душевната своја желба да ги сака овците (добрите помисли) и да ги пасе, изложувајќи се многу пати на ветрови и дожд. Притоа, Господ му дал и закон како да ги пасе овците ”Тој ме одмара на зелени пасишта и ме води на тихи води“ (Псал. 22, 2); My дал и псалтир и гусла, му дал и стап. Установил и озаконил да се храни и да се облекува од стадото и светиот апостол Павле прашува: ”Кој пасе стадо, а не пие од неговото млеко?“ (1.Кор. 9, 7). Затоа, отшелникот треба дење и ноќе да го чува тоа стадо, така што да не дозволи неговите рожби (јагнињата) да бидат грабнати од волците и другите диви зверови или да паднат во рацете на крадци и разбојници, а ако се случи тоа, тој треба веднаш да ги спасува од челустите на лавовите и мечките (1. Цар. 17, 34-35). Често нѐ напаѓаат лоши помисли против братот, ако не го пасеме стадото со љубов; имаме страсна помисла за жена со страсни желби; помисли за сребро и злато, ако пасењето е сврзано со желба за богатеење; па дури и со помисли за придобивање на свети дарови; ако своето духовно стадо го пасеме во умот свој со славољубие. Истото можеме да го кажеме и за другите помисли, ако тие бидат заробени од страстите. Нашето стадо не треба го пазиме само дење, туку и ноќе треба да се грижиме за него; должни сме секогаш да бидеме будни и да бдееме. Зашто се случува некој да се занесе по нешто срамно и лукаво, и да го загуби своето стадо. Токму ова го означува она што е речено во Светото писмо: “Дење ме истоштуваше горештината, а ноќе мрзнев; и сонот ми бегаше од очите” (1.Мој. 31, 40). Ако поради презамореност не зафати униние, тогаш треба да побрзаме кон каменот на знаењето, и да почнеме разговор со псалтирот и да удираме по жиците од знаењето на добродетелите. Да ги пасеме, пак, нашите овци и под Синајската Гора, така што Бог на нашите татковци и нас да нѐ повика од капината (2.Мој . 1, 4) и да ни ја подари силата на знаците и чудесата.
17. Разумната природа, умртвена со гревот, Христос ја пробудува со покајание преку соѕерцанието на сите векови – оние што изминале, сегашниов и особено оние што ќе дојдат, Отецот таа душа која смирува со Христовата смрт (во крштевањето или во покајанието – кога се згрозува и оддалечува од гревовите) – ја воскреснува преку познавањето на Самиот Него. И токму за ова значат зборовите, кои ги кажал светиот апостол Павле, велејќи: “Ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме” (Рим. 6, 8).
18. Како што умот, откако ќе го соблече стариот човек, се облекува во оној што е од благодтта, тогаш тој ќе го види и своето устројство за време на молитвата – слична на скапоцениот камен caфир или на небесен цвет, кој Светото Писмо го нарекува “место Божјо”, кое го виделе старците на Синајската гора (2. Мој. 24, 10).
19. Нечистите духови, едни го искушуваат човекот како човек, а други го вознемируваат како неразумно животно. Првите, откако ќе дојдат до нас, ни ставаат помисли на славољубие, гордост, завист, осудување, кои не напаѓаат ниту едно животно , туку се однесуваат на разумните суштества, а вторите, откако ќе ни се приближат, возбудуваат во нас гнев и похот кои не и се својствени само на нашата природа, туку не се својствени на ниту на неразумните суштества; тие се скриени во нас, под нашата разумна природа, односно стојат многу пониско од неа или под неа. Затоа Светиот Дух, имајќи ги предвид помислите, кои се појавуваат кај луѓето, говори; ”Јас реков: вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот; но вие ќе умрете како и сите луѓе, и ќе паѓате како секој кнез“ (Псал. 81, 6, 7). А што говори за помислите, кои дејствуват во нас, исто како со неразумни суштества? Тогаш говори; “Не бидете како коњ или како маска, кои немаат разум, чија дивина со узда и оглавник се скротува за да ти се покоруваат” (Псал. 31, 9).
20. „Зашто оние што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господ, ќе ја наследат земјата“.(Псал. 36, 15), тогаш постапи така како што ти велиме. Расчленувај ја во себе помислата што ти ја вложиле демонските сили; потруди се да сватиш од што се состојат и што особено напаѓаат во твојот ум. Еве, што сакам да ти кажам. На пример, ти испратиле среброљубива помисла. Расчлени ја таа помисла што ја имаш во својот ум: на самата помисла за златото – како на злато само по себе и на среброљубивата страст. Потоа, прашај се; што е грев од сето ова? Дали е грешен умот? Но, како може да биде грешен умот, кога е тој образ Божји? Или е грешна самата помисла за златото? Но, зошто е тоа тогаш, создадено? Па така, останува да се побара каде е гревот и во што се состои тој грев. Значи, гревот, не е во самата суштина на предметот, ни во поимот за него, туку се наоѓа во сласта што ја причинува омразата према луѓето, која се раѓа во нас во согласност со нашата слободна волја која го приморува умот лошо да се ползува со Божјите созданија. Ете, овие грешни сласти и страсти не се забранети и законот Божји ни заповеда против нив да се бориме и да ги победуваме. Кога на ваков начин ти ќе ја испитуваш твојата помисла, грешната помисла ќе исчезне, и демонот ќе избега штом твојата мисла ќе се издигне нагоре окрилувана со ваквото знаење.
Ако не сакаш да го свртиш неговиот меч против него, а сакаш да го победиш со помошта на својата моќ, тогаш земи си и ти камчиња во својата торба. Ете, навлези во вакво размислување: ако ангелите и демоните имаат пристап во нашиот свет, зошто ние да немаме пристап во нивниот? Ние не можеме да ги приближиме ангелите повеќе кон Бога отколку што се, а ни на ум не ни паѓа да ги направиме понечисти отколу што се. Исто така, почни да размислуваш и за следново; ”Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите“ (Иса. 14, 12) и: “Тој прави морската длабочина да врие како котел, морето го претвора во зовриена маст; зад себе остава светла трага; бездната изгледа како бело руно”(Јов 41, 23-24), која ги вознемирувала со својата злоба и сакала да управува во сите и да владее над сите? Размислувањето за овие работи и јасното и правилно сознание за нив ги повредува демоните и ги тера сите нивни мноштва да бегаат. Но, вака можат да дејстуваат само оние кои донекаде се очистиле и кои донекаде ја согледуваат причината на она што станува со нив за време на нивните искушенија од демоните. Но, неочистените не знаат вака да размислуваат, па и тогаш кога се поучени од други за ова, нема да ги послушаат и нема да знаат што се случува со нив за време на овие борби, затоа што внатре во нив има столбови од прав и сѐ е во безредие поради нивните страсти. Значи, сите сили демонски треба да стојат настрана, да не влегуваат во борба, така што само Голијат да излезе во борба против нашиот Давид. Кога ќе бидеме нападнати и од други наши помисли, да го употребуваме овој начин на размислување и ваквиот начин на водење борба со демонските сили.
21. Кога некои нечисти помисли ќе избегаат од нас, да ја побараме причината за тоа, да се прашаме зошто тоа се случило така. ‘ Дали е таков случај, што не сме во состојба да го разбереме или пак нашиот духовен непријател не можел да ни направи ништо главно поради нашата бестрасност. На пример, ако некој од отшелниците помисли дека нему му е дадена врховната управа на престолниот град, и тој веднаш не ја прифати таа помисла, туку ѝ се спротивстави, тогаш е очигледно дека тоа ќе се случи поради првата причина, но ако почне да замислува како станува управител на престолниот град, ако поверува дека тоа не може да се оствари и ако се поставил со презир према таквата помисла, тогаш е јасно дека тој блажен брат веќе навлегол во бестрасноста. Исто така, ќе ни се открие и во врска со другите лоши помисли, како дејствуваат на нас лошите помисли, ако го употребуваме овој начин на испитување. Ова ни е неопходно потребно за да знаеме како да ги употребуваме нашата усрдност и нашите усилби, зашто преку тоа ќе дознаеме дали сме го преминале Јордан и дали се наоѓаме близу до градот на палмите (5. Мој. 34, 3) или уште живееме во пустината и уште сме напаѓани и тепани од незнабошците.
