“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – ТОМ I
СВЕТИ МАКАРИЈЕ ВЕЛИКИ
ПОУКИ НА СВЕТИОТ МАКАРИЈА
За христијанскиот живот, одбрани негови беседи
6. СОСТОЈБАТА НА ОНИЕ КОИ ЈА
ПРИМИЛЕ ПРИМЕНАТА НА СВЕТИОТ ДУХ
а) Оној кој свесно и без самосожалување ги извршува своите подвижнички трудови, во него, на крајот, се покажуваат силата и дејството на Божјата благодат. Благодатта се покажува како духовна топлина во срцето, како смирување на помислите, а како загубување на желбата кон сѐ што е земно и намалување на вредноста на сѐ што на земјата се смета вредно и ценето. А тоа е токму семето на духовниот живот. Тогаш започнува одухотворувањето на душата, нејзиното очистување од страстите и заздравувањето на раните што ѝ биле нанесени од страстите.
175. Огледај се на Марија, сестрата на четвородневниот Лазар, и само на неа подржувај ја; не гледај ништо и никого, освен Оној, Кој рекол: “Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел” (Лука 12, 49). Зашто разгорувањето на Духот ќе ги оживотвори срцата. Неземниот и божествен оган ги осветува душите и ги испробува, како што се прочистува златото во огнот; порокот го изгорува, како што горат дрвата и сламата, “бидејќи нашиот Бог е оган, што изгорува” (Евр. 12, 29). Барајќи го овој оган, блажениот Давид рекол: “Искушавај ме, Господи, испитај ме; отвори ги утробата моја и моето срце” (Псал. 25, 2).
176. Овој оган го греел срцето на Клеопа и на неговиот сопатник, кога со нив разговарал Спасителот по воскресението. И ангелите, духовите што служат, се причестуваат со светлината на овој оган, како што е речено: “Ти ги правиш ангелите Свои ветрови, а служителите Свои оган пламен” (Евр. 1, 7). Овој оган ја изгорува раската на внатрешното око, го очистува умот, за да си ја врати својата природна проникливост и непрестано да ги гледа Божјите чуда, како што е речено: “Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон”(Псал.118,18). Затоа овој оган ги прогонува бесовите и го уништува гревот.
177. Како што железото, оловото, златото и среброто, фрлени во огнот, го губат своето својство на тврдоста, па стануваат меки, и сѐ додека се во огнот, по силата на огнената топлина, се растопуваат и ја губат својата природна цврстина. Исто така и душата, откако се откаже од светот и Го возљуби Единиот Господ, со големо срдечно барање, во труд и подвиг, непрестано Го очекува Него со надеж и вера, па откако го прими во себе небесниот божествен оган и љубовта на Духот – вистински се ослободува од секоја земна љубов, се ослободува од секоја повреда, од страстите. Таа отфрла сѐ од себе, ги изменува својата природна особеност и својата гревовна тврдост, па се смета за непотребно и се успокојува во Единиот Небесен Младоженец, Кого Го примила во себе – се успокојува во нишката и неискажива љубов кон Него.
178. Ти велам, дека и од самите свои сакани браќа, кои ги има пред своите очи, воколку ја задржуваат и ако му пречат во таа љубов. Неговата душа, така да се рече, се одвраќа и од нив, зашто нејзиниот живот и спокој се состојат во таинственото и неискаживо општење со Небесниот Цар. Зашто и љубовта према телесното општење го одделува човекот од таткото, мајката, браќата и сѐ што се однесува на нив станува туѓо на неговиот ум. И воколку ги сака, ги сака како да му се туѓинци; сета негова љубов се однесува према неговата избраница, затоа и е речено: “Поради тоа, човекот ќе го остави својот татко и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат едно тело” (Ефес. 5, 31). Затоа, воколку плотската љубов нѐ одделува од секоја друга љубов, тогаш колку повеќе оние, кои се удостоиле да стапат во општење во небесниот и сакан Свети Дух, се одделуваат од секоја љубов спрема светот! На нив им се чини се друго излишно – затоа што се потполно опфатени со небеската желба и се во тесна зависност од неа. Таму се сите нивни желби, нивни мисли, таму е секогаш нивниот ум, кој е совладан од божествената и небесна љубов и божествените желби.
179. Оние луѓе, врз кои паднала таа духовна роса на божествениот живот и го исполнила нивното срце со љубовта према Небесниот Цар – Христа, се приврзуват кон таа убавина, кон таа неискажлива слава и убавина, и кон несфатливото богатство на вистинскиот Цар – Христос. Тие се предаваат во плен на таа желба и на таа љубов, стремејќи се целосно кон Христа и копнеат да ги добијат тие неискаживи богатства, кои ги создаваат со својот дух, па заради тоа ги сметаат за ништо: и земната убавина, и славата, и благолепието, и честа и сето богатство на царевите и кнезовите. Затоа што тие силно ја засакале божествената убавина и што во нивната душа се настанил животот на небесната бесмртност. Затоа копнеат само по љубовта на Небесниот Цар. Тие единствено со голема желба само Него Го имаат пред своите очи. Заради Него се оддалечуваат од сите земни приврзаности, сакајќи само оваа желба засекогаш да остане во нивното срце и кон неа да не се замешува ништо друго.
180. Оние христијани, кои вистински ја вкусиле благодатта на Светиот Дух, можат да сфатат, дека сѐ што е на земјата – сите царски сокровишта, целото богатство, сета слава и сета земна мудрост – сѐ е ништо, дека е непостојано и дека брзо изминува. Сѐ што е под небото треба да биде презрено заради вистинските духовни богатства. А зошто? Затоа што она над небесата е поценно од сѐ што се наоѓа во царските сокровишта, во светската мудрост и во славата на овој свет. А достоинството и богатството што го придобиле облагодатните луѓе, кои во својот внатрешен човек Го имаат Господа и Создателот на сѐ – тие имаат вечни и непреминливи духовни богатства.
181. Умот и разбирањето на христијаните, по добивањето на Светиот Дух и општењето со Него, добиваат постојаност, тврдост и спокој. Тој им пружа препород во Бога, удостојувајќи ги во вистината и силата да постанат чеда Божји. После повеќе борби и напори, Тој нив ги доведува во состојба на постојаност, спокој, во кој престанува расејаноста и не им се покоруваат на веќе непостојаните и суетни помисли. Поради таа причина христијаните се со висока свест и многу подобри од луѓето во овој свет. Нивниот ум и мудроста на нивната душа се наоѓа во Христовиот мир и во љубовта на Светиот Дух, како што Господ рекол: „преминале од смрт во живот“ (Јн. 5,24). Обновениот ум, смиреноста, помислите, љубовта и небесните зборови према Господа, Христијаните се како нова твар кои се разликуваат од сите луѓе. Затоа и дошол Господ Исус Христос: оние кои ќе поверуваат во Господа да се удостојат со овие духовни блага.
182. Како што крвоточивата жена, која вистински поверувала во Господа и се допрела до крајот од Неговата облека, и веднаш оздравела, веднаш, пресушил нечистиот поток од нејзината крв, така и секоја душа, која има во себе неизлечива гревовна рана, извор на нечисти и грешни помисли, ако дојде при Христа, и ако вистински верува во Него и Му се помоли, ќе добие спасително исцеление – исцеление од неизлечивото течење на страстите и со силата на Единиот Исус – ќе престане и ќе пресуши изворот, од кој истечуваат нечисти и грешни помисли. Оваа страшна рана никој друг не може да ја излекува.
183. Како што сонцето, кое изгрева и се издигнува над земјата, сите свои лачи ги растура по земјата. А кога заоѓа – сите свои зраци ги повлекува со себе. Така и душата, која не е препородена од Духот одозгора целата со сите свои помисли се наоѓа на земјата и нејзините помисли стигнуваат дури до крајот на земјата. Штом се удостои, со небесното раѓање и општењето со Светиот Дух, тогаш, таа ги собира сите свои помисли и, задржува кај себе, се издигнува кон Господа, во неракотворното небесно живеалиште. Тогаш, сите помисли на човекот, наоѓајќи се во небесниот воздух постануваат небесни, чисти и свети. Бидејќи душата, ослободена од веригите на бесовскиот кнез, од духот на овој свет, таа наоѓа чисти и божествени помисли, зашто Бог посакал да го направи човекот учесник на Својата божествена природа.
б) Ова се пројавува уште во самиот почеток кога почнува да дејствува благодатта. Меѓутоа, многу е опасно да се мисли дека со тоа е постигнато совршенство. Тоа е само почетокот. Благодатта, која дозволила само да биде почувствувана, постепено го совладува срцето, додека не го исполни во потполност, и додека не преобрази сѐ што е во него.
184. Кога дејството на Божјата благодат ја осенува душата, cпоред верата на секого, и кога душата ја прима помошта одозгора, тогаш благодатта ја осенува само делумно. Не помислувај дека тогаш душата на некого бива потполно озарена; затоа што во неа и понатаму останува уште пасиште за злоба. Човекот (да би се очистил) и понатаму има потреба од голем труд и од многу усилби, кои треба да бидат во него усогласени со дејството на благодатта. Иако, Божјата благодат, која може само во еден миг да го очисти човекот и да го направи совршен, почнува постепено да ја посетува душата, за да ја испита човековата слободна волја и дали таа ја запазува целосно љубовта према Бога, дека во ништо не се согласува со лукавиот дух, туку дека потполно и се предава на благодатта. На тој начин, душата во тек на долго време и на многу години се покажува искусна и со ништо не ја навредува и огорчува благодатта и во таа и таква постепеност наоѓа голема помош. И самата благодат овладува со душата и, откако душата во тек на многу години се покажала искусна и усогласена со благодатта, ги пушта своите корени длабоко во неа и во сите нејзини помисли, сѐ додека таа не биде потполно опфатена од небесната благодат, која веќе царува во овој духовен сад.
185. На тој начин многумина биле заблудени од самото дејство на Божјата благодат, тие помислиле дека достигнале совршенство и говорејќи: “Ова ни е достатно; веќе од ништо немаме потреба”. Меѓутоа, Господ е бесконечен и непостижен. Христијаните не смеат да речат дека постигнале совршенство, туку треба да се смирени дење и ноќе. Душата има многу делови и нејзината длабочина е голема. Гревот што навлегол во неа ја завладеал целосно и го опфатил целото срце. А потоа, кога човекот кога ќе ја добие благодатта, таа влегува во него и можеби овладува со двата состави на душата. А неискусниот, кој се утешува со благодатта, помислува дека благодатта што го посетила завладеала со целата негова душа и дека гревот од неа потполно е искоренет. Меѓутоа, поголемиот дел од душата уште е под власта на гревот, а само едниот нејзин дел е под благодатта. И човекот се самоизмачува и не го знае ова.
