“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
РАЃАЊЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
(Мала Богородица)
21.Септември
Раѓањето на Пресвета Богородица е првиот празник во Новиот завет – Рождество на Таа Која го даде на светот Христос Спасителот.
Ова е границата помеѓу Стариот и Новиот завет. Денес е празникот кој по достоинство може да се нарече почеток на нашето спасение.
Рождеството на Пресвета Богородица, како што уште и се нарекува (Мала Богородица), се празнува на 21 Септември.
Црковното Предание говори, дека Јоаким и Ана биле благочестиви еврејски сопружници кои го очекувале ветениот Месија. Тие биле стари, но без деца и затоа многу години топло се молеле на Бога, бидејќи меѓу евреите бесплодноста се сметала како знак на Господова немилост. И ете, како одговор на нивните молитви и како награда за непоколебливата верност кон Бога, тие биле благословени со раѓањето на ќерка, која била предназначена да стане Мајка на Христос – Месијата.
Таа што била духовно достојна да стане Христова Мајка морала да биде родена од оние што и самите биле духовно достојни да станат нејзини родители.
Празникот Рождество Богородично го прославува раѓањето на Марија, неа Самата како Божја Мајка, но и Нејзините благочестиви родители. Истовремено, овој празник е почеток на приготвувањето на светот за спасението, затоа што Садот на Светлината, Книгата на Животот и Словото, Источната Врата, Престолот на Премудроста, сето тоа самиот Бог го подготви на земјава со раѓањето на девојчето Марија.
Во своето Евангелие Господ и Бог наш, вели: „Кога доаѓа времето да се роди младенец, тогаш настанува мака, но откако ќе се роди останува само радоста, зашто нов живот влегол во светот.” И кога се раѓа дете, блиските се чудат каква ли ќе биде судбината на тоа дете. Раѓањето на детето е само неговиот прв ден, а каков ли ќе биде долгиот ред од денови кои го чинат човековиот живот, и каков ќе биде последниот ден, која ќе ја сведе сметката на сè што бил животот.
Го празнуваме Раѓањето на Божјата Мајка и нашата мисла е свртена кон неа. Таа се родила, како што вели Евангелието; не од плотска волја, ниту од машка похот. Таа се родила од Бога, како последна, заклучна алка од долгата низа луѓе, мажи и жени. Сите тие имале една заедничка црта, сите тие морале да се борат; тие се бореле во Божјо име, против себе, не против другите, за да торжествува Бог. И постепено, од столетие во столетие тие ја подготвувале Наследничката на својот род, која требало да се роди како секој младенец, во редот на доброто и злото, на гревот и светоста, но, која би била такво дете што би го избрала доброто од самиот свој почеток и ќе живее во чистота и во целосна верност на своето човечко величие.
Со раѓањето на Божјата Мајка почнува надминувањето на онаа преграда која постоела помеѓу човекот и Бог од моментот на гревопадот. Се родила онаа што ќе биде мост меѓу Небото и земјата, таа што ќе биде Врата на Воплотувањето, Врата која се отвора кон Небото. Се радуваме денес, зашто дојде почетокот на спасението. Да и’ се поклонуваме така што да станеме достојни да бидеме од истиот род со неа; од човековиот род од кој се роди Бог, бидејќи таа покажа таква – совршена верност.
Нека е за многу години и за здравје и спасение на нашите души по молитвите и застапништвото на Пресветата Мајка Божја, Владичицата наша, Царицата Небесна, сега и секогаш Дева Марија. Амин
Подготви,
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада