




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – ТОМ I
ДОБРОТОЉУБИЕ СВЕТИ МАКАРИЈЕ ВЕЛИКИ
ПОУКИ НА СВЕТИОТ МАКАРИЈА
За христијанскиот живот, одбрани негови беседи
9. БАРАЈТЕ ГО НАЈНАПРЕД ЦАРСТВОТО БОЖЈО
Од што треба (Човекот) да се пазиме ? – „Од се, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот“ (Изреки 4,23).
Зашто имаме страшни и лукави непријатели – лошите демони. Нашата борба е токму со нив, како што рекол светиот апостол: “Зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес.6.12).
Нивната голема толпа не опкружува во воздухот. Тие не се далеку од нас. А и меѓу нив постои разлика. Но да се зборува за нивната природа и за нивните меѓусебни разлики – значи да се зборува опширно, да зборуваат за ова – повеќе им прилега на оние што се над нас отколку нам.
А ние сега имаме неодложна и неопходна потреба да дознаеме колку се многубројни и големи нивните искушенија против нас. Пред се, треба да знаеме дека демоните не се создадени во таква состојба поради кои се нарекуваат демони, зашто Бог не создал ништо лошо.
И тие биле создадени добри, но паднале од небесното мудрување и сега се вртат околу земјата. Тие го измамиле Човекот со привиденија, а на нас христијаните ни завидуваат и прават се што можат за да ни попречуваат да се издигнуваме на небото; За да не се издигнеме ние таму, од каде што тие паднале.
Затоа е потребно многу да се молиме и да се подвизуваме, за да примиме дар од Светиот Дух „…да ги разликуваме духовите…“ (1Кор.12.10).
Да можеме да знаеме кои од нив се помалку лоши, а кои се полоши и кој од нив со која и со каква работа е задолжен и како секого од нив можеме да го победиме и да го истераме.
Зашто кај нив има многу начини за искушување и многу голема итрина и лукавство. Блажениот апостол и неговите последователи го знаеле ова велејќи: „За да не не прелаже сатаната, зашто неговите намисли добро ни се познати“ (2Кор.2,11)
А ние кои сме биле во било што искушувани од нив ,должни сме взаемно да се предупредуваме – да си помагаме. Па ете и јас кој делумно сум ги доживеал нивните итрини ви говорам за нив како на свои деца.
Тие, штом ќе забележат дека некој христијанин, а особено монах, или свештеник, како се труди и напредува во духовниот живот, веднаш се обидуваат да го нападнат на неговиот пат преку итрини, соблазни и со лоши помисли.
Но не треба да се плашиме од овие напади, бидејќи молитвите, постот, и верата во Господа веднаш ги прогонуваат нашите духовни непријатели.
Меѓутоа, иако победени, тие не мируваат, туку веднаш настапуваат со други искушенија и итрини. Кога не можат да го измамат срцето на човекот со нечисти желби, тогаш напаѓаат на друг начин: Се обидуваат да не плашат со разни привиденија – се преправаат во вид на жени, ѕверови, лазачи, џинови и многубројна војска.
Но и од овие привиденија не треба да се плашиме, зашто и тие не се ништо: Штом се оградиме со вера и со крсниот знак – тие веднаш бегаат. Впрочем тие се дрски и крајно бесрамни. Бидејќи ако и тогаш бидат победени,тие одново не напаѓаат на друг начин: се преправаат како пророци и прераскажуваат што ќе се случи по неколку дена.
На тој начин сакаат да ја покажат својата големина, па ако некого не можеле да го измамат со помисли, се трудат да го уловат на овој начин. Но ние не треба да ги слушаме демоните, кои се наши вечни непријатели.
Не треба да ги слушаме ни тогаш кога не поттикнуваат да се молиме и да постиме, туку нашето внимание треба да биде свртено кон целта на нашето подвижништво. Тогаш нема да бидеме измамени од нив, кои прават се со итрина и лукавост…
Од нив воопшто не треба да се плашиме, без оглед на тоа како и да не напаѓаат, дури и тогаш кога ни се закануваат дека ќе не умртват, зашто тие се немоќни – тие само не заплашуваат и ништо повеќе не можат да ни направат.
Сета наша грижа треба да биде повеќе за душата, отколку за телото; На телото треба да му посветуваме само малку време – само за она најнеопходното а сето друго време треба да и го посветиме на душата и да ја бараме нејзината корист, така што таа да не тежнее по телесни уживања, туку да го држи телото во ропска покорност.
Токму ова го означуваат и Христовите зборови: “Немојте да се грижите за вашата душа – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за вашето тело, во што ќе се облечете“ (Матеј 6.25). Не барајте што ќе јадете и што ќе пиете; И не се загрижувајте. Сето тоа го бараат и незнабожците во овој свет; А вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно.
„Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви биде придодадено“. (Лука.12.29-31)
Верувај во Господа и љуби Го; Пази се од нечисти помисли и од телесни задоволства и како што е напишано во книгата Мудри Соломонови изреки: “Не измачувај се со пренаситување на стомакот; Бегај од гордоста, моли се непрестано, пеј псалми пред спиење и по спиење; проучувај ги заповедите кои ти се дадени во Св.Писмо…“
Извадок од Добротољубие Том 1
Уреди,
Прота Митко Попоски
Виндзор, Канада