




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ДОБРОТОЉУБИЕ – ТОМ I
ДОБРОТОЉУБИЕ СВЕТИ МАКАРИЈЕ ВЕЛИКИ
ПОУКИ НА СВЕТИОТ МАКАРИЈА
За христијанскиот живот, одбрани негови беседи
2. МРАЧНАТА СОСТОЈБА НА ПАДНАТИОТ
а) Послушувајќи го лукавиот, Адам му се предаде во ропство. Откако лукавиот ги совлада, ги исполни со секое зло.
19. Откако ја прекрши Божјата заповед и ја послуша лукавата змија, Адам се продаде и му се предаде на ѓаволот, така што лукавиот се вовлече во душата на прекрасното суштество. Душата се нарекува тело на лукавата темнина се додека во неа живее темнината на гревот, затоа што живее и се чува во лукавата ера на темнината, како што вели и апостолот, споменувајќи го грешното тело и телото на смртта: „… за да биде уништено гревовното тело..“ (Рим. 6: 6), и повторно: „Кој ќе ме избави од ова тело на смртта?“ (Рим. 7:24). Душата не е од природата Божја, ниту е од природата на лукавата темнина, туку е големо и прекрасно интелигентно суштество исполнето со убавина, прекрасен образ и подобие Божјо. Итрината од темните страсти влезе во неа како последица на падот.
20. Во почетокот, заробувајќи го човекот, лукавиот принц (т.е. царството на темнината) ја покри и ја облече душата со моќта на темнината, како што тие обично го облекуваат човекот кога го подготвуваат за цар, давајќи му ја целата царска униформа и овозможувајќи му да носи се што е царско од глава до пети. Итриот принц ја облече човековата душа со гревот, целата нејзина природа и целосно ја оскверни, не оставајќи никаков дел од неа, ниту мисли, ниту ум, ниту тело без неговото влијание и моќ. Ја облече во порфира на темнината. Кога е (болен), целото тело страда, а не само еден од неговите екстремитети. Така да, целата душа страда од лукавите страсти и гревови. Лукавиот ја облекува целата душа, која е неопходен дел од човекот, во својата злоба, т.е. гревот. На тој начин, телото постанува страдално и подлежно на гниење.
21. Велејќи: „…зашто веќе го соблековте стариот човек заедно со неговите дела“ (Кол. 3: 9), апостолот мисли на совршениот човек кога очи одговараат на очите, глава на главата, уши на ушите, раце со рацете и нозе на нозете. Бидејќи, лукавиот го оскверни целиот човек, душата и телото, го облече во грев и го направи стар, извалкан, нечист, богоборен, човек кој не го почитува Божјиот закон, за да не изгледа повеќе како со желба за него, но како што би гледал во лукавиот, слушајќи лукаво, и како би брзал во злото и рацете би биле спремни за безаконие, а срцето секогаш би било спремно на зло.
22. Стариот човек го оттргнал од себе совршениот човек и ја понел облеката на царството на темнината, облеката на хулењето на Бога, неверството, дрскоста, празнината, гордоста, среброљубието, похотата, како и други одлики на царството на темнината, нечисти и осквернати.
23. Непријателот се потруди преку Адамовиот престап да го рани и затемни внатрешниот човек, т.е. владејачки ум кој го согледува Бога. Неговите очи биле спремни да ги видат пороците и страстите додека небесните богатства станаа недостапни за него.
24. Духовите на злото ја врзуваат душата со оковите на темнината, така што таа не може повеќе да го сака Господа колку што сакала, ниту да верува колку што сака, ниту да се моли колку што сака. Од престапот на првиот човек, наидуваме на очигледна и тајна спротивставеност на секое добро.
б) Гледајќи таква погубна состојба, Бог и ангелите се сожалија на паднатиот човек.
25. Во денот кога Адам паднал, Бог одеше по рајот и, гледајќи го, со сожалување му рекол: „Како го избра злото и покрај толку многу добра! Каков страм те покри покрај толку слава! Зошто си сега толку помрачен, така изобличен и трулежен? Каква темнина те покри после таква светлина! “Создателот се сожали на Адам, кој падна и умре за Бога. Ангелите, сите сили, небото, земјата и целата творба ја оплакуваа неговата смрт и неговиот пад. Зашто, суштествата видоа дека оној што им беше даден за цар постана слуга на спротивната и лукава темнина. Така тој ја облече својата душа со горчливата темнина, бидејќи над него се зацари кнезот на темнината. Впрочем, Адам беше тој [човек] ранет од разбојниците и оставен полумртов на патот од Ерусалим до Ерихон.
в) Сепак, правдата го подложи на праведна казна. Тој бил напуштен како напуштен дом.
26. Откако ја прекршил заповедта, Адам бил протеран од рајот, навлекувајќи го врз себе гневот Божји. Како што Бог некогаш се налути на Евреите и им го даде Ерусалим за срам на непријателите, така што, оние кои ги мразеа владееја над нив, а празниците и приносите исчезнаа, така се налути на душата поради престапот на заповедта, предавајќи ги на непријателите, на демоните и страстите. Измамувајќи ја, тие целосно ја понижија, и исчезна секој празник, темјан и принос што душата му ја давала на Бога. Бидејќи, сите патишта што воделе до нејзе биле исполнети со диви sверови, и во нејзе се вгнездија влекачи, т.е. лукави духови. Како што во куќа во која не се живее облечена во темнина, обесчестена и во потсмев, исполнета со нечистотија и смрдеа, така и во душата во која Владиката не ликува со ангелите, исполнета со гревовна темнина, срамни страсти и секоја бесрамност.
27. Човекот доби проклетство врз проклетство поради непослушноста: „ Трње и бодлики ќе ти раѓа земјата“ (Бит. 3,18) и уште: „Земјата што ја обработуваш нема да ти го даде својот плод“, – земјата во неговото срце ќе раѓа трње и бодлики. Непријателите со измама ја украдоа неговата слава и го облекоа во срам. Неговата светлина е одземена и тој е облечен во темнина. Му ја убија душата, му ги разнеле и распарчиле мислите, му го соблекоа умот од височината. Така човекот – Израел стана роб на вистинскиот фараон. Тој постави надзорници над човекот, оние што го прогонуваа, т.е. лукави духови да ги прават, сакајќи или несакајќи, неговите лукави дела, да би подготвувал глина и тули. Отстранувајќи го човекот од небесниот начин на размислување, тој го сведе на вештачки, земни, смртни и лукави дела, и кон залудни зборови, мисли и размислувања. Паѓајќи од својата височина, душата се сретна со царството што го мразеше човекот и суровите кнезови кои ја принудија да изгради грешни градови на пороци за нив.
г) Поради падот, целото суштество и целиот човечки род се подложени на тиранијата на непријателот и страста.
28. Замислете цар кој има наследство и чии поданици се подготвени да му служат. Меѓутоа, се случило царот да биде заробен од непријателите. Штом бил фатен и однесен, неговите поданици и слуги би требало да го следат. Така, и Адам бил создаден чист од Бога за да му служи, и за тоа се му било дадено. Тој бил поставен за господар и цар на се. Но, лукавиот збор нашол подлога кај Адам, најпрвин го примил со надворешен слух, а потоа тој дозволил да навлезе во неговото срце и да го контролира целото негово битие. Преку неговото заробеништво, поробено било се околу него што му служело и што му се покорувало. Преку него, смртта се зацарила во секоја душа. Поради непослушноста, таа толку го изопачила Адамовиот лик, така што луѓето дошле и до поклонување на демоните. Зашто, и плодовите земни, кои Бог ги создаде прекрасно, [човекот] им ги принесе на демоните. На нивните олтари ставале леб, вино и масло, како и животни. Дури ги жртвувале и своите синови и ќерки на демоните.
29. Од времето на Адамовиот пад, душевните помисли, се одвоиле од љубовта Божја, се расеале низ времето помешувајќи се со вештачки и земни мисли. И како што Адам, кој ја прекршил заповедта, во себе го примил квасецот од штетни страсти, така попримиле и оние што се родени од него и од целиот негов род, наследувајќи дел од истиот квасец. Постепено растејќи и размножувајќи се, гревовните страсти се зголемиле до тој степен што се прошириле до прељуба, разврат, идолопоклонство, убиства и други гнасни дела, се додека целото човештво не се скисели од тие пороци. Злото пораснало кај луѓето до тој степен со помислата дека не постои Бог. Така што почнале да се поклонуваат на бездушните камења. Квасецот на злите страсти го зафатило целиот род на стариот Адам до тој степен што [луѓето] не можеле ниту да го прифатат поимот за Бога.
30 Откако ја прекршил заповедта и се подложил на осуда на гревот, човекот бил обземен од гревот, влегувајќи во него како во тенка и длабока бездна на горчината и го презел пасиштето на душата до нејзините најдлабоки тајни. На тој начин, можеме да ги споредиме и душата и гревот што се држеле за неа со големо дрво кое е полно со гранки и чиј корен е во длабочините на земјата. Така, гревот, кој влезе во душата и ги совлада своите пасишта до најдлабоките скривници, се претвори во навика и предрасуди, растејќи кај секого од младоста и поучувајќи го за [се] најлошо.
31. Лазар, кого Господ го воскресна и од кого се одвојувало таква голема смрдеа што никој не можел да се приближи до неговиот гроб, бил образ на Адам кој ја примил истата голема смрдеа во својата душа и кој бил исполнет со мрак и темнина. Слушајќи за Адам, за ранетите разбојници и Лазар, не дозволувајте вашиот ум да лута по планините, туку затворете се во душата затоа што и вие ги носите истите рани, истата смрдеа, истата темнина. Сите ние сме синови на тој помрачен род, сите ние имаме удел во таа смрдеа. Со немоќта со која пострадал Адам, страдаме и сите ние што потекнуваме од неговото семе. Зашто, таква болест до нас дојде, како што вели Исаија: „Од главата до петите нема во тој народ здраво место, модрици, гнојни рани, нечистени, непреврзани и неомекнати со масло“. (Иса. 1: 6). Со таква неизлечива рана и ние сме ранети.
32. Како што во Египет за времето на трите дена на темнината, синот неможел да го виде татка си, братот – братаси, пријателот – пријателите, бидејќи биле покриени со мрак, така ниту после престапот Адамов од заповедта, на неговиот пад од поранешната слава, со потчинувањето на духот на светот ја покривала неговата душа – никој од луѓето, до последниот Адам – Господа – не го видел вистинскиот Небесен Отец, ниту нежната и добра мајка – благодатта на Духот, ниту најслаткиот и најмил брат – Господа, ниту своите другари и пријатели – светите ангели, со кого тој [човекот] некогаш радосно ликувал и празнувал. И не само до последниот Адам, туку и сега за оние што не ги осветлило Сонцето на правдата – Христос, на кои не им се отвориле своите духовни очи за да ја видат вистинската светлина, суште остануваат покриени со темнината на гревот, кои сеуште имаат дејство на страст, сеуште се под истата казна, тие сеуште немаат очи со кои ќе го видат Отецот.
д) Најзабележителна последица од падот е нарушувањето што владее во светот.
33. Децата на овој век се како пченица која се истура во ситото на земјата и се просејува преку непостојаните мисли на овој свет, при постојаното колебање на земните твари, желби и сложени вештачки поими. Сатаната ја тресе душата со сито, т.е. со земни твари, го просејува целиот грешен човечки род. Од времето на падот, од престапот Адамов на заповедта, лукавиот принц ја презеде власта и ги просеа сите синови на овој век со постојани измамнички и колебливи мисли и ги доведе во меѓусебно спротивставување на ситото на земјата.
34. Како што пченицата што се просејува постојано се превртува и врти во ситото, така и принцот на лукавството ги освојува сите луѓе преку земните твари, ги колеба, ги води во збунетост и немир, наведувајќи ги на суетни помисли, постојано мамејќи и освојувајќи го целиот грешен род Адамов. Господ на апостолите им го претскажа идното воскресение и делата на злите против нив: „…Ете, сатаната посака да ве сее како пченица. Но Јас се молев на Мојот Отец за да не се изгуби вашата вера“ (Лука 22: 31-32). Овој збор, како и пресудата што Создателот му ја изрече на Каин: „… ти ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата!“ (1. Мој. 4:12), е образец и слика за сите грешници. Откако ја прекршија заповедта и станаа грешници, целиот род Адамов невидливо ја прими оваа слика. Луѓето се двоумат со непостојани помисли од страв, секаква заматеност, желби, разноврсни задоволства. Принцот на овој свет ја вознемирува секоја душа што не е родена во Бога [т.е. што е без покајание]. Слично на пченицата која постојано се врти во ситото, тој најразлично ги вознемирува човековите помисли. Тој сите ги наведува на колебање, ловејќи ги [луѓето] со световни измами, телесни задоволства, страв и заматеност.
35. Покажувајќи дека оние што ја следат измамата и волјата на злите ја носат сликата на итрината на Каин, Господ рече со укор: „…и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината“ (Јован 8:44). Поради тоа целиот грешен род Адамов тајно ја носи таа осуда: „Ќе стенкате и ќе треперите вознемирни во ситото на земјата во која ве просејува сатаната“. Како што целиот човечки род се прошири низ земјата од еден Адам, така и една страсна расипаност ја зафати целиот грешен човечки род, така да принцот на злото е способен да посее колебливи, вештачки, суетни и вознемирувачки помисли. И како што еден ветар може да ги вознемири сите растенија и сите семиња, и како што една ноќна темнината се шири над својата вселена, така и принцот на лукавоста, како што во некаква замислена темнината на гревот и смртта, го збунува и го проголтува целиот човечки род со извесен скриен и суров ветер на земјата, ловејќи ги човечките срца со разнишани помисли и световни желби и исполнувајќи ги со темнината на незнаење, заслепеност и заборавеност на секоја душа која не е родена одозгора и која не се преселила мисловно во другиот век, според зборовите: „… Нашето живеење е на небесата“ (Фил. 3, 20).
ѓ) Сите го чувствуваа злото, но никој не знаеше од каде потекнува, сметајќи го за природна состојба.
36. Видливиот свет, од царевите до сиромашните, се наоѓа во неред и превирања, во борба – и никој од нив не ја знае причината на тоа очигледно зло, убодот на смртта што произлезе од престапот Адамов. Зашто, гревот, кој дојде како накаква разумна сила и сатанска суштественост, го посеа секое зло: тајно влијае врз внатрешниот човек и разумот, борејќи се со мислите против него. Луѓето не знаат дека [злото] е извршено од туѓа сила. Напротив, тие мислат дека тоа е природно и го прават истото по сопствено расудување. Меѓутоа, оние кои го имаат на ум мирот Христов и Неговото просветлување, знаат од каде доаѓа сето тоа.
37. Колку цареви се појавиле од родот Адамов кои владееле со целата земја и кои многу размислувале за нивното царско владеење! Сепак, ниту еден од нив, со сето свое изобилство, не можел да сфати дека затемнувањето и штетата што настанува во душата е преку престапот на првиот човек. [Тоа не можел], бидејќи не ја знаел промената што се случува во нив, имено дека умот им бил облечен во срам поради падот и дека поради слепилото на очите и на срцето веќе не можеле да ја видат славата што нашиот прататко Адам пред престапот.
38. Во светот имало разни мудреци. Некои покажале исклучителна филозофија, други импресионирале со вештината на софистиката, трети се истакнале со ораторство, други биле во граматиката, некои поети пишувале според прифатените правила во историјата. Постоеле и разни уметници искусни во светските уметности … Меѓутоа, сите тие биле опседнати со змијата која се вселила во нив, не го согледувале гревот со кој живеел во нив. Тие станаа робови на лукавата сила, немајќи никаква корист за своето знаење и уметноста.
e) Злото од падот не го уби целосно човекот, колку и да било големо. Во него остана пројавата на духовниот живот.
39. Не велиме дека човекот целосно се изгубил, се уништил, умрел. Човекот умрел за Бога, но живее според својата природа.
40. Човек погинал поради злосторство. Постанал ранлив. Сатаната му го помрачил умот. Делумно, значи, човекот постои, и делумно живее, расудува и има волја.
41. И по престапот, распознавањето му останало (кое може да се види особено во дејствието на совеста). Кога разбојникот ќе биде изведен пред суд, принцот му поставува прашање: „Кога направи зло, зарем не знаеше дека ќе бидеш фатен и предаден на смрт?“ Разбојникот нема да се осмели да каже дека не знаел, бидејќи тоа му било познато. Зарем блудникот не знае дека прави зло? Зарем крадецот не знае дека греши? Зарем луѓето без Писмото, според природниот закон, не знаат дека Бог постои? Во Оној ден, тие нема да можат да кажат дека не знаеле дека Бог постои. Бидејќи, и во секавицата и во громот од небото, тие се известуваат: „Зарем не знаете дека постои Бог кој управува со созданијата?“
42. Преку лажни предавања во измама, некои неправедно тврдат дека човекот конечно умрел и дека не може да се направи ништо добро.
43. На човекот му останала слободата која Бог му ја дал во почетокот. Како што не бил врзан за доброто поради некаква неопходност додека бил совршен, така ниту бил потопен во грев во садот од ѓаволот, останал слободен да расудува за злото.
44. Ти си слободен. Ако сакаш да умреш, природата ти дозволува колебливост. А кој сака, му се покорува на Бога, го следи патот на правдата и владее со желбите, затоа што неговиот разум се спротивставува и одлучно може да ги надмине злобните стремежи и подлите желби.
45. Меѓутоа, тие сепак во залуд навалуваат, мислејќи дека со сопствената слобода ќе се дистанцираат од поводот за грев. Слободата која на човекот му е достапна се протега само во спротивставување на ѓаволот, но не и на моќ над страстите. Зашто, се вели: „Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудно ќе бдее стражата“ (Псалом 126,1).
46. Во нас злото делува, видливо, со сета своја моќ, ни шепоти нечисти желби, иако, како што велат некои, измешано како вино со вода, не, во никој случај, туку како пченицата и кукулот растат одделно на едно поле, или како што во еден дом пособно се наоѓа разбојник, а во друг дом пособено домаќин.
47. И сонцето кое свети и ветерот кој дува имаат своја природа и свое тело. Така и гревот се приближува до душата, но и тој и таа имаат своја посебна природа.
48. Од изворот извира чиста вода, иако на дното лежи тиња. Ако тињата се размати, целиот извор ќе се замати. Така и душата се меша со пороците и тогаш е вознемирена. И се чини дека сатаната постанува едно со душата: и двата духа за време на блуд или убиство како да претставуваат едно цело. Затоа – „…оној, кој со блудница се соединува, станува едно тело со неа?“ (1. Кор. 6:16). И, повторно, самостојната душа дејствува сама, се кае за своите постапки, плаче; се моли и се потсетува на Бога. Како би можела душата да прави такво нешто кога секогаш била потопена во зло? Бидејќи, како суров, сатаната не сака луѓето да бараат покајание.
Преведе,
Прота Митко Попоски
Виндзор, Канада