186. И оној кој боледува, има некои делови здрави. На пример, очите можат да му бидат сосема здрави или некој други делови од неговото тело, а некои делови од неговото тело да боледуваат. Ова бива и со духовното расудување. Некој може да има три духовни дела здрави, сепак и со тоа тој уште не е совршен. Гледаш ли колку има духовни степени и мерки и како тие биваат осветувани дел по дел и дека не се очистуваат одеднаш од злото и од гревот?
187. Како што плодот во утробата на мајката не станува веднаш човек, туку постепено добива човечки изглед. Исто така, (дете) не се раѓа во совршена човечки облик, туку првите неколку години расте и потоа достигнува совршен вид и станува човек. Исто така, и семињата, јачменот и пченицата, веднаш по фрлањето во земјата не пуштаат корен, туку откако измине студот и ветровите, тогаш почнуваат да растат, да ги извишуваат своите стебленца и да даваат класови. И оној кој насадил круша – и тој нема да бере веднаш плодови од неа. Така бива и во духовните работи, каде што има многу мудрост и совршенство, духовниот човек расте постепено, постојано, доаѓа “до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота” (Еф. 4,13), а не онака како што тврдат некои: дека станува наеднаш како кога нешто се соблекува или облекува.
188. Како што пчелата во кошот скришно го прави восокот, така и Божјата благодат тајно ја создава љубовта вo срцата. Така ја претвара и горчината во сладост и грубоста на срцето – вo нежност. И како што златарот и резбарот, правејќи ги своите украси на некој предмет постепено, дел по дел; прават врз нив разни животни и други украси, а кога ја завршат својата работа, тогаш ја покажуваат својата изработка во целиот нејзин сјај, така и вистинскиот Уметник Христос Господ ги обновува нашите срца и ги украсува таинствено сѐ додека не се преселиме од нашето тело. Дури тогаш станува видлива убавината на душата.
в) Поради тоа оние кои ја вкусиле благодатта непрестано жеднеат сѐ повеќе за неа.
189. Правдољубивите и доброљубивите души, кои посакуваат со голема надеж и вера потполно да се облечат во Христа, не само што немаат потреба од потсетување од другите, и не поднесуваат во себе никакво намалување во својата желба кон небесното и во љубовта кон Господа. Туку, сецело се приковале кон Христовиот крст, секојдневно го чувствуваат во себе духовното преуспевање во својата приврзаност кон духовниот Младоженец. Понесени од таа небесна желба и жед кон правдата на добродетелите, силно и ненаситно тежнеат кон духовно озарение од Духот. Воколку, пак, заради својата вера се удостојат да го примат познавањето на Божествените тајни, или ако постанат причасници во радоста на небесната благодат, тие не се надеваат на себе, ниту пак сметаат на нешто друго, туку, колку повеќе се удостојуваат со духовни дарови, толку повеќе се богатаат со небесна желба и со уште поголеми напори ги бараат тие дарови, се повеќе се гладни и жедни за добивање и преумножување на благодатта, па уште повеќе се збогатуваат духовно, сѐ помалку мислат на себе и за својата вредност затоа што со сѐ поголема духовна глад копнеат кон Небесниот Младоженец, како што се вели во Светото писмо: “Оние што ме јадат – погладни ќе бидат, а оние што ме пијат – пожедни за мене ќе бидат” (Мудр. Сир. 24, 23).
190. Душата, која вистински Го сака Бога и Христа, ако направи и илјадници праведни дела, со ненаситен стремеж копнее кон Господа, мисли дека сеуште ништо добро не направила. Ако и своето тело го измачува со пост и бденија, останува со чувство како уште да не започнала да се труди за придобивање на добродетелите; иако се удостоила со различни духовни дарови, или со откривање на небесните тајни, поради својата неизмерна и ненаситна љубов према Господа, таа мисли како ништо да не придобила, па секојдневно гладува и жеднува, останувајќи со вера и со љубов во молитва, не можејќи да се насити со благодатните тајни и со преуспевањето во секоја добродетел. Таа е прободена и ранета од љубовта на небесниот Дух и со помош на благодатта непрестано го присилува во себе пламениот стремеж кон небесниот Младоженец и сака да се удостои со потполно и таинствено општење со Него во светињата на Духот; и со своето отворено духовно лице Го гледа небесниот Младоженец лице во лице, во онаа духовна и неискажива светлина и со потполна доверба се соединува со Него, тежнее да се удостои со смрт слична на Неговата, и несомнено верува дека преку Духот ќе биде потполно избавена од гревот и од темнината на страстите; дека, откако ќе биде очистена со Духот и се посвети душевно и телесно, ќе се удостои да постане чист сад, за да го прими во себе небесното миро и дека ќе биде во семејството на небесниот и вистински Цар Христос. Тогаш таа се удостојува со небесниот живот, и уште тука станува чисто живеалиште на Светиот Дух.
191. Душата не може да дојде одеднаш до таков степен на совршенство, туку после многу страдања и испитувања. После многу трудови и подвизи, после долго време на ревност, по многу проверувања и страдања, душата се удостојува со такво растење и напредување до совршена мерка со потполна бестрасност. Тогаш таа подготвена и храбро ги издржува сите искушенија од гревот, се удостојува со секакви почести, со духовните дарови на небесното богатство и на тој начин постанува наследничка на небесното царство на нашиот Господ Исус Христос.
192. Христијанството е јадење и пиење. И колку повеќе од него се вкусува, толку повеќе се загрева умот од неговата сладост, и постануваш незадржлив и ненаситен, сѐ повеќе сакаш да се насладуваш со него. Оној кој е жеден постанува уште пожеден, ако му се даде некој сладок пијалак да се напие, тој, откако ќе го вкуси, чувствува сѐ поголема жед, која потполно со право се споредува со жедта на ваквиот човек. И тие не се само едноставни зборовите, туку е дејството на Светиот Дух, кој таинствено му служи на умот.
193. Замисли извор и како некој жеден човек почнува да пие од него. Меѓутоа некој во тој момент го оттргнува и не му дава да се напие колку што сака. Тој тогаш, откако вкусил претходно малку од водата, уште повеќе ја чувствува својата пламена жед и сѐ повеќе му се пие. Ова исто така го доживуваме и во духовноста: кога некој вкусил и се причестил со духовна храна и духовно пиење, и кога токму тогаш некој почне да го попречува во тоа кога не му дозволува да се нахрани и да се напои.
194. Господ ја знае човечката немоќ, знае дека човекот може набргу да се погордее, па затоа го задржува, го држи во непрестано бранување и страдање. Зашто, ако и тогаш кога примиш малку на сите им стануваш здодевен и се гордееш, а колку ли поздодовен ќе им бидеш, ако одеднаш се наситиш со сите благодатни сладости! Но Бог, знаејќи ја нашата немоќ, по Својата промисла, ни испраќа маки и страдања, за да бидеме смирени и поревносно да Го бараме.
г) Копнеејќи сѐ повеќе за Господа, таквите луѓе чувствуваат дека се сиромашни и дека се лишени од сѐ. Затоа смирението кај нив е длабоко вкоренето чувство. Тоа е и услов за секое натамошно напредување.
195. Како е можно некој да се чувствува духовно сиромашен, особено тогаш кога и самиот знае дека е изменет, дека напреднал, дека дошол до сознавење и разумност, какви што предходно немал?! Додека тоа не го стекнал, човек не е сиромав духовно, туку има многу високо мислење за себе. А кога дојде до ова разбирање и до ваков успех, тогаш самата благодат го учи да биде смирен – духовно сиромашен, иако е тогаш праведник и Божји избраник. Својата душа ја смета безвредна, мисли дека неговата душа е грешна и уништена; мисли дека ништо не знае и дека нема ништо, иако многу знае и многу има. Ваквата мисла станува како вродена и длабоко вкоренета во неговиот ум. Нели читаш како праотецот Авраам, кој бил Божји избраник, се нарекувал „земја и пепел“ (1. Мој.18, 27). И Давид, кој бил помазан за цар Го имал Бога пред себе си и велел: “Јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот” (Псал. 21, 6). 3aтoa, оние што сакаат да бидат нивни сонаследници, сожители во небесниот град и да се прослават заедно со нив, и тие треба да имаат такво смирение и да немаат високо мислење за себе, туку треба да имаат скрушено и смирено срце.
196. Оној што ја примил благодатта, тој се смета поголем од сите грешници. Таквата мисла се всадува во него како да му е природна. И колку повеќе и подлабоко се навлегува во познавањето на Бога, толку повеќе мисли дека ништо не знае. И колку повеќе учи, сѐ повеќе е уверен дека ништо не знае. Оваа мисла ја потпомага и крепи Божјата благодат во душата како да е нешто природно.
197. Оние што се опитни пред Бога се сметаат за сосем мали и неопитни. Оваа мисла е всадена во нив како да им е природна. За нив е сосема природно и неопходно да се сметаат сосема ништожни и незнајни. Зар тие не знаат што им е дадено? Зар не знаат дека немале ништо и дека добиле нешто што е необично за нивната природа? Ти велам, тие не се свесни за тоа дека се опитни и дека напреднале духовно; не знаат дека го стекнале тоа што го немале. Благодатта Божја, која им се дава на таквите луѓе, ги учи да мислат дека не напреднале, да не мислат високо за себе, па затоа и сметаат дека се ништожни. Иако се скапоцени пред Бога, тие не мислат така за себе; иако напреднале духовно, иако имаат совршено Богопознание, тие сметаат дека ништо не знаат. Оние кои се навистина богати пред Бога – тие самите себе се сметаат за сиромаси.
198. Ако видиш некого кој понекогаш се гордее и говори дека ја примил благодатга, па макар и чуда да прави и мртви да воскреснува, ако не смета дека е духовно сиромав и ништожен и одвратен пред Бога, таквиот е измамен од лошите духови, без да го знае тоа. На таквиот и чуда ако прави, не треба да му се верува. Зашто, белег на христијанството и на оној што има опит пред Бога е: грижата да се скрива тоа од луѓето. Па, ако ги има и сите царски сокровишта, тој ги крие и секогаш говори: “Не се мои овие сокровишта, мене ми се дадени само да ги чувам; јас сум сиромав, кога и да посака – оној што ми ги доверил може да си ги земе”. Оној, пак, кој говори: “Јас сум богат, достатно ми е ова што сум го спечалил; повеќе не ми е потребно”. Ваквиот човек не е христијанин, туку е сад на измамата и на ѓаволот. Зашто насладството со Бога е ненаситно. Оној кој ја вкуси и проба, толку повеќе огладнува и ожеднува. Таквите луѓе горат од незадржлива љубов према Бога. Воколку повеќе се грижат да напредуваат и духовно да се збогатуват, толку повеќе се сметаат за сиромаси, мислејќи дека немаат ништо и дека ништо не придобиле. Тие велат: “Јас сум недостоен сонцето да ме грее”. Ваквото смирение е белег на христијанството.
199. Оној кој нема големо смирение, тој ќе му биде предаден на сатаната, и ќе ја загуби и онаа благодат која му е дадена и тогаш ќе се покаже каков е тој, дека е гол и сиромав. Затоа оној што се збогатува со Божјата благодат треба да живее во голема смиреност и срдечна скрушеност, да смета дека нема ништо и дека е сиромав, па да вели: “сѐ што имам – туѓо е, друг ми го дал и секогаш кога ќе посака може да ми го земе”. Кој така се смирува пред Бога и пред луѓето, тој може да ја запази благодатта што му е дадена, како што е речено: “Кој се воздигнува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат” (Матеј 23, 12). Кога е Божји избраник, тој треба да се самоосудува, и кога е верен да се смета за недостоен. Ваквите души Му угодуваат на Бога и Христос ги оживотворува.
д) Сепак, и покрај сѐ друго, на нив им се дава предупредување да се пазат од превознесување, од гордост и осудување на другите, зашто поради тоа се одзема благодатта, а без благодатта веднаш настанува паѓање.
200. Ако царот го довери своето богатство на чување во домот на некој сиромав, тогаш тој примајќи го тоа големо богатство, нема никогаш да го смета за своја сопственост, туку секогаш себе ќе се смета за сиромав не ќе смее да потроши ништо од туѓото богатство. Тој вака ќе размислува: “Ова богатство не само што е туѓо, туку ми го предал на чување силниот цар, и тој кога да посака може да си го земе од мене”. И оние кои ја имаат Божјата благодат треба да мислат на ист начин: да бидат смирени и да признаваат дека се сиромаси. Воколку сиромавиот, откако го прими во својот дом царското богатство и помислувајќи дека е негово и дека може да прави со него сѐ што сака, како да е тоа негова сопственост и срцето негово се исполни со надуеност, тогаш царот ќе си го земе своето богатство и тој што го чувал ќе остане сиромав каков што бил и дотогаш. Исто така, и оние што имаат благодат и почнат да се гордеат со неа и почнат да се вознесуват во срцата свои, Господ ќе ги лиши од Својата благодат и ќе останат такви, какви што биле и до примањето на Божјата благодат.
201. Доколку, ја примиле благодатга на Духот, тие си наоѓаат за себе утеха во спокојот и во духовната сладост. Меѓутоа надевајќи се на неа, почнат да се превознесуваат, тие се предаваат на безгрижност, не го смируваат своето срце и своите мисли. Така тие не успеваат да го достигнат потребниот степен на бестрасноста, не успеваат со ревност и со вера да се исполнат со преизобилна благодат, тие застанале таму и се успокоиле со тоа и останале со таа мала благодатна утеха. Ваквите души, кои пораснале повеќе во гордоста, отколку во смирението, ако се и удостоиле со некој благодатен дар, ќе бидат лишени од него заради својата гордост и своето превознесување.
202. Ти велам, дека видов луѓе, кои ги имаат сите дарови и кои беа заедничари со Светиот Дух, но кога не ја достигнале совршената љубов, паднаа. Еден благороден човек, кој се откажал од светот, го продал својот имот, и го раздал целиот свој имот на сиромаси, и им дал слобода на своите робови, како разумен човек, се прославил со својот живот. Меѓутоа, откако се погордеал, паднал и најпосле им се предал на илјадници лоши дела.
203. Еден друг за време на гонењата станал исповедник и бил измачуван за Христовото име. Покасно, кога престанало гонењето, бил ослободен и бил многу почестуван. Неговите веѓи биле повредени од тоа што го измачувале во голем чад. Така го прославувале сите. Бил повикан на молитва, го земал лебот и му го дал на своето дете. Така неговиот ум дошол во состојба во која како никогаш да не слушнал за Бога и за Божјите зборови.
204. Еден друг подвижник, кој живееше заедно со мене и заедно се молевме, беше толку многу облагодатен, така што кога се молеше со мене, доаѓаше во состојба на умиление. Во него благодатта изобилуваше. Тој имаше дар на исцеление, и не само што изгонуваше бесови, туку имаше моќ да ги исцелува на кои им биле неподвижни рацете и нозете и кои пателе од најстрашни болести, ги исцелуваше само со додир на рацете. А потоа, откако почнаа луѓето да го прославуваат, тој почна да се насладува од нивните пофалби, се погордеа и падна во самата длабочина на гревот. Ете, гледаш, падна и оној што имаше дарба на исцеление. Гледаш ли како паѓаат оние што немаат љубов? И Оној што придобил љубов, кој бил врзан и опиен од неа, и тој бил одведен како пленик во еден друг свет и како веќе да не ја чувствувал својата сопствена природа.
205. Човекот со верна и вистинољубива душа, гледајќи ги вечните богатства, приготвени за праведниците и неискаживите добрини, со кои се удостојуваат оние што ја имаат Божјата благодат, тој и себе, и својата ревност, и својот труд и подвиг ги смета за недостојни за неискаживите ветувања на Духот. Таков е оној, кој е беден по дух и кого што Господ го ублажува. Таков е оној кој е гладен и жеден за правда. Таков е оној кој има скрушено срце. Оние кои го засакале сето тоа: и ревноста, и трудот, и љубовта кон добродетелите; тие кои до крај ќе останат такви, навистина, тие ќе можат да го добијат животот и вечното царство. Затоа, никој од браќата да не се превознесува пред својот брат, измамуван од лукавиот, да не почне и самиот да се самоизмамува и да говори: “Ете јас веќе имам духовна дарба”, зашто е недостојно ние христијаните така да мислиме. Тебе не ти е познато што ќе се случи со твојот брат утрешниот ден. Ти не знаеш каков ќе биде твојот и неговиот крај. Напротив, секој нека со внимание непрестано се занимава со себе, и нека ја испитува својата совест, да ја испитува состојбата на своето срце да проверува со каква ревност и со какви усилби се стреми кон Бога. Секој нека има во предвид крајната цел – слободата, бестрасноста и духовното спокојство во Духот, непрекинато и неуморно оди, без да се надева на каква и да е дарба или оправдување.
206. Како паѓаат оние, во кои Божјата благодат веке дејствувала? И оние кои се најчисти по својата природа во своите мисли можат да се лизнат и да паднат. Така човек почнува да се превознесува, да го осудува другиот и да му говори: “Ти си грешник”, а себе да се смета за праведник. Зар не ти е познато што вели светиот апостол Павле: “За да не се превознесувам со премногу откровенија, во телото ми се даде трн, ангел сатанин, да ме боцка по лицето, та да не се превознесувам” (2. Кор. 12, 7). Превознесувањето е можно и во чистата природа.
207. Затоа, христијаните се должни да настојуваат со сите свои сили никого да не осудуваат, ни јавната блудница, ни кој било грешен, ниту развратни луѓе; на сите да гледаат со искрена љубов и со добра волја, никого да не понижуваат, никого да не осудуваат, од никого да не се гнасат и да не прават никаква разлика меѓу луѓето.
208. Може ли да падне човек кој има благодатна дарба? Воколку постане невнимателен и мрзлив, тогаш ќе падне, затоа што непријателите никогаш не мируваат, никогаш не се мрзливи, туку секогаш водат борба против нас. Затоа и ти не смееш да ги прекратиш своите барања пред Бога. Бидејќи многу повреди ти доаѓаат ако се опуштиш и станеш мрзлив, па макар и да си бил проверен и во самата тајна на Божјата благодат.
209. Големо е достоинството на христијаните. Тоа не може со ништо да се спореди. Оној, пак, кој ќе постане расеан и биде запленет од злобата, тој станува сличен на град неограден со ѕидови, во кој разбојниците непречено влегуваат откаде и да посакаат, го пленат, го опустошуваат и го опожаруваат. Према тоа, ако си и ти, мрзлив и невнимателен према себе, ќе бидеш нападнат од нечистите духови, тие ќе навлезат во тебе, ќе го опустошат твојот ум и ќе ги расеат твоите мисли по овој свет.
ѓ) Тие поради тоа толку се радуваат, сваќајќи колкаво богатство добиле, а се плашат да не го загубат, трудејќи се својата духовна служба да ја извршуваат добро и да не го ожалостат Духот на благодатта за да не бидат напуштени од Него.
210. Подвижникот не се надева на своите трудови и на својот живот, сѐ додека не го прими она на што се надева, сѐ додека не дојде Господ и не почне да живее во него, чувствувајќи Го Неговото дејство. Кога ќе вкуси од Господовата благодат, кога ќе се наслади со духовните плодови од него ќе биде тргната покривката на темнината. Тогаш во него ќе болсне Христовата светлина и ќе се пројави во неискажива радост, тогаш ќе се увери во големата љубов, имајќи го со себе Господа. Како што трговецот, кога ќе оствари голема печалба, се исполнува со голема радост, но истовремено се плаши од разбојници и од лоши луѓе, така и подвижникот се плаши од лукавите духови, за да не го нападнат и да го лишат од придобивките на неговиот труд, тој е на постојана стража сѐ додека не се удостои да влезе во небесното царство во горниот Ерусалим.
211. Како што трговците, кои патуваат по море, иако имаат погоден ветер и мирно море, сепак постојано се во страв сѐ додека не пристигнат во пристаништето, се плашат да не се појави некој ненадеен ветер, да не се возбранува морето и да не им го потопи коработ. Така и христијаните, иако го чувствуваат погодниот ветар на Светиот Дух во себе, сепак сѐ уште се опфатени од страв, да не се подигнат спротивните ветришта на непријателските сили и да не предизвикаат во нивната душа некаква мешаница и бура. Затоа е потребна постојана будност за што поскоро да се навлезе во пристаништето на спокојот, во совршениот мир, во вечниот живот и во вечната наслада, во градот на светиите, во небесниот Ерусалим во Црквата на првородните (Евр.12, 23). A оној кој уште не ги поминал тие скалила, за него има уште многу причини за стравување, за да не го нападнат демонските сили и да не падне на својот пат.
212. Некој богат човек или некој славен цар се вљубува во некоја сиромашна жена, која нема ништо друго, освен своето тело, но бива сакана бескрајно и тој решава да ја земе за своја невеста и животна сопатничка. И ако таа се согласи да се омажи за него, ако го засака, тогаш сиромашната жена ќе стане господарка на целиот имот, што го има нејзиниот сопруг. И ако потоа направи нешто спротивно на своите обврски и на својот долг, ако почне да се однесува неприлично во домот на својот сопруг, тој ќе ја изгони во срам и подбивање и таа ќе си оди оттаму, ставајќи си ги обете раце на главата, како што е речено и во Мојсеевиот закон за непослушната и нерзумната жена (5.Мој.24,1). Тогаш таа почнува да се измачува и горко да плаче, размислувајќи за тоа какво богатство загубила, од каква слава се лишила и се изложила на презир поради својата неразумност.
213. Така и онаа душа, која Му станала невеста на небесниот Младоженец Христос, за да има со него таинствено и божествено општење, која вкусила од убавините на небесното богатство, должна е со голема ревност искрено да Му угодува на Својот свршеник Христа и своите обврски да ги извршува со голема ревност, за во сѐ да Му угодува на Бога, со ништо да не Го натажува Духот, да ја пази својата целомудреност и љубовта према Христа; добро да се однесува во домот на небесниот Цар – со сета преданост према благодатта што ѝ е дарувана. И ете, таквата душа е поставена за господарка над сите Господови богатства. И само славното божанско тело постанува нејзино. Меѓутоа, воколку згреши вo нешто, и вoколку во својата служба почне да се однесува спротивно на својот долг, ако не го извршува она што Му е угодно на Христа, ако не ја извршува Неговата волја, ако не дејствува согласно според Божјата благодат што е вo неа, таа бива отфрлена од животот со срам и неспособност, зашто станала недостојна да општи со Небесниот Цар. За ваквата душа настанува жалост, тага и плач кај сите светии и кај ангелските сили, кај апостолите, пророците и мачениците.
214. Затоа треба да се подвизуваме и да бидеме разумни и внимателни, па со “страв и трепет градете го своето спасение“(Фил. 2, 12). Според тоа, сите вие, кои сте учесници во Светиот Дух, не постапувајте невнимателно ни во мали ни во големи работи; не натажувајте го Духот на благодатта, за да не бидете лишени од тој живот, во кој сте станале учесници.
215. Ќе ти наведам друг пример. Слуга кој доаѓа во царската палата, ги користи садовите кои се наоѓаат во дворецот, а влегува без ништо. Тој треба да вложи многу труд, трудејќи се да биде крајно внимателен при служењето и да не напрви ни најмала грешка; да не стави пред царот едно јадење наместо друго, туку сите јадења да ги носи едно по друго, како што е по утврдениот ред. Ако, пак, од незнаење или од невнимателност не се држи по утврдениот ред, ќе биде изложен на голема опасност и смрт.
216. Така, и душата која се посветила да Му служи на Бога по благодатта и Духот, има потреба од голема разумност, силно внимание и знаење, за да не би погрешила во ништо според одлуките Божјите, т.е. во духовно служење, и да се пази од сѐ што не е согласно со благодатта. Душата може да Му служи на Господа со сопствени сасуди, со таинствениот внатрешен човек. Сепак, без Божјата благодат, без извршувањето на Божјата волја никој не може да Му служи на Бога.
217. Кога душата ќе ја прими благодатта, тогаш треба да има многу благоразумност и јасно расудување. Сето ова Самиот Бог ѝ го дава на душата, која го бара тоа од Него за да може да Му служи со силата на Неговиот Дух и да не дозволи да биде победен од некој порок да не погреши, отстранувајќи се, поради незнаење од правиот пат, од загуба на стравот Божји и мрзливоста, како и од престапување на Божјата волја. За таквата душа ќе има смртна казна и плач, за што говори и божествениот апостол: “проповедајќи им на другите, да не бидам и самиот отфрлен” (1. Кор. 9, 27), Гледаш ли каков страв имал и оној кој бил Божји апостол? Затоа, да Му се молиме на Бога: Сите ние, кои сме ја примиле Божјата благодат да ја извршуваме само Божјата волја, и духовно да Му служиме на Бога, не дозволувајќи ѝ на нашата мисла да се оддалечува од Господа. На таков начин, откако поживееме угодно пред Бога, согласно со Неговата волја, служејќи Му со духовно служење, да го наследиме вечниот живот.
218. При влегувањето во царските соби од неговиот дворец, при средба со царот, војводите и старешините на областите како оние најголемите великодостојници, така и најмалите слуги, ги обзема голем страв, трудејќи се да дадат добар одговор на поставеното прашање, или со нешто да не ѝ се противстават на царската волја, да погрешат и да бидат казнети. Селаните, пак, и простите луѓе кои никогаш не го виделе ни царот ниту кнезот, живеат безгрижно. Исто така, во целиот поднебесен овој свет, сите, почнувајќи од царевите до сиромасите, кои не ја познават Христовата слава, се грижат само за земните работи и никој од нив и не помислува за денот на страшниот Христов суд. Оние, пак, кои веруваат во Христа, непрестано во своите мисли го имаат пред своите духовни очи Христовиот суд. Го гледаат Христа на престолот и оние што стојат пред него, живеат во постојан страв и трепет, за да не погрешат во нешто против Неговите свети заповеди.
219. Како што слугата, кога е близу до својот господар сето време додека се наоѓа во негово присуство бива исполнет со страв и без него не прави ништо. Така и ние сме должни своите мисли да Му ги потчинуваме на нашиот Владика, на Христа познавачот на нашите срца, само во Него да се надеваме, затоа што е Он моја слава, Он е мој Татко и Он е мое богатство. Затоа ти си должен секогаш во својата совест да се грижиш за своите задолженија и да имаш страв Божји.
220. Како на оние, на кои им е доверено да управуваат со цели области и со царската ризница, постојано се загрижени да не погрешат пред царот. Така и со нас, на кои ни е доверено духовното богатство. Треба да бидеме секогаш загрижени. И кога одмараме, да не одмараме. Само на тој начин можеме да го отфрлиме од нашите души царството на темнината, кое настојува да навлезе во градот, те. во нашата душа, како духовните варвари што сакаат да го пленат нашиот духовен град и да завладеат со него.
e) Поради таа цел, христијаните треба да се трудат да не отстпуваат со својот ум од Господа. Својата внатрешност да ја пазат уредна, како што кормиларот управува со својот брод или кочијашот со своите коњи.
221. Бог е неопишан и безграничен. Он е насекаде: и во планините, и на морињата, и испод бездните, не преминува од место на место како што ангелите слегнуваат од небото на земјата. Он е и на небото, Он е и овде. Ако Го бараш Господа во длабочините, ќе Го најдеш и таму како прави чуда. Ако Го бараш во јама, ќе Го најдеш и таму среде два лути лава како го запазува праведниот пророк Даниил. Ако Го бараш во огнот, ќе Го најдеш и таму како им помага на своите слуги; ако го бараш на горите, ќе Го најдеш заедно со пророк Илија и големиот Мојсеј. Господ е насекаде: и под земјата, и над небесата и во нас и насекаде.
222. Христијанинот е должен секогаш да си спомнува за Бога зашто е напишано: “Сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце”(5.Мој.6, 5), а не само тогаш кога влегуваш во молитвен дом; љуби Го Господа и тогаш кога патуваш, и тогаш кога разговараш, и тогаш кога јадеш или пиеш. Секогаш спомнувај си за Бога, љуби Го и биди приврзан кон Него. Зашто Он говори: „Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“ (Матеј 6, 21). Она кон што е приврзано срцето на човекот, кон тоа го влече неговата желба, тоа станува негово божество. Ако срцето секогаш копнее по Бога, тогаш Бог е Господар на тоа срце. Кога фрлиме суви прачки во оган, тие не можат да ѝ се противстават на огнената сила, туку веднаш изгоруваат. Така и демоните кога сакаат да го нападнат човекот кој се удостоил со даровите на Светиот Дух, биваат изгорувани и уништувани од божествената огнена сила. Човекот треба секогаш да биде прилепен кон Господа и само во Него да се надева. Демоните, иако се моќни и неразнишливи како карпестите планини, сепак нив ги гори и уништува силата на молитвата и ги стопува како што се топи восокот пред силата на огнот.
223. Божјите светии понекогаш седат крај прозорците на овој свет и ги гледаат неговите измами. Нивниот внатрешен човек разговара со Бога и се распрашува за она што станува во светот. Луѓето од овој свет се подложени на влијанието од страна на духот на лагата и мудруваат на овоземен начин. Христијаните имаат волја согласна со Божјата волја; нивниот ум е поинаков. Тие се жители на другиот свет, на небесниот град. Божјиот Дух општи со нивните души.
224. Свети апостол Павле пишува: “Мажите сакам да се молат на секое место, кревајќи чисти раце без гнев и расправии”(1.Тим.2,8), затоа што, според Евангелието, човечките помисли излегуваат од срцето негово. Затоа, пристапи кон молитвата, внимавај на своето срце и на својот ум. Копнеј по тоа, твојата чиста молитва да се издигнува кон Бога. Особено внимавај на тоа што ѝ пречи на молитвата, дали е таа чиста, дали твојот ум е исполнет со Господа така – како што умот на земјоделецот е исполнет со земјата, како што умот на сопругот е исполнет со мислата за својата сопруга, како што трговецот размислува за својата трговија. И кога коленичиш за време на својата молитва запрашувај се, дали твоите мисли некогаш некој друг да ти ги присвојува.
225. Напишано е: “Сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце” (5. Мој. 6. 5). И ти говориш: „Јас Го љубам, и јас Го имам Светиот Дух“. Меѓутоа, дали е точно, дека ти си спомнуваш за Господа, дека Го љубиш, дека Му припаѓаш? Дали си приврзан за Господа дење и ноќе? Ако имаш таква љубов – ти си чист. А, ако ја немаш, тогаш кога ти наидуваат земните грижи, нечистите и лукави помисли, запрашај се: дали навистина сето тоа е така и дали твојата душа копнее по Божјата љубов и дали Му е верна на Бога? Зашто мислите на овој свет го расејуваат човечкиот ум, и не му дозволуваат да Го љуби Бога и да си спомнува за Него. Често пати и оној човек што е духовно непросветен пристапува на молитва, коленичи пред Бога и неговиот ум се смирува; и доколку ја отстранува од себе демонската злоба се вдлабочува во Божјата милост, дотолку од него се оддалечува демонската темнина, и таквиот човек духовно прогледува и добива божествена мудрост, која не можат да ја придобијат силните, мудрите и учените на овој век; тие не можат да навлезат во длабочината на човечкоит ум, зашто Него можат да Го познаат само оние, што се исполнети со Неговите тајни.
226. Кога ќе додадеш дрва во оган, над кој се наоѓа бакарен сад, тоа што е во него почнува да вари и да врие. Воколку, пак, се занемари (огнот) и не се ложи повеќе дрва, пламенот почнува да се намалува и накрајот се гаси. Така е и со благодатта на небесниот оган во тебе и надвор од тебе. Ако се молиш, и своите мисли ги предадеш со љубов на Христа, ќе бидеш како да го ложиш огнот. На тој начин и твојата молитва потонува во Божјата љубов. Воколку Духот, се оддалечи и како да е надвор од тебе, сепак знај дека е во тебе, а се јавува надвор од тебе. Ако некој постане невнимателен, макар и накратко време ќе им се предаде на светските работи и почнува да се расејува, повторно доаѓа гревот, се вгнездува во твојата душа, се облекува во неа и почнува повторно да те измачува. Душата си спомнува за изминатиот спокој и почнува да тажи и сѐ почесто да страда.
227. Toгаш умот одново се приближува на Бога, одново почнува да се приближува и на некогашното спокојство. Тој почнува посилно да Го бара Бога и да говори: “Ти се молам, Господи!” На тој начин постепено расте огнот во неговата душа, како што јадицата постепено ја извлекува рибата од длабочината, и таа се разгорува и успокојува. Кога тоа не би било, и кога не би ја вкусила горчината и смртта, душата не би знаела да ги разликува горчливото од слаткото, смртта – од животот – ниту би можела да Му благодари на животворниот Отец и на Неговиот Син и на Светиот Дух?
228. На коработ со голема посада кормиларот го управува бродот: тој го дава распоредот на секого им кажува и им наредува што треба да прават; така и нашето срце има свој кормилар и заповедник – тоа се умот и нашата совест, кои изобличуваат, како и нашите помисли, кои нѐ осудуваат или оправдуваат. И светиот апостол пишува и вели: “Нивната совест и нивните внатрешни размислувања, со кои меѓусебно се обвинуваат или одбрануваат” (Рим. 2, 15).
229. Кочијашот, во чии раце се наоѓа колата, дизгините, коњите и сѐ друго: и каде што сака тој таму оди со колата, кога сака, колата ја вози со најголема брзина, кога сака ја успорува, ја свртува каде што сака и кога сака, колата е под негова контрола. Така и срцето има многу природни помисли, кои се тесно поврзани со него, а умот и совеста му даваат совети и усмерувања. Тие ги смируваат и скротуваат природните помисли кои никнуваат во нашето срце. Иако е душата една, во неа има многу составни делови.
230. Луѓето, кога ги впрегнуваат коњите во своите борни коли и седнуваат во нив, тие ги насочуваат против непријателските војски, трудејќи се да ги уништат едните другите и да победат. Така е и срцето на подвижникот слично на бојното поле: во него се борат лукавите духови и ја напаѓаат човековата душа, а Бог и ангелите го следат подвигот на душата. Освен тоа, самата душа секој миг раѓа нови помисли, а и духовите на злобата ѝ подметнуваат грешни помисли. Зашто, душата има многу свои скриени помисли; кои стално ги раѓа и создава, а и духовите на злобата постојано се со разни свои помисли ја напаѓаат нашата душа. Нашиот ум е како кочијаш, кој ја управува колесницата на нашата душа, тој ги притегнува дизгините на нашите помисли и се насочува против колесниците на сатаната. Ова истото го прави и сатаната против човековите души.
ж) Од ова се гледа дека борбата со гревот и со духовните непријатели никогаш не престанува во душата. Оваа борба со помислите и движењата на срцето никогаш не прекинува. За оваа борба овде се говори подробно.
231. Многумина, иако е благодатта присутна во нив, не знаат дека се заробени од гревот. Како што во некој дом, во кој живеат млада жена и млад маж, жената може да биде заведена од тој маж и таа се согласува со неговата грешна желба – паѓаат во блудно дело и така таа станува презрена. Исто така и гревот живее заедно со душата, ја соблазнува и ја заведува. Воколку душата се согласи, тогаш таа, која е бестелесна, влегува во грешно општење со бестелесниот дух на злобата прељубодејствува со него; односно духот општи со друг дух ако се согласи со помислата на лукавиот и ако ја прифати. Затоа, целта на твојот подвиг е во тоа: да не си дозволиш да прељубодејствуваш во своите мисли, туку да се противставуваш со силите на твојот ум и внатрешно да водиш борба – да се бориш со порокот, да не се согласуваш со него и да не се насладуваш со него во своите помисли. И, ако Господ ја најде таквата ревност – готовност, тогаш во последниот ден ќе те прими во Своето Царство.
232. Човекот има таква природа, така што и кога се наоѓа во длабочината на порокот и кога мy робува на гревот, сепак, може да се обрати кон доброто, како што и оној што е врзан со Светиот Дух и е опиен со она што е небесно – може да се наведе кон зло. Пa дури и оние, кои ја вкусиле Божјата благодат и кои постанале причесници со Светиот Дух, ако не бидат внимателни, би можеле да постанат полоши отколку што биле додека живееле во светот. А тоа се случува не затоа што Бог се менува и што е немоќен или затоа што Духот изгаснува, туку затоа што самите луѓе не се согласуваат со благодата. Со тоа тие го губаат правецот и паѓаат во илјадници зла.
233. Некои, кои веќе вкусиле од Божјата сладост, сеуште се подложени на дејството од противникот, па поради својата неопитност, cе чудат дека, и по Божјата посета, помислите го покажуваат своето дејство и за време на христијанските таинства. Меѓутоа, оние кои остареле во оваа состојба, не се чудат на ова. Опитните земјоделци од својата долга навика, и по родната година тие не остануваат незагрижени, туку рачунаат и на глад и на оскудост, не губејќи ја потполно надежта, зашто знаат дека времињата се променливи. Така е и во духовноста: кога душата паѓа во разни искушенија, таа тогаш не се ни чуди, ниту се очајува, зашто знае оти по Божја дозвола, демонската злоба може да нѐ искушува и, исто така, дека никогаш не треба да бидеме безгрижни, туку секогаш подготвени да ги пречекаме тие промени.
234. Човек кога се наоѓа и во длабочината на благодатта и кога е збогатен со неа, и тогаш сеуште има лоши пороци во него; сепак тој има и свој закрилник, кој му помага. Ако од изворот истекува вода, тогаш и насекаде околу него има влага. Меѓутоа, штом настане топло, пресушува и изворот и неговата околина. Така е и кај Божјите слуги, во кои е преизобилна Божјата благодат, ја исушуваат лукавата похота како и неговата природна желба. Затоа сегашните Божјите луѓе сега се поиздигнати од првиот Адам.
235. Некои во таа мерка стекнуваат спокојство во Божјата благодат, така што постануваат похрабри од порокот кој живее во нив, а имајќи молитва и голема надеж во Бога. Сепак, понекогаш се изложени по дејство од лукавите помисли и измамени од гревот, иако уште живеат со Божјата благодат. Неискусните и лекомислени, кога дејствува Божјата благодат делумно во нив, мислат дека во нив нема повеќе никаков грев. Додека оние што се умни и благоразумни не се осмелуваат да помислат дека, иако ја имаат Божјата благодат, не се и понатаму подложени на дејството од страна на срамните и нечисти помисли.
236. Честопати меѓу браќата има такви, кои придобиле радост и благодат, па во продолжение на пет или шест години говореле за себе: “Во нас исушена е похотата”. И тогаш кога мислеле дека потполно се ослободиле од похотата, порокот што се прикривал во нив, се појавувал и тие се распалувале со такви силни гревовни желби, така што и тие самите се вчудоневидувале и велеле: “Откаде по толку долго време се појавува во нас толку силна порочна желба?” Затоа никој што размислува здраво нема да се осмели да рече: “Бидејќи Божјата благодат живее во мене, и јас сум потполно совршено слободен од гревот”. Напротив, на нашиот ум дејствуваат две духовни сили. Неопитните штом ќе почувствуваат дека во нив дејствува Божјата благодат, помислуваат дека веќе го победиле гревот и дека станале совршени христијани. Меѓутоа, според мене, работата е ваква; Кога на чистото и јасно небо Сонцето сјае, и одеднаш се појават облаци и го покријат сонцето, тоа е таму зад облаците, но не ја губи својата светлина, продолжува да постои. Исто се случува и со оние кои не ја добиле совршената чистота. Тие живеат во Божјата благодат, тие во длабочината на својата душа сеуште се заробени од гревот; тие имаат во себе природни движења, но и помислите кои ги закрепнуваат во нивниот стремеж кон Бога, иако не се потполно утврдени во доброто.
237. Па така, и тие, кои во длабочината на својата душа се наоѓаат на добрата страна, односно во нив преовладува благодата, сепак, сеуште остануваат робови на гревот и заробеници на лукавите помисли и со тоа се наоѓаат на страната на порокот. Заради тоа човекот, има голема потреба од разумност, за да може да разбере како се случува сето тоа во нас. Ти велам, дека ниту апостолите, кои Го имале Утешителот во себе, не биле потполно безгрижни. И тие, кога се радувале и се веселеле, чувствувале во себе и страв и трепет и тоа по дејство на благодатта, а не од самиот порок; нив ги пазела самата благодат, за да не отстапат од благодатта дури и во нешто што е сосема мало. Воколку фрлиме камче на ѕид, не му правиме со тоа на ѕидот никакво оштетување и не можеме да го поместиме од неговото место. Ниту стрелата, ако фрлиме на оној што е во оклоп, со тоа нема да му нанесеме никакво оштетување на оклопот, ниту на оној што е во оклопот, затоа што оклопот ја одбива стрелата. Така и на апостолите кога им се приближувале дел од пороците, не им нанесувало никаква повреда, бидејќи тие биле облечени во совршената Христова сила. Како совршени тие самите, имале слобода да ги извршуваат праведните дела. Некои тврдат, дека душата, кога ја има благодатта, не треба веќе да се грижи. Треба да знаеме дека Бог бара и од совршените душевна слободна волја за да Му служиме на Духот, за да дејствуваме согласно со благодатта. И свети апостол Павле затоа пишува: “Не гаснете Го Духот” (1. Сол. 5, 19).
238. Во видливиот свет земјата сама од себе често раѓа трње. Земјоделецот ја ора и ја прекопува земјата, вредно ја обработува и ја засејува, но сепак трњето, иако не се намерно посеани растат и се намножуваат. Затоа и на Адама, пo неговиот грев, му било речено: “Земјата ќе ти раѓа трње и чички” (1. Мој. 3, 18). Земјоделецот и понатаму се труди, ги корни трњето, но тие и понатака се намножуваат. Разбери го тоа и на духовен начин: Имено, по паѓањето во грев на првите луѓе, земјата раѓа трње и чички; човекот ја обработува земјата, се труди, но трњето на лукавите духови и понатаму никнуваат и растат. Меѓутоа, Светиот Дух си спомнува за човечката немоќ, па во земјата на нашето срце вложува небесни семиња и ги обработува. Господ и човекот, одново ја обработуваат земјата на душата, но и откако падне Божјото семе во човековата душа, сепак, духовните трње и понатаму ќе никнуваат и ќе растат; во душата се јавуваат седум лукави духови сѐ додека не настане лето и не се намножи благодатта, та не бидат исушени трњето од сончевата жештина.
239. Порокот, иако живее во нашата природа, тој се преумножува само таму, каде што наоѓа храна за себе. Нежните житни стебленца можат да бидат загушени од лошите треви и од трњето. Меѓутоа, кога во текот на летото растенијата ќе бидат исушени, тогаш исушените лоши треви ни најмалку не ѝ нанесуват штета на пченицата. На триесет шиници пченица може да има само неколку грсти какол; тој ќе биде незабележлив во толку многу пченица. Така е и со благодатта: кога дарот Божји и благодатта се преумножат во човекот и, ако тој се збогатува во Господа, тогаш порокот, ако делумно и останал во човекот, не може да му наштети и нема никаква сила во него. Зашто затоа и дошол на земјава нашиот Господ Исус Христос! Заробените и потчинетите од порокот да ги ослободи да ги направи победници над гревот и над смртта.
240. Дали можеле апостолите да згрешат, ако сакале да згрешат, или, пак, Божјата благодат била посилна од самата нивна волја? Тие не можеле да згрешат, ниту пак посакувале, затоа што светлината живеела во нив и затоа што, и при таквата благодат, тие не се превознесувале. Впрочем, ние не велиме, дека благодата во нив била немоќна, туку велиме дека благодата им дава можност и на најсовршените духовни мажи да имаат свои желби, можност да прават што сакаат и да се одредуваат за она што им е угодно. И самата човечка природа, бидејќи немоќна, има можност да се склони од доброто што живее со неа. Оние кои се облечени и потполно вооружени, кои имаат оклоп и сѐ друго; внатрешно се во безопасност, па и непријателите не ги напаѓаат, но и ако бидат нападнати, тие имаат оружје и можат да му се противстават на непријателот, да влезат во борба со него и да го победат; или, имајќи го своето оружје, тие можат и да не војуваат со своите непријатели, туку и да се веселат заедно со нив и да бидат во мир. Така и христијаните, бидејќи облечени во совршена сила имајќи го небесното оружје, ако посакаат, можат да се насладуваат заедно и со сатаната и да живеат во мир со него и да не војуваат. Човековата природа лесно се менува и човекот, ако сака, со силата на својата слободна волја, може да стане син Божји или син на сатаната.
241. Дали на совршените им претстојат новолји или борби? Или се тие потполно безгрижни? Нема човек кого духовниот непријател престанал не го напаѓа. Сатаната е немилосрден и го мрази човекот; тој секогаш е подготвен да го нападне секој човек, но, како што се чини, тој не ги напаѓа сите со еднакви сили. Едни поднесуваат силни напади и страшни измачувања од гревот, но тие стануваат во тие борби и посилни и помудри, не се плашат од силата на противникот и за нив нема никаква опасност од него; тие се уверени во своето спасение затоа што често војувале со него и имаат поголема опитност за тоа како да се борат со неговата злоба. И Самиот Бог е со нив. Нив ги води Бог и Он ги успокојува. Други, пак, кои не се бореле со демонските сили и немаат опитност за вакво војување, затоа штом паднат во неволји и навлезат во борба со нив, тие веднаш пропаѓаат и загинуваат.
242. Некои, откако се оградиле и под силното дејство на Божјата благодат што ја имале во себе гледале колку се осветени сите нивни делови, правеле заклучок за себе и сметале дека во христијанството нема место за похотта, дека умот им е оцеломудрен и чист и дека внатрешниот човек е издигнат веќе во божественото и небесното. Таквите луѓе мислат, дека несомнено постигнале совршен степен. И тогаш, кога мислат дека веќе навлегле во безопасно пристаниште, токму тогаш гледаат дека се среде морската шир и дека им прети опасност од разбеснати бранови, каде има само вода и небо и дека смртта е близу. Ете, така гревот кој влегол во нас ја создава секоја зла похота. Но, откако одново се удостојат со малку благодат, тоа е како од целата морска длабочина да добиле само една мала капка вода и во тоа тие секој миг и секој ден чувствуваат како со нив се случува некакво чудо: во нив одново почнува да дејствува ново и божествено дејство, па се чудат и се прашуваат како можеле така страшно да се измамат. Најпосле, божествената и небесна благодат одново ги просветува, ги раководи и смирува и сѐ во нив се насочува на добро.
243. Прави го она што е добро, да ја исполниш првадноста на внатрешниот човек, каде што е поставен Христовиот олтар заедно со неосквернатото светилиште, за да може сведоштвото на твојата совест да се пофали со Христовиот крст, кој ја очистува твојата совест од мртвите дела; да Му служиш на Бога со својот дух и да познаеш на Кого треба да му се поклонуваш, како што е речено: “ние се поклонуваме на она што го знаеме”(Јован 4, 22). Предај Му се на твојот патоводител на Бога; душата твоја да биде во заедница со Него, како невестата со својот младоженец. Зашто е речено: “Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа и за Црквата” (Ефес. 5, 32) и за непорочната душа.
244. Замисли овошна градина и други миризливи растенија. Градината е прекрасно обработена и уредена. За да биде добро запазена, таа е оградена со мал ѕид. Покрај градината тече бистра мала река. Ако оваа вода, иако лесна, но постојано удира во оградниот зид, таа ќе го оштети неговиот темел и ќе најде за себе тек. Потоа ќе го раскопа темелот и ќе навлезе во градината, ќе ги искрши и ќе ги искорне дрвата и растенијата, ќе го уништи трудот и ќе ја направи градината неплодна. Истото ќе се случи и со човековото срце. Во него има добри мисли, но кон него непрестано се приближуваат и потоците на гревот, кои го поткопуваат и сакаат да го одвлечат на своја страна. И ако е умот лесномислен и ако им се предава на нечистите помисли, тогаш духовите на лагата веќе наоѓаат во него храна за себе, навлегуваат во него, ги уништуваат сите негови убавини, ги отстрануваат добрите помисли и ја опустошуваат душата.
з) Освен овие напади, доаѓаат и други – надворешни. Заедно со пројавувањето на Божјата благодат во срцето на подвижникот, почнуваат непријателските напади и од страна на луѓето. Непријателот, избркан одвнатре, се вооружува однадвор. Ова е неизбежен услов за христијанинот, кој води до усовршувањето на духот.
245. Божјите луѓе треба да се подготвуваат за борба и за подвиг. Како што храбриот младич ги поднесува борбите и ударите, кои му ги нанесуваат, и на тие удари им возвратува со удари, така и христијаните треба да ги поднесуваат неволјите, внатрешни и надворешни борби – примајќи ги тие удари, да ги победуваат преку трпеливоста. Таков е патот на христијанството. Таму каде што е Светиот Дух, таму како сенка следат гонења и борби. Гледаш ли како Господа, кој е патот и вистината, го гонел Неговиот, а не туѓиот народ? Неговото племе – Израилците – Го гонеле и Го распнале. Истото се случувало и со апостолите: Бидејќи, по крсните страдања, по воскресението и по вознесението на Господа, на нив слегол Светиот Дух, Утешителот, и се вселил и во нив и во сите христијани, па потоа апостолите и христијаните почнале да бидат гонети и измачувани. Поради тоа не треба ни најмалку да се чудите, вистината мора да биде гонета.
246. Не е тек така напишано за многустрадалниот Јов: како сатаната Го молел Бога да му го даде, зашто тој не можел да му направи ништо, ако Бог не му дозволил. Што му рекол ѓаволот на Господа?: “Ти ги благослови делата на рацете негови, а стадата негови се шират по земјата; но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш?” (Jов 1, 10-11). Така е и сега. И Јов е истиот, и Бог е Истиот, и ѓаволот е истиот. Тогаш кога ја гледал Јов Божјата помош, тој бил ревносен и Божјата благодат горела во Него. Ѓаволот Му се молел на Бога и го барал Јова, велејќи: “Тој ти служи затоа што му помагаш и го заштитуваш. Остави го, и предај ми го, па ќе видиш каков ќе биде, ќе видиш дали ќе Те благословува?“ Према тоа, откако душата подолго време поткрепувана и утешувана со Божјата благодат, тогаш душата се предава на искушенијата. Тогаш доаѓа ѓаволот и ѝ нанесува илјадници неволји, ја опсипува со очајание, со безнадежност, лукави помисли. И нанесува несреќи да би ја ослабнал и оддалечил од надежта во Бога. Благоразумната душа не ја губи својата надеж во Бога ни во несреќите, ниту во страдањата, туку го запазува она што ѝ било дадено. Било што и да ѝ се случи, таа претрпува сѐ, и кога се наоѓа во илјада искушенија таа говори: “И да умрам, нема да Го оставам Господа!”
247. Сите праведници Му угодувале на Бога одејќи по стрмниот и тесен пат. Авраам бил богат во Бога, но се нарекувал „земја и пепел“ (1. Мој. 18, 27). И псалмопеачот Давид говорел за себе. „Сите, што ме гледаат, ми се подбиваат, нишајќи ги главите, велат: ‘Тој се надеваше на Господ; нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден’” (Псал. 21,7-8). На сличен начин, сите апостоли и пророци страдале и трпеле прекорувања. Погледни во какво понижување дошол и Самиот Господ, Кој е и Самиот Бог! Кој дошол на земјава не заради Себе, туку за тебе, Кој станал за тебе образец за сѐ што е добро. Тој, кој е Бог, Божјиот Син, Цар и Царев Син, доброволно прифатил да биле слуга. Он дава целебни лекови, ги лекува ранетите, а и Он Самиот е еден од ранетите.
248. Меѓутоа, не занемарувај го Божјето достоинство, гледаш по надворешноста беше понижен како еден од нас. Заради нас, а не заради Себе. Размисли: колку бил Он понижен од сите во тој час кога сите викале: “Распни Гo, распни!” (Лк.23:21) и кога народот се собирал од сите страни околу Него. Како над злочинецот кога кнезот му изрекува пресуда, тогаш целиот народ се гнаси од него и го понижува. Така, фарисеите Го презирале нашиот Господ и Спасител Исус Христос, кого Го осудиле на смрт и бил распнат, како човек бил осуден да умре. И тогаш кога Го плукале в лице, кога Му ставале трнов венец на главата, кога Го удирале по образите, сето ова нели ја надминало секоја мерка на понижување? Зашто е напишано: “Грбот Свој го подметнав на оние што Ме биеја, и образите Свои на оние што Ме удираа”(Иса.50,6). Па кога Бог, примил толку подбивања, страдања и понижувања, колку повеќе треба да се смириш ти, кој си по природа прав и смртен, нема да се споредуваш со ништо слично на својот Владика. Заради тебе Бог се согласил, а ти не се смируваш заради себе, туку се гордееш и се вознесуваш. Он дошол заради тебе да се подложи на тешкотии и слабости за да ти даде тебе спокој, а ти несакаш да се потрудиш и да пострадаш, како би се исцелиле раните. Нека е слава на страданието и долготрпеливоста Негова во веки!
249. Кога и Бог одел на земјата по тој пат, тогаш и ти си должен да го подржуваш. По тој и таков пат оделе и апостолите и пророците. И ние, ако сакаме да бидеме изградени врз темелот на Господа и апостолите, треба нив да ги подржуваме. Зашто и апостолот говори со Светиот Дух: “Затоа, ве молам, бидете мои подражаватели, како што јас на Христа” (1. Кор. 4, 16). Воколку ја сакаш славата од луѓето, и сакаш да ти се клањаат, барајќи да бидеш спокоен, тогаш ќе се оддалечиш од Божјиот пат. Ти треба да се сораспнуваш со Распнатиот, да страдаш со најголемиот Страдалник, за да се прославиш со Прославениот. Апостолот вели: “Ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници: наследници на Бога и сонаследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме” (Рим. 8, 17). Зашто потребно е: да пострадаме заедно со Младоженецот и преку тоа да станаме соучесници и сонаследници Христови. На никого не му е дозволено без страдања и по широк и лесен пат да влезе во градот на светиите – да се радува и да царува со Царот на бескрајните векови.
250. Колку му е допуштено на сатаната да може да нѐ искушува и да нѐ напаѓа? Тој се нафрлува не само против христијаните, туку против идолопоклониците и против целиот свет. Затоа, воколку би му се дозволило да напаѓа колку што сака, тој би не истребил сите. А зошто? Затоа што тоа е негова работа и тоа тој го сака. Како што казанџијата, кога ги става садовите на оган, ги загрева до извесна мерка, а не премногу, за да не останат недоправени или сосема да не бидат уништени, исто така, и оној што прави златни и сребрени работи, и тој го разгорува огнот толку, колку што е потребно, зашто ако го засили огнот премногу, тогаш златото и среброто ќе се стопат и ќе пропаднат. И човековиот ум знае колку кој од неговиот добиток може да носи или да влече: знае колку може да носи камилата и некое друго животно, и не ги претоварува. И Бог ја знае човековата сила. Затоа во различна мерка им дозволува на непријателските сили да дејствуваат.
и) Издржувајќи трпеливо во сето ова и не попуштајќи пред непријателот во ништо, душата се очистува сѐ повеќе ѝ дава на благодатта на Светиот Дух сѐ поголема можност да дејствува во неа, која, најпосле, се пројавува во просветувањето на умот, во особените радосни морални состојби, во виденијата, во раководењата. Очигледно се забележува дека душата се приближува кон совршенството.
251. Оној кој Го љуби Бога, тогаш и Бог нему му возвраќа со љубов. Оној што поверувал во Бога – нему Бог му дава небесна вера и човекот ги удвојува своите сили. Затоа, ти кога од своите сили Му принесеш на Бога дар, тогаш и Бог од Своите сили ќе ѝ даде дар на твојата душа, за да можеш чисто да работиш, да љубиш и да се молиш.
252. Марија оставила сѐ, седнала крај нозете на Господа и во текот на целиот ден Го прославувала Бога. Гледаш ли дека седењето покрај нозете е највозвишената љубов? Но за да почне Божјото слово да ти светлее уште повеќе, послушај го и ова. Ако некој Го сака Исуса и со внимание Го слуша, како што треба, а не едноставно, туку со љубов, тогаш и Бог посакува да ја надари таа душа со таа љубов, та иако човекот не го знае тоа, не знае што прима и во каква мерка прима, Бог ја обдарува неговата душа. Зашто и на Марија, која Го возљубила Господа и која седела покрај Неговите нозе, не ѝ била дадена обична награда, туку Бог ѝ дал од Својата суштина скриена таинствена сила. Самите зборови, кои ги изговорил Бог на Марија биле Дух и сила. Овие Негови зборови влегле во нејзината душа и станале душа на нејзината душа, дух – на нејзиниот дух и божествена сила. Тие го исполниле нејзиното срце, зашто таму каде што е таа сила, таа останува и бива богатство во неа, кое никој не може да ѝ го одземе. Затоа и Господ, знаејќи што ѝ подарил, рекол: “Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе”(Лука 10, 42). Но со време и она што го правела Марта со желба и усрдност, ја довело, токму до ова што ѝ било подарено, зашто и таа ја примила божествената сила во својата душа.
253. Има ли нешто чудно во тоа: ако оние што приоѓаат кон Господа и кои се прилепуваат телесно до Него – примаат од Него сила? Некогаш апостолите, говореле пред луѓето, а Светиот Дух слегувал на оние што поверувале (Дела 10, 44). Корнилиј од зборовите што ги слушнал примил сила. А колку повеќе, се случувало тоа, кога Господ им говорел: на Марија или на Захеја, или на грешницата, која ги расплела своите коси и Му ги бришела нозете што ги измила со своите солзи, или на Самарјанката, или на разбојникот, кога се јавувала Божјата сила и Божествениот Свети Дух влегувал во единство со нивните души. И сега оние што го љубат Господа, кои оставиле сѐ и кои се постојано во молитва таинствено се поучуваат за она што не го виделе. Самата Вистина, нам ни се открива, затоа што тие тоа го посакале и Господ Исус Христос ги учи, велејќи им: “Jac сум Патот, вистината и Животот” (Јован 14, 6). Апостолите, кои биле со Господа сѐ до Неговите крсни маки, виделе многу чуда: виделе како очистува лепрозни и воскреснува мртви, но не знаеле каква божествената сила живее и дејствува во нивното срце; не знаеле дека и тие духовно ќе се препородат, дека ќе стапат во соединување со небесната душа и дека ќе станат нова твар. Тие Го љубеле Бога поради чудата што ги правел. Најпосле, Господ им рекол: “Зошто им се чудите на Моите чуда? Јас ви давам големо наследство, какво што нема целиот свет”.
254. За нив биле чудни овие зборови на Господа, сѐ до Неговото воскресение од мртвите и сѐ до Неговото вознесение на небото, за нас и за нашето спасение. И тогаш слегнал врз нив Духот Утешител и стапил во единство со нивните души. Самата Вистина се јавува во душите на верните: Небесниот човек доаѓа при човекот и меѓу нив настанува меѓусебно општење. Затоа, оние што остануваат во служење и сѐ што прават – го прават со усрдност и со ревност према верата, од љубов према Бога во тек на времето ги доведува до знаење на Вистината, зашто Господ им се открива на нивните души и ги учи да живеат заедно со Светиот Дух.
255. Речено е: “Вкусете и ќе видите колку е добар Господ! Блажен е оној човек, кој кај Него прибегнува!” (Псал. 33, 8), ова вкусување е несомнено дејство на силата на Духот, које го извршува служењето во срцето. Затоа оние што се синови на светлината и на служењето на Новиот Завет во Светиот Дух, на ништо не се учаат луѓето, а нив ги учи само Самиот Бог. Самата благодат ги пишува законите на Духот во нивните срца. За тоа тие не треба да бараат само од Светото писмо, кое е напишано со мастило, зашто Божјата благодат врз плочите на срцето ги впишува законите на Духот и небесните тајни. Бидејќи, срцето господари и царува со целиот телесен состав. Владее со благодатта на срцето, тогаш таа владее над целото тело и над помислите. Зашто, таму се и нашиот ум и сите наши помисли; таму е и копнежот на нашата душа. Затоа благодатта проникнува во сите долови на телото.
256. Таквиот, според она што е напишано (1. Кор. 2, 14) го испитува секој човек. Тој знае за секого: од кој извор ги зема зборовите, знае каде се наоѓа, каде застанал, на кој степен се наоѓа; а за него не можат да знаат и да судат ништо и тоа никој од луѓето што го имаат духот на овој свет. Само оној што го има во себе Божјиот Дух, може да го препознае на себе сличниот, како што вели апостолот: “духовното со духовно се споредува”.
257. Оние кои се удостоиле да станат чеда Божји и да се родат одозгора – од Светиот Дух; кои Го имаат во себе Христа, Кој ги просветува и успокојува; тие кога духовно се успокоени, тогаш во нив на најразлични начини нивното срце невидливо дејствува благодатта. Да би делимично покажале како благодатта дејствува со нивните души, ќе позајмиме примери од видливите наслади. Тие понекогаш се веселат како да се наоѓаат на царска вечера и се радуваат со неискажива радост и веселба. Понекогаш се како невеста, која се успокојува со небесен спокој во општење со својот младоженец. Понекогаш се слични на бестелесните ангели, наоѓајќи се сеуште во своето тело, тие чувствуваат во себе голема леснотија и окриленост. Понекогаш како да се пијани, развеселени и опијанети од Духот – опијанети од божествените духовни тајни.
258. Меѓутоа, понекогаш тие плачат и тажат за човечкиот род, се молат за сите Адамови чеда, пролеваат солзи и плачат, горат со духовна љубов кон човештвото. Понекогаш со таква радост ги распалува Духот, така што, кога тоа би било можно, тие секој човек би го сместиле во своето срце, не правејќи разлика меѓу добриот и лошиот. Понекогаш, понесени од смиреноста на својот дух, толку се унижуваат пред секој човек, па се сметаат за последни и најмали од сите. Понекогаш не престануваат да горат во неискажива радост. Понекогаш се слични на силен војник, кој, вооружен со сето царско оружје, излегува и стапува во бој со непријателите и бестрашно се бори за да ги победи. Зашто, слично на овој, и духовните луѓе се вооружувааат со небесните оружја на Духот, се спротивставуваат на духовните непријатели и водат борба со нив, да би ги покориле под своите нозе.
259.Понекогаш душата е слична на некоја голема тишина, на молк и на мир, живее само во духовно задоволство, во неискажив спокој и задоволство. Понекогаш благодатта ѝ дава голема мудрост, ја знае мудроста на Духот што никој не Го познава, Кој не може да биде искажан со зборови и со уста. Понекогаш, повторно, човек станува како еден од обичните луѓе. Така разновидно дејствува благодатта во луѓето, ја раководи душата на многу начини, давајќи ѝ мир според Божјата волја, ја подготвува на најразлични начини, за да ја претстави пред Небесниот Отец совршена, беспрекорна и чиста.
260. Овие дејства на Духот, кои се наброени, ја достигнуваат својата најголема цел кај блиските до совршенство. Бидејќи наброените разновидни успокојувања на благодатта различно се искажуваат со зборови, а во луѓето продолжуваат непрекинато, така што по едно дејство следи друго. Кога душата се издигне кон совршенството на Духот, откако била очистена од сите страсти, и ќе пријде во неискаживо општење до соединување со Светиот Дух Утешителот, таа самата се удостојува да постане дух: тогаш душата станува светлост, целосно око, целосно дух, целосно радосна, целосно спокојна, целосно во радост, целосно во љубов, целосно милосрдна, целосно во благост и добрина. Како што во морската бездна каменот е отсекаде обиколен со вода, така и овие луѓе потполно се соединети со Светиот Дух, постануваат слични со Христа, неизменливо имајќи ги во себе добродетелите на духовната сила, остануваат внатрешно беспрекорни, непорочни и чисти. Зашто, тие кои се уподобени со Духот, како можат да раѓаат надворешен плод на порок? Напротив, секогаш и во сѐ во нив сјајат плодовите на Духот.
261. Некои луѓе влегуват да коленичат на молитва, и душата нивна се исполнува со божествено дејство, нивната душа се весели во Господа како што се весели невестата со својот младоженец, според зборовите на пророкот Исаија, кој вели: “Како што младоженецот се радува на невестата, така ќе ти се радува тебе твојот Бог” (Иса.62, 5). Понекогаш човекот, целиот ден е зафатен со нешто, на моливата и посветува само еден час, неговиот внатрешен човек со голема наслада се восхитува во молитвеноста, навлегува во бескрајната длабочина на другиот живот, така што неговиот окрилен ум бива целосно пренесен таму. Во текот на тоа време настанува во неговите мисли потполно заборавање за земното мудрување, затоа што неговите помисли се наситени и запленети со она што е божествено, небесно, безгранично и недостижно и со нешто чудно, што човековиот разум не може да го искаже. Во тој миг тој човек се моли и говори: “O, колку е убаво кога мојата душа би отишла заедно со мојата молитва!”
262. Дали човекот секогаш се наоѓа во оваа состојба? Вистина, благодатта секогаш постои, се вкоренува и дејствува како квасец во човекот уште од неговата млада возраст. Затоа ова постоење во човекот бива како нешто природно и неодделиво од него, како нешто што е соединето суштествено со него. Сепак, според тоа како што ѝ е угодно, таа ги менува своите дејства во човекот за негова корист. Понекогаш овој оган се разгорува и разпламтува посилно, а понекогаш некако послабо и потивко. Понекогаш оваа светлина се распалува и сјае повеќе, а другпат се намалува и се помрачува. Овој светилник секогаш гори и светлее, но понекогаш светлината негова станува појасна, се разгорува повеќе од опиеноста со Божјата љубов, а понекогаш помалку и пооскудно светлее, така што и светлината што е во човекот тогаш станува послаба.
263. Освен тоа, некои во оваа светлина го виделе знакот на светиот крст и тој се соединил со внатрешниот човек. Понекогаш човекот за време на својата молитва како да излегува надвор од себе, му се чини како да стои во црквата пред жртвеникот на кој се наоѓаат три леба, кои како да се натопени со елеј, колку повеќе јадел од нив, толку повеќе тие се зголемувале и нараснувале. Некогаш гледа пред себе светла облека, таква каква што нема во овој свет, каква што не можат да направат човечки раце. Како што Господ, кога се искачил на Гората Тавор, заедно со Петра, Јакова и Јована, се преобразила Неговата облека се преобразила во светла како молња, му се чини дека таква станува и неговата облека и тој се вчудоневидува. А другпат, оваа светлина, појавувајќи се во срцето, се пројавувала како најдлабока, највнатрешна и најскриена светлина, така што тој човек, сецело проголтан и проникнат од таа сладост и тоа созерцание, не можел да владее со себе, туку за овој свет бил како безумен и див – поради преголемата љубов и сладост и поради скриените тајни, така што, откако добива истовремено слобода се издигнува високо, и постанува чист и слободен од гревот. Но, потоа благодатга се намалувала и се спуштало покривалото на спротивната сила; тогаш благодатта може да биде видена само делумно и на понизок степен од своето совршенство.
264. Човекот треба да помине, така да се рече, дванаесет скалила, и потоа да дојде до совршенството. И навистина тој понекогаш може да ги измине тие степени и да дојде до совршенство. Потоа благодатта одново почнува да дејствува послабо, и тогаш човекот слегува на единаесеттото скалило. Додека оној, пак, што е богат со благодатта, и дење и ноќе високо издигнат, тој е слободен и чист, секогаш е заробен и восхитен. На кого му се покажани тие чуда, кој ги познал опитно, ако ова би било со него секогаш така, тој не би бил веќе во состојба да ги прими на себе и зборовите на промислата или некое друго бреме, не би се согласил ни да слушне, ниту да почне да се грижи за себе за утрешниот ден, туку само би седел во некој агол како да е некаде издигнат или пијан. Затоа и не му се дава потполно совршенство – за да може да се труди и да се грижи за браќата и да им служи, ако не биде урната оградата меѓу него и меѓу нив и ако смртта не биде победена.
265. Всушност, ова бива вака: слично на згуснат воздух, како некаква мрачна сила лежи врз човекот и лесно го покрива. Светилникот непрестано гори и светли, но како тој да е покриен со некакво покривало. По ова може да се види дека тој човек уште не е совршен и сеуште не е сосема слободен од гревот. Затоа може да се каже дека преградата веќе е урната, но сепак, таа на некој начин постои и не е сосема оттргната. Има мигови кога благодатта посилно се разгорува и распламтува. Тогаш го утешува и го успокојува човекот, но има и такви мигови кога таа се намалува и потемнува, и сето ова станува по Божја промисла – за спасение на човекот. А кој е тој, кој, макар и привремено, доаѓал до потполно соворшенство, кој го вкусил и потполно го познавал другиот живот? Досега јас не познавам ниеден таков човек – христијанин – потполно совршен и слободен. Напротив, ако некој се успокојува во благодатта, ако доаѓа до тајните и откровенијата, до вкусувањето на големата благодатна сладост, сепак и гревот заедно со неа се наоѓа внатре во него. Таквите луѓе, поради изобилството на светлина и благодат во нив, се сметаат слободни и совршени, но тие грешат во ова поради својата неопитност, која ги доведува до оваа самоизмама. А јас досега не сум видел ниеден слободен човек, иако и јас одвреме – навреме сум доаѓал до таква мерка.” Ова го знам од опит – знам дека нема совршен човек.
266. Кажи ни: на кое скалоло се наоѓаш ти? – Сега, по крсниот знак, благодатта дејствува така и ги смирува сите делови и срцето, така што душата од голема радост станува како невино детенце и тогаш човекот не осудува никого, ни Македонец, ни Елин, ни Јудеец, ни грешник, ни мирјанин, туку сите ги гледа чисто со окото на својот внатрешен човек, му се радува на целиот свет и сака потполно да ги возљуби и да ги почитува сите луѓе. Понекогаш тој, царскиот син, толку силно се надева на Божјиот Син – како на својот татко. Пред него се отвараат врати, тој влегува во многу живеалишта. И во зависност од тоа како влегува во нив, пред него одново се отвораат и други врати во соодветен број . На пример, од претходните сто живеалишта – влегува во други сто живеалишта. И се збогатува. И во колкава мерка се збогатува, во толкава мерка му се покажуваат нови чуда. Нему, како на син и наследник, му се дава она, што не може да се искаже со човечката природа, она што не може да се изговори со човечка уста и јазик.
Преведе,
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада