




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – ТОМ I
ДОБРОТОЉУБИЕ СВЕТИ МАКАРИЈЕ ВЕЛИКИ
ПОУКИ НА СВЕТИОТ МАКАРИЈА
За христијанскиот живот, одбрани негови беседи
7. ВИСОК СТЕПЕН НА
ХРИСТИЈАНСКО СОВРШЕНСТВО
267. Пророкот Езекил известува за божественото и славно јавување и видение на кое тој бил очевидец. Тој го опишува како феномен исполнет со неискаживи тајни. Видел во полето херувимска колесница (кола), четири духовни животни. Секое имало по едно лице: еден лав, друг орел, трето теле и четврто човек. Секое од нив имало крилја, така што било невозможно да се одреди што е предна, а што задна страна. Рамената им биле исполнети со очи, а градите исто така, и немало место каде што немало очи. Секое животно имало по три тркала, како тркало во тркало, а во тркалата бил духот. Пророкот видел нешто како лик на човек, а стапалата им биле како од камен сафир. Таа кола Го носела Владиката кој седел. И животните оделе напред, каде што сакаше Тој. Под крилјата на херувимите, пророкот видел нешто како човечка рака која ги подржавала и ги носела.
268. Она што пророкот го видел во видение било несомнена вистина. Меѓутоа, визијата укажувала на нешто друго, преставувало преобраз на нешто таинствено и божанско, тајна скриена од генерации и откриена во последните времиња, при Христовото доаѓање. Пророкот ја видел тајната на душите кои треба да го примат својот Господ и да постане престол на Неговата слава. Душата која Духот си ја подготвил за живеење и за свое семејство, која ја удостоил со причест на Својата светлина и ја осветлил со убавината на Неговата неискажива слава, сè постанува светлина, сите – лица, сите – очи. Во нејзе нема ниту еден дел без духовните очи на светлината, т.е. нема ништо мрачно. Целосно се спуштала светлина и дух, сето тоа било исполнето со очи, и немало задна страна, но имало лице од секаде и затоа во неа пребивала неискаживата убавина на славата од Христовата Светлина. Како што сонцето од сите страни е исто, како што нема последен или недостатен дел, туку се состои од еднакви делови, и сè свети во целосна светлина, сè е светло, и исто како што огнот, т.е. самата светлина на огнот е целосна и нема прва или последна, нема поголема ниту помала – така е и со душата која е совршено осветлена од неискаживата убавина на славата на светлината од лицето Христово, која совршено влегла во заедница со Светиот Дух и која се удостоила да постане живеалиште, престол Божји, целосно постанува око, целосно светлина, целосно лице, целосно слава, целосно дух, како што ја подготвил, уредил и со духовна убавина ја украсил Христос, кој ја и носи, и води, и поддржува и држи. Зашто, речено е: „под крилјата нивни имаа човечки раце (на херувимите)“ (Езек. 1:8). Самиот Христос ја носи и води.
269. Четирите животни кои ја носеле колесницата (колата) ги симболизираат владејачките мисли (т.е. силите) на душата. Како што орелот царува над птиците, лавот над дивите ѕверови, телето над кротките животни, а човекот над своето создание, така и во душата има царски мисли, т.е. волја, совест, ум и способност за љубов (т.е. чувство). Тие ја управуваат душевната колесница; Бог почива на нив. На друг начин, тие можат да се објаснат и како небесна Црква на светите. Како што вели пророкот дека висината на животните била огромна, дека биле преполни со очи, дека никој не можел да ги согледа бројот на очите, како, (на крајот на краиштата), ниту висината, бидејќи за тоа не било овозможено да се спознае; како што секој може да ги види ѕвездите на небото и да им се восхитува, но никој не може да го дознае нивниот број – така и во небесната Црква на светите не е можно да влезе и во неа да се насладува секој кој сака да се подвизува, но не може да го дознае и опфати бројот на светите, зашто тоа Му припаѓа на единствениот Бог. Оној кој седи на колесницата и на престолот на многуоките животни или во секоја душа која постанува Негов престол и живеалиште, која постанала око и светлост – патува и носен на неа, управувајќи со уздите на духот, водејќи како што Тој знае. Како што духовните животни не оделе по своја волја, туку таму каде што сакал и знаел Оној што седел и управувал со нив, така и овде Тој самиот управува и води, покажувајќи го патот со Својот Дух. Према тоа, душата не може да се вознесе на небото по своја волја, туку самиот Бог, отфрлајќи го телото, го насочува со мисла да се стреми кон небото. И повторно, кога Му е угодно, таа оди во телото и во мислите, и по Негова волја преминува во земните предели, каде што Тој и ги покажува откровенијата и тајните. О, каков превозносен, нежен, единствен и вистински Водич! На истиот начин, и телата ќе се прослават при воскресението, додека душата уште овде се прославува, соединувајќи се со Духот.
270. Самиот Господ им рекол на апостолите дека душите на праведниците постануваат светлина: „Вие сте светлината на светот“ (Мт. 5,14). Откако ги направи светлина, Тој им заповеда преку нив да го просветат светот: „Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина,“ (Мт. 5:15-16). Тоа значи: не кријте го дарот кој сте го добиле од мене, туку пренесете го на секој што ќе го посака. И уште: „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло. Ако, пак, твоето око биде лошо, целото твое тело ќе биде темно. И така, ако светлината што е во тебе, е темнина, тогаош колкава ли е темнината“ (Мат. 6:22-23). Очите се светлината на телото. Кога тие се здрави, целото тело е осветлено. Кога, пак, нешто ќе падне во очите и тие ќе потемнат, целото тело ќе се најде во темнина. Така апостолите се поставени да бидат очи и светлина на целиот свет. Заповедајќи им, Господ им рекол: „Воколку вие, кои сте светлината на светот, истраете и не се менувате, целото тело на светот ќе се просвети. А воколку вие се помрачите, кои сте светлина на светот, што тогаш ќе биде со темнината, т.е. со светот?“ Така апостолите, откако постанаа светлина, им служеа како светлина на верните, просветувајќи ги нивните срца со небесната светлина на Духот со која и самите биле просветени.
271. Оние кои го соблекоа стариот и земен човек, и од кои Христос ја соблече облеката на царството на темнината, го облекоа новиот и небесен човек Исус Христос. Господ ги облекува во облеката на Царството на неискаживата светлина, во облеката на верата, надежта, љубовта, радоста, мирот, милосрдноста, благоста и во сите други божествени и животворни облеки на светлината, животот и неискажив спокој. Бог е љубов, радост, мир, благост, милосрдонст. И новиот човек постанува сето тоа по благодата.
272. Удостојувајќи се да ја достигнат мерката на совршенство и да се зближат со Царот, совршените христијани секогаш се посветуваат на дарот на Крстот Христов. Како што помазанието имало најголема чест (во времето на пророците), бидејќи помазаниците постанувале пророци и цареви, така и сега духовните луѓе, кои се помазани со небесно помазание, стануваат христијани по благодатта, за да бидат цареви и пророци на небесните тајни. Тие се синови, и господари, и боговите ги врзуваат, ги заробуваат, ги симнуваат, ги распнуваат, ги осветуваат како дар. Кога со помазанието на елеј (масло) кое го добиваме од земните растенија, од видливите дрвја, имало моќ помазаниците да добијат безусловно достоинство (бидејќи, сите признавале дека се поставени за цар: помазаниот Давид веднаш им подлегнал на прогонствата и неволјите, за по седум години да стане цар), што само [да се каже] за оние чиј ум и внатрешен човек се помазани со осветено, небесно и духовно масло (елеј) на радоста, кои го добиваат печатот на тоа нераспадливо Царство и вечна сила, залогот на Духот, самиот Свети Дух и Утешителот (разбери дека Утешителот и утешува и исполнува со радост оние што се во неволја).
273. Оние кои се помазани со елејот на небесното растение, дрвото на животот – Исус Христос, се удостојуват да ја достигнат мерката на совршенство, т.е. Царството и усиновување (посвојувања), така што, иако се уште се наоѓаат во овој свет, веќе постануваат патници до небесниот Цар, имајќи храброст пред Семоќниот, и влегувајќи во Неговиот дворец, каде што се ангелите и духовите на светиите. Зашто, иако сè уште не го добиле совршеното наследство што им било подготвено во тој век, тие веќе се уверени во круната и во Царството со залогот што го добиле овде. Имајќи го изобилството и храброста на Духот, нив не им е чудно што ќе царуваат со Христа? Зошто? Затоа што тие уште во телото го имаа чувство на таа сладост и дејството на таа сила.
274. На крајот на светот, кога ќе го снема овој свод, праведниците веќе ќе живеат во Царството, во светлината и славата, не гледајќи ништо друго освен Христа, Кој секогаш живее во слава од десната страна на Отецот. Така и оние кои се уште се овде заробени за оној век, ги гледаат сите убавини и чуда таму. Зашто ние, додека сè уште живееме на земјата, нашиот живот на небото го имаме како становници и жители на тој свет по умот и по внатрешниот човек. Како што видливото око, ако е чисто, секогаш јасно го гледа сонцето, така и умот кој се совршено очистил секогаш ја гледа славата на светлината Христова, престојувајќи со Господа дење и ноќе, како што е телото Господово, соединувајќи се со Божанството, секогаш пребива со Светиот Дух. Сепак, луѓето не доаѓаат одеднаш според таа мерка, туку со голем труд, мака и голем подвиг.
275. Како што Господ го остави секоје првенство и власт, облекувајќи се во тело, така и христијаните се облекуваат во Светиот Дух и остануваат во спокој. Ако им доаѓа борба однадвор, ако бидат нападнати и од сатаната, тие одвнатре се заштитени со силата Господова и не се вознемируваат. Дали сатаната Му наштетил нешто на Господа кога го искушувал четириесет дена во пустината и кога однадвор Му приоѓал на телото? Во тоа тело бил Бог. Така и христијаните, иако ги искушува однадвор, остануваат исполнети внатре (со силата) на Божанството и не поднесуваат никаква штета. Кој ја достигнал таквата мерка, се приближил до совршената Христова љубов и полнотата на Божанството. Тој кој не е таков, уште одвнатре се бори. Час се успокојува во молитва, час се наоѓа во неволја и се бори. Затоа што, така е угодно на Господа. Додека човекот е сè уште млад, Господ го води низ борби. Одвнатре како да се појавуваат две лица – светлина и темнина, спокојство и борба; час се моли во спокојство, час се наоѓа во збунетост.
276. Не слушаш ли што зборува Павле? „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, … Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи“ (1. Кор. 13:1-3). Бидејќи, овие дарови само водат до совршенство. Оние кои стигнале до нив, иако [се] во светлината, сепак се сеуште младенци. Многумина од браќата го достигнувале овој степен, стекнувајќи ги даровите на исцелување, откровенија и пророштва. Меѓутоа, бидејќи не ја достигнале совршената љубов, која „се сврзува во совршенството“ (Кол. 3:14), меѓу нив настанува борба и тие, постануваат немарливи, [на крајот] паѓаат. Кој, сепак, ќе ја достигне совршената љубов, тој постанува роб и затвореник на благодатта. Кој, пак, постепено се приближува до совршената мерка на љубовта, но сеуште не постанал нејзин роб, сеуште [не е ослободен] од стравот, бидејќи му се заканува борба и падд. И воколку не се огради, сатаната ќе го обори.
277. Секој треба да знае дека постојат очи кои се уште подлабоки од овие очи, и слух што е уште подлабок од овој слух. И како што овие очи гледаат чулно, и го препознаваат лицето на пријателот или на саканиот, така и очите достојни и верната душа, просветени од божествената светлина, гледаат и го препознаваат вистинскиот Пријател, најслаткиот и најпосакуваниот Младоженец – Господа, штом душата ќе се озари со Духот на кого се поклонуваме. Мисловно гледајќи ја посакуваната и единствена неискажива убавина, душата се ранува од божествената љубов, се свртува кон сите духовни добродетели и стекнува неизмерна и неисцрпна љубов кон Господа по Кого копнее.
278. Во сенката на Законот кој е даден преку Мојсеј, Бог заповедал сите да одмараат во сабота и никој да не работи. Тоа било образот и сенката на вистинската сабота, која Господ ја дава на душата. Зашто, душата, која се удостоила да се избави од срамните и нечисти помисли, ја саботира вистинската сабота и почива со вистински спокој, останувајќи испразнета и ослободена од сите темни дела. Таму, имено, во првобитната сабота, [луѓето] почивале телесно, но нивните души биле врзани со лукавство и пороци. Оваа, пак, вистинската сабота е вистинскиот одмор на душата, која е празна и чиста од сатанските помисли, почивајќи во вечниот мир и радост Господова.
279. Господ го повикува човекот на одмор, велејќи: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“ (Мт. 11,28). Души кои се покоруваат и пристапуваат, Тој ги успокојува од тие тешки, бремени и нечисти помисли. Тие се испразнуваат од секакво беззаконие, ја празнуваат вистинската, пријатна и света сабота, го празнуваат духовниот празник на неискажива радост и веселба, со чисто срце вршат чиста и богоугодна служба. Тоа е вистинската и светла сабота. Поради тоа и ние Го молиме Бога да ни даде да влеземе во тоа одморалиште, да се испразниме од срамните, лукави и суетни помисли, и да ни се овозможи да му служиме со чисто срце и да го прославуваме празникот на Светиот Дух. Блажен е оној кој влезе во тоа почивалиште.
280. Бог покажува милост на душата која се прилепува за Него, ја сака, и ѝ се приближува и ѝ се прилепува за неа. Нејзиниот ум веќе постојано престојува во милоста Господова. Тогаш душата и Господ стануваат еден дух, едно единство, еден разум. Телото на душата останува на земјата, а [нејзиниот ум] живее целосно во небесниот Ерусалим, искачувајќи се до третото небо, прилепувајќи се за Господа и служејќи Му.
281. Оној кој што седи на престолот на Величието во небесниот град на височините, тој целосно пребива со душата во нејзиното тело. Зашто, Тој е нејзиниот лик кој го положи горе, во небесниот град на светиите – во Ерусалим, додека Својот Лик на неискаживата светлина на Своето Божанство го постави во нејзиното тело. Тој ѝ служи во градот на телото, а таа Му служи во градот небесен. Душата Него го наследила на небото, а Тој ја прифатил како наследство од земјата. Зашто Господ постанува наследство на душата, и душата наследство Господово. Мислите и умот како и помрачените грешници можат да бидат многу далеку од телото, тие можат да имаат моќ да во еден момент од времето да поминат големи пространства, да поминат далечни земји. Често нивното тело е распослано на земја, а мислата, од друга страна, престојува со саканата или со саканиот, и се гледа себеси како да живее таму. Ако душата на грешникот е толку лесна и брзопокретна, и ако нема пречка нејзиниот ум да биде на далечни места, како само со душата од која паднала ја покрива темнината со силата на Светиот Дух, чии умни очи се просветени од небесната светлина, и која е потполно избавена од бесчесните страсти, постанувајќи чиста по благодатта. Таа исцело Му служи на Господа со духот, а сецелосно и со телото. Таа толку се проширува со мислата и е секаде каде сака и кога сака, служејќи Му на Христа.
282. Еве што вели апостолот: „Та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате со сите светии што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја осознаете Христова љубов што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја“ (Еф.3:18-19). Испитај ги неиспитаните тајни на душата со кои Господ ја отстранува темнината која ја обзела и се открива Самиот; како ги проширува и ги распростира мислите на нејзиниот ум во широчината, и во должината, и во длабочината и во висината на сета видлива и невидлива материја.
Преведе,
Прота Митко Попоски
Виндзор, Канада