Ми се чини дека демонот на среброљубието е многу лукав и вешт во изнајдувањето како да нѐ мами. Тој често, притеснет од строгото самоограничување на отшелникот, се претвара дека е многу попустлив и љубител на сиромасите кои својства воопшто ги нема, им го испраќа она што им е потребно на оние што се во нужда, посетува затвори, ги откупува оние што ги продаваат, се приближува до богати жени и им укажува на кого треба да му укажат помош, а на други, кои имааат големи приходи, им советува да се откажат од светот. На таков начин демонот малку по малку ја измамува душата, ја исполнува со помисли на среброљубието и ги предава на славољубивата помисла. Тој воведува мноштво од оние што Го прославуваат Господа за таквите негови планови, а некои од нив постепено почнуваат да говорат меѓу себе, и за примањето на свештенички чин, да замислуваат дека постојниот свештеник набргу ќе умре и му вели дека тој нема да може да одбегне да биде избран за иден свештеник, па што и да преземе. И така, кутриот ум, предавајќи им се на таквите помисли, почнува со оние што не го примаат да се препира и да спори, а на оние што го примаат да им дава скапи подароци, да ги прима весело и со благодарност, а некои од неговите упорни противници да ги предава на суд и да бара да бидат протерани од градот. Меѓутоа, како што се враќаат тие мисли внатре во него, овој отшелник бива предаван на демонот на гордоста, со зачестени мисли го бразди воздухот во ќелијата, пушта во неа крилати змии, и последното зло што му го прави е тоа што го лишува од умот. Но, ние, кои се молиме да бидат уништени ваквите помисли, да се трудиме во состојба на благодарност, да се соживееме со немаштијата. Светиот апостол Павле пишува: ”Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да понесеме. Hо, кога ќе имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тим. 6, 7-8), имајќи на ум, како што понатаму вели апостолот дека “коренот на сите зла е среброљубието” (1. Тим. 6, 10).
22. Сите нечисти помисли се задржуваат во нас поради нашите страсти кои го фрлаат умот во пропаст. Зашто, како што мислата за лебот го задржува чувството на глад кај гладниот, мислата за водата – жедта кај жедниот, така и помислата за парите и срамните помисли, кои се раѓаат од изобилните јадења – се задржуваат во нас поради соодветните страсти во нас. Слично на ова ќе се открие и во славољубивите помисли како и во другите грешни помисли. Ho, не е можно умот кој е задушуван од таквите помисли, да застане пред Бога и да се украси со венецот на правдата. Од вакви мисли бил опфатен оној несреќен ум кој според евангелската парабола се откажал од вечерата на знаењето за Бога (Лука 14, 18-20). Исто така, и оној на кого му ги врзале рацете и нозете и го фрлиле во крајна темнина, кој имал облека исткаена од овие и вакви помисли за која Оној што го поканил, ја сметал недостојна за свадбена гозба (Матеј 22, 13). Свадбената облека е бестрасноста на разумната душа која ги отфрлила похотите на овој свет. А кои се причините што во нас толку долго се задржуваат помислите за светските работи кои го расипуваат знаењето, за ова е речено во главите во кои се говори за молитвата.
23. Демоните кои му се спротивставуваат на нашиот дејателен живот имаат тројца началници, под чија власт се сите мноштва на демонските сили. Тие влегуваат први во борбата и преку нечистите помисли ја повикуваат душата на грев. Тоа се најнапред оние, на кои им е заповедано да нѐ тераат да се стремиме кон чревоугодие. Втори се оние што учат да бидеме среброљубиви, а третите нѐ повикуваат да бараме слава од луѓето. Затоа, ако сакаш да имаш чиста молитва, пази се од гневот. Ако го сакаш целомудрието, воздржувај се од јадење и пиење, не давајќи му достатно леб за да се насити; измачувај го и со тоа што ќе му даваш и малку вода. Биди постојанен и прибран во молитвата; пази се од гневот; сакај ја телесната и духовната чистота; воздржувај го твојот стомак. Оддалечувај го од себе и помислувањето за оние што ти направиле некое зло. Зборовите на Светиот Дух никогаш да не бидат оскудни во тебе, а на вратите од Светото Писмо чукај со раце на добродетелите. Тогаш ќе засветли во тебе бестрасноста на срцето и ти ќе го видиш твојот ум за време на твојата молитва сјаен како звезда.
24. Кога демонот на чревоугодието, по честите и силни напади, не ќе може да ја повреди твојата утврдена воздржливост, тогаш ја става во твојот ум желбата кон најстрогата воздржливост. Затоа те потсетува на она што е познато за пророкот Даниил – за неговата воздржливост, за житото што му служело како храна (Дан. 1, 16). Го потсетува монахот и на примерите на некои отшелници кои секогаш живееле во најстрога воздржливост, или во почетокот или во текот на целиот свој подвижнички живот – ги тера и нив да се угледаат на нив, со цел, откако ќе си наложат воздржливост, која е над нивните сили, да се исплашат и да не успеат ни во умерената воздржливост кога телото поради својата немоќ ќе се покаже недоволно силно за таков подвиг. Затоа мислам дека не треба да им веруваме кога ни советуваат таква строга воздржливост, дека не треба да се лишуваме од леб, масло и вода. Зашто браќата од личен опит научиле дека таа храна е најдобра; само да не јадеме до наситување и да јадеме еднаш на ден. И навистина би било чудно некој да јаде леб и да пие вода до наситување и да може да се удостои со бестрастие, а јас бестрастието го нарекувам не само оддалечувањето од гревот; тоа не го нарекувам воздржливост, туку тоа е ослободување од страсните помисли во срцето, кое светиот апостол Павле го нарекол ”обрезание што е во срцето, по дух“ (Рим. 2, 29). Ако некој, слушајќи ги овие зборови, паѓа со духот, тој нека си спомне за ”избраниот сад“ (Дела 9, 15) – апостолот кој во глад и жед го извршувал својот подвиг. И духот на унинието, угледајќи се на овој демон, овој противник на вистината, му ја нашепнува на трпеливиот мислата да се оддалечи во најоддалечената пустина, повикувајќи го да се угледа на светиот Јован Крстител и на основоположникот на отшелниците на светиот преподобни отец Антониј, со цел да му се стави претежок товар на отшелништвото кое тој не ќе може да го носи подолго време, и на тој начин со срам да избега оставајќи го своето место, а потоа демонот да се фали и да вели: ”Го навадив“ (Псал. 12, 4).
25. Демоните не ги знаат нашите срца, како што мислат некои луѓе. Зашто само Оној Кој ги знае човечките срца, е само Тој: “Ако сум згрешил, што сум направал, о чувару над луѓето? Зошто ме избра за Своја мета, па да сум Ти на товар?” (Јов 7, 20) и: “Тој, Кој на сите ним им ги создал срцата, пази на сите дела нивни” (Псал. 32, 15). По нашите зборови што ги изговараме и движењата на нашето тело, тие дознаваат за она што станува во нашите срца. На пример, ако во разговорот говориме против оние кои зборувале против нас; од тие наши зборови демоните дознале дека ние не се однесуваме према нив со љубов и врз основа на тоа почнуваат да ни даваат лоши помисли против нив, и така ако ги прифатиме, паѓаме под демонскиот јарем на спомнувањето на злото што ни го направиле тие луѓе, тој тогаш ќе почне непрестано да нѐ напаѓа и да имаме злобни помисли, кои, ако ги прифаќаме, потпаѓаме под власта нивна и ќе почнеме да ги мразиме и да мислиме за нив само лошо. Зашто Светиот Дух со право нѐ изобличува, велејќи: “седиш и го клеветиш братот свој, синот на својата мајка го озборуваш“ (Псал. 49, 20), за тоа што ги отвораме вратите на помислите за злото што ни го направиле другите, го вознемирува нашиот ум за време на молитвата, ни дава да го гледаме непрестано лицето на нашиот непријател, да го имаме како божество. Зашто, оној што нашиот ум го гледа непрестано за време на молитвата, него треба да го признае за Бога. Затоа, да ги одбегнуваме озборувањата, никого да не го спомнуваме по злото што ни го направиле и да не го искривуваме кога си спомнуваме за некого од нашите ближни. Зашто демоните го набљудуваат со голема љубопитност нашето лице и секое движење на нашето тело и ништо не оставаат неиспишано од сето тоа што можат, да го искористат против нас. Тие гледаат како стоиме, како седиме, како стануваме, тие гледаат како се однесуваме со нашите ближни и како говориме и гледаме. Тие се постојано љубопитни по однос на нас, ”а јас, пак, како глув не слушам и како нем сум, кој не ја отвора устата своја“ (Псал. 37, 13), со цел за време на нашата молитва да го посрамат нашиот смирен ум и да го изгаснат нашиот блажен оган.
Преведе,
